© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l'Europe/Cour européenne des droits de l'homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme du Conseil de l'Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l'indication de copyright/droits d'auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 103
декември 2007
Stoll v. Switzerland - 69698/01
Пресуда 10.12.2007 [GC]
Член 10
Член 10-1
Слобода на изразување
Новинар осуден за објавување дипломатски документ за стратегија, класифициран како доверлив: нема повреда
Факти: Предметот се однесува на осудителна пресуда против апликантот, по професија новинар, на плаќање парична казна поради тоа што во печатот обелоденил доверлив извештај на амбасадорот на Швајцарија во Соединетите Американски Држави во врска со стратегијата што требало да ја усвои владата на Швајцарија во преговорите, меѓу другото, меѓу Светскиот еврејски конгрес и швајцарските банки, по предметот надомест што им се должи на жртвите на холокаустот за непобараните средства депонирани на сметки во швајцарски банки.
Во декември 1996 година швајцарскиот амбасадор во САД го составил „документот за стратегија“ и го класификувал како „доверлив“ во контекст на предметните преговори. Документот му бил испратен на службеникот кој работел по прашањето, во Федералното одделение за надворешни работи во Берн. Копии биле испратени до уште деветнаесет лица во владата на Швајцарија, до федералните власти и до швајцарските дипломатски мисии во странство. Апликантот дошол до примерок, веројатно како резултат на повреда на службена тајна од страна на лице чиј идентитет останува непознат.
Еден циришки весник што излегува во недела, меѓу другото објави две статии од апликантот, насловени „Амбасадорот Јагмети ги навредува Евреите“ и „Амбасадорот облечен во бањарка и чизми за планинарење кажува непријатни работи“. Следниот ден еден циришки дневен весник објави опширни извадоци од документот за стратегијата; последователно, извадоци објавил уште еден весник.
Судот му наложил на апликантот да плати парична казна од 800 швајцарски франци (околу 476 евра) поради тоа што објавил „тајни официјални размислувања“ во смисол на член 293 од Кривичниот законик. Жалбите на апликантот биле отфрлени во последната инстанца од страна на Федералниот суд.
Швајцарскиот Совет за печатени медиуми, иако прифатил дека објавувањето е легитимно особено со оглед на неговото значење во време на јавната дебата во врска со средствата на жртвите на холокаустот, зазел став дека апликантот, неодговорно, овозможил забелешките на амбасадорот да изгледаат шокантни и скандалозни објавувајќи го документот за стратегијата во скратена форма и не објаснувајќи го во доволна мера точното време на настаните. Советот за печатени медиуми додал дека, од друга страна, други весници ја ставиле работата во нејзин правилен контекст објавувајќи го документот за стратегијата речиси интегрално.
Закон: Постапка – Во својата пресуда на Советот Судот се изјасни, со четири спрема три гласови, дека имало повреда на член 10. На барање од владата на Швајцарија предметот бил проследен до Големиот совет во согласност со член 43 од Конвенцијата.
Мериторност – Огласувањето на апликантот за виновен е еднакво на негово „попречување“ да го користи своето право на изразување. Попречувањето е предвидено со Кривичниот законик на Швајцарија, а било извршено заради легитимна цел спречување на „обелоденување информации добиени во доверба“. Големиот совет нагласи дека, со оглед на став 3 од член 33 од Виенската конвенција за Законот за договори од 1969 година, а во отсуство на укажување на спротивното во историјата на изработката на член 10, било соодветно да се усвои толкувањето на фразата „спречување на обелоденување информации добиени во доверба“ во смисла на член 10 став 2, кое опфаќаше доверливи информации обелоденети од страна на лице кое подлежи на обврска на доверба или од трета страна, а особено, како што е во сегашниот случај, од страна на новинар.
Главно прашање што треба да се утврди е дали попречувањето за кое станува збор, било „потребно во едно демократско општество“. Во таа смисла, Големиот совет потврди уште од самиот почеток дека член 10 е применлив за ширење доверливи или тајни информации од страна на новинари.
Прашањето на непобарани средства не само што се однесува на значителни финансиски интереси, туку има и значајна морална димензија, што значи дека е од интерес дури и на пошироката меѓународна заедница. Последователно, при оценувањето дали мерката што ја презеле властите на Швајцарија била потребна, Судот ја зеде предвид потребата да се одмерат два вклучени јавни интереса: интересот на читателите да бидат информирани за актуелно прашање и интересот на властите да обезбедат позитивен и задоволителен исход на дипломатските преговори што се воделе.
Иако спорните статии речиси исклучително биле концентрирани на личноста на амбасадорот и на личниот стил, тие, сепак, успеале да придонесат кон јавната дебата во однос на прашањето на непобараните средства, кое во тоа време било предмет на жива дискусија во Швајцарија. Според тоа, јавноста имала интерес за објавување на статиите.
Што се однесува до интересите што властите на Швајцарија сакале да ги заштитат, од витално значење за дипломатските служби и за непречено функционирање на меѓународните односи е дипломатите да бидат во можност да разменуваат доверливи или тајни информации. Меѓутоа, доверливоста на дипломатските извештаи не може да се зачува по секоја цена; во одмерувањето на меѓусебните интереси што се во прашање, значајни фактори беа содржината на извештајот и потенцијалната закана од неговото објавување. Во сегашниот предмет, можело да се очекува обелоденувањето пасуси од извештајот на амбасадорот во тој конкретен момент да има негативни реперкусии врз непречениот напредок на преговорите во кои била вклучена Швајцарија, не само во однос на содржината на забелешките на амбасадорот туку и на начинот на кој тој се изразил. Обелоденувањето — иако делумно – на содржината на извештајот на амбасадорот успеа да ја поткопа климата на дискреција што беше потребна за успешно спроведување на дипломатските односи воопшто и, особено, да има негативни реперкусии врз преговорите што ги водеше Швајцарија. Оттаму, со оглед дека биле објавени во особено деликатен момент, можело да се очекува статиите напишани од апликантот да нанесат значителна штета на интересите на швајцарските власти.
Во однос на однесувањето на апликантот, тој како новинар не можел да не биде свесен дека обелоденувањето на извештајот е казниво според Кривичниот законик. Прашањето дали формата на статиите била во согласност со правилата на новинарската етика има големо значење. Содржината на статиите јасно била редуктивна и скратена, а јазикот што бил употребен имал тенденција да сугерира дека забелешките на амбасадорот се антисемитски. Апликантот, на каприциозен начин, пуштил гласина, која несомнено придонела кон оставката на амбасадорот и која директно се однесувала на еден од самите феномени што се во коренот на прашањето на непобараните средства, имено ѕверствата извршени против еврејската заедница за време на Втората светска војна. Судот ја потврди потребата од цврсто постапување со тврдењата и/или инсинуациите од таа природа. Исто така, начинот на кој статиите биле редактирани, со сензационалистички наслови, изгледаше дека не соодветствува на предмет кој е толку значаен и сериозен како што се непобараните средства. На крај, статиите на апликантот, исто така, биле непрецизни и можело да се очекува да го доведат читателот во заблуда.
Во такви околности, а со оглед на фактот дека една од статиите била објавена на првата страница на тиражен швајцарски весник што излегува во недела, Судот го сподели мислењето на швајцарската влада и на Советот за печатени медиуми дека главна намера на апликантот не била да се информира јавноста за тема од општ интерес туку да направи од извештајот на амбасадорот предмет на непотребен скандал. Скратената и редуктивната форма на предметните статии, за кои можело да се очекува да го доведат читателот во заблуда во однос на личноста и способностите на амбасадорот, значително го одвлекле вниманието од значењето на неговиот придонес во јавната дебата заштитена со член 10. На крај, Судот смета дека паричната казна што му била одредена на апликантот не е диспропорционална на целта што требаше да се постигне.
Заклучок: нема повреда (дванаесет наспроти пет гласови).
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l'Europe/Cour européenne des droits de l'homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l'homme sont le français et l'anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme du Conseil de l'Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l'homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l'a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l'affaire soit cité en entier et s'accompagne de l'indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l'homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l'adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy