ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ НА С.М. против ХРВАТСКА
(Апликација бр. 60561/14)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
19 јули 2018 година
Пресуда ќе стане конечна во согласност со условите предвидени во Член 44 став 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени.
Документот е преведен со помош на средствата на Хоризонталниот инструмент на Европска Унија и Совет на Европа. Ставовите кои се изразени тука во никој случај не ги одразуваат официјалните ставови на ЕУ
Во случајот на С.М. против Хрватска,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи во Судски совет составен од:
Linos-Alexandre Sicilianos, Претседател,
Kristina Pardalos,
Krzysztof Wojtyczek,
Ksenija Turković,
Armen Harutyunyan,
Pauliine Koskelo,
Jovan Ilievski, судии,
и Abel Campos, секретар на Одделот,
расправајќи на затворена седница на 17 април и 19 јуни 2018 година,
ја донесе следнава пресуда, усвоена на последно споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од апликација (бр. 60561/14) против Република Хрватска поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на хрватски државјанин, г-ѓа С.М. („апликантката“), на 27 август 2014 година. Претседателот на одделот го прифати барањето на апликантката да не се открие нејзиното име (член 47 став 4 од Деловникот на Судот).
2. Апликантката беше застапувана од г-ѓа S. Bezbradica Jelavić, адвокат од Загреб. Хрватската влада („Владата“) беше застапувана од својот агент, г-ѓа Š. Stažnik.
3. Апликантката наведе, особено, дека домашните органи не ги почитувале нивните процесни обврски согласно член 4 од Конвенцијата во однос на нејзините наводи дека била принудена на и експлоатирана преку проституција.
4. На 9 февруари 2015 година, жалбените наводи во врска со недостигот од ефективен процесен одговор од страна на домашните органи на нејзините наводи за трговија со луѓе, согласно членовите 3, 4 и 8 од Конвенцијата, беа доставени до Владата, а остатокот од апликацијата беше прогласен за недопуштен согласно членот 54 став 3 од Деловникот на Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА ПРЕДМЕТОТ
5. Апликантката е родена во 1990 година и живее во З. Поради проблеми во нејзиното семејство, помеѓу 2000 и 2004 година живеела во згрижувачко семејство. Потоа се преселила во јавен дом за деца и млади, каде што останала додека не ја завршила професионалната обука за келнер.
6. На 27 септември 2012 година, апликантката поднела кривична пријава во полицијата во З. против извесен T.M., поранешен полицаец, тврдејќи дека во периодот помеѓу летото 2011 година и септември истата година тој физички и психички ја принудувал на проституција. Тој ѝ дал мобилен телефон за клиентите да можат да контактираат со неа и ја возел да се среќава со клиенти на различни места. Тој исто така ја принудувал да дава сексуални услуги во станот каде што тие живееле заедно. Во текот на целиот тој период таа била под контрола на Т.М. Кога одбивала да им дава сексуални услуги на други мажи, тој физички ја казнувал. Откако го напуштила, тој ѝ се заканувал на неа и на нејзиното семејство и се обидел да ја контактира преку веб-страница за социјално вмрежување.
7. Кривичното досие на Т.М. покажало дека во 2005 година тој бил осуден за кривичните дела посредување во вршење проституција и силување и осуден на затворска казна од шест години и шест месеци. Тој бил условно ослободен од затвор во мај 2009 година, а условната казна истекла во јуни 2010 година.
8. Жупанското државно обвинителство на З. отворило истрага во однос на Т.М. На 10 октомври 2012 година, по наредба на Жупанскиот суд на З., полицијата спровела претрес и заплена во просториите на Т.М., каде што нашла, inter alia, неколку парчиња автоматски пушки, одреден број на мобилни телефони и кондоми.
9. На 16 октомври 2012 година, апликантката дала исказ пред органите на прогонот. Таа рекла дека Т.М. првпат ја контактирал на почетокот на 2011 година преку веб-страница за социјално вмрежување и дека веќе ја познавал нејзината мајка и се претставил себеси како пријател на нејзините родители. Таа го сретнала Т.М. во неколку прилики во кафулиња и побарала од него да ѝ помогне да најде работа. Т.М. ѝ рекол дека може да најде работа за неа како келнерка или продавачка.
Еден ден, на почетокот на јули 2011 година, тој ѝ рекол дека ќе ја однесе кај еден од неговите пријатели кој би можел да ѝ помогне да најде работа. Кога пристигнале во куќата на тој човек, Т.М. ѝ рекол на апликантката да оди во соба со него. Човекот потоа ѝ кажал на апликантката дека од неа очекувал сексуални услуги. Апликантката изјавила дека не сака да го стори тоа. Тој, исто така, ѝ кажал дека тој се јавил на оглас на интернет под името Смоквица („мала смоква“) и дека Т.М. му кажал дека Т.М. и апликантката биле маж и жена кои „[правеле] такви работи заедно“. Т.М., кој прислушкувал надвор од собата, влетал во собата и почнал да ѝ вика и да ја удира и потоа ѝ рекол дека таа била таму со цел, дека таа не требало да се однесува така. Човекот тајно ѝ дал 400 хрватски куни (HRK); а кога таа му кажала на Т.М. за тоа, тој ѝ ги зел тие пари.
Во тоа време таа сѐ уште живеела со нејзиниот пријател К.Ч. кој не знаел за настаните за кои станува збор. Т.М. повторно ја контактирал и ѝ рекол дека треба да разговараат за тоа што се случило. Таа се согласила да се сретне со него, но тие не разговарале за она што се случило. Неколку дена подоцна, Т.М. ѝ дал мобилен телефон, за клиентите кои бараат сексуални услуги да можат да контактираат со неа. Т.М. исто така ѝ кажал на апликантката дека таа мора да им каже како изгледа физички на мажите кои ќе ја контактираат и да наплаќа 400 куни за половина час сексуални услуги или 600 куни за еден час, и дека мора да му даде половина од тие пари на Т.М.
Апликантката, исто така, кажала дека таа се согласила на сето тоа, бидејќи се плашела од Т.М. и бидејќи тој ѝ се заканувал дека ќе им каже сѐ на нејзините родители.
Околу десет дена потоа, Т.М. изнајмил стан, каде што апликантката и Т.М. тогаш живееле заедно. Таа давала сексуални услуги во тој стан и во пет до шест наврати Т.М. ја возел кај клиенти. Во текот на периодот за кој станува збор, таа имала околу триесет клиенти. Со оглед на тоа што Т.М. живеел во истиот стан со неа, тој контролирал сè што правела таа.
Кога таа одбивала да има сексуални односи со него или кога бил незадоволен од начинот на кој таа им давала сексуални услуги на клиентите, Т.М. ја тепал. Тој ја тепал во интервал од неколку дена.
Прашана зошто не ја контактирала полицијата порано, апликантката одговорила дека се плашела од Т.М. Еднаш, кога тој бил надвор од станот и го оставил клучот, апликантката ѝ се јавила на нејзината пријателка М.И., која знаела дека апликантката давала сексуални услуги на мажи за пари. Апликантката побарала М.И. да ѝ помогне да избега.
Потоа момчето на пријателката М.И., Т., пристигнал со такси, ѝ помогнал на апликантката да ги собере работите и ја однел во домот на М.И. Таа останала со М.И. околу десет дена.
Апликантката, исто така, кажала дека Т.М. ѝ рекол за претходната девојка, А., со која се „однесувал на ист начин“, а подоцна ѝ рекол дека по неа, апликантката, имал друга девојка на која „ѝ помогнал во тоа“. Т.М. ѝ кажал на апликантката дека ги снимал тие девојки и ги казнувал кога биле „безобразни“.
10. На 6 ноември 2012 година, М.И. дала исказ пред органите на прогонот. Таа кажала дека никогаш не го сретнала Т.М., но дека апликантката била нејзина пријателка и дека таа ја познавала околу две години. Последниот контакт на М.И. со апликантката, пред апликантката да дојде во нејзиниот стан, бил околу осум или девет месеци претходно. М.И. веќе знаела на крајот на 2010 година, почетокот на 2011 година, дека апликантката давала сексуални услуги за пари, бидејќи тоа апликантката ѝ го имала кажано.
На крајот на летото 2011 година, апликантката одеднаш дошла во нејзиниот дом со торба која содржела нејзини работи. М.И. тогаш разбрала дека апликантката се договорила со мајката на М.И. да остане кај нив, но не знаела никакви детали, бидејќи таа (М.И.) не била во многу добри односи со нејзината мајка.
Апликантката ѝ раскажала за Т.М., од кого избегала, бидејќи повеќе не сакала да биде вклучена во проституција „за него“. Пред апликантката да дојде во нејзиниот стан, М.И. не знаела каде и за кого апликантката „го правела тоа“. Дури тогаш М.И. дознала дека апликантката „го правела тоа за Т.М.“. Апликантката била многу вознемирена и исплашена. Таа ѝ кажала на М.И. дека Т.М. постојано ја тепал; ја гледал преку клучалката на бравата кога давала сексуални услуги на клиентите и потоа ја тепал поради тоа што „не била во позицијата што тој ја одобрил“.
М.И. исто така, кажала дека според тоа што го разбрала, апликантката доброволно давала сексуални услуги, бидејќи ѝ биле потребни пари. Апликантката ѝ рекла дека имала договор со Т.М. да работи за него и да ги делат парите, дека имала мобилен телефон за да ѝ се јавуваат клиенти и дека имало мал оглас преку која била контактирана од клиенти за состаноци. Апликантката кажала дека Т.М. ѝ го дал тој мобилен телефон и го објавил огласот.
М.И. исто така кажала дека не може да се сети дали апликантката ѝ рекла дека му се спротивставила на Т.М. Точно е дека апликантката кажала дека не сака „да го прави тоа“, но според она што М.И. го сфатила, тоа значело дека апликантката „го правела тоа“, бидејќи немала друг начин да заработи пари. Апликантката, исто така, ѝ рекла дека Т.М. ѝ удирал шлаканици за многу ситни причини што таа (апликантката) не го очекувала. Кога таа одбивала сексуални односи со него, Т.М. ја тепал и апликантката не знаела што ќе го предизвика „повторно да експлодира“. Т.М. исто така ѝ кажал на апликантката дека имал друга девојка која работела за него и која исто така ја тепал. Апликантката ѝ кажала на М.И. дека таа ја искористила можноста да избега од Т.М. кога бил надвор од станот каде што живееле.
Дечкото на М.И., Т.Р., ѝ кажал дека зборувал со апликантката, но не дал никакви детали. М.И. раскинала со него една седмица подоцна, но сѐ уште ја имала неговата адреса.
М.И. исто така кажала дека апликантката останала со неа и нејзината мајка неколку месеци и дека Т.М. продолжил да ја контактира апликантката преку веб-страница за социјално вмрежување и ѝ се заканувал на неа и на нејзината мајка. Тој исто така ѝ праќал пораки, велејќи дека ја сака и барал да му се врати.
11. На 6 ноември 2012 година, Жупанското државно обвинителство на З. поднело обвинение против Т.М. во Кривичниот суд на З. за принудување на друго лице на проституција, како отежнувачка околност на организирањето на проституција според член 195 од Кривичниот законик.
12. На 21 декември 2012 година, Канцеларијата за човекови и малцински права на Владата на Хрватска (Vlada Republike Hrvatske, Ured za ljudska prava i prava nacionalnih manjina) официјално ѝ даде статус на жртва на трговија со луѓе на апликантката. Истиот ден, полицијата контактираше со Црвениот крст на Хрватска и вработените таму ја информираа апликантката за нејзините права (сместување, медицински прегледи, психосоцијална поддршка, правна помош и материјална поддршка). Апликантката им кажала дека не била заинтересирана за правото на безбедно сместување, бидејќи живеела со мајка ѝ и сестра ѝ. Според Владата, апликантката контактирала со хрватскиот Црвен крст во дванаесет наврати помеѓу 17 јануари 2013 година и 24 април 2015 година. Таа добила психосоцијална поддршка преку индивидуално советување и материјална поддршка. Хрватскиот Црвен крст, исто така, организирал индивидуално советување за апликантката со психолог во Центарот за когнитивно-бихевиорална терапија. Понатаму, на апликантката ѝ била дадена правна помош од невладината организација Р. Центар (R. Centre), во рамките на системот за правна помош поддржан од државата.
13. Поканата доставена до апликантката содржела детални информации за нејзините права како жртва, психолошка и практична поддршка, и за можноста да го контактира одделот за организирање и давање на поддршка за сведоци и жртви во рамките на општински кривичен суд на З. Биле обезбедени и деталите за контакт со тој оддел.
14. На расправите одржани на 13 јануари и 15 февруари 2013 година, Т.М. дал исказ. Тој негирал дека ја принудил апликантката на проституција. Тој потврдил дека ја контактирал апликантката преку веб-страница за социјално вмрежување, бидејќи го препознал нејзиното презиме и ги познавал нејзините родители. Тој исто така знаел дека мајката на апликантката била проститутка.
Т.М. и апликантката почнале да се гледаат и апликантката му кажала дека немала пари, дека ѝ била потребна работа и дека имала некои долгови. Апликантката, исто така, му кажала дека претходно давала сексуални услуги за пари и чувала телефонски броеви од нејзините клиенти и го прашала дали може некогаш да ја однесе кај тие клиенти, а тој го направил тоа.
Тој потврдил дека во тоа време бил во врска со апликантката. Сепак, тој не живеел со неа во станот што таа го изнајмила, туку само понекогаш ја поминувал ноќта таму. Тој ги имал клучевите од тој стан, а и апликантката ги имала, и таа била слободна да доаѓа и да си оди по своја желба. Тој, исто така, бил во станот во некои прилики кога апликантката давала сексуални услуги таму. Тој знаел дека апликантката наплаќала 400 куни за половина час и 600 куни за цел час, но овие цени ги определила таа, а тој. На почетокот, тој ѝ позајмил пари и од нив таа купила мобилен телефон на кој клиентите можеле да ја контактираат. Подоцна таа ги вратила парите што ги позајмила од него. Таа, исто така, му дала пари, иако тој не сакал да ги земе, но таа инсистирала со тоа што му кажала дека се за бензин. Сепак, претежно тој ѝ давал пари на апликантката, бидејќи таа постојано се жалела дека немала пари.
Тој призна дека еднаш ѝ удрил шлаканица на апликантката кога се расправале зашто таа одбила да работи во пекара.
Тој, исто така, кажал дека ѝ нашол работа во ресторан, но дека откако ѝ кажал за тоа, таа исчезнала.
15. Апликантката, како и М.И. дале исказ на рочиште одржано на 29 јануари 2013 година. На апликантката ѝ беше обезбеден адвокат од страна на Р. Центар (R. Centre). Пред да го даде својот исказ, апликантката му кажала на првостепениот суд дека се плаши од обвинетиот. Обвинетиот тогаш бил отстранет од судницата и апликантката сведочела во негово отсуство.
16. Записникот од тоа рочиште укажува на тоа дека апликантката ја повторила својата изјава дадена на 16 октомври 2012 година (види точка 9 погоре) и исто така кажала дека Т.М. ѝ рекол дека е поранешен полицаец и дека бил заедно со нејзиниот татко во војната. Нејзиниот татко го потврдил тоа и рекол дека Т.М. е „океј личност“. Нејзината мајка, од друга страна пак, ѝ рекла дека не е личност на која може да ѝ се верува.
По првиот пат кога Т.М. ја одвел да даде сексуални услуги на друг маж, таа седнала на задното седиште од автомобилот. Т.М. бил многу лут и ѝ додевал и во еден момент го запрел автомобилот и ѝ удрил шлаканица. Таа излегла од автомобилот, обидувајќи се да избега, но тој ја фатил и ја вратил во автомобилот.
Таа се согласила да се сретне со него следниот ден, бидејќи тој ѝ рекол дека ќе разговараат за она што се случило, но не го сториле тоа.
Таа се плашела од него и поради таа причина се согласила да им дава сексуални услуги на други мажи, а исто така и поради тоа што ѝ се заканувал дека ќе им „раскаже сѐ“ на нејзините родители и дека „ќе ја напика мајка ѝ во затвор“.
Т.М. нашол стан за изнајмување, но апликантката го потпишала договорот и ја плаќала станарината за станот. Таа немала клучеви од тој стан.
Иако во три до четири наврати тој ѝ дозволил да го напушти станот сама за да оди во блиската продавница, таа не се осмелила да избега, бидејќи Т.М. ја следел од балконот каде оди, а таа се плашела од него. Тој поставил некои правила за неа: ѝ било забрането да разговара со клиентите; клиентите не можеле да ја допираат; а нејзе ѝ било дозволено да дава сексуални услуги само на начинот кој Т.М. го одредил. Кога таа одбивала да има сексуални односи со него или кога бил незадоволен од начинот на кој таа им давала сексуални услуги на клиентите, Т.М. ја тепал.
Повторно запрашана зошто претходно не контактирала со полицијата, апликантката изјавила дека Т.М. ѝ рекол дека има „врска“ во полицијата и дека многу брзо ќе разбере дали пријавила „било што“.
Прашана зошто таа не се обидела да избега кога Т.М. ја возел до клиентите, апликантката кажала дека била сигурна дека Т.М. ќе ја најде и дека ѝ било дозволено да остане со клиентите точно дваесет и девет минути.
Кога апликантката ѝ се јавила на својата пријателка М.И., која знаела дека апликантката давала сексуални услуги на мажи за пари, апликантката побарала од М.И. да ѝ помогне да избега. Таа, исто така, разговарала со мајката на М.И. Т.М. продолжил да ја контактира преку веб-страница за социјално вмрежување, прво испраќајќи ѝ љубовни пораки, а потоа заканувајќи ѝ се дека ќе им каже сѐ на нејзините родители. Потоа, Т.М. испратил писмо до органите, обвинувајќи ја мајката на апликантката за запоставување на помладата сестра на апликантката. Од нејзината мајка било побарано да дојде во полициска станица во врска со тоа. Потоа апликантката одлучила да стапи во контакт со полицијата.
Апликантката, исто така, објаснила дека била многу исплашена од Т.М., дека се плашела за нејзиниот живот, тој бидејќи се заканувал „да ја претепа до смрт“. Т.М. исто така ѝ се заканувал дека ќе објави голи фотографии од неа. Таа се согласила да биде фотографирана бидејќи се плашела од него. Т.М. исто така, ѝ рекол дека како поранешен полицаец знаел многу полицајци и дека ако таа го пријави, тој ќе измисли приказни за неа.
Подоцна таа разбрала од нејзината мајка дека Т.М. и нејзината мајка живееле заедно некое време и дека поранешна девојка на Т.М. го пријавила во полиција поради тоа што ја принудувал да дава сексуални услуги на други мажи.
17. М.И. ја повторила својата изјава дадена пред органите на прогонот (да се види став 10 погоре).
18. На 15 февруари 2013 година, Кривичниот суд на З. го ослободил Т.М. од обвинение врз основа на тоа дека иако било утврдено дека тој организирал мрежа за проституција во која тој ја ангажирал апликантката, не било утврдено дека ја принудил на проституција. Сепак, тој бил обвинет само за отежнат облик на делото и затоа не можел да биде осуден за основната форма на организирање проституција. За тој наод, првостепениот суд особено забележал дека не може да се даде доволно тежина на сведоштвото на апликантката бидејќи нејзината изјава била некохерентна, таа била несигурна и паузирала и се двоумела кога зборувала. Истовремено, со оглед на тоа дека немало други несоборливи докази, го применил начелото in dubio pro reo и го ослободил Т.М. Релевантниот дел од првостепената пресуда гласи:
„Врз основа на исказите на обвинетиот и жртвата во оваа кривична постапка, утврдени се следниве факти: дека обвинетиот и жртвата се сретнале преку социјалната мрежа Фејсбук кога обвинетиот ја контактирал жртвата; ... дека обвинетиот ѝ дал мобилен телефон на жртвата за да може да ја контактираат клиенти со кои разговарала за давање на сексуални услуги; дека жртвата навистина давала сексуални услуги во станот каде што живеела со обвинетиот; дека во пет или шест наврати обвинетиот ја возел жртвата на адресите на клиентите каде што давала сексуални услуги; дека жртвата наплаќала за давањето на сексуални услуги износ од 400 куни за половина час и 600 куни за еден час...“
19. Државното обвинителство поднело жалба против оваа одлука, тврдејќи дека првостепениот суд со неприфаќање на сведочењето на апликантката, погрешил во своите фактички наоди во врска со обвиненијата против Т.М.
20. На 21 јануари 2014 година, Жупанскиот суд на З. ја отфрлил жалбата на Државното обвинителство и ја потврдил првостепената пресуда потврдувајќи го образложението, како и фактите што ги утврдил првостепениот суд. Таа одлука била доставена до апликантката на 28 февруари 2014 година.
21. На 31 март 2014 година апликантката поднела уставна жалба до Уставниот суд на Република Хрватска (Ustavni sud Republike Hrvatske), жалејќи се на начинот на кој кривично-правните механизми биле применети во нејзиниот случај. Таа се повикала на членовите 14, 23, 29 и 35 од Уставот (види став 23 подолу) и членовите 3, 6, 8 и 14 од Конвенцијата. Особено, таа тврдела дека националните органи не спровеле правилна истрага и не упатиле на елементот на сила. Исто така, поради тоа што властите не го преквалификувале кривичното дело, Т.М. не бил осуден за какво било кривично дело, на штета на апликантката. Таа понатаму истакнала дека не ѝ била дадена никаква психолошка помош или поддршка во текот на судската расправа за да ѝ помогне во справувањето со стравот и притисокот што го чувствувала од Т.М. додека сведочела што довело до тоа првостепениот суд да го смета нејзиното сведочење за некохерентно. Апликантката, исто така, навела дека органите не обезбедиле ефективно почитување на нејзината приватност, особено преку несоодветната проценка од страна на домашниот суд на сите релевантни околности во кои таа била регрутирана од Т.М. во мрежата на проституција.
22. На 10 јуни 2014 година, Уставниот суд ја прогласил уставната жалба на апликантката за недопуштена, бидејќи апликантката немала право да поднесе уставна жалба во врска со кривичната постапка против Т.М. врз основа на тоа дека постапка се однесувала на кривично обвинение против него. Одлуката на Уставниот суд му била доставена на застапникот на апликантката на 1 јули 2014 година.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Устав
23. Релевантните одредби од Уставот на Република Хрватска (Ustav Republike Hrvatske, Службен весник бр. 56/1990, 135/1997, 113/2000, 28/2001, 76/2010 и 5/2014) гласат:
Член 14
„Секој во Република Хрватска има права и слободи без оглед на неговата раса, боја на кожата, пол, јазик, религија, политичко или друго убедување, национално или социјално потекло, имот, раѓање, образование, социјален статус или други карактеристики.
Сите се еднакви пред законот. “
Член 23
„Никој не смее да биде подложен на каква било форма на малтретирање...
Принудната или задолжителната работа е забранета.“
Член 29
„Секој има право независен и непристрасен суд утврден со закон да одлучува правично и во разумен рок за неговите права или обврски или во врска со сомневање или обвинение за кривично дело.
...“
Член 35
„Почитувањето и правната заштита на приватниот и семејниот живот, достоинството, угледот и честа им се гарантирани на сите“.
Член 134
„Меѓународните договори во сила, што се склучени и ратификувани во согласност со Уставот и што се објавени, ќе бидат дел од внатрешниот правен поредок на Република Хрватска и ќе имаат предност над [домашното] законодавство. ... “
Б. Кривичен законик
24. Релевантниот дел од Кривичниот законик (Kazneni zakon, Службен весник бр. 110/1997, 27/1998, 50/2000, 129/2000, 51/2001, 111/2003, 190/2003, 105/2004, 84/2005, 71/2006, 110/2007, 152/2008, 57/2011 и 143/2012) кој беше во сила кога наводното кривично дело било сторено гласи:
Трговија со луѓе и ропство
Член 175
„(1) Лице кое ги крши правилата на меѓународното право со тоа што со употреба на сила или на закана за употреба на сила, преку измама, злоупотреба на моќ или позиција на ранливост или на кој било друг начин со цел ропство или сличен однос, принудна работа, сексуална експлоатација, проституција или нелегални регрути за трансплантација на човечки органи, купува, продава, предава, пренесува, префрла, засолнува, прима лице или наведува или делува како посредник во продажбата или преносот на лице за такви цели или чува лице во ропство или сличен однос, ќе се казни со затвор од една до десет години.
...
(5) Постоењето на кривичното дело според став (1)... не зависи од тоа дали засегнатото лице се согласило на принудна работа, потчинетост, сексуална експлоатација, ропство или сличен однос или нелегално пресадување на човечки органи“.
Посредување при проституција
Член 195
„...
(2) Лице кое за профит, организира или договара друго лице да дава сексуални услуги, ќе се казни со казна затвор од една до три години.
(3) Лице кое за профит, принудува или наведува друго лице да дава сексуални услуги со употреба на сила или со закана за употреба на сила или со измама, ќе се казни со казна затвор од една до пет години.
...“
25. Релевантните одредби од Кривичниот законик што се на сила во Република Хрватска (Службен весник бр. 125/2011 и 144/2012) гласат:
Ропство
Член 106
„Лицето кое ги крши правилата на меѓународното право со тоа што тој или таа става друг во ропство или сличен однос или држи друг во таква позиција, или купува, продава, пренесува или делува како посредник при продажбата или преносот на лице или наведува друг да ја продаде својата слобода или слободата на лице за кое се грижи ќе се казни со казна затвор од една до десет години
...“
Трговија со луѓе
Член 106
„(1) Лице кое со употреба на сила, закана, невистина, измама, киднапирање, злоупотреба на моќ или [злоупотреба] на тешка ситуација, или однос на зависност, или на нудење или прифаќање на пари или корист за да се постигне согласност на лице кое има контрола над друго лице или на кој било друг начин вработува, пренесува, префрла, сместува или прифаќа лице или разменува или пренесува контрола врз некое лице заради искористување на неговиот труд преку принудна работа, ропска зависност, ропство или сличен однос или за негово експлоатирање за проституција или други форми на сексуална експлоатација, вклучувајќи и порнографија или заради стапување во нелегален или принуден брак или за отстранување на органи или за неговото учество во вооружени конфликти или за извршување на незаконско дело, ќе се казни со казна затвор од една до десет години.
...
(7) Согласноста на жртвата на трговија со луѓе е ирелевантна за постоењето на тоа кривично дело. “
Проституција
Член 157
„(1) Лице кое, заради профит или друга добивка намамува, вработува или наведува друго лице да дава сексуални услуги или организира или договара друго лице да дава сексуални услуги, ќе се казни со казна затвор од шест месеци до пет години.
(2) Лицето кое, заради профит, со употреба на сила или закана, невистина, измама, злоупотреба на моќ или злоупотреба на тешка ситуација или однос на зависност, присилува или наведува друго лице да дава сексуални услуги или кое користи сексуални услуги од такво лице со плаќање и кое знаело или требало да знае за горенаведените околности ќе се казни со казна затвор од една до десет години.
...
(3) за постоењето на кривичното дело не е важно дали лицето кое било намамено, вработено, наведено или употребено за проституција дало своја согласност или веќе го практикувало тоа.“
В. Закон за кривична постапка
26. Релевантниот дел од Законот за кривична постапка (Zakon o kaznenom postupku Службен весник бр. 152/2008, 76/2009, 80/2011, 91/2012 и 143/2012) кој беше применет во постапката против Т.М., гласи:
Член 2
„(1) Кривичната постапка се поведува и се води само по барање на надлежен обвинител. ...
(2) За кривични дела кои се предмет на јавното обвинителство, надлежниот обвинител е државниот обвинител, а во однос на кривични дела кои се гонат приватно, надлежниот обвинител е приватниот тужител.
(3) Освен ако не е поинаку предвидено со закон, државниот обвинител поведува кривична постапка кога постои основано сомнение дека идентификувано лице сторило кривично дело кое е предмет на јавното обвинителство и кога не постојат законски пречки за гонење на тоа лице .
...“
Член 9
„(1) Судот и другите државни органи кои учествуваат во кривичната постапка подеднакво внимателно ги испитуваат и утврдуваат фактите против обвинетиот и оние во негова корист ... “
Член 16
„(1) Во кривичната постапка, жртвата и оштетениот ги имаат правата предвидени со овој Закон.
(2) Полицијата, истражителите, државниот обвинител и судот постапуваат со посебно внимание со жртвата на кривичното дело [во прашање]. Овие органи ја поучуваат жртвата [за нејзините права] според став 3 од овој член и согласно членовите 43-46 од овој Закон и се грижат за интересите на жртвата при донесувањето на нивните одлуки за гонењето на обвинетиот или при преземањето дејствија во рамките на кривична постапка во која жртвата морала лично да учествува.
(3) Жртва која страда од тешко психофизичко нарушување или има сериозни последици од кривичното дело, има право на бесплатна стручна помош од советник во согласност со закон.
...“
Член 38
„(1) Основното овластување и главната должност на државниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела кои се предмет на државното обвинителство.
...“
1. Жртва
Член 43
„(1) Жртвата на кривично дело има:
1. право на ефективна психолошка и друга стручна помош и поддршка од орган или организација што дава поддршка на жртвите на кривични дела во согласност со закон;
2. право на учество во кривичната постапка како оштетена страна;
...
(3) При преземањето на првото дејствие во кое жртвата учествува, судот [кој ја води постапката], државниот обвинител, истражителот и полицијата ја информираат жртвата за:
1. нејзините права според потточките 1 и 2 на овој член и член 44 на овој закон,
2. нејзините права како оштетена страна.”
Член 45
„(1) Жртвата на кривично дело против нејзината сексуална слобода и морал, покрај правата од членовите 43 и 44 на овој закон, ги има следниве права:
1. на бесплатни консултации со советник пред да го даде својот доказ;
2. да биде испрашана од службеник од нејзиниот пол кога се води разговор со полицијата;
3. да не одговори на прашање во врска со нејзиниот строго приватен живот;
4. да побара да го даде својот исказ со помош на аудиовизуелна опрема како што е предвидено со член 292 (4) од овој Закон;
5. на доверливост на личните податоци;
6. да побара исклучување на јавноста од судењето.
(2) Пред жртвата да го даде својот исказ за првпат, судот [кој ја води постапката], државниот обвинител, истражителот и полицијата ја информираат жртвата на кривичното дело од став 1 на овој член за нејзините права според овој член.“
2. Оштетена страна
Член 47
„Во кривичната постапка оштетената страна има право:
1. да го користи својот јазик и на услуги од преведувач;
...
3. да има застапник;
4. да посочува факти и да претставува докази;
5. да присуствува на расправа на која се изведуваат докази;
6. да присуствува на расправа и да учествува во претставувањето на докази и да дава завршни зборови;
7. да го консултира досието на предметот и [да ги разгледа] предметите [кои служат како доказ];
8. да поднесе жалба според условите утврдени во овој закон;
...
9. да биде информирана за исходот од кривичната постапка.“
Член 438
„Панел [на судии] може да одлучи привремено да го отстрани обвинетиот од судницата кога ко-обвинетиот или сведокот одбива да го даде својот исказ во присуство на обвинетиот или кога околностите покажуваат дека ко-обвинетиот или сведокот нема [голема веројатност] да ја каже вистината во присуство на обвинетиот.
... "
Член 449
“(1) Пресудата може да се однесува само на лицето кое било обвинето и само за кривичното дело кое е предмет на обвиненијата во [првично поднесеното] обвинение или обвинението изменето или проширено на рочиште.
(2) Судот не е обврзан со правната класификација на делото од обвинителот, но обвинетиот не може да се смета за виновен за посериозно дело од она за кое е обвинет.
...“
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
A. Обединети нации
1. Конвенција за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција
27. Конвенцијата за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција беше усвоена на 2 декември 1949 година и стапи на сила на 25 јули 1951 година. Хрватска ја ратификуваше 12 октомври 1992 година. Релевантниот дел гласи:
Член 1
“Страните на оваа Конвенција се согласуваат да го казнат секое лице кое за да ги задоволи страстите на друг:
(1) подведува, наведува или води, заради проституција, друго лице, дури и со согласност на тоа лице;
(2) експлоатира друго лице со проституција, дури и со согласност на тоа лице.”
2. Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените
28. Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените („CEDAW“) беше усвоена во 1979 година, од страна на Генералното Собрание на ОН, а Хрватска ја ратификуваше на 9 септември 1992 година. Релевантниот дел гласи:
Член 6
„Државите-членки ги преземаат сите погодни мерки вклучувајќи ги и законодавните заради сузбивање на сите форми на трговија со жените, како и експлоатација на жените со проституција.“
29. Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации е експертско тело формирано во 1982 година, составено од дваесет и три експерти за прашања поврзани со жените од целиот свет и дава општи препораки и извештаи за земјите.
Во Општата препорака бр. 19 (11 седница, 1992 година), Комитетот утврди дека сиромаштијата и невработеноста принудуваат многу жени и девојки да се впуштат во проституција и ја потврди поврзаноста помеѓу комерцијалната експлоатација на жените како сексуални објекти и родовото насилство.
Генералниот коментар бр. 14-15 гласи:
„Сиромаштијата и невработеноста ги зголемуваат можностите за трговија со жени... и принудуваат многу жени, вклучително и млади девојки да се впуштат во проституција“.
30. Во завршните забелешки за Хрватска од 28 јули 2015 година (CEDAW/C/HRV/CO/4-5), Комитетот особено препорача:
Трговија со луѓе и експлоатација со проституцијата
“20. Иако Комитетот ги поздравува законодавните и политичките мерки и програми чија цел е заштита на жените и девојките што се жртви на трговија со луѓе, истиот е загрижен:
(а) дека сторителите на трговија со луѓе честопати се обвинуваат за делото подведување, а не за посериозното дело трговијата со луѓе, што резултира со вознемирувачки ниска стапка на осуди за трговија со луѓе;
(б) дека жртвите на експлоатација со проституција понекогаш се гонат наместо да им се обезбедат соодветни мерки за поддршка, додека пак лицата што купуваат сексуални услуги од жртвите на принудната проституција и/или жртвите на трговија со луѓе не се гонат секогаш и не се казнуваат пропорционално;
(в) дека има несоодветни механизми за идентификување на жртвите на трговија со луѓе во ситуации на зголемен ризик;
(г) дека има несоодветни системи за собирање на дезагрегирани податоци за жртвите на трговија со луѓе, вклучително и по пол, возраст, етничка припадност и националност;
(д) дека има несоодветни засолништа и обуки за тамошниот персонал за жртвите на трговија со луѓе;
(ѓ) дека има несоодветни мерки за справување со специфичната ранливост и потребите на странски жртви на трговија со луѓе.
21. Комитетот препорачува државата членка:
(а) да се погрижи сторителите на делото трговија со луѓе да добиваат казни кои се пропорционални со тежината на делото;
(б) да размисли за мерки што ќе ја обесхрабрат побарувачката за проституција и да обезбеди соодветни мерки за поддршка на жените и девојките кои што се жртви на трговија со луѓе и кои биле принудени на проституција наместо да ги гони по автоматизам, како и да ги гони и соодветно да ги казнува поединците кои што купуваат сексуални услуги од жртвите на трговија со луѓе;
(в) да ги зајакне мерките за идентификување и обезбедување на поддршка на жените кои се под ризик од трговија со луѓе;
(г) да воведе постапки и системи за собирање на дезагрегирани податоци за жените кои се жртви на трговија со луѓе;
(д) да ги зголеми човечките, техничките и финансиските ресурси предвидени за засолништата за жртвите на трговија со луѓе за да го зголеми и бројот на таквите засолништа, особено во руралните области, како и квалитетот на негата и на правното и психолошкото советување во таквите засолништа;
(ѓ) да ги зајакне мерките за поддршка за жените, вклучително и странските државјани кои што сакаат да ја напуштат проституцијата;
(е) да ги анализира факторите кои што водат до инволвирање на жени- странски државјани во проституција за да ги зајакне мерките за справување со нивната специфична ранливост во однос на трговијата со луѓе и експлоатацијата преку проституција.“
3. Протоколот од Палермо
31. Протоколот за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе, особено жени и деца („Протоколот од Палермо“) ја надополнува Конвенцијата против транснационалниот организиран криминал од 2000 година на Обединетите нации, а Хрватска го има потпишано на 12 декември 2000 година и ратификувано на 24 јануари 2003 година.
Сепак, интерпретативните белешки од преговорите за Протоколот од Палермо наведуваат дека термините „експлоатација преку проституција“ и „сексуална експлоатација“ намерно не се дефинирани за да немаат влијание врз тоа како државите ја дефинираат проституцијата во домашните закони. Покрај тоа, експлоатацијата на другите преку проституција или други облици на сексуална експлоатација може да се квалификуваат како трговија со луѓе.
Протоколот од Палермо ја дефинира принудната работа како облик на експлоатација.
Помошта и заштитата за жртвите на трговијата со луѓе се опфатени во член 6 кој предвидува дека:
“2. Секоја земја-членка предвидува мерки во домашниот правен или административен систем за да им обезбеди на жртвите на трговија со луѓе во соодветните случаи:
(а) информации за релевантни судски или административни постапки;
(б) помош за нивните ставови и загриженост да можат да бидат претставени и разгледани во соодветните фази од кривичната постапка против сторителите, на начин што нема да штети на правата на одбраната.
3. Секоја земја членка ќе размисли за спроведување на мерки за физичко, психичко и социјално закрепнување на жртвите на трговија со луѓе...
...
5. Секоја земја членка ќе настојува да обезбеди физичка сигурност за жртвите на трговија со луѓе додека тие се наоѓаат на нејзината територија.
...”
Член 3(а)
„врбување, транспорт, трансфер, сместување или прифаќање на лица, со закана или употреба на сила или други форми на принуда, со грабнување, невистина, измама, злоупотреба на власта или на состојбата на немоќ, или со нудење или прифаќање на пари или корист заради добивање согласност од некое лице кое има власт над друго лице, заради експлоатација. Експлоатацијата подразбира, во најмала мерка, експлоатација на друго лице со проституција или други форми на сексуална експлоатација, принудна работа или услуги, ропство или постапувања слични на ропство, домашно прислужништво или одземање на органи;
4. Декларација за елиминација на насилството врз жените
32. Декларацијата за елиминација на насилството врз жените беше усвоена на пленарната седница на Генералното собрание на Обединетите нации на 20 декември 1993 година. Истата предвидува дека принудната проституција претставува вид на насилство против жените.
Во членот 1, „насилството врз жените“ е дефинирано како „секој акт на родово насилство што води до или може да доведе до физичка, сексуална или психичка повреда или страдање на жените, вклучително и закани за такви дејства, принуда или произволно лишување од слобода без оглед дали тоа се случува во јавност или во приватниот живот“.
Членот 2б се однесува на „физичкото, сексуалното и психичко насилство што се случува при... трговија со жени и принудна проституција“.
Б. Совет на Европа
Конвенција за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа
33. Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа беше усвоена на 16 мај 2005 година и стапи на сила на 1 февруари 2008 година. Истата беше ратификувана од страна на Хрватска на 5 септември 2007 година.
Релевантниот дел од Конвенцијата гласи:
Член 1 – Цел на Конвенцијата
“1 Оваа Конвенција има за цел:
а. превенција и сузбивање на трговија со луѓе, со гарантирање на еднаквост меѓу мажите и жените;
б. заштита на правата на жртвите од трговија, востановување на целосна рамка за заштита и помош на жртвите и на сведоците, со гарантирање еднаквост помеѓу жените и мажите, како и обезбедување ефикасни истраги и гонења;
в. унапредување на меѓународната соработка во доменот на трговијата со луѓе.
...”
Член 2 – Поле на примена
„Оваа Конвенција се применува за сите видови трговија со луѓе, на национален или транснационален план, кои се поврзани или не се поврзани со организираниот криминал.“
Член 4 – Дефиниции
„Во смисла на оваа Конвенција:
а. изразот „трговија со луѓе“ означува врбување, транспорт, трансфер, сместување или прифаќање на лица, со закана или употреба на сила или други форми на принуда, со грабнување, невистина, измама, злоупотреба на власта или на состојбата на немоќ, или со нудење или прифаќање на пари или корист заради добивање согласност од некое лице кое има власт над друго лице, заради експлоатација.
Експлоатацијата подразбира, во најмала мерка, експлоатација на друго лице со проституција или други форми на сексуална експлоатација, принудна работа или услуги, ропство или постапувања слични на ропство, прислужништво или одземање органи;
б. Согласноста на жртвата на „трговија со луѓе“ на експлоатацијата за која постои намера да се изврши, како што е наведена во алинеја (а) на овој член, не е од значење кога било употребено некое од средствата наведени во алинеја (а);
...”
Глава III – Мерки за заштита и унапредување на правата на жртвите со гарантирање еднаквост помеѓу жените и мажите
Член 10 – Идентификација на жртвите
“1. Секоја страна ќе предвиди нејзините надлежни органи да располагаат со обучени и квалификувани лица за превенција и борба против трговијата со луѓе и за идентификација и помош на жртвите, особено на децата, и соодветните органи меѓусебно да соработуваат, како и со релевантните организациите што имаат улога на поддршка, за да се овозможи идентификација на жртвите во постапка во која се зема предвид специфичната состојба на жените и децата -жртви...“
Член 12 – Помош на жртвите
“1. Секоја страна презема законски или други потребни мерки за помош на жртвите за нивната физичка, психичка и социјална реинтеграција. Таквата реинтеграција подразбира минимум:
...
г. совети и информации, што се однесуваат особено на правата што им ги признава законот, како и за услуги кои им се достапни, на јазик кој што можат да го разберат;
д. помош што ќе им овозможи нивните права и интереси да бидат претставени и земени предвид во соодветните фази на кривичните постапки што се водат против извршителите на делата;
...”
Објаснувачкиот извештај за Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа дава дефиниција во ставовите 83 и 84 за тоа што се подразбира под „злоупотреба на состојбата на немоќ", на следниов начин:
„83. Под злоупотреба на состојбата на немоќ се подразбира злоупотреба на секоја ситуација во која засегнатото лице нема реална и прифатлива алтернатива освен да подлегне кон злоупотребата. Немоќта може да биде од било кој вид: физичка, психичка, емоционална, семејна, социјална или економска. Ситуацијата може, на пример, да е поврзана со несигурноста или нелегалноста на административниот статус на жртвата, економска зависност или кревко здравје. Со други зборови, може да се работи за каква било тешкотија во која лицето е принудено да прифати да биде експлоатирано. Лицата кои ја злоупотребуваат таквата ситуација флагрантно ги прекршуваат човековите права и го повредуваат човековото достоинство и интегритет од кои никој не може легитимно да се откаже.”
“84. Според тоа, треба да се земе предвид широк спектар на средства: ... насилство од макрото за да ги држи проститутките под контрола, искористување на немоќта на адолесцент или возрасно лице, било тоа да произлегува од сексуален напад или не, или злоупотреба на економската несигурност или сиромаштија на возрасно лице кое се надева дека ќе ја подобри својата и судбината на своето семејство. Сепак, овие различни случаи отсликуваат разлики во степенот, а не разлики во природата на појавата што во секој случај може да се квалификува како трговија со луѓе и се заснова на употребата на таквите методи.“
IV. ИЗВЕШТАИ ПОВРЗАНИ СО ХРВАТСКА
34. Во своите опсервации, апликантката, меѓу другото, се осврна на следниов извештај.
Стејт департментот на САД
2017 Извештај за трговијата со луѓе – Хрватска, 27 јуни 2017 година
35. Релевантниот дел од тој извештај гласи:
„Судиите продолжија да изрекуваат лесни казни за принудната работа и сексуалната трговија и честопати ги отфрлаа сведочењата на жртвите како неверодостојни поради недоволно разбирање на трговијата со луѓе.
...
ПРЕПОРАКИ ЗА ХРВАТСКА
Ревносно да се испитуваат и гонат осомничените за трговија со луѓе; да се казнуваат сторителите со казни што се пропорционални на тежината на кривичното дело, особено оние што вршат трговија со луѓе за трудова експлоатација, да се обучат судиите со цел судството да ја разбере тежината на кривичното дело при изрекување на казни и да се подигне свеста кај судиите за повторената траума при сведочење за сексуалната трговија...“
ЗАКОНОТ
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
36. Апликантката се жали на несоодветност на домашната правна рамка и на несоодветен процесен одговор од страна на домашните органи за нејзините наводи дека била принудена на или експлоатирана преку проституција од страна на Т.М. Особено, таа наведува дека домашните органи не успеале да ги разјаснат сите околности на случајот, не ѝ обезбедиле соодветно учество во постапката и правилно не го квалификувале делото. Апликантката се потпира на членовите 3, 4 и 8 од Конвенцијата. Судот, кој има надлежност за правно карактеризирање на фактите на предметот, ќе ги разгледа овие жалбени барања единствено според членот 4 од Конвенцијата кој гласи:
“1. Никој не смее да биде држан во ропство или во ропска зависност.
2. Никој не смее да биде присилен да врши принудна или задолжителна работа.
...”
А. Допуштеност
1. Почитување на рокот од шест месеци
37. Владата тврди дека апликацијата не била поднесена во шестмесечниот рок што треба да се смета од денот на доставувањето на пресудата на која се жали апликантката, бидејќи нејзината уставна жалба не била допуштена. Владата смета дека во конкретниов случај, немало причина за поднесување на уставна жалба до Уставниот суд, бидејќи тој суд има добро утврдена пракса да ги прогласува за недопуштени уставните жалби кои ги поднесуваат жртви или оштетени страни во кривични постапки против трети лица. Следствено на тоа, конечната одлука, во смисла на член 35 став 1 од Конвенцијата, за сметање на шестмесечниот рок во случајот на апликантката не била одлуката на Уставниот суд од 10 јуни 2014 година, туку пресудата на Жупанскиот суд од 21 јануари 2014 година. Со оглед на тоа што на апликантката ѝ била доставена пресудата од Жупанскиот суд на 28 февруари 2014 година, а таа поднела апликација до Судот на 1 септември 2014 година, таа го пропуштила шестмесечниот временски рок.
38. Апликантката тврди дека уставната жалба била правен лек што требало да се исцрпи. Таа додава дека дури и доколку шестмесечниот рок треба да се смета од денот на приемот на пресудата од Жупанскиот суд (28 февруари 2014 година), таа се придржувала до шестмесечниот временски рок бидејќи ја поднела својата апликација до Судот на 27 август 2014 година.
39. Судот не треба да го разгледува прашањето дали во конкретниот случај уставната жалба била правен лек што требало да се исцрпи за примена на правилото за шестмесечниот рок. Особено бидејќи дури и ако рокот треба да се смета од денот на доставување на пресудата од Жупанскиот суд до апликантката, како што тврди Владата, Судот забележува дека таа пресуда ѝ била доставена на апликантката на 28 февруари 2014 година (види став 20 погоре), а таа ја поднела нејзината апликација до Судот на 27 август 2014 година, а не на 1 септември 2014 година, како што наведува Владата (види став 1 погоре).
40. Со оглед на горенаведеното, треба да се отфрли приговорот на Владата за наводното непочитување на шестмесечниот рок од страна на апликантката.
2. Статусот на жртва на апликантката
41. Владата исто така тврди дека апликантката го загубила статусот на жртва, бидејќи националните органи ѝ го признале статусот на жртва на трговија со луѓе и поради тоа ѝ обезбедиле помош, поддршка и совети.
42. Жртвата тврди дека тоа што ѝ бил даден статус на жртва на трговија со луѓе и дека ѝ била дадена одредена помош не може да влијае врз нејзиниот статус на жртва. Таа тврди дека останала без одбрана наспроти обвинетиот кој бил ослободен и дека државните органи останале пасивни. Тие не ги разјасниле сите околности на предметот и не го квалификувале делото правилно.
43. Судот смета дека аргументите на Владата повеќе се однесуваат на тоа дали на апликантката ѝ биле обезбедени поддршка и помош како на жртва на трговија со луѓе. Таквото прашање треба да се разгледа во однос на основаноста на жалбените наводи на апликантката според членот 4 од Конвенцијата. Според тоа, Судот го отфрла приговорот на Владата.
3. Заклучок во врска со допуштеноста
44. Судот забележува дека апликацијата не е очигледно неоснована според член 35 став 3 (а) од Конвенцијата. Понатаму забележува дека истата не е недопуштена по која било друга основа. Оттука, истата треба да се прогласи за допуштена.
Б. Меритум
1. Поднесоци на странките
45. Апликантката тврди дека во Хрватска има сериозни недостатоци во правната рамка во врска со уредувањето на трговијата со луѓе и експлоатацијата со проституција. Таа го посочи извештајот од Европската комисија во кој се искажува загриженост за бројот на пресуди за трговија со луѓе во Хрватска што се чини многу низок за да делува превентивно. Извештајот исто така ја повика хрватската Влада да преземе проактивни мерки за борба против трговијата со луѓе, вклучително и обука за судии, обвинители и други релевантни државни службеници. Таа исто така се повика на извештаите за трговија со луѓе од Стејт департментот на САД за Хрватска од 20 јуни 2014 година и 27 јуни 2017 година. Таа ја истакна разликата во бројот на жртви на трговија со луѓе во Хрватска кои се пријавени од меѓународни тела (околу 8,000 според извештаите на Стејт департментот на САД) и бројот што го посочува Владата (184 жртви, види став 49 подолу).
46. Во конкретниов случај, јасно се покажаа сите недостатоци на хрватскиот правен систем. Апликантката посочи на недостигот од јасни поуки за нејзините права како жртва и дека службениците коишто работеле со нејзиниот предмет не биле обучени за постапување со жртви на сексуални кривични дела. Релевантните органи не ги истражиле и не ги оцениле правилно сите аспекти на наводите на апликантката за Т.М., како тоа дека таа била без средства за живеење и економски зависна од него; дека Т.М. користел разни начини на принуда против апликантката, како употреба на позицијата на моќ со покажување дека е поранешен полицаец и дека има арсенал оружја; со закани дека ќе го повреди нејзиното семејство и нејзините пријатели; со лажни ветувања дека ќе најде „соодветна работа“ за апликантката, а сето тоа со единствена цел за сексуална експлоатација на апликантката.
47. Иако во кривичната постапка против Т.М., судовите утврдиле дека тој ја експлоатирал за проституција, Т.М. не бил осуден за ниедно кривично дело. Згора на тоа, државниот обвинител не го преквалификувал кривичното дело што Т.М. го сторил, бидејќи тој бил обвинет и гонет единствено за квалификуваниот облик на кривично дело посредништво при проституција што подразбира употреба на сила, елемент што националните судови утврдиле дека недостига. Потоа, согласно добро утврдената пракса, првостепениот суд исто така можел да ги преквалификува обвиненијата против Т.М. за да го ублажи кривичното дело за коешто бил обвинет.
48. Владата тврди дека хрватскиот правен систем содржи прецизни и јасни одредби кои ги прогласуваат за незаконски делата како принудување на друго лице на проституција, намамување на друго лице на проституција или овозможување на друго лице да се впушти во проституција во рамките на организирана шема. Покрај тоа, има и јасни процесни одредби во хрватското законодавство што овозможуваат ефикасно гонење на сите кривични дела поврзани со проституција.
49. Владата исто така посочи на разни стратешки документи за превенција и борба против трговијата со луѓе. Од воведувањето на тие документи во 2002 година, биле идентификувани 184 жртви на трговија со луѓе. Во 2002 година, Владата го формираше Националниот комитет за сузбивање на трговија со луѓе, Оперативниот тим за сузбивање на трговија со луѓе, како и четири подрачни „мобилни екипи“ фокусирани на обезбедување на помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе кои што се достапни дваесет и четири часа на ден и составени од претставници на центри за социјална работа, хрватскиот Црвен крст и невладини организации кои што се борат против трговијата со луѓе. Членовите на тие екипи поминале специјализирана систематска обука организирана од Владината канцеларија за човекови и малцински права.
50. Во врска со конкретниов случај, Владата тврди дека Т.М. не бил обвинет, бидејќи немало доволно докази. Единствените искази против Т.М. биле од апликантката. Владата детално го анализирала исказот на апликантката пред првостепениот суд и утврдила дека првостепениот суд, како и апелацискиот суд дале исцрпни причини зашто не го прифатиле исказот на апликантката како целосно веродостоен.
2. Оценката на Судот
(а) Примена на членот 4 од Конвенцијата
51. Во однос на применливоста на членот 4, Судот упатува кон начелата и ставовите изразени во предметите Rantsev и Siliadin (види Rantsev против Кипар и Русија, бр. 25965/04, §§ 273-81, ЕСЧП 2010 (извадоци), и Siliadin против Франција, бр. 73316/01, §§ 112-20, ЕСЧП 2005‑VII).
52. Во врска со конкретниов предмет, Судот забележува дека апликантката навела пред домашните органи дека била психички и физички принудена од Т.М. да учествува во мрежата на проституција што тој ја организирал. Во домашните постапки, апликантката исто така навела дека Т.М. го одредил износот на пари што нејзините (на апликантката) клиенти требало да го плаќаат; дека таа му давала половина од парите што ги заработувала од давањето на сексуални услуги на Т.М. (види став 9 погоре). Тоа довело националните органи да ѝ го признаат статусот на жртва на трговија со луѓе (види став 12 погоре).
53. Националните судови утврдија дека е неспорно тоа што Т.М. ѝ дал на апликантката мобилен телефон за да можат клиентите да ја контактираат за сексуални услуги; што Т.М. ја превезувал апликантката до клиентите и дека таа пружала сексуални услуги во станот во којшто таа живеела заедно со него (види став 18 погоре).
54. Нема сомнеж дека трговијата со луѓе и експлоатацијата со проституција го загрозуваат човековото достоинство и основните слободи на жртвите и не може да се сметаат за компатибилни со едно демократско општество и со вредностите од Конвенцијата. Имајќи ја предвид обврската да ја толкува Конвенцијата во контекст на денешните услови, Судот смета дека е непотребно да идентификува дали третманот на кој се жали апликантката претставува „ропство“, „ропска зависност“ или „принудна или задолжителна работа“. Наместо тоа, Судот заклучува дека самата трговија со луѓе, како и експлоатацијата со проституција во смисла на членот 3 (а) од Протоколот од Палермо, член 4 (а) од Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе, член 1 од Конвенцијата за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција и „CEDAW“ (да се видат ставовите 27, 28, 31 и 33 погоре) спаѓаат во опсегот на членот 4 од Конвенцијата и ќе го оцени овој случај според таа одредба. Во таа насока, ирелевантно е тоа што апликантката е всушност државјанин на тужената држава и дека нема меѓународен елемент бидејќи член 2 од Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе ги предвидува „сите облици на трговија со луѓе, било да е на национален или транснационален план“ (види став 33 погоре) и Конвенцијата за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција упатува општо на експлоатацијата со проституција (види став 27 погоре).
(б) Општите начела на членот 4
55. Релевантните општи начела со кои се регулира примената на членот 4 од Конвенцијата во специфичниот контекст на трговија со луѓе и принудна работа се наведени во предметите Rantsev (цитиран погоре, §§ 272-89) и Chowdury и други против Грција (бр. 21884/15, §§ 86-91, ЕСЧП 2017). Судот повторува дека заедно со членовите 2 и 3, членот 4 содржи една од основните вредности на демократските општества во состав на Советот на Европа (види Siliadin, цитиран погоре, § 82). За разлика од повеќето правно-материјални одредби од Конвенцијата, членот 4 став 1 не предвидува исклучоци и не е дозволено отстапување од него според членот 15 став 2, дури и во случај на општа опасност која го загрозува животот на нацијата (види C.N. против Обединетото Кралство, бр. 4239/08, § 65, 13 ноември 2012 година).
56. Судот во Rantsev забележа дека трговијата со луѓе честопати се опишува како форма на современо ропство и затоа смета дека таа сама по себе претставува навреда за човековото достоинство и не е во согласност со демократските вредности и вредностите на Конвенцијата, а со тоа е опфатена и во рамките на забраната на членот 4, без потреба да се квалификува како „ропство“, „ропска зависност“ или „принудна работа“. Идентификуваните елементи на трговијата со луѓе – третирањето на луѓето како стоки, близок надзор, ограничување на движењето, употреба на насилство и закани, лоши услови за живеење и за работа и слабо плаќање или неплаќање – се заеднички за овие три категории (види Rantsev, цитиран погоре, §§ 279-82; и J. и други против Австрија, бр. 58216/12, § 104, ECHR 2017 (извадоци).
57. Во пресудата Siliadin, Судот потврди дека членот 4 содржи посебна позитивна обврска за земјите членки да го казнат и да го гонат ефикасно секое дело чија цел е задржување на лице во ситуација на ропство, ропска зависност или принудна или задолжителна работа (цитиран погоре, §§ 89 и 112; види и C.N. и V. против Франција, бр. 67724/09, § 105, 11 октомври 2012 г.; C.N. против Обединетото Кралство, цитиран погоре, § 66; и L.E. против Грција, бр. 71545/12, § 65, 21 јануари 2016 г.).
58. Произлегува дека државите имаат позитивна обврска да воспостават законска и административна рамка за забранување и казнување на трговијата со луѓе, како и да преземат мерки за заштита на жртвите со цел да обезбедат сеопфатен пристап кон тоа прашање, како што е предвидено со Протоколот од Палермо и Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе (види Rantsev, цитиран погоре, § 285, и L.E., цитиран погоре, § 66). Од државите се бара и да обезбедат релевантна обука за лицата што работат во институциите за спроведување на законот и за имиграција (види Rantsev, цитиран погоре, § 287) и да спроведуваат сеопфатна истрага (види J. и други, цитиран погоре, § 104).
59. Судот особено нагласува дека како и членовите 2 и 3, и членот 4 содржи процесна обврска за спроведување на истрага кога има веродостоен сомнеж дека се повредени правата на индивидуата според тој член (види C.N. против Обединетото Кралство, цитиран погоре, § 69). Праксата на Судот покажува дека процесните барања од членовите 2 и 3 од Конвенцијата може да важат и надвор фазата на истрага, во ситуациите кога наводното малтретирање било извршено и од државни службеници и од приватни лица (за државни службеници, види на пример Ali и Ayşe Duran против Турција (бр. 42942/02, 8 април 2008 г.); а за приватни лица види Beganović против Хрватска, бр. 46423/06, § 77, 25 јуни 2009 г., и Baştürk против Турција, бр. 49742/09, § 26, 28 април 2015 г.). Судот утврди дека кога истрагата доведува до поведување на постапки во националните судови, постапките во целина, заедно со фазата на судење, треба да се земат предвид. Иако не постои апсолутна обврска сите обвиненија да резултираат со пресуда или одредена казна, националните судови не треба во никој случај да дозволат да останат неказнети однесувањата кои загрозуваат нечии живот и сериозните напади врз физичкиот и менталниот интегритет. Според тоа, за Судот беше важно да разгледа дали и до која мера судовите при носењето на заклучокот може да се смета дека внимателно го разгледале предметот како што е предвидено во членовите 2 и 3 од Конвенцијата, за да не се поткопа превентивниот ефект на воспоставениот правосуден систем и значењето на улогата што истиот треба да ја има за спречување на повреди на правото на живот и забраната на малтретирање (види Beganović, цитиран погоре, § 77, врз основа на Ali и Ayşe Duran, исто така цитиран погоре, §§ 61 и 62).
60. Истото важи и во контекст на процесните обврски според член 4 од Конвенцијата, како што беше потврдено во предметот Chowdury и други, каде Судот утврди дека обврската за спроведување на ефикасна истрага ги поврза органите на прогонот со судските органи. Кога тие органи утврдуваат дека едно лице било тргувано, тие треба согласно своите надлежности, да ги преземат сите неопходни мерки што произлегуваат од примената на релевантните кривични одредби (види Chowdury и други, цитиран погоре, §§ 68 и 116). Обврската да се спроведува истрага не зависи од жалбените наводи на жртвата бидејќи откако ќе се известат органите за наводите за трговија со луѓе, тие треба да постапуваат по сопствена иницијатива. За да биде ефикасна, истрагата треба да биде независна од оние што се вмешани во настаните. Истрагата мора да биде ефикасна и во смисла на тоа дека може да доведе до идентификување и казнување на одговорните. Обврската не се однесува на резултатот, туку на средствата. Во овој контекст, има имплицитно барање за ажурност и истрага која се води со разумна брзина. Жртвата треба да биде вклучена во постапката во онаа мера во која тоа е неопходно за да се заштитат нејзините легитимни интереси (види L.E., цитиран погоре, § 68).
(в) Примена на овие начела во конкретниов случај
61. Судот забележува дека жалбените наводи на апликантката имаат три аспекти. Првиот е дали имало соодветна правна и регулаторна рамка за заштита на нејзините права согласно членот 4 од Конвенцијата; вториот е дали ѝ била дадена соодветна помош и поддршка за намалување на стравот и притисокот што ги чувствувала при сведочењето против Т.М.; и третиот е дали при примената на таа рамка во нејзиниот конкретен случај, националните органи ги почитувале нивните процесни обврски.
(i) Дали имало соодветна правна и регулаторна рамка
62. Во меѓународното право, проституцијата, сексуалната експлоатација и трговијата со луѓе се тесно поврзани. Со цел да ги исполнат своите обврски согласно членот 4 од Конвенцијата, државите треба да воспостават законска и административна рамка со која се забранува и казнува принудна или задолжителна работа, ропска зависност или ропство (види Siliadin, цитиран погоре, §§ 89 и 112, и Rantsev, цитиран погоре, § 285). Од државите-членки треба исто така да се бара да имаат ефикасни кривично-правни одредби за случаите поврзани со принудната проституција. Во тие случаи, како и во случаите за дела како силување или сексуална злоупотреба, се доведуваат во прашање основните вредности, човековото достоинство и суштинските аспекти на приватниот живот (види X и Y против Холандија, 26 март 1985 г., § 27, Series A и 91 и M.C. против Бугарија, бр. 39272/98, § 150, ЕСЧП 2003‑XII).
63. На меѓународно, европско и национално ниво, постои широк спектар на закони што ја квалификуваат сексуалната експлоатација, дури и со согласност од експлоатираното лице, како кривично дело (да се видат ставовите 27, 28, 31 и 32 погоре). Покрај тоа, широко е прифатено дека жртвите на експлоатација со проституција треба да добијат соодветна поддршка, а не да се гонат (да се видат ставовите 31 и 33).
64. Оттука, во конкретниов случај, со цел да се утврди дали имало повреда на членот 4, појдовната точка е домашната правна рамка и нејзината примена во индивидуалниот случај на апликантката (види Rantsev, цитиран погоре, § 284; и C.N. и V. против Франција, цитиран погоре, § 105).
65. Судот забележува дека проституцијата во Хрватска е нелегална. Експлоатацијата со проституција заедно со принудната проституција како посериозна форма на претходната, како и личното нудење на сексуални услуги се нелегални (да се видат ставовите 24 и 25 погоре). Кривичните дела трговија со луѓе, ропство, принудна работа и кривичното дело посредништво при проституција беа забранети со Кривичниот законик во времето кога биле сторени наводните дела и биле водени конкретните кривични постапки, и сè уште се противзаконски. Согласноста на жртвата е ирелевантна за постоењето на кривичното дело трговија со луѓе, и од 2013 година истото е изречно наведено во Кривичниот законик за посредување при проституција. Дополнително, од 2013 година, купувањето на сексуални услуги претставува кривично дело. Државното обвинителство требало да поведе постапка за сите гореспоменати дела.
66. Хрватскиот Закон за кривичната постапка исто така содржи одредби за правата на жртвите на кривични дела и особено за жртвите на кривични дела против сексуалната слобода (да се видат релевантните одредби од Законот за кривичната постапка, цитиран погоре во став 26).
67. Понатаму, хрватската Влада усвои разни стратешки документи за спречување и борба против трговијата со луѓе и формираше специјализирани екипи за да им даваат помош на жртвите на трговија со луѓе (да се види став 49 погоре).
68. Според тоа, Судот е задоволен што во времето кога било сторено наводното дело и се водела постапка за истото, постоела адекватна правна рамка во Хрватска за негово разгледување во контекст на трговијата со луѓе, принудната проституција и експлоатацијата со проституција. Судот исто така забележува дека во меѓувреме таа рамка дополнително била подобрена (да се види став 25 погоре).
(ii) Дадената поддршка на апликантката
69. Судот забележува дека Владата тврди дека на апликантката ѝ биле објаснети голем број на права поврзани со нејзиниот статус на жртва на трговија со луѓе и дека таа добила разни видови на поддршка и помош, како правото на советување, на бесплатна правна помош, како и да даде исказ на судењето без присуство на сторителот (види став 12 погоре). Aпликантката генерално ги оспорува тие поднесоци без притоа конкретно да посочи точно кои права или облици на поддршка ѝ биле одбиени (види став 46 погоре).
70. Судот исто така забележува дека апликантката никогаш не приговарала или не поднела никаква жалба во однос на постапувањето на националните органи, вклучително и судот што ја водел кривичната постапка против Т.М., ниту кој било друг орган, ниту пат каква било жалба во однос на нејзините права како жртва на трговија со луѓе или во врска со помошта, поддршката или која било форма на советување што ѝ била дадена или недостасувала.
71. За време на судењето, апликантката била известена за можноста да го контактира одделот за организирање и давање на поддршка за сведоци и жртви во рамките Општинскиот кривичен суд на З. На апликантката ѝ биле дадени информации за контакт на тој оддел (види став 12 погоре). Нема докази дека апликантката стапила во контакт со одделот.
72. Во тие околности, Судот прифаќа дека апликантката навистина добила поддршка и помош како што тврди Владата. Тоа подразбира пред сè, признавање на нејзиниот статус како жртва на трговија со луѓе. Според тоа, таа добила совети од хрватскиот Црвен крст и бесплатна правна помош преку програмата спроведена од невладина организација, а финансирана и поддржана од државата. Покрај тоа, веднаш по барање на апликантката, обвинетиот бил отстранет од судницата и апликантката дала исказ во негово отсуство.
(iii) Дали државните органи ги почитувале нивните процесни обврски
73. Судот понатаму ќе ги разгледа спорните регулативи и практики, а особено запазувањето на релевантните процесни правила од страна на домашните органи, како и начинот на кој кривично-правните механизми биле применети во конкретниот случај, од аспект на тоа дали биле дефектни до таа мера за да претставуваат повреда од страна на тужената држава на нејзините процесни обврски според членот 4 од Конвенцијата (види C.N. против Обединетото Кралство, цитиран погоре, § 51).
74. Судот забележува дека апликантката навела пред домашните органи дека била психички и физички принудена од Т.М. да се впушти во проституција (види ставови 6, 9 и 16 погоре). Поради тоа, националните органи ѝ го признале статусот на жртва на трговија со луѓе (види став 12 погоре). Тие околности на државата ѝ ја наметнаа обврската, согласно процесниот аспект на членот 4, да спроведе соодветна истрага за жалбените наводи на апликантката (види Rantsev, цитиран погоре, § 252, ЕСЧП 2010 и исто така ставовите 58-60 погоре).
75. За Судот е важно да разгледа дали и до која мера органите на прогонот при преземањето на дејствијата, и судовите при носењето на заклучокот, може да се смета дека внимателно го разгледале предметот, како што е предвидено во членот 4 од Конвенцијата, за да не се поткопаат превентивниот ефект на воспоставениот кривичен систем и значењето на улогата што истиот треба да ја има за спречување на повреди на правата заштитени во членот 4 од Конвенцијата (види mutatis mutandis, Okkalı против Турција, бр. 52067/99, § 66, ЕСЧП 2006‑XII (извадоци)).
76. Во врска со чекорите што ги преземале националните органи, Судот потврдува дека полицијата и органите на прогонот постапиле брзо, особено во поглед на вршењето претрес на просториите на Т.М., водењето разговор со апликантката и поднесувањето на обвинение против Т.М.
77. Од друга страна, Судот не може, а да не забележи дека единствените сведоци со кои било водено разговор за време на истрагата и кои биле сослушани на судењето биле самата апликантка и нејзината пријателка М.И. Иако е точно дека М.И. не ја потврдила во потполност изјавата на апликантката, Судот забележува дека има индициа дека апликантката се обратила за помош и зборувала по телефон со мајката на М.И., а не со М.И., на денот кога избегала од станот што го делела со Т.М. Веднаш штом побегнала од Т.М., апликантката поминала неколку месеци со М.И. и нејзината мајка. Меѓутоа, истражните органи не добиле изјава од мајката на М.И. Исто така, тие разговарале со момчето на М.И. кој ја зел апликантката од станот и ја одвел до станот на М.И. и нејзината мајка.
78. Тие елементи, заедно со оние наведени подолу, покажуваат дека националните органи не направиле сериозен обид детално да ги истражат сите релевантни околности и да ги соберат сите достапни докази. Тие не направиле дополнителни обиди да ги идентификуваат клиентите на апликантката и да разговараат со нив, а особено лицето кај кое Т.М. ја одвел апликантката за сексуални услуги првпат. Тие исто така не ги сослушале доказите од мајката на апликантката, газдата на станот и соседите на апликантката и Т.М. кои можеби имале некои релевантни сознанија за вистинскиот однос помеѓу апликантката и Т.М., наводното тепање и заклучувањето на апликантката во станот.
79. Судот ги забележува жалбените наводи на апликантката дека била економски зависна од Т.М. и за разните облици на принуда што тој наводно ги користел против неа, како истакнувањето дека тој е поранешен полицаец кој има „арсенал оружја“, заканите дека ќе го повреди нејзиното семејство и манипулирањето со лажни ветувања дека ќе ѝ најде „соодветна работа“ (види став 9 погоре), како и изјавата на М.И. дека апликантката била многу потресена и уплашена од Т.М. кој продолжувал да ѝ се заканува на апликантката преку социјалната мрежа додека живеела со М.И. (види став 10 погоре). Нема индиции дека националните органи направиле сериозен обид детално да ги истражат тие околности кои биле релевантни за да се оцени дали Т.М. ја принудил апликантката на проституција. Се чини дека не се зел предвид фактот дека за време на претресот на просториите на Т.М., полицијата нашла неколку парчиња автоматски пушки (да се види став 8 погоре). Националните судови не посветиле соодветно внимание на овие елементи и заклучиле дека апликантката своеволно давала сексуални услуги. Покрај тоа, Судот забележува дека согласно хрватското право, Конвенцијата на Обединетите нации за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција, како и Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа, согласноста на жртвата е ирелевантна (види погоре, ставови 24-25, 27 и 33).
80. Судот понатаму забележува дека националните судови го отфрлиле сведоштвото на апликантката како неверодостојно затоа што ја процениле нејзината изјава како некохерентна, дека била несигурна и дека паузирала и се двоумела додека зборувала (види ставови 18 и 35 погоре). Националните органи не го оцениле можното влијание од психолошката траума врз способноста на апликантката конзистентно и јасно да ги пренесе околностите на нејзината експлоатација. Судот, со оглед на ранливоста на жртвите на сексуалните кривични дела, исто така прифаќа дека средбата со Т.М. во судницата можела да има негативен ефект врз апликантката, без оглед на тоа што Т.М. потоа бил отстранет од судницата (види став 15 погоре).
(iv) Заклучок
81. Како заклучок, Судот смета дека горенаведените елементи покажуваат, во посебните околности на случајот, дека релевантните државни органи не ги исполниле своите процесни обврски според членот 4 од Конвенцијата. Според тоа, има повреда на членот 4 од Конвенцијата.
II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
82. Членот 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна- договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
А. Штета
83. Апликантката бара 20,000 евра за нематеријална штета.
84. Владата тврди дека барањето на апликантката за нематеријална штета е неосновано, прекумерно и непоткрепено.
85. Имајќи ги предвид сите околности на конкретниов случај, Судот прифаќа дека апликантката претрпела нематеријална штета за која единствената компензација не може да биде само утврдувањето на повреда. Со својата проценка на правична основа, Судот, со оглед на чисто процедуралниот карактер на утврдената повреда, ѝ досуди на апликантката 5.000 евра за нематеријална штета (да се спореди со C.N. против Обединетото Кралство, цитиран погоре, § 90).
Б. Трошоци и расходи
86. Апликантката исто така бара 4,376.15 евра за трошоците и расходите направени пред Судот.
87. Владата тврди дека апликантката била застапена од адвокат обезбеден од невладина организација и финансиран од државата. Тие исто така тврдат дека барањето на апликантката за трошоци и расходи е неосновано и прекумерно.
88. Судот забележува дека апликантката не го побива тврдењето на Владата дека нејзиниот адвокат веќе бил исплатен со средства од државата. Во овие околности, Судот го отфрла барањето на апликантката за трошоци и расходи.
В. Затезна камата
89. Судот смета дека е соодветно стапката на затезната камата да се заснова на најниската каматна стапка за задолжување на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. ја прогласува апликацијата за допуштена со мнозинство;
2. одлучи, со шест гласа наспроти еден, дека има повреда на членот 4 од Конвенцијата во нејзиниот процедурален аспект;
3. одлучи, со шест гласа наспроти еден,
(а) дека тужената држава треба да ѝ плати на апликантката во рок од три месеци од денот кога пресудата станува конечна во согласност со член 44 став 2 од Конвенцијата, 5,000 евра (пет илјади евра), плус кој било данок кој можел да се наплати, во име на нематеријална штета, конвертирани во хрватски куни по стапката применлива на денот на исплатата;
(б) дека од истекот на споменатите три месеци до исплатата ќе се пресметува камата на горенаведените износи, по стапка еднаква на најниската каматна стапка за задолжување на Европската централна банка, за периодот до плаќањето плус 3 процентни поени;
4. едногласно го отфрла остатокот од барањето на апликантката за правично задоволување.
Изготвено на англиски и доставено во писмено на 19 јули 2018 година, согласно членот 77 ставови 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Abel CamposLinos-Alexandre Sicilianos
СекретарПретседател
Во согласност со член 45 став 2 од Конвенцијата и член 74 став 2 од Деловникот на Судот, издвоеното мислење на судијата Koskelo е приложено кон оваа пресуда.
L.A.S.
A.C.
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈАТА KOSKELO
1. Жалам што не се согласувам со мнозинството во конкретниов случај и во однос на допуштеноста и во однос на основаноста.
А. Допуштеност
2. Јас гласав против прогласување на апликацијата за допуштена. Спротивниот заклучок што го донесе мнозинството, според мене, е погрешен во контекст на апликацијата онака како што е поднесена до Судот. Сметам дека мнозинството го разгледа предметот врз основа на факти на кои апликантката ниту се повика, ниту потпира во своите жалбени наводи пред Судот. На тој начин, мнозинството излезе од опсегот на предметот упатен до Судот и ги пречекори ограничувањата на својата надлежност.
3. Веднаш ќе потсетам дека, како што неодамна истакна Големиот судски совет на Судот, жалбата се карактеризира и се ограничува со фактите што се наведени во неа. Конвенцијата не му дозволува на Судот да ги користи фактите што апликантот не ги навел и да испитува дали таквите факти се компатибилни со Конвенцијата. Од фундаментално значење е опсегот на предметот пред Судот да остане ограничен со фактите претставени од апликантот, бидејќи доколку Судот треба да ја заснова својата одлука врз фактите што не се опфатени со жалбата, ќе донесе одлука надвор од опсегот на предметот и ќе ја пречекори својата надлежност носејќи одлука за прашањата кои не биле „наведени" во неа, во смисла на членот 32 од Конвенцијата (да се види Radomilja и други против Хрватска [GC], бр. 37685/10, §§ 108, 113, 121, 123 и 126, 20 март 2018 г.).
4. Во конкретниов случај, жалбата на апликантката (за која, исклучително, достапен е превод) била поднесена според членовите 3, 6 и 8 (но, не и член 4). Фактичката основа на жалбата е дека Т.М. против кого апликантката навела дека ја принудил на проституција, не бил осуден пред домашните судови иако истите утврдиле дека биле докажани конститутивни елементи на поблага форма на наводното кривично дело – посредување при проституција (што не вклучува употреба на сила). Според утврдената судска пракса, Конвенцијата не гарантира право да се добие кривична осуда за некое лице (да се види Javor и други против Унгарија (dec.), бр. 11440/02, 25 август 2005 г.). Тој став е релевантен за поплаките на апликантката според членовите 3 и 6, како и за нејзините жалбени наводи дека ослободувањето на Т.М. од вина предизвикало повреда на нејзината приватност во смисла на нејзиниот физички интегритет.
5. Покрај горенаведените конкретни поплаки, апликантката само ги наведе нејзините жалбени наводи изјавувајќи дека:
„Државата мора да преземе соодветни дејства за да ги казни оние што постапуваат противзаконски. Според тоа, кога некој поединец поднесува кривична пријава, државата има „процесна“ обврска да го истражи случајот, по истрагата да ги гони сторителите, и во случај да ги прогласи за виновни, да ги казни согласно законот“.
Таквите изјави не се ништо повеќе од апстрактни упатувања кон законските обврски на државите според процесниот аспект на членот 3.
6. Како што утврди Судот, за апликантите не е доволно само генерално да се повикуваат на Конвенцијата. Жалбените наводи се составени од два елемента: фактички наводи и правни аргументи. Од апликантите се бара не само да се повикаат на правната норма, туку исто така да ја посочат фактичката основа на жалбените наводи и природата на наводната повреда (да се види Allan против Обединетото Кралство (dec.), бр. 48539/99, 28 август 2001 г.).
7. Оттука, жалбата што апликантот ја поднесува мора да ги содржи фактичките параметри што се неопходни за Судот да го дефинира прашањето што треба да го испита. Тоа е од фундаментално значење, бидејќи улогата на Судот не може да биде истиот да постапува по сопствена иницијатива и бидејќи треба да се обезбеди контрадикторност на постапката пред Судот. Последново е предвидено со членот 38 од Конвенцијата според кој, Судот треба да го испита предметот „заедно со“ застапниците на странките, и со Деловникот на Судот (да се види членот 54 став 2 (б) особено). Тужената Влада треба да биде во позиција да знае, врз основа на жалбата поднесена од апликантот, кои се прашањата што би можеле да бидат предмет на разгледување од страна на Судот.
8. Во конкретниов случај, мнозинството продолжи да испитува и решава по прашања на кои воопшто не упатува апликантката во својата апликација, ниту дури во нејзините последователни опсервации до Судот. Апликантката особено не претстави никаков жалбен навод во врска со пропустите на истрагата, ниту пак посочи какви било недостатоци во прибирањето на искази од страна на домашните органи, а не посочи ниту на некакви пропусти за евентуалните дополнителни сведоци. Следствено на тоа, на тужената Влада не ѝ беше дадена никаква можност да ги коментира елементите врз кои се потпре мнозинството како основа за заклучување дека имало повреда на процесните обврски што произлегуваат од членот 4.
9. Иако се согласувам дека апликантката се наоѓа во ранлива позиција, таа сепак добивала помош од професионален адвокат и во текот на домашните постапки и пред овој Суд. Не гледам никакво оправдување за Судот да ги занемари основните начела на постапката. Според мене, Судот нема надлежност да ги разгледува прашањата на кои не се жали апликантот, и нема причина зошто конкретниов случај треба да дозволи исклучок од таква фундаментална норма.
10. Непочитувањето на ограничувањата на надлежноста на Судот утврдени со содржината на жалбата е сериозно бидејќи ја искривоколчува улогата на Судот и ја поткопува контрадикторноста на постапката што е од суштинско значење за авторитетот и легитимноста на органот задолжен да дава обврзувачки пресуди. Ќе биде занемарен и еднаквиот третман на апликантите доколку Судот не постапува конзистентно во тој поглед. Апликантите треба да прифатат дека Судот не оди подалеку од разгледување на жалбата што тие ја поднеле, а тоа треба да се однесува на сите нив.
Б. Меритум
11. Во поглед на мериторноста на предметот, има две различни причини за моето несогласување. Како прво, се спротивставувам на начинот на кој мнозинството го користи конкретниов случај како повод за да го прошири опсегот на примена на членот 4. Како второ, се спротивставувам на начинот на кој мнозинството, по сопствена иницијатива, ја презема улогата на директен, или „од прва инстанца“ испитувач на квалитетот на водењето на домашната кривична постапка.
12. Веднаш забележувам дека, на домашно ниво, апликантката поднела кривична пријава наведувајќи дека била принудена на проституција. Сепак, конечните домашни одлуки покажуваат дека елементот на принуда не е докажан. Во нејзината апликација, апликантката упатува на членот 3.
13. Според тоа, би потсетил дека Судот утврди дека проституцијата е некомпатибилна со членот 3 од Конвенцијата кога истата е принудена (да се види V.T. против Франција, бр. 37194/02, § 25, 11 септември 2007 г.). Истовремено, Судот потврди дека нема консензус помеѓу земјите членки на Советот на Европа во врска со другите форми на проституција и дека според тоа, не заземал никаков став за тоа дали проституцијата како таква е некомпатибилна со членот 3 (ibid., § 24).
14. Во конкретниов случај, мнозинството избра да го разгледува предметот според членот 4 од Конвенцијата. Причината за тоа не е ниту очигледна, ниту објаснета, но може да е поврзана со фактот што во конечната домашна пресуда не била утврдена принуда, заедно со амбицијата да се постигне промена во судската пракса преку ново толкување на последната одредба.
(i) Поле на примена на членот 4
15. Во Rantsev против Кипар и Русија (цитиран во став 51 од оваа пресуда), Судот утврдува дека трговијата со луѓе, во смисла на членот 3 (А) од Протоколот од Палермо и членот 4(а) од Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе, спаѓа во полето на примена на членот 4 од Конвенцијата (да се види Rantsev, § 282). Зборовите во курзив се значајни бидејќи тие го поврзуваат полето на примена на членот 4 со дефиницијата за трговија со луѓе предвидена во наведените одредби (цитирани во став 31 и 33 од оваа пресуда) и согласно на тоа, го ограничуваат полето на примена.
16. Важно е да се забележи дека дефиницијата за трговија со луѓе во горенаведените инструменти е составена од три кумулативни елементи и сите треба да бидат присутни, односно „дејство“, „средство“ и „цел“[1]. „Дејството“ е „врбување, транспорт, трансфер, сместување или прифаќање на лица“. „Средството“ е „со закана или употреба на сила или други форми на принуда, со грабнување, невистина, измама, злоупотреба на власта или на состојбата на немоќ, или со нудење или прифаќање на пари или корист заради добивање согласност од некое лице кое има власт над друго лице“. На крај, целта е „експлоатацијата“. Истата не е дефинирана, но „подразбира, во најмала мерка, експлоатација со проституција на друго лице или други форми на сексуална експлоатација, принудна работа или услуги, ропство или постапувања слични на ропство, зависност или земање органи“.
17. Три аспекта се особено важни. Како прво, во горенаведените инструменти наведени во Rantsev, поимите „експлоатација на друго лице со проституција“ и „други форми на сексуална експлоатација“ се релевантни само како делови на елементот „цел“ од дефиницијата за трговија со луѓе. Како второ, изразите „експлоатација на друго лице со проституција“ и „други форми на сексуална експлоатација“ не се дефинирани во тие инструменти. Тоа е намерен избор со цел тие инструменти да немаат влијание врз начинот на кој државите членки ја дефинираат проституцијата во своите домашни законодавства[2]. Како трето, иако е точно дека согласно членот 4 (б) од Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе, согласноста на жртвата е ирелевантна, тоа нема влијание за разводнување на елементите поврзани со „средството“ во дефиницијата за трговија. Од друга страна пак, одредбата предвидува дека „согласноста на жртвата на „трговија со луѓе“ со цел експлоатација на друго лице со проституција или други форми на експлоатација... ќе биде ирелевантна кога било употребено кое било од средствата предвидени во...“. Со други зборови, согласноста на жртвата не е валидна одбрана и не може да има ослободувачки ефект за сторителот кога се утврдува дека е присутен елементот „средство“ (да се види став 79 од оваа пресуда, каде што се чини дека мнозинството ги меша работите; во конкретниов случај домашните судови не утврдиле дека има доволно докази за да се востанови дека апликантката била принудена на проституција така што прашањето за согласноста, во смисла на тоа дека согласноста не може да претставува валидна одбрана, не може ни да се отвори).
18. Иако во Rantsev, Судот внимателно го поврза своето толкување на полето на примена на членот 4 изречно и исклучиво со поимот трговија со луѓе онака како што е дефиниран во Протоколот од Палермо и Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе, мнозинството во конкретниов случај одат многу подалеку од тој став тврдејќи дека и трговијата со луѓе и експлоатацијата со проституција спаѓаат во полето на примена на членот 4 (да се види став 54 од оваа пресуда). Имено, како што беше објаснето погоре, ниту Протоколот од Палермо, ниту Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе немаат за цел да ја забранат „експлоатација со проституција“ како феномен кој се разликува од неговото место како елемент на компонентата „цел“ на трговијата со луѓе, ниту пак таа е дефинирана во тие инструменти. Сметајќи сега дека „експлоатацијата со проституција“ – што и да се подразбира под тоа – спаѓа во рамките на забраната предвидена во членот 4, мнозинството воведува проширување на полето на примена на тој член што истовремено е значајно и нејасно. Последниов аспект е особено проблематичен во контекст на барањето таквата експлоатација да се квалификува како кривично дело (да се види став 63 од оваа пресуда) што во отсуство на дополнителна дефиниција може единствено да загрижува според членот 7 од Конвенцијата.
19. Добро познато е дека нема единствено разбирање на тоа што треба да се квалификува како „експлоатација со проституција или „сексуална експлоатација“. Додека некои сметаат дека проституцијата секогаш подразбира и експлоатација, други не го споделуваат тоа гледиште, а разликите во мислењата не секогаш се поврзани со родовите елементи. Исто така, се разликуваат и политичките пристапи во земјите членки на Советот на Европа, како што беше потврдено во гореспоменатата Конвенција за борба против трговијата со луѓе, како и во праксата на Судот (да се види V.T. против Франција, цитиран погоре, § 24).
20. Интересно е тоа што мнозинството упатува на членот 1 од старата Конвенција на ОН за сузбивање на трговија со луѓе и експлоатација на друго лице со проституција од 1951 година што навистина предвидува поошто формулирана обврска за „казнување на секое лице кое за да ги задоволи страстите на друг... експлоатира друго лице со проституција“ (да се видат ставовите 27 и 54 од оваа пресуда). Меѓутоа, важно е да се забележи дека навистина голем број на земји членки од Советот на Европа не ја ратификувале оваа конкретна Конвенција (ако не грешам, 26 од 47 земји членки ја прифатиле), додека пак сите ја ратификувале поскорешната и помалку сеопфатно формулираната Конвенција за борба против трговијата со луѓе (на која се упатува во Rantsev).
21. Она што исто така е впечатливо е дека новата, значајна промена во полето на примена на членот 4 е воведена без никаква вистинска анализа, без соодветна дискусија или објаснување, и без јасност или отвореност. Од друга страна пак, последователното претставување на општите начела го замаглува прашањето со цитирање на судската пракса поврзана со трговијата со луѓе (да се видат ставовите 58 и 60). Покрај тоа, би било проблематично да се сугерира дека иницијалното признавање на лицето како жртва на трговија со луѓе со цел да може да добијат разни мерки за поддршка, било самото по себе доволно да се активира примената на членот 4 без оглед на понатамошниот развој на текот на предметот (да се види став 52 од оваа пресуда).
