© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ НАЦИОНАЛЕН СИНДИКАТ НА ЖЕЛЕЗНИЧКИ, ПОМОРСКИ И ТРАНСПОРТНИ РАБОТНИЦИ против ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(Жалба бр. 31045/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
8 април 2014 година
КОНЕЧНА
08/09/2014
Оваа пресуда стана кончена согласно член 44, став 2 од Конвенцијата, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Национален синдикат на железнички, поморски и транспортни работници [National Union of Rail, Maritime and Transport Workers],
Европскиот суд за човекови права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Инета Зимеле [Ineta Ziemele], Претседател,
Паиви Хирвела [Päivi Hirvelä],
Георге Николау [George Nicolaou]
Леди Бианку [Ledi Bianku],
Пол Махони [Paul Mahoney],
Кжиштоф Војтичек [Krzysztof Wojtyczek],
Фарис Вехабовиќ [Faris Vehabović], судии,
и Фатош Арачи [Fatoş Aracı], Заменик секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 4 март 2014 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 31045/10) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на Националниот синдикат на железнички, поморски и транспортни работници [National Union of Rail, Maritime and Transport Workers] (“RMT“), на 1 јуни 2010 година.
2. Жалителот пред Судот го застапуваше неговиот генерален секретар, г-н Б. Кроу [B. Crow]. Правен застапник беше г-н Н. Тод [N. Todd] oд адвокатското друштво Thompsons Solicitors, од Манчестер. Советници на жалителот беа г-н Џ. Хенри [J. Hendy QC (адвокат на круната) и г-н М. Форд QC [M. Ford QC[, адвокати [barristers] од Лондон. Владата на Обединетото Кралство („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-ѓа Р. Томлинсон од Форин и Комонвелт Офисот.
3. Заеднички поднесок доставија Европската конфедерација на синдикати (ЕКС) [European Trades Union Confederation (ETUC)] и Конгресот на синдикати (КС) [Trades Union Congress (TUC)]. Невладината организација Либерти [Liberty] исто така достави поднесок. На овие три организации Претседателот им дозволи да се вмешаат како трети страни (вмешувачи) во писмениот дел од постапката (член 36, став 2 од Конвенцијата и правило 44, став 2). Владата одговори на поднесокот на Liberty.
4. Жалителот тврдеше дека постоеле прекумерни законски ограничувања во поглед на неговиот капацитет да ги штити интересите на неговите членови, со што се повредувало правото на слобода на здружување.
5. На 27 август 2012 жалбата беше комуницирана до Владата. Судот исто така одлучи истовремено да донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот е синдикат со седиште во Лондон со членство од повеќе од 80,000 лица вработени во различни сектори на транспортната индустрија во Обединетото Кралство.
7. Воочувајќи дека во домашниот систем работните спорови се регулирани со многу детални законски одредби, жалителот истакна две посебни ограничувања на законската заштита на правото на штрајк за кои тврдеше дека не биле во согласност со член 11 од Конвенцијата, а секое од спорните ограничувања е образложено во две посебни ситуации.
A. Известување до работодавачот за спроведување на гласање за одржување на штрајк [Strike-ballot notice]: ситуација во компанијата ЕДФ
8. Фактичката состојба во овој дел се однесува на компанијата ЕДФ Енерџи пауерлинк друштво со ограничена одговорност [EDF Energy Powerlink Ltd.] („компанија ЕДФ“), кој имала договор за управување, оперирање и одржување на електричната мрежа која се користи во системот на подземен превоз во Лондон. РМТ бил еден од неколкуте синдикати признати од компанијата како партнер за колективни преговори. Вкупно, во компанијата работеле околу 270 работници на три различни локации, од кои локација со најмногу работници била во Туфнел паркот со 155 работника. Според жалителот, во релевантниот период таму работеле 52 членови на РМТ. Компанијата не можела да знае кои од нејзините работници биле членови на синдикат, затоа што немала систем на наплата на износ за членарина во синдикатот од месечните плати на вработените.
9. Од јуни до септември 2009 година, жалителот и компанијата одржале неколку рунди на преговори во врска со платата и услови за работа. Незадоволен од понудата на компанијата, жалителот одлучил да организира штрајк и на 24 септември го дал потребното писмено известување дека ќе се гласа за одржување на штрајк (видете во делот за релевантно домашно право подолу во текстот на пресудата). Во известувањето се опишувале категориите на работници кои ќе гласаат за одржување на штрајк како „инженер/техничар“ и се наведувало колкумина од нив работеле на секоја од локациите на компанијата. Следниот ден компанијата испратила писмо до жалителот, кажувајќи дека не го разбира зборот „техничар“ (нејзините работници биле категоризирани попрецизно: машински механичар, машински работник склопувач, лица за проверки на просториите за тестирање, работници за дневни тестирања на производи, работници за сменско тестирање, машински механичари OLBI). Затоа компанијата сметала дека писменото известување дека ќе се одржи гласање не е во согласност со релевантните законски одредби.
10. Откако двете страни размениле неколку дописи, компанијата од Високиот суд побарала времена мерка со која се забранува жалителот да повика на штрајк врз основа на гласање. Времената мерка била изречена од страна на судијата Блејк [Blake] на 23 октомври 2009 година
11. Судијата не го прифатил аргументот на жалителот дека законските обврски несоодветно го ограничувале остварувањето на неговото право да повика на штрајк, затоа што истите тие аргументи биле одбиени од Апелациониот суд во случајот Metrobus Ltd. v. Unite the Union ([2009] EWCA Civ 829). Судот исто така го одбил аргументот дека со оглед на тоа што процедурата била во рана фаза би било прерано таа да биде запрена. Судијата сметал дека ризикот од незаконит штрајк бил доволно неодложен да времената мерка била оправдана. Со оглед на секторот кој бил во прашање, последиците од прекин на работата би биле значајни, а реперкусии би се почувствувале и во други сектори. Одговарајќи на прашањето дали жалителот всушност дал доволни индикации за категориите на работници кои би гласале, судијата заклучил дека тоа не било така, затоа што помеѓу членовите на синдикатот кои работеле во Туфнел парк имало лица со различна струка. Жалителот немал апсолутна должност, туку должност да стори најмногу што може разумно да се очекува од него да даде доволно информации на компанијата. Фактот што жалителот користел свој систем на класификација на работни места бил релевантен, но не и одлучувачки во случајот. Исто така, фактот што синдикатот можеби не водел евиденција или пак немал такви информации можел да биде многу важен, но не нужно и одлучувачки. Жалителот се согласил дека било изводливо синдикатот да ги достави потребните информации кога се работи за работодавач со мал број вработени – затоа не било ниту макотрпно, ниту неразумно тој да биде задолжен тоа и да го стори. На крај, судијата забележал дека иако жалителот сѐ уште немал искажано намера да организира штрајк (со оглед на тоа што гласањето не било одржано), имало јасна врска помеѓу недавањето на потребното известување и способноста на работодавачот да одговори на ситуацијата или преку правење подготовки за прекин на работата или преку обиди да ги убеди работниците да не гласаат во прилог на одржување на штрајк. Оттука, неисполнувањето на законски обврски од страна на жалителот не било само техничка или несуштинска повреда.
12. Врз основа на доставените писмени докази барањето да се дозволи поднесување на жалба било одбиено на 24 ноември 2009 година. Повторното барање на таква дозвола било одбиено на 26 јануари 2010 година, а во меѓувреме спорот помеѓу жалителот и ЕДФ бил разрешен.
13. Откако била донесена времена мерка со која се забранува штрајкот, жалителот започнал да прибира точни описи на работните места на засегнатите работници кои ги вклучил во новото писмено известување дека ќе се гласа за одржување на штрајк, кои завршило со поддршка на штрајкот. Тоа се случило во декември 2009 година и на почетокот на јануари 2010 година. ЕДФ доставила подобра понуда на 7 јануари 2010 година која што била прифатена од членовите на жалителот и станала обврзувачка во форма на колективен договор на 1 април 2010 година.
Б. Солидарен штрајк: ситуацијата во Хидрекс
14. Спорните акти од овој дел се однесуваат на некои членови на РМТ кои работеле на одржување на железниците во друштвото со ограничена одговорност Фастлајн [Fastline Limited], компанија која била дел од група на компании позната како Jarvis Plc. Друга компанија од истата група, Џарвис Рејл Лимитид [Jarvis Rail Limited], работела на железнички инженеринг. Во тоа време, Фастлајн и Џарвис рејл („Џарвис“) вработувале приближно 1,200 лица, од кои 569 биле членови на синдикатот РМТ. Во август 2007 година, пренесла дел од своето претпријатие, со 20 работника, на друга компанија позната како Хидрекс опрема (ОК) лимитид („Хидрекс“) [Hydrex Equipment (UK) Limited (“Hydrex”)]. Хидрекс ги задржал договорените услови за работа како што било предвидено со закон (прописи за заштита на вработувањето при пренесување на претпријатија од 2006 година). Според жалителот, засегнатите работници сепак биле загрижени за нивната ситуација, затоа што работниците на Хидрекс добивале значително пониска плата. Исто така се чинело дека во таа компанија синдикатите имале помало влијание.
15. Во март 2009 година, управата на Хидрекс ги известила поранешните работници на Џарвис дека поради тешки пазарни услови имала намера да ги промени договорените услови за работа за да бидат на исто ниво како на останатите работници на Хидрекс. Тоа значело намалување на платата од 36-40%, според жалителот. Во наредните месеци, жалителот разговарал во име на засегнатите работници, но не бил постигнат договор. Кога компанијата посочила дека планира да го спроведе својот план, жалителот организирал гласање за одржување на штрајк на засегнатите работници (во таа фаза тие биле седумнаесетмина). Работниците гласале за одржување на штрајк, кој се одржал на 6 ноември и 9 ноември 2009 година. Во текот на штрајкот, учесниците организирале собири на повеќе места на кои вообичаено работеле. Тоа го натерало препријатието Хидрекс да испрати допис до жалителот потсетувајќи го дека согласно закон собирите можеле да се одржуваат само во просториите или во близина на просториите на работодавачот и го предупреди дека синдикатот се изложува на ризик да сноси одговорност за секоја финансиска загуба која компанијата ќе ја претрпи како резултат на таа незаконита постапка (видете во делот за домашно право подолу во текстот).
16. Втор штрајк бил најавен за 18-20 ноември 2009 година, но тој бил одложен кога компанијата Хидрекс искажала подготовеност да ги продолжи разговорите со жалителот. Тоа довело до ревидирана понуда којашто жалителот ја доставил до членовите вработени во Хидрекс, препорачувајќи им да ја прифатат. Резултатите од гласањето биле објавени на 21 декември 2009 година. Биле изјавени девет гласа и сите биле против понудата Хидрекс. Според жалителот, неговата положба била многу слаба со оглед на многу малиот број на негови членови помеѓу работниците на Хидрекс. Нивниот број бил премал за нивниот штрајк да има позначаен ефект врз компанијата, чии активности не биле нарушени. Жалителот сметал дека би бил во позиција да ги брани интересите на своите членови многу поефикасно доколку успеел да ги мобилизира и своите членови вработени во Џарвис. Самата закана за штрајк од таков обем, и дотолку повеќе и фактички прекин на работата, би ивршиле далеку поголем притисок врз Хидрекс да ги задржи постоечки права и обврски на работниците. Жалителот кажа дека работниците од Џарвис би биле подготвени да штрајкуваат во поддршка на нивните колеги од Хидрекс. Сепак, членовите на синдикатот вработени во Хидрекс, морале сами да се борат, и на крајот немале друг избор освен да ги прифатат новите договорни услови. Тие тоа го сториле неволно.
17. Според жалителот, ниту Џарвис ниту Хидрекс повеќе не постоеле, откако биле ставени под стечај во март 2010 година и ноември 2011 година. Претпријатето на Хидрекс било купено од друга компанија, којашто повторно го продала во ноември 2012 година.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКТИКА
18. Во поглед на случајот на ЕДФ, судијата Блејк се повикал на следните одредби од Законот за синдикати и работни односи (консолидиран текст) од 1992 година:
„член 226(1) Акт преземен од синдикат со цел да се наведе некое лице да учествува, или да продолжи да учествува во штрајк
(a) не е заштитен освен ако штрајкот е поддржан со одлука донесена со гласање, и
(в) кога член 226A не е испочитуван во однос на работодавачот на засегнатото лице, актот не е заштитен во однос на работодавачот освен ако синдикатот го почитувал член 226A во однос на работодавачот.“
„Член 226A (1) Синдикатот мора да ги преземе мерките кои се разумно потребни за да осигура дека—
(a) писменото известување прецизирано во алинеја 2, не покасно од седум дена пред започнувањето на гласањето ...
Е добиено од страна на секое лице за кои синдикатот разумно смета (до истекот на рокот во кој може да се преземат мерки за исполнување на став (a)) дека ќе биде работодавач на лицата кои имаа право на глас при гласањето.
(2) Известувањето споменато во став (a) oд подстав (1) е писмено известување —
(a) во кое се наведува синдикатот кој има намера да спроведе гласање,
(б) се прецизира датумот на кој синдикатот разумно верува дека ќе биде ден на кој ќе се започне гласањето, и
(в) кое содржи —
(i) листи споменати во подстав (2A) и бројките споменати во подстав (2Б), заедно со објаснување како се дошло до тие бројки, или
...
(2A) Тие листи се —
(a) листа на категории на работници во кои влегуваат засегнатите работници, и
(б) листа на работните места на кои работат засегнатите работници.
(2Б) Tакви бројки се —
(a) вкупниот број на засегнати работници,
(б) бројот на засегнати работници во секоја од категориите споменати во листата во подстав (2A)(a), и
(в) бројот на засегнати работници кои работат на секое работно место во листата спомената во подстав (2A)(б).
...
(2Г) Листите и бројките доставени согласно овој член, или информациите споменати во подстав (2В), морат да бидат точни колку што тоа е изводливо со оглед на информациите кои синдикатот ги поседува во моментот во кој постапува согласно подстав (1)(a).”
