© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l'Europe/Cour européenne des droits de l'homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme du Conseil de l'Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l'indication de copyright/droits d'auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 148
јануари 2012
Stanev v. Bulgaria [GC] - 36760/06
Пресуда 17.1.2012 [GC]
Член 6
Граѓанска постапка
Член 6-1
Пристап кон судот
Немање директен пристап до судот за лице кое бара поврат на својата деловна способност: повреда
Член 3
Понижувачко постапување
Животни услови во установа за социјална заштита за лица со ментални нарушувања: повреда
Член 5
Член 5-1
Лишување од слобода
Процедура пропишана со закон
Законитоста на сместувањето во установа за социјална заштита на лица со ментални нарушувања: повреда
Член 5-4
Поведување постапка
Непостоење на правен лек за оспорување на законитоста на сместувањето во установа за социјална заштита за лица со ментални нарушувања: повреда
Член 13
Делотворен правен лек
Непостоењето правни лекови за добивање надомест за лошите животни услови во установа за социјална заштита за лица со ментални попречености: повреда
Член 46
Член 46-2
Извршување на пресуда
Мерки од општа природа
Од тужената држава се бара да преземе општи мерки за да обезбеди делотворен пристап кон судот за лица кои бараат да им се врати статусот на деловно способни
Факти – Во 2000, по барање на двајца роднини на апликантот, судот го прогласил за делумно деловно неспособен, врз основа на тоа што тој страдал од шизофренија. Во 2002 апликантот бил ставен под делумно старателство против своја волја и бил примен во социјална установа за грижа за лица со ментални нарушувања, близу едно село на оддалечена планинска локација. По своите официјални посети во 2003 и 2004, Европскиот комитет за превенција на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (the European Committee for the Prevention of Torture and Inhuman or Degrading Treatment or Punishment, CPT) заклучи дека условите во установата може да се сметаат за еквивалент на нечовечко и понижувачко постапување. Во 2004 и 2005 апликантот, преку својот адвокат, побара од јавниот обвинител и градоначалникот да поведат постапка за негово ослободување од делумното старателство, но неговите барања беа одбиени. И неговиот старател одби да поведе ваква постапка, сметајќи дека установата за социјална грижа е за него најсоодветното место за живеење, бидејќи тој немал средства за самостоен живот. Во 2006, по иницијатива на неговиот адвокат, апликантот бил прегледан од независен психијатар, кој заклучил дека дијагнозата шизофренија била неточна, но дека апликантот имал тенденција кон злоупотреба на алкохолот, а симптомите на двете состојби можат да се смешаат, така што тој бил способен за реинтеграција во општеството и дека неговиот престој во установата за социјална заштита бил многу штетен по неговото здравје.
Право – Член 5 § 1
(a) Применливост – Сместувањето на апликантот во установа за социјална заштита може да се припише на националните власти, бидејќи тоа било резултат на различни мерки преземени од страна на јавните власти и институции преку нивни службени лица, од почетното барање за негово сместување во институција и во тек на целата примена на односната мерка. Апликантот бил сместен во блок од каде можел да замине, но времето што го минувал надвор од установата и местата каде можел да оди биле предмет на контрола и рестрикции. Овој систем на одобрено отсуство и фактот што управата ги задржала личните документи на апликантот поставил значителни ограничувања врз неговата лична слобода. Иако апликантот можел да преземе одредени патувања, тој бил под постојан надзор и не бил слободен да си замине од установата без дозвола, кога и да посакал. Владата не покажала дека здравствената состојба на апликантот била таква што го ставала под непосреден ризик, или пак барала да се наметнат некакви специјални ограничувања заради негова заштита. Траењето на престојот на апликантот во установата не било специфицирано и, оттука, било на неопределен рок, зашто тој бил заведен во општинскиот регистар со постојана адреса на живеење во установата, каде тој и натаму останал, откако таму живеел над осум години. Оттука, тој сигурно ги имал почувствувано целосните непожелни последици на ограничувањата што му биле наметнати. Не бил прашан за свое мислење околу сместувањето во установата и никогаш се немал изрично согласено со тоа. Домашното право дава определена тежина на желбите на апликантот, а се чини дека тој бил мошне свесен за својата состојба. Барем од 2004 натаму, апликантот изрично ја изразил својата желба да замине од установата за социјална заштита, и пред психијатрите и преку своите апликации до властите за враќање на својата деловна способност. Судот не беше уверен дека апликантот се согласил со сместувањето во установата или дека премолчано го прифатил. Имајќи ја предвид вклученоста на бугарските власти во одлуката апликантот да се смести во усаснова, правилата на отсуство од установата, траењето на сместувањето и непостоењето согласност на апликантот, испитуваната ситуација претставувала лишување од слобода и се применувал Член 5 § 1.
(b) Мериторност – Одлуката апликантот да се смести во установа за луѓе со ментални нарушувања без да е добиена негова претходна согласност е невалидна согласно бугарското право. Заклучокот сам по себе бил доволен за Судот да утврди дека лишувањето од слобода на апликантот било спротивно на Член 5. Во секој случај, таа мерка не била законита во смисла на Член 5 § 1 од Конвенцијата бидејќи не можел да се примени ниеден од исклучоците пропишани со тој член, па ниту Член 5 § 1 (e) – лишување од слобода “лице со поматен ум”. Во разгледуваниот случај, вистина е дека експертски медицински извештај изготвен во тек на постапката за одземање на деловната способност на апликантот споменал нарушување од кое тој страдал. Сепак, изминале повеќе од две од експертската психијатриска проценка на која се потпирале властите и сместувањето на апликантот во установата, за кое време старателот не проверил дали има некакви промени во неговата состојба и не се сретнал, ниту консултирал со него. Тој период бил прекумерен и лекарското мислење издадено во 2000 не можело да се смета за веродостоен одраз на состојбата на менталното здравје на пациентот во време не неговото сместување во установата (во 2002). Треба да се забележи дека националните власти немале никаква правна обврска да наложат психијатриски извештај во време на сместувањето. Непостоењето на скорешна медицинска проценка би било само по себе доволно да се заклучи дека сместувањето на апликантотот во установаа не било законито. Покрај ова, не било утврдено дека апликантот претставувал опасност за себе или за други. Судот, исто така, забележал слабости во проценката дали нарушувањата што барат сместување на апликантот во домот се се' уште присутни. Иако тој бил под надзор на психијатар, целта на ваквата супервизија не била да се прави проценка во редовни интервали за тоа дали тој се' уште треба да се држи во установа за социјална грижа во смисла на Член 5 § 1 (e). Навистина, во рамки на релевантното законодавство нема одредби кои пропишуваат ваква проценка. Сместувањето на апликантот во установата не е наложено „согласно процедура пропишана со закон“ и не е оправдано алинејата (e), или било која од алинеите (a) до (f), of Член 5 § 1.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 5 § 4: Владата нема посочено ниеден домашен правен лек што може на апликантот да му даде директна можност да ја оспори законитоста на неговото сместување во установа за социјална грижа и континуираната примена на таа мерка. Бугарските судови не биле во ниеден момент и на ниеден начин вклучени во сместувањето, а домашното законодавство не предвидувало автоматска периодична судска ревизија на сместувањето во дом за лица со ментални нарушувања. Понатаму, бидејќи сместувањето на апликантот во установата не било признаено како лишување од слобода според бугарското право, немало одредба за некакви домашни правни лекови со кои може да се оспори законитоста во смисла на лишување од слобода. Валидноста на согласноста за сместување можела да биде оспорена врз основа на немање согласност само по иницијатива на старателот.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 5 § 5: Не е покажано дека апликантот можел, пред пресудата на Судот во тековниот предмет, или дека би можел да го стори тоа по нејзиното донесување, да го искористи правото на надомест за неговото бесправно лишување од слобода.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 3: Член 3 забранува нечовечко и понижувачко посапување со секого под грижа на властите, без оглед дали тоа опфаќа притвор во контекст на кривична постапка или прием во установа со цел на заштита на животот или здравјето на односното лице. Храната во установата за социјална грижа била недоволна и со лош квалитет. Зградата била несоодветно затоплувана во зима, па апликантот морал да спие во капут. Тој можел да се тушира еднаш седмично во нехигиенска и руинирана бања. Тоалетите биле во ужасна состојба, а пристапот кон нив бил опасен, согласно наодите на CPT. На крајот, домот не ја враќал облеката на истите луѓе по перењето, што веројатно кај жителите предизвикувало чувство на инфериорност. Апликантот бил изложен на сите гореспоменати услови во тек на значителен период од приближно седум години (меѓу 2002 и 2009, кога зградата каде живеел била реновирана). CPT заклучи, по посетата на установата, дека за животните услови таму, во релевантниот период, може да се каже дека се еквивалент на нечовечко и понижувачко постапување. И покрај тоа што биле свесни за овие наоди, во периодот од 2002 до 2009 бугарската Влада не попстапувала според нивното мислење дека установата треба да се затвори. Недостигот на финансиски ресурси, којшто го наведува Владата, не е релевантен аргумент со којшто се оправдува држењето на апликантот во опишаните животни услови.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 13 во врска со Член 3: Сместувањето на апликантот во установата за социјана грижа не било сметано како лишување од слобода согласно домашното право. Оттука, тој не би имал право на надомест според Законот за државна одговорност за претрпена штета од 1988 за лошите животни услови таму. Дополнително, немало судски преседани во кои би се утврдило дека Законот се применува за наводите на лоши услови во установите за социјална заштита. Дури и под претпоставка дека апликантот можел да си ја поврати деловната способност и да замине од установата, нему не би можел да му се досуди никаков надомест за тоа што бил држен таму во понижувачки услови.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 6 § 1: Апликантот не бил во можност да побара враќање на својата деловна способност, освен преку својот старател или лицата наведени во Член 277 од Законот за граѓанска постапка. Домашното право не прави разлика меѓу оние кои се целосно лишени од деловна способност и оние кои се само делумно деловно неспособни, а и не пропишува никаква можност за автоматско периодично ревидирање дали основата за ставање на лицето под старателство е се' уште важечка. Понатаму, во случајот на апликантот, односната мерка не била ограничена по времетраење. Иако правото на пристап кон правдата не е апсолутно и ограничувањата на процедуралните права на лице може да се оправдани, дури и кога лицето е само делумно лишено од деловната способност, правото да се побара од судот да ја ревидира декларацијата за деловна неспособност е едно од најважните права за односните лица. Од ова следи дека тие лица треба, во принцип, да уживаат директен пристап кон правдата, во оваа сфера. Сепак, државата има слобода да ја определи постапката преку којашто ќе се релизира ваквиот директен пристап. Истовремено, не би било некомпатибилно со Член 6 доколку националното законодавство пропише одредени ограничувања на пристапот кон судот во оваа сфера, со единствена цел да обезбеди судовите да не се затрупани со прекумерни и очигледно неосновани апликации. Сепак, се чини јасно дека овој проблем би можел да се реши со други, помалку рестриктивни мерки отколку автоматското ускратување на директен пристап, на пример, преку ограничување на тоа колку често може да се поднесуваат вакви барања или преку воведување систем за претходно испитување на нивната допуштеност врз основа на досието. Покрај ова, сега и на европско ниво постои тренд кон овозможувањето директен пристап кон судот за лицата со одземена деловна способност, за да бараат поврат на правниот субјективитет. Меѓународните инструменти за заштита на лицата со ментални нарушувања, исто така, придаваат се' поголема важност на тоа ним да им се даде колку што е можно поголема правна автономија. Член 6 § 1 треба да се толкува така што во принцип да гарантира дека секој кој е прогласен за делумно деловно неспособен, како што бил случајот со апликантот, има директен пристап кон судот за да бара поврат на својата деловна способност. Директниот пристап од тој вид не е гарантиран во доволна мерка на извесност од страна на релевантното бугарско законодавство.
Заклучок: повреда (едногласно).
Член 46: За да ги исправи последиците од кршењето на правата на апликантот, властите треба да утврдат дали тој сакал да остане во установата за социјална заштита. Ништо во оваа пресуда не треба да се смета како пречка за негово натамошно сместување во односната или друга установа за лица со ментални нарушувања, доколку се утврди дека тој се согласил со тоа сместување. Сепак, доколку апликантот се противи на таквото сместување, властите треба да ја преиспитаат ситуацијата без одлагање, во светлина на наодите во оваа пресуда/ Во светлина на утврдената повреда на Член 6 § 1 заради непостоењето директен пристап кон судот за лица кои се делумно лишени од деловната способност и сакаат да бараат нејзин поврат, Судот препорачува тужената држава да ги предвиди неопходните општи мерки за да обезбеди делотворна можност за ваков пристап.
Член 41: EUR 15,000 за непарична штета.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l'Europe/Cour européenne des droits de l'homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l'homme sont le français et l'anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme du Conseil de l'Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l'homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l'a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l'affaire soit cité en entier et s'accompagne de l'indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l'adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy