ЕВРОПСКИ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ПРВ ОДДЕЛ СЛУЧАЈ ТАСЕВ против РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (Жалба бр. 9825/13) ПРЕСУДА СТРАЗБУР 16 мај 2019 година Оваа пресуда ќе стане конечна во согласност со условите предвидени во член 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени. ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 1 Во случајот Тасев против Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи во Совет составен од: Linos-Alexandre Sicilianos, претседател, Ksenija Turković, Aleš Pejchal, Krzysztof Wojtyczek, Armen Harutyunyan, Jovan Ilievski, Gilberto Felici, судии, и Renata Degener, заменик-секретар на Oдделот, Расправајќи на затворена седница на 2 април 2019 година, Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум: ПОСТАПКА 1. Постапката е иницирана со жалба (бр.9825/13) против Република Северна Македонија, поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи ("Конвенцијата") од страна на македонскиот/државјанинот на Република Северна Македонија, г-дин Славчо Тасев ("жалителот"), на 30 јануари 2013 година. 2. Жалителот, судија во Апелациониот суд Штип, беше застапуван од страна на г-ѓа Л.Тасева, адвокат од Штип. Владата на Северна Македонија ("Владата") беше застапувана од нејзиниот поранешен агент, г-дин К.Богданов, а потоа од страна на нејзиниот сегашен агент, г-ѓа Д. Џонова. 3. Жалителот изнел наводи, особено, за повреда на неговото право на почитување на приватниот живот како резултат на одбивањето на властите да ја регистрираат неговата етничка припадност, онака како што тој се изјаснил во судскиот изборен именик. 4. На 22 април 2016 година до Владата е доставено известување за горните жалбени наводи, како и приговор во врска со наводна неправичност на управната постапка, а остатокот од жалбата беше прогласен за недопуштен, согласно член 54 § 3 од Деловникот на Судот. 2 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА ФАКТИ I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ 5. Жалителот е роден во 1959 година и живее во Штип. А. Постапка во однос на исправката на етничката припадност на жалителот, како што е запишано во избирачкиот список 6. На 21 септември 2012 година бил објавен оглас за пет работни места во Републичкиот судски совет ("РСС") што требало да бидат пополнети од редот на судиите. Националната припадност не била меѓу наведените услови за работните места (види став 20 подолу). 7. На 28 септември 2012 година жалителот поднел барање до Министерството за правда неговата национална припадност во судскиот изборен именик да се промени од Бугарин во Македонец. 8. На 15 октомври 2012 година судскиот изборен именик бил доставен до Апелациониот суд во Штип на увид. Со оглед дека етничката припадност на жалителот не била променета, на истиот датум поднел ново барање за исправка (од Бугарин во Македонец), врз основ на член 17 од Законот за Републичкиот судски совет ("Законот") (види став 23 подолу). 9. Со решение од 18 октомври 2012 година, Министерството за правда го одбило барањето на жалителот. Релевантните делови од решението се како што следи: "... барањата [на жалителот] за измена на детали [евидентирани] во судскиот изборен именик во однос на 'етничката припадност' беа поднесени по објавувањето на огласот за избор на [нови] членови на [РСС]. Бараната промена не може да се изврши, бидејќи [е наменета за да се обезбеди] добивање на право [на избор] за изборот на членови на [РСС]. Измената на етничката припадност [барана исклучиво за остварување на друго право] по објавувањето на огласот за избор на членови на РСС [би ги ставила другите судии] ..., во неповолна положба ... " 10. Жалителот поднел жалба до Управниот суд оспорувајќи го решението и изнел наводи дека решението на Министерството немало никакви законски основи. Особено дека немало одредба со која му се оневозможува да ја менува својата етничка припадност во судскиот изборен именик, додека бил во тек изборот на членовите на РСС. Понатаму, тој изнел дека било негово лично право да си ја определи сопствената етничка ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 3 припадност и дека Министерството немало основ за непочитувањето на припадноста што ја избрал во тој поглед. Заклучокот дека неговото барање ќе ги ставело другите судии во неповолна положба бил неразумен и неоснован. 11. На 25 октомври 2012 година, Министерството ги доставило своите опсервации како одговор, приложувајќи, меѓу другото, извадоци од судскиот изборен именик од 2006, 2008 и 2010 година. 12. На 26 октомври 2012 година Управниот суд го потврдил решението на Министерството и образложението што го дало Министерството. Дополнително тој навел дека: "... барањето (поднесено по објавувањето на огласот [за избор]) за промена на етничката припадност е исклучиво наменето за остварување на друго [изборно] право кое би ги ставило другите судии (кои го оствариле своето право поврзано со изборот на [нови] членови на [РСС]), во неповолна положба. Барањето [на жалителот] за исправка е поднесено по објаввањето на огласот за избор на [нови] членови на [РСС]. Бараната измена не може да се смета како "исправка", бидејќи таа не се однесува на промена на броеви, имиња или други очигледни грешки, туку се однесува на детал [во врска со неговата етничка припадност] што [жалителот] го дал. Тој уживаше права како [припадник] од бугарска националност за избор на членови на [РСС]. Тоа е утврдено врз основа на извадоци од судскиот изборен именик од октомври 2006 година, декември 2008 и јули 2010 година приложени во прилог на опсервациите како одговор на барањето [на жалителот]. Во овие три судски изборни именици [жалителот] се изјаснил [дека е] Бугарин. Ова значи дека не постои повреда на неговото право да се изјасни за својата етничка припадност." 13. Жалителот поднел жалба против ова решение, оспорувајќи го како неразумен заклучокот дека неговото барање имало за цел да му овозможи да оствари права во врска со изборот на нови членови на РСС и дека бараната измена ќе ги ставела другите судии вклучени во тој избор во неповолна положба. Не било јасно како и со што тие судии ќе биле ставени во таква положба, или пак кои судии ќе биле засегнати. Ваквите наоди немале правна основа. Исто така, ги оспорил како ирелевантни наодите дека неговите барања биле поднесени по објавувањето на огласот. Ги изнел повторно аргументите дека изјаснувањето на етничкиот идентитет е неговото лично право. Во врска со тоа било неважно која етничка припадност ја имал во 2006, 2008 и 2010 година и кои избирачки права се обидел да ги стекне во минатото како Бугарин. Конечно, не му била дадена можност да се произнесе за судските изборни именици од 2006, 2008 и 2010 година, кои Министерството за правда ги доставило како докази и на кои се повикал Управниот суд во своето 4 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА решение за утврдување на неговиот етнички идентитет како Бугарин. 14. На 2 ноември 2012 година до жалителот бил доставен одговорот на Министерството. 15. На 5 ноември 2012 година, Вишиот управен суд ја одбил жалбата на жалителот. Во пресудата, во која судот ги цитирал одредбите од Законот и Законот за општа управна постапка (види ставови 19, 23 и 24 подолу), меѓу другото, е наведено дека: "... [жалителот побарал] исправка на неговата етничка припадност во судскиот изборен именик по [објавувањето на] огласот за избор на [нови] членови на РСС, на кој тој ... се пријавил. Ваквата исправка на етничката припадност, по објавувањето на огласот поврзано со друго право би ги ставило другите судии кои го остваруваат правото во врска со изборот на членови на РСС во неповолна положоба. [Жалителот], како Бугарин, ги уживал правата кои се однесуваат на изборот на членови на РСС [со оглед на фактот дека] тој самиот се декларирал како Бугарин во судските изборни именици од [2006, 2008 и 2010 година]... ... решението [на Министерството] се заснова на Законот за Републичкиот судски совет и Законот за општата управна постапка ... ...Судот ги разгледа и ги отфрли како неосновани наводите [на жалителот] дека оспореното решение го ограничило неговото право да се произнесе за својот етнички идентитет. Во конкретниот случај, [жалителот] побарал исправка - односно промена на неговата етничка припадност во судскиот изборен именик. Одбивањето [на Министерството] [да го стори тоа] не може да се смета за ограничување на неговото право да се произнесе за својот етнички идентитет, со оглед дека предметната промена била побарана по објавувањето на огласот за избор на [нови] членови на РСС". Б. Други релевантни информации 16. На 5 октомври 2012 година жалителот се пријавил на огласот за избор на член на РСС. На неодреден датум, поднел писмена изјава дека е од македонска етничка припадност и дека се пријавил за избор во РСС во однос на општата листа на судии на судовите на подрачјето на Апелациониот суд во Штип (види став 21 подолу). 17. Со допис од 3 декември 2012 година, РСС го известил жалителот дека го избришал неговото име од општата листа на кандидати за избор во РСС што треба да бидат избрани од редот на судиите во судовите на подрачјето на Апелациониот суд во Штип. РСС одлучил да го стори тоа во светлината на фактот дека неговата декларирана етничка припадност (Македонец) не кореспондирала со официјалните податоци, според кои од 1995 година тој бил регистриран како Бугарин. Тој, ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 5 исто така, го потврдил исходот од "постапката за исправка" опишана погоре. Дополнително, РСС се произнел дека според Законот не е потребно да се донесе било какво решение во однос на записи во судскиот изборен именик. Член 17 од Законот ги утврдува правилата на постапката и соодветниот орган во однос на нивната исправка. II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО А. Устав 18. Член 8 §1(2) од Уставот го определува слободното изразување на националниот (етнички) идентитет како основна вредност на уставниот поредок. Б. Закон за Судскиот совет на Република Македонија ("Законот") 19. Член 6 од Законот предвидува дека РСС го сочинуваат петнаесет члена, од кои осум членови се судии. Тројца од членовите мора да припаѓаат на етничките малцински заедници. 20. Врз основа на член 11 од Законот, секој судија со најмалку пет години судиски стаж кој има добиено позитивни оцени во последните три години може да се јави на огласот за избор за член на РСС. Кон писмената пријава се доставува изјава за која кандидатска листа се пријавува судијата (член 12). 21. Член 13 од Законот ги предвидува следниве кандидатски листи за избор во РСС: општа листа за кандидат од судиите од Врховниот суд; четири општи листи за кандидати од судии од апелационите подрачја (вклучувајќи го и Апелациониот суд во Штип); и единствена посебна листа на кандидати на судиите припадници на заедниците кои не се мнозинство. 22. Член 16 утврдува дека пет членови на РСС се избираат од општата листа на кандидати (еден член од секоја листа) и тројца членови од редот на судиите припадници на заедниците кои не се мнозинство. Сите судии запишани во судскиот изборен именик гласаат за кандидатите на единствената листа. 23. Врз основа на член 17, Министерството за правда го води судскиот изборен именик. Во него се содржани личните податоци за судиите, вклучувајќи ја и нивните национална припадност. Најдоцна пет дена од денот на распишувањето на изборите за членови на РСС Судскиот изборен именик се доставува до сите судови на увид и секој судија има право во 6 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА рок од три дена да побара исправка на податоците (во однос на него). Министерот за правда во рок од три дена од приемот на барањето одлучува со решение. Против решението може да се поведе управен спор. В. Закон за општата управна постапка 24. Член 222(1) од Законот за општата управна постапка предвидува дека може во секое време да се изврши исправка на грешки и други очигледни неточности во решението или неговите заверени преписи. III. МЕЃУНАРОДНО ПРАВО Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, Стразбур, февруари 1995 година ("Рамковна конвенција") 25. Член 3 од Рамковната конвенција гласи: "Член 3 1. Секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да биде третиран или не како таков, а никаква штета не смее да произлезе од таквиот избор или од остварувањето на правата поврзани со тој избор. 2. Припадниците на националните малцинства може да ги остварат правата и да ги уживаат слободите што произлегуваат од принципите загарантирани во оваа Рамковна конвенција поединечно, како и во заедница со други." 26. Извештајот-образложение за Рамковната конвенција нагласува дека членот 3 § 1 "прво гарантира на секој припадник на национално малцинство слобода да избере да биде третиран или не како таков. Оваа одредба дава слобода секој припадник на национално малцинство да одлучи дали сака или не сака да биде под заштитата што произлегува од принципите на рамковната конвенција" (§ 34). Во извештајот се наведува дека тој став "не значи право на поединецот да избере произволно да припаѓа на било кое национално малцинство. Субјективниот избор на поединецот е нераскинливо поврзан со објективни критериуми поврзани со идентитетот на лицето" (§ 35). Во него понатаму стои дека ставот 1 "дополнително предвидува дека никаква штета не смее да произлезе од слободниот избор што се гарантира, или од остварувањето на правата што се поврзани со тој избор [и дека] оваа ... одредба има за цел да гарантира ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 7 дека нема индиректно да се наштети на уживањето на слободата на избор” (§ 36). ПРАВО I. НАВОДНИ ПОВРЕДИ НА КОНВЕНЦИЈАТА 27. Жалителот се жалеше според член 6 од Конвенцијата дека не му била дадена можност да изврши увид и да се произнесе за преписите од судските изборни именици од 2006, 2008 и 2010 година доставени како доказ од страна на Министерството за правда и наведени во образложението на Управниот суд. Според истиот член, тој изнесе жалбени наводи за одбивањето на властите да ја променат неговата национална припадност во судскиот изборен именик, бидејќи со одбивањето е прекршено неговото право на национален идентитет. Судот, како главен за карактеризацијата што треба да се даде согласно законот на фактичката состојба (види Radomilja and Others v. Croatia [GC], бр. 37685/10, § 124, 20 март 2018 година и Söderman v. Sweden [GC], бр. 5786/08, § 57, ECHR 2013), смета дека вториот жалбен навод треба да се разгледува од аспект на член 8 од Конвенцијата. Членовите 6 и 8 од Конвенцијата, според релевантноста, гласат како што следи подолу: Член 6 § 1 "Во определувањето на неговите граѓански права и обврски ... секој има право на фер ... судење ... од [a] ... трибунал ..." Член 8 "1. Секој има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. 2. Не смее да има никакво вмешување од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен ако тоа е во согласност со закон и е неопходно во едно демократско општество во интерес на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба на земјата, за спречување на нереди или криминал, за заштита на здравјето и моралот или за заштита на правата и слободите на другите." 8 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА А. Жалбен навод според член 8 1. Допуштеност 28. Владата не истакна приговор во однос на допуштеноста на овој жалбен навод. 29. Судот заклучи дека жалбениот навод според овој аспект не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 (а) од Конвенцијата. Ниту еден друг основ не е утврден за се прогласи за недопуштен. Од тие причини, мора да се прогласи за допуштен. 2. Основаност (А) Поднесоци на странките 30. Жалителот наведе дека неговиот национален идентитет е негово лично право и дека од него не треба да се бара да ја докаже неговата национална припадност. Тој тврдеше дека неговата самоидентификација како етнички Македонец била вистинска и негираше дека неговото барање во оспорената постапка било во насока на остварување на каква било предност во однос на другите кандидати за избор на членови на РСС. Во тој поглед, тој тврдеше дека секој судија којшто ги исполнил законските услови утврдени во членовите 11 и 12 од Законот (види став 20 погоре), без оглед на етничката припадност, има право да се кандидира за избор за судија во РСС на една од општите кандидатски листи. Од друга страна, кандидатите со македонско етничко потекло не може да се кандидираат на изборите за судија во РСС на единствената кандидатска листа на судии кои припаѓаат на националните малцински заедници. Според тоа, ништо не го спречило да се кандидира како Бугарин за изборите за судии во РСС на општите листи. 31. Владата се произнесе дека жалителот го злоупотребил правото за определување на својот етнички идентитет со цел да си ги зголеми шансите на изборите за судии во РСС. Таа презентираше докази дека од 1995 година, кога бил назначен како судија, се декларирал дека е етнички Бугарин. Тој не успеал да докаже дека бил етнички Македонец. Неговото барање (став 7 погоре) во оспорената постапка било поднесено дури по објавувањето на огласот за избор на нови членови на РСС; овој факт предизвикал загриженост дека барањето било поднесено во обид да ги зголеми своите шанси на изборите за членови на РСС, на кои имал намера да се пријави. На изборите во 2012 година за РСС жалителот се пријавил за првпат да биде вклучен како етнички Македонец на општата листа на судии кои судат во ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 9 судови на подрачјето на Апелациониот суд во Штип. Доколку жалителот бил прифатен на таа листа како етнички Македонец неговите шанси да биде избран значително ќе се зголемеле. Според Владата, "немало да има никаков проблем да се изврши измена на националната припадност на жалителот доколку барањето било поднесено пред или по објавувањето на изборите во кои тој бил вклучен". (б) Оценка на Судот 32. Судот претходно утврдил дека етничкиот идентитет е детал што се однесува на идентитетот на поединецот, кој спаѓа во личната сфера заштитена со член 8 од Конвенцијата (види Aksu v. Turkey [GC], бр. 4149/04 и 41029/04, § 58, ECHR 2012 година, и S. and Marper v. the United Kingdom [GC], бр. 30562/04 и 30566/04, § 66, 4 декември 2008 година). 33. Треба, исто така, да се потврди дека одбивањето на припадници на малцинство на правото доброволно да се определат и да имаат корист од општиот закон претставува не само дискриминаторски третман, туку и повреда на право од кардинално значење во областа на заштитата на малцинствата, односно правото за слободна самоидентификација. Негативниот аспект на ова право, односно правото на избор да не се биде третиран како припадник на малцинство, не е ограничен на ист начин како позитивниот аспект на тоа право (види ставови 25-26 погоре). Изборот за кој станува збор е сосема слободен, под услов да е информиран. Тој мора да се почитува и од другите припадници на малцинството и од самата држава. Тоа е поддржано со член 3 § 1 од Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства (види став 26 погоре), кој гласи: "Не смее да произлезе никаква штета од таквиот избор или од остварувањето на правата поврзани со тој избор". Правото на слободна самоидентификација не е право специфично за Рамковната конвенција. Тоа е "камен-темелник" на меѓународното право за заштита на малцинствата во целина. Ова особено се однесува на негативниот аспект на правото: нема билатерален или мултилатерален договор или друг инструмент со кој се бара некој против своите желби да се подложи на посебен режим во однос на заштитата на малцинствата (види Molla Sali v. Greece [GC], бр.20452/14, § 157, 19 декември 2018 година). 34. Судот забележува на почетокот дека Владата не негираше дека одбивањето на властите да се промени националната припадност на жалителот во судскиот изборен именик претставувало вмешување во неговиот "приватен живот" во 10 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА рамките на значењето на член 8 § 1 од Конвенцијата. Во однос на фактот дека со домашното право на судиите им се дава право (и се бара од нив) да ја декларираат својата национална припадност во судскиот изборен именик во контекст на изборите за РСС (види ставови 21 и 23 погоре), Судот не гледа причина да утврди поинаку (види Ciubotaru v. Moldova, бр. 27138/04, § 53, 27 април 2010 година, во кој властите одбиле да го евидентираат декларираниот етнички идентитет на жалителот во базата на податоци на Државниот регистар на населението). 35. Судот ќе разгледа дали тоа вмешување е во согласност со вториот став од член 8 од Конвенцијата – односно дали е "во согласност со закон", заради една или повеќе од легитимните цели наведени во тој став и дали било "неопходно во едно демократско општество". 36. Според воспоставената судска пракса на Судот, изразот "во согласност со закон" бара оспорената мерка да има некој основ во домашното право; покрај тоа, таа, исто така, упатува на квалитетот на законот за кој станува збор, односно се бара тој да биде достапен на засегнатото лице и предвидлив во однос на неговите ефекти (види Kurić and Others v. Slovenia [GC], бр. 26828/06, § 341, ECHR 2012 (извадоци)). Во домашното право мора да се наведе со разумна јасност обемот и начинот на остварување на релевантниот степен на дискреција доделен на јавните власти за да се обезбеди на поединците минималниот степен на заштита на кој имаат право согласно владеењето на правото во едно демократско општество (види Piechowicz v. Poland, бр. 20071/07, § 212, 17 април 2012). 37. Во конкретниот случај, жалителот, кој бил судија на Апелациониот суд во Штип, побарал да биде извршена измена на неговата национална припадност во судскиот изборен именик од 2012 година од Бугарин во Македонец. Министерството за правда и судови во две инстанци одбиле да го прифатат барањето заради следниве основи: 1) барањето било поднесено по објавувањето на огласот за избор на нови членови на РСС; 2) тоа се однесувало на изборните права на жалителот во претстојниот избор за нови членови на РСС; и 3) ќе ги ставело другите судии вклучени во овој избор во неповолна положба (види став 9, 12 и 15 погоре). Колку што може да се разбере од опсервациите на Владата дека жалителот не успеал да ја докаже како што тој тврдел (македонската) национална припадност, Судот забележува дека во ниту една фаза во оспорената постапка не било побарано од жалителот да обезбеди било каков (објективен) доказ дека неговиот навод (за измена на националната припадност) е точен. Всушност, не ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 11 постои ништо во оспореното решение што сугерира дека барањето на жалителот било одбиено како чисто субјективно и неосновано. Во таа смисла, Судот исто така е свесен за аргументот на Владата дека барањето на жалителот ќе било прифатено доколку не било поднесено по објавувањето на огласот за избор на нови членови на РСС, на кој тој имал намера да се кандидира. Владата не упати на какви било дополнителни услови, како што е објективна поткрепа на барањето (види став 31 погоре). 38. Со оглед на овие околности, Судот смета дека главната причина за оспореното одбивање било времето на поднесување на барањето на жалителот, гледано во контекст на неговото пријавување на претстојниот избор за РСС. 39. Судот нотира дека ниту Министерството, ниту Управниот суд не упатиле на некоја законска или друга правна одредба при образложувањето на основот на своите заклучоци, без оглед на експлицитните жалбени наводи на жалителот во тој поглед (види став 10 погоре). Само Вишиот управен суд се произнел дека оспореното одбивање на барањето на жалителот (види став 7 погоре) се засновало на Законот за Републичкиот судски совет ("Законот") и Законот за општата управна постапка; тој, дополнително, ги идентификувал одредбите што ги сметал за релевантни за својата одлука (види став 15 погоре). Судот смета дека членот 6 од Законот го определува составот на РСС и дека членот 221(1) од Законот за општата управна постапка ги утврдува општите правила за исправка на грешки во однос на административни прашања. Ниту една од овие одредби не се однесува на судскиот изборен именик или на исправка на детали содржани во него. Ваквите прашања се регулирани со член 17 од Законот, на кој се повикал жалителот во барањето за измена на неговата национална припадност во судскиот изборен именик (види став 8 погоре). Тоа, исто така, е потврдено од страна на РСС (види став 17 погоре). Не се дадени аргументи, ниту во текот на оспорената постапка ниту пред Судот, дека жалителот имал на располагање друг правен лек во однос на барањето. 40. Судот утврди дека членот 17 од Законот одредува надлежност на Министерството за водење на избирачкиот список и процедуралните правила под кои судиите може да бараат исправка на евидентираните детали, вклучувајќи ја и нивната национална припадност. Според оваа одредба, такво барање треба да се поднесе откако судскиот изборен именик ќе се стави на увид, што, само по себе, може да се случи само по објавување на јавен оглас за избор на нови членови на РСС (види став 23 погоре). Според Судот, одредбата е дефинирана 12 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА во општи рамки и се однесува на сите судии чии податоци се запишани во судскиот изборен именик. Таа не содржи никаква клаузула која ја допрецизира или ограничува нејзината применливост или пак ја прави зависна од, на пример, одредени околности кои се однесуваат на подносителот на барањето во конкретниот случај. Навистина, не постои ништо во таа одредба што би можело да се толкува како забрана (односно изземање) за судиите кои се кандидираат за избор во РСС да бараат исправка на нивните лични податоци во судскиот изборен именик, (вклучувајќи ја и нивната национална припадност) по објавувањето на огласот за такви избори. Во конкретниот случај, домашните власти го навеле и примениле горенаведеното толкување на таа одредба, која според Судот не може да се каже дека била предвидлива; дополнително, според мислењето на Судот, жалителот не можел разумно да очекува, во отсуство на било каква клаузула во таа смисла, дека неговото барање ќе биде одбиено по тој основ. Според тоа, иако достапен, правниот основ врз кој се засновало оспореното одбивање на барањето не бил предвидлив. 41. Ова е доволно за Судот да дојде до заклучок дека вмешувањето во правата на жалителот според член 8 не било "во согласност со законот" (види Kurić and Others, цитиран погоре, § 349). Имајќи го предвид тој заклучок, Судот не смета дека е неопходно да се утврди дали се исполнети другите услови од член 8 § 2. Според тоа, Судот утврди дека постои повреда на член 8 од Конвенцијата. Б. Жалбен навод според член 6 Допуштеност (а) Поднесоци на странките 42. Владата го оспори тврдењето на жалителот дека не бил запознаен со изборните списоци од 2006, 2008 и 2010 година што биле доставени доказ од страна на Министерството заедно со одговорот на приговорот на жалителот што тој го имал поднесено до Управниот суд. Според важечките закони, тие судски изборни именици биле ставени на увид во тоа време, а жалителот не ги оспорил. Опсервациите на Министерството доставени како одговор на неговата жалба биле доставени до жалителот (став 14 погоре) и се потврда дека тој бил запознаен со горенаведените докази. ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 13 43. Жалителот повторно изнесе наводи дека предметните докази не биле доставени до него и дека според тоа, не му била дадена можност да се произнесе за нив. (б) Оценка на Судот 44. Со оглед на околностите на конкретниот случај, Судот смета дека е соодветно да разгледа на сопствен предлог дали жалбениот навод на жалителот по овој основ е дозволен во согласност со член 35 § 3 (б) од Конвенцијата (види Magomedov and Others v. Russia, бр. 33636/09 и 9 други, § 49, 28 март 2017). Оваа одредба го предвидува следното: Член 35 § 3 (б) "3. Судот ќе ја прогласи за недопуштена секоја индивидуална жалба доставена врз основа на членот 34, ако оцени дека: ... (б) жалителот не претрпел значителна штета, освен доколку почитувањето на човековите права дефинирани во Конвенцијата и нејзините протоколи бара испитување на основаноста на жалбата и под услов ниеден предмет да не може да биде отфрлен по овој основ што не е соодветно разгледан од страна на домашните судови. ... " 45. Судот на почетокот забележува дека жалбениот навод на жалителот по овој основ се однесува само на материјалните докази, особено преписи од судските изборни именици од 2006, 2008 и 2010 година, кои биле во прилог на опсервациите на Министерството поднесени како одговор на тврдењето на жалителот пред Управниот суд (види став 11 погоре). Во отсуство на било каков доказ дека тие преписи биле доставени на жалителот, Судот не може да го прифати аргументот на Владата дека навистина биле доставени. Фактот дека опсервациите на Министерството поднесени како одговор на жалбата на жалителот пред Вишиот управен суд биле доставени до жалителот е неубедлив во тој поглед (види став 39 погоре). 46. Според Судот, овој доказ не ги содржел опсервациите што претставувале образложено мислење за основаноста на жалбениот навод на жалителот (види, обратно, Milatová and Others v. the Czech Republic, бр. 61811/00, § 65, ECHR 2005-V). Тие биле објективни докази во врска со евиденцијата за жалителот (вклучувајќи ги и информациите во врска со националниот идентитет) во претходните три судски изборни именици. Во врска со ова Судот се согласува со Владата дека жалителот мора да бил запознаен со содржината на тој доказ (види став 23 погоре). Всушност, тој не вложил приговор и не 14 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА постои ништо да укаже дека тој не бил запознаен со нив (види BENet Praha, spol. s r.o. v. the Czech Republic, бр. 33908/04, § 125, 24 февруари 2011). 47. Понатаму, како што може да се види од решението на Управниот суд од 26 октомври 2012 година, потврдено од страна на Вишиот управен суд по вложената жалба (види ставови 12 и 15 погоре), тој доказ им овозможил на судовите да ја утврдат декларираната национална припадност на жалителот (Бугарин) во релевантното време. Сепак, фактот дека жалителот претходно се изјаснил дека е Бугарин лесно можел да се утврди со увид во предметното досие, а управните судови можеле тоа да го утврдат со извршувањето на нивните надлежности (види Holub v. the Czech Republic (dec.), бр.24880/05, 14 декември 2010; види, обратно, Krčmář and Others v. the Czech Republic, бр.35376/97, § 44, 3 март 2000). Навистина, во барањата што ги покренале оспорените постапки жалителот јасно изјавил дека неговата намера е да се смени записот за неговата национална припадност во судскиот изборен именик од Бугарин во Македонец (види ставови 7 и 8 погоре). 48. И на крај, имајќи ги предвид причините врз основа на кои Управниот суд го одбил барањето на жалителот (види став 34 погоре), Судот не смета дека материјалните докази во прашање очигледно влијаеле на судското решение. Според Судот, наведениот доказ немал значење за исходот на предметот и наодите на Управниот суд за основаноста на жалбениот навод на жалителот (види, обратно, Colloredo Mannsfeld v. the Czech Republic, бр. 15275/11 и 76058 / 12, §§ 30-31, 15 декември 2016). 49. Од овие причини, Судот утврди дека жалителот не претрпел значителна штета што Управниот суд не му доставил преписи од извадоците од судските изборни именици доставени како докази од страна на Министерството (види Liga Portuguesa de Futebol Profissional v. Portugal (dec.), бр. 49639/09, § 39, 3 април 2012). 50. Понатаму, Судот смета дека предметниот случај бил соодветно разгледан од страна на домашните судови во двете инстанци и дека почитувањето на човековите права не бара разгледување на овој жалбен навод во однос на основаноста (види Cavajda v. the Czech Republic (dec.), бр. 17696/07, 29 март 2011). 51. Следи дека овој жалбен навод мора да биде прогласен за недопуштен, во согласност со член 35 § 3 (б) од Конвенцијата. ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 15 II. ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА 52. Член 41 од Конвенцијата предвидува: "Кога Судот ќе оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на протоколите, и ако внатрешното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумна репарација, Судот, доколку е потребно, ќе додели правична отштета на оштетениот." A. Отштета 53. Жалителот побара 60.000 евра во однос на нематеријална штета по основ на психичко страдање поврзано со наводните повреди. 54. Владата го оспори ова барање како прекумерно и неосновано. 55. Имајќи ја предвид погоре утврдената повреда, Судот смета дека доделувањето на надомест за нематеријална штета е оправдано во овој случај. Одлучувајќи на правична основа, Судот му доделува на жалителот 4.500 евра, плус било какви такси кои може да бидат наплатени. Б. Трошоци 56. Жалителот исто така побара 807 евра за трошоците направени пред домашните судови и 2.589 евра за трошоците направени пред Судот. Првиот износ се однесува на судски такси во однос на постапките пред управните судови; вториот износ се однесува на адвокатските награди за неговото застапување (врз основа на тарифникот на Македонската адвокатска комора), како и поштенски трошоци и трошоци за превод. Жалителот достави трошковник и копии од уплатници. 57. Владата ги оспори овие барања како неосновани и прекумерни. 58. Согласно судската пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците само доколку се докаже дека биле навистина и неопходно направени и се разумни во однос на износот (види Editions Plon v. France, бр. 58148/00, § 64, ECHR 2004-IV). Во конкретниот случај, земајќи ги предвид документите со кои располага и горенаведените критериуми, Судот смета дека е разумно да додели износ од 1.800 евра, во кои се опфаќаат трошоците по сите основи, плус било која такса што може да биде наплатена на жалителот. 16 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА -. ПРЕСУДА В. Затезна камата 59. Судот смета дека затезната камата треба да се исплати според најниската каматна стапка за позајмени средства на Европската централна банка, на која треба да се додадат трипроцентни поени. ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, 1. Ја прогласува, со мнозинство гласови, жалбата во врска со одбивањето на домашните власти да ја регистрираат изјавената национална припадност на жалителот за допуштена; 2. Го прогласува, едногласно, остатокот од жалбата за недопуштен; 3. Смета, со шест гласа наспроти еден, дека има повреда на членот 8 од Конвенцијата; 4. Смета, со шест гласа наспроти еден, (а) дека одговорната држава треба да му ги исплати на жалителот, во рок од три месеци од денот на правосилноста на пресудата, во согласност со член 44 § 2 од Конвенцијата, следните износи, кои треба да се конвертираат во валутата на тужената држава по стапка применлива на денот на исплатата: (i) 4.500 евра (четири илјади и петстотини евра), плус било какви такси кои може да бидат наплатени, во однос на нематеријална штета; (ii) 1.800 евра (илјада и осумсто евра), плус било која такса која може да биде наплатена на жалителот, во однос на трошоци; (б) дека од истекот на горенаведените три месеци до исплатата ќе се пресметува камата на горенаведените износи, по стапка еднаква на најниската стапка за позајмени средства на Европската централна банка, за периодот до плаќањето, плус три процентни поени; 5. Го отфрла, едногласно, остатокот од барањето на жалителот за правичен надомест. ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА 17 Изготвено на англиски и доставено на писмено на 16 мај 2019 година, согласно правило 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот. Renata Degener Linos-Alexandre Sicilianos Заменик-секретар Претседател Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и Правило 74 § 2 од Деловникот на Судот, во прилог на оваа пресауда е поместено издвоеното мислење на судијата Wojtyczek. L.A.S R.D. 18 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ ИЗДВОЕНО ДЕЛУМНО НЕСОГЛАСНО МИСЛЕЊЕ НА СУДИЈА WOJTYCZEK 1. Со должна почит не се согласувам со ставовите на мнозинството дека жалбата е допуштена и дека има повреда на член 8. Според мене, решението со кое се одбива да се изврши промена на евиденцијата на жалителот во избирачкиот список во однос на националната припадност не претставувала вмешување во правото заштитено со членот 8 од Конвенцијата. Моето несогласување со мнозинството се однесува особено на (i) толкувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, која го сочинува контекстот во кој се применува Европската конвенција за човекови права; (ii) методологијата за примената, како и значењето, на член 8 од Европската конвенција за човекови права; и (iii) методологијата за толкување на националното законодавство и неговата содржина. 2. Во врска со фактите на случајот, јас нотирам дека жалителот се идентификувал како Бугарин во претходните избори за Републичкиот судски совет (во 2006, 2008 и 2010 година - види став 15 од пресудата). На изборите во 2012 година тој одлучил да се идентификува како Македонец. Жалителот го образложил овој нов идентитет исклучиво со своето право на слободна самоидентификација (види став 10). Според националните власти, жалителот барал нефер предност на изборите (види став 12 и 15). Со други зборови, националните органи го одбиле неговото барање оценувајќи го како злоупотреба. 3. Во конкретниот случај, мнозинството со право упатува на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Забележувам дека Северна Македонија го има ратификувано овој договор и дека истиот стапил на сила во однос на таа држава на 1 февруари 1998 година. Со допис од министерот за надворешни работи, од 16 април 2004 година, евидентиран во Генералниот секретаријат на Советот на Европа на 2 јуни 2004 година, Северна Македонија ја даде следната изјава во врска со овој договор, заменувајќи ги своите претходни изјави: "Терминот 'национални малцинства' што се користи во Рамковната конвенција и одредбите од истата Конвенција ќе се применуваат за граѓаните на Република Македонија кои живеат во нејзините граници и кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ и бошњачкиот народ". ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ 19 4. Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства содржи одредба со следниот текст: Член 3 "1. Секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да се третира или да не се третира како таков, а никаква штета не смее да произлезе од таквиот избор или од остварувањето на правата поврзани со тој избор. 2. Припадниците на националните малцинства може да ги остваруваат правата и слободите што произлегуваат од принципите предвидени во оваа Рамковна конвенција поединечно, како и во заедница со други." Извештајот-образложение на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства ги содржи следните објаснувања во врска со ова: "12. Исто така, треба да се истакне дека Рамковната конвенција не содржи дефиниција за поимот "национално малцинство". Беше одлучено да се завземе прагматичен пристап, врз основа на признание дека во оваа фаза е невозможно да се дојде до дефиниција што ќе може да доведе до општа поддршка од сите земји-членки на Советот на Европа. ... Член 3 ... Став 1 34. Став 1 прво му гарантира на секој припадник на национално малцинство слобода да избере да биде третиран или не како таков. Оваа одредба остава секој таков поединец да одлучи дали сака или не сака да биде под заштитата што произлегува од принципите на Рамковната конвенција. 35. Овој став не значи право на поединецот да избере произволно да припаѓа на некое национално малцинство. Субјективниот избор на поединецот е нераскинливо поврзан со објективни критериуми релевантни за идентитетот на лицето [акцент додаден]. 36. Став 1 дополнително предвидува дека никаква штета не смее да произлезе од загарантираниот слободен избор, или од остварувањето на правата кои се поврзани со тој избор. Овој дел од одредбата има за цел да се гарантира дека нема индиректно да се нанесе штета на уживањето на слободата на избор." Со други зборови, според извештајот-образложение, Рамковната конвенција не гарантира право на арбитрарен избор на сопствениот етнички идентитет. Таа само го гарантира правото на припадниците на националните малцинства да се откажат слободно од посебната заштита на Рамковната конвенција и да го изберат генералниот режим. Припадник на 20 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ национално малцинство има право да се откаже од заштитата на Рамковната конвенција во одредени избрани области на животот или во сите области. Во исто време, припадноста на национално малцинство или националното мнозинство заради остварување на одредени права не е идентично со етничкиот идентитет. Етничкиот идентитет како таков, според Рамковната конвенција, одразува објективни критериуми прифатени во општеството за кое станува збор. Тоа не е субјективно чувство и не може да биде избрано арбитрарно. Образложението на мнозинството може да сугерира дека за целите на признавање на етничкиот идентитет од страна на државните органи, субјективните чувства на засегнатото лице се секогаш одлучувачки. Според мене, такво толкување на Рамковната конвенција не би било точно. Тоа би се оддалечило и од текстот на спогодбата и од намерата на договорните страни како што се изразени во горенаведениот извештај- образложение. 5. Претходно ги изразив моите сомнежи за тоа дали правото од членот 8 на Конвенцијата може да се прошири на етничкиот идентитет (види мое издвоено мислење во прилог на пресудата во случајот на R.B. v. Hungary, бр.64602/12, 12 април 2016). Ова прашање, сепак, не е одлучувачко во предметниот случај, бидејќи во секој случај е тешко да се заклучи дека членот 8, како што се толкува во судската пракса на Судот, е применлив за жалбените наводи на жалителот. Судот се осврна на прашања во врска со заштитата на етничкиот идентитет во согласност со член 8 од Конвенцијата во пресудата во случајот на Ciubotaru v. Moldova (бр.27138/04, 27 април 2010), во која ги изнесе следните ставови (§ 57): "Судот не го оспорува правото на Владата да бара постоење на објективни докази за тврдења за етничката припадност. Во слична насока, Судот е подготвен да прифати дека властите треба да имаат слобода да одбијат барање за официјално регистрирање како припадник на одреден етникум во случај кога барањето е чисто субјективно и неосновано." Јас целосно се согласувам со овој став. Овој пристап е дополнително потврден и образложен во став 59 од истата пресуда на следниот начин: "Имајќи ги предвид околностите на случајот во целина, не може да се каже дека постапката за да се овозможи да биде извршена измена на регистрираната етничка припадност на жалителот била во согласност со позитивните обврски на Молдавија за заштита на неговото право на почитување на приватниот живот. За Судот, неуспехот на државата се состои во неможноста на жалителот да му биде разгледано тврдењето дека е припадник на одредена етничка група во светлината на ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ 21 објективно проверливи изведени докази во прилог на тоа тврдење." [додаден акцент] Според овој пристап, етничкиот идентитет се состои во припаѓањето кон некоја етничка заедница. Иако припаѓањето во заедницата зависи исто така и од личен избор, не може да се сведе на таков избор. Припадноста кон етничка заедница е општествена реалност што вклучува различни видови на интеракции со другите нејзини припадници. Со други зборови, член 8 не ја заштитува слободата на арбитрарно утврдување на сопствениот етнички идентитет по пат на едноставна изјава непоткрепена со било какви објективни докази. Од тие причини, одбивањето да се признае промена на етничкиот идентитет ако барањето не е поткрепено со докази што укажуваат на објективни критериуми не може да се смета за вмешување во право заштитено со член 8. 6. Во став 32 од оваа пресуда, мнозинството судии го изнесоа следното мислење: "Судот претходно оцени дека етничкиот идентитет е детал што се однесува на идентитетот на поединецот, кој спаѓа во личната сфера заштитена со член 8 од Конвенцијата (види Aksu v. Turkey [GC], бр. 4149/04 и 41029/04, § 58, ECHR 2012, и S. and Marper v. the United Kingdom [GC], бр.30562/04 и 30566/04, § 66, 4 декември 2008)." [додаден акцент] Оваа формулација не е многу добра. Зборот "детал" на англиски јазик може да значи (i) "индивидуална карактеристика, факт или елемент" или (ii) "помал или помалку значаен елемент или карактеристика" (види The New Oxford Dictionary of English, Ј. Pearsall (ed.), Oxford University Press, Oxford, 1998, р.502, "detail"). Според мене, за повеќето луѓе етничкиот идентитет не е ништо од горенаведеното. Етничкиот идентитет е суштински дел на личниот идентитет, еден од неговите најважни аспекти. Како што е објаснето од страна на Судот во образложението на пресудата во случајот на Ciubotaru (цитиран погоре, § 53), "етничкиот идентитет на поединецот претставува суштински аспект на неговиот или нејзиниот приватен живот и идентитет". Исто така, нотирам дека во двете пресуди цитирани во став 32 од предметнава пресуда, етничкиот идентитет е наведен како "елемент", а не како детал. Фразата "детал што се однесува на идентитетот на поединецот" е земена од пресудата од случајот Ciubotaru (цитиран погоре, § 49). Сепак, поимот "детал" во истата пресуда е контрадикторен со нагласувањето на суштинската природа на етничкиот идентитет (ibid., § 53). 7. Жалителот во конкретниот случај се жалеше дека неговиот нов етнички идентитет не бил признат во контекст на изборите 22 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ за Републичкиот судски совет. Случајот го покренува прашањето дали жалителот бил во можност да обезбеди признавање на неговиот нов етнички идентитет во други сфери на животот и дали тој можел да побара од властите поопшто признавање на својот нов национален идентитет, што би му олеснило да му биде признат идентитетот во поспецифични сфери на животот. Прашањето на почитување на етничкиот идентитет на личноста бара поширока оценка на правната состојба на лицето во овој поглед vis-à-vis националните власти во различни сфери на животот. Особено, се чини неопходно да се има сеопфатен преглед на националното законодавство што се однесува на признавањето на етничкиот идентитет во овие различни сфери. Исто така е неопходно да се разгледа како ова законодавство е применето на жалителот. Мнозинството судии одлучија да завземат пристап специфичен за една област: тие го разгледуваа етничкиот идентитет во контекст на изборите за Републичкиот судски совет, а го игнорираа прашањето за признавањето на етничкиот идентитет во други контексти. Според мене, таквата методологија на примена на член 8 на прашањата за етничкиот идентитет е проблематична, дури и ако властите мора да го почитуваат правото на секој припадник на национално малцинство да се откаже од заштита на малцинствата во некои области, но не и во сите други. 8. При оценувањето дали домашните органи постапиле во согласност со член 8 од Конвенцијата, мнозинството судии се фокусираа на прашањето за предвидливоста на оспореното вмешување и го анализираа значењето на член 17 од Законот за Републичкиот судски совет. Тие заклучија дека "иако достапна, правната основа врз која се засновало оспореното одбивање не била предвидлива" (види став 40 in fine од пресудата). Напоменувам дека, согласно член 17 од Законот за Републичкиот судски совет, во рок од пет дена од денот на објавување на огласот за избор на членови на РСС, судскиот изборен именик се доставува до сите судови на увид, и секој судија има право да бара исправка на детали (во однос на себе) во рок од три дена. Законот го гарантира правото на исправка на евиденција, што претпоставува дека релевантните информации треба да ја одразуваат објективната реалност. Жалителот не можел легитимно да очекува неговиот етнички идентитет да биде изменет без доволна основаност на неговото барање. Според мене, националното законодавство е доволно јасно и прецизно во овој поглед. ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ 23 Точно е дека одлуките на домашните органи не биле образложени на задоволителен начин. Но, во исто време, се чини дека не постоеле основи да се очекува дека властите ќе го прифатат барањето на жалителот. 9. Проценката за јасноста на националното законодавство и предвидливоста на одлуката на властите има и друг сериозен недостаток. Мнозинството судии го интерпретираат член 17 целосно издвоено од било кое друго зконско правило или одредба. Оспорената одредба се толкува без размислување за нејзиниот системски контекст. Овој контекст се состои од релевантните законски правила кои можело да се вметнат во други закони или прописи и поопшти принципи кои може да се применат и од кои можеле имплицитно да се раководат националните власти, дури и ако тие не сметале дека е неопходно да се повикаат на нив изричито во образложението на решенијата што ги донеле. Исто така, потребно е да се земат предвид сите релевантни правила во врска со признавањето на етничкиот идентитет и во другите сфери на животот. Се чини дека е неразумно да се оцени дали барањето било уредно одбиено од страна на управен орган како злоупотреба без да се разгледаат поопшти законски норми во домашното право во врска со жалби кои се злоупотреба и без да се земе во предвид релевантната судска пракса на домашните судови во врска со злоупотреба на права во управна постапка. Пристапот на мнозинството судии ги прекршува воспоставените канони на правното толкување. 10. Како што споменавме погоре, мнозинството судии со право го нагласија правото на откажување од посебен режим на заштита на етничките малцинства. Напоменувам дека ова право на откажување било целосно почитувано. Самиот жалител објасни дека тој имал слобода да се откаже од пријавување на листата на национални малцинства и да се пријави на општата листа на кандидати (види став 30 од пресудата). Немало ништо што го спречувало да има корист од општиот режим што се применува за сите граѓани на Северна Македонија. Во овој контекст нотирам и дека правото на откажување од посебниот режим за малцинствата е ограничен на режимот во рамките на Рамковната конвенција. Изборите за националните совети на судството не се опфатени со овој договор. 11. Во став 39 in fine од пресудата мнозинството судии го наведуваат следново: "Не се дадени аргументи, ниту во текот на оспорената постапка ниту пред Судот, дека жалителот имал на располагање друг правен лек во однос на барањето." Ова едноставно не е точно. Според Владата, жалителот можел да 24 ТАСЕВ против СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - ПРЕСУДА - ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ поднесе ново барање по изборите. Жалителот не го негираше ова тврдење. Одложувањето што ќе резултирало, имајќи го предвид контекстот на случајот, не би било неразумно. Во исто време, жалителот не тврди дека ќе претрпел значителна штета заради такво одложување. Во овие околности, одбивањето на домашните власти да го прифатат барањето на жалителот не го достигнува прагот на вмешување во правото заштитено со членот 8 од Конвенцијата, онака како што се толкува во судската пракса на Судот.
Full & Egal Universal Law Academy