© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ STUMMER против АВСТРИЈА
(Жалба бр. 37452/02)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
7 јули 2011
Оваа пресуда е конечна но, може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Stummer против Австрија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет, во состав:
Jean-Paul Costa, Претседател,
Nicolas Bratza,
Peer Lorenzen,
Françoise Tulkens,
Josep Casadevall,
Corneliu Bîrsan,
Anatoly Kovler,
Elisabeth Steiner,
Alvina Gyulumyan,
Dean Spielmann,
Sverre Erik Jebens,
Dragoljub Popović,
Giorgio Malinverni,
George Nicolaou,
Ann Power,
Kristina Pardalos,
Vincent A. de Gaetano, судии,
и Vincent Berger, Јурисконсулт,
Заседавајќи на затворени седници на 3 ноември 2010 и 25 мај 2011,
Ја донесува следната пресуда, која беше усвоена на второспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 37452/02) против република Австрија, поднесена до Судот во согласност со член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“), од австриски државјанин, г-н Ernst Walter Stummer („жалителот“), на 14 октомври 2002.
2. Жалителот, на кого му беше доделена правна помош, беше застапуван од г-н A. Bammer, адвокат од Виена. Австриската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот Агент, Амбасадорот H. Tichy, Раководител на одделението за меѓународно право во Сојузното Министерство за европски и меѓународни прашања.
3. Жалителот се жалеше дека тој бил дискриминиран затоа што не бил осигуран во системот за старосна пензија како затвореник кој работи и последователно му била оневозможена пензија. Тој се жалеше по член 4 и во суштина исто така и по член 14, земен или во врска со член 4 или со член 1 од Протокол бр. 1.
4. Жалбата беше распределена на Првиот оддел на Судот (правило 52 § 1 од Правилникот на Судот). На 11 октомври 2007 беше прогласена за допуштена од страна на Судски совет на тој оддел составен од следните судии: Christos Rozakis, Anatoly Kovler, Elisabeth Steiner, Khanlar Hajiyev, Dean Spielmann, Sverre Erik Jebens и Giorgio Malinverni, како и од Søren Nielsen, Секретар на оддел. На 18 март 2010 Судски совет на тој оддел, составен од следните судии: Christos Rozakis, Anatoly Kovler, Elisabeth Steiner, Dean Spielmann, Sverre Erik Jebens, Giorgio Malinverni и George Nicolaou, како и од Søren Nielsen, Секретар на оддел, отстапи надлежност на Големиот судски совет, а ниту една од странките не приговори на отстапувањето на надлежност (член 30 од Конвенцијата и правило 72).
5. Составот на Големиот судски совет беше определен според одредбите на член 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и правило 24 од Правилникот на Судот.
6. И жалителот и Владата доставија дополнителни писмени опсервации за основаноста на жалбата (правило 59 § 1).
7. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 3 ноември 2010 (правило 59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-ѓаB. Ohms,Заменик агент,
г-ѓаI. Köck,Адвокат,
г-нE. D’Aron,
г-ѓаA. Jankovic,Советници;
(б) за жалителот
г-нA. Bammer,Адвокат.
Судот слушна обраќања од г-ѓа Ohms и г-н Bammer, како и одговори од страна на г-ѓа Ohms, г-ѓа Köck и г-н Bammer на прашања поставени од судиите.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
8. Жалителот е роден во 1938 и живее во Виена. Тој има поминато дваесет и осум години од својот живот во затвор. Додека бил во затвор тој долго време работел во затворската кујна или затворската пекарница. Како затвореник кој работи тој не бил осигуран во системот за старосна пензија според Законот за општо социјално осигурување. Сепак, почнувајќи од 1 јануари 1994 тој бил осигуран во системот за осигурување при невработеност во однос на времето за кое работел во затвор.
9. На 8 февруари 1999 жалителот поднел барање за предвремено пензионирање до Канцеларијата за пензиско осигурување на работници (Pensionsversicherungsanstalt der Arbeiter – „Канцеларијата за пензија“).
10. Со одлука од 8 март 1999 Канцеларијата за пензија го одбила неговото барање врз основа на тоа што жалителот немал 240 месеци на осигурување, потребниот минимум за предвремено пензионирање. Листа на периодите во кои бил осигуран жалителот, почнувајќи од октомври 1953 до февруари 1999, била приклучена кон одлуката. Според листата, жалителот бил осигуран само 117 месеци. Листата покажувала долги периоди во кои не биле плаќани придонеси. Посебно од мај 1963 до мај 1964, од јули 1965 до септември 1968, од јуни 1969 до јануари 1974, од април 1974 до март 1984, од јуни 1984 до мај 1986 и од февруари 1987 до април 1994. Помеѓу мај 1994 и февруари 1999 повеќе месеци, во текот на кои жалителот примал придонеси за невработеност или исплати за итна помош според Законот за осигурување при невработеност, биле пресметани како заменски периоди.
11. Потоа, жалителот поднел тужба против Канцеларијата за пензија до Судот за труд и социјални прашања во Виена (Arbeits- und Sozialgericht). Тој тврдел дека тој работел дваесет и осум години во затвор и дека бројот на месеци кои ги одработил во текот на тоа време требало да се пресметаат како месеци во ккои бил осигуран при одлучување за неговите пензиски права.
12. На 4 април 2001 Судот за труд и социјални прашања го одбил тужбеното барање на жалителот. Потврдил дека жалителот не го исполнувал потребниот минимум на месеци под осигурување. Повикувајќи се на член 4(2) од Законот за општо социјално осигурување, судот воочил дека затворениците кои вршеле задолжителна работа додека ја служеле својата казна не биле осигурани со системот за задолжително социјално осигурување. Според судската пракса на Врховниот суд (пресуда 10 ObS 66/90 од 27 февруари 1990 и пресуда 10 ObS 52/99s од 16 март 1999), нивната работа, која одговарала на законска обврска, се разликувала од работата која ја извршувале работници врз основа на договор за работа. Разликата во постапувањето според законот за социјално осигурување не покажувала изгледи на дискриминација.
13. Жалителот, сега со помош на адвокат, изјавил жалба. Тој тврдел посебно дека со формулацијата на член 4(2) од Законот за општо социјално осигурување не се правела разлика помеѓу работа врз основа на законска обврска и работа врз основа на договор. Дотолку повеќе, тој тврдел дека разликата не било објективно оправдана. Почнувајќи од 1993, затворениците кое работеле биле осигурани во системот за осигурување при невработеност. Според жалителот немало причина тие да не се поврзани со системот на старосна пензија.
14. На 24 октомври 2001 Апелациониот суд (Oberlandesgericht) во Виена ја одбил жалбата на жалителот. Тој заклучил дека Судот за работни и социјални прашања правилно го применил правото. Според воспоставената судска пракса на Врховниот суд, затворениците кои вршеле задолжителна работа не требало да се третираат како вработени во смисла на член 4(2) oд Законот за општо социјално осигурување и затоа не биле осигурани во системот за задолжително социјално осигурување. Фактот што, од измената на Законот за извршување на санкции од 1993, затворениците биле осигурани во системот за осигурување при невработеност не бил одлучувачки во однос на прашањето за нивно осигурување во системот за старосна пензија. Во суштина, жалителот поставил прашање од правна или социјална политика. Сепак, не била на судовите туку на законодавното тело да одлучи дали да ги измени одредбите во врска со социјално осигурување на затвореници. Во врска со тоа, Апелациониот суд воочил дека немал сомнежите како жалителот во однос на противуставноста на неосигурувањето во системот за старосна пензија на затворениците кои работат.
15. На 12 февруари 2002 Врховниот суд (Oberster Gerichtshof) ја одбил ревизијата на жалителот. Неговата пресуда му била доставена на жалителот на 6 мај 2002.
16. На 29 јануари 2004 жалителот ја отслужил својата последна законска казна. Потоа, тој добил надоместоци за невработенот до 29 октомври 2004 и, после нивното истекување, примал исплати на итна помош (Notstandshilfe). Според зборовите на адвокатот на расправата, жалителот во моментот прима околу 720 евра (EUR) месечно (EUR 15.77 дневно плус EUR 167 месечно како исплати за итна помош EUR 87 како надоместок за неговите трошоци за станарина).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСA
A. Законот за општо социјално осигурување
17. Основата на австрискиот систем на социјално осигурување е поставена со два закони: Законот за општо социјално осигурување (Allgemeines Sozialversicherungsgesetz) и Законот за осигурување при невработеност (Arbeitslosenversicherungsgesetz). Австриското право за социјално осигурување е засновано на принципот на придонеси.
1. Општи правила
18. Законот за општо социјално осигурување се однесува на здравствено осигурување, осигурување од незгоди и пензиско осигурување.
19. Член 4 од Законот за општо социјално осигурување го регулира задолжителното осигурување во системот на социјално осигурување. Според член 4(1)(1), вработените се приклучени на системот за здравствено и осигурување од незгоди и на системот за старосна пензија. Член 4(2) дефинира работник како секое лице кое работи за плата во однос на лична и економска зависност. Понатамошен услов за задолжително осигурување е платата да надминува определен праг (Geringfügigkeits-grenze). Во моментот тој износ е поставен на EUR 366.33 месечно (член 5(2)).
20. За вработен кој е осигуран во системот на социјално осигурување, задолжителни придонеси мора да бидат платени во еден дел од страна на неговиот работодавач, а останатиот од страна на работникот.
21. Член 17(1) предвидува дека лицата кои повеќе не се осигурани со задолжително осигурување во системот за социјално осигурување може да продолжат да плаќаат придонеси доброволно (freiwillige Weiterversicherung) ако тие биле осигурени најмалку дванаесет месеци во претходните дваесет и четири месеци во системот или најмалку три месеци во секоја од претходните пет години. Придонесите можат во одредени граници да бидат намалени ако економските услови на засегнатото лице оправдуваат такво намалување.
22. Правото на старосна пензија произлегува се стекнува кога лицето кое ќе достигне возраст за пензија има собрано доволен број на осигурени месеци, имено најмалку 180 месеци, или во случај на предвремено пензионирање, 240 месеци. При пресметувањето на бројот на осигурени месеци, одредени периоди во кои не се вршела платена работа, и затоа и не се плаќале придонеси, и покрај тоа се земаат во предвид како заменски периоди (Ersatzzeiten), на пример периоди на одгледување на деца, воена служба или невработеност.
23. Износот на старосната пензија, зависи воглавно од бројот на осигурени месеци и нивото на придонеси кои биле платени. Ако пензијата пресметана на тој начин не достигнува определено минимално ниво, кое во моментот изнесува EUR 783.99 месечно за двојка, дополнителна исплата се додава со цел да се достигне тоа минимално ниво.
