© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈОТ НА ТАНАСЕ ПРОТИВ МОЛДАВИЈА
(Жалба бр. 7/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
27 април 2010 год.
Оваа пресуда е конечна но може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот на Танасе против Молдавија,
Европскиот суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen), претседател
Франсоаз Тилкен (Françoise Tulkens),
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Ирену Кабрал Барето (Ireneu Cabral Barreto)
Корнелиу Бирсан (Corneliu Bîrsan)
Раит Марусте (Rait Maruste)
Владимиро Загребелски (Vladimiro Zagrebelsky)
Елизабет Штајнер (Elisabeth Steiner)
Дин Шпилман (Dean Spielmann)
Свере Ерик Јебенс (Sverre Erik Jebens)
Јан Шикута (Ján Šikuta)
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović)
Изабел Беро Лефевр (Isabelle Berro-Lefèvre)
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä)
Јоргос Николау (George Nicolaou)
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva)
Михаи Поалелунџи (Mihai Poalelungi), судии
и Мајкл О’Бојл (Michael O’Boyle), заменик секретар
Откако го разгледа случајот на затворенa седницa на 16 септември 2009 г. и на 10 март 2010 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на последно-споменатиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалбата (бр. 7/08) против Република Молдавија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца државјани на Молдавија и Романија, г-динот Александру Танасе и г-динот Дорин Киртоака („жалителите“) на 27 декември 2007 година.
2. Жалителите беа претставувани од г-ѓата Ј. Хангану, адвокат со пракса во Кишињев. Молдавската Влада („Владата“) беше претставувана од нејзиниот агент, г-динот В. Гросу.
3. Жалителите тврдеа, пред сè, дека им било повредено нивното право да се кандидираат на слободни избори и да освојат мандат во Парламентот доколку бидат избрани, со што ќе се обезбедело слободното изразување на мислењето на народот при изборот на законодавниот дом како што е гарантирано во членот 3 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата. Тие исто така се жалеле согласно членот 14 земен заедно со членот 3 од Протоколот бр. 1.
4. Жалбата биле доделена на Четвртата секција на Судот (Правило 52 § 1 од Деловникот на Судот). Во заедничката одлука и пресуда со датум од 18 ноември 2008 г. Судскиот совет на таа Секција составен од следниве судии: Николас Барца, Џовани Бонело, Лилјана Мијовиќ, Давид Тор Бјоргвинсон, Леди Бјанку и Михаи Поалелунџи како и Фатош Арачи, заменик секретар на Секцијата одлучи со мнозинство гласови дека жалбата во однос на г-динот Киртоака не е допуштена; едногласно ја прогласи жалбата на г-динот Танасе допуштена; едногласно одлучи дека имало повреда на членот 3 од Протоколот бр. 1 д Конвенцијата; и едногласно утврди дека не било неопходно да се разгледа посебно жалбата согласно членот 14 земена во врска со членот 3 од Протоколот бр. 1.
5. На 6 април 2009 г. по барањето на Владата, панел на Големиот судски совет одлучи да го упати случајот на Големиот судски совет согласно членот 43 од Конвенцијата.
6. Составот на Големиот судски совет беше утврден според одредбите од член 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правилото 24 од Деловникот на Судот. Жан-Пол Коста не можеше да присуствува на второто разгледување. Пиер Лоренцен го презеде претседавањето со Големиот судски совет за време на разгледувањето на жалбата, а Корнелиу Бирсан, првата замена стана полноправен член (правило 11).
7. Преостанатиот жалител, г-динот Танасе и Владата ги поднесоа сопствените забелешки на писмено во однос на основаноста. Исто така беа примени коментари на трета странка од романската Влада, која го примени своето право да интервенира (член 36 § 1 од Конвенцијата и правило 44 § 1 (б)).
8. Расправата беше јавна и се одржа во Зградата на човековите права во Стразбур на 16 септември 2009 година (правило 59 § 3).
Пред Судот се појавија:
(a) за Владата
Г-динВ. Гросу (V. Grosu), агент,
(б) за жалителот
Г-ѓаЈ. Хангану (J. Hanganu),адвокат;
(в) за романската Влада
Г-динР.-Х. Раду (R.-H. Radu),агент,
Г-ѓа Д. Тасе (D. Tase),
Г-ѓаИ. Попеску (I. Popescu),
Г-ѓаИ. Чопонеа (I. Cioponea), советници.
Судот ги сослуша обраќањата на г-динот Гросу, г-ѓата Хангану и г-динот Раду.
9. По настаните од расправата (види во параграфите 68 до 70 долу), жалителот не извести дека не сакал случајот да биде тргнат од листата на Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
10. Жалителот е роден во 1971 година и живее во Кишињев. Тој е етнички Романец и молдавски политичар.
А. Историска позадина
11. Кнежеството Молдавија за првпат се појави како независна држава во 1359 г. Неговата територија ја опфаќала областа меѓу Источните Карпати, Реката Дњестар и Црното Море; денеска оваа област ги опфаќа Молдавија, дел од Романија и дел од Украина. Неговото население зборувало ист јазик и имало исто потекло како населенијата на Влахија и Трансилванија (обете области дел од денешна Романија).
12. Во петнаесеттиот век Молдавија прифатила сизеранство на Отоманската империја.
13. После руско-турската војна од 1806 до 1812 г. источниот дел од Кнежевството на Молдавија, до Реката Днестар на исток и реката Прут на запад било анектирано од Руската Империја. Било преименувано во Бесарабија.
14. Во 1859 г. западниот дел од Кнежевството Молдавија се обединило со Влахија и формирало нова држава. Од 1861 г. новата држава била позната како Романија. Во 1877 г. Романија се здобила со независност од Отоманската Империја.
15. На почетокот на 1918 г. Бесарабија ја прогласила својата независност од Русија и на 27 март 1918 се обединила со Романија. Населението на Бесарабија станале романски граѓани.
16. Советскиот Сојуз не го признал обединувањето на Бесарабија и Романија. На 28 јуни 1940 г. после Пактот Молотов-Рибентроп со Нацистичка Германија, Советскиот Сојуз повторно ја анектирал територијата на Бесарабија.
17. По завршувањето на Втората светска војна, приближно 70 проценти од територијата на Бесарабија, населена од околу 80 проценти од нејзиното население, станала Молдавска Советска Социјалистичка Република (која во 1990 г. се преименувала во Советска Социјалистичка Република Молдавија). Преостанатата територија на Бесарабија станала дел од Украинската Советска Социјалистичка Република. Оние што живееле во Бесарабија го изгубиле романското државјанство и станале советски државјани. Романија станала држава сателит на Советскиот Сојуз.
18. После падот на Советскиот Сојуз, во Декларацијата за независност од 17 август 1991 г. Парламентот на Република Молдавија, меѓу другото, го осудила руското анектирање на територијата на Кнежеството на Молдавија во 1812 г. и советското анектирање на територијата од Романија во 1940 г. и прогласила независност на земјата во рамките на границите на поранешната Молдавска Советска Социјалистичка Република. Набрзо потоа Молдавија се приклучила кон Обединетите нации и била призната од меѓународната заедница.
В. Државјанството после независноста
19.Во 1991 г. Парламентот на Република Молдавија усвоила Закон за државјанство и ги прогласи за свои државјани, inter alios, сите лица кои живееле на територијата на поранешната Молдавска Советска Социјалистичка Република пред советското анектирање и нивните потомци.
20. Жалителот се стекнал со молдавско државјанство како потомок на лица што живееле на територијата на Република Молдавија пред 28 јуни 1940 г.
21. Исто така во 1991 г. Романскиот парламент усвоил нов закон за државјанство со што им се овозможило на лицата кои го изгубиле своето романско државјанство пред 1989 г. од причини кои не можат да им се препишат ним и на нивните потомци повторно да добијат романско државјанство.
22. На почетокот според членот 18 од молдавскиот Устав усвоен на 29 јули 1994 г., кој стапил на сила на 27 август 1994 г., на државјаните на Молдавија не им било дозволено да имаат државјанство на ниедна друга држава освен во исклучителни случаи. Меѓутоа забраната не била применувана во пракса затоа што многу Молдавци со романско потекло ги искористиле одредбите на романскиот закон за повторно да се стекнат со изгубеното романско државјанство. Истовремено, многу Молдавци со друго етничко потекло зеле други државјанства како на пример руско, украинско, бугарско и турско.
23. Во 2002 г. молдавските уставни одредби со кои се забранувале повеќе државјанства биле укинати.
24. На 5 јуни 2003 г. после укинувањето на уставната забрана за повеќе државјанства, молдавскиот Парламент го изменил и дополнил Законот за државјанство, укинувајќи го ограничувањето со кое се спречувале молдавските државјани да имаат друго државјанство (види во параграф 74 долу). Новите одредби уредувале дека носителите на повеќе државјанства имале еднакви права како и оние што имаат само молдавско државјанство без исклучок (види параграф 75 долу).
25. На неодреден датум жалителот се стекнал со романско државјанство. Неговиот актуелен романски пасош е издаден во декември 2005 г. Последователно тој обзнанил дека има романско државјанство.
26. Вкупниот број на Молдавци кои се стекнале со романско државјанство од 1991 г. е непознат затоа што романската Влада никогаш ја нема објавено оваа информација. Меѓутоа, проценето е дека меѓу 95.000 и 300.000 Молдавци се стекнале со романско државјанство меѓу 1991 и 2001 г. На 4 февруари 2007 г. претседателот на Романија изјавил во интервју дека имало околу 800.000 Молдавци кои имале поднесено барања за романско државјанство и дека неговата Влада очекувала таа бројка да достигне 1,5 милиони од вкупно 3,8 милиони молдавски граѓани, пред крајот на 2007 г.
27. Што се однесува до бројот на Молдавци кои имаат второ државјанство, а кое не е романско таа бројка исто така не е позната. Меѓутоа се чини дека и таа бројка е значителна и се чини дека руското државјанство е второто најпопуларно после романското. На 26 септември 2008 г. рускиот амбасадор во Молдавија во ТВ интервју изјавил дека имало приближно 120.000 Молдавци со руски пасоши на двата брега на Реката Дњестар (т.е. во цела Молдавија).
28. Молдавската Влада во своите забелешки пред Судскиот совет посочи дека една третина од населението на Транснистрија имало двојно државјанство, додека парламентарец од Комунистичката Партија, г-динот В. Мишин соопштил во текот на парламентарните расправи за Законот бр. 273 (види во параграфите 78 до 81 долу) бројка од 500.000 како приближен вкупен број на Молдавци со двојно државјанство.
В. Преглед на политичкиот развој на Молдавија пред изборната реформа во 2008 г.
29. За време на последната деценија и пред изборите од 2009 г. Комунистичката партија на Молдавија била доминантната политичка партија во земјата со најголем број места во Парламентот.
30. Покрај Комунистичката партија, имало над дваесет и пет други политички партии во земјата со значително помало влијание. Нивниот точен број тешко може да се утврди заради постојаните флуктуации. Заради нивната послаба позиција, многу малку од нив успеале да добијат шест проценти од изборниот праг кој бил поставен како услов за влез во Парламентот на претходните парламентарни избори.
31. На изборите во 2001 г. Христијанската демократска народна партија била единствената партија покрај Комунистичката партија од дваесет и седумте партии кои учествувале на изборите која успеала да го помине изборниот праг освојувајќи околу 8 проценти од гласовите. Шест други партии се споиле во изборен блок (заедничка листа) и на тој начин успеале да се стекнат со околу 13 проценти од гласовите. Комунистичката партија се стекнала со околу 50 проценти од гласовите и после пропорционалната распределба на дадените гласови, добиле 71 место од 101 во Парламентот.
32. Во 2002 г. изборното законодавство било изменето и дополнето. Шесте проценти изборен праг за една партија останал но нов праг од девет проценти бил воведен за изборните блокови составени од две партии, што понатаму се кревал на дванаесет проценти за три или повеќе партии.
33. На изборите од 2005 г. од дваесет и три партии учеснички, Христијанската демократска народна партија повторно била единствената покрај Комунистичката партија која успеала да го надмине сама прагот со околу 9 проценти од гласовите. Три други партии обединети во изборен блок добиле околу 28 проценти од гласовите додека Комунистичката партија добила речиси 46 проценти од гласовите. После пропорционалната дистрибуција на дадените гласови, Комунистичката парија добила 56 места од 101 во Парламентот.
34. Во јули 2005 г. после постојани критики од меѓународните набљудувачи и Советот на Европа, Парламентот повторно го изменил и дополнил Изборниот законик, утврдувајќи изборен праг за поединечни партии на четири проценти, а за изборните блокови составени од било кој број на партии од осум проценти. Комисијата за демократија преку правото на Советот на Европа („Венецијанската комисија“) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа („ОБСЕ“) го пофалиле спуштањето на изборниот праг за поединечни партии и сугерирале сличен праг за изборните блокови, кои, според нив, требале да бидат охрабрени за да се обезбедела поголема соработка и стабилна влада.
35. На локалните избори во јуни 2007 г., Комунистичката партија се стекна со околу 40 проценти од гласовите на локалните законодавни тела. Со оглед дека нема изборен праг на локалните избори, таа станала опозициска партија во повеќето локални совети. Жалителот станал член на Општинскиот совет на Кишињев после овие избори.
36. Жалителот последователно бил избран за потпретседател на Либерал-демократската партија, опозициска партија формирана во јануари 2008 г.
Г. Изборната реформа од 2008 г.
37. На 10 април 2008 г. молдавскиот парламент усвоил реформа која се состоела од три главни измени во изборното законодавство: подигнување на изборниот праг од четири повторно на шест проценти; забрана на сите форми на изборни блокови и коалиции; и забрана за лицата со двојно или повеќекратно државјанство да станат членови на Парламентот.
38. Амандманите со кои им се забранувало на оние со двојно или повеќекратно државјанство да станат пратеници во Парламентот биле воведени со Законот бр. 273 (види во параграфите 78 до 80 долу). Законот поминал на првото читање во Парламентот на 11 октомври 2007 г. Нацртот, изготвен од Министерството за правда, уредувал дека само лицата кои имаат исклучиво молдавско државјанство имале право да заземаат високи функции во владата и неколку јавни служби и да бидат кандидати на изборите за законодавното тело (види во параграфот 78 долу). Тој содржел посебна одредба во врска со Транснистрија (види во параграфите 80 и 81 долу).
39. Во објаснувањето на нацрт законот заменикот министер за правда изјавил:
„Откако ја анализиравме актуелната состојба во земјата во областа на државјанството забележавме дека тенденцијата на Молдавците да се стекнат со државјанства на други земји е како резултат на нивната желба да се стекнат со привилегии поврзани со неограничено патување во Европската унија, социјални привилегии, обединување на семејствата, вработување и студии.
Истовремено, лицата со туѓи државјанства имаат политичка и законска обврска кон тие држави. Овој факт може да генерира конфликт на интереси во кои постојат обврски и кон Република Молдавија и кон другите држави чиј државјанин е конкретното лице.
Со оглед на гореизнесеното и заради решавање на настанатата ситуација сметаме дека е разумно да се измени и дополни законската регулатива што е на сила со забрана на носителите на повеќе државјанства да вршат јавни функции...
Ова меѓутоа нема да значи дека тие лица нема да можат да работат во Република Молдавија. Ќе можат да си ги вршат своите професионални дејности во области кои не вклучуваат примена на државни овластувања ... ”
40. За време на дебатите во Парламентот бројни членови на опозицијата побарале нацрт законот да биде испратен до Советот на Европа за прелиминарна експертиза. Меѓутоа, мнозинството гласало против овој предлог. Наместо тоа, опозицијата била повикана да го оспори новиот закон пред Уставниот суд на Молдавија. Во тоа време такво нешто не се случило (но види во параграфите 54 до 58 долу). Бројни пратениците во Парламентот од опозицијата тврделе дека предложените измени со кои се забранувало лица со повеќекратно државјанство да бидат пратениците во Парламентот било спротивно на членот 17 од Европската Конвенција за државјанство (види во параграфите 83 до 85 долу), но заменик министерот за правда изразил спротивно мислење и тврдел дека, како и да е, Парламентот можел да се откаже од Конвенцијата доколку биле некомпатибилни.
41. На 7 декември 2007 г. нацрт законот бил одобрен од Парламентот на последното читање (види во параграф 78 долу). Но по неговото усвојување од Парламентот, Претседателот одбил да го прогласи законот и го вратил во Парламентот на повторно разгледување.
42. Нацрт законот соодветно на тоа бил изменет и дополнет и листата на функции во владата или јавните служби недостапни за носителите на повеќе државјанства била намалена. Одредбите во врска со парламентарните избори исто така биле изменети и дополнети за да им се дозволи на лицата со двојно или повеќекратно државјанство да бидат кандидати на парламентарните избори; меѓутоа тие биле обврзани да ја информираат Централната изборна комисија за своите други државјанства пред да се регистрираат како кандидати и да се откажат од нив или да иницираат постапка за откажување од истите, пред нивните пратенички мандати да им бидат потврдени од страна на Уставниот суд (види во параграф 79 долу).
43. На 10 април 2008 г. новиот нацрт закон повторно бил изнесен пред Парламентот од Законодавната комисија на Парламентот. Како што е забележано горе истиот бил усвоен на тој датум. Во контекст на амандманите воведени со Законот бр. 273 исклучок бил воведен во одредбата во Законот за државјанство во врска со еднаквоста на граѓаните да се дозволи различен третман кога тоа е уредено со закон (види во параграфите 24 горе и 75 долу).
44. На 29 април 2008 г. Претседателот го прогласил законот усвоен од Парламентот на 10 април 2008 г. На 13 мај 2008 г. законот бил објавен во Службен весник и со тоа стапил на сила. Другите два амандмани во изборното законодавство (види во параграф 37 горе) исто така биле усвоени и стапиле на сила во мај 2008 г.
Д. Меѓународни реакции на изборната реформа
2. Комисијата на Советот на Европа против расизам и нетрпеливост
45. На 29 април 2008 г. Комисијата против расизам и нетрпеливост („ЕКРН“) објавила извештај усвоен на 14 декември 2007 г. Во својот извештај ЕКРН ја изразува својата загриженост околу амандманите што се однесувале на двојното и повеќекратното државјанство:
„16. ЕКРН забележува со интерес дека членот 25 од Законот за државјанство, во целост усогласен со членот 17 од Европската конвенција за државјанство, која е ратификувана од Молдавија, уредува дека молдавските државјани кои се државјани и на друга држава и кои имаат законско и вообичаено место на живеење во Молдавија ги уживаат истите права и обврски како и другите молдавски државјани. Во оваа насока ЕКРН би сакала да ја изрази загриженоста во врска со нацрт законот за измени и дополнување на одредени законски акти усвоени при нивното прво читање во Парламентот на 11 октомври 2007 г. Според овој нацрт закон само лицата со исклучиво молдавско државјанство имаат право да работат на високи позиции во владата и неколку јавни служби. Од информациите што ги прими, ЕКРН согледува дека доколку нацрт законот стапи на сила онаков каков што е, молдавските државјани со повеќе државјанства би биле во сериозно полоша состојба споредено со другите молдавски државјани кои имаат пристап до јавни функции. Оттука се чини дека доколку законот стапи на сила како таков, би довел до дискриминација односно неоправдано различен третман заради државјанството. ЕКРН сфаќа дека широка дебата се разви во Молдавија во времето на пишувањето на овој извештај што се однесува до овој нацрт закон и дека многу извори како на национално така и не меѓународно ниво ја нагласиле потребата од темелно ревидирање на текстот пред неговото конечно усвојување за да се обезбеди неговата компатибилност со националните и меѓународни стандарди.
...
18. ЕКРН силно препорачува молдавските власти да го вратат нацрт законот од 11 октомври 2007 г. ... за да се обезбеди дека тој не го прекршува принципот на недискриминација по основ на државјанството ниту пак да ги поткопа неодамнешните промени во законот за државјанство и да дозволи повеќекратно државјанство.
2. Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа
46. Во извештајот со датум од 14 септември 2007 г., Почитување на обврските и заложбите од страна на Молдавија, Комисијата на Парламентарното собрание за почитување на обврските и заложбите од страна на земјите членки на Советот на Европа („Комисија за почитување на обврските“) се забележува следново:
„20. Собранието ги цени напорите на молдавските власти за оценување на степенот на спроведување на препораките дадени од експертите на Советот на Европа. Меѓутоа, сите нови нацрт закони во области поврзани со обврските кон Советот на Европа мора да бидат подложени на стручно мислење и да бидат разгледани со експерти на Советот на Европа пред усвојувањето.“
47. Во својот последователен извештај од 9 јуни 2008 г., Состојбата со демократијата во Европа: функционирање на демократските институции во Европа и напредокот во рамките на постапката за мониторинг на Собранието, Комисијата за почитување на обврските, меѓу другото вели дека:
„80. Во својот извештај од 2007 г. за почитувањето на обврските и заложбите од страна на Молдавија (док. 11374), соизвестувачите на Комисијата за Молдавија ги поздравија промените направени во Изборниот законик во 2005 г. Особено, прагот за партиските листи што беше намален на 4% за листи на поединечни политички партии и на 8% за коалиции на политички партии ...
82. Комисијата за мониторинг беше ... алармирана од последните законодавни промени во однос на Изборниот законик. Во април 2008 г. молдавскиот Парламент повторно го измени Изборниот законик и го подигна прагот за партиските листи до 6%. Исто така, формирањето на ‘изборни блокови’ – заеднички листи поднесени од коалиција на партии – беше забрането. Овие мерки ја зголемија загриженоста и комисијата одлучи за кратко време да организира размена на гледишта со молдавската делегација на 15 април. Изборното законодавство не треба да се менува на секои две или три години следејќи ги политичките императиви. Треба да се дозволи широк спектар на политички сили да учествуваат во политичкиот процес за да се помогне во градењето на вистински плуралистички демократски институции. Соизвестувачите внимателно ќе ги разгледаат неодамнешните измени и дополнувања, како и причините зад неодамнешните случувања околу законите за време на набљудувањето на подготовката на наредните парламентарни избори што треба да се одржат на пролет во 2009 г.“
3. Парламентарното собрание на Советот на Европа
48. Загриженост беше изразена и од Парламентарното собрание во неговата резолуција бр. 1619 (2008) за состојбата со демократијата во Европа, усвоена на 25 јуни 2008 г.:
„5.3. Собранието ... жали за неодамнешната одлука на молдавскиот Парламент да го подигне овој праг за партиските листи на 6%.“
49. Во Резолуцијата 1666 (2009) за функционирањето на демократските институции во Молдавија, Парламентарното собрание изрази низа сериозни точки на загриженост:
“ ... во врска со делумното придржување на молдавските власти кон неговите претходни препораки во врска со подобрувањето на изборниот процес и зајакнувањето на демократските институции пред парламентарните избори од 5 април 2009 г. Измените и дополнувањата воведени во Изборниот законик во април 2008 г. го подигнаа изборниот праг од 4% на 6%, не предвидуваат изборни коалиции на политички партии и социо-политички организации и воведоа забрана за молдавските државјани со повеќе државјанства да вршат високи јавни функции. Комбинираниот ефект од овие измени и дополнувања беше да се ограничат можностите за низа политички сили делотворно да учествуваат во политичкиот процес, со што би се ослабил плурализмот.“
50. Тоа ја повика Молдавија:
„8.1. да продолжи со реформите на изборното законодавство, во соработка со Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанската комисија) за да се намали изборниот праг за политичките партии, и на тој начин да се отвори политичкиот процес за повеќе плурализам; ...
8.2. да се суспендира примената на членовите од Изборниот законик со кои им се забранува на луѓето кои имаат повеќе државјанства да извршуваат високи јавни функции, додека ја чекаат пресудата на Големиот судски совет на Европскиот суд за човекови права во случајот на Танасе и Киртоака против Република Молдавија;...“
4. Европската комисија за демократија преку правото
51. На 23 октомври 2008 г. Европската комисија за демократија преку правото („Венецијанската комисија“) објави извештај усвоен на 17-18 октомври 2008 г. (Мислење бр. 484/2008) во врска со измените и дополнувањата на Изборниот законик од април 2008 г. Извештајот критички се осврнува на сите аспекти од реформата. Што се однесува до измените кои ги засегаат носителите на повеќе државјанства тој го вели следново:
„30. Новиот став во членот 13(2) го отфрла правото да „биде избран“ на парламентарни избори за ‘лице кое покрај државјанството на Република Молдавија има и друго државјанство на местото на пратеник согласно условите на законот. 75’. Членот 75(3) вели дека едно лице со повеќе државјанства може да се кандидира под услов тој/таа ако биде избран/а да се откаже од сите други државјанства освен молдавското. Ова мора да се смета за некомпатибилност.
31. Покрај прашањето на формулацијата, ограничувањата на правата на граѓаните не треба да се засноваат на повеќекратното државјанство. Законикот за добра пракса во изборната материја ја цитира Европската конвенција за државјанство која Молдавија ја има ратификувано во ноември 1999 г., и која недвосмислено уредува дека „Државјаните на земјите потписнички кои поседуваат и друго државјанство, на територијата на државата потписничка во која тие живеат, ќе ги имаат истите права и обврски како и другите државјани на таа држава потписничка’.
32. Исто така, ова ограничување може да претставува повреда на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, членот 3 од првиот Протокол и 14 од Конвенцијата.“
5. Друга меѓународна критика
52. На 27 мај 2008 г. на состанок на Советот за соработка на ЕУ и Молдавија во Брисел тогашниот претседател на Советот на ЕУ за општи прашања и надворешни односи, словенечкиот министер за надворешни прашања изјавил дека е битно Молдавија да ги спроведе своите парламентарни избори во 2009 г. во согласност со меѓународните стандарди и изразил загриженост заради последните измени и дополнувања во изборното право со што бил зголемен изборниот праг на шест проценти.
53. Загриженоста во врска со изборната реформа исто така била посочена на 9 јули 2008 г. од страна на претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа во говор пред молдавскиот Парламент:
“... Јас силно ве охрабрувам да добиете одобрение од Венецијанската комисија за неодамна усвоените измени и дополнувања во законодавството што ќе се применуваат на следните избори, имено во однос на она што се однесува на изборниот праг, изборните блокови и двојното државјанство. Ова се деликатни проблеми и потребно е да се најде вистинската рамнотежа меѓу преокупациите што ве воделе да ги изготвите овие амандмани и загриженоста на меѓународната заедница во врска со компатибилноста на овие амандмани со принципите на Советот на Европа.
Ѓ. Оспорување пред Уставниот суд
54. На 9 декември 2008 г. г-динот Влад Филат, претседател на Либерал-демократската партија упатил жалба до Уставниот суд тврдејќи дека Законот бр. 273 е неуставен.
55. На 26 мај 2009 г. Уставниот суд донел пресуда за уставноста на Законот бр. 273. Тој одлучил дека законот е уставен и важечки во целост. Тој одлучил дека одредбите од законот биле јасни и недвосмислени, дека тие биле достапни со тоа дека биле објавени во Службен весник и дека биле предвидливи со оглед дека овозможувале, со доволна прецизност, молдавските државјани коишто сакале да се кандидираат во Парламентот но имале и друго државјанство да заземат соодветно општествено однесување за да обезбедат нивните права да не им бидат скратени. Тој нагласил дека законот не ги спречувал лицата со двојно државјанство да станат пратениците во Парламентот бидејќи им нудел можност да се придржуваат на законот. Понатаму сметал дека одредбите од законот требало да бидат усогласени со нормите на меѓународното право, заклучувајќи дела различните меѓународни инструменти им дозволувале на државите да стипулираат некомпатибилност во врска со државните функционери носители на повеќе државјанства.
56. Судот исто така одлучил дека законот имал легитимна цел, имено лојалност на молдавската држава во контекст на важноста на државниот суверенитет и потребата од постојана политичка и законска врска меѓу избирачот и државата. Тој сметал дека за молдавските граѓани кои имаат државјанство и од друга држава, важноста на молдавското државјанство било значително намалено со оглед дека едно лице можело да не се води само од уставните барања на Молдавија и интересите на молдавскиот народ, туку исто така и од интересите на странска држава. Соодветно на тоа, ако им се дозволи на пратениците во Парламентот да се носители на двојно државјанство тоа би било спротивно на принципот на независност на мандатот на членовите на Парламентот, државниот суверенитет, националната безбедност и необелоденувањето на доверливи информации. Во оваа насока судот инсистирал дека обезбедувањето на национална безбедност и консолидирање на молдавската државност биле од најитна потреба во контекст на движењата за поткопување на молдавската држава.
57. Судот исто така сметал дека интервенцијата била соодветна со оглед дека таа не влијаела на суштината на изборните права, туку само го применила правото да се стане член на Парламентот под услов да се поседува исклучиво молдавско државјанство. Граѓаните би можеле да изберат меѓу работно место за кое се бара едно државјанство и задржување на своето повеќекратни државјанство, но да работи на друго место.
58. Што се однесува до аргументот дека законот довел до нееднаков третман на молдавските државјани, судот сметал дека принципот на еднаквост не треба да се меша со принципот на еднообразност. Оние што биле носители на повеќе државјанства не биле во иста позиција како оние што биле носители на едно молдавско државјанство и затоа двата случаи не биле компатибилни.
Е. Политичките настани после изборната реформа во 2008 г.
59. На 5 април 2009 г. биле одржани парламентарните избори. Комунистичката партија добила 60 места во Парламентот. Три опозициски партии заедно добиле 41 место: Либерал-демократската партија и Либералната партија добиле по 15 места; а Нашата молдавска алијанса добила 11 места. Од 101 избран пратеник 21 имале повеќе од едно државјанство или имале поднесени барања за второ државјанство со што биле засегнати од одредбите на Законот бр. 273. Сите 21 пратеник биле членови на опозициските партии.
60. На априлските избори, жалителот бил избран во молдавскиот Парламент. За да може да го земе мандатот тој морал да иницира процедура за откажување од своето романско државјанство. Тоа го сторил со тоа што испратил писмо до Романската амбасада во Кишињев најавувајќи дека е присилен да иницира откажување од своето романско државјанство, но назначувајќи дека го задржува правото да го повлече писмото после пресудата на Големиот судски совет во овој случај.
61. На 22 април 2009 г. Уставниот суд го потврдил мандатот на жалителот, земајќи го во предвид неговото писмо до Романската амбасада.
62. Комунистичката партија последователно сакала да избере Претседател на Републиката. Меѓутоа во две издвоени прилики не успеале да добијат 61 глас во Парламентот што биле неопходни за избор на Претседател. Соодветно на тоа на 15 јуни 2009 г. Парламентот бил распуштен. Новите парламентарни избори биле закажани за 29 јули 2009 г.
63. Пред распуштањето на Парламентот повторно било изменето и дополнето изборното законодавство спуштајќи го изборниот праг од шест на пет проценти и намалувајќи ја задолжителната стапка на учество од педесет и ден процент на една третина од регистрираните гласачи. Опозицијата изразила загриженост околу измените тврдејќи дека тие имале за цел да и помогнат на Христијанско демократската народна партија, сојузник на Комунистичката партија во претходниот Парламент да го исполнат изборниот праг и да влезат во Парламентот.
64. Во меѓувреме истакната личност од Комунистичката партија и претседател на претходниот Парламент, г-динот Лупу ја напуштил Комунистичката партија и станал лидер на мала партија, Демократската партија, која не го исполнила прагот на изборите во април 2009 г.
65. На изборите на 29 јули 2009 г. пет партии го исполните изборниот праг. Комунистичката партија добила 48 места. Либерал-демократската партија добила 18 места; Либералната партија добила 15 места; Демократската партија добила 13 места; а Нашата молдавска алијанса добила 7 места. Последниве четири партии формирале коалиција наречена Алијанса за европска интеграција. Коалицијата имала вкупно 53 места и со тоа мнозинство во Парламентот.
66. Жалителот повторно бил избран. Неговиот мандат последователно бил потврден од Уставниот суд по обезбедувањето на документи кои покажувале дека иницирал постапка за откажување од своето романско државјанство (види во параграфот 60 горе).
67. Мнозинството го избрало г-динот Михаи Гимпу како претседател на Парламентот на 28 август 2009 г. На 11 септември 2009 г. Претседателот на Молдавија, г-динот Владимир Воронин, дал оставка. Според молдавскиот устав, г-динот Гимпу, во својство на претседател на Парламентот, ја презел улогата на вршител на должност на Претседател до изборот на Претседателот во рамките на предвиденото време.
68. Од 25 септември 2009 г. со Молдавија управувала коалицијата Алијансата за европска интеграција. На тој датум, г-динот Влад Филат бил формално именуван за премиер и низа министри исто така биле формално назначени. Жалителот бил назначен за министер за правда. Согласно молдавското право, жалителот ќе го задржел својот мандатот како член на Парламентот во времетраење од шест месеци по неговото назначување за министер.
69. На 10 ноември 2009 г. Парламентот направил прв обид за да го избере г-динот Мариан Лупу за Претседател. Г-динот Лупу не бил избран затоа што биле потребни 61 глас кои не биле обезбедени. Комунистичката партија одбила да учествува во гласањето. Вториот обид за избор на Претседател бил направен на 7 декември 2009 г. Повторно, обидот бил неуспешен заради тоа што не биле обезбедени потребните 61 глас.
70. Согласно молдавскиот Устав доколку коалицијата не успеала да избере Претседател, требале да се одржат нови парламентарни избори.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Позицијата на меѓународните договори во Молдавија
71. Членот 4 од Уставот на Република Молдавија вели:
„(1) Уставните одредби во однос на човекови права и слободи ќе се сфаќаат и спроведуваат во согласност со Универзалната декларација за човекови права, и другите конвенции и договори на која Република Молдавија е потписничка.
(2) секогаш кога ќе се појават недоследности меѓу конвенциите и договорите за човекови права потпишани од Република Молдавија и нејзините сопствени национални закони, меѓународната регулатива ќе превлада.“
72. Членот 8 од Уставот уредува дека:
„(1) Република Молдавија е обврзана во однос на Повелбата на Обединетите нации и договорите кои ги има потпишано ...“
73. Релевантните одредби од Законот бр. 595 во врска со меѓународните договори на Република Молдавија велат, што се однесува на релевантното:
„Член 19. Почитување на меѓународните договори
Меѓународните договори ќе се почитуваат со добра верба, во согласност со принципот на pacta sunt servanda. Република Молдавија не може да се повика на своите внатрешни закони како оправдување за непочитувањето на меѓународен договор на кој е потписничка.
Член 20. Примена на меѓународните договори
Одредбите на меѓународните договори кои, според нивната формулација, подложат на примена без да има потреба да се донесат посебни законски акти, ќе имаат карактер на примена и директно ќе се применуваат во молдавскиот правен систем. За реализацијата на други одредби од договорите ќе се усвојат посебни нормативни акти.“
Б. Законот за молдавско државјанство
74. Според членот 24 од Законот за државјанство на Република Молдавија (Законот 1024 од 2 јуни 2000 г.), со измените и дополнувањата од 5 јуни 2003 г., повеќекратните државјанства се дозволени во Молдавија, а доколку молдавски државјанин добие и друго државјанство тоа не повлекува губење на молдавското.
75. Членот 25 уредува дека молдавските државјани кои имаат законско и вообичаено место на живеење на територијата на Молдавија а се носители на државјанство и на друга држава ќе ги имаат истите права и обврски како и другите државјани на Молдавија. Законот бр. 273 додал исклучок на принципот во членот 25 за еднаквиот третман на сите државјани „во случаи предвидени со закон“.
76. Членот 39 предвидува лицата што ќе добијат молдавско државјанство преку натурализација на повторно стекнување на државјанство да дадат заклетва за верност. Во заклетвата се вели:
„Јас (презиме, лично име), роден на (време и место на раѓање), се колнам дека ќе бидам верен граѓанин на Република Молдавија, дека ќе го почитувам нејзиниот Устав и другите закони и дека нема да преземам дејствија што ќе им наштетат на интересите и територијалниот интегритет на државата.“
В. Правото на гласање и кандидирање за избори
77. Во однос на правото да се гласа и да се биде избран, Уставот уредува, што се однесува до релевантното:
„Член 38. Право да се гласа и да се биде избран
(3) Правото да се биде избран е гарантирано за молдавските државјани кои имаат право да гласаат, во рамките на условите во законот.
Член 39. Право на учество во администрацијата
(1) Државјаните на Молдавија ќе имаат право да учествуваат во администрирањето на јавните работи лично или преку нивни претставници.
(2) Секој државјанин ќе има пристап во согласност со законот, до јавни функции.“
78. Законот бр. 273 воведува измени и дополнувања во изборното законодавство. Членот 10 од нацрт законот усвоен од Парламентот на 10 декември 2007 г., но не прогласен од Претседателот, предлагал Изборниот законик да биде изменет и да го вклучува следново:
„Кандидатите за пратеници треба да бидат најмалку на осумнаесет годишна возраст на денот на изборите, да имаат исклучиво молдавско државјанство, да живеат во земјата и да ги исполнуваат условите уредени со овој закон.
79. Членот 9 од конечната верзија на Законот бр. 273 кој стапил на сила на 13 мај 2008 г. ја вовел следнава одредба во Изборниот законик:
„(1) Кандидатите за пратеници треба да бидат најмалку на осумнаесет годишна возраст на денот на изборите, да имаат молдавско државјанство, да живеат во земјата и да ги исполнуваат условите уредени со овој закон.
(2) Во моментот на регистрирање како кандидат секое лице носител на државјанство на друга земја ќе пријави дека тој или таа е носител на друго државјанство или дека тој или таа поднел/а барање за друго државјанство.
(3) Во времето на потврдување на мандатот на пратеник во Парламентот, лицето посочено во став (2) ќе обезбеди документи дека тој или таа се откажал/а или иницирал/а постапка за откажување од државјанството на други држави или дека тој или таа го повлекол/повлекла барањето за друго државјанство.
(4) Доколку лицето кое е носител и на друго државјанство не го пријави овој факт во моментот на регистрирање како кандидат за член на Парламентот или фактот дека стекнал друго државјанство за време на извршувањето на пратеничкиот мандат, тоа ќе претставува основа за Уставниот суд да го поништи неговиот пратенички мандат на барање на Централната изборна комисија.
80. Позицијата Транснистрија е утврдена во членот 21 од Законот:
“ ... (3) Некомпатибилностите предвидени во актуелниот закон ќе се однесуваат на лица што живеат во Транснистрија само што се однесува на она што е стипулирано во законот во врска со специјалниот правен статус на Транснистрија.“
81. Ограничена парламентарна дебата се одржа токму на оваа конкретна одредба во Законот. Единствениот релевантен извадок е следниов:
„Владимир Туркан, пратеник, претседател на Судскиот одбор за назначување и имунитет во Парламентот, на пленарните парламентарни дискусии на 7 декември 2007:
Владимир Брага, пратеник:
Граѓаните кои се државјани на Република Молдавија и живеат во Транснистрија и понатаму ќе имаат двојно државјанство и тогаш делотворноста на законот се маргинализира, или да се изразам подобро, ги отфрламе државјаните на Транснистрија кои исто така се државјани на Молдавија.
Владимир Туркан, пратеник:
Воопшто не е така. Има една работа која мора да се разбере: најпрво овој закон не важи за сите граѓани. Второ тој се однесува на оние кои се на јавни функции. Трето ние намерно овде додадовме клаузула во завршните и преодни одредби: Сакам да обрнете внимание на фактот дека третиот став се однесува на лицата коишто живеат и работат кај властите од левиот брег, во Транснистрија, дека овој закон не се применува во овој случај за споменатите лица и дека ќе се применува [за нив] само доколку тоа е уредено во Законот што се однесува на посебниот статус на Транснистрија.“
Г. Пристап до Уставниот суд
82. Според членот 38 од Законикот за судска јуриздикција на Република Молдавија до Уставниот суд може да се обрати само Претседателот на земјата, Владата, министерот за правда, Врховниот суд на правдата, Стопанскиот суд, главниот обвинител, пратениците, парламентарните групи и народниот правобранител.
III. РЕЛЕВАНТНИ ИНСТРУМЕНТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Европската конвенција за државјанство
83. Преамбулата на Европската конвенција за државјанство на Советот на Европа („ЕКД“), која стапи на сила генерално и во однос на Молдавија на 1 март 2000 г. ја објаснува целта на ЕКД и уредува што се однесува до релевантното:
„Признавање дека што се однесува со државјанството треба да се земат во предвид обата легитимни интереси, оние на државите и оние на поединците;
...
Забележувајќи го различниот пристап на државите во однос на прашањето на повеќекратното државјанство и согледувајќи дека секоја држава е слободна да одлучи кои последици во своето домашно право таа ќе ги прилепи на фактот дека еден државјанин се стекнува или поседува друго државјанство;
...”
84. Членот 15 од ЕКД ги поставува можните случаи на повеќекратно државјанство освен оние кои произлегуваат кога лицето ќе се стекне со повеќекратно државјанство автоматски со раѓањето или второ државјанство автоматски со стапување во брак. Тој го уредува следново:
„Одредбите на оваа Конвенција нема да го ограничат правото на државата потписничка да утврди во своето домашно право дали:
а. нејзините државјани кои стекнуваат или поседуваат државјанство на друга држава го задржуваат нејзиното државјанство или го губат;
б. стекнувањето или задржувањето на нејзиното државјанство е предмет на одрекување или губење на друго државјанство.“
85. Во врска со правата и обврските во однос на државјанството, членот 17 уредува:
„Државјаните на земјите потписнички кои поседуваат и друго државјанство, на територијата на таа држава потписничка во која тие живеат, ќе ги имаат истите права и обврски како и другите државјани на таа држава потписничка’.
Одредбите на тоа поглавје не влијаат на:
а. правилата на меѓународното право во врска со дипломатската или конзуларната заштита на земјата потписничка во корист на еден од нејзините државјани кои истовремено поседуваат друго државјанство;
б. примената на правилата на приватното меѓународно право на секоја земја потписничка во случаи на повеќекратно државјанство.“
Б. Кодексот за добра пракса во изборната материја на Венецијанската комисија на Советот на Европа (CDL-AD (2002) 23 rev)
86. Венецијанската комисија има усвоено Кодекс за добра пракса во изборната материја. Објаснувачкиот извештај кон Кодексот на праксата го вели следново, што се однесува до релевантното:
„6б. Согласно Европската конвенција за државјанство лицата носители на двојно државјанство мораат да ги имаат истите изборни права како другите државјани.
...
63. Стабилноста на законот е од клучна важност за кредибилитетот на изборниот процес, кој сам по себе е од витална важност за консолидирање на демократијата. Правилата кои често се менуваат – и особено правилата кои се комплицирани – можат да ги збунат гласачите. Пред сè, гласачите можат да заклучат со право или погрешно, дека изборниот закон е едноставно алатка во рацете на моќните, и дека нивните сопствени гласови имаат малку тежина во одлучувањето на изборните резултати.
64. Во пракса, меѓутоа, не е толку стабилноста на основните принципи која треба да се заштити (тешко дека тие сериозно ќе бидат оспорени) колку стабилноста на некои од поспецифичните правила на изборното право, особено оние што го покриваат изборниот систем per se, составот на изборните комисии и одредувањето на границите на изборните единици. Овие три елементи честопати со право или погрешно се сметаат за одлучувачки фактори за изборните резултати и мора да се обрне внимание да се избегне не само манипулацијата во корист на партијата на власт туку и чистиот впечаток на манипулација.
65. Не е толку менувањето на гласачките системи лоша работа – тие секогаш можат да бидат сменети на подобро – колку нивното често менување или пред самите избори (една година пред истите). Дури и кога не е целта манипулација, промените ќе се чини дека се диктирани од чисто партиски политички интереси.“
IV. ПРАВОТО И ПРАКСАТА ВО ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
87. Врз основа на информациите достапни на Судот, се чини дека покрај Молдавија, три земји (Азербејџан, Литванија и Бугарија ) јасно забрануваат лица со двојно државјанство да бидат избрани во Парламент. Во Азербејџан и Литванија во секој случај е забрането поседување на двојно државјанство; во Бугарија двојното државјанство е дозволено. Уставот на четврта земја, Малта, уредува дека едно лице нема да се квалификува да биде избрано во Претставничкиот дом „доколку е државјанин на друга земја покрај Малта и станал нејзин државјанин на доброволна основа или ако е под декларација на верност на таа земја“; не е во целост јасно дали одредбата важи за оние што не се државјани или за лица со повеќекратно државјанство. Во секој случај нема познати примери на примена на одредбата и не е јасно дали имала за цел ограничувањето на остане на сила по измените и дополнувањето на законот со што било дозволено двојно државјанство на Малта во 2000 г. Романија, која дозволува двојно државјанство ја крена својата забрана за лица со двојно државјанство да станат пратеници во 2003 г.
88. Во Летонија нема забрана за членовите на Парламентот да имаат двојно државјанство но едно лице со двојно државјанство не може да биде избрано за Претседател. Треба да се забележи дека двојното државјанство е забрането во принцип според летонското право, иако е дозволено во одредени ограничени околности. Монако ги ограничува граѓаните да станат членови на Националниот совет доколку се на јавна или избрана функција во друга држава. Португалија забранува лица со двојно државјанство кои не живеат таму да станат членови на Парламентот за изборната единица која ја покрива територијата на нивното друго државјанство.
89. На кратко три држави во Советот на Европа – Молдавија, Бугарија и Малта (предмет на двосмисленоста прикажана горе) - во моментов дозволуваат двојно државјанство, но забрануваат лица со двојно државјанство да станат пратеници во Парламентот. Покрај тоа, Литванија и Азербејџан, кои забрануваат двојно државјанство исто така забрануваат лице со двојно државјанство да стане пратеник во Парламентот. Од овие други четири земји, Литванија и Азербејџан не ја имаат потпишано ЕКД; Бугарија има поднесено резерва во однос на членот 17 од ЕКД; а Малта ја има потпишано но не и ратификувано ЕКД.
90. Дваесет и седум држави покрај Молдавија дозволуваат двојно државјанство. Во 19 земји членки, двојното државјанство е забрането во принцип. Двојното државјанство е забрането во Украина.
91. Литванија, Летонија и Естонија забрануваат двојно државјанство. Според пописот за 2000 г. имало околу 200 државјани на Естонија со двојно државјанство. Има околу 700 лица со двојно државјанство во Литванија. Немаме бројки за Летонија. Околу четвртина од населението на Летонија и Естонија се етнички Руси.
92. Во државите на поранешна Југославија, Хрватска, Србија, Словенија и поранешната Југословенска Република Македонија дозволуваат двојно државјанство иако Хрватска и Словенија бараат тоа да се исклучи за натурализирани државјани. Во Босна и Херцеговина и во Црна Гора двојното државјанство е дозволено само за државите со кои имаат склучен билатерален договор. Населението од повеќето од овие држави се етнички мешани. Црна Гора (43% Црногорци; 32% Срби; 8% Бошњаци; 17% други) и Босна и Херцеговина (48% Бошњаци; 37.1% Срби; 14.3% Хрвати; 0,6% други) имаат етнички најмешано население по кои следи поранешната Југословенска Република Македонија (64.2% Македонци; 25,2% Албанци; 10,6% други). Бројот на лица со двојно државјанство во овие земји е непознат. Ниедна од овие земји не забранува лицата со двојно државјанство да се кандидираат за во Парламентот.
93. Од дваесет и седум земји членки на ЕУ, шеснаесет дозволуваат двојно државјанство, кај пет е забрането или го дозволуваат само во исклучиви околности (Чешката Република, Данска, Грција, Литванија и Полска) и шест (Австрија, Естонија, Германија, Летонија, Холандија и Шпанија) го дозволуваат во одредени околности, до различен степен. Две држави – Литванија и Бугарија – забрануваат избор на лица со двојно државјанство во Парламентот. Дополнителни ограничувања постојат во три држави (Летонија, Малта и Португалија – види во ставовите 87 до 88 горе).
ПРАВОТО
94. Жалителот тврдеше дека забраната за молдавските државјани носители на други државјанства да бидат членови на Парламентот по нивниот избор го попречува нивното право да се кандидираат на слободни избори и да го заземат своето место во Парламентот доколку бидат избрани, со што обезбедуваат слободно изразување на мислењето за луѓето што го избираат законодавното тело. Тој се повикаа на членот 3 од Протоколот бр. 1 кој уредува:
„Високите страни договорнички преземаат обврска да одржат слободни избори на разумни интервали со тајно гласање под услови кои ќе обезбедат слободно изразување на мислењето на луѓето кои го избираат законодавното тело.“
95. Тој исто така се жалеше согласно членот 14 земен заедно со членот 3 од Протоколот бр. 1 дека бил подложен на дискриминација во споредба со молдавските државјани кои се носители на повеќе државјанства и живеат во Транснистрија. Членот 14 од Конвенцијата уредува:
„Уживањето на правата и слободите, утврдени во [оваа] Конвенција, ќе бидат обезбедени без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.“
I. ПРЕЛИМИНАРНИ ПРИГОВОРИ
А. Статус на жртва
1. Заклучоци на Судскиот совет
96. Судскиот совет упати на претходната судска пракса на Судот во однос на тоа дека било можно за едно лице да тврди дека еден закон ги повредил неговите права заради непостоење на поединечна мерка за спроведување кога од него се бара да го смени однесувањето или припаѓал на класа на луѓе кои ризикувале да бидат директно погодени од законот. Се смета дека жалителот бил директно погоден од Законот бр. 273 бидејќи доколку бил избран ќе требал да направи тежок избор меѓу тоа да биде пратеник или да го задржи своето двојно државјанство. Навистина, свесноста за тешкиот избор можел да има тешки последици по изборната кампања на жалителот, како во смисла на неговата лична инвестиција и напор така и во смисла на ризикот од губење на гласовите на електоратот. Судскиот совет затоа го отфрлил приговорот на Владата дека на жалителот немал статус на жртва.
2. Изјаснување на странките
а. Молдавската Влада
97. Владата тврдеше во своите поднесоци до Големиот судски совет дека жалителот не бил жртва во рамките на значењето на членот 34 од Конвенцијата бидејќи случајот бил поднесен до Судот пред Законот 273 да биде прогласен. Повикувајќи се на Очич против Хрватска (Očič v. Croatia (dec.), no. 46306/99, ECHR 1999‑VIII), тие понатаму тврдеа дека тврдењето на жалителот било actio popularis со кое се барало разгледување на закон во апстракт со оглед дека во времето на неговата жалба до Судот, законот во прашање никогаш не бил применет врз него на негова штета. Во случаите на кои Судскиот совет упатил за да го поддржи својот заклучок дека жалителот бил жртва биле издвоени од страна на Владата бидејќи во тие случаи за разлика од актуелниов случај законот што бил оспоруван имало стапено на сила. Иако Судот сметал дека еден жалител е потенцијална жртва на усвоен закон кој никогаш не бил применет против него, тој никогаш порано не одлучил дека жалител бил жртва или потенцијална жртва на нацрт закон. Владата се повикуваше на Христијанската федерација на Јеховини сведоци во Франција против Франција (The Christian Federation of Jehovah’s Witnesses in France v. France (dec.), no. 53430/99, ECHR 2001-XI), каде Судот забележал дека тој го прифатил поимот на потенцијална жртва во случаи кога жалителот не бил во позиција да покаже дека законот на кој се жалел всушност бил применет на него заради тајната природа на мерките што ги овластува (Клас и други против Германија, цитиран горе); кога законот што казнува хомосексуална активност најверојатно ќе се примени на одредена категорија на населението, на која жалителот и припаѓа (Dudgeon v. the United Kingdom, 22 October 1981, Series A no. 45); и конечно кога е веќе одлучено да се спроведе насилно отстранување на странци но не е спроведено, а усвојувањето на мерката би ги изложило засегнатите лица на ризик да бидат третирани спротивно на членот 3 во земјата која е дестинација (Soering v. the United Kingdom, 7 July 1989, Series A no. 161) или би го прекршила правото на почитување на семејниот живот (Beldjoudi v. France, 26 March 1992, Series A no. 234). Владата тврдеше дека државите потписнички не се согласиле кога ја ратификувале Конвенцијата дека нацрт законите би можеле да бидат оспорени на Суд. Доколку таквите оспорувања биле можни кога немало можност на домашно ниво да се оспори нацрт закон жалителите би биле охрабрени да се обратат директно на Судот, прекршувајќи го принципот на супсидијарност и тоа би водело кон голем пораст на бројот на случаи пред Судот.
98. Владата понатаму тврдеше дека на едно лице со повеќе државјанства му било дозволено да се кандидира во Молдавија и требало само да покаже, за неговиот мандат да му биде одобрен од Уставниот суд дека тој иницирал процедура за откажување за другите државјанства освен молдавското (види во параграф 79 горе). Немало одредба во Изборниот законик која дозволувала мандатот на еден пратеник последователно да биде поништен на основ дека процедурата за откажување никогаш не била завршена. Во овој случај откако мандатот на жалителот бил потврден немало начин за поништување на неговиот мандат доколку тој не го завршел откажувањето од неговото романско државјанство.
б. Жалителот
99. Жалителот призна дека неговата жалба до судот била поднесена пред Законот бр. 273 да биде официјално донесен. Меѓутоа тој тврдеше дека тој веќе бил усвоен во Парламентот (види во параграф 38 горе) и затоа било неизбежно законот да биде потпишан од Претседателот и да стапи на сила порано или подоцна. Владата била известена за жалбата од Судот на 17 јуни 2008 г. до кога оспорениот закон веќе бил на сила (види во параграф 44 горе).
100. Жалителот исто така посочи дека по неговиот избор во Парламентот, не му било дозволено да го заземе своето место сè додека не ја започнал процедурата за откажување од своето романско државјанство (види во параграфите 60 до 61 и 66 горе). Доколку одбиел да ја започне процедурата, не ќе можел да биде пратеник.
101. Жалителот согласно тоа го повикал Судот да утврди дека тој бил жртва на оспорениот закон.
в. Романската Влада
102. Романската Влада тврдеше дека жалителот можел да се смета за жртва согласно членот 34 од Конвенцијата. Повикувајќи се на Клас и други против Германија, цитиран горе, § 34, тие тврдеа дека едно лице може да е жртва по природата на чистото постоење на мерките или законот, без да покаже дека мерките или законот во прашање биле применети против него. Тие забележале дека кога жалбата била поднесена до Судот, жалителот, политичар, ја изразил својата намера да се кандидира на изборите во 2009 г. Затоа ризикувал да биде погоден од новиот закон. Во случајот тој бил избран и од него да се барало да започне процедура за откажување од романското државјанство. Романската Влада го сметаше случајот на Очич против Хрватска, цитиран горе од тужената Влада, за нерелевантен за оваа жалба бидејќи во тој случај жалителот не успеал да покаже дека тој би бил лично погоден од оспорениот закон. Романската Влада понатаму упатува на фактот дека Судскиот совет ја донел својата пресуда по усвојувањето на законот. Соодветно на тоа, тие тврдеа дека жалбата не се однесувала само на нацрт законот.
103. Романската Влада го повикала Судот да го отфрли приговорот на тужената Влада.
3. Оценка на Судот
104. Судот повторува дека за да може да се поднесе молба на основ на членот 34, едно лице, невладина организација или група на поединци мораат да можат да тврдат дека се жртва на повреда на правата утврдени во Конвенцијата. За едно лице да тврди дека е жртва на повреда, лицето мора да биде директно погодено од оспорената мерка: Конвенцијата не предвидува изнесување на actio popularis за толкувањето на правата што таа ги содржи или да им дозволи на лица да се жалат на одредба од националното право чисто затоа што сметаат, без да бидат директно погодени дека тоа може да ја прекрши Конвенцијата. Меѓутоа, тоа е отворено за лице кое тврди дека еден закон ги повредува неговите права во отсуство на поединечна мерка за спроведување доколку од него се бара или да го смени своето однесување или ризикува прогон или ако припаѓа на класа на луѓе кои ризикуваат да бидат директно погодени од законот (види Burden v. the United Kingdom [GC], no. 13378/05, §§ 33 and 34, 29 April 2008; Open Door and Dublin Well Woman v. Ireland, цитиран горњ, § 44; и Klass and Others v. Germany, 6 September 1978, § 33, Series A no. 28).
105. Во Бурдов против Русија (Burdov v. Russia, no. 59498/00, § 30, ECHR 2002‑III) Судот одлучил дека прашањето дали жалителот можел или не можел да тврди дека е жртва на наводната повреда било релевантно во сите фази од постапките согласно Конвенцијата (види исто така E. v. Austria, no. 10668/83, Commission decision of 13 May 1987, Decisions and Reports 52, p. 177) Судот потсетува дека одредбите од Конвенцијата треба да се толкуваат на начин кој ги прави нејзините заштити практични и делотворни (види, inter alia, Soering v. the United Kingdom, цитиран горе; и Artico v. Italy, 13 May 1980, § 33, Series A no. 37). При оценувањето дали жалителот може да тврди дека навистина бил жртва на наводната повреда мора да се земе во предвид не само формалната позиција во времето кога жалбата била поднесена во Судот туку и сите околности на случајот во прашање, вклучително и секаков развој на настаните пред датумот на испитување на случајот од страна на Судот (види, mutatis mutandis, Akdivar and Others v. Turkey, 16 September 1996, § 69, Reports of Judgments and Decisions 1996‑IV).
106. Имајќи ги на ум овие елементи, Судот смета дека прашањето дали жалителот има статус на жртва треба да се утврди во времето на испитување на случајот од страна на Судот кога таквиот пристап е оправдан од околностите. Во оваа насока тој упатува на својата судска пракса на губење на статусот на жртва кога ги разгледал приговорите на тужените Влади дека чекори биле преземени од страна и во тужената земја по поднесувањето на жалбата до Судот при што било обезбедено соодветно обесштетување за наводната повреда така што жалителот не можел повеќе да се смета за жртва согласно членот 34 од Конвенцијата (види, на пример, Amuur v. France, 25 June 1996, § 36, Reports 1996‑III; Chevrol v. France, no. 49636/99, § 37 to 43, ECHR 2003‑III; Siliadin v. France, no. 73316/01, § 54 и 63, ECHR 2005‑VII; и Ramazanova and Others v. Azerbaijan, no. 44363/02, § 36 to 39, 1 February 2007). Во повеќе случаи жалбите се прогласени за недопуштени или се избришани од листата кога такви последователни чекори имаат обезбедено соодветно обесштетување за жалителот кој соодветно на тоа го изгубил статусот на жртва (види, на пр., Conrad v. Germany, no. 13020/87, Commission decision of 13 April 1988; Caraher v. the United Kingdom (dec.), no. 24520/94, ECHR 2000‑I; и Ohlen v. Denmark (striking out), no. 63214/00, §§ 28 to 31, 24 February 2005). Судот затоа ќе испита дали жалителот има статус на жртва согласно членот 34 од Конвенцијата со оглед на сите околности на случајот.
107. Во овој случај, Судот забележува дека оспорениот закон стапил на сила во мај 2008 г. (види во параграф 44 горе). Затоа оваа жалба се однесува на усвоениот закон.
108. Што се однесува до тоа дали мерката била применета врз жалител на негова штета, Судот забележува дека по неговиот избор во април 2009 г. жалителот бил обврзан да иницира постапка за да се откаже од своето романско државјанство за да му биде потврден неговиот мандат како член на Парламентот од страна на Уставниот суд што ќе му овозможело да го заземе своето место. Тој ја започнал оваа процедура (види во параграфите 60 до 61 горе). Повторно, после неговиот избор во јули 2009 г. од жалителот се барало до Уставниот суд да достави повеќе докази за неговото иницирање на постапка за откажување со цел неговиот мандат да му биде потврден (види во параграф 66 горе). Судот соодветно на тоа заклучува дека жалителот бил директно погоден од Законот бр. 273 со оглед дека бил обврзан да иницира постапка која го изложувала на ризик да го изгуби своето романско државјанство. Понатаму, и во секој случај, дури и пред неговиот избор спознанието дека доколку биде избран од него ќе се бара да преземе чекори за да се откаже од своето романско државјанство ако сакал да го заземе своето место во Парламентот несомнено влијаело на него во текот на целата негова изборна кампања. Исто така тој можел да изгуби гласови со оглед дека избирачите биле свесни дека постои шанса тој да одлучи да не го заземе своето место доколку тоа би значело губење на неговиот статус на двоен државјанин. Со оглед дека жалителот бил директно погоден од законот во прашање, Судот заклучува дека мерката имала штетни последици по него.
109. Што се однесува до аргументот на Владата дека Законот 273 барал процедурата за откажување чисто да биде иницирана а не и завршена, Судот не смета дека тоа го отстранува статусот на жртва на жалителот. Иако мандатот на жалителот бил потврден од Уставниот суд од него се барало да испрати писмо до романските власти со барање за покренување на постапка за откажување од неговото романско државјанство, како што и сторил. Точно е дека романската Влада сè уште нема преземени чекори за лишување на жалителот од неговото романско државјанство. Меѓутоа однесувањето на романските власти не е под контрола на жалителот и тие официјално немаат преземено ништо за да не делуваат по барањето на жалителот за откажување од неговото романско државјанство. Соодветно на тоа тие може да одлучат во секое време да ја завршат процедурата за откажување.
110. Во секој случај, секогаш кога жалителот сака да се кандидира за избор во Парламентот тој ќе се соочи со несигурност бидејќи нема да знае дали Уставниот суд ќе прифати дека тој се придржувал на законот и дали романската Влада ќе преземе чекори за да го спроведе неговото барање за откажување од романското државјанство.
111. Затоа приговорот на Владата што се однесува на отсуството на статус на жртва се отфрла.
Б. Неисцрпување на домашните правни лекови
1. Заклучоци на Судскиот совет
112. Судскиот совет го отфрли приговорот на Владата дека жалителот не успеал да ги исцрпи домашните лекови со оглед дека не се жалел до народниот правобранител, кој од своја страна можел да поднесе оспорување на Законот бр. 273 пред Уставниот суд. Судскиот совет нагласил дека условот за исцрпување на домашните правни лекови важел само за оние правни лекови кои биле достапни и делотворни. Во актуелниот случај, правниот лек на кој се повикувала Владата не можел да се смета за делотворен со оглед дека не бил достапен за жалителот да се жали директно кај Уставниот суд.
2. Изјаснување на странките
а. Молдавската Влада
113. Владата тврдеше дека жалителот можел да побара од г-динот Филат, кој бил член на Парламентот и со тоа бил во можност да поднесе барање до Уставниот суд (види параграф 82 горе) да го оспори Законот бр. 273 пред Уставниот суд. Упатувајќи на заклучокот на Судскиот совет дека барање до Уставниот суд преку народниот правобранител не бил делотворен лек Владата направи разлика меѓу актуелниот предлог врз основа дека г-динот Филат бил претседател на политичка партија на која жалителот бил потпретседател; г-динот Филат исто така имал двојно државјанство; и г-динот Филат веќе му помогнал во актуелниов случај. Согласно тоа тие тврдеа дека правниот лек што бил предложен бил достапен за жалителот.
114. Владата нагласи дека овој случај се однесувал на прашањето на уставноста која можела да се поправи само од Уставниот суд. Во нивните изјаснувања во врска со допуштеноста пред Судскиот совет, Владата ја посочи можноста за покренување на случај пред Уставниот суд преку народниот правобранител. Тие тврдеа дека суштината на предложениот правен лек била можноста на Уставниот суд да го разгледа случајот и дека точниот посредник преку кој жалителот барал негово воведување бил небитен. Соодветно на тоа Владата тврдеше дека актуелниот приговор не бил ново барање туку повторување на претходниот приговор и затоа не им било забрането да дадат приговор во оваа фаза од постапката.
115. Конечно, Владата посочи дека барањето до Уставниот суд во декември 2008 г. да ја разгледа уставноста на законот била успешна со оглед дека барањето било примено за разгледување (види во параграфите 54 до 58 горе). Оттука ова беше јасно делотворен правен лек иако во случајот судот утврдил дека законот е уставен.
б. Жалителот
116. Жалителот тврдеше дека приговорот даден од Владата бил нов приговор. Тоа не зависело од факти кои не биле достапни кога Судот ја разгледувал допуштеноста на случајот. Соодветно на тоа, повикувајќи се на случајот Сејдовиќ против Италија (Sejdovic v. Italy [GC], no. 56581/00, § 41, ECHR 2006‑II), жалителот тврдеше дека Владата требала да ја посочи можноста за овој правен лек во своите писмени и усни барања за допуштеност. Тој не сметаше дека имало некакви исклучиви околности кои оделе во прилог на ослободување на Владата од обврската да се придржува до овој услов и соодветно на тоа го повика Судот да го отфрли приговорот на Владата.
117. Во случај Судот да сакал да дозволи приговорот да се поднесе во оваа фаза од постапката, жалителот тврдеше дека жалба до Уставниот суд преку г-динот Филат не била делотворен лек достапен за жалителот во рамките на значењето на членот 35. Тој посочи дека фактот дека бил недостапен бидејќи не бил отворен за било кој граѓанин да поднесе жалба, а тој не бил член на ниедна од категориите на лица кои имале право да поднесат жалба до 22 април 2009 г., кога неговиот мандат како член на Парламентот бил потврден. Во секој случај жалителот се појавил како претставник на г-динот Филат во постапката поднесена пред Уставниот суд и ги изнел сите прашања кои се појавиле пред овој Суд. Судот пресудил дека законот бил уставен (види во параграф 55 горе). До ниво што правниот лек може да се смета за делотворен, тој јасно бил исцрпен.
в. Романската Влада
118. Романската Влада нагласи дека правниот лек предложен од тужената Влада бил за првпат посочен во нивните поднесоци до Големиот судски совет. Тие тврдеа дека било јасно од судската пракса на Судот дека таквите приговори треба да се дадат во поднесоците во врска со допуштеноста. Романската Влада понатаму забележува дека тужената Влада на располагање ги имала сите факти неопходни за поднесување на овој приговор во фазата на допуштеност и не понудила објаснување зошто не го сторила тоа. Соодветно на тоа, немало исклучителни околности кои го оправдувале одлагањето во упатувањето на овој приговор и затоа тужената Влада била спречена да приговара во оваа фаза.
119. Во случај Судот да го дозволел овој приговор да биде разгледан и покрај одлагањето, Романската Влада тврдеше дека правниот лек не го задоволил условот од членот 35. Не бил достапен за жалителот бидејќи немал право директно да го упати оспорувањето до Уставниот суд, туку морал да го побара тоа преку посредник, кој можел да избере дали да се обрати до судот за да се испита оспорениот закон.
3. Оценка на Судот
120. Судот повторува дека целта на членот 35 § 1 од Конвенцијата е да им обезбеди на земјите договорнички можност да ги спречат или средат наводните повреди против нив пред истите да бидат поднесени до Судот. Последователно, државите се изложени да одговараат за своите дејствија пред меѓународно тело пред да добијат шанса да ги средат нештата преку сопствените правни системи (види, на пример, Remli v. France, 23 April 1996, § 33, Reports 1996-II; и Selmouni v. France [GC], no. 25803/94, § 74, ECHR 1999-V). Согласно членот 35 § 1 од Конвенцијата жалителот требало да има пристап до правни лекови кои се достапни и доволни за да обезбедат надоместок во однос на наводните повреди. Постоењето на правните лекови во прашање мора да биде доволно сигурно не само во теорија туку и во пракса, а доколку не се успее во тоа ќе недостасува потребната достапност и делотворност (види, меѓу другите извори, Акдивар и дриги, цитиран горе, § 66).
121. Судот понатаму тврди дека согласно правилото 55 од Деловникот, секое барање за недопуштеност мора да се поднесе од тужената земја договорничка во нејзините писмени или усни забелешки во врска со допуштеноста на жалбата (види K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, § 145, ECHR 2001-VII; и N.C. v. Italy [GC], no. 24952/94, § 44, ECHR 2002-X). Меѓутоа, може во одредени случаи да постојат посебни околности кои ја ослободуваат Владата од обврската да го изнесе својот прелиминарен приговор во фазата на допуштање (види Prokopovich v. Russia, no. 58255/00, § 29, ECHR 2004‑XI (extracts); и Sejdovic v. Italy, цитиран горе, § 41).
122. Судот смета дека е непотребно да се испитува дали Владата била спречена да го постави својот приговор во оваа фаза од постапката бидејќи во секој случај Судот смета дека правниот лек што сега се предлага е таков кој жалителот не бил обврзан да го исцрпи. Судот упатува на наодот на Судскиот совет, којшто не е оспорен од тужената Влада дека можноста за поднесување на жалба до народниот правобранител кој од своја страна можел да го оспори законот пред Уставниот суд не претставувал делотворен лек бидејќи не било можно жалителот директно да се жали до судот. Судот смета дека нема причини да не се согласи со оценката на Судскиот совет. Правниот лек што во моментов се предлага од Владата слично на тоа не е директно достапен за жалителот бидејќи немал пристап до Уставниот суд директно, туку морал да се потпре на тоа што ќе одлучел г-динот Филат во однос на тоа дали да поднесе жалба. Соодветно на тоа, правниот лек не бил делотворен согласно членот 35 § 1 од Конвенцијата.
123. Во секој случај, јасно е дека Уставниот суд откако се произнел во однос на уставноста на законот (види во параграфите 54 до 58 горе), предложениот правен лек бил исцрпен. Во овие околности приговорот на Владата е отфрлен.
В. Некомпатибилност ratione materiae
1. Изјаснување на странките
а. Молдавската Влада
124. Во своите изјаснувања пред Големиот судски совет, Владата за првпат поднесе приговор ratione materiae по упатувањата на Европската конвенција за државјанство („ЕКД“) во пресудата на Судскиот совет. Според нив, Судскиот совет не сметал дека правото за кандидирање на избори е заштитено со членот 3 од Протоколот бр. 1 туку наместо тоа го разгледал правото на повеќе државјанства и правото на стекнување на државјанство кои не биле права гарантирани со Конвенцијата. Владата ја оспори важноста призната од Судскиот совет на ратификувањето или не-ратификувањето на ЕКД. Тие посочија дека Молдавија може едноставно да се откаже од ЕКД и, доколку сакал, повторно да ја ратификува и да стави резерва во однос на членот 17.
125. Владата побара Судот да го разгледа овој приговор како приговор релевантен за битните прашања покренати со случајот и да го реши при своето разгледување на основаноста.
126. Повикувајќи се на Белчиќ против Хрватска (Blečić v. Croatia [GC], no. 59532/00, §§ 63-69, ECHR 2006‑III) тие тврдеа дека можеле да поднесат приговор во оваа фаза од постапката со оглед дека истиот имал за цел да ја испита јуриздикцијата.
б. Жалителот
127. Жалителот тврдеше дека, во принцип, овој приговор исто така требало да биде поднесен пред жалбата да биде прогласена за допуштена и дека соодветно на тоа на Владата не би и било дозволено да го поднесе во оваа фаза. Меѓутоа, тој прифати дека судот морал да се задоволи дека имал јуриздикција во секој случај изнесен пред него и дека морал да го испита прашањето на јуриздикцијата во секоја фаза од постапката.
128. Жалителот заклучи дека жалбата што била поднесена од Владата не требало да се смета за прелиминарен приговор бидејќи тој се однесувал на толкувањето на правата согласно членот 3 од Протоколот бр. 1. Тој го повика Судот да ги разгледа аргументите изложени од Владата во своето испитување на суштината на жалбата.
в. Романската Влада
129. Романската Влада упати на своите аргументи што се однесуваа на недозволеноста во врска со приговорот на тужената Влада за исцрпеноста на домашните правни лекови и тврдеше дека слични аргументи важеле за приговорот за некомпатибилноста ratione materiae. За разлика од Демир и Бајкара против Турција (Demir and Baykara v. Turkey [GC], no. 34503/97, 12 November 2008), тужената Влада јасно посочи дека нејзиниот приговор бил реакција на пресудата на Судскиот совет и дека аргументот претходно не бил изнесен во суштина. Иако во Блечиќ против Хрватска, цитиран горе Судот дал примери на приговори за некомпатибилност кои можеле да се поднесат во секоја фаза од постапката, ниеден од примерите не бил сличен на актуелниот случај. Соодветно на тоа, според романската Влада, тужената Влада не можела да поднесе приговор во оваа фаза.
130. Меѓутоа доколку Судот требало да заклучи дека немало забрана, романската Влада го повика Судот да го поврзе приговорот со основаноста и да го разгледа во тој контекст. Тие тврдеа дека било неопходно да се анализираат активностите на Молдавија во контекст на меѓународните договори за да се оцени како Молдавија избрала да ги примени правата гарантирани со Конвенцијата. Тие упатија на доследната судска пракса на Судот дека Конвенцијата не можела да се толкува во вакуум и дека требало да се земат во предвид и други релевантни инструменти на меѓународното право (на пример, Emonet and Others v. Switzerland, no. 39051/03, § 65, ECHR 2007‑XIV; и Al-Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, § 55, ECHR 2001‑XI). Оттука, според романската Влада Судскиот совет бил во право да упати на активностите преземени од Молдавија на европско ниво како релевантни за неговата анализа на ограничувањата наметнати со Законот бр. 273. Во оваа насока романската Влада забележа дека Молдавија ја има ратификувано ЕКД без резерви и дека обврска на државата е да ги применува во добра верба меѓународните договори на кои била потписничка што претставува основен принцип на меѓународното право.
2. Оценка на Судот
131. Судот забележува дека приговорот ratione materiae на Владата претходно не бил поднесен во фазата на одлучување за допуштеноста и затоа претставува нов приговор. Меѓутоа, забележува дека еден приговор на некомпатибилност ratione materiae претставува приговор кој е под надлежност на Судот и повикува дека Судот е обврзан да испита дали има надлежност во секоја фаза од постапката. Како резултат на тоа не може да се смета дека на Владата не и било дозволено да поднесе таков приговор во оваа фаза (види, mutatis mutandis, Блечиќ против Хрватска, цитиран горе, § 67).
132. Како и странките, Судот смета дека приговорот е тесно врзан со основаноста на жалбата на жалителот. Затоа ќе го разгледа приговорот при своето испитување на основаноста долу.
Г. Заклучок
133. Жалбата не може да биде отфрлена како некомпатибилна ratione materiae со одредбите на Конвенцијата; заради неисцрпувањето на домашните лекови; или немањето на статус на жртва. Затоа Судот ги отфрла прелиминарните приговори на тужената Влада со исклучок на приговорот за некомпатибилност ratione materiae, кој е поврзан со основаноста.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 3 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 1 НА КОНВЕНЦИЈАТА
А. Заклучоци на Судскиот совет
134. Судскиот совет прифати дека оспорените одредби биле формулирани јасно и дека имале легитимна цел да обезбедат лојалност на пратениците во молдавската држава. Меѓутоа тој сметаше дека средствата кои Владата одлучила да ги примени за да обезбеди лојалност на своите пратеници не бил сразмерен. Затоа имало повреда на членот 3 од Протоколот бр. 1.
135. Во својата оценка на сразмерноста на мерката, Судскиот совет ја зел во предвид праксата на другите држави на Советот на Европа и другите методи достапни на Владата за да се обезбеди лојалност на пратениците, како на пример да дадат заклетва. Тој исто така ги разгледа и одредбите од ЕКД и коментарите на ЕКРН и на Венецијанската комисија за новиот закон. Дури и во конкретниот контекст на политичкиот развој на Молдавија, Судскиот совет не бил задоволен дека забраната за лица со повеќе државјанства да се пратеници би можела да биде оправдана, особено со оглед на фактот дека толку далекусежно ограничување било воведено приближно една година или помалку пред парламентарните избори.
Б. Изјаснување на странките
1. Молдавската Влада
136. Владата објасни по пат на прелиминарни забелешки дека сè она што се барало согласно Законот 273 било лицето да докаже дека започнало постапка за откажување од државјанството од друга држава (види во параграф 79 горе). Понатаму, како што е забележано горе (види во параграф 98), откако Уставниот суд ќе го потврдел мандатот за член на Парламентот немало никаков механизам со кој мандатот отпосле би можел да биде отповикан: законот немал одредби за таква постапка.
137. Владата ги повтори своите изјаснувања пред Судскиот совет дека мешањето било законско и дека тоа имало законски цели да се обезбеди лојалност, во одбрана на независноста и постоењето на Државата и гарантирањето на безбедноста на Државата. Тие ги посочија наодите на Уставниот суд за доследноста на законот со молдавскиот Устав и меѓународните конвенции (види во параграф 55 горе). Тие го оспоруваа заклучокот на Судскиот совет дека мерката не била сразмерна тврдејќи дека Судскиот совет не успеал да обезбеди соодветна тежина на своите поднесоци во однос на посебниот историски контекст на Молдавија на кој според нив му требале ограничувања за оние со двојно државјанство да станат членови на Парламентот. Тие посочија дека кога ЕКД била ратификувана во 1999 г. бројот на Молдавци носители на двојно државјанство бил незначителен со оглед дека според законот што бил на сила во тоа време тоа не било дозволено (види во параграф 22 горе). Последователно не се сметало дека има потреба од некакви резерви во однос на членот 17. Тие понатаму објаснија дека во 1999 г. Молдавија не била парламентарна република како што е денеска, туку полу-претседателска република. Затоа законот играл поголема улога во денешната држава отколку тогаш. Иако другите држави на Советот на Европа кои забрануваат пратениците да имаат двојно државјанство, Азербејџан, Литванија и Малта ја немаат ратификувано ЕКД, а Бугарија има поднесено резерва во однос на членот 17, Молдавија може да се откаже од ЕКД и доколку сака повторно да ја ратификува со резерва во однос на членот 17. Со ова ќе биде во иста позиција како Бугарија.
138. Владата исто така го критикуваше Судскиот совет за извлекување важност од фактот дека Молдавија не го поднела нацрт законот да биде разгледан од релевантни меѓународни тела и не успеала да се придржува на препораките на ЕКРН и Венецијанската комисија (види во параграфите 40, 45 и 51 горе). Упатувајќи на Боиченцо против Молдавија (Boicenco v. Moldova, no. 41088/05, 11 July 2006), Владата посочи дека Судот во минатото утврдил повреда дури и кога законот во прашање бил поднесен до експерти на Советот на Европа и бил изменет и дополнет за да е во согласност со нивните препораки. Од друга страна пак, во Јумак и Садак против Турција (Yumak and Sadak v. Turkey [GC], no. 10226/03, 8 July 2008), фактот дека Турција не се придржувала на препораките на експертите на Советот на Европа не довело Судот да утврди повреда на Конвенцијата. Владата исто така ја оспори релевантноста на извештајот на Венецијанската комисија со оглед дека не бил објавен до датумот на кој законот бил усвоен.
139. Што се однесува до другите методи за обезбедување на лојалност предложени од Судскиот совет, Владата тврдела дека заклетвата не би била доволна со оглед дека секој Молдавец со двојно државјанство исто така би дал заклетва и на својата друга држава на која е државјанин. Соодветно на тоа заклетвата повеќе има деклараторен карактер и била неделотворна во обезбедувањето на лојалност.
140. Конечно, Владата забележа дека 21 од 101 член на Парламентот избрани на изборите во април 2009 г. имале двојно државјанство. Тие тврделе дека ова сериозно ја зголемила загриженоста во однос на молдавската независност, безбедност и државност.
141. Владата го повика Судот да одлучи дека немало повреда на членот 3 од Протоколот бр. 1 во овој случај.
2. Жалителот
142. Жалителот тврдеше дека ограничувањата во Законот бр. 273 го повредиле неговото право да се кандидира на слободни избори што ја обезбедувало слободата на изразување на народот во изборот на своето законодавно тело. Тој тврдел дека условот тој да иницира постапка за откажување од своето романско државјанство за да може да го добие мандатот во Парламентот ги прекршило неговите права гарантирани со членот 3 од Протоколот бр. 1 во толкава мерка што им наштетило во суштината и ги лишила од нивната делотворност, а правото да се кандидира на избори би немало никакво значење без правото да се биде член на Парламентот по изборот (упатување на M v. the United Kingdom (dec.), no. 10316/83, 7 March 1984).
143. Жалителот ја повтори својата жалба дека Законот бр. 273 не го задоволил условот на законитост бидејќи не бил доследен со одредбите од Уставот и ЕКД, која била ратификувана од Молдавија во 1999 г. и со тоа била дел од внатрешниот правен поредок (види во параграфите 71 до 73 горе).
144. Жалителот понатаму тврдеше дека Законот бр. 273 немал легитимна цел бидејќи целта да се обезбеди лојалност кон Молдавија не била вистинската мотивација за усвојувањето на новиот закон. По пат на пример г-ѓата Лариса Савга повторно била назначена за член на Владата после изборите во април иако било добро познато дека и таа имала и романско државјанство. Тој исто така упати на непотврдените написи во печатот дека поранешниот претседател на Молдавија, г-динот Воронин имал руско државјанство додека бил Претседател и примал пензија од Русија. Потпирајќи се врз заклучоците на независни аналитичари, жалителот тврдеше дека поседувањето на двојно државјанство не ги правело молдавските државјани помали патриоти.
145. Конечно, жалителот тврдеше дека законот бил несразмерен, своеволен и анти-демократски. Тој тврдеше дека Конвенцијата морала да биде толкувана на начин кој ги правел правата кои ги содржел практични и делотворни. За оваа цел, таа требала да се чита во целина и на таков начин што би промовирал внатрешна доследност меѓу своите различни одредби. Релевантни правила и принципи на меѓународното право морале да бидат земени во предвид. Секоја појава на консензус меѓу европските држави бил релевантен фактор да биде разгледан од страна на Судот (види Демир и Бајкара против Турција, цитиран горе, §§ 66 до 85). Применувајќи ги овие принципи, жалителот заклучи дека Судот не требало да ги игнорира обврските преземени од Владата согласно ЕКД при оценувањето на сразмерноста на ограничувањата согласно членот 3 од Протоколот бр. 1. Истото важело и за препораките и наодите на другите меѓународни организации. Жалителот исто така го посочи фактот дека Молдавија била единствената земја во Советот на Европа кој дозволувала лица да имаат повеќе државјанства, но им бранела на лицата со повеќе државјанства да се кандидираат на националните избори. Тој тврдеше дека ова покажувало отсуство на меѓународна прифатеност на пристапот на Владата.
146. Жалителот понатаму тврдеше дека било несразмерно Владата да го ограничи правото да се биде пратеник на поединци кои имаат само молдавско државјанство со оглед на нивната претходна политика со која се охрабрувале молдавските државјани да се стекнат и со други државјанства. Владата призна дека значителен број на Молдавци се стекнале со второ државјанство од социјални и економски причини (види во параграф 39 горе), факт кој според гледиштето на жалителот, ја правело нивната нова политика уште понесразмерна. Тој нагласи дека Владата не дала пример на никаква закана по безбедноста или независност на Молдавија од лицата со двојно државјанство. Според гледиштето на жалителот, постоењето на санкции за предавство претставувало соодветно средство за спречување на нелојалноста. Во секој случај пристапот до деловни информации зависел од безбедносното одобрение кое се давало само после темелна истрага спроведена од тајните служби.
147. Конечно, жалителот го критикуваше усвојувањето на нов закон помалку од една година пред изборите закажани за 5 април 2009 г. Тој тврдеше дека сразмерноста на законот требала да се процени во општ контекст на изборната реформа во Молдавија, вклучително и подигнување на прагот за добивање на место во Парламентот од четири на шест проценти и забраната на изборните блокови (види во параграф 37 горе). Изборните резултати од 5 април 2009 г. покажале дека новиот закон главно ја погодил опозицијата затоа што 21 од вкупното 41 нејзини членови биле засегнати од истиот (види во параграф 59 горе). Примерот на г-ѓа Савга (види во параграф 144 горе) бил доказ за своеволната примена на новиот закон. Според изјаснувањето на жалителот, за Судот релевантно било тоа дали делувањето на правилата кои се однесувале на изборите оневозможувале една група на лица да учествува во политичкиот живот на земјата, дали разликите креирани од одреден изборен систем можат да се сметаат за своеволни или навредливи и дали системот бил наклонет кон една политичка партија наспроти друга (упатува на, inter alia, Aziz v. Cyprus, no. 69949/01, § 28, ECHR 2004‑V; и Yumak and Sadak v. Turkey, цитиран горе, § 121). Жалителот тврдеше дека реалната цел зад изборната реформа била да се намалат изборните шанси на опозициската партија и затоа Законот бр. 273 бил своеволен и навредлив.
3. Романската Влада
148. Романската Влада ја оспори легитимноста на Законот бр. 273. Тие тврдеа дека законот не бил предвидлив со оглед на фактот дека не бил подеднакво применуван и дека различни толкувања можеле да бидат дадени на неговите одредби.
149. Тие понатаму тврдеa дека минимумот европски стандард произлегол од испитувањето на законодавството што се применувало во различни земји членки и дека овој стандард не наметнувал услов за поседување на едно државјанство за да се биде избран во Парламентот. За разлика од другите држави од Советот на Европа кои забранувале двојно државјанство за пратениците во Парламентот, Молдавија избрала да ги преземе сите обврски што произлегувале од ЕКД. Фактот дека Молдавија одлучила да го смени својот став во врска со можноста за стекнување на двојно државјанство не ја ослободило од придржувањето кон своите обврски согласно ЕКД. Романската Влада нагласи дека членот 4 од молдавскиот Устав уредувал дека во случај на неусогласеност меѓу меѓународни конвенции за човекови права на кои Молдавија е потписничка и домашното законодавство меѓународните мерки превладувале (види во параграфот 71 горе). Исто така, членот 25 од Законот за државјанство на Република Молдавија уредувал дека државјанин на Молдавија кој поседувал државјанство и на друга држава ги имал истите права и обврски како и другите молдавски државјани (види во параграф 75 горе).
150. Романската Влада исто така посочи дека околу седумнаесет години откако Молдавија се здобила со независност, тужената Влада тврдела дека постоел ризик по независноста без да понуди доказ. Тие нагласиле дека не била утврдена неформална врска меѓу двојното државјанство и наводната опасност по независноста на Државата и дека никаков пример не бил понуден за случај каде лице со двојно државјанство сторило дела кои ја поткопувале независноста или националната безбедност.
151. Романската Влада исто така тврдеше дека законот немал легитимна цел. Тие не оспоруваа дека заштитата на независноста и националната безбедност на државата би можеле да претставуваат легитимна цел која требала да биде проценета во контекст на историската и политичката позадина на државата во прашање. Меѓутоа тие го оспоруваа изјаснувањето на тужената Влада дека историско-политичката ситуација во Молдавија ја правела целта легитимна во овој случај. Тие понатаму нагласија дека низа од законите усвоени меѓу 1991 и 2000 г. не наметнувале услов од едно државјанство за некој да се кандидира за одредена јавна позиција. Еден таков пример е Законот бр. 720 од 18 септември 1991 г. кој ги регулирал претседателските избори. Романската Влада, повикувајќи се на Жданока против Летонија (Ždanoka v. Latvia [GC], no. 58278/00, § 135, ECHR 2006‑IV) и Адамсонс против Летонија (Ādamsons v. Latvia, no. 3669/03, § 123, 24 June 2008) тврдеше дека дури и ако условот за едно единствено државјанство би можел да биде оправдан во првите години после молдавската независност, со минувањето на времето и консолидирањето на демократијата, таквиот услов повеќе не можел да биде оправдан. Затоа било тешко да се сфати ставот на Молдавија, кој за време на функционирањето на три парламенти дозволувал лица со повеќе државјанства да станат пратеници во Парламентот, но сега, околу седумнаесет години подоцна сметала дека друго државјанство претставувало сериозна опасност за Молдавија и го изедначила двојното државјанство со предавство. Тие тврдеа дека целта на охрабрувањето на лојалноста кон државата требала да се реализира преку наметнување на санкции за однесување кое им штети на националниот интерес, а не преку ограничување на пристапот за лица со повеќе државјанства до одредени јавни функции.
152. Што се однесува до сразмерноста, романската Влада повторно го нагласи постоењето на минимум европски стандард кој не наметнувал услов за едно државјанство за избор во Парламентот. Понатаму извештаите објавени од ЕКРН и Венецијанската комисија (види во параграфите 45 и 51 горе), кои како што било прикажано од Штукатуров против Русија (Shtukaturov v. Russia, no. 44009/05, § 95, 27 March 2008) претставувале релевантен фактор за разгледување од страна на Судот, го поддржале тврдењето дека имало заеднички европски стандард за изборната материја. Таквите извештаи биле важни како заради суштинската вредност на изразеното мислење – кое било мислење на непристрасни правни експерти – и токму заради важноста што им била препишана од страна на Судот и другите органи на Советот на Европа.
153. Романската Влада заклучила дека Молдавија ја надминала маргината на дискреција во оценување во оваа област. Во таа насока не било доволно што на жалителот му било дозволено да се кандидира. За правото да биде делотворно, тој морал да може да го заземе своето место (упатува на М против Обединетото Кралство, цитиран горе). Усвојувањето на Законот бр. 273 ја попречило вистинската суштина на правата гарантирани со членот 3 од Протоколот бр. 1, правејќи ги теоретски и илузорни. Како заклучок, романската Влада го повика Судот да го усвои заклучокот на Судскиот совет дека имало повреда на тој член.
В. Оценка на Судот
1. Општи принципи
154. Судот постојано ја нагласува важноста на членот 3 од Протоколот бр. 1 во една функционална демократија и како последица неговата примарна важност во системот на Конвенцијата. Во Јумак и Садак против Турција, цитиран горе, § 105, тој повторува дека правата гарантирани согласно членот 3 од Протоколот бр. 1 се клучни за утврдување и држење до основите на функционалната и значајна демократија со која управува владеењето на правото. Во Матју-Моа и Клерфет против Белгија (Mathieu-Mohin and Clerfayt v. Belgium, 2 March 1987, § 47, Series A no. 113), и Лингенс против Австрија (Lingens v. Austria, 8 July 1986, §§ 41 and 42, Series A no. 103), Судот одлучил дека слободните избори и слободата на изразување и особено слободата на политичката дебата, формирале основа за секоја демократија.
155. Судската пракса на Судот прави разлика меѓу активниот аспект на членот 3 од Протоколот бр. 1, кој се однесува на правото на гласање и пасивниот аспект, имено правото да се кандидира за избори (види Жданока против Летонија, цитиран горе, §§ 105 и 106). Актуелниот случај во принцип се занимава со последниов аспект. Меѓутоа, како што е забележано горе (види во параграф 108) забраната за лица со повеќе државјанства да станат пратеници исто така може да има секундарно влијание врз начинот на кој електоратот го искористува своето право да гласа во Молдавија.
156. Што се однесува до пасивниот аспект на членот 3 од Протоколот бр. 1 Судот го нагласи значителниот опсег кој државите го уживаат во утврдувањето на критериумите за тоа дали имаат право да се кандидираат да бидат избрани. Во Жданока против Летонија, цитирам горе, § 106, Судот објасни дека:
„иако [критериумите] имаат заедничко потекло во потребата да се обезбедат и независноста на избраните претставници и слободата на избор на избирачите, тие критериуми варирале во согласност со историските и политичките фактори специфични за секоја држава. Бројните разновидни ситуации предвидени во уставите и изборните законодавства на бројни земји членки на Советот на Европа покажуваат разновидност на можните пристапи во оваа област. Затоа, заради примена на членот 3 секој изборен закон мора да биде оценет во контекст на политичката еволуција на засегнатата земја.“
157. Слично на тоа во Подколзина против Летонија (Podkolzina v. Latvia, no. 46726/99, § 33, ECHR 2002‑II) Судот забележал дека за потребите на примената на членот 3, секој изборен закон мора да биде проценет во контекст на политичката еволуција на засегната земја затоа што одликите што би биле неприфатливи во контекст на еден систем можеби ќе бидат оправдани во контекст на друг. Меѓутоа, тој нагласи дека маргината на дискреција во оценувањето на државата во оваа насока била ограничена од обврската за почитување на основниот принцип на членот 3 од Протоколот бр. 1, имено „слободното изразување на мислењето на луѓето при избирањето на законодавниот дом“ (види исто така Матју-Моа и Клерфет против Белгија¸ цитиран горе, § 47; и Melnychenko v. Ukraine, no. 17707/02, § 55, ECHR 2004‑X).
158. Во оценувањето на ограничувањата на опсегот што е обезбеден во државите, Судот во Азиз против Кипар, цитиран горе, § 28, забележал:
„Иако ... државите уживаат значителен опсег за утврдување на правилата во рамките на нивниот уставен поредок кој управува со парламентарните избори и составот на парламентот, и ... релевантните критериуми можат да варираат според историските и политичките фактори специфични за секоја држава, овие правила не треба да бидат такви за да исклучат некои лица или групи на лица од учеството во политичкиот живот на земјата и, конкретно, во изворот на законодавното тело, право гарантирани и од Конвенцијата и од уставите на сите земји потписнички.“
159. Примената на овие принципи, Судот во Жданока против Летонија, цитиран горе, §§ 119 до 135, сметал дека поранешните разгледувања можат да обезбедат оправдание за ограничувањата на правата кои биле планирани да го заштитат интегритетот на демократскиот процес со, во тој случај, исклучување на поединците кои активно учествувале во обидите за рушење на ново-воспоставениот демократски режим. Меѓутоа, Судот предложил дека таквите ограничувања тешко дека биле компатибилни доколку сè уште се применувале многу години подоцна, во момент кога оправдувањето за нивната примена и заканите што се обидувале да ги избегнат повеќе не биле релевантни. Последователно во Адамсон против Летонија, цитиран горе, §§ 123 до 128 Судот нагласил дека со минувањето на времето, општите ограничувања на изборните права станувале потешки да бидат оправдани. Наместо тоа мерките морале да бидат индивидуализирани за да се осврнат на вистинскиот ризик што го претставувала идентификуваното лице.
160. Во Хирст против Обединетото Кралство (Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], no. 74025/01, § 62, ECHR 2005‑IX) Судот забележал поопшто дека сите услови наметнати на правата гарантирани согласно членот 3 од Протоколот 1 мора да ги отсликаат, а не да се спротивстават на грижата за одржување на интегритетот и делотворноста на изборната постапка која е насочена кон идентификување на волјата на луѓето преку универзално право на глас.
161. Конечно, без разлика на широката маргина на дискреција во оценувањето која им е дадена на Државите во оваа област, Судот во повеќе прилики има повторено дека Судот е тој што може да утврди како последно средство дали се почитувани барањата на членот 3 од Протоколот 1. Во оваа насока таа мора да се задоволи самата себе дека условите нема да ги ограничат правата во прашање до таква мерка за да ја спречат нивната суштина и да ги лиши од нивната делотворност; дека тие се наметнуваат да ја исполнат легитимната цел; и дека применетите средства не се несразмерни (види, на пример, Хирст против Обединетото Кралство, цитиран горе, § 62; и Јамак и Садак против Турција, цитиран горе, § 109).
2. Примена на општите принципи во актуелниот случај
162. Судот потсетува дека утврдил дека жалителот може да тврди дека е жртва на Законот 273 (види во параграфот 111 горе). Тој понатаму забележува дека и на изборите во април 2009 г. и во јули 2009 г. жалителот бил избран за пратеник (види во параграфите 59 и 66 горе). За неговиот мандат да му биде потврден од Уставниот суд, требало да покрене постапка за откажување од своето романско државјанство (види во параграфите 60 до 21 и 66 горе). Соодветно на тоа Судот смета дека имало мешање во правото на жалителот согласно членот 3 од Протоколот бр. 1. Таквото мешање ќе претставува повреда освен ако не ги исполни условите за законитост, ако има легитимна цел и ако е сразмерно.
а. Законитост
163. Судот забележува дека забраната на лицата со повеќе државјанства да станат пратеници во Парламентот содржана во Законот бр. 273 била формулирана доволно јасно. Откако беше усвоен, законот бил објавен во Службен весник. Соодветно на тоа, Судот е задоволен дека оспорениот закон ги исполнува условите на предвидливост. Иако може да изгледа дека се работи за недоследност меѓу законот и членот 17 од ЕКД, што е дел од домашниот правен поредок согласно молдавскиот Устав и има предимство пред националното законодавство (види во параграфите 71 до 73 горе), Судот не смета дека е неопходно да се реши очигледниот конфликт на нормите. Меѓутоа, тој ќе го разгледа влијанието на ЕКД подетално при испитувањето на сразмерноста на мерката долу.
Б. Легитимна цел
164. За разлика од членовите 8, 9, 10 и 11 од Конвенцијата, членот 3 од Протоколот бр. 1 не утврдува листа на цели кои би можеле да се сметаат за легитимни за потребите на тој член. Владата се потпираше на неколку цели за да ја оправда забраната од Законот бр. 273, имено обезбедување на лојалност, одбрана на независноста и постоењето на државата и гарантирање на безбедноста на државата. Судот забележува дека Уставниот суд утврдил дека целта на забраната била обезбедување на лојалност на пратениците кон државата и заклучил дека ако им се дозволи на членовите на Парламентот да имаат двојно државјанство тоа би било спротивно на уставниот принцип на независност на мандатот на членовите на Парламентот, суверенитетот на државата, националната безбедност и необелоденувањето на доверливи информации (види во параграф 56 горе). Заменикот министер за правда објаснувајќи ја целта на предложениот закон, рекол дека може да има конфликт на интереси во случаите кога молдавските граѓани имале политички и законски обврски кон другите држави со самото поседување на второ државјанство (види во параграф 39 горе).
165. Што се однесува до целта да се обезбеди лојалноста, концепт на кој се повикуваат сите странки во своите изјаснувања пред Судот (види во параграфите 137, 144 и 151 горе), Судот забележува дека „лојалноста“ како што е посочена од странките за да се оправда воведувањето на забраната, не е јасно дефинирана и не е обезбедено никакво објаснување за нејзината содржина од страна на странките. Меѓутоа, странките се чини дека се согласуваат дека лојалноста во овој контекст е поврзана со постоењето на независност на државата и со прашања поврзани со националната безбедност. Заклетвата на која се колнат молдавските граѓани кои се стекнуваат со молдавско државјанство по пат на натурализација или повторно земање државјанство се однесува на потребата да се почитува Уставот и законите на државата и да се воздржат од дејствие кое би им наштетило на интересите и територијалниот интегритет на Државата (види во параграф 76 горе).
166. Од своја страна, Судот би направил разлика на самиот почеток меѓу лојалноста кон државата и лојалноста кон Владата. Додека потребата да се обезбеди лојалност кон државата може да претставува легитимна цел која ги оправдува ограничувањата на изборните права, втората не може. Во една демократска држава која се залага за владеење на правото и почитување на фундаменталните права и слободи јасно е дека самата улога на членовите на Парламентот и особено оние членови од опозициските партии а да го претставуваат електоратот со обезбедување на отчетност на Владата на власт и оценување на нивните политики. Понатаму следењето на различни, и понекогаш дијаметрално спротивни, цели не е само прифатливо туку е и неопходно за да се промовира плурализам, а на гласачите да им се дадат избори кои ги отсликуваат нивните политички мислења. Како што Судот претходно забележа, заштитата на мислењата и слободата за нивно изразување претставува една од целите на слободите гарантирани со Конвенцијата и особено членовите 10 и 11. Овој принцип е уште поважен во однос на членовите на Парламентот со оглед на нивната суштинска улога во обезбедувањето на плурализам и соодветно функционирање на демократијата (види, во врска со важноста на слободата на изразување на политичките партии генерално, Refah Partisi (the Welfare Party) and Others v. Turkey [GC], nos. 41340/98, 41342/98, 41343/98 и 41344/98, § 88, ECHR 2003‑II).
167. Што се однесува до тоа каква лојалност се бара од членовите на Парламентот кон државата, Судот смета дека таквата лојалност во принцип вклучува почитување на Уставот на земјата, законите, институциите, независноста и територијалниот интегритет. Меѓутоа поимот на почитување во овој контекст мора да биде ограничен на барање за остварувањето на секоја желба за промени во однос на кој било од овие аспекти во согласност со законите на Државата. Секое друго мислење би ја поткопало способноста на парламентарците да ги претставуваат гледиштата на нивните гласачи, особено малцинските групи. Судот претходно нагласил дека не може да има никакво оправдување за спречување на една политичка група само затоа што се обидува да дебатира јавно за состојбата во која се наоѓа еден дел од населението во земјата и да земе учество во политичкиот живот на нацијата за да изнајде, во согласност со демократските правила, решенија кои можат да ги задоволат сите засегнати страни. Слично на тоа, во овој случај фактот дека молдавските пратеници со двојно државјанство може да посакаат да остварат политичка програма која се смета од некои за некопатибилна со актуелните принципи и структури на молдавската држава не ја прави некомпатибилна со правилата на демократијата. Основниот аспект на демократијата е таков што мора да дозволи разновидни политички програми да бидат предложени и дебатирани, дури и кога тие го ставаат под знак прашање начинот на кој државата во моментот е организирана, под услов тие да не и наштетат на самата демократија (види Socialist Party and Others v. Turkey, 25 May 1998, §§ 45 and 47, Reports 1998‑III; и Manole and Others v. Moldova, no. 13936/02, § 95, ECHR 2009‑...).
168. Имајќи го ова на ум, Судот се осврнува на тоа дали мерката во овој случај навистина требала да обезбеди лојалност кон државата како што тврдела Владата. Во оваа насока, Судот забележува дека Законот бр. 273 бил третиот аспект на пакетот на изборни реформи, чии други мерки се состоеле од подигање на изборниот праг и забрана на изборните блокови (види во параграфот 37 горе). Сите мерки што се предложени имале штетни последици по опозицијата која претходно имала проблем да обезбеди доволно гласови за го надмине прагот за да влезе во Парламентот и успеала во тоа само преку формирање на изборни блокови (види во параграфите 31 и 33 горе). Резултатите од изборите во април 2009 г. на кои од 101 парламентарни места, 21 биле негативно погодени од Законот бр. 273 и сите 21 биле опозициски пратеници (види во параграфот 59 горе), покажуваат несразмерни последици од новиот закон.
Тврдењето на жалителот дека законот ги исклучува од својот опсег жителите на Транснистрија, од кои голем број имале руско државјанство, дополнително создава загриженост за вистинската цел на законот (меѓутоа, види понатаму во параграфот 187 долу во врска со двосмисленост на овој исклучок). Конечно, Судот смета дека е важно тоа дека амандманите биле воведени помалку од година дена пред општите избори (види во параграф 44 горе). По изборите во април 2009г. дополнителен амандман бил воведен во изборното законодавство кој повторно бил критикуван од опозициските партии дека имал намери да ги подобри шансите на владејачката партија и нејзините политички сојузници (види во параграфот 63 горе). Во оваа насока Судот упатува на Кодексот на праксата на Венецијанската комисија, која предупредува на ризикот дека честите промени на изборното законодавство или промените воведени точно пред изборите би биле сфатени, со право или не, како обид да ги манипулира изборните закони во корист на партијата на власт (види во параграфот 86 горе). Исто така е важно дека Комисијата за почитување на обврските и Парламентарното собрание на Советот на Европа изразиле загриженост заради промените во изборното законодавство, што тие ги сметале за ограничени можности за политичките сили да учествуваат делотворно во политичкиот процес и со тоа да го ослабат плурализмот (види во параграфите 47 и 49 до 50 горе).
169. Кога властите воведуваат битни ограничувања на правото на гласање или кандидирање, и особено кога таквите промени се воведуваат кратко пред да се одржат изборите, Владата е таа што треба да му обезбеди на Судот релевантни докази во поддршка на нивното тврдење што се однесува до планираната цел на оспорената мерка. Понатаму, во случај како овој пред нас, кога мерките имаат битно штетни последици по способноста на опозициските партии да учествуваат делотворно во политичкиот процес, условот дека Владата обезбедува докази за да демонстрира дека измените и дополнувањата биле воведени од легитимни причини е уште поважен. Во актуелниот случај, Владата не можеше да обезбеди никаков пример на пратеник со двојно државјанство кој покажал нелојалност кон државата Молдавија. Освен кратките упатувања во пресудата на Уставниот суд на движењата за поткопување на државата Молдавија, малку објаснување е понудено за промените во изборната политика. Исто така се чини дека има докази дека законот не е униформно применет (види во параграф 144 горе).
170. Во такви околности, Судот не е во целост задоволен дека целта на мерката била да обезбеди лојалност на пратениците кон државата. Меѓутоа не е неопходно да се постигне заклучок по ова прашање со оглед на неговите заклучоци во врска со пропорционалноста на забраната (види долу). Соодветно на тоа Судот го остава отворено прашањето дали забраната за лица со повеќе државјанства да заземат пратенички места во Парламентот има легитимна цел.
в. Сразмерност
171. На прво место Судот забележува дека само неколку земји членки на Советот на Европа забрануваат лица со двојно државјанство да станат пратеници (види во параграфот 87 горе). Од трите земји покрај Молдавија во кои постои јасна забрана, две не дозволуваат нивните државјани да имаат двојно државјанство. Понатаму, ниедна од овие три земји го немаат потпишано членот 17 од ЕКД (види во параграфот 89 горе). Државите од поранешна Југославија од кои повеќето имаат етнички разновидно население сите дозволуваат двојно државјанство барем во некои околности, но ниедна не им забранува на лицата со повеќе државјанства да се кандидираат за Парламентот (види во параграф 92 горе).
172. Судот смета дека преглед на праксата во земјите членки на Советот на Европа открива консензус дека кога е дозволено едно лице да има повеќе државјанства, поседувањето на повеќе од едно државјанства не треба да биде основ да не се има право да се биде член на Парламентот, дури и кога населението е етнички разновидно, а бројот на пратеници со повеќе државјанства можеби е висок. Меѓутоа, без разлика на овој консензус различниот пристап може да е оправдан кога посебни историски или политички размислувања постојат што бараат порестриктивна пракса.
173. Судот ја нагласи посебната позиција на Молдавија која потенцијално има голем број на лица со двојно државјанство и релативно неодамна стана независна. Судот смета дека во контекст на историјата на Молдавија (види во параграфите 11 до 18 горе) постоела веројатност дека има посебен интерес во обезбедувањето, при прогласувањето на независноста во 1991 г., на мерки за ограничување на заканите по независноста и безбедноста на молдавската држава заради обезбедување на стабилност и за да се дозволи воспоставување и зајакнување на кревките демократски институции. Судот забележува дека, од другите земји во регионот, во Романија, која дозволува двојно државјанство, забраната за лицата со двојно државјанство да бидат пратеници во Парламентот била крената во 2003 г. Бугарија во моментов го усвојува истиот пристап како Молдавија (види во параграфот 87 горе). Украина и понатаму забранува двојно државјанство (види во параграфот 90 горе). Ограничувањето воведено со Законот бр. 273 мора да се оцени така што ќе се земе соодветно во предвид историско-политичкиот контекст и како последица широката маргина на дискреција во оценувањето која ја ужива државата (види Жданока против Летонија, цитиран горе, § 121). Соодветно на тоа Судот не исклучува дека веднаш по Прогласувањето на независноста од страна на Молдавија во 1991 г., забраната за лицата со повеќе државјанства да бидат членови на Парламентот можела да биде оправдана.
174. Меѓутоа, Судот смета дека е важно да се спомене дека забраната не била наметната во 1991 г. туку во 2008 г., околу седумнаесет години откако Молдавија се стекнала со независност и околу пет години после релаксирањето на своите закони и дозволувањето на двојно државјанство. Во такви околности Судот смета дека аргументот дека мерката била неопходна за да се заштитат законите, институциите и националната безбедност на Молдавија е далеку помалку убедлива. За да се оправда неодамнешното воведување на општи ограничувања во однос на изборните права, мора да се дадат особено убедливи причини. Меѓутоа Владата не обезбеди објаснување зошто неодамна се појавила загриженост во врска со лојалноста на лицата со двојно државјанство и зошто таквата загриженост не постоела кога законот за првпат бил изменет за да се дозволи двојно државјанство. Владата тврдеше дека бројот на засегнати – околу една петтина од актуелните пратеници кои имаат или се во процес на аплицирање за второ државјанство – се доволни за да се оправда заземениот пристап (види параграфот 140 горе). Судот признава дека бројот е значителен. Меѓутоа тој исто така нагласи дека голем број на граѓани исто така имаат двојно државјанство (види во параграфите 26 до 28 горе) и дека овие граѓани имаат право да бидат претставени од пратениците кои ги отсликуваат нивните грижи и политички гледишта.
175. Судот понатаму упатува на пресудата во случајот Адамсон против Летонија, цитиран горе, §§ 123 во која тој нагласил дека со минувањето на времето, општите ограничувања на изборните права потешко можеле да се оправдаат. Таму Судот ја нагласил потребата за „индивидуализирани“ мерки за да се земи во предвид реалното однесување на лицата наместо запазената закана која доаѓа од група лица. Во актуелниот случај, Судот смета дека има други начини да се заштитат молдавските закони, институции и националната безбедност. Санкциите за незаконско однесување или однесување кое се заканува по националните интереси најверојатно имаат превентивен ефект и овозможуваат да се справат со некаква конкретна закана наметната од идентификувано лице. Владата не посочи дека безбедносната проверка за пристап до доверливи документи била несоодветна во обезбедувањето на заштита на доверливи и чувствителни информации. Треба да се забележи дека обете овие мерки се занимаваат со идентификување на веродостојна закана по интересот на државата во конкретни околности засновани на конкретни информации наместо да се делува врз основа на општа претпоставка дека сите лица со двојно државјанство претставуваат закана по националната безбедност и независност. Судот повторува дека ова е претпочитаниот пристап кога директната закана по демократијата или независноста поминала (види Адамсонс против Летонија, цитиран горе, § 125).
176. Исто така во секој случај, историско-политичките гледиште треба да бидат разгледани земени во поширокиот контекст на обврските кои Молдавија слободно ги презела согласно ЕКД и препораките и заклучоците на релевантните меѓународни тела. Соодветно е да се разгледа во овој контекст приговорот ratione materiae поднесен од тужената Влада (види во параграфите 131 до 132 горе). Судот нагласува дека тој доследно одлучил дека мора да се земат во предвид релевантните меѓународни инструменти и извештаи, и особено оние од другите органи на Советот на Европа, со цел да се толкуваат гаранциите на Конвенцијата и да се утврди дали постои заеднички европски стандард на тоа поле. Судот е тој што треба да одлучи кои меѓународни инструменти и извештаи ги смета за релевантни и колкава тежина да им дава. Кога има заеднички стандард кој тужената земја не го исполнила, ова може да биде релевантно за разгледување од страна на Судот кога тој ги толкува одредбите од Конвенцијата во конкретни случаи (види, inter alia, Демир и Бајкара, цитиран горе, §§ 85 до 86; и Штукатуров против Русија, цитиран горе, § 95). Во актуелниов случај, Судот ги разгледа одредбите од ЕКД, заклучоците и извештаите на ЕКРН и Венецијанската комисија (види во параграфите 45 и 51 горе) и резолуциите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (види во параграфите 48 до 50 горе) дека се релевантни за неговата проценка дали Законот бр. 273 е сразмерен. Конкретно, при упатувањето на ЕКД, Судот не се обидува да го испита правото на жалителот да има двојно државјанство туку правото на тужената држава да воведе ограничувања на неговото право да го заземе своето место после неговиот избор како резултат на неговото двојно државјанство и компатибилноста на некое такво ограничување со членот 3 од Протоколот бр. 1.
177. Што се однесува до содржината на таквите извештаи и коментари, Судот забележува дека Венецијанската комисија, ЕКРН, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Комисијата за почитување на обврските биле едногласни во своите критики на забраната (види во параграфите 45 до 51 горе). Беше изразена загриженост што се однесува до дискриминациските последици на Законот бр. 273 како и неговото влијание врз способноста на низа политички сили да учествуваат делотворно во политичкиот процес. Судот понатаму се осврнува на членот 17 од ЕКД и она што сторила Молдавија согласно тој член за да обезбеди молдавските државјани кои поседувале друго државјанство да ги имаат истите права и обврски како и другите молдавски државјани (види во параграф 85 горе).
178. Конечно, Судот потсетува дека секое ограничување на изборните права не треба да биде такво што ќе исклучи некои лица или групи на лица од политичкиот живот на земјата (види во параграф 158 горе). Во оваа насока Судот ја нагласува несразмерната последица од законот врз партиите кои во времето на неговото воведување биле во опозицијата (види во параграфот 168 горе). Плурализмот и демократијата мора да се засноваат на дијалог и дух на компромис, што неопходно вклучува различни допуштања од страна на поединци или групи на поединци кои се оправдани за да се одржат и промовираат идеалите и вредностите на едно демократско општество (види United Communist Party of Turkey and Others v. Turkey, 30 January 1998, § 45, Reports 1998‑I; и Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, § 108, ECHR 2005‑XI). За да промовира таков дијалог и размена на гледишта неопходни за една функционална демократија, важно е да се обезбеди пристап за опозициските партии до политичката арена под услови кои им овозможуваат да ги претставуваат своите избирачи, да упатат на она што ги преокупира и да ги одбранат своите интереси (види Christian Democratic People’s Party v. Moldova, no. 28793/02, § 67, ECHR 2006‑II).
179. Судот мора да ги испита со посебно внимание сите мерки кои се чини дека делуваат исклучиво или главно на штета на опозицијата, особено кога природата на мерката е таква што делува на самата шанса на опозициските партии да се стекнат со поголема моќ во даден момент во иднината. Ограничувањата на оваа природа ги крати правата гарантирани со членот 3 од Протоколот бр. 1 во таков размер што се наштетува на самата суштина и ги лишува од нивната делотворност. Воведувањето на забрана во актуелниот случај кратко време пред изборите, во време кога процентот на гласови за владејачката партија опаѓал (види во параграфите 31 до 44 горе), дополнително зборува против сразмерноста на мерката.
180. Согледувајќи ги горенаведените фактори, и покрај посебниот историски и политички контекст, Судот одлучи дека одредбите од Законот 273 со што биле спречени избраните пратеници со повеќе државјанства да заземат место во Парламентот се несразмерни и спротивни на членот 3 од Протоколот бр. 1. Приговорот ratione materiae на тужената Влада согласно тоа се отфрла.
III.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 14 РАЗГЛЕДАН ЗАЕДНО СО ЧЛЕНОТ 3 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Заклучоци на Судскиот совет
181. Судскиот совет сметаше дека прашањата изнесени согласно членот 14 се поврзани со истите прашања како оние што се испитани во контекст на жалбата согласно членот 3 од Протоколот бр. 1. Соодветно на тоа тој заклучи дека немало потреба да се испита жалбата во однос на членот 14 посебно.
Б. Изјаснување на странките
1. Молдавската Влада
182. Владата тврдеше дека членот 21(3) од Законот 273 (види во параграфот 80 горе) не ги исклучувала жителите на Транснистрија од забраната за пратениците со повеќе државјанства, туку ги исклучувала институциите на Транснистрија од опсегот на законот. Владата се согласи со наодот на Судскиот совет дека никакви други прашања не произлегле од овој дел.
2. Жалителот
183. Жалителот го отфрли објаснувањето на Владата за значењето на членот 21(3) тврдејќи дека законскиот текст убаво кажувал и се однесувал на оние што живееле во Транснистрија, а не на изборите за транснистарските институции кои и онака не биле признати од молдавската Влада. Тој тврдеше дека според него посебно прашање произлегло од членот 14 затоа што Законот бр. 273 изречно ја исклучил неговата примена за молдавските државјани што живееле во Транснистрија, иако многу од нив исто така имале и руско државјанство. Нема оправдување за оваа разлика во третманот.
184. Жалителот побара од Судот да утврди посебна повреда на членот 14 заедно со членот 3 од Протоколот бр. 1.
3. Романската Влада
185. Романската Влада исто така не се согласи со поограничено толкување кое тужената Влада се обидела да го даде за членот 21(3) од Законот бр. 273 за исклучокот за Транснистрија, за кое тврдеа дека било спротивно на општите принципи на толкување. Со оглед дека тужената Влада не ги признавала институциите и властите формирани во Транснистрија, тие не можеле да тврдат дека законот усвоен во Молдавија сакал да го регулира изборот во таквите тела. Тие нагласија дека ЕКРН ја критикувал разликата како неоправдана (види во параграф 45 горе) и го повика Судот да даде одредена тежина на овој заклучок (повикувајќи се на Cobzaru v. Romania, no. 48254/99, §§ 49-50, 26 July 2007).
186. На крај, романската Влада го повика Судот да одлучи дека имало повреда на членот 14 земен заедно со членот 3 од Протоколот бр. 1.
В. Оценка на Судот
187. Судот забележува дека има спор околу точното толкување на членот 21(3) од Законот бр. 273, чија формулација е нејасна. Тој смета дека обете толкувања кои се дадени од странките се можни. Не е до овој суд да одлучува за точното толкување на домашниот закон, што е работа на домашните судови.
188. Во актуелниов случај, во контекст на наодот на Судот дека имало повреда на членот 3 од Протоколот бр. 1 Судот заклучува дека нема потреба да се испита посебно жалбата на жалителот согласно членот 14.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
189. Членот 41 од Конвенцијата уредува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на засегнатата Висока страна договорничка дозволува само делумно обесштетување, Судот и доделува на оштетената страна, доколку е потребно, правичен надоместок.“
А. Штета
190. Жалителот не побара никаква материјална или нематеријална отштета.
Б. Трошоци и издатоци
191. Жалителот поднел детално барање за трошоците што достигнале до 5.021,83 евра (ЕУР) како дополнителни трошоци и издатоци за постапката пред Големиот судски совет, вклучувајќи ги и трошоците за присуствување на расправата. Тој обезбедил сметки. Заедно со трошоците настанати во однос на постапката пред Судскиот совет, жалителот побарал износ од вкупно 8.881,83 евра.
192. Владата не се изјаснила пред Големиот судски совет во врска со побарувањето за трошоци од страна на жалителот.
193. Судот потсетува дека Судскиот совет доделил сума од 3.860 евра за трошоци и издатоци кои настанале во постапките пред него. Дополнителни сметки биле обезбедени во однос на последователните трошоци и издатоци за постапките пред Големиот судски совет. Соодветно на тоа Судот го доделува целиот побаруван износ.
В. Казнена камата
194. Судот смета дека е соодветно казнената камата да се заснова на маргиналната стапка на позајмување на Европската Централна Банка на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучи да го приклучи кон основаноста приговорот ratione materiae на Владата и го отфрли;
2. Ги отфрла преостанатите прелиминарни приговори на тужената Влада;
3. Одлучи дека имало повреда на членот 3 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата;
4. Одлучи дека не е потребано посебно да ја разгледа жалбата согласно членот 14 заедно со членот 3 од Протоколот 1 од Конвенцијата;
5. Одлучи
(а) дека тужената држава треба да му плати на жалителот, во рок од три месеци од датумот на оваа пресуда 8.881,83 евра (осум илјади осумстотини и осумдесет и едно евро и осумдесет и три центи), плус секој данок кој жалителот можеби е должен да го плати, за трошоци и издатоци конвертирани во молдавски леи по курсот што ќе важи на датумот на исплатата;
(б) дека од истекувањето на гореспоменатите три месеци до исплатата проста камата ќе се плаќа на гореспоменатите износи по стапка еднаква на маргиналната стапка за позајмување на Европската централна банка за време на казнениот период плус три процентни поени;
Изготвена на англиски и француски јазик, и усвоена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 27 април 2010 г.
Мајкл О’БојлПиер Лоренцен
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy