ВТОРА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ТАРАНТИНО И ДРУГИ против ИТАЛИЈА
(Жалби бр. 25851/09, 29284/09 и 64090/09)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
2 април 2013 г.
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Во случајот на Тарантино и други против Италија,
Европскиот суд за човекови права (Втората секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Дануте Јочиене (Danutė Jočienė), претседател,
Гвидо Раимонди (Guido Raimondi),
Пиер Лоренцен (Peer Lorenzen),
Драгољуб Поповиќ (Dragoljub Popović),
Ишил Каракаш (Işıl Karakaş),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Пауло Пинто де Албукерки (Paulo Pinto de Albuquerque), судии,
и Франсоаз Елен-Пасос (Françoise Elens-Passos), заменик секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 5 март 2013 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлезе од три жалби (бр. 25851/09, 29284/09 и 64090/09) против Република Италија поднесени до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна г-а Клаудија Тарантино (Claudia Tarantino), г-дин Џузепе Реитано (Giuseppe Reitano), г-а Лаура Азиз (Laura Aziz), г-дин Маурицио Бранкадори (Maurizio Brancadori), г-дин Масимо Крозиа (Massimo Crosia), г-дин Масимо Филети (Massimo Filetti), г-дин Пасквалино Ла Мела (Pasqualino La Mela) и г-дин Кармело Маркуцо (Carmelo Marcuzzo) („жалителите“), од 18 мај и 2 и 16 ноември 2009 г.
2. Жалителите беа застапувани од г-динот Г. Липари, адвокат со пракса во Мисилмери. Италијанската Влада („Владата“) беше застапувана од страна на нивниот ко-агент, г-ата П. Акардо.
3. Жалителите се жалеа на повреда на нивното право на образование согласно членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата. Конкретно тие тврдеа дека целите на Законот бр. 127/1997 со кој се регулирале numerus clausus не биле легитимни, а мерките не биле сразмерни.
4. На 21 јуни 2011 г. жалбите биле споени, а Владата била информирана за истите. Исто така беше одлучено во исто време да се одлучува и во однос на допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29 § 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Сите жалители се државјани на Италија. Релевантните информации можат да се најдат во табелата во додатокот.
А. Позадина на случаите
1. Првиот жалител, г-а Тарантино
6. На 4 септември 2007 г-а Тарантино паднала на приемниот испит на Медицинскиот факултет во Палермо. Во 2007 г. две илјади студенти го полагале овој испит за двесте и десет слободни места. Таа го паднала испитот и во 2008 и 2009 г.
7. На 14 декември 2007 г. првата жалителка и други студенти поднеле жалба до Претседателот на Републиката во која тврделе дека Законот бр. 264/1999, особено двата задолжителни критериуми што ги применувало Министерството за одредување на квотите за прием на релевантниот факултет од секој универзитет (види параграф 17 долу) не биле во согласност со членот 3(2)(в) и (е) од Договорот за основање на Европската економска заедница, Директивата 2005/36/CE за признавање на професионалните квалификации, членот 5 од Повелбата за основни права на Европската унија („ЕУ“), членот 6 § 2 од Договорот за Европската унија, што се однесува до принципот на еднаквост и членот 2 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата. Таа понатаму ја оспорила одлуката на државата за наметнување на истите ограничувања и на приватните универзитети и адекватноста на приемните испити. Првата жалителка исто така побарала условно да биде примена на универзитетот со условна клаузула.
8. Со указ од 2 јули 2008 г. Вишиот управен суд (Consiglio di Stato) го одбил нејзиното барање за привремена мерка.
9. На 23 септември 2008 г. првата жалителка поднела дополнителни барања и го повторила своето барање за прашањето да биде упатено до Европскиот суд на правдата („ЕСП“) за прелиминарна пресуда. Нејзините барања биле пренесени до Вишиот управен суд во октомври 2008 г.
10. Со указ од 28 април 2009 г. усвоен врз основа на советодавното мислење на Вишиот управен суд, усвоен на 12 ноември 2008 г. (бр. 2256) и за кој ја известил првата жалителка на 14 мај 2009 г., Претседателот на Републиката ги одбил жалбите. Указот стипулирал дека со оглед на човечките и материјалните ресурси на универзитетите, оспорените ограничувања кои дозволувале влез само за најзаслужните студенти биле разумни и затоа компатибилни со одредбите на ЕУ на кои се повикувала. Исто така согласно со порастот на потребата на општеството за квалификувани лекари, приемот на медицинските факултети во 2008-09 се зголемил за 10-20%. Тој посочил дека стручниот испит после завршувањето на факултетот не бил академско звање само по себе, туку државен испит каков што се одржувал во повеќето држави. Конечно тој ги отфрлил тврдењата дека содржината на приемниот испит била несоодветна
2. Останатите седум жалители
11. Другите седум жалители работеле или сè уште работат како забни техничари или хигиеничари повеќе години.
12. На 4 септември 2009 г,. и покрај релевантното професионално искуство тие седум жалители не го положиле приемниот испит за упис на Стоматолошкиот факултет. Сите претходни и наредни обиди биле неуспешни.
13. Г-динот Маркуцо (во понатамошниот текст „осмиот жалител“) сепак го положил приемниот испит во училишната година 1999/2000. Меѓутоа откако не успеал да ги положи испитите после осум последователни години заради сериозни семејни проблеми (како што било предвидено согласно универзитетските прописи, членот 149 од Кралскиот указ бр. 1592/1933), тој го изгубил студентскиот статус во јули 2009 г.
14. Овие жалители признаа дека не ги искористиле достапните домашни правни лекови бидејќи според нив тие немале да вродат успех. Според добро воспоставената јуриспруденција на Вишиот управен суд ограничениот пристап до универзитетите бил компатибилен со Уставот и правото на ЕУ (види, меѓу другото, гореспоменатото советодавно мислење од 12 ноември 2008) г.). Осмиот жалител исто така тврдел дека Вишиот управен суд постојано тврдел дека субјективни причини, како што се семејни проблеми (како во неговиот случај) не можеле да се сметаат за исклучоци за правилото за континуитет на студиите. Како последица неговата жалба немала да биде успешна.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Законот бр. 127/1997
15. Законот бр. 127/1997 со кој се менува и дополнува членот 9(4) од Законот бр. 341/1990 за првпат воведува numerus clausus (ограничен пристап) и на јавните и на приватните универзитети во Италија. Членот 17(116) од Законот уредува дека Министерството за универзитети и научно-технолошки истражување ги вовело овие ограничувања. Меѓутоа законот не утврдил или одредил јасни критериуми за факултетите што подложеле на ограничувања, бројот на места или процедурата за избор.
16. На 27 ноември 1998 (пресуда бр. 383/1998), откако од Уставниот суд било побарано да ја испита уставноста на членот 17(116) од Законот бр. 127/1997, тој усвоил пресуда со која се потврдила уставноста на тој закон. Тој сметал дека дискрецијата која ја имало Министерството за универзитети и истражувања не била слободна, бидејќи морало да делува согласно утврдената правна рамка. Во врска со ова во отсуство на национално законодавство во однос на ова прашање, Уставниот суд упатил на релевантните директиви на ЕУ чија цел била да се обезбеди соодветен стандард за образование. Судот понатаму забележа дека Парламентот бил тој што требал да одлучи во однос на ова прашање.
17. После одлуката на Уставниот суд, Законот бр. 264/1999 стапил на сила. Било уредено дека Министерството за универзитети и истражување би утврдило уписни квоти на факултетите по медицина, ветеринарство, стоматологија, архитектура и медицинска нега врз основа на два обврзувачки критериуми: капацитетот и ресурсите на универзитетите и потребата на општеството од одреден вид на професија (fabbisogno di professionalità del sistema sociale e produttivo). Врз основа на проценката, Министерството определувало квота на студенти кои ќе биле примени на релевантниот факултет на секој универзитет.
18. На 21 април 2009 г. Анти-трустовската управа („АУ“) издала препорака за критериумите за прием на Стоматолошкиот факултет. АУ забележала дека: (а) во пракса, двата критериуми утврдени со Законот биле применети врз основа на забелешките на Министерството за универзитети и истражување и Министерството за здравство, и (б) сите податоци кои биле собрани би биле разгледани од експертска група составена, меѓу другото од претставници од Националната федерација на лекари и Комората на лекари и стоматолози.
19. Според гледиштето на АУ италијанската влада со своето делување ја прекршила пресудата на Уставниот суд (бр. 383/1998 спомената горе) и правото на ЕУ со оглед дека законот не ги зел во предвид само образовните стандарди туку исто така и податоците во врска со професионалната побарувачка. Забележувајќи дека проценките направени исклучиво за професионалната побарувачка на националното здравство, АУ заклучила дека ограничениот прием на Стоматолошкиот факултет достигнало ниво до неразумно ограничување на конкуренцијата во професионалните служби. Навистина, со тоа што се земала во предвид само јавната побарувачка, а не и побарувачката во приватните институции, бројот на стоматолози бил вештачки намален, а стоматолошките такси неоправдано зголемени. Исто така АУ не се согласувала со учеството на професионалните здруженија во гореспоменатата работна група со оглед дека нивните одлуки во голема мерка можеле да бидат под влијание на нивните сопствени интереси.
20. Искрено гледано, од кандидатите се барало да положат приемен испит од општа култура (вклучително меѓународна географија и историја) биологија, хемија, математика и физика, кој се состоел од тест од осумдесет прашања со повеќе дадени одговори од кои требало да се одбере точниот. Испитот, кој бил заснован на наставната програма од средните училишта, имал за цел да ја провери способноста на кандидатите по предметите важни за факултетот што го избрале.
Б. Јуриспруденција
21. Релевантните домашни судови во повеќе прилики одлучиле дека numerus clausus и начинот на кој биле применети во италијанската правна рамка не бил во согласност со Уставот и законодавството на Европската унија. Пресудите кои ги поддржуваат овие наоди ги вклучувале меѓу другото: пресудите бр. 1931 од 29 април 2008, бр. 5418 од 24 јуни 2008, и бр. 5542 од 6 јуни 2008 на Вишиот управен суд; пресудата бр. 197 на Тосканскиот управен суд во Фиренца од 12 февруари 2007; пресудата бр. 4559 од Неаполскиот управен суд од 2008; пресудата бр. 1931 на Тосканскиот управен суд во Фиренца од 17 април 2008; пресудата бр. 145 на Управен суд на Тренто од 11 Јуни 2008; и пресудата бр. 1631 на Вишиот управен суд од 15 април 2010.
Поконкретно, во однос на жалбата на жалителите дека критериумот поврзан со потребата на општеството за одредена професија не треба да биде ограничена на националната територија - со исклучување на потребите во најблиска иднина на целата Европска заедница, Вишиот управен суд одлучил во својата пресуда бр. 1931 од 29 април 2008 г. дека било евидентно дека пресудниот критериум бил тој заснован врз капацитетот и ресурсите со кои располагале универзитетите, а што овозможувало соодветна научна обука согласно законодавството на ЕУ. Како што претходно потврдил Уставниот суд (пресудата бр. 393 од 1998), правото на повисоки нивоа на образование, дури и за највредните студенти, зависело од достапноста на технички средства и човечки ресурси, особено во однос на изучувањето на науките, кое било и теоретско и практично. Навистина, законодавството на ЕУ не забранувало numeri clausi. Европските директиви предвидувале признавање на звања и дипломи врз основа на стандардите за минимум студии и гаранции за реално поседување на потребното знаење за извршување на професијата. Меѓутоа, тие го оставиле тоа на државите да ги одредат инструментите, средствата и методите за исполнување на обврските утврдени со тие директиви. Критериумот поврзан со потребата од одредена конкретна професија бил помалку важен од критериумот за капацитетот и ресурсите и навистина бил секундарен. Тоа би се применило во тешко веројатен случај кога достапноста била толку голема што било неопходно да се ограничи пристапот до професијата за да се избегне заситување на пазарот. Што се однесува на препораката на Министерството за здравство за ограничување на бројот на пријавени студенти (чија основа за одлуката се базирала на бројот на слободни места за учебната година 2006-07), судот сметал дека на неа требало да се гледа како на квантитативно ограничување но не на потребите на општеството туку во контекст на потребата да се обезбедат специјализираните студии да ги постигнат европските стандарди. Со оглед дека релевантноста на овој критериумот за одлуката за бројот на кандидати кој секоја година се пријавувал не била докажана, а бидејќи правото на ЕУ не предвидувало неограничен и безусловен пристап до образование за студентите, не било потребно прашањето да се упати пред ЕСП.
22. Според пресудата на Вишиот управен суд бр. 1855 од 2005 временското ограничување од осум години посочен во указот бр. 1592 од 1933 не е пропишан период кој може да се прекине туку максимално време пред да истече правото (за посетување на студиите).
В. Релевантното право на Европската унија
23. Членот 39 (поранешен член 48) од Глава III е поврзан со слободното движење на лицата, услугите и капиталот на Договорот за основање на Европската заедница. Тој вели:
„1. Слободата на движење за работниците ќе биде обезбедена во рамките на Заедницата.
2. Таквата слобода на движење ќе вклучува забрана на секаква дискриминација заснована на националноста кај работниците од земјите членки во однос на вработување, плаќање и други услови на работа и вработување.
3. Тоа ќе го вклучува правото, кое подложи на ограничувањата оправдани врз основа на јавната политика, јавната безбедност или јавното здравје:
(а) да се прифатат понуди за вработување што навистина се дадени;
(б) слободно да се движи во рамките на територијата на земјите членки за оваа цел;
(в) да се остане во една земја членка заради вработување во согласност со одредбите кои владеат со вработувањето за државјаните на таа земја утврдени со закон, пропис или административно дејствие;
(г) да се остане на територијата на една земја членка откако ќе се добие вработување во таа земја, што подложи на услови кои ќе бидат отелотворени во спроведувањето на регулативите што треба да се изготват од Комисијата.
4. Одредбите од овој член нема да важат за вработување во јавната служба.“
24. Други релевантни текстови на Европската унија се: Директивата на Советот 86/457/EEC од 15 септември 1986 г. за конкретна обука во општата медицинска пракса; Директивата на Советот 93/16/EEC од 5 април 1993 г. за олеснување на слободното движење на лекарите и взаемното признавање на нивните дипломи, уверенија и други докази за формални квалификации; и Директивата на Советот 2005/36/EC од 7 септември 2005/36/EC за признавање на професионалните квалификации.
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 2 ОД ПРОТОКОЛОТ БР. 1 НА КОНВЕНЦИЈАТА
25. Жалителите се жалеа на повреда на нивното право на образование согласно членот 2 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата, кој уредува:
„Ниедно лице нема да биде лишено од правото на образование. При спроведувањето на сите функции кои ги има во однос на образованието и наставата, Државата ќе го почитува правото на родителите да обезбедат такво образовани и настава кои се во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања.“
26. Владата го оспори тој аргумент.
...
Б. Основаност
1. Забелешки на странките
(а) Жалителите
35. Жалителите тврдеа дека ограничувањето што се применувало при приемот на избраните студии, имено основата за примена на numerus clauses, била спротивна на Уставот и правото на ЕУ.
36. Тие понатаму тврдеа дека целите на законот не биле ниту легитимни ниту сразмерни. Конкретно, иако ја признаваат потребата да се гарантира соодветното ниво на вештини за идните професионалци, тие ги оспоруваат двата критериуми утврдени со Законот бр. 264/1999 кои важеле и за јавните и за приватните универзитети. Исто така, тие сметаа дека потребите на заедницата не можеле да бидат проценети само врз основа на јавниот сектор, особено со оглед дека мнозинството на професионалци, особено во областа на стоматологијата, работеле во приватниот сектор. Исто така проценката било исклучиво локална и не ја земала во предвид можноста лицата кои студирале во Италија да посакаат да работат во друга земја.
37. Жалителите објаснија дека бројот на места на поединечните универзитети бил одредуван од Министерството за универзитети на регионална основа според потребите на областа. Меѓутоа, неодамна, италијанските институции сфатиле дека ограничениот пристап создал недостаток на професионалци до онаа мерка што одредени региони се изјасниле дека на нивните болници наскоро ќе им фалат лекари и стоматолози. Тие како пример го цитираа (како што пишувало во печатот) регионот на Ломбардија кој проценил дека до 2015 г. ќе изгубеле 40% од сегашната работна сила (лекари и стоматолози) заради пензионирање. Регионот побарал од Владата да го укине актуелниот систем на ограничен пристап, но италијанското Министерство за здравство сметало дека веќе имало повеќе лекари од потребното во Италија. Жалителите сметале дека мерката во која еден сектор бил заситен не била правна причина за да се спречат операторите да пристапат на пазарот. Жалителите сметале дека вистинската причина била да се заштитат интересите на лекарите и стоматолозите преку ограничување на конкуренцијата во секторот, цел спротивна на правото на ЕУ. Особено тие ја оспорувале примената на овие рестриктивни мерки за приватните универзитети, кои можеле да го зголемат бројот на студенти што ќе ги примат без да наметнат дополнителен финансиски товар за државата. Оттука, актуелниот систем не им давал пристап до образование по нивен избор, дури и со плаќање на приватен универзитет или, ако е потребно, на државата. Ова достигнало ограничување на правото на образование без валидна причина. Во врска со ова жалителите забележале дека во случајот со Белгиската лингвистика Судот одлучил дека оспорената мерка била сразмерна со оглед на фактот дека тоа не ги спречило жалителите да се запишат (на сопствен трошок) на приватните училишта на француски јазик во регионот.
38. Жалителите забележаа дека Судот беше повикан да ја утврди компатибилноста со Конвенцијата со мерката во прашање, а не фактите на случајот разгледани од националните судови. Тие сметаа дека мерката, имено комбинацијата на приемен испит и ограничување засновани на „потребата на општеството за одредена професија“ (а не numerus clausus per se), не била сразмерна на целите.
39. Тие понатаму тврдеа дека поради постоењето на професионалниот испит смислен да ја оцени адекватната подготвеност на лекарите и стоматолозите после нивните терцијарни студии немало потреба претходно да се ограничи пристапот до универзитет. Исто така приемниот испит се состоел од прашалник со избор на одговори од повеќе понудени и затоа било соодветно да се проценат сколистични поими и природната диспозиција. Тие тврдеа дека било случајно, несоодветно и извалкано од бројните епизоди на корупција и грешки во формулирањето на прашањата. Тие тврдеа дека повеќето жалители дипломирале со одличен успех на други факултети и дека нивниот неуспех да го положат приемниот испит не бил заради тоа што не биле подготвени туку заради ниските квоти кои биле утврдени. Тие цитирале како пример испит по стоматологија во 2010 г. кога за секое слободно место конкурирале по дваесет и шест кандидати.
(б) Владата
40. Владата се изјасни дека во принцип не било некомпатибилно со член 2 од Протоколот бр. 1 да се ограничи приемот на универзитетите, имајќи ги на ум достапните ресурси и целта за постигнување на високи нивоа на професионализам, особено во однос на клучните професии, како оние во областа на медицината. Оттука примената на numerus clauses не може да претставува повреда на споменатата одредба доколку била разумна и од општ интерес на општеството. Прашањето потпаѓало во рамките на широката маргина на дискреција на државата.
41. Во актуелниот случај државата се одлучила за процес заснован на тест на способност, кој обезбедувал објективна оценка и им овозможувал на најдобрите кандидати да добијат едно од ограничениот број на достапни места. Тие понатаму сметаа дека препораката на АУ не се однесувала на општите аспекти кои ја оправдуваат мерката. Исто така Владата се изјасни дека Судот немал право да ги разгледа фактите кои ги навеле домашните судови да донесат една одредена одлука наспроти некоја друга.
42. Владата понатаму сметаше дека ситуацијата на осмиот жалител била во согласност со претходно утврдените прописи.
2. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
43. Судот повторува дека гаранциите од членот 2 од Протоколот бр. 1 важат за постоечките институции за високо образование во рамките на земјите членки на Советот на Европа и дека пристапот до секоја институција за високо образование која постои во даден момент е нераздвоен дел од правото што е утврдено во првата реченица на членот 2 од Протоколот бр. 1 (види Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, §§ 134-42, ECHR 2005-XI, и Mürsel Eren v. Turkey, no. 60856/00, § 41, ECHR 2006‑II).
44. И покрај неговата важност сепак ова право не е апсолутно и може да подложи на ограничувања; тие се дозволени со импликација бидејќи правото на пристап „по својата природа бара регулирање од државата“ (види “Case relating to certain aspects of the laws on the use of languages in education in Belgium” v. Belgium ((Merits), 23 July 1968, Series A no. 6)). Мора да се признае, регулирањето на образовните институции може да варира по време и место, меѓу другото според потребите и ресурсите на заедницата и дистинктивните одлики на различните нивоа на образование. Последователно, државите договорнички уживаат во одредена маргина на дискреција во оваа сфера, иако конечната одлука во врска со почитувањето на условите од Конвенцијата е во надлежност на Судот (види Leyla Şahin, [GC], цитиран горе, § 154, и Ali v. the United Kingdom, no. 40385/06, § 53, 11 January 2011).
45. Со цел наметнатите ограничувања да не го кратат правото во прашање до толкава мерка што ќе го попречат во самата негова суштина и ќе го лишат од неговата делотворност, Судот мора да се задоволи со тоа што тие се предвидливи за засегнатите лица и имаат легитимна цел. Меѓутоа за разлика од ставот во однос на членовите 8 и 11 од Конвенцијата, ова не е обврзано од исцрпна листа на „легитимни цели“ согласно членот 2 од Протоколот бр. 1. Исто така ограничувањето ќе биде компатибилно само со членот 2 од Протоколот бр. 1 доколку има разумен однос на сразмерност меѓу средствата што се ангажирани и целта која се сака да се оствари (види Лејла Шахин, [ГСС], цитиран горе, § 154).
46. Судот забележува дека членот 2 од Протоколот бр. 1 во секој случај дозволува ограничен прием на универзитетите на оние кои соодветно се пријавиле за прием и го положиле испитот (види Lukach v. Russia (dec.), no. 48041/99, 16 November 1999).
(б) Примена во актуелниот случај во однос на сите жалители
47. Во актуелниов случај Судот прифаќа дека ограничувањата избрани од италијанската држава, конкретно приемниот испит и numerus clausus per se, биле предвидливи согласно Законот бр. 127/1997 и Законот бр. 264/1999, кој стапил на сила подоцна и нуди дополнителни детали за примената на numerus clauses.
48. Судот понатаму смета дека овие ограничувања се во согласност со легитимната цел за постигнување на високи нивоа на професионализам, преку обезбедување на минимално и адекватно ниво на образование на универзитетите во соодветни услови, што е од општ интерес.
49. Што се однесува до сразмерноста на ограничувањата во однос најпрво на приемниот испит, Судот забележува дека оценувањето на кандидатите преку релевантни тестови за да се идентификуваат најзаслужните студенти претставува сразмерна мерка дизајнирана да се обезбеди минимално и адекватно ниво на образование на универзитетите. Што се однесува до содржината на тестовите, иако во различен контекст, Судот одлучил дека во случајот Кјелдсен, Буск Мадсен и Педерсен против Данска (Kjeldsen, Busk Madsen and Pedersen v. Denmark (7 December 1976, § 53, Series A no. 23) одредувањето и планирањето на наставниот план во принцип потпаѓа под надлежност на државите договорнички и Судот не треба да одлучува во однос на такви прашања. Слично на тоа, Судот не е надлежен да одлучи за содржината или соодветноста на тестовите во прашање.
50. Што се однесува до numerus clauses, Судот забележува дека жалителите се жалеле конкретно на основата што се користела за примена на numerus clauses, имено двата критериуми што се однесуваат на а) капацитетот и ресурсите со кои располагале на универзитетите, и б) потребата на општеството за одредена професија. Судот смета дека мора да се постигне рамнотежа меѓу индивидуалниот интерес на жалителите и оние на општеството во целина, вклучително и други студенти кои посетуваат универзитетски студии. Судот забележува дека два критериуми се усогласени со судската пракса на Судот според која регулирањето на правото на образование може да варира согласно потребите и ресурсите на заедницата и поединците (види случајот на Белгиската лингвистика, цитиран горе). Понатаму забележува дека во актуелниот случај на таквите ограничувања треба да се гледа во контекст на највисокото ниво на образование, имено терцијалното образование.
51. Во врска со првиот критериум, земањето во предвид на ресурсите, е сосема релевантен и несомнено прифатлив – поим што логично следи од толкувањето дадено во одредбата, имено дека правото на образование вклучува пристап до секоја институција на високо образование „што постои“ во дадено време (ibid.). Судот повторува дека Конвенцијата не поставува никакви посебни обврски во однос на опсегот на наставните средства и начинот на нивната организација или субвенционирање (види X v. the United Kingdom, no. 8844/80, Commission decision of 9 December 1980, DR 23, p. 228, and Georgiou v. Greece (dec.), no. 45138/98, 13 January 2000). Ова се однесува на правото на пристап до образование само сè додека е достапно и во рамките на ограничувањата што се однесуваат на него. Судот забележува дека таквите ограничувања честопати зависат од средствата што се неопходни за да се водат такви институции, вклучително, меѓу другото, човечки, материјални и финансиски ресурси со релевантно разгледување на квалитетот на таквите ресурси. Ова е релевантно, особено што се однесува до државните универзитети.
52. Што се однесува до жалбата на жалителите дека истите ограничувања исто така се однесувале на приватните универзитети и со тоа и на наставата за која биле спремни да платат несомнено е дека ресурсите за теоретското и практичното образование всушност во голема мерка зависеле од човечкиот, материјалниот и финансискиот капитал и затоа врз таа основа би било можно да се има поголем број на места без да се наметнува дополнителен товар на државата и нејзините структури. Меѓутоа не е нерелевантно тоа што приватниот сектор во Италија делумно зависи од државните субвенции. Што е уште поважно во актуелните услови Судот не може да одлучи дека регулирањето од страна на државата и на приватните институции било несразмерни или произволно со оглед дека тоа може да се смета за потребно за да се спречи произволен прием или бркање и да се гарантира еднаков третман на лицата. Тој повторува дека основното право на секој на образование е право еднакво гарантирано за учениците во државните и независните училишта без да се прави разлика (Лејла Шахин, [ГСС], цитиран горе, § 153). Соодветно на тоа државата има обврска да ги регулира за да обезбеди целосно придржување кон Конвенцијата. Особено, Судот смета дека државата има право да биде ригорозна во своето регулирање на секторот – особено на полето на студиите во прашање каде од особена важност е одреден минимум и адекватно образование – за да се обезбеди тој пристап до приватните институции да не е достапен само врз основа на финансиските средства на кандидатите без разлика на нивните квалификации и склоност кон таа професија.
53. Исто така Судот признава дека пренатрупаните групи можат да имаат негативни последици врз образовниот систем со тоа што ќе спречи стекнување на одредено наставно искуство.
54. Оттука со оглед на спротивставените интереси Судот смета дека првиот наметнат критериум е и легитимен и сразмерен.
55. Што се однесува до вториот критериум, имено потребата на општеството за одредена професија, Судот смета дека неговото толкување е навистина ограничено. Сведено е само на национален преглед, кој освен тоа се однесува на јавниот сектор со што се игнорираат сите релевантни потреби што произлегуваат од поширокиот ЕУ и приватен контекст. Исто така може да се смета за кратковид со оглед дека се чини дека сериозно внимание се посветува на идните локални потреби.
56. Исто така според Судот една таква мерка сепак е балансирана така што Владата има право да преземе дејствија со намера да се избегнат претерани јавни трошоци. Судот забележува дека обуката за одредени посебни категории на професии претставува огромна инвестиција. Затоа е разумно за државата да се труди да го прими секој успешен кандидат на пазарот на трудот. Навистина, недостатокот на работни места за такви категории заради заситување претставува дополнителен трошок бидејќи невработеноста е несомнено социјален товар за општеството во целина. Со оглед дека не е возможно државата да биде сигурна колкумина дипломирани можеби ќе се обидат да го напуштат локалниот пазар и ќе бараат вработување во странство, Судот не може да смета дека е неразумно ако државата е внимателна и да ја заснова својата политика на претпоставката дека многу од нив и понатаму може да останат во земјата и да бараат вработување таму. Затоа според Судот вториот критериум исто така е сразмерен.
57. Конечно Судот забележува дека на жалителите не им било одземено правото да се пријават на некои други студии за кои можеби ќе изразеле интерес (види mutatis mutandis, Лукач, (одлука) цитиран горе), а за кои ги имале потребните квалификации. Ниту пак биле лишени од правото да студираат во странство, согласно својата желба да најдат работа во странство. Со оглед дека не се чини дека има ограничување во однос на тоа колку пати кандидатот ќе го полага тестот жалителите и понатаму имале шанса да го положат и да бидат примени на студиите кои биле нивен прв избор.
58. Како заклучок Судот смета дека мерките што биле наметнати не биле несразмерни и дека во примената на тие мерки државата не ја надминала својата маргина на дискреција.
59. Следи дека немало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата.
(в) Жалбата во актуелниот случај на г-динот Маркуцо, осмиот жалител
60. Во однос на ова може да се каже дека тужбата на осмиот жалител оди подалеку од горенаведените аргументи со оглед дека тој бил принуден повторно да го полага приемниот испит откако бил исклучен од студиите заради осумгодишно отсуство, Судот забележува дека не било аргументирано дека мерката била непредвидлива. Понатаму смета дека не е неразумно да се исклучи од студиите студент кој не полагал испити осум последователни години, особено со оглед на фактот дека numerus clausus се однесува на универзитетските студии во прашање. Последователно, Судот одлучи дека мерката имала легитимна цел и во контекст на правото на државата да го регулира правото на образование, мерката била сразмерна. Всушност истата успеала да постигне рамнотежа меѓу интересите на жалителот од една страна и оние на другите лица кои сакале да се запишат на тие студии и генерално потребите на заедницата од друга страна.
61. Следи дека немало повреда во однос на овој дел од жалбата поврзан со осмиот жалител.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
...
2. Одлучи, со шест гласа наспроти еден, дека немало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата;
3. Едногласно одлучи дека немало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата во однос на дополнителната жалба на осмиот жалител.
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 2 април 2013 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Франсоаз Елен-ПасосДануте Јочиене, Заменик секретар Претседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот на Судот, издвоеното мислење на несогласување на судијата Пинто де Албукерки е приложено кон оваа пресуда.
Д.Ј.
Ф.Е.П.
Издвоените мислења не се преведени но можат да се најдат на англиски и/или француски јазик во верзијата (верзиите) на официјалниот јазик кои можат да се консултираат во ХУДОK базата на податоци за судската пракса на Судот.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@ .
Full & Egal Universal Law Academy