2. Положба на затворениците
24. Во текот на затворска казна која е подолга од еден месец, правата од здравствено осугурување од незгоди и пензиско осигурување се прекинати (член 78 од Законот за општо социјално осигурување). Средствата за егзистенција на затворениците се обезбедуваат од затворските власти. Исто така, нивното здравствена грижа и грижа во случај на незгода мора да бидат обезбедени од страна на државата во согласност со Законот на извршување на санкции (види подолу параграфи 41 и 44).
25. Како принцип, затворениците кои работат не се осигурени во општиот систем за социјално осигурување. Според судската пракса на Врховниот суд, затворениците кои работат не се третираат како работници во смисла на член 4(2) од Законот за општо социјално осигурување.
26. Во пресуда од 27 февруари 1990 (10 Obs 66/90) Врховниот суд разгледал жалба од поранешен затвореник против одлука со која му била одбиена инвалидска пензија врз основа на тоа што тој не ги имал собрано потребниот број на осигурени месеци. Врховниот суд одлучил како што следува:
„Според едногласното правно мислење на надлежното Сојузно министерство (Collection of Publications in social insurance matters, SVSlg 19.570), Административен суд (2.2.1972, 782/71 and 62/72, VwSlgNF 8162 = SVSlg 21.171) и Апелациониот суд во Виена (SVSlg 8.868, 21.172, 26.918, 30.930 and 32.418), оваа работа, која се врши повеќе врз основа на законска отколку на доброволно прифатена должност за работење, не спаѓа во опсегот на системот за задолжително осигурување. Правните аналитичари исто така го преферираат толкувањето дека законот за социјално осигурување, предвидува дека договорите за работа се склучуваат доброволно. Услугите кои се задолжителни според јавното право не се засновани на било каков договор за работа. Затоа, работа која се врши во контекстот на извршување на санкции не може да биде подведена под ч.4(2) од Законот за општо социјално осигурување (види Krejci-Marhold во Tomandl, SV-System 3. ErgLfg 46; MGA ASVG 49. ErgLfg 125; Krejci во Rummel, ABGB § 1151 Rz 16). Во неговата пресуда од 26 ноември 1971 (B 128/71, VfSlg 6582 = SVSlg 21.170), Уставниот суд одлучил дека одлуката на законодавното тело дека работата извршувана во контекстот на извршување на санкции – затоа што потребното доброволно прифаќање на конкретна работна должност кој е обврзувачка за да се склучи договор за работа кој наложува плаќање на придонеси за социјално осигурување не била присутна – не го прекршувал принципот на еднакво постапување.
...
Лекарската грижа која им следува на затворениците во согласност со ч. 66 et seq. од Законот за извршување на санкции и придонесите кои ним им следуваат, во согласност со ч. 76 et seq. од тој Закон, после незгоди на работно место или болести во смисла на ч. 76(2-4) од тој Закон, предвидуваат за оваа категорија на лица законски систем за здравствено и осигурување од незгода адаптиран на затворскиот контекст.
Фактот што затворениците исто така, во контекст на нивната должност за работа – поинаква од, на пример, односот работник-работодавач – не се осигурени со задолжително осигурување според законскиот пензиски систем може да се оправда врз основа на гореспоменатите суштински разлики во односот и соодветно – како што било заклучено од Уставниот суд во неговата пресуда – не го прекршува принципот на еднакво постапување.
Време поминато во притвор пред судење или извршување на затворска казна или превентивен притвор, според Законот за општо социјално осигурување, ќе биде сметано како време за задолжителни придонеси само ако тие мерки билеодредени од политички причини - освен нацистичка активност – или врз религиска основа или основа на потекло (ч. 500 и ч.502(1)) или ако австриски суд (во согласност со Законот за компензација (кривична постапка) донел обврзувачка одлука во однос на време поминато во затвор прифаќајќи тужбено барање за надомест на штета за затвор или осуда (ч. 506a). Таквите временски периоди, кои се сметаат за валидни периоди на задолжителни придонеси, треба да се сметаат во првиот случај зкако да не е наложено плаќање на придонеси (ч. 502(1) трета реченица); во второспоменатиот случај Сојузната држава ќе ги плаќа соодветните придонеси на релевантната осигурителна институција (ч. 506a втора реченица). Целта и во двата случаи да се надомести за претрпените непогодности според правото за социјално осигурување кои повеќе произлегле од социјално прифатлици причини токолу од лишување на слобода или виновно однесување. Проширување на овие исклучителни одредби на време поминато во затвор врз основа на казниво однесување би било спротивно со принципот на еднакво постапување. Признавањето на таквите периоди како заменски периоди би било исто така спротивно на принципот на еднакво постапување, од слични причини. ... Затворениците за кои горенаведените исклучоци според ч. 502(1) и ч. 506a не важат нема на тој начин да соберат, во контекст на нивната должност за работа, ниту периоди на придонеси според системот за задолжително осигурување ниту заменски периоди. Тие не се, сепак, спречени со извршувањето на санкции да продолжат да плаќаат придонеси во системот за старосна пензија според ч. 17 и да собираат периоди на придонеси преку плаќање на доброволни придонеси, каде продолженото осигурување, по барање на осигуреникот, се додека тоа се чини оправдано врз основа на неговата или нејзината економска ситуација, ќе бидат дозволени, според ч. 76a(4), на пониско ниво на придонеси од тоа предвидено во ч. (1-3) од таа одредба. Во согласност со ч. 75(3) од Законот за извршување на санкции,, затворениците треба да бидат информирани за можностите и предностите на, помеѓу останатото, опционото продолжено осигурување, и ним им е исто така дозволено да користат средства за плаќање на придонеси кон системот на социјалното осигурување кои инаку не им се достапни во текот на извршувањето на нивната санкција. Врз основа на многу флексибилното продолжено (види ч. 17(7-8)) – посебно во однос на почетокот, крајот и утврдувањето на месеците на придонеси – затвореник може исто така да собере понатамошни месеци на придонеси со цел да го достигне потребниот број на месеци и/или да добие повисока пензиска основица. Во врска со тоа не треба да биде занемарен фактот дека ако се земе дека затвореник е осигуран според системот за инвалиска и старосна пезнија во однос на работата извршена во текот на извршувањето на санкција, придонеси ќе треба соодветно да бидат платени за релевантните периоди. Освен според ч. 506a, според кој Сојузната држава мора да плати придонеси кои одговараат на тие периоди за придонеси (како дел од системот за кривична надомест на штета) на релевантната осигурителна институција, државен придонес не би бил соодветен овде. ... Не било разумно во такви случаи да се очекува заедницата на осигурени лица да прифати дека периоди за кои не биле платени придонеси треба да доведат до пензиски права; затворениците ќе мора да ги плаќаат тие придонеси, за да позицијата не бе се разликувала суштински од дополнително осигурување. Затоа, ако законодавното тело има одлучено дека работата извршена во контекст на должноста на затвореникот да работи не може во основа да доведе до периоди на задолжителни придонеси или заменски периоди и, во светло на тоа, има преземено мерки само за гореспоменатите исклучоци, таа одлука е заснована на објективни согледувања.
Затоа, Врховниот суд нема сомневања во однос на уставноста на законските одредби применливи во конкретниот случај.“
27. Во пресуда од 16 март 1999 (10 ObS 52/99s) Врховниот суд ја потврдил својата претходна пресуда.
28. Со цел да се пресмета право на старосна пензија, временски периоди поминати во затвор се земаат во предвид само во специфични околности дефинирани во Законот за општо социјално осигурување. На пример, периоди поминати во затвор за кои бил доделен надомест на штета според Законот за надомест на штета (од кривична постапка) (Strafrechtliches Entschädigungsgesetz) се пресметуваат како заменски периоди.
Б. Закон за осигурување при невработеност и релевантна пракса
29. Работниците се исто така осигурени со системот за осигурување при невработеност. Задолжителни придонеси мора да бидат платени делумно од страна на работодавачот и делумно од страна на работникот.
30. Од измената од 1993 на Законот за осигурување при невработеност, затворениците кои вршат работа во согласност со член 44(1) од Законот за извршување на санкции се осигурени со системот за осигурување при невработеност врз основа на член 66a од Законот за осигурување при невработеност. Делот на придонеси на работникот треба да се плати од платата на затвореникот, ако платата га надминува определениот праг, додека пак делот на работодавачот треба да се плати од државата, преку Министерството за правда. Измената влезе во сила на 1 јануари 1994.
31. Што се однесува на измената на законот, која била дел од пошироката реформа на системот за извршување на санкции, Парламентарниот комитет за судство (Justizausschuß) сметал дека осигурување на затворениците кои работат со системот за осигурување при невработеност претставувало прв чекор кон нивна целосна интеграција во системот за социјално осигурување. Комитетот за судство нагласил дека осигурување на затворениците кои работат со системот за осигурување при невработеност бил важен чекор кон зголемувањето на нивните шанси за реинтеграција во општеството и намалувањето на изгледите за рецидвизам (види 1253 Анекс кон Записникот на Националниот совет (Beilagen zu den Stenographischen Protokollen des Nationalrates), XVIII.GP).
32. Правата според Законот за осигурување при невработеност вклучуваат пристап на курсеви за обука, помош за барање работа, и плаќање на надоместоци за невработеност (кои во определена мерка се поврзани со претходната плата) за определен период. После истекувањето на надоместоците за невработеност, осигуреното лице има право на исплата за итна помош, која е предвидена за да одбезбеди минимален износ на средства за егзистенција. Итната помош ќе се плаќа и понатаму откако лицето ја достигнало возраста за пензионирање ако не му е признаено право на пензија.
33. На расправата [пред Судот] Владата ги достави следните информации за процентот на затвореници кои работат и затвореници кои примаат надоместоци за невработеност после нивното пуштање на слобода:
- во 2009, 12,460 лица биле затворени, од кои 8,903 (приближно 71%) работеле и затоа биле осигурани со осигурување за невработеност. Само 2,490 од тие затвореници кои работат фактички плаќале придонеси затоа што заработувале повеќе од потребното минимално ниво, а останатите не морале да плаќаат придонеси;
- помеѓу 1 јануари и 30 јуни 2010, 9,477 лица биле затворени, 6,791 (приближно 71%) од кои работеле и затоа биле и осигурани со осигурување за невработеност. Само 1,879 од тие затвореници кои работат фактички плаќале придонеси затоа што заработувале повеќе од потребното месечно минимално ниво, а останатите не морале да плаќаат придонеси;
- помеѓу 1 јануари 2009 и 30 јуни 2010, 2,086 ги исполнувале условите да примаат надоместоци за невработеност врз основа на фактот што тие биле осигурани во системот на осигурување при невработеност во текот на нивната затворска казна; 1,898 од нив побарале надоместоци за невработеност после нивното пуштање на слобода, примајќи просечен надоместок од EUR 21.09 дневно (општиот просек е EUR 26.90 дневно).
В. Социјална помош
34. Социјалната сигурност е надополнета со социјална помош определена врз основа на тоа дали лицето е материјално обезбедено. Таа е предвидена за да им обезбеди на лицата кои ги немаат потребните средства (лични средства или права од осигурување за старосна пензија или осигурување при невработеност) за минимален приход со цел да ги задоволоат нивните основни потреби.
35. На 1 септември 2010 нов систем, имено системот на минимален приход (bedarfsorientierte Mindestsicherung), влезе во сила, заменувајќи ја социјалната помош. Тој гарантира минимален приход на сите лица кои сакаат и се способни да работат или тие кои имаат над шеесет и пет години а немаат средства за егзистенција. Износот е усогласен со минималната пензија.
Г. Законот за извршување на санкции и релевантна пракса
36. Според член 44(1) од Законот за извршување на санкции (Strafvollzugsgesetz), сите затвореници кои се способни за работа се должни да ја извршуваат работата која им била доделена.
37. Член 45(1) ги обврзува затворските власти да му обезбедат на секој затвореник корисна работа. Параграфот 2 ги прецизира различните видови на работа кои можат да им бидат распределени на затворениците. Во нив спаѓаат, помеѓу останатото, задачи кои треба да се извршуваат во затворот, работење за органи на јавна власт, работење за хуманитарни организации, и работење за приватни работодавачи.
38. Според член 46(3), затворските власти може да склучат договори со приватни работодавачи за работа на затворениците.
39. Според член 51, Сојузната држава (der Bund) ги прима исплатите за работата на затворениците.
40. Затворениците кои ја извршуваат нивната работа задоволително имаат право на плата. Износите на платата – по час и тип на работа –се поставени во член 52(1). Моменталните износи се како што следува:
- за лесна неквалификувана работаEUR 5.00
- за тешка неквалификувана работаEUR 5.63
-за мануелна работаEUR 6.26
- за квалификувана работаEUR 6.88
- за работа извршувана од квалификувани работнициEUR 7.50
41. Затворските власти мора да обезбедат доволно средства за егзистенција на затворениците (член 31).
42. Според член 32, сите затвореници мора да придонесат за трошоците на извршувањето на нивната санкција освен ако не спаѓаат во опсегот на определени исклучоци. Ако затвореникот работи, придонесот изнесува 75% од неговата или нејзината плата. Тој се одзема автоматски од платата.
43. Понатаму, делот од придонесот на работникот за системот на осигурување при невработеност се одзема од платата на затвореникот. Остатокот од платата на затвореник се користи на следниот начин: една половина му се дава на затвореникот како „пари за во затворот“ а другата половина се чува како заштеда која затвореникот ја добива при неговото пуштање на слобода (член 54).
44. Здравствената грижа и грижата при незгоди за затворениците треба да се обезбедат од страна на затворските власти според членовите 66 et seq. и 76 et seq. од Законот за извршување на санкции. Во суштина, правото на здравствена грижа и грижа при незгоди одговара на правото според Законот за општо социјално осигурување.
45. Ако затворениците ја одбијат работата која им била доделена, тоа претставува прекршок според член 107(1)(7) од Законот за извршување на сакции. Казните наведени во член 109 се движат од опомена, или намалување или отповикување на определени права (на пример, правото на употреба на „парите за во затвор“, на гледање телевизија, на испраќање и примање на дописи или телефонски повици), до парична казна или домашен притвор (самица).
46. Според информациите доставени од Владата, повеќе од 70% од затворениците во Австрија во моментот работат. Како резултат на обврските од затворската рутина, просечниот работен ден е помеѓу шест и шест часа и триесет минути. Сепак, времето кое затвореник го поминува примајќи терапевтски или социјален третман се смета и се наплатува како работно време до максимум пет часа неделно.
III. РЕЛЕВАНТНИ МЕЃУНАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ
A. Инструменти на Обединетите нации
1. Конвенција за принудна работа (бр.29) на Меѓународната организација на трудот
47. Конвенција за принудна работа (бр.29) беше усвоена на 28 јуни 1930 од страна на Општата конференција на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и влезе во сила на 1 мај 1932. Член 2, во онаа мерка во која е релевантен во конкретниот контекст, предвидува како што следи:
„1. За целите на оваа Конвенција терминот принудна или задолжителна работа ќе ја означува секоја работа или служба која е изнудена од било кое лице под закана за каква било казна и за која споменатото лице не се понудило себеси доброволно.
2. Сепак, за целите на оваа Конвенција, терминот принудна или задолжителна работа нема да вклучува
...
(в) било каква работа или служба изнудена од било кое лице како последица на пресуда од страна на суд, под услов таа работа или служба да се извршува под надзор и контрола на јавен орган и дека споменатото лице не е вработено или ставено на распологање на приватни лица, компании или здруженија.“
Меѓународната конференција на трудот (годишното собрание на државите членки на МОТ) на нејзината 96-та сесија, 2007, спроведе Општа преглед во однос на Конвенцијата за принудна работа (бр.29) врз основа на извештај на Комитетот на експерти за примена на конвенции и препораки („Комитетот“).
Извештајот се осврнал, помеѓу останатото на прашањето на затворска работа за приватни претпријатија. Воочувајќи дека затворска работа за приватните работодавачи била забранета со член 2 (2)(в) од Конвенцијата бр. 29, Комитетот заклучил дека би можеле да постојат услови во кои, и покрај нивните околности, би можело да се смета дека затворениците се пријавиле себеси доброволно работа кај приватен работодавач и без закана од каква било казна. Во врска со тоа, покрај писмена согласност од страна на затвореникот, услови кои се слични на однос на слободна работа (во смисла на висина на плата, социјална сигурност и безбедност при работа и здравје) биле сметани како најверодостојниот индикатор за доброволниот карактер на работата. Ако таквите услови биле исполнети, работата на затвореници за приватни претпријатија требала да се смета дека не потпаѓа под дефиницијата на принудна работа од член 2 (1) и последователно дека е надвор од опсегот на Конвенцијата бр. 29 (§§ 59-60 and §§ 114-116).
2. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (ICCPR)
48. ICCPR беше усвоен на 16 декември 1966 со Резолуцијата 2200A (XXI) на Генералното собрание на Обединетите нации и влезе во сила на 23 март 1976. Член 8, во онаа мерка во која е релевантен за конкретниот случај, гласи како што следи:
“3 (а) Никој нема да биде обврзан да извршува принудна или задолжителна работа;
(б) Параграфот 3 (a) нема да се разбере дека го исклучува, во земјите каде затворска казна заедно со тешка работа може да биде изречена како казна за кривично дело, вршењето на тешка работа при извршување на таква казна од страна на надлежен суд;
(в) За целите на овој параграф терминот ‘принудна или задолжителна работа’ нема да вклучува:
(i) Секоја работа или служба, која не е спомената во подпараграф (б), која е вообичаено наложена на лице кое е во затвор како последица на законска наредба на суд, или на лице кое е на условен отпуст од таков затвор;
...”
Б. Материјали на Советот на Европа
1. Европски затворски правила [Еuropean Prison Rules]
49. Европските затворски правила се препораки на Комитетот на министри до државите членки на Советот на Европа во однос на минималните стандарди кои треба да се применуваат во затворите. Државите се охрабруваат да се раководат во законодавството и политиките од тие правила и да осигураат да ги пренесеат Правилата на нивните судски власти како и на вработените во затворите и затворениците.
(a) Европските затворски правила од 1987
50. Европските затворски правила од 1987 (Препорака бр. (87) 3 – „Правилата од 1987“) беа усвоени од Комитетот на министри на Советот на Европа на 12 февруари 1987.
51. Во делот I тие содржеа повеќе основни принципи, вклучувајќи го следните:
„1. Лишувањето од слобода ќе се спроведува во материјални и морални ускови кои обезбедуваат почит за човековото достоинство и се во согласност со овие правила.
...
3. Целта на постапувањето со лица во затвор ќе биде да се одржи нивното здравје и самопочит и, колку што дозволува должината на казната, да се развие нивното чувство за одговорност и да се охрабрат тие ставови и способности кои ќе им помогнат да се вратат во општеството со најголеми шанси да водат живот на почитување на законот и автономен живот после нивното пуштање на слобода.
...”
52. Во делот IV, цели на третман и режими, се содржани следните правила:
„64. Затворањето е преку лишувањето од слобода само по себе казна. Условите во затвор и затворските режими нема, затоа, освен повремено на оправдана сегрегација или одржување на дисциплината, да го отежнат страдањето кое е инхерентно во тоа.
65. Сите напори треба да бидат преземени за да се осигура дека режимите на институциите се предвидени и раководени за:
a. да осигураат дека условите за живот се компатибилни со човековото достоинство и прифатливите стандарди во заедницата;
б. да ги минимизаат штетните последици од затворот и разликите помеѓу животот во затвор и животот на слобода кои имаат тенденција да ја намалат самопочитта или чувството на лична одговорност на затворениците;
...”
53. Исто така во делот IV, под насловот „Работа“, се содржани следните правила:
„71.1. На работата во затвор треба да се гледа како позитивен елемент во третманот, обука и институционалното раководење.
2. Затворениците кои издржуваат казна може да бидат обврзани да работат, во зависност од нивната физичка и ментална способност утврдена од страна на лекарски работник.
3. Доволен обем на корисна работа, или на соодветни наменски активности ќе бидат обезбедени за да бидат затворениците активно вработени во нормален работен ден.
4. Колку што е можно повеќе дадената работа ќе бидеа таква за да ја одржува или зголемува способноста на затвореникот да заработува за живот после пуштањето на слобода.
...
72. Организацијата и методите на работа во инситуциите ќе се слични колку што е можно повеќе на тие на слична работа во заедницата за да ги подготват затворениците за услови на нормален работен живот. ...
...
74.1. Мерки на предострожност за сигурност и здравјето на затворениците ќе бидат слични на тие кои се применуваат на работници надвор од затвор.
2. Ќе се преземат мерки за да се обештетат затворениците против индустриска повреда, вклучувајќи професионално заболување, под услови кои не се понеповолни од тие кои им се обезбедени со закон на работниците надвор од затвор
...
76.1. Ќе постои систем на правична плата за работата на затворениците.“
(б) Европските затворски правила од 2006
54. На 11 јануари 2006 Комитетот на министри на Советот на Европа усвои нова верзија на Европските затворски правила, Препорака Rec(2006)2 („Правилата од 2006“). Тој воочи дека Правилата од 1987 „требало суштински да се ревидираат и ажурираат со цел да го одразат равојот кој настанал во казнената политика, праксата на изрекување санкции и вкупното раководење на затворите во Европа“.
55. Правилата од 2006 ги содржат во делот I, следните основни принципи, помеѓу останатото:
„2. Лицата лишени од слобода ги задржуваат сите права кои не им се законски одземени со одлуката со која осудуваат на казна затвор или со која им се одредува притвор.
3. Ограничувањата наметнати на лицата лишени од слобода ќе бидат оние кои се минимално потребни и соодветни на легитимната цел за која се наметнати.
...
5. Животот во затвор ќе се приближува колку што е можно повеќе на позитивните аспекти на животот во заедницата.
6. Секое затворање ќе биде спроведувано на начин да ја олесни интеграцијата во слободното општество на лицата кои се лишени од слобода.“
Коментарот на Правилата од 2006 (подготвен од страна на Европскиот комитет за проблеми поврзани со кривични дела [European Committee on Crime Problems] (CDPC)) воочил дека Правилото 2 нагласувало дела губењето на правото на слобода не требало да води до претпоставка дека затворениците автоматски губат други политички, граѓански, социјални, економски и културни права, така што ограничувањата треба да бидат колку што е можно помалку. Правилото 5, се забележува во коментарот, ги нагласува позитивните аспекти на нормализацијата, признавајќи дека, иако животот во затвор не може никогаш да биде ист како животот во слободното општество, активни мерки треба да бидат преземени за да се направат условите во затворот колку што е можно послични на нормалниот живот. Коментарот понатаму наведува дека правилото 6 „признава дека затворениците, и оние за кои судењето сѐуште трае и оние на кои им е изречена казна, на крај ќе се вратат во заедницата и животот во затворот мора да биде организиран со имање обзир за тоа“.
56. Во делот („Услови во затвор“), правилото 26 од Правилата од 2006 ги регулира различните аспекти на работата во затвор. Во онаа мерка во која е релевантно за конкретниот случај, тоа гласи како што следи:
„26.1 На работата во затвор ќе и се пристапи како на позитивен елемент на режимот во затвор и никогаш нема да се користи како казна.
26.2 Затворските власти ќе настојуваат да обезбедат доволен обем на корисна работа.
26.3 Колку што е можно, работата која се дава ќе биде таква со која се одржува или зголемува способноста на затвореникот да заработува за живот после пуштањето на слобода.
...
26.7 Организацијата и методите на работа во институцците ќе наликуваат колку што е можно повеќе на тие на слична работа во заедницата со цел да се подготват затворениците за условите на нормален професионален живот.
...
26.9 Работа на затворениците ќе им биде обезбедена од страна на затворските власти, или од нив самите или во соработка со приватни изведувачи, во или вон затворот.
26.10 Во сите случаи ќе има правичма плата за работата на затворениците.
...
26.13 Мерки на предострожност за здравје и безбедност на затворениците ќе ги штитат соодветно и нема да бидат помалку строги од тие кои важат за работниците надвор од затворите.
26.14 Ќе се преземат мерки за да се обештетат затворениците од индустриска повреда, вклучително и професионално заболување, под услови кои не се понеповолни од оние кои им се обезбедени со домашното право на работниците надвор од затворот.
...
26.17 Колку што е можно, затворениците кои работат ќе бидат вклучени во националните системи на социјално осигурување.“
Коментарот за правилото 26 нагласува дека принципот на нормализација на работата во затвор во одредбите за здравје, безбедност, работно време и „дури и вклучување во националните системи за социјално осигурување“ треба да ги одразат тие кои се применуваат на работници надвор од затворот. Спротивно, Правилата од 1987, иако го содржат поимот на нормализација на работата во затвор, не го регулираат прашањето за вклучување на затворениците во националните системи за социјално осигурување.
57. Дел VII од Правилата од 2006 („Затвореници на кои им е изречена казна “) содржи понатамошни правила од однос на целта на режимот за затвореници на кои им е изречена казна:
„102.1 Покрај правилата кои важат за сите затвореници, за режимот за осудени затвореници ќе бидат предвидени за да им овозможат да водат одговорен и живот без кривични дела.
102.2 Затворот со лишувањето од слобода е казна сам по себе и затоа режимот на осудените затвореници нема да го отежнува страдањето кое е инхерентно на затворот.“
58. Исто така ја регулира работата како еден аспект на режимот на осудени затвореници. Правилото 105, во онаа мерка во која е релевантно за конкретниот случај, предвидува како што следи:
„105.2 Осудените затвореници кои не ја достигнале вообичаената возраст за пензионирање може да бидат обврзани да работат, во зависност од нивната физичка и ментална способност определена од лекар.
105.3 Ако осудените затвореници се обврзани да работат, условите на работа ќе се во согласност со стандардите и контролата кои важат во надворешната заедница.“
2. Европската социјална повелба
59. Европската социјална повелба, меѓународен договор на Советот на Европа кој беше усвоен во 1961 и ревидиран во 1996, исто така има определена важност за контекстот на конкретниот случај. Членот 1, кој го регулира правото на работа, предвидува:
„ Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работа, страните-договорнички се обврзуваат:
(1) да прифатат како една од своите основни цели и одговорности постигнување и одржување на највисоко и најстабилно можно ниво на вработеност, со цел постигнување на целосна вработеност;
(2) на ефикасен начин да го заштитуваат правото на работниците да заработуваат за живот преку слободно избрана работа;
...”
Европскиот комитет за социјални права, органот одговорен за мониторирање на почитувањето на Европската социјална повелба од страна на државите договорнички, го толкувал членот 1 § 2 дека значи дека работата во затвор мора да биде строго регулирана, во смисла на плата, работно време и социјална сигурност, посебно ако затвореницие работат за приватни фирми. Затворениците можат да бидат вработени од приватни претпријатија само ако на тоа се согласат и во услови колку што е можно послични на оние кои нормално се поврзуваат со однос од приватно вработување (види Кус приказ на праксата на Европскиот комитет за социјални права, 1 септември 2008, стр. 23).
В. Споредбено европско право
60. Од информациите со кои располата Судот, вклучувајќи преглед на споредбено право во кој беа земени во предвид националните закони на четиреесет од четириесет и седумте држави членки на Советот на Европа, се чини дека:
- во дваесет и пет држави членки затворениците, барем во некои околности, се обврзани да работат, имено Азербеџан, Република Чешка, Естонија, Финска, Грузија, Германија, Унгарија, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксемнбург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Црна Гора, Русија, Словачка, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Турција, Украина и Обединетото Кралство;
- дваесет и две држави членки им даваат на затворениците пристап до системот на старосна пензија, имено Албанија, Андора, Азербеџан, Хрватска, Кипар, Решублика Чешка, Финска, Франција, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Норвешка, Португалија, Русија, Словачка, Словенија, Швајцарија, поранешната југословенска Република Македонија, Турција, Украина и Обединетото Кралство. Во некои од овие држави затворениците не се автоматски осигурани со системот на осигурување (преку задолжителни придонеси или даночно намалување) туку само имаат можност за доброволно плаќање на придонеси;
- во дванаесет држави членки затворениците не се осигурени во системот на старосна пензија, имено Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Грузија, Грција, Унгарија, Малта, Црна Гора, Холандија, Романија и Србија;
- во трета група на држави членки осигурување во системот на социјално осигурување (вклучително и старосна пензија) зависи од видот на работата која ја извршувале, воглавно од тоа дали е работа за работавачи надвор од затворот/платена работа или не. Тоа е така во Германија, Луксемнбург, Полска, Шпанија и Шведска. Во Данска правото на старосна пезнија не е поврзано со работата и плаќањето на придонеси. Сите лица кои се на возраст за пензионирање имаат право на основна пензија;
- триесет и седум држави членки, значи, апсолутно мнозинство, им обезбедуваат на затворениците, или барем на определени категории на затвореници, некаков пристап до заштита преку социјално осигурување или преку нивно осигурување во општиот систем на социјално осигурување или делови од тој систем, или преку обезбедување на конкретен вид на осигурување или друга заштита.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 1 ОД ПРОТОКОЛ Бр. 1
61. Жалителот се жалеше дека исклучувањето на тие кои работат во затвор од осигурување во системот на старосна пензија било дискриминирачко. Тој се повикуваше во суштина на член 14, во врска со член 1 од Протокол бр.1.
62. Член 14 предвидува:
„Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
63. Член 1 од Протокол бр. 1 предвидува:
„Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да бпде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.
Претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.“
A. Аргументи на странките
1. Жалителот
64. Жалителот се повика на принципот дека лишувањето од слобода е казна сама по себе и дека мерките кои се однесуваат на еден затвореник не треба да го отежнуваат страдањето кое е инерентно на казната затвор. Тој тврдеше дека исклучувањето на затворениците кои работат од осигурување во системот на старосна пензија било спротивно на тој принцип затоа што создавало долгорочни последици и по отслужувањето на затворската казна.
65. Понатаму, тој тврдеше дека затворениците кои работат биле во иста ситуација како и останатите работници во однос на потребата материјално да се обезбедат за старост преку социјално осигурување. Толкувањето на домашните судови на член 4(2) од Законот за општо социјално осигурување, имено морало да се прави разлика помеѓу доброволна работа врз основа на обичен договор за работа и работата на затворениците извршувана во исполнување на нивната законска обврска за работа, не било убедлива причина за нивното исклучување од осигурување во системот на старосна пензија.
66. Двете ситуации не се разликувале фундаментално според тврдењето на жалителот. Во реалноста, големото мнозинство од луѓето кои се на слобода биле исто така обврзани да работат, ако не со закон, тогаш од неопходноста да заработат за живот. Работата, без разлика дали е извршувана во и надвор од затворскиот контекст, секогаш служела за разновидни цели покрај финансискиот аспект на платата. Видовите на работа извршувани од затворениците не се разликувале фундаментално од видовите на работа извршувани од останатите лица. Накусо, исклучувањето на затворениците кои работат од осигурување во системот на старосна пензија не било засновано на каква било фактичка разлика и затоа налагало оправдување.
67. Според мислењето на жалителот, такво оправдување немало. Прво, исклучувањето на затворениците кои работат не служело за исполнување на легитимна цел. Во делот во кој Владата се повикала на тешката финансиска ситуација на системот на социјално осигурување, буџетски согледувања сами по себе не можеле да бидат доволни за да исклучат една ранлива група од социјална заштита.
68. Второ, жалителот тврдеше дека Владата не покажала објективни и разумни основи за разликата во постапувањето. Посебно, тој го оспори аргументот на Владата дека затворениците кои работат не можеле да платат доволни придонеси и дека пресметувањето на периодите на работење во затвор како осигурени периоди затоа би им дала на затворениците неоправдана привилегија во споредба со обичните работници кои морале да ги плаќат сите придонеси за социјално осигурување. Со оглед на тоа што, врз основа на член 51 од Законот за извршување на санкции, државата ги примала приходите од работата на затворениците, можело основано да се очекува таа да плаќа придонеси за социјално осигурување. Следниот аргумент на Владата во однос на тоа дали временските периоди во затвор можело оправдано да се сметаат како заменски периоди затоа не бил релевантен.
69. Во однос на можноста затворениците доброволно да плаќаат придонеси кон пензискиот систем според член 17 од Законот за општо социјално осигурување, жалителот тврдеше дека многу затвореници не го исполнувале условот да имаат доволен број на осигурени месеци во претходните периоди. Дотолку повеќе, трошоците на доброволното осигурување вообичаено биле повисоки од ограничените финансиски ресурси на затворениците, затоа што 75% од нивната скромна заработувачка се користеле за придонес кон трошоците за извршувањето на нивната санкција, според член 32 од Законот на извршување на санкции.
2. Владата
70. Владата тврдеше пред сѐ и над сѐ дека неповрзувањето на затворениците кои работат со системот на старосна пензија не било дискриминирачко во смисла на член 14 од Конвенцијата, затоа што затворениците кои работат не биле во аналогна ситуација со обичните работници.
71. Таа даде детален опис на организацијата на работата во затворите во Австрија, нагласувајќи дека затворската работа служела за остварување на примарната цел на реинтеграција и ресоцијализација. Таа воочи дека релевантните стандарди на Советот на Европа, како и последниот извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (CPT) во однос на Австрија, ја признавале важноста на работата за давање на затворениците на прилика да ги зачуваат или подобрат нивните професионални способности, давајќи им целесообразна активност и структурирана дневна рутина за да се направи нивната затворска казна издржлива и за да се подготват за започнување на обично вработување после пуштањето на слобода.
72. Затворениците биле обврзани да работат според член 44(1) од Законот за извршување на санкции а затворските власти имале обврска да им обезбедат соодветна работа во согласност со член 45(1) од тој Закон. Поради затворските услови, затворениците работеле во просек пет до шест часа на ден. Иако тоа не било наложено со ниту една одредба од Конвенцијата, затворениците примале плата. Износите биле поставени со закон и се движеле од EUR 5.00 и EUR 7.50 по час во зависност од видот на работата која се врши. Периодите поминати на терапевтски или социјален третман се сметале за работни часови максимум до пет часа неделно. Ова јасно била привилегирана форма на постапување, нагласувајќи дека ресоцијализацијата била целта на работата во затвор. Фактот што дел од платата се користел за придонес за трошоци не бил спротивен на Конвенцијата.
73. Накусо, во однос на нејзиниот карактер и цел, работата во затвор значително се разликувала од обичното вработување. Првиот вид на работа, одговарајќи на законска обврска, била насочена кон ресоцијализација и реинтеграција, додека пак вториот бил заснован на договор за работа и служел за обезбедување на егзистенција на лицето и професионален напредок. Затоа, различното третирање на периодите на работа во затвор заради осигурување за старосна пензија било не само оправдано туку и наложено од различната фактичка состојба. Сметањето на периодите за кои не биле плаќани придонеси за осигурени периоди би им дало на затворениците кои работат неоправдано предност во однос на обичните работници.
74. Одлуката на законодавното тело да не се сметаат периодите во кој затвореникот работел за периоди на осигурување или заменски периоди била исто така заснована на објективни причини според Владата. Според релевантните одредби на Законот за општо социјално осигурување, периодите поминати во затвор биле, помеѓу останатото, третирани како осигурени периоди ако на засегнатото лице му била доделена оштета за затвор според Законот за надомест на штета (од кривична постапка). Во тој случај државата морала да плаќа придонеси за социјално осигурување за да му ги надомести на засегнатото лице непогодностите претрпени во однос на правото за социјално осигурување како последица на затворот. Третирањето на лица кои издржуваат законска казна затвор на ист начин би довело до еднакво постапување при нееднакви факти. Третирањето на периодите поминати во затвор како заменски периоди, без плаќање на придонеси, исто така би создало нерамнотежа во системот на социјално осигурување. Генерално, законодавното тело сметало дека заменски периоди биле периоди во текот на кои лицата била спречени од плаќање на придонеси од социјално прифатливи причини, како што се образование, раѓање на дете, невработеност, болест, воена или алтернативна воена служба.
75. Понатаму, затворениците можеле доброволно да плаќаат придонеси во системот за старосна пезнија според член 17 од Законот за општо социјално осигурување. Законот исто така ја предвидувал можноста на намалување на износот кој треба да се плати на пониско ниво од тоа на вообичаените придонеси. Сепак, Владата изјави дека, заради заштита на податоците, не можела да обезбеди статистички податоци за бројот на пропорцијата на затвореници кои ја користат таа можност.
76. Како алтернатива, Владата тврдеше дела дури и ако се претпостави дека затворениците кои работат биле во аналогна ситуација со обичните работници, разликата во постапувањето била оправдана. Во пракса, дури и ако затворениците не биле исклучени од осигурување во системот на старосна пензија, тие не би можеле да плаќаат доволно придонеси, затоа што многу често нивната плата, после одземањето на придонесот за трошоци, не би го достигнале прагот од EUR 366.33 на така наречената минимална плата, под кој работниците во секој случај не биле осигурени со задолжителното осигурување според Законот за општо социјално осигурување. Со оглед на тешката финансиска ситуација на иституциите за социјално осигурување, само лицата кои можеле да плаќаат доволно придонеси можеле да бидат вклучени во системот на старосна пензија.
77. Понатаму, државите договорнички уживале широко поле на слободна оцена во организацијата на нивните системи на социјално осигурување. Дури и Европските затворски правила само препорачувале дека „во онаа мерка во која е возможно, затворениците кои работат ќе бидат осигурани во националните системи на социјално осигурување“.
78. Владата објасни дека од измената од 1993 на Законот за осигурување при невработеност, затворениците кои работат осигурени со системот за осигурување при невработеност. На оваа измена, која бил дел од поширока реформа на системот за извршување на санкции, и претходеле години на интензивна дискусија. Одлуката да се вклучат затворениците во системот за осигурување при невработеност но, не во системот на старосна пензија била мотивирана од согледувањето дека осигурувањето при невработеност, кое вклучувало не само финансиски надоместоци туку и пристап до курсеви за обука, и сервиси за барање на работа, бил најефикасниот инструмент за остварување на реинтеграцијата на затворениците после пуштањето на слобода. На него се гледа како на прв чекор кон нивно вклучување во системот на социјално осигурување воопшто. Сепак, затоа што осигурувањето според Законот за општо социјално осигурување вклучувало здравствено и осигурување од незгода плус вклучување кон системот на старосна пензија, а здравственото и осигурувањето од незгода на затворениците биле обезбедувани од страна на затворските власти по Законот за извршување на санкции, нивното вклучување кон системот за старосна пензија би наложувало покомплексни измени. Понатаму, според студии спроведени во тоа време, тоа се сметало за фактор со најголеми трошоци.
79. Понатаму, Владата нагласи дека случаите како конкретниот со многу долги затворски казни биле исклучително ретки. Мнозинството на затвореници биле во состојба да соберат доволен број на осигурени месеци како резултат на периодите одработени надвор од затвор. Во конкретниот случај жалителот примал надоместоци за невработеност и, после нивното истекување, тој продолжил да прима исплати за итна помош.
80. На крај, досегашната одлука на австриското законодавно тело да не ги влучи затворениците кон системот на старосна пензија предвиден со Законот за општо социјално осигурување не значела дека тие не уживале никаво социјално осигурување. Прво, како што беше наведено погоре, тие се осигурени со системот за осигурување при невработеност. Последователно, тие добиваат надоместоци за невработеност и, после нивното истекување, исплати за итна помош. Како крајна мерка, системот на социјална помош предвидувал минимален приход за лицата кои не можеле да ги задоволат нивните основни потреби на ниту еден друг начин. Накусо, австрискиот правен систем предвидувал адаптирано и добро урамнотежено решение земајќи ги во предвид интересите на општеството воопшто од една страна и интересите на затворениците од друга страна.
Б. Оцена на Судот
1. Применливост на член 14 во врска со член 1 од Протокол бр. 1
81. Судот повторува дела член 14 ги надополнува останатите материјални одредби на Конвенцијата и Протоколоте. Тој нема самостојно постоење затоа што тој има дејство само во однос на „уживањето на правата и слободите“ заштитени со тие одредби. Примената на член 14 не претпоставува нужно повреда на едно од материјалните права загарантирани со Конвенцијата. Неопходно е но, исто така и доволно, фактите на случајот да потпаѓаат „во досегот“ на една или повеќе од одредбите за кои станува збор. Забраната на дискриминација во член 14 затоа се протега надвор од уживањето на правата и слободите кои Конвенцијата и нејзините Протоколи и наложуваат на секоја држава да ги гарантира. Се применува исто така и на тие дополнителни права, кои спаѓаат во општиот опсег на било кој член од Конвенцијата, за кои државата доброволно одлучила да ги обезбеди (види Stec and Others v. the United Kingdom (dec.) [GC], nos. 65731/01 and 65900/01, §§ 39-40, ECHR 2005‑X; Andrejeva v. Latvia [GC], no. 55707/00, § 74, ECHR 2009‑...; и, најнеодамна, Carson and Others v. the United Kingdom [GC], no. 42184/05, § 63, ECHR 2010‑...).
82. Според воспоставената судска пракса на Судот, принципите кои се применуваат генерално на случаи според член 1 од Протокол бр. 1 се еднакво релевантни кога станува забор за социјални надоместоци. Попрецизно, овој член не создава право на стекнување на сопственост. Тој не воведува ограничувања на слободата на државите договорнички да одлучат дали да востановат или не систем на социјално осигурување, или да го изберат видот и износот на надоместоци кои треба да се обезбедат според секој таков систем. Ако, сепак, една држава договорничка има законодавство во сила кое го предвидува плаќањето на социјален надоместок како право – без разлика дали условено со претходно плаќање на придонеси или не – тоа законодавство мора да се смета како да генерира сопственички интерес кој спаѓа во досегот на член 1 од Протокол бр. 1 за лица кои ги исполнуваат неговите услови (види Stec and Others (dec.), цитиран погоре, § 54; Andrejeva, цитиран погоре, § 77; and Carson, цитиран погоре, § 64).
83. Понатаму, во случаи како конкретниот, кои се однесуваат на жалба по член 14 од Конвенцијата во врска со член 1 од Протокол бр. 1 дека на жалителот му бил оневозможен целиот или дел од определен надоместок врз дискриминирачка основа вклучена во член 14, релевантниот тест е дали, покрај условот за остварување на правото за кое жалителот се жали, тој или таа би имал/а право, кое е извршно според домашниот закон, да го прима надоместокот за кој станува збор (види Gaygusuz v. Austria, 16 September 1996, § 40, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV, и Willis v. United Kingdom, no. 36042/97, § 34, ECHR 2002‑IV). Иако член 1 од Протокол бр. 1 не го вклучува правото на примање на било каков надоместок од социјално осигурување, ако државата одлучи да создаде систем на надоместоци, таа мора да го стори на начин кој е компатибилен со член 14 (види Stec and Others (dec.), цитиран погоре, § 55, и Andrejeva, цитиран погоре, § 79).
84. Во овој случај жалителот, кој ја достигнал возраста за пензија, барал старосна пензија која му следувала како право под услов минималниот број на осигурени месеци да бил достигнат. Судот смета дека законодавството за социјално осигурување за кое станува збор создава сопственички интерес кој спаѓа во опсегот на член 1 од Протокол бр. 1. Применувајќи го тестот дали жалителот би имал извршно право да прима пензија ако не постоел условот за стекнување на право на пензија, за кој тој тврди дека бил дискриминаторен, Судот воочува дека е неспорно дека жалителот работел околу дваесет и осум години во затвор без да биде осигурен со системот на старосна пензија. Неговото барање за признавање на право на старосна пензија било одбиено врз основа на тоа што тој не го имал потребниот минимален број на осигурени месеци, Следува дека, ако тој бил осигурен во системот на старосна пензија за работата која ја извршувал во затвор, тој би ги собрал потребниот број на осигурени месеци и последователно би имал право на пензија.
85. Владата на је оспори применливоста на член 14 од Конвенцијата во врска со член 1 од Протокол бр. 1. Сепак, таа тврдеше дека приходот на жалителот како затвореник не бил доволен за него да се плаќаат придонеси во пензискиот фонд: после одземање на придонесот за трошоци, неговата плата не го надминувала износот на минималната плата по кој секој работник бил ослободен од задолжително осигурување според Законот за општо социјално осигурување. Судот смета дека овој аргумент, кој и самиот е нераскинливо поврзан со положбата на жалителот како затвореник, не може да го оспори заклучокот до кој е дојдено погоре.
86. Како заклучок, Судот заклучува дека барањата на жалителот спаѓаат во опсегот на член 1 од Протокол бр. 1 и правото на мирно уживање на имотот кое го гарантира. Тоа е доволно за да го направи применлив и членот 14.
2. Почитување на член 14 во врска со член 1 од Протокол бр. 1
(a) Општи принцип
87. Судот востановил во неговата судска пракса дека само разликите во постапувањето засновани на особина која е препознатлива, или „статус“, може да доведат до дискриминација во смисла на член 14 (види Carson and Others, цитиран погоре, § 61). Дискриминација значи постапување на различен начин, без објективно и основано оправдување, со лица кои се во релевантно слични ситуации. „Без објективно и основано оправдување“ значи дека разликувањето за кое станува збор не следело „легитимна цел“ или дека нема „разумен однос на пропорционалност помеѓу употребените средства и целта која требало да биде реализирана“(ibid.; види исто така Andrejeva, цитиран погоре, § 81; и Stec and Others v. the United Kingdom [GC], no. 65731/01, § 51, ECHR 2006‑VI).
88. Државите договорнички уживаат определено поле на слободна оцена при разгледувањето дали и во која мерка разликите во инаку слични ситуации оправдуваат различно постапување. Опсегот на таа слободна оцена ќе зависи од околностите, материјата и позадината на случајот. Така, на пример, член 14 не и забранува на држава членка да постапува различно со групи со цел да се поправи „фактичката нееднаквост“ помеѓу нив; навистина, во определени околности пропуштањето да се обиде да се поправи нееднаквост преку различно постапување, може, во отсуство на објективно и основано оправдување, да доведе до повреда на член 14 (види Andrejeva, цитиран погоре, § 82; Stec and Others, цитиран погоре, § 51; и Thlimmenos v. Greece [GC], no. 34369/97, § 44, ECHR 2000‑IV).
89. Слично, широко поле на слободна оцена им е вообичаено допуштено на државите по Конвенцијата кога станува збор за општи мерки на економска или социјална стратегија. Затоа што тие непосредно го познавааат нивното општество и неговите потреби, домашните власти се во принцип поупатени отколку меѓународен судија да оценат што е во јавен интерес од социјални или економски причини, и Судот генерално ќе го почитува изборот на политика од страна на законодавното тело освен ако тој е „очигледно без разумна основа“ (види Andrejeva, цитиран погоре, § 83; и Stec and Others, цитиран погоре, § 52; Carson and Others, цитиран, § 61; во специфичниот контекст за правата на затворениците, види исто така Dickson v. the United Kingdom [GC], no. 44362/04, § 78, ECHR 2007‑XIII).
(б) Примена на овие принципи во конкретниот случај
90. Жалителот се жали на дискриминација врз основа на неговата положба на затвореник. Иако положбата на затвореник не е една од основите изречно споменати во член 14, листата која е утврдена во овој член и вклучува „секој друг статус“(или секоја друга положба [“toute autre situation”] во францускиот текст на Конвенцијата) преку кој лица или група на лица се разликуваат едни од други. Не беше спорно во конкрентиот случај дека положбата на затвореник е еден аспект од личниот статус во смисла на член 14.
(i) Дали жалителот како затвореник кој работи бил во релевантно слична положба со обичните работници
91. Судот најпрво ќе испита дали, во однос на приклучувањето во системот за старосна пензија според Законот за општо социјално осигурување, жалителот како затвореник кој работи бил во релевантно слична положба со обичните работници.
92. Владата ги нагласи разликите во целта и карактерот на работењето во затвор и обичното вработување. Таа нагласи дека примарната цел на работата во затвор била рехабилитацијата и посочи на нејзиниот задолжителен карактер, тврдејќи дека тие карактеристики ја прават положбата на жалителот различна од таа на обичните работници. Жалителот пак се изјасни дека задолжителниот карактер на работата во затвор не бил одлучувачки во конкретниот контекст и дека видот на работа кој затворениците го вршеле не се разликувал на било кој начин од работата која ја извршувале обичните работници.
93. Судот воочува дека работата во затвор се разликува од работата која извршуваат обичните работници во повеќе аспекти. Таа служи за исполнување на примарната цел на рехабилитација и ресоцијализација. Работното време, платата и користењето на дел од таа плата како придонес за трошоци за извршување на казната, се одраз на посебните затворски околности. Понатаму, во австрискиот правен систем обврската на затворениците да работат е поврзана со обврската на затворските власти да им обезбедат на затворениците соодветна работа. Навистина, таа ситуација е многу поинаква од обичниот однос работодавач-работник. Затоа, може да се тврди дека, жалителот како затвореник кој работи не бил во релевантно слична ситуација со обичните работници.
94. Сепак, според Судот ниту фактот што работата во затвор има за цел реинтеграција и ресоцијализација, ниту задолжителниот карактер на работата во затвор се одлучувачки во конкретниот случај. Понатаму, Судот смета дека не е одлучувачко дали работата се извршува за затворската управа, како во случајот на жалителот, или за приватен работодавач, иако во вториот случај се чини дека постои поголема сличност со обичниот работен однос.
95. Она што е во прашање во конкретниот случај не е толку карактерот и целта на работата во затвор туку повеќе потребата да се обезбедат средства за егзистенција во староста. Судот смета во тој поглед дека жалителот како затвореник кој работи бил во релевантно слична ситуација како обичните работници. Затоа мора да испита дали била оправдана разликата во постапувањето во однос на приклучувањето во системот на старосна пензија според Законот за општо социјално осигурување. Во однос на здравственото осигурување и осигурувањето од несреќен случај според Законот за општо социјално осигурување, сепак, Судот би се согласил дека жалителот како вработен затвореник бил во различна положба од обичните работници затоа што здравствената грижа и грижата при несреќен случај е обезбедена од државата врз основа на Законот за извршување на санкции. Исто така, Судот би прифатил дека, што се однесува на исплатата на неговата пензија, затвореник кој е на возраст за пензионирање е во различна ситуација од пензионер кој не е во затвор, затоа што средствата за егзистенција на затвореникот се обезбедуваат од управата на затворот.
(ii) Дали разликата во постапувањето служела за исполнување на легитимна цел
96. Во однос на целта на разликата во постапувањето, Владата тврдеше дека вработените затвореници често немале финансиски средства да платат придонеси за социјално осигурување. Засметувањето на временски периоди за кои не биле платени придонеси или не биле платени доволни придонеси, како осигурени периоди кои се основа за стекнување на право на пензија би создало нерамнотежа помеѓу вработените затвореници и лицата кои се надвор од затворските услови и би ја нарушило економската ефикасност за институциите за социјално осигурување, кои веќе се соочуваат со напната финансиска ситуација.
97. Понатаму, следна цел, имено таа на зачувување на севкупната конзистентност во рамките на системот на социјално осигурување, се чини дека е содржана во аргументите на Владата. Таа тврдеше дека временските периоди кои биле одработени во затвор не можеле да се пресметаат како периоди кои се земаат во предвид за исполнување на законските услови за стекнување на пензија или како периоди на надоместување, затоа што според принципите на австриското законодавство за социјална сигурност, таквите периоди можеле да служат само да надополнат периоди во кои не биле плаќани придонеси заради ограничен број на општествено прифатливи активности или ситуации (на пример, образование, раѓање на деца, невработеност, болест, воена или алтернативна воена служба).
98. Судот прифаќа дека целите на кои се повикува Владата, имено зачувување на економската ефикасност и севкупната конзистентност на системот на старосна пензија преку непризнавање на надоместоци на лица кои не платиле доволни придонеси, се легитимни.
(iii) Дали разликата во постапувањето била пропорцџонална
99. Судот ја повторува неговата воспоставена судска пракса дека затворениците генерално и натаму ги уживаат сите основни права и слободи гарантирани со Конвенцијата освен правото на слобода, кога законски одредената казна затвор изречно спаѓа во опсегот на член 5 од Конвенцијата. Незамисливо е дека затвореник би требало да ги изгуби неговите права од Конвенцијата само заради неговиот статус на лице кое е во затвор после кривична осуда (види Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], no. 74025/01, §§ 69-70, ECHR 2005‑IX, и Dickson, цитиран погоре, § 67). Затоа, лицето ги задржува неговите или нејзините права од Конвенцијата кога ќе започне да отслужува казна затвор, така што било какво ограничување на тие права мора да биде оправдано во секој поединечен случај. Тоа оправдување може да произлегува од, помеѓу останатото, потребните и неизбежните последици на казната затвор или соодветната врска помеѓу ограничувањето и околностите на засегнатиот затвореник (ibid., § 68).
100. Токму во ова светло Судот ќе испита дали имало разумен однос на пропорционалност помеѓу неосигурувањето на вработените затвореници во системот на старосна пензија и легитимните цели кои се наведени погоре. Суштината на аргументот на жалителот беше дека Владата не дала оправдување за разликата во постапувањето. Тој изјави дека главната причина за тоа што затворениците не биле во состојба да плаќаат придонеси за социјално осигурување според Законот за општо социјално осигурување бил изборот на државата на политика на задржување на поголемиот дел од платата на затвореникот како придонес за трошоци на извршување на санкцијата.
101. Судот забележува дека прашањето на осигурувањето на вработените затвореници во системот на старосна пензија е тесно поврзано со прашања од казнената политика, како што се сфаќањата за општите цели на казната затвор, системот на работа во затвор, платата за таа работа и приоритетите во користењето на приходите од неа, но исто така и со прашања на социјалната политика одразени во системот на социјално осигурување како целина. Накратко, тоа отвора комплексни прашања и одлуки на социјалната стратегија, што е област во која државите уживаат широко поле на слободна оцена, додека пак Судот ќе интервенира само кога смета дека изборот на политика на законодавното тело е „очигледно без разумна основа“ (види ја судската пракса цитирана во параграф 89 погоре).
102. Со оглед на комплексноста на прашањето, Судот смета дека не може да го разгледа прашањето за приклучувањето на затворениците кон системот за старосна пензија само за себе туку мора да го гледа како една од карактеристиките на целокупниот систем на работа во затвор и социјалното осигурување на затворениците.
103. Како што беше забележано погоре, во австрискиот систем затворениците се должни да работат, додека пак затворската управа има обврска да им обезбеди на затворениците соодветна работа. Судот воочува дека позитивна карактеристика на системот е што повеќе од 70% од затворската популација во моментот работи. Работното време е прилагодено на затворските услови, вклучително и определени поволни мерки како што е сметање на времето поминато на терапевтски или социјален третман како работно време до пет часа неделно. Понатаму, затворениците примаат плата за нивната работа, од која 75%, сепак, се одземаат за трошоци за извршување на санкцијата. Судот воочува најпрво дека земањето на таков придонес не е само по себе спротивно на Конвенцијата (види Puzinas v. Lithuania (dec.), no. 63767/00, 13 December 2005, кој се однесува на жалба по член 1 од Протокол бр. 1 за одземање на 25% придонес од платата на затвореник). Иако процентот во случајот кој сега се разгледува се чини прилично висок, тој сепак не може да се смета за неразумен ако се земат во предвид големите трошоци за одржување на затворите и фактот што сите средства за егзистенција на затвореникот, вклучувајќи здравствено и осигурување од незгода, се обезбедени од страна на државата.
104. Враќајќи се на социјалното осигурување на затворениците, Судот повторува кога ја дефинира широчината на слободната оцена, релевантен фактор може да биде постоењето или непостоењето на согласност помеѓу законите на државите договорнички (види Petrovic v. Austria, 27 March 1998, § 38, Reports 1998‑II).
105. Судот забележува дека иако не постои европски консензус по прашањето, постои тренд кој е во настанување: спротивно на Европските затворски правила од 1987, Европските затворски правила од 2006 не само што го содржат принципот на нормализација на затворска работа туку исто така и изречно препорачуваат со правило 26.17 дека „колку што е возможно вработените затвореници ќе бидат вклучени во националните системи за социјално осигурување (види параграф 56 погоре).
106. Тоа значи дека општествата само постепено се движат кон осигурување на затворениците во нивните системи за социјално осигурување и особено системите на старосна пензија. Австрискиот закон го одразува овој тренд во тоа што на сите затвореници им е обезбедена здравствена и грижа од незгода. Понатаму, вработените затвореници се приклучени кон системот за осигурување при невработеност од 1 јануари 1994, после измените од 1993 на Законот за осигурување при невработеност кои биле дел од пошироките реформи на системот за извршување на санкции. Како што објасни Владата, причината за таа одлука била тоа пто законодавното тело сметало дека осигурувањето од невработеност било најефикасен инструмент во помагањето на реинтеграцијата на затворениците при нивното пуштање на слобода затоа што, покрај надоместоци за невработеност, давал пристап до големиот избор на сервиси за обука и барање на работа. Во времето на реформата од 1993, било предвидено осигурување во системот на старосна пензија, но досега тоа не било воведено затоа што тешката финансиска ситуација на институциите за социјално осигурување.
107. Враќајќи се на ситуацијата на жалителот, Судот забележува дека тој работел подолги временски периоди во затвор (види параграф 10 погоре). Произлегува од одлуките на домашните органи во конкретниот случај дека периодите во кои тој бил без осигурување биле помеѓу 1960 и 1990. Судот му придава важност на фактот што во релевантниот период не постоела согласност во однос на осигурувањето на вработените затвореници во домашните системи за социјално осигурување. Тоа било одразено во Европските затворски правила од 1987, кои не содржеле ниту една одредба во тој поглед.
108. Владата тврдеше дека многу долги затворски казни биле ретки и дека, последователно, мнозинството од затворениците имале можност да соберат доволем број на осигурени месеци за работата која ја извршувале надвор од затвор и затоа не им била оневозможена старосна пензија. Судот не смета дека е потребно детално да го разгледа овој аргумент. Пред сѐ тој би му дал важност на фактот дека жалителот, иако не стекнал право на старосна пезнија, тој не бил оставен без социјално осигурување. После неговот пуштање од затвор тој примал надоместоци за невработеност и потоа и исплата за итна помош, на кои имал право заради тоа што за него како затвореник кој претходно работел важел Законот за осигурување при невработеност. Според изјавите на самиот жалител, тој во моментот сѐуште прима исплати за итна помош надополнети со социјална помош во форма на надоместок за домување. Неговиот месечен приход во моментот изнесува прбилижно EUR 720 и така речиси го достигнува износот на минималната пензија, која во моментот е утврдена на приближно EUR 780 за едно лице.
109. Врз основа на фактите на овој случај и сите информации кои ги поседува, Судот смета дека системот на затворска работа и социјалното осигурување за таа работа земен во целина не е „очигледно без разумна основа“. Во контекст на стандардите кои се менуваат, една држава договорничка не може да биде критикувана за тоа што дала приоритет на осигуретелниот систем, имено на осигурувањето од невработенист, за кое сметала дека е најрелевантен за реинтеграцијата на затворениците после нивното пуштање на слобода.
110. Иако тужената држава е должна постојано да го разгледува прашањето поставено со конкретниот случај, Судот смета дека со неосигурувањето на затворениците во системот на старосна пензија, таа не го пречекорила полето на слободна оцена кое го има по тоа прашање.
111. Следува дека немало повреда на член 14 во врска со член 1 од Протокол Бр. 1 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
112. Жалителот се жалеше дека затоа што тој не бил осигурен со системот на старосна пензија за работата која ја извршувал како затвореник, таа работа не можела да се смета дека потпаѓа под условите на член 4 § 3 (a) и затоа го прекршувала член 4 § 2 од Конвенцијата.
Членот 4, во делот кој е релевантен за конкретниот случај, гласи како што следува:
„1. Никој не смее да биде држан во ропство или во ропска зависност.
2. Никој не смее да биде присилен да врши принудна или задолжителна работа.
3. Во смисла на овој член, за «принудна или задолжителна работа» нема да се смета:
а. секоја работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор под услови предвидени во член 5 од оваа Конвенција или за време на условниот отпуст;
...”
A. Аргументи на странките
113. Жалителот изјави дека работата во затворот која тој ја извршувал јасно претставувала „принудна или задолжителна работа“ во смисла на член 4 § 2 од Конвенцијата. Тој се повика на Конвенцијата на МОТ бр. 29 според која „принудна или задолжителна работа“ значела секоја „работа или служба која е изнудена од било кое лице под закана за каква било казна и за која споменатото лице не се пријавило доброволно“. Во врска со тоа, тој посочи дека затворениците во Австрија биле обврзани да работат врз основа на член 44 од Законот за извршување на санкции и дека ако затвореник одбиел да работи тоа претставувало казниво дело според членовите 107(1) и 109 од тој Закон.
114. Иако согласувајќи се дека обврската на затвореникот да работи би можела да се оправда со член 4 § 3 (a), тој тврдеше дека, според денешните стандарди, затворската работа без приклучување кон системот на старосна пензија не можела да се смета за „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор“ во смисла на таа одредба. Последователно, фактот што тој како затвореник морал да работи без да биде осигурен со системот на старосна пезнија го прекршувал член 4 од Конвенцијата.
115. Владата, од своја страна, тврдеше дека затворската работа била надвор од опсегот на член 4 затоа што на неа се однесувал исклучокот од забраната за принудна или задолжителна работа содржан во член 4 § 3 (a). Последователно, неосигурувањето на вработените затвореници со системот на старосна пензија на предизвикувало проблем според член 4 од Конвенцијата.
Б. Оцена на Судот
1. Општи принципи
116. Судор повторува дека член 4 гарантира една од фундаменталните вредности на демократските општества. За разлика од повеќето материјални одредби на Конвенцијата и Протоколите бр. 1 и 4, член 4 § 1 не предвидува исклучоци и не е дозволена дерогација според член 15 § 2 дури и во случај на јавна опасност која го загрозува животот на нацијата (види Siliadin v. France, no. 73316/01, § 112, ECHR 2005‑VII, and Rantsev v. Cyprus and Russia, no. 25965/04, § 283, ECHR 2010‑... (извадоци)).
117. Член 4 § 2 од Конвенцијата забранува „принудна или задолжителна работа“. Кога го толкува член 4, Судот во претходни случаи ги земал во предвид релевантните конвенции на МОТ, кои се обврзувачки за речиси сите држави членки на Советот на Европа, вклучувајќи ја Австрија, а псебно Конвенцијата за принудна работа од 1930 (види Van der Mussele v. Belgium, 23 November 1983, § 32, Series A no. 70, и Siliadin, цитиран погоре, § 115).
118. Судот воочува дека во тие случаи постоела очигледна сличност, што не било случајно, помеѓу параграф 3 од член 4 од Конвенцијата и параграф 2 од член 2 од Конвенцијата на МОТ бр. 29. Параграфот 1 на член 2 предвидува „во смисла“ на Конвенцијата на МОТ, дека изразот „принудна или задолжителна работа“ значи „секоја работа или служба“ која е изнудена од лицето под закана за каква било казна и за која споменатото лице не се пријавило доброволно“ (види Siliadin, цитиран погоре, § 116). Судот ја сметал оваа дефиниција како почетна точка во толкувањето на член 4 од Конвенцијата но, воочил дека не треба да се занемарат специфичните карактеристики на Конвенцијата или фактот дека таа бил жив инструмент која треба да се чита „во светло на сфаќањата кои преовладуваат во демократските држави“ (види Van der Mussele, цитиран погре, § 32).
119. Член 4 § 3 (a) посочува дека изразот „принудна или задолжителна“ работа не вклучува „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор“.
120. Судот ја има воочено специфичната структура на член 4. Параграфот 3 не е предвиден како „граница“ на користењето на правото гарантирано со параграф 2, туку за да ги „обележи границите“ на содржината на тоа право, затоа што претставува целина со параграф 2, и посочува што изразот „принудна или задолжителна работа“ не треба да вклучува (“n’est pas consideré comme ‘travail forcé ou obligatoire’...”). Затоа што тоа е така, параграфот 3 служи како помошно средство при толкувањето на параграфот 2. Четирите подпараграфи на параграфот 3, и покрај нивната разноликост, се засновани на владејачките идеи за општиот интерес, социјална солидарност и за тоа што е нормало при нормален тек на работите (види Van der Mussele, цитиран погоре, § 38; види исто така Karlheinz Schmidt v. Germany, 18 July 1994, § 22, Series A no. 291‑B, и Zarb Adami v. Malta, no. 17209/02, § 44, ECHR 2006‑VIII).
121. Судската пракса во однос на затворската работа е ретка. Во една од неговите први пресуди Судот морал да разгледа работа која затвореник рецидивист бил должен да ја врши, а неговото отпуштање зависело од акумулирањето на определен износ на заштеда. Иако прифаќајќи дека работата за која станувало збор била задолжителна, Судот не нашол повреда на член 4 од Конвенцијата врз основа на тоа што условите од член 4 § 3 (a) биле исполнети. Според Судот наложената работа „не одела подалеку од тоа што е ‘вообичаено’ во овој контекст затоа што била замислена за да му помогне да се реинтегрира во општеството и за своја основа имала законски одредби кои имале еквивалент во некои други држави членки на Советот на Европа (види Van Droogenbroeck v. Belgium, 24 June 1982, § 59, Series A no. 50, со референца за De Wilde, Ooms and Versyp v. Belgium, 18 June 1971, §§ 89-90, Series A no. 12).
122. Во однос на платата и социјалното осигирување на затворениците, Судот се повикува на одлуката од 6 април 1968 на Европската комисија за човекови права во случајот Twenty-one Detained Persons v. Germany (nos. 3134/67, 3172/67, 3188-3206/67, Collection 27, pp. 97-116), во кој жалителите, повикувајќи се на член 4, се жалеле дека им било одбиено барањето за соодветна плата за работата која морале да ја извршуваат и дека не им биле плаќани придонеси според системот за социјално осигурување од страна на затворската управа за извршената работа. Комисијата ја прогласила нивната жалба за недопуштена затоа што била очигледно неоснована. Таа воочила дека член 4 не содржел ниту една одредба во однос на платата за затворениците за работата која ја вршат. Понатаму, се повикала на својата усогласена судска прака, во која се отфрлала како недопуштена секоја жалба од затвореници во која тие барале поголема плата за нивната рабта или во која се жалеле дека имаат право на осигурување во системот за социјално осигурување.
123. Судот мораше да разгледа слична жалба од малку поинаков аспект во случајот Puzinas (цитиран погоре). Жалителот во тој случај се жалел по членовите 4 и 14 од Конвенцијата и член 1 од Протокол бр. 1 дека домашното законодавство за социјално осигурување било несоодветно затоа што не им дозволувало на затворениците да бараат право на пензија или какви било други социјални надоместоци за работата во затворот. Судот го испитал жалбениот навод врз основа на член 1 од Протокол бр. 1, воочувајќи дека било неспорно дека жалителот немал право на каква било пензија или социјални надоместоци според релевантните домашни закони. Заклучувајќи дека жалителот немал сопственост во смисла на член 1 од Протокол бр. 1 во однос на идно право на пензија или на износот на пензија, Судот ја отфрлил жалбата по оваа одредба, како и по другите одредби на кои тој се повикал, затоа што биле некомпатибилни ratione materiae со одредбите на Конвенцијата.
2. Примена во конкретниот случај
124. Судот мора да испита дали жалителот во овој случај морал да извршува „принудна или задолжителна работа“ спротивно на член 4 од Конвенцијата. Судот воочува дека жалителот имал обврска да работи според член 44(1) oд Законот за извршување на санкции. Одбивањето да ја изврши работата која му била доделена претставувало престап според член 107 од тој Закон, казнив според член 109 со казни кои се движеле од опомена до самица.
125. Земајќи ја дефиницијата на принудна или задолжителна работа содржана во член 2 § 1 oд Конвенцијата на МОТ бр. 29 како почетна точка во толкувањето на член 4 § 2 од Конвенцијата (види Van der Mussele, цитиран погоре, §§ 32-34), Судот не се сомнева дека жалителот извршувал работа „за која тој не се пријавил доброволно под закана за казна“.
126. Иако тоа се чини дека не е спорно помеѓу странките, тие имаат различен став во однос на тоа дали неговата работа спаѓала под член 4 § 3 (a) oд Конвенцијата, кој исклучува „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор под услови предвидени во член 5 од Конвенцијата“ од изразот „принудна или задолжителна работа“: Владата потврдно одговори на прашањето, заклучувајќи дека работата која ја вршел жалителот како затвореник не спаѓала во опсегот на член 4. Жалителот од своја страна изјави дека затворската работа без осигурување во системот на старосна пензија не потпаѓала под одредбата за која станува збор. Затоа, таа претставувала „принудна или задолжителна работа“ спротивно на член 4 § 2.
127. Судот досега немал прилика да го разгледа прашањето дали член 4 бара од државите договорнички да ги вклучат вработените затвореници во системот на социјално осигурување. Воочува дека гореспомената одлука на Комисијата во Twenty-one Detained Persons v. Germany (цитиран погоре), која одоговорила негативно на тоа прашање, потекнува од 1968. Судот затоа ке оцени дали ставот заземен во таа одлука е сѐште валиден во однос на работата која ја вршел жалителот како затвореник без да биде приклучен кон системот на старосна пензија.
128. Формулацијата на Конвенцијата не дава каква било индикација во однос на прашањето за приклучување на затворениците кои работат кон националниот систем на социјално осигурување. Сепак, при утврдувањето што треба да се смета за „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор“, Судот ќе ги земе во предвид стандардите кои преовладуваат во државите членки (види Van Droogenbroeck, цитиран погоре, § 59).
129. Жалителот во суштина се повикува на доктрината на Судот дека Конвенцијата е жив инструмент која мора да се толкува со светло на условите на денешницата (види, на пример, Tyrer v. the United Kingdom, 25 April 1978, § 31, Series A no. 26; Christine Goodwin v. the United Kingdom [GC], no. 28957/95, § 75, ECHR 2002‑VI; and Van der Mussele, цитиран погоре, § 32). Се чини дека тој тврди дека европските стандарди се промениле во таква мерка да работењето во затвор без приклучување кон системот на старосна пензија не може повеќе да се смета за „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор“.
130. Судот воочува дека жалителот работел долги временски периоди во затвор, почнувајќи од шеесетите. Во тоа време Комисијата, во својата одлука во Twenty-one Detained Persons v. Germany (цитиран погоре), одлучила дека член 4 од Конвенцијата не наложувал затворениците кои работат да бидат приклучени во системот на социјално осигурување. Европските затворски правила од 1987 не го регулирале прашањето за приклучување на затворениците кои работат кон системот на социјално осигурување. Судот потврдува дека, покасно, дошло до значајни промени во сферата на казнената политика. Тие промени се одразени во Европските затворски правила од 2006, кои го содржат принципот на нормализација на работата во затвор како еден од основните принципи. Правилото 26.17 предвидува дека „колку што е можно повеќе, затворениците кои работат ќе бидат вклучени во националните системи на социјално осигрување.“
131. Сепак, со оглед на сегашната пракса на државите членки, Судот не наоѓа основа за толкувањето на член 4 за кое се залага жалителот. Според информациите со кои располага Судот, иако апсолутното мнозинство на државите договорнички ги вклучува на некој начин затворениците во својот национален систем за социјално осигурување, само мал дел од нив ги вклучуваат затворениците во системот на старосна пензија. Австриското право го одразува развојот на европското право во тоа што на сите затвореници им е обезбедена здравствена и грижа од незгода, што сите затвореници кои работат се вклучени кон системот за осигурување во случај на невработеност, но, не во системот на старосна пензија.
132. Накусо, се чини дека нема доволна согласност по прашањето за вклучување на затворениците кои работат кон системот на старосна пезнија. Иако правилото 26.17 од Правилата од 2006 одразува тренд кој се развива, не може да биде претворен во обврска од член 4 од Конвенцијата. Последователно, задолжителната работа која ја извршувал жалителот како затвореник без да биде вклучен во системот на старосна пензија мора да се смета за „работа која нормално се бара од лицата кои се наоѓаат во затвор“ во смисла на член 4 § 3 (a).
133. Судот заклучува дека работата која ја извршувал жалителот потпаѓа под членот 4 § 3 (a) oд Конвенцијата, и затоа не претставувала „принудна или задолжителна работа“ во смисла на член 4 § 2 oд Конвенцијата.
134. Затоа, немало повреда на член 4 од Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 4
135. Судот воочува дека жалителот воглавно се повикуваше само на член 4, но, исто така се повика и на член 14, но без да поднесе било какви посебни аргументи по член 14 во врска со член 4.
136. Судот смета дека неговата анализа само по член 4 ги покрива сите аспекти на прашањето отворено со жалбениот навод на жалителот. Судот затоа смета дека нема потреба да го разгледа жалбениот навод на жалителот по член 14 од Конвенцијата во врска со член 4.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, со десет гласови против седум, дека нема повреда на член 14 од Конвенцијата во врска со член 1 од Протокол бр. 1;
2. Одлучува, со шеснаесет гласови против еден, дека нема повреда на член 4 од Конвенцијата;
3. Одлучува, едногласно, дека нема потреба да се разгледа жалбата по член 14 од Конвенцијата во врска со член 4 од Конвенцијата.
Изработена на англиски и француски, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 7 јули 2011.
Vincent BergerJean-Paul Costa
ЈурисконсултПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правило 74 § 2 од Правилникот на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
(a) Издвоено мислење на судијата De Gaetano;
(б) Заедничко издвоено мислење на судиите Tulkens, Kovler, Gyulumyan, Spielmann, Popović, Malinverni и Pardalos со кое тие делумно не се согласуваат со мнозинството судии;
(в) Издвоено мислење на судијата Tulkens со кое таа делумно не се согласува со мнозинството судии.
J.-P.C.
V.B.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy