© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ СИНДИКАТ „ДОБРИОТ ПАСТОР“ (SINDICATUL „PĂSTORUL CEL BUN“) против РОМАНИЈА
(Жалба бр. 2330/09)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
9 Јули, 2013 г
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Синдикат „Добриот Пастор“ ( Sindicatul „Păstorul cel Bun“) против Романија,
Европскиот Суд за Човекови Права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претстедател,
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевре (Isabelle Berro-Lefèvre),
Боштјан М. Зупанчиќ (Boštjan M. Zupančič),
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner),
Дануте Јочиене (Danutė Jočienė),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Жорж Николау (George Nicolaou),
Луис Лопез Гуера (Luis López Guerra),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Анџелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Линос-Александер Сиcилианос (Linos-Alexandre Sicilianos)
Ерик Моше (Erik Møse),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Кристоф Војтучек (Krzysztof Wojtyczek), судии,
и од Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар на судот ,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на судскиот совет на 7 ноември и 5 јуни 2013 г,
Ја донесе следната пресуда, која беше усвоена на погоре споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр. 2330/09) против Романија чијшто синдикат, Pastorul cel Bun (Добриот Пастор) се обратил до Судот на 30 декември 2008 година повикувајќи се на членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата"). Претседателот на Големиот судски совет го прифати барањето за необјавување на нивниот идентитет поднесено од страна на членовите на синдикатот жалител (член 47 став 3 од Деловникот на Судот).
2. Синдикатот жалител, кому му беше дозволено користење правна помош, беше застапуван од г-дин Р. Ширита (R. Chiriţă) адвокат во Клуж Напока (Cluj Napoca). Романската влада („Владата") беше застапувана од нејзиниот агент, г-ѓа К. Брумар (C. Brumar), од Министерството за надворешни работи.
3.Синдикатот жалител тврдеше дека отфрлањето на неговото барање за регистрација како синдикат го повредил правото на неговите членови да основаат синдикат гарантирано со членот 11 од Конвенцијата.
4. Жалбата беше доделена на третиот оддел од Судот (член 52 став 1 од деловникот). На 31 јануари 2012 г., еден совет од наведениот оддел, составен од судиите Жозе Касадевал (Josep Casadevall), Егбер Мијер (Egbert Myjer), Јан Шикута (Ján Šikuta), Инета Зиемеле (Ineta Ziemele), Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria), Михаи Поалелунги (Mihai Poalelungi) и Кристина Пардалос (Kristina Pardalos), како и од Сантиаго Куесада (Santiago Quesada), секретар на оддел, донесе пресуда. Едногласно, тој ја прогласи жалбата за допуштена и, со мнозинство од пет гласа против двајца, оцени дека имало повреда на членот 11 од Конвенцијата.
5. На 9 јули 2012 година, по барање од Владата поднесено на 27 април, 2012 г., колегиумот на Големиот судски совет одлучи да го упати предметот до Големиот судски совет согласно член 43 од Конвенцијата.
6. Составот на Големиот судски совет беше решен во согласност со членот 27 ставови 2 и 3 од Конвенцијата и членот 24 од деловникот. По изземањето на Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan), судија избран како претставник на Романија (член 28), претседателот на Големиот судски совет ја назначи г-ѓа Анџелика Нусбергер (Angelika Nußberger) да суди во својство на судија ad hoc (член 26 став 4 од Конвенцијата и член 29 став 1 од деловникот).
7. Синдикатот жалител и Владата доставија дополнителни писмени опсервации (член 59 став 1 од деловникот).
8. Им беше дозволено да интервенираат во писмената постапка (член 36 став 2 од Конвенцијата и член 44 став 2 од деловникот) на невладината организација European Centre for Law and Justice и на Православната Архиепископија од Крајова, коишто веќе беа поднеле барање за учество како трети страни пред Советот, на Московската Патријаршија, на невладините организации Becket Fund и на International Center for Law and Religion, како и на молдавската, полската, грузиската и грчката влада.
9. Беше одржано јавно рочиште во Палатата за човекови права, во Стразбур, на 7 ноември 2012 година (член 59 став 3 од деловникот).
Пред судот се појавија:
–за Владата
Г-ѓа К. БРУМАР (C. BRUMAR),агент,
Г-ѓа И. КАМБРЕА (I. CAMBREA),ко-агент,
Г-дин.Д. ДУМИТРАШ (D. DUMITRACHE),советник,
Г-ѓа А. НЕАГУ (A. NEAGU),советничка;
– за жалителот
Г-ѓа Р. ШИРИТА (R. CHIRIŢĂ), адвокат,совет,
Г-дин. И. ГРУЈА (I. GRUIA), адвокат,совет,
Г-ѓа О.ШИРИТА (O. CHIRIŢĂ), советничка;
Судот ги сослуша обраќањата на г-дин Ширита и на г-ѓите Брумар и Неагу.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
10. На 4 април, 2008 година, триесет и двајца православни свештеници од парохиите од градот Олтенија, од кои повеќето биле под надлежност на архиепископијата од Крајова (југо-западна Романија), и тројца световни вработени од истата архиепископија, се состанале на генерално собрание и одлучиле да го основаат Синдикатот Добриот Пастор(Pastorul cel Bun. Релевантните делови од статутот донесен во оваа прилика гласат:
„Целта на синдикатот на свештеничкиот и световниот персонал кој работи во парохиите или во други црковни структури кои спаѓаат под административната и територијалната надлежност на градот на Олтенија беше дефинирана слободно. Оваа цел е да ги застапува и брани професионалните, економските, социјалните и културните права и интереси на своите свештени и световни членови, во нивните односи со хиерархијата на Црквата и Министерството за култура и верски прашања.
За да се постигне оваа цел, синдикатот
а) се грижи да обезбеди почитување на основните права на неговите членови, како што се правата на работа, достоинство, здравствена заштита, заштита при работа, одмор, социјално осигурување, помош во случај на невработеност, правото на пензија и други права утврдени со важечкиот закон;
б) се грижи за тоа секој од неговите членови да може да врши работа соодветна на неговата стручна подготовка и на неговите компетенции;
в) се грижи за почитувањето на законските одредби во врска со траењето на годишниот одмор и неработните денови.
г) го обезбедува промовирањето на слободното претприемништво, конкурентност и слободата на изразување на своите членови;
д) се грижи за спроведувањето и почитувањето на законските одредби кои се однесуваат на заштитата при работа и правата предвидени со тие закони;
ѓ) се грижи за целосното спроведување на одредбите од Законот бр489/2006 кој се однесува на верската слобода и на правниот систем на верoисповестите, на Статутот на Романската Православна Црква и на светите канони на Романската Православна Црква;
е) преговара со архиепископијата и митрополијата за колективните договори и договорите за вработување, кои експлицитно мора да ги прецизираат сите права и должности на свештенството и световниот персонал;
ж) обезбедува заштита на претседателот и на неговите претставници за време на нивниот мандат и по истекот на истиот;
з) се грижи да биде застапен на сите нивоа и во сите тела за донесување одлуки, во согласност со законските прописи во сила;
ѕ) ги користи петицијата, протестот и штрајкот како средства за одбрана на интересите на своите членови, на нивното достоинство и на нивните основни права;
и) покренува постапка против физичките или правните лица кои ги игнорират законите за работни односи, синдикалното право или одредбите од колективниот договор потпишан на ниво на митрополијата или од договорите за вработување ако соодветните спорови не можеле да се решат со преговарање;
ј) се грижи за почитувањето и спроведувањето на законските одредби кои се однесуваат на надоместоците и на обезбедувањето пристојни услови за живот;
к) се залага свештенството и световниот персонал да можат да ги уживаат сите права кои ги уживаат другите социјални категории;
л) основа заеднички фондови за помош;
љ) издава и печати публикации со цел да ги информира своите членови и да ги брани нивните интереси;
м) основа и управува со, во согласност со законските одбредби и во интерес на своите членови, организации за култура, образование и истражување во областа на синдикалните активности, на социјалните институции и социо-економските институции;
н) собира средства за помош на своите членови;
њ) ги организира и финансира верските активности;
о) формулира предлози за изборите организирани во локалните структури на Црквата и нуди учество во Светиот Синод на Романската Православна Црква на свештеник кој е негов член;
п) бара од архиепископијата да поднесе во рамките на собранието на свештениците извештај за приходите и расходите;
р) бара од Советот на Архиепископијата да ги објавува, секој квартал или секоја година, одлуките за именување, за трансфер и за распределба на буџетите. "
11. Согласно законот бр.54/2003 за синдикатите, избраниот претседател на синдикатот побарал од првостепениот суд во Крајова да му додели на синдикатот статут на правно лице и да го запише во регистарот на синдикатите, тврдејќи дека барањето за регистрација било согласно со законот бр.54/2003 за слобода на синдикално здружување и нагласувајќи дека Законот бр. 489/2006 за верската слобода не го спречува основањето синдикат.
12. Јавното обвинителство, претставувајќи ја државата во постапката, се изјасни во полза на барањето за регистрација, ценејќи дека основањето синдикат на членови на свештениот и световниот персонал не било спротивно на која и да е законска одредба. Тоа додало дека, со оглед на тоа дека членовите на синдикатот се вработените кои ги вршат своите обврски согласно договорите за вработување, тие, како и секој друг вработен, имаат право да се здружуваат во синдикат за одбрана на нивните права.
13. Архиепископијата од Крајова, трета страна вклучена во постапката, потврдила дека членовите на синдикатот биле вработени од страна на архиепископијата, но тврдела дека основањето на синдикатот без согласност и благослов на архиепископот (во понатамошниот текст „овластување“) било забрането со статутот на Романската православна црква, кој била одобрен со Уредбата бр.53/2008 на Владата. Таа додала дека согласно наведениот статут, свештениците не можеле да се појават пред граѓанските судови, дури и во рамките на на личен спор, без претходна писмена дозвола од архиепископот. Појаснуваќи дека тие претседавале со собранијата и управните одбори на нивните парохии, архепископијата тврдела дека, според тоа, не можеле да основаат синдикат, со оглед на тоа дека Законот бр.54/2003 тоа им го забранува на лица кои извршуваат раководни функции. Конечно, таа приклучила кон досијето писмени изјави во кои осум члена на синдикатот ја изразиле својата желба да не бидат веќе негови членови.
14. Откако констатирале дека барањето за регистрација ги исполнувало формалните услови од Законот бр. 54/2003, судот оценил дека е соодветно да се анализира барањето во светлината на членовите 2 и 3 од наведениот закон, членот 39 од Законот за работни односи, членот 40 од Уставот, членот 22 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и членот 11 од Европската конвенција за човекови права.
15. Со пресуда од 22 мај 2008 година, судот го одобрил барањето на синдикатот и дал налог за негово запишување во регистарот на синдикатите, доделувајќи му така својство на правно лице.
16. Релевантните пасуси од пресудата гласат како што следува:
„Третите страни тврдат дека барањето за основање синдикат е во спротивност со посебните закони за слобода на вероисповест и со правното регулирање на верските обреди и, во отсуство на благослов на архиепископот и на претходна писмена дозвола да се појават пред судот (задолжително дури и за лични спорови), со Статутот на Романската Православна Црква.
Имајќи ги предвид одредбите на Статутот на Црквата како и оние на Законот бр.489/2006 за верската слобода, судот ги отфрли наводите на третата страна, што ги смета за неосновани, поради причините наведени подолу.
Судот забележува дека, според членот 5 став 4 од Законот бр 489/2006, вероисповестите, верските здруженија и верските групи мора да го почитуваат Уставот, а нивните активности не смеат да бидат во спротивност со националната безбедност, јавниот ред, на јавното здравје и морал, ниту на основните права и слободи.
Судот исто така забележува дека Статутот на Црквата, онака како што е признат со Уредбата бр.53/2008 на Владата, не го забранува основањето на синдикат на членови од свештениот и световниот персонал согласно законодавството за работни односи. Но третата страна, која тврди дека правото да се основа синдикат е условено со добивањето благослов од архиепископот, не оспорила дека членовите основачи на синдикатот биле вработени и носители на договор за работа.
Аргументите на третите страни беа анализирани во светлината, од една страна, на членовите 7-10 од Законот за слобода на вероисповест, кој ја признава важната улога на Романската Православна Црква и нејзината автономија што се однесува до нејзиното организирање и функционирање, а, од друга страна, на членот 1 став 2 од истиот закон, кој предвидува дека „никој не може да биде спречен или принуден да прифати мислење или да пристапи кон дадена вера спротивно од своите убедувања“ и дека „никој не смее да биде дискриминиран, да биде кривично гонет или да биде ставен во неповолна позиција поради неговите верувања, неговото припаѓање или неприпаѓање на дадена вероисповест или религиозна група или здружение, или поради тоа што ја практикува својата слобода на вероисповест онака како што е предвидено со закон."
Штом свештените и световните лица се признаени како вработени, законот им го гарантира правото да основаат синдикат. Меѓутоа, ова право не може да биде предмет на какво и да е ограничувања врз основа на верската припадност нити на какво и да претходно овластување од хиерархијата.
Според мислењето на судот, принципот на хиерархиска подреденост и на послушност што го утврдува Статутот не може да се користи како основа за ограничување на правото да се основа синдикат: единствените дозволени ограничувања во оваа област се оние што се предвидени од страна на законот и кои претставуваат непоходни мерки, во едно демократско општество, за националната безбедност, за јавната сигурност, за одбраната на редот и за спречувањето на кривични дела, за заштитата на здравјето или на моралот, или пак за заштитата на правата и слободите на другите.
Аргументот што третата страна го влече од фактот дека барателите не добиле дозвола од архиепископијата да учествуваат во граѓански постапки, исто така, мора да биде отфрлен, со оглед на тоа што, во согласност со членот 21 од Уставот, „секој има право да оди на суд за да ги брани своите права, слободи и легитимни интереси, и тоа право не може да се ограничи со кој и да е закон.“
Основањето на синдикат не укажува нужно на постоење во рамките на Романската Православна Црква на различна струја која не би ја почитувала хиерархијата и правилата кои истата ги наметнува; напротив, тој е наменет да придонесе за дијалогот меѓу работодавецот и вработените во однос на преговорите за договорите за вработување, на почитување на работното време и на времето за одмор и на правилата за надоместоци, на заштита на здравјето и на безбедноста при работа, на стручна обука, на медицинска заштита, и на можност за избирање претставници во одлучувачките структури како и за да се биде избран, во согласност со спецификите на Црквата и со нејзината верска, духовна, културна, просветна, социјална и добротворна мисија.
Со оглед на горенаведеното, судот, согласно членот 15 од Законот бр. 54/2003, го прифаќа барањето, го отфрла приговорот на третата страна, му доделува статус на правно лице на синдикатот и дава налог за негово регистрирање во регистарот на синдикатите."
17. Архиепископијата ја оспорила пресудата, тврдејќи дека одредбите на националното и на меѓународното право врз кои таа се засновала биле неприменливи за овој случај. Повикувајќи се на членот 29 од Уставот, кој ја гарантира верската слобода и автономијата на вероисповеста, таа тврдела дека принципот на верска слобода не можел да се избрише пред други уставни принципи, вклучувајќи го и принципот на слободата на здружување, вклучително и слободата на слободно синдикално здружување.
18. Таа ценела дека појавата во структурата на Црквата на организација од синдикален тип за свештениот персонал сериозно ја поткопувала слободата на верoисповестa да се организира во согласност со сопствената традиција. Според неа, пресудата на судот им додала на постоечките црковни институции нова институција, синдикатот на свештениците, поткопувајќи ја така автономијата на вероисповеста призната со Уставот.
19. Таа исто така ги критикувала целите на синдикатот, ценејќи дека тие биле во спротивност со обврските изнесени во „описот на работното место" и прифатени од страна на свештениците во рамките на „верскиот завет". Таа нагласила дека сите свештеници се обврзале при нивното стапување служба да ги почитуваат сите одредби од Статутот, правилата на работење на инстанците задложени за дисциплина и суд на Црквата, како и одлуките на Светиот Синод на Православната Романска Црква, на локалните црквени собранија и на парохискиот совет.
20. Во јуни 2008 година, Светиот Синод ги прогласил иицијативите на свештениците од различни региони на земјата да формираат синдикати, како спротивни на законот, на каноните и на статутот на Црквата.
21. Со правосилна пресуда од 11 јули 2008 година, Окружниот суд од Дољ (Dolj) ја усвоил жалбата на архепископијата и го поништил регистрирањето на синдикатот.
22. Релевантните пасуси од пресудата гласат како што следува:
„Романската православна црква е организирана и функцира согласно Статутот кој е признат со Уредбата бр. 53/2008 на Владата. Овој статут им забранува на свештениците да основаат здруженија, фондации или организации од каков било вид, вклучувајќи ги, значи, и синдикатите. Оваа забрана има за цел да ги заштити правата и слободите на Романската Православна Црква, овозможувајќи и да ја зачува православната традиција, односно нејзините основачки догми.
Согласно членот 6 став 2 од Законот бр. 54/2003, статутите не смеат да содржат одредби кои се спротивни на уставот или законите.
Основањето на синдикат би ги ставило советодавните и одлучувачките структури предивидени од Статутот во ситуација каде што тие би биле заменети од или пак би биле принудени да соработуваат со нов орган (синдикат) кој и туѓ на традицијата на Црквата и на канонските правила за советување и донесување одлуки.
Слободата на организирање на верските обреди е призната од страна на Уставот и од Законот бр.489/2006 за верска слобода и правно регулирање на вероисповести. Секоја вероисповест го дефинира сопствениот тестатут, со кој се регулираат нејзината внатрешна организација, правата и обврските на нејзините членови, условите на одлучување и функционирањето на нејзините дисциплински инстанци.
Согласно одредбите од членот 14 т) [од Статутот на Православната Црква], Светиот Синод одлучува за основањето, работењето или распуштањето на црковните здруженија и фондации со национален карактер, кои се основани и раководени од Романската Православна Црква, [тој] издава или одбива да издаде дозвола за основањето, работењето или распуштањето на цковните здруженија и фондации кои имаат свои управни тела и кои функционираат во рамките на територијалните единици на Романската Православна Патријаршија.
Од горенаведените одредби, кои не се повикуваат на синдикатите, произлегува дека здруженијата и фондациите имаат црковен и национален карактер.
Од друга страна, произлегува од членот 50 д) од Статутот на Православната Црква дека свештениците не може да ги претставуваат своите парохии пред правдата без претходна писмена согласност од епископот. Исто така, со оглед на заклетвата на послушност кон епископот што ја положиле кога стапиле на служба, членовите на црковниот персонал не можат да учествуваат во судска постапка за лични спорови без претходна писмена дозвола на епископот.
Според Законот бр. 54/2003, лицата кои вршат раководни функции или функции со јавни надлежности, судиите, војните лица, полициските лица и членовите на специјалните сили не можат да основаат синдикати.
Во овој случај, Статутот ја дефинира парохијата, која е единица на шравославната црква, како заедница на православните христијани, свештени и световни лица, воспоставена на дадена територија, подредена на епископијата на црковен, правен, административен и наследен план, и на чело со свештеник.
Од прегледот на листата на свештениците кои се вклучени во овој случај произлегува дека тие претседаваат со собранијата и советите на нивните парохии. Вршејќи управни функции и користејќи оттука надоместоци согласно погоре наведените одредби, тие не можат да основаат синдикати.
Со оглед на горенаведеното, судот ја усвојува жалбата, ја поништува пресудата и го одбива барањето за регистрација на синдикатот.“
23. На 29 септември 2008 година, обидот за основање на синдикатот жалител бил предмет на дискусија во Синодот на митрополијата Олтенија. Тој одлучил дека во случај членовите на синдикатот да поднесат жалба пред Судот, тие би требало да бидат санкционирани и изведени пред дисциплинските органи. Оттука, засегнатите лица биле повикани во седиштето на архиепископијата, каде што некои од нив потпишале изјави за откажување од жалбата.
24. Со писмо од 21 јуни 2010 година, канцеларот на Романската Православна Патријаршија, потсетувајќи ја архиепископијата дека на свештениците им е забрането да се обратат до домашните и меѓународните судови без согласност на нивните претпоставени, побарал од неа да земе писмени изјави од свештениците дека се откажуваат од жалбата и, во случај да одбјати, истите да бидат изведени пред дисциплинските органи. Иако ги потпишале овие изјави, некои свештеници го информирале Судот дека не ја повлекуваат жалбата поднесена во име на синдикатот.
25. На 19 април 2010 година, тројца свештеници кои претходно биле дел од членовите на синдикатот жалител го основале, со пет други лица, здружението Апостолиа (Apostolia). Истото добило дозвола од страна на Архиепископијата од Крајова, која му ставила на располагање седиште. Тоа било регистрирано при првостепениот суд од Крајова на 8 јуни 2010 година.
26. Целите на здружението онака како што се наведени во статутот се: едукација на луѓето во духот на православниот морал; промовирањето на духот на солидарност меѓу свештенството и верниците; собирање финансиски средства за објавување на документи за одбрана на верата и традициите; организаирање и поддршка на културни, верски и социјални активности; заземање став против настаните, иницијативите и настаните што претставуваат напад врз христијанскиот морал, православната вера, националниот идентитет и традициите; употребата на правните средства за да се обзнанат одлуките во врска со одбраната на пасторските, социјалните и професионалните интереси.
II. РЕЛЕВАНТНОТО НАЦИОНАЛНО И ИНТЕРНАЦИОНАЛНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
А. Националното право и пракса
1. Уставот
27. Соодветните одредби од Уставот гласат:
Член 29
„Ниту слободата на мислење ниту слободата на вероисповест не можат да бидат ограничени на каков и да е начин. Никој не може да биде принуден да усвои мислење или да пристапи кон вероисповест спротивни на неговите убедувања.
Слободата на совеста е загарантирана; таа мора да се покаже во духот на толеранцијата и на меѓусебното почитување.
Вероисповестите се слободни и верските заедници се организираат во согласност со нивните сопствени статути, согласно условите утврдени со закон.
Во односите меѓу вероисповестите се забранети сите облици, сите средства, сите чинови и дејствија на религиозни сукоби.
Верските заедници се автономни во однос на државата и уживаат во нејзината поддршка, вклучително и преку доделување на олеснувања за да се обезбеди верска помош во армијата, болниците, затворите, психијатриските установи и сиропиталиштата.“
Член 40
„Граѓаните можат слободно да се здружуваат за основање на политички партии, синдикати, организации на работодавачи или други форми на здружување.“
Член 41
„Правото на работа не може да биде ограничено. Изборот на професија, дејност или занимање како и на работното место е слободен.
Вработените имаат право на социјална заштита. Овие мерки се однесуваат на безбедноста и здравјето на вработените, работните услови за жените и младите, воспоставувањето на минимум бруто плата на национално ниво, неделниот одмор, платениот годишен одмор, работењето под посебни или специјални услови, стручната обука, како и други специфични ситуации, пропишани со закон.
Нормалното времетраење на просечниот работен ден е максимум 8 часа.
За еднаква работа, жените добиваат еднаква плата на мажите.
Правото на колективни преговоори во областа на трудот и задолжителниот карактер на колективните договори се гарантирани“.
2. Законот за слобода на синдикално здружување
28. Законот бр.54/2003 за слобода на синдикално здружување во сила во тоа време, беше заменет со Законот бр.62/2011 за социјален дијалог, кој ги презеде претходните одредби за слободата на синдикалното здружување. Овие одредби гласат:
Член 2
„Секое лице кое ја врши својата работа врз основа на договор за работа, вклучувајќи ги и државните службеници, има право да основа синдикати и да се приклучи на тие организации.
Минималниот број на членови потребни за формирање на синдикат е утврден на петнаесет лица кои работат во истата професија или во истата дејност.
Никој не може да биде принуден да стане член на синдикална организација, да не стане нејзин член или да ја напушти"
Член 3
„Луѓето кои вршат раководни функции или функции со јавни надлежности, судиите, воените лица, припадниците на полицијата и на специјалните сили не може да основаат синдикати. "
Член 6
„2. Статутите не можат да содржат одредби спротивни на Уставот или законите. "
Член 14
„За синдикатот да добие статут на правно лице, претставникот на основачките членови мора да поднесе барање за регистрација до првостепениот суд на седиштето на синдикатот.
Две копии од следниве документи, сертифицирани од страна на претставникот на синдикатот, треба да бидат додадени кон барањето за регистрација:
а) записникот од основањето на синдикатот, потпишан од најмалку петнаесет основачки членови;
б) статутот на синдикатот;
в) списокот на членовите на управните органи (...);
г) овластувањето на претставникот (...). "
Член 15
„Надлежниот првостепен суд го разгледува во рок од пет дена барањето за регистрација. Тој проверува:
а) дали документите наведени во членот 14 се приложени кон барањето;
б) дали записникот од основањето и статутот на синдикатот се во согласност со законските одредби во сила.
Дoколку првостепениот суд утврди дека правните услови за регистрација не биле исполнети, претседателот го свикува на затворена средба претставникот на синдикатот и бара од него, во писмена форма, да го стори потребното во рок од седум дена;
Доколку судот утврди дека барањето за регистрација е во согласност со првиот став на овој член, тој е должен, во рок од десет дена, да го разгледа барањето за регистрација во присуство на претставникот на синдикатот.
Првостепениот суд го усвојува или отфрла барањето за регистрацијасо образложено мислење.
Оваа пресуда е доставена до претставникот на синдикатот во рок од пет дена по нејзиното донесување.“
Член 1
„Пресудата на првостепениот суд може да биде обжалена. "
Член 27
„За да ги постигнат своите цели, синдикатите имаат право да користат специфични средства за дејствување, како што се преговарањето, посредувањето, арбитражата, помирувањето, петицијата, протестот и штрајкот, согласно нивните статути и онака како што е предвидено со закон.“
Член 28
„Синдикатите ги бранат пред домашните судови и пред други јавни органи правата на своите членови предвидени со трудовото законодавство (...) со колективните договори и договорите за вработување (...)
При вршењето на ова овластување, [тие] да имаат право да преземат кој и да е вид на дејствие предвидено со законот, вклучувајќи ја и можноста да се обратат до суд во име на своите членови без изричен мандат од страна на истите (...) "
Член 29
„Синдикатите можат да поднесат до надлежните органи предлози за регулирање на областите засегнати од синдикалното право. "
Член 30
„Работодавците треба да ги поканат претставниците на репрезентативните синдикати на управните одбори за време на дискусиите за прашања од професионален, економски, социјален, културен или спортски интерес.
Со цел да ги бранат и промовираат професионалните, економските, социјалните, културните и спортските права и интереси на своите членови, синдикатите ги добиваат од работодавачот информациите неопходни за преговарањето за колективните договори или, зависно од случајот, склучувањето на договори за дадена дејност, како и информациите во врска со создавањето и користењето на фондови за подобрување на условите за работа, на безбедноста на работа и на социјалната заштита.
Одлуките на Управниот одбор и на другите сродни тела во врска со прашања од професионален, економски, социјален, културен или спортски интерес се соопштуваат во писмена форма до синдикатите во рок од 48 часа по нивното донесување.“
3. Законот за слободата на вероисповест
29. Соодветните одредби од Законот бр.489/2006 за верската слобода гласат како што следува:
Член 1
„Државата го почитува и гарантира правото на слобода на мислата, совеста и религијата на секое лице во рамките на националната територија, во согласност со Уставот и со меѓународните договори од кои Романија е дел.“
Член 5
„Членовите на верските заедници се слободни да го изберат обликот во кој тие сакаат да се здружат за практикувањето на нивната вероисповест - верска заедница или верско здружение, религиозна група - во согласност со модалитетите и условите на овој закон.
Верските заедници или здруженија и религиозните групи се обврзани да се почитуваат Уставот и законите и да не ја загрзат јавната безбедност, редот, здравјето, моралот и основите права и слободи.“
Член 8
„Регистрираните верски заедници уживаат статус на правно лице од јавен интерес. Според одредбите на Уставот и на овој закон, тие се организираат и работат самостојно во согласност со нивните статути или канонски правила.“
Член 10
„Државата придонесува, по барање, за плаќањето на надоместоците за свештениот и световниот персонал на регистрираните верски заедници, во зависност од бројот на верници и на реалните потреби на заедниците.“
Член 17
„На предлог на Министерството за култура и за верски прашања, Владата со декрет им го доделува статусот на верска заедница призната од страна на државата на верските здруженија кои, со својата активност и бројот на членови, претставуваат заедници од јавен интерес и покажуваат временски континуитет и стабилност.
Државата ги признава статутите и канонските правила до степен до кој нивната содржина не влијае на јавната безбедност, редот, здравјето, моралот или основните права и слободи.“
Член 23
„Верските заедници го избираат, именуваат, вработуваат и разрешуваат нивниот персонал согласно своите статути, нивните канонски кодови и сопствените прописи.
Верските заедници можат да донесат, против своите вработени, согласно своите статути, нивните канонски кодови и сопствените прописи, дисциплински санкции заради прекршување на принципите на нивната доктрина или морал.“
Член 24
„Вработените на верските заедници чии осигурителни фондови се интегрирани во јавниот систем за осигурување се подредени на законодавството кое се однесува на јавниот систем на социјално осигурување.“
Член 26
„За прашањата во врска со внатрешната дисциплина, се применуваат исклучиво законските и канонските одредби.
Постоењето на посебни судски органи на верските заедници не ја спречува примената во однос на нивните членови на законот за прекршоци и кривични дела.“
4. Законот за воведување на табела за единствена плата за надоместоците на вработените чие финансирање е обезбедено од државниот буџет
30. Законот бр.330/2009, кој беше заменет од Законот бр.284/2010, содржеше одредби во врска со надоместот на свештените и световните лица. Тој предвидуваше државата и локалните власти целосно да го финансираат надоместот на свештениот персонал вработен во јавните институции и делумно оној на раководните лица на признатите вероисповести и на вработените, свештени или световни, на овие вероисповести.
31. Така, државата им исплаќа на вработените свештени лица кои припаѓаат на признатите верски заедници месечен надоместок еднаков на опсег меѓу 65% и 80% од државна професорска плата. Свештениците кои имаат повисоки позиции во хиерархијата добиваат поголем надомест.
32. Така се финансираат 16 602 работни места, распределени меѓу вероисповестите според бројот на верници утврден на последниот попис на населението. На последниот попис (2011), 86% од жителите на Романија се произнеле како православни христијани. Државниот буџет, исто така, ги покрива сите социјални придонеси што ги должи работодавецот за својот свештенички персонал.
33. Световните вработени лица добиваат месечен надоместок еднаков на минималната плата. Овој надоместок и целокупноста на придонеси за социјално осигурување што ги должи работодавачот за своите вработени се финансираат од локалните буџети. Законот предвидува 19 291 работни места на световни вработени, распоредени според истиот демографски критериум како оној што се користи за свештените вработени (став 32 погоре).
34. Свештениците и световниот персонал на вероисповестите ги плаќаат придонесите за социјално осигурување пресметани врз основа на нивната плата и ги уживаат сите права кои од тоа произлегуваат: здравствено осигурување, осигурување при невработеност и право на пензија. Во 2010 година, нивната плата се намалила пропорционално на онаа на вработените во јавниот сектор (односно 25% намалување, со цел да се зачувува рамнотежата на државниот буџет).
5. Внатрешното организирање и регулирање на Романската Православна Црква
35. Романската Православна Црква станала независна во 1885 година. Таа одржува блиски односи со православните цркви од другите земји.
36. За време на комунизмот, Законот бр.177/1949 ја гарантирал слободата на вероисповест, и Романската православна црква продолжила да работи под контрола на Министерството за верски прашања, коe го одобрило нејзиниот статут во 1949 година. Членовите на нејзиниот персонал биле платени од страна на државата врз основа на законските одредби за државните службеници.
37. Романската Православна Црква во моментов е организирана според нејзиниот сопствен статут во согласност со законот бр.489/2006 за верската слобода. Таа е предводена од Патријарх и е составена, во Романија, од шест митрополии, составени од архиепископии, епархии а околу 13 500 парохии, опслужувани од околу 14 500 свештеници и ѓакони.
38. Највисокиот орган е Светиот Синод. Тој е составен од Патријархот и од епископите на функција. Исто така, дел од раководните органи на централно ниво се Црковното Национално Собрание, кое е составено од тројца претставници од секоја диецеза (епархија и архиепископија) и кое е централното одлучувачко тело, и Националниот црковен совет, кој е централниот извршен орган.
39. На локално ниво, парохиите, составени од свештенството и од заедницата на православните верници, се правни лица, регистрирани при административните и даночните власти со цел практикување на нивните непрофитни активности, како и на нивните комерцијални активности. Свештеникот е администратор на парохијата. Тој претседава со парохиското собрание (советодавно тело составено од сите верници од парохијата) и парохискиот совет (извршно тело).
40. Тековниот Статут на Романската Православна Црква е усвоен од страна на Светиот Синод на 28 ноември 2007 година и одобрен со декрет на Владата на 16 јануари 2008 година.
41. Неговите релевантните делови гласат вака:
Член 14 т
„Светиот Синод решава за основањето, организирањето и распуштањето на здруженијата и на националните црковни фондации (...). Тој дава или не дава дозвола (одобрување) за основањето, организирањето и распуштањето на православните здруженија и фондации кои работат во епархиите и имаат сопствени раководни тела.“
Член 43
„Парохијата е заедницата на верниците, свештени и световни лица, која се наоѓа во одредена географска област и е под канонската, правната, административната и наследната надлежност на епархијата или на архиепископијата. Тоа е предводена од страна на свештеник назначен од страна на епископот. “
Член 50
„Во рамките на својата мисија (...) свештеникот ги врши следните активности:
а) тој држи литургија во неделите, празниците и другите денови од неделата (...) држи часови по веронаука согласно упатствата од епархијата и го обезбедува секојденевниот пристап до црквата (...) ;
б) ги применува сите одредби од Статутот, црковните прописи и централните органи на ниво на парохијата;
в) ги спроведува одлуките на неговите претпоставени и на органите на диецезата врзани за активноста на парохијата;
г) воспоставува и спроведува годишна програма на верски, социјални, добротворни и административно ниво на парохијата и за тоа ги информира диецезата и верниците;
д) ја претставува парохијата пред правдата и пред надлежните органи или пред трети лица со претходна писмена дозвола од епископот - согласно заклетвата на послушност што ја дале при нивното ракоположување, свештените лица и монасите не можат да одат на суд за лични случаи без претходна писмена дозвола од епископот;
ѓ) ги свикува и претседава со генералното собрание, советот и комитетот на парохијата;
е) ги спроведува одлуките на собранието и на комитетот на парохијата;
ж) го ажурира регистарот на верниците;
з) го ажурира регистарот на крштевките, венчавките и на смртните случаи (...);
ѕ) управува со имотот на парохијата во согласност со одлуките на собранието и на парохискиот совет и го контролира управувањето на добрата на културните и социјалните институции и на црковните фондации на парохијата;
и) прави и ажурира инвентар на сите добра од парохијата (...).“
Член 52
„Свештениците и другите членови на црковниот персонал имаат права и се обврзани со обврските содржани во светите канони, со овој Статут, со црковните прописи и со одлуките на архиепископијата.“
Член 88
„Епископот (...) го наредува назначувањето, префрлањето или разрешувањето на свештениот и световниот персонал во различните парохии (...). Тој го обезбедува, директно или преку црковни организации, почитувањето на дисциплината на членовите на свештенството и на световниот персонал од неговата епархија.“
Член 123 ставови 7, 8 и 9
„Членовите на свештенството треба да и служат на епархијата врз основа на нивната мисија на која доброволно и се приклучиле, во согласност со желбите и на јавното и свечено заветување кое тие го дале и потпишале пред нивното ракополагање. Пред почетокот на нивната пасторска мисија, тие добиваат одлука од епископот во која се појаснети нивните права и должности.
Без дозволата на бискупот, на свештениците, ѓаконите и монасите им е забрането да основаат или да се приклучат како членови или учесници на здружение, фондација или друга организација од каков било вид.
Статусот на свештеник, ѓакон или монах е неспојлив со вршењето на каква и да е друга лична активност од економска, финансиска или комерцијална природа спротивна на христијанско-православната етика или на интересите на Црквата.“
Член 148
„Надлежните црковни судови за прашања од областа на доктрина, морал, канони и дисциплина на свештените лица, свештеници и ѓакони кои се активни или пензионирани се следните:
А) [За општи работи]:
а) дисциплински парохиски конзисториум;
б) конзисториумот на диецезата (епископија или архиепископија);
Б) По жалба [на член на персоналот во случај на исклучување] митрополитскиот конзисториум, под услов жалбата да била прогласена за допуштена од синодот на митрополијата или од Светиот Синод.“
Член 150
„Дисциплинскиот парохиски конзисториум има функција на дисциплински суд (...) и на медијаторско тело за конфликтите кои се јавуваат кај црквениот персонал или меѓу свештениците и верниците.
Ако странките изјават незадоволство од одлуката, случајот се префрла во конзисториумот на диецезата, која донесува конечна одлука.“
Член 156
„Врз основа на автономијата на верските заедници предвидена со закон, за проблемите на внатрешна дисциплина одлучуваат црковните судови. Одлуките на овие судови не можат да бидат обжалени пред граѓанските судови. “
42. Во текот на 2004 година, свештениците на архиепископијата од Крајова склучиле договори за вработување на неопределено време со наведената архиепископија. Во нив биле наведени правата и општите обврски на страните и местото на работа, функцијата, работното време, годишниот одмор и месечната плата на свештениците. Описот на работното место што го придружувал договорот ги утврдувал обврските на свештениците:
„Духовно водење на верниците согласно црковните правила;
Богослужба секоја недела и секој верски празник; слушање на верниците и имање живеалиште во парохијата;
Управување на средствата на парохијата, на културните институции и на фондациите на црквата;
Правење инвентар на имотот на парохијатата и негово ажурирање; обезбедување финансиско и сметководствено управување со парохијата; правење биланси на приходите и расходите на парохијата и нивно ставање на располагање за архиепископската инспекција за време на финансиски и сметководствени контроли;
Снабдување при архиепископија со верски предмети наменети за продажба;
Плаќање веднаш на сите финансиски придонеси што се должат на архиепископијата;
Воздржување од судски постапки без согласност на архиепископот, без разлика дали се работи за судски постапки во врска со парохијата или лични спорови;
Застапување на парохијата пред трети страни во случај на конфликт;
Воздржување од какво и да е дејство кое не е во согласност со статусот на свештеник;
Почитување на сите одредби од Статутот на Црквата, на другите црковни текстови и на заклетвата дадена при ракоположувањето.
Непочитувањето на овие обврски повлекува упатување пред црквените дисциплински инстанци, кои можат да применат санкции, вклучително и разрешување. "
43. На 17 мај 2011 година, како одговор на барање на Црквата, Министерството за труд го информиралo Патријархот дека, по преглед на релевантното законодавство, експертите од министерството дошле до заклучок дека Законот за работни односи не бил применлив за установениот работен однос помеѓу членовите на свештенството и Романската Православна Црква и дека, според тоа, последнава не била обврзана да склучува договори за работа со нив.
44. Од ноември 2011 година, горенаведените договори за работа оттука биле заменети, на иницијатива на епископот, со одлуки за назначување донесени од него. Во овие одлуки се наведувале местото на работа и функцијата. Тие, исто така, го предвидувале и следново:
„Во вршењето на своите функции, свештеникот е директно подреден на епископот. Тој треба да соработува со другите парохиски свештеници и со претставниците на диецезата.
Свештеникот ја врши својата активност (...) во согласност со одредбите од членот 50 а) - и) од Статутот на Црквата;
Во рамките на неговата мисија, тој мора да ги знае и стриктно да ги почитува, во согласност со заклетвата што ја има положено по повод на неговото ракоположување, Светите Канони, Статутот на Црквата, црковните прописи и одлуките на Светиот Синод и на диецезата. Тој мора да се подложи на хиерархиската контрола и да ги брани легитимните интереси на Романската Православна Црква и на нејзините верници.
Од денот на неговото именување, свештеникот е запишан во регистарот на функциите и платите. Неговата плата се одредува во согласност со законските одредби кои се однесуваат на надоместоците на свештеничкиот персонал. Тој има право на годишен одмор пресметан врз основа на стажот.
Свештеникот има обврска да се снабдува со производи за продажба (свеќи, календари, верски предмети, книги итн.) исклучиво од диецезата. Тој мора постојано да ја следи активноста на продажното место на овие производи (pangarul).
Во случај на неправилности или непочитување на дисциплината или на обврските предвидени со оваа одлука, свештеникот е отповикан од страна на епископот (...). Тој е санкциониран во согласност со Регулативата на дисциплинските органи на Црквата.“
6. Националната пракса во однос на основањето синдикати кај свештенството и постоењето на други облици на здружување во рамките на Романската Православна Црква
45. Законот и Статутот од 1949 г. не предвидувале никакви ограничувања на слободата на здружување на верниците и на црквениот персонал. Под комунистичкиот режим, членовите на персоналот на Црквата воспоставиле синдикални организации.
46. Со правосилна пресуда од 4 октомври 1990г. донесена согласно Законот бр.8 од 31 декември 1989 година за политички партии и други форми на здружување, првостепениот суд од Медгидија (Medgidia) го овластил работењето на синдикатот Солидаритатеа (Solidaritatea), составен од членови на православното свештенство и на световниот персонал од архиепископијата од Томис-Константа (Tomis-Constanţa), и му доделил статус на правно лице.
47. Во статутoт, овој синдикат си поставил за цел да се бори за „обнова на духовниот живот и преструктуирање на административните активности (...) во согласност со новите барања на демократскиот живот и на целосната слобода на мислење и дејствување и во согласност со догматските и регулаторните принципи на Романската Православна Црква.“ Било предвидено тој да може да се обрати на суд во одбрана на своите членови, да соработува на изготвувањето на граѓанските и црковните норми со цел одбрана на правата и интересите на своите членови, и тие да бидат застапувани од страна на неговиот претседател во сите црковни тела за донесување одлуки.
48. Во мај 2012 година, архиепископијата од томис (Tomis) побарала пред суд распуштање на синдикатот Солидаритатеа врз основа на тоа што не го почитувал споствениот статут: не држел генерални собранија, немал назначено извршни тела и не ја вршел предвидената активност. Оваа постапка е сеуште во тек.
49. Со правосилна пресуда од 5 јуни 2007 година донесена согласно Законот бр54/2003 за слободата на синдикално здружување, судот од прв степен Харлау (Hârlău) му доделил статус на правно лице на синдикатот Сфантул Маре Мукеник Георге (Sfântul Mare Mucenic Gheorghe) составен од членови на свештенството, монаси и световни вработени на Романската Православна Црква.
50. Во статутот, Синдикатот си поставил за цел да се залага за:
- почитување на основните права на неговите членови на работа, достоинство, социјална заштита, заштита при работа, одмор, социјално осигурување, помош во случај на невработеност, на правото на пензија и на другите права предвидени со законодавството во сила,
- доделување на секој од неговите членови на работа која одговара на неговата стручна подготовка и компетенции,
- почитување на законските одредби во вфска со времетраењето на платениот одмор и на неработните денови,
- промовирање на слободната иницијатива, конкуренцијата и слободата на изразување на неговите членови,
- за примената и стриктното почитување на законските одредби во врска со заштитата на трудот и правата кои од тоа произлегуваат
- заштитата на неговиот претседател и на неговите официјални претставници за време на нивниот мандат и по неговото завршување,
- да биде присутен и претставен во дисциплинските тела,
- создавање на црковни комисии со рамноправна застапеност,
- учествување во изготвувањето или менувањето на сите внатрешни прописи на Црквата вклучувајќи го и новиот Статут
- да биде задолжително консултиран во рамките на донесувањето одлуки кои се однесуваат на членовите,
- договарање на колективните договори,
- одржување на демократски избори за назначување на црковните раководители
- покренување постапка против физички или правни лица, вклучувајќи ги и црковните власти, кои со административни или нормативни мерки би ги повредиле правата и интересите на неговите членови, и
- користење на петицијата, на протестот и штрајкот како средства за бранење на интересите, достоинството и основните права на неговите членови.
51. Во јануари 2011 година, претседателот на синдикатот побарал негово распуштање врз основа на тоа дека односите на неговите членови со црковните власти многу се подобриле. Оваа постапка е сеуште во тек.
52. Во моментов, постојат околу двесте црковни здруженија и фондации признати од страна на националните судови и основани со дозвола на епископите во согласност со одредбите на Статутот на Црквата.
7. Судската пракса на домашните судови
53. Со пресуда од 19 септември 2005 година, Касациониот суд на правдата потврдил дека граѓанските судови имале надлежност да го прогласат за неважечко разрешувањето на свештеник и да го проверат извршувањето на судската одлука, наредувајќи го неговото враќање на работа и исплаќањето на неговата плата.
54. На 4 февруари 2010, во друг случај, тој ја потврдил пресудата со која Апелациониот суд од Букурешт го отфрлил барањето на еден православен свештеник кој го спорел одбивањето од страна на Трудовата инспекција да го контролира спроведувањето на трудовото право од страна на неговиот работодавец (епископ). Судот сметал дека, всушност, само внатрешните статутски одредби биле применливи во случајот, дека тие преовладувале во овој случај над општите норми на Кодексот на трудот, и дека Трудовата инспекција не била надлежена да провери дека епископијата го почитувала овие норми.
55. Во три одлуки од 10 јуни 2008 г., 3 јули 2008 г. и 7 април 2011 г., Уставниот суд пресудил дека постоењето на интерни дисциплински инстанци во рамките на верските заедници и неможноста да се оспорат нивните одлуки пред граѓанските судови претставувало ограничување на правото на пристап до судот, но дека тоа ограничување било оправдано со автономното функционирање на верските заедници. Во овој поглед, тој истакнал дека според Законот бр.489/2006, единствените случаи во кои би можеле да бидат надлежни секуларните судови во однос на членовите на свештенството биле оние кои се однесувале на прекршувања на законот.
Б Меѓународното право
1. Универзалните норми
56. Соодветните одредби од Конвенцијата бр.87 на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за слободата на синдикално здружување и заштитата на синдикалното право (усвоена во 1948 година и ратификувана од страна на Романија на 28 мај 1957 г), гласат:
Член 2
„Работниците и работодавците, без каква и да е разлика, имаат право, без претходно овластување, да основаат организации по нивен избор, како и право да се приклучат на овие организации, под единствен услов да се усогласат со статутите на последниве. “
Член 3
„Организациите на работници и работодавачи имаат право да изготват свои статути и административни правилници, да ги избираат слободно своите претставници, да го организираат своето управување и нивната активност, и да ја формулираат својата програма на активности“.
Јавните власти треба да се воздржат од какво и да е мешање кое може да го ограничи ова право или да го попречи неговото законско извршување. “
Член 4
„Организациите на работници и работодавачи не можат да бидат распуштени или суспендирани од страна на управниот орган.“
Член 7
„Стекнувањето на статус на правно лице од страна на организациите на работници и на работодавачи, на федерациите и конфедерациите, не смее да биде условено така што би би се ставила под прашалник примената на одредбите од членовите 2, 3 и 4 наведени погоре. "
57. Релевантните одредби на Препораката бр.198 за работниот однос, усвоена од страна на МОТ во 2006 година, гласат вака:
„9. За целите на националната политика за заштита на работниците во работен однос, утврдувањето на постоењето на таков однос би требало да биде раководено, првенствено, од фактите врзани за вршењето на работата и за надоместокот на работникот, без оглед на тоа како работниот однос е утврден во кој и да е спротивен аранжман, договорен или инаков, евентуално склучен меѓу страните.
(...)
11. За да се олесни утврдувањето на постоењето на работен однос, членовите би требало, во рамките на националната политика која е предмет на оваа препорака, да ја земат предвид можноста:
(а) да дозволат голема разновидност на начини за утврдување на постоењето на работен однос;
(б) да воспостават правна претпоставка за постоењето на работен однос кога за тоа има еден или повеќе релевантни показатели;
в) да одлучат, по консултација со најрепрезентативните организации на работодавачи и на работници, дека работниците со одредени карактеристики треба, општо гледано или во одреден сектор, да се сметаат за вработени работници или самостојни вршители на дејност.
(...)
13. Членовите би требало да ја разгледаат можноста за дефинирање во нивното законодавство, или со други средства, на специфични индикатори за постоењето на работен однос. Овие показатели би можеле да го вклучат следното:
(а) дека работата се врши согласно упатствата и под контролата на друго лице; дека таа вклучува интегрирање на работникот во организацијата на претпријатието; дека таа се врши исклучиво или главно за друго лице; дека таа треба да биде извршена лично од страна на работникот; дека се врши во определено време или на работното место назначено или прифатено од страна на лицето нарачател на работата; дека таа има дадено времетраење и поседува одреден континуитет; дека претполага работникот да е на располагање, или дека вклучува обезбедување алатки, материјали и машини од страна на лицето нарачател на работата;
(б) периодичната природа на платата на работникот; фактот дека таа е негов единствен или главен извор на приходи; плаќањето во натура во облик на храна, сместување, превоз, или друго; признавањето на правата, како што се неделниот одмор и годишниот одмор; финансирањето на службените патувања на работникот од страна на лицето нарачател на работата; или непостоењето на финансиски ризик за работникот. "
2. Европските норми
58. Романија ја ратификуваше Европската социјална повелба (ревидирана) на 7 мај 1999 година. Членот 5 од Повелбата, која се однесува на синдикалното право, гласи:
„Со цел да се обезбеди или да унапреди слободата на работниците и работодавачите да основаат локални, национални или меѓународни организации за заштита на нивните економски и социјални интереси и да се зачленуваат во овие организации, договорните страни се обврзуваат дека националното законодавство не ја повредува, нити пак дека тоа е применето на начин спротивен на оваа слобода. Степенот до кој гаранциите предвидени во овој член ќе се применуваат и на полицијата ќе биде утврден од страна на националните закони или прописи. Принципот на примената на овие гаранции на членовите на вооружените сили и степенот до кој тие ќе се применуваат за оваа категорија лица се подеднакво утврдени со националните закони или прописи.“
59. Членот 12 став 1 од Повелбата за темелните права на Европската Унија гласи вака:
„Секој има право на слобода на мирно собирање и на слобода на здружување на сите нивоа, особено во политички, синдикален и граѓански домен, што подразбира право на секој да основа со други лица синдикати и да им приклучува во одбрана на своите интереси.“
60. Во своите релевантни делови, директивата 78/2000/CE на Советот од 27 ноември 2000 г., воспоставувајќи општа рамка во прилог на еднаквоста на третманот во областа на вработувањето и трудот, гласи вака:
„Советот на Европската унија (...)
Земајќи го предвид следното: (...)
(4) Правото на секој на еднаквост пред законот и на заштита од дискриминација претставува универзално право, признаено со Универзалната декларација за човекови права, со Конвенцијата на Обединетите Нации за елиминација на сите форми на дискриминација на жените, со договорите на Обединетите нации за граѓански и политички права и за економски, социјални и културни права и со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, потпишана од страна на сите земји-членки. Конвенцијата бр.111 на Меѓународната организација на трудот ja забранува дискриминацијата во областа на вработувањето и трудот.
(5) Важно е да се почитуваат овие основни права и слободи. Оваа директива не е спротивна на слободата на здружување, вклучително и на правото на секој да основа со други лица синдикати и да се приклучува кон истите во одбрана на своите интереси.
(...)
(24) Европската унија јасно кажа, во својата декларација бр.11 за статусот на црквите и неконфесионалните организации, која претставува Анекс кон Завршниот акт на Договорот од Амстердам, дека таа го почитува и не го загрозува со националниот закон статусот на црквите и религиозните здруженија или заедници во земјите-членки и дека таа на еднаков начин го почитува статусот на филозофските и неконфесионалните организации. Имајќи го тоа предвид, земјите-членки можат да поддржат или да утврдат посебни одредби за реални, легитимни и оправдани професионални барања, кои можат да бидат потребни за извршување на професионална активност.
(...)
Jа донесе следната директива:
(...) “
Член 4
Професионални барања
„1. (...) Земјите-членки можат да предвидат дека разлика во третманот врз основа на [религијата или верувањата] не претставува дискриминација во случај кога, заради природата на професионалната активност или условите на нејзиното вршење, својството во прашање претставува реално и одредувачко професионално барање, под услов целта да е легитимна и барањето да е пропорционално.
2. Земјите-членки можат да задржат во своето национално законодавство во сила (...), или да предвидат во некое идно законодавство кое ќе ги вклучи националните практики кои постојат на датумот на донесување на оваа директива, одредби според кои, во случај на професионални активности на црквите и на другите јавни или приватни организации чија етика се заснова на религијата или верувањата, разлика во третманот врз основа на религијата или убедувањето на лицето не претставува дискриминација во случај кога, поради природата на овие активности или контекстот во кој тие се вршат, религијата или верувањата претставуваат суштинско, легитимно и оправдано професионално барање, имајќи ja предвид етикатa на организацијата. (...)
Под услов, од друга страна, нејзините одредби да се почитуваат, оваа директива не го загрозува правото на црквите и на другите јавни или приватни организации чијашто етика се заснова на религијата или верувањата, постапувајќи во согласност со уставните одредби и со националното законодавство, да бараат од лицата кои работат за нив да се раководат според начелото на чесни намери и на лојалност кон етиката на организацијата. "
61. Во праксата на европските држави, уставните модели кои го регулираат односот помеѓу државата и вероисповестите се различни. Во поголемиот дел од земјите-членки на Советот на Европа,[1]самиот закон не ја дефинира природата на правниот однос кој постои меѓу вероисповедна организација и нејзините свештеници. Верската организација може да склучи договор за работа со свештениците, но таа не е обврзана на тоа, и најчесто, таа не го прави тоа. Сепак, дури и во отсуство на договор за работа, членовите на свештенството често имаат пристап до социјалните бенефиции под истите услови како и другите корисници на системот на социјално осигурување. Во мал број на држави[2], овие односи се регулирани со законот за работни односи кој се применува во нив, но постои зголемена обврска за лојалност на членовите на свештенството кон верската организација која ги вработува. Конечно, во други држави[3], домашните судови утврдуваат, врз основа на случај до случај, дали постои или не однос кој може да се спореди со оној утврден со договорот за работа.
Во врска со слободата на синдикално здружување на свештениците, ниту една држава не предвидува формално да забрани членовите на свештенството да основаат синдикати, а во некои држави, тоа право им е дури изречно гарантирано. Исто така, треба да се напомене дека, на пример, во Австрија, Бугарија, Финска, Турција, Франција, Обединетото-Кралство, Ирска и Холандија, постојат синдикати на свештениците или здруженија кои ги застапуваат интересите слични на оние што ги бранат работничките синдикати.
ПРАВОТО
I. ЗА АНОНИМНОСТА НА ЖАЛБАТА И НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ПРАВОТО НА ИНДИВИДУАЛНА ЖАЛБА
А. Поднесоци на страните
62. Синдикатот жалител тврди дека штом била донесена иницијативата за основање синдикат, неговите членови биле подложени на силен притисок од страна на црквата, притисоци кои продолжиле по поднесувањето на жалбата пред Судот и кои принудиле голем број членови да се повлечат од постапката, а други да побараат анонимност за да можат да ја продолжат.
63. Тој тврди дека овие притисоци се зголемиле по изрекувањето на пресудата од советот и наведува, во поткрепа на своите тврдења, неколку изјави на црковната хиерархија пренесени во печатот како и едно соопштение од февруари 2012 година со кој Романската Православна Патријаршија ја критикува оваа пресуда.
64. Со оглед на овие елементи, тој цени дека државата не успеала во својата позитивна обврска да ги штити лицата кои се обраќаат до Судот, не само од притисоците од државните органи, туку, исто така, од притисоците од трети страни.
65. Оттука, тој бара од Големиот судски совет да утврди повреда на членот 34 од Конвенцијата.
66. Владата се сомнева во тоа дека оваа жалба ја изразува волјата на членовите на синдикатот жалител да се обрати до Судот. Таа тврди дека идентитетот и бројот на лица кои се обратиле до Судот во име на синдикатот се сменил во текот на постапката пред советот и бара од Големиот Судски Совет да се утврди точниот идентитет на лицата кои се обратиле до Судот и кои ја потврдиле жалбата. Без да се повикува на прелиминарниот приговор, таа смета дека ова прашање има значење во однос, од една страна, на основаноста на случајот и,од друга страна, на правичната отштета.
67. Таа тврди дека само намерно дејствие од страна на државата може да се смета како попречување на правото на индивидуална жалба. Со оглед на тоа дека никакво дејствување или недејствување, поддржувајќи го или одобрувајќи го наводно неправилното постапување на Црквата не може, според неа да им се префрли на властите во овој случај, државата не може да се смета за одговорна за повреда на правото на индивидуална жалба.
Б. Оценка на Големиот Судски Совет
68. Големиот Судски Совет истакнува дека соодветните ставови на Владата и на синдикатот жалител, иако различни, се обата поврзани со примената на членот 34 од Конвенцијата, земен сам или заедно со членот 35 став 2 а) Конвенцијата. Овие одредби гласат вака:
Член 34
„Поединци, невладини организации и групи на лица имаат право до поднесат барање до Судот, доколку се сметаат за жртва на повреда на нивните правата, признаени со Конвенцијата и протоколите, од страна на некоја Висока договорна страна. Високите договорни страни се обврзуваат на никаков начин да не ја спречуваат ефективната примена на ова право.“
Член 35 став 2
„ Судот нема да допушти разгледување на барање поднесено согласно членот 34, доколку тоа е:
а. анонимно (...) “
1. За наводната анонимност на жалбата
69. Големиот Судски Совет забележува уште на почетокот дека Владата го загубила правото да го покрене ова прашање бидејќи тоа пропуштила да го стори пред советот. Навистина, и се додека таа ја става под прашалник допуштеноста на жалбата заради фактот дека некои членови на синдикатот жалител сакале да останат анонимни, тој потсетува дека влада која се сомнева во автентичноста на дадена жалба мора за тоа навремено да го извести и дека Судот е единствено надлежен да се произнесе за тоа дали жалбата ги исполнува условите од членовите 34 и 35 од Конвенцијата (Chamaïev et autres c. Géorgie et Russie, бр. 36378/02, § 293, CEDH 2005‑III).
70. Тој, исто така, потсетува дека доделувањето на анонимност, согласно членот 47 став 3 од Деловникот, на лица кои се обраќаат до Судот има за цел да ги заштити жалителите кои сметаат дека откривањето на нивниот идентитет може да им наштети. Всушност, во отсуство на таква заштита, овие жалители би можеле да бидат разубедени слободно да комуницираат со него. Покрај тоа, здружение кое било распуштено или чие регистрирање било одбиено, има способност да поднесе, преку своите претставници, жалба против распуштањето или одбивањето (Stankov et Organisation macédonienne unie Ilinden c. Bulgarie, бр 29221/95 и 29225/95, § 57, CEDH 2001‑IX).
71. Во овој случај, Судот забележува дека синдикатот жалител му се обратил преку своите претставници, кои за таа цел го овластиле г-дин И. Груја. Тие потоа ги демантирале изјавите што архиепископијата од Крајова му ги доставила и во кои велеле дека се откажувале од својата жалба. Тие рекле дека архиепископија ги принудила да дадат такви изјави. Со оглед на тоа дека тие доставиле фактички и правни елементи кои му овозможиле на Судот да ги идентификува и да ги воспостави нивните врски со спорните факти и жалбениот навод, Претседателот на Советот и потоа Претседателот на Големиот судски совет, и едниот и другиот, го прифатиле нивното барање за необјавување на нивниот идентитет.
72. Во овие околности, Судот смета дека жалбата не е анонимна во смисол на значењето на членот 35 став 2 од Конвенцијата и дека волјата на членовите на синдикатот да покренат постапка пред него во име на синдикатот жалител не е доведена во прашање. Оттука, дури и под претпоставка владата да не го беше загубила правото да поднесе приговор врз основа на анонимноста на жалбата, Судот го одбива овој приговор.
2. За наводното попречување на правото на индивидуална жалба
73. Судот повторува дека обврзувањето да не се спречува ефективното остварување на правото на жалба забранува мешање во остварувањето на правото за поединецот да го поднесе своето барање пред него и да го брани истото. За механизмот на индивидуална жалба, воведен во член 34, да биде ефективен, од големо значење е жалителите, било да се декларирани или потенцијални, да бидат слободни да комуницираат со Судот, без притоа властите да им вршат каков и да е притисок за да го повлечат или изменат нивниот жалбен навод. Како што тој тоа го истакнал и во претходни случаи, зборот „притисок“ не се однесува само на директна принуда и флагрантни акти на заплашување на декларираните или потенцијалните жалители, на нивните семејства или на нивните законски застапници, туку исто така и на индиректните чинови или контакти кои на несоодветен начин се стремат да ги одвратат или обесхрабрат истите да ги искористат правните лекови предвидени со Конвенцијата (видете, меѓу другите, Mamatkulov et Askarov c. Turquie [GC], бр. 46827/99 и 46951/99, § 102, CEDH 2005‑I) .
74. Во овој случај, Судот забележува дека синдикатот жалител се повикал на повредата на членот 34 од Конвенцијата за прв пат пред Големиот Судски Совет. Тој, исто така, забележува дека наведените факти, меѓу кои барањето за откажување од жалбата поднесена пред Судот, се случиле пред објавувањето на пресудата од страна на советот (ставови 23 и 24 наведени погоре).
75. Со оглед на фактот дека синдикатот жалител бил застапуван од адвокат од самото поднесување на жалбата и дека тој не изнесува особени причини кои можеле да го ослободат од тоа да се повика пред Судот на повредата на членот 34 од Конвенцијата, Големиот Судски Совет смета дека го загубил правото тоа да го стори пред него.
76. Доколку тој оспорува факти кои наводно се случиле по обраќањето до Големиот Судски Совет, во однос на кои тој значи не го има загубено правото да се повика на повреда на членот 34, Судот забележува дека доколку властите на една држава договорничка ги одобрат, формално или премолчано, делата на поединци кои вршат повреда на правата на други поединци под негова надлежност, а кои права се гарантирани со Конвенцијата, тогаш таа држава може да се смета за одговорна согласно Конвенцијата (видете, mutatis mutandis,Chipre c. Turquie [GC], бр. 25781/94, § 81, CEDH 2001‑IV).
77. Меѓутоа, во овој случај, тој констатира дека синдикатот жалител не го поткрепува тврдењето дека притисоците што неговите членови ги претрпеле наводно се засилиле по објавувањето на пресудата на советот на начин што би требало да се обвини државата заради тоа што не интервенирала за да ги запре.
78. Во оваа смисла, тој забележува дека во поткрепа на своите тврдења, синдикатот ги наведува само изјавите, пренесени во печатот, на православниот патријарх и на неколку члена на црковната хиерархија кои ја критикуваат пресудата на советот. Сепак, се чини дека овие ставови не биле проследени со мерки наменети да ги натераат членовите на синдикатот да ја повлечат или изменат жалбата поднесена пред Големиот судски совет или да го попречат на кој и да е друг начин остварувањето на правото на индивидуална жалба.
79. Според мислењето на Судот, фактите од случајот не овозможуваат да се заклучи дека националните власти извршиле или дозволиле да се изврши притисок врз членовите на синдикатот жалител или дека на кој и да е друг начин не успеале да ја испочитуваат нивната обврска да ја гарантираат ефективноста на правото на индивидуална жалба. Тие не можат да се сметаат за одговорни за она што го објавил печатот нити пак за изјавите дадени во согласност со слободата на изразување од страна на лица кои не се носители на јавната власт.
80. Во овие околности, Судот смета, прво, дека синдикатот жалител го загубил правото да се повика на повредата на членот 34 од Конвенцијата заради настаните што се случиле пред донесувањето на пресудата од советот и, второ, дека што се однесува на настаните кои се случиле после тој датум тужената држава не ги прекршила обврските што таа ги има согласно членот 34 од Конвенцијата.
II. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 11 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
81. Синдикатот жалител смета дека со отфрлањето на неговото барање за регистрирање, окружниот суд од Дољ (Dolj) не го испочитувал неговото право на слобода на синдикално здружување гарантирано со членот 11 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на слободно, мирно собирање и на здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа и да стане член на синдикат за ги заштити своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да се ограничи само со закон и само доколку тоа е неопходно во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, за спречување на неред или кривично дело, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите. Овој член не го спречува поставувањето на законски ограничувања за припадниците на воружените сили, полицијата или државната администрација“
А. Пресудата на советот
82. Во својата пресуда од 31 јануари 2012 година, советот утврди повреда на членот 11 од Конвенцијата. Забележувајќи дека свештеници и световните вработени ги извршувале своите обврски во рамките на Романската Православна Црква во рамките на договор за работа, дека добивале надомест финансиран во најголем дел од државниот буџет и дека зависеле од општиот систем на социјално осигурување, тој оценил дека односот заснован на договор за работа не можел да биде ослободен од кое и да е правило на граѓанско право. Тој заклучил дека членовите на свештенството и, уште повеќе, световните вработени на Црквата, не можеле да бидат исклучени од дострелот на членот 11.
83. Разгледувајќи го потоа одбивањето на регистрирање на синдикатот жалител во светлината на општите принципи на синдикалното право, тој призна дека мерката била предвидена од страна на домашното законодавство (односно законите бр. 54/2003 и 489/2006 за слободата на синдикално здружување и слободата на вероисповест, толкувани од страна на Окружниот суд во светлината на статутот на Православната Црква) и дека таа имала легитимна цел (односно одбраната на јавниот ред и мир, која вклучува слобода и автономија на верските заедници) со тоа што таа се стремела да го спречи постоењето на диспаритет помеѓу законот и праксата во однос на основањето синдикати кај црквениот персонал.
84. Потоа тој констатирал дека окружниот суд го засновал своето одбивање на барањето за регистрација на синдикатот жалител, главно, на неопходноста да се заштити православната христијанска традиција, нејзините основачки догми и канонскиот начин на донесување одлуки. Во овој поглед, тој смета дека критериумите кои ја дефинираат „неопходната општествена потреба“ не биле обединети во овој случај, со оглед на тоа што судот не утврдил дека програмата што синдикатот си ја зацртал во својот статут или ставовите на неговите членови биле некомпатибилни со „демократско општество“, а уште помалку дека тие претставувале закана за демократијата.
85. Со оглед на тоа што причините наведени од страна на окружниот суд за да го оправда одбивањето на регистрирањето се од исклучиво верска природа, тој, од друга страна, сметал дека судот не ги земал доволно предвид ниту интересите на вработените на Романската Православна Црква, особено постоењето на договор за работа меѓу нив и Црквата, ниту разликата помеѓу свештенството и световните вработени на Црквата, ниту пак прашањето за компатибилноста помеѓу домашните и меѓународните прописи со кои се воспоставува правото на работниците на синдикално здружување и правилата од црковна природа кои тоа го забрануваат.
86. Конечно, истакнувајќи дека слободата на синдикално здружување на вработените во Православната Црква веќе била призната од страна на домашните судови во корист на други синдикати, советот заклучил дека една толку драстична мерка како одбивањето на барањето за регистрација на синдикатот жалител била несразмерна на целта и дека, оттука, не била потребна во едно демократско општество.
Б. Тезите на страните
1. Синдикатот жалител
87. Синдикатот жалител тврди дека свештениците и свештеничкиот персонал на Романската православна црква има сличен статус со оној на државните службеници. Како и тие, всушност, и овие се вработени преку конкурс. Потоа тие се назначени од страна на архиепископот, со одлука во која се наведени нивните права и обврски. Тие даваат заклетва за време на нивното ракоположување и нивните плати се утврдени со закон кој го одредува надоместот на сите државни службеници и се намалуваат во истите пропорции во случај на економска криза. Тие плаќаат придонеси во рамките на општиот систем на социјално осигурување и имаат право на сите социјални бенефиции. Покрај тоа, Романската православна црква добива слична буџетска алокација како онаа која им се дава на универзитетите, со цел да се финансира исплатата на платите. Оттука, синдикатот жалител смета дека, ниту практиката на Романската Православна Црква која се состои во тоа да не склучува договори со своите вработени, ниту фактот дека таа финансира со сопствени средства дел од нивните надоместоци, не можат да ја променат реалноста на односот кој постои помеѓу неа и нејзините вработени, со оглед на тоа дека овој однос ги содржи сите елементи на договор за работа и е сличен на оној помеѓу државен службеник и институцијата која го вработува.
88. Тој тврди дека, спротивно на другите професионални категории кои се исто така предмет на специфични обврски за лојалност и чии интереси се бранети од синдикати, вработените во Романската Православна Црква, односно околу 15 000 лица, се лишени од каква и да е форма на заштита од потенцијални злоупотреби во врска, меѓу другото, со платите или преместувањата.
89. Тој додава дека повредата на правото на слобода на здружување на неговите членови не била предвидена со закон. Во овој поглед, тој се повикува на членовите 40, 53 и 73 од Уставот, кои им го гарантираат на граѓаните правото на слободно здружување за основање политички партии, синдикати, организациите на работодавачи или други форми на здруженија и предвидуваат дека ова право може да биде ограничено единствено со органски закон. Тој смета дека следува од овие одредби дека ниту еден нормативен текст не им забранува на свештеници да се здружуваат во синдикати, и дека одбивањето на давање дозвола за регистрирање на кое тој бил предмет го имало за единствена основа членот 123 став 8 од Статутот на Црквата: самиот факт дека овој статут бил одобрен од страна на Владата не му давал статус на нормативен акт на национално право, а уште помалку статус на органски закон кој може да ограничи уставна слобода. Ценејќи дека членот 123 став 8 од Статутот е неуставен, тој заклучил дека забраната која му била наметната била спротивна на законот. Оваа одлука оттука нема правна основа и затоа претставува прекршување на членот 11 од Конвенцијата.
90. Синдикатот жалител признава дека спорната мерка имала легитимна цел, имено заштитата на интересите на Црквата, но тој тврди дека таа не била неопходна во едно демократско општество за заштита на верската автономија на Црквата.
91. Според него, во односите меѓу државата и вероисповестите, треба да се направи разлика меѓу верските активности на заедниците и нивните граѓански и трговски активности. Така, доколку секакво мешање на Државата во верските активности би требало строго да е забрането, граѓанските и трговските дејства на Црквата немаат никаква врска со религијата или со духовната мисија на Црквата. Затоа, тие би требало да бидат предмет на граѓанското право. Во овој поглед, синдикатот жалител појаснува дека не сака да ја менува ниту христијанската догма ниту верската служба и дека тој само сака да се бори за заштита на законските права на своите членови, вклучувајќи го и правото на примање на плата загарантирана со закон и правото да не се биде произволно разрешен. Од друга страна, тој тврди дека членовите побарале - и добиле - устно дозвола да основаат синдикат, но дека подоцна архиепископот се предомислил во однос на првичниот договор поради јасното противење од страна на Светиот Синод.
92. Синдикатот жалител признава дека некои од целите што си зацртал во својот статут можат да се чинат спротивни на свештеничката дејност, но тој твдри дека тие биле „целосно преземени од законот за синдикати“ и нагласува дека тие исто така имале за цел да ги бранат интересите на световните вработени на Црквата, кои не биле подложени на истите обврски како свештениците. Тој понатаму нагласува дека во секој случај, сите негови дејствија, без разлика дали се работи за штрајк или други слични активности, можеле да бидат подлоожени на контролата на судските органи, кои можат да наметнат санкции, вклучително и распуштање. Тој додава дека, покрај тоа, под претпоставка свештениците да одлучат да почнат штрајк или да организираат други активности надвор од нивната свештеничка мисија, тие и понатаму остануваат подредени на црковната дисциплина и на примената на Статутот на Црквата, кои исто така предвидуваат санкции.
93. Конечно, тој потсетува дека два други синдикати веќе биле основани во рамките на Црквата без притоа нивното признавање од страна на државата да влијае на внатрешната организација на првата или пак да доведе до воведување на паралелни правила на раководење. Тој исто така тврди дека, во повеќе земји-членки на Советот на Европа, синдикати на членови на црковниот персонал работат слободно.
94. Како заклучок, тој смета дека превентивната забрана на синдикатот само врз основа на претпоставки извлечени од неговиот статут, не е пропорционална со планираната цел и претставува повреда на членот 11 од Конвенцијата.
2. Владата
95. Владата не поднесува приговор за недопуштеност и признава дека одбивањето на регистрирање на синдикатот жалител претставувало мешање во неговото право на слобода на здружување. Покрај тоа, таа наведува дека нема никаква правна пречка за световниот персонал на Романската Православна Црква да основа синдикат.
96. Во однос на свештенството, таа тврди дека според Статутот на Романската Православна Црква и законот за слободaта на вероисповест, нивниот однос со Црквата е „слободно избран однос на услуга и мисија“ кој се ситуира надвор од сферата на трудовото право и оттука на опсегот на Законот за работни односи. Таа истакнува дека свештениците ги вршат своите функции согласно одлука на епископот кој ги утврдува нивните права и обврски и согласно јавното заветување на вера и послушност изречено за време на ракоположувањето. Таа додава дека договорите за вработување потпишани во 2004 година од страна на архиепископијата од Крајова биле резултат на погрешно толкување на законот и тие никогаш не биле регистрирани во Државниот трудов инспекторат, кој впрочем ќе потврдел дека законите за работни односи не се применливи на односот помеѓу Православната Црква и нејзиниот црковен персонал. Овој став наводно бил ист со оној на Касациониот суд и на Уставниот суд, кои процениле, согласно автономијата на вероиспоисповестите, дека националните судови немаат надлежност да ги ревидираат одлуките на црковните судови во однос на одредбите од Законот за работни односи.
97. Владата, исто така, тврди дека државата не ги плаќа свештениците, нејзината улога во овој поглед е ограничена на доделување на финансиска помош пресметана врз основа на бројот на верници на Црквата и на нејзините реални потреби. Токму Црквата е задолжена за прераспределба на своите вработени на парите добиени од државата. Така, државата и плаќа на Православната Црква вкупно 12 765 различни видови финансиска помош, во износ меѓу 163 и 364 евра, а оваа потоа им плаќа од сопствени средства на 1005 свештеници и 1408 световни работници. Што се однесува на интеграцијатата на свештениците и другите црковни работници во јавниот систем на социјално осигурување, Владата тврди дека ова е избор на националното законодавство, кое ужива во однос на ова прашање широк простор за слободна проценка, но дека оваа интеграцијата не го менува нивниот статус и не прави од нив државни службеници.
98. Дополнително, Владата потсетува дека свештениците се раководители на нивната парохија и во таа смисла, тие вршат раководни функции кои, врз основа на Законот бр. 54/2003, им забрануваат да се здружуваат во синдикати.
99. Со оглед на овие околности, Владата вели дека е загрижена заради идејата на применливоста на членот 11 на овој случај, со оглед на неприменливоста на одредбите од законот за работни односи на членовите на синдикатот жалител.
100. Во секој случај, таа верува дека мешањето било пропишано со закон, дека имало легитимна цел и дека било неопходно во едно демократско општество.
101. Според неа, правната основа на оспорената мерка е членот 123 став 8 од Статутот на Црквата, кој бара претходно одобрение од архиепископот за свештеничкиот персонал да може да земе учество во каква и да е форма на здружување. Оваа одредба наводно е дел од домашното право откако Статутот бил одобрен со налог на Владата; и таа не е во спротивност со Уставот, со оглед на тоа што овој ја гарантира слободата на здружување, вклучително и слободата на синдикално здружување, но согласно условите предвидени со закон. Меѓутоа, во овој случај, законот кој би бил применлив е статутот на Црквата. Од друга страна, непостоењето во законот за слобода на синдикално здружување на изрична забрана за свештениците да основаат синдикат не соодветствува на имплицитното признавање на ова право кога, во остварувањето на својата автономија, Црквата избрала дејноста на нејзините вработени да бидат подредени на други правила од оние на трудовото право.
102. Во однос на легитимната цел на мешањето, Владата го повикува Големиот Судски Совет да се дистанцира од анализата на советот, кој сметаше дека спорната мерка имала за цел да го заштити јавниот ред, штитејќи ја слободата и автономијата на верските заедници. Таа тврди дека истата била наменета исклучиво за заштита на правата и слободите на другите, во овој случај оние на Романската Православна Црква. Оттука, специфичното повикување на јавниот ред не е релевантно во овој случај.
103. Во однос на нужноста и сразмерноста на мерката, Владата веднаш нагласува дека забраната за основање синдикати без согласност на архиепископот се однесува само на свештеничкиот персонал на Црквата, со оглед на тоа дека нејзиниот световен персонл останува слободен да се здружува согласно условите и критериумите утврдени со Законот за слобода на синдикалното здружување.
104. Што се однесува до слободата на здружување на свештеничкиот персонал, таа е наводно целосно почитувана во Романската Православна Црква, која има стотици здруженија и фондации, меѓу кои, во архиепископијата на Крајова, здружението Апостолиа.
105. За Владата, дозволата на архиепископот потребна за кој и да е облик на здружување на свештеничкиот персонал е легитимен услов: се работи за начелото на автономија на Црквата. Во овој случај, таа е изненадена дека синдикатот жалител не побарал дозвола и тврди дека судските инстанци можеле во краен случај да ја цензурираат незаконитоста на евентуалното одбивање.
106. Таа вели дека поради нивниот статус, свештениците членови на синдикатот се обврзани на поголема лојалност кон Православната Црква. Според неа, не постои право на несогласување: незадоволните свештеници во секое време можат да ја напуштат Црквата но, се додека тие избираат да останат, би требало да се смета дека тие слободно избрале да се повинат на нејзините правила и да се откажат од некои од нивните права.
107. Што се однесува до можните последици од основањето синдикат врз начинот на функционирање на Црквата, таа аргументира дека, од статутот на синдикатот жалител произлегува дека, доколку навистина би бил основан, тој би се трудел да овозможи воспоставување на паралелни правила со оние на Црквата. Ова јасно се гледа при читањето на пасусите за вработувањето на персонал, промовирањето на слободната иницијатива, конкурентноста и слободата на изразување, потпишувањето на колективните договори и договорите за работа, почитувањето на граѓанското право во однос на работното време, застапеноста во одлучувачките структури, како и правото на штрајк. Владата затоа смета дека признавањето на синдикатот нужно би довело до појава во рамките на Романската Православна Црква на систем на ко-раководење кој би бил извор на конфликт помеѓу синдикатот и хиерархијата, внатрешни конфликти за кои властите ќе треба да посредуваат, што е спротивно на обврската за неутралност и непристрасност на државата и во спротивност со автономноста на вероисповестите.
108. Таа објаснува дека државата сакала, во овој случај, да прекрати секаква иницијатива за синдикално здружување пред синдикатот жалител да ги развие своите активности и дека овој пристап бил оправдан со фактот дека синдикатот можел да ги употреби правата предвидени со Законот за слобода на синдикално здружување веднаш по регистрацијата и без каков и да е облик на превентивна судска ревизија.
109. Конечно, Владата укажуваа на разновидноста на правилата за статусот на свештениците и за нивното право на слобода на здружување во земјите-членки на Советот на Европа: непостоењето на европски консензус за ова прашање би одело во прилог на тоа да им се остави на националните власти широк простор за слободна проценка.
В. Tретите страни
110. Владите и невладините организации кои интервенираат во постапката изјавуваат дека го делат мислењето на Владата.
1. Грчката влада
111. Грчката влада смета дека во случај на конфликт помеѓу правата гарантирани со членовите 9 и 11 од Конвенцијата, Судот мора да започне со утврдување на тоа дали признавањето на правото на слобода на здружување во рамките на една верска организација не го прекршува правото на автономија на организацијата во прашањето. Според неа, автономијата на верски организации преовладува, и овие организации треба да имаат право да ги регулираат нивните односи со своите вработени врз основа на нивните сопствени статути, дури и ако последниве содржат рестрикции или ограничувања на остварувањето на одредени права.
112. Според мислењето на грчката влада, со оглед на тоа дека активностите на свештениците се пред се верски, разликата меѓу верските и не-верските активности не е релевантна. Покрај тоа, домашните судови се подобро пласирани од меѓународните судови за решавањето на споровите кои се јавуваат во оваа област.
2. Молдавската влада
113. Молдавската влада тврди дека советот не ја извагал доволно слободата на здружување за која се залага синдикатот жалител во споредба со слободата на вероисповест и правото за автономија на Православната Црква. Таа смета дека не може да се изведе од членот 11 од Конвенцијата позитивна обврска за државата да признае световна организација во рамките на религиозна организација кога тоа признавање би било во спротивност со обврската за неутралност на државата во однос на вероисповестите.
114. Таа исто така вели дека според член 9 од Конвенцијата, треба да се смета дека членовите на верска организација слободно избрале, кога пристапиле кон истата, да се откажат од одредени граѓански права кои би можеле да произлезат од членот 11.
3. Полската влада
115. Полската влада е на мислење дека советот требал да посвети поголемо внимание на специфичната природа на односот помеѓу Црквата и нејзиното свештенство. Според неа, економскиот, социјалниот или културниот карактер на правата што ги бара дел од свештенството не овозможува да се заклучи дека признавањето на синдикат на членови од свештенството нема да го поткопа автономното функционирање на верската организација.
116. Таа смета дека првенствено самите верски организации се оние кои треба да одлучуваат за тоа кои активности се однесуваат на верските практики или имаат влијание врз нивната внатрешна организација или нивната мисија, и дека да се довери оваа улога на националните судови би претставувало извор на конфликти и би го претворило националниот судија во судија за верски прашања, во спротивност со автономијата на веросиповеста и обврската на државата за неутралност.
117. Конечно, таа смета дека, со нивното образование и нивниот избор да се приклучат на свештенството, свештениците имаат повисока обврска за лојалност кон Црквата и мора да бидат свесни за барањата на нивната мисија, кои го ограничуваат остварувањето на одредени права.
4. Грузиската влада
118. Грузиската влада нагласува дека односите помеѓу државата и црквата се различно регулирани од една до друга земја и не постои европски консензус за ова прашање.
119. Затоа, таа смета дека државите договорнички и нивните судови треба да уживаат широк простор за слободна проценка кога станува збор за заштита против каков и да е напад на автономија на верските организации. Според неа, државата мора да се воздржи од поттикнување на каква и да е форма на внатрешен раскол во овие организации.
5. Архиепископијата од Крајова
120. Според архиепископијата од Крајова, во Романската Православна Црква, канонската фигура на свештеникот е директно поврзана со онаа на епископот. Односот помеѓу епископот и неговото свештенство се заснова на взаемната доверба и единството на мисијата на Црквата, и би било незамисливо во канонско право да може да има конфликт помеѓу, од една страна, црковната власт претставена од страна на Светиот Синод и, од друга страна, епископите и свештенството. Овие учествуваат во демократското остварување на црковната власт и можат да се повикаат на внатрешните правила на Црквата за да се одбранат во случај на злоупотреба на власта. Покрај тоа, евентуалното одбивање на архиепископијата да го дозволи основањето на синдикат може да се оспори пред Светиот Синод.
121. Архиепископијата заклучува дека основањето на синдикат на свештеници и на членови на световниот персонал би ги нарушило односите меѓу Црквата и свештенството и би претставувало закана за јавниот ред и за социјален мир.
6. Московската Патријаршија
122. Московската Патријаршија инсистира на специфичноста на хиерархиските службени односи што постојат во верските групи и на високиот степен на лојалност што овие односи го вклучуваат. Државата би требало да им обезбеди на верските организации, врз основа на нивната автономија, ексклузивна надлежност да одлучуваат за сопствената структура и за нивните интерни оперативни стандарди.
123. Фундаментален елемент на службениот однос на свештениците е држењето богослужба, и овој службен однос не може да се сведе, на апстрактен и вештачки начин, на работен однос кој е предмет на граѓанските правила. Според Московската Патријаршија, во пракса е невозможно да се прошири опсегот на примената на граѓанското право на верските организации, и еден таков пристап би ги соочил овие организации, вклучувајќи ја и Руската Православна Црква, со нерешливи проблеми.
7. Невладината организација European Centre for Law and Justice (ECLJ)
124. ECLJ смета дека свештениците се обврзани на зголемена лојалност кон Црквата. Таа тврди дека оваа обврска е наведена во Директивата 78/2000/EC на Советот од 27 ноември 2000 година како и во судската пракса на Судот.
125. Таа додава дека свештениците не зависат од полето на примена на слободата на синдикално здружување, бидејќи тие не се „вработени", туку имаат исклучиво верска мисија и нивниот однос со Црквата не се заснова на договор за работа.
126. Конечно, таа смета дека доколку, како во овој случај, спорните факти се од верска природа, мешањето не може да биде предмет на проверка на пропорционалност која би ги ги ставила на вага интересите на верските организации наспроти оние на кои поединците би можеле да се повикаат, во согласност со членовите 8 и 12 на Конвенцијата, бидејќи во тој случај станува збор за права што овие поединци слободно одлучиле да не ги остварат.
8. Невладините организации Becket Fund и International Center for Law and Religion Studies
127. Овие организации се повикуваат на судската пракса на Врховниот суд на САД во врска со автономијата на вероисповеста. Во случајот National Labor Relations Board v. Catholic Bishop of Chicago, 440 U.S. 490 (1979), Врховниот суд оценил дека националните власти не можеле да ја игнорираат волјата на епископот и да признаат синдикат на наставниците во католичките училишта, сметајјќи дека таквото признавање би го поткопало автономното функционирање на веросиповестите. Во случајот Hosanna-Tabor Evangelical Lutheran Church and School v. Equal Employment Opportunity Commission, бр. 10-553 (2012), тој ја применил доктрината на „свештеничкиот исклучок“ (ministerial exception) и оценил дека одредбите од законот за работни односи не биле применливи нити на свештеничкиот персонал нити на световниот персонал на верските организации.
128. Постои наводна конвергенција на гледишта меѓу ставот на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави и на Европскиот суд во однос на заштитата на автономијата на вероисповестите во нивните односи со свештеничкиот персонал. Советот оттука погрешил отстапувајќи од овој став, и оваа грешка ќе има негативни последици врз автономија на вероисповеста со тоа што државата би ризикувала, доколку пресудата на Советот е потврдена, да мора да арбитрира конфликти меѓу верските организации и нивните членови.
Б. Оценка на Големиот Судски Совет
129. Владата ја оспорува применливоста врз свештеничкиот персонал на Црквата на членот 11 од Конвенцијата. Големиот Судски Совет смета дека ова прашање се однесува на основаноста на спорот и, според тоа, тоа ќе го разгледа подолу.
1. Општи принципи
а) За правото на основање синдикати
130. Најпрво, Судот забележува дека, со оглед на еволуцијата на меѓународното трудово право, слободата на синдикално здружување е суштински елемент на социјалниот дијалог меѓу работниците и работодавачите и, оттука, важна алатка во барањето правда и социјален мир.
131. Потоа, тој потсетува дека членот 11 од Конвенцијата ја опишува слободата на синдикално здружување како посебен аспект на слободата на здружување и дека, ако овој член ја има за суштинска цел заштитата на поединецот од произволното мешање од страна на јавните власти во остварувањето на правата што овој член ги гарантира, тој, исто така, може да ја подразбира и позитивната обврска да се обезбеди ефективното уживање на овие права (Demir et Baykara c. Turquie [GC], бр. 34503/97, §§ 109 и 110, CEDH 2008).
132. Границата помеѓу позитивните и негативните обврски на државата според членот 11 од Конвенцијата не подложи на прецизна дефиниција. Применливите принципи се сепак слични. Било да се анализира случајот од аспект на позитивна обврска за државата или од аспект на мешање на јавните власти кое бара оправдување, применливите критериуми не се разликуваат суштински. Во двата случаи, треба да се води сметка за обезбедување на рамнотежа помеѓу конкурентните интереси на поединецот и на општеството како целина.
133.Со оглед на чувствителната природа на општествените и политичките прашања поврзани со барањето на идеална рамнотежа меѓу интересите на вработените и работодавците, и со оглед на високиот степен на дивергенција меѓу националните системи во однос на ова, државите договорнички уживаат широк простор за слободна проценка за тоа како да се обезбеди слободата на синдикално здружување и можноста за синдикатите да ги штитат професионалните интереси на своите членови (Sørensen et Rasmussen c. Danemark [GC], бр. 52562/99 и 52620/99, § 58, CEDH 2006‑I).
134. Членот 11 од Конвенцијата им гарантира на членовите на синдикатот, со цел одбрана на нивните интереси, право на тоа нивниот синдикат да биде ислушан, но не им гарантира прецизен третман од државата. Она што го бара Конвенцијата, тоа е законот да им дозволи на синдикатите, на начин во согласност со членот 11, да се борат за одбрана на интересите на своите членови (видете ги пресудите Syndicat national de la police belge c. Belgique, 27 октомври 1975, §§ 38 и 39, серија A бр. 19, и Syndicat suédois des conducteurs de locomotives c. Suède, 6 февруари 1976, §§ 39-40, серија A бр. 20).
135. Во текот на својата судска пракса, Судот утврдил неконечна листа на елементи кои се составен дел на синдикалните права, меѓу кои и правото на основање синдикат или на зачленување во него, забранувањето на спогодбите за синдикален монопол и правото на синдикатот да се обиде да го убеди работодавачот да го ислуша она што тој има да го каже во име на своите членови. Неодамна, тој оценил, со оглед на еволуциите во областа на вработувањето, дека, во принцип, и со исклучок на случаи кои се многу посебни, правото на колективно преговарање со работодавецот станало суштински дел на правото да се основаат синдикати со други лица и да се зачленува во нив заради заштита на своите интереси (Demir et Baykara, претходно наведен, §§ 145 и 154), .
б) За автономијата на верските организации
136.Судот потсетува дека верските заедници постојат традиционално и универзално во облик на организирани структури. Кога се работи за организацијата на верската заедница, членот 9 од Конвенцијата треба да се толкува во смисла на член 11, кој го штити асоцијативниот живот од секое неоправдано мешање на државата. Видено од овој агол, правото на верниците на слобода на вероисповеста подразбира дека заедницата може да функционира мирно, без произволно мешање од државата. Автономијата на верските заедници е неопходна за плурализмот во едно демократско општество и е во срцето на заштитата што ја нуди членот 9 од Конвенцијата. Таа е од непосреден интерес не само за организацијата на овие заедници како таква, туку, исто така, и за ефективното уживање за сите нивни активни членови на нивното право на слобода на вероисповест. Ако организацијата на животот на заедницата не беше заштитена со членот 9 од Конвенцијата, сите други аспекти на слободата на вероисповест на поединецот ќе беа поради тоа поранливи (Hassan et Tchaouch c. Bulgarie [GC], бр. 30985/96, § 62, CEDH 2000‑XI ; Eglise métropolitaine de Bessarabie et autres c. Moldova, бр. 45701/99, § 118, CEDH 2001 XII ; Saint Synode de l’Eglise orthodoxe bulgare (Métropolite Innocent) et autres c. Bulgarie, бр. 412/03 и 35677/04, § 103, 22 јануари 2009).
137.Принципот на автономија и забранува на државата да натера една верска заедница да прифати во своите редови нови членки или да исклучи други. Исто така, членот 9 од Конвенцијата не гарантира право на несогласување во рамките на едно религиозно тело; во случај на доктринарно или организационо несогласување меѓу една верска заедница и еден од нејзините членови, слободата на вероисповест на поединецот се остварува преку неговото право слободно да ја напушти заедницата (Miroļubovs et autres c. Lettonie, бр. 798/05, § 80, 15 септември 2009).
138.Конечно, кога се во игра прашања во врска со односите помеѓу државата и вероисповестите, за кои можат да постојат значајни разлики во едно демократско општество, неопходно е да се посвети осбено внимание на улогата на националниот одлучувач (Leyla Şahin c. Turquie [GC], бр. 44774/98, § 109, CEDH 2005‑XI). Ова е особено случај кога постои, во праксата на европските земји, широк спектар на уставни модели кои го регулираат односот помеѓу државата и вероисповестите.
2. Примена на овие принципи во овој случај
139. Судот ќе испита дали, со оглед на нивната припадност на свештенството, членовите на синдикатот жалител можат да имаат корист од одредбите на член 11 од Конвенцијата и, ако е така, дали одбивањето да се регистрира синдикатот ја повредило самата суштина на нивното право на здружување.
a) За применливоста на членот 11 на фактите на случајот
140. Прашањето дали членовите на синдикатот жалител имале право да го основаат истиот го покренува прашањето за применливоста на членот 11 во однос на нив. Тука, Големиот судски совет не го споделува аргументот на Владата дека членовите на свештенството треба да бидат исклучени од заштитата на членот 11 од Конвенцијата, бидејќи тие ја вршат својата активност врз основа на мандатот на епископот и затоа се надвор од опфатот на внатрешните стандарди на трудовото право.
141. Не е на судот да одлучува за судирот на членовите на синдикатот со нивните претпоставени во врска со точната природа на нивните функции. Единственото прашање што тука се поставува, всушност, е тоа дали функциите во прашање, и покрај нивната можна специфичност, се составен дел од работен однос кој ја вклучува применливоста на правото да се основа синдикат во смисла на членот 11.
142. За да одговори на ова, Големиот судски совет ќе ги применува критериумите предвидени од страна на релевантните меѓународни инструменти (видете, mutatis mutandis, Demir et Baykara, претходно наведен, § 85). Во тој поглед, тој забележува дека,во својата Препорака бр.198 за работниот однос (став 57 погоре), Меѓународната организација на трудот смета дека утврдувањето на постоењето на таков однос треба да биде водено првенствено од фактите кои се однесуваат на извршувањето на работата и надоместот на работниците, без оглед на тоа како односот е дефиниран во кој и да е спротивен аранжман, договорен или друг, кој евентуално бил склучен помеѓу страните. Освен тоа, Конвенцијата бр.87 на МОТ (став 56 погоре), која е главен меѓународен правен инструмент кој го гарантира правото на слобода на здружување, предвидува во членот 2 дека „работниците и работодавачите, без каква и да е разлика“ имаат право да основаат организации по нивен избор. Конечно, ако директивата 78/2000/CE на Советот (став 60 погоре) го признава постоењето на обврска за зголемена лојалност со оглед на етиката на работодавачот, таа појаснува дека не може да има повреда на слободата на здружување и особено на правото на секој да основа синдикати.
143. Со оглед на овие елементи, Судот забележува дека функциите што ги вршат членовите на синдикатот во прашање содржат многу аспекти кои се карактеристични за работен однос. Така, тие ги вршат своите активности врз основа на одлука на епоскопот кој ги именува и ги прецизира нивните права и обврски. Под раководство и надзор на епоскопот, тие ги извршуваат задачите кои им се доделени, кои вклучуваат, освен држењето богослужби и контактите со верниците, настава и управување со имотот на парохијата, со оглед на тоа дека членовите на свештенството се одговорни за продажба на верски предмети (став 44 погоре). Покрај тоа, националниот закон предвидува одреден број на свештенички и световни работни места финансирани главно од државниот буџет и од локалните власти, надоместокот за овие места е, од друга страна, утврден во однос на оној на вработените во државното образование (став 30 наведени погоре). Романската Православна Црква ги плаќа како работодавец придонесите за платите на членовите на свештенството, а свештеници го плаќаат данокот на доход, плаќаат во државниот фонд за социјално осигурување и ги уживаат сите придобивки отворени за редовно вработените, вклучувајќи ги и здравственото осигурување, добивање пензија штом се исполнети законските услови за пензионирање, или осигурувањето во случај на загуба на работно место.
144. Секако, како што посочува Владата, работата на членовите на свештенството се разликува по тоа што таа има духовна намена и се врши во рамките на црква која, пак, ужива одредена автономија. Како резултат на тоа, обврските на членовите на свештенството се од посебен вид во тоа што тие се предмет на зголемена обврска за лојалност, која пак се заснова на личниот ангажман на секој од нејзините членови кој се смета за конечен. Оттука, тешко е да се направи прецизна разлика меѓу строго верските активности на членовите на свештенството од нивните економски активности.
145. Сепак, останува прашањето дали ваквите специфики се доволни за да се смета дека односите кои ги поврзуваат членовите на свештенството со нивната црква излегуваат од дострелот на членот 11. Во однос на оваа точка, Судот потсетува дека членот 11 став 1 ја смета слободата на синдикално здружување за облик или посебен аспект на слободата на здружување и дека ставот 2 не исклучува ниту една професионална категорија од дострелот на членот 11. Во краен случај, националните органи можат да им наметнат на одредени од своите вработени „законски ограничувања“ во согласност со членот 11 стaв 2 (Tüm Haber Sen et Çınar c. Turquie, бр. 28602/95, §§ 28 и 29, CEDH 2006‑II).Т Освен тоа, други професионални категории, како што се полицијата или државната администрација, се исто така подложени на специфични ограничувања и на посебни обврски за лојалност, без притоа правото на слобода на синдикално здружување на нивните членови да биде доведено во прашање (видете, на пример, Syndicat national de la police belge, претходно наведен, § 40, и Demir et Baykara, претходно наведен, § 107)..
146. Згора на тоа, дури и под претпоставка дека членовите на романското православно свештенство можат да се откажат од правата кои произлегуваат од членот 11 од Конвенцијата, Судот констатира дека во овој случај, не се чини дека во моментот на нивното ангажирање, членовите на синдикатот се согласиле на такво откажување.
147. Згора на тоа, Судот забележува дека домашните судови веќе изрично им го признале на членовите на свештенството и на световните вработени на Романската Православна Црква правото да се здружуваат во синдикати (видете ставови 46 и 49 погоре).
148. Со оглед на сите овие елементи, Судот смета дека, и покрај спецификите на нивната ситуација, членовите на свештенството ги извршуваат своите должности како дел од работен однос кој спаѓа во дострелот на членот 11 од Конвенцијата. Оваа одредба затоа е применливa на фактите на случајот.
149. Како и страните, Големиот Судски Совет смета дека одбивањето да се регистрира синдикатот жалител претставува мешање на тужената држава во остварувањето на правата загарантирани со членот 11 од Конвенцијата.
150.За да биде во согласност со ставот 2 од членот 11, таквото мешање мора да биде „пропишано со закон“, мотивирано од една или повеќе легитимни цели и „неопходно во едно демократско општество“, за остварување на таквата цел или таквите цели.
б) Во однос на тоа дали мешањето било „пропишано со закон“ и дали тоа имало легитимна цел или цели
151. Страните се согласуваат дека спорното мешање било врз основа на одредбите од Статутот на Романската Православна Црква. Меѓутоа, нивните позиции се разликуваат во однос на тоа дали било „пропишано со закон“.
152. Синдикатот жалител смета дека мешањето немало правна основа во домашното право бидејќи одредбите од Статутот на црквата, немајќи вредност на органски закон, не можеле да не ги почитуваат одредбите на Уставот кои ја гарантираат слободата на синдикално здружување. Владата ја оспорува оваа анализа, ценејќи дека, со оглед на тоа дека Статутот бил одобрен со одлука на Владата, тој се смета за дел од националното право.
153.Судот се повикува на својата установена судска пракса во која изразот „пропишано со закон“ наметнува не само оспорената мерка да има основа во националното право, туку, исто така, се однесува на квалитетот на законот во прашање, кој мора да биде достапен и предвидлив (Rotaru c. Roumanie [GC], бр. 28341/95, § 52, CEDH 2000‑V).. Тој, исто така, потсетува дека изразот „пропишано со закон“ се однесува првенствено на националното право и дека, во принцип, не е во негова надлежност да ја контролира регуларноста на „делегираното законодавство“: таквата задача е примарно во налдежност на националните судови (Campbell c. Royaume-Uni, 25 март 1992, § 37, серија A бр. 233).
154. Во овој случај, таа констатира дека ниту Уставот ниту органските закони за слободата на синдикално здружување и на вероисповест, ниту пак Статутот на Црквата изречно не го забрануваат основањето на синдикати од страна на членовите на свештеничкиот или световниот персонал на црквата. Националните судови ја извеле оваа забрана од одредбите од Статутот на Црквата согласно кој основањето на црковни здруженија и фондации е атрибут на Светиот Синод и дозволата на Архиепископот е потребна за учество на членовите на свештенството во кој и да е облик на здружување.
155. Судот забележува дека предвидливоста и достапноста на релевантните одредби погоре не се во прашање овде. Всушност, не е спорно дека членовите на синдикатот жалител биле свесни за одредбите од Статутот и дека во отсуство на согласност од архиепископот, тие можеле да очекуваат дека Црквата ќе се спротистави на нивното барање за регистрација на синдикатот. Тие, впрочем, тврдат дека ја побарале таа дозвола, којашто не им била одобрена по интервенција на Светиот Синод.
156. Што се однесува до главниот аргумент на синдикатот жалител, кој се состои во тоа дека, иако Статутот на Црквата бил одобрен од страна на Владата, неговите одредби не можат да отстапуваат од уставните норми, Големиот Судски Совет смета дека тој е сличен на приговор за нерегуларност на националното законодавство врз основа на неуставноста на одредбите во прашање и на непочитувањето на хиерархијата на нормите. Меѓутоа, не е работа на Судот да ја испита основаноста на ова правно средство, кое се однесува на регуларноста на еден облик на „делегирано законодавство“. Всушност, толкувањето на националното право на договорните страни е примарно надлежност на националните судови (видете, меѓу другите, Rekvényi c. Hongrie [GC], бр. 25390/94, § 35, CEDH 1999‑III) Во овој поглед, јасно е дека окружниот суд, одлучувајќи во крајна инстанца, се ограничил на тоа да напомене генерално дека законот бр.54/2003 не дозволувал вклучување во статути на одредби спротивни на Уставот или на други закони. За разлика од првостепениот суд, тој не го разгледал in concreto прашањето дали забраната за основање синдикат без согласност на архиепископот била во согласност или не со уставните норми. Сепак, Судот смета дека штом тој се потпирал во својата одлука на статутот на Црквата, окружниот суд имплицитно сметал дека неговите одредби не биле во спротивност со уставните стандарди.
157. Оттука, Судот е подготвен да прифати, како и националните судови, дека спорното мешање ги имало како правна основа релевантните одредби од Статутот на Романската Православна Црква и дека овие одредби ги исполнувале критериумите на „законитост“ што тој ги дефинирал во својата судска пракса (видете, mutatis mutandis, Miroļubovs et autres, претходно наведен, § 78)..
158. Конечно, како страните, Големиот Судски Совет смета дека мешањето имало легитимна цел согласно ставот 2 од членот 11, имено заштитата на правата на другите, во случајов оние на Романската Православна Црква . Тој не гледа причина да се додаде на оваа цел, по примерот на советот, онаа на одбраната на редот.
в) Во однос на тоа дали мешањето било „неопходно во едно демократско општество“
159. Според мислењето на Судот, националните судови се должни да внимаваат на тоа, во рамките на верските организации, како слободата на здружување, така и автономијата на вероисповеста, да можат да се остваруваат во согласност со законот на сила, вклучувајќи ја и Конвенцијата. Во однос на мешањето во користењето на правото на слобода на здружување, следува од членот 9 од Конвенцијата дека вероисповестите имаат право да имаат свои мислење за колективните активности на нивните членови кои би можеле да ја загрозат нивната автономија и дека ова мислење во принцип треба да се почитува од страна на националните власти. Сепак, не е доволно една верска организација само да тврди дека постои вистинска или потенцијална повреда на нејзината автономија за кое и да е мешање во правото на слобода на синдикално здружување на нејзините членови да се усогласи со барањата на членот 11 од Конвенцијата. Таа, исто така, треба да докаже, во светлото на околностите на случајот, дека ризикот е реален и сериозен, дека спорното мешање во слободата на здружување не оди подалеку од она што е потребно за тоа да биде отсрането и дека тоа не служи на некаква цел која е туѓа на остварувањето на автономијата на верската организација. Националните судови се оние кои се должни да се осигураат во тоа преку спроведување на темелна ревизија на околностите на случајот и на детално вагање на конкурентните интереси во прашање (видете, mutatis mutandis, Schüth c. Allemagne, бр. 1620/03, § 67, CEDH 2010 и Siebenhaar c. Allemagne, бр. 18136/02, § 45, 3 февруари 2011).
160. Ако, во случаи како што е овој случај, кои бараат вагање на конкурентни приватни интереси или на различни права заштитени со Конвенцијата, државата обично ужива широк простор за слободна проценка (видете, mutatis mutandis, Evans c. Royaume-Uni [GC], бр. 6339/05, § 77, CEDH 2007‑I), исходот на жалбата, во принцип, може да варира според тоа дали била поднесена пред Судот од аспект на членот 11 од Конвенцијата, од страна на лицето чие остварување на слободата на здружување била ограничена, или од аспект на членовите 9 и 11, од страна на верската организација која се смета себеси за жртва на повреда на нејзиното право на автономија.
161. Во овој случај, прашањето што лежи во срцето на спорот е она на непризнавањето на синдикатот жалител. Пред судовите надлежни да го разгледаат барањето за регистрација на синдикатот, архиепископот, кој се противел на ова признание, тврдел дека целите предвидени во статутот на синдикатот биле некомпатибилни со обврските преземени од страна на свештениците во однос на нивната вокација и на нивното обврзување кон архиепископот. Тој верувал дека појавата во структурата на Црквата на вакво ново тело сериозно ќе ја поткопа слободата на вероисповестите да се организираат според нивните сопствени традиции, и дека основањето на синдикатот веројатно ќе предизвика преиспитување на традиционалната хиерархиска структура на Црквата - па оттука и потребата, спортед него, да се ограничи слободата на синдикално здружување што ја барал синдикатот жалител.
162. Со оглед на различните аргументи доставени до националните судови од страна на претставниците на Архиепископијата од Крајова, Судот цени дека окружниот суд можел разумно да смета дека одлука која го овластува регистрирањето на синдикатот можела да претставува вистински ризик за автономијата на верската организација во прашање.
163. Во оваа смисла, Судот забележува дека во Романија, секоја вероисповест има право да усвои сопствен статут и така слободно да одлучува за своето работење, за вработувањето на својот персонал и за односот што го одржува со своето свештенство (став 29 погоре). Принципот на автономијата на верските организации е каменот-темелник на односите меѓу романската држава и признатите вероисповести на нејзината територија, вклучувајќи ја и Романската Православна Црква. Како што е наведено од Владата, членовите на романското православно свештенство, вклучувајќи ги и свештениците членови на синдикатот жалител, ја работат својата работа согласно нивната вокација, на нивното обврзување кон епископот и одлуката на истиот, со оглед на тоа што Романската Православна Црква избрала да не ги имплементира во статутот одредбите од законот за работни односи кои се релевантни по однос на ова, избор потврден со одлука на владата во име на почитувањето на принципот на автономијата на вероисповеста.
164. Меѓутоа, при читањето на целите кон кои се стреми синдикатот жалител, цели кои вклучуваат меѓу другото промовирање на слободната иницијатива, на конкуренцијата и на слободата на изразување на своите членови, обезбедување учество во Светиот Синод на член на синдикатот, поднесување барање до архиепископот за објавување годишен финансиски извештај и користење на штрајкот како средство за одбрана на интересите на своите членови, судската одлука која ја одбила регистрацијата на синдикатот во името на почитување на автономијата на вероисповестите не се чини неразумна во очите на Судот, имајќи ја предвид особено улогата на државата во зачувување на таа автономија.
165. Во овој контекст, Судот потсетува дека во неколку наврати имал прилика да ја истакне улогата на државата како неутрален и непристрасен организатор на практиката на вероисповестите, верските служби и верувања, како и да укаже дека оваа улога помага да се обезбеди јавниот ред, верската хармонија и толеранција во едно демократско општество, особено меѓу спротивставени групи (видeте, меѓу другите, Hassan et Tchaouch, претходно наведен, § 78 и Leyla Şahin, птеходно наведен, § 107). Тој може во овој случај единствено потврди оваа судска пракса. Почитувањето на автономијата на верските заедници признаени од страна на државата подразбира, особено, прифаќање од страна на последнава на правото на овие заедници да реагираат во согласност со нивните сопствени правила и интереси на евентуалните движења на расцеп што би можеле во нив да се појават и би можеле да претставуваат опасност за нивната кохезија, нивниот имиџ или нивното единство. Националните власти не се оние кои треба да се издигнат како арбитер меѓу верските организации и различните дисидентски ентитети кои постојат или кои би можеле да се создадат во рамките на нивната сфера.
166. Во светлината на сите докази со кои располага, Судот се согласува со тужената Влада дека. со одбивањето да го регистрира синдикатот жалител, државата едноставно се воздржала од мешање во организацијата и функционирањето на Романската Православна Црква, почитувајќи ја така обврската на неутралност наметната од страна на членот 9 од Конвенцијата. Останува да се разгледа дали испитувањето на случајот што го направил окружниот суд за да го одбие барањето на жалителот ги исполнувало условите кои овозможувале да се утврди дали одбивањето на регистрацијата било неопходно во едно демократско општество (видете став 159 погоре).
167. Поголемиот дел од советот одговорил на ова прашање со негативен одговор. Тој утврдил дека окружниот суд не ги зел доволно предвид сите релевантни аргументи, наведувајќи, за да го оправда своето одбивање да се регистрира синдикатот, само верски причини и произлезени од одредбите на Статутот на Црквата (ставови 77 и следни од пресудата на советот).
168. Големиот судски совет не се согласува со оваа констатација. Тој забележува дека окружниот суд одбил да го регистрира синдикатот жалител откако констатирал дека неговата пријава не ги исполнуваат барањата на Статутот на црквата бидејќи неговите членови не ја испочитувале специјаланата процедура предвидена за основање на здружение. Тој смета дека со тоа, окружниот суд само го применил принципот на автономијата на верските организации: неговото одбивање да го регистрира синдикатот жалител заради неисполнување на условот на добивање на согласност од страна на архиепископот било директна последица на правото на верската заедница во прашање слободно да се организира и да работи во согласност со одредбите на нејзиниот статут.
169. Од друга страна, синдикатот жалител не понудил никаква причина за да го оправда неподнесувањето на формално барање при архиепископијата. Сепак, националните судови го поправиле овој пропуст, со добивање на мислењето на архиепископијата од Крајова и со испитување на причините наведени од него. Окружниот суд заклучил, усвојувајќи ги причините наведени од страна на архиепископијата од Крајова дека, ако го овласти основањето синдикат, советодавните и одлучувачките структури предвидени со Статутот на црквата би биле заменети или принудени да соработуваат со нова организација - синдикатот - кој е туѓ на традицијата на Црквата и на канонските правила на советување и донесување одлуки. Контролата извршена од страна на судот така овозможила да се провери дека ризикот наведен од страна на црковните власти бил веројатен и сериозен, дека причините наведени од него не се користеле за друга цел освен за остварувањето на автономијата на вероисповеста во прашање и дека одбивањето да се регистрира синдикатот жалител не одело подалеку од она што било потребно за да се спречи тој ризик.
170. Поопшто, Судот забележува дека Статутот на Романската Православна Црква не предвидува апсолутна забрана, за членовите на свештенството, да основаат синдикати за заштита на нивните права и легитимни интереси. Оттука, ништо не ги спречува членовите на синдикатот жалител да го уживаат нивното право гарантирано со членот 11 од Конвенцијата со основање на такво здружение чии цели би биле компатибилни со Статутот на Црквата и не би ги довеле во прашање традиционалната хиерархиска структура на Црквата и начинот на кој се донесуваат одлуките. Судот забележува декa им е дозволено, исто така, на членовите на синдикатот жалител да се приклучат слободно на кое и да е од постоечките здруженија во рамките на Романската Православна Црква кои биле одобрени од страна на националните судови и кои работат во согласност со барањата на црковниот статут (став 52 погоре).
171. Конечно, Судот забележува дека постојат многу различни уставни модели во Европа со кои се регулираат односите меѓу државите и религиите. Со оглед на непостоење на европски консензус за ова прашање (став 61 погоре), тој смета дека просторот за слободна процена на државата е поголем во оваа област и го вклучува правото да признае или не, во рамките на верските заедници, синдикални организации кои се стремат кон остварување на цели кои можат да го попречат остварувањето на автономијата на вероисповестите.
172. Во заклучок, имајќи ги предвид изложените причини, одбивањето од страна на окружниот суд да го регистрира синдикатот жалител не го надминал просторот за слободна на проценка што го уживаат националните власти во оваа област и, затоа, тоа не е несразмерно.
173. Оттука, немало повреда на член 11 од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучи, едногласно, дека Владата го загубила правото да се повика на анонимност на жалбата;
2. Одлучи,едногласно, дека синдикатот жалител го загубил правото да се повика на повредата на членот 34 од Конвенцијата заради настани што се случиле пред донесувањето на пресудата на советот. Што се однесува до фактите после тој датум, тужената држава не ги прекршила обврските што таа ги имала согласно оваа одредба;
3. Одлучи, со единаесет гласа против шест, дека немало повреда на членот 11 од Конвенцијата.
Изготвено на англиски и француски јазик, и прочитано на јавна расправа во Палатата на човекови права, во Стразбур, на 9 јули 2013 година.
Мајкл О’Бојл Дин Шпилман
Заменик секретар на одделПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од деловникот, експозето на следните издвоени мислења:
- согласно мислење на судијата Војтучек ;
– заедничко делумно издовено мислење на судиите Шпилман, Вилигер, Лопез Гуера, Бианку, Моше и Јадерблом.
Д.С.
М.О’Б.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]Босна и Херцеговина, Естонија, Грузија, Унгарија, Молдавија, Црна Гора, Ирска, поранешната југословенска Република Македонија, Латвија, Литванија, Германија, Грција, Шпанија, Португалија, Италија, Полска, Словенија, Франција и некои швајцарски кантони.
[2]Финска, Бугарија, Словачка, Украина, Белгиј. Австрија, Русија, Турција, Луксембург, Шведска и некои швајцарски канони.
[3] Белгија, Холандија, Обединетото-Кралство.
Full & Egal Universal Law Academy