© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ШАЧАШВИЛИ против ГЕРМАНИЈА
(Жалба бр. 9154/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
15 декември 2015 г.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Шачашвили против Германија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет во состав:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş),
Андраш Шају (András Sajó),
Луиз Лопез Гера (Luis López Guerra),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Канлар Хаџијев (Khanlar Hajiyev),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Кристина Пардалос (Kristina Pardalos),
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Јулија Лафранк (Julia Laffranque),
Хелен Келер (Helen Keller),
Андре Потоцки (André Potocki),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Валериу Гритско (Valeriu Griţco),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Јон Фридрик Кулбро (Jon Fridrik Kjølbro), судии,
и Лоренс Иерли (Lawrence Early), правен советник,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 4 март 2015 година и 8 октомври 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 9154/10) против Република Германија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од грузискиот државјанин г-динот Свиади Шачашвили („жалителот“), на 12 февруари 2010 година.
2. Со писмо со датум од 29 декември 2013 година адвокатот на жалителот го извести Судот дека жалителот го информирал дека неговото вистинско име било Автандил Сисвадзе. Судот ги поучи странките на 14 јануари 2014 година дека ќе продолжи со обработка на жалбата под името на предметот Шачашвили против Германија. Ова било името на жалителот што било користено во постапките во прашање пред домашниот суд како и во жалбата што била поднесена до Судот.
3. Жалителот, на кој му била одобрена правна помош, беше затапуван од г-динот Х. Маер-Мјуз, адвокат со пракса во Бремен. Германската Влада („Владата“) беше застапувана од нивните агенти г-ата А. Витлинг-Вогел, г-динот Х.-Ј. Бехренс и г-ата К. Бер, од Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите.
4. Жалителот тврдеше, особено потпирајќи се на членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата дека неговото судење било неправично бидејќи ни тој ни неговиот адвокат не добиле можност во ниедна фаза од кривичните постапки против него да ги испрашаат жртвите и единствените директни сведоци на делото наводно извршено од него во Готинген во февруари 2007 година врз основа на чии изјави Регионалниот суд на Готинген се потпирал кога го осудил.
5. Жалбата ѝ беше доделена на Петтата секција на Судот (правилото 52 § 1 од Деловникот на Судот). Владата била известена за жалбата на 15 јануари 2013 година. На 17 април 2014 година. Судскиот совет на Петтата секција во состав Марк Вилигер (Mark Villiger), претседател, Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger), Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič), Ан Пауер-Форде (Ann Power-Forde), Гана Јудкивска (GannaYudkivska), Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom), Алеш Пејчал (Aleš Pejchal), судии и Клаудиа Вестердиек (Claudia Westerdiek), секретар на Секцијата, едногласно ја прогласил жалбата за делумно допуштена и ја усвоил својата пресуда. Одлучил, со пет гласа наспроти два, дека немало повреда на членот 6 § 1 разгледан во врска со членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата.
6. На 15 јули 2014 г. жалителот побара, во согласност со членот 43 од Конвенцијата и правилото 73 од Деловникот на Судот случајот да биде упатен на Големиот судски совет. Панел на Големиот судски совет го прифати барањето на 8 септември 2014 г.
7. Составот на Големиот судски совет беше утврден согласно одредбите од членот 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правилото 24 од Деловникот на Судот. Во конечното разгледување Јон Фридрик Кулбро и Андраш Шају, заменски судии, ги замениле Хосеп Касадевал и Изабел Беро, кои не можеле да учествуваат во понатамошното разгледување на случајот (Правило 24 § 3).
8. И жалителот и Владата поднесоа молба (правило 59§ 1) по основаноста. Исто така, коментари на трета странка беа примени од чешката Влада, на која претседателот на 3 ноември 2014 ѝ даде дозвола да интервенира во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и правилото 44 § 3).
9. Владата на Грузија, откако беше информирана за нивното право во постапките (членот 36 § 1 од Конвенцијата и правилото 44§§ 1 и 4) не посочи дека сакаат да го искористат тоа право.
10. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 4 март 2015 год. (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за тужената Влада
Г-динХ.-Ј. Бехренс (H.-J. Behrens), Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите, агент,
Г-динХ. Сацгер (H. Satzger), професор по кривично право на Универзитетот во Минхен,
Г-динФ. Цимерман (F. Zimmermann), асистент по право на Универзитетот во Минхен,
Г-динХ. Паецолд (H. Paetzold), Сојузното министерство за правда и заштита на потрошувачите,
Г-динК. Тегетхоф (C. Tegethoff), судија, Министерство за правда на Долна Саксонија, советници;
(б) за жалителот
Г-динХ. Маер-Мјуз (H. Meyer-Mews), адвокат,адвокат,
Г-динА. Ротер (A. Rotter), адвокат,
Г-динЈ. Лам (J. Lam), адвокат,советници.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ата Маер-Мјуз и г-динот Бехренс и нивните одговори на прашањата поставени од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
11. Жалителот е роден во 1978 г. Кога ја поднел својата жалба тој бил затворен во Затворот Росфорд, Германија. Сега живее во Кашури/Сурами, Грузија.
А. Настаните во Касел и Готинген како што биле утврдени од домашните судови
1. Делото извршено во Касел
12. Вечерта на 14 октомври 2006 година жалителот и неидентификуван соучесник ги ограбиле Л. и И., две литвански државјанки, во нивниот стан во Касел.
13. Сторителите биле свесни дека станот се користел за проституција и очекувале дека неговите две станарки чувале вредни работи и кеш таму. Рано вечерта поминале покрај станот за да се сигурни дека нема клиенти или подводник. Набрзо потоа се вратиле и ја совладале Л., која ја отворила вратата кога заѕвониле на ѕвончето. Жалителот им вперил на двете жени пиштол со гас кој наликувал на вистински пиштол и им се заканил дека ќе пука доколку не им кажеле каде ги чувале парите. Додека неговиот соучесник внимавал на жените, жалителот делумно сам собрал по станот и делумно ги присилил жените самите да му дадат околу 1.100 евра и шест мобилни телефони.
2. Делото извршено во Готинген
14. На 3 февруари 2007 година жалителот, заедно со неколку соизвршители, ги ограбиле О. и П., две летонски државјанки кои привремено престојувале во Германија и работеле како проститутки во нивниот стан во Готинген.
15. Вечерта на 2 февруари 2007 година, денот пред извршувањето на делото, еден од сообвинетите на жалителот поминал од кај станот на О. и П. во Готинген заедно со соизвршителот Р., познаник на О. и П. Тие сакале да проверат дали двете жени биле единствените станари и дали чувале вредни работи таму, при што откриле сеф во кујната.
16. На 3 февруари 2007 година околу 20 часот жалителот и уште еден соизвршител, Б., влегле во станот на О. и П. преправајќи се дека се потенцијални клиенти, додека еден од сообвинетите чекал во автомобил паркиран во близина на станбената зграда и уште еден пред зградата. Штом влегле во станот Б. извадил нож што го носел во палтото. П. за да избега од напаѓачите скокнала од балконот кој бил на околу два метра висина од земјата и избегала. Жалителот скокнал по неа но престанал да ја брка после неколку минути кога се појавиле минувачи на улицата во близина. Потоа му се јавил на мобилен на сообвинетиот кој чекал пред зградата каде бил станот на жените и му кажал дека една од жените скокнала од балконот и дека тој ја бркал, но не успал да ја фати. Жалителот се договорил каде да се најде со сообвинетиот за да го соберат со автомобилот откако Б. го напуштил местото на кривичното дело и им се придружил.
17. Во меѓувреме во станот, Б. ја совладал О. заканувајќи ѝ се дека ќе ја убие со ножот доколку не му кажала каде ги криеле парите или ако одбие да му го отвори сефот. Уплашена за својот живот О. го отворила сефот од каде Б. извадил 300 евра и исто така му ги дала и парите од паричникот, 250 евра. Б. го напуштил станот во околу 20.30 часот откако ги зел парите и мобилниот телефон на П. како и фиксниот телефон од станот и им се придружил на сообвинетите. Сообвинетите и Б. потоа го собрале со својот автомобил жалителот на договореното место за средба. Во приближно во 21.30 часот П. се вратила кај О. во станот.
18. О. и П. и раскажале што се случиле на својата сосетка Е. следното утро после инцидентот. Потоа го напуштиле станот во Готинген од страв и неколку дена отседнале кај својата пријателка Л., една од жртвите на кривичното дело извршено во Касел, на која исто така ѝ опишале што се случило во детали дента после настанот.
Б. Истражните постапки во врска со настаните во Готинген
19. На 12 февруари 2007 година Л. ја информирала полицијата за делото извршено врз О. и П. во Готинген. Меѓу 15 и 18 февруари 2007 година. О. и П. биле испрашувани повеќе пати од страна на полицијата во врска со настаните од 2 и 3 февруари 2007 година. Во тие интервјуа тие го опишале текот на настаните како што е дадено горе. Полицијата откако им ги проверила документите на О. и П. утврдила дека нивниот престој и занимање во Германија биле во согласност со германскиот закон за имиграција и трговија.
20. Со оглед дека сведоците за време на полициските интервјуа кажале дека планирале да се вратат во Летонија во наредните денови, на 19 февруари 2007 година обвинителството побарало од истражен судија да ги испита сведоците за да добие веродостојна изјава која ќе можел да ја искористи во текот на судењето (“eine[r] im späteren Hauptverfahren verwertbare[n] wahrheitsgemäße[n] Aussage”).
21. Веднаш потоа на 19 февруари 2007 година О. и П. биле испрашани од истражен судија и повторно го опишале текот на настаните како што е дадено горе. Во тоа време жалителот сè уште не бил известен за истражните постапки кои биле покренати против него за да не ја загрози истрагата. Сè уште не бил издаден налог за апсење и тој сè уште немал адвокат. Истражниот судија го исклучил жалителот од распитот на сведоците пред него во согласност со членот 168в од Законот за кривична постапка (види параграф 56 долу), бидејќи бил загрижен дека сведоците, за кои увидел дека биле значително потресени и вознемирени од инцидентот, ќе се плашеле да ја кажат вистината во присуство на жалителот. Сведоците потврдиле на претресот дека планирале да се вратат во Летонија колку што е можно поскоро.
22. Сведоците О. и П. се вратиле во Летонија наскоро после тоа сослушување. Жалителот последователно бил уапсен на 6 март 2007 година.
В. Судењето пред Регионалниот суд на Готинген
1. Обидите на судот да ги испраша О. и П. и прифаќањето на претпретресните изјави на О. и П.
23. Регионалниот суд на Готинген им испратил на О. и П. судска покана со препорачано писмо да се појават на судењето на 24 август 2007 година. Меѓутоа, двата сведоци одбиле да се појават на претресот пред Регионалниот суд, поднесувајќи лекарски потврди со датум од 9 август 2007 година.
24. Затоа на 29 август 2007 година Регионалниот суд им испратил препорачани писма на двата сведоци информирајќи ги дека судот, иако не бил во состојба да ги обврзи да се појават на судењето во Германија, сепак сакале да ги сослушаат како сведоци на судењето. Судот нагласил дека во Германија ќе биле заштитени и дека сите трошоци што ќе ги направеле за да се појават на претресот би им биле рефундирани, а ги прашал и во кои околности тие би биле волни да сведочат на судењето. Иако за двете писма добиле потврда дека истите биле врачени, не бил добиен никаков одговор од П. О., од своја страна, го информирала Регионалниот суд на писмено дека сè уште била трауматизирана од инцидентот и затоа не се согласувала да се појави на судењето лично, ниту пак би се согласила да сведочи преку аудио-визуелна врска. О. понатаму изјавила дека немала ништо што да додаде на изјавите што ги дала во текот на интервјуата кои биле направени од страна на полицијата и истражниот судија во февруари 2007 година.
25. Регионалниот суд сепак одлучил да побара правна помош од летонските власти согласно Европската конвенција за заемна помош во кривични работи од 20 април 1959 година, со дополнувањата на Конвенцијата за заемна помош во кривични работи меѓу земјите-членки од Европската унија од 29 мај 2000 година (види параграфи 64-66 долу), со оглед дека О. и П. биле обврзани согласно летонскиот закон да се појават во суд во Летонија по доставено барање за правна помош. Тој побарал сведоците да бидат поканети на суд во Летонија за да се организира аудио-визуелен линк со цел да се спроведе испрашување од страна на претседателот на Регионалниот суд (audiovisuelle Vernehmung). Тој сметал, упатувајќи на членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата, дека адвокатот на одбраната и обвинетиот, како и судијата и обвинителството имале право да им постават прашања на сведоците за првпат.
26. Меѓутоа, испрашувањето на сведоците О. и П. закажано од надлежниот летонски суд за 13 февруари 2008 година било откажано кратко пред тој датум од страна на надлежниот летонски судија. Тој утврдил дека сведоците, повторно повикувајќи се на лекарски потврди, сè уште страдале од пост-трауматско нарушување како последица на настанот и дека понатамошното соочување со настаните во Готинген би можело да доведе до влошување на нивната состојба. О. понатаму тврдела дека после заканите од обвинетиот таа се плашела од можна одмазда.
27. Со писмо со датум од 21 февруари 2008 година Регионалниот суд, кој добил копии од лекарските потврди поднесени од сведоците до летонскиот суд на барање на Регионалниот суд, го информирал летонскиот суд дека согласно стандардите на германското процесно право, сведоците недоволно го поткрепиле своето одбивање да сведочат. Судот му предложил на надлежниот летонски судија дека сведоците требале да бидат прегледани од службено медицинско лице (Amtsarzt) или да им биде наложено задолжително да се појават на претресот. На писмото не добиле одговор.
28. Со одлука од 21 февруари 2008 година Регионалниот суд го отфрлил приговорот на адвокатот на еден од сообвинетите на прифаќањето на претпретресните изјави на сведоците, и наложил записниците од интервјуата со О. и П. спроведени од полицијата и истражниот судија да бидат прочитани на судењето согласно членот 251 §§ 1 (2) и 2 (1) од Законот за кривична постапка (види параграф 61 долу). Тој сметал дека како што било барано од споменатите одредби постоеле ненадминливи пречки поради кои било невозможно да се сослушаат сведоците во блиска иднина бидејќи не можеле да стапат во контакт со нив. Не било можно да се сослушаат сведоците О. и П. во текот на судењето, бидејќи тие се вратиле во матичната земја, Летонија, брзо по нивните интервјуа во текот на фазата на истрага и сите обиди да се сослушаат во доказната постапка во текот на главниот претрес, за што судот немал средства со кои ќе можел да ги присили, не дале резултати. Посочувајќи дека судовите имале обврска постапките кои вклучувале лишување од слобода да ги спроведат експедитивно, и со оглед на фактот дека обвинетиот веќе подолго време бил во притвор, судот сметал дека не било оправдано дополнително да се одлагаат постапките.
29. Регионалниот суд нагласил дека во истражната фаза немало индикации дека О. и П., кои сведочеле во неколку прилики пред полицијата и потоа пред истражниот судија, ќе одбиеле да ги повторат своите изјави во текот на судењето. Тој сметал дека и покрај ограничувањата за одбраната што произлегле заради прифаќањето на изјавите на О. и П. дадени во претпретресната постапка како докази во постапките, судењето во целост можело да се спроведе на правичен начин и во согласност со барањата на членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата.
2. Пресудата на Регионалниот суд
30. Со пресуда од 25 април 2008 година Регионалниот суд на Готинген, разгледувајќи ги фактите утврдени како што беа опишани горе, го осудил жалителот по две точки за тешка кражба проследена со тешка форма на изнудување кои вклучувале присила, извршени заедно со други сторители во Касел на 14 октомври 2006 година односно Готинген на 3 февруари 2007 година. Тој го осудил жалителот, кој бил застапуван од адвокат на судењето, на девет години и шест месеци затворска казна.
(а) Оценка на доказите кои биле на располагање за кривичното дело во Касел
31. Регионалниот суд ги базирал своите фактички наоди во врска со делото извршено од страна на жалителот во Касел врз изјавите дадени за време на судењето од страна на жртвите Л. и И., кои го идентификувале жалителот без двоумење. Понатаму забележал дека нивните изјави биле поддржани од изјавите кои за време на судењето биле дадени од полициските службеници кои дошле на местото на злосторството и ги интервјуирале Л. и И. во текот на прелиминарната истрага. Со оглед на овие елементи, Регионалниот суд сметал дека изјавите дадени од жалителот, кој првично тврдел дека е невин, а потоа признал дека тој бил во станот на Л. и И. но дека само тајно украл 750 евра сам после расправа со жените, биле побиени.
(б) Оценка на доказите кои биле на располагање за кривичното дело во Готинген
(i) Изјавите на О. и П.
32. При утврдувањето на фактите во врска со кривичното дело во Готинген, Регионалниот суд се потпирал особено на претпретресните изјави на жртвите О. и П., кои ги сметал за клучни сведоци за обвинението (maßgebliche[n] Belastungszeuginnen), дадени во текот на нивното испрашување од страна на полицијата и пред истражниот судија.
33. Во својата пресуда, која била околу 152 страници долга, Регионалниот суд посочил дека бил свесен за намалената доказна вредност на записниците од претпретресните сведочења на О. и П. Понатаму го зел во предвид фактот дека ниту жалителот ниту адвокатот на одбраната не добиле можност да ги испрашаат единствените директни сведоци на кривичното дело во Готинген во ниедна фаза од постапките.
34. Регионалниот суд забележал дека записниците од интервјуата на О. и П. во фазата на истрагата покажале дека дале детален и кохерентен опис на околностите на делото. Помалите контрадикторности во нивните изјави можеле да се објаснат со нивната загриженост да не им обелоденат на властите каде живеат и нивните активностите, како и со психолошкиот напор кои го претрпеле за време и по инцидентот. Сведоците се плашеле од проблеми со полицијата и одмазда од сторителите. Ова објаснувало зошто не го пријавиле делото веднаш после инцидентот, и зошто полицијата била информирана дури на 12 февруари 2007 година од страна на Л.
35. Регионалниот суд понатаму го забележал фактот дека О. и П. не успеале да го идентификуваат жалителот кога им биле прикажале фотографии на потенцијални осомничени за време на полициските интервјуа. Тој забележал дека вниманието на сведоците за време на инцидентот бил фокусиран на другиот сторител кој го носел ножот и дека самиот жалител останал само кратко време во станот. Нивната неспособност да го идентификуваат жалителот исто така покажала дека спротивно на тврдењата на одбраната, сведоците не сведочеле со цел да го инкриминираат него. Судот понатаму сметал дека фактот дека сведоците не се појавиле на судењето можел да се објасни од нивната вознемиреност поради тоа што ќе требале да се потсетат и да бидат испрашани за делото, и затоа тоа не влијаело на нивниот кредибилитет.
(ii) Дополнително докази кои биле на располагање
36. При своето утврдување на фактите, Регионалниот суд понатаму се осврнал на следниве дополнителни докази: изјавите дадени на судењето од страна на неколку сведоци на кои О. и П. им кажале за инцидентот набрзо откако се случил, имено сосетката на жртвите Е. и нивната пријателка Л., како и полициските службеници и истражниот судија кои ги испитале О. и П. во претпретресната фаза; географските податоци и информации добиени со прислушувањето на мобилните телефони на жалителот и сообвинетите и преку приемник на сателитскиот систем за глобално позиционирање („ГСП“) поставен во автомобилот на еден од сообвинетите; признанието на жалителот во текот на судењето дека тој бил во станот на жртвите во релевантното време; сличноста во начинот на кој биле извршени кривичните дела во Касел и Готинген.
37. Регионалниот суд нагласил дека откако сведоците О. и П. се покажало дека се недостапни, обезбедил колку што е можно повеќе сведоци кои биле во контакт со О. и П. во врска со настаните во прашање да бидат сослушани на судењето со цел да се потврди кредибилитетот на жртвите.
38. Според мислењето на Регионалниот суд фактот дека деталниот опис на настаните даден во претпретресните изјави на О. и П. бил доследен со тој што ѝ го дале утрото после настанот на нивната сосетка Е. претставувало силна индикација за нивниот кредибилитет и вистинитоста на нивните изјави. Е. понатаму сведочела дека вечерта на 3 февруари 2007 година во околу 21.30 часот, друга сосетка, постара жена која се уплашила и се налутила кога ја видела П. како трча покрај нејзиниот прозорец, ја повикала и ја замолила да дојде со неа до станот на жените за да проверат што се случило. Меѓутоа О. и П. не одговориле кога сосетките заѕвониле на ѕвончето.
39. Регионалниот суд понатаму забележал дека описот на О. и П. на настаните исто така бил доследен со сеќавањето на нивната пријателка Л. на разговорот со О. и П. после настанот.
40. Дополнително Регионалниот суд забележал дека тројцата полициски службеници и истражниот судија кои ги испитале О. и П. во претпретресната фаза сведочеле на судењето дека сметале дека можело да им се верува на О. и П.
41. Регионалниот суд нагласил дека бидејќи ниту одбраната ниту самиот суд немале можност да го видат држењето на главните сведоци на судењето или за време на испитувањето со помош на аудио-визуелен линк, морал да пристапи со посебна внимателност при оценувањето на проценката на кредибилитетот на сведоците направена од страна на полициските службеници и истражниот судија. Судот понатаму забележал дека кога ги земал во предвид сведочењата на сосетката на сведоците Е. и нивната пријателка Л., посебно внимание се обратило на фактот дека нивните изјави претставувале доказ од втора рака и морале да се проценат со посебно внимание.
42. Во овој контекст било важно дека сведочењата на О. и П., како и изјавите на дополнителните сведоци чуени на судењето, биле поддржани од дополнителни важни и допуштени докази како што се податоци и информации добиени преку следење на мобилните телефони на жалителот и сообвинетите и преку ГПС. Информациите во прашање биле собрани во контекст на полициските мерки за следење спроведени во релевантното време во текот на кривичната истрага покрената против обвинетиот заради сомнеж за рекетарство и изнудување меѓу корисниците на дрога во Готинген.
43. Од географските податоци и од записите на двата разговори по мобилен телефон меѓу еден од сообвинетите и жалителот вечерта на 3 февруари 2007 година во 20.29 часот и 20.31 часот дека жалителот бил во станот на жртвата заедно со Б. и дека тој скокнал од балконот за да ја брка една од жртвите која избегала, и која не успеал да ја фати, додека Б. останал во станот. Понатаму анализата на ГПС податоците покажала дека автомобилот на сообвинетиот бил паркиран во близина на местото на злосторството од 19.58 часот до 20.32 часот вечерта на 3 февруари 2007 година, период кој се поклопил со временската рамка во која се случил грабежот во прашање.
44. Понатаму, иако жалителот и сообвинетиот негирале какво било учество во грабежот како таков или некаква однапред планирана кривична активност, нивните изјави за време на судењето барем потврдиле дека еден од сообвинетите заедно со Р. го посетиле станот на жртвите во Готинген вечерта пред инцидентот и дека сите биле во автомобилот паркиран во близина на станот на жртвите во времето кога било извршено кривичното дело. Обвинетиот првично изјавил дека друг сторител и Р. биле во станот во времето на инцидентот следниот ден. Жалителот последователно ги сменил изјавите и тврдел дека тој и Б. биле тие што влегле во станот на жртвите на 3 февруари 2007 година со став да ги искористат услугите на жените како проститутки. Тој потоа признал дека тој ја следел П. кога таа избегала преку балконот. Тој објаснил дека така постапил за да ја спречи да ги повика соседите или полицијата, бидејќи заради своето криминално досие тој се плашел дека можел да има проблеми и заради проблемите што ги имал претходно со проститутки во слична прилика во Касел.
45. Конечно, Регионалниот суд сметал дека многу сличниот начин на кој биле извршени делата во стан против две жени жртви, странски државјанки кои работеле како проститутки, претставувал дополнителен елемент кој посочувал дека жалителот исто така учествувал во делото извршено во Готинген.
46. Според гледиштето на Регионалниот суд, корпусот на докази земени заедно, давале кохерентна и целосна слика за настаните кои го поддржале приказот даден од сведоците О. и П. и ги отфрлале контрадикторните верзии на настаните претставени од жалителот и другите сообвинети во текот на судењето.
Г. Постапките пред Сојузниот суд на правдата
47. На 23 јуни 2008 година жалителот, застапуван од адвокат, поднел жалба по точките од законот против пресудата на Регионалниот суд на Готинген. Тој се жалел дека тој не бил во можност да ги испита единствените директни и клучни сведоци на делото извршено во Готинген во ниедна фаза од постапките, со што бил прекршен членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата. Со оглед дека обвинителството, спротивно на судската пракса на Сојузниот суд на правдата (жалителот упатил на пресуда со датум од 25 јули 2000 година, види параграфи 58-59 и 32 долу), не побарале да му се додели адвокат пред сослушувањето на О. и П. пред истражен судија, нивните изјави морале да бидат исклучени од судењето.
48. Во писмените поднесоци со датум од 9 септември 2008 година сојузниот главен јавен обвинител побарал жалбата на жалителот по точки од законот да биде отфрлена од Сојузниот суд на правдата како евидентно неоснована во писмените постапки, согласно членот 349 § 2 од Законот за кривична постапка (види параграф 63 долу). Сојузниот главен јавен обвинител тврдел дека иако било вистина дека постапките се карактеризирале со „целосно губење“ на правото на жалителот да ги испраша О. и П. (“Totalausfall des Fragerechts”), тие како целина биле правични и немало никаква причина да се исклучат сведочењата на О. и П. како доказ.
49. Сојузниот главен јавен обвинител сметал дека Регионалниот суд ја проценил содржината на записниците од сведочењата на сведоците прочитани на судењето на особено внимателен и критичен начин. Понатаму, изјавите на жртвите не биле ниту единствената ниту пресудната основа за осудувањето на жалителот од страна на Регионалниот суд, со оглед дека тој својата одлука ја засновал на дополнителни важни докази. Со оглед на различните нивоа на докази во поткрепа, жалителот имал бројни можности да го оспори кредибилитетот на двата сведоци на обвинителството и да се брани ефективно.
50. Потврдувајќи го образложението на Регионалниот суд, сојузниот главен јавен обвинител понатаму посочил дека немало ништо што демонстрирало дека ограничувањата на правото на одбраната да ги испита сведоците О. и П. не можеле да им се препишат на домашните власти. Обвинителството не било обврзано да му назначи адвокат на жалителот со цел адвокат да присуствува на претресот на истражниот судија. Со оглед на конзистентната соработка на сведоците, властите немале никаква причина да очекуваат, и покрај нивното враќање во нивната матична земја, дека тие повеќе немале да бидат достапни да бидат испрашани за време на судењето, особено со оглед дека биле обврзани согласно летонското право барем со учество преку видео линк.
51. Со одлука од 30 октомври 2008 година Сојузниот суд на правдата, упатувајќи на членот 349 § 2 од Законот за кривична постапка, ја отфрлил жалбата на жалителот по точки од законот кои биле евидентно неосновани.
52. Во својата одлука од 9 декември 2008 година со која била отфрлена претставката на жалителот во врска со повреда на неговото право да биде сослушан (Anhörungsrüge) Сојузниот суд на правдата посочил дека секоја одлука со која се отфрлала жалба врз основа на членот 349 § 2 од Законот за кривична постапка неопходно вклучувала упатување на образложената жалба од страна на сојузниот главен јавен обвинител.
Д. Постапките пред Сојузниот уставен суд
53. Во уставна претставка со датум од 30 декември 2008 година против одлуките на Сојузниот суд на правдата од 30 октомври и 9 декември 2008 година жалителот се жалел особено дека имало повреда на неговото право на правично судење и на неговите права на одбрана согласно членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата. Тој тврдел дека ниту тој ниту неговиот адвокат немале можност да ги испрашаат О. и П. во ниедна фаза од постапките.
54. Со одлука од 8 октомври 2009 година Сојузниот уставен суд, без да даде образложение, одбил да ја разгледа претставката на жалителот (досие бр. 2 BvR 78/09).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Релевантните одредби и пракса во врска со спроведувањето на истражните постапки
55. Членот 160 §§ 1 и 2 од Законот за кривична постапка предвидува дека при истражувањето на фактите во врска со сомнежот дека било извршено кривично дело, јавното обвинителство мора да ги истражи не само инкриминирачките туку исто така и ослободителните околности и мора да се внимава доказите што можат да се изгубат да се приберат.
56. Согласно членот 168в § 2 од Законот за кривична постапка, обвинителот, обвинетиот и адвокатот на одбраната се овластени да бидат присутни за време на судското испрашување на сведок пред да се отвори главната постапка. Судијата може да го исклучи обвинетиот да не биде присутен за време на претресот доколку неговото или нејзиното присуство може да ја загрози целта на истрагата, особено доколку постои ризик сведокот да не ја каже вистината во присуство на обвинетиот (член 168в § 3 од Законот за кривична постапка). Лицата кои имаат право да бидат присутни мораат да добијат претходно известување за датумите што се одредени за претресот. Известувањето може да се изостави доколку со тоа се загрозува истрагата (член 168в § 5 од Законот за кривична постапка).
57. Во согласност со членот 141 § 3 од Законот за кривична постапка, адвокат на одбраната може да биде назначен во текот на истражните постапки. Јавното обвинителство бара такво назначување доколку по негово мислење помошта на адвокатот на одбраната во главните постапки ќе биде задолжително. Помошта на адвокатот на одбраната е задолжителна доколку, меѓу другото, главната расправа се одржува превостепено пред Регионалниот суд или обвинетиот е обвинет за сериозно кривично дело (член 140 § 1 (1) и (2) од Законот за кривична постапка).
58. Во водечката пресуда од 25 јули 2000 година (објавена во службените извештаи, BGHSt, том 46, pp. 96 et seq.), Сојузниот суд на правдата утврдел дека членот 141 § 3 од Законот за кривична постапка, толкуван во контекст на членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата, им наметнал обврска на истражните власти да го разгледаат назначувањето на адвокат на обвинет кој не е застапуван доколку клучниот сведок за обвинителството требал да сведочи пред истражен судија за потребата од обезбедување на докази и ако обвинетиот бил исклучен од претресот.
59. Сојузниот суд на правдата нагласил дека почитувањето на правото за вкрстено испрашување барало на назначениот адвокат да му се даде можност да го разгледа проблемот со обвинетиот пред да биде испрашан сведокот од истражен судија, со цел да биде во позиција да ги постави релевантните прашања. Судот исто така забележал дека може да биде неопходно да се назначи адвокат за обвинетиот доколку постоеле оправдани причини да не се извести адвокатот за претресот пред истражен судија или доколку одложувањето, кое може да е предизвикано од назначувањето и вклучувањето на адвокат би го довел во опасност успехот на истрагата. Во случајот пред него Сојузниот суд на правдата понатаму не морал да утврди дали било неопходно да се назначи адвокат за обвинетиот кога целта на истрагата може да биде загрозена просто како резултат на адвокат кој со обвинетиот ќе разговара за предметот пред претресот.
Б. Релевантните одредби и пракса во врска со водењето на судењето
60. Членот 250 од Законот за кривична постапка го постави принципот според кој кога доказот за фактот се заснова на нешто што видело лицето, тоа лице мора да се испраша во текот на судењето. Испрашувањето не смее да биде заменето со читање на записници од претходни испрашувања или писмена изјава.
61. Членот 251 од Законот за кривична постапка содржи низа исклучоци на тој принцип. Согласно членот 251 § 1 (2), испрашувањето на сведок може да биде заменето со читање на записници од претходни испрашувања доколку сведокот починал или не може да биде испрашан од судот заради други причини во блиско време. Членот 251 § 2 (1) од Законот за кривична постапка предвидува дека во случај на претходно испрашување од страна на еден судија, испрашувањето на еден сведок може да биде заменето со читање на писмен записник од негово или нејзино претходно испрашување; ова исто така важи доколку болест, немоќ или други ненадминливи пречки го спречат сведокот да се појави на главниот претрес на подолго или неодредено време.
62. Во гореспоменатата пресуда од 25 јули 2000 година (види параграфи 58-59 горе), Сојузниот суд на правдата утврдил дека неназначувањето на адвокат за обвинетиот согласно членот 141 § 3 од Законот за кривична постапка не резултирало со исклучување на доказите добиени за време на испрашувањето од страна на истражниот судија, но со тоа се намалила нивната вредност. Мора да се земат во предвид постапките како целина. По правило, осудителната пресуда може да се заснова на изјава од сведок кој одбраната не можела вкрстено да го испраша само ако изјавата била поткрепена од други важни фактори независни од неа. Судот во кој се одвива судењето понатаму бил обврзан да ги оцени доказите со посебно внимание, исто така земајќи го во предвид фактот дека изјавата дадена од истражниот судија на судењето претставувала доказ од втора рака.
В. Одредба во врска со жалби по точки од закон
63. Согласно членот 349 § 2 од Законот за кривична постапка судот кој одлучува по жалбата по точки од закон може, врз основа на образложена жалба на јавното обвинителство да ја отфрли жалбата на обвинетиот по точки од законот без претрес доколку смета дека жалбата била евидентно неоснована. Одлуката мора да биде едногласна.
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
64. Заемната помош по кривичните прашања меѓу Германија и Летонија се води, пред сè, од Европската конвенција за заемна помош во кривични работи од 20 април 1959 година, дополнета со Конвенцијата за заемна помош во кривични работи меѓу земјите-членки на Европската Унија од 29 мај 2000 година.
65. Членот 10 од Европската конвенција за заемна помош во кривични работи меѓу земјите-членки на Европската Унија од 29 мај 2000 година ја предвидува можноста да се испрашаат сведоци со помош на видео конференција. Таквите претреси мора да се спроведат во присуство на судски орган од земјата-членка од која било барано тоа и да се спроведе од судски орган од земјата-членка која го барала тоа. Сведокот може да се повика на правото да не сведочи што му следува согласно правото на земјата членка која го барала тоа или од која било барано (член 10 § 5 од спомената Конвенцијата). Секоја земја-членка мора да ги преземе неопходните мерки за да обезбеди, кога се сослушуваат сведоците на нејзината територија и кога одбиваат да сведочат, а се под обврска да сведочат, нејзиното национално право да се применува на ист начин како претресот да се случува во национална постапка (член 10 § 8 од Конвенцијата).
66. Членот 8 од Европската конвенција за заемна помош во кривични работи од 20 април 1959 година уредува дека еден сведок кој нема да одговори на судските покани да се појави издадени од земјата која го бара тоа нема да подложи на никаква казна освен ако последователно не стапне доброволно на територијата на земјата што го бара тоа и таму повторно му се достави соодветна судска покана.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 §§ 1 И 3 (г) ОД КОНВЕНЦИЈАТА
67. Жалителот се жалеше дека неговото судење било неправично и дека принципот на еднаквост на оружјето бил прекршен бидејќи ниту тој ниту неговиот адвокат не добиле можност во ниедна фаза од кривичните постапки да ги испрашаат О. и П., единствените директни сведоци и жртвите на делото кое наводно било извршено од него во Готинген во февруари 2007 година. Тој се повика на членот 6 од Конвенцијата којшто во релевантниот дел го уредува следново:
„1. При утврдувањето на ... некакво кривично обвинение против него, секој има право на правичен ... претрес ... од [а]... суд...
3. Секој обвинет за кривично дело ги има следните минимални права:
...
(г) самиот да ги испраша или да бидат испрашани сведоците на обвинението и да добие присуство и испрашување на сведоците на одбраната под услови што важат и за сведоците на обвинението; ...“
68. Владата го оспори тој аргумент.
А. Пресудата на Судскиот совет
69. Судскиот совет одлучи дека немало повреда на членот 6 § 1 разгледан во врска со членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата .
70. Применувајќи ги принципите утврдени од Судскиот совет во својата пресуда во случајот Ал-Каваџа и Тахери против Обединетото Кралство (Al-Khawaja and Tahery v. the United Kingdom ([GC], nos. 26766/05 and 22228/06, ECHR 2011)), Судскиот совет одлучил дека постоела добра причина за тоа дека сведоците не се појавиле на судењето. Регионалниот суд направил разумни напори да овозможи сведоците да бидат испрашани. Фактот дека сите напори во оваа смисла останале без резултати не можел да му се препише на судот. Судскиот совет понатаму сметал дека иако изјавите на сведоците во прашање можеби не биле единствениот и пресуден доказ врз основа на кој жалителот бил осуден, тие јасно имале значајна тежина при утврдувањето на вината.
71. Меѓутоа, според гледиштето на Судскиот совет постоеле значителни фактори на противтежа за да се надомести за тешкотиите под кои одбраната работела како резултат на прифаќањето на изјавите од сведочењето на жртвите. Тој сметал дека Регионалниот суд се придржувал на процедуралната заштита согласно домашното право. Согласно членот 168в од Законот за кривична постапка (види параграф 56 горе), на обвинетиот и адвокатот на одбраната по правило им било дозволено да присуствуваат за време на судското испрашување на сведок во претпретресната фаза. Меѓутоа било оправдано да се исклучи жалителот, кому сè уште не му бил доделен адвокат во тоа време, за сослушување на О. и П. од страна на истражен судија, а во согласност со членот 168в § 3 од Законот за кривична постапка. Загриженоста на истражниот судија дека осомничените ќе извршеле притисок на сведоците веднаш штом тие или адвокатот ќе биле информирани за претресот, со што се загрозувале тековните истраги, било добро основана. Судскиот совет исто така забележал од поднесокот на Владата дека во времето на претресот, не можело да се предвиди дека сведоците кои веќе дале докази во неколку прилики ќе одбиеле да сведочат на судењето.
72. Исто така Судскиот совет забележал дека Регионалниот суд темелно ги проучил изјавите на сведоците О. и П. во контекст на нивната намалена доказна вредност. Дека судот исто така ги зел во предвид изјавите на два сведоци, Е. и Л., на кои жртвите им се довериле веднаш по инцидентот. Кохерентните сведочења биле поткрепени од фактички докази добиени со прислушување на телефони, ГПС следење и сопственото признание на жалителот дека бил во станот на жртвите во времето на инцидентот. Исто така, сличноста на начинот на кој биле извршени делата во Касел и Готинген дополнително ги поткрепиле наодите на судот. Постапките како целина оттука биле правични.
Б. Изјаснување на странките
1. Жалителот
73. Според изјаснувањето на жалителот му било повредено неговото право на правично судење, вклучително и правото да ги испраша сведоците согласно членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата. Тој нагласи дека ниту тој ниту неговиот адвокат немале шанса во ниедна фаза од постапките да ги испрашаат клучните сведоци О. и П.
(а) Принципите што се применуваат
74. Во своите забелешки пред Големиот судски совет жалителот се согласил дека принципите развиени од Судот во случајот Ал-Каваџа и Тахери (цитиран горе) важеле и за неговиот случај. Тој нагласил дека согласно судската пракса, доколку на одбраната не ѝ се даде можност вкрстено да го испраша сведокот на обвинителството тоа ќе значело повреда на членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата освен во исклучителни околности.
(б) Дали постоела добра причина за непојавувањето на сведоците О. и П. на судењето
75. Во изјаснувањето на жалителот немало добра причина за непојавувањето на сведоците О. и П. на неговото судење. Психолошките проблеми кои наводно ги предизвикал инцидентот во Готинген не ги спречило сведоците да им дадат изјави на полицијата и истражниот судија во истражната фаза. Исто така и самиот Регионален суд на Готинген сметал дека немало доволна причина за сведоците да не се појават на судењето. Дополнителни обиди требале да се направат од домашните власти за да се обезбеди тие сведоци да се сослушаат на судењето, имено преку средства за билатерално преговарање со Летонија на политичко ниво.
(в) Дали доказите од отсутните сведоци биле единствената или пресудната основа за осудувањето на жалителот
76. Според гледиштето на жалителот, неговото осудување се засновало барем во пресудна мерка на доказите дадени од О. и П., кои биле единствените очевидци на настаните во Готинген. Тој не можел да се прогласи за виновен врз основа на другите докази што ги имале на располагање доколку доказите обезбедени од сведоците О. и П. биле отфрлени.
(г) Дали постоеле доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности под кои работела одбраната
77. Жалителот зазеде гледиште дека немало фактори на противтежа за да се надомести за тешкотиите што ѝ биле предизвикани на одбраната како резултат на отсуството на сведоците на судењето.
78. Жалителот се изјасни дека Регионалниот суд не ги проценил изјавите дадени од сведоците О. и П. со посебно внимание. Тој не го зел во предвид фактот дека тоа што сведоците не успеале да присуствуваат на претресот пред него без адекватно оправдување влијаело на нивниот кредибилитет. Исто така фактот дека имало некои дополнителни докази од втора рака и дека жалителот имал можност да го испраша истражниот судија не претставувале доволни фактори на противтежа за да се обезбеди еднаквост на оружјето во постапките. Фактот дека согласно германскиот закон за кривична постапка обвинителот имал обврска да ги испита и инкриминирачките и ослободителните докази против обвинетиот (види параграф 55 горе) не компензирало за тоа дека немал шанса вкрстено да ги испраша сведоците на обвинителството, бидејќи обвинителството не ги испитало ослободителните докази во неговиот случај.
79. Жалителот особено нагласил дека тој бил лишен од процедурална заштита согласно домашното право насочена кон заштита на неговото право на одбрана, со оглед дека на адвокатот што го застапувал не му било дозволено да биде присутен за време на сослушувањето на сведоците О. и П. пред истражниот судија. Согласно важечките одредби на Законот за кривична постапка (член 141 § 3, прочитан во врска со членот 140, види параграф 57 горе), како што бил толкуван од Сојузниот суд на правдата (тој упатил на пресудата на тој суд од 25 јули 2000 година, види параграфи 58-59 и 62 горе), обвинителството било обврзано да назначи адвокат да го застапува во фазата на истражните постапки. Ова требало да се направи пред сослушувањето на главните сведоци на обвинителството од страна на истражниот судија, од кое тој бил исклучен согласно членот 168в § 3 од Законот за кривична постапка. Во такви околности адвокатот на одбраната имал право да биде присутен на сослушувањето на сведокот согласно членот 168в § 2 од Законот за кривична постапка (освен во околностите набројани во членот 168в § 5 од Законот за кривична постапка, кои не постоеле во овој случај). Тој упатил на наодите во пресудата на овој Суд во случајот на Хумер против Германија (Hümmer v. Germany (no. 26171/07, §§ 42 et seq., 19 July 2012)) во поткрепа на своето тврдење.
80. Жалителот нагласил дека во пракса сведоците биле сослушувани само од истражен судија во текот на истражните постапки покрај нивното испитување од полицијата, доколку постоела опасност да се изгубат доказите. Записникот од испрашувањето од страна на истражниот судија можел да се прочита и искористи како доказ на судење под помалку строги услови за разлика од записниците од интервјуата на полицијата (член 251 §§ 1 и 2 од Законот за кривична постапка, види параграф 61 горе). Присуството на обвинетиот и на адвокатот на сослушувањето спроведено од истражен судија во согласност со членот 168в § 2 од Законот за кривична постапка било оттука од суштинска важност во заштита на правото на обвинетиот согласно членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата.
81. Според изјаснувањето на жалителот, не било оправдано да не му се даде тоа право просто бидејќи истражниот судија се здобил со погрешен впечаток дека сведоците се плашеле да сведочат во присуство на жалителот, па дури и во присуство на неговиот адвокат, без да добие образложение за таквите стравови. Во секој случај, ова немало да го оправда исклучувањето на жалителот и на адвокатот од сослушувањето со оглед дека постоеле различни средства за да се ублажат таквите стравови. Со оглед дека сведоците О. и П. требале да заминат од Германија набрзо после нивното сослушување од истражен судија ќе било можно да му се назначи адвокат на жалителот пред самото сослушување и да се уапси жалителот пред тоа сослушување и на тој начин да му се дозволи нему или барем на неговиот адвокат да ги испраша сведоците лично без тие да се плашат од некакво заплашување.
82. Според ставот на жалителот веројатноста сведоците О. и П., кои најверојатно подложеле на казна согласно трговските или даночните закони заради нивната работа како проститутки, повеќе немале да бидат достапни да сведочат во Германија во постапките против него, било предвидливо за истражните власти. Тој сепак нагласил дека немало никаква причина да бара повторување на сослушувањето од страна на истражниот судија во негово присуство после неговото апсење, бидејќи претпоставил дека ќе можел вкрстено да ги испраша сведоците на судењето; сведоците во секој случај веќе ја напуштиле Германија во времето на неговото апсење.
2. Тужената Влада
83. Владата се изјаснила дека постапките против жалителот биле во согласност со членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата и покрај фактот дека жалителот немал можност вкрстено да ги испита сведоците О. и П. во некоја од фазите на постапките.
(а) Принципите што се применуваат
84. Според гледиштето на Владата немало причини да се затегнат или изменат принципите утврдени од страна на Судот во неговата пресуда во случајот Ал-Каваџа и Тахери (цитиран горе), кои важеле во овој случај, и според кои вкрстеното испрашување на сведоците можело да се изостави во одредени околности. Наодите на Судот во таа пресуда, дадени во контекст на системот на општото право требале да се транспонираат во системите на континенталното право на флексибилен начин. Дури и ако се применеле овие принципи, опсегот за исклучоците од принципот на вкрстено испрашување можел да биде поширок во системите на континенталното право каков што бил германскиот правен систем. Тој се потпирал во поголема мерка на професионални судии кои имале искуство во оценувањето на веродостојноста на доказите, и проценката на доказите била правена многу потранспарентно во образложувањето на пресудите.
85. Владата додаде дека компаративната правна студија порачана од нивна страна покажала дека во ниедна од земјите потписнички на Конвенцијата со кривично-правен систем сличен на германскиот немало неограничено право за обвинетиот вкрстено да го испрашува сведокот на обвинителството за време на претресот. Исто така, во многу други правни системи не било забрането да се прибегне кон записниците од претходните испитувања на сведокот дури и ако обвинетиот не можел да го испраша сведокот во прашање во таа фаза.
(б) Дали постоела добра причина за непојавувањето на сведоците О. и П. на судењето
86. Според гледиштето на Владата, имало добра причина, како што било дефинирано со судската пракса на Судот, за тоа што сведоците О. и П. не се појавиле на судењето. Регионалниот суд ги направил сите разумни напори да се сослушаат сведоците, кои живееле и работеле легално во Германија, лично на судењето или да ги испраша преку видео конференција со помош на летонските судови. Тој им испратил на сведоците судски покани. После поднесувањето на лекарските потврди од страна на сведоците, судот повторно се обидел да го обезбеди нивното присуство со тоа што ги информирал дека тие би биле заштитени и побарал од нив да кажат под какви околности тие би биле подготвени да сведочат. Регионалниот суд немал јурисдикција да ги присили сведоците, кои биле летонски државјанки и кои живееле во Летонија, да се појават на претресот во Германија, бидејќи мерките за присила биле забранети согласно членот 8 од Европската конвенција за заемна помош во кривичните работи (види параграф 66 горе),
87. Владата се изјаснила дека Регионалниот суд потоа побарал од летонските власти по пат на правна помош во согласност со применливите правила, сведоците да бидат поканети со судска покана од суд во Летонија за да бидат испрашани преку видео конференција. Меѓутоа, летонскиот суд го одложил претресот после прелиминарниот разговор со сведоците, кои повторно поднеле лекарски потврди. Барањето на Регионалниот суд до летонскиот суд да ги потврди основите дадени од сведоците за нивното одбивање да сведочат, или да испитаат дополнителни начини за нивно испрашување, останало неодговорено. Немало ништо што можело да посочи дека сослушувањето на сведоците можело да се спроведе со други средства како што се билатерални преговори на политичко ниво, споменати за првпат од жалителот во постапките пред Судот.
(в) Дали доказите од отсутните сведоци биле единствената или пресудната основа за осудувањето на жалителот
88. Владата се изјаснила дека според гледиштето на Регионалниот суд, кое било пресудни во однос на тоа, изјавите од сведоците дадени од О. и П. биле „релевантни“ (“maßgeblich”) како дел од основот за осудување на жалителот. Меѓутоа исто така постоеле и низа други важни докази, вклучително и резултатите од полициските мерки за следење и изјавите на самиот жалител, кој дозволил да се провери вистинитоста на изјавите на сведоците. Прашањето дали доказите изнесени од сведоците во прашање, во контекст на овие елементи, достигнале ниво на „пресудни докази“ за потребите на судската пракса на Судот можело да се остави отворено, бидејќи во секој случај доволно фактори на противтежа биле и неопходни и присутни во случајот на жалителот за да се надомести за отсуството на можност за жалителот да ги испраша сведоците.
(г) Дали постоеле доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности под кои работела одбраната
89. Според изјаснувањето на Владата, неможноста на жалителот да ги испраша сведоците О. и П. било доволно компензирано од страна на Регионалниот суд, кој направил сеопфатна и критичка проценка на кредибилитет на изјавите на сведоците. Регионалниот суд ги проценил со особено внимание доказите дадени од двајца сведоци за обвинението, меѓу другото, со споредување на изјавите дадени од нивна страна за време на нивните различни испитувања.
90. Владата тврдеше дека во германските кривични постапки и судот и обвинителството биле обврзани со закон да ги истражат и инкриминирачките и ослободителните докази против обвинетиот. Ова делумно надоместило за тоа што обвинетиот немал шанса вкрстено да ги испита сведоците на обвинителството.
91. При тестирањето на изјавите на сведоците, Регионалниот суд исто така прибегнал кон голем број на доказни елементи во поткрепа, вклучително и докази од втора рака од сведоци и валидни физички докази добиени по пат на следење на жалителот. Мерките за следење особено вклучувале анализа на географските податоци од мобилниот телефон на жалителот и записите од неговите телефонски разговори со еден од сообвинетите во времето на извршување на делото, во кој опишал како едната жртва скокнала од балконот и му се скрила на жалителот кој тргнал по неа да ја брка.
92. Исто така жалителот имал можност вкрстено да ги испита и да го оспори кредибилитетот на речиси сите лица кои ги испрашале О. и П. во фаза на истрага; Регионалниот суд исто така ги чул доказите од тие лица во врска со однесувањето на сведоците и нивната емоционална состојба за време на испрашувањето.
93. Што се однесува до фактот дека ниту жалителот ниту неговиот адвокат не добиле можност да ги испраша сведоците О. и П. во истражната фаза, Владата тврдела дека истражниот судија го исклучил жалителот од претресот во согласност со членот 168в § 3 од Законот за кривична постапка со цел да се обезбеди заштита на сведоците и утврдување на вистината. Сведоците, кои биле многу уплашени од сторителите, немале да дадат целосни и веродостојни изјави за делото во присуство на жалителот. Тие имале легитимни основи за нивниот страв од одмазда, со оглед дека жалителот бил осомничен за извршување на сличен грабеж во Касел.
94. Исто така, со оглед дека сведоците би имале причина да се плашат дека кој и да му биде назначен како адвокат да го застапува жалителот ќе го информирал за сослушувањето и што тие кажале, тие немале да дадат никакви или точни изјави ниту во присуство на адвокатот. Владата објаснила дека согласно членот 168в § 5 од Законот за кривична постапка првостепениот суд имал право да не го информира адвокатот што му бил назначен на жалителот за претресот доколку сметал дека известувањето би го загрозило успехот на истрагата. Затоа во согласност со судската пракса на Сојузниот суд на правдата (тие исто така упатиле на пресудата на судот од 25 јули 2000 година, види параграфи 58-59 и 62 горе), назначувањето на адвокат и неговото присуство на претресот пред истражниот судија не било потребно.
95. Владата забележа дека по неговото апсење жалителот не побарал повторување на испитувањето на сведоците во негово присуство во текот на истражните постапки. Тие нагласија дека не било предвидливо дека О. и П. немале да се појават на судењето со оглед дека жалителот и неговите сообвинети, кои во таа фаза биле во притвор, потоа ќе претставувале помала закана за нив. Во секој случај, жалителот никогаш не поднел барања со прашањата кои би сакал да им бидат поставени на сведоците, чиј идентитет и локација му биле познати, или врз каков основ тој би сакал да го оспори нивниот кредибилитет.
3. Чешката влада, интервенција на трета странка
96. Чешката Влада сметала дека овој случај на Судот му дал можност да ги разјасни и прочисти принципите што биле изградени во неговата пресуда во случајот Ал-Каваџа и Тахери (цитиран горе). Тие зазеле гледиште дека принципите за прифаќање на докази на отсутни сведоци што таму биле развиени во контекст на системот на општото право не биле целосно применливи во континенталниот правен систем. Тие сметале дека Судот требал да ги земе во предвид специфичните одлуки на конкретниот правен систем во прашање.
97. Владата која интервенираше сугерираше дека Судот, пред да провери дали постоеле добри причини да ги прифати доказите на некој отсутен сведок (тие упатија на Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 120), требал да потврди дали оспорените докази биле единствениот или пресудни доказ во основата на осудителната пресуда на обвинетиот, како што постапил, во случајот Саризов и други против Бугарија (Sarkizov and Others v. Bulgaria (nos. 37981/06, 38022/06, 39122/06 and 44278/06, § 58, 17 April 2012)) и Дамир Сибгатулин против Русија (Damir Sibgatullin v. Russia (no. 1413/05, §§ 54-56, 24 April 2012)). Тие тврдеа дека во ситуација кога изјавата на отсутен сведок не била пресудна, доказ за добра причина зошто на одбраната не ѝ била дадена можност да го испраша сведокот бил непотребен. Понатаму, Судот требал да разјасни дали сè уште го прифаќал принципот на impossibilium nulla obligatio est како добра причина за прифаќање на доказ на отсутен сведок. Ова било делумно релевантно за случаи кога еден сведок ја напуштил јурисдикцијата на националните судови, а тие немале моќ да присилат да се обезбеди присуство на сведокот на судењето.
98. Чешката Влада понатаму нагласи дека националните судови требале да ја оценат важноста на изјавата на сведокот за исходот од случајот. Детална анализа на Судот за решеноста или степенот на важност на доказите во прашање имале шанса да дојдат во конфликт со дискреционото право на домашните власти и доктрината на четвртиот степен на Судот.
99. Според изјаснувањето на чешката Влада пофлексибилниот пристап усвоен од Судот во случајот Ал-Каваџа и Тахери (цитиран горе) во однос на единствените или пресудните докази ја правеле неговата судската пракса помалку предвидлива. Тие предложија дека Судот требал да разјасни кои фактори на противтежа ќе се сметале за доволни за да се спречи прекршувањето на членот 6 од Конвенцијата.
В. Проценка на Големиот судски совет
1. Рекапитулирање на релевантните принципи
(а) Општите принципи
100. Судот повторува дека гаранциите во параграф 3 (г) од членот 6 се посебни аспекти од правото на правичен претрес воспоставен во параграф 1 од оваа одредба (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 118); затоа ќе ја разгледа жалбата на жалителот во однос на двете одредби земени заедно (види Windisch v. Austria, 27 September 1990, § 23, Series A no. 186, и Lüdi v. Switzerland, 15 June 1992, § 43, Series A no. 238).
101. Главната грижа на Судот согласно членот 6 § 1 е да се процени севкупната правичност на кривичните постапки (види, inter alia, Taxquet v. Belgium [GC], no. 926/05, § 84, ECHR 2010, со дополнителни упатувања). При правењето на оваа оценка Судот ќе ги разгледа постапките како целина, вклучително и начинот на кој било дојдено до доказите имајќи ги на ум правата на одбраната, но исто така и интересот на јавноста и жртвите да се обезбеди криминалот да биде соодветно гонет (види Gäfgen v. Germany [GC], no. 22978/05, §§ 163 and 175, ECHR 2010) и, кога е тоа неопходно, и на правата на сведоците (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 118, со дополнителни упатувања, и Хумер, цитиран горе, § 37).
102. Принципите кои треба да се применат во случаите кога сведок на обвинителството не се појавил на судењето и изјавите кои претходно биле примени како докази биле сумирани и појаснети во пресудата на Големиот судски совет од 15 декември 2011 во Ал-Каваџа и Тахери (цитиран горе).
103. Судот повторил во таа пресуда дека членот 6 § 3 (г) го вградил принципот дека, пред обвинетиот да можел да биде осуден, сите докази против него вообичаено требале да бидат изнесени во негово присуство на јавен претрес имајќи го на увид спротивставениот аргумент (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 118).
104. Судот мора да ја нагласи во тој контекст важност на истражната фаза за подготовка за кривичните постапки, со оглед дека доказите добиени во текот на оваа фаза ја одредуваат рамката во која делото за кое е обвинето лицето ќе биде разгледано во текот на судењето (види Salduz v. Turkey [GC], no. 36391/02, § 54, ECHR 2008). Дури и ако примарната цел на членот 5 од Конвенцијата, што се однесува до кривичните постапки, е да се обезбеди правично судење од „суд“ надлежен да го утврди „секое кривично обвинение“, не следи дека членот нема примена во претпретресните постапки. Оттука, членот 6 – особено ставот 3 таму – може да биде релевантен пред еден случај да биде испратен на судење доколку, и што се однесува до правичноста на судењето, е веројатно да му биде сериозно наштетено заради непридржување на неговите одредби на почетокот (види Салдиз, цитиран горе, § 50, упатувајќи на Imbrioscia v. Switzerland, 24 November 1993, § 36, Series A no. 275).
105. Меѓутоа употребата како докази на изјавите добиени во фазата на полициската и судската истрага не е само по себе недоследно со членот 6 §§ 1 и 3 (г), под услов правата на одбраната да биле почитувани. По правило, овие права бараат обвинетиот да добие соодветна и вистинска можност да го оспори и испраша сведокот на спротивната страна – било кога сведокот ги дава своите изјави или во подоцнежна фаза од постапките (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 118, со дополнителни упатувања; види исто така A.G. v. Sweden (dec.), no. 315/09, 10 January 2012, и Trampevski v. the former Yugoslav Republic of Macedonia, no. 4570/07, § 44, 10 July 2012).
106. Во својата пресуда во Ал-Каваџа и Тахери Судот заклучил дека прифаќањето како доказ на изјава на сведок кој бил отсутен од судењето и чија изјава пред судењето бил единствениот или пресудниот доказ против обвинетиот автоматски не значело повреда на членот 6 § 1. Тој образложил дека примената на т.н. „единствено или пресудно правило“ (според кое судењето било неправично доколку осудителната пресуда се базирала исклучиво или до одлучувачко ниво на докази дадени од сведок кој обвинетиот не можел да ги испраша во ниедна фаза од постапките; исто., §§ 128 и 147) на нефлексибилен начин би било спротивно на традиционалниот начин на кој Судот му пристапил на правото на правичен претрес согласно членот 6 § 1, имено да се испита дали постапките како целина биле правични. Меѓутоа, прифаќањето на такви докази, заради инхерентните докази за правичност на судењето, претставувало многу важен фактор за балансирање на соодносот (исто, §§ 146-47).
107. Според принципите кои биле развиени со пресудата во случајот на Ал-Каваџа и Тахери, неопходно е да се испита во три чекори компатибилноста на постапките со членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата во кои изјави дадени од еден сведок кој не бил присутен и испрашан на судењето биле искористени како докази (исто., § 152). Судот мора да испита:
(i) дали постоела добра причина за сведокот да не се појави и последователно за прифаќањето на нетестирани изјави на отсутен сведок како доказ (исто., §§ 119-25);
(ii) дали доказите од отсутен сведок биле единствената или пресудна основа за да се осуди обвинетиот (исто, §§ 119 и 126-47); и
(iii) дали имало доволно фактори на противтежа, вклучително и силна процедурална заштита за да се надомести за отежнувачките околности што ѝ биле нанесени на одбраната како резултат на приемот на нетестирани докази и да се биде сигурен дека судењето, проценето во целост, било правично (исто., § 147).
108. Што се однесува до применливоста на горенаведените принципи во контекст на разновидните правни системи во договорните држави, и особено во контекст и на системот на општото право и системот на континенталното право Судот повторува дека, иако е важно да ги земе во предвид суштинските разлики во правните системи и процедури, вклучително и различните пристапи во однос на допуштеноста на доказите во кривични судења, во крајна линија може да се примени истиот стандард на разгледување согласно членот 6 §§ 1 и 3 (г) без разлика на правниот систем од кој произлегува случај (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 130).
109. Понатаму, во случаи кои произлегуваат од поединечни жалби задача на Судот не е да се разгледа релевантното законодавство како апстракт. Наместо тоа мора да се ограничи себе, во рамките на можното, на испитување на прашањата покренати од случајот пред него (види, меѓу многу други извори, N.C. v. Italy [GC], no. 24952/94, § 56, ECHR 2002‑X, и Такскет, цитиран горе, § 83). При испитување на случаите, Судот секако ги има на ум разликите меѓу правните системи на договорните страни на Конвенцијата кога се работи за прашања како што е прифаќање на докази од отсутен сведок и кореспондентна потреба од заштита заради правичност на постапките. Соодветно на тоа ќе ги земе во предвид во овој случај таквите разлики при испитувањето, особено, дали постоеле доволни фактори за противтежа за да се надомести за отежнувачките околности предизвикани за одбраната како резултат на прифаќањето на нетестиран доказ од сведок (спореди Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 146).
(б) Односот меѓу трите чекори на Ал-Каваџа тестот
110. Судот смета дека примената на принципите развиени во случајот Ал-Каваџа и Тахери во неговата последователна судската пракса покажува потреба да се разјасни односот меѓу гореспоменатите три чекори на Ал-Каваџа тестот кога се работи за проверка на придржувањето кон Конвенцијата на едно судење во кое нетестираниот инкриминирачки доказ од сведок бил прифатен. Јасно е дека секој од трите чекори на тестот мора да се испитаат доколку – како во пресудата во случајот Ал-Каваџа и Тахери – прашањата во првиот чекор (дали постоела добра причина за непојавувањето на сведокот) и во вториот чекор (дали доказите на отсутниот сведок биле единствена или пресудна основа за да се осуди жалителот) се одговорени на потврден начин (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, §§ 120 и 147). Меѓутоа се апелира до Судот да разјасни дали сите три чекори од тестот исто така мора да бидат испитани во случаи во кои било прашањето од првиот чекор или тоа од вториот чекор одговорено одречно, како и редоследот по кој чекорите ќе се испитаат.
(i) Дали отсуството на добра причина за непојавувањето на сведокот само по себе значи повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г)
111. Што се однесува до прашањето дали отсуството на добра причина за непојавувањето на еден сведок (прв чекор од Ал-Каваџа тестот) значи само по себе повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата, без неопходно да се испитаат вториот и третиот чекор од Ал-Каваџа тестот, Судот го забележа следново. Во својата пресуда во Ал-Каваџа и Тахери, тој сметал дека барањето да постои добра причина за прифаќање на докази од отсутен сведок било „прелиминарно прашање“ кое морало да биде испитано пред да се разгледа дали доказот бил единствен или пресуден (исто., § 120). Понатаму забележал дека утврдил повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г) дури и во случаи во кои доказите од отсутен сведок не биле ниту единствени ниту пресудни, кога не била покажана никаква добра причина за пропустот да се испита сведокот (исто, со дополнителни упатувања).
112. Судот забележува дека условот да се обезбеди оправдување за тоа што не бил повикан сведок бил развиен во судската пракса во врска со прашањето дали осудувањето на жалителот било единствено или во пресудна мерка засновано на отсутен сведок (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 128). Тој понатаму повторува дека образложението на неговата пресуда во случајот Ал-Каваџа и Тахери, во кој тој се оддалечил од т.н. „единствено или пресудно правило“, било да се напушти правило кое не прави разлика и да се земе во предвид, на традиционален начин, правичноста на постапките како целина (исто., §§ 146-47). Меѓутоа, тоа би достигнало ниво на креирање на ново правило кое не прави разлика доколку за едно судење се сметало дека е неправично заради отсуство на добра причина за непојавувањето на сведокот, дури и ако нетестираниот доказ не бил ниту единствен ниту пресуден и можно дури и нерелевантен за исходот на случајот.
113. Судот забележува дека во низа случаи по усвојувањето на пресудата за Ал-Каваџа бил потребен сеопфатен пристап кон испитувањето на правичноста на судењето, земајќи ги во предвид сите три чекори на Ал-Каваџа тестот (види Salikhov v. Russia, no. 23880/05, §§ 118 et seq., 3 May 2012; Asadbeyli and Others v. Azerbaijan, nos. 3653/05, 14729/05, 20908/05, 26242/05, 36083/05 and 16519/06, § 134, 11 December 2012; Yevgeniy Ivanov v. Russia, no. 27100/03, §§ 45-50, 25 April 2013; и Şandru v. Romania, no. 33882/05, §§ 62-70, 15 October 2013). Меѓутоа во други случаи отсуството на добра причина за отсуството на сведокот на одбраната само по себе се сметало за доволно да се утврди повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г) (види Rudnichenko v. Ukraine, no. 2775/07, §§ 105-110, 11 July 2013, и Nikolitsas v. Greece, no. 63117/09, § 35, 3 July 2014; во вториот случај Судот сепак се осврнал на дополнителните чекори од Ал-Каваџа тестот, види исто., §§ 36-39). Во други случаи пак бил земен различен пристап: отсуството на добра причина за отсуството на сведокот се сметало за доказ за неправичноста на судењето освен ако сведочењето на сведокот не било евидентно нерелевантно за исходот на случајот (види Khodorkovskiy and Lebedevv. Russia, nos. 11082/06 and 13772/05, §§ 709-16, 25 July 2013; Cevat Soysalv. Turkey, no. 17362/03, §§ 76-79, 23 September 2014; и Suldin v. Russia, no. 20077/04, §§ 56-59, 16 October 2014). Големиот судски совет, во контекст на претходно кажаното (види параграфи 111-112), смета дека отсуството на добра причина за непојавување на сведокот не може само по себе да е доказ за неправичноста на судењето. Во овој контекст, отсуството на добра причина за отсуството на сведокот на обвинителството е многу важен фактор што требна да се измери во однос на рамнотежата кога се оценува севкупната правичност на едно судење и кое може да ја наруши рамнотежата во корист на наодот на повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г).
(ii) Дали доволните фактори на противтежа се сè уште неопходни доколку нетестираниот доказ на сведок не бил ниту единствен ниту пресудни
114. Во својата пресуда во случајот Ал-Каваџа и Тахери Судот се осврнал на условот за постоење на доволно фактори на противтежа за да се обезбеди правична и правилна проценка на веродостојноста на доказите во контекст на случаи во кои осудителните пресуди се засновале единствено или до пресудно ново на докази од отсутни сведоци (исто., § 147).
115. Што се однесува до прашањето дали е неопходно да се разгледа постоењето на доволни фактори на противтежа, дури и во случаи во кои важноста на доказите на отсутен сведок не го достигнале прагот на единствени или пресудни докази како основа за осудувањето на жалителот, Судот повторува дека главно сметал дека е неопходно да се спроведе испитување на севкупната правичност на постапките. Ова традиционално вклучувало испитување и на важноста на нетестираните докази за случајот против обвинетиот и мерките за противтежа преземени од судските власти за да се надомести за отежнувачките околности со кои одбраната морала да се справи (види Gani v. Spain, no. 61800/08, § 41, 19 February 2013, со повеќе упатувања; види исто така Fąfrowicz v. Poland, no. 43609/07, §§ 58‑63, 17 April 2012; Sellick and Sellick v. the United Kingdom (dec.), no. 18743/06, §§ 54-55, 16 October 2012 (во врска со докази од отсутни сведоци карактеризирани како „важни“); Beggs v. the United Kingdom, no. 25133/06, §§ 156-159, 6 November 2012 (во врска со докази од отсутен сведок карактеризирани како само еден посреден доказ); Štefančič v. Slovenia, no. 18027/05, §§ 42-47, 25 October 2012 (во врска со докази од отсутен сведок класифициран како еден од неколкуте елементи врз основа на кои бил осуден жалителот); и Garofolo v. Switzerland (dec.), no. 4380/09, §§ 52 and 56-57, 2 April 2013; но исто така види Matytsina v. Russia, no. 58428/10, §§ 164-65, 27 March 2014, и Horncastle and Others v. the United Kingdom, no. 4184/10, §§ 150-51, 16 December 2014 (во обата, со оглед на ниското ниво на важност на сведочењето на отсутниот сведок, постоењето на фактори на противтежа било испитано).
116. Со оглед дека за Судот е важно да утврди дали постапките како целина биле правични, мора да го разгледа постоењето на доволно фактори на противтежа не само во случаи во кои доказите дадени од отсутен сведок била единствената или пресудната основа за осудување на жалителот. Напротив, мора да го стори тоа и во оние случаи во кои после неговата оценка на проценката на тежината на доказите од страна на домашните судови (подетално опишано во параграф 124 долу), ќе утврди дека е нејасно дали доказите во прашање биле единствената или пресудната основа но сепак е задоволен дека имале значителна тежина и дека нивното прифаќање може да ја осакати одбраната. Мерката во која се неопходни факторите на противтежа за едно судење да се смета за правично ќе зависи од тежината на доказите на еден отсутен сведок. Колку се поважни доказите толку поголем товар факторите на противтежа ќе мора да носат за постапките како целина да се сметаат за правични.
(iii) Што се однесува до редоследот на трите чекори на Ал-Каваџа тестот
117. Судот забележа дека во случајот Ал-Каваџа и Тахери, барањето дека треба да постои добра причина за непојавување на сведокот (прв чекор), и за последователното прифаќање на доказите од отсутен сведок, се сметало за прелиминарно прашање кое морало да биде испитано пред да се разгледа воопшто дали доказот бил единствен или пресудни (втор чекор; исто., § 120). „Прелиминарно“, во тој контекст, може да се сфати во привремена смисла: првостепениот суд мора прво да одлучи дали постои добра причина за отсуство на сведокот и дали, како последица, доказите од отсутниот сведок можат да бидат прифатени. Само откако доказите од тој сведок ќе се прифатат првостепениот суд може да оцени, на крајот од судењето и земајќи ги во предвид сите докази кои се изнесени, важноста на доказите на отсутниот сведок и, особено, дали доказите на отсутниот сведок се единствената или пресудна основа за да се осуди обвинетиот. Потоа ќе зависи од тежината на доказите изнесени од отсутниот сведок колкава тежина факторите на противтежа (третиот чекор) ќе мора да носат за да се обезбеди севкупна правичност на судењето.
118. Во вакви услови по правило важно е да се проверат трите чекори од Ал-Каваџа тестот по редот дефиниран во таа пресуда (види параграф 107 горе). Меѓутоа сите три чекори од тестот се меѓусебно поврзано и земени заедно служат да се утврди дали кривичните постапки во прашање, како целина, биле правични. Затоа може да е соодветно, во дадениот случај, да се испитаат чекорите по различен редослед особено ако еден од чекорите се покаже дека е особено важен или за правичноста или за неправичноста на постапките (види во врска со ова, на пример, Nechto v. Russia, no. 24893/05, §§ 119-25 and 126-27, 24 January 2012; Mitkus v. Latvia, no. 7259/03, §§ 101-102 and 106, 2 October 2012; Гани, цитиран горе, §§ 43-45; и Шандру, цитиран горе, §§ 62-66, во кои вториот чекор, односно прашањето дали доказите од отсутниот сведок биле единствени или пресудни, дали бил проверен пред првиот чекор, односно прашањето дали постоела добра причина за отсуството на сведокот).
(в) Принципите поврзани со секој од трите чекори на Ал-Каваџа тестот
(i) Дали постоела добра причина за непојавувањето на сведокот на судењето
119. Добра причина за отсуство на еден сведок мора да постои од перспектива на првостепениот суд, односно судот мора да има добри фактички или правни основи да не го обезбеди присуството на сведокот на судењето. Доколку постои добра причина за непојавувањето на сведокот во таа смисла, следи дека имало добра причина или оправдување за првостепениот суд да прифати нетестирани изјави на отсутен сведок како доказ. Постојат низа причини зошто еден сведок не може да се појави на судење, како што е отсуство заради смрт или страв (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, §§ 120-25), отсуство заради здравствени причини (види, на пример, Bobeş v. Romania, no. 29752/05, §§ 39-40, 9 July 2013; Vronchenko v. Estonia, no. 59632/09, § 58, 18 July 2013; и Matytsina, цитиран горе, § 163)
120. Во случаи во врска со отсуство на сведок заради недостапност, Судот бара од првостепениот суд да ги има направено сите разумни напори да го обезбеди присуството на сведокот (види Gabrielyan v. Armenia, no. 8088/05, § 78, 10 April 2012; Tseber v. the Czech Republic, no. 46203/08, § 48, 22 November 2012; и Kostecki v. Poland, no. 14932/09, §§ 65 and 66, 4 June 2013). Фактот дека домашните судови не можеле да го лоцираат сведокот во прашање или фактот дека сведокот бил надвор од земјата во која се одвивала постапката не се сметало дека е доволно само по себе да ги задоволи условите од членот 6 § 3 (г), кои барале договорните држави да преземат позитивни чекори за да се овозможи обвинетиот да ги испита или за него да бидат испитани сведоците против него (види Гариелјан, цитиран горе, § 81; Цебер, цитиран горе, § 48; и Lučić v. Croatia, no. 5699/11, § 79, 27 February 2014). Таквите мерки се дел од посветеноста која договорните држави мора да ја покажат за да се осигура дека правата што се гарантирани со членот 6 се остваруваат на делотворен начин (види Гариелјан, цитиран горе, § 81, со дополнителни упатувања). Во спротивно отсуството на сведокот може да им се препише на домашните власти (вид Цебер, цитиран горе, § 48, и Лучиќ, цитиран горе, § 79).
121. Судот не треба да изготви листа на посебни мерки кои домашните судови мора да ги преземат за да ги имаат направено сите разумни напори за да се обезбеди присуство на сведокот кој тие конечно ќе го сметаат за недостапен (види Цебер, цитиран горе, § 49). Меѓутоа, јасно е дека тие мора активно да го барале сведокот со помош на домашните власти вклучително и полицијата (види Салихов, цитиран горе, §§ 116-17; Prăjină v. Romania, no. 5592/05, § 47, 7 January 2014; и Лучиќ, цитиран горе, § 79) и мора, по правило, да се обиделе и со помош на меѓународна правна помош кога некој сведок живее во странство и кога такви механизми стоеле на располагање (види Гариелјан, цитиран горе, § 83; Фафрович, цитиран горе, § 56; Лучиќ, цитиран горе, § 80; и Николицас, цитиран горе, § 35).
122. Потребата сите разумни напори да се вложат од страна на властите за да се обезбеди присуство на сведокот на судењето понатаму значи внимателна проверка од страна на домашните судови на причините за неможноста на сведокот да се појави на судењето, со оглед на специфичната ситуација на секој сведок (види Нечто, цитиран горе, § 127; Дамир Сибгатулин, цитиран горе, § 56; и Евгениј Иванов, цитиран горе, § 47).
(ii) Дали доказите од отсутниот сведок биле единствената или пресудна основа за да се осуди жалителот
123. Што се однесува до прашањето дали доказите од отсутен сведок чии изјави биле примени како доказ биле единствената или пресудната основа за да се осуди жалителот (вториот чекор од Ал-Каваџа тестот), Судот повторува дека „единствениот“ доказ треба да се сфати како да не постои друг доказ против обвинетиот (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 131). „Пресуден“ доказ треба да биде тесно толкуван дека посочува на доказ од такво значење или важност кој веројатно го насочува исходот од случајот. Кога нетестиран доказ од сведок е поддржан од друг доказ во поткрепа, проценката дали е пресуден ќе зависи од силата на доказот во поткрепа; колку е посилен доказот во поткрепа толку е помалку веројатно дека доказите на отсутниот сведок ќе се сметаат за пресудни (исто., § 131).
124. Бидејќи Судот не треба да делува како суд од четврти степен (види Николицас, цитиран горе, § 30), неговата појдовна точка во одлучувањето дали осудувањето на жалителот се засновало единствено или до пресудна мерка на сведочењето на отсутен сведок се пресудите на домашните судови (види Бегз, цитиран горе, § 156; Костецки, цитиран горе, § 67; и Хорнкасл, цитиран горе, §§ 141 и 150). Судот мора да ја разгледа проценката на домашните судови во контекст на значењето што го дал на „единствениот“ и „пресуден“ доказ и да потврди самиот дали проценката на домашните судови за тежината на доказите била неприфатлива или своеволна (спореди, на пример, McGlynn v. the United Kingdom (dec.), no. 40612/11, § 23, 16 October 2012, и Гарофоло, цитиран горе, §§ 52-53). Понатаму мора да направи сопствена проценка на тежината на доказите дадени од отсутен сведок доколку домашните судови не го посочиле својот став во однос на ова прашање или доколку нивниот став не е јасен (спореди, на пример, Фафрович, цитиран горе, § 58; Pichugin v. Russia, no. 38623/03, §§ 196-200, 23 October 2012; Цебер, цитиран горе, §§ 54-56; и Николицас, цитиран горе, § 36).
(iii) Дали постоеле доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности во кои работела одбраната
125. Што се однесува до прашањето дали имало доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности во кои работела одбраната како резултат на прифаќањето на нетестирани докази од сведок за време на судењето (третиот чекор од Ал-Каваџа тестот), Судот повторува дека овие фактори на противтежа мора да дозволат правична и соодветна проценка на веродостојноста на тој доказ (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 147).
126. Фактот дека домашните судови им пристапиле на нетестираните докази на отсутен сведок со внимателност се сметало од Судот за важна заштита (спореди Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 161; Гани, цитиран горе, § 48; и Brzuszczyński v. Poland, no. 23789/09, §§ 85‑86, 17 September 2013). Судовите морале да покажат дека тие биле свесни дека изјавите на отсутните сведоци имале помала тежина (спореди, на пример, Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 157, и Бобеш, цитиран горе, § 46). Судот зел во предвид, во тој контекст, дали домашните судови дале детално образложение зошто тие сметале дека доказите биле веродостојни, при тоа исто така земајќи во предвид и други докази што им биле на располагање (види Бжушчински, цитиран горе, §§ 85-86 и 89; Пражина, цитиран горе, § 59; и Николицас, цитиран горе, § 37) Исто така ги земал во предвид сите насоки што им биле давани на поротата од страна на судијата во однос на пристапот што требале да го заземат во однос на доказите од отсутни сведоци (види, на пример, Селик и Селик, цитиран горе, § 55).
127. Дополнителна заштита во тој контекст може да биде ако се покаже на расправата во текот на судењето видео снимка од испрашувањето на сведокот во истражната фаза со цел на судот, обвинителството и одбраната да им се овозможи да го видат однесувањето на сведокот во текот на испрашувањето и да оформат свои впечатоци за неговата веродостојност (види А.Г. против Шведска, цитиран горе; Chmura v. Poland, no. 18475/05, § 50, 3 April 2012; D.T. v. the Netherlands (dec.), no. 25307/10, § 50, 2 April 2013; Евгениј Иванов, цитиран горе, § 49; Rosin v. Estonia, no. 26540/08, § 62, 19 December 2013; и Gonzáles Nájera v. Spain (dec.), no. 61047/13, § 54, 11 February 2014).
128. Дополнителна значителна заштита е достапна на судењето од доказите во поткрепа на нетестираната изјава на сведок (види, меѓу другото, Sică v. Romania, no. 12036/05, §§ 76-77, 9 July 2013; Бжушчински, цитиран горе, § 87; и Пражина, цитиран горе, §§ 58 и 60). Таквите докази меѓу другото може да се состојат од изјави дадени на судењето од лица на кои отсутниот сведок му ги кажал настаните веднаш по нивното случување (види Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 156; МекГлин, цитиран горе, § 24; D.T. v. the Netherlands, цитиран горе, § 50; и Гонзалес Нахера, цитиран горе, § 55), дополнителни фактички докази обезбедени во однос на делото, вклучително и докази од вештачења (види, на пример, МекГлин, цитиран горе, § 24 (ДНК докази)), или вештачења за повредите на жртвата или кредибилитетот (спореди Гани, цитиран горе, § 48; Гонзалес Нахера, цитиран горе, § 56; и Росин, цитиран горе, § 61). Судот понатаму го сметаше за важен фактор во поддршка на изјавата на отсутен сведок фактот дека постоеле големи сличности меѓу описот на отсутниот сведок на наводното дело извршено против него или неа и описот даден од друг сведок за кого немало доказ за судир, на слично дело извршено од истиот обвинет. Ова е уште поверодостојно доколку вториот сведок изнел докази на судењето, а веродостојноста на сведокот била тестирана со вкрстено испрашување (спореди Ал-Каваџа и Тахери, цитиран горе, § 156).
129. Исто така, во случаи во кои еден сведок е отсутен и не може да биде испрашан на судењето, важна заштита е можноста што ѝ се понуди на одбраната да му ги постави на сведокот индиректно своите прашања, на пример на писмено, во текот на судењето (види Евгениј Иванов, цитиран горе, § 49, и Scholer v. Germany, no. 14212/10, § 60, 18 December 2014).
130. Друга важна заштита која содржи отежнувачки околности во кои работи одбраната како резултат на прифаќањето на нетестирани докази од сведок на судењето е на жалителот или на адвокатот на одбраната да му се даде можност да го испраша сведокот за време на истражната фаза (види, меѓу другото А.Г. против Шведска, цитиран горе; Гани, цитиран горе, § 48; и Шандру, цитиран горе, § 67). Судот одлучи во тој контекст дека кога истражните власти веќе зазеле став во истражната фаза дека сведокот нема да биде сослушан за време на судењето, било од суштинска важност на одбраната да ѝ се даде можност да ѝ постави прашања на жртвата за време на прелиминарната истрага (види Росин, цитиран горе, §§ 57 et seq., особено §§ 57 и 60, и Вронченко, цитиран горе, §§ 61 и 63, обата во врска со отсуство од судењето на малолетна жртва на сексуален деликт заради заштита на благосостојбата на детето; и спореди Aigner v. Austria, no. 28328/03, §§ 41-42, 10 May 2012, и Трампевски, цитиран горе, § 45). Таквите претпретресни сослушувања навистина честопати се организираат за да се справат со секаков ризик од можно непојавување на клучен сведок на судењето (види Чмура, цитиран горе, § 51).
131. Обвинетиот мора понатаму да добие можност да ја претстави својата верзија на настаните и да фрли сомнеж на кредибилитетот на отсутниот сведок, посочувајќи на секаква некохерентност или недоследност со изјавите на другите сведоци (види Аигнер, цитиран горе, § 43; Д.Т. Против Холандија, цитиран горе, § 50; Гарофоло, цитиран горе, § 56; и Гани, цитиран горе, § 48). Кога идентитетот на сведокот ѝ е познат на одбраната, таа исто така може да ги идентификува и истражи и мотивите што сведокот може да ги има за да лаже и затоа може делотворно да го оспори кредибилитетот на сведокот, иако во помал степен отколку при директно конфронтирање (види Цебер, цитиран горе, § 63; Гарофоло, цитиран горе, § 56; Сика, цитиран горе, § 73; и Бжушчински, цитиран горе, § 88).
2. Примена на овие принципи во овој случај
(а) Дали постоела добра причина за непојавувањето на сведоците О. и П. на судењето
132. Во овој случај Судот најпрво ќе испита дали постоела добра причина за тоа што сведоците на обвинителството О. и П. не се појавиле на судењето од перспектива на првостепениот суд, и како резултат, добра причина или оправдување за судот да ги прифати нетестираните изјави на отсутните сведоци како доказ (види параграф 119 горе).
133. При утврдувањето дали Регионалниот суд имал добри фактички или правни основи да не обезбеди присуство на сведоците на судењето Судот би забележал на почетокот дека како што правилно нагласил жалителот, Регионалниот суд не го прифатил оправдувањето на сведоците со здравствената состојба или страв за нивното отсуство од судењето.
134. Ова е прикажано од фактот дека Регионалниот суд со писмо од 29 август 2007 година побарал од сведоците кои живееле во Летонија да се појават на претресот иако тие претходно одбиле да се одговорат на судските покани на судот, потпирајќи се на лекарските потврди дека биле во нестабилна пост-трауматска емоционална и психолошка состојба (види параграфи 23-24 горе). Дополнително, по одложувањето на претресот од страна на летонскиот суд, пред кој сведоците повторно се потпирале на лекарски потврди дека сè уште страдале од пост-трауматско нарушување, Регионалниот суд му посочил на летонскиот суд дека, според стандардите на германскиот Закон за кривична постапка, сведоците недоволно го поткрепиле своето одбивање да сведочат. Затоа Регионалниот суд му предложил на летонскиот суд службено медицинско лице да ја испита здравствената состојба на сведоците и нивната способноста да сведочат или евентуално да ги натера да се појават на претрес во Летонија. Летонскиот суд не одговорил на овие сугестии (види параграфи 26‑27 горе).
135. Дури откако овие напори да ги сослуша сведоците лично се покажале како залудни Регионалниот суд открил дека постојат ненадминливи пречки за да се сослушаат сведоците во блиска иднина. Регионалниот суд, потпирајќи се на членот 251 §§ 1 (2) и 2 (1) од Законот за кривична постапка затоа ги прифатил записниците од испитувањето на сведоците во истражната фаза како докази во постапките (види параграф 28 горе). Затоа причината за оваа мерка од страна на Регионалниот суд била недостапноста на сведоците за првостепениот суд, кој немал овластување да ги присили да се појават (односно, процедурален или правен основ), а не нивната здравствена состојба или страв (материјален или фактички основ).
136. Како што се барало во случаите поврзани со отсуството на сведоци на обвинението како резултат на недостапност, Судот мора да испита дали првостепениот суд ги направил сите разумни напори за да обезбеди присуство на сведоците (види параграф 120 горе). Тој забележува во врска со тоа дека Регионалниот суд презел значителни позитивни чекори да ѝ се овозможи на одбраната, на самиот суд и на обвинителството да ги испита сведоците О. и П.
137. Регионалниот суд откако критички ги разгледал причините дадени од секој од сведоците кои одбивале да сведочат на судењето во Германија, како што е дадено во лекарските потврди поднесени од нивна страна и откако, како што е прикажано горе, сметал дека овие причини биле недоволни за да се оправда нивното непојавување, ги контактирал сведоците поединечно, нудејќи им различни можности да сведочат на судењето, кои сведоците ги одбиле.
138. Регионалниот суд потоа се обидел со меѓународната правна помош и побарал сведоците да бидат повикани да се појават пред летонскиот суд за судијата претседател на Регионалниот суд да ги испраша преку видео врска и да ѝ овозможи на одбраната вкрстено да ги испраша. Меѓутоа претресот бил откажан од летонскиот суд, кој го прифатил одбивањето на сведоците да сведочат врз основа на лекарските потврди што ги поднеле. Регионалниот суд, откако повторно критички ги разгледал причините што биле дадени за неможноста на сведоците да присуствуваат на судењето, како што беше споменат горе, дури му предложил на летонскиот суд службено медицинско лице да ја провери здравствената состојба на сведоците или да ги присили сведоците да присуствуваат на претресот, предлог за кој не добиле одговор (види, во детали, параграфи 23-27 горе).
139. Со оглед на овие елементите Големиот судски совет, споделувајќи го заклучокот на Судскиот совет во врска со ова, утврди дека Регионалниот суд ги направил сите разумни напори во рамките на постоечката правна рамка (види параграфи 64‑66) за да се обезбеди присуството на сведоците О. и П. Тој немал никакви други разумни средства во рамки на својата јурисдикција на територијата на Германија, да обезбеди присуство на судењето на О. и П., летонски државјанки кои живееле во својата матична земја. Судот смета, особено, дека нема ништо што би покажало дека постоела веројатност првостепениот суд да ги сослуша сведоците во разумно време после билатералните преговори со Република Летонија на политичко ниво, како што било предложено од жалителот. Во согласност со принципот impossibilium nulla est obligatio, причината за отсуството на сведоците оттука не можело да му се препише на домашниот суд.
140. Соодветно на тоа постоела добра причина, од перспектива на првостепениот суд, за непојавување на сведоците О. и П. на судењето и како резултат за прифаќање на изјавите што ги дале на полицијата и на истражниот судија во претпретресната фаза како доказ.
(б) Дали доказите од отсутните сведоци биле единствената или пресудната основа за осудувањето на жалителот
141. Утврдувањето на тежината на доказите дадени од отсутните сведоци и особено дали доказите што ги дале биле единствената или пресудна основа за осудување на жалителот, Судот најпрво ја зеде во предвид проценката на домашните судови. Тој забележува дека Регионалниот суд сметал дека О. и П. биле клучните сведоци на обвинителството („maßgebliche[n] Belastungszeuginnen”), но се потпирале и на дополнителни докази кои им биле на располагање (види параграфи 32 и 36 горе). Сојузниот суд на правдата, од своја страна, при отфрлањето на жалбата на жалителот во однос на точки на законот дал општо упатување на образложението на сојузниот главен јавен обвинител пред тој суд. Тој тврдел дека споменатите изјави на жртвите не биле ниту единствената ниту пресудната основа за осудувањето на жалителот од страна на Регионалниот суд, со оглед дека тој својата одлука ја засновал на дополнителни важни докази (види параграф 49 горе).
142. Судот утврди дека домашните судови, кои не ги сметале изјавите на сведоците О. и П. за единствени (односно исклучиви) докази против жалителот, јасно не посочиле дали тие ги сметале изјавите на сведоците во прашање за „пресуден“ доказ како што било дефинирано од Судот во неговата пресуда во Ал-Каваџа и Тахери (која била усвоена после одлуките на домашните судови во овој случај), односно дека биле толку важни што било веројатно дека биле одлучувачки за исходот на случајот (види параграф 123 горе). Класификацијата на Регионалниот суд на сведоците како „maßgeblich“ (што било дополнително на „клучни“ исто така може да се преведе како „важни“, „значајни“ и „пресудни“), не е недвосмислено во овој контекст. Исто така општото упатување на Сојузниот суд на правдата на образложението на сојузниот главен јавен обвинител кој отфрлил дека изјавите на жртвите биле единствената или пресудна основа за осудувањето на жалителот (види параграф 49 горе) не може да се сфати дека тој суд го потврдил секој аргумент даден од обвинителот.
143. Кога ја прави сопствената проценка на тежината на доказот на сведоците во контекст на наодите на домашните судови, Судот мора да ја земе во предвид силата на дополнителните инкриминирачки докази кои се на располагање (види параграф 123 горе). Тој забележува дека Регионалниот суд пред себе ги имал конкретно следниве дополнителни докази во врска со делото: изјави од втора рака дадени од сосетката на сведоците Е. и на нивната пријателка Л. на судењето за тоа што им раскажале О. и П. за настаните од 3 февруари 2007 година; признанието на самиот жалител во текот на судењето дека бил во станот на О. и П. во релевантното време и дека скокнал од балконот кога тргнал по П.; географските податоци и записи на два разговори по мобилен телефон меѓу еден од сообвинетите и жалителот во времето кога било извршено делото што покажало дека жалителот бил во станот на местото на злосторството и дека скокнал од балконот кога ја бркал една од станарките која избегала; податоци од ГПС кои откривале дека автомобилот на еден од сообвинетите бил паркиран во близина на станот на сведоците во релевантното време; и конечно, доказите поврзани со делото извршено во Касел на 14 октомври 2006 година од страна на жалителот и еден соучесник.
144. Судот, откако ги зеде во предвид овие елементи на доказите, не може а да не забележи дека О. и П. биле единствените очевидци на делото во прашање. Другите докази кои им биле на располагање на судовите биле или само доказ од втора рака или чисто посредни технички и други докази кои не биле убедливи во однос на грабежот и изнудувањето како такви. Со оглед на овие елементи, Судот смета дека доказите за отсутните сведоци биле „пресудни“ односно го насочиле осудувањето на жалителот.
(в) Дали постоеле доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности во кои работела одбраната
145. Судот понатаму мора да утврди, во третиот чекор дали постоеле доволно фактори на противтежа за да се компензира за отежнувачките околности во кои работела одбраната како резултат на прифаќањето на пресудните докази на отсутните сведоци. Како што е покажано горе (види параграфи 125-131), следниве елементи се релевантни во овој контекст: пристапот на првостепениот суд до нетестираните докази, достапноста и силата на дополнителните инкриминирачки докази и процедуралните мерки земени како надоместок за отсуството на можност за директно вкрстено испрашување на сведоците на судењето.
(i) Пристапот на првостепениот суд кон нетестирани докази
146. Што се однесува до постапувањето со доказите од отсутните сведоци О. и П. од страна на домашните судови, Судот забележува дека Регионалниот суд пристапил кон тие докази внимателно. Тој изречно забележал во својата пресуда дека бил обврзан да примени посебна внимателност при оценувањето на кредибилитетот на сведоците затоа што ниту одбраната ниту судот не можеле да ги испрашаат и да го набљудуваат однесувањето на сведоците во суд.
147. Судот забележува во тој контекст дека Регионалниот суд не бил во можност да погледне на судењето видео снимка од сослушувањето на сведокот пред истражниот судија, таква снимка не била направена. Тој забележува дека првостепените судови во различни правни системи прибегнуваат кон таа можност (спореди ги примерите во параграф 127 горе) која им дозволува, и на одбраната и на обвинителството, да го набљудуваат однесувањето на сведокот за време на испрашувањето и да оформат појасна слика за кредибилитетот на сведокот.
148. Регионалниот суд во својата темелно образложена пресуда, појаснил дека бил свесен за намалената доказна вредност на нетестираните изјави на сведоци. Тој ја споредил содржината на повторените изјави дадени од О. и П. во истражната фаза и одлучил дека сведоците дале детални и кохерентни описи на околностите на делото. Првостепениот суд сметал дека помали контрадикторности во изјавите на сведоците можеле да бидат објаснети со нивната загриженост да не им ги обелоденат на властите своите професионални активности. Тој понатаму забележал дека неспособноста на сведоците да го идентификуваат жалителот покажало дека тие не сведочеле со цел да го инкриминираат.
149. Судот понатаму забележува дека Регионалниот суд, при оценувањето на кредибилитетот на сведоците, исто така се осврнал на различни аспекти од нивното однесување поврзано со нивните изјави. Тој го зел во предвид фактот дека сведоците не го пријавиле делото на полицијата веднаш и дека не успеале да се појават на судењето без соодветно оправдување. Тој сметал дека постоеле објаснувања за таквото однесување – имено стравот на сведоците од проблеми со полицијата или одмазда од сторителите, и нивната неспремност да се сеќаваат или да бидат испрашани за делото – што не влијаело на нивниот кредибилитет.
150. Со оглед на претходно споменатото, Судот смета дека Регионалниот суд го испитал кредибилитетот на отсутните сведоци и веродостојноста на нивните изјави на внимателен начин. Тој забележува во тој контекст дека неговата задача за разгледување на пристапот на првостепениот суд до нетестираните докази е олеснет од фактот дека Регионалниот суд, како што е вообичаено во еден континентален правен систем, ги дал причините за својата оценка на доказите пред него.
(ii) Достапноста и силата на дополнителните инкриминирачки докази
151. Судот понатаму забележува дека Регионалниот суд, како што е прикажано горе (види параграфи 143-44) имало пред себе дополнителни инкриминирачки докази од втора рака и посредни докази во поткрепа на изјавите на сведоците О. и П.
(iii) Процедурални мерки насочени кон компензирање за немањето на можност за директно вкрстено испрашување на сведоци на судењето
152. Судот забележува дека жалителот имал можност да ја даде сопствената верзија на настаните од 3 февруари 2007 година – можност која тој ја искористил – и да фрли сомнеж на кредибилитетот на сведоците, чиј идентитет му бил познат, исто така и преку испитување на други сведоци кои давале докази од втора рака на неговото судење.
153. Меѓутоа Судот забележува дека жалителот немал можност да им постави прашања на сведоците О. и П. индиректно, на пример на писмено. Исто така, ниту самиот жалител, ниту неговиот адвокат, не добиле можност во истражната фаза да ги испрашаат тие сведоци.
154. Судот забележува во тој контекст дека странките не се согласиле за тоа дали одбивањето да се назначи адвокат на одбраната на жалителот и да му се дозволи на адвокатот да земе учество во сослушувањето на сведоците пред истражниот судија било или не во согласност со домашното право. Судот смета дека не е неопходно за потребите на овие постапки да заземе конечен став по ова прашање. Тој повторува дека при испрашувањето во согласност со членот 6 од Конвенцијата, тој нема функција да утврди дали домашните судови делувале во согласност со домашното право (спореди Schenk v. Switzerland, 12 July 1988, § 45, Series A no. 140; Jalloh v. Germany [GC], no. 54810/00, § 94, ECHR 2006‑IX; и Heglas v. the Czech Republic, no. 5935/02, § 84, 1 March 2007), туку да ја процени севкупната правичност на судењето во одредени околности на случајот, вклучително начинот на кој биле стекнати доказите (спореди параграф 101 горе).
155. Судот смета дека во актуелниот случај доволно е да се забележи дека согласно одредбите на германското право, обвинителствата требале да назначат адвокат за жалителот (член 141 § 3 од Законот за кривична постапка, прочитан во врска со членот 140 § 1). Дека адвокатот би имал право да биде присутен на сослушувањето на сведокот пред истражниот судија и, по правило би бил информиран за тоа (член 168в §§ 2 и 5 од Законот за кривична постапка). Меѓутоа, овие процедурални заштити, кои постоеле во Законот за кривична постапка и биле зајакнати со нивното толкување од страна на Сојузниот суд на правдата (види 58-59 горе), не биле користени во случајот на жалителот.
156. Судот би нагласил дека иако членот 6 § 3 (г) од Конвенцијата се однесува на вкрстено испитување на сведоци на обвинителството на самото судење, начинот на кој се спровело испрашувањето на сведоци на обвинителството во истражната фаза е од голема важност за, и е веројатно да ѝ наштети на правичноста на самото судење каде клучните сведоци не можат да бидат сослушани од првостепениот суд и затоа доказите како што се добиени во истражната фаза се изнесуваат директно на судењето (спореди параграф 104 горе).
157. Во такви околности, од витална важност заради утврдување на правичноста на судењето како целина е да се утврди дали властите, во времето на сослушувањето на сведокот во истражната фаза, постапувале по претпоставка дека сведокот немало да биде сослушан на судењето. Кога истражните власти ќе заземат разумно гледиште дека засегнатиот сведок немало да биде испитан на претресот на првостепениот суд, од суштинска важност за одбраната е да добие можност да му постави прашања на сведокот во истражната фаза (спореди исто така Вроченко, цитиран горе, §§ 60 et seq., и Росин, цитиран горе, §§ 57 et seq., каде на малолетни жртви на сексуален деликт им било ветено во истражната фаза дека немале да бидат прашувани за деликтот во други прилики).
158. Судот забележува во врска со ова дека жалителот го оспорил наодот на Регионалниот суд дека отсуството на сведоците на судењето не било предвидливо. Тој се согласува со жалителот дека сведоците биле сослушани од истражниот судија бидејќи, со оглед на брзото враќање на сведоците во Летонија, обвинителството сметало дека постоела опасност нивните докази да бидат изгубени. Ова е прикажано со образложението во барањето на самото обвинителство до истражниот судија да ги сослуша О. и П. брзо за да се добијат веродостојни изјави кои можеле да бидат употребени во последователното судење (види параграф 20 горе). Судот забележува во тој контекст дека согласно членот 251 § 1 од Законот за кривична постапка, писмените записници од претходните испитувања на сведоците од страна на истражниот судија можат да се прочитаат на судењето согласно помалку строго одредени услови за разлика од записниците од испрашувањето на сведоците од страна на полицијата (член 251 § 2 од Законот за кривична постапка; види параграф 61 горе).
159. Судот забележува дека во актуелниот случај властите биле свесни дека сведоците О. и П. веднаш не поднеле обвиненија против сторителите заради страв од проблеми со полицијата и одмазнички акти од страна на сторителите; дека тие престојувале во Германија само привремено додека нивните семејства останале во Летонија; и дека тие посочиле дека сакале да се вратат во својата матична земја колку што можело поскоро. Во такви околности проценката на обвинителството дека можеби не било можно да се чујат доказите од тие сведоци на последователното судење против жалителот во Германија навистина се чини убедлива.
160. И покрај ова обвинителството на жалителот не му дал можност – која можел да ја добие согласно одредбите од домашното право – сведоците О. и П. да бидат испрашани во истражната фаза од страна на адвокат назначен да го претставува. Со постапките на тој начин тие презеле предвидлив ризик, кој последователно се материјализирал, дека ниту обвинетиот ниту неговиот адвокат би можеле да ги испитаат О. и П. во ниедна фаза од постапките (спореди, заради важноста на присуството на адвокатот на сослушувањето на сведоците на обвинителството од страна на истражниот судија, Хумер, цитиран горе, §§ 43 и 48).
(iv) Оценка на севкупната правичност на судењето
161. При оценката на севкупната правичност на судењето Судот ќе ги земе во предвид достапните фактори на противтежа, разгледани во нивната целокупност во контекст на неговиот наод во насока дека доказите дадени од страна на О. и П. биле „пресудни“ при осудувањето на жалителот (види параграф 144 горе).
162. Судот забележува дека првостепениот суд пред себе имал некои дополнителни инкриминирачки докази во врска со делото за кое жалителот бил прогласен за виновен. Меѓутоа, Судот забележува дека едвај некакви процедурални мерки биле преземени за да се компензира за немањето можност за директно вкрстено испрашување на сведоците на судењето. Според гледиштето на Судот, давањето на можност на обвинетиот клучниот сведок на обвинителството да биде испрашан барем за време на претпретресната фаза и преку неговиот адвокат претставувало важна процедурална заштита со која се бранеле правата на обвинетиот на одбрана, чие отсуство значително ја попречувало рамнотежата во испитувањето на севкупната правичност на постапките согласно членот 6 §§ 1 и 3 (г).
163. Точно е дека првостепениот суд го оценил кредибилитетот на отсутните сведоци и веродостојноста на нивните изјави на внимателен начин, со што се обиделе да надоместат за тоа што не ги испитале сведоците вкрстено и дека жалителот имал можност да ја даде својата верзија за настаните во Готинген. Меѓутоа со оглед на важноста на изјавите само на очевидците на делото за кое тој бил осуден, мерките за противтежа што биле преземени биле недоволни за да се овоззможи правична и соодветна проценка на веродостојноста на нетестираните докази.
164. Судот смета дека во овие околности, отсуството на можност за жалителот да испита или некој да ги испита за него сведоците О. и П. во некоја од фазите од постапките го правело целото судење неправично.
165. Соодветно на тоа има повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата.
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
166. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
167. Жалителот не поднел никакви барања за правичен надоместок во неговите забелешки со датум од 25 јуни 2013 година како одговор на забелешките на Владата пред Судскиот совет. Тој побаруваше 30.000 евра (ЕУР) како обесштетување и 10.000 евра за трошоци и издатоци, како во формуларот од жалбата така и на претресот пред Големиот судски совет, без да обезбеди дополнителни детали или документирани докази.
168. Владата не коментираше по прашањето на правичниот надоместок во постапките пред Судот.
169. Согласно правилото 60 § 2 од Деловникот на Судот жалителот мора да поднесе листа со ставки за сите побарувања, заедно со сите релевантни документи кои ќе ги поткрепат, во временскиот рок утврден за поднесување на забелешките на жалителот во однос на основаноста. Доколку жалителот не се придржува на овие барања, Судот може да го одбие побарувањето во целост или делумни (правила 60 § 3 и 71). Во своето писмо со датум од 15 мај 2013 година Судот му го укажал на жалителот фактот дека тие услови се применувале дури и ако тој ги посочил своите желби во врска со правичниот надоместок во претходна фаза од постапките.
170. Судот забележува дека жалителот не успеал да поднесе никакви барања за правичен надоместок, заедно со некакви релевантни документи во поткрепа, во рамки на временскиот рок што е последователно утврден во постапките пред Судскиот совет. Жалителот, на кој му била доделена правна помош во постапките пред Судот, исто така не поднел нови квалификувани побарувања, заедно со потребните документи во поткрепа на дополнителните трошоци и издатоци кои настанале во текот на постапките пред Големиот судски совет. Судот, согласно правилото 60, оттука не доделува ништо во однос на членот 41 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
2. Одлучи, со девет гласа наспроти осум, дека имало повреда на членот 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата;
2. Едногласно ги отфрли останатите побарувања на жалителот за правичен надоместок.
Изготвена англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 15 декември 2015 година.
Лоренс ИерлиДин Шпилман
Правен советникПретседател
Во согласност со членот 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, кон оваа пресуда се приложени следниве издвоени мислења:
(а) Заедничко мислење на согласување на судиите Шпилман, Каракаш, Шају и Келер;
(б) Заедничко мислење на несогласување на судиите Хирвела, Поповиќ, Пардалос, Нусбергер, Махони и Курис;
(в) Мислење на несогласување на судијата Кулбро.
Д.С.
Т.Л.Е.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy