© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ SİNAN IŞIK против ТУРЦИЈА
(Жалба бр. 21924/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
2 февруари 2010
КОНЕЧНА
02/05/2010
Оваа пресуда ќе стане конечна според условите наведени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Sinan Işık против Турција,
Европскиот за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Françoise Tulkens, Претседател,
Ireneu Cabral Barreto,
Vladimiro Zagrebelsky,
Danutė Jočienė,
Dragoljub Popović,
András Sajó,
Işıl Karakaş, судии,
и Sally Dollé, Секретар на оддел,
Расправајќи на затворена седница на 15 декември 2009,
Ја донесува следната пресуда, која што беше усвоена на таа дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 21924/05) против Република Турција поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од турски државјанин, г-н Sinan Işık („жалителот“), на 3 јуни 2005.
2. Жалителот беше застапуван од г-н K. Genç, адвокат од Анкара. Турската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот Агент.
3. Жалителот се жалеше, посебно, дека одбивањето на неговотo барање зборот „ислам“ на неговата лична карта да се замени со името на неговата религија „алеви“ [‘Alevi”] го прекршувало член 9 од Конвенцијата. Тој исто така наведе повреда на членовите 6 и 14 од Конвенцијата.
4. На 15 јануари 2008 Претседателот на Вториот оддел одлучи да ја комуницира жалбата до Владата. Беше одлучено дека Судскиот совет ќе одлучи за допуштеноста и основаноста на жалбата едновремено (член 29 § 3 од Конвенцијата).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Г-н Işık е роден во 1962 и живее во Измир. Тој е припадник на верската заедница алеви, која е длабоко вкоренета во турското општество и историја. Нивната вера, која е под влијание, посебно, на суфизмот и определени пред-исламски верувања, се смета од страна на некои алеви научници како посебна религија а од други како „суштината“ или „оригиналната форма“ на исламот. Нејзините религиозни обреди се разликуваат од тие на Суни[1] правните школи во определени аспекти како што се молитва, пост и аџилак (види Hasan and Eylem Zengin v. Turkey, no. 1448/04, § 8, 9 October 2007).
6. Жалителот изјави дека неговата лична карта, издадена од службата за матична евиденција на родени, брак и умрени лица, содржела графа за „религија“ каде било наведено „ислам“, иако тој не бил следбеник на таа религија.
7. На 7 мај 2004 тој се обратил до Окружниот суд во Измир барајќи неговата лична карта да го содржи зборот „алеви“ наместо зборот „ислам“. Релевантните делови од неговото барање гласат како што следи:
„... зборот „ислам“ кој стои на мојата лична карта не ја одразува реалната ситуација. Како алеви граѓанин на Република Турција, јас мислев, според моето знаење и погледи, дека едно лице не може во исто време да има вероисповест „алеви“ и „ислам“ (sic!). Како граѓанин на секуларната Република Турција, која, според нејзиниот Устав ја штити слободата на религија и уверување, јас одбивам понатаму да ја носам тежината на оваа неправда и оваа контрадикција која произлегува од желбата да се спротивстави на страв, кој е потполно неоснован и навредлив.“
8. На 9 јули 2004, по барање од тој суд, правниот советник на Директоратот за верски прашања издал мислење по барањето на жалителот. Тој сметал посебно дека било неспојливо со националното единство, републиканските принципи и принципот на секуларизам да се наведуваат религиозни толкувања или супкултура во делот за религија на личните карти. Тој тврдел посебно дека зборот „алеви“, означувајќи подгрупа во исламот, не можел да се смета како посебна религија или гранка („mezhep“) на исламот. Тоа биле толкување на исламот под влијание на суфизмот и толкување кое имало специфични културолошки особености.
9. На 7 септември 2004 судот го одбил барањето на жалителот врз основа на следните размислувања:
„1. ... Графата на личните карти содржи генерални информации за религијата на граѓаните. Затоа соодветно е да се разгледа дали верата алеви (Alevilik) претставува посебна религија или толкување на исламот. Јасно е од мислењето издадено од Претседателството на Директоратот за верски прашања дека Алеви верата е толкување на исламот кое е под влијание на суфизмот и кое има специфични културолошки особености ... Затоа, таа вера претставува толкување на исламот а не религија како таква, во согласност со општите принципи воспоставени во тој поглед. Понатаму, во личните карти наведени се само религиите во општа смисла, а не толкувања или гранки на определена религија. Затоа не била направена грешка со наведувањето „ислам“ на личната карта на жалителот, кој тврди дека е „алеви“.
2. Книгите и статиите поднесени од жалителот откриваат дека Али[1] е опишан како ‘лав на Алах’ или на сличен начин. Фактот што различни песни содржат различни изрази не значи дека алеви верата не е дел од исламот. Со оглед на тоа што Али е еден од четворицата калифи на исламот и зет на Мухамед, тој мора да се смета за една од еминентните личности на исламот ...
3. На пример, во христијанството исто така, има подгрупи како католици и протестанти, кои и покрај тоа ја имаат својата основа во христијанството. Тоа значи дека кога некој почитува определено толкување на исламот, тоа не значи дека тоа толкување не е дел од Исламот...“
10. На неопределена дата жалителот поднел жалба до Касациониот суд. Тој се жалел дела бил обврзан да ги открие своите уверувања затоа што било задолжително да се наведе неговата религија во неговата лична карта, без негова согласност и спротивно на правото на слобода на религија и уверување во смисла на член 9 § 1 од Конвенцијата. Тој понатаму тврдел дека наведувањето за кое станувало збор, а кое произлегувало од член 43 од Законот за граѓанска евиденција (Закон бр. 1587), не можело да се смета за спојливо со член 24 § 3 од Уставот, кој предвидувал дека „никој нема да биде принуден ... да ги открие неговите или нејзините религиозни погледи и уверувања“. Тој исто така изјавил дека имал поднесено две барања, првото да се избрише зборот „ислам“ кој ја опишувал неговата религија, а второто, да се внесе зборот „алеви“ во релевантната графа. Тој изјавил дека судот од прв степен можел да ги испита двете барања одвоено, дозволувајќи го првото и отфрлајќи го второто, наоѓајќи дека наведувањето [на религијата] за кое станувало збор било неспојливо со член 24 § 3 од Уставот. На крај, тој се жалел на постапката во која било отфрлено неговото барање, и во која Директорат за верски прашања ја опишал неговата вероисповест како толкување на исламот.
11. На 21 декември 2004 Касациониот суд ја потврдил пресудата на понискиот суд без даде било какво дополнително образложение.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО И МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Домашно право
1. Устав
12. Член 10 од турскиот Устав предвидува како што следи:
„Сите лица ќе бидат еднакви пред законот без било каква разлика врз основа на јазик, раса, боја, пол, политичко мислење, филозофско убедување, религија, припадност на религиозна секта или други слични основи.“
...
Државните органи и административните органи во сите околности ќе дејствуваат во согласност со принципот на еднаквост пред законот.”
13. Релевантните делови на член 24 гласат како што следи:
„Секој ќе има право на слобода на совеста, уверувањето и верско убедување.
...
Никој нема да биде принуден на учестува во молитви, обреди или верски богослужби или да ги открие неговите или нејзините религиозни уверувања и убедувања, никој нема да биде спречен да ги изрази или да биде кривично гонет за неговите или нејзините религиозни уверувања или убедувања. ...“
14. Член 136 предвидува:
„Директоратот за верски прашања, кој е дел од општата администрација, ќе ги врши должностите кои му се доверени врз основа на посебниот закон кој го регулира, во согласност со принципот на секуларизам, и ќе биде независен од сите политички погледи или идеи, со цел национална солидарност и интегритет.“
2. Закон за матична евиденција (Закон бр. 1587)
15. Релевантните делови на член 43 од Законот за матична евиденција (Nüfus Kanunu), кој бил во сила во релевантниот период, гласел како што следи:
„Матичните книги ќе ги содржат следните информации цо однос на поединци и семејства...
(a) Информации во однос на граѓанскиот статус:
(1) Име и презиме, пол, име и презиме на родителите, моминско презиме;
(2) Место и датум на раѓања и дата на регистрација (година, месец и ден);
(3) Исправки ...
(б) Други информации
...
(2) Религија;
...”
3. Судска пракса на Уставниот суд
16. Со пресуда од 21 јуни 1995, објавена во Службен весник на 14 октомври 1995, Уставниот суд го прогласил член 43 од Законот за матична евиденција дека е во согласност со член 2 (секуларизам) и член 23 (слобода на религија) од Уставот. Судиите на Уставниот суд заклучиле, посебно:
„Државата мора да ги знае карактеристиките на своите граѓани. Тие информации се потребни за јавната политика, општиот интерес, и економските, политичките и социјалните императиви ...
Секуларната држава мора да остане неутрална во однос на религијата. Затоа, наведувањето на религијата на личните карти не смее да ја загрози еднаквоста помеѓу граѓаните ... Во секуларна држава, сите религии се од еднаков ранг. Никој не смее да се меша во уверувањата или немањето на уверување на другиот. Понатаму, правилото за кое станува збор се применува на сите уверувања и затоа не може да доведе до дискриминација. ...
Правилото дека ‘Никој нема да биде принуден ... да ги открие неговите или нејзините верски уверувања и убедувања’ не може да се толкува како забрана за наведување на религијата на едно лице во официјалните регистри. Уставот забранува принудување.
Принудувањето се однесува на откривањето на религиозните уверувања и убедувања. Поимот ‘религиозни уверувања и убедувања’ не е ограничен само на давањето на информации во однос на религијата на секој поединец во матичните книги на државата за демографска намена. Тој поим е широк и се однесува на многу фактори поврзани со религија и убедувањето.
Правилото дека ‘Никој нема да биде принуден ... да ги открие неговите или нејзините религиозни уверувања и убедувања’ мора да се чита во врска со правилото дека ‘никој нема да биде спречен да ги изрази или да биде кривично гонет за неговите или нејзините религиозни уверувања или убедувања’. Во ниту едни околности ова не доведува до принуда, цензура или кривично гонење.
Понатаму, според член 266 од Граѓанскиот законик, ‘полнолетно лице ќе биде слободно да ја избере неговата или нејзината религија’. Затоа, секој кој сака да ја промени неговата или нејзината религија наведена во матичната книга може да поднесе барање за тоа то органите за регистрација. Измената ќе биде направена по налог на децентрализираната власт. Исто така, секој кој сака таа информација да биде избришана или да се внесе друго уверување кое не може да биде прифатено како религија може да се обрати до граѓанските судови ...
Како заклучок, член 43 од Граѓанскиот законик не може да се смета како да подразбира принуда. Тој се однесува на информации во однос на религијата на едно лице која е дадена во книгите за матична евиденција за цели на јавна политика, општ интерес и општествена потреба ...“
Петмина од единаесетте судии не се согласиле со мислењето на мнозинството, заклучувајќи дека наведувањето на религија во книгите за матична евиденција и на лични карти било неспојливо со член 24 од Уставот. Еден од судиите кои не се согласувале, сметал посебно дека:
„Според Законот за матична евиденција, родителите или законските старатели на децата се обврзани да ја декларираат религијата на нивните деца, без што нема да се изврши запишување на информациите. Вклучувањето на религијата во семејниот запис и на лични карти, пред детето да стане полнолетно и без негова или нејзина согласност, претставува de facto задолжително откривање на религијата во секојдневниот живот ... Таа обврска на откривање, која произлегува од наведувањето на религијата на документ со кој се потврдува граѓански стаус, и презентирањето на тој документ при запишување во училиште или при вршење на формалностите за воена служба, навистина доведува, според моето мислење до ‘принудување’.“
4. Закон за службите за матична евиденција (Закон бр. 5490) и одредбите за негова имплементација
17. Релевантните делови на членовите 7 и 35 од Законот за службите за матична евиденција (Nüfus Hizmetleri Kanunu), кој влезе во сила на 29 април 2006 (укинувајќи го претходнаведениот Закон за матична евиденција), гласат како што следи:
член 7
Лични податоци кои се задолжителни во книгите за матична евиденција
„1. Кнгига за матична евиденција се востановува за секој округ или село. Матичните книги ќе ги содржат следните податоци:
...
(д) Религија.
...”
член 35
Исправка на податоци
„1. Ниту еден запис во матичните книги не може да биде исправен без правосилна судска одлука ...
2. Податоци поврзани со религијата на едно лице ќе бидат внесени или изменети во согласност со писмена изјава на засегнатото лице, графата за таа намена може да биде оставена празна или податоците може да бидат избришани.“
18. Релевантните делови од член 82 од одредбите за имплементација на Законот за службите за матична евиденција, усвоен на 29 септември 2006, гласат како што следи:
член 82
Барања во врска со информациите поврзани со религија
„Било кои информации во врска со религијата на едно лице ќе бидат внесени, изменети, избришани или изоставени во согласност со писмени изјави на тоа лице. Барањата за измена или бришење на податоци поврзани со религија нема да бидат предмет на било какви ограничувања.“
5. Директоратот за верски прашања
19. Директоратот за верски прашања е основан со Законот бр. 633 од 22 јуни за формирањето и функциите на претседателството за верски прашања, објавен во Службен весник на 2 јули 1965. Членот 1 од тој закон предвидува дека претседателството за верски прашања, кое одговара пред Премиерот, е одговорно за одлучување по прашања на уверување, обреди и моралните принципи на исламот и за управување со местата на верски обреди. Во рамките на директоратот, Врховниот совет за верски прашања претставува врховно одлучувачко и консултативно дело. Составено е од шеснаесет членови именувани од претседателот на Директоратот. Тоа е надлежно да одговара на прашања кои се однесуваат на религија (член 5 од Законот бр. 633).
Б. Упатства за анализа на законодавство кое се однесува на религија или уверување, усвоени од страна на Венецијанската комисија
20. Релевантните делови на документот насловен „Упатства за анализа на законодавство кое се однесува на религија или уверување“ усвоен од страна на Венецијанската комисија на нејзината 59-та пленарна седница (Венеција, 18 и 19 јуни 2004), гласат како што следи:
„II. Суштински прашања кои вообичаено се појавуваат во закони
...
2. Дефиниција на ‘религија’. Законите често вклучуваат разбирлив обид да ја дефинираат религијата или поврзани поими ( ‘секти’, ‘култови’, ‘традиционални религии’ итн.). Не постои општоприфатена дефиниција на такви поими во меѓународното право, и многу држави имаат потешкотии при дефинирањето на тие поими. Се тврди дека таквите поими не можат да бидат дефинирани во правна смисла заради инхерентната неодреденост на концептот на религија. Вообичаена грешка при дефинирање е да се наметне обврска дека верувањето во Бога е неопходно за нешто да биде сметано за религија. Најочигледните спротивни примери се класичниот будизам, кој не е теистички, и хиндуизмот, кој е политеистички ...
3. Религија или уверување. Меѓународните стандарди не зборуваат за религијата во изолирана смисла, туку за ‘религија’ или ‘уверување’. Аспектот ‘уверување’ обично се однесува на длабоки уверувања на совеста кои се фундаментални за положбата на човекот и светот. Така, атеизмот и агностицизмот, на пример, генерално се смета дека имат право на иста заштита како религиозните уверувања. Многу е често законите да не ги штитат адекватно (или да не се однесуваат воопшто на) правата на лица кои не се верници. ...
Б. Основни вредности на кои почиваат меѓународните стандарди за слободата на религија или уверување
Дојде до широк консензус во регионот на ОБСЕ за контурите на правото на слобода на религија или уверување како што се формулирани во важечките меѓународни инструменти за човекови права. Основните прашања кои би требало да се земат во обзир при разгледување на закони во оваа област ги вклучуваат следните поважни прашања:
1. Внатрешна слобода (forum internum). Главните меѓународни инструменти потврдуваат дека ‘[с]екој има право на слобода на мислење, совест и религија. Спротивно со манифестациите на религија, правото на слобода на мислење, совест и религија во forum internum, е апсолутно и не може да биде предмет на ограничувања од било кој вид. Затоа, на пример, правни обврски кои наложуваат недоброволно откривање на религиозни уверувања се недозоволени ...“
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 9 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
21. Жалителот наведе повреда на член 9 од Конвенцијата, кој гласи како што следи:
„1. Секој има право на слобода на мислата, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.
2. Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.“
22. Жалителот се жалеше дека бил обврзан, без негова согласност и со повреда на неговото право на слобода на религија и совест, да ги открие своите уверувања затоа што било задожително да се наведе неговата религија на неговата лична карта. Тој тврдеше дека наведувањето за кое станува збор не можело да се смета дека е спојливо со член 24 § 3 од Уставот, кој предвидувал дека „никој нема да биде приднуден да ги открие неговите или нејзините уверувања и убедувања“. Тој посочи дека тој документ од јавен каракер морал да биде покажан на барање на било кој јавен орган, приватно претпријатие или во контекст на било која друга формалност воопшто.
Тој исто така изјави дека тој побарал зборот „ислам“ на неговата лична карта да биде заменет со наведување на неговата вера како „алеви“, тврдејќи дека постоечкото наведување било погрешно. Тој ја оспори постапката во која бил отфрлено неговото барање, и во која Директоратот за верски прашања ја опишал неговата вера како толкување на исламот.
A. Основаност
1. Неискористување на домашни правни средства
23. Владата изјави дека жалителот, кој само побарал од судските власти да го заменат зборот „ислам“ на неговата лична карта со наведување на неговото уверување како „алеви“, не ги искористил соодветно домашните правни лекови во однос на неговиот жалбен навод во однос на слободата на религија и совеста. Според Владата, жалителот никогаш не тврдел дека наведувањето на неговата религија на неговата лична карта било неспојливо со неговата слобода на религија и совест.
24. Жалителот не поднесе опсервации во одговор на тој став на Владата во дозволениот рок.
25. Судот повторува дека правилото на искористување на домашни правни лекови востановено со член 35 § 1 од Конвенцијата ги обврзува жалителите - користејќи ги правните лекови кои се достапни во домашното право ако се ефикасни и соодветни – да и овозможат на тужената држава можност да ги поправи наводните повреди против нив пред тие наводи да бидат поднесени пред Судот (види, помеѓу други претходни одлуки, Fressoz and Roire v. France [GC], no. 29183/95, § 37, ECHR 1999-I).
26. Во конкретниот случај, Судот забележува дека во неговото барање до домашните судови, нагласувајќи ја својата длабока несогласност со обврската која му била наметната да има лична карта на која неговата религија е наведена како „ислам“, жалителот јасно го оспорил наведувањето за кое станува збор, повикувајќи се на уставната заштита на слободата на религија и совеста и неговото државјанство на секуларна држава (види параграф 7 погоре).
27. Судот воочува дека во релевантниот период во Турција било задолжително да се наведе својата религија на лични карти и дека ова било утврдено од страна на Уставниот суд во неговата пресуда од 21 јуни 1995 дека била во согласност со член 24 § 3 од Уставот, и покрај реченицата во истата уставна одредба дека „никој нема да биде принуден ... да ги открие неговите или нејзините уверувања и убедувања“.
28. Затоа, со оглед на правниот контекст во релевантниот период опишан погоре, Судот не се сомнева дека, барајќи записот „ислам“ на неговата лична карта да биде заменето со запис на неговата „алеви“ вера, жалителот сакал да ја искористи уставната заштита на слободата на религијата и совеста гарантирана со член
24 § 3 од турскиот Устав, посебно затоа што пред Касациониот суд тој јасно го оспорил задолжителното наведување на религијата, предлагајќи, како алтернатива, тоа да биде избришано од неговата лична карта (види параграф 10 погоре).
29. Затоа, Судот смета дека, во неговите поднесоци до турските судови, жалителот јасно се повикал на неговите жалбени наводи по член 9 од Конвенцијата. Претходниот приговор на Владата за неискористување на домашните правни лекови мора затоа да биде отфрлен.
2. Статус на жртва
30. Владата се изјасни дека жалителот не можел да тврди дека е жртва на повреда на неговото право да ја изрази неговата религија. Таа тврдеше дека одбивањето на барањето на жалителот на ја оштетувало суштината на неговото право да ја изрази неговата религија, затоа што наведувањето на религијата на личната карта не можело да се толкува како мерка со која се принудуваат сите турски граѓани да ги откријат нивните религиозни уверувања и како ограничување на слободата да се изрази религијата преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали. Понатаму, повикувајќи се на судската пракса на турските судови (види параграф 16 погоре), Владата тврдеше дека секој кој сакал релевантни информации да бидат избришани во целост можел да поднесе барање за тоа пред граѓанските судови.
31. Судот смета дека аргументот на Владата заснован на тоа што жалителот немал статус на жртва отвора прашања тесно поврзани со суштината на неговата жалба по член 9 од Конвенцијата. Судот затоа го приклучува кон [одлучувањето за] основаноста (види, mutatis mutandis, Airey v. Ireland, 9 October 1979, § 19, Series A no. 32).
3. Други основи за недопуштеност
32. Судот воочува дека овој жалбен навод не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 од Конвенцијата и не е недопуштен по било кој друг основ. Затоа мора да биде прогласен за допуштен.
Б. Почитување на член 9 од Конвенцијата
1. Аргументи на странките
33. Владата тврдеше дека немало мешање со користењето од страна на жалителот на неговото право на слобода на религија, затоа што не можело да се направи директна врска помеѓу наведувањето на религијата на лични карти и слободата на религијата и совеста. Не можело да се толкува како обврска да се откријат своите религиозни уверувања или како ограничување слободата да се изрази својата религија преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.
34. Повикувајќи се на пресудата на турскиот Уставен суд од 21 јуни 1995 (види параграф 16 погоре), Владата понатаму тврдеше дека наведувањето на религијата во личните карти не влијаело врз суштината на правото на слобода на религија и уверување; тоа било наложено од целите на јавна политика, општиот интерес и социјалните императиви. На никој начин тоа не претставувало мерка која има за цел да го принуди поединецот да ги открие неговите или нејзините уверувања или на спречување или кривично гонење на било кој заради неговите или нејзините религиозни уверувања. Република Турција била секуларна држава во која слободата на религија била посебно загарантирана со Уставот. Обжалената мерка затоа не можела да се смета за ограничување на слободата на религија на жалителот.
35. Понатаму, според Владата, содржината на личната карта не можела да биде определена според желбите на секој поединец. Со оглед на многуте верувања во рамките на исламот (на пример, „ханефи“ или „шафи“) или мистичните редови (како што се „мевлеви“, „кадири“ или „накшбанди“), различните струи или гранки на истата религија не морале да бидат наведени за да се зачува јавниот ред и неутралноста на државата. Што се однесува на улогата на Директоратот за верски прашања, Владата тврдеше дека, во согласност со релевантните закони, директоратот бил одговорен за давање совети за прашања поврзани со муслиманската вероисповест. Работел во согласност со принципот на секуларизам и бил одговорен за земањето во предвид на фундаменталните основи на муслиманската религија кои важеле за сите муслимани. Понатаму, повикувајќи се на член 10 од Уставот (види параграф 12 погоре), таа посочи дека државата била обврзана да осигура различните секти и толкувања во рамките на истата религија да бидат еднакво третирани.
36. Жалителот, кој не ги поднесе своите опсервации во дозволениот рок, тврдеше во неговиот жалбен формулар дека одбивањето на неговото барање зборот „ислам“ на неговата лична карта да се замени со неговата вера „алеви“, доведувало до мешање со неговото право на слобода да ја практикува неговата религија. Тој исто така се жалеше дека тој бил обврзан да го открие своето уверување затоа што наведувањето на тој податок било задолжително во лични карти.
2. Оцена на Судот
37. Судот повторува дека слободата на мисла, совест и религија, гарантирана со член 9, е една од основите на „демократското општество“ во смисла на Конвенцијата. Таа е, во својата религиозна димензија, еден од најважните елементи кои го чинат идентитетот на верниците, нивното сфаќање за животот, но исто така тој е драгоцено средство за атеистите, агностиците, скептиците и на тие кои се незаинтересирани. Плурализмот кој е неделив од демократското општество, кое е јасно е стекнато во текот на вековите, зависи од него. Таа слобода вклучува, помеѓу останатото, слободата да се има или да се нема верски уверувања и да се практикува или да не се практикува една вера (види, помеѓу други претходни одлуки, Kokkinakis v. Greece, 25 May 1993, § 31, Series A no. 260-A, and Buscarini and Others v. San Marino [GC], no. 24645, § 34, ECHR 1999-I).
38. Иако верската слобода е пред сѐ прашање на индивидуална совест, таа исто така подразбира и слобода да се изрази својата религија на само или во приватност или во заедница со другите, во јавност и во кругот на оние кои ја имаат истата вера. Понатаму, Судот имал прилика да посочи дека член 9 гарантира негативни права, на пример, слободата да не се има религиозни уверувања и да не се практикува религија (види, во тој однос, Kokkinakis, и Buscarini and Others, цитирани погоре).
39. Судот воочува дека жалителот, кој се изјаснил дека бил припадник на алеви верската заедница, морал да има лична карта на која неговата религија била наведена како ислам. На 7 мај 2004 жалителот побарал од Окружниот суд во Измир неговата вера да се внесе во графата за религија (види параграф 7 погоре). Понатаму, тој се жалел на задолжителното наведување на религијата пред Касациониот суд, барајќи како алтернатива тоа да биде избришано од неговата лична карта, повикувајќи се на неговото право да не биде принуден да ги открие неговите уверувања (види параграф 10 погоре). Сепак, врз основа на мислењето издадено од страна на Директоратот за верски прашања, Окуржниот суд ти отфрлил неговите предлози на основа на тоа што „само религиите во општа смисла се наведуваат на лични карти а не толкувањата или гранки на определена религија“. Според мислењето на домашниот суд, „Алеви верата е толкување на исламот кое е под влијание на суфизмот и кое има специфични културни особености“ (види параграф 9 погоре).
40. Судот воочува дека, во согласност со домашното законодавство кое важело во релевантниот период, жалителот, како и сите турски граѓани, бил обврзан да има лична карта на која е наведена неговата религија. Тој јавен документ морал да биде покажан на барање на било кој јавен орган или приватно претпријатие или во контекст на било која формалност воопшто која наложува идентификација на сопственикот [на личната карта].
41. Во врска со тоа, Судот смета дека е неопходно да повтори дека во случајот Sofianopoulos and Others v. Greece ((dec.), nos. 1977/02, 1988/02 and 1997/02, ECHR 2002-X), тој одлучил дека личната карта не можела да се смета за средство кое има за цел да осигура дека почитувачите на било која религија или вера да имаат право да ја практикуваат или изразуваат нивната религија. Сепак, тој смета дека правото на изразување на својата религија или уверувања исто така има и негативен аспект, имено правото на поединецот да не биде обврзан да ја открие неговата или нејзината религија или уверувања и да не биде принуден да се однесува на таков начин од кој може да се заклучи дека тој или таа има - или нема – такви уверувања. Последователно, државните органи немаат право да се мешаат во сферата на слободата на совеста на поединецот и да настојуваат да ги откријат неговите или нејзините религиозни уверувања или да го/ја обврзат да ги открие таквите уверувања (види Alexandridis v. Greece, no. 19516/06, § 38, 21 February 2008).
Судот ќе го разгледа овој случај од гледна точка на негативниот аспект на слободата на религија и совеста, имено правото на поединецот да не биде обврзан да ги изразува неговите или нејзините уверувања.
42. Судот не смета дека е убедлив аргументот на Владата дека наведувањето на информации за кое станува збор не можело да се толкува како мерка која ги принудува сите турски граѓани да ги откријат своите религиозни убедувања и уверувања. Тоа што е во прашање е правото да не се открие својата религија или уверувања, кое спаѓа во forum internum на секој поединец. Ова право е инхерентно во поимот на слобода на религија и совест. Да се толкува член 9 како да дозволува секаков вид на принуда со цел откривање на религија или уверување би значело удар за самата суштина на слободата која е предвидено да ја гарантира (види, mutatis mutandis, Young, James and Webster v. the United Kingdom, 13 August 1981, § 52, Series A no. 44; види го исто така издвоеното мислење на еден од судиите на Уставниот суд, параграф 16 погоре).
43. Понатаму, со оглед на честата употреба на личната карта (запишување на училиште, проверки на идентитет, воена служба и така натака), наведувањето на религиозните уверувања во официјални документи како што се личните карти ги изложува сопствениците на ризик од дискриминирачки ситуации во нивните односи со административните органи (види Sofianopoulos and Others, цитиран погоре).
44. Понатаму, Судот не може да сфати зошто би било неопходно да се наведе религијата во книгите за матична евиденција или на лични карти за демографски цели, што нужно би вклучило законодавство кое го прави задолжително декларирањето на своите религиозни уверувања.
45. Судот исто така воочува дека жалителот се жалел на постапката во која било отфрлено неговото барање, во текот на која Директоратот за верски прашања ја опишал неговата вера како толкување на исламот (види параграф 22 погоре). Во тој поглед, Судот воочува дека тој отсекогаш нагласувал дека, во демократско општество каде државата е краен гарант на плурализмот, вклучително и верскиот плурализам, улогата на властите не е да усвојат мерки кои фаворизираат едно толкување на религија со цел да се принуди една поделена заедница, или нејзин дел, да се здружат под единствено раководство спротивно на нејзините желби (види Serif v. Greece, no. 38178/97, § 53, ECHR 1999-IX). Должноста на државата за неутралност и непристраснот, како што е дефинирана во неговата судска пракса, е неспојлива со било какво овластување од страна на државата да ја оценува легитимноста на верските уверувања, и ја обврзува државата да гарантира дека спротивставените групи се толерираат една со друга, дури и кога произлегле од една иста група (види, mutatis mutandis, Manoussakis and Others v. Greece, 26 September 1996, § 47, Reports of Judgments and Decisions 1996-IV, see also Metropolitan Church of Bessarabia and Others v. Moldova, no. 45701/99, § 123, ECHR 2001-XII).
46. Судот затоа смета дека оценувањето на верата на жалителот од страна на домашните власти, врз основа на мислење издадено од страна на орган кој е одговорен за исламски верски прашања, е спротивно на должноста на државата за неутралност и непристрасност.
47. Владата го насочи вниманието на Судот на фактот дека после законските измени кои произлегле од Законот за служби за матична евиденција, жалителот бил овластен да побара графата за религија да биде оставена празна (види параграфи 17-18 погоре).
48. Судот забележува дека според Законот за службите за матична евиденција од 29 април 2006, матичните книги и понатаму содржат информации за религијата на поединците (член 7 од Законот). Сепак, според член 35(2), „информации кои се однесуваат на религијата на едно лице ќе бидат внесени или изменети во согласност со писмените изјави на засегнатото лице; графата за таа намена може да биде оставена празна или информациите можат да бидат избришани.“
49. Според мислењето на Судот, таа измена нема влијание врз согледувањата изразени погоре затоа што личните карти сѐуште имаат графа за религија – без разлика дали таа е оставена празна или не. Понатаму, секој кој сака да ги измени информациите во врска со неговата или нејзината религија на личната карта мора да поднесе писмена изјава. Иако релевантните закони и прописи не ја регулираат содржината на изјавата, Судот забележува дека самиот факт што мора да се поднесе барање за да биде религијата избришана од книгите за матична евиденција би можел да претставува откривање на информации во однос на еден аспект на ставот на поединецот кон религијата (види, помеѓу други претходни одлуки, Folgerø and Others v. Norway [GC], no. 15472//02, § 98, ECHR 2007-III, и Hasan and Eylem Zengin, цитиран погоре, § 73).
50. Тоа исто така е точно и за жалителот. Тој мора ги информира властите за неговата вера со цел таа информација да биде запишана на неговата лична карта. Со оглед на тоа што картата се добива на тој начин и често се користи во секојдневниот живот, таа претставува de facto документ кој го обврзува жалителот да ги открие неговите религиозни уверувања против негова волја секогаш кога ја употребува.
51. Во секој случај, кога личните карти имаат графа за религија, оставањето на таа графа непополнета има специфична конотација. Носителите на лични карти кои не содржат информација во однос на религијата би се разликувале, против нивна волја и како последица на мешање од страна на властите, од оние кои имаат лична карта на која се наведени нивните верски уверувања. Понатаму, барањето да не се прикажуваат никакви инфомрации на личната карта е во блиска врска со најдлабоките уверувања на поединецот. Затоа, Судот смета дека прашањето на откривање на еден од најинтимните аспекти на поединецот сѐуште е спорно.
52. Tаа ситуација е несомнено спротивна на принципот на слобода да не се изразува својата религија или уверување. Со оглед на тоа, Судот забележува дека конкретната повреда не произлегува од одбивањето да се наведе верата на жалителот (алеви) на неговата лична карта туку од проблемот на наведувањето - задолжително или факултативно - на религијата на личната карта. Заклучува затоа дека жалителот може сѐуште да тврди дека е жртва на повреда, и покрај законската измена од 29 април 2006, и го одбива приговорот на Владата (види параграф 31 погоре).
53. Затоа имало повреда на член 9 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 6 И 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
54. Жалителот исто така се жалеше на повреда на член 6 од Конвенцијата врз основа на тоа што Окружниот суд побарал мислење само од Директоратот за верски шрашања, кој е јавна институција. Според неговото мислење, таа институција не била квалификувана да даде мислење за алеви затоа што не била специјализирана за алеви верата и не била заинтересирана за неа. Тој дополни дека ако судот побарал мислење од Федерацијата на здруженија алеви-бекташи (приватна федерација на алеви здруженија), неговото толкување би било поинакво од тоа на Директоратот за верски шрашања. Судот требало да го побара мислењето на таа федерација или на специјалисти за верски прашања. Жалителот тврдеше дека домашните судови затоа извршиле неадекватна проверка правејќи ја постапката неправична.
55. На крај, жалителот изјави дека неговото барање било одбиено од страна на домашните судови затоа што тој бил припадник на верската заедница алеви. Окружниот суд побарал само мислење од јавна институција која го негирала самото постоење на алеви а не побарал мислење од претходноспоменатата федерација. Според мислењето на жалителот, тоа доведувало до дискриминација и затоа, и до повреда на член 14 од Конвенцијата.
56. Владата го оспори тој аргумент.
57. Судот воочува дека овие жалбени наводи се поврзани со тие кои ги испита погоре и затоа мора да бидат прогласени за допуштени. Сепак, со оглед на неговиот заклучок по член 9 од Конвенцијата (види параграф 53 погоре), Судот смета дека нема потреба да разгледа посебно дали во конкретниот случај имало повреда на другите одредби на кои жалителот се повикува.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОВИТЕ 41 И 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
58. Членовите 41 и 46 од Конвенцијата предвидуваат:
Член 41
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
член 46
„1.Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување.“
59. Жалителот не поднесе барање за правично задоволување во предвидениот рок. Судот смета дека не е потребно да му додели било каков износ по тој основ.
60. Судот исто така воочува дека во конкретниот случај, одлучи дека наведувањето на религијата на еден граѓанин во книгите за матична евиденција и на лични карти е неспојливо со слободата да не се открие својата религија (види параграф 53 погоре). Овие заклучоци сами по себе подразбираат дека повредата на правото на жалителот, гарантирано со член 9 од Конвенцијата, произлегла од проблем кој се однесува на наведувањето - без разлика дали задолжително или факултативно - на религијата во личните карти. Во тој поглед, смета дека отстранувањето на графата за религија би претставувало соодветна форма на исправување за да се стави крај на повредата која ја утврди.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТЈа прогласува, со мнозинство гласови, жалбата за допуштена;
Го приклучува кон основаноста, со шест гласови против еден, приговорот на Владата во однос на тоа дека жалителот немал статус на жртва и го одбива со шест гласови против еден;
Одлучува, со шест гласови против еден, дека имало повреда на член 9 од Конвенцијата;
Одлучува, со шест гласови против еден дека нема потреба да разгледа одвоено дали имало повреда на членовите 6 и 14 од Конвенцијата во конкретниот случај.
Изработена на француски, и доставена во писмена форма на 2 февруари 2010, според правилото 77 §§ 2 и 3 од Правилникот на Судот.
Sally DolléFrançoise Tulkens Секретар Претседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правило 74 § 2 од Правилникот на Судот, издвоеното мислење на судијата Cabral Barreto е приклучено кон оваа пресуда.
F.T.
S.D.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]. Мнозинството од населението на Турција го следи умереното толкување на исламот од правната школа на Ханефите.
[1]. Али бил четвртиот калиф на исламот. Тој се смета од страна на алеви следбениците дека е првиот имам и игра централна улога во таа вера.
Full & Egal Universal Law Academy