22. Понатаму, во прашањата за кои Судот ги повика странките да поднесат опсервации, беа направени упатувања само кон Rantsev (§§ 283-89) во врска со елементите според членот 4. Ништо не им сугерира на странките дека тие треба да се осврнат на евентуално дополнително проширување на полето на примена на тој член. Според тоа, немало причина за странките, или кои било други заинтересирани страни, да антиципираат дека полето на примена на членот 4 сега ќе се оддели од критериумите што ја дефинираат трговијата со луѓе (за што има консензус помеѓу земјите членки) и ќе се прошири за да опфаќа ситуации без елементи на принуда, измама или злоупотреба што се предвидени во контекст на трговијата со луѓе. Имено, земјите договорнички што се најмногу засегнати со тоа прашање, односно тие каде тековната законодавната политика за уредување на проституцијата е различна од онаа на тужената држава (последнава предвидува дека проституцијата и купувањето на сексуални услуги се нелегални, да се види став 65 од оваа пресуда), ќе бидат целосно изненадени и нема дури ни да имаат никаква можност да побараат предметот да се упати кон Големиот судски совет на Судот на разгледување бидејќи тоа право е резервирано само за странките во спорот. Се чини дека во заземениот пристап не влијаеле многу транспарентноста и правната сигурност.
23. Би сакал да истакнам дека горенаведената критика не е поврзана со конкретниот предмет на случајот или какви било лични ставови во тој поглед. Станува збор повеќе за општа загриженост за таквиот начин на судска активност што сметам дека е многу проблематичен.
(ii) Прашањето за почитувањето на процесните обврски
24. Добро востановено е дека државите имаат позитивна обврска предвидена во членовите 3 и 4 од Конвенцијата да донесат кривично-правни одредби што ефикасно ги казнуваат сериозните кривични дела забранети со тие одредби дури и кога истите не се сторени од државни службеници, туку од приватни лица, како и да ги применуваат во пракса преку ефикасна истрага и гонење (да се види M.C. против Бугарија, бр. 39272/98, § 153, ECHR 2003‑XII, и L.E. против Грција, бр. 71545/12, §§ 65 и 68, 21 јануари 2016 г.). Во врска со такви сериозни кривични дела, позитивната обврска на државата да го заштити физичкиот интегритет на индивидуата може исто така да се прошири и за прашања поврзани со ефикасноста на кривичната истрага (види на пример, Y. против Словенија, бр. 41107/10, 28 мај 2015 г.) и можноста да се добие репарација и надомест (види C.A.S. и C.S. против Романија, бр. 26692/05, 20 март 2012 г.).
25. Што се однесува до барањата во Конвенцијата поврзани со ефикасноста на истрагата, Судот утврди дека истата во принцип, треба да може да доведе до утврдување на фактите на случајот и до идентификување и казнување на одговорните. Обврската не се однесува на резултатот, туку на средствата. Органите требало да преземат разумни чекори што им биле на располагање за да обезбедат докази за инцидентот, како сведоштва на сведоците и судски докази, а барањето за ажурност и разумна брзина е имплицитно во овој контекст (да се види на пример, Y. против Словенија, цитиран погоре, § 96, со дополнителни упатувања). Брзината на реакцијата на органите во врска со жалбените наводи е важен фактор (види Labita против Италија [GC], бр. 26772/95, §§ 133 et seq., ECHR 2000‑IV). Во пресудите на Судот, се обрнува внимание на аспектите како, отворањето на истрагата, одложувањето на идентификувањето на сведоците или земањето изјави (да се види Mătăsaru и Saviţchi против Молдавија, бр. 38281/08, §§ 88 и 93, 2 ноември 2010 г.), времето потребно за иницијалната истрага (да се види Indelicato против Италија, бр. 31143/96, § 37, 18 октомври 2001 г.), како и неоправданото одложување на кривичната постапка што доведува до застареност (види Angelova и Iliev против Бугарија, бр. 55523/00, §§ 101-03, 26 јули 2007 г.). Згора на тоа, покрај неговата споредна улога во оценувањето на доказите, Судот утврди дека кога се даваат обвиненија според членот 3 од Конвенцијата, Судот мора да биде особено детален и внимателен дури и ако веќе биле спроведени одредени домашни постапки и истраги (види Cobzaru против Романија, бр. 48254/99, § 65, 26 јули 2007 г.).
26. Во конкретниов случај, апликантката поднела кривична пријава против Т.М. обвинувајќи дека тој ја принудил на проституција. Истрагата била спроведена и довела до обвинение против Т.М. за тоа што принудувал друго лице на проституција. Апликантката избрала да не учествува во постапката како оштетена страна и не ги остварила потребните процесните права, иако се појавила како сведок. Првостепениот суд го ослободил Т.М. од обвиненијата врз основа на недоволност на докази. Обвинителството поднело жалба, но и Апелацискиот суд ја потврдил ослободителната пресуда.
27. Во такви околности, на Судот му треба солидна основа за заклучокот дека тужената држава не ги исполнила своите обврски во истрагата и спроведувањето на релевантните кривични одредби. Сметам дека во конкретниов случај, поради неколку причини, Судот нема доволна основа за таков наод.
28. Како прво, апликантката не навела никакви конкретни жалбени наводи во врска со истрагата. На домашно ниво, апликантката, на која ѝ била обезбедена бесплатна правна помош (види став 72 од оваа пресуда), не се впуштила во кривичната постапка како оштетена страна што ќе ѝ го овозможеше правото да ги посочи фактите и да даде исказ (види став 26 од оваа пресуда). Се чини дека ниту апликантката, ниту нејзиниот застапник не покажале никаква загриженост, ниту се обиделе да укажат на некакви недостатоци во врска со идентификувањето на можните сведоци.
29. Како второ, и уште пофундаментално, ниту жалбените наводи, ниту опсервациите на апликантката пред овој Суд не содржат ништо за неидентификувањето или недобивањето на искази од сведоци освен оние што навистина биле сослушани во домашната постапка (Според тоа, како што е наведено погоре, овој аспект на предметот не требаше да биде допуштен за Судот воопшто да го разгледува). Следствено на тоа, Судот не доби никаков поднесок од ниедна странка што би можел да претставува основа за да го разгледува прашањето дали имало неоправдани пропусти во истрагата или земањето на докази од можните сведоци.
30. Како трето, како резултат на горенаведеното, Судот во конкретниов случај по сопствена иницијатива и без придонес од странките го истражуваше предметот со цел да ги идентификува лицата кои можеле да бидат или требало да бидат вклучени како сведоци во домашната постапка. Со оглед на тоа што во тој поглед не биле наведени, ниту посочени никакви недостатоци на домашно ниво или пред овој Суд, или пак спомнати на ниедно ниво, мнозинството овде презема улога на директен испитувач и првостепен арбитер на квалитетот на домашната кривична истрага.
31. А сепак, Судот нема директни, или пак според околностите дури ни индиректни информации за причините во позадина или што ги објаснуваат чекорите што биле преземени или не биле преземени или не биле следени во текот на дадената истрага. Меѓу другото, како објаснување може да биде тоа што апликантката ја поднела кривичната пријава дури една година по настаните на кои се жали, и тоа што идентификувањето, како и земањето на искази од клиентите на апликантката веројатно би било тешко со оглед на тоа што купувањето на сексуални услуги е нелегално според домашното законодавство. Судот неизбежно се наоѓа на многу кревка и опасна основа доколку се впушта во ваков вид на потфат за кој се определило мнозинството во конкретниов случај, односно потполно самостојно без придонес од странките. Вообичаено, Судот треба да разгледа како на домашно ниво биле решени, оценети или разгледани прашањата упатени до него во жалбените наводи и треба да го прави тоа врз основа на наведените конкретни наводи и поднесоците од странките до него. Во конкретниов случај, мнозинството постапува надвор од таквото вообичаено сценарио и без потребната контрадикторна основа.
32. Како четврто, домашниот предмет е достапен само на националниот јазик. Во предмет како овој, поголемиот дел од судиите во состав на Судскиот совет, од јазични причини, не се во позиција самостојно да го разгледаат предметот или да формираат независно мислење за елементите во него. Во ваква ситуација, кога Судот не функционира во вообичаеното сценарио, како што е наведено погоре, но постапува по своја иницијатива, без ниту претходна домашна оценка, ниту придонес од странките, со директно испитување на домашната кривична истрага, недостигот на независен пристап до елементите што се испитуваат е доста проблематичен од аспект на барањата својствени за судската улога. Сè што можам да сознаам за домашниот предмет е она што е наведено во пресудата. Да се одреди врз таа основа дали тоа што не се ангажирале одредени лица како сведоци претставува непочитување на процесните обврски на државата, или пак дека немало „сериозен обид детално да ги истражат сите релевантни околности и да ги соберат сите достапни докази“ (види ставови 78 и 79) е многу неубедливо, барем според моите стандарди. Доколку немало сериозен обид да се истражи случајот и доколку релевантните сведоци не биле сослушани, тогаш треба да се запрашаме зошто апликантката, преку нејзиниот правен застапник, не поднела никаква жалба врз основа на таквите фактички наводи ниту на домашно ниво, ниту пред Судот.
33. Што се однесува до оценувањето на доказите пред домашните судови, сметам дека мнозинството зазема многу проблематична позиција на четврта инстанца. Се тврди дека исказот на апликантката бил „отфрлен“ како неверодостоен без „да се оцени можното влијание од психолошката траума врз нејзината способност конзистентно и јасно да ги пренесе околностите на нејзината експлоатација“ (види став 80 од оваа пресуда). Таквата изјава имплицира дека мнозинството ја гледа „нејзината експлоатација“ како факт, а целта на судењето беше да се утврди дали, како што е обвинет, Т.М. навистина ја принудил апликантката на проституција и заклучокот на домашните судови врз основа на доказите беше дека тоа не било случај.
34. Мнозинството понатаму сугерира дека при оценување на исказите дадени пред нив, домашните судови не ја земале предвид ситуацијата на апликантката и нејзиното влијание врз однесувањето на апликантката додека сведочела. Јас не знам како и врз која основа може мнозинството да оцени и да донесе заклучок дека домашниот суд не ги оценил тие аспекти од сведочењето на апликантката. Домашните кривични судови честопати се повикани да земат и оценат искази од лица кои се ранливи и вознемирени. Овој Суд не слушна ниеден од домашните искази, ниту пак има пристап до евиденцијата на сведоштвата дадени при домашното судење, ниту може да има сознанија за процесот на носење на одлука кога се вршела проценка на исказите. А сепак, мнозинството смета дека е во позиција да утврди дека домашните судови не го земале предвид „можното влијание од психолошката траума врз нејзината способност конзистентно и јасно да ги пренесе“ настаните. Јас не гледам издржана основа за таков наод.
35. На крај, мнозинството „прифаќа“ дека иницијалното присуство на Т.М. во судницата можеби имало негативно влијание врз апликантката иако тој не бил таму кога апликантката сведочела. А сепак, обвинетиот вообичаено има право да биде присутен на неговото судење и тешко може да се критикуваат домашните судови што тоа било дозволено на почетокот. Евиденцијата покажува дека Т.М. бил отстранет од судницата „веднаш по барањето на апликантката“ (да се види став 72 од оваа пресуда). Исто така, утврдено е дека пред судењето, на апликантката официјално ѝ бил даден статус на жртва на (наводна) трговија со луѓе и дека добила психосоцијална поддршка, советување и бесплатна правна помош (види став 12 од оваа пресуда).
36. Би забележал и дека иако мнозинството опсежно ги цитира изјавите пред судењето (да се видат ставовите 9-10 од оваа пресуда), домашните судови (согласно барањата на Конвенцијата) биле повикани да одлучуваат во предметот врз основа на исказите дадени на судењето, а не на записите од разговорите водени пред судењето.
37. Мојот заклучок, во контекст на горенаведеното, е дека не гледам доволно солидна основа за Судот да утврди такви наоди во кои мнозинството смета дека органите во тужената држава не ги почитувале процесните обврски на кои се обврзани.
38. На крај, од правна гледна точка, би повторил дека според мене, изјавата дадена од мнозинството на крајот на ставот 79 од оваа пресуда се заснова на заблуда за нормата според која согласноста на жртвата е ирелевантна. Како што е наведено во ставот 17 погоре, таа норма подразбира дека кога ќе се утврди принуда или друга форма од елементот „средство“ на трговијата со луѓе, согласноста на жртвата не може да функционира како валидна одбрана за ослободување на сторителот. Кога не се утврдува принуда, не се отвора ова прашање. Оттука, во контекст на конкретниов предмет, изјавата на крајот на ставот 79 е ирелевантна.
В. Завршна забелешка
39. Ги изложив причините за моето несогласување во однос на мнозинскиот пристап и за допуштеноста и за меритумот на конкретниов предмет. Како резиме, според мене, Судот не треба да функционира на овој начин, ниту пак тоа е соодветниот начин на функционирање.
[1]. Види Објаснувачкиот извештај за Конвенцијата за борба против трговијата со луѓе на Советот на Европа, §§ 74-76.
[2]. Види став 88 од Објаснувачкиот извештај споменат погоре.
Full & Egal Universal Law Academy