© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012
Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации види ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
СЛУЧАЈ TAXQUET против БЕЛГИЈА
(Жалба бр. 926/05)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
16 ноември 2010
Оваа пресуда е конечна но, може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Taxquet v. Belgium,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Jean-Paul Costa, Претседател,
Christos Rozakis,
Nicolas Bratza,
Peer Lorenzen,
Françoise Tulkens,
Josep Casadevall,
Boštjan M. Zupančič,
Nina Vajić,
Anatoly Kovler,
Elisabet Fura,
Sverre Erik Jebens,
Isabelle Berro-Lefèvre,
Päivi Hirvelä,
Luis López Guerra,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Nona Tsotsoria,
Zdravka Kalaydjieva, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар на Судот,
Расправајќи на затворени седници на 21 октомври 2009 и 26 мај и 6 октомври 2010,
Ја донесува следната пресуда, која беше усвоена на третоспоменатата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 926/05) против Кралството Белгија поднесена пред Судот според член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од белгиски државјанин, г-н Richard Taxquet („жалителот“), на 14 декември 2004.
2. Жалителот беше застапуван од г-н L. Misson и г-н J. Pierre, адвокати од Лиеж. Белгиската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзините Агенти, г-н M. Tysebaert, Висок советник, Сојузно одделение за правда, и г-н A. Hoefmans.
3. Жалителот тврдеше, особено, дека имало повреда на член 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијта затоа што во неговиот случај немало образложение во пресудата на Поротниот суд и неможноста да бара испитувања или да ги испита анонимен сведок.
4. Жалбата беше распределена на Вториот оддел на Судот (правило 52 § 1 oд Правилникот на Судот), во состав: Ireneu Cabral Barreto, Françoise Tulkens, Vladimiro Zagrebelsky, Danutė Jočienė, Dragoljub Popović, András Sajó и Işıl Karakaş, судии, како и од Sally Dollé, Секретар на оддел. На 13 јануари 2009 Судскиот совет донесе пресуда во кој едногласно одлучи дека жалбените наводи според член 6 §§ 1 и 3 (г) биле допуштени и дека имало повреда и на двете одредби.
5. На 5 јуни 2009, после предлог од Владата со дата 8 април 2009, панел на судии на Големиот судски совет одлучи да го достави случајот пред Големиот судски совет според член 43 од Конвенцијата.
6. Составот на Големиот судски совет беше определен во согласност со одредбите на член 27 §§ 2 и 3 од Конвенцијата и правило 24.
7. И жалителот и Владата поднесоа писмени опсервации. Исто така, беа примени и коментари од трети страни од Владите на Обединетото Кралство, Ирска и Франција, на кои Претседателот им дозволи да се вмешаат во писмениот дел од постапката (член 36 § 2 од Конвенцијата и правило 44 § 2).
8. Јавна расправа се одржа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 21 октомври 2009 (правило59 § 3).
Пред Судот пристапија:
(a) за Владата
г-нA. Hoefmans, Агент,
г-нK. Lemmens,Адвокат;
(б) за жалителот
г-нL. Misson,
г-нJ. Pierre, Адвокати,
г-нR. Taxquet, жалител.
Судот слушна обраќања од г-н Misson, г-н Pierre и г-н Lemmens како и нивните одговори на прашања поставени од неговите членови.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
9. Жалителот е роден во 1957 и живее во Англер [Angleur].
10. На 17 октомври 2003 жалителот бил изведен пред Поротниот суд во Лиеж, заедно со седум сообвинети, по обвиниение за убиство на почесен министер (ministre d’Etat), A.C., и обид за убиство на неговиот партнер, M.-H.J. Според формулацијата на обвинителниот акт, тие биле обвиниет за следните кривични дела, извршени во Лиеж на 18 јули 1991:
„како извршители или соизвршители,
или преку извршување на кривичните дела или преку директно соработување при нивното извршување,
или преку давање, со било кој акт, на таква помош при нивното извршување без која кривичните дела не би можеле да бидат извршени,
или преку, подароци, ветувања, закани, злоупотреба на овластување или моќ, планирање или смислување, директно поттикнал некој друг да ги изврши кривичните дела,
или преку говори на јавно место или собир, или преку било какво пишано или испечатено средство, слика или покажан амблем, дистрибуирал или продал, понудил на продажба или изложил на место каде може да биде видено од јавноста, директно поттикнал друг на извршување на кривичните дела,
1. свесно и намерно убил [A.C.], со дополнителна околност дека убиството било однапред смислено, што е кривично дело утврдено за закон како убиство со умисла (assassinat);
2. се обидел, свесно, намерно и со претходно планирање, да го убие [M.‑H.J.], намерата да го изврши кривичното дело била манфестирана со однесување кое објективно се состоело од прв чекор кон извршување на кривичното дело и кое било сопрено ило не успеало да ја постигне саканата цел како последица на околности кои биле надвор од контролата на извршителите, кривично дело како карактеризирано со законот како обид за убиство со предумисла.“
11. Само еден од сообивнитените поднел изјава на одбраната [statement of defence]. Жалителот тврдеше дека тој не може тоа да го стори затоа што не му биле познати доказите против него.
12. Во обвинителниот акт од 12 август 2003 било наведено, покрај останатото, дека во јуни 1996 едно лице опишано од жалителот како анонимен сведок им пренесло определени информации на истражителите. Во записник од 3 септември 1996 било запишана желбата на информаторот да остане анонимен, заснована на неговите стравови за неговата безбедност „со оглед на важноста на неговите информации и медиумскиот одек кој отсекогаш го следел случајот C.“. Тоа лице никоаш не било испитано од истражниот судија. Тој им дал на истражителите информации кои ги добил во доверба од лице чиј идентитет одбил да го открие. Во текот на судењето пред Поротниот суд, им биле поставени прашања на истражители на иницијативата на неколку сообвинети за идентитетот на информаторот. Истражителите изјавиле дека нивниот информатор не бил еден од обвинетите и не сведочел лично на наводните кривични дела. Според достапните информации, кои биле наведени во петнаесет точки, убиството на A.C. било планирано од шест лица, вклучувајќи го и жалителот и уште еден познат политичар. Во пасусот со кој се обвинува жалителот било наведено:
“Беше речено дека V. der B. и Taxquet посебно инсистирале на итната потреба да се убие C. пред празниците од 1991 затоа што ветил дека тој ќе открие информации во текот на летните одмори.“
13. Врз основа на бројни барања поднесени во текот на судењето, Поротниот суд донесол тринаесет меѓупресуди:
(1) меѓупресуда од 17 октомври 2003 во која се воочува отсуството на определени обвинети и во која се одредува дека ним ќе им се суди во отсуство;
(2) меѓупресуда од 20 октомври 2003 по барање за соочување на сведоци да се прогласи за ништовно;
(3) меѓупресуда од 27 октомври 2002 во однос на испитувањето на сведоци без присуство на еден од сообвинетите;
(4) меѓупресуда од 3 ноември 2003 за испитување на сведоци без присуство на јавноста;
(5) меѓупресуда од 6 ноември 2003 со која се укинува наредба на едниот од сообвинетите да му се суди во отсуство;
(6) меѓупресуда од 13 ноември 2003 со која се одбива барање на обвинителството да се одржи расправа затворена за јавноста;
(7) меѓупресуда од 19 ноември 2003 во однос на испитување на сведоци без присуство на јавноста;
(8) меѓупресуда од 18 декември 2003 за барањето на еден од сообвинетите за испитување на определени сведоци;
(9) меѓупресуда од 18 декември 2003 во однос на употребата на снимки за соочување на сведоци;
(10) меѓупресуда од 18 декември 2003 по однос на барањето на граѓанските странки за испитување на сведоци кои биле отсутни и за повторно испитување на други сведоци;
(11) меѓупресуда од 18 декември 2003 по барање на сообвинет за испитување или повторно испитување на анонимниот сведок;
(12) меѓупресуда од 18 декември 2003 во однос на аргументите на жалителот во однос за испитување на сведоци кои биле отсутни и за повторно испитување на други сведоци;
(13) меѓупресуда од 18 декември 2003 по барање на жалителот за испитување или повторно испитување на анонимниот сведок.
14. Во последната меѓупресуда, во однос на барањето истражниот судија да го сослуша или повторно да го сослуша лицето кои анонимно ги пренесло информациите регистрирани од страна на двајца подофицери на жандармеријата, Поротниот суд одлучил:
„Овие информации, добиени анонимно од припадници на полициските сили, немаат доказна вредност како такви. Затоа, во овој случај само претставувале информација кој може да даде свеж поттик или нова насока на истрагата и овозможиле независно да се прибираат законски докази.
Испитани како сведоци во текот на судењето [двајцата подофицери на жандармеријата] изјавиле дека нивниот информатор не бил еден од обвинетите и не бил сведок на ниту еден од опишаните акти, тој само пренесувал информации за кои тврдел дека ги добил во доверба од страна на лице чиј идентитет одбил да го открие.
Tие исто така воочиле дека некои од информациите кои ги добиле од информаторот, поврзани особено со другите политичари споменати во наводите на адвокатот на Richard Taxquet ..., не можеле да бидат потврдени со никакви докази, и покрај нивните проверки.
...
Според истражителите, процесот на подготвување на службен записник за информациите кои им биле дадени од анонимен информатор не претставувал сам по себе каква било повреда на правата на одбрана на лицата посочени од страна на информаторот. Тоа дејствие го подразбирало само откривањето на информации, со цел тие да се анализираат и проверат, кои би можеле да бидат во интерес на истрагата и би можеле да помогнат во разјаснувањето на фактите. Гледано независно од било какви објективни информации кои би можеле покасно да ја потврдат нивната точност, овие информации не претставувале доказ за актите наводно извршени од лицата именувани од информаторот.
...
На крај ... не може да се зборува за повторно испитување, забележувајќи дека не произлегува од списите на предметот или од усната постапка дека [лицето опишано како анонимен сведок] сведочело под заклетва пред истражен судија.
Во однос на барањето за испитување на тоа лице, прво, судот не го знае неговиот идентитет и, второ, без оглед на согледувањата на кои се повикуваат судските истражни органи во врска со тоа, неговото испитување не се чини корисно за утврдување на вистината и непотребно би ја одложило постапката без да даде основ да се верува дека ќе се дојде до посигурни резултати.“
15. Поротата требала да даде одговор на триесет и две прашања поставени од Претседателот на Поротниот суд. Четири од нив се однесувале на жалителот и биле формулирани на следниот начин:
„Прашање 25 – ГЛАВНО ОБВИНЕНИЕ
Дали обвинетиот Richard Taxquet, кој е присутен, е виновен,
Како извршител или соизвршител,
– или преку извршување на кривичното дело или преку директно соработување при извршување на кривичното дело,
– или преку било каков акт, дал таква помош на неговите извршители без која кривичното дело не би можело да биде извршено,
– или преку, подароци, ветувања, закани, злоупотреба на овластување или моќ, планирање или смислување, директно поттикнал некој друг да ги изврши кривичните дела,
– или преку говори на јавно место или собир, или преку било какво пишано или испечатено средство, слика или покажан амблем, преку дистрибуирање или продавање, понудување на продажба или изложување на место каде може да биде видено од јавноста, директно поттикнал некој друг на извршување на кривичните дела,
Затоа што свесно и со умисла го убил [A.C.] во Лиеж на 18 јули 1991?
Прашање 26 – ОТЕЖНИТЕЛНА ОКОЛНОСТ
Дали намерното убиство споменато во претходното прашање било со предумисла?
Прашање 27 – ГЛАВНО ОБВИНЕНИЕ
Дали обвинетиот Richard Taxquet, кој е присутен, е виновен,
Како извршител или соизвршител,
– или преку извршување на кривичното дело или преку директно соработување при извршување на кривичното дело,
– или преку било каков акт, дал таква помош на неговите извршители без која кривичното дело не би можело да биде извршено,
– или преки преку, подароци, ветувања, закани, злоупотреба на овластување или моќ, планирање или смислување, директно поттикнал некој друг да ги изврши кривичните дела,
– или преку говори на јавно место или собир, или преку било какво пишано или испечатено средство, слика или покажан амблем, преку дистрибуирање или продавање, понудување на продажба или изложување на место каде може да биде видено од јавноста, директно поттикнал некој друг на извршување на кривичните дела,
за обид, свесно и намерно да го убие [M.‑H.J.] во Лиеж на 18 јули 1991, а намерата да го изврши кривичното дело била манфестирана со однесување кое објективно се состоело од прв чекор кон извршување на криивчното дело и кое било сопрено ило не успеало во постигнување на саканата цел како последица на околности кои биле надвор од контролата на извршителот?
Прашање 28 – ОТЕЖНИТЕЛНА ОКОЛНОСТ
Дали обидот за намерно убиство споменат во претходното прашање бил со предумисла?
16. Поротата одговорила „да“ на сите четири прашања.
17. На 7 јануари 2004 Поротниот суд го осудил жалителот на казна затвор во траење од дваесет години.
18. Жалителот изјавил касациона жалба против неговата осуда од 7 јануари 2004 од страна на Поротниот суд и сите меѓупресуди донесени од тој суд.
19. Во пресуда од 16 јуни 2004 Касациониот суд ја одбил жалбата. Тој заклучил, посебно, дека:
– касното изведување пред суд на сообвинет не можело да ги повреди правата на одбрана на подносителите на жалбата заради тоа што тие можеле слободно да ги оспоруваат изјавите дадени од тој обвинет во текот на прелиминарната истрага и пренесени во текот на судењето од страна на лицата на кои им биле дадени, како и изјавите дадени директно од обвинетиот пред поротата
– поротниот суд во право бил кога наредил дека двајца сведоци треба да бидат испрашани без присуство на јавноста, плашејќи се дека тие не би можеле да се изразат слободно ако расправата била јавна, што би го попречило правилното спроведување на постапката;
– одбивајќи да ја прикаже снимката на соочување на некои од обвинетите и определени државјани на Тунис за кои било поднесено обвинение од причина што тоа би можело непотребно да ја одолжи постапката, Поротниот суд не ги повредил правата на одбраната или принципот дека расправата мора да биде усна, затоа што одбивањето било засновано врз фактот што тие кои учествувале во соочувањето, појавувајќи се пред суд, биле директно соочени со обвинетите;
– одлучувајќи дека постапката треба да продолжи врз основа на тоа што испитувањето на некои сведоци кои не се појавиле пред судот (уредно поканети) не било потребно за утврдување на вистината, и одлучувајќи дека повторно појавување на некои други сведоци „веројатно непотребно би ја одолжило постапката без да даде причина да се верува дека ќе се дојде до посигурни резултати“, Поротниот суд не ги повредил член 6 од Конвенцијата и принципот дека судењето треба да е усно;
– со оглед на тоа што презумпцијата на невиноста се однесувала пред сѐ на односот на судиите кои одлучувале по обвинението, коментарите на истражител и известувања во печатот, дури и неточни, злонамерни или кои претставуваат кривично дело, не можеле сами по себе да доведат до тоа судењето да го прекрши членот 6 §§ 1 и 2 oд Конвенцијата;
– не можело да се изведе заклучок од наводното неискуство на поротниците, брзината на донесувањето на одлука или недостигот на образложени причини во нивната одлука дека тие не биле способни за непристрасно одлучување во случај кој привлекол значително внимание кај медиумите;
– постапката за именување на членови на поротата и фактот што тие
донесле одлука за вина без да го дискутираат тоа прашање со судот не значело дека Поротниот суд не бил независен и непристрасен суд основан со закон во смисла на член 6 § 1 од Конвенцијата или дека презумпцијата на невиност на обвинетиот не можела законски да се собори пред тој суд;
– ниту член 6 ниту член 13 од Конвенцијата гарантирале право на жалба;
–ниту член 6 §§ 1 и 3 (б) од Конвенцијата ниту член 14 § 3 (б) oд Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, ниту член 149 од Уставот, дури и земен во врска со гореспоменатите одредби од меѓународни договори, наметнувале обврска на поротата да даде причини за своите одговори;
– причината за жалба поврзана со член 6 § 3 (б) од Конвенцијата (немање можност за слободно советување со неговиот адвокат како последица на неговото притворање на денот пред да започне судењето) била недозволена затоа што не произлегувало од доказите во списите на предметот дека жалителот тврдел пред Поротниот суд дека имало повреда на правото да му се обезбедат време и услови неопходни за подготвување на неговата одбрана;
– членовите 10 и 11 oд Уставот, член 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 6 § 1 од Конвенцијата не поставувале услов да бидат дадени причини за пресуда со која се утврдува вина, или правото на жалба или правото да се биде изнесен пред суд составен само од професионални судии, одлучувањето по слободно убедување на поротниците, кое дотолку повеќе, било ограничено со членовите 351, 352, 364 и 364 bis oд Законикот за кривична постапка, не доведувало до арбитрерна разлика во постапувањето во смисла на член 14 од Конвенцијата помеѓу оние на кои им било судено од страна на поротен суд и тие на кои им суделе кривични судови.
20. Што се однесува на основата за жалба дека осудата на подносителите на жалбата била одлучувачки или случајно заснована на изјавите на анонимен информатор, Касациониот суд навел дека:
„Во онаа мерка во која тие ја оспоруваат забелешката дека Поротниот суд не го знаел идентитетот на лицето чие испитување било побарано и дека затоа тој не можел тоа да го нареди, овие основи за жалба, насочени кон obiter dictum, се безначајни.
Oд таа причина, тие се недозволени.
Што се однесува на преостанатите аргументи, присуството во списите на кривичен предмет на записник кој содржи информации од неидентификуван извор не го обврзува кривичниот суд, како услов за валидност и дозволеност за кривично гонење, да гарантира дека информаторот е идентификуван и испитан во согласност со постапката предвидена со членовите 189 bis и 315 bis oд Законот за кривична постапка. Тие одредби му дозволуваат на судот да именува истражен судија за таа цел ако тоа се чини корисно за утврдувањето на вистината.
Со пресудите се заклучува, врз основа на оцената на фактите која овој суд не е овластен да ја отфрли, дека бараното испитување би ја одолжило непотребно постапката без да даде причина за надеж дека ќе се дојде до посигурни резултати.
Со пресудите исто така се забележува дека информациите добиени од анонимен извор не одговорале на доказите собрани законски и независно против обвинетите.
Не произлегува од одговорот на Поротниот суд на аргументите на подносителите на жалбата дека првостепениот суд им го негирал правото да се оспоруваат доказите изведени во текот на судењето.
Од таа причина, овие основи за жалба не може да бидат дозволени.
Што се однесува на преостанатиот аргумент, член 6 § 3 (г) oд Конвенцијата ... не е повреден од самиот факт дека првостепениот суд сметал дека е непотребно или невозможно да се нареди соочување на анонимниот информатор чии информации дале значајна насока за истрагата.
Oд таа причина, овие основи на жалбата не се засновани на закон.“
21. Во емисијата Questions à la Une емитувана од Белгиската франкофонска радио-телевизија [Radio-Télévision Belge Francophone] (државниот радиодифузер за делот на Белгија каде се зборува францускиот јазик) на почетокот на 2006 еден од сообвинетоте, S.N., изјавил дека тој бил анонимниот информатор и дека делувал како „посредник“ во име на друг сообвинет, D.C., чии обвинувања тој ги пренесувал. Во текот на истата емисија, идентитетот на анонимниот сведок бил потврден од страна на Министерот за правда во времето на настаните. S.N. рекол тој добил износ од 3,000,000 белгиски франци ((BEF – 74,368.06 евра (EUR)) од белгиската држава како „провизија за посредување“, D.C. наводно добил BEF 5,000,000 (EUR 123,946.76).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Институцијата порота и Поротен суд
22. После Француската револуција од 1789, поротата се појавила во францускиот Устав од 1791 и Законикот за кривична посташка од 1808. Во тоа време, Белгија била дел од француската територија. Кога била одделена од Франција и припоена кон Холандија, поротата била укината но, поротните судови продолжиле да постојат. Кога Белгија стекна независност, институцијата порота била загарантирана со Уставот од 7 февруари 1831, чиј член 98 предвидувал: „Поротата ќе биде конституирана за сите тешки кривични дела и за политички кривични дела и дела извршени преку печатот“. Иституцијата била замислена од страна на творците на Уставот како основен стандард на автентичноста на секое демократско барање. На поротата се гледало пред сѐ како на политичка афирмација на слободата извојувана од народот, симбол на суверенитетот на народот. Била востановена со Декрет од 19 јули 1831; членството најпрво било засновано на фунција (jury capacitaire) а потоа, од 1869, на имот (jury censitaire). Врз основа на Закон од 21 декември 1930, нова реформа го направила составот на поротата подемократски и репрезентативен на сите општествени класи, од што произлегла поротата од дванаесет членови која постои и денес.
Б. Устав
23. Член 150 од прочистениот текст на Уставот од 17 февруари предвидува „Поротата ќе се конституира за сите тешки кривични дела и за сите политички кривични дела и дела ивршени преку печатот, освен за дела извршени преку печатот мотивирани од расизам или ксенофобија“ (текст со измените од 7 мај 1999).
24. Понатаму, член 149 предвидува: „Сите пресуди ќе содржат образложение, и ќе бидат донесувани јавно“:
В. Постапка пред Поротниот суд
1. Заштитни механизми обезбедени со Законикот за кривична постапка (во сила во релевантниот период)
25. Постапката пред поротните судови во Белгија дава повеќе заштитни механизми посебно во однос на правата на одбрана на обвинетиот.
26. Член 241 од Законикот за кривична постапка (ЗКП) му наложува на Главниот јавен обвинител да состави обвинителен акт во кој се наведува видот на кривичното дело кое е основа на обвинението, и сите околности кои може да доведат до тоа казната да се зголеми или намали. Според член 313 од ЗКП, Главниот јавен обвинител мора да го прочита обвинителниот акт а обвинетиот или неговиот адвокат да каже како се изјаснува. Членот 337 наведува дека прашањата поставени на поротата мора да се засновани на обвинителниот акт (кој самиот мора да биде во согласност со пресудата со која обвинетиот се изнесува пред суд – член 271 од ЗКП) и мора да исполнува определни формални барања, на пример, забранети се прашања кои се прекомплексни или кои се однесуваат на правото.
27. При завршувањето на усната постапка, се поставуваат прашања до поротата со цел да се утврдат определени фактички околности на случајот и сите посебни фактори за кои е веројатно дека би довеле до прецизно утврдување дали обвинетиот е виновен. Претседателот на Поротниот суд е овластен да поставува прашања на поротата за сите околности кои би можеле да имаат влијание на фактите кои служеле како основа за обвинителниот акт, под услови тие околности да биле анализирани во текот на усната постапка. Главното прашање се однесува на основните елементи на кривичното дело, додека пак мора да има посебно прашање за секоја точка од обвинението. Посебни прашања во однос на други факти, како што се отежнителни околности или постоењето на оправдување или олеснителни околности, може исто така да се поставуваат. Обвинителството и обвинетиот можат да ги оспоруваат прашањата и имаат можност да побараат од претседателот да постави едно или повеќе дополнителни прашања на поротата. Во случај на спор во однос на прашањата, Поротниот суд мора да одлучи со образложена пресуда.
28. Член 341 предвидува дека после поставувањето на прашањата, претседателот ги предава на поротата: во исто време, тој го предава обвинителниот акт, извештаите во кои се утврдува кривичното дело и другите документи во списите на предметот покрај писмените изјави на сведоци.
29. Во согласност со член 342, штом прашањата се поставени и предадени на членовите на поротата, тие се повлекуваат на тајно советување. Раководител е првиот член на поротата кој е извлечен преку жрепка или е назначен од поротата со негова или нејзина согласност. Пред да започне советувањето, раководителот гласно ја чита следната инструкција, која е исто така изложена со голем фонт на највидното место во просторијата за советување: „Законот не бара од поротниците да објаснат како дошле до нивното лично убедување; не поставува правила за целосноста и доволниот број на докази; тој им наложува да се запрашаат себеси, во тишина и размислување, и да откријат, во искреноста на нивната на совест, каков впечаток добиле од доказите против обвинетиот и аргументите на одбраната. Законот ним не им кажува „Ќе сметате дека секој факт потврден од овој број на сведоци дека е точен“; ниту им кажува „Нема да ги сметате како доволно утврдени било кои докази кои не произлегуваат од овој извештај, овие доказни средства, овој број на сведоци или овој број на индиции“; тој само им поставува едно прашање, кое го содржи потполниот оспег на нивните должности: ‘дали сте длабоко во себеси убедени?’”
30. Член 343 ги овластува членовите на поротата да ја напуштат просторијата за советување само откако ќе се согласат за пресудата.
31. На крај, член 352 предвидува дека ако судиите едногласно се убедени дека поротниците, иако ги почитувале процедуралните критериуми, направиле материјална грешка, судот мора да ја прекине постапката и да го повлече предметот до следното разгледување од страна на нова порота, која не може да вклучи ниту еден од членовите од првиот состав. Сепак, според информации доставени од Владата, таа можност биле искористена само во три прилики.
2. Судска пракса на Касациониот суд
32. Пресудата на Судскиот совет од 13 јануари 2009 се одразила врз судската пракса на белгиските судови.
33. Во пресудата бр. 2505 (P.09.0547.F) на 10 јуни 2009 Касациониот суд одлучил:
„Во однос на основите за жалбата, поднесени proprio motu, во кои се наведува повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи:
Според пресуда од 13 јануари 2009 на Европскиот суд за човекови права во случајот R.T. v. the Kingdom of Belgium, правото на правично судење гарантирано со член 6 § 1 oд Конвенцијата подразбира, кога е во прашање Поротниот суд, дека одлуката по кривично обвинение треба да ги нагласи согледувањата кои ја убедиле поротата во вината или невиноста на обвинетиот и треба да ги наведе точните причини зошто секое прашање поединечно било одговорено потврдно или негативно.
Врз основа на задолжителниот карактер на толкувањето од таа пресуда и поголемата сила на меѓународно правно правило кои произлегува од меѓународен договор ратификуван од Белгија над домашното право, судот е принуден да ја отфрли примената на членовите 342 и 348 од Законикот за кривична постапка во делот во кој тие го поставуваат правилото сега критикувано од Европскиот суд, дека пресудата на поротата не треба да содржи образложение.
Произлегува од документите кои судот може да ги земе во обзир, посебно од обвинителниот акт, дека во текот на прелиминарната истрага подоносителот на жалбата, кој е обвинет за убиство како главен извршител или соизврпител, давал објаснувања, во однос на актите за кој тој бил обвинитет, а кои биле соборени од сведок чиј идентитет бил чуван во тајност според член 86 bis и 86 ter од Законикот за кривична постапка.
Во поднесоци поднесени до Поротниот суд на расправата од 18 февруари 2009 подносителот на жалбата побарал пресудата да содржи причина, за во случај на негова осуда, тој би можел да ги разбере основите кои ја убедиле поротата да заклучи дека тој е виновен, и за да Касациониот суд би можел да ја оцени законитоста на пресудата.
Во однос на обвинението за убиство против подносителот на жалбата, поротатата била прашана да го одговори главното прашање за неговата вклученост во извршување на убиство со умисла, дополнително прашање во однос на законската одбрана на провокација за извршување на делото и две прашања, како алтернатива, за кривичното дело предвидено со член 401 од Кривичниот законик. Поротата одговорила потврдно на првото прашање а негативно на второто, оставајќи ги другите прашања без одговор.
Со обжалената пресуда подносителот на жалбата бил осуден на казна затвор во траење од осумнаесет години, врз основа на осуда изразена само преку потврдни или негативни одговори на прашања поставени во согласност со закон. Во пресудата се наведува дека нема потреба да се дадат дополнителни причини за утврдувањето на вина, врз основа на тоа дека прецизирањето на прашањата ја попречувало концизноста на одлуката.
Сепак, изјавувањето само дека подносителот на жалбата е виновен за убиство и дека нема олеснителни околности не ги открива точните причини зошто било одлучено дека е основано обвинението, кое подносителот го негира, не му овозможува на судот да оцени, помеѓу останатото, дали осудата била заснована во одлучувачка мерка на изјава на анонимен сведок со која се обвинува обвинетиот или била поткрепена од други докази во согласност со член 341, параграф 3, од Законикот за кривична постапка.
Иако е во согласност со белгискиот закон, кој не ги обврзува поротниците да одговорат на кој начин дошле до нивното лично убедување, одлуката е спротивна на член 6 од Конвенцијата во оној дел во кој таа одредба може да биде разбрана дека правото на правично судење вклучува и изнесување на причините за осудата:“
34. Потоа биле донесени други пресуди од сличен карактер.
3. Законодавна реформа
35. Во Белгија, дури и пред пресудата на Судскиот совет во случајот Taxquet, Сенатот разгледувал нацрт-закон со кој требало, помеѓу останатото, да му се дозволи на претседателот на Поротниот суд да присуствува на советувањето на поротата со цел да им помотне на нејзините членови. Предложената верзија на член 350 од ЗКП наведувала дека Поротниот суд треба да даде прични за својата одлука за вина, но дека не е потребно да одговори на аргументите на странките.
36. Законот за реформа на поротните судови од 31 декември 2009, кој беше објавен во Службен весник [Moniteur belge] на 11 јануари 2010 и влезе во сила на 21 јануари 2010, воведе обврска за Поротниот суд да ги наведе главните причини за неговата пресуда. Релевантните одредби на ЗКП сега гласат:
Член 327
„Откако прашањата се поставени и предадени на поротниците, тие ќе се повлечат на советување во просторијата за советување.
Раководител е или првиот член на поротата извлечен преку жрепка или именуван од поротата со негова или нејзина согласност.
Пред да започне советувањето, раководителот гласно ќе ја прочита следната инструкција, која ќе биде исто така изложена во голем фонт на највидното место во просторијата за советување: „Законот предвидува дека обвинетиот може да биде осуден само ако е очигледно од прифатените докази дека тој е виновен надвор од разумното сомневање [beyond reasonable doubt] за кривичното дело за кое e обвинет.’
член 328
„Членовите на поротата можат да ја напуштат просторијата за советување само откако ќе се согласат за oсудата.
Никој не може да влезе додека трае советувањето, од било која причина, без писмено одобрение од страна на претседателот. Претседателот може да влезе во просторијата само ако тој е повикан од раководителот, особено за да одговори на правни прашања, и придружен со колеги судии, обвинетиот и неговиот адвокат, оштетениот и неговиот адвокат, обвинителството и секретарот. Настанот мора да се внесе во записникот.
...”
член 334
„Судот и членовите на поротата веднаш ќе се повлечат во просторијата за советување.
Без да мораат да одговорат на сите поднесоци, тие ќе ги формулираат главните причини за нивната одлука.
Одлуката ќе ја потпишат претседателoт, раководителот на поротата и секретарот на судот.“
Г. Одредби од Кривичниот законик
37. Релевантните членови од Кривичниот законик предвидуваат:
член 51
„Обид за кривично дело е извршен кога намерата да се изврши тешко кривично дело (crime) или друг потежок престап била манифестирана со постапка која објективно претставувала прв чекор кон извршување на тоа кривично дело и кој била запрена или не успеала да ја оствари саканата цел само како последица на околности кои се надвор од контролата на извршителот.“
Член 66
„Следните лица ќе бидат казнети како извршители на тешко кривично дело или друг тежок престап:
Тие кои го извршиле кривичното дело или директно соработувле при неговото извршување,
Тие кои преку било каков акт, дале таква помош при неговото извршување без која кривичното дело не би можело да биде извршено,
Тие кои преку, подароци, ветувања, закани, злоупотреба на овластување или моќ, планирање или смислување, директно поттикнале некој друг да го изврши кривичнито дело,
Тие кои преку говори на јавно место или собир, или преку било какво пишано или испечатено средство, слика или изложен амблем, преку дистрибуирање или продавање, понудување на продажба или изложување на место каде може да биде видено од јавноста, директно поттикнале некој друг на извршување на кривичното дело, без оглед на казните предвидени со закон за тие кои поттикнуваат други да извршат кривични дела, дури и кога таквото потикнување нема влијание.“
член 67
„Следните лица ќе бидат казнети како соучесници во тешко кривично дело или друг тежок престап:
Tие кои дале налог за неговото извршување;
Tие кои обезбедиле оружја, алатки или било кои други средства употребени за извршување на кривичното дело, знаејќи дека тие биле наменети за тоа цел;
Тие кои, освен со случајот предвиден со параграф 3 од член 66, свесно помагале или го поттикнувале извршителот или извршителите на дела со кои се подготвува или олеснува извршувањето на кривичното дело или неговото довршување.“
член 393
“Лишувањето од живот со умисла за убивање ќе се класификува како убиство (meurtre). Ќе биде казниво со казна затвор од дваесет до триесет години.“
член 394
„Убиството извршено со предумисла ќе се класификува како убиство со предумисла (assassinat). Ќе биде казниво со доживотен затвор.“
Д. Закон од 1 Април 2007 со кој се изменува Законикот за кривична постапка за да се овозможи повторување на постапката
38. Законот од 1 април 2007 (кој беше објавен во Moniteur belge на 9 мај 2007 и влезе во сила на 1 декември 2007) им дава право на осудените лица да бараат повторување на постапката после наоѓање на повреда на Конвенцијата од страна на Европскиот суд за човекови права.
39. Член 442 bis од ЗКП предвидува:
„Ако со конечна пресуда на Европскиот суд за човекови права е најдено дека имало повреда на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи или нејзините Протоколи (понатаму во текстот ‘Европската ковенција’), може да се поднесе барање за повторување – само во однос на кривични предмети – на постапката која довела до осудата на жалителот во случајот пред Европскиот суд за човекови прва или до осудата на друго лице за истото кривично дело врз основа на истите докази.“
40. Член 442 ter oд Законикот предвидува:
„Следните лица ќе имаат право да поднесат барање за повторување на постапката:
(1) осуденото лице;
(2) ако осуденото лице починало, му била одземена деловната спосовност или било прогласено за исчезнато, брачниот партнер на тоа лице, лицето со кое живеел [lawful cohabitee], неговите наследници, браќа или сестри;
(3) Главниот јавен обвинител на Касациониот суд по негова сопствена иницијатива или по барање на Министерот за правда.“
41. Член 442 quinquies oд ЗКП предвидува:
„Кога произлегува при разгледувањето на барањето или дека обжалената одлука е спротивна на Европската конвенцијата во однос на суштината на предметот или дека најдената повреда е последица на процедурални грепки или пропусти со таква тежина да со тоа се создава сериозен сомнеж за исходот на конкретната постапка, Касациониот суд ќе нареди повторување на постапката, под услов осуденото лице или лицата овластени според член 442 442 ter, точка (2), и натаму трпат многу тешки неповолни последици кои не можат да се поправат на друг начин освен со повторување на постапката.“
42. После пресудата на Судот во Da Luz Domingues Ferreira v. Belgium (no. 50049/99, 24 May 2007), Касациониот суд, во пресуда од 9 април 2008, наредил повторување на постапката и ја поништил пресудата која ја донесол на 6 јануари 1999 (Journal des tribunaux, 2008, p. 403).
III. СПОРЕДБЕНО ПРАВО
43. Очигледно е дека постојат многу различни модели на судско одлучување од страна на лица лаици во правото во државите членки на Советот на Европа. Постојат варијации кои се одраз на културните и историските особености дури и помеѓу земји кои избрале „традиционален“ модел на судење со порота, чија главна карактеристика е дека професионалните судии не можат да учествуваат во советувањето на поротниците за пресудата.
44. Државите членки можат да се поделат на три категории: држави без било каква форма на судење со порота или било каков друг модел на лаичко одлучување во кривични предмети, држави кои користат колаборативен судски модел на судии поротници кои се надлежни и одлучуваат заедно со професионалните судии за кривични предмети, и држави кои избрале „традиционален“ модел на судење со порота во кривични предмети.
45. Од моделите на одлучување кои беа разгледани, четиринаесет држави членки на Советот на Европа никогаш немале систем на порота или било каков друг модел на лаичко одлучување во кривични предмети или го укинале таквиот модел: Албанија, Андора, Ерменија, Азербеџан, Босна и Херцеговина, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Молдова, Холандија, Романија, Сан Марино и Турција.
46. Држави членки со колаборативен систем се Бугарија, Хрватска, Република Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Лихтенштајн, Монако, Црна Гора, Норвешка (во поголемиот дел од случаите), Полска, Португалија, Србија, Словачка, Словенија, Шведска, поранешната југословенска Република Македонија и Украина. Колаборативниот систем, кој може исто така да се употребува паралелно со традиционалниот систем на порота, е карактеризиран од фактот што професионалните судии и поротниците заедно одлучуваат за сите правни и фактички прашања, прашањето на вина и санкцијата.
47. Десетте држави членки на Советот на Европа кои го избрале традиционалниот систем на порота се Австрија, Белгија, Грузија, Ирска, Малта, Норвешка (само во сложени предмети по жалба), Руската Федерација, Шпанија, Швајцарија (Кантонот Женева), до 1 јануари 2011 и Обединетото Кралство (Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска).
48. Во неговата традиционална форма, судењето со порота вклучува комбинација на повеќе поротници кои одлучуваат со еден или повеќе професионални судии. Бројот на поротници е различен по земја и според предметот на постапката. Бројот на професионални судии варира од земја до земја. Во Ирска, Малта, Русија, Шпанија, Швајцарија и во Обединетото Кралство со судот и поротата претседава судија поединец. Во Австрија, Белгија и Норвешка судот се состои од тројца професионални судии заедно со порота. Професионалните судии не можат да учествуваат во советувањето на поротата во однос на прашања на вина, кое е во исклучива надлженост на поротата.
49. Во повеќе земји на поротниците им се поставува листа на конкретни прашања пред да се повлечат за советување за фактите на случајот. Седум земји – Австрија, Белгија, Ирска, Норвешка, Русија, Шпанија и Швајцарија – ја прифаќаат оваа пракса.
50. Во Ирска, Англија и Велс, по завршувањето на доказната постапка, судијата го резимира предметот за поротата. Тој ги потсетува за доказите кои ги чуле. Правејќи го тоа, судијата може да им даде насоки за правилниот пристап кој треба да го имаат во однос на некои докази. Тој исто така им дава на поротниците информации и објаснувања за важечките правни правила. Во тој контекст, судијата ги појаснува елементите на кривичното дело и го наведува следот на образложението кој треба да се следи со цел да се дојде до пресуда заснована на заклучоците на поротниците во однос на фактите.
51. Во Норвешка судијата ги насочува поротниците за секој правно прашање кое е поставено и ги објаснува правила кои тие треба да ги следат кога ќе се повлчат за советување во однос на пресудата. На крајот на судењето, тој исто така ги резимира доказите на поротата или и обрнува внимание на значајни докази.
52. Во Австрија пресудата на поротите се донесува врз основа на детален прашалник во кој се наведени главните елементи на различните обвиненија и содржи прашања на кои е потребно да се одговри со „да“ или со „не“.
53. Во принцип, поротниците одлучуваат во тајност, без присуство на судијата/судиите кои претседаваат. Тајноста на советувањето на поротата е навистина цврсто воспоставен принцип во многу земји.
54. Во Белгија професионален судија може да биде повикан во просторијата за советување за да и даде на поротата појаснувања во однос на конкретно прашање, без да може да искаже мислење или да гласа за прашањето на вина. Во Норвешка поротата може да го повика судијата, но ако таа смета дека и се потребни понатамошни појаснувања во однос на прашања кои треба да се одговорат, применливите правни принципи или процедурата која треба да се следи, или ако прашањата треба да биде изменети или да се постават нови, таа мора да се врати во судницата, за да прашањето се постави во присуство на странките.
55. Во Кантонот Женева судијата кој претседава присуствува на советувањето на поротата за да помага, но, не може да даде мислење за прашањето на вина. Секретар на судот е исто така присутен за да направи записник за донесените одлуки и дадените причини за нив.
56. Се чини дека општото правило е дека образложение не се дава за пресуда донесена преку традиционална порота. Тоа е случај во сите засегнати земји, освен во Шпанија и Швајцарија (Кантон Женева).
57. Во Шпанија одлуката на поротата се состои од пет посебни делови. Во првиот се наведуваат фактите за кои е одлучено дека се утврдени, вториот дел ги наведува фактите за кои е одлучено дека не се утврдени, третиот ја содржи декларацијата на поротата во однос на тоа дали обвинетиот е виновен или не е виновен, а четвртиот дава концизна изјава за причините за одлуката, вклучувајќи докази на кои таа е заснована и причини зошто определени факти било одлучено дека се утврдени или не. Петтиот дел содржи запис за сите настани кои се случиле во текот на дискусиите, избегнувајќи каква било идентификација која би можело да ја повреди тајноста на советувањето.
58. До 1991 властите на Кантонот Женева смета дека поротата го исполнувала условот за образложена одлука преку одговарање со „да“ или „не“ на точните прашања кои и се поставени. Сепак, со одлука од 17 декември 1991 Сојузниот суд заклучил дека таквите одговори се недоволни и наложил поротата во кантонот да дава причини за својата одлука во иднина. Во 1992 членовите 298 и 308 од Законикот за кривична постапка на Женева биле изменети за да ја обврзат поротата да ги наведе причните за своите одлуки ако смета дека тоа било потребно за разбирање на осудата или одлуката. Член 327 од Законикот за кривична постапка ја обврзува поротата да ги наведе „причините од кои ги зела во предвид или не ги зела во предвид главните доказни средства и правните причини за одлуката на поротата и одлуката на судот и поротата во одос на казната или изрекувањето на секоја мерка.“
59. Во земјите кои избрале систем на традиционална порота, жалба против одлука на поротата е предвидена во Грузија, Ирска, Малта, Шпанија, Шведска и во Обединетото Кралство, додека пак не постои жалба во Австрија, Белгија, Норвешка, Русија и Швајцарија (Кантон Женева). Во Австрија, осудените лица може да изјават жалба пред Апелациониот суд само во однос на казната; тие може да поднесат барање за поништување [plea of nullity] до Врховниот суд.
60. Во Белгија, после настаните за кои се одлучува во овој случај, Законот од 21 декември 2009, кој влезе во сила на 21 јануари 2010 (види параграф 38 погоре), ја измени постапката пред Поротниот суд, посебно преку обврска да се наведат главните причини за одлуката до која дошла поротата, цо цел да се појасни незјиното значење.
ПРАВО
I. ОПСЕГ НА СЛУЧАЈОТ ПРЕД ГОЛЕМИОТ СУДСКИ СОВЕТ
61. Во неговите опсервации пред Големиот судски совет жалителот ги повтори сите жалбени наводи кои тој ги изнесе во својата жалба пред Судот. Во неговата пресуда од 13 јануари 2009 Судскиот совет ги прогласи жалбените наводи во однос на пропуштањето да се дадат причини за пресудата на Поротниот суд (член 6 § 1) и да се испита анонимниот сведок (член 6 § 3 (г)) допуштени а останатите жалбени наводи недопуштени. Затоа, Големиот судски совет ќе ги испита само жалбените наводи прогласени за допуштени од страна на Судскиот совет, како „случај“ доставен до него е жалбата во делот во кој била прогласена за допуштена од страна на Судскиот совет (види, помеѓу други претходни одлуки, K. and T. v. Finland [GC], no. 25702/94, §§ 140‑41, ECHR 2001-VII).
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6 § 1 OД КОНВЕНЦИЈАТА
62. Жалителот тврдеше дека неговото право на правично судење било повредено со оглед на фактот дека неговата осуда од страна на Поротниот суд била заснована на одлука за вина која не содржела образложение и против која не можел да поднесе жалба пред орган со целосна надлежност да одлучува и за фактите и за правото. Тој наведе повреда на член 6 § 1, чиј релевантен дел предвидува:
„Секој има право на правично судење ... пред ...суд...во разгледувањето на основаноста на какви било кривични обвиненија против него. “
A. Пресуда на Судскиот совет
63. Во неговата пресуда од 13 јануари 2009 Судскиот совет одлучи дека имало повреда на правото на жалителот на правично судење од член 6 § 1 oд Конвенцијата. Одлучи дека прашањата кои и биле поставени на поротата биле формулирани на начин да не може да се утврди зошто секој од нив одлучил потврдно кога жалителот негирал какви било негово вклучување во наводните кривични дела. Судскиот совет сметаше дека такви лаконски одговори на неопределени и општи прашања можеле да му остават впечаток на жалителот за арбитрерно нетранспарентно одлучување. Без да му се даде резиме на главните причини зошто Поротниот суд прифатил дека тој е виновен, тој не можел да ја разбере - и затоа ниту да ја прифати - одлуката на судот. Судскиот совет заклучил дека општо, затоа што поротата не дошла до својата одлука врз основа на списите на предметот, туку врз основа на доказите кои биле изведени во текот на судењето, било круцијално, за да се објасни осудата, и на обвинетиот и на пошироката јавност, да се посочат согледувањата кои ја убедиле поротата во вината или невиноста на обвинетиот и да ги наведат точните причини зошто секое прашање посебно било одговорено потврдно или негативно.
Б. Аргументи на странките
1. Жалителот
64. Жалителот тврдеше дека неговата осуда била заснована на одлука за вина која не содржела какво било образложение и против која не можело да се поднесе каква било жалба. Затоа што случајот бил исклучително комплексен и во фактичка и во правна смисла, им било тешко на дванаесетте поротници без соодветни правни познавања да можат да направал потполно законска оцена на основаноста на обвинението против него. Тоа што немало образложение во одлуката за вина исклучувало секаква можност за соодветна судска оцена на причините врз основа на кои бил втемелен заклучокот на поротата. Фактот што член 364 bis oд ЗКП предвидувал дека секоја пресуда со која се осудува обвинет морала да ги спомене основите за утврдување на казната сам по себе не бил доволен за да го исполни условот за давање на образложение наметнат со член 6 од Конвенцијата.
65. Повикувајќи се на Ruiz Torija v. Spain (9 December 1994, Series A no. 303-A) и Papon v. France ((dec.), no. 54210/00, ECHR 2001-XII), жалителот посочи дека обврската да се наведат причините била поставена во судската пракса на Судот, иако Судот ја квалификувал на повеќе начини. Сепак, тој тврдеше дека неговиот случај не можел да се спореди со тој на Maurice Papon, во кој можело да се најдат соодветен збир на причини во 768-те одговори дадени од поротата. Тие одговори дале индикација зошто Поротниот суд одлучил дека тој е виновен и му изрекол казна. Во случајот пак кој сега се разгледува, прашањата поставени во текот на судењето на никој начин не се занимавале со суштината на случајот; тие биле многу малку - само четири од триесет и две прашања се однесувале на жалителот - и тие се однесувале само на тоа дали тој бил виновен за убиство или обид за убиство и за нив бил даден само одговорот „да“ без понатамошно објаснување.
66. Според жалителот, три аргументи засновани на правна логика оделе во полза на обврската поротните судови да ги образложуваат своите пресуди. Првите два биле засновани на член 6 § 1 oд Конвенцијата. Прво, судската пракса признавала дека образложените судски одлуки биле дел од гаранциите за правично судење. Би било нелогично стандардот кој е потребен во оваа област да биде понизок во постапките кои доведуваат до најстроги казни. Второ, член 6 § 1 многу го нагласувал јавниот карактер на судењето. Третиот аргумент бил заснован на член 6 § 3 (a), кој потврдувал дека секој кој е обвинет за кривично дело има право да биде информиран детално за видот и причините за обвиненијата против него. Жалителот се изјасни дека тоа право исто така требало да се однесува и на причината за неговата осуда. Проблемите на судска грешка исто така го подржувале ставот дека треба да бидат дадени причини за одлуките. Наложувањето на судот да наведе причини за една одлука значело дека тој морал да изрази кохерентно и рационално образложение ослободено од сите емоционални и субјективни согледувања. На крај, давањето на причини ја овозможувало оцената на апелационите и касационите судово; таквата оцена воопшто не би го имала истиот опсег кога не се давале причини за одлуката за вина.
2. Владата
67. Владата воочи, прво, дека европските правни системи биле обележани со значителна разноликост: некои немаат, или некои немаат повеќе, систем на лаичко одлучување, додека други имаат, но неговото фукнционирање, посебно улогата која и е дадена на поротата и на начинот на која таа функционира, се разликувале од една земја до друга. Понатаму, Судот не бил орган кој одлучува во трет или четврти степен. Неговата задача не била да одлучи апстрактно или да ги стандардизира различните правни системи, туку да утврди дали постоечките процедури ги исполнувале условите од член 6 од Конвенцијата.
68. Во Белгија легитимноста на поротните судови била гарантирана со институцијата порота. Поротниците го претставувале народот, од кој потекнувале, и така и тие самите уживале институционален легитимитет. Составот на поротата бил главниот заштитен механизам против арбитрерно одлучување.
69. Отсуството на изречно наведени причини не значело дека одлуката за вина не била донесена како последица на процес на образложување, кој засегнатите лица можеле да го следат и реконструираат. Понатаму, Судот никогаш не одлучил дека тоа што немало образложение во одлуките на поротните судови теоретски претставувало можен проблем според член 6 од Конвенцијата. Иако Судот одлучил во Göktepe v. Belgium (no. 50372/99, 2 June 2005) дека било неопходно да се поставуваат посебни прашања во однос на секој обвинет во врска со постоењето на отежнителни околности, тој не приговорил на функционирањето на Поротниот суд или отсуството на на причини во одлуките донесени од пресудата во таквите судови врз основа на белгиското право.
70. Спроведувањето на постапката во белгиските поротни судови гарантирало дека секој обвинет можел да добие образложена пресуда за законитоста и валидноста на доказите и да добие доволно информации за тоа кои докази били одлучувачки и, кога е соодветно, кои од аргументите на одбраната биле земени во предвид од поротата при донесувањето на одлуката. Во овој случај, прашањата поставени на крајот на усната постапка од страна на Претседателот на Поротниот суд во Лиеж во врска со вината на жалителот биле доволно прецизни за да служат како соодветна основа за пресудата на тој суд. Суштинските обележја на кривичните дела и дејствијата за кои тој бил обвинет биле јасно посочени, како и отежнителните околности. Жалителот имал пристап до обвинителниот акт и имал прилика да присуствува на долгата усна постапка во текот на која биле анализирани доказите. Затоа било бесполезно тој да тврди дека не ги знаел причините за неговата осуда. Фактот што поротниците ја донесле пресудата врз основа на нивното лично убедување сам по себе не доведувал до повреда на Конвенцијата.
3. Вмешувачи
(a) Владата на Обединетото Кралство
71. Владата на Обединетото Кралство тврдеше дека било јасно од судската пракса на Судот, посебно во Saric v. Denmark ((dec.), no. 31913/96, 2 February 1999), дека судењето со порота не можело да се смета за спротивно на Конвенцијата. Не постоела апсолутна обврска судот да даде образложение за секоја одлука, а пристапот на Судот бил доволно флексибилен за да се приспособи на особеностите на системот на судење со порота.
72. Иако правото на обвинетиот на правично судење никогаш не треба да биде компромитирано, тоа можело да биде постигнато на различни начини во системите на кривично право во државите договорнички. Државите требало да имаат поле на слободна оцена во уредувањето на судските постапки преку кои правото на правично судење било гарантирано. Прашањата и одговорите на поротата не требало да се разгледуваат изолирано туку во контекст на постапката како целина, земајќи ги во предвид процедуралните заштитни механизми и можностите за жалба.
73. Главното прашање било дали, земајќи го во предвид судењето како целина, осуденото лице знаело за обвинението против него, правните обележја на кривичното дело за кое тој бил обвинет и основата за неговата осуда.
74. Владата на Обединетото Кралство тврдеше дека во британскиот систем на судење со порота, при завршувањето на доказната постапка, судијата го резимирал случајот на поротниците. Тој ги потсетувал за доказите кои ги слушнале. Правејќи го тоа, тој можел да дава насоки за правилниот пристап, или пак претпазливоста, кои треба да ја имаат во однос на определени докази. Тој исто така и давал на поротата информации и објаснувања за важечките правни правила. Врз таа основа, тој ги појаснувал суштинските обележја на кривичното дело и го наведувал начинот на образложување кој треба да се следи за да се дојде до одлука заснована врз заклучоците на поротата во однос на фактите. И обвинителството и одбраната можеле да даваат аргументи во однос на заклучокот кој, според нив, поротата треба да го донесе.
75. Поротата одлучувала во тајност. Ако и биле потребни понатамошни објаснувања или насоки за некое конкретно прашање, таа можела да поднесе документ до судијата, во кој се наведуваат прашањата кои таа сакала да му ги постави. Судијата го покажувал документот на застапниците на обвинителството и на одбраната без присуство на поротата и ги барал нивните аргументи за соодветен одговор, после што тој имал слобода да одлучи дали на поротата треба да и бидат дадени бараните насоки на јавна седница.
(б) Ирската Влада
76. Според ирската Влада, системот на судење со порота во Ирска бил едногласен избор на обвинетите лица и на адвокатите за човекови права и на него се гледало како на камен темелник на кривичниот систем на земјата. Никогаш немало жалба дека на системот му недостасувала транспарентност или дека ги повредувал или попречувал правата на обвинетите. Системот создавал доверба кај ирскиот народ, кои биле приврзани кон него од историски и други причини.
77. Ирската Влада забележа дека во ирското право, насоките кои судијата ги дава на поротата обезбедувале рамка за нејзината одлука. Судијата ги насочувал поротниците за секое правно прашање кое било поставено и ги објаснувал правилата кои треба да ги следат кога расправаат за да донесат одлука. На крајот на судењето, тој исто така ги резимирал доказите за поротата или и обрнувал внимание на важни докази. Тој ја советувал во врска со условот доказните средства да обезбедат доволна потврда за вината на обвинетиот, посредниот или директен карактер на конкретен доказ и опсегот на изведените докази. Застапникот на обвинетиот можел да побара од судијата да ги појасни насоките кои и ги дал на поротата ако на нив се гледало како на неадекватни, недоволни или нејасни од било која причина. Ако поротата бара понатамошно објаснувања или насоки за определено прашање, таа можела да побара од судијата да постапи како што е потребно.
78. Ирската Влада запраша како систем на судење кој функционирал со векови и кој претходел на Конвенцијата би можел сега да се смета за спротивен на член 6 § 1. Пресудата на Судскиот совет недоволно ја зела во предвид процедурата на поротните судови како целина и заштитните механизми кои постоеле во Белгија и во други држави. Судот требало да разгледа дали било која промена на други процедурални правила или доказни правила би помогнала во разбирање на одлуките на поротните судови. Во пресудата Gregory v. the United Kingdom (25 February 1997, Reports of Judgments and Decisions 1997–I) Судот потврдил дека тајноста на советувањето на поротата била круцијална и легитимна основна на англиското судско право која служела да ја зајакне улогата на поротата како краен арбитер во однос на фактите и да гарантира отворено и искрено советување помеѓу поротниците за доказите кои ги слушнале.
79. Ирската Влада тврдеше дека тајноста на советувањето на поротата била поврзана со отсуството на образложение. Да се бара од судиите да дадат причини за нивните одлуки би го променило карактерот и самата суштина на системот на судење со порота која функционирал во Ирска.
(в) Француската Влада
80. Според француската Влада, позитивното право не барало да се наведат причини за одлуките на кривичните судови кои одлучувале со поротници лаици, ниту пак некогаш тоа го барало од воведувањето на таквите судови. Суштинските особености на постапката пред поротните судови се состеле од три основни принципи: усниот и непрекинат карактер на постапката и правилото на лично убедување. Тие особини, кои произлегуваат од учеството на граѓанинот во актот на пресудување, отсекогаш се залагале во француското право против давање на образложение во пресудите донесени од поротни судови. Принципот дека нема да се наведуваат причини е недвосмислено поставен во член 353 од Законикот за кривична постапка, каде е поврзан со принципот на лично убедување, кој исто така изречно налагал дека одлуката на поротниците нема да биде диктирана од правни стандарди или од правила туку од разгледувањето, преку нивната „совест“ и „рационални способности“, на доказите изведени во контрадикторна постапка на која тие присуствувале. Францускиот Касационен суд сметал дека единственото правно прифатливо „образложение“ на пресудата на поротниот суд се состоело од одговорите на прашања поставени на поротата и зборовите „да“ или „не“. Имало предлози за да се ублажи принципот на недавање на причини, но францускиот Парламент никогаш не ги усвоил.
81. Иако една или повеќе држави членки на Советот на Европа имале воведено систем на давање на образложенија за одлуките донесени од страна на порота, тој аргумент не можел да оправда отстапување од судската пракса на Судот и да претставува основа за утврдување на повреда на Конвенцијата. Огромната разноликост помеѓу правните системи во однос на вклучувањето на судии поротници во судењето на определени кривични дела исклучувала општа оцена на прашање како што е давање на образложение во одлуки. Фактот што имало реформа во определена земја само по себе не значел дека таа имала едногласна поддршка таму. Понатаму, пристап усвоен во еден систем не можело нужно да биде пренесен во друг.
82. Француската Влада исто така тврдеше дека Судот не треба да ги проширува своите овластувања кон хармонизирање на домашното право на државите договрнички; таквото проширување би ги нарушило правните системи и би го поткопало и авторитетот на неговите пресуди и на нормалните демократски процеси во државите членки. Постоел голем ризик дека отстапувањата од воспоставената судска пракса би можела да ги дискредитира не само пресудите на Судот туку и самиот концепт на човекови права. Задачата на Судот била да гарантира дека развојот на домашното законодавство е во согласност со Конвенцијата, но, само со најголема претпазливост и зајакнато чувство за умереност може да го замени местото на демократскиот процес во измена на правните системи кои се втемелени во историјата и културата на секоја држава, особено затоа што претходно одлучил дека тие системи се во согласност со Конвенцијата. Отстапувањето од судски преседан од страна на Вториот оддел на Судот го нарушило нормалното функционирање на судовите на само во Белгија туку и во Франција. Не можел да биде исклучен ризикот дека постапките пред поротните судови кои се во моментот во тек можеби ќе мора да се повторат со значителни оперативни и, пред сѐ човечки последици кои тоа би ги подразбирало.
В. Оцена на Судот
1. Општи принципи
83. Судот воочува дека неколку држави членки на Советот на Еврпа имаат систем на порота од лаици, воден од легитимната желба да се вклучат граѓаните во спроведувањето на правдата, посебно во однос на најтешките кривични дела. Поротата постои во различни форми во различни држави, одразувајќи ја историјата, традицијата, и правната култура на секоја држава; разликите може да се однесуваат на бројот на поротници, квалификации кои тие треба да ги имаат, начинот на назначување и дали има некаков вид на жалба против нивните одлуки (види параграфи 43-60 погоре). Ова е само еден пример од многуте во однос на разновидноста на правните системи кои постојат во Европа, и не е задача на Судот нив да ги изедначи. Изборот на една држава на кривичниот систем е во принцип надвор од опсегот на надзор кој го спроведува Судот на европско ниво, под услов избраниот систем да не е спротивен на принципите поставени со Конвенцијата (види Achour v. France [GC], no. 67335/01, § 51, ECHR 2006-IV). Понатаму, во случаи иницирани со индивидуална жалба, задачата на Судот не е да го оцени апстрактно релевантното законодавство. Напротив, тој мора да се ограничи себеси, колку што е можно повеќе, на испитување на прашањата кои произлегуваат од случајот кој го разгледува (види, помеѓу многу други претходни одлуки, N.C. v. Italy [GC], no. 24952/94, § 56, ECHR 2002‑X).
84. Затоа, инситуцијата на порота составена од лаици во правото не може да биде доведена во прашање во тој контекст. Државите договорнички уживаат значителна слобода на избор на средствата предвидени за да гарантираат дека нивните судски системи се во согласност со условите на член 6. Задачата на Судот е да разгледа дали усвоената метода за таа цел довела во даден случај до резултати кои не се спојливи со Конвенцијата, во исто време земајќи ги во предвид специфичните околности, карактерот и сложеноста на случајот. Накратко, мора да утврди дали постапката како целина била правична (види Edwards v. the United Kingdom, 16 December 1992, § 34, Series A no. 247‑B, and Stanford v. the United Kingdom, 23 February 1994, § 24, Series A no. 282‑A).
85. Судот забележува дека веќе имал прилика да одлучува по жалби во однос на постапката пред поротни судови. Така, во случајот R. v. Belgium (no. 15957/90, Commission decision of 30 March 1992, Decisions and Reports (DR) 72) Европската комисија за човекови права заклучила дека иако немало образложение за одлуката на поротата за вина, Претседателот на Поротниот суд барем и дал однапред прашања на поротата во однос на фактите на случајот а обвинетиот можел да ги оспорува прашањата. Комисијата сметала дека тие прецизни прашања, дел од кои можеле да бидат поставени на предлог на обвинителството или одбраната, создавале рамка за одлуката за која станувало збор и доволно ја компензирале концизноста на одговорите на поротата. Комисијата ја отфрлила жалбата како очигледно неоснована. Таа имала сличен пристап во случаите Zarouali v. Belgium (no. 20664/92, Commission decision of 29 June 1994, DR 78) и Planka v. Austria (no. 25852/94, Commission decision of 15 May 1996).
86. Во одлуката Papon v. France (цитирана погоре) Судот забележал дека им била дадена можност на обвинителството и на одбраната да ги оспоруваат поставените прашања и да бараат од претседателот да постави едно или повеќе дополнителни прашања на поротата. Воочувајќи дека поротата одговорила на секое од 768-те прашања поставени од Претседателот на Поротниот суд, Судот сметал дека прашањата создавале рамка на која одлуката била заснована и дека нивната прецизност во доволна мера надоместувала за фактот што не биле дадени причини за одговорите на поротата. Судот го одбил жалбениот навод во однос на тоа дека немало образложение во пресудата на Поротниот суд како очигледно неоснован.
87. Во Bellerín Lagares v. Spain ((dec.), no. 31548/02, 4 November 2003) Судот забележал дека оспорената пресуда - кон која бил приклучен записник од расправањето на поротата - содржела листа на факти за кои поротата заклучила дека била утврдени при одлучувањето дека жалителот бил виновен, правна анализа на фактите и, во смисла на казнувањето, упатување на околностите за кои било одлучено дека имале влијание врз степенот на одговорност на жалителот. Затоа одлучил дека пресудата за која станувало збор содржела доволно причини во смисла на член 6 § 1 oд Конвенцијата.
88. Во Göktepe v. Belgium (цитиран погоре, § 28) Судот утврдил повреда на член 6 затоа што Поротниот суд одбил да постави посебни прашања за секој обвинет во однос на постоењето на отежнителни околности, на тој начин оневозможувајќи и на поротата да одлучи за индивидуалната кривична одговорност на жалителот. Според Судот, фактот што судот не зел во предвид аргументи во однос на клучно прашање со такви сериозни последици морал да се смета за некомпатибилен со принципот на контрадикорна постпака, кој спаѓал во суштината на поимот на правично судење. Тој заклучок бил посебно убедлив во конкретниот случај затоа што на поротниците не им било дозволено да дадат причини за нивната одлука (ibid., § 29).
89. Во одлуката Saric v. Denmark (цитирана погоре) Судот одлучил дека отсуството на причини во пресудата, како последица на фактот што вината на жалителот била утврдена од страна на порота составена од лаици во правото, не бил сам по себе спротивен на Конвенцијата.
90. Следува од судската пракса на Судот цитирана погоре дека Конвенцијата не наложува поротниците да дадат причини за нивната одлука и дека член 6 не забранува да му се суди на обвинетиот од страна на поротници кои се лаици во правото дури и ако не се дадени причини за осудата. Сепак, за да бидат исполнети условите за правично судење, обвинетиот, и јавноста, мора да можат да ја разберат осудата, што е клучен заштитен механизам против арбитрерност. Како што Судот често воочувал, владеењето на правото и избегнувањето на арбитрерна моќ се принципите на кои се заснова Конвенцијата (види, помеѓу многу други претходни одлуки, mutatis mutandis, Roche v. the United Kingdom [GC], no. 32555/96, § 116, ECHR 2005-X). Во областа на судството, тие принципи служат за да ја негуваат довербата на јавноста во објективен и транспарентен правен систем, една од основите на демократското општество (види Suominen v. Finland, no. 37801/97, § 37, 1 July 2003, and Tatishvili v. Russia, no. 1509/02, § 58, ECHR 2007-III).
91. Во постапка која се води пред професионални судии, разбирањето на обвинетиот на неговата осуда се темели пред сѐ на причините дадени во судските одлуки. Во такви случаи, домашните судови мора да ги посочат доволно јасно причините на кои тие ги засноваат своите одлуки (види Hadjianastassiou v. Greece, no. 12945/87, 16 December 1992, § 33, Series A no. 252). Образложените одлуки исто така служат за да им се покаже на странките дека биле слушнати, на тој начин придонесувајќи кон поголемо прифаќање на одлуката од нивна страна. Понатаму, тие ги обврзуваат судиите да го засноваат нивното образложение врз објективни аргументи, а исто така ги штитат и правата на одбраната. Сепак обемот на должноста да се дадат причини зависи од карактерот на одлуката и мора да се утврди во светло на околностите на случајот (види Ruiz Torija, цитиран погоре, § 29). Иако судовите не се обврзани да дадат исрцпен одговор на секој аргумент (види Van de Hurk v. the Netherlands, 19 April 1994, § 61, Series A no. 288), мора да биде јасно од одлуката дека суштинските прашања на случајот биле одговорени (види Boldea v. Romania, no. 19997/02, § 30, ECHR 2007-II).
92. Во случајот на поротен суд кој одлучува со порота составена од лаици во правото, мора да има прилагодување за сите посебни процедурални карактеристики, воочувајќи дека поротниците вообичаено не се обврзани – или не им е дозволено – да дадат причини за нивните лични убедувања (види параграфи 85-89 погоре). Во овие околности исто така, член 6 наложува оцена на тоа дали имало доволно заштитни механизми за да се избегне ризикот од арбитрерност и да му се овозможи на обвинетиот да ги разбере причините за неговата осуда (види параграф 90 погоре). Таквите процедурални заштитни механизми може да вклучуваат, на пример, упатства или насоки дадени од претседавачкиот судија на поротниците за правните прашања или за изведените докази (види параграфи 43 et seq. погоре), и прецизни, недвосмислени прашања поставени на поротата од судијата, создавајќи ја рамката врз основа на која осудата е заснована или со кои во доволна мера се надоместува за фактот што не се даваат причини за одговорите на поротата (види Papon, цитиран погоре). На крај, мора да се земат во предвид можностите за поднесување на жалба од страна на обвинетиот.
2. Примена на горенаведените принципи во конкретниот случај
93. Во овој случај, треба да се воочи дека во неговите поднесоци до Судот жалителот се жалеше дека немало образложение во одлуката во која се утврдило дека е виновен и дека не била предвидена жалба против одлуката на Поротниот суд. Како што е повторувано претходно (види параграф 87 погоре), отсуството на образложена осуда од страна на порота составена од лаици во правото не претставува само по себе повреда на правото на обвинетиот на правично судење. Почитувањето на условите за правично судење мора да биде оценето врз основа на постапката како целина во специфичниот контекст на засегнатиот правен систем, задачата на Судот во оценувањето на необразложена пресуда е да утврди дали, во светло на сите околности на случајот, постапката обезбедила доволно заштитни механизми против арбитрерност и му овозможила на обвинетиот да разбере зошто било одлучено дека тој е виновен, При тоа, мора да има во предвид дека соочено со најтешките казни, почитувањето на правото на правично судење мора да биде гарантирано во највисокиот можен степен во демократските општества (види Salduz v. Turkey [GC], no. 36391/02, § 54, ECHR 2008-...).
94. Во овој случај, жалителот бил обвинет за убиство на почесен министер и за обид за убиство на неговиот партнер. Сепак, ниту обвинителниот акт ниту прашањата поставени на поротата содржеле доволно информации во однос на вклучувањето на жалителот во извршувањето на кривичните дела за кои бил обвинет.
95. Во однос на, прво, обвинителниот акт подготвен од Главниот јавен обвинител, Законикот за кривична постапка предвидува дека тој треба да го наведе карактерот на кривичното дело кое е основа за обвинението и сите околности кои може да доведат до зголемување или намалување на казната, и дека мора да биде прочитан на почетокот на судењето (види параграф 26 погоре). Точно е дека, обвинетиот може да го оспори обвинителниот акт преку поднесување на изјава на одбраната, но, во пракса изјавата има само ограничено дејство затоа што се поднесува на почетокот на постапката, пред самото судење, кое мора да служи како основа за личното убедување на поротниците. Вредноста на таквата изјава во помагање на обвинетиот да разбире зошто поротата донесла одлука дека тој е виновен, е затоа ограничена. Во овој случај анализа на обвинителниот акт од 12 август 2003 покажува дека тој содржел детален приказ на полициската и судската истрага и многуте контрадикторни изјави дадени од сообвинетите. Иако во него било споменато секое кривично дело за кое жалителот бил обвинет, обвинителниот акт не ги посочувал доказите кои обвинителството можело да ги употреби против него.
96. Понатаму, за да донесе осуда, поротата морала да одговори на триесет и две прашања поставени од Претседателот на Поротниот суд. Жалителот, кој бил изведен пред судот заедно со седум сообвинети, бил засегнат со само четири од прашањата, на кои било потврдно одговорено од страна на поротата (види параграф 15 погоре).
Прашањата кои биле концизно формулирани, и биле идентични за сите обвинети, не упатувале на точните и специфични околности кои би му овозможиле на жалителот за разбере зошто било одлучено дека е виновен. Во тој поглед овој случај се разликува од случајот Papon (цитиран погоре), во кој Поротниот суд се повикал на одговорите на поротата на секое од 768-те прашања поставени од претседателот на судот и исто така на описот на фактите за кои било одлучено дека се утврдени и членовите на Кривичниот законик кои биле применети (види параграф 86 погоре).
97. Следува дека, дури и земени заедно со обвнителниот акт, прашањата поставени во овој случај не му овозможиле на жалителот да утврди кои доказни средства и фактички околности анализирани на судењето на крај довеле до тоа поротата да одговори потврдно на четирите прашања кои се однесувале на него. Така, жалителот не можел, на пример, да направи јасна разлика помеѓу сообвинетите во однос на нивното вклучување во извршувањето на кривичното дело; да ја утврди перцепцијата на поротата за неговата точна улога во однос на другите обвинети; са сфати зошто кривичното дело било квалификувано како убиство со предумисла (assassinat) а не убиство (meurtre); да утврди кои фактори ја воделе поротата да заклучи дека вклучувањето на двајца од сообвинетите во наводните акти било ограничено; од што произлегувала пониска казна; или да открие зошто отежнителната околност на предумисла била земена во предвид во неговиот случај во однос за обидот за убиство на партнерот на A.C. Овој пропуст бил уште повеќе проблематичен затоа што случајот бил и фактички и правно комплексен а судењето траело повеќе од два месеци почнувајќи од 17 октомври 2003 до 7 јануари 2004, во текот на кој период биле сослушани многу сведоци и вештаци.
98. Во врска со тоа, треба да се нагласи дека прецизни прашања од страна на поротата биле незаменлив услов со цел жалителот да може да разбере одлуката дека тој е виновен. Понатаму, затоа што во случајот биле вклучени повеќе од еден обвинет, прашањата колку што е можно повеќе требало да бидат приспособени на секој поединец посебно.
99. На крај, треба да биде воочено дека белгискиот систем не овозможува обична жалба против пресудите на Поротниот суд. До Касациониот суд може да се поднесе само жалба во однос на правните прашања и затоа не му обебедува на обвинетиот соодветно појаснување на причините за неговата осуда. Што се однесува на член 352 од ЗКП, кој предвидува дека ако поротниците направиле материјална грепка, Поротниот суд мора да ја прекине постапката и да го повлече случајот до следна седница за разгледување од нов состав на порота, таа можност, како што признава и Владата (види параграф 31 погоре), се користи многу ретко.
100. Како заклучок, на жалителот не му биле обезбедени доволно заштитни механизми со кои бо му се овозможило да разбере зошто било одлучено дека е виновен. Со оглед на тоа пто постапката не била правична, имало повреда на член 6 § 1 oд Конвенцијата.
III. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 6 § 3 (г) ОД КОНВЕНЦИЈАТА
101. Жалителот се жалеше дека тој не можел во ниту една фаза од постапката да го испита анонимниот сведок или да бара негово испрашување. Тој наведе повреда на член 6 § 3 (г), кој предвидува:
„3. Секој кој е обвинет за кривично дело ги има следните минимални права:
(г) самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците на обвинението и да бара повикувањето и сослушувањето на сведоците на одбраната да биде под услови што важат и за сведоците на обвинението; ...”
102. Судот воочува дека оваа жалба е тесно поврзана со фактите кои го водеа Судот да најде повреда на член 6 § 1. Во отсуство на какво било образложение во пресудата, невозможно е да се утврди дало осудата на жалителот била заснована врз информациите кои ги дал анонимниот сведок. Во овие околности, Судот смета дека не е потребно посебно да се разгледа жалбениот навод за повреда на член 6 §§ 1 и 3 (г) од Конвенцијата.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
103. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
104. Како и пред Судскиот совет, жалителот побара износ од EUR 100,000 во однос на нематеријална штета.
105. Владата тврдеше дека износот од EUR 4,000 доделен од Судскиот совет по тој основ во неговата пресуда од 13 јануари 2009 бил „сосем разумен“.
106. Големиот судски совет правејќи ја својата оценка на правична основа, му доделува на жалителот EUR 4,000 во однос на нематеријална штета.
107. Судот понатаму воочува дека Законот од 1 април 2007 го изменил Законикот за кривична постапка за да им овозможи на жалителите да бараат повторување на постапката кога Судот утврдил повреда во нивниот случај (види параграфи 38 et seq. погоре и, mutatis mutandis, Öcalan v. Turkey [GC], no. 46221/99, ECHR 2005‑IV).
Б. Трошоци и надоместоци
108. Во однос на трошоци и надоместоци, Судот воочува дека Судскиот совет одлучи да му додели на жалителот EUR 8,173.22, износ кој не беше оспорен од Владата. Во однос на постапката пред Големиот судски совет, жалителот прими EUR 1,755.20 како правна помош од Советот на Европа. Затоа, Судот го потврдува изнсоот од EUR 8,173.22 доделен од Судскиот совет.
В. Затезна камата
109. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се пресмета согласно најниската каматна стапка на Европската централна банка, на која треба да се додадат три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Одлучува дека имало повреда на член 6 § 1 oд Конвенцијата;
2. Одлучува дека не е потребно одделно да се разгледа жалбениот навод за повреда на член 6 §§ 1 и 3 (г) oд Конвенцијата заради пропуштањето да се испита анонимниот сведок;
3. Одлучува
(a) дека тужената држава ќе му ги плати на жалителот, во рок од три месеци, следните износи:
(i) EUR 4,000 (четири илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан, во однос на нематеријала штета;
(ii) EUR 8,173.22 (осум илјади сто седумдесет и три евра и дваесет и два центи), плус секој данок кој може да му биде пресметан за тој износ на жалителот, во однос на трошоци и надоместоци;
(б) дека по истекот на гореспоменатиот рок од три месеци до исплата, ќе се исплати камата на гореспоменатите износи еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка, за односниот период плус три процентни поени.
4. Го одбива останатиот дел од барањето на жалителот за правично задоволување.
Изработена на англиски и француски, и донесена на јавна расправа во Зградата на човековите права, Стразбур, на 16 ноември 2010.
Michael O’BoyleJean-Paul Costa
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правило 74 § 2 од Правилникот на Судот, издвоеното мислење на судијата Jebens е приклучено кон оваа пресуда.
J.-P.C.
M.O’B.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод беше изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC датабазата на судска пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на случајот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако целта е да се употреби било кој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy