© This translation was done by the Academy for Judges and Public Prosecutors of the Republic of Macedonia: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Permission to re-publish this translation has been granted for the sole purpose of its inclusion in the Court’s database HUDOC.
© Овој превод е изготвен при “Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија”: http://www.jpacademy.gov.mk/Default.aspx?page=29. Судот доби дозвола повторно да го објави овој превод единствено за да го вклучи во својата база на податоци: HUDOC.
СОВЕТ НА ЕВРОПА
ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
ТРЕТ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ: SMIRNOVA против РУСИЈА
(Апликација бр. 46133/99 и апликација бр. 48183/99)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
24 јули 2003 година
КОНЕЧНА
24/10/2003 година
Оваа пресуда станува конечна во согласност со околностите предвидени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Smirnova против Русија,
Европскиот суд за човекови права (Трет оддел), заседавајќи како Судски совет, во следниов состав:
г. G. Ress, Претседател,
г. I. Cabral Barreto,
г. R. TÜRMEN,
г. B. ZUPANČIČ,
г-ѓа М. ЦАЦА-НИКОЛОВСКА,
г. K. TRAJA,
г. A. KOVLER, судии,
како и г. V. BERGER, Секретар на Одделот,
Расправајќи на затворени седници на 6 февруари и на 3 јули 2003 година,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на последниот наведен датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со две жалби (бр. 46133/99 и бр. 48183/99) против Руската Федерација, поднесени до Судот во согласност со член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“), од страна на двајца руски државјани, имено, г-ѓа Yelena Pavlovna Smirnova и г-ѓа Irina Pavlovna Smirnova („жалителите“), на 9 ноември 1998 година и на 31 октомври 1998 година, соодветно.
2. Жалителите тврделе дека нивниот притвор пред судењето и за време на истрагата во врска со кривичниот случај против нив траел премногу долго. Првиот жалител, исто така, изјави жалба дека нејзиниот документ за лична идентификација бил задржан од страна на истражните органи.
3. Жалбите беа доделени на Третиот оддел на Судот (член 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во рамките на тој Оддел, Судскиот совет кој го разгледуваше предметот (член 27 § 1 од Конвенцијата) беше составен во согласност со член 26 § 1 од Деловникот на Судот.
4. Судскиот совет донесе одлука да се спојат постапките по жалбите (член 43 § 1 од Деловникот на Судот).
5. Со одлука од 3 октомври 2002 година, Судот ги прогласи жалбите за делумно допуштени.
6. Јавната расправа се одржа во Зградата на човековите права, во Стразбур, на 6 февруари 2003 година, (член 59 § 3 од Деловникот на Судот).
Пред Судот се појавија:
(а) за Владата
г. P. LAPTEV, Претставник на Руската Федерација
во Европскиот суд за човекови права, Агент,
г. Y. BERESTNEV, Адвокат,
г. О. ANKUDINOV,
г-ѓа E. KRYUCHKOVA,
г. S. RAZUMOV,
г. V. VLASIKHIN, Советници;
(б) за жалителите
г-ѓа L. ANSTETT-GARDEA, Адвокат,
г-ѓа А. MACE, Советник.
Судот ги сослуша обраќањата на г-ѓа Anstett-Gardea и г. Laptev.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
7. Жалителите, г-ѓа Yelena Pavlovna Smirnova („Y.S.“) и г-ѓа Irina Pavlovna Smirnova („I.S.“) се сестри близначки. И двете се државјанки на Руската Федерација, кои се родени во 1967 година и живеат во Москва.
А. Кривична постапка
Кривични обвиненија. Прв притвор на Y.S.
8. На 5 февруари 1993 година, кривични постапки биле покренати против жалителите под сомнение за извршено кривично дело измама на една банка во Москва во врска со кредит. Обвинителството, во врска со случајот, утврди дека жалителите дејствувале здружено за да добијат кредит од банката врз основа на хипотека на стан кој, всушност, не бил во нивна сопственост.
9. На 26 август 1995 година според жалителите, односно, на 27 август 1995 година според Владата, Y.S. била лишена од слобода и задржана во притвор. Неколку дена подоцна, односно, на 31 август 1995 година, таа била обвинета за измама од голем размер, извршена заедно со други соучесници.
10. На 5 септември 1995 година, постапката против I.S. била прекината.
11. По лишувањето од слобода на Y.S., нејзиниот адвокат поднел барање за ослободување до Окружниот суд во областа Tverskoy во Москва. На 13 септември 1995 година, судот утврди дека било премногу доцна да го разгледа барањето за ослободување поради тоа што, до тој момент, прелиминарната истрага во врска со случајот веќе била завршена.
12. На 26 март 1996 година, истражните органи го доставиле случајот на Y.S. до Окружниот суд во областа Tverskoy за судење.
13. На 21 март 1997 година, Окружниот суд во областа Tverskoy утврдил дека доказите собрани против Y.S., иако биле сериозни, не ги опфатиле сите дела кои таа веројатно ги извршила. Судот, исто така, утврди дека постапката против I.S. не требало да биде прекината поради тоа што постоеле докази за нејзина вмешаност во кривичното дело. Била донесена одлука случајот против Y.S. да биде вратен назад заради натамошна истрага. Судот, по сопствен предлог, повторно отворил кривична постапка против I.S. и истата ја соединил со случајот на Y.S. Исто така, судот издал наредба Y.S. да биде задржана во притвор, додека I.S., која била на слобода во тој момент, да биде лишена од слобода, веднаш штом полицијата ја утврди нејзината локација.
14. И двајцата жалители поднеле жалби против одлуките од 21 март 1997 година, но Градскиот суд во Москва ги отфрлил жалбите на 23 јули 1997 година.
15. Поради тоа што I.S. и натаму не била достапна за истражните органи, била донесена одлука нејзиниот случај да биде одвоен од случајот на нејзината сестра и истиот да биде одложен. Времетраењето на притворот на Y.S. било продолжено.
Прво ослободување на Y.S.
16. На 9 декември 1997 година, Окружниот суд во областа Lyublinskiy во Москва издал наредба за ослободување на Y.S. од притвор поради тоа што продолжувањето на нејзиниот притвор било противзаконско, како и поради нејзината лоша здравствена состојба. Таа била условно ослободена со ветување дека нема да го напушти местото на нејзиното постојано живеалиште.
17. На 15 декември 1997 година, случајот против Y.S. бил по втор пат доставен до Окружниот суд во областа Tverskoy за судење.
Прв притвор на I.S.
18. На 30 март 1999 година, полицијата ја уапсила I.S. и ја притворила. Повторно била отворена постапката против неа.
Втор притвор на Y.S.
19. Второто рочиште во врска со случајот против Y.S. во Окружниот суд во областа Tverskoy се одржало на 31 март 1999 година. Судот истакнал дека I.S. во тој момент била лишена од слобода и дека со оглед на блиската фактичка поврзаноста меѓу делата кои им се припишувале и за кои се обвинети жалителите, постапките против нив требало да бидат соединети. Судот, исто така, истакнал дека на Y.S. не и била дадена доволна можност да ја разгледа содржината на списите во досието на случајот на обвинителството пред усната расправа. Како резултат на тоа, случајот против Y.S. бил соединет со случајот против I.S. и бил вратен назад заради натамошна истрага.
20. Истиот ден, Y.S. била лишена од слобода врз основа на тежината на обвинението.
21. Одлуката од 31 март 1999 станала правосилна на 13 мај 1999 година откако била прифатена жалбата од страна на Градскиот суд во Москва.
Прво ослободување на I.S.
22. На 29 април 1999 година, Окружниот суд во областа Lyublinskiy го одобрил барањето за ослободување од притвор врз основа на тоа што истражните органи не успеале да достават убедливи материјали со кои се оправдувал продолжувањето на нејзиниот притвор. Истражните органи поднеле приговор против оваа одлука, а на 19 мај 1999 година, Градскиот суд во Москва го прифатил приговорот. Сепак, до тој момент, I.S. веќе била ослободена од притвор.
23. На 20 мај 1999 година, Окружниот суд во областа Tverskoy донел одлука случајот против I.S. да биде вратен назад на истражните органи и истиот да се соедини со случајот против Y.S.
Втор притвор на I.S.
24. На 3 септември 1999 година, I.S. била уапсена и притворена.
Второ ослободување на двајцата жалители
25. На 2 октомври, 1999 година, Y.S. била ослободена од притвор поради тоа што истрагата била завршена, како и поради тоа што било истечено времетраењето на притворот определен од страна на јавниот обвинител.
26. Набрзо потоа, на 7 октомври 1999 година, I.S., исто така, била ослободена од притвор. Двајцата жалители потпишале ветување дека нема да го напуштат местото на нивното постојано живеалиште.
Судење. Трет притвор на Y.S. и I.S.
27. На 29 октомври 1999 година, истражните органи го доставиле досието на предметот што тие го подготвиле до Окружниот суд во областа Tverskoy. На 10 ноември 1999 година, судијата кој го прифатил случај за разгледување донел пресуда дека жалителите треба да бидат задржани во притвор во очекување на судењето со оглед на тежината на обвиненијата и „карактерот на жалителите“.
Постапката пред Уставниот суд. Трето ослободување на I.S.
28. На 14 јануари 2000 година, Уставниот суд ја разгледал жалбата поднесена претходно од страна на I.S. Судот донел пресуда дека член 256 од Законот за кривична постапка е неуставен поради тоа што им дава овластувања на кривичните судови за поведување на кривичен прогон, по сопствен предлог, на трети лица кои не се страни во оригиналната постапка, потоа, да применуваат мерки за лишување од слобода и да издаваат наредби за натамошни истраги. Судот сметал дека со поведување на кривична постапка, судовите, во суштина, преземаат функции на обвинителство, што претставувало прекршување на начелото за поделба на овластувањата.
29. Врз основа на пресудата на Уставниот суд, со непрезициран датум, вршителот на должноста претседател на Градскиот суд во Москва поднел барање за супервизорски преглед на случајот на жалителите.
30. На 24 февруари 2000 година, Президиумот на Градскиот суд во Москва го одобрил барањето. Одлуките од 21 март и 23 јули 1997 година биле поништени во однос на I.S. Одлуката од 31 март 1999 година била поништена во однос на двајцата жалители. Одлуките од 13 мај, 20 мај и 10 ноември 1999 година биле, исто така, поништени. Случајот против жалителите бил доставен за натамошна истрага. I.S. била ослободена, додека нејзината сестра и натаму била лишена од слобода.
Трето ослободување на Y.S.
31. На 20 март 2000 година, обвинителот од Окружното обвинителство на областа Tverskoy повторно отворил кривична постапка против I.S. Случајот против I.S. бил соединет со случајот на Y.S.
32. На 20 април 2000 година, истрагата за случајот на жалителите била завршена. На 25 април 2000 година, случајот на обвинителството и обвинението биле доставени до Окружниот суд во областа Tverskoy. Истиот тој ден, Y.S. била ослободена поради тоа што времетраењето на притворот веќе било истечено.
Судење. Четврт притвор на Y.S. и I.S. Нивно ослободување
33. Рочиштето во врска со случајот на жалителите било закажано за 9 јуни 2000 година. Сепак, усна расправа не се одржала поради тоа што жалителите не се појавиле пред судот, иако неколку пати биле повикани за целите на обвинителниот акт.
34. Усната расправа била одложена за 22 август 2000 година, но и тогаш повторно не се одржала поради тоа што жалителите не се појавиле пред судот.
35. Поради тоа што жалителите постојано ги избегнувале судските постапки и не живееле во нивното постојано живеалиште, на 28 август 2000 година, Окружниот суд во областа Tverskoy издал наредба за нивно лишување од слобода. Постапката била одложена сè до притворање на жалителите.
36. На 12 март 2001, жалители биле уапсени и притворени. Судската постапка продолжила; на 24 септември 2001 година, судот го продолжил притворот за уште три месеци.
37. На 9 јануари 2002 година, Окружниот суд во областа Tverskoy ги прогласил жалителите за виновни и ја осудил Y.S. на казна затвор во времетраење од осум години со одземање на нејзиниот имот, додека I.S. на казна затвор во времетраење од шест години, исто така, со одземање на нејзиниот имот.
38. На 9 април 2002 година, Градскиот суд во Москва ја преиначил пресудата, ја затворил постапката и донел одлука да ги ослободи жалителите од обврската за издржување на изречената казна врз основа на застареност на случајот.
39. Жалителите биле ослободени во судницата.
Б. Постапка во врска со патната исправа на Y.S.
40. Истражните органи, при лишувањето од слобода на Y.S., на 26 август 1995 година, го задржале нејзиниот национален документ за лична идентификација – „интерна патна исправа“. Патната исправа била доставена заедно со другите списи од досието на предметот до Окружниот суд во областа Tverskoy. Y.S. направила неколку неуспешни обиди за да го добие назад документот, поднесувајќи приговори до судовите и обвинителите од различни инстанци.
41. Секојдневниот живот на Y.S. бил отежнат поради тоа што таа не поседувала документ за лична идентификација, односно патна исправа. Во декември 1997 година и во април 1998 година, Службата за социјална сигурност на Москва и една правна фирма одбиле да ја вработат поради тоа што таа не поседувала патна исправа. Во декември 1997 година, клиниката во Москва ја известила Y.S. дека бесплатна медицинска нега може единствено да биде обезбедена за неа ако таа приложи потврда од осигурувањето и патна исправа. Во април 1998 година, поради истата причина, телефонската компанија од Москва одбила да воведе телефонска линија во домот на Y.S. На 2 јуни 1998 година, Нотарската канцеларија на град Москва ја известила Y.S. дека треба да го потврди својот идентитет, на пример, со приложување на патна исправа, доколку сака да добие нотарски услуги. На 10 декември 1998 година, на Y.S. не и било дозволено да го регистрира нејзиниот брак. На 19 март 1999 година, била запрена од страна на полициска патрола заради проверка на нејзиниот идентитет. Поради тоа што не била во можност да приложи патна исправа, таа била одведена во полициска станица и морала да плати административна парична казна.
42. На 29 април 1998 година, Канцеларијата на обвинителот во Москва побарал Окружниот суд во областа Tverskoy да ја врати назад патната исправа на Y.S.
43. На непрецизиран датум, Претседателот на Окружниот суд во областа Tverskoy ја информирал Y.S. дека патната исправа може да ѝ биде дадена на располагање само за одредени цели. Но, сепак, имало потреба документот и натаму да остане во досието на предметот поради тоа што не постоел друг начин за да можат да ја разликуваат властите Y.S. од нејзината сестра близначка, која била во бегство.
44. На 29 јуни 1998 година, Претседателот на Окружниот суд во областа Tverskoy потврдил дека патната исправа треба и натаму да остане во досието на предметот.
45. На 31 март 1999 година, полициска патрола дошла во домот на жалителите со цел да ја придружи Y.S. на судското рочиште. И двајцата жалители биле во домот. Збунети од нивниот речиси идентичен изглед, полициските службеници побарале жалителите да се идентификуваат или да приложат документи за лична идентификација. Откако наишле на одбивање, знаејќи дека, исто така, има потерница издадена од страна на полицијата за I.S., полициската патрола одлучила да ги лиши од слобода двајцата жалители и да ги одведе во полициска станица.
46. На 6 октомври 1999 година, иследникот, задолжен за случајот на Y.S., ја вратил назад патната исправа на Y.S.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО
А. Закон за кривична постапка од 1960 година
Член 11 (1) - Лична неповредливост
„Никој не може да биде уапсен на друг начин освен врз основа на судска одлука или наредба на јавниот обвинител.“
Член 89 (1) - Примена на превентивни мерки
„Кога постојат доволно основи да се верува дека обвинетото лице може да ја избегне истрагата, прелиминарната истрага или судењето, или пак може да го попречи утврдувањето на вистината во едно кривично дело, или може да се вклучи во вршење на криминални активности, како и со цел да се осигура извршување на казната, лицето кое е задолжено за спроведување на истрагата, иследникот, обвинителот или судот, може да примени една од следниве превентивни мерки во однос на обвинетото лице: да побара ветување од обвинетото лице во писмена форма дека нема да го напушти одреденото место каде престојува, да даде лична гаранција или гаранција од јавна организација или да биде ставено во притвор.“
Член 92 - Наредба и одлука за примена на превентивна мерка
„По примената на превентивната мерка, лицето кое е задолжено за спроведување на истрагата, иследникот или обвинителот, треба да донесе образложена наредба, а судот треба да донесе разумна одлука, дефинирајќи го кривичното дело за кое лицето е осомничено дека го извршило, и причината за изборот на превентивната мерка која е применета. Засегнатото лице треба да биде известено за наредбата или одлуката, и, истовремено, треба да му биде објаснета постапката за изјавување на жалба против примената на таквата превентивна мерка.
Копија од наредбата или одлуката за примена на превентивната мерка треба веднаш да му биде предадена на лицето.“
Член 96 - Ставање во притвор
„Ставањето во притвор, како превентивна мерка, се применува во согласност со условите во член 11 на овој Закон, во врска со кривичните дела за кои со закон е пропишана казна во форма на лишување од слобода за период подолг од една година. Во исклучителни случаи, оваа превентивна мерка може да се примени и во кривичната материја за која казна, во форма на лишување од слобода за период пократок од една година, е пропишана со закон.“
Член 97 – Врементраење на притворот
„Времетраењето на притворот во текот на истрагата за извршени дела во кривични случаи не смее да трае подолго од два месеци. Овој временски рок може да биде продолжен најмногу до три месеци од страна на окружен или општински обвинител ... доколку е невозможно да се заврши истрагата и не постојат основи превентивната мерка да биде променета. Дополнително продолжување до шест месеци од денот на ставање во притвор може да се изрече само во посебни сложени случаи од страна на обвинител за предмети на ниво на Руската Федерација ...
Продолжување на времетраењето на притворот за повеќе од шест месеци може да биде дозволено во исклучителни случаи и исклучиво за лица обвинети за сторени тешки или многу тешки кривични дела. Вакво продолжување на времетраењето се изрекува од страна на заменик јавен обвинител на Руската Федерација (најмногу до една година) и од страна на јавен обвинител на Руската Федерација (до 18 месеци).“
Член 101 - Поништување или промена на превентивната мерка
„Превентивната мерка може да биде поништена кога истата повеќе нема да биде потребна, или може да биде променета за построга, односно поблага, мерка, ако околностите на случајот го бараат тоа. Поништувањето или промената на превентивната мерка се врши со образложена наредба издадена од страна на лицето кое е задолжено за спроведување на истрагата, иследникот или обвинителот, или со разумна одлука на судот, по доставување на предметот до судот.
Поништување или промена на превентивната мерка, избрана во согласност со упатствата дадени од страна на јавниот обвинител, од страна на лицето кое е задолжено за спроведување на истрагата, или од страна на иследникот, може да биде дозволено само со одобрение на јавниот обвинител.“
Член 223-1 - Одредување на датум за судско сослушување
„Ако обвинетото лице е задржано во притвор, одлука во врска со прашањето за одредување на датум за судско сослушување мора да биде донесена најдоцна во рок од 14 дена по денот на доставување на случајот во судот.“
Член 239 - Временски рокови за разгледување на случајот
„Разгледувањето на случајот пред судот мора да започне во рок од 14 дена од денот на одредување на датумот за усната расправа.“
Б. Закони во врска со националните документи за лична идентификација
Дел 1 од Деловникот за патните исправи на граѓаните на Руската Федерација, усвоен со указ на Владата на Руската Федерација бр. 828 од 8 јули 1997 година, предвидува дека патната исправа на граѓанинот претставува основен документ за докажување на личниот идентитет на граѓанинот на територијата на Русија.
Во согласност со дел 5, патната исправа содржи информации за место на живеење на граѓанинот, обврска за служење на воен рок, брачна состојба, малолетни деца, како и прашања за други лични документи.
Дел 21 предвидува дека патната исправа на осудените лица и на лицата задржани во притвор треба да биде задржана од страна на истражните органи или судот и истата треба да биде приложена во досието на предметот. По ослободување на граѓанинот од затвор, патната исправа треба да му биде вратена назад.
Член 178 од Законот за административни прекршоци од 1984 година предвидува дека престојувањето без важечка патна исправа или потврда за станбена регистрација се казнува со формално предупредување или со парична казна.
Указот на Владата на Руската Федерација број 713 од 17 јули 1995 година, во однос на правилата за станбена регистрација, предвидува парична казна во висина најмногу до пет пати од минималната плата доколку лицето не може да прикаже потврда за станбена регистрација, и најмногу до педесет пати од минималната плата во случај на повторено кривично дело.
ВО ОДНОС НА ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 5 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
47. Член 5 од Конвенцијата предвидува, доколку е релевантно:
„1. Секој има право на слобода и безбедност на личноста. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапката пропишана со закон:
...
(в) законско лишување од слобода или притвор на лице, со цел негово доведување пред надлежните судски органи, кога постои разумно сомневање дека тоа лице извршило кривично дело или кога се смета дека е неопходно за да се спречи тоа лице да изврши кривично дело или да избега по стореното кривично дело;
...
3. Секој кој е лишен од слобода или е притворен во согласност со одредбите од став 1 (в) од овој член треба да има ... право на судење во разумен рок или да биде пуштен во очекување на судскиот процес. Пуштањето на слобода може да биде условено со давање на гаранција дека лицето ќе се појави на судењето.“
А. Аргументи на страните
1. На жалителите
48. Жалителите изјавија дека не постоеле цврсти причини кои го оправдуваат нивното повеќекратно задржување во притвор.
49. Прво, не постоела опасност дека жалителите можат да избегаат. Жалителите имале само едно место на постојано живеалиште, а нивниот единствен приход бил од работата која тие ја вршеле во Москва. Поради тоа што жалителите биле во постојана писмена комуникација со руските власти и со меѓународните организации, било потребно тие да останат во домот поголемиот дел од времето. Жалителите биле граѓани кои го почитуваат законот поради тоа што работеле како адвокати и го ценеле нивниот углед. Душевната состојба на жалителите била нарушена од долгогодишниот кривичен прогон, апсења и сослушувања. Покрај тоа, Y.S. страдала од сериозна болест – Henoch-Schönlein (слаби капилари). Жалителите сакале што е можно поскоро да им се суди за случајот. Тие никогаш претходно не избегале од правдата, а сите нивни апсења се случиле или во местото на нивното постојано живеалиште, или во судот, кога се појавиле на сослушување.
50. Второ, не постоела опасност жалителите да го попречат текот на правдата. Жалителите не ги уништиле документите ниту другите докази, ниту пак вршеле притисок врз жртвите на наводното кривично дело.
51. Трето, притвор не бил потребен за да се спречи вршење на други кривични дела. Карактерот на жалителите и непостоењето на претходно криминално досие за нив, на ниту еден начин, не упатуваат на тоа дека тие би можеле да бидат вклучени во вршење на криминални активности.
52. И на крајот, не постоела основа за сомнеж дека пуштањето на слобода на жалителите може да доведе до нарушување на јавниот ред.
53. Понатаму, притворот бил, всушност, одмазда на државата заради жалбите на жалителите упатени до меѓународните организации, вклучувајќи го и Судот, бидејќи се совпаднал со значајни процесни настани. Ставајќи ги жалителите во притвор, државата имала за цел, индиректно, да ги казни, поради тоа што условите на притворот биле несоодветни и поради тоа што Y.S. поминала во затвор значително подолг временски период од законски дозволениот период од 18 месеци.
2. На Владата
54. Владата истакна дека жалбата делумно не спаѓа во рамките на надлежноста на Судот ratione temporis доколку се однесува на притворот пред 5 мај 1998 година - датумот кога Конвенцијата стапи на сила во однос на Русија.
55. Владата, понатаму, изјави дека властите морале да ги задржат во притвор жалителите поради тоа што тие бегале од правдата и ги прекршиле условите на гаранцијата поради тоа што не ги известиле истражните органи за нивните движења. Тие не се појавиле на судењето, иако знаеле дека наскоро следи судење за нивниот случај. Ставањето на жалителите во притвор било во согласност со домашното законодавство. Притворот бил, главно, оправдан од опасноста дека жалителите можат да избегаат, на пример, во странство. Систематското попречување на истрагата од страна на жалителите било причина за долгото трањење на притворот. Покрај тоа, во својата одлука од 9 април 2002 година, Градскиот суд во Москва, ги ослободил жалителите од обврската за издржување на казната затвор, така што оваа одлука претставува, сама по себе, правичен надомест за времето кое тие го поминале во притвор.
Б. Оценка на Судот
1. Општи начела
56. Член 5 § 1 (в) од Конвенцијата мора да се толкува во врска со член 5 § 3, кои, разгледани заедно, претставуваат целина (види го случајот Ciulla против Италија, пресуда од 22 февруари 1989 година, Серија А, бр. 148, § 38).
57. При разгледување на времетраењето на притворот по датумот на влегување на Конвенцијата во сила, Судот ја зема предвид фазата во која се наоѓа постапката. За таа цел, Судот може, исто така, да го земе предвид претходниот притвор (види го случајот Ventura против Италија, бр. 7438/76, Одлука на Комисијата од 9 март 1978 година, Одлуки и извештаи (DR) 12, стр. 38).
58. Лицето обвинето за сторено кривично дело секогаш мора да биде ослободено во очекување на неговото судење, освен ако државата може да докаже дека постојат „релевантни и доволни“ причини за да се оправда неговиот континуиран притвор (види го, како класичен пример, случајот Wemhoff против Германија, пресуда од 27 јуни 1968 година, Серија А, бр. 7, стр. 24-25, § 12; или случајот Yagci и Sargin против Турција, пресуда од 8 јуни 1995 година, Серија А, бр. 319-А, § 52).
59. Судската пракса на Судот, во врска со Конвенцијата, разликува четири основни прифатливи причини за одбивање на гаранцијата: опасноста дека обвинетото лице нема да се појави на судењето (види го случајот Stögmüller против Австрија, пресуда од 10 ноември 1969 година, Серија А, бр. 9, § 15); опасноста дека обвинетото лице, доколку биде ослободено, може да преземе дејствие со кое може да влијае врз спроведувањето на правдата (види го случајот Wemhoff, цитиран погоре, § 14); или опасноста обвинетото лице да изврши други кривични дела (види го случајот Matznetter против Австрија, пресуда од 10 ноември 1969 година, Серија А, бр. 10, § 9); или опасноста обвинетото лице да предизвика јавен неред (види го случајот Letellier против Франција, пресуда од 26 јуни 1991 година, Серија А, бр. 207, § 51).
60. Опасноста од бегство не може да се оцени исклучиво врз основа на строгоста на можната казна; опасноста мора да биде оценета врз основа на голем број други релевантни фактори кои можат или да го потврдат постоењето на опасноста од бегство или да направат да изгледа толку мала таа опасност што не може да го оправда притворот пред судењето. Во овој контекст, мора да се земат предвид, пред сè, карактерот на лицето кое е вклучено, неговиот морал, неговиот имот, неговата поврзаност со државата која го гони и неговите меѓународни контакти (види го случајот W. против Швајцарија, пресуда од 26 јануари 1993 година, Серија А, бр. 254-А, § 33 со дополнителните упатувања).
61. Прашањето дали времетраењето на притворот е разумно не може да се оцени на апстрактен начин. Дали е разумно обвинетото лице да биде задржано во притвор мора да се оцени за секој поединечен случај, врз основа на посебните карактеристики на случајот. Продолжениот притвор може да биде оправдан во еден конкретен случај само ако постојат посебни индикации за вистинско барање од јавен интерес кои, и покрај пресумпцијата на невиност, го надминуваат правилото за почитување на индивидуалната слобода (види го случајот W. против Швајцарија, цитиран погоре, § 30).
62. Најпрво, обврска на националните судски органи е да осигураат дека, во еден конкретен случај, притворот на обвинетото лице пред судењето не го надминува разумниот временски рок. За таа цел, националните судски органи мора да ги разгледаат сите факти со кои се потврдува или негира постоењето на вистинско барање од јавен интерес со кое се оправдува, почитувајќи го доследно начелото на презумпцијата на невиност, оддалечувањето од правилото за почитување на индивидуалната слобода, и да ги изнесат тие факти во нивните одлуки во врска со барањата за ослободување. Во суштина, токму врз основа на причините наведени во овие одлуки и на вистинските факти споменати од страна на жалителите во нивните жалби, Судот е повикан да донесе одлука дали постои повреда на член 5 § 3 од Конвенцијата или не постои повреда (види го случајот Letellier, цитиран погоре, § 35).
63. Аргументи за и против ослободувањето не смеат да бидат „општи и апстрактни“ (види го случајот Clooth против Белгија, пресуда од 12 декември 1991 година, Серија А, бр. 225, § 44).
64. Во случај кога осомниченото лице е во притвор, тоа лице има право неговиот случај да добие приоритет и случајот да биде спроведен со посебно внимание (види со случајот Matznetter, цитиран погоре, § 12).
2. Размислување во врска со конкретниот случај
65. Судот истакна дека, со ослободување од должноста за издржување на казната затвор, на жалителите не им се одзема статусот на жртви на наводните повреди на Конвенцијата поради тоа што ниту една од повредите не била признаена од страна на Владата (види го случајот Dalban против Романија, пресуда од 28 септември 1999 година, Извештаи за пресуди и одлуки 1999-VI, § 44).
66. Судот сега треба да го утврди времетраењето на притворот на жалителите кое може да биде земено во предвид.
Y.S. била лишена од слобода четири пати: од 26 август 1995 година до 9 декември 1997 година; од 31 март до 2 октомври 1999 година; од 10 ноември 1999 година до 25 април 2000 година; и од 12 март 2001 година до 9 април 2002 година. Севкупно, времетраењето на нејзиниот притвор изнесува 4 години, 3 месеци и 29 дена. Поради тоа што Конвенцијата стапи во сила во однос на Русија на 5 мај 1998 година, од севкупното времетраење на нејзиниот притвор, само 2 години и 15 дена спаѓаат во рамките на надлежноста на Судот ratione temporis.
I.S. била лишена од слобода, исто така, четири пати: од 30 март до 29 април 1999 година; од 3 септември до 7 октомври 1999 година; од 10 ноември 1999 година до 24 февруари 2000 година и од 12 март 2001 година до 9 април 2002 година. Севкупно, времетраењето на нејзиниот притвор изнесува 1 година, 6 месеци и 16 дена.
67. Во повеќето случаи во врска со член 5 § 3, Судот се соочи со ситуации во кои властите одбивале подолго и непрекинато време да го ослободат осомниченото лице од притвор. Овој конкретен случај се разликува од другите по тоа што Судот мора да утврди не само дали севкупното време поминато во притвор од страна на жалителите е разумно, туку, исто така, дали повторувањето на притворот во неколку наврати е во согласност со член 5 § 3.
68. Времетраењето на притворот на жалителите не е кратко во апсолутна смисла. Сепак, Судот не може да ја исклучи можноста дека времетраењето може да биде оправдано во конкретните околности.
69. Имено, за да се донесе таков заклучок, Судот прво треба да ги оцени причините дадени од страна на домашните судови со кои се оправдува притворот. А токму овие причини, се чини, дека се недоволни.
70. Всушност, одлуките што Судот ги има на располагање се значително неконцизни и не ги опишуваат во детали карактеристиките на состојбата на жалителите. Окружниот суд во областа Tverskoy, во одлуката од 31 март 1999 година, само се осврнал на сериозноста на обвинението против Y.S. за да го оправда нејзиниот притвор. Одлуката од 10 ноември 1999 година се осврнува на „карактерот“ на жалителите без објаснување за тоа каков е всушност нивниот карактер и зошто е неопходен нивниот притвор. Исто така, на 28 август 2000 година, Окружниот суд во областа Tverskoy издал наредба за притвор на жалителите поради тоа што тие постојано не се појавувале на судењето без да дадат конкретни детали или да ја разгледаат примената на други алтернативни мерки за обезбедување на нивното присуство пред судот.
71. Со други зборови, повторувањето на притворот на жалителите во неколку наврати во текот на една кривична истрага, врз основа на недоволно образложени одлуки, претставува повреда на член 5 § 1 и § 3.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
72. Жалителите тврдат дека кривичните постапки против нив траеле неразумно долг временски период, што претставува повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата, кој го предвидува следното, доколку е релевантно:
„При определувањето на ... било какво кривично обвинение против него, секој има право на ... судење во разумен рок од ... трибунал ... “
А. Аргументи на страните
1. На жалителите
73. Жалителите изјавија, најпрво, дека фактите и правните аспекти на нивниот случај не биле сложени. Бројот на обвинети лица и на сведоци бил мал, а нивното испрашување не би требало да одземе многу време.
74. Второ, жалителите направиле обиди да ја забрзаат постапката колку што е можно повеќе. Тие доставиле повеќе од 100 приговори во кои барале брзо разгледување и пресуда за нивниот случај. Жалителите немале никаков интерес постапката да трае долго, поради тоа што таквото одолговлекување на постапката можело само да го продолжи нивниот притвор, како и поради тоа што тие не се сметале себеси за виновни. Нивното однесување било во согласност со барањата утврдени во судската пракса на Судот во врска со Конвенцијата, во поглед на потребата „да покажат посветеност во извршувањето на процесните мерки во врска со [нив], да се воздржат од користење на тактиката на одложување и да ги искористат [за себе] можностите кои се предвидени во рамките на домашното законодавство за скратување на постапката“ (види го случајот Unión Alimentaria Sanders SA против Шпанија, пресуда од 7 јули 1989 година, Серија А, бр. 157, § 35).
75. Спротивно на горенаведеното, државните власти, неоправдано, ја одолговлекувале истрагата. Нивниот случај, всушност, останал непроменет девет години.
Истражните власти постапувале незаинтересирано. Откако случајот им бил доделен за натамошна истрага, тие неколку години воопшто не постапувале по истиот. Властите ја одложувале постапката, давајќи различни формални изговори, како на пример, соединување и прекинување на случаите на двајцата жалители, предавање на случајот за натамошна истрага итн.
Иследниците, во многу наврати, им се заканувале на жалителите со петгодишен притвор пред судењето, доколку не престанат да доставуваат приговори.
Било договорено првата усна расправа за случајот да се одржи по шест месеци откако предметот бил доставен до судот. На првата усна расправа, судијата не започнал со разгледување на основаноста на случајот, туку ја одложил расправата за уште три и пол месеци. И следните усни расправи биле одложени, без цврста причина за тоа.
Времетраењето на постапката, исто така, било спротивно на домашното законодавство.
76. Многу работи биле доведени во прашање во однос на жалителите. Имено, во текот на постапката, тие поминале значително време во притвор. Постоела опасност тие да го изгубат својот имот, во случај на неповолна пресуда за нив. Жалителите не можеле да најдат добра работа заради повторувањето на нивниот притвор и заради тоа што никој не сакал да вработи лица за кои се знае дека се води судски процес. Тие морале да ги прекинат нивните студии на универзитетите во Калгари и Москва, а, исто така, сето ова имало последици по нивните професионални кариери. Кривичниот прогон против нив и нивното лишување од слобода влијаеле на нивната приватност, здравје и углед.
2. На Владата
77. Владата изјави дека постапката морала да биде прекината додека жалителите биле во бегство. Судот морал да потроши време за да донесе одлука за лишување на жалителите од слобода наместо, да ја разгледа основаноста на обвинението. Накусо, Y.S. била 2 години, 2 месеци и 6 дена на листата на барани бегалци, додека нејзината сестра - 2 години, 9 месеци и 15 дена.
78. Кога случајот бил доставен за судење до Окружниот суд во областа Tverskoy, во март 2001 година, судот не можел да постапува по истиот поради тоа што Y.S. во низа наврати побарала дополнително време за проучување на досието на предметот. Адвокатот на Y.S. не се појавил на усните расправи. Y.S. го затрупала судот со нејзините бројни приговори и предлози, кои најчесто биле неосновани. Судот, како и да е, морал да потроши време за да одговари на истите.
79. Владата донела заклучок дека времетраењето на постапката, во основа, се должи на неподготвеноста на жалителите да се предадат на правдата.
Б. Оценка на Судот
1. Општи начела
80. При разгледување на времетраењето на постапката по датумот на влегување на Конвенцијата во сила, Судот ја зема предвид фазата во која се наоѓа постапката. За таа цел, Судот може, исто така, да ја земе предвид и претходната постапка (види го случајот Ventura, цитиран погоре).
81. Периодите во кои жалителот бил во бегство не треба да бидат вклучени во севкупното времетраење на постапката (види го случајот Girolami против Италија, пресуда од 19 февруари 1991 година, Серија А, бр. 196-Е, § 13).
82. Разумноста на времетраењето на постапката треба да се оцени врз основа на посебните околности на случајот, земајќи ги предвид критериумите утврдени во судската пракса на Судот, пред сè, сложеноста на предметот, однесувањето на жалителот и однесувањето на надлежните органи (види го случајот, меѓу многуте други примери, Kemmache против Франција, пресуда од 27 ноември 1991 година, Серија А, бр. 218, § 60).
83. Во случај кога едно лице е задржано во притвор во очекување на определување на кривично обвинение против него, фактот за неговото лишување од слобода е фактор кој треба да се земе предвид при оценувањето дали условот за донесување на одлука во врска со основаноста на случајот во разумен рок е исполнет или не (види го случајот Abdoella против Холандија, пресуда од 25 ноември 1992 година, Серија А, бр. 248-А, § 24).
2. Размислување во врска со конкретниот случај
84. Судот, најпрво, треба да го утврди времетраењето на постапката кое може да биде земено предвид.
Во однос на Y.S., постапката започнала на 5 февруари 1993 година, кога властите отвориле кривична истрага во врска со нејзините активности. Постапката завршила на 9 април 2002 година, со жалба против пресудата на Градскиот суд во Москва. Севкупно, постапката траела 9 години, 2 месеци и 4 дена. Од овој период, само 3 години, 11 месеци и 4 дена спаѓаат во надлежност на Судот ratione temporis. Периодот од 28 август 2000 година до 12 март 2001 година (6 месеци и 15 дена) не треба да биде вклучен во севкупното времетраење на постапката, поради тоа што, во текот на овој период, Y.S. била незаконски пуштена на слобода. Оттука, времетраењето кое треба да се земе предвид изнесува 3 години, 4 месеци и 19 дена.
Во однос на I.S., постапката, исто така, започнала на 5 февруари 1993 година. Постапката била прекината на 5 септември 1995 година, а истата продолжила на 21 март 1997 година. На 24 февруари 2000 година, постапката била прекината по втор пат, и по втор пат започнала на 20 март 2000 година. Постапката завршила на 9 април 2002 година, со жалба против пресудата на Градскиот суд во Москва. Севкупното времетраење на постапката изнесува 7 години, 6 месеци и 23 дена. Од овој период, само 3 години, 10 месеци и 9 дена спаѓаат во надлежност на Судот ratione temporis. Исто така, поради тоа што во периодот од 21 март 1997 година до 30 март 1999 година и од 28 август до 12 март 2001 година, I.S. била незаконски пуштена на слобода, овие периоди не треба да бидат вклучени во севкупното времетраење на постапката. Оттука, времетраењето кое треба да биде земено предвид изнесува 2 години, 5 месеци и 27 дена.
85. Во поглед на сложеноста на случајот, Судот се согласи со жалителите дека обвиненијата со кои се соочувале тие не биле особено сложени. Истрагата за кривичното дело кое им се припишува на жалителите - кредитна измама и злоупотреба на туѓ имот – доколку била спроведена на совесен начин, не би требало да трае со години.
86. Во поглед на однесувањето на жалителите, Судот не е убеден дека жалителите секогаш биле подготвени да се предадат на надлежноста на судовите, поради тоа што и двајцата жалители бегале, со месеци, од истражните органи.
Понатаму, доставувањето на десетици приговори, дури и добро основани, можело непотребно да го одвлече вниманието на властите од клучните прашања.
87. Во поглед на однесувањето на органите, Судот утврди дека постоеле значителни периоди на неактивност од нивна страна, за кои не постои убедливо оправдување. Првичната истрага траела од февруари 1993 година до март 1996 година. Првото рочиште за случајот се одржало на 21 март 1997 година, речиси една година откако истрагата била завршена. Второто рочиште за случајот се одржало на 31 март 1999 година, две години по првото. Крајното судење се одржало на 9 јануари 2002 година, речиси три години по второто рочиште. Одлуката на Уставниот суд, од една страна, ја поправи ситуацијата во врска со обвинението поднесено незаконски против I.S., а од друга страна, предизвикало уште едно дополнително одложување на постапката. Имено, со донесувањето на необразложени одлуки за повторно притворање и ослободување на жалителите, властите предизвикале кај жалителите чувство на несигурност и недоверба кон правдата и, на тој начин, индиректно ги натерале да се кријат од законите.
88. Според тоа, во сите околности на овој конкретен случај, Судот смета дека времетраењето на постапката не го задоволува условот за „разумен рок“. Оттука, постои повреда на член 6 § 1.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
89. Y.S. тврди дека задржувањето на нејзиниот документ за лична идентификација, кој, всушност, има суштинско значење во секојдневниот живот во земјата, претставува повреда на член 8 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Не постои никакво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен ако тоа е во согласност со законите и доколку е неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната безбедност или економската благосостојба на земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите лица.“
А. Аргументи на страните
1. На жалителот
90. Y.S. изјави дека руски државјанин кој не поседува патна исправа е оштетен во поглед на неговите права до оној степен кој претставува мешање во неговиот приватен живот. Според законот, лицето кое сака да се вработи, да добие бесплатна медицинска нега, да прими пошта, да се ожени, да гласа, да користи нотарски услуги, да воведе телефонска линија во својот дом, да штеди пари со купување на девизи или да патува со воз или авион, мора да биде во можност да приложи патна исправа. Исто така, непоседувањето на патна исправа, само по себе, претставува административен прекршок. Жалителот не бил во можност да направи ниту една од горенаведените работи, а во март 1999 година бил казнет поради непоседување на патна исправа.
91. Y.S. понатаму изјави дека мешањето не е во согласност со законот. Според законот, државните власти можат да ја задржат патната исправа на лицето само по конечна пресуда. Патната исправа мора да му биде вратена на лицето веднаш по неговото пуштање на слобода. Подзаконските акти им даваат на органите на прогон и на судовите дополнително право да ја задржат патната исправа на неосудените лица за време на нивниот притвор пред судењето. Меѓутоа, во овој случај, патната исправа мора да му биде вратена на лицето веднаш штом тоа лице ќе биде пуштено на слобода.
92. Задржувањето на патната исправа не служи на интересите на националната безбедност поради тоа што обвиненијата за измама не се меѓу кривичните дела кои ги поткопуваат основните начела на уставниот систем или државната безбедност. Националната безбедност не би била загрозена доколку жалителот би можел да најде работа, да оди на доктор, да се жени и слично. Исто така, кривичното дело извршено од страна на жалителот не претставувало закана за јавната безбедност. И, во секој случај, без патна исправа, Y.S. би можела да претставува закана по јавната безбедност доколку има таква желба, исто како и кога таа би го имала документот. Задржувањето на патната исправа не може да ја подобри економската благосостојба на земјата, ниту да доведе до јавен немир или извршување на кривично дело. Задржувањето на патната исправа не служи на интересите за заштита на здравјето и моралот или на правата и слободите на другите лица. Задржувањето на патната исправа, исто така, не е неопходно во едно демократско општество.
93. Единствената причина зошто властите издале наредба за чување на патната исправа во досието на предметот била за да можат да ја разликуваат Y.S. од нејзината сестра близначка. Оваа причина не само што е надвор од законот, туку и надвор од здравиот разум, бидејќи не е јасно на кој начин приложувањето на патната исправа заедно со другите списи во досието на предметот може да ја олесни идентификацијата на жалителот.
2. На Владата
94. Владата изјави дека било потребно Окружниот суд во областа Tverskoy да ја задржи патната исправа во досието на предметот поради тоа што сестрите, на неколку наврати, го искористиле тоа што многу наликуваат една на друга за да ги збунат истражните органи. Полицискиот записник од 31 март 1999 година можел да послужи како пример за тоа. Истражните органи, исто така, морале да ги проверат отпечатоците од прстите на жалителите за да можат да ги разликуваат една од друга. Судот бил подготвен да ја даде патната исправа на располагање на Y.S. за одредени клучни цели и ја известил за тоа, но таа никогаш не дошла да ја земе патната исправа. Судот издал потврда за жалителот во која било наведено дека патната исправа ѝ била одземена, која можела привремено да ја замени патната исправа, но Y.S., исто така, одбила да ја подигне оваа потврда.
Б. Оценка на Судот
1. Дали член 8 може да се примени?
95. Судот, во голем број случаи, донесе пресуда дека значењето на поимот „приватен живот“ е многу широко и дека не постои сеопфатна дефиниција за овој поим (види го, како неодамнешен пример, случајот Peck против Обединетото Кралство, бр. 44647/98, § 57, ECHR 2003 -...). Како и да е, се смета дека овој поим го заштитува душевниот и физичкиот интегритет на поединецот (види го случајот X и Y против Холандија, пресуда од 26 март 1985 година, Серија А, бр. 91, § § 22-27), вклучувајќи го и правото на приватен живот далеку од несаканото внимание. Исто така, му обезбедува на поединецот сфера во која може слободно да се развива и да ја реализира својата личност (види го случајот Brüggeman и Scheuten против Германија, бр. 6959/75, Извештај на Комисијата од 12 јули 1977 година, Одлуки и извештаи (DR ) 10, стр. 115, § 55).
96. Судот истакна дека патната исправа на Y.S. била запленета на 26 август 1995 година, а вратена на 6 октомври 1999 година. Y.S. не потврди ниту еден конкретен настан кој се случил по 5 мај 1998 година - денот кога Конвенцијата стапи на сила во однос на Русија - и кој, како таков, би претставувал, во најмала рака, непочитување на нејзиниот приватен живот. Сепак, мешањето во приватниот живот на Y.S. е чудно поради тоа што, наводно, не се однесува на моменталните настани, туку на голем број секојдневни непријатни настани во целост сè до 6 октомври 1999 година. Оттука, Судот има времена надлежност во поглед на состојбата на Y.S., барем што се однесува на периодот по 5 мај 1998 година.
97. Судот смета дека е утврдено дека во нивниот секојдневен живот, руските државјани мораат, невообичаено често, да го докажуваат својот идентитет, дури и при извршување на рутински задачи, како на пример, при менување на пари или при купување билети за воз. Внатрешната патна исправа, исто така, е потребна за посуштински потреби, како на пример, при вработување или за добивање на медицинска нега. Одземањето на патната исправа, оттука, претставува продолжување на мешањето во приватниот живот на жалителот (види го, mutatis mutandis, случајот Christine Goodwin против Обединетото Кралство [GC], бр. 28957/95, § 77, ECHR 2002-VI).
2. Дали мешањето е "во согласност со законот"?
98. Основното прашање е дали ваквото мешање е оправдано според член 8 § 2, особено дали е „во согласност со законот“ и „неопходно во едно демократско општество“, за една од целите наведени во тој став.
99. Судот потсети дека фразата „во согласност со законот“ бара, на прво место, мерката за која е изјавена жалба да мора да има некаква основа во домашното законодавство (види го случајот Malone против Обединетото Кралство, пресуда од 2 август 1984 година, Серија А, бр. 82, § 66).
100. Владата не покажа дека задржувањето на патната исправа на Y.S. по нејзиното ослободување од притвор има било каква основа во домашното законодавство. Оттука, постои повреда на член 8.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
101. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и доколку внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација на штетата, тогаш Судот, доколку е потребно, ќе му додели правична отштета на оштетеното лице.“
102. Жалителите бараат надомест за нематеријалната штета која ја претрпеле, како и надомест за нивните парични загуби и за нивните судски трошоци и издатоци. Владата ги оспори овие барања.
А. Нематеријална штета
103. Жалителите бараат сума во висина од 350.000 американски долари (УСД) како надомест на нематеријалната штета. Тие, имено, го истакнале емоционалното растројство кое го претрпеле како резултат на повторениот и неоправдан притворот, при што најчесто биле ставени во пренатрупани и нехигиенски затворски ќелии. Нивното здравје толку многу се влошило што не можеле да водат активен живот, биле несреќни и се чувствувале мизерно. Според медицинските извештаи, тие не би можеле да раѓаат здрави деца. Жалителите не биле во можност да најдат постојана и добро платена работа, поради тоа што работодавците знаеле дека жалителите можат да бидат лишени од слобода во секое време, како и поради тоа што лицата кои се под истрага обично не се пожелни. Професионалните кариери на жалителите биле уништени, не можеле да ги завршат своите студии, а туѓите успеси правеле тие да страдаат. Задржувањето во притвор ја уништило нивната приватност, а нивното име и углед биле оштетени.
104. Владата тврди дека ставањето на жалителите во притвор било легитимно, па затоа, сите барања што произлегуваат од истото треба да бидат отфрлени. Но, дури и ако Судот утврди повреда, тогаш таквата одлука, сама по себе, претставува доволен правичен надомест, поради тоа што жалителите никогаш не ја издржале казната.
105. Судот истакна дека некои форми на нематеријална штета, вклучувајќи го и емоционалното растројство, според нивниот карактер, не секогаш можат да бидат предмет на конкретни докази (види го случајот Abdulaziz, Cabales и Balkandali против Обединетото Кралство, пресуда од 28 мај 1985 година, Серија А, бр. 94, § 96). Тоа не го спречува Судот да додели надомест ако смета дека е разумно да се претпостави дека жалителот претрпел штета која треба финансиски да биде надоместена. Во овој конкретен случај, разумно е да се претпостави дека жалителите претрпеле растројство, анксиозност и фрустрација што било уште повеќе влошено со повторувањето на притворот и со неразумното времетраење на постапката. Исто така, Y.S. претрпела фрустрација бидејќи не била во можност нормално да функционира во секојдневниот живот поради одземањето на нејзината патна исправа.
106. Донесувајќи одлука на правична основа, Судот додели сума во висина од 3.500 евра на Y.S. и сума во висина од 2.000 евра на I.S.
Б. Материјална штета
107. Жалителите тврдат дека претрпеле значителна материјална загуба како директен резултат на нивниот притвор пред судењето и кривичниот прогон, вклучувајќи и загуба на плата во висина од 253.530 американски долари (УСД). Тие, исто така, бараат сума во висина од 9.050 американски долари (УСД) како надомест на штета за нивниот имот нанесена од страна на полициските службеници за време на апсењата, како и сума во висина од 5.000 американски долари (УСД) како надомест за потребите кои I.S. ги набавила во корист на Y.S. додека Y.S. била во затвор.
108. Владата тврди дека не постоела причинско-последична врска меѓу утврдените повреди и било каква направена штета. Владата истакна дека периодите на притвор на жалителите пред судењето биле исклучени од конечната казна, и дека, иако казната подоцна била издвоена, тоа било направено само поради технички причини. Владата, исто така, тврди дека жалителите не докажале дека ги загубиле своите работни места или дека тоа се должело на активностите на властите. Жалителите не покажале дека штетата врз нивниот имот била предизвикана од страна на полицијата или дека тие ја платиле сметката за поправка на истиот. Ниту пак докажале дека I.S. извршила набавка на потребите за Y.S.
109. Судот донесе заклучок, врз основа на доставените докази, дека жалителите не успеале да покажат дека материјалната штета која ја побаруваат всушност била предизвикана од предолгото времетраење на лишувањето од слобода и судењето. Севкупното времетраење на притворот пред судењето, исто така, било исклучено од казната (види го случајот Toth против Австрија, пресуда од 12 декември 1991 година, Серија А, бр. 224, § 91).
110. Како резултат на тоа, Судот смета дека не постои никакво оправдување за да им се додели надомест на штета на жалители по овој основ.
В. Трошоци и издатоци
111. Жалителите бараат сума во висина од 19.300 американски долари (УСД) за надомест на судските трошоци кои биле направени вон домашната постапка, како и сума во висина од 18.737 американски долари (УСД) и плус сума во висина од 9.807,20 евра за судските трошоци кои биле направени при поднесувањето на нивната жалба до овој Суд. Тие, исто така, бараат сума во висина од 1.004 американски долари (УСД) за надомест на медицински трошоци и трошоци за осигурување.
112. Владата тврди дека жалителите не покажале дека трошоците биле направени во врска со наводните повреди, дека не постоеле доволно документи со кои може да се докаже дека жалителите всушност ги платиле сметките на адвокатите и дека сметките не биле прекумерно високи. Владата, исто така, истакна дека, иако на жалителите им била доделена правна помош од страна на Советот на Европа, што се должи на нивната сиромаштија, тие, на некој начин, биле во можност да си дозволат правни услуги од скапа американска адвокатска фирма.
113. Судот потсети дека, за да бидат вклучени трошоците и издатоците во рамките на надоместот на штетата во согласност со член 41, Судот мора да утврди дека трошоците биле навистина и неопходно направени со цел да се додели или да не се додели надомест во врска со прашањето за кое е утврдено дека претставува повреда на Конвенцијата, но и дека тие трошоци биле разумни по обем (види го, на пример, случајот Nielsen и Johnson против Норвешка [GC], бр. 23118/93, § 43, ECHR 1999-VIII). Може да се заклучи од доставените материјали дека жалителите направиле судски трошоци во поглед на нивните обиди да го обезбедат нивното ослободување со гаранција. Како и да е, тие доставиле само делумно документирани материјали за сумата која ја побаруваат.
114. Имајќи ја предвид сумата платена за правната помош од страна на Советот на Европа, Судот додели сума во висина од 1.000 евра за судски трошоци.
Г. Затезна камата
115. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се заснова на најниската стапка за задолжување на Европската Централна Банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучи дека постои повреда на член 5 § 1 и § 3 од Конвенцијата во однос на двајцата жалители;
2. Одлучи дека постои повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата во однос на двајцата жалители;
3. Одлучи дека постои повреда на член 8 од Конвенцијата во однос на првиот жалител;
4. Одлучи
(а) дека обвинетата држава треба да ги исплати во рок од три месеци од датумот на кој пресудата ќе стане конечна, во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, следните суми:
(i) на првиот жалител сума во висина од 3.500 евра (три илјади и петстотини евра) за надомест на нематеријална штета;
(ii) на вториот жалител сума во висина од 2.000 евра (две илјади евра) за надомест на нематеријална штета;
(iii) на двајцата жалители заедно, сума во висина од 1.000 евра (илјада евра) за надомест на направените трошоци и издатоци;
(б) дека, по истекот на гореспоменатите три месеци, сè до исплатата, треба да се пресметува и исплаќа камата на горенаведените износи, според стапка еднаква на најниската стапка за задолжување на Европската Централна Банка, за утврдениот период зголемена за три процентни поени;
5. Го отфрли останатиот дел од барањето на жалителите за правичен надомест на штета.
Изготвена на англиски јазик и објавена на 24 јули 2003 година, во согласност со член 77 § 2 и § 3 од Деловникот на Судот.
Vincent BERGER Georg RESS
Секретар Претседател
Full & Egal Universal Law Academy