19. Во поглед на ситуацијата во Хидрекс, законската заштита од деликтна одговорност за акти преземени „при подготвување или водење на спор“ (член 219 од Законот од 1992 година) е ограничена, со член 244 од истиот Закон, на „спор помеѓу работниците и нивниот работодавач“. Штрајкот од солидарност е исклучен изречно од законска заштита со член 224 од Законот, кој го дефинира на следниот начин:
„(2) Постои солидарен штрајк во врска со работен спор тогаш, и само тогаш, кога едно лице —
(a) поттикнува друго лице да го прекрши договорот за вработување или го попречува или поттикнува друго лице да го попречува неговото исполнување, или
(б) се заканува дека договорот за вработување според кој тоа или друго лице е вработено ќе биде прекршен или пак ќе се попречи неговото исполнување, или дека ќе поттикне друго лице да го прекрши договорот за вработување или да го попречи неговото исполнување,
А работодавачот од договорот за вработување не е работодавачот кој е страна на спорот.“
Одредбите за одржување на мирни собири се содржани во член 220 од Законот, кој предвидува:
„ (1) законито е за лице кое размислува да учествува или учествува во работен спор да присуствува—
(a) на неговото или во близина на неговото место на работа, или
(б) или доколку е претставник на синдикат, на место на работа или во близина на место на работа на член на синдикатот кој го придружува и кого го претставува,
Само за цел добивање или давање информации по мирен пат, или по мирен пат убедување на било кое лице да работи или да се прекине со работа.
(2) Ако некое лице работи или вообичаено работи—
(a) на повеќе од едно место, или
(б) на место чија локација е таква да присуство таму за целта спомената во подстав (1) е неизводливо,
Неговото место на работа во смисла на тој подстав ќе бидат било кои простории на неговиот работодавач од кои врши работа или од кои се управува неговата работа.“
20. И двете страни се повикуваат на претходниот законски режим, каде под законска заштита влегувал и штрајкот од солидарност. Владата објасни дека солидарниот штрајк прв пат бил забранет со Законот за синдикални спорови и синдикати од 1927 година, донесен после генералниот штрајк од 1926 година. Ситуацијата се променила со Законот за синдикални спорови и синдикати од 1947 година, во кој била укината забраната.
21. Во седумдесеттите години на минатиот век имало дополнителни реформи. Законот за синдикати и работни односи од 1974 година нудел значително поширока заштита на правото на штрајк отколку што е тоа со важечкиот закон. Во член 13(1) (изменет во 1976 година) предвидувал:
„Против акт извршен од лице кое размислува да учествува или учествува во синдикален спор нема да може да се поднесе тужба за деликтна одговорност само по основ на тоа — .
(a) дека поттикнува друго лице да прекрши договор или попречува или поттикнува друго лице да го попречува исполнувањето на тој договор; или
(б) дека опстојува во заканите дека договор (без разлика дали е тоа договор чија договорна страна е тоа лице или не) ќе биде прекршен или дека ќе се попречува неговото исполнување, или дека ќе поттикне друго лице да прекрши договор или да го попречува неговото исполнување.“
22. Оваа одредба била разгледувана од Домот на лордови во случајот Express Newspapers Ltd. v. MacShane and another ([1980] AC 672). Во случајот се работело за солидарен штрајк во секторот на печатените медими, воден од Националниот синдикат на новинари. Мнозинството на судии во Домот на лордови одлучило дека критериумот кој треба да се примени за да се утврди дали определен акт е под заштита на член 13(1) бил субјективен, што значи дека доволно било лицето искрено да мисли дека конкретниот акт може да потпомогне на залагањата на оние кои учествувале во спорот. Автентичноста на таквото мислење можела да биде испитана од судовите, но лицето кое свикува штрајк не требало да докаже дека со штрајкот разумно можело да се постигне саканата цел. Лордот Вилберфорс [Wilberforce] не се согласил во поглед на карактерот на критериумот, но се согласил со мнозинството на судии во поглед на заклучокот дека времената мерка против синдикатот треба да биде извршена.
23. Иако жалителот тврдеше дека пресудата во MacShane не е значајна промена во правото, затоа што со неа само се повтрдило толкувањето на јасно употребените зборови во законот, случајот бил споменат во текот на парламентарните дебати кои довеле до донесување на Законот за вработување од 1980 година како една од причините за воведување на ограничувања на солидарниот штрајк (во член 17 од тој Закон). Законот од 1980 година ја задржал заштитата на штрајкот од солидарност само ако се исполнети три услови: (i) дека е организиран против првите снабдувачи или потрошувачи на работодавачот во синдикалниот спор или против поврзани работодавачи кои го заменувале работодавачот во текот на спорот; (ii) дека негова главна цел е да го спречи или наруши обезбедувањето на добра или услуги помеѓу работодавачот во спорот и неговиот доставувач или потрошувач во текот на спорот; и (iii) и дека има изгледи дека со штрајкот ќе се постигне таа цел.
24. Актуелната норма првично била воведена со Законот за вработување од 1990 година, а потоа била повторно донесена со Законот од 1992 година со формулацијата наведена погоре.
25. Странките доставија статистички податоци за бројот на денови изгубени при одржување штрајк во Обединетото Кралство, почнувајќи од седумдесеттите години на минатиот век. Владата посочи дека во таа декада, просечниот број на изгубени денови бил 12.9 милиони. Овој број се намалил во осумдесеттите на просечно 7.2 милиони. Од почетокот на деведесеттите до денес, тој број е многу понизок, и изнесувал просечно700,000 денови изгубени годишно. Владата делумно тоа намалување го припиша на забраната за солидарен штрајк. Жалителот го оспори тоа толкување. Жалителот воочи дека достапните статистички податоци не правеле разлика помеѓу примарен и штрајк од солидарност. Затоа невозможно било да се утврди точниот обем на солидарните штрајкови пред 1980 година, и, оттука и да се утврди и влијанието на ограничувањата воведени во 1980 и 1990 година. Според жалителот, солидарниот штрајк бил релативно ретко применуван, поголемото мнозинство на организирани штрајкови во тоа време биле примарни. Жалителот се повика на официјалните бројки (содржани во публикација на Владата, “Employment Gazette”) кои посочувале дека, од шеесеттите години, Обединетото Кралство по изгубени денови поради штрајк било континуирано блиску до европскиот просек. Според тој извор, земјата била средно рангирана од крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Единствен исклучок била 1984 година, поради долотрајниот и масовниот штрајк во рударската индустрија кој се одржувал таа година. Владата истакна дека компаративните статистички податоци требало да се толкуваат со претпазливост, со оглед на длабоките промени во Европа во текот на последните 20 години. Фактот што Обединетото Кралство останало на ниво на европскиот просек во овој поглед посочувал дека, спротивно на ставот на жалителот, одредбите со кои се регулира штрајкот не биле толку рестриктивни да премногу го отежнуваат организирањето на штрајкови.
III. РЕЛЕВАНТНО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО
26. Во поткрепа на жалбата, жалителот се повика на инструментите од меѓународното право и на начинот на кој тие се толкуваат од надлежните органи. Најрелевантните и најдеталните документи се споменати подолу во текстот на пресудата.
A. Конвенции на Меѓународната организација на трудот
27. Иако нема одредба во Конвенциите усвоени од Меѓународната организација на трудот со кои изречно се признава правото на штрајк, и Комитетот за слобода на здружување и Комитетот на експерти за примена на конвенцијата и препораките („Комитетот на експерти“) постепено развија повеќе начела за правото на штрајк, засновани на член 3 и член 10 од Конвенцијата за слобода на здружување и заштита на правото на организирање од 1948 година (бр.87) (резимирани во Глобализација со човечки лик [Giving globalisation a human face], Meѓународна организација на трудот, 2012 година, параграф 117). Оваа Конвенција била ратификувана од Обединетото Кралство на 27 јуни 1949 година.
1. Обврски за писмено известување
28. Комитетот на експерти неколку пати коментирал за обврските за писмено известување за организирање на штрајк во Обединетото Кралство. Жалителот се повика на следниот коментар, усвоен во 2008 година:
„Во своите претходни коментари, Комитетот ги воочи коментарите дадени од Конгресот на синдикати дека обврските за писмено известување за организирањето на штрајк да биде заштитено биле неоправдано оптоварувачки. Комитетот воочува дека според Владата, повеќе мерки биле веќе преземени со цел да се поедностават членовите 226–235 oд Законот за синдикати и работни односи и 104–109 oд наредбата, дотолку повеќе, како дел од планот објавен во декември 2006 година за поедноставување на определени аспекти од работничкото право, Владата изречно ги повика синдикатите да дадат нивни идеи за дополнително поедноставување на синдикалните закони. Оттогаш, Владата има одржано разговори со Конгресот на синдикати за испитување на нивните цели за симплифицирање на определени аспекти на законот во врска со гласањето и писменото известување за одржување на штрајк. Овие разговори сѐ уште траат. Комитетот забележува дека во неговите најнови коментари, Конгресот на синдикати воочува дека немало напредок во оваа реформа. Комитетот бара Владата во следниот извештај да го посочи постигнатиот напредок во овој поглед.”[1]
29. Неодамна, во директно барање до британската Влада, Комитетот на експерти кажал:
„Во своите претходни коментари, Комитетот ги воочил коментарите доставени од Конгресот на синдикати (КС) дека обврските за писмено известување на работодавачот, за организирањето на штрајк да биде заштитено биле неоправдано оптоварувачки. Комитетот побара Владата да продолжи да доставува информации за било какви промени, како и релевантни статистички податоци или извештаи за практичната примена и дејството на тие обврски. Комитетот го воочува известувањето на Владата дека со одлуката на Апелациониот суд во РМТ против Serco и АСЛЕФ против Лондон Мидленд (2011) EWCA 226, биле преиначени времените мерки донесени по барање на Serco и Лондон Мидленд Реилвеј против двата главни национални синдикати во транспортот, РМТ и АСЛЕФ. Во двата случаи, времените мерки биле издадени поради прекршување од страна на синдикатите на законските одредби за процедурите за гласање и писмено известување. Овој случај бил последен во низата на случаи во кои се оценува степенот на техничките обврски на синдикатите за да се гарантира дека се одржел фер процес на гласање. Во одлуката во РМТ против Serco, Апелациониот суд дал неколку клучни појаснувања така што во иднина е поверојатно дека ќе биде потешко работодавачот да добие времени мерки со кои се забранува штрајк како последица на прекршување на обврските во поглед на гласање и писмено известување. Одлуката на Апелационен суд е правно обврзувачка за сите пониски судови. После тој случај, во Balfour Beatty v. Unite (2012) EWHC 267 (QB), Судот одлучил против Balfour Beatty, земајќи го предвид случајот Serco како и потребата да се воспостави рамнотежа помеѓу стремежите за демократски легитимитет и наметнување на нереалистичен товар врз синдикатите и нивните претставници. Комитетот ја нотира забелешката на КС дека, иако ги поздравува двете одлуки, смета дека со нив не се решаваат во целост проблемите кои утврдил дека произлегуваат од законот и дека законот и натаму наметнува преголеми барања врз синдикатите. Комитетот со интерес ги следи овие промени и бара Владата да достави свои коментари во поглед на забелешките истакнати од КС.“[2]
2. Штрајк од солидарност
30. Во поглед на штрајкот од солидарност, Комитетот на експерти го зазел следниот став:
„Во однос на таканаречените штрајкови од ‘сочувствување’, Комитетот смета дека општа забрана на овој облик на штрајк може да доведе до злоупотреба, посебно во контекст на глобализацијата карактеризирана со зголемена меѓусебна зависност во производството, и дека работниците треба да имаат можност да организираат таков штрајк, под услов иницијалниот штрајк кој го поддржуваат да биде законит.“
(Глобализација со човечки лик, op. cit., параграф 125).
31. Комитетот за слобода на здружување исто така смета дека овој вид на штрајк е заштитен со меѓународното трудово право:
„Општа забрана на солидарен штрајк може да доведе до злоупотреба и работниците треба да можат да преземат такви мерки , под услов иницијалниот штрајк кој го поддржуваат да биде законит.“
„Забрана на штрајк кој не е поврзан со колективен спор во кој работникот или синдикатот учествува, е спротивна на начелата на слобода на здружување.“
(Слобода на здружување, Краток приказ на одлуките и начелата на Комитетот за слобода на здружување на управувачкиот орган на МОТ, петто (изменето) издание, Меѓународна канцеларија на трудот, 2006 година, параграфи 534 и 538).
32. При испитувањето на почитувањето на Конвенцијата бр.87 од страна на Обединетото Кралство, Комитетот на експерти повеќе пати го критикувал фактот што штрајкот од солидарност бил забранет со закон. Првичната критика била дадена во забелешките од 1989 година[3] за Обединетото Кралство:
„Комитетот воочува дека согласно прецедентното право речиси сите видови на штрајк или друг вид синдикални мерки ги прави за незаконски од аспект на граѓанско право. Тоа значи дека работниците и синдикатите кои ќе се вклучат во такви дејствија може да бидат тужени за надомест на штета од работодавачите (или други страни) кои претрпеле загува како последица од тие мерки, и (поважно во практична смисла) може да бидат ограничени во извршувањето на незаконити акти со времени мерки (издадени со ограничено и неограничено траење). На Комитетот му се чини дека неограничениот пристап до такви правни лекови на работниците би им го оневозможил правото на штрајк или на други синдикални мерки преземени со цел да ги заштитат и унапредат нивните економски и социјални интереси.
Затоа, најважно е работниците и синдикатите да имаат определен степен на заштита од деликтна одговорност. Постои законодавна потврда на овој императив од 1906 година во облик на низа ‘имунитети’ (или попрецизно ‘заштита’) од тужби за делииктна одговорност за синдикатите и нивните членови и претставници. Актуелната верзија на ‘имунитетите’ се наоѓа во Законот за синдикати и работни односи од 1974 година.
Опсегот на овие заштитни одредби беше намален во повеќе аспекти од 1980 година. Комитетот, на пример, воочува дека член 15 од Законот од 1974 година беше изменет на начин да се ограничи правото на мирен собир само на работно место на работникот, или во случај на претставник на синдикат, на работното место на релевантниот член кој го придружува, додека пак член 17 од Законот од 1980 година ја брише заштитата за ‘солидарен штрајк’ во смисла на мерка насочена против работодавач кој не е директно страна во конкретен синдикален спор. Понатаму, дефиницијата на ‘синдикален спор’ во член 29 од Законот од 1974 година беше ограничена па вклучува само спорови помеѓу работниците и нивниот работодавач, а не спорови помегу ‘работодавачи и работници’ воопшто или ‘работници и работници’ генерално како штто претходно било случај.
Ако се погледнат заедно, со овие измени се чини дека е речиси невозможно работниците и синдикатите законски да преземат било каков вид на активност на бојкот, или ‘солидарен’ штрајк против страни кои не се директно инволвирани во даден спор. Комитетот никогаш нема дадено став во поглед на употребата на бојкот како начин на остварување на правото на штрајк. Сепак, на Комитетот му се чини дека кога бојкотот е директно поврзан со социјалните и економските интереси на засегнатите работници во првичниот или/и солидарниот штрајк, и кога иницијалниот спор и мерката преземена од солидарност не се незаконити, тогаш тој бојкот треба да се смета за легитмно вршење на правото на штрајк. Јасно е дека тој е во согласност со пристапот кој Комитетот го применува во поглед на ‘солидарни штрајкови’:
Се чини дека почестото прибегнување кон овој вид на штрајк (солидарен штрајк) е резултат на структурата или концентрациите на индустриите или поделбата на центрите за работа во различни региони во светот. Комитетот смета дека генерална забрана на солидарен штрајк би можела да доведе до злоупотреба и дека работниците треба да можат да преземат такви мерки, под услов иницијалниот штрајк кој го поддржуваат да биде законит.“
33. Се чини дека Комитетот на експерти не зазел дефинитивен став за забраната до неговите забелешки за Обединеотот Кралство од 1995 година, кога го забележал следното:
„Комитетот го свртува вниманието на Владата кон параграф 168 од неговото Генерално истражување за слободата на здружување и колективно преговарање од 1994 година каде посочува дека генералната забрана на солидарни штрајкови би можела да доведе до злоупотреба и дека работниците треба да можат да преземат такви мерки, под услов иницијалниот штрајк кој го поддржуваат да биде законит. Одземањето на заштитата за таква синдикална мерка дозволува таа да може да биде предмет на тужба за деликтна одговорност и затоа може да претставува сериозна пречка за правото на работниците да организираат штрајкови од солидарност.“
Комитетот го задржал тој став, велејќи во своето најново испитување на ситуацијата (забелешка од 2012 година):
„Заштита во поглед на деликтна одговорност за штрајк и други синдикални мерки (член 223 и 224 од Законот за синдикати и работни односи): Во своите претходни коментари, Комитетот воочил дека според Конгресот на синдикати (КС) поради децентрализираната природа на системот на работни односи, суштински важно било работниците да можат да преземат мерки против нивните работодавачи кои лесно може да поткопаат било каква синдикална мерка преку сложени корпоративни структури, пренесување на работни задачи, или со поделба на компании. Комитетот генерално ја истакнува потребата за заштита на правото на работниците да преземат синдикални мерки во врска со прашања кои нив ги засегаат, иако во определени случаи, директниот работодавач не е страна на спорот, и да учествуваат во солидарни штрајкови под услов иницијалниот штрајк кој го поддржуваат да биде законит. Комитетот го воочува известувањето на Владата дека (1) нејзиниот став останува оној кој е наведен во нејзиниот извештај за 2006‑2008 година, дека образложението не се променило и дека затоа нема планови да го промени законот во оваа област; и (2) ова прашање е дел од случај поднесен до ЕСЧП од страна на Националниот синдикат на железнички, поморски и транспортни работници [National Union of Rail, Maritime and Transport Workers] (РMT) и дека Судот допрва ке одлучува за случајот. Комитетот потсетува на загриженоста која ја истакна претходно дека глобализацијата на економијата и преместувањето на центрите за работа може да имаат сериозно влијание врз правата на организациите на работниците да ги организираат нивните активности на начин да ефикасно ги бранат интересите на нивните членови доколку законитите синдикални мерки се пререстриктивно дефинирани. Во овие околности, Комитетот уште еднаш бара Владата да ги преиспита член 223 и 224 од Законот за синдикати и работни односи, со целосна консултација со социјалните партнери, и да достави дополнителни информации во својот нареден извештај во врска со исходот од тие консултации.”[4]
(Извештај на Комитетот на експерти до Меѓународната конференција на трудот, 102 заседание, 2013, ILC.102/III(1A), стр. 195-196).
Б. Европска социјална повелба
34. Правото на штрајк е заштитено со член 6, став 4 од Европската социјална повелба, која Обединетото Кралство ја ратификувало на 11 јули 1962 година. Со тој член се предвидува:
„ Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на колективно преговарање, страните- договорнички се обврзуваат:
...
да го признаат:
4. правото на работниците и работодавачите на заеднички акции во случај на судири на интересите, вклучувајќи го и правото на штрајк, кое е ограничено со обврските што би можеле да произлезат од важечките колективни договори.“
1. Обврски за писмено известување
35. Европскиот комитет за социјални права (ЕКСП) ги анализирал британските одредби за одржување на гласање за одржување на штрајк и ги ценел за некомпатибилни со правилното остварување на правото на штрајк. Во неговото најново оценување на ова прашање (заклучоци XIX-3, 2010 година) Комитетот кажал:
„Комитетот сметал во неговите претходни заклучоци ... дека обврската на работодавачот да му се даде писмено известување дека ќе се спроведе гласање за одржување на штрајк, покрај известувањето за одржување на штрајк кое мора да биде дадено пред преземањето на мерки, е прекумерна (дури и поедноставените обврски воведени со Законот за работни односи (ERA)2004). Со оглед на тоа дека нема промени на ситуацијата, Комитетот го повторува својот заклучок дека во овој поглед ситуацијата не е во согласност со член 6, став 4 од Повелбата.“
2. Штрајк од солидарност
36. Како и Комитетот на експерти на МОТ, ЕКСП континуирано ја критикувал ситуацијата во Обединетото Кралство. Првиот пат кога го анализирал прашањето (Заклучоци XIII-1, 1993 година), ЕКСП кажал:
„Повикувајќи се на извештајот, Комитетот ги воочи опсервациите на Владата во врска со ограничувањата на правото на штрајк, воведени со Законот за вработување од 1990 година. Поконкретно, Комитетот воочи дека иако Владата ја нагласи важноста на заштитата на правото на работодавачите да ги отпуштат оние кои учествуваат во штрајк, таа нагласи дека законот и натаму:
(i) дозволува посебна заштита за мирни собири на работното место на работникот;
(ii) дава законска заштита од тужби за учество во мирни и законити собири;
(iii) предвидува законска заштита од тужби за законити синдикални спорови.
Комитетот исто така ги воочи неодамнешните забелешки на Комитетот на експерти на МОТ во кои се препорачува законот да биде изменет за да биде во согласност со начелото на слобода на здружување според Конвенцијата на МОТ бр. 87 (Слобода на здружување и заштита на правото на организирање, 1948 година).
Со оглед на овие информации и воочувајќи дека нема заштита на поединци за:
- солидарни синдикални мерки освен поттикнување во текот на мирни собири;
- синдикални мерки преземени во поддршка на работници отпуштени додека учествуваат во неофицијални акции;
Комитетот го повторил својот негативен заклучок од причините цитирани во дванаесеттиот надзорен циклус (Заклучоци XIII-I, период 1990-1991 година).“
37. Во последната одлука по прашањето (Заклучоци XIX-3, 2010 година) ЕКСП кажал:
„Во своите претходни заклучоци ... Комитетот заклучи дека законитите колективни мерки биле сведени на спорови помеѓу работниците и нивниот работодавач, на тој начин спречувајќи синдкати да преземат мерки против де факто работодавач доколку тој не бил непосреден работодавач. Комитетот понатаму забележал дека британските судови исклучувале синдикални мерки во поглед на иден работодавач и идни договорни услови за работа во контекст на пренесување на дел од компанија ((University College London NHS Trust v UNISON). Комитетот затоа сметал дека опсегот во кој работниците може да ги бранат своите интереси преку законити колективни мерки бил прекумерно ограничен во Обединетото Кралство. Со оглед на тоа дека нема промени во ситуацијата, Комитетот го повторува својот заклучок дека ситуацијата не е во согласност со член 6, став 4 од Повелбата во овој поглед.“
В. Повелба за основните права на Европската унија
Следните одредби се релевантни:
„член 12
Слобода на собирање и здружување
1. Секој има право на слобода на мирно собирање и слобода на здружување на сите нивоа, особено во врска со политички, синдикални и граѓански прашања, што го подразбира правото на секој да може да основа синдикати и да им пристапува заради заштита на своите интереси.
...
член 28
Право на колективно договарање и дејствување
Работниците и работодавачите, или нивните односни организации, имаат, во согласност со законите на Заедницата и законите и практиките на државите, право да преговараат и склучуваат колективни договори на соодветните нивоа и, во случаите на судир на интереси, да преземаат колективна мерка во одбрана на своите интереси, вклучително и стапување во штрајк.“
Член 28 се наоѓа во поглавје IV oд Повелбата. Што се однесува на протокол (бр. 30) кон Договорот за функционирање на Европската унија, во делот кој е релевантен, превидува:
„член 1
...
2. Особено, и заради избегнување на сомневањата, ништо од она што е содржано во Наслов IV од Повелбата не создава права за кои може да одлучува судот и кои се применливи за Полска или за Обединетото Кралство, освен ако Полска или Обединетото Кралство не предвиделе такви права во своите национални права.“
IV. КОМПАРАТИВНИ МАТЕРИЈАЛИ
38. Странките доставија определени документи од компаративно право во врска со штрајкот на солидарност. И двете страни се повикаа на компаративна студија за регулирањето на штрајкот во Европа (Правила за штрајк во во ЕУ 27 и други земји, споредбена анализа [Strike rules in the EU 27 and beyond, A comparative overview][5], W. Warneck, European Trade Union Institute for Research, Education and Health and Safety, 2007 година). Според овој извор, штрајкот од солидарност е заштитен или дозволен, со примена на различни ограничувања и услови, во големото мнозинство на земји членки на Европската унија. Австрија, Луксембург и Холандија беа идентификувани како држави кои како и Обединетото Кралство не дозволуваат штрајк од солидарност.
39. Во своите првични опсервации, Владата настојуваше да извлече поддршка за ситуацијата во Обединетото Кралство повикувајќи се на ситуацијата во следните држави: Шпанија, Холандија, Италија, Австрија, Норвешка, Данска и Германија. Tаа тврдеше дека овие примери покажувале тенденција во повеќе земји во Европа за солидарниот штрајк да важат порестриктивни услови отколку во однос на примарен штрајк. Жалителот на тоа одговори доставувајќи до Судот изјави од ескперти по трудово право во повеќе европски земји кои се спротивни на забелешките на Владата. Жалителот заклучи дека во овој поглед Обединетото Кралство има најрестриктивни одредби од сите држави договорни страни на Конвенцијата. Владата пак заклучи дека документите покажувале дека, и покрај разноликоста на системите на работни односи и традиции во Европа, повеќето земји правеле разлика помеѓу примарен и солидарен штрајк, при што вториот вид на штрајк бил подложен на поголеми ограничувања. Широката дефиниција на правото на која се повикувал жалителот според Владата, не била поткрепена со консензус помеѓу европските земји.
40. Судот воочува дека компаративни податоци се достапни од механизмот за мониторање предвиден со Европската социјална повелба[6]. Како што беше посочено погоре во пресудата, Комитетот за социјални право повеќе пати ја критикувал ситуацијата во Обединетото Кралство, кое се чини дека е единствена држава за која има критики поради таа конкретна причина. Комитетот исто така коментирал во последните години за законитоста на солидарниот штрајк (понекогаш користејќи го терминот штрајк од „сочувство“ или „солидарност“) во следните држави: Бугарија, Хрватска, Република Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Малта, Норвешка, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија и Шведска. Во однос на другите три држави за кои во анализата на Waneck се утврдува дека не дозволуваа солидарен штрајк, Судот воочува дека ЕКСП не ја критикувал ситуацијата во Холандија по овој основ. Исто така комитетот не коментирал воопшто за ситуацијата во Австрија и Луксембург, затоа што ниту една од тие држави го нема прифатено член 6, став 4 од Социјалната повелба.
41. Дополнителни компаративни податоци се достапни од публикациите и правните бази на податоци ан МОТ. На пример, Комитетот на експерти се повикал на отстранувањето на забраната на солидарен штрајк од турскиот Устав (Глобализација со човечки лик, op. cit., параграф 125). Комитетот на експерти, при неговото испитување на имплементацијата на Конвенцијата бр. 87 од страна на државите, исто така споменал дека солидарниот штрајк е законит во Албанија, Грузија и Латвија. Комитетот за слобода на здружување се повикал на штрајкот на солидарност во Унгарија (жалба бр. 2775), и воочил дека рускиот закон ниту изречно предвидувал ниту пак забранувал таков штрајк (жалба бр. 2251).
Понатаму, Судот воочува дека во швајцарското право штрајкот е дозволен ако „се однесува на работни односи“ (член 28, став 4 од Уставот). Според еден коментар на Уставот, штрајкот мора да се однесува на условите за работа, а не да служи за остварување на корпоративни или политички цели надвор од компанијата или нејзината подружница (Droit constitutionnel Suisse [Швајцарско уставно право], том II, Auer, Malinverni и Hottelier стр. 723).
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 11 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
42. Жалителот истакна дека двете ситуации опишани погоре во пресудата, во врска со законските обврски за доставување на писмено известување дека ќе се спроведе гласање за организирање на штрајк како и одредбите во врска со штрајкот од солдидарност, покажувале престроги ограничувања на слободата на здружување од член 11 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања врз остварувањето на ова право од страна припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.“
43. Владата го оспори тој аргумент.
44. Судот последователно ќе ги разгледа двете ситуации опишани од жалителот како и одделните прашања од Конвенцијата кои се отвораат со секоја од тие ситуации одвоено.
A. Допуштеност
1. Писмено известување дека ќе се одржи гласање за одржување на штрајк
45. Во однос на првиот жалбен навод, кој не беше комунициран до Владата, Судот смета дека е недопуштен од следната причина. Од практичниот пример доставен и опишан од жалителот, произлегува дека иако синдикатот претрпел определено одолговлекување при преземањето мерки за заштита на интересите на неговите членови, тој успеал да организира штрајк два месеца покасно. Како што кажа и самиот жалител, тој штрајк ја принудил ЕДФ да ја подобри својата понуда до членовите на синдикатот, кои ја прифатиле и која станала правно обврзувачка во форма на колективен договор набрзо после тоа. Не би било природно Судот да го анализира издавањето на времената мерка против РМТ изолирано од настаните кои следеле. Накусо, нема основа за Судот да заклучи дека имало мешање во остварувањето на правата на жалителот од член 11 од Конвенцијата, покрај фактот дека жалителот бил должен да ги исполни процедуралните обврски предвидени со закон, што и успеал да стори. Иако тие обврски се предмет на критика на други меѓународни тела (видете под дел III во поглед на фактичката состојба, погоре), Судот може да разгледува жалбени наводи само во однос на конкретни факти. Судот смета дека она што ситуацијата во ЕДФ открива е дека на крајот имало успешна колективна мерка на жалителот во име на неговите членови. Затоа овој дел од жалбата е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен како недопуштен по основ на член 35, став 3 (а) и став 4 од Конвенцијата.
2. Штрајк на солидарност
46. Во поглед на вториот аспект на жалбата, првото прашање за допуштеност произлегува од фактот што жалителот за истиот случај се жалел до Комитетот за слобода на здружување на МОТ. Тоа се случило откако жалителот изјавил жалба до Судот, а РМТ во својата жалба ја декларирал својата намера да се обрати до Комитетот за слобода на здружување. Со допис од 6 јуни 2013 година жалителот го извести Судот дека „ја повлекува [жалбата до Комитетот] без можност за отповикување“. Владата истакна дека поднесувањето на две жалби до меѓународни тела и останувањето на тие жалби паралелно повеќе години, и потоа повлекувањето на една од нив било со цел да се стекне тактичка предност пред Судот, треба да се смета за злупотреба на правото на жалба. Таа додаде дека член 35, став 2 (б) од Конвенцијата (текстот е наведено во параграф 48 подолу во пресудата) не треба да се толкува на начин да неговото дејство се ограничува стриктно на случаи каде жалителот веќе се жалел за конкретниот случај пред друго меѓународното тело. Според Владата, таквото буквално толкување би било спротивно на целата на таа одредба, затоа што би му допуштила на жалител да се жали на случајот до Судот, и потоа, уште наредниот ден, да се жали за истиот случај пред друго меѓународно тело.
47. Жалителот одговори дека Владата цело време била запознаена со постоењето на жалбата до Комитетот за слобода на здружување, со оглед на тоа дека доставила официјален одговор до МОТ во јули 2011 година. Во тој одговор всушност се споменувало постоењето на оваа жалба пред Судот, со право воочувајќи дека РМТ дал јасен приоритет на постапката пред Судот. Тоа било така затоа што Обединетото Кралство едноставно ги игнорирало критиките истакнати од релевантните органи на МОТ, додека пак би било должно да изврши пресуда на Судот донесена во полза на жалителот. Повлекувањето на жалбата поднесена до МОТ, пред да биде донесена одлука од Комитетот за слобода на здружување, значело дека изгледите дека ќе има повеќе меѓународни постапки во врска со истиот случај биле укинати.
48. Член 35, став 2(б) oд Конвенцијата:
„2. Судот нема да прифати никаква индивидуална жалба поднесена врз основа на членот 34, кога
б) кога во суштина е иста како и жалба што Судот претходно ја разгледувал или која веќе била доставена до друга меѓународна истражна или судска инстанца, и доколку не содржи никакви нови релевантни информации.“
Како што е утврдено во судската практика на Судот, оваа одредба не се однесува само на ситуации кога жалителот веќе се обратил до друго меѓународно тело за истиот случај. Судот има одлучено дека не е одлучувачки датумот на преземање на таа мерка, туку дали веќе била донесена мериторна одлука во моментот кога Судот го разгледува случајот (Пералди против Франција (одлука), бр. 2096/05, 7 април 2009 година). Tоа не се случило во случајот кој е сега предмет на разгледување (за разлика од ПОА и други против Обединетото Кралство (одлука), бр. 59253/11, 21 мај 2013 година, каде синдикатот жалител веќе имал доставено идентична жалба до Комитетот за слобода на здружување, кој имал донесено мериторна одлука). Судот воочува дека жалителот уште од самиот почеток на ја прикрил својата намера да се обрати до друго меѓународно тело (види a contrario Сереседа Мартин и други против Шпанија [Cereceda Martin and Others v. Spain], бр. 16358/90, 12 октомври 1992 години, Одлуки и извештаи 73, стр. 133). Неговата одлука на крајот да ја повлече таа жалба како мерка на претпазливост не може да се смета за злоупотреба на правото на жалба во мисла на член 35, став 3 (a) oд Конвнцијата. Судот затоа го отфрла претходниот приговор на Владата по овој основ.
49. Владата понатаму истакна дека жалбениот навод во врска со штрајкот на солидарност треба да се отфли како очигледно неоснован. Таа сметаше дека немало повреда, дури ни мешање во правото на жалителот на слобода на здружување затоа што член 11 не давал никакво право на организирање на таков штрајк. Всушност, јасно било од самата формулација на одредбата дека превидувала колективни мерки на работниците за заштита на нивните сопствени интереси. Кај штрајковите на солидарност, кои не биле ништо повеќе од искажување солидарност со друга група на работници, ја немало потребната врска помеѓу колективните мерки и директните интереси на лицата кои учествуваат во нив. Од фактите на случајот, според Владата не произлегувало дека ситуацијата на членовите на РМТ вработени во Хидрекс имала било какво реално влијание врз ситуацијата на нивните синдикални колеги вработени во Џарвис. Доколку се остварела слична закана за интересите на вработените во Џарвис, тие би можеле да одржат штрајк, како што направиле и членовите на РМТ вработени во Хидрекс.
50. Жалителот го отфрли толкувањето на член 11, став 1 од страна на Владата како премногу рестриктивно.
51. Судот смета дека претходниот приговор на Владата по овој втор основ отвора прашање на толкување на Конвенцијата кое не може да биде соодветно разрешено во фазата на разгледување на допуштеност на жалбата. Затоа одлучувањето по овој приговор го приклучува кон испитувањето на основаноста на жалбата.
52. Со оглед на тоа што делот од жалбата кој се однесува на штрајк на солидарност не е недопуштен по ниту еден друг основа, тој мора да се прогласи за допуштен.
Б. Основаност на жалбата [мериторно одлучување]
1. Аргументи на странките
(a) Синдикатот жалител
53. Жалителот тврдеше дека забраната на штрајкот на солидарност го ограничувала неговиот капацитет ефикасно да ги заштити неговите членови вработени во Хидрекс од драстична промена на договорните услови. Доколку било возможно да се организира штрајк на солидарност во Џарвис, било многу веројатно дека Хидрекс би се откажал од менување на работите кон полошо. Со оглед на тоа дека имало многу малку членови на синдикатот жалител вработени во Хидрекс, ефектот од штрајкот бил занемарлив. Исто така според жалителот, многу ограничената можност за мирни собири не правела голема разлика. Ревидираната понуда доставена од управата, и покрај тоа што била претставена во позитивно светло од страна на синдикалното раководство, била едногласно отфрлена како во целост неадекватна од страна на вработените кои гласале. Жалителот кажа дека штрајк одржан од неговите членови вработени во Џарвис би бил мотивиран не само од солидарност со членови на синдикатот кои биле нивни поранешни колеги, туку исто така и од грижата да ги зачуваат нивните договорни услови. Со оглед на високо компетитивната средина во која работеле, одлуката на една компанија да ги намали трошоците за персонал можела да доведе до слични намалувања во компаниите кои биле конкуренти. Според жалителот, како што ситуацијата во Хидрекс покажала, било едноставно компанијата да ги отпушти работниците и потоа повторно да ги вработи под понеповолни услови. Забраната за штрајк на солидарност имала за последица укинување на можноста на преземање на синдикални мерки во име на сите членови на синдикатот кои работат во даден сектор, а на штета на сите такви работници. Од 1980 година па натака, имало значително и постојано намалување на улогата на колективните договори во британската економија, со што било уште поважно да се дозволи синдикатите да постапуваат во име на нивните членови, штитејќи ги оние кои се послаба позиција. Според жалителот, само во периодот пред 1980 година правото на штрајк на солидарност било соодветно заштитено во домашното право. Владата во тоа време не сметала дека е потребно да го ограничи тоа право. Според жалителот, јасна цел на законите од 1980 и 1992 година била да се загрози улогата и влијанието на синдикатите, оставајќи ги работниците во послаба позиција. Наводите на Владата дека штрајковите наштетиле на економијата во седумдесеттите и осумдесеттите години не биле поткрепени со докази, и дотолку повеќе биле претерани и неточни. И покрај непостоењето на било какви реални докази, синдикатите биле неоправдано обвинети за економските проблеми во Велика Британија во текот на над 30 години, и од таа причина тие биле подложени на многу рестриктивни закони.
54. Во поглед на аргументот на Владата дека штрајкот на солидарност, по својот карактер, имал за последица вплеткување на други работници во синдикални спорови во кои тие не биле страна и над кои немале контрола, жалителот истакна дека тие согледувања биле ирелевантни за конкретниот случај. Жалителот само би ги повикал вработените во Џарвис, што би било доволно да ја натера комапнијата Хидрекс да не ги променува важечките договорни услови. Во секој случај, аргументите на Владата за нарушувачките последици од штрајковите на солидарност и ризикот кој тие го создавале за правата од Конвенцијата на трети страни (мешање во компании, закани за заработувачката, дури – во екстремни ситуации – за животот и здравјето), жалителот ги отфрли како генерализирање. Според него, постоеле доволно заштитни механизми во други правни области, вклучително и во кривичното право. Затоа, немало оправдување за целосна забрана на штрајкот на солидарност. Можноста за организирање на мирни собири, како што покажувале фактите во случајот, немала влијание, со неа не се ублажувале непропорционалните последици од забраната на штрајкот на солидарност.
55. Повикувајќи се на неколку пресуди и одлуки на Судот во случаи поврзани со синдикати, жалителот тврдеше дека организирањето на штрајк само по себе мора да се смета за суштински елемент на слободата на здружување кој државите мора да го почитуваат. Како алтернативен аргумент, жалителот истакна дека со оглед на тоа дека Судот ги има идентификувано колективните преговори како суштински елемент на синдикалните права, мора логички да следи дека правото на штрајк било подеднакво важно, затоа што без заканата за штрајк, колективните преговори би ја изгубиле сета ефикасност и ќе биле во основа „колективно молење“. Затоа, забраната на штрајкот на солидарност ја повредувала суштината на слободата на здружување. Тоа можело да се прифати само ако има докази за навистина убедливо оправдување. Според жалителот, државата морала да исполни строг критериум на неопходност, со само ограничен простор за слободна оцена [margin of appreciation], подложен на многу строга контрола од страна на Судот.
56. Жалителот го повика Судот да отфрли секакво рестриктивно толкување на концептот на синдикална слобода на здружување кое би било сведено на заштита на стриктно лични интереси на поединечни работници. Taквото толкување би ја осиромашило суштината на член 11. Според жалителот, во многуте случаи поврзани со штрајк за кои одлучувал Судот, тој никогаш не давал било каква важност на интересите на работниците во конкретниот спор. Жалителот истакна дека било сосема легитимно да се организира штрајк за поопшти, заеднички цели. Синдикалното движење било во суштина засновано околу солидарност помеѓу членовите на синдикатот и генерално помеѓу работниците, формулацијата на член 11 треба да биде толкувана во согласност со таа суштина. Работниците требало да можат да организираат штрајк за заштита на оние кои можеби се спречени да го сторат тоа, или, кои сами по себе, ја немаат колективната сила да ги одбранат своите интереси на работа. Ова широко сфаќање на слободата на здружување било прифатено од двете најеминентни меѓународни тела во областа на синдикални права, Комитетот на експерти на МОТ и ЕКСП. И двете тела континуирано го критикувале Обединетото Кралство за забраната на штрајкот на солидарност, која ценеле дека е некомпатибилна со релевантните меѓународни правни стандарди. Тие меѓународни стандарди биле толкувани на начин да единствен прифатлив услов кој би можел да се наметне на штрајкот на солидарност е примарниот штрајк да биде законит. Жалителот го повика Судот да го прифати истиот став. Доколку тоа се оценело како прешироко, можел да се предвиди критериум на блискост, што значи обврска за постоење на некаква врска помеу работниците кои учествуваат во примарниот штрајк и оние кои штрајкуваат од солидарност со нив. Во овој случај постоела таква врска, затоа што групата на засегнати работници најпрво работеле во Џарвис и продолжиле да вршат ист вид на работа на истите локации откако биле пренесени во другите компании. Влошување на нивните договорни услови можело да има негативни последици за сите работници во тој сектор. Во современата економија, работната сила станувала сè пофрагментирана преку преземање на претрпријатија или нивен дел, создавање сложени корпоративни структури, работа преку агенции, приватзација, давање на услуги на подизведувачи, лажно самоработување и така натака. Тоа довело до ситуација во која лица кои вршат ист вид на работа на исто работно место да може да имаат различни работодавачи, што значи дека тие не можат правно едни со други да се поддржуваат кога постои синдикален спор.
57. Со својата апсолутна забрана за штрајк на солидарност, Обединетото Кралство било дел од многу мало малцинство на европски земји кои имаат таков екстремен став. Пристапот прифатен од големото мнозинство на европски држави, и покрај разликите помеѓу нив во областа на работни односи генерално, бил пристап на дозволување на таков вид на штрајк. Според жалителот, тоа значело постоење на европски консензус по ова прашање.
(б) Владата
58. Владата не ја прифати верзијата на ситуацијата во Хидрекс претставена од жалителот. Владата воочи дека, согласно домашното право, групата на поранешни работници од Џарвис и натаму ги задржале договорните услови на вработување и по нивното преземање, и дека тоа траело две години. Во тој момент, како што се гледало од документите доставени од жалителот, финансиските проблеми кои ги имала компанијата ја натерале да предложи нови, понеповолни договори на засегнатите лица. Жалителот ги бранел нивните интереси преку нивно застапување и на крај преку штрајк кој довел до подобра понуда. Иако таа понуда била одбиена, и жалителот сега ја опишувал како неадекватна, во тоа време таа била поддржана од генералниот сектретар на РМТ, кој сметал дека штрајкот е успешен и ги повикал членовите на синдикатот да гласаат за нејзино прифаќање.
59. Што се однесува на членовите на РМТ работници на групата Џарвис, Владата посочи дека, спротивно на шпекулациите на жалителот, немало докази за било какви мерки на работодавачот за влошување на нивните договорни услови, како што било направено од Хидрекс. Овие две компании не биле поврзани. Доколку имало било какви чекори во насока на такви промени, жалителот би можел слободно да организира штрајк на работниците на Џарвис за заштита на нивните интереси.
60. Владата истакна дека правото на штрајк било соодветно заштитено во домашното право. Сè додека штрајкот бил организиран во согласност со релевантните законски одредби, работникот бил заштитен од отпуштање, а синдикатот не можел да биде тужен за деликтна одговорност. Домашните судови одлучиле дека законскиот режим бил во согласност со член 11, согласно тоа како е толкуван од Судот (види случај Metrobus, цитиран погоре во параграф 11 погоре). Владата појасни дека Парламентот се погрижил да осигура дека општата забрана на штрајкот на солидарност не го ограничува примарниот штрајк - штрајкот на солидарност би бил законит доколку истовремено претставувал примарен штрајк во однос на друг спор (член 224(5) oд Законот од 1992 година). Понатаму, на лицата кои учествуваат во штрајк им било дозволено да организираат мирни собири на нивното работно место или во негова близина со цел на мирен начин да ги убедат другите да престанат со работа.
61. Според Владата, актуелната законска рамка настанала како реакција на големи нарушувања на британската економија предизвикани со масовните штрајкови на солидарност во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Пред донесувањето на Законот за вработување од 1980 година, синдикатите имале широко овластување да организираат штрајк на солидарност, со многу штетни последици за компаниите и работната сила, како и за пошироката јавност. Спор во еден сектор на економијата можел многу брзо да се прошири во други, вмешувајќи трети страни кои немале интерес во судирот и немале реални средства за негово решавање. Колку биле попустливи законите во тоа време станало сосема јасно во случајот MacShane. Владата во тоа време сметала дека тоа треба да биде ограничено и во парламентарните дебати имало многу примери на штета и нарушување предизвикани од неограничени штрајкови на солидарност. Десет години покасно, Владата сметала дека дури и во неговата порестриктивна форма штрајкот на солидарност имал потенцијал да наштети на економијата, посебно преку одвраќање на мултинационални компании да отвораат нивни подружници во Обединетото Кралство. Затоа Парламентот ја усвоил актуелната забрана. Иако Лабуристичката партија, во тоа време во опозиција, се противела на тоа, таа никогаш не се обидела да ја укине забраната, во своето 13-годишно владеење. Ниту актуелната коалиција на власт немала подготвеност да го преиспита тоа прашање. Тоа го покажувало широкото прифаќање во Обединетото Кралство на актуелната рамнотежа воспоставена во поглед на правото на штрајк.
62. Владата прифати дека, со оглед на поновата судска практика на Судот, правото од член 11 на приклучување кон синдикатот вообичаено подразбирало и можност да се штрајкува. Но, тоа во никој случај не било апсолутно право – тоа можело да биде подложено на услови и ограничувања во согласност со член 11, став 2 кои биле во рамките на слободната оцена на државата [margin of appreciation]. Владата исто така не сметаше дека штрајкот на солидарност е суштински елемент на слободата на здружување, не наоѓајќи поддршка за таквата сугестија во релевантната судска пракса на Судот, каде ниту еден случај не се однесувал на штрајк на солидарност.
63. Сфаќањето на Владата на таа судска практика беше дека морало да има врска помеѓу интересите на работниците и мерките преземени од нивниот синдикат во нивно име, без разлика дали се работи за колективни преговори или штрајк. Таква врска не постоела во ситуацијата во Хидрекс. Штрајкот на солидарност од страна на работници во Џарвис во поддршка на нивните поранешни колеги би бил заснован само на солидарност – таквиот штрајк не би имал никаква врска со нивните сопствени интереси via-à-vis Џарвис, а со која компанија немале спор. Затоа, ограничувањето на штрајкот на солидарност не прекршувало ниту еден суштински елемент на слободата на здружување. Оттука, немало мешање во правото предвидено во член 11, став 1.
64. Според Владата, начинот на кој штрајкот на солидарност бил регулиран со закон бил целосно во рамките на слободната оцена на Обединетото Кралство. Како што Судот имал потврдено во својата практика, просторот за слободна оцена во оваа област морал да биде широк, со оглед на чувствителните социјални и политички аспекти и големите разлики помеѓу домашните правни рамки за синдикално односи во Европа. Во секој случај, според Владата, ситуацијата требало да се испитува од аспект на член 11 во целина, кој наложувал да се балансираат ефектите од ограничувањето на правата на жалителот и потенцијалните ефекти на штрајкот на солидарност врз трети страни. Во поглед на ограничувањето на правата, Владата посочи дека забраната на штрајкот на солидарност не се мешала во капацитетот на синдикатот да организира примарен штрајк во одбрана на личните интереси на неговите членови. Далекусежните и невозможни за контролирање ефекти кои штрајкот на солидарност можел да ги има врз првата и слободите на другите, посебно тие од член 1 од Протокол бр. 1, а без да се икслучи и член 2, треба да се анализираат во однос на претходнонаведениот заклучок за немешање во капацитетот на синдкатот. Кога имало потреба од балансирање на конкурентни права од Конвенцијата, судската практика на Судот дозволувала широк простор за слободна оцена на домашните органи. Според Владата, рамнотежата воспоставена помеѓу споменатите права била издржана.
65. Дополнително согледување на Владата беше многу децентрализираната структура на синдикални односи во Обединетото Кралство, која била различна ситуацијата во многу европски држави. Владата сметаше дека тоа ги зголемило последиците од штрајковите на солидарност од седумдесеттите години, и би се случило истото повторно доколку Судот заклучи дека ситуацијата е некомпатибилна со обврските од Конвенцијата. Според Владата требало да се има предвид – повторно за разлика од останатите национални системи во Европа – синдикатите имале широка слобода за организирање штрајк. Во британскиот систем не постоел концепт на “peace clause”, тоа е обврзувачко ветување да не се преземаат синдикални мерки додека се работи на колективен договор. Исто така немало правило за пропорционалност за ограничување на интензитетот или обемот на штрајкот, што било прашање во целост препуштено на одлучување на синдикатите. Одговорајќи на поентата на жалителот за намалувањето на колективните преговори во последните 30 години, Владата ја посочи својата неутралност по ова прашање – дали работниците и работодавачите сакале колективно или поинаку да преговараат било нивна одлука. Владата негираше дека опаѓањето било последица на забраната на штрајкот на солидарност или било кое ограничување споменато од жалителот. Постоеле и други фактори, како на пример приватизацијата на поранешните јавни претпријатија чија работна сила била традиционално многу организирана во синдикати, и очигледниот развој на трудовото право, со кое се давале повеќе права на работниците кои можеле да се остваруваат преку судски постапки, а не со интервенција на синдикатите.
66. Ограничувањето било во сила толку долго да, според Владата, и управата и работниците се прилагодиле на таа забрана, иако на страна на синдикатите се појавувале знаци на сè поконфронтирачки став кон економската стратегија на Владата во сегашните тешки економски околности. Закрепнувањето на државата би било загрозено доколку жалителот успеел, а Владата се задолжела да ја укине забраната на штрајкот на солидарност.
67. Надвор од правилата за организирање штрајк, синдикатите имало слобода јавно да го искажуваат своето незадоволство остварувајќи го обемното право на слобода на собирање. Владата го даде примерот на демонстрациите организирани од електричарите на повеќе јавни места за да ја информираат јавноста за континуираниот спор со работодавачите.
68. Владата ја отфрли сугестијата на жалителот дека апсолутната забрана на штрајкот на солидарност може да биде заменета со ограничување засновано на определен концепт на блискост или недоволна поврзаност. Тие концепти биле прешироки и секое правило формулирано на таков начин неизбежно би довело до правна несигурност и можело да се очекува дека ќе доведе до спорови. Всушност, она што жалителот барал било право да организира штрајк само врз основа на солидарност помеѓу работниците од различни компании, а единствен услов при тоа да е примарниот штрајк да биде законит. Тоа, според Владата, било барање да нема никакво ограничување на штрајкот на солидарност, со што би се отстранило воспоствавувањето на рамнотежа помеѓу конкурентни права. Од член 11 не можело да се изведе такво неограничено право. Иако жалителот тврдел дека ситуацијата во Хидрекс не претставувала ризик дека штрајкот ќе се прошири на други сектори, ова не било релевантно – Парламентот одлучил да нема разгледување од случај до случај, туку преферирал јасно и униформно правило. Затоа, забраната била или во согласност со Конвенцијата или не била. Доколку се работело за втората опција, последица од тоа би било да се креира многу обемно право на штрајк на солидарност, со сите потенцијални реперкусии за општеството.
69. Според Владата, на горенаведената анализа, не влијаеле одредбите на другите меѓународни документи на кои се повикуваше жалителот. Во поглед на член 6, став 4 од Социјалната повелба, Владата сметаше дека ЕКСП го ценел правото на штрајк како интегрален дел на процесот на колективни преговори помеѓу синдикатите и работодавачите во случаи на судир на интереси помеѓу нив. Тоа соодветствувало на примарен штрајк, каде интересите на работниците биле директно засегнати, а не на штрајк на солидарност. Владата понатаму забележа дека ЕКСП не бил судско или квази-судско тело, туку само независно тело кои доставувало свои заклучоци до Комитетот на министри еднаш годишно. Комитетот на министри бил органот кој имал овластување да донесува препораки до државите во врска со било каков случај на непочитување на Повелбата. Што се однесува на штрајкот на солидарност, Комитетот на министри никогаш не зазел став по тоа прашање. Во секој случај, основата на критиката на ЕКСП за Обединетото Кралство во овој поглед била дека забраната можела да има за последица спречување на работниците да штрајкуваат против „вистинскиот“ или де факто работодавачот, кога тој бил субјект кој е одвоен од директниот работодавач. Тоа било исто така основата на критиките на Комитетот на експерти на МОТ, но не било релевантно за ситуацијата во Хидрекс, врз која се засновала фактичката состојба која Судот ја анализира во поглед на ова прашање. Во секој случај, Комитетот исто така не бил судско или квази-судско тело, и неговото толкување на конвенциите на МОТ не било конечно. Неговата улога била да даде независна и техничка проценка на примената на меѓународните стандарди во трудовото право. Всушност, прашањето за правото на штрајк во моментот било причина за тензичен спор во рамките на МОТ, и во рамките на тој спор статусот на толкувањата дадени од Комитетот на експерти биле доведени во прашање. Покрај тоа, Владата воочила разлики во ставовите на Комитетот на експерти и Комитетот на слобода на здружување, второспоменатиот комитет сметал правото на штрајк дека се применува само за одбрана на сопствените економски интереси. Требало да се воочи дека управувачкиот орган на МОТ се воздржал од заземање на било каква позиција за ситуацијата. Владата затоа не се согласила дека Обединетото Кралство ги прекршило своите обврски од Конвенцијата бр. 87.
70. Коментирајќи за компаративните документи изведени пред Судот, Владата воочи дека Обединетото Кралство не било единствена држава која забранува или наметнува значителни ограничувања на штрајкот на солидарност. Со оглед на големите разлики на системите за работни односи во Европа, секоја површна споредба на ова прецизно прашање не би била од голема помош. Спротивно на наводите на жалителот, тие разлики оделе во прилог на широк простор за слободна оцена на државата.
(в) Tретите страни
(i) ETUC/TUC
71. Двете организации го искажаа нивниот став дека правото на штрајк е апсолутно суштински важно за функционирањето на синдикализмот во слободните општества, и дека целосна забрана на штрајкот на солидарност е неприфатлива. Тие се повикаа на низа на меѓународни договори кои изречно го признаваат правото на штрајк, или за кои има автентичко толкување согласно кое со нив се штити тоа право. Во практиката на надзорните тела на МОТ, правото на штрајк имало широка примена и било силно заштитено. Можеле да постојат ограничувања, но тие не смееле да резултираат во пракса до прекумерно ограничување на правото на штрајк. Штрајкот на солидарност морал да се дозволи. Тоа било исто така воспоставено во практиката на ЕКСП. Целосната забрана на штрајкот на солидарност значела дека работниците кои имаат спор со работодавачите во никој случај не можат да ги повикаат членовите на нивниот синдикат да им дадат поддршка, ниту членовите на било кој друг синдикат со кој е поврзан нивниот синдикат на повисоко ниво (на пр. федерација или конфедерација). Со тоа се загрозувала и самата цел на зачленување во синдикат како и целта на овој аспект на член 11, кој го одразувал принципот дека работниците требало да можат да се здружуваат за взаемна поддршка во време на криза. Забраната била релативно нов изум, после повеќе од осум децении од основниот британски закон на работните односи, Законот за синдикални спорови од 1906 година. Владата не дала соодветно оправдување за ограничувањето пред Комитетот на експерти на МОТ. Посебно, Комитетот не го прифатил аргументот на Владата дека забраната била неопходна поради децентрализираниот карактер на британскиот систем на односи помеѓу работниците и работодавачите. Напротив, Комитетот сметал дека токму поради тоа било важно работниците да можат да преземаат мерки против работодавачите кои лесно можеле да ги загрозат синдикалните мерки преку комплексни корпоративни структури, преку пренесување работа или преку поделба на компании. На работниците во Обединетото Кралство им било забрането да преземат мерки на поддршка на нивните колеги вработени кај друг работодавач кој е дел од истата група на компании, иако тие можеле да бидат засегнати од исходот на спорот. Тоа не можело да биде правилно. Двете организации искажаа чудење што Владата ја игнорира потребата за измена на законот и одбива законот да го доведе на ниво на минималните меѓународни стандарди. Повеќето европски држави гравитирале некаде помеѓу целосна забрана на такви мерки и отсуство на било какво ограничување. Целосната забрана во сила во Обединетото Кралство било ограничување на правото на слобода на здружување кое не може да се оправда во ниту едни околности со заштита на правата и слободите на другите.
(ii) Liberty
72. Организацијата Liberty сметаше дека забраната на штрајкот на солидарност е неоправдано мешање во правата на работниците и нивните синдикати. Во многу ситуации, работниците всушност не можеле да го остваруваат своето право од член 11 да преземат синдикални мерки, на пример, оние кои работеле во мали претпријатија, или кои работеле во субјекти каде договорните услови практично се утврдувале од трета страна како на пример, клиент, или оние со несигурен статус на вработување. Традиционалната структура во која сите работници од истата работна сила имале ист работодавач, повеќе не одговарала на реалноста на големата и растечка категорија на работници. Имало проценки дека над 3 милиони работни места сега биле во надворешни фирми [outsourced] во британската економија, а многу од нив биле од јавниот сектор, каде традиционално имало најголем степен на синдикално организирање. Оваа фрагментација на традиционалниот пазар на трудот имала последици генерално за трудовото право и станувало сѐ потешко синдикатите да продолжат да ги бранат интересите на нивните членови, кои сѐ повеќе биле дисперзирани помеѓу различни работодавачи. Во овој контекст, ефектот од забраната на штрајкот на солидарност бил значително намалување на вредноста на членството во синдикат, затоа што со неа се спречувало синдикатот да организира широка мобилизација во солидарност и за заштита на интересите на членовите кои имаат спор со нивните директен работодавач. Забраната им олеснувала на компаниите да го намалат влијанието на синдикатите со реструктуирање на нивната организација. Јасно било утврдено во домашната судска практика дека не може да има одговорност за штета на членовите на трговското друштво [the corporate veil could not be lifted] во такви околности. На тој начин на синдикатите им било оневозможено да преземат ефикасни мерки против оние кои ја имаат реалната моќ на одлучување или контрола. Пред 1980 година, опсегот на примена на штрајкот на солидарност бил широк, како што покажа Домот на лордови во случајот N.W.L. Ltd. v. Woods ([1979] 1 WLR 1294), кој ја потврди законитоста на штрајкот на пристанишните работници организиран во солидарност со странски морнари кои работеле за многу ниска плата на британски бродови кои пловат под странско знаме [flagged-out vessels]. Со забраната на определени работници им се оневозможувал единствениот извор на ефикасна синдикална поддршка во облик на вршење на финансиски притисок над комерцијалните врски на работодавачот. Со забраната исто така се попречувала слободата на здружување во помали фирми (со помалку од 21 вработен), кои биле исклучени од законската постапка за признавање на синдикати. Ако таков работодавач одбиел да признае синдикат доброволно, забраната на штрајкот на солидарност оневозможувала членови на синдикатот од други работни места да преземат синдикални мерки за да го наведат работодавачот да го признае синдикатот.
73. Liberty тврдеше дека овој Судот континуирано ја штител суштината на слободата на здружување на работниците и никогаш не придавал значење на тоа дали штрајкот бил примарен или од друг вид. Иако правото на штрајк на солидарност можело да биде ограничено во согласност со член 11, став 2, и да биде балансирано со други конкурентни права и слобода, со тие ограничувања не можело да се оди до таму да се оштети суштината на тоа право.
74. Владата одговори на опсервациите на Liberty, забележувајќи дека таа организација анализирала пошироки, прашања на контекст кои не биле релевантни за фактите на овој случај. Иако прифати дека структурата на пазарот на трудот се променила последните две декади, Владата не се согласи дека со тоа генерално на засегнатите работници се попречувало во уживањето на придобивките од синдикалните права. Праксата всушност покажувала дека синдикатите можеле ефикасно да дејствуваат во такви околности – трите примери дадени од Liberty биле всушност случаи на успешно решавање на спор помеѓу работници и работодавачи преку инволвирање на синдикатите (тие три примери беа: едниот се однесува на кетеринг персоналот на воздухопловна компанија, еден на возачи на автобуси во Лондон во текот на Олимпијадата од 2012 година и третиот на возачи на цистерни за нафта). Во однос на тоа дека тврдењето дека работниците биле спречени да преземат мерки против страната која фактички ги утврдува договорните услови било само хипотеза – Владата истакна дека не биле дадени фактички примери. Исто така немало намалување на бројот на изгубени денови поради штрајк на годишни ниво во текот на последните 20 години, со што се негирал ставот на Liberty дека домашното право сѐ повеќе ја ограничувало синдикалната слобода. Во овој поглед, Обединетото Кралство се наоѓало некаде околу просекот на ЕУ и ОЕЦД. Што се однесува на тврдењето дека прагот од 21 работник бил празнина која работодавачите можело лесно да ја злоупотребат со цел да избегнат признавање на синдикат, Владата не сметаше дека е релевантно за фактите на овој случај. Дури и да било така, според Владата, имало заштитни мерки за спречување на работодавачите да ја избегнуваат нивната законска должност. Исклучени биле само вистински малите фирми и тоа од валидни принципиелни причини. На крај, Владата истакна дека немало изречна поддршка во судската практика на Судот за сугестијата дека правото да се организира штрајк на солидарност било суштински елемент на слободата на здружување, или дека забраната не може да се оправда согласно член 11, став 2.
(г) Оцена на Судот
(i) Применливост на член 11
75. Судот најпрво мора да утврди дали, како што тврдеше жалителот, штрајкот на солидарност влегува во опсег на член 11 од Конвенцијата или, како што тврдеше Владата, тоа не е случај. Прашањето е ново затоа што претходно не било поставено во ниту еден претходен случај.
76. Она што Владата го предлага е буквално сфаќање на втората клаузула на првиот став од член 11. Иако е можно да се изведе такво значење од формулацијата на текстот земена сама по себе, Судот би потсетил дека, како што е предвидено во член 31, став 1 од Виенската конвенција за договорно право, одредбите на меѓународен договор треба да се толкуваат во согласност со нивното вообичаено значење, во контекстот во кој се дадени и со оглед на нивната цел и намена. Понатаму, Судот често има кажувано дека Конвенцијата не може да се толкува во вакуум туку во склад со општите начела на меѓународното право. Треба да се земат предвид, како што е посочено во член 31, став 3 (в) од Виенската конвенција „сите релевантни норми на меѓународното право кои се применливи на односите помеѓу страните“ и посебно нормите кои се однесуваат на меѓународна заштита на човековите права (види X. против Латвија v. Latvia [ГСC], бр. 27853/09, параграф 92, ECHR 2013, како и предметите цитирани во таа пресуда). Во овој поглед, јасно е од пасусите наведени погоре (параграфи 26-37) дека штрајкот на солидарност е признат и заштитен како дел од синдикалната слобода согласно Конвенцијата бр.87 на МОТ и Европската социјална повелба. Иако Владата се повика на порестриктивно толкување на ставовите усвоени од надзорните органи предвидени со овие два меѓународни инструменти, тие органи ја имаат критикувано забраната на Обединетото Кралство на штрајкот на солидарност поради воочениот ризик од злоупотреба од страна на работодавачите, и го имаат илустрирано тоа со некои примери. Владата понатаму го доведе во прашање авторитетот, во смисла на Конвенцијата, кој треба да им се даде на толкувањата на експертските тела кои имаат задача да вршат надзор над почитувањето на тие специјализирани меѓународни стандарди. Судот тоа ќе го испита при неговата анализа. Во овој момент е доволно да се повика на следниот пасус од пресудата во случајот Демир и Бајкара (параграф 85):
„Судот, при утврдувањето на значењето на зборовите и поимите во текстот на Конвенцијата, може и мора да земе предвид и други документи од меѓународното право покрај Конвенцијата, нивното толкување од страна на надлежни органи и практиката на европските држави која е одраз на нивните заеднички вредности.“
Не би било во согласност со оваа метода, ако Судот во поглед на член 11 примени толкување на опсегот на слободата на здружување на синдикатите кое е многу порестриктивно од она кое преовладува во меѓународното право. Покрај тоа, таквото сфаќање на синдикалните слободи е поддржано и со праксата на европските држави кои одамна ги признаваат солидарните штрајкови како законита форма на синдикални мерки.
77. Може да е точно дека, по својот карактер, штрајкот на солидарност е придружен, а не клучен аспект на синдикалната слобода, прашање на кое Судот ќе се наврати во следната фаза на неговата анализа. Сепак, организирањето на мерки на солидарност од страна на синдикат, вклучително и штрајк, против еден работодавач со цел да даде поддршка во спор со друг работодавач во кој се вклучени членови на синдикатот мора да се смета за дел од синдикалната активност која е регулирана со член 11.
78. Судот затоа заклучува дека желбата на жалителот да организира штрајк на солидарност во поддршка на вработените во Хидрекс мора да се смета како желба да се користи, без ограничување наметнато со домашното право, неговото право на слобода на здружување во смисла на член 11, став 1 од Конвенцијата. Следува дека законската забрана на штрајкот на солидарност на начинот на кој таа дејствувала во примерот на кој се повикува жалителот претставува мешање во правата на жалителот согласно таа одредба. За мешањето да биде во согласност со вториот став од член 11, мора да се докаже дека тоа било „предвидено со закон“, дека служи за остварување на легитимна цел и дека е „неопходно во демократско општество“ за постигнување на таа цел.
(ii) Законитост и легитимност на мешањето
79. Немаше несогласување помеѓу странките во поглед на тоа дека мешањето било предвидено со закон. И Судот е согласен околу тоа.
80. Што се однесува на целта на мешањето, жалителот тврдеше дека немало оправдување во член 11, став 2. Тоа очигледно не се однесувало на националната сигурност или безбедност, спречување на нереди или криминал, ниту пак заштита на здравјето или моралот. Што се однесува на последната цел призната како легитимна, имено „заштита на правата и слободите на другите“, аргументот на жалителот беше дека би било нелогично да се ограничи правото на штрајк поради влијанието на таа мерка врз работодавачот. Намената на секој штрајк била да има силно влијание врз позицијата на работодавачот, да го натера да ги исполни барањата на работниците. Би било погрешно да се допушти ова да служи како оправдување за ограничување на правото на штрајк. Жалителот затоа го повика Судот да го преиспита образложението дадено во овој поглед во случајот UNISON (UNISON против Обединетото Кралство (одлука), бр. 53574/99, ECHR 2002‑I), каде Судот прифатил дека ограничувањето на правото на штрајк било оправдано со „права на другите“, мислејќи на работодавачот. Не требало да се дозволи економските интереси на работодавачот да надвладеат над човековите права на работниците. Таквото образложение било спротивно на пристапот на ЕКСП, на пример, кој не прифаќал било каков принцип на пропорционалност помеѓу организирањето на штрајк и последиците од тоа за интересите на работодавачите. Жалителот понатаму тврдеше дека одлуката во UNISON не била во согласност со претходна пресуда на овој Судот во случајот Густафсон против Шведска (25 април 1996 година, Збирки на пресуди и одлуки 1996‑II). Во тој случај Судот не го прифатил наводот на жалителот дека бојкотот од страна на синдикатот на неговото претпријатие било мешање во неговите права од член 1 од Протокол бр. 1. Исто така Судот не прифатил дека влијанието на штрајкот врз неговата компанија, кој иако предизвикал значителна економска штета, не доведувал до позитивна обврска на државата да му помогне. Судот наместо тоа требало да заземе строг пристап како во два предмета во кои се работи за санкции проотив работници од јавниот сектор кои учествувале во еднодневен штрајк (Карачај против Турција, бр. 6615/03, 27 март 2007 година и Каја и Сејхан против Тyрција, бр. 30946/04, 15 септември 2009 година). Во секој од тие случаи Судот не бил убеден дека конкретното мешање служело за легитимна цел, иако на крај го оставил тоа прашање отворено со оглед на неговиот заклучок дека спорното мешање не било „неопходно во демократско општество.“
81. Владата истакна дека со забраната се настојувало да се заштитат правата и слободите на другите, пред сѐ лицата кои не се поврзани со спорот помеѓу работниците и работодавачот. Со оглед на потенцијално далекусежните ефекти кои не можат да се контролираат, а кои штрајкот на солидарност можел да ги има врз трети страни, заштитата на нивните права очигледно била легитимна цел која Парламентот сакал да ја оствари кога ја вовел забраната. Владата додаде дека било возможно да се предвиди како штрајкот на солидарност може да го загрози уживањето на правата заштитени со Конвенцијата, како што е правото на заработувачка.
82. Судот смета дека овој случај се разликува од случајот UNISON. Второнаведениот случај се однесувал на примарен штрајк, а жалбениот навод бил дека сидникатот жалител бил спречен да преземе синдикални мерки во одбрана на интересите на неговите членови во иднина, во контекст на приватизацијата на болничките услуги во блиска иднина. Во текот на домашната постапка, Апелациониот суд одлучил дека влијанието на таков штрајк врз членовите на јавноста било нерелевантно од аспект на правните прашања кои се отворале. Овој Суд го зазеде истиот став, и од таа причина целта „заштита на правата и слободите на другите“ беше земена во околностите на тој случај како да се однесува само на правата на работодавачот. Причина за разликување на случајот за кој Судот сега одлучува е фактот што тој се однесува на штрајк на солидарност. Како што тврдеше Владата, штрајкот на солидарност по својот карактер може да има пошироки последици отколку примарниот штрајк. Солидарниот штрајк има потенцијал да се меша во правата на лица кои не учествуваат во спорот, да предизвика обемно нарушување на економијата и да влијае врз давањето на услуги на јавноста. Затоа, Судот е убеден дека забранувајќи го штрајкот на солидарност, Парламентот ја остварувал легитимната цел заштита на правата и слободите на другите, при што не се мисли само на работодавачот во синдикалниот спор.
(iii) Неопходност во демократско општество
83. Останува да се утврди дали законската забрана на солидарни синдикални мерки, затоа што влијела врз капацитетот на жалителот да ги заштите интересите на неговите членови вработени во Хидрекс, може да се смета за „неопходна во демократско општество“. За да се смета забраната за неопходна, мора да се покаже дека спорното мешање одговара на „неодложна општествена потреба“ [“pressing social need”], дека причините дадени од домашните органи за негово оправдување се релевантни и доволни и дека тоа е пропорционално на легитимната цел која со тоа мешање треба да се оствари.
84. Судот прво ќе го разгледа аргументот на жалителот дека правото да се организира штрајк мора да се смета за суштински елемент на синдикалната слобода од член 11, така што неговото ограничување би значело оштетување на самата суштина на слободата на здружување. Судот потсетува дека веќе има одлучено во повеќе случаи во кои било заклучено дека ограничувањето на синдикалните мерки биле во спротивност со член 11 (види, на пример, Карачај против Турција, бр. 6615/03, 27 март 2007 година; Дилек и други против Турција, бр. 74611/01, 26876/02 и 27628/02, 17 јули 2007 година; Урџан и други против Турција, бр. 23018/04, 23034/04, 23042/04, 23071/04, 23073/04, 23081/04, 23086/04, 23091/04, 23094/04, 23444/04 и 23676/04, 17 јули 2008 година; Енержи Јапи-Јол Сен против Турција, бр. 68959/01, 21 април 2009 година). Жалителот посебно ја нагласи последната од овие пресуди, во која фразата „нeопходна последица“ била употребена во врска со правото на штрајк, поврзувајќи го правото на организирање (Енержи, параграф 24). Сепак треба да се воочи дека пресудата тука се однесува на позицијата усвоена од надзорните тела на МОТ и со тоа не се развива толкувањето на член 11 давајќи привилегиран статус на правото на штрајк. Генерално, она што со горенаведените случаи се илустрира е дека правото на штрајк е заштитено со член 11. Затоа Судот не гледа потреба во овој случај да утврди дали на преземањето на синдикални мерки треба да му се даде статус на суштински елемент на гаранциите од член 11.
85. Она што околностите на овој конкретен случај покажуваат е дека жалителот применил два од елементите на слободата на здружување кои беа утврдени како суштински, имено правото на синдикатот да се обиде да го убеди работодавачот да чуе што синдикатот има да каже во име на неговите членови, и правото да се учествува во колективни преговори. Штрајкот на неговите членови вработени во Хидрекс, бил дел од таа примена, и иако не ја постигнал својата цел, тоа сепак не било попусто затоа што довело до тоа да компанијата ја ревидира својата понуда, којашто жалителот им ја препорачал на своите членови. Иако Владата го критикуваше жалителот затоа што ја поддржал ревидираната понуда во тоа време, а подоцна ја изменува својата позиција во постапката пред Судот, Судот потврдува дека жалителот е обврзан да го почитува гласањето на неговите членови кое е против понудата. Сепак, фактот дека процесот на колективни преговори и синдикални мерки, вклучително и штрајк против работодавачот на членовите на синдикатот кои биле предмет на спорот, не довел до исходот кој го посакувал жалителот и неговите членови не значи дека користењето на нивните права од член 11 било илузорно. Правото на колективни преговори не било толкувано дека содржи и „право“ на колективен договор (во тој поглед види параграф 158 oд Демир и Бајкара пресудата, каде Судот забележал дека отсуството на било каква обврска властите да се вклучат во колективен договор не било дел од случајот). Правото на штрајк исто така не подразбира и право да се успее во спорот. Како што Судот често има кажувано, она што Конвенцијата наложува е дека согласно домашното право на синдикатите треба да им се овозможи, под услови кои не се спротивни на член 11, да се борат за заштита на интересите на нивните членови (Демир и Бајкара, параграф 141; понов предмет Sindicatul “Păstorul cel Bun” против Романија [ГСC], бр. 2330/09, параграф 34, 9 јули 2013 година). Жалителот и неговите членови кои биле инволвирани во спорот во голем дел можеле да го сторат тоа.
86. Во претходни случаи кои се однесуваат на синдикати, Судот има кажано дека мора да се земе предвид правичната рамнотежа која треба да се воспостави помеѓу спротивставените интереси на поединецот и заедницата како целина. Со оглед на тоа што постигнувањето соодветна рамнотежа помеѓу интересите на работниците и управата подразбира чувствителни социјални и политички прашања, на државите договорнички мора да им се довери простор за слободна оцена за тоа како синдикалната слобода и заштитата на работните интереси на членовите на синдикатот може да се обезбедат. Во своето најново потврдување на оваа поента, и повикувајќи се на големи разлики помеѓу домашните системи на ова поле, Големиот судски совет, сметал дека обемот на слободна оцена треба да биде широк (Sindicatul “Păstorul cel Bun”, цитиран погоре, параграф 133). Жалителот во голема мера се повикуваше на пресудата во случајот Демир и Бајкара, во која Судот сметаше дека на тужената држава треба да и се даде само ограничен обем на слободна оцена (види параграф 119 од пресудата). Сепак, Судот би посочил дека конкретниот пасус се наоѓа во делот од пресудата во кој се испитува многу далекусежно мешање во слободата на здружување, со кое се навлегува во самата суштина на таа слобода, имено распуштање на синдикатот. Тој пасус не треба да се сфати дека со него одлучно и дефинитивно се ограничува слободната оцена на домашните органи во поглед на регулирањето, преку вообичаен демократски процес, на користењето на синдикалната слобода во границите на социјалната и економската рамка на засегната држава. Досегот на слободната оцена сѐ уште ќе зависи од фактори кои Судот ги идентификувал за релевантни во неговата судска практика, вклучувајќи го карактерот и обемот на ограничувањето на засегнатото синдикално право, целта која треба да се остави со оспореното ограничување и конкурентните права и интереси на други лица во општеството кои може да трпат последици како резултат на неограничена примена на тоа право. Степенот на согласност помеѓу државите членки на Советот на Европа во поглед на прашањето кои се поставува во случајот може исто така да биде релевантен, како и секој меѓународен консензус одразен во соодветните меѓународни инструменти (Демир и Бајкара, параграф 85).
87. Ако со законско ограничување се влијае врз суштината на синдикалното дејствување, поограничена слободна оцена треба да му се признае на националниот законодавец и се бара повеќе за да се оправда пропорционалност на мешањето кое резултира од забраната, во општ интерес, во остварувањето на синдикалната слобода. Напротив, доколку не е засегната суштината, туку секундарен или дополнителен аспект на синдикалното дејствување, обемот на слободна оцена е поширок и мешањето, по неговиот карактер, е поверојатно дека ќе биде пропорционално кога се во прашање неговите последици врз остварувањето на синдикалната слобода.
88. Што се однсува на карактерот и обемот на мешање кое во овој случај го претрпел жалителот во остварувањето на својата синдикална слобода, Судот смета дека тоа не било толку инвазивно колку што тврди жалителот. Од фактите на случајот се гледа дека жалителот организирал штрајк, иако со ограничен обем и со ограничени резултати. Желба на жалителот била штрајкот да ескалира, преку закана за учество или фактичко учество на стотици негови членови вработени во Џарвис, која е друга, одделна компанија и која не била воопшто вмешана во конкретниот синдикален спор, и таа желба не била остварена. Судот го воочи убедувањето на жалителот дека штрајкот на солидарност би бил успешен. Сепак, не може да се избегне од фактот дека тоа може да биде само прашање на шпекулација – вклучително и во поглед на резултатот од гласањето на таа тема – затоа што таа можност била очигледна исклучена. Не може да се каже дека ефектот од забраната на штрајкот на солидарност ја погодувала самата суштина на слободата на здружување на жалителот. Од оваа причина овој случај треба да се разликува од случаите споменати во параграф 84 погоре, кои се однесувале на ограничувања на „примарни“ или директни синдикални мерки од страна на вработени во јавниот сектор, и просторот за слободната оцена даден на домашните органи е поширок во поглед на регулирањето, во јавен интерес, на секундарните аспекти на синдикалното дејствување.
89. Што се однесува на целта на конретното мешање во овој случај, извадоците од дебатата во Парламентот пред донесувањето на Законот за вработување од 1980 година јасно ја покажуваат намерата на законодавецот да воспостави нова рамнотежа во работните односи, во интерес на економијата во поширока смила, со ограничување на правото на штрајк на солидарност кое претходно било со широк опсег на примена. Една деценија покасно, тогашната Влада сметала дека дури и во поограничена форма штрајкот на солидарност претставувал закана за економијата и внатрешното инвестирање во економската активност на државата. Од аспект на економска политика, Владата сметала дека со ограничувањето на синдикалните мерки само на примарни штрајкови би се постигнала поприфатлива рамнотежа во британската економија. Владата ја повтори истата позиција во оваа постапка. Таа проценка наишла на големи критики од тогашната опозиција во Парламентот и е отфрлена од жалителот како повеќе заснована на анимозитет кон синдикатите отколку на јасни докази за директна штета за економијата. Сепак, предметот на одлучување во овој случај е секако поврзан со социјалната и економската стратегија на тужената држава. Во овој поглед, Судот вообичаено дозволува широк простор за слободна оценеа затоа што, поради директното познавање на нивното општество и неговите потреби, националните власти, и посебно демократски избраните парламенти, во принцип можат подобро отколку меѓународен судија да оценат што е во јавен интерес од социјални или економски причини и кои се законските мерки кои се најсоодветни за условите во нивната земја, со цел да се имплементира социјалната, економската или политиката на работни односи која ја избрале (види помеѓу многу други преседани Стамер против Автрија [ГСC], бр. 37452/02, параграф 89, ECHR 2011).
90. Точно е дека постојат фактори кои одат во друга насока во поглед на спектарот на дозволени можности за законодавното тело на Обединетото Кралство.
91. Прв фактор е степенот во кој може да се каже дека постои согласност помеѓу европските држави во однос на штрајкот на солидарност. Компаративните податоци истакнати пред Судот покажаа спектар на национални ставови, кои се движат од прилично флексибилен став во земји како Грција, Финска, Норвешка и Шведска, до оние кои не го признаваат или дозволуваат. Останатите земји споменати погоре (параграфи 38-41) се некаде помеѓу овие две крајни решенија. Владата се обиде да го намали значењето на компаративниот преглед, нагласувајќи ги длабоките структурални и културни разлики помеѓу европските држави во областа на работните односи. Судот ја потврдува таа разноликост, која ја има признато во други случаи кои се однесуваат на правата на синдикатите (на пример, Sindicatul “Păstorul cel Bun”, цитиран погоре, параграф 133, и Соренсен и Расмусен против Данска [ГСC], бр. 52562/99 и 52620/99, параграф 58, ECHR 2006‑I). Сепак, јасно е дека, со својата апсолутна забрана на штрајкот на солидарност тужената држава е на крајот на компаративниот спектар, како една од малата група на европски држави кои имаат таков категоричен став кон прашањето. Разновидноста на компаративниот приказ и ставот на Обединетото Кралство во тие рамки, сепак, сами по себе, не значат дека домашните органи го пречекориле легитимниот простор на слободна оцена во регулирањето на овој аспект на синдикално дејствување.
92. Второ, важна карактеристика на овој случај е богатството на материјали од меѓународното право. Обединетото Кралство го забранило штрајкот на солидарност пред повеќе од две децении и во текот на тој период е предмет на критички коментари од Комитетот на експерти на МОТ и ЕКСП. Жалителот се повика на овие материјали во поткрепа на неговите наводи. Владата не сметаше дека тие конкретни критики се релевантни за фактитчката состојба во овој случај ниту дека се значајни од друга причина. Судот сега ќе го анализира тоа.
93. Владата ја оспори релевантноста за овој случај на критиките на двете тела со оглед на начинот на кој биле формулирани, затоа што тие се однесувале на прилично различни потенцијални ситуации од ситуацијата на која се жалеле жалителот (види параграфи 33 и 37 погоре).
94. Владата не ја сметаше оцената на ЕКСП за авторитативен извор на правото, затоа што, и покрај независноста и стручноста на неговите членови, ЕКСП немал судски или квази судски статус. Неговата задача била да го известува Комитетот на министри. Судот забележува дека надлежноста на ЕКСП е стипулирана во Протоколот за изменување на Европската социјална повелба (исто така познат како „Протокол од Торино“, Совет на Европа, договор бр. 142), како „оценување од правна гледна точка на согласноста на домашното право и практика со обврските кои произлегуваат од Повелбата“. Точно е дека овој протокол не влегол во сила затоа што неколку држави договорни страни на Повелбата, вклучувајќи го Обединетото Кралство, го немаат ратификувано. Сепак толкувањата кои ги дава ЕКСП се чини дека се генерално прифатени од државите и од страна на Комитетот на министри. Тие се секако прифатени од Судот, кој континуирано го зема толкувањето на Повелбата од страна на ЕКСП како и неговата оцена на почитувањето на одедбите на Повелбата од страна на државите (на пример, Демир и Бајкара, исто така Тум Хабер Сен и Чинар против Турција, бр. 28602/95, параграф 39, ECHR 2006‑II, случај кој се однесува на синдикат во кој Судот го опишак ЕКСП како „особено квалификувано“ телот во оваа област).
95. Што се однесува на тоа што Комитетот на Министри нема издадено било каква препорака на Обединетото Кралство во врска со ова прашање, Судот најпрво воочува дека улогата на Комитетот на министри согласно протоколот од Торино е да издава препораки до државите селективно, воден од социјални, економски и други политички согледувања. Неговата задача не е да ги поддржува заклучоците на ЕКСП. Второ, Судот воочува дека Владиниот комитет за Европската социјална повелба го презел првиот чекор кон препорака на Комитеот на министри по прашањето на штрајкот на солидарност, усвојувајќи предупредување до Обединетото Кралство со кое „се повикува Владата да ги преземе сите адекватни мерки за ситуацијата да ја доведе во согласност со Повелбата“ (види го неговиот Извештај во врска со заклучоците XIX-3 (2010), T-SG (2012) 1 финална верзија, стр. 59).
96. Во однос на Комитетот на експерти на МОТ, Владата имаше слична забелешка – дека тоа меѓународно тело не било формално надлежно да дава автентично толкување на конвенциите на МОТ. Таа му обрна внимание на Судот на несогласувањето во МОТ токму околу правниот статус или дури и постоењето на правото на штрајк. Комитетот на експерти неодамна ги потврди границите на неговата задача, велејќи дека „неговите мислења и препораки не се обрзувачки во надзорните постапки на МОТ и дека не се обрзувачки надвор од МОТ освен ако со меѓународен инструмент тие се изречно признати како такви или ако врховен суд на некоја земја одлучи така по своја волја.“ (од предговорот на Collective Bargaining in the Public Service: A Way Forward, извештај на Комитетот на експерти на МОТ на 102 заседание на Меѓународната конференција на трудот, 2013 година). Во овој текст толкувањата на Комитетот на експерти се смета за „меко право“. Во предговорот се заклучува (параграф 8):
„Што се однесува на толкувањето на конвенциите на МОТ и улогата на Меѓународниот суд на правдата во оваа област, Комитетот има посочено уште од 1990 година дека неговата задача не му овозможува да дава конечно толкување на конвенциите, а надлежноста за тоа му била доверена на Меѓународниот суд на правдата со член 37 од Уставот на МОТ. Сепак, тој има кажано дека неговата функција на утврдување дали обврските од конвенциите се почитуваат, Комитетот мора да го ја земе предвид содржината и значењето на конвенциите, за да го утврди опсегот на нивна правна примена, и кога е соодветно да ги искаже своите мислења по тие прашања. Комитетот последователно сметал дека, сѐ додека на неговите мислења не се спротивстави Меѓународниот суд на правдата, тие треба да се сметаат валидни и општо признати. Комитетот смета дека прифаќањето на овие согледувања е неопходно за одржување на начелото на законитост, и последователно, на правната сигурност која е потребна за соодветно функционирање на Меѓународната организација на трудот.“
97. Судот смета дека ова појаснување не наложува тој да ја преиспита улогата на тоа меѓународно тело како почетна точка и насока за толкување на определени одредби на Конвенцијата (види општо Демир и Бајкара, цитиран погоре, параграфи 65-86). Иако Владата се повика на несогласувања искажани на 101 заседание на Меѓународната конференција на турдот, 2012 година, се чини од записниците од тоа заседание дека несогласувањето потекнало и било ограничено на групата на работодавачите (нацрт записник од 101 заседание на Меѓународната конференцијата на трудот, 19 (Rev.), параграфи 82-90). Забележано во записникот е дека владите кои зеле збор во текот на таа дискусија кажале дека правото на штрајк „е добро утврдено и широко признато фундаментално право“. Претставникот на Владата на Норвешка додал дека неговата земја во целост го прифаќала толкувањето на Комитетот на експерти дека правото на штрајк е заштитено согласно Конвенцијата бр. 87. Во секој случај, тужената Влада призна во оваа постапка дека правото гарантирано со член 11 на зачленување во синдикат вообичаено ја подразбирало и можноста да се штрајкува (види параграф 62 погоре).
98. Претходно наведената анализа на толкувањата на надлежните органи формирани согласно најрелевантните инструменти го отсликува заклучокот донесен за споредбените материјали пред Судот, дека со својата апсолутна забрана на штрајкот на солидарност, тужената држава е на страната на држави со најрестриктивен пристап помеѓу различните пристапи на државите по ова прашање и не е во согласност со очигледен меѓународен тренд кој наложува понерестриктивен пристап. Важноста која таков заклучок може да ја има во оцената на Судот во даден случај беше објаснета во пресудата во Демир и Бајкара на следниот начин (параграф 85):
„Консенсузот кој се појавува од специјализираните меѓународни инструменти и од практиката на државите договорнички може да претставува релевантно согледување за Судот кога тој толкува одредби на Конвенцијата во конкретни случаи.“
Изјавата на Големиот судски совет го одразува посебниот карактер на оцената на Судот во споредба со надзорните процедури на МОТ и Европската социјална повелба. Специјализираните меѓународни тела за надзор кои дејствуваат согласно тие процедури имаат поинаква гледна точка, која се гледа во погенералната анализа на забраната на штрајкот на солидарност. За разлика од тоа, задачата на Судот не е апстрактно да го анализира релевантното домашно право, туку да одлучи дали со начинот на кој фактички влијаела врз жалителот, се кршеле неговите права од член 11 од Конвенцијата (види Фон Хановер против Германија (бр. 2), [ГСC], бр. 40660/08 and 60641/08, §116, ECHR 2012; како и Карт против Турција [ГСC], бр. 8917/05, параграфи 85-87, ECHR 2009 (извадоци)). Жалителот како и третите страни се осврнаа на можните ефекти од забраната во повеќе хипотетички ситуации, кои можеле да одат до таму да се исклучи секаков вид на синдикални мерки доколку работниците кои не се директно засегнати не се во состојба да преземат директни мерки, на тој начин, за разлика од овој случај, погодувајќи ја самата суштина на синдикалната слобода. Тие исто така сметаа дека забраната би можела да им олесне на работодавачите да го злоупотребат законот во нивна полза преку различни правни стратегии, како што е делокализирање на центрите за работа, давањето на работата на надворешни компании и примена на сложени корпоративни структури со цел да се предаде работата на одделени правни субјетки или да се одделат компании (види параграфи 33 и 37 погоре). Накусо, синдикатите можеле да бидат сериозно попречени во извршувањето на нивните легитимни, вообичаени активности во заштита на интересите на нивните членови. Сепак, во ситуацијата во Хидрекс, не дошло до овие наводни, далекусежни негативни последици на законската забрана. Оцената на Судот е врзана за фактите презентирани за разгледување на случајот. Со оглед на тоа, Судот смета дека негативните оцени на релевантните надзорни тела на МОТ и Европската социјална повелба не се толку значајни при утврдувањето дали дејството на законската забрана на штрајкот на солидарност во околности како оние во случајот кој се разгледува, останува во рамките на опциите кои им се дозволени на домашните органи согласно член 11 од Конвенцијата.
99. Сепак, овластувањето на домашните органи на слободна оцена не е неограничено, туку оди паралелно со европскиот надзор, а задача на Судот е да даде конечна одлука за тоа дали конкретно ограничување може да постои истовремено со слободата на здружување заштитена со член 11 ( (Vörður Ólafsson против Исланд, бр. 20161/06, парагарф 76, ECHR 2010). Владата тврдеше дека „неодложната општествена потреба“ [“pressing social need”] за задржување на законската забрана на штрајкот на солидарност е да се заштити домашната екомомија од штетните последици од таква синдикална мерка, која, доколку биде дозволена, би претставувала ризик за економското закрепнување на државата. Во областа на социјалната и економската политика, Судот генерално ги почитува одлуките на законодавецот освен ако се „очигледно без разумна основа“ (Карсон и други против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 42184/05, параград 61, ECHR 2010). Понатаму, Судот има потврдено дека „посебна тежина“ треба да се даде на улогата на домашните носители на политики по прашања на генерална политика за која во демократско општество може да има големи разлики во мислењата (види во контекст на член 10 од Конвенцијата MGN Limited против Обединетото Кралство, бр. 39401/04, параграф 200, 18 јануари 2011 година, каде пак има повикување на Хатон и други против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 36022/97, параграф 97, ECHR 2003‑VIII, каде Судот се повикал на „директниот демократски легитимитет“ на законодавното тело). Забраната на штрајкот на солидарност останала непромената повеќе од 20 години, и покрај две промени на владата во текот на тој период. Тоа покажува демократски консензус во прилог на таа забрана, и прифаќање на причините за забраната, кои отсликуваат широк спектар на политички мислења во Обединетото Кралство. Овие согледувања го наведоа Судот да заклучи дека во нивната оцена како поширокиот јавен интерес е најдобро остварен во нивната земја во често поларизираниот политички, социјален и економски контекст на работните односи, домашните законодавни власти се повикале на причини кои биле и релевантни и доволни во смисла на член 11.
100. Судот мора исто така да испита дали спорното ограничување го прекршува принципот на пропорционалност. Жалителот тврдеше дека имало такво прекршување, со оглед на апсолутниот карактер на забраната, со кој целосно се исклучувало било какво балансирање на конкурентните права и интереси кои се засегнати и се забранувало било какво диференцирање на ситуациите. Владата ја бранеше одлуката на законодавното тело да се избегне анализа од случај до случај во прилог на униформно правило, и истакна дека помалку рестриктивен пристап не бил неизводлив и неефикасен. Според Владата, неизбежните варијации во потенцијално бројните поединечни случаи како што е предметот за кој сега одлучува Судот, не се од таков карактер да со нив се нарушува генералната рамнотежа воспоставена од Парламентот.
101. Судот забележува дека генералниот карактер на законот со кој се оправдува мешање не е секогаш спротивен на принципот на пропорционалност. Како што неодамна потсети, државата може, во согласност со Конвенцијата, да усвои генерални законодавни мерки кои се применуваат на однапред дефинирани ситуации без да се предвидат индивидуализирани оцени со оглед на поединечните, нужно различни и можеби сложени околности на секој посебен случај регулиран со законот (види Animal Defenders International против Обединетото Кралство [ГСC], бр. 48876/08, параграф 107, 22 април 2013 година, во која пресуда има многу други преседани во врска различни одредби на Конвенцијата и протокол бр.1). Тоа не значи дека специфичните факти на поединечен случај се без важност за анализата на пропорционалноста од страна на Судот. Всушност, тие се доказ за влијанието во пракса на генералната мерка и како такви се важни за нејзината пропорционалност (ibid., параграф 108). Како што веќе беше кажано, мешањето во слободата на здружување на жалителот во фактичката состојба која се однесува на Хидрекс и на која се повикува жалителот не може објективно да се смета за особено далекусежно.
102. Ризиците поврзани со ублажување на забраната претставуваат релевантно согледување, а тие се пред сѐ на оцена на државата (ibid., парагарф 108). Во тој поглед, жалителот тврдеше дека би го ограничил штрајкот на солидарност на компанија Џарвис, без да има ефекти на негово проширување во други компании. Сепак, тоа може да биде само предмет на шпекулации. Како што материјалите во списите на предметот покажуваат, причината која го натерала Парламентот да го ограничи широкиот опсег на примена на штрајкот на солидарност бил неговиот капацитет, пред 1980 година да се прошири многу далеку и брзо, надвор од оригиналниот спор меѓу работниците и работодавачите. Според жалителот, Обединетот Кралство требало да се врати на таа позиција за да ги исполни обврските од член 11.
103. Како што е потврдено во судската практика на Судот, легитимно е властите да бидат раководени од критериуми на изводливост, како и практични потешкотии – до кои може да доведе индивидуализиран пристап, како што е несигурност, бескрајно водење на спорови, преголеми јавни расходи на штета на даночните обврзници и можна арбитрерност (ibid.). Во овој поглед релевантно е да се потсети дека во период од десет години, 1980-1990 година, Обединетото Кралство сметало дека е можно да дејствува со поблаго ограничување на штрајкот на солидарност (види параграфи 23-24 погоре). Владата не тврдеше дека овој законски режим бил проследен со потешкотиите споменати погоре, или дека тоа било причината поради која забраната била воведена. Жалителот не коментираше детално за законската позиција во тој период. Тој сметаше дека прашањето за нејзината компатибилност со Конвенцијата било „исклучиво од научен интерес“, иако додаде дека доколку тоа е релевантно, тој би тврдел дека таквото ограничување е неприфатливо. Судот забележува дека иако законодавната историја на Обединетото Кралство посочува кон постоење на можни алтернативи на забраната, тоа не е одлучувачко за прашањето. Затоа што прашањето не е дали требало да бидат усвоени помалку рестриктивни норми или дали државата може да докаже дека, без забраната, не би се постигнала легитимната цел. Прашањето е дали, усвојувајќи ја генералната мерка, законодавното тело постапило во рамките на просторот за слободна оцена кој му е доверен (Animal Defenders, параграф 110) – кој, од причини објаснети погоре, Судот најде дека е широк – и дали, генерално, била воспоставена правична рамнотежа. Иако жалителот истакна убедливи аргументи за синдикалната солидарност и ефикасност, тие не го убедија Судот дека британскиот Парламент немал доволни политички и фактички причини да смета дека спорната забрана на штрајкот на солидарност е „неопходна во демократско опшество“.
104. Претходните согледувања го раководеа Судот да заклучи дека фактите на конкретната ситуација кој е обжалена во овој случај не покажуваат неоправдано мешање во правото на слобода на здружување на жалителот, чии суштински елементи жалителот имал можност да ги остварува, претставувајќи ги своите членови, водејќи преговори со работодавачот во име на неговите членови кои биле во спор со работодавачот и организирајќи штрајк на тие членови на нивното работнот место (види параграфи 15-16 погоре). Во оваа област на законодавна политика со потврдена чувствителност, тужената држава има простор за слободна оцена кој е доволно широк да ја содржи постоечката законска забрана на штрајкот на солидарност, со оглед на тоа дека нема основа во околностите на овој случај да се смета дејството на забраната во однос на спорните факти во Хидрекс дека подразбираат непорпорционално ограничување на правото на жалителот од член 11.
105. Затоа, не може да се заклучи дека имало повреда на член 11 од Конвенцијата со оглед на фактите на овој случај.
106. На крај, Судот би нагласил дека неговата надлежност е ограничена на Конвенцијата. Тој нема надлежност да го оценува почитувањето од страна на тужената држава на релевантните стандарди на МОТ или Европската социјална повелба, која повелба содржи поспецифична и попрецизна норма во поглед на синдикални мерки. Исто така заклучокот во овој случај не треба да се сфати на начин да се доведе во прашања анализата спроведена врз основа на тие стандарди и нивната смисла од страна на Комитетот на експерти на МОТ и ЕКСП.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО,
1. Кон одлучувањето на меритумот на предметот, го приклучува претходниот приговор на Владата и го прогласува жалбениот навод во врска со забраната на штрајкот на солидарност допуштен, а останатиот дел од жалбата недопуштен,
2. Одлучува дека немало повреда на член 11 од Конвенцијата.
Пресудата е изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 8 април 2014 година по основ на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Фатош АраџиИнета Зимеле
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
(a) заедничко издвоенo мислење на судиите Зимеле, Хирвела и Бианку;
(б) идвоено мислење на судијата Војтичек.
I.Z.
F.A.
Издвоените мислења не беа преведени, но се појавуваат на англиски јазик во верзијатана официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]. Задебелен текст е употребен во оригиналот.
[2]. Задебелен текст е употребен во оригиналниот документ.
[3]. Што значи во тоа време солидарниот штрајк бил само ограничен, но не и забранет.
[4]. Задебелен текст е употребен во оригиналниот документ.
[5]. Се однесувал на тогашните 27 земји членки како и Хрватска и Исланд. Објавен во електронска форма на .
[6]. Видете ја базата на податоци на ЕКСП .
Full & Egal Universal Law Academy