© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ ТАРАКХЕЛ (TARAKHEL) против ШВАЈЦАРИЈА
(Жалба бр 29217/12)
ПРЕСУДА
[ИЗВАДОК]
СТРАЗБУР
4 ноември 2014 година
Оваа пресуда е конечна. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Таракхел (Tarakhel) против Швајцарија
Европскиот Суд за човекови права, кој заседаваше во рамките на Големиот судски совет составен од:
Дин Шпилман (Dean Spielmann), претседател,
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall),
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевре (Isabelle Berro-Lefèvre),
Андраш Сајо (András Sajó),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Јулија Лафранк (Julia Laffranque),
Линос-Александер Сиcилианос (Linos-Alexandre Sicilianos)
Хелен Келер (Helen Keller),
Андре Поточки (André Potocki),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Пол Махони (Paul Mahoney), судии,
и од Лоренс Ерли (Lawrence Early), правен советник,
Расправајќи на затворена седница на судскиот совет на 12 февруари и 10 септември 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалба (бр 29217/12) против швајцарската конфедерација од страна на осум нејзини државјани со авганистанско потекло (колективно, „жалителите“), г-дин Голајан Таракхел (Golajan Tarakhel( („првиот жалител“), роден во 1971 година, неговата сопруга, г-ѓа Марјам Хабиби (Maryam Habibi) („втората жалителка“), родена во 1981 година, и нивните шест малолетни деца Aрезоо (Arezoo), роден во 1999 година, Мухамед (Mohamaad), роден во 2001 година, Назанин (Nazanin), родена во 2003 година, Шиба (Shiba), родена во 2005 година, Зејнаб (Zeynab), родена во 2008 година, и Амир Хасан (Amir Hassan), роден во 2012 година, сите жители на Лозана, поднесена до Судот на 10 мај 2012 година, во согласност со членот 34 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителите беа застапувани од страна на Службата за правна помош на беглаците (SAJE), односно од г-ѓа Клое Брегнар Екофе (Chole Bregnard Ecoffey). Владата на Швајцарија („владата“) беше застапувана од нејзиниот агент, г-дин Франк Ширман (Frank Schürmann), шеф на Одделот за меѓународна заштита на човековите права на Федералната канцеларија за правда.
3. Потпирајќи се на членовите 3 и 8 од Конвенцијата, жалителите во суштина тврдат дека нивното враќање во Италија ќе ги изложи на нечовечко и понижувачко постапување поради ризик тие да се најдат без сместување или да бидат смесетени во нечовечки и понижувачки услови. Ова би можело да произлезе од недостигот на гаранции за индивидуално згрижување наспроти системските слабости од кои страда системот за прифаќање на баратели на азил во Италија.
Во областа на членовите 13 и 3 од Конвенцијата, жалителите тврдат уште дека швајцарските власти не ја испитале доволно внимателно нивната лична ситуација и дека не ја земале предвид нивната семејна ситуација.
4. На 25 јуни 2012 година, жалбата беше доставена до Владата.
5. На 24 септември 2013 година, судскиот совет на кој му беше доделена жалбата, составен од страна на Гвидо Рајмонди, Дануте Јочене, Пир Лоензен, Андрас Сајо, Ишил Каракаш, Небојша Вучиниќ, и Хелен Келер, како и од Стенли Нејсмит, секретар на одделот, се откажа од надлежноста на случајот во корист на Големиот судски совет, и притоа, ниту една од страните, консултирани за таа цел, не се спротистави на тоа (член 30 од Конвенцијата и член 72 од деловникот). Составот на Големиот судски совет беше утврдено во согласност со членот 26 §§ 4 и 5 од Конвенцијата и член 24 од Деловникот на Судот („Деловникот“). На последната седница, Пол Леменс и Нона Цоцориа, судии заменици, ги заменија Инета Зиемеле и Пир Лорензен , кои беа спречени да присуствуваат (член 24 § 3 од Деловникот).
6. Жалителите како и Владата доставија писмени забелешки за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 59 § 1). Покрај тоа, забелешки беа поднесени од страна на италијанската, холандската, норвешката, шведската и британската влада, како и од организацијата Defence for Children, Советодавниот центар за правата на поединците во Европа (Centre AIRE), Европскиот совет за бегалци и егзиланти (CERE) и Amnesty International, на кои претседателот на Судот им дозоли да интервенираат во писмената постапка (член 36 § 2 од Конвенцијата и 44 § 3 од Деловникот). Италијанската влада, исто така, беше поканета да учествуваат во устната постапка.
7. Беше одржано јавно рочиште во Палата за човекови права во Стразбур, на 12 февруари, 2014 година (член 59 § 3 од Деловникот).
Пред судот се појавија:
- за Владата
г-дин. Ф. Ширман (F. Schürmann), шеф на Одделот за меѓународна заштита на човековите права, Федерална канцеларја за правда, Федерален оддел за правда и полиција, агент,
Б. Дибе (B.Dubey), заменик-шеф на Одделението за европско право и координација Шенген / Даблин, Федералнa канцеларија за правда, Федералниот оддел за правда и полиција, правен советник,
г-ѓа. Д. Штајгер Леуба (D. Steiger Leuba), научен соработник, Одделение за меѓународна заштита на човековите права, Федерална канцеларија за правда, Федерален оддел за правда и полиција, правен советник,
г-дин. Ј, Хорни (J. Horni), заменик-шеф на дивизија, дивизија Даблин, Федерална канцеларија за миграција, Федерален оддел за правда и полиција, правен советник,
Г-ѓа В. Хофер (V. Hofer), офицер за врски „Даблин“ при италијанското Министерство за внатрешни работи, Федерална канцеларија за миграција, Федерален оддел за правда и полиција, правен советник.
- за жалителите
г-ѓи Брегнар Екофе (Bregnard Ecoffey), шеф на SAJE, правник,
К Повлакик (К. Povlakic), правна советничка.
- за италијанската влада (трета страна)
Г-ѓа П. Акардо (P. Accardo), ко-агент,
г-дин. Мауро Пелерини (Mauro Pellegrini), ко-агент.
Судот ги сослуша г-дин Ширман и Хорни и г-ѓа Брегнар Екофе, Повлакик и Aкардо во нивните изјави и одговори на прашањата поставени од судиите .
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
8. Фактите на случајот може да се сумираат како што следи.
9. На неодреден датум, првиот жалител го напуштил Авганистан за Пакистан. Таму тој се сретнал со втората жалителка, со која се оженил. И двајцата потоа отишле во Иран, каде што живееле петнаесет години.
10. На неодреден датум, двојката и нивните деца го напуштиле Иран и заминале за Турција, од каде што отишле во Италија со брод. Според наодите на италијанската полиција и фишите со сигналетички податоци кои се приложени со забелешките на италијанската влада, жалителите (двојката и нивните први пет деца) се истовариле на брегот на Калабрија на 16 Јули 2011 г. и веднаш биле подложени на постапката на иденификација ЕВРОДАК (EURODAC) (фотографирање и земање отпечатоци од прсти), откако пријавиле лажни идентитети. Истиот ден, двојката и првите пет деца биле сместени во згрижувачка структура која била ставена на располагање од страна на општината Стигнани (Stignano) (провинција на Реџо Калабрија), каде што останале до 26 јули 2011 година, кога биле пренесени во Прифатниот центар за баратели на азил (Centro ди Accoglienza per Richiedenti Asilo „CARA“) од Бари (Bari) во регионот Пуља, откако бил утврден нивниот вистински идентитет.
11. Според жалителите, условите за сместување во овој центар биле лоши, главно поради недостаток на соодветни санитарни услови, немањето доволно простор и климата на насилство која владеела меѓу сместените лица.
12. На 28 јули 2011 година, жалителите го напуштиле центарот CARA во Бари, без дозвола. Потоа, тие отишле во Австрија, каде што на 30 јули 2011 г, биле повторно регистрирани во системот ЕВРОДАК. Тие таму поднеле барање за азил, кое било одбиено. На 1 август 2011 година, Австрија упатила барање за згрижување на жалителите до италијанските власти, кои формално го прифатиле на 17 август 2011 година. На неодреден датум, жалителитие отишле во Швајцарија. На 14 ноември 2011, австриските власти ги информирале нивните италијански колеги за откажувањето на трансферот поради исчезнувањето на жалителите.
13. На 3 ноември 2011 година, жалителите побарале азил во Швајцарија.
14. На 15 ноември 2011 година, првиот жалител и втората жалителка биле сослушани од страна на Федералната канцеларија за миграција (ODM), пришто кои тие изјавиле дека условите за живот во Италија биле тешки и дека првиот жалител бил во неможност да најде работа во таа земја.
15. На 22 ноември 2011 година, ODM побарала од италијанските власти да го преземат згрижувањето на жалителите. Во нивните забелешки, швајцарската и италијанската влада се согласиле да сметаат дека ова барање е премолчено прифатено од страна на Италија.
16. Со одлука од 24 јануари 2012 година, ODM го одбила барањето за азил на жалителите и наредила нивно враќање во Италија. Административниот орган сметал дека „тешките животни услови во Италија [не биле] основа за да не се бара извршувањето на враќањето“, дека „Италија оттука била должна да се погрижи за жалителите“ и дека „не [било] во надлежност на швајцарските власти да ја заменат Италија.“ Тој заклучил според ова дека „ниту еден конкретен елемент кој би можел да го загрози животот на жалителите во случај на враќање во Италија не [произлегувал] од предметот.“
17. Со акт од 2 февруари 2012 година, жалителите се обратиле до Федералниот управен суд. Во поткрепа на нивното барање, тие тврделе дека условите за згрижување на барателите на азил во Италија го прекршувале членот 3 од Конвенцијата и дека федералните власти не го испитале овој жалбен навод доволно внимателно.
18. Со пресуда од 9 февруари 2012 година, Сојузниот управен суд ја отфрлил жалбата, целосно потврдувајќи ја одлуката на ODM. Судот сметал дека „дури иако структурата за згрижување и социјална помош има[ла] недостатоци и барателите на азил сеуште не [можеле] да бидат згрижени од страна на приватни органи или добротворни установи“, ниту еден елемент од предметот не овозможувал „да се елиминира претпоставката според која Италија ги почитува[ла] своите обврски кои произлегуваат од јавното меѓународно право“. Кога станува збор особено за однесувањето на жалителите, тој оценил дека „одлучувајќи да одат во Швајцарија, тие [не] им дале можност на италијанските власти да ги исполнат своите обврски во поглед на нивната ситуација.“
19. На 13 март 2012 година, жалителите побарале од ODM повторно да ја отвори постапката и да им даде азил во Швајцарија. Тие сметале дека нивната индивидуална ситација не била предмет на продлабочено разгледување. Ова барање било испратено од ODM до Федералниот управен суд, кој го преквалификувал во „барање за ревизија“ на пресудата од 9 февруари 2012 година и го одбил на 21 март 2012 година врз основа на тоа дека жалителите не навеле нова причина што тие не можеле да ја наведат во текот на редовната постапка. Жалителите, главно, го беа засновале нивното барање врз подетален приказ на нивниот престој во Италија и врз фактот дека нивните деца веќе оделе на училиште во Швајцарија.
20. Со писмо од 10 мај 2012 година, примено од судскиот секретар на 15 мај, жалителите се обратиле до Судот и побарале од него, како привремена мерка, да побара од швајцарската влада да го суспендира нивното протерување во Италија за време на траењето на постапка.
21. Со факс од 18 мај 2012 година, судскиот секретар му укажал на претставникот на швајцарската влада дека судијата кој имал функција на претседател на одделот на кој предметот бил доделен одлучил да побара од швајцарската влада, во согласност со членот 39 од Деловникот на Судот, да не ги протера жалителите кон Италија за време на траењето на постапката пред Судот.
(...)
III. РЕЛЕВАНТНОТО ПРАВО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
(...)
35. Регулативата Даблин II неодамна беше заменета со Регулативата бр. 604/2013 на Европскиот парламент и на Советот од 26 јуни 2013 година („Регулатива Даблин III"), која има за цел да се зголеми ефикасноста на системот „Даблин“ и да се зајакне правната заштита за лицата кои се предмет на постапката „Даблин“. Таа има за цел да се обезбеди заштита на семејното единство и посветува особено внимание на потребите на непридружуваните малолетни лица и на другите лица што бараат посебна заштита. (...)
Член 6
Гаранции за малолетници
„1. Најдобриот интерес на детето е од примарно значење за Земјите членки во сите постапки предвидени во оваа Регулатива.
(...)
3. При утврдувањето на најдобрите интереси на детето, Земјите членки тесно соработуваат едни со други и ги земаат во предвид, особено, следниве фактори:
а) можностите за повторно обединување на семејството;
б) благосостојбата и социјален развој на малолетникот;
в) размислувањата врзани за безбедноста и сигурноста, особено кога постои веројатност малолетникот да биде жртва на трговија со луѓе;
г) мислењето на малолетникот, во зависност од неговата возраст и зрелост.“
(...)
ПРАВОТО
(...)
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 3 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
А. Поднесоци на страните
1. Жалителите
57. Жалителите тврдат дека прифатилиштата на баратели на азил во Италија страдаат од системски слабости кои, според нив, од една страна, се должат на тешкотиите на пристап до прифатилиштата кои се врзани со одолговлекувањето на постапката идентификација; од друга страна, на, во секој случај, недоволниот капацитет за сместување на овие прифатни центри; и, конечно, на неадекватните услови за живот кои преовладуваат во постоечките структури. Во поткрепа на нивниот аргумент, жалителите се повикуваат на наодите утврдени од страна на следниве организации: Organisation suisse d’aide aux réfugiés (OSAR), Italie : conditions d’accueil, Situation actuelle des requérant-e-s d’asile et des bénéficiaires d’une protection, en particulier celles et ceux de retour en Italie dans le cadre de Dublin, Berne, октомври 2013 („извештајот OSAR“) ; Maria Bethke и Dominik Bender, Proasyl, Zur Situation von Flüchtlingen in Italien, 28 февруари 2011, („извештајот Proasyl ») ; Jesuit Refugee Service-Europe (JRS), Dublin II info country sheets. Држава: Италија, ноември 2011 ( „Извештајот JRS“); Високиот комесаријат за бегалци на ОН, UNHCR Recommendations on important aspects of refugee protection in Italy, јули 2012 („препораките 2012 на УНХЦР“) Извештај објавен 18 септември 2012 од страна на Комесарот за човекови права на советот на Европа, Nils Muižnieks, по неговата посета во Италија од 3 до 6 јули 2012 г. („ Извештајот 2012 на Комесарот за човекови права“) ; Réseau européen de coopération technique sur l’application du règlement Dublin II, Dublin II Regulation National Report on Italy, 19 декември 2012 („Извештајот 2012 на европската мрежа Даблин II“)..
а) Бавноста на постапката за идентификација
58. Жалителите тврдат дека правото на барателите на азил да бидат сместени во CARA или во структурите на мрежата SPRAR (Sistema di protezione per richiedenti asilo e rifugiati) „стапува на сила само од мигот на“ формалната регистрација на нивното барање за азил од страна на полицијата (verbalizzazione). Сепак, според нив, во пракса, меѓу мигот кога засегнатите лица се јавуваат во Службата за имиграција на надлежната полициска станица и мигот на регистрирање, може да поминат повеќе недели, па дури и месеци, за кое време кое овие луѓе остануваат без покрив над главата. Според мислењето на жалителите, ова било официјално утврдено од страна на Управниот суд од Франкфурт во пресуда од 9 јули 2013 година (...) врз основа на информациите доставени од OSAR и oд организацијата borderline-europe. Оттука, има недостатоци во спроведувањето на административна постапка предвидена со закон. Жалителите, сепак, признаваат дека ситуацијата е донекаде поинаква штосе однесува на барателите на азил вратени во Италија во рамките на регулативата Даблин, коишто теоретски би требало да имаат непосреден пристап не само до CARA и до структурите кои припаѓаат на SPRAR, туку исто така, да структурите ставени на располагање од страна на општините, како и до оние воспоставени во рамките на проекти финансирани од Европскиот фонд за бегалци (FER) за периодот 2008-2013 г.
б) Сместувачките капацитети на прифатните центри
59. Жалителите признаваат дека структури финансирани од страна на FER се наменети на лицата кои се трансферирани во рамките на регулативата Даблин, но сметаат дека бројот на слободни места е недоволен во однос на бројот на трансферирани лица. Повикувајќи се на извештајот OSAR, тие тврдат дека во 2012 година имало само 220 расположливи места вкупно за 3551 префрлени лица, од кои 2981 лице биле префрлени од Швајцарија.
60. Што се однесува до достапноста на услугите во CARA и во структурите кои припаѓаат на SPRAR, жалителите тврдат дека тие не се лесно достапни за луѓе кои се предмет на трансфер „Даблин“.
61. Што се однесува на структурите на мрежата SPRAR, жалителите тврдат, повторно повикувајќи се на извештајот OSAR, дека само 5% од луѓето кои во нив биле сместени во 2012 година биле лица префрлени во рамките на регулативата Даблин и дека, од овие 5% сместени лица, само 6,5% биле трансферирани од Швајцарија, иако трансферите од Швајцарија изнесуваат 85% од вкупните трансфери „Даблин“ кон Италија. Жалителите оттука заклучуваат дека многу лица кои се трансферирани согласно постапката „Даблин“ се нашле без сместување. Тие додаваат дека, според OSAR, во многу случаи членовите на семејства трансферирани во Италија биле сместени одделно.
62. Жалителите исто така обезбедуваат податоци во врска со сместувањето на барателите на азил воопшто, било да биле предмет на постапка за трансфер „Даблин“ или не. Во овој поглед, тие тврдат дека бројот на барања за азил во Италија изнесувал 34 115 во 2011 и 15 715 во 2012 година, со зголемување на бројките во 2013 година. Според извештајот OSAR, бројот на бегалци кои живееле во Италија во 2012 година достигнал 64 000. Меѓутоа, според извештајот на OSAR, во 2012 година имало само 8 000 места во CARA, со толку долги листи за чекање што за најголемиот дел од кандидатите немало реални изгледи за сместување во истите.
63. Во однос на структурата на SPRAR, извештајот OSAR покажува дека имало 4 800 места и дека 5 000 лица биле регистрирани на листа на чекање. Во истиот извештај било наведено дека, според две други организации, Caritas и JRS, само 6% од лицата примени во структурите на SPRAR, каде згрижувањето било од друга страна ограничено на период од шест месеци, успеваат да најдат работа и да се интегрираат професионално во италијанското општество.
64. Што се однесува до општинските прифатилишта, достапни не само на барателите на азил, туку и на секое лице на кое му е тоа потребно, бројот на места, исто така, е далеку помал од потребното. Според извештајот OSAR, градот Рим има 1 300 места, со листа на чекање од 1 000 лица, а просечниот рок за доделување на место таму е три месеци. Во Милано, има само 400 места и семејствата систематски се раздвојуваат. Жалителите додаваат дека, ако одреден број на општини нудат социјални станови за семејствата, понудениот број на станови е сосем недоволен и времето на чекање изнесува десет години. Исто така, жалителите наведуваат дека решенијата за сместување понудени од страна на религиозните институции и невладините организации не се справуваат со големиот број на апликации. Конечно, слободниот пазар за недвижнини е непристапен за барателите на азил бидејќи економската ситуација во Италија, со стапка на невработеност во зголемување, не им овозможува да најдат вработување.
65. Како заклучок, жалителите тврдат дека, поради недостиг на расположливи места во различните видови на прифатни центри, голем број на баратели на азил, вклучувајќи и семејства со мали деца, се принудени да живеат во нездрави сквотови, други импровизирани сместувања или едноставно на улица. На пример, според извештајот OSAR, во Рим ќе има 1 200 до 1 700 лица сместени во лоши услови, и, низ цела Италија, 2 300 до 2 800 лица кои спијат на улица.
в) Условите за сместување во расположливите структури
66. Жалителите наведуваат дека згрижувањето, особено во CARA, е во спротивност со одредбите на Директивата за прием на баратели на азил. Тие се повикуваат на една констатација на организацијата borderline-europe според која, во центрите CARA во Трапани (Trapani) (Сицилија), биле сместени во простор од 15 m2 пет до шест лица, кои морале да спијат на душеци на земја. Овие центри, исто така, се соочуваат со проблеми поврзани со санитарните услови и пренаселеноста. Пренаселеноста е дури и постојан проблем во рамките на центрите CARA и има особено штетни последици за децата, особено кога обединувањето на семејството не се почитува, што систематски се случува на пример во Милано. Во центрите CARA во Минео (Mineo) (Сицилија), сместените лица не добивале субвенции, санитарните услови биле лоши, немало доволен пристап до здравствена заштита, додека криминалните активности, како и проституцијата, цветале.
67. Во нивните забелешки, жалителите се повикуваат особено на препораките на УНХЦР од 2012 година и извештајот на Комесарот за човекови права од 2012 година. Тие, освен тоа, придаваат големо значење на фактот дека Управниот суд од Франкфурт, во својата пресуда од 9 јули 2013 година (...), сметал дека ризикот да се биде соочен со лош третман во случај на враќање во Италија, заради непостоење на услови за прием во согласност со европските директиви, засегал 50% од лицата кои бараат азил.
68. Конечно, жалителите тврдат дека швајцарската влада не изнела никакви документи со кои се докажувало барање на конкретно решение за нивното згрижување. Според нив, се чини дека не било упатено никакво барање за минимални гаранции до италијанските власти, кои не дале никаква гаранција дека жалителите ќе бидат сместени во пристојни услови и нема да бидат одвоени. Тие исто така сметаат дека условите за живеење во центарот CARA во Бари, каде што поминале два дена за време на нивниот престој во Италија, се неприфатливи, особено поради пренаселеноста на истиот и насилството што произлегувало од сето тоа.
2. Владата
а) Бавноста на постапката за идентификација
69. Владата не се произнесе за потешкотиите наведени од жалителите за бавноста на постапката за идентификација.
б) Сместувачките капацитети на прифатните центри
70. Во врска со сместувачките капацитети на прифатните центри, според Владата во нив има 235 места кои се резервирани за барателите на азил кои се предмет на трансфер „Даблин“ во структурите финансирани од страна на FER. Освен тоа, Владата тврди дека капацитетот на мрежата SPRAR ќе се зголеми до 16 000 места за време на периодот 20142016. Таа главно се повикува на препораките на УНХЦР од 2012 година и на извештајот на Комесарот за човекови права на Советот на Европа од 2012 година, како и на наодите на Судот во одлуката Mohammed Hussein, претходно наведена, како и на оние со иста содржина што следеле (Daytbegova et Magomedova c. Autriche (одл.), 4 јуни 2013, бр. 6198/12 ; Abubeker c. Autriche et Italie (одл.), 18 јуни 2013, бр. 73874/11 ; Halimi c. Autriche et Italie (одл.), 18 јуни 2013, бр. 53852/11 ; Miruts Hagos c. Pays-Bas et Italie (одл.), 27 август 2013, бр. 9053/10 ; Mohammed Hassan et autres c. Pays-Bas et Italie (одл.), 27 август 2013, бр. 40524/10 ; Hussein Diirshi et autres c. Pays-Bas et Italie (одл.), 10 септември 2013, бр 2314/10).-
в) Условите за сместување во расположливите структури
71. Во однос на условите за живот во расположливите структури, Владата, повикувајќи се тука повторно на препораките на УНХЦР од 2012 година и на извештајот на Комесарот за човекови права, смета дека не може да се заклучи дека во Италија постои докажана пракса на систематско кршење на Директивата за прием на баратели на азил. Таа додава дека не знае за држави „Даблин“, кои систематски ссе откажуваат од враќање на барателите во Италија и дека ниту УНХЦР, ниту Комесарот за човекови права не сакале да интервенираат во оваа постапка, иако тоа го беа направиле во случајот M.S.S.
72. Во врска со случајот на жалителите, таа наведува дека, на 22 ноември 2011 година, ODM поднела барање до италијанските власти за згрижување на жалителите, во согласност со членот 17 од регулативата Даблин . Не бил даден експлицитен одговор на ова барање во рокот од два месеци предвиден во членот 18 § 1 од Даблинската регулатива, а тоа според Владата соодветствувало на имплицитно прифаќање од страна на Владата и било вообичаено во тоа време меѓу Швајцарија и Италија.
73. Практиката наводно се сменила и Италија сега изрично одговора на барањата за згрижување од страна на Швајцарија.
74. Во принцип, трансфер во рамките на постапка „Даблин“ е мерка која е подготвена долго однапред и не е наменета за итна ситуација, така што е можно да се води сметка за ситуацијата на лицата со потреба за специјална заштита, како што се семејства со мали деца, пред нивното пристигнување во Италија. Соработката со италијанските власти во оваа област добро фунционира, благодарение особено на присуството на швајцарски офицер за врски во рамките на единицата Даблин на Министерството за внатрешни работи на Италија. Од почетокот на 2013 година, италијанските власти усвоиле нова практика која се состои во тоа да ги назначат, во исто време со одлуката дека се согласуваат да го згрижат барателот на азил, аеродромот и прифатната структура на дестинација.
75. Во секој случај, на рочиштето на 12 февруари 2014 година Владата соопштила дека била информирана од страна на италијанските власти дека, во случај на враќање во Италија жалителите би биле згрижени во центар во Болоња кој бил дел од структурите финансирани од FER. Таа не навела други појаснувања за модалитетите на трансфер и за материјалните услови за прием предвидени од италијанските власти.
3. Забелешки на италијанската, холандската, норвешката, шведската и британската влада, како и на организациите Defence for Children, Centre AIRE, CERE и Amnesty International, трети страни вмешувачи
а) Бавноста на постапката за идентификација
76. Според забелешките поднесени од страна на италијанската влада, членот 20 од законодавниот декрет од 28 јануари 2008 година (бр 25/2008) предвидува дека барателите на меѓународна заштита можат да бидат згрижени во центри CARA во времтраењето кое е потребно за нивна идентификација, односно пред регистрирањето на нивното барање за азил, во период од максимум дваесет дена, и во времетраењето кое е потребно за испитување на нивното барање за азил од страна на територијалната комисија, во период од максимум триесет и пет дена. Во случај на прифаќање на нивното барање, тие ќе имаат пристап до SPRAR. Сепак, според членот 6 од Законодавниот декрет од 30 мај 2005 година (бр 140/2005), во случај на утврден недостаток на расположливи места во структурите на SPRAR, барателите на азил кои можат да докажат дека немаат средства за егзистенција имаат право да останат во центрите CARA. Италијанската влада, сепак, не дава информации за можни случаи кога барателите на азил биле принудени да чекаат неколку недели или месеци пред да добијат пристап до центрите CARA, пред или по идентификацијата. Таа, од друга страна, назначува дека просечното времетраење на разгледувањето на барањето за азил било седумдесет и два дена во 2012 година и деведесет и два дена во 2013 година. Овие рокови се оправдувало со фактот дека, со оглед на тоа дека сослушувањето на секој барател на азил од страна на територијалната комисија требало да трае најмалку еден час, секоја од десетте регионални комисии била во физичка неможност да обработи повеќе од десет барања дневно. Закон кој стапил во сила на 4 септември, 2013 (бр 97/2013) овозможил создавање на одреден број на дополнителни секции во рамките на територијалните комисии, со цел да се забрза разгледувањето на барањата за азил.-
77. Другите трети страни вмешувачи не се произнесуваат ништо повеќе од швајцарската влада во однос на практичниот аспект на ова прашање.
б) Сместувачките капацитети на прифатните центри
78. Во своите забелешки, италијанската влада објаснува дека, со декрет од 17 септември 2013 година, Министерството за внатрешни работи одлучило двојно да го зголеми вкупниот капацитет на SPRAR мрежата, за да достигне 16 000 места на крајот на периодот 2014- 2016 година. Мрежата во моментов брои 9 630 места, од кои 1230 места кои биле веќе создадени по донесувањето на декретот. Покрај тоа, со циркуларно писмо од 7 октомври 2013 година префектите на регионот Сицилија биле повикани да лоцираат дополнителни сместувачки структури за прием на бегалци, вклучувајќи го и приватниот сектор. До денес, четириесетина вакви структури биле идентификувани, за вкупно 1834 места. Шест други структури се подготвени да бидат активирани во случај на зголемување на приливот на бегалци. Од друга страна, според италијанската влада, бројот на барања за азил поднесени во првите шест месеци од 2013 година изнесувал 14 184 (на 15 јуни, 2013 година). Конечно, на рочиштето на 12 февруари 2014 година, претставничката на италијанската влада го нарекла „драматична ситуација“ приливот на баратели на азил регистриран во изминатите две години.
79. Холандската, шведската, норвешката и британската влада ја поддржуваат во суштина позицијата на швајцарската влада. Како и таа, тие тврдат дека, спротивно на она што го направил во случајот на Грција, УНХЦР не повикал да се запре трансферот на одредени ранливи групи во Италија.
80. Шведската влада наведува дека Италија и Европската канцеларија за поддршка за азил (EASO) потпишале на 4 јуни 2013 посебен план за поддршка (Special Support Plan) за подобрување на приемот на барателите за азил. Од друга страна, трансферите „Даблин“ кон Италија биле предмет на систематска размена на информации меѓу надлежните органи на двете земји, особено продлабочена во случајот на ранливите лица, особено на децата без придружба.
81. Британската влада тврди дека извештаите на кои се повикуваат жалителите во нивната оценка на состојбата на теренот, особено извештајот Proasyl, често не прават разлика помеѓу „баратели на азил", „признаени бегалци" и „одбиени баратели на азил“. Меѓутоа, оваа дистинкција е клучна штом Директивата за прием се применува само на барателите на азил, чиј статус е по својата суштина привремен, додека Директивата за квалификација, која се однесува на бегалците, ги става нив на исто рамниште со државјаните во однос на пристапот до вработување, образование или социјална заштита. Податоците содржани во овие извештаи оттука би биле неточни; на пример, британската влада тврди дека извештајот OSAR ги критикува условите за живот во структурата на Tor Maranciaа во Рим, и истовремено признава дека во неа се примаат авганистанските мажи кои имаат статус на бегалци.
82. Организацијата Defence for Children се согласува со констатацијата на жалителите дека сместувачките капацитети за барателите на азил во Италија се далеку од доволни и тврди дека последиците се особено сериозни за децата, со оглед на тоа што некои од нив се принудени да живеат во сквотови или во други нездрави сместувања. НВО-то се повикува на информациите објавени во извештајот OSAR.
в) Условите за сместување во расположливите структури
83. Како и жалителите, организацијата Defence for Children, повикувајќи се на извештај OSAR, тврди дека повеќе семејства кои биле вратени во Италија според регулативата Даблин биле раздвоени при пристигнувањето во прифатните структури, вклучувајќи ги и центрите CARA . Оваа практика дури и била систематска во градот Милано. Во своите забелешки, Defence for Children го нагласува концептот на „најдобриот интерес на детето“, така како што е дефиниран од страна на Конвенцијата за правата на детето од 20 ноември 1989 година, и смета дека во случаите на трансферирање „Даблин“ социјалниот и емоционалниот развој на детето би требало да биде одлучувачки во испитувањето на неговиот „најдобар интерес". НВО-то се повикува особено на членот 6 од Регулативата Даблин III, која стапи на сила на 1 јануари 2014 година (видете став 35 погоре).
84. Defence for Children особено упатува на важноста што за Комитетот за правата на детето на ОН ја има зачувувањето на семејното окружување, и се повикува на судската пракса на Судот во врска со држење на деца, особено мигранти, во однос на условите за сместување. Во заклучок, НВО-то бара од Судот да ги забрани враќањата на децата во Италија, поради несоодветните услови за сместување на барателите на азил во оваа земја.
85. Повикувајќи се исто така на поимот на „најдобриот интерес на детето", центарот AIRE, CERE и Amnesty International сметаат дека децата треба да бидат трансферирани во други земји-членки на Европската унија само ако таквата мерка е во нивниот најдобар интерес.
86. Од своја страна, на рочиштето на 12 февруари 2014 година италијанската влада, од една страна, потврди дека се случувале епизоди на насилство во CARA во Бари непосредно пред пристигнувањето на жалителите и, од друга страна, негираше дека семејствата на баратели на азил биле систематски разделувани, освен во некои случаи и за многу кратко време, во текот на првите денови на згрижување и идентификација. Во своите забелешки, таа, исто така, тврди дека барателите на азил кои припаѓаат на категорија што италијанските власти ја сметаат за ранлива - а тоа е случајот на жалителите, како семејство со деца - се згрижени во рамките на системот SPRAR, кој им гарантира сместување, храна, здравствена помош, курс по италијански јазик, упатување до социјални услуги, правни совети, часови за стручна обука, стажирање и помош при барање на автономно сместување.
Б. Оценка на Судот
87. На самиот почеток, Судот забележува дека, според швајцарската влада, во случај на враќање во Италија, жалителите би биле сместени во Болоња, во структура која припаѓа на мрежата финансирана од страна на FER (став 75 погоре ). Дури и под претпоставка дека овaa околност покренува прашање во смисла на членот 37 § 1 б) или в) од Конвенцијата, Судот смета дека е соодветно таа да се вклучи во разгледувањето на основаноста на жалбата (видете став 121 подолу).
1. За одговорноста на Швајцарија во рамките на Конвенцијата
88. Судот забележува дека, во конкретниот случај, одговорноста на Швајцарија во смисла на членот 3 од Конвенцијата не е оспорена.
Сепак, Судот смета дека е корисно да потсети дека, во случајот Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi c. Irland ([ГС], бр 45036/98, § 152, ЕСЧП 2005VI), тој заклучи дека Конвенцијата не им забранува на договорните страни да и пренесат суверени овластување на меѓународна организација за целите на соработка во одредени области на активност. Земјите сепак остануваат одговорни според Конвенцијата за сите дејствија и пропусти на нивните органи кои произлегуваат од домашното право или од нужноста да се почитуваат меѓународните правни обврски (ibidem, § 153). Мерка на државата која е преземена при извршување на вакви законски обврски треба да се смета за оправдана во случај кога е утврдено дека организацијата во прашање им придава на фундаменталните права заштита што е во најмала мера еквивалентна на онаа предвидена со Конвенцијата: Меѓутоа, државата останува целосно одговорна во согласност со Конвенцијата за сите дејствија кои не спаѓаат стриктно во опсегот на меѓународните правни обврски, особено кога таа го остварила своето дискрециско право (ibidem, §§ 155-157; видете исто така Michaud c. France, бр 12323/11, §§ 102-104, ЕСЧП 2012).-
Точно е дека, спротивно на Ирска во случајот Bosphorus, Швајцарија не е земја членка на Европската унија. Сепак, согласно Спогодбата за асоцијација од 26 октомври 2004 година меѓу Швајцарската конфедерација и Европската заедница, Швајцарија е обврзана со Даблинската регулатива (...) и учествува во системот утврден со овој инструмент.
89. Судот, меѓутоа, забележува дека членот 3 § 2 од Регулативата Даблин предвидува дека, со отстапка од општото правило наведено во членот 3 § 1, секоја земја-членка може да разгледа барање за азил поднесено до него од страна на државјанин на трета земја, дури и ако таквото разгледување не е негова одговорност во рамките на критериумите утврдени во регулативата. Ова е т.н. клаузула на „суверенитетот“ (...). Во овој случај, оваа држава станува одговорната земја-членка, во рамките на значењето на Регулативата, за испитувањето на барањето за азил и ги презема обврските поврзани со таа одговорност (M.S.S, цитирана погоре, § 339). По сила на Спогодбата за асоцијација, овој механизам, исто така, важи и за Швајцарија.
90. Судот заклучува дека швајцарските власти можат, според Регулативата Даблин, да се воздржат од трансфер на жалителите во Италија доколку сметаат дека оваа земја не ги исполнува своите обврски согласно со Конвенцијата. Оттука, тој смета дека одлуката да се вратат жалителите во Италија не спаѓа целосно во опсегот на меѓународните правни обврски кои ја врзуваат Швајцарија во рамките на системот воспоставен од страна на Даблинската регулатива и дека, оттука, презумпцијата за еквивалентна заштита не е применлива во конкретниот случај (видете, mutatis mutandis, M.S.S., цитирана погоре, § 340).
91. Затоа, во овој случај, Швајцарија треба да се смета за одговорна според Членот 3 од Конвенцијата.
(...)
3. За основаноста
а) Краток преглед на општите принципи
93. Судот потсетува дека, според неговата утврдена судска пракса, протерувањето на барател на азил од страна на држава договорничка може да покрене проблем според членот 3, а со тоа се вклучи одговорноста на државата за која станува збор согласно Конвенцијата, во случај кога постојат сериозни и проверени причини да се верува дека лицето се соочува, во земјата на дестинација, со реален ризик да биде подложено на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Во овој случај, членот 3 ја наметнува обврската да не се протера лицето во прашање кон таа земја (Saadi с. Italie [ГС], бр. 37201/06, § 152, ЕСЧП 2008 ; M.S.S., претходно наведена, § 365 ; Soering c. Royaume-Uni, 7 јули 1989, §§ 90-91, серија A бр. 161 ; Vilvarajah et autres c. Royaume-Uni, 30 octobre 1991, § 103, серија A бр. 125 ; H.L.R. c. France, 29 април 1997, § 34, Збирка 1997-III ; Jabari c. Turquie, бр. 40035/98, § 38, ЕСЧП 2000VIII ; Salah Sheekh c. Pays-Bas, бр. 1948/04, § 135, ЕСЧП 2007I).---
94. Судот кажа во многу прилики дека, за да спадне во опсегот на забраната содржана во член 3, постапувањето треба да има минимално ниво на сериозност. Оценувањето на овој минимум е релативно; тоа зависи од целокупноста на податоците за случајот, како што се траењето на постапувањето, физичките и менталните ефекти како и, понекогаш од полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (видете, особено Kudła c. Pologne [ГС], бр. 30210/96, § 91, ЕСЧП 2000-XI ; M.S.S., претодно наведена, § 219).
95. Судот исто така сметал дека членот 3 не може да се толкува како обврзувајќи ги Високите договорни страни да гарантираат право на сместување на сите лица под нивна јурисдикција (Chapman c. Royaume-Uni [ГС], бр. 27238/95, § 99, ЕСЧП 2001I) Исто така, не може да се изведе од членот 3 општа должност да им се обезбеди на бегалците финансиска помош за тие да можат да задржат одреден стандард на живеење (Muslim c. Turquie, бр 53566/99, § 85, 26 април 2005 ; M.S.S., претходно наведена, § 249).-
96. Во пресудата M.S.S. (§ 250), Судот, меѓутоа, оценил дека прашањето кое треба да се реши во конкретниот случај не поставува на тој начин. За разлика од ситуацијата во случајот Muslim (цитиран погоре, §§ 83 и 84), обврската да се обезбеди сместување и пристојни материјални услови за барателите на азил кои имаат потреба од помош била дел од позитивното право и ги обврзувала грчките власти согласно националното законодавство кое го транспонирало правото на Европската унија, имено Директивата за прием на баратели на азил. Она што жалителот им го префрлал на грчките власти во овој случај, тоа било неможноста во која тој се нашол, заради нивните постапки или нивните намерни пропусти, да ги ужива овие права во пракса за да може да ги задоволи своите основни потреби.
97. Во истата пресуда (§ 251), Судот му придал големо значење на статусот на жалителот, кој бил барател на азил и затоа припаѓал на група на население особено загрозена и ранлива, со потреба од посебна заштита, и истакнал дека оваа потреба за посебна заштита била предмет на широк консензус на меѓународно и европско ниво, како што тоа произлегувало од Женевската конвенција, од мандатот и активностите на УНХЦР, како и од стандардите кои фигурираат во Директивата за прием на баратели на азил на Европската унија.
98. Повторно во M.S.S. (§§ 252 и 253), кога требало да утврди дали тешка ситуација на тешка материјална беда може да покрене прашање според членот 3, Судот потсетил дека тој не ја исклучил „можноста дека одговорноста на државата [е] вклучена [во смисла на членот 3] преку постапување во рамки на кое жалител кој е целосно зависен од социјална помош се соочува со незаинтересираноста на властите иако се наоѓа во ситуација на толку тешка сиромаштија или лишеност што тоа е во спротивност со човековото достоинство“ (Budina c. Russie, (одл.), бр. 45603/05, 18 јуни 2009).
99. Што се однесува особено до малолетниците, Судот утврдил дека требало да се има на ум дека ситуацијата на екстремна ранливост на детето била пресудна и таа имала приоритет пред својството на странец со незаконски престој (Mubilanzila Mayeka et Kaniki Mitunga c. Belgique, бр. 13178/03, § 55, ЕСЧП 2006XI ; Popov c. France, бр. 39472/07 и 39474/07, § 91, 19 јануари 2012). Всушност, децата имаат посебни потреби особено заради нивната возраст и зависност, но исто така и заради нивниот статус на баратели на азил. Судот, исто така, истакнал дека Конвенцијата за правата на детето ги поттикнува државите да преземат соодветни мерки за дете кое бара статус на бегалец да ужива заштита и хуманитарна помош, било да е тоа само или придружено од своите родители (видете во оваа смисла Popov, цитирана погоре, § 91).-
б) Примена на овие принципи во односниот случај
100. Жалителите сметаат во суштина дека во случај на нивно враќањето во Италија , „без индивидуална гаранција за згрижување“, тие ќе бидат жртви на нечовечко и понижувачко постапување како последица на постоењето на „системски слабости" во прифатните центри за баратели на азил.
101. За да се испита жалбениот навод, Судот смета дека треба да следи сличен пристап како оној што тој го беше усвоил во пресудата M.S.S., цитирана погоре, каде ја беше испитал индивидуалната ситуација на жалителот во светлото на општата ситуација во Грција во времето на случувањата.
102. Тој првин потсетил на својата утврдена судска пракса според која протерување на барател на азил од страна на држава договорничка може да покрене прашањето во поглед на членот 3 кога постојат „сериозни и проверени причини да се верува“ дека засегнатото лице ќе соочи, во земјата на дестинација, со „вистински ризик“ да биде подложено на мачење или на нечовечко или понижувачко постапување или казнување (видете став 93 погоре).
103. Од пресудата M.S.S. произлегува исто така дека претпоставката според која државата која учествува во системот „Даблин“ ги почитува основните права гарантирани со Конвенцијата не е неоспорлива. Од своја страна, Судот на правдата на Европската унија пресудил дека презумцијата според која една држава „Даблин" ги исполнува своите обврски согласно членот 4 од Повелбата за фундаменталните права на Европската унија се побива во случај на „системски пропусти на постапката за азил и на условите за прием на баратели на азил услови во земјата-членка која е одговорна, вклучувајќи нечовечко или понижувачко постапување, во рамките на значењето на член 4 од Повелбата, за барателите на азил трансферирани на територијата на таа земја-членка“ (...)
104. Во случај на трансфер „Даблин“, презумцијата според која една држава договорничка на „дестинација“ го почитува членот 3 од Конвенцијата може да биде правно побиена кога постојат „сериозни и утврдени основи да се верува“ дека лицето кое е предмет на мерката за враќање ќе се соочи со „реален ризик" да биде подложено на постапување спротивно на оваа одредба во земјата на дестинација.
Изворот на ризикот не го менува нивото на заштита гарантирано со Конвенцијата и обврските што таа и ги наметнува на државата автор на мерката за враќање. Oва не ја ослободува државата од тоа да ја испита темелно и поединечно ситуацијата на лицето предмет на мерката и да го одложи враќањето во случај кога постоењето ризик од нечовечко или понижувачко постапување е утврдено.
Судот, впрочем, забележува дека овој пристап бил преземен од страна на Врховниот суд на Обединетото Кралство во својата пресуда од 19 февруари 2014 година (...)
105. Во конкретниот случај, Судот мора да се испита дали, со оглед на општата ситуација на прифатната структура за баратели на азил во Италија и на конкретната ситуација на жалителите, има сериозни и утврдени причини да се верува дека, доколку бидат вратени во Италија жалителите би ризикувале да бидат изложени на постапување спротивно на членот 3.
i. Општата состојба на системот за прием на баратели на азил во Италија
106. Што се однесува до општата состојба, во својата одлука Mohammed Hussein (цитиранa погоре, § 78), Судот истакнал дека препораките на УНХЦР и извештајот на Комесарот за човекови права, објавени во 2012 година, наведувале одреден број на недостатоци. Според жалителите, овие недостатоци биле „системски" и се должеле на бавноста на постапката на идентификација, на намалениот капацитет на прифатните структури и на условите за живеење кои преовладувале во расположливите структури (...)
α) Бавноста на постапката на идентификација
107. Што се однесува до тешкотиите поврзани со бавноста на постапката на идентификација, Судот забележува дека жалителите веќе биле идентификувани и дека швајцарските и италијанските власти веќе располагаат со сите релевантни информации за нив. Тој освен тоа истакнува дека биле потребни само десет дена за италијанските власти нив да ги идентификуваат при пристигнувањето во Стигнано, и покрај тоа што тие и биле дале на полицијата лажни идентитети (видете став 10 погоре). Оттука, овој аспект на жалбениот навод на жалителите не е повеќе директно релевантен за испитување на случајот и Судот не смета дека е неопходно на него понатаму д асе задржува.
β) Сместувачки капацитети на прифатните структури
108. Во однос на капацитетот за прием на структурите за сместување на барателите на азил, жалителите се потпираат на детални студии изготвени од страна на невладини организации, според кои бројот на барања за азил во Италија е 34 115 во 2011 година и 15 715 во 2012 година, со бројки во подем за 2013 година. Според извештајот OSAR, бројот на бегалци кои живеат во Италија во 2012 година изнесувал 64 000. Меѓутоа, во 2012 година имало само 8 000 места во CARA, со толку долги листи на чекање што за поголемиот дел од кандидатите не постоеле никакви реални изгледи за пристап. Во однос на структури кои припаѓаат на SPRAR извештајот OSAR укажувал дека бројот на места изнесувал 4 800 и дека 5 000 лица биле запишани на листата на чекање. Во истиот извештај било наведено дека, според две други организации, Caritas и JRS, само 6% од лицата примени во структурите на SPRAR, каде згрижувањето било од друга страна ограничено на период од шест месеци, успевале да најдат работа и да се интегрираат професионално во италијанското општество. Што се однесува до општинските прифатилишта, достапни не само на барателите на азил, туку и на секое лице на кое му е тоа потребно, бројот на места, исто така, е далеку помал од потребното. Според извештајот OSAR, градот Рим има 1 300 места, со листа на чекање од 1 000 лица, а просечниот рок за доделување на место таму е три месеци. Во Милано, има само 400 места и семејствата систематски се раздвојуваат.
109. Судот забележува дека овие бројки не се оспорени од страна на Швајцарската влада, која се ограничува на тоа да ги нагласи напорите на италијанските власти да се справат најдобро што можат со непрекинатиот наплив на баратели на азил со којшто се соочува земјата веќе со години. Во своите забелешки, италијанската влада укажува така дека преземените дејствија од страна на италијанските власти имаат за цел зајакнување на капацитетот за прием на баратели на азил. Особено, било одлучено во септември 2013 година да се зголеми вкупниот капацитет на системот SPAR до 16 000 места во текот на периодот 2014-2016 г.; 1230 места веќе биле распределени, со што вкупниот број на слободни места би изнесувал 9630 (видете став 78 погоре).
110. Судот забележува дека методите што се користат за пресметување на бројот на баратели на азил кои се лишени од сместување во Италија се спорни. Без да влегува во дебата околу точноста на бројките на располагање, на Судот му е доволно да ја констатира флагрантната диспропорција меѓу бројот на барања за азил во 2013 година, кои според италијанската влада изнесувале 14 184 на 15 јуни 2013 година (став 78 погоре), и бројот на расположливи места во структурите на мрежата SPRAR (9 630 места) кои, повторно според италијанската влада, се оние во кои најверојатно би биле примени жалителите (став 76 погоре). Покрај тоа, со оглед на тоа дека наведениот број на барања се однесува само на првите шест месеци од 2013 година, веројатно е дека оваа бројка за целата година е многу повисока, што го ослабнува уште повеќе капацитетот за сместување на SPRAR системот.
Понатаму, Судот забележува дека ниту швајцарската влада, ниту италијанската тврдат дека комбинираниот капацитет на системот SPRAR и на CARA е во состојба да го апсорбира, ако не тоталитетот, тогаш барем поголемиот дел од барањата за сместување.
γ) Условите за прием во расположливите структури
111. Што се однесува до условите за живеење во расположливите структури, наведените студии од страна на жалителите наведуваат одредени прифатни центри каде што преовладуваат пренаселеност, нездрави услови и ситуации на општо насилство (ставови 66-67 погоре). Жалителите впрочем наведуваат дека самите биле сведоци на епизоди на насилство за време на нивниот краток престој во CARA во Бари. Тие исто така тврдат дека, во некои центри, семејствата на барателите на азил систематски се одвоени.
112. Судот забележува дека во своите препораки за 2013 година, УНХЦР, всушност опишува одреден број на потешкотии, кои се однесуваат особено на диспаритетот на расположливите услуги, во зависност од големината на објектите и на недостатокот од координација на национално ниво. Меѓутоа, иако истакнува одредена деградација на условите за прием, особено во 2011 година, како и проблемот на пренаселеност во CARA, УНХЦР не спомнува ситуации на општо насилство или нездрави услови, па дури и ги поздравува напорите на италијанските власти за подобрување на квалитетот на прием на баратели на азил. Што се однесува пак до комесарот за човекови права, во својот извештај за 2012 година (...), и тој исто забележува постоење на одредени проблеми во „некои прифатни центри“, изразувајќи особена загриженост во врска со правната помош, негата и психолошката помош во итните прифатни центри, времетраењето на идентификацијата на ранливите лица и неопходноста за зачувување на семејното единство за време на трансферите.
113. На крајот, Судот забележува дека во текот на рочиштето на 12 февруари 2014 година, италијанската влада, од една страна, потврдила дека епизоди на насилство се случиле во CARA во Бари непосредно пред доаѓањето на жалителите,а, од друга страна, негирала дека семејствата на барателите на азил биле систематски разделувани, освен во некои случаи и за многу краток период, особено во текот на постапките за идентификација.
114. Со оглед на погоре наведеното, сегашната ситуација на Италија не може во никој случај да се спореди со состојбата на Грција во времето на пресудата M.S.S., претходно наведена, каде Судот особено беше истакнал дека прифатните центри располагале со помалку од 1 000 места, наспроти десетици илјади баратели на азил, и дека условите на крајна беда опишани од страна на жалителот биле широко распространет феномен. Поради тоа, мора да се констатира дека пристапот во овој случај не може да биде ист како и во случајот M.S.S.
115. Затоа, ако структурата и општата состојба на прифатната структура во Италија не можат сами по себе да претставуваат пречка за какво и да е враќање на барателите на азил во таа земја, податоците и информациите изложени погоре сепак, предизвикуваат сериозни сомневања во онос на сегашните капацитети на системот. Од ова произлегува, во очите на Судот, дека не може да се отфрли како неоснована претпоставката за значителен број на баратели на азил кои се лишени од сместување или сместени во пренаселени структури во услови на пренатрупаност, нехигиена или насилство.
ii. Индивидуалната ситуација на жалителите
116. Што се однесува до индивидуалната ситуација на жалителите, Судот забележува,според наодите на италијанската полиција и фишите со сигналетички податоци што се приложени со забелешките на италијанската влада, жалителите (парот и нивните први пет деца) се истовариле на брегот на Калабрија на 16 Јули 2011 г. и веднаш биле подложени на постапката на иденификација, откако пријавиле лажни идентитети. Истиот ден, жалителите биле сместени во прифатна структура која била ставена на располагање од страна на општината Стигнани, каде што останале до 26 јули 2011 година, дата на која, откако бил утврден нивниот вистински идентитет, биле пренесени во центарот CARA од Бари. На 28 Јули 2011, заминале од центарот, без дозвола, во непознат правец.
117. Исто така, како што општата состојба на барателите на азил во Италија не може да се спореди со онаа на барателите на азил во Грција, онака како што била анализирана во пресудата M.S.S. (став 114 погоре ), така, конкретната ситуација на жалителите во овој случај е различна од онаа на жалителот во случајот M.S.S.: додека првите веднаш биле згрижени од италијанските власти, вториот првично бил притворен, а потоа отставен на милост и немилост, без никакви средства за живот.
118. Судот потсетува дека, за да спаѓа во опсегот на забраната содржана во член 3, постапувањето треба да има минимално ниво на сериозност. Оценката на овој минимум е релативна; таа зависи од сите околности на случајот, вклучувајќи го и времетраењето на постапувањето и од неговите физички и ментални последици како и, понекогаш, од полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (став 94 погоре). Тој, исто така, потсетува дека, како „особено загрозена и ранлива“ група на населението жалителите на азил имаат потреба од „посебна заштита" според оваа одредба (M.S.S., цитирана погоре, § 251).
119. Ова барање за „посебна заштита“ за баратели на азил е дотолку поважна кога засегнатите поединци се деца, со оглед на нивните посебни потреби и нивната екстремна ранливост. Ова важи дури и кога, како во овој случај, децата на барателите на азил се придружувани од нивните родители (Popov, цитирана погоре, § 91). Условите за прием на децата баратели на азил треба оттука да бидат прилагодени на нивната возраст, на начин да не можат да „создадат за нив состојба на стрес и анксиозност и да имаат особено трауматски последици врз нивната психа“ (видете, mutatis mutandis, Popov, цитирана погоре, § 102), во спротивно тие ќе го достигнат нивото на сериозност за да спаднат во опсегот на забраната пропишана во член 3 од Конвенцијата.
118. Во овој случај, како што Судот тоа го утврди погоре (став 115 погоре), со оглед на моменталната состојба на прифатниот систем во Италија, и покрај тоа што оваа ситуација не може да се спореди со онаа на Грција, што Судот ја разгледа во контекст на случајот M.S.S., хипотезата дека значителен број на баратели на азил вратени во таа земја се лишени од сместување или сместени во преполни структури во услови на пренатрупаност, нехигиена или насилство, не е неоснована. Затоа швајцарските власти се должни да се осигурааат, кај нивните италијански колеги, дека по пристигнувањето во Италија кандидатите ќе бидат пречекани во структури и во услови соодветни на возраста на децата, како и дека единството на семејството ќе биде зачувано.
121. Судот забележува дека италијанската влада, семејствата со деца се сметаат како особено ранлива група и вообичаено се згрижени во мрежата SPRAR. Овој систем им гарантира сместување, храна, здравствена помош, часови по италијански јазик, упатување до социјалните услуги, правни совети, часови по стручна обука, стажирање и помош при барањето на независно сместување (видете став 86 погоре). Сепак, во своите писмени и усни поднесоци, италијанската влада не обезбедила повеќе детали за специфичните услови на згрижување на кандидатите.
Точно е дека на рочиштето на 12 февруари 2014 година Швајцарската влада соопштила дека ODM бил информирана од страна на италијанските власти дека, во случај на враќање во Италија жалителите ќе бидат сместени во Болоња, во една од структурите финансирани од страна на FER (видете став 75 погоре). Сепак, во отсуство на детални и веродостојни информации за прецизната структура на дестинација, за физичките услови за сместување и за зачувување на единството на семејството, Судот смета дека швајцарските власти не располагаат со доволно информации за да се уверат дека, во случај на враќање во Италија, жалителите ќе бидат згрижени на начин соодветен на возраста на децата.
122. Оттука, доколку жалителите бидат испратени назад во Италија без притоа швајцарските власти да успеат претходно да добијат од страна на италијанските власти поединечна гаранција за, од една страна, згрижување прилагодено на возраста на децата и,од друга страна, зачувување на единството на семејството, ќе има повреда на членот 3 од Конвенцијата.
(...)
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
(...)
2. Одлучи, со четиринаесет гласови против три, дека ќе има повреда на членот 3 од Конвенцијата доколку жалителите бидат испратени назад во Италија без притоа швајцарските власти да успеат претходно да добијат од страна на италијанските власти поединечна гаранција за, од една страна, згрижување прилагодено на возраста на децата и, од друга страна, зачувување на единството на семејството;
(...)
Изготвено на англиски и француски јазик, и потоа прочитано на јавна расправа во Палатата на човекови права, во Стразбур, на 4 ноември 2014 година, со примена на членот 77§§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Лоренс ЕрлиДин Шпилман
Правен советникПретседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на издвоеното мислење на судиите Каседевал, Беро-Лефевр и Јадерблом.
Д.С.
T.Л.Е.
Издвоеното мислење не е преведено, но тоа е дел од официјалните верзии на пресудата на англиски јазик и француски јазик кои може да се најдат во датабазата на судската пракса на Судот - HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy