ЧЕТВРТИ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ В.Ц.Л. И А.Н. ПРОТИВ ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО
(жалби бр. 77587/12 и 74603/12)
ПРЕСУДА
Член 4 • Позитивни обврски • Пропуст на домашните надлежни органи да преземат оперативни мерки во согласност со меѓународните стандарди за заштита на малолетниците кои кривично се гонат и покрај основаното сомнение дека биле жртви на трговијата со луѓе • Немање почетна, брза процена на статусот на тргуваното лице • Давање несоодветни причини за продолжување со кривичното гонење, и покрај констатирањето на надлежните органи дека жалителите биле тргувани
Член 6 став 1 (кривично право) • Пропуст да се спроведе истрага за статусот на жалителите како потенцијални жртви на трговијата со луѓе, што влијае врз севкупната правичност на кривичната постапка • Необезбедување на доказите кои ги содржат темелните аспекти на нивната одбрана • Неодрекувањето од правата признавањето вина не е извршено со целосно согледување на фактите • Недостатокот не е исправен при последователните преиспитувања од страна на домашните надлежни органи кои се потпирале на несоодветни образложенија
СТРАЗБУР
16 февруари 2021 година
ПРАВОСИЛНА
05/07/2021
Пресудата е правосилна согласно членот 44 став 2 oд Конвенцијата. Може да подложи на редактирање.
Овој превод се објавува во договор помеѓу Советот на Европа и Европскиот суд за човековите права и за него единствено одговорна е акцијата за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе од Хоризонталниот инструмент II во Северна Македонија.
Во случајот В.Ц.Л. и А.Н. против Обединетото Кралство [V.C.L. and A.N. v. the United Kingdom],
Европскиот суд за човековите права (Четврти оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Yonko Grozev, претседател,
Tim Eicke,
Faris Vehabović,
Iulia Antoanella Motoc,
Armen Harutyunyan,
Pere Pastor Vilanova,
Jolien Schukking, судии,
и Andrea Tamietti, секретар на одделот,
Имајќи ги предвид:
жалбите (бр. 77587/12 и 74603/12) против Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска вложени пред Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и темелните слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца државјани на Виетнам, г. В.Ц.Л. и г. А.Н. („жалителите“), на 20 ноември 2012 година и 21 ноември 2012 година соодветно;
одлуката да се извести Владата на Обединетото Кралство („Владата“) за поплаките во однос на член 4 и член 6 став 1 од Конвенцијата;
одлуката на жалителите да им се додели анонимност според правилото 47 став 4 од Деловникот на Судот;
согледувањата доставени од тужената Влада и согледувањата што во одговор ги доставија жалителите;
коментарите доставени од Либерти [Liberty], кои од Претседателот на Одделот добија дозвола да се вмешаат во обата случаи, и ГРЕТА [GRETA] и Антислејвери Интернешнал [Anti-Slavery International], кои од Претседателот на Одделот добија дозвола да се вмешаат во случајот А.Н. против Обединетото Кралство;
расправајќи на затворена седница на 12 јануари 2021 година,
ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ВОВЕД
1. Овие жалби се однесуваат на кривичното гонење на (тогаш) малолетните жалители, од кои и двајцата биле препознаени како жртви на трговијата со луѓе од страна на определениот Надлежен орган, за кривични дела поврзани со нивната работа како градинари во фабрики за канабис.
ФАКТИ
2. Жалителите се родени во 1994 и 1992 година и живеат во Мидлсекс и Лондон. Жалителот во жабата бр. 77587/12 (во понатамошен текст, „првиот жалител“), на кого му беше доделена правна помош, беше застапуван од страна на Брдс Солиситорс [Birds Solicitors], адвокатска канцеларија со седиште во Лондон. Жалителот во жалбата бр. 74603/12 (во понатамошен текст, „вториот жалител“) беше застапуван од страна на Центарот АИРЕ [AIRE Centre], добротворна правна организација со седиште во Лондон, и од страна на професорот П. Чандрон [Professor P. Chandran], адвокат-баристер со седиште во Лондон при 1 Памп Корт Чемберс [1 Pump Court Chambers].
3. Владата беше застапувана од агентот, г. Џ. Гоган [J. Gaughan] при Министерството за надворешни работи [Foreign and Commonwealth Office].
4. Фактите за случајот доставени од странките може да се резимираат како што следи.Осудување и изрекување казна на првиот жалител
5. На 6 мај 2009 година, првиот жалител бил откриен од страна на полицијата на адреса во Кембриџ при извршување на налог за претрес во истрага за дрога. На адресата имало куќа, со четири спални соби, којашто била претворена во софистицирана фабрика за канабис, и каде што биле пронајдени 42 растенија канабис со улична вредност од над 130.000 ГБП. Првиот жалител бил пронајден сам на имотот, поседувал мобилен телефон со кредит, и 100 ГБП готовина.
6. По неговото откривање, првиот жалител бил сослушан во присуство на правен застапник и соодветно возрасно лице. Тој тврдел дека има петнаесет години (факт којшто Владата сега прифаќа дека бил точен), дека бил прокриумчарен во Обединетото Кралство од страна на својот посвоител, дека по доаѓањето го пречекале двајца виетнамски државјани кои го одвеле на адресата во Кембриџ, и дека, иако сфатил дека таму се одгледува канабис, не знаел дека тоа се врши нелегално. Бил обвинет за вмешаност во производство на контролирана дрога.
7. Социјалните служби ја извршиле процена на возраста на првиот жалител и заклучиле дека тој ќе наполнел осумнаесет години во јануари 2010 година. Окружниот судија во Магистратскиот суд подоцна констатирал како факт дека првиот жалител имал најмалку седумнаесет години.
8. На подготвителното рочиште пред Кралскиот суд на 21 мај 2009 година, случајот бил одложен до главната расправа. По неколку дена, добротворната организација за правно советување и застапување „Правда за бегалците и мигрантите“ [Refugee and Migrant Justice] го известила тогашниот застапник на првиот жалител за загриженост дека може да бил жртва на трговијата со луѓе, и дека на ваквата можност „алармирале“ социјалните служби. Тие понатаму посочиле дека социјалните служби може да побараат прекин на постапката пред Кралската обвинителска служба [Crown Prosecution Service] (во понатамошен текст, „ЦПС“), а доколку не, тогаш случајот треба да се даде на суд.
9. На 12 август 2009 година првиот жалител остварил средба со бранителот [counsel]. Не постои запис дали било истражено и прашањето на трговијата со луѓе. Првиот жалител начелно дал инструкции дека ќе се изјасни дека „не е виновен“ и посочил дека бил исплашен, но по совет на бранителот, тој потврдил дека има намера да се произнесе за “виновен“.
10. На 20 август 2009 година, по средбата со бранителот, првиот жалител се произнел за виновен за производство на дрога од Класа „Б“.
11. На 4 септември 2009 година, на средба на која првиот жалител не бил придружуван од соодветно возрасно лице, различен бранител го посоветувал дека може да поднесе барање за повлекување на признанието на вина по основ на тоа дека бил тргуван и приморан на принудна работа, Но, првиот жалител му дал инструкции на бранителот дека не стравува од наводните трговци со луѓе. И покрај тоа, изрекувањето на казната било одложено до прием на извештајот од социјалните служби за тоа дали сметаат дека тој бил жртва на трговијата со луѓе.
12. На 14 октомври 2009 година, ЦПС ја преиспитала својата одлука за кривично гонење и заклучила дека не постојат уверливи докази дека првиот жалител бил тргуван. Но, наредниот ден, ЦПС добила писмо од Граничната агенција на Обединетото Кралство [United Kingdom Border Agency] (во понатамошен текст, „УКБА“) дека околностите на случајот на првиот жалител биле разгледани од страна на еден од двата Надлежни органи (видете ги пасусите 75-76 подолу) кој заклучил дека постои основано сомнение дека тој бил тргуван. Затоа, му бил доделен 45-дневен „период на одлучување“ и неговиот случај бил одложен по основ на тоа дека таквата одлука била во негов најдобар интерес.
13. На 27 ноември 2009 година, УКБА пратила писмо до застапникот на првиот жалител. Во писмото стоело дека кривичната истрага во врска со трговијата со луѓе била сè уште во тек, но дека било констатирано дека околностите на првиот жалител укажувале на следниве индиции за трговија со луѓе: дека тој бил најден во фабрика за канабис, со нагласок на кривична активност која ја изведувале возрасни лица; дека не бил запишан на училиште; и дека не му било дозволено да го напушта имотот. Понатаму, во писмото се велело дека во светло на неговиот „уверлив исказ“ - којшто останал доследен при сите средби што ги имал со социјалните служби - тие сметале дека тој бил доведен во Обединетото Кралство за трговија со луѓе.
14. На 8 декември 2009 година, случајот бил преиспитан од страна на правничката на ЦПС, но Главниот кралски обвинител [Chief Crown Prosecutor] на крајот потврдил дека случајот треба да се гони. Иако не биле дадени официјални причини за ваквата одлука, во писмото до еден пратеник во парламентот од 10 декември, тогашниот Директор на јавното обвинителство [Director of Public Prosecutions] појаснил дека кривичното гонење не било прекинато, бидејќи кривичните дела биле крајно сериозни, не била употребена одбрана со принуда, а и немало јасни докази дека постоела трговија со луѓе.
15. На рочиштето од 14 декември 2009 година ЦПС аргументирала дека да се биде жртва на трговијата со луѓе не претставува одбрана; туку, одлуката за кривично гонење била донесена во светло на информациите што ги имала и коишто морало да се разгледаат. Да се поднесе барање за повлекување на признанието би било бесмислено, бидејќи принудата не претставувала одржлива одбрана. Сепак, судијата посочил дека барањето за повлекување на признанието е основано, и закажал рочиште за почетокот на 2010 година доколку се достави такво барање. Потоа, во ќелијата, првиот жалител посочил дека сака да го преиначи своето изјаснување за вина.
16. На 16 декември 2009 година бранителот им посочил на правните советници [solicitors] на првиот жалител дека социјалните служби „претеруваат“ со барањето да се преиначи изјаснувањето за вина. Тој го повторил својот став дека поради фактот што првиот жалител не бил исплашен и ги одгледувал растенијата за да му помогнат, за возврат, да си го пронајде семејството, преиначувањето на признанието станува небитно.
17. На рочиштето на 19 јануари 2010 година, првиот жалител останал на првичното изјаснување за вина. Се чини дека оваа одлука следела по средбата со неговите правни советници, на којашто бил советуван дека наодот дека бил тргуван не бил дефинитивно потврден; дека, во секој случај, ЦПС немала обврска - а немала ни намера - да го повлече кривичното гонење; и дека иако одлуката да биде кривично гонет би можела да се оспори на Високиот суд [High Court], постапката би била долга и без големи изгледи за успех. Според излагањето на Кралскиот суд, доказите укажувале на тоа дека првиот жалител не е тргувано лице. Бранителот пред Кралскиот суд детално ги испитал фактите, особено забележувајќи дека тој бил пронајден во обична куќа со мобилен телефон, кредит и пари; при процена на можната трговија со луѓе тој посочил дека неговото семејство во Виетнам не е во опасност; дека никому во Виетнам не му должел пари; и дека не бил злоупотребуван пред неговото апсење. Оттука, тие не констатирале „никаква причина“ да ја преиначат својата првична процена дека првиот жалител треба кривично да се гони поради постоење на јавен интерес. Првиот жалител бил осуден на дваесет месеци затвор во установа за млади престапници.Осудување и изрекување казна на вториот жалител
18. На 21 април 2009 година, полициските службеници посетила една станбена просторија во Лондон по дојава за можна провала. Тие добиле информација дека голема група на мажи биле видени во градината зад просторијата како насилно влегуваат. Кога стигнале таму, откриле многу софистицирана фабрика за канабис. Вториот жалител, заедно со извесен број на други виетнамски државјани, бил пронајден во близина на просторијата, како се крие од бандитите. Сите биле уапсени.
19. По апсењето, кај вториот жалител биле пронајдени 70 ГБП. Со помош на преведувач, бил сослушан во полициската станица. Бидејќи начелно кажал дека е 1972 годиште, бил третиран како возрасен (отпосле било прифатено дека неговата вистинска година на раѓање е 1992).
20. За време на полициското сослушување тој посочил дека по напуштањето на Виетнам пристигнал во Обединетото Кралство преку Чешка. Набрзо по пристигнувањето, се сретнал со неколкумина Виетнамци, вклучително и еден маж („Х“) кој му обезбедил сместување, облека и храна за една недела. Дури престојувал во куќата, му било кажано дека „најдобро би било да не излегува“; но, кога го прашале дали бил држан таму против својата волја, тој рекол не. По една недела, бил однесен во фабриката за канабис во едно возило кое било „прикриено“. Според вториот жалител, прозорците на фабриката биле изѕидани, единствената врата се заклучувала однадвор, а и верувал дека фабриката била под стража. Неговата работа се состоела од полевање на растенијата и готвење. Тој спиел, јадел и работел во фабриката, но не му било плаќано за работата.
21. Вториот жалител тврдел дека на почетокот не бил свесен дека растенијата во фабриката биле нелегални. Но, со текот на времето почнал да се сомнева, и посакал да си замине од страв. Отприлика околу тоа време, Х му дозволил да ја напушти фабриката со уште неколкумина на неколку дена, но кога му кажал на Х во еден телефонски разговор дека тој повеќе не сака да се врати, Х му рекол дека може да биде убиен доколку престане со работата. Потоа, тој и другите биле собрани и вратени во фабриката.
22. По сослушувањата, жалителот бил обвинет дека бил вмешан во производство на контролирана дрога од Класа „Б“, имено, канабис.
23. На судската расправа пред Магистратскиот суд на 30 април 2009 година, вториот жалител кажал дека неговата година на раѓање е 1992. Од тој момент понатаму, случајот бил разгледуван, имајќи предвид дека тој имал седумнаесет години.
24. Обвинителството извршило увид во досието на 1 јуни 2009 година. Се чини дека сметале дека вториот жалител бил прокриумчарен во Обединетото Кралство, бидејќи неговите родители го финансирале неговото патување до [земјата] каде што се надевале дека ќе има подобар живот.
25. На вториот жалител му била одобрена правна помош. Во инструкциите до неговиот бранител стои забелешка која посочува дека тој бил „доведен во ОК преку трговија со луѓе“, иако изворот на тој запис не бил откриен и подоцна жалителот прифатил дека тој таков термин не употребил.
26. Бранителот се видел со вториот жалител на средбата од 1 јули 2009 година, при што примил инструкции директно од него со помош на преведувач. Тој на бранителот му рекол дека го напуштил својот дом во Виетнам и дошол во Обединетото Кралство нелегално преку Чешка. По пристигнувањето, стапил во контакт со братучетка му во Лондон. Дури барал работа, некои Виетнамци го запознале со Х, којшто му обезбедил сместување, храна и пари. Потоа бил одведен да работи во фабриката, за којашто начелно сметал дека произведува лековити растенија. Најчесто бил заклучуван во фабриката и не можел да излегува. По приближно десет дена, открил дека растенијата се всушност канабис и побарал да си замине. Добил закана дека ако си замине би можел да биде убиен или ќе бил убиен. Иако во една прилика отишол заедно со уште неколку колеги во домот на нивните роднини, Х ги контактирал таму, и како резултат на дополнителни закани, тие се вратиле во фабриката.
27. Бидејќи вториот жалител прифатил дека можел да избега од куќата на роднината на колегата, бранителот не верувал дека бранењето со принуда би можело да успее. Вториот жалител се произнел за виновен во јули 2009 година.
28. По неговото признавање на вината, бил изработен извештај пред изрекување на казната, од страна на припадник на Службата за работа со малолетни престапници [Youth Offending Team]. Во извештајот било наведено дека вториот жалител жалел за својата одлука да прифати да работи во фабриката. Тој прифатил дека неговата мотивација била „финансиската добивка“, што не било ниту прифатливо ниту оправдано. Ја прифатил одговорноста за својата одлука да го стори делото, и покажал извесна доза на каење.
29. На 25 септември 2009 година, вториот жалител бил осуден на осумнаесет месеци затвор во воспитно-поправна установа. Било уважено тоа што си ја признал вината, а во предвид било земено и тоа дека е малолетник, фактот дека го напуштил Виетнам заради обезбедување подобар живот за себеси, како и неговиот „одличен напредок“ дури бил во притвор.
Последователни наоди во однос на статусот на вториот жалител како жртва на трговијата со луѓе
30. Во април 2010 година, новиот правен советник на вториот жалител го упатил случајот на Националното здружение за спречување на суровост кон децата - Национална советодавна и информативна линија за трговија со децата [National Society for the Prevention of Cruelty to Children National Child Trafficking Advice and Information Line] (во понатамошен текст, „НСПЦЦ НЦТАИЛ“).
31. Во разговор со социјална работничка од НСПЦЦ НЦТАИЛ, вториот жалители посочил дека неговото семејство платило за да отпатува во Чешка откако бил нападнат од полицијата и речиси бил уапсен за време на антивладините протести во Ханој. До Чешка патувал сам, каде што го сретнал еден човек којшто му го зел пасошот. Во куќата на тој човек останал околу две недели, при што морал да седи во својата соба, освен кога перел или чистел. Потоа, заедно со две жени, бил превезен до Лондон во камион. По пристигнувањето, еден човек ги презел трите патника и ги одвел во куќата на жените. Оттаму се јавил на мајка си за да му ги даде контакт-податоците од братучетката во Лондон. Потоа стапил во контакт со братучетката, по што двете жени дошле со него за да ја сретне на еден пазар. Тие му рекле да се врати наредниот ден на местото за средба, и му рекле дека тие ќе му средат да си најде работа. Вториот жалител останал кај братучетка си една ноќ, но бидејќи не ја познавал многу добро - а и воопшто не го познавал нејзиниот сопруг - тој не сакал повеќе да им е наметнува. Затоа, се вратил на местото за средба, каде што го сретнал Х.
32. Врз основа на разговорот, социјалната работничка заклучила дека постои основано сомнение да се смета дека вториот жалител бил жртва на трговија со деца од Виетнам до Обединетото Кралство. Особено, таа забележала дека: се чини дека постои јасна поврзаност помеѓу луѓето коишто го организирале неговото патување од Виетнам, тие што го држеле во Чешка и го пренеле во Обединетото Кралство, и тие што го експлоатирале за работа во фабриката за канабис; или не му било дозволувано да излегува од просториите каде што бил засолнуван, или пак сосема бил заклучуван, или пак бил експлоатиран од своите агенти; не бил известен за криминалната природа на работата во фабриката за канабис; бил заклучан во фабриката за канабис и му било кажано дека ќе го убијат ако си замине: и бил принуден да живее во нездрави услови во фабриката, без да прима плата.
33. Случајот на вториот жалител потоа бил разгледан и од страна на еден од Надлежните органи (видете ги пасусите 75-76 подолу). На 16 ноември 2010 година, УКБА го известила дека Надлежниот орган заклучил дека тој бил тргуван. Иако Органот сметал дека некои аспекти на неговото тврдење дека бил тргуван ја подривале неговата веродостојност - фактот дека му било дозволено да го напушти надзорот на својот агент и да преноќи кај братучетката една ноќ, фактот дека не бил доследен за постоењето на телефоните во фабриката за канабис, и фактот дека му било дозволено да излезе надвор од фабриката за канабис - сепак било прифатено дека, врз основа на урамнотежена веројатност, постоеле основи да се верува дека бил доведен во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе. Според неговиот став, исказот на вториот жалител за неговото врбување и патување од Виетнам до Обединетото кралство ја задоволува дефиницијата на трговија со луѓе согласно Конвенцијата против трговијата со луѓе заради трудова експлоатација. Исто така, Органот сметал дека постои поврзаност помеѓу оние што ги организирале неговото патување надвор од Виетнам, оние што го држеле во Чешка и го донеле во Обединетото Кралство, и оние што го ставиле да работи во фабриката за канабис, и дека бил во положба на зависност и ранливост, што до некаде и објаснува зошто му било дозволено да излезе од фабриката, и зошто тој се вратил. Што се однесува до работата што ја работел, тој бил пронајден на место за експлоатација, коешто било чувано и заклучано однадвор, а животните и работните услови одговарале на оние што се својствени за експлоатирачки состојби.
34. Сепак, бидејќи наполнил осумнаесет години и повеќе не добивал советување, не било прифатено дека тој е „социјален случај“. Како таков, тој повеќе не се сметал дека е жртва на трговијата со луѓе и не се квалификувал за дозвола за престој.
35. Правниот советник на вториот жалител исто така ангажирал и психолог, којшто подготвил извештај во март 2011 година. Извештајот се засновал на исказот што жалителот го дал пред соговорникот од НСПЦЦ НЦТАИЛ. Психологот заклучил дека тој претрпел психолошко вознемирување како последица на повеќекратни трауматски искуства како малолетник, што го вклучува и нападот од страна на полицијата во Виетнам и неговото тргување во Обединетото Кралство. Неговите симптоми ги исполнувале критериумите за пост-трауматско стресно растројство (во понатамошен текст „ПТСР“) како и за посериозно депресивно растројство. Според мислењето на психолози, неговите симптоми биле доследни со неговиот исказ во однос на неговата историја. Понатаму, психологот сметал дека исказот што го дал вториот жалител на соговорникот од НСПЦЦ бил „во широки црти доследен“ со исказот даден на полицијата, и дека малите недоследности може да се објаснат со ПТСР. Поради неговата историја со полицијата во Виетнам, тој по апсењето би бил исплашен, лут и збунет. Наспроти тоа, разговорот со НСПЦЦ НЦТАИЛ бил спроведен во помалку вознемирувачки контекст, од страна на стручно лице кое има искуство како да се постапува со деца жртви на трговијата со луѓе.
36. На 28 јуни 2011 година, Правничката за посебни случаи [Special Casework Lawyer] при ЦПС го разгледала случајот на вториот жалител во светло на ажурираното упатство на ЦПС и заклучоците на НСПЦЦ НЦТАИЛ и УКБА. Земајќи го особено во предвид фактот што вториот жалител бил дете со позрели години [постар малолетник], недоследностите во исказот што го дал, фактот што имал мобилен телефон и можел да побара помош, фактот што му било допуштено да си ја види братучетката, и не бил држен во фабриката против своја волја, отсуството на физички повреди кај него и кај сите други „градинари“, фактот дека со себе имал извесна сума пари кога бил пронајден, како и можноста дека можел да избега од фабриката за канабис, таа останала цврсто на ставот дека тој не бил жртва на трговијата со луѓе и дека е во јавен интерес кривично да се гони. При донесувањето на ваквиот заклучок, таа сметала дека првичниот исказ на вториот жалител (видете ги пасусите 20 и 21 погоре) најверојатно биле најблиску до вистината.
37. На 7 ноември 2011 година, НСПЦЦ НЦТАИЛ изработил дополнителен извештај. Во него, социјалната работничка којшто го подготвила претходниот извештај ја зела во предвид дополнителната документација којашто првенствено се однесувала на кривичната постапка и разгледала дали е неопходно да се смени мислењето изнесено во претходниот извештај (видете ги пасусите 31-32 погоре). Таа заклучила дека во овие материјали нема нови документи што би ја навеле да си го смени своето стручно мислење. Впрочем, таа сметала дека материјалот во некој од документите, во комбинација со нејзиното зголемено искуство во областа на трговија со деца, само го зајакнале нејзиниот заклучок дека вториот жалител бил жртва на трговијата со луѓе во моментот кога бил уапсен. Во тој поглед, таа истакнала дека исказите што децата потенцијални жртви на трговијата со луѓе им ги даваат на различни стручни работници, во различни контексти, ретко кога се сосема доследни еден на друг.Жалбата на жалителите против осудувањето и казнувањето
38. Првиот жалител побарал дозвола да вложи жалба - вон рок - против осудителната пресуда и казната. Тој аргументирал дека требало да бил посоветуван да си го повлече признанието и да поднесе барање за запирање на постапката, бидејќи бил веројатна жртва на трговијата со луѓе и, како таков, не требало да биде кривично гонет. Тој исто така се пожалил дека кога одлучувал да не си го смени изјаснувањето за вина немало присутно возрасно лице, а и дека ЦПС не успеала да потврди зошто било во јавен интерес да го гонат.
39. Бидејќи станувало збор за еден од првите случаи каде што се покренува проблемот на трговијата со деца заради трудова експлоатација по влегувањето во сила на Конвенцијата на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе („Конвенцијата против трговијата со луѓе“), дозволата била дадена. Судот коментирал:
„...на судот му се чини дека постојат две причини за потенцијална загриженост. Прво, се покажа дека нешто не е во ред кога еден орган на Државата (Министерството за внатрешни работи [Home Office]) прифатило дека лицето било тргувани, а друг орган на Државата (ЦПС) дошол до спротивен заклучок, навидум без да биде свесен за првото. Може да се аргументира дека е прашање на јавното право кога власта преку своето Министерство за внатрешни работи ќе прифати дека лицето било тргувано, тогаш и ЦПС да треба да продолжи по иста основа, освен ако не пронајде силна причина да постапи поинаку. Второ, се чини дека на жалителот не му бил даден соодветен совет за неговата положба, којашто била невообичаена.“
40. И вториот жалител побарал дозвола да вложи жалба вон рок против осудителната пресуда и казната. Во неговата пречистена основа за обжалување на осудителната пресуда тој аргументирал, меѓу другото, дека неговата осудителна пресуда била несигурна, бидејќи тој, како малолетник и жртва на трговијата со луѓе и на принудна работа спротивно на член 4 од Конвенцијата имал право да биде заштитен, а не гонет. Особено, тој аргументирал дека ЦПС требала да спроведе далеку поголема истрага за тоа дали бил доведен во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе и дали бил експлоатиран во фабриката за канабис. Тој делумно се потпирал на доказите на Стручниот работник во детската служба [Children’s Services Practitioner] при НСПЦЦ НЦТАИЛ кој, повикувајќи се на упатството објавено од страна на ЦПС и Здружението на шефовите на полицијата [Association of Chief Police Officers] (во понатамошен текст, „АЦПО’ - видете го пасусот 74 подолу), аргументирал дека соодветен одговор во случајот на вториот жалител ќе било полицијата да го упатила случајот до социјалните служби на локалната власт веднаш штом го пронашла него во фабриката за канабис. Тогаш, полицијата ќе требало да сподели колку што е можно повеќе информации за да им помогне на социјалните служби да направат соодветна процена за постоење на трговија со луѓе, а и ќе требало да се утврдат и задоволат и другите социјални потреби во контекст на грижа и заштита на децата. Во основата на жалбата исто така се упатувало и на извештајот на Командата за заштита на децата од експлоатација и на интернет [Child Exploitation and Online Protection Command] (во понатамошен текст, „ЦЕОП“, при Националната криминалистичка агенција [National Crime Agency] - видете ги пасусите 81-83 подолу) каде што се посочувало дека, и покрај фактот што секое дете идентификувано во фабриките за канабис веројатно е жртва на трговијата со луѓе, постоело тренд на кривично гонење, а не заштита на виетнамските деца што ќе биле најдени во овие фабрики.
41. Вториот жалител понатаму аргументирал дека бранењето со принуда од прецедентното право не била соодветна за случаите кои се однесувале на децата жртви на трговијата со луѓе, бидејќи детето, согласно закон, не може да даде согласност за своето тргување.
42. Дозволата била дадена, и неговата жалба била обединета со жалбата на првиот жалител.
43. Во пресудата донесена на 20 февруари 2012 година, Апелацискиот суд констатирал дека членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе (т.н. „одредба за неказнување“ - видете го пасусот 103 подолу) се однесувал на одлуките за изрекување казна, а не на одлуките за гонење, па според тоа, не можел да се толкува дека создава имунитет за жртвите на трговијата со луѓе коишто биле вмешани во криминални активности, ниту пак можел да го прошири бранењето со принуда така што ќе ги отстрани ограничувањата што му се инхерентни. Резимирајќи ги суштинските начела кои произлегуваат од скорешната судска пракса, судот забележал дека исполнувањето на обврските на Обединетото Кралство согласно Конвенцијата против трговијата со луѓе:
„...нормално се постигнува со правилното искористување на одамна востановената обвинителска дискреција [начело на опортунитет] којашто на Кралската обвинителска служба ѝ давало можност, колку и да се цврсти доказите, да одлучи дека би било несоодветно да започне или да продолжи со кривичното гонење на обвинетиот, којшто не може да ја изнесе принудата во својата одбрана, но којшто потпаѓа во заштитниот делокруг на членот 26. За ова е потребно ЦПС да донесе пресуда во поединечниот случај во светло на сите расположливи докази. Оваа надлежност му припаѓа не на судот, туку на обвинителскиот орган. Судот може да се вмеша во поединечниот случај доколку процесот се злоупотреби така што ќе ја искористи ‘крајната санкција’ за запирање на постапката. Товарот на докажување дека постапката е или била злоупотребена врз основа на неправилно искористување на обвинителската дискреција е врз обвинетиот. ...Фактот што нејзиното разгледување се зема во предвид во контекст на соодветното исполнување на обврските на Обединетото Кралство согласно Конвенцијата не подразбира создавање на нови начела. Напротив, веќе утврдените начела важат и во конкретниот контекст на обврската од членот 26, ништо повеќе и ништо помалку. Покрај конкретната надлежност да ја запре постапката каде што процесот се злоупотребува, судот може, исто така, ако смета дека е соодветно, при исполнувањето на своите надлежности за изрекување казна, да ја спроведе обврската од членот 26 во духот на јазикот на самиот член, така што ќе постапи со обвинетиот на начин којшто нема да претставува казнување, туку ќе наложи негово апсолутно или условно ослободување.“
44. Судот утврдил дека главното прашање во жалбите е дали процесот на судот бил злоупотребен со одлуката на обвинителскиот орган да го спроведе кривичното гонење. Сепак, целосно разгледувајќи ги фактите во случаите на жалителите, судот ја отфрлил нивната жалба против осудата.
45. Во однос на првиот жалител, судот изјавил дека:
„Отворајќи го случајот пред Кралскиот суд, бранителот се фокусирал на доказите кои укажувале дека жалителот не можел да се опише како тргувано лице. Тој во себе имал пари во готово. Му бил даден мобилен телефон и кредит за да го користи телефонот. Куќата била обична куќа, далеку од импровизиран затвор, каде што обвинетиот рекол дека бил оставен и му носеле намирници на недела дена. Исказот даден од страна на жалителот при сослушувањето, во којшто рекол дека дошол во потрага по посвоителот, му противречи на она што го кажал при процената за постоење на трговија со луѓе. Кога го прашале да посочи кој би можел да биде неговиот посвоител, тој не можел да даде разбирливо објаснување. Неговото движење низ земјата по пристигнувањето, и неговото наводно случајно присуство во Кембриџ, кога тој едноставно налетал на двајца сограѓани кои му понудиле можност да го однесат во Кембриџ, не било својствено за една жртва на трговијата со луѓе. Во текот на наредните месеци, исказот се проширил и со одреден ‘благ притисок или закани’ на кои бил изложен обвинетиот, но пак во самата процена за постоење на трговија со луѓе се дава информација дека жалителот јасно кажал дека неговото семејство во Виетнам не било под закани, дека немале долгови спрема никого во Виетнам, и дека не бил злоупотребуван пред да го уапсат. Кралскиот суд детално ги испитал фактите и дошол до заклучок дека не постои ‘никаква причина да се преиначи неговата првична процена на јавниот интерес дека жалителот’ е некој којшто треба кривично да се гони.
Со оглед на педантното внимание и деталното испитување на сите релевантни докази изведени и од бранителот пред Обвинителството и од Кралската обвинителска служба, и правичниот и урамнотежен приод на Судијата [Ц] во текот на оваа одолжена постапка, изгледите на оваа жалба не ветувале многу.
Во суштина, аргументот што го изнел [бранителот] тргнува од фактот дека, со оглед на информациите што ѝ биле достапни на одбраната во моментот кога случајот дошол во фаза на изрекување на казната, требало да се поднесе барање за повлекување на признанието. Но, како што прифаќа тој, ништо не укажувало на тоа дека изјаснувањето за вина би можело да се прогласи за ништовно, или дека теоретското бранење со принуда би имало било какви реалистични изгледи за успех. Па сепак, ако било поднесено барањето за повлекување на признанието, и ако истото било одобрено, врз основа на младата возраст на жалителот и констатациите во негова полза поврзани со трговијата со луѓе, тогаш судијата би бил повикан да разгледа и барање за запирање на гонењето, со претпоставка дека [sic.], да било поднесено такво барање, судијата би до одобрил. Сето ова е крајно шпекулативно, и не соодветствува на реалноста. Дури и да го убедиле судијата да му дозволи на жалителот да го повлече признанието за да може да се поткрепи аргументот во прилог на налогот за запирање на постапката, неизбежниот исход на секое такво рочиште би било тоа дека одлуката да се продолжи со кривичното гонење била целосно оправдана. Врз основа на фактите, одлуката за кривично гонење била издашно оправдана. Тоа би бил ставот што би го зазел Судијата [Ц], и тоа е непоколеблив заклучок до којшто дојдовме.“
46. Судот, сепак, ја дозволил жалбата на првиот жалител против казната, бидејќи констатирал дека, со оглед на возраста и признавање на вината, затворската казна од дванаесет месеци би била доволна.
47. Што се однесува, пак до вториот жалител, Судот забележал дека, при донесувањето на одлуката кривично да го гони, ЦПС ја немала на увид констатацијата на УКБА дека тој бил дете жртва на трговија со луѓе. Но, дури и да бил достапен тој извештај, УКБА и ЦПС располагаат со различни задолженија, и никој од нив не може правно да го обврзе другиот. Судот ги дал следниве забелешки:
„Во суштина, аргументот во прилог на спорењето дека осудителната пресуда е несигурна бил, во секој случај, за почеток, заснован на простата претпоставка дека сите вклучени во случајот ја промашиле вистинската поента, дека жалителот недвосмислено потпаѓа под одредбата на членот 26 на Конвенцијата, и дека бил доведен во земјата преку трговија со луѓе. [Бранителот] аргументирал дека Кралската обвинителска служба требало да спроведе далеку поголема истрага за прашањето дали жалителот бил доведен во земјата преку трговија со луѓе и дали бил експлоатиран во фабриката за канабис; дека оние кои делувале во името на жалителот требало да ја алармираат Кралската обвинителска служба за истиот проблем и да ја поканат да спроведе понатамошна истрага, па дури и дека, во еден момент, и самата судијка станала немарна со тоа што не го препознала проблемот и не побарала понатамошна истрага.
[Бранителот] изнел издржани излагања кои биле критични за процесот, којшто кулминирал со изрекувањето на казната. Во еден дел, тој се потпирал на тогашното Упатство и кодекс на струката, што е составен дел на публикациите наведени погоре во пресудата. При поблиска анализа, се чини дека со своите излагања тој мислел да каже дека за илјадниците лица кои може, вршејќи си ги своите должности, да се најдат вмешани во истрага и гонење на кривични дела, треба да се претпоставува дека ги знаат и целосно ги разбираат делокругот и потенцијалниот ефект на сите можни публикации коишто даваат насоки или совети секогаш кога ќе се уапси лице кое би можело да потпадне во делокругот на Конвенцијата. Ова е до некаде нереалистично. Иако неизбежно мора да постои широко познавање на начинот на кој работат различните тела задолжени со вакви задолженија, ЦПС, или АЦПО, впрочем и секое друго надлежно тело, не може веднаш да ги земе предвид сите насоки или совети што ги издаваат сите други тела. Во овој конкретен случај, на пример, Центарот за заштита на децата од експлоатација и на интернет, претставувајќи го АЦПО, го објавил својот извештај токму на денот на кој самиот тој [жалителот] бил сослушуван по апсењето. Во секој случај, ни се чини дека во почетната фаза по спроведувањето на Конвенцијата, примарниот фокус на вниманието бил ставен врз правењето разлика помеѓу оние кои биле ‘прокриумчарени’ во земјата и оние коишто биле ‘доведени преку трговија со луѓе. Но, уште поважно, критиката ги игнорира фактите, а особено ефектите од исказите на жалителот дадени, при неговото сослушување, на неговите адвокати и авторот на Извештајот пред изрекување на казната, за околностите во кои станал имигрант во оваа земја и во кои работел во фабриката за канабис. Овие искази, мора да нагласиме, биле инструкции и објаснувања дадени од самиот жалител. Доказите што им биле достапни на оние кои делувале во негово име, дека тој бил ‘прокриумчарен’ како доброволец, биле неспорни. Згора на тоа, се чини дека тој самиот избрал да започне да работи со [Х] наместо да пронајде работа во или близу сигурниот дом на неговата братучетка, и дека тој избрал да работи, на почетокот, без очигледна потешкотија. По тоа, периодот во кој жалителот работел во фабриката за канабис пред да биде уапсен бил многу краток. Овој период бил прекинат од не толку значајна пауза. Тој поседувал пари во готово. По неговото апсење, продолжил да комуницира со своето семејство во Виетнам и со својата братучетка во Англија, без да укаже дека изрекол некаква поплака или искажал некаква загриженост.
И покрај заложбите [на бранителот] да нè убеди во спротивниот став, на денешен ден, не постојат докази пред Кралскиот суд, а впрочем и пред ЦПС, па и пред самата одбрана, кои би укажале дека жалителот бил доведен во земјата преку трговија со луѓе или дека потпаѓал пред заштитниот делокруг на членот 26. Напротив, ефектот на доказите беше во насока дека тој бил доброволец, ‘прокриумчарен’ во земјата за да оствари подобра живеачка за себеси и дека имал дом со член од семејството каде што можел да отиде и каде што би бил добредојден. Суштинската олеснителна околност, правилно преземена од инструкциите на жалителот, е дека бил многу млад, и во ранлива положба како нелегален имигрант, и дека во краткото време што работел во фабриката за канабис, исто како и неговите сообвинети, тој бил експлоатиран од другите. Тоа давало доволно олеснителни околности, но во светло на фактите како што се чини дека се, а врз основа на тогаш актуелното Упатство за обвинителите, одлуката за кривично гонење наместо за спроведување на понатамошна истрага не подразбирала никаква погрешна примена на обвинителската дискреција во доволна мера за да се оправда заклучокот дека ова кривично гонење претставувало злоупотреба на процесот врз основа на повреда на членот 26 од Конвенцијата.“
48. Судот, исто така, изразил и сомнение во вредноста на експертските докази кои излегоа на светлина по осудувањето и изрекувањето на казната на вториот жалител (видете ги пасусите 30-37 погоре). Ова немало за цел да се оспори добрата верба на експертите, туку да се признае фактот дека нивните заклучоци зависеле од исказот за настаните од страна на вториот жалител. Освен тоа, новиот материјал не го поткрепил спорењето дека тој бил жртва на принудна работа. Напротив, со него се укажало дека тој избрал да работи во фабриката за канабис иако имал на располагање безбеден дом со член од семејството, и доказите дека тој бил „принуден“ да работи во такви услови биле, во најдобар случај, „небулозни“. Како последица на тоа, осудителната пресуда не може да се каже дека била несигурна.
49. Но, со оглед на младата возраст на вториот жалител, неговото признавање на вината, како и крајно краткиот период во којшто работел во фабриката за канабис, судот посочил дека требало да му се намали казната на четири месеци во воспитно-поправна установа.
50. Како заклучок, Судот констатирал дека:
„Само поради тоа што проблематиката на случаите коишто се однесуваат на членот 26 од Конвенцијата е често пати крајно чувствителна, ние разгледавме многу докази по осудата, од кои голем дел, при анализата, се покажаа како повторливи. Исто така, разгледавме и голем број на публикации и ги зедовме предвид сите експертски докази. Во контекст на новите докази, ќе утврдиме низа согледувања коишто имаат широк општ ефект.
...
г) Во голем број пресуди на овој суд се појаснуваше дека на обвинетиот му се дава една прилика да ги даде своите инструкции на своите правни советници. По тоа, неговата одбрана се разгледува и се изложува и тој се советува како да се изјасни за вината во светло на тие инструкции. Само во најисклучителни случаи судот би зел предвид, ако е соодветно, да дозволи обвинетиот да изнесе нешто што фактички би претставувало давање нови инструкции за фактите заради обжалување на осудителната пресуда. Не постои посебна категорија на исклучивост којашто произлегува во контекст на членот 26.“
51. И двајцата жалители поднеле барање за дозвола да вложат жалба до Врховниот суд. Првиот жалител побарал да се потврдат следниве точки од законот: дали искористувањето на дискрецијата од страна на ЦПС за тоа дали да гони кривично дете за кое Надлежниот орган констатирал дека претставува жртва на трговијата со луѓе, ги исцрпува обврските на Обединетото Кралство согласно домашното и меѓународното право во однос на тоа дете; и според кој стандард на докажување ЦПС би морала да констатира дека детето е веројатна жртва на трговијата со луѓе за детето да не смее да се гони. Вториот жалител се повикал на член 4 од Конвенцијата и изложил дека фактите на случајот го покренувале прашањето за степенот во кој ЦПС треба да им даде тежина на позитивните наоди на оние чијашто надлежност е да го одредат статусот на детето коешто може да било тргувано.
52. Барањата за дозвола да вложат жалби до Врховниот суд биле одбиени.Последователната постапкаПовторно разгледување на Конечната одлука на првиот жалител
53. На 22 јануари 2014 година, Правната служба на Владата [Treasury Solicitors] побара Конечната одлука за првиот жалител (видете го пасусот 13 погоре) повторно да се разгледа врз основа на информациите содржани во досието на ЦПС и коментарите дадени од судијата при изрекувањето на казната.
54. Со одлука од 31 јули 2014 година, Надлежниот орган посочил дека се задржува Конечната одлука. Според неговото мислење, обезбедените информации не ги менуваат клучните точки во случајот, а тоа е дека првиот жалител бил пронајден внатре во фабриката за канабис кога бил малолетно лице. Според Протоколот од Палермо и Конвенцијата против трговијата со луѓе, за да се смета за жртва на трговијата со луѓе, обично е потребно да се присутни три составни елементи: лицето мора да подлежи на чинот на врбување, превезување, пренесување, засолнување, или измамување (дејство); по пат на закана со сила или друг обид на присилување (средство); за потребите на експлоатација, вклучително и, меѓу другото, принудна работа или услуга (цел). Но, елементот на ‘средство’ не бил потребен кога лицето е дете, затоа што тие не може да дадат информирана согласност. Во случајот на првиот жалител, тој работел за други луѓе како градинар, што значи дека бил врбуван. Освен тоа, тој бил заклучан на имотот, што се сметало дека претставува засолнување. Конечно, работата што ја работел била нелегална, па затоа, придобивките што ги добивал за нејзиното вршење не биле сразмерни на работата којашто морал да ја работи. Затоа, според ставот на Надлежниот орган, било сосема јасно дека првиот жалител бил тргуван. Што со однесува, пак, до тоа што судијата на неговото кривично судење се посомневал дека бил тргуван, неговите наоди во однос на веродостојноста се однесувале на периферни работи коишто не навлегувале во суштината на елементите коишто ја сочинуваат дефиницијата за трговија со луѓе.
Понатамошната жалба на првиот жалител
55. На 13 декември 2013 година, првиот жалител побарал преиспитување на неговата осудителна пресуда врз основа на новите докази и новите правни аргументи. Првата основа се состоела од новите медицински докази кои укажувале дека, врз основа на урамнотежена веројатност, првиот жалител имал Аспергеров синдром, заедно со симптоми на ПТСР, па, како последица на тоа, било веројатно тој да бил социјално наивен и подложен на експлоатација. Во однос на втората основа, првиот жалител аргументирал дека пропустот на Обвинителството да спроведе истрага за трговијата со луѓе претставувал повреда на член 4 од Конвенцијата, што ја прави незаконска одлуката за неговото гонење. Освен тоа, Обвинителството не го зело соодветно предвид фактот што првиот жалител бил малолетно лице, за кое и од страна на УКБА и од страна на социјалните служби било проценето дека било тргувано.
56. На 14 април 2016 година, Комисијата за преиспитување на кривичните случаи [Criminal Cases Review Commission] (во понатамошен текст, „ЦЦРЦ“) решила да го упати случајот на првиот жалител назад во Апелацискиот суд врз следниве основи: на располагање биле нови докази со кои се покажува дека тој морало да биде препознаен од страна на ЦПС како дете веројатна жртва на трговија со луѓе и дека бил принуден да стори кривично дело како директна последица на неговата состојба како тргувано лице; дека постоела реална можност Апелацискиот суд да го повлече неговото признание на вината и да констатира дека одлуката кривично да се гони претставувала злоупотреба на процесот без да се обрне доволно внимание на обврските на Обединетото Кралство согласно член 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе; и дека затоа постои реална можност неговата осудителна пресуда да се укине. Освен тоа, таа забележала дека упатството на ЦПС од 2009 година се чини дека било недостаточно; иако во него се врши упатување на степенот на принуда или присила на кој може да подлежи детето жртва, во него не се потенцира дека не е потребно да постои присила за извршување на кривичното дело.
57. Жалбата на првиот жалител била разгледана заедно со уште пет други жалби во кои осудените обвинети аргументирале дека не требало да бидат кривично гонети, бидејќи постои поврзаност помеѓу нивните кривични дела и статусот како жртви на трговијата со луѓе.
58. Основата на жалбата на првиот жалител се состоела во тоа што (i) информациите до коишто се дошло отпосле да ѝ биле познати на ЦПС пред да ја донесе својата одлука за кривично гонење, и да се применела одредбата од членот 26 врз тие факти, ЦПС и/или Апелацискиот суд немало да донесат заклучок дека било во јавен интерес кривично да го гонат; (ii) дека Кралскиот суд се довел себеси во заблуда со тоа што критериумот за сила/принуда го внел во прашањето за тоа дали тој бил тргувано дете во смисла на член 26; (iii) дека Кралскиот суд, при процената дали тој бил експлоатирано дете, ги зел предвид нематеријалните согледувања, а пропуштил да ги земе предвид материјалните согледувања; (iv) дека Кралскиот суд не успеал да ја сфати централната релевантност на тоа дали тој бил тргуван за јавниот интерес во неговото гонење; и (v) дека одлуката да биде кривично гонет и да се исклучи примената на член 26 била незаконска поради пропустот да се поведе кривична истрага за тоа дали тој бил тргуван или не - како што се бара со член 4 од Конвенцијата - што би ја информирало одлуката за јавен интерес.
59. Пред рочиштето, претставниците на првиот жалител подготвиле белешка за Надлежните органи за да му помогнат на Апелацискиот суд при согледување на заемната поврзаност на идентификувањето од страна на Надлежниот орган на потенцијалната жртва во рамките на Националниот механизам за упатување и како тоа се вклопува во кривично-правната рамка. Било забележано дека Државата има процесна обврска - што претставува процесна обврска согласно член 4 од Конвенцијата - да спроведе истрага за ситуациите на потенцијална трговија со луѓе. И Надлежниот орган и Локалниот орган направиле процена и го идентификувале првиот жалител како тргувано дете. Со оваа информација се активирала позитивната обврска за полицијата и за Кралскиот суд да спроведат истрага во согласност со членот 4 за наводите за трговија со деца. И едните и другите имале повеќе прилики кога можеле да ја исполнат таа своја обврска, но не го сториле тоа. Но, и Надлежниот орган и Локалниот орган делувале во согласност со своите задолженија. Како резултат на тоа, пак, Кралскиот суд не би требало да се повикува на својот пропуст во однос на членот 4, или пропустот на полицијата, за да ја поткопа процената на Надлежниот орган и на Локалниот орган.
60. Пред Апелацискиот суд, „Антислејвери Интернешнал“ изложил, во својство на вмешувач, дека за да ги испочитува меѓународните конвенции, судот мора да го развие правото на принуда така што лицата коишто не може да се повикаат на членот 45 од Законот за современо ропство од 2015 година (каде што се пресликува ‘одредбата за неказнување од Конвенцијата против трговијата со луѓе - видете го пасусот 103 подолу) затоа што не бил во сила во релевантното време би биле во иста положба како и тие коишто може да се потпираат на него.
61. Пресудата била донесена на 9 февруари 2017 година. Апелацискиот суд зазел став дека дури и пред да влезе во сила Законот за современо ропство од 2015 година, правото делувало во пракса на начин којшто бил целосно доследен со меѓународните обврски на Обединетото Кралство. Затоа, судот ги одбил сите укажувања дека сегашниот приод - особено во поглед на бранењето со принуда - треба да се преиначи за случаите кои не се опфатени со Законот од 2015 година. Во случај на малолетници, судот повторил дека штом еднаш ќе се утврди дека детето било жртва на трговијата со луѓе заради експлоатација, релевантното прашање е дали постои доволна поврзаност помеѓу трговијата со луѓе и криивичото дело; не било нужно да се покаже дека постоела присила да се стори кривичното дело (како што би било во случај на возрасно лице). Иако судот прифатил дека ова не било јасно во упатството на ЦПС од 2009 година, упатствата од 2011 година и од 2015 година биле повеќе експлицитни.
62. Што се однесува до поврзаноста помеѓу Надлежниот орган (видете ги пасусите 75-76 подолу) и ЦПС; судот забележал дека одлуките на Надлежниот орган не ја обврзуваат правно ЦПС. Понатаму продолжил:
„Кога ќе се појави прашањето дали лицето е жртва на трговијата со луѓе заради експлоатација, дури кривичното гонење се зема во предвид или е веќе во тек, ЦПС и полицијата можат да го упатат до Надлежниот орган случајот на лицето во однос на кое може да постојат докази дека е жртва на трговијата со луѓе. Во Упатството за Надлежниот орган стои одредба за соработка со полицијата и ЦПС во сите случаи пред заклучување на гонењето. Ни беше кажано дека соработката се остварила така што за време на постапката кога се разгледувало дали да се поведе кривичното гонење, бил вложен секој напор да се дојде до заеднички став за тоа дали доказите покажуваат дека лицето е жртва на трговијата со луѓе. Тоа бездруго е од најголема важност, бидејќи уверливоста на доказите врз кои Надлежниот орган веројатно се потпирал мора да се подведе под темелна форензичка проверка кога ЦПС го разгледува прашањето на поврзаност и дали кривичното гонење е во јавен интерес.
Но, во однос на тоа кога лицето по неговото осудување ќе тврди дека е жртва на трговијата со луѓе, не постои јасно упатство или процес во однос на соработката со ЦПС или при прибавувањето на судските документи. Овие жалби покажаа дека би било пожелно да се изработат многу појасни упатства и процеси помеѓу ЦПС и надлежните органи во случаи кога тврдењето дека лицето е жртва на трговијата со луѓе ќе се изнесе по неговото осудување. Важно е да се разбере дека судот сесрдно ќе го земе предвид заклучокот на Надлежниот орган, но сепак ќе го разгледа прашањето на уверливоста на доказите врз кои се потпирал Надлежниот орган и таквите докази ќе ги подведе под темелна форензичка проверка. Од фактот што лицето ‘одговара на профилот’ на жртва на трговијата со луѓе не мора нужно да следи дека лицето навистина е жртва на трговијата со луѓе. Потребна е внимателна анализа на фактите, вклучително и темелно испитување на исказот на лицето и соодветен фокус врз доказите за поврзаноста помеѓу трговијата со луѓе и кривичното дело за кое се товари.“
63. Во случајот на првиот жалител, Апелацискиот суд се задоволил со тоа што кривичната одговорност или виновноста не биле укинати или значително намалени до степен за да не биде кривично гонет во јавен интерес, Судот изјавил:
„Истата оваа основа за вложување жалба, макар што поинаку изразена, се најде и во средиштето на жалбата во последниот наврат во 2012 година. Како што објаснивме, судот беше уверен дека одлуката за кривично гонење била сосема оправдана. Значи, не станува збор за случај кога судот или правниците на обвинетиот ја пропуштиле можноста да ги преиспитаат статусот на обвинетиот како можна жртва на трговијата со луѓе и поврзаноста со кривичното дело. Ова прашање беше истражено во најситен детал и со најголемо внимание и од страна на Кралскиот суд и од страна на овој суд.
Ќе биде потребно да се изведе убедлив нов доказ или нишка на аргументи за да нè убедат одново да го изодиме веќе добро изодениот пат. Во случајот на жалителот навистина малку се нештата што може да се земат како нов доказ или нов аргумент. Определбата на Министерство за внатрешни работи дека желителот бил тргуван беше разгледана и од Кралскиот суд и од Апелацискиот суд.
Единствениот „нов доказ“ е медицинскиот извештај дека жалителот се наоѓа на Аспергеров спектар и дека е социјално наивен. Излагањата што ни беа изложени го извлекоа од доказите тоа што можеше да се извлече, а го имаме предвид и согледувањето на овој суд во претходната жалба ... во однос на ограничената помош што ја дадоа експертските извештаи коишто премногу сериозно се потпираат на исказот даден од страна на жалителот, во услови кога тој исказ се разликува од претходните искази. Според нашето расудување, ниту медицинскиот извештај, ниту пак неговата поддршка на заклучокот на Министерство за внатрешни работи се доволни за да се поткопа признанието на вината од страна на жалителот или заклучокот на судот во последниот наврат дека одлуката кривично да се гони во јавен интерес е издашно оправдана.
Жалителот, кој речиси и да бил возрасно лице, престојувал во куќата како градинар на канабисови растенија. Тој не бил затвореник, имал значителен износ на пари во готово (без некоја очигледна причина) и имал пристап до телефон. Неговото објаснување во однос на неговото присуство во куќата не задоволува, а пак неговиот исказ за тоа како се нашол таму ни од далеку не е доследен. Врз основа на овие факти, Кралскиот суд слободно можел да одлучи дека треба да се продолжи со кривичното гонење со оглед на тоа што не била утврдена релевантната поврзаност со случај на дете жртва на трговијата со луѓе.
Го одбиваме тврдењето дека во последниот наврат Судот применил погрешна проверка во однос на присилата што е потребна за во случај на дете. Пресудата започнува со јасно наведување на сите релевантни начела во однос на трговијата со луѓе, вклучувајќи ги и релевантните начела што се однесуваат на децата жртви. Судот не продолжи во насока дека жалителот морал да покаже присила за да го повлече неговото признание. ... [П]асусот во кој што се врши упатување на присилата и којшто е предмет на критика не се однесуваше на овој жалител. Во пасусот 90 од оваа пресуда за претходната жалба, судот зборуваше за конкретно прашање во однос на сообвинетиот, како што објаснивме. Кралскиот суд и овој суд, при последната жалба, ја зедоа предвид поврзаноста помеѓу трговијата со луѓе и кривичното дело на правилен начин; таа не укажа на тоа дека мора да постојат докази за присила.“
64. Првиот жалител поднел барање до Апелацискиот суд за потврда дека во одлуката од 9 февруари 2017 година се содржат точки од законот што се општа јавна важност, а коишто требало да ги разгледа Врховниот суд. Овие точки се однесувале на тоа како обвинителството и судот треба да постапат при донесување на одлуката за тоа дали е во јавен интерес да се започне со кривичното гонење кога постојат наводи дека осомниченото лице е жртва на трговијата со луѓе; дали ЦПС и кривичниот суд треба да бидат правно обврзани со наодот на Надлежниот орган, освен ако врз основа на фактите би било неразумно за нив да не се обврзат; и дали критериумот за ‘присила’ треба да се изземе во случај на дете жртва на трговијата со луѓе.
65. Барањето било одбиени на 21 март 2017 година.
РЕЛЕВАНТНА ПРАВНА РАМКА И ПРАКСАДомашното право и праксаЗакон за современо ропство од 2015 година [Modern Slavery Act 2015]
66. Законот за современо ропство од 2015 година („Законот од 2015 година“), којшто влегол во сила на 21 јули 2015 година, дава сеопфатна одредба во однос на трговијата со луѓе.
67. Во членот 45 се објаснуваат условите што треба да се задоволат за да произлезе основа за одбрана кога постои поврзаност помеѓу трговијата со луѓе и извршеното кривично дело:
„45. Одбрана за жртвите на ропство или трговија со луѓе коишто сториле кривично дело:
(1) Лицето не е виновно за кривично дело доколку–
(а) лицето е на возраст од 18 или повеќе години во моментот кога лицето го извршило дејството што претставува кривично дело,
(б) лицето го извршило дејството бидејќи било присилено да го изврши,
(в) присилата може да се припише на ропство или на релевантна експлоатација, и
(г) разумно лице во иста ситуација како лицето и коешто ги има истите релевантни карактеристики како лицето би немало реална алтернатива освен да го изврши дејството.
(2) Лицето може да биде присилено да стори нешто од страна на друго лице или од околностите на лицето.
(3) Присилата може да се припише на ропство или на релевантна експлоатација, само доколку–
(а) е, или е дел од, однесување коешто претставува кривично дели согласно член 1 или однесување коешто претставува релевантна експлоатација, или
(б) е директна последица на тоа што лицето е, или било, жртва на ропство или жртва на релевантна експлоатација.
(4) Лицето не е виновно за кривично дело доколку–
(а) лицето е на возраст под 18 години во моментот кога лицето го извршило дејството што претставува кривично дело,
(б) лицето го извршило дејствието како директна последица на тоа што лицето е, или било, жртва на ропство или жртва на релевантна експлоатација, и
(в) разумно лице во иста ситуација како лицето и коешто ги има истите релевантни карактеристики како лицето би го извршило дејството.
(5) За потребите на овој член–
под „релевантни карактеристики“ се подразбираат возраста, полот и секоја физичка или ментална болест или попреченост;
под „релевантна експлоатација“ се подразбира експлоатацијата (во смисла на член 3) којашто може да се припише на тоа што експлоатираното лице е, или било, жртва на трговијата со луѓе.
...”
68. Пред влегувањето во сила на релевантните одредби од Законот од 2015 година, не постоела законска одредба во Обединетото Кралство со којашто со домашното право се транспонирале обврските на Државата согласно меѓународните конвенции кон жртвите на трговијата со луѓе коишто сториле кривично дело кога што постоела поврзаност помеѓу кривичното дело и трговијата со луѓе. Затоа, во случаите кога не било веројатно да важи бранењето со принуда, му се оставало на правосудството и на Кралскиот суд/ЦПС да развијат правен режим преку кој Државата би ги ефектуирала своите меѓународни обврски.Релевантни упатстваВладата
69. Во 2007 година, Владата ја објавила публикацијата „Згрижување на децата кои може да биле тргувани“ [Safeguarding Children who may have been Trafficked]. Во публикацијата се даваат следниве дефиниции:
„Најчестите термини што се користат за нелегалното движење на луѓето - ‘криумчарење’ и ‘трговија’ имаат многу различно значење. Кај криумчарењето на луѓето, имигрантите и барателите на азил им плаќаат на луѓето за да им помогнат да влезат во земјата нелегално, по што повеќе не постои никаков однос. Жртвите на трговијата со луѓе се присилени или измамени од лицето што го организира нивното преселување. По пристигнувањето во одредишната земја, тргуваната жртва се принудува на експлоатација од страна на трговецот или од страна на лицето во чијашто контрола се предадени или продадени.’
70. Во публикацијата исто така се обрнува внимание на (тогаш актуелниот) Кодекс за кралските обвинители [Code for Crown Prosecutors] во кој се предвидувало дека децата кои биле присилени на криминална активност биле жртви на злоупотреба и не треба да се криминализираат. Дури и кога не би било достапно бранењето со принуда, веднаш би се активирала одлуката за тоа дали е во јавен интерес кривично да се гони детето.
71. „Алатки за трговија со луѓето“ [Trafficking Toolkit] на Владата на Обединетото Кралство бил објавен во октомври 209 година. Упатувајќи на дефиницијата за трговија со луѓето што се наоѓа во членот 4 од Конвенцијата против трговијата со луѓе, се подвлекува разликата помеѓу трговијата со луѓе и криумчарењето на луѓе, и двете по пат на упатување кон природата на кривичното дело и односот помеѓу лицето што го организира влезот на мигрантот и самиот мигрант. Посебно внимание се обрнува на Конвенцијата против трговијата со луѓе и на мерките осмислени за заштита на жртвите на трговијата со луѓе, вклучувајќи ја и „можноста на жртвите да не им се изрече казна за нивната вмешаност во незаконски активности, ако од нивата ситуација биле принудени да го сторат тоа.“ЦПС
72. Во декември 2007 година, ЦПС објавила упатство за „Кривично гонење на млади лица обвинети за кривични дела кои може да се жртва на трговија со луѓе“ [Prosecution of young defendants charged with offences who might be trafficked victims]. Тука се нагласува одгледувањето на растенија канабис како кривично дело коешто е веројатно да го вршат деца жртви на трговија со луѓе. Според упатството, обвинителите треба да внимаваат на можноста дека во такви околности младиот сторител всушност може да бил жртва на трговијата со луѓе и може да го сторил кривичното дело под присила. Доколку постојат јасни докази дека младото лице располага со веродостојна одбрана со принуда, случајот треба да се прекине. Кога, пак, информациите за присила се помалку сигурни, треба да се побараат дополнителни детали од полицијата и од тимот на младиот сторител за внимателно да може да се разгледа јавниот интерес во продолжувањето на гонењето. На секое младо лице кое може да било тргувано треба да му се даде заштита согласно законите за заштита на децата доколку постои загриженост дека тој или таа работеле под принуда или дека неговата или нејзината добросостојба бил под закана.
73. Во „Упатството за трговија и криумчарење на луѓе“ на ЦПС [Guidance on Human Trafficking and Smuggling] (коешто за последен пат, пред апсењето на жалителот, било ажурирано на 4 февруари 2009 година) се идентификуваат две кривични дела коишто биле нагласени во скорешните случаи како дела за кои е веројатно да бидат сторени од деца жртви на трговијата со луѓе, од кои едното е ‘одгледување на растенија канабис’. Упатството продолжува:
„Обвинителите треба да внимаваат на можноста дека во такви околности младиот сторител всушност може да бил жртва на трговијата со луѓе и може да го сторил кривичното дело под присила.
Тргуваните деца може да се колебаат дали да ги обелоденат околностите на нивната експлоатација по пристигнувањето во ОК од страв трговецот или сопственикот да не им се одмазди, или пак, поради погрешно поставената лојалност кон нив. Колебливоста да ги обелоденат околностите под кои пристигнале во земјата може да има импликации врз поголем број малолетнички кривично-правни процеси.
Може детето да било подучено од трговецот на надлежните органи да не им го прикаже својот вистински идентитет или вистинските околности. Во некои случаи, може да бидат подучени на погрешна верзија на настаните и предупредени да не обелоденат ниту еден детал повеќе од таа верзија, или во спротивно би биле депортирани.
Слично како и кај возрасните, децата може да бидат изложени на повеќе видови психолошка присила или закани, како што се заканите дека ќе бидат пријавени кај надлежните органи; заканите за насилство врз членовите на семејството на детето; држењето во социјална изолација; тврдењето дека тие или нивните семејства должат големи суми на пари и дека мора да работат за да си го отплатат долгот; или преку вршење на магиски „џуџу“ обреди или вештичарење.
Доколку постојат јасни докази дека младото лице располага со веродостојна одбрана со принуда, случајот треба да се прекине врз основа на доказите. Кога, пак, информациите за присила се помалку сигурни, треба да се побараат дополнителни детали од полицијата и од тимот на младиот сторител за внимателно да може да се разгледа јавниот интерес во продолжувањето на гонењето. Обвинителите исто така мора да внимаваат и на фактот што соодветното возрасно лице присутно на сослушувањето може да биде трговецот или лице поврзано со трговецот.
На секое младо лице кое може да било тргувано треба да му се даде заштита согласно законите за заштита на децата доколку постои загриженост дека лицето работело под принуда или дека неговата добросостојба бил под закана. На обвинителите исто така им се свртува вниманието и на „Упатството за згрижување на децата кои може да биле тргувани“ [Guidance Safeguarding children who may have been trafficked] на ДЦСФ и Министерство за внатрешни работи.
...
Центарот за трговија со луѓе на Обединетото Кралство [UK Human Trafficking Centre] (УКХТЦ) ги врши потребните испитувања за да утврди дали станува збор за потенцијална жртва на трговијата со луѓе. Кога информациите ќе укажат на можноста лицето да било тргувано, Центарот ќе ги контактира обвинителот и службеното лице задолжено за случајот за да се увери дека ќе се следат упатствата на соодветната политика и дека доказите одново ќе се преиспитаат во светло на новите информации. Ова упатство ја одразува пресудата во „Р против О [2008] ЕВЦА Крим 2835“ [R v. O [2008] EWCA Crim 2835].“Здружение на шефовите на полицијата („АЦПО“)
74. На 16 август 2010 година, Групата за заштита на децата и за водење истраги за злоупотреба на децата [Child Protection and Abuse Investigation Group] при АЦПО издала документ со наслов „Ставот на Раководителот за заштита на децата и на Раководителот за одгледување канабис при АЦПО за децата и младинците што биле откриени на фарми за канабис“ [Position from ACPO Lead’s on Child Protection and Cannabis Cultivation on Children and Young People Recovered in Cannabis Farms]. Од она што е релевантно, документот предвидува:
„1. Полицијата треба да внимава на можноста се секое лице, возрасно или дете, пронајдено на фарма за канабис, може да биде жртва на трговијата со луѓе. Во стратешката процена на ЦЕОП, заснована на разузнавачките информации доставени од полицијата, УКБА, детските служби и НВО, се нагласуваат случаите на деца и младинци кои биле доведени во ОК преку трговија со луѓе и биле експлоатирани на фарми за канабис. Разузнавачките информации посочуваат дека понекогаш, како последица на потребата од поголема освестеност за проблемот, младите лица не ги идентификуваат како жртви, не им се признава правото на законска заштита, па лицата завршуваат така што против нив се покренува обвинение, се гонат кривично, и е осудуваат за кривични дела што ги извршиле дури биле експлоатирани. Ова е спротивно на обврската на полицијата да пружи заштита кога младото лице е жртва на кривично дело. Ова е спротивно и на задолженијата во поглед трговијата со деца набројани во Конвенцијата на Советот на Европа (СнЕ) за дејствување против трговијата со луѓе, каде што се наведува дека секое лице на возраст до 18 години не може да даде согласност за сопственото тргување. Раководителот на АЦПО за заштита на децата и за водење истраги за злоупотреба на децата и Раководителот на АЦПО за одгледување канабис го усвоија следниов приод.
2. Во согласност со упатството „Згрижување на децата кои може да биле тргувани“, полицијата треба да соработува со локалните власти во обезбедување на раната идентификација на жртвите на трговијата со луѓе пред да дојдат на некоја веројатна фарма за канабис. Во фазата на планирање на секоја проактивна операција или друга полициска интервенција на фармите на канабис, двојното планирање на операцијата треба да се фокусира не само на откривање на нелегалните дроги и апсењето на учесниците во криминалниот потфат, туку и на згрижување на децата коишто се експлоатираат на таквата локација. Однапред треба да се донесат меѓусекторски стратегии и протоколи за рано идентификување и известување во соработка со локалните детски служби и претставниците на УКБА. Полицискиот тим што го раководи подготвувањето на проактивната операција треба да се консултира со полицискиот тим за заштита на децата, а кога се очекува дека може да се пронајде дете жртва на трговија со луѓе, во операцијата да се вклучат и службените лица за заштита на децата за да се осигура дека ќе се преземат мерки за згрижување.
3. Секое лице пронајдено на фармата за канабис коешто ќе се идентификува како, или коешто ќе тврди дека е дете или младинец треба да се процени, за секој случај поединечно, дали било тргувано. Доколку околностите дадат повод за основано сомнение дека лицата биле експлоатирани или злоупотребувани, треба да се реагира во насока на обезбедување социјална заштита на децата.
4. Против таквите лица не смее да се донесе одлука за покренување на обвинение, дури не се направат сите релевантни процени. Обвинителите и дежурните правни советници се должни да ги преземат сите соодветни истражни работи за кривичните гонења во кои се вмешани лица кои може да биле жртви на трговијата со луѓе, и да бидат проактивни во утврдувањето дали осомниченото лице е потенцијална жртва на трговијата со луѓе. Затоа, информациите за можната трговија со луѓе треба целосно да се споделат со ЦПС. Чести се случаите лицата да тврдат, од тактички причини, дека се помлади од 18 години, кога всушност не се. Но, и во случаи на сомнение, на младото лице треба да му се уважи претпоставката за вистинитост на тврдењето, согласно Конвенцијата на СнЕ, дури не се прибават информации во полза на спротивното. Кога не постои официјална евиденција или не се достапни други веродостојни докази за да се потврди возраста, треба да се направи процена на возраста според Мартон од страна на локалните власти.
5. При откривање на некое младо лице на фарма за канабис, лицето треба веднаш да се однесе на безбедно место. Треба да се направи проверка на ЦИД (централната разузнавачка база на податоци) на ПНЦ или УКБА за да се обезбеди дека полицијата ги исцрпела сите достапни ресурси за да пронајде информации за младото лице.
7. Лицето треба да се упати до детската служба на локалните власти за да направат соодветна процена. Детските служби треба да бидат подготвени за овие упатувања, со тоа што би биле вклучени во фазата на планирање пред да се изврши упад на локацијата. Претставникот на локалните власти треба да биде информиран за околностите во кои било откриено младото лице и за можноста да било тргувано. Полицијата треба да споделува колку што е можно повеќе информации со детските служби за да можат да направат соодветни процени. Претставникот на локалните власти треба да дојде во полициската станица (или на друго безбедно место каде што ќе се однесе младото лице) во рок од еден час од приемот на известувањето за да може да се направи заедничка процена и да се направи план за заштита осмислен така што младото лице да остане безбедно. За ова ќе биде потребен и преведувач кој ќе може безбедно да комуницира со младото лице на негов јазик.
7. Севкупната цел на локалните власти и на полицијата треба да биде да го уверат младото лице дека е безбедно...
8. Сите други социјални потреби треба да се идентификуваат и задоволат во контекст на згрижување и заштита на децата.
9. За сите направени процени се одлучува помеѓу локалните власти и локалната полиција. Направените процени треба да бидат во согласност со стандардите за заштита на децата и треба да ја користат мултисекторската рамка дадена во упатството „Да работиме заедно на згрижување на децата“ [Working Together to Safeguard Children] од 2010 година. Процените треба да ги прави лице од релевантниот орган коешто е соодветно обучено за заштита на децата и истите треба да се вршат тековно. Раководителите на локалните власти, полицијата и УКБА треба да се состанат во рок од пет дена по првичната заедничка процена за да разговараат за известувањето на младото лице, тековната стратегија и планот за заштита.
10. Штом младото лице ќе биде безбедно и ќе се најде во постабилно окружување, детските служби на локалните власти треба да спроведат процена за постоење на трговија со луѓе. ...Кога со процената ќе се потврди загриженоста дека лицето било тргувани, лицето треба да се упати до релевантните надлежни органи во рамките на Националниот механизам за упатување. ... Постапките за згрижување и заштита на децата треба да се спроведат во согласност со потребите на младото лице.
... ... ...
12. Доколку постои сомнение дека младото лице е потенцијална жртва на трговијата со луѓе, полицијата има должност, со помош на локалните власти, да спроведе истрага за наводите за трговија со луѓе согласно член 47 од Законот за децата [Children’s Act]. Важно е сторителите да се гонат кривично за делата поврзани со трговијата со луѓе со цел да се заштитат во иднина деца од експлоатација, и да се делува застрашувачки за другите.“Националниот механизам за упатување и Надлежните органи
75. На 1 април 2009 година, за да се совпадне со влегувањето во сила на Конвенцијата против трговијата со луѓе (видете го пасусот 102 подолу), Владата го создала Националниот механизам за упатување (во понатамошен текст, „НМУ’) за да ја обезбеди рамката за идентификување и упатување на потенцијалните жртви на современото ропство и да се осигура дека тие ќе ја добијат соодветната поддршка. За да бидат упатени до НМУ, потенцијалните жртви на трговијата со луѓе мора првин да бидат упатени до еден од двата надлежни органи на Обединетото Кралство кои се надлежни да донесат конечна одлука за тоа дали лицето било тргувано заради експлоатација. Надлежните органи се Центарот за трговија со луѓе на Обединетото Кралство при Националната криминалистичка агенција и Министерство за внатрешни работи.
76. Надлежните органи првин носат одлука во однос на постоење на „основано сомнение“. Прагот за донесување на оваа одлука е „Се сомневам, но не можам да докажам“, а позитивната одлука се активира 45-дневниот период на одлучување. По овој период, истиот Надлежен орган треба да донесе одлука во однос на „сигурна основа“ за којашто прагот претставува „урамнотеженост на веројатностите“, односно, дека „повеќе е веројатно од што не е“ лицето да било тргувано.Релевантната судска праксаР против О [2008] ЕВЦА Крим 2835 [R v. O [2008] EWCA Crim 2835]
77. Малолетната жалителка во овој случај се изјаснила за виновна по обвинението за поседување лажна лична карта со намера да ја употреби како своја и била осудена на осум месеци затвор намалени за 16-те дена поминати во притвор. Иако од „Проектот Булка“ [The Poppy Project] (организација која ги поддржува ранливите жени коишто биле доведени во Англија преку трговија со луѓе и втурнати во проституција) навеле дека таа е жртва на организација што се занимава со трговија со луѓе заради сексуална експлоатација, нејзините правни застапници постапиле врз основа на нејзините инструкции, без да ги земат предвид информациите доставени од „Проектот Булка“. Тие не зеле предвид дали таа би можела да биде жртва на трговија со луѓе или кои би можеле да бидат последиците од нејзината вистинска возраст. Нејзините претставници исто така не биле запознаени со двата протоколи, за кривично гонење на младите сторители и обвинети кои се обвинети за кривични дела поврзани со имиграција кои може да се жртви на трговија со луѓе, како и за кривично гонење на младите сторители обвинети за кривични дела кои може да се жртви на трговија со луѓе (видете ги пасусите 72-73 погоре), и покрај тоа што и двата протоколи биле вградени во Кодексот на кралските обвинители.
78. Жалителката вложила жалба против нејзината осудителна пресуда и нејзината жалба не била одбиена. За допуштањето на жалбата, судот изјавил:
„Во овој случај пред одбраната постоел материјал којшто недвосмислено требало да предизвика барем насетување дека оваа жалителка била доведена во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе заради проституција. Одбраната добила од неа информации кои укажувале дека имала најмногу 17 години, како што и бранителот навистина изложил пред судот, а можеби дури и 16. Од извештајот за притворот, Кралскиот суд требало да разбере дека таа може да била многу млада личност.
Одбраната не презела никакви чекори за да ја истражи историјата. Одбраната не зела во предвид дали таа може да ползува бранењето со принуда. Можноста дека може да била тргувана била игнорирана. Ништо во транскриптот не укажува на тоа дека воопшто било размислено дали можеби Државата има обврска да ја заштити како младо лице коешто е жртва. Никој не зел во предвид дека што е на возраст од 17 или помалку години, таа и воопшто не требало да се најде пред Кралскиот суд. Бранителот сметал дека е право да се упати на ‘неизбежна казна затвор’. Судијката досудила, како што самата опишала, ‘неизбежна казна затвор’ од 8 месеци. Доколку жалителката имала 17 или помалку години, казната затвор, како таква, би била незаконска. За секој случај, судијката ја осудила без извештај.
Оваа жалба против осудителната пресуда очигледно мора да се дозволи. Ние тоа ќе го допуштиме едноставно врз основа на тоа што и прецедентното право и членот 6 од Европската конвенција за човековите права налагаат повисоки стандарди за процесна заштита од што биле дадени во случајот. Немало правично судење. Се надеваме дека таков срамотен стек на околности никогаш повеќе нема да се повтори. Обвинителите мора да се свесни за протоколите кои, макар и да не се запишани во учебниците, сепак се вградени во нивниот Кодекс. Бранителите мора да реагираат така што ќе преземат истражни дејства, доколку пред себе имаат веродостоен материјал кој покажува дека имаат клиент којшто може да бил жртва на трговијата со луѓе, особено кога е во прашање млад клиент. Кога постои сомнение околу возраста на обвинетата, којашто е можна жртва на трговијата со луѓе, мора да се преземат соодветни истражни дејства, и навистина тоа го налага и законот.“Р против М(Л) [2010] ЕВЦА Крим 2327 [R. v. M(L) [2010] EWCA Crim 2327]
79. Во овој случај, кој се одвивал пред донесувањето на Законот за современо ропство во 2015 година, Апелацискиот суд разгледал три посебни жалби кои се однесувале на наводен пропуст да се спроведе членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе (имено, ‘одредбата за неказнување’ - видете го пасусот 103 подолу). Судот ги дал следниве забелешки:
„Обединетото Кралство презеде опсежни чекори за да ги исполни своите обврски согласно Конвенцијата. Постои кривично дело трговија со луѓе. До сега, што се однесува до членот 10, беа оформени поголем број тела чијашто цел е да се идентификуваат жртвите и да им се пружи помош. Центарот за трговија со луѓе на Обединетото Кралство (УКХТЦ) и мултисекторски центар, чијашто една од функциите е да ги идентификува лицата кои се или може да се жртви на трговијата со луѓе. Постои и Националниот механизам за упатување (НМУ), како механизам преку кој државните органи, вклучително и кривично-правите тела, може да ги упатуваат своите случаи на разгледување. Освен тоа, постојат и неколку организации од трет сектор, кои имаат за цел да ги идентификуваат лицата кои се или може да се жртви на трговијата со луѓе. Една таква организација е и „Проектот Булка“, добротворна организација која во голема мера е финансирана од владата, претежно за овие цели. Сега постои и Надлежниот орган за издавање лиценци на посредниците во вработувањето, и извесен број други тела.
Овие агенции имаат за цел да се идентификуваат лицата за кои постои „основано сомнение„ да се третираат како жртви на трговијата со луѓе. Тестот произлегува директно од членот 10. Кога за едно лице ќе се утврди дека го исполнува праговниот тест, тој или таа се квалификува за поголем број форми на помош, вклучително и период од не помалку од 30 дена за закрепнување и одлучување, за кое време не смее да се преземат никакви чекори лицето да се изврши репатријација или отстранување на лицето. Бидејќи тоа е активатор на одредбата за доделување помошта на жртвата, тестот за основано сомнение се поставува на релативно низок праг. Доколку се помине тестот, тоа не значи дека е утврдено дека лицето навистина е жртва на трговијата со луѓе, туку само дека постои основано сомнение да се верува дека лицето може да е жртва на трговијата со луѓе.
Примена на членот 26
Во Англија и Велс, спроведувањето на членот 26 се постигнува преку три механизми. Прво, англиското право го препознава бранењето со принуда и нужност (‘принуда од околностите’) од прецедентското право. Второ, донесени се и посебни правила за упатствата кои обвинителите треба да ги применуваат при разгледувањето дали треба да се покрене обвинение против лицата што се или може да биле жртви на трговијата со луѓе. Трето, во случај обвинителите да не ја применат правилно својата должност да постапуваат според своето најдобро можно расудување, како крајна санкција судот има овластување да го запре гонењето, за што соодветно, ако не и сосема прецизно, е воведена ‘злоупотреба на процесот’.
Бранењето со принуда и/или нужност (‘принуда од околностите’) може да настане кога кривичното дело било извршено од страна на тргувана жртва којашто тврди дека била присилена да го стори делото. Не постојат посебни прилагодувања на општото право во однос на овие одбрани. Но, постојат важни ограничувања и кај двете одбрани. Принудата е одбрана (освен за убиство и обид за убиство) кога кривичното дело било извршено како директна (не индиректна) последица на заканата со смрт или сериозна повреда упатена кон обвинетата или некој нејзе доволно близок. Но, постоењето на одбраната со принуда нема да се констатира доколку постоело избегнувачко дејство кое разумно би се очекувало од обвинетата да го преземе, вклучително и пријавување кај надлежните органи, ниту пак може да се констатира доколку обвинетата доброволно се поврзала со луѓето под околности кои се еднакви на нејзино ставање на располагање да биде присилена да го стори кривичното дело. За овие широки претпоставки, видете Р против З [2005] 2 АЦ 467 [R v Z [2005] 2 AC 467]. Посебната, но сродна одбрана од нужност или ‘принуда од околностите’ постои само кога извршувањето на кривичното дело било неопходно или за кое разумно се верувало дека е неопходно за да се избегне или спречи смрт или сериозна повреда кога, објективно гледано, извршувањето на кривичното дело било разумно и сразмерно во однос на злото коешто требало да се избегне или спречи, и кривичното дело не би се сторило без таа нужност...
Со посебното упатство за обвинителите издадено од страна на ЦПС заради сообразување со Конвенцијата, на обвинителите им се наметнува една должност која вклучува, иако е поширока од тоа, разгледување на овие одбрани од прецедентското право.
...
Ефектот на тоа [упатство] е да им се наложи на обвинителите да применат расудување во три фази. Првата фаза е: (1) дали постои причина да се верува дека лицето било тргувано? Доколку да, тогаш (2) ако постојат јасни докази за веродостојна одбрана од прецедентското право, случајот ќе се прекине на вообичаениот начин, врз основа на доказите, но, она што е важно, (3) дури и да нема докази, но кривичното дело може да било сторено како последица на присила којашто произлегува од тргувањето, обвинителите треба да разгледаат дали е во јавен интерес да се започне со кривичното гонење или не.
Првиот чекор не е ограничен само на реагирање во случај на тврдење дека лицето било тргувано. Членот 10 јасно вели дека Државите мора да преземат активни чекори за да го разгледаат прашањето дали тргувањето постои како реална можност. Од очигледни причини, една од последиците на трговијата со луѓе, особено далеку од дома, е токму да се спречи жртвата да не се жали. Суштинскиот дополнителен трет услов е доследен со барањата од членот 26, којшто, јасно се гледа, го користи зборот ‘присилен’ во општа смисла, својствено за еден меѓународен инструмент, и не се ограничува само на околностите во кои би се констатирале и одбраните од англиското прецедентско право.
...
Неопходно е да се фокусираме врз тоа што вели, и што не вели членот 26. Не вели дека ниту една тргувана жртва не смее да се гони без оглед на тоа кое кривично дело било сторено. Не вели дека ниту една тргувана жртва не смее да се гони кога кривичното дело е на некој начин поврзано со или произлегува од трговијата со луѓе. Не вели која основа за одбрана може да се изнесе пред поротата. Она што го вели не е ништо повеќе, а и ништо помалку, од тоа дека треба внимателно да се разгледа дали јавната политика бара кривично гонење и казнување кога обвинетата е тргувана жртва, а кривичното дело било сторено кога таа била, на некој начин, присилена (во најширока смисла) да го изврши делото. Членот 26 не им дава широк имунитет од кривично гонење на сите тргувани жртви.
Од тоа следува дека примената на членот 26 е зависна од фактите во секој случај поединечно. Немаме намера да дадеме исцрпна анализа на сите фактички сценарија што би можеле да произлезат во иднина. Па сепак, може да се изведат некои општи претпоставки.
i) доколку постои доказ врз основа на кој бранењето со принуда или нужност од прецедентското право веројатно би успеало, случајот без сомнение нема да се поведе врз редовните доказни основи независно од Конвенцијата, иако, и покрај тоа може да постојат основи од јавната политика кои произлегуваат од Конвенцијата, а коишто би довеле до истиот заклучок;
ii) А и случаите каде што не е во јавен интерес да се спроведе кривичното гонење не се ограничени само на нив: видете погоре.
iii) Може да биде разумно да се спроведе кривичното гонење доколку тврдењето на обвинетата дека била тргувана го помине тестот за основано сомнение, но при тоа истото било правилно разгледано и одбиено од страна на Кралскиот суд поради добри доказни причини. Фактот што лицето ќе го помине праговниот тест како лице за кое постои основано сомнение дека било тргувано не мора да значи дека навистина и било. Обратно, може да имаме и други случаи каде што [sic] реалната можност од тргување и поврзаноста со присилата (во најширока смисла) значат дека јавната политика укажува против кривичното гонење.
iv) Обично не постои причина да не се спроведе кривичното гонење, дури и кога обвинетата претходно била тргувана жртва, кога кривичното дело се чини дека било извршено без некоја разумна поврзаност со присила (во најширока смисла) предизвикана од трговијата со луѓе, па според тоа излегува надвор од членот 26.
v) Потешко расудување се бара доколку жртвата била тргувана жртва и задржала извесна поврзаност со трговијата со луѓето, но сторила кривични дело кое недвосмислено повикува на кривично гонење пред суд во името на јавниот интерес. Некои од овие може да бидат случаи на циклус на злоупотреба. Добро е познато дека една од алатките што ја користат оние кои се надлежни за изведувањето на трговијата со луѓе е да ги претворат оние кои биле тргувани и експлоатирани во асистенти во експлоатирањето на другите. Таквиот циклус на злоупотреба не е невообичаен на ова поле, како и на други полиња, на пример, злоупотребата на децата. Во таков случај, прашањето со коешто обвинителот мора активно да се соочи е дали стореното кривично дело е доволно сериозно, и покрај поврзаноста со трговијата со луѓе, да бара кривично гонење. Тоа ќе зависи од сите околности на случајот, и нормално, без сомнение, особено од тежината на наводното кривично дело, должината на траењето на присилата, и алтернативите кои разумно ѝ биле на располагање на обвинетата.“Р против Л(Ц) [2013] ЕВЦА Крим 991 [R. v. L(C) [2013] EWCA Crim 991]
80. Во оваа жалба, вложена од три деца и едно возрасно лице, коишто биле тргувани од страна на криминалци, па потоа и самите биле кривично гонети и осудени, Апелацискиот суд посочил дека
„...недвосмисленото прашање што треба да се одговори откако ќе се констатира дека обвинетиот е жртва на трговијата со луѓе е степенот во кој кривичните дела за кои е обвинет или за кои е прогласен за виновен, се составен дел на или последица од експлоатацијата на којашто тој бил жртва. Не можеме да бидеме прескриптивни. Во некои случаи фактите навистина ќе покажат дека тој бил под одредено ниво на присила, што значи дека во реалноста неговата вина се поништува. Доколку е така, кога се гонат кривично таквите случаи, излагањето дека настанала злоупотреба на процесот може успешно да помине. Тоа и е тестот што го применивме во овие жалби. Во други случаи, поверојатно во случаите кога обвинетиот веќе не е дете, виновноста може да се намали, но во секој случај да остане значителна. За овие лица кривичното гонење може да биде соодветно, при што ќе се направат должните допуштања при изрекувањето на казната поради нивната намалена виновност. А пак во трети случаи, фактот што жртвата била жртва на трговијата со луѓе ќе обезбеди само привиден изговор за криминална активност којашто ниту е поврзана ниту пак произлегува од нивната виктимизација. Во таквите случаи, излагањето дека настанала злоупотреба на процесот нема да помине.“Релевантни извештаи Командата за заштита на децата од експлоатација и онлајн („ЦЕОП“) Прв „извештај за одредување на делокругот“ [First “scoping report”]
81. Командата ЦЕОП е команда при Националната криминалистичка агенција на Обединетото Кралство (водечката агенција на Обединетото Кралство за борба против организираниот криминал), којашто делува и на национално и на меѓународно ниво, со цел да ги изведе пред националните судови сторителите на кривичните дела поврзани со онлајн детска порнографија.
82. Во својот прв „извештај за одредување на делокругот“ објавен во јуни 2007 година, ЦЕОП ги идентификувал момчињата и девојчињата од Виетнам како специфична ранлива група. Во извештајот се бележи дека за некои од овие деца било констатирано дека биле експлоатирани во фабриките за канабис, додека пак за другите постоело сомнение дека биле тргувани заради сексуална експлоатација. Извештајот забележува и дека најмалку четири деца евидентирани во базата на податоци се чини дека биле експлоатирани во фабриките за канабис, но не биле идентификувани како жртви на трговијата со луѓе, па биле уапсени за одгледување на канабис. Според извештајот, ако овие деца всушност биле тргувани, тогаш „оваа несреќна последица“ би можела да се припише на немањето свест и капацитет во некои полициски станици и ЦПС да се препознаат показателите на трговија со деца.ЦЕОП: Стратешка процена на заканите од трговија со децата во Обединетото Кралство 2009 [Child Trafficking in the United Kingdom Strategic Threat Assessment]
83. Според оваа процена на заканите, којашто била објавена во април 2009 година, за децата од Виетнам било најмногу веројатно да бидат тргувани одошто кој било друг профил што се среќава во студијата. Виетнамските деца идентификувани од страна на ЦЕОП претежно биле вмешани во одгледувањето канабис. Голем број биле уапсени при полициските рации на фабриките за канабис, а дел од нив биле обвинети, гонети и осудени за кривични дела поврзани со одгледувањето канабис и нелегалното снабдување со електрична енергија. Иако ЦЕОП забележал дека и АЦПО и ЦПС издале упатства за постапување со децата пронајдени во таквите криминални претпријатија, со цел да се обезбеди ниту едно дете да не биде изведено пред суд кога извршеното кривично дело било директна последица на тргувањето, НВО останале загрижени дека децата и понатаму се гонат кривично, кога истото ниту било соодветно ниту, пак, во јавен интерес. Извештајот продолжува:
„...ниската свесност меѓу органите за спроведување на законот коишто ги изведуваат рациите може да биде фактор за немањето скрининг за трговијата со деца во овие ситуации. ... Потребно е полициските и обвинителските органи својот фокус повеќе да го насочат врз оние кои ги искористуваат децата за работа во овие фабрики, наместо врз самите деца; и полицијата треба да се запознае со упатствата и алатките коишто веќе им стојат на располагање за да ја идентификуваат трговијата со деца кога спроведуваат истрага за таквите случаи.“ЦЕОП: Стратешки преглед 2009-10 [Strategic Overview]
84. Во овој преглед, ЦЕОП го идентификувал тргувањето со децата од Виетнам кон и во рамките на Обединетото Кралство како еден од најзначајните трендови во релевантниот период. Повеќето од овие деца биле момчиња на возраст помеѓу тринаесет и седумнаесет години коишто биле експлоатирани како „градинари“ во фабриките за канабис. Според ЦЕОП, голем број виетнамски малолетници биле обвинети, гонети и казнети за производство и снабдување на канабис, а немало ниту една осудителна пресуда на виетнамските криминалци коишто ги донеле децата во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе.ЦЕОП: Стратешка процена на заканите од трговија со децата во Обединетото Кралство (2010) [Child Trafficking in the United Kingdom Strategic Threat Assessment]
85. Во овој извештај, ЦЕОП забележува:
„Во повеќе култури, од децата се очекува да почнат да работат уште на рана возраст, што често го спречува нивното образование. Затоа, и родителите и децата подеднакво на драго срце ја прифаќаат можноста да работат во странство со цел да заработат повеќе пари за своите семејства. Детето дури може и да биде свесно за условите, платата и ризиците на кои се изложува. Но, малку е веројатно детето да е запознаено со законите за заштита на детето и човековите права во одредишната земја. Важно е државните органи да препознаат дека секое дете коешто работи во нелегални услови, без разлика колку и да се тривијални, може потенцијално да се наоѓа во ситуација на експлоатација.“
86. Понатаму, ЦЕОП го забележал и постоењето на регионалните разлики помеѓу профилите на тргуваните жртви. Според нивното искуство, на некои виетнамски деца однапред им било кажано дека ќе работат во фабрики за канабис, а некои изјавиле дека не знаеле дека канабисот бил нелегален, и наместо тоа верувале дека работат легитимна работа. Од базата на податоци се забележуваат и голем број сличности помеѓу исказите на жртвите за нивниот историјат, што може да укажува дека биле подучени така да кажуваат. Во тој поглед, жртвите често пати биле подучувачи на надлежните органи да им раскажат бегла приказна за својот историјат, со што надлежните органи би претпоставиле дека жртвата е економски мигрант, со што би ја отфрлила можноста за постоење на трговија со луѓето. Ова самото по себе претставува мерка на контрола, бидејќи намера на трговците била да ги замајуваат надлежните органи доволно долго што на крај да им ги вратат жртвите. Информациите во однос на платата исто така се разликувале; дури некои од жртвите изјавиле дека не биле плаќани, другите можеле преку банка да испратат пари дома на своите семејства. На пример, едно момче изјавило дека му плаќале 100 ГБП за еден или два месеци работа во фабриката за канабис.
87. Во извештајот понатаму се вели дека постои
„...зголемена загриженост дека децата кривично се гонат и се казнуваат за производство и добавување на канабис, но, до денешен ден, нема ниту една осудителна пресуда (за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе) за криминалците коишто ги тргувале или експлоатирале децата.“
88. Сведочењата на виетнамските жртви укажуваат на сличности во рутата по којашто допатувале до Обединетото Кралство. Многумина патувале со агент до Русија, а потоа биле превезени во камион во Украина, Полска, Чешка, Германија и Франција.
89. Во рамките на Обединетото Кралство, најчесто идентификуваните одредишта биле Западен Мидландс, Источен Мидландс и Лондон со околината.
90. Сите деца идентификувани во фабриките за канабис работеле како „градинари“, ги одгледувале и полевале растенијата. Тие често пати биле заклучувани во просторијата, сами, па дури и спиеле таму. Многумина кажале дека останале на таа локација во текот на целиот период на нивната експлоатација, додека пак оние што понекогаш и излегле надвор изјавиле дека биле во придружба на член од криминалната мрежа.
91. Во извештајот понатаму се забележува дека виетнамските жртви претежно биле крајно претпазливи кон надлежните органи и многу малку комуницирале за своите доживувања или за своите поробувачи. Ова можело да се должи на тоа што се плашеле за членовите на своите семејства или пак што немале доверба во надлежните органи, врз основа или на нивните искуства во Виетнам или, пак, на она што поробувачите им го кажале.
92. Што се однесува до кривичното гонење на виетнамските жртви на трговијата со луѓе, ЦЕОП ги дал следниве коментари:
„И покрај зголемените активности за подигање на јавната свест од страна на ЦЕОП, на различните детски служби, НВО, и други лоби групи, децата што ќе се пронајдат на фармите за канабис и понатаму попрво се третираат како сторители одошто како жртви. Групата за заштита на децата и за водење истраги за злоупотреба на децата при АЦПО, во соработка со ЦЕОП, изработија упатство за постапките што треба да се преземат кога на таквата фарма ќе се пронајде дете, заедно со упатство за процена на возраста, со кои на прво место се става заштитата на децата. процената за постоење на трговија со луѓе и процената на возраста, каде што е неопходно, треба да се спроведат најприоритетно, па сепак, ЦЕОП има докази дека ова не секогаш е случај. И покрај одобрувањето од страна на АЦПО, упатството не е задолжително – секоја поединечна полициска станица за себе си одлучува дали ќе се придржува до препорачаните постапки.“ЦЕОП: Одговор на полицијата при откривање на дете или младинец на фарма за канабис (2010) [Police response to recovering a child or young person from a cannabis farm]
93. Во овој извештај, којшто исто така бил објавен во декември 2010, ЦЕОП посочил дека секое дете што ќе се идентификува во фабрика за канабис може да биде жртва на трговијата со луѓе. Па сепак, се забележува, и покрај ова признание, продолжува трендот децата кривично да се гонат, а не да се штитат. Помеѓу март 2009 година и февруари 2010 година, биле идентификувани 37 виетнамски деца и две кинески деца коишто биле доведени во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе заради одгледување канабис. Најмалку 26 биле обвинети директно за производство, одгледување или снабдување со канабис. Случаите против 13-мина биле прекинати, но 8-те од преостанатите 16 деца биле прогласени за виновни за најмалку едно кривично дело. 6-мина биле осудени на помеѓу 18 месеци и 2 години затвор во поправни установи за малолетници.Релевантното меѓународно право и праксаКонвенција на Обединетите Нации против транснационалниот организиран криминал, 2001 („Протоколот од Палермо“) [United Nations Convention against Transnational Organised Crime, 2001 (the Palermo Protocol)]
94. Членот 3 од Протоколот од Палермо, ратификуван од страна на Обединетото Кралство на 9 февруари 2006 година, предвидува дека
„За потребите на овој Протокол::
(а) ‚Трговијата со луѓе’ означува врбување, превезување, пренесување, засолнување и прифаќање лица, по пат на закана со сила или употреба на сила или други облици на принуда, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост или на давање или примање исплати или други придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице, заради експлоатација. Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, ропство или практики слични на ропството, ропска зависност или земање на органи;
(б) Согласноста на жртвата на трговија со луѓе со намерата за експлоатација од потстав (а) од овој член е неважна при употреба на кое било од средствата од потстав (а);
(в) Врбувањето, превезувањето, пренесувањето, засолнување или прифаќањето на дете заради експлоатација се смета како ‘трговија со луѓе’, дури и кога не вклучува употреба на ниедно од средствата од потстав (а) од овој член;
(г) ‘Дете’ означува секое лице на возраст под осумнаесет години.“Конвенција на Обединетите Нации за правата на детето, 1989 [United Nations Convention on the Rights of the Child, 1989]
95. Оваа Конвенција, којашто била ратификувана од Обединетото Кралство во 1991 година, како важно го предвидува:
„Член 3
1. Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавните тела.
...
Член 32
1. Државите членки му го признаваат правото на детето на заштита од економска експлоатација и работа врз дејности кои можат да бидат опасни или да му го попречуваат образованието на детето или да му штетат на здравјето на детето, односно на неговиот физички, духовен, морален или социјален развој.
2. Државите членки преземаат законодавни, административни, социјални и образовни мерки за примена на одредбите на овој член. За таа цел, а имајќи ги предвид соодветните одредби на другите меѓународни инструменти, државите членки посебно:
(а) ја одредуваат минималната возраст за вработување;
(б) го обезбедуваат регулирањето на работното време и условите за работа;
(в) предвидуваат соодветни казни или други санкции за да се осигури ефикасна примена на одредбите на овој член.
Член 33
Државите членки ги преземаат сите соодветни мерки, вклучувајќи ги законодавните, административните, социјалните и образовните мерки, за заштита на децата од нелегална употреба на опојни дроги и психотропни супстанции, како што е дефинирано со соодветните меѓународни договори за спречување на користење на децата во нелегално производство и трговија со овие супстанции.
...
Член 35
Државите членки ги преземаат сите соодветни национални, билатерални и мултилатерални мерки за спречување на насилно подведување, продажба или трговија со деца во која било цел и во кој било облик.
Член 36
Државите членки го штитат детето од сите други облици на експлоатација штетни за кој било аспект на добросостојбата на детето.“
96. Во членот 3 од Факултативниот протокол кон Конвенцијата за правата на детето кој се однесува на продажба на децата, детската проституција и детската порнографија, којшто бил ратификуван од Обединетото Кралство во февруари 2009 година, предвидува дека
„1. Секоја земја членка ќе се погрижи, во најмала мера, следниве дејствија и активности да бидат целосно опфатени со нејзиното кривично или казнено право, без разлика дали делата се извршени на нејзина територија или транснационално, или на индивидуална или организирана основа:
(а) Во контекст на продажба на децата, дефинирана во членот 2:
(i) Нудење, испорачување или прифаќање на дете, на кој било начин, заради:
...
в. ангажирање на детето во принудна работа;
...
3. Секоја земја членка за ваквите дела ќе предвиди соодветни казни имајќи ја предвид нивната серозна природа.
4. Согласно одредбите на внатрешното законодавство, секоја земја членка ќе преземе мерки, каде што е соодветно, за утврдување одговорност на правните лица за делата од ставот 1 на овој член. Согласно правните начела на земјата членка, таквата одговорност на правните лица може да биде кривична, граѓанска или управна.Меѓународната организација на трудот („МОТ) Конвенција за принудна работа, 1930 (бр. 29) [International Labour Organisation (“ILO”) Forced Labour Convention, 1930 (No. 29)]Конвенцијата на МОТ за принудна работа
97. Конвенцијата на МОТ била ратификувана од Обединетото Кралство во 1931 година. Од она што е релевантно, Препораката предвидува:
Член 1
„Секоја земја членка на Меѓународната организација на трудот којашто ќе ја ратификува Конвенцијата се обврзува да ја потисне употребата на принудна или задолжителна работа во сите нејзини форми во најкраток можен рок.“
Член 2
„1. За потребите на оваа Конвенција, терминот принудна или задолжителна работа значи секоја работа или услуга која се изнудува од некое лице под закана од каква било казна и за којашто наведеното лице не се понудило доброволно.“
...”
Член 25
„Нелегалното изнудување на принудна или задолжителна работа се казнува како кривично дело и земјите членки кои ја ратификуваат оваа Конвенција се обврзуваат да се погрижат казните предвидени со закон да бидат навистина соодветни и строго да се спроведуваат во дело.“Протоколот од 2014 година кон Конвенцијата на МОТ за принудна работа, 1930 (П029) [Protocol of 2014 to the ILO Forced Labour Convention, 1930 (P029)]
98. Членот 4 од Протоколот предвидува дека:
„1. Секоја земја членка води грижа сите жртви на принудна или задолжителна работа, без разлика на нивното присуство или правниот статус на територијата на земјата, да имаат пристап до ефективен правен лек, како што е обесштетувањето.
2. Секоја земја членка, во согласност со основните начела на својот правен систем, ги презема неопходните мерки за да се погрижи надлежните органи да имаат право да не ги гонат кривично и да на им изрекуваат казни на жртвите на принудна или задолжителна работа за нивната вмешаност во незаконити активности коишто биле присилени да ги извршат како директна последица на тоа што биле потчинети на принудна или задолжителна работа.“Показатели на МОТ за принудна работа
99. МОТ има осмислено показатели на принудна работа коишто произлегуваат од теоретските и практичните искуства на Специјалната акциска програма нa MOT за сузбивање на принудната работа [ILO’s Special Action Programme to Combat Forced Labour]. Овие показатели се засновани на дефиницијата за принудна работа наведена во Конвенцијата на МОТ за принудна работа, и претставуваат скапоцени репери за идентификување на принудната работа. Тие се:Закана со или реална физичка повреда на работникот.Ограничување на движењето и задржување на работното место или во ограничен простор.Должничко ропство: кога работникот работи за да отплати долг или заем, па затоа не му се дава плата за извршените услуги. Работодавачот може да обезбедува храна и сместување по такви надуени цени што работникот не може да се извлече од долгот.Задржување на платите или прекумерно намалување на платите, со што се повредува претходно направениот договор.Задржување на пасошот и личните исправи, така што работникот не може да си замине или да го докаже својот идентитет или статус.Закана со пријавување кај надлежните органи, кога работникот е во состојба на нерегуларен имиграциски статус.МОТ: Конвенција за најлошите облици на детски труд, 1999 (бр. 182) [ILO: Worst Forms of Child Labour Convention, 1999 (No. 182)]
100. Оваа Конвенција, којашто била ратификувана од Обединетото Кралство на 22 март 2000 година, го предвидува како важно следното:
Член 1
„Секоја земја членка што ќе ја ратификува Конвенцијата ќе преземе директни и ефективни мерки за да обезбеди забрана и елиминација на најлошите облици на детски труд по итна постапка.“
Член 2
„За потребите на оваа Конвенција, изразот ‘дете’ се однесува на сите лица под 18-годишна возраст.“
Член 3
„За потребите на оваа Конвенција изразот ‘најлошите облици на детски труд’ се однесува на:
(а) сите облици на ропство или практики слични на ропство, како што се продажбата на деца и трговијата со деца, должничкото ропство и кметство, принудната или задолжителна работа, вклучувајќи го принудното или задолжително регрутирање на децата заради учество во воени судири;
(б) употребата, посредувањето или нудењето на детето за проституција, за производство на порнографија или за порнографски приредби;
(в) употребата, посредувањето или нудењето на детето за незаконски активности, особено за производство на и трговија со дроги, согласно дефинираното во релевантните меѓународни договори;
(г) работа која, по својата природа или според околностите во кои се извршува, веројатно ќе наштети на здравјето, безбедноста или моралот на децата.
...”
Член 6
„Секоја земја членка подготвува и спроведува акциски програми за приоритетно елиминирање на најлошите облици на детски труд.
2. Таквите акциски програми се подготвуваат и спроведуваат во консултација со релевантните владини институции и организации на работодавачите и на работниците, земајќи ги предвид ставовите на другите засегнати групи, како што е соодветно.“
Член 7
„1. Секоја земја членка ги презема сите неопходни мерки за да обезбеди ефективно спроведување и извршување на одредбите со кои се применува оваа Конвенција, вклучувајќи го и пропишувањето и применувањето на казнените санкции или, каде што е соодветно, други санкции.
2. Секоја земја членка, земајќи ја предвид важноста на образованието за елиминирање на детскиот труд, презема ефективни и со рокови врзани мерки за да: (а) го спречи ангажирањето на децата во најлошите облици на детски труд;
(б) ја обезбеди неопходната и соодветна директна помош за отстранување на децата од најлошите облици на детски труд и за нивна рехабилитација и социјална интеграција;
(в) обезбеди пристап до бесплатно основно образование и, каде што е можно, и соодветна стручна спрема, за сите деца отстранети од најлошите облици на детски труд:
(г) ги идентификува и да досегне до децата под специјален ризик; и
(д) ја земе предвид посебната состојба на девојчињата.
3. Секоја земја членка назначува надлежен орган задолжен за спроведување на одредбите со кои се применува оваа Конвенција.“МОТ: Препорака во однос на најлошите облици на детски труд, 1999 (бр. 190) [ILO: Worst Forms of Child Labour Recommendation, 1999 (No. 190)]
101. Одредбите од оваа Препорака ја надополнуваат Конвенцијата од 1999 година и треба да се применуваат во спрега со неа. Од она што е релевантно, Препораката предвидува:
„2. Акциските програми наведени во член 6 од Конвенцијата треба да се подготват и спроведат по итна постапка, во консултација со релевантните владини институции и организации на работодавачите и работниците, земајќи ги предвид ставовите на децата коишто се директно погодени со најлошите облици на детски труд, нивните семејства и, каде што е соодветно, другите засегнати страни коишто се посветени на постигнувањето на целите на Конвенцијата и оваа Препорака. Таквите програми треба да имаат за цел, меѓу другото:
(а) да ги идентификуваат и елиминираат најлошите облици на детски труд;
(б) да го спречат ангажирањето на децата во или да ги отстранат од најлошите облици на детски труд, при што да ги заштитат од одмазда и да им обезбедат рехабилитација и социјална интеграција преку мерки со коишто се решава нивното образование и се задоволуваат нивните физички и психолошки потреби.
(в) да обрнат посебно внимание на:
(i) помладите деца;
(ii) девојчињата;
(iii) проблемот на ситуации на скриена работа, во кои девојчињата се под посебен ризик;
(iv) други групи на деца со посебни ранливости или потреби;
(г) да ги идентификуваат, да досегнат до и да соработуваат со заедниците во кои децата се под посебен ризик;
(д) да го информираат, сензитивизираат и мобилизираат јавното мислење и засегнатите групи, вклучувајќи ги и децата и нивните семејства...
9. Земјите членки треба да се погрижат надлежните органи коишто се задолжени за спроведување на националните одредби за забрана и елиминирање на најлошите облици на детски труд да соработуваат меѓу себе и да ги координираат своите активности.
...
12. Земјите членки треба да се погрижат следниве најлоши облици на детски труд да станат кривични дела:
(а) сите облици на ропство или практики слични на ропство, како што се продажбата на деца и трговијата со деца, должничкото ропство и кметство, принудната или задолжителна работа, вклучувајќи го принудното или задолжително регрутирање на децата заради учество во воени судири;
(б) употребата, посредувањето или нудењето на детето за проституција, за производство на порнографија или за порнографски приредби; и
(в) употребата, посредувањето или нудењето на детето за незаконски активности, особено за производство на и трговија со дроги, согласно дефинираното во релевантните меѓународни договори, или за активности кои подразбираат незаконско носење или употребување на огнено оружје или други видови оружје.“Конвенцијата на Советот на Европа за дејствување против трговијата со луѓе, 2005 („Конвенцијата против трговијата со луѓе“) [Council of Europe Convention on Action against Trafficking in Human Beings, 2005 (“the Anti-Trafficking Convention”)]
102. Покрај тоа што ја усвои истата дефиниција за трговијата со луѓе како што е дадена во Протоколот од Палермо (види член 4), и членот 10 на Конвенцијата против трговијата со луѓе, којашто во однос на Обединетото Кралство влезе во сила на 1 април 2009 година, предвидува
„1. Секоја Страна ќе предвиди дека нејзините надлежни органи располагаат со обучени и квалификувани лица за превенција и борба против трговијата со луѓе и за идентификација на жртвите, особено на децата, и за поддршка на [децата жртви] и дека соодветните органи меѓусебно соработуваат и со организациите што имаат улога на поддршка, за да се овозможи идентификација на жртвите во постапка која ќе rи земе во предвид специфичната состојба на жените и децата жртви и, во соодветен случај, да издаваат дозволи за престој според условите утврдени во членот 14 на оваа Конвенција.
2. Секоја Страна усвојува законски и други потребни мерки за идентификување на жртвите, во соодветен случај, во соработка со другите Страни и со организациите што имаат улога на поддршка. Секоја Страна ќе предвиди дека, ако надлежните органи сметаат дека постојат оправдани причини да се верува дека некое лице било жртва на трговија со луѓе, тоа да не биде протерано од нејзината територија до завршувањето на постапката за идентификација како жртва на делото предвидено во членот 18 на оваа Конвенција од страна на надлежните органи и ја користи помошта предвидена во членот 12, став 1 и 2.
3. Во случај кога не се знае возраста на жртвата и кога постојат причини да се верува дека жртвата е дете, тогаш се смета дека е дете и додека се чека да се потврди возраста, се изрекуваат специфични мерки на заштита.
4. Штом некое дете ќе се идентификува како жртва и ако тоа нема придружба, секоја Страна:
а. предвидува застапување по пат на законско старателство, на некоја организација или орган надлежен да делува во согласност со неговиот интерес;
б. презема потребни мерки за утврдување на неговиот идентитет и државјанство;
в. ги вложува сите напори за наоѓање нa неговото семејство ако тоа е во негов интерес.“
103. Во членот 26, пак, се содржи ‘одредбата за неказнување’:
„Секоја Страна предвидува, во согласност со општите принципи на нејзиниот правен систем, можност за неизрекување на санкции на жртвите за нивно учество во недозволени активности, коrа на тоа биле nринудени.“
104. Членот 35 предвидува дека:
„Секоја Страна ги поттикнува државните органи, како и јавните службеници, да соработуваат со невладините организации, другите слични организации и членовите на граѓанското општество, заради востановување стратешки партнерства за остварување на целите на оваа Конвенција.“Организација за безбедност и соработка во Европа („ОБСЕ“): Министерска декларација за сузбивање на сите облици на трговија со луѓе (Вилнус, 6-7 декември 2011) [Organization for Security and Cooperation in Europe (“OSCE”): Ministerial Declaration on Combating All Forms of Human Trafficking (Vilnius, 6 – 7 December 2011)]
105. Од она што е релевантно, Декларацијата предвидува:
„8. „Ние ги промовираме и поддржуваме мулти-дисциплинарната соработка, меѓу-секторската обука и мултилатералните партнерства. Ги поздравуваме иницијативите што ги презеде Специјалниот претставник на ОБСЕ под покровителство на Алијансата против трговијата со луѓе [Alliance against Trafficking in Persons] и ја уваживме Конференцијата на Алијансата против трговијата со луѓе за незаштитена работа, невидлива експлоатација: трговија со луѓе заради домашно слугување, во 2010 година [2010 Alliance against Trafficking in Persons Conference on Unprotected Work, Invisible Exploitation: Trafficking for the Purpose of Domestic Servitude]; како и Конференцијата на Алијансата против трговијата со луѓе за спречување на трговијата со луѓе заради трудова експлоатација: пристојна работа и социјална правда, во 2011 година [2011 Alliance against Trafficking in Persons Conference on Preventing Trafficking in Human Beings for Labour Exploitation: Decent Work and Social Justice]; како и Заедничкиот експертски семинар на ОБСЕ/УНОДЦ за искористување на режимите за сузбивање на перењето пари во борбата против трговијата со луѓе [Joint OSCE/UNODC Expert Seminar on Leveraging Anti-Money Laundering Regimes to Combat Human Trafficking].
9. Ја препознаваме потребата да се зајакне кривично-правниот одговор кон трговијата со луѓе, вклучително и кривичното гонење на трговците и нивните соучесници, при тоа водејќи сметка со жртвите да се постапува на начин на кој се почитуваат нивните човекови права и да им се обезбеди пристап до правдата, до правната помош, како и до ефективните правни лекови, како и други соодветни услуги. Ќе ги разгледаме истражните техники, како што се финансиските истраги, ќе го подобриме споделувањето информации кои се однесуваат на организираните криминални групи, и ќе го промовираме прекуграничното спроведување на законот и судската соработка заради ефективно идентификување и на трговците и на потенцијалните жртви на трговијата со луѓе.
10. Препознаваме дека треба да се преземат соодветни мерки за да се обезбеди, каде што е соодветно, да не се казнуваат идентификуваните жртви на трговијата со луѓе за нивната вмешаност во незаконските активности, под услов да биле присилени на тоа. Бараме од државите учеснички да спроведат сеопфатни и соодветни мерки за давање помош на жртвите на трговијата со луѓе.“Релевантното право на ЕУ
106. Директива 2011/36 за спречување и сузбивање на трговијата со луѓе од 5 април 2011 година (‘Директива против трговијата со луѓе’), од она што е релевантно, предвидува:
„Образложение (14) Жртвите на трговијата со луѓе треба, во согласност со основните начела на правните системи на релевантните земји членки, да се заштитат од кривично гонење или казнување за криминални активности како што се употреба на лажни документи или кривични дела од законодавството за проституцијата или имиграцијата, коишто тие биле присилени да ги извршат како директна последица на тоа што биле потчинети на тргувањето. Целта на таквата заштита е да се загарантираат човековите права на жртвите, да се избегне понатамошната виктимизација и да се поттикнат да настапат како сведоци во кривичните постапки против сторителите. Овие гаранции не треба да го исклучат кривичното гонење или казнување за кривични дела коишто лицето доброволно ги извршило или во чие извршување учествувало.
Член 2
Кривични дела поврзани со трговијата со луѓе
„1. Земјите членки ги преземаат неопходните мерки за да се погрижат следниве дела сторени со намера да станат казниви со закон:
Врбување, превезување, пренесување, засолнување и прифаќање лица, вклучително и размена или пренос на контрола врз тие лица, по пат на закана со сила или употреба на сила или други облици на принуда, на грабнување, на измама, на прелага, на злоупотреба на положбата на моќ или на положбата на ранливост или на давање или примање исплати или други придобивки за да се добие согласност од лице кое има контрола врз друго лице, заради експлоатација.
2. Положба на ранливост значи состојба во која засегнатото лице нема вистинска или прифатлива алтернатива туку да се потчини себеси на злоупотребата.
3. Експлоатацијата опфаќа, во најмала мера, експлоатација на проституцијата на други лица или други облици на сексуална експлоатација, присилна работа или услуга, вклучително и питачење, ропство или практики слични на ропството, слугување или експлоатација на криминални активности, или земање на органи.
4. Согласноста што жртвата на трговијата со луѓе ја дала за да биде експлоатирана, без оглед дали експлоатацијата била само во намера или реално се случила, се смета за неважна доколку било употребено некое од средствата наведени во ставот 1.
5. Кога однесувањето од ставот 1 вклучува дете, истото ќе се смета за кривично дело трговија со луѓе казниво со закон, дури и ако не било применето ниту едно од средствата наведени во ставот 1.
6. За потребите на оваа Директива, под ‘дете’ се подразбира секое лице на возраст под 18 години.“
Член 8
Негонење и неказнување на жртвите
„Земјите членки, во согласност со основните начела на своите правни системи, ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат надлежните национални органи да имаат право да не ги гонат или да не ги казнуваат жртвите на трговијата со луѓе за нивната вмешаност во криминални активности коишто биле присилени да ги извршат како директна последица на тоа што биле погодени од некое од делата наведени во член 2.“
Член 9
Истрага и гонење
„1. Земјите членки обезбедуваат истрагата и гонењето на кривичните дела наведени во членовите 2 и 3 да не зависат од пријавувањето или обвинувањето од страна на жртвата и кривичната постапка да може да продолжи дури и кога жртвата ја повлекува својата изјава.
2. Земјите членки ги преземаат неопходните мерки за да овозможат, каде што тоа го бара природата на делото, спроведување на истрага за кривично дело наведено во членовите 2 и 3 во доволен временски период откако жртвата ќе стане полнолетна.
3. Земјите членки ги преземаат неопходните мерки за да обезбедат лицата, единиците или службите надлежни за спроведувањето истрага или кривичното гонење на кривичните дела наведени во членовите 2 и 3 да бидат соодветно обучени.
4. Земјите членки ги преземаат неопходните мерки за да се погрижат ефективните истражни алатки, како што се алатките што се користат при организиран криминал или други случаи на сериозен криминал, да им бидат на располагање на лицата, единиците или службите надлежни за спроведувањето истрага или кривичното гонење на кривичните дела наведени во членовите 2 и 3.“
107. Од земјите членки било побарано да донесат закони, прописи и административни одредби неопходни за сообразување со Директивата од 6 април 2013 година.
ПРАВОТОСПОЈУВАЊЕ НА ЖАЛБИТЕ
108. Имајќи ја во предвид сличната предметна материја на жалбите, Судот констатира дека е соодветно да ги испита заедно во единствена пресуда.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 4 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
109. Првиот жалител, во својот жалбен навод за член 4 од Конвенцијата, навел дека Кралската обвинителска служба („ЦПС“) пропуштила соодветно да го заштити во периодот по тргувањето и дека не успеала правилно да го спроведе членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе. Тој подоцна го изменил својот жалбен навод аргументирајќи дека за време на кривичната постапка полицијата и ЦПС не успеале да спроведат истрага согласно член 4 за тоа дали бил тргуван и дека не успеале да преземат оперативни мерки за негова заштита.
110. Вториот жалител во својот жалбен навод навел дека со неговото кривично гонење се повредува член 4 од Конвенцијата, бидејќи дошло до пропуст на полицијата, обвинителите и судството да го идентификуваат како жртва на трговијата со луѓе пред да биде кривично осуден, што пак ги спречило надлежните органи да му ја дадат потребната заштита; дека правната рамка што важела во тоа време, заедно со ограничената достапност на правосудните интервенции, го лишила од заштитата на којашто имал право како жртва на трговијата со луѓе, и дека неговото гонење, осудување и затворање значеле дека до моментот на неговото идентификување како жртва на трговијата со луѓе по изрекувањето на осудителната пресуда, тој бил лишен од заштитата којашто му следувала и од можноста да ги види своите трговци подведени на истрага и изведени пред лицето на правдата. Тој подоцна го изменил својот навод така што аргументирал дека Обединетото Кралство не успеало да ја испочитува својата должност да спроведе истрага за неговите трговци; дека не успеало во својата должност да го идентификува како жртва на трговијата со луѓе кога за прв пат бил забележан од надлежните органи; дека не успеало да го примени соодветниот тест за идентификување на дете жртва на трговијата со луѓе, а пак Апелацискиот суд применил тест на присила, што било забрането со закон; и дека не успеало да го испочитува некриминализирањето на жртвите на трговијата со луѓе за кривични дела поврзани со статусот.
110. Член 4 од Конвенцијата, во делот што е релевантен, вели:
“1. Никој не смее да се држи во ропство или слугување.
2. Од никој не смее да се бара да врши принудна или задолжителна работа.“
.Делокругот на жалбените наводи
111. Важно е уште на самиот почеток да се појасни делокругот на жалбените наводи за членот 4 пред Судот. Главниот жалбен навод на жалителите се состои во тоа што со нивното кривично гонење за кривичните дела поврзани со работата во фабриката за канабис, Државата не успеала во својата должност да ги заштити како жртви на трговијата со луѓе. Тие не спорат дека Државата не успеала да ја спречи или казни трговијата со луѓе, и иако укажале дека преземените мерки за спроведување истрага и казнување на трговците самите по себе биле несоодветни, ниту еден од жалителите не искажал таков жалбен навод пред домашните судови, па според тоа сега и не може да се разгледува од овој Суд.
112. Како поткрепа на своите тврдења, жалителите во голема мера се потпираат на членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе, кој од земјите потписнички бара да обезбедат можност за неказнување на жртвите на трговијата со луѓе за нивната вмешаност во незаконски активности, под услов да биле присилени на такво дело, како што и биле (видете го пасусот 103 погоре). Особено, тие аргументираат дека одговорната Држава не успеала да ја испочитува својата должност и дека ЦПС и домашните судови на погрешен начин ги согледале доказите за тоа дека тие биле присилени да ги сторат кривичните дела, иако и Конвенцијата против трговијата со луѓе и Директивата против трговијата со луѓе јасно наведуваат дека децата може да се признаат за жртви на трговијата со луѓе и при отсуство на средството на присила. За Судот, сепак, проблемот во овој случај не е што Државата не предвидела можност да не ги казни жртвите на трговијата со луѓе, или дека, откако прифатила дека жалителите се жртви на трговијата со луѓе, надлежните органи не зеле предвид дека тие биле присилени да ги извршат кривичните дела. Напротив, проблемот е што ЦПС, во својата првична одлука да ги гони кривични и/или при последователните преиспитувања на овие одлуки, не се согласила со заклучокот на Надлежниот орган и констатирала дека жалителите всушност не биле жртви на трговијата со луѓе, а пак Апелацискиот суд останал уверен дека ваквиот заклучок бил целосно оправдан. Затоа, според ставот на овој Суд, погоре споменатиот проблем, всушност, не произлегува од фактите на овие случаи. Како и да е, јурисдикцијата на овој Суд е ограничена на Европската конвенција за човековите права. Судот не е надлежен да ги толкува одредбите на Конвенцијата против трговијата со луѓе или да ја проценува сообразноста на одговорната Држава со стандардите што таму се содржат (видете, mutatis mutandis, National Union of Rail, Maritime and Transport Workers v. the United Kingdom, no. 31045/10, § 106, ECHR 2014).
113. Затоа, Судот ќе се огради себеси на разгледување дали, врз основа на фактите во овие случаи, одговорната Држава ги испочитувала своите позитивни обврски од член 4 од Конвенцијата.
Б. ДопуштеностСтатус на жртва
(a) Поднесоци од странките
114. Владата аргументираше дека жалителите не можеле да тврдат дека се ‘жртви’ на наводната повреда, бидејќи домашните судови ја поддржале констатацијата на ЦПС дека тие не се веродостојни жртви на трговијата со луѓе или, во случајот на вториот жалител, веродостојна жртва на принудна работа.
115. Жалителите, од друга страна, истакнале дека тие биле признаени како веродостојни жртви на трговијата со луѓе од страна на Надлежниот орган. Освен тоа, оваа констатација не ги лишила нив од статусот како жртва, бидејќи позитивната обврска на Државата подразбира нешто повеќе од нивното признавање како жртви на трговијата со луѓе.
(б) Процена на судот
116. И двата жалители биле пронајдени на или во близина на фабриките за канабис во април/мај 2009 година. Првиот жалител бил пронајден за време на извршување на налог за претрес за дроги (видете го пасусот 5 погоре), додека пак вториот жалител бил пронајден откако полицијата била повикана на имотот (видете го пасусот 18 погоре). Во тоа време, се чини дека постоеле јасни докази кои посочувале дека одгледувањето растенија канабис била активност којашто вообичаено ја вршеле деца жртви на трговијата со луѓе. И во упатството објавено од страна на ЦПС во декември 2007 година и во нејзиното Упатство за трговија и криумчарење на луѓе (коешто за последен пат било ажурирано пред апсењето на жалителот на 4 февруари 2009 година), се нагласува дека „одгледувањето растенија канабис“ како кривично дело најчесто го вршат децата жртви на трговијата со луѓе (видете ги пасусите 72-73 погоре). Згора на тоа, и во првиот „извештај за одредување на делокругот“ на Командата за заштита на децата од експлоатација и онлајн („ЦЕОП“), којшто бил објавен во јуни 2007 година, момчињата и девојчињата од Виетнам се идентификуваат како специфична ранлива група. Во извештајот се бележи дека за некои од овие деца било констатирано дека биле експлоатирани во фабриките за канабис, додека пак за другите постоело сомнение дека биле тргувани заради сексуална експлоатација (видете ги пасусите 81-82 погоре). Во една понатамошна процена на заканите, којашто била објавена во април 2009 година, ЦЕОП посочила дека за децата од Виетнам било најмногу веројатно да бидат тргувани одошто кој било друг профил што се среќава во студијата. Виетнамските деца идентификувани од страна на ЦЕОП претежно биле вмешани во одгледувањето канабис, и голем дел од нив биле уапсени при полициските рации во фабриките за канабис. Она што е значајно, ЦЕОП забележала во својот извештај дека и Здружението на шефовите на полицијата („АЦПО“) и ЦПС издале упатства за постапување со децата пронајдени во таквите криминални претпријатија, за да се обезбеди ниту едно дете да не биде изведено пред суд кога стореното кривично дело било директна последица на трговијата со луѓе (видете го пасусот 83 погоре).
117. Се чини дека немало никакво сомнение во тоа дека првиот жалител бил малолетник, напротив, единствениот спор околу неговата возраст се состоел во тоа дали има петнаесет или седумнаесет години во моментот кога бил откриен (видете ги пасусите 6 и 7 погоре). Со оглед на фактот што тој бил малолетник пронајде за време на планирана полициска рација во фабрика за канабис, Судот смета дека уште на самиот почеток полицијата, а последователно и ЦПС требало да бидат свесни за постоењето на околностите од кои произлегува основано сомнение дека лицето било тргувано.
118. По неговото пронаоѓање во близина на фабриката за канабис, вториот жалител рекол дека неговата година на раѓање е 1972 (видете го пасусот 19 погоре). Но, по девет дена, откако веќе бил обвинет за вмешаност во производство на контролирани дроги од Класа „Б“, тој, на рочиштето пред Магистратскиот суд рекол дека неговата година на раѓање е 1992. Од тој момент понатаму, случајот бил разгледуван имајќи предвид дека тој имал седумнаесет години (видете го пасусот 23 погоре). Од овој миг, ако не и порано, ЦПС требала да биде свесна дека постојат околности од кои произлегува основано сомнение дека лицето било тргувано.
119. Затоа, и во двата случаи, позитивната обврска да се преземат оперативни мерки да се заштитат жалителите како потенцијални жртви на трговијата со луѓе се појавила набрзо по нивното пронаоѓање. Понатаму, со оглед на фактот што потенцијалниот делокруг на оваа обврска подразбира многу повеќе од самото идентификување на жртвите на трговијата со луѓе (видете го пасусот 152 подолу), ниту еден од жалителите не бил лишен од неговиот „статус на жртва“ во смисла на член 34 од Конвенцијата со одлуката на Надлежниот орган.
120. Затоа, сега Судот ќе разгледа дали, при сите околности во случајот на секој од жалителите, Државата ја исполнила својата должност согласно член 4 од Конвенцијата да преземе оперативни мерки за нив да ги заштити.Други основи за недопуштеност
121. Владата понатаму тврдеше дека жалбените наводи на жалителите се очигледно неосновани, бидејќи тие целосно се потпираат на фактички прашања коишто правично се решаваат во домашните судови.
122. Сепак, Судот е на мислење дека жалбените наводи на жалителите во однос на членот 4 отвораат доволно сложени прашања во однос на фактите и во однос на правото, што не може да се отфрлат како очигледно неосновани во смисла на член 35 § 3 (a) од Конвенцијата. Понатаму, Судот е уверен дека жалбените наводи не се недопуштени ниту по една друга основа, затоа, мора да се прогласат за допуштени.ОснованостПоднесоци од странките
(a) Првиот жалител
123. Првиот жалител изложи дека ставот на ЦПС бил во директен судир со неговото идентификување од страна на Надлежниот орган како дете жртва на трговијата со луѓе заради криминална експлоатација, како и со посебната и наменска процена за постоење на трговија со луѓе што ја спровел Локалниот орган, којшто исто така констатирал дека тој бил тргуван заради криминална експлоатација. Надлежниот орган е телото назначено од Владата да ја спроведе обврската за идентификување на жртвите на трговија со луѓе и, според ставот на првиот жалител, во светло на констатацијата на Надлежниот орган, секое тврдење дека тој не бил жртва на трговијата со луѓе било целосно погрешно. Иако ЦПС наводно ги разгледала извештаите од локалниот орган и од Надлежниот орган, каде што било констатирано дека тој бил тргуван, таа сепак дошла до спротивен став, без некој значаен доказ кој можел да го замени заклучокот на Надлежниот орган. Не постои тогашна пишана евиденција за овие преиспитувања, ниту пак биле доставени изјави на сведоци од правникот што го вршел преиспитувањето во жалбената постапка.
124. Тој понатаму спореше дека ЦПС и полицијата пропуштиле да преземат каква било истрага или преиспитување во однос на жалбените наводи за член 4, за да го оправдаат своето оградување од одлуката на Надлежниот орган. Особено, и покрај постоењето на висок степен на очекување во фабриката за канабис да се пронајдат жртви на трговија со луѓе, дошло до пропуст да се претпостави дека ќе биде потребно да се вклучат и експерти и социјални служби за заштита на децата, кои би ги прифатиле и заштитиле сите деца што би биле пронајдени; пропуст да се насочи првиот жалител во процес на згрижување кој би му овозможил да понуди помош и да се ангажира во кривичната истрага за околностите на неговото тргување; како и пропуст да се анализираат доказите собрани во светло на познатите методи на контрола при трговија со луѓето.
125. Според излагањето на првиот жалител, фактите во случајот посочувале на далеку поголем проблем, имено, лошиот процес на идентификација којшто го применувале кривично-правните органи што довело до постојано казнување на жртвите за кривичните дела што тие ги сториле како директна последица на трговијата со луѓе. Според неговиот став, Владата не усвоила конкретни закони или мерки за спроведување на членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе за да се примени начелото за неказнување, а домашните мерки коишто веќе постоеле не биле доволни да се заштитат жртвите на трговијата со луѓе.
126. Според првиот жалител, надлежните органи имале за задача, во рамките на кривично-правниот систем и во процесот на одлучување на обвинителот, да се уверат дали била спроведена ефективна истрага којашто би имала капацитет и да ги гони одговорните лица и да ги идентификува вистинските жртви на трговијата со луѓе; дали постојат заштитни мерки за во случај да се пронајде можна или вистинска жртва на трговијата со луѓе да може да се заштити нејзината добросостојба; дали органите на Државата биле доволно и соодветно обучени да ги идентификуваат и да реагираат во случаи на трговија со луѓе, без да се потпираат на самоидентификувањето на жртвата; и дали постои рамка на закони, политики и процедури со која би се обезбедила реална и ефективна, а не теоретска и илузорна, примена на начелото кривично да не се гонат жртвите на трговијата со луѓе.
(б) Вториот жалител
127. Вториот жалител аргументираше дека постои имплицитна должност согласно член 4 од Конвенцијата да се идентификуваат жртвите на трговијата со луѓе, бидејќи пропустот правилно да се идентификува жртвата на трговија со луѓе би довел до тоа на жртвата да ѝ се ускратат нејзините темелни права, а пак на обвинителството да му се ускрати неопходниот сведок за да може сторителот да го гони кривично. Вториот жалител спореше дека бил лишен од заштитата којашто му следувала како на жртва на трговијата со луѓе поради пропустот на полицијата, обвинителството и правосудството да го идентификуваат како жртва пред да му биде досудена обвинителната пресуда, и покрај фактот што на денот на неговото апсење, и полицијата и обвинителството биле сосема свесни дека голем број деца од Виетнам биле тргувани кон и во Обединетото Кралство заради нивна експлоатација во производството на канабис. Според ставот на вториот жалител, врз основа на достапните докази, вклучително и изјавите што самиот ги дал по неговото апсење, полицајците и обвинителите што биле вклучени во случајот требало да бидат свесни за околностите од кои произлегувало основано сомнение дека бил тргуван. Фактот што вториот жалител самиот за себе не тврдел дека е жртва на трговијата со луѓе е нерелевантен, бидејќи од жртвите на трговијата со луѓе не може да се очекува да се самоидентификуваат како такви.
128. Со оглед на тоа што бил малолетник, тој аргументираше дека обврската да биде идентификуван како жртва била особено значајна, бидејќи полицијата, обвинителите и судиите не можеле да го испочитуваат начелото на најдобар интерес на детето, ако претходно правилно не го идентификувале како дете жртва на трговијата со луѓе.
129. Вториот жалител спореше и дека тогаш постоечката законска рамка за заштита на потенцијалните тргувани деца не била доволна. Прво, упатството за употреба на обвинителската дискреција не било доволно сеопфатно за да се обезбеди идентификување на жртвите на трговијата со луѓе обвинети за кривични дела со цел запирање на нивното гонење во услови кога кривичното гонење би станало недоследно со човековите права на обвинетиот; а пак тесното преиспитување што го применува Апелацискиот суд кога ги разгледува предизвиците со примената на дискрецијата било премногу ограничено за соодветно да може да се заштити жртвата на трговијата со луѓе. Второ, домашното право не ја криминализира внатрешната трговија со луѓето во рамките на Обединетото Кралство, како резултат на што обвинителите погрешно се фокусирале само на тоа дали тој бил прокриумчарен или тргуван при влез во Обединетото Кралство, при тоа воопшто не обрнувајќи внимание на тоа дали бил жртва на домашна трговија со луѓе заради експлоатација во фабриката за канабис или пак жртва на принудна работа или ропство per se.
130. Од фактите во случајот, тој спореше дека, со оглед на тоа што постоеле јасни показатели за трговија со луѓе при неговото апсење, полицајците и обвинителите требало да го упатат кон Националниот механизам за упатување („НМУ“), а пак судечкиот судија не требало да го осуди и казни. Нивниот пропуст да го направат тоа имал сериозни последици по него, бидејќи неговото осудување најверојатно ќе му оневозможи да си најде законско вработување, а и поинаку да ужива во безбедна и сигурна живеачка во одговорната Држава.
(б) Владата
(i) Што се однесува до првиот жалител
131. Владата изложи дека целиот случај почива исклучиво на фактички прашања коишто биле правично разрешени од домашните судови. ЦПС го зазела ставот дека првиот жалител не бил жртва на трговијата со луѓе и дека не била утврдена релевантната поврзаност помеѓу кривичното дело и трговијата со луѓе. Апелацискиот суд го прифатил таквиот став. Првиот жалител не се обидел да го убеди Кралскиот суд дека бил жртва на трговијата со луѓе или дека постоела поврзаност помеѓу трговијата со луѓе и кривичното дело, но дури и да се обидел, Апелацискиот суд дошол до „непоколеблив заклучок“ дека аргументот ќе бил отфрлен врз основа на фактите.
132. Всушност, Владата тврдеше дека почетната точка во случајот е токму тоа што Апелацискиот суд во два наврати внимателно го разгледувал случајот на првиот жалител и одлучил дека ЦПС имала право да го заземе ставот што го зазела, а тоа е дека тој не бил жртва на трговија со луѓе и дека не била утврдена релевантна поврзаноста помеѓу кривичното дело и можниот статус на дете жртва на трговијата со луѓе. Овој заклучок не бил донесен со толкување на законот на негова штета, туку врз основа на фактичките околности во случајот.
133. Според ставот на Владата, приодот кој го примениле домашните органи бил сообразен и со домашната и со меѓународната законска рамка. За првиот жалител било сигнализирано дека е потенцијална жртва на трговија со луѓе, и покрај тоа што ниту тој ниту адвокатите што го застапувале во кривичната постапка не тврделе дека е така. Потоа, му била доделена придобивката од 45-дневен периодот на одлучување, за кое време не биле преземени никакви дејствија во насока на негово кривично гонење. Извештаите во кои Надлежниот орган заклучил дека тој бил жртва на трговијата со луѓе биле разгледани и од страна на ЦПС. При носењето на одлуката за гонење, во предвид било земено и специфичното упатство на ЦПС со кое се препознава ранливоста на жртвите - а особено на децата жртви - на трговијата со луѓе, и било прифатено дека, ако лицето било тргувано, тоа можело да влијае и во однос на тоа дали ќе се прибават доволно докази за гонење и во однос на тоа дали гонењето би било во јавен интерес. По почетната одлука да се започне со гонењето, случајот бил преиспитан од страна на правникот и бранителот, и тоа по приемот на процената за постоење на трговија со луѓе; случајот бил и дополнително преиспитан од главната правничка за преиспитување доделена во случајот, и тоа откако била добиена одлуката за основано сомнение, а нејзината одлука последователно била одобрена од Главниот кралски обвинител за Кембриџшир. Со постапката којашто следела понатаму во Кралскиот суд, на првиот жалител и неговиот адвокат им било дадено доволно време и експлицитна прилика да изнесат аргументи врз основа на неговата идентификација како жртва на трговијата со луѓе, Прво, случајот бил два пати разгледуван од страна на Апелацискиот суд врз основа на тоа дека детето не смее кривично да се гони за кривично дело кога постои доволна поврзаност помеѓу трговијата со луѓе заради експлоатација и кривичните дела, и дека не било неопходно да се покаже дека постоела присила за извршување на делото.
134. Што се однесува до тоа што првиот жалител сакал својот аргумент да го втемели на основа на пропустот на домашните органи да спроведат истрага, Владата изложила дека домашните органи, всушност, ги презеле сите соодветни истражни чекори. Тој бил проценет од страна на Граничната агенција и признаен од нивна страна како жртва на трговијата со луѓе; врз оваа основа, и како ранливо непридружувано дете, му била дадена поддршка; биле преземени оперативни мерки за да му се обезбеди сместување. образование, имиграциска помош и да се заштити од експлоатација во случај да биде пуштен од затвор; полицијата и обвинителството се поврзале и со другите владини агенции и состојбата се држела под надзор. Но, определбата на Граничната агенција не била правно-обврзувачка за обвинителството.
135. Конечно, Владата аргументираше дека би било погрешно Судот така гломазно да го внесе членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе во член 4 од Конвенцијата, или да се меша во одлуките на судовите во однос на тоа кое тело ја има врвната моќ, според домашното право, да ја разгледува фактичката положба со цел да се примени заштитата на правата согласно Конвенцијата. Ова второво особено би настанало кога судовите веќе детално го разгледале прашањето, свесни дека постапувајќи така тие се оградуваат од одлуката на Надлежниот орган дека обвинетиот бил жртва на трговија со луѓе.
(ii) Што се однесува до вториот жалител
136. Владата изложи уште на самиот почеток дека, со оглед на тоа што вториот жалител пред домашните судови вложил жалба само во однос на неговата осудителна пресуда, бидејќи тој, како жртва на трговијата со луѓе, не требало да биде кривично гонет, и разгледувањето на жалбените наводи од страна на Судот треба да се ограничи само на тоа. Тој пред домашните судови не се пожалил на никаков пропуст околу спроведување соодветна кривична истрага за околностите на неговото наводно тргување, ниту пак спорел дека кривично-правната материја или важечките процедури биле неспоиви со член 4 од Конвенцијата.
137. Како и кај првиот жалител, Владата понатаму аргументираше дека ЦПС имала право да дојде до поинаков став од она на Граничната агенција во однос на тоа дали лицето било или не жртва на трговија со луѓе, и да оформи став дека во конкретниот случај, земајќи ја предвид сериозноста на кривичното дело и сите непосредни околности, би било во јавен интерес случајот кривично да се гони. Последователно, одлуката донесена од страна на Граничната агенција не ја поткопувала фактичката определба на домашните судови и од прва инстанца и од апелација, па следувало дека вториот жалител не бил гонет за ниту едно кривично дело извршено во околностите заштитени со член 4 од Конвенцијата.
138. Во тој поглед, Владата изложи дека ЦПС, во два последователни наврати, а по неа и Апелацискиот суд, кој пред себе го имал и објаснувањето од НСПЦЦ НЦТАИЛ за образецот на недоследности во исказот на вториот жалител, внимателно го разгледале неговиот случај и имале право да заземат став дека тој не бил жртва на трговијата со луѓе и дека било во јавен интерес кривично да го гонат.
139. Според ставот на Владата, иако членот 4 не делува во состојба на вакум, и може да се земат предвид и дефинициите од Конвенцијата против трговијата со луѓе и Протоколот од Палермо, сепак тоа не значело дека одредени процесни заложби од другите меѓународни инструменти, како што е одредбата за неказнување од членот 26 на Конвенцијата против трговијата со луѓе, треба да се разберат како дел од самата Конвенција. Напротив, сè што се бара со Конвенцијата е секоја истрага и секое гонење да се спроведат на основа којашто покажува почит за слободите загарантирани со член 4. Според Владата, во случајот на вториот жалител, органите на власта очигледно постапиле така. Прво, ЦПС располагала со дискреција да одлучи дали да го гони или не, а оваа одлука се засновала не само на доказите против него, туку и на согледувањето дали, во светло на непосредните фактички околности, би било во јавен интерес да се продолжи постапката против него. Второ, вториот жалител имал отворена можност да ја оспори одлуката да биде гонет, или преку своите застапници пред ЦПС, аргументирајќи дека постапката претставувала злоупотреба на процесот, или преку барање судски да се преиспита одлуката. Трето, откако определбата на Граничната агенција ѝ била соопштена на ЦПС; таа наложила да се спроведе ex post facto преиспитување од страна на Специјалната правничка за работа на случаи којашто ги разгледала и доказите коишто тогаш му биле достапни на обвинителството и доказите што биле прибавени последователно, и донела разумна одлука дека првичниот исказ даден од вториот жалител бил најблизок до вистината и дека не постоело основано сомнение дека тој бил жртва на трговијата со луѓе. Конечно, Апелацискиот суд внимателно го разгледал неговиот случај пред да заклучи дека ЦПС имала право што ја донела одлуката како што ја донела.
140. Што се однесува до жалбените наводи на вториот жалител за пропустот да се спроведе истрага, неговата состојба како потенцијална жртва на трговијата со луѓе била темелно разгледана од Надлежниот орган, неговите правни застапници, стручните сведоци, како што се сведоците на НСПЦЦ и психијатарот, ЦПС и домашните судови.Поднесоци на вмешувачи од трета страна
(a) Групата експерти за трговија со луѓе („ГРЕТА“) [Group of Experts on Trafficking in Human Beings (“GRETA”)]
141. ГРЕТА нагласи дека, со цел да се заштитат и да им се помогне на жртви на трговија со луѓе, од најголема важност е правилно да се идентификуваат. Сепак, и покрај насоките дадени од Здружението на шефовите на полиција („АЦПО“) за тоа како треба да се згрижат децата пронајдени во фабриките за канабис, во Обединетото Кралство постојат случаи кога жртвите на трговијата со луѓе биле уапсени, кривично гонети и осудени за одгледување канабис. Според ставот на ГРЕТА, ова се должи на фактот што тие не биле идентификувани како можни жртви од страна на релевантните стручни лица со кои биле во контакт Особено, се чини дека дежурните правни советници често пати ги советувале децата вмешани во одгледувањето канабис да ја признаат вината како начин да добијат помала казна затвор. Во својот прв извештај за Обединетото Кралство, ГРЕТА ја повика Државата да се погрижи упатството на АЦПО да се применува во целост со цел да се избегне изрекување казни на идентификуваните жртви на трговија со луѓе за нивната вмешаност во незаконски активности, под услов да биле присилени да постапат така.
142. ГРЕТА понатаму посочи дека целта на членот 26 од
Конвенцијата против трговијата со луѓе е да се гарантираат човековите права на жртвите и да се избегне понатамошна виктимизација. Криминализацијата на жртвите се коси со обврската на Државата да им обезбеди услуги и помош на жртвите, и ги обесхрабрува да споделат информации и да соработуваат со истрагата за лицата одговорни за нивното тргување.
(б) Антислејвери интернешнал [Anti-Slavery International]
143. „Антислејвери интернешнал“ аргументираше дека член 4 од Конвенцијата треба да се толкува во светло на обврската на одговорната Држава согласно меѓународните договори, како што е Конвенцијата против трговијата со луѓе на Советот на Европа, Директивата против трговијата со луѓе на ЕУ и Конвенцијата за правата на детето. Ова значи дека постојат специјални и засилени обврски кон тргуваните деца, чијшто најдобар интерес треба да биде пресуден во секоја постапка кога се донесуваат одлуки. Во тој поглед, детето жртва на трговијата со луѓе треба да добие зајакната заштита од казнување, бидејќи тешко може да се замисли случај кога би било во најдобар интерес на тргуваното дете да биде казнето.
144. Згора на тоа, кога се врши процена дали лицето е жртва на трговијата со луѓе, веродостојноста мора да се согледа од перспектива на трговијата со луѓе; таканаречените „традиционални“ фактори на веродостојност може повеќе да не бидат релевантни, па дури може и да предизвикаат спротивен ефект. На пример, нашироко е прифатен „митот“ дека лицето не било под присила ако лицето не ја искористило укажаната прилика да избега. Може да постојат повеќе причини зошто лицето решило да не избега, како што, впрочем, е кажано и во самото Упатство за трговијата со луѓе на Министерство за внатрешни работи.
(b) Либерти [Liberty]
145. Во излагањето на „Либерти“ се велеше дека позитивната обврска согласно член 4 треба да се разгледува во светло на член 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе и Директивата против трговијата со луѓе на ЕУ, за да се вклучи позитивна обврска за Државата да донесе законски и други мерки со кои конкретно и ефективно ќе се заштитат тргуваните лица од незаконското казнување за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе. Овие мерки мора да можат да се справат со целиот синџир на кривичното право, вклучувајќи ги и полицијата, обвинителството и судовите. Во отсуство на такви мерки, сите државни актери треба да сносат позитивна обврска согласно член 4 од Конвенцијата да делуваат така што во предвид да ја земат потребата да се спречи незаконското казнување на тргуваните лица за кривични дела поврзани со трговијата со луѓе. Ова е неопходно за да се заштитат тргуваните лице од претрпување понатамошна штета.
146. Според ставот на „Либерти“, процесните гаранции на кривично-правниот систем на Обединетото Кралство содржат големи пропусти. Обединетото Кралство се уште не спровело ниту една конкретна мерка насочена кон неказнување на жртвите на трговијата со луѓе и иако имаат сеопфатни упатства за обвинителите, такви сразмерни мерки за полицијата нема, а таа најверојатно е првиот контакт со потенцијалните жртви на трговијата со луѓе. Идентификувањето уште во рана фаза може да обезбеди тргуваното лице никогаш и да не влезе во кривично-правниот систем. Исто така, не постои ниту експлицитна должност кај судовите да го истражат статусот на обвинетиот како потенцијална жртва. Згора на тоа, надлежноста за [утврдување] на злоупотреба на моќ е несоодветна, бидејќи во голема мера зависи од барање доставено во име на обвинетиот, а во случаи кога обвинетиот ја признава вината, повеќе не е возможно судот да ја прекине постапката. Иако постои процедура за повлекување на признанието на вината, и таа, исто така, зависи од доставување барање од страна на обвинетиот.Процена на судот
(a) Општи начела
(i) Делокругот на членот 4 од Конвенцијата
147. Сега е доволно добро востановено дека и националната и транснационалната трговија со луѓе, без разлика дали е поврзана со организиран криминал или не, спаѓа во делокругот на член 4 од Конвенцијата (видете S.M. v. Croatia [GC], no. 60561/14, § 296, 25 June 2020). Од тие причини, не е потребно да се идентификува дали постапувањето од жалбените наводи на жалителот претставува „ропство“, „слугување“ или „присилна [или] задолжителна работа“ (видете Rantsev v. Cyprus and Russia, no. 25965/04, § 282, ECHR 2010 (извадоци)).
148. Спорното постапување може да предизвика разгледување на прашање согласно член 4 од Конвенцијата само доколку сите составни елементи од дефиницијата за трговија со луѓе содржани во членот 3(а) од Протоколот од Палермо и членот 4(а) од Конвенцијата против трговијата со луѓе (кои често пати се опишуваат како „дејство“, „средство“ и „цел“, иако не е неопходно да се покаже „средство“ во случај на дете) се присутни (видете ги пасусите 94 и 102 погоре). Прашањето дали конкретната ситуација ги содржи сите составни елементи е фактичко прашање што мора да се испита во светло на сите релевантни околности на случајот (видете S.M. v. Croatia, наведено погоре, § 302). На сличен начин, прашањето дали лицето доброволно се понудило себеси да работи е фактичко прашање кое мора да се испита во светло на сите релевантни околности. Но, Судот појасни дека, кога работодавачот ја злоупотребува својата моќ или ја искористува ранливоста на своите работници за да ги експлоатира, тие тогаш не се понудиле себеси доброволно да работат. Во тој поглед, претходната согласност на жртвата не е доволна за да се исклучи карактеризирањето на работата како принудна работа (видете Chowdury and Others v. Greece, no. 21884/15, § 96, 30 March 2017).
(ii) Позитивните обврски на Државата согласно член 4
149. Позитивната обврска на земјите членки согласно член 4 од Конвенцијата мора да се разгледува во светло на Конвенцијата против трговијата со луѓе на Советот на Европа, и да се толкува дека не налага само спречување на трговијата, туку бара и заштита на жртвите и спроведување на истрага. Судот се раководи според Конвенцијата против трговијата со луѓе и начинот на кој ГРЕТА ја толкува (видете Chowdury and Others, наведено погоре, § 104).
150. Членот 4 содржи конкретна позитивна обврска за земјите членки да го прогласат за казниво и ефективно да го гонат секое однесување насочено кон одржување на лицето во состојба на ропство, слугување или принудна или задолжителна работа (Siliadin v. France, no. 73316/01, §§ 89 and 112, ECHR 2005‑VII). Со цел да ја испочитуваат обврската, од земјите членки се бара да донесат законска и административна рамка за спречување и казнување на трговијата со луѓе и за заштита на жртвите (видете Rantsev, наведено погоре, § 285).
151. Како и кај членовите 2 и 3 од Конвенцијата, и членот 4 може, под одредени околности, да ѝ наложи на Државата да преземе оперативни мерки за да ги заштити жртвите или потенцијалните жртви на трговијата со луѓе. За да се активира позитивната обврска за преземање оперативни мерки во околностите на одреден случај, мора да се покаже дека државните органи биле свесни, или траба да бидат свесни, за околностите од кои произлегува основано сомнение дека идентификуваното лице било, или е во реален и непосреден ризик да стане тргувано или експлоатирано во смисла на член 3(а) од Протоколот од Палермо и член 4(а) од Конвенцијата против трговијата со луѓе. Во таков случај, доаѓа до повреда на член 4 од Конвенцијата тогаш кога државните органи ќе пропуштат да преземат соодветни мерки во делокругот на своите овластувања за да го отстранат лицето од таквата состојба или ризик (видете Rantsev, наведено погоре, § 286, со понатамошни референци).
152. Што се однесува до видот на оперативните мерки што може да станат потребни согласно член 4 од Конвенцијата, Судот смета дека е релевантно што Конвенцијата против трговијата со луѓе ги повикува земјите членки да усвојат низа мерки за спречување на трговијата со луѓе и да ги заштитат правата на жртвите. Во превентивни мерки спаѓаат мерки за зајакнување на координацијата на национално ниво помеѓу различните тела за сузбивање на трговијата со луѓе, и обесхрабрување на побарувачката на сите облици на експлоатација на луѓето. Во заштитни мерки спаѓаат олеснување на идентификувањето на жртвите од страна на квалификувани лица и помагање на жртвите во нивното физичко, психолошко и социјално закрепнување (видете Chowdury, наведено погоре, § 110).
153. Сепак, имајќи ги во предвид потешкотии поврзани со вршењето на полициската работа во современите општества, и оперативните избори што мора да се направат во смисла на приоритети и ресурси, обврската за преземање оперативни мерки мора да се толкува така што да не претставува невозможен или несразмерен товар за државните органи (видете Rantsev, наведено погоре, § 287).
154. Како и членовите 2 и 3, и членот 4 исто така подразбира процесни обврски за спроведување на истраги за ситуации на потенцијална трговија со луѓе. Барањето да се спроведе истрага не зависи од поднесувањето жалба од страна на жртвата или нејзин роднина; штом еднаш случајот ќе биде забележан од надлежните органи, тие мора да делуваат по сопствена иницијатива (видете Rantsev, наведено погоре, § 288).
155. Од погорното следува дека општа рамка на позитивните обврски согласно член 4 подразбира (1) должност да се донесе законска и административна рамка за забрана и казнување на трговијата со луѓе; (2) должност, во одредени околности, да се преземат оперативни мерки за заштита на жртвите или потенцијалните жртви од трговијата со луѓе; и (3) процесна обврска да се спроведат истраги за ситуации на потенцијална трговија со луѓе. Општо земено, првите два аспекти на позитивните обврски може да се означат како материјално-правни, додека пак третиот аспект се однесува на (позитивните) процесни обврски на државата (видете S.M. v. Croatia, наведено погоре, § 306).
(iii) Кривично гонење на жртвите и потенцијалните жртви
156. До денеска Судот немал прилика да разгледува случај на кривично гонење на жртва или потенцијална жртва на трговија со луѓе. Тоа значи дека ова е прва прилика во која Судот се повикува да разгледа дали и кога таквото гонење може да предизвика разгледување на прашање согласно член 4 од Конвенцијата.
157. Јасно е дека од Конвенцијата против трговијата со луѓе или од кој било друг меѓународен инструмент не може да се протолкува постоење на општа забрана дека не смее кривично да се гонат жртвите на трговијата со луѓе. И навистина, одредбите за „неказнување“ од членот 26 на Конвенцијата против трговијата со луѓе, членот 8 на Директивата против трговијата со луѓе и членот 4(2) на Протоколот од 2014 година кон Конвенцијата на МОТ за принудна работа (видете ги, соодветно, пасусите 103, 106 и 98 погоре), сите содржат две важни квалификации: жртвата на трговијата со луѓе мора да била присилена да ја изврши криминалната активност, и, доколку е така, државните органи треба да имаат право, иако не и обврска, да не ја гонат жртвата кривично. Иако се чини дека присилбата не е потребна за детето да се подведе под делокругот на членот 26 од Конвенцијата против трговијата со луѓе или членот 8 од Директивата против трговијата со луѓе, во ниту еден од двата инструмента не се наоѓа ништо што би го исклучило кривичното гонење на детето жртва на трговија со луѓе во кои било околности.
158. И покрај тоа, Судот смета дека кривичното гонење на жртвите или потенцијалните жртви на трговијата со луѓе може, под одредени околности, да се коси со должноста на Државата да преземе оперативни мерки за нивна заштита, кога се свесни или би требало да бидат свесни за околностите од кои произлегува основано сомнение дека лицето било тргувано. Според ставот на Судот, должноста да се преземат оперативни мерки согласно член 4 од Конвенцијата има две главни цели: да се заштити жртвата на трговијата со луѓе од понатамошна штета, и да се олесни нејзиното закрепнување. Аксиома е дека кривичното гонење на жртвите на трговијата со луѓе би било штетно за нивното физичко, психолошко и социјално закрепнување и може потенцијално да ги остави ранливи повторно да бидат тргувани во иднина. Не само што ќе мора да ја поминат неволјата на кривичното гонење, туку и кривичното осудување може да претставува пречка за нивното последователно интегрирање во општеството. Освен тоа, затворањето може да го попречи пристапот до поддршката и услугите што ги предвидува Конвенцијата против трговијата со луѓе.
159. Со цел обвинителот на жртва или на потенцијалната жртва на трговијата со луѓе да покаже почит за слободите загарантирани со членот 4, од најголема важност е жртвата на трговија со луѓе рано да се идентификува. Следува дека, веднаш штом надлежните органи ќе станат свесни или би требало да станат свесни за околностите од кои произлегува основано сомнение дека лицето осомничено за извршување на кривично дело може да било тргувано или експлоатирано, лицето треба веднаш да се процени од страна на персонал којшто е обучен и квалификуван да работи со жртвите на трговија со луѓе. Процената треба да се заснова на критериумите утврдени во Протоколот од Палермо и Конвенцијата (имено, дела лицето било изложено на чин на врбување, превезување, пренесување, засолнување, или прифаќање, по пат на закана со сила или друг облик на присилба, а заради експлоатирање), при тоа особено земајќи го во предвид фактот дека заканата со сила и/или присилба не е потребно да постои доколку лицето е дете (видете ги пасусите 94 и 102 погоре).
160. Згора на тоа, со оглед на фактот што статусот на лицето како жртва на трговијата со луѓе може да влијае на тоа дали ќе постојат доволно докази за лицето кривично да се гони и дали би било во јавен интерес да се постапи така, секоја одлука за тоа дали да се гони или не потенцијалната жртва на трговијата со луѓе треба - во толкава мера колку што е можно - да се донесе само откако ќе се направи процената за трговија со луѓе од страна на квалификувано лице. Ова е особено важно кога е во прашање дете. Судот прифати дека, со оглед на тоа што децата се особено ранливи, мерките што ги применува Државата за нивна заштита од насилни дела кои потпаѓаат во делокругот на членовите 3 и 8, треба да бидат ефективни и да содржат и разумни чекори за спречување на малтретирањето за кое надлежните органи имале или требало да имаат сознание, и ефективно одвраќање од таквите сериозни повреди на личниот интегритет (видете на пример, Söderman v. Sweden [GC], бр. 5786/08, § 81, ECHR 2013; M.P. and Others v. Bulgaria, бр. 22457/08, § 108, 15 ноември 2011; и Z and Others v. the United Kingdom [GC], no. 29392/95, § 73, ECHR 2001‑V). Таквите мерки треба да имаат за цел да се обезбеди почитување на човековото достоинство и да се заштитат најдобрите интереси на детето (видете Söderman, наведено погоре, § 81). Бидејќи трговијата со луѓе претставува закана по човековото достоинство и темелните слободи на нејзините жртви (видете Rantsev, наведено погоре, § 282), истото важи и за мерките за заштита од дела кои спаѓаат во делокругот на член 4 од Конвенцијата.
161. Откако ќе се направи процената за постоење на трговија со луѓе од страна на квалификувано лице, секоја последователна одлука за кривично гонење мора да ја земе во предвид таквата процена. Иако обвинителот може да не биде правно обврзан од констатациите до кои ќе се дојде при таквата процена за постоење на трговија со луѓе, сепак обвинителот ќе мора да има јасни причини доследни со дефиницијата на трговијата со луѓе содржана во Протоколот од Палермо и Конвенцијата против трговијата со луѓе за да не се согласи со процената.
(б)Примена на овие начела во овие случаи
(iv) Првиот жалител
162. Судот веќе забележа дека, со оглед на тоа што првиот жалител бил пронајден од страна на полицијата во фабрика за канабис за време на извршување на налог за претрес за дроги, надлежните органи требало да бидат алармирани за можноста дека тој - а и секое друго младо лице откриено таму - може да бил жртва на трговијата со луѓе. Па сепак, и покрај тоа што не постоела некоја очигледна причина за сомнение дека тој не бил малолетник (видете ги пасусите 6 и 7 погоре), ниту полицијата ниту ЦПС не го упатиле кон некој од Надлежните органи на Обединетото Кралство заради проценка. Наместо тоа, тој бил обвинет за вмешаност во производство на контролирана дрога (видете го пасусот 6 погоре).
163. Социјалните служби, откако спровеле процена на возраста, се чини дека „сигнализирале“ дека постоела загриженост лицето да било жртва на трговијата со луѓе, а по некои три недели од неговото пронаоѓање, „Правдата за бегалци и мигранти“ ги известила неговите правни застапници за ваквата загриженост (видете ги пасусите 7-8 погоре). Па сепак, без да се направи каква и да било процена од страна на Надлежниот орган, во август 2009 година, тој ја признал вината за кривичното дело со кое го товареле, и тоа по совет на неговиот правен застапник (видете го пасусот 10 погоре). Сепак, изрекувањето на казната било одложено за да се почека на процената за постоење на трговија со луѓе (видете го пасусот 11 погоре).
164. Во овој миг, ЦПС ја преиспитала својата одлука за кривично гонење и заклучила дека не постојат уверливи докази дека првиот жалител бил тргуван (видете го пасусот 12 погоре). Со Судот не се споделени дополнителни причини за таквата одлука.
165. По „Конечната одлука“ од Надлежниот орган, во којашто се констатира дека првиот жалител бил тргуван (видете го пасусот 13 погоре), ЦПС повторно го преиспитала случајот и уште еднаш ја потврдила одлуката за кривично гонење (видете го пасусот 14 погоре). Не биле дадени официјални причини за ваквата одлука, но во писмото до еден пратеник во парламентот ЦПС појаснила дека кривичното гонење не било прекинато, бидејќи кривичните дела биле крајно сериозни, не била употребена одбрана со принуда, а и немало јасни докази дека постоела трговија со луѓе (видете го пасусот 14 погоре). И покрај приговорот на ЦПС, судечкиот судија му дал на првиот жалител можност да поднесе барање за повлекување на признанието на вина (видете го пасусот 15 погоре). Па сепак, повторно, очигледно по совет на бранителот, којшто го сметал предлогот за „претеран“, тој одлучил да остане на своето признание на вината (видете го пасусот 16 погоре). Советот бил заснован, барем делумно, на фактот што ЦПС немала намера да го прекина кривичното гонење (видете го пасусот 17 погоре).
166. Иако првиот жалител подоцна добил дозвола да вложи жалба вон рок против осудителната пресуда и казната (видете ги пасусите 38-39 погоре), во февруари 2012 година неговата жалба била одбиена бидејќи Апелацискиот суд заклучил дека одлуката за кривично гонење била сосема оправдана. Во таа постапка, Кралскиот суд се фокусирал на докази кои, според неговиот став, укажувале дека првиот жалител не бил жртва на трговијата со луѓе, вклучително и фактот што тој бил најден со пари во готовина и имал мобилен телефон, што фабриката се наоѓала во куќа, а не во некој „импровизиран затвор“, што на првиот жалител му давале неделни намирници, а и постоеле некои недоследности во неговиот исказ (видете го пасусот 45 погоре).
167. Сепак, по речиси две години, Надлежниот орган ја преиспитал својата одлука во светло на новиот материјал од досието на ЦПС, но заклучил дека тие информации не ја менуваат Конечната одлука. Особено, Надлежниот орган констатирал дека информациите обезбедени од ЦПС не го менувале фактот што биле присутни два од клучните елементи за дефинирање на „трговијата со луѓе“, а кои се потребни за во случај на малолетник (имено, „дејството“ и „целта“). Според неговиот став, првиот жалител бил врбуван и засолнет на имотот (дејство) заради експлоатирање (цел). Присилбата (средство) не била потребна во овој случај бидејќи малолетник, како него, не можел да даде согласност. Според Надлежниот орган, факторите на кои се потпирал судијата во кривичното судење се однесувале само на периферни прашања, и не навлегувале во суштината на елементите коишто ја давале дефиницијата за трговија со луѓе (видете ги пасусите 53-54
168. Случајот на првиот жалител бил последователно вратен назад во Апелацискиот суд, но неговата жалба била повторно отфрлена. Во оваа прилика, судот констатирал дека со оглед на возраста на жалителот, фактот што не бил затвореник и имал значителна сума пари и телефон, како и постоењето на некои недоследности во неговиот исказ, Кралскиот суд имал простор да одлучи дека треба да се продолжи со кривичното гонење, бидејќи релевантната поврзаност помеѓу трговијата со луѓе и кривичните дела не била утврдена (видете ги пасусите 55-63 погоре).
169. Но, Кралскиот суд не зел во предвид дека релевантната поврзаност помеѓу трговијата со луѓе и кривичните дела не била утврдена, туку упорно констатирал дека не постојат јасни докази за тоа дека првиот жалител бил тргуван (видете ги пасусите 12, 14 и 45 погоре). Згора на тоа, во ниту една фаза Кралскиот суд не изнел јасна причина зошто дошол до поинаков заклучок од заклучокот на Надлежниот орган, а и доколку воопшто може да се извлечат некакви причини од информациите доставени до пратеникот на парламентот (видете го пасусот 14 погоре) и до Апелацискиот суд (видете го пасусот 45 погоре), како што истакнал и самиот Надлежен орган, тие причини повеќе се однесувале на периферни прашања и не навлегувале во суштината на елементите потребни да се утврди постоење на „трговија со луѓе“ (видете ги пасусите 53-54 погоре). Апелацискиот суд, и при двете отфрлања на жалбата на првиот жалител, се чини дека се потпирал на истите причини (видете ги пасусите 45 и 55-63 погоре).
170. Во времето на апсење на првиот жалител, малолетниците од Виетнам веќе биле идентификувани како посебна ранлива група (видете ги упатството објавено од ЦПС во декември 2007 година и на 4 февруари 2009 година, наведено во пасусите 72-73 погоре; првиот „извештај за утврдување на делокругот“ на ЦЕОП објавен во јуни 2007 година, наведено во пасусите 81-82 погоре; и процената на заканите на ЦЕОП од април 2009 година, наведено во пасусот 83 погоре). Освен тоа, како што посочил ЦПС во своето упатство објавено во февруари 2009 година, тргуваните деца може да се колебаат да ги обелоденат околностите на нивната експлоатација, или од страв од одмазда, погрешност поставена лојалност кон своите трговци, или бидејќи така биле подучени. Исто така, тие може да бидат изложени на повеќе видови психолошка принуда и закани, како што е заканувањето дека ќе ги пријават кај надлежните органи, закани по нивните семејства, или така што ги држеле социјално изолирани (видете го пасусот 73 погоре). Како последица на тоа, фактот што првиот жалител имал со себе пари во готовина и мобилен телефон, што фабриката самата по себе не била затвор, што му доставувале намирници, и што неговиот исказ на моменти не бил доследен, не би можел, бездруго, да го негира заклучокот дека бил тргуван.
171. ЦПС би имала простор – врз основа на јасните причини коишто се доследни со дефиницијата на трговијата со луѓе содржана во Протоколот од Палермо и Конвенцијата против трговијата со луѓе – да не се согласи со Конечната одлука. Да прифатела дека првиот жалител бил дете жртва на трговија со луѓе, ЦПС би имала простор и кривично да го гони доколку зела предвид – кажано на јазикот на Апелацискиот суд – дека не постоелa поврзаност помеѓу кривичното дело и трговијата со луѓе. Но, тука не се случило ни едно од двете. Наместо тоа, и покрај тоа што првиот жалител бил пронајден во околности коишто самите по себе давале причина за основано сомнение дека тој бил жртва на трговијата со луѓе, неговиот случај не бил упатен на НМУ. Наместо тоа, тој бил обвинет за кривично дело за коешто ја признал вината по совет од својот правен застапник. Иако последователно тој бил признаен од Надлежниот орган како жртва на трговијата со луѓе, ЦПС, без да даде соодветни причини за својата одлука, не се согласила со таквата процена, а и Апелацискиот суд, потпирајќи се на истите несоодветни причини, два пати констатирал дека одлуката за кривично гонење била оправдана.
172. Во светло на претходно кажаното, Судот смета дека за Државата не може да се каже дека ја исполнила својата должност согласно член 4 од Конвенцијата да преземе оперативни мерки да го заштити првиот жалител, ниту на самиот почеток, како потенцијална жртва на трговијата со луѓе, ниту отпосле, како лице признаено од Надлежниот орган дека е жртва на трговијата со луѓе.
173. Според тоа, Судот констатира дека дошло до повреда на членот 4 од Конвенцијата.
(v) Вториот жалител
174. На 21 април 2009 година, вториот жалител бил пронајден од страна на полицијата близу до фабрика за канабис (видете го пасусот 18 погоре). Бил третиран како возрасен бидејќи начелно тој рекол дека е роден 1972 година, што значело дека има 37 години (видете го пасусот 19 погоре). Со оглед на тоа дека всушност имал 17 години, не е јасно колку можело да биде веродостојно неговото тврдење дека има 37 години. Во секој случај, дури и полицијата да немала причина да се сомнева дека тој бил возрасен, исказот што го дал при првото полициско сослушување требало да предизвика причина за загриженост. Особено, тој тврдел дека вратата била заклучувана однадвор, и дека верувал дека фабриката ја чувале стражари; дека не бил платен за својата работа; и дека можел да биде убиен доколку престанел со работа (видете ги пасусите 20 и 21 погоре). Па сепак, не бил упатен кон Надлежниот орган. Наместо тоа, тој бил обвинет за вмешаност во производство на дрога од Класа „Б“ (видете го пасусот 22 погоре).
175. На судската расправа пред Магистратскиот суд на 30 април 2009 година, тој кажал дека неговата година на раѓање е 1992. Од овој миг понатаму било прифатено дека тој имал 17 години (видете го пасусот 23 погоре). Со оглед на тоа што било познато за ситуацијата на младинците од Виетнам кои работеле како градинари во фабриките за канабис (видете ги пасусите 72-73 и 81-83 погоре), Судот смета дека од овој миг, ако не и порано, ЦПС требала да биде свесна за постоењето на околностите од кои произлегува основано сомнение дека бил тргуван (видете го пасусот 118 погоре). Но, иако ЦПС спровела преиспитување на досието на 1 јуни 2009 година, при што заклучила дека вториот жалител бил прокриумчарен во Обединетото Кралство, бидејќи неговите родители го финансирале неговото патување (видете го пасусот 24 погоре), тој бил упатен само до Националното здружение за спречување на суровоста кон децата - советодавна и информативна линија за тргување со деца („НСПЦЦ НЦТАИЛ“) во април 2010 година (видете го пасусот 30 погоре); а и процена му направил само Надежниот орган во ноември истата година (видете го пасусот 33 погоре).
176. Во меѓувреме, вториот жалител ја признал вината за кривичното дело со кое го товареле (видете го пасусот 27 погоре). Иако тој го известил и својот бранител дека бил заклучуван во фабриката и дека му се заканувале дека ќе го убијат ако ја напушти работата, бранителот не верувал дека бранењето со принуда би било успешно, бидејќи му се укажала прилика да побегне, а тој тоа не го сторил - фактор за кој Надлежниот орган последователно сметал дека може да се објасни со фактот што тој бил во положба на зависност и ранливост (видете ги пасусите 27 и 33 погоре).
177. На 28 јуни 2011 година, Правничката за посебни случаи при ЦПС го разгледала случајот на вториот жалител во светло на заклучоците на НСПЦЦ НЦТАИЛ и Надлежниот орган. Особено земајќи ги предвид одредените недоследности во неговиот исказ, фактот што можел да избега, фактот што бил пронајден со извесна сума пари, и фактот дека не бил физички повреден, таа заклучила дека тој не вил жртва на трговијата со луѓе (видете го пасусот 36 погоре). Но, речиси сите овие фактори биле разгледани и од страна на Надлежниот орган, кога тој прифатил, врз основа на премерка на веројатностите, дека вториот жалител бил жртва на трговијата со луѓе (видете го пасусот 33 погоре), а правничката на ЦПС се чини дека не образложила зошто сметала дека тие фактори го оправдале донесувањето на спротивниот заклучок. Згора на тоа, на 7 ноември 2011 година, НСПЦЦ НЦТАИЛ објавил дополнителен извештај во кој социјалната работничка ги разгледала и документите од кривичната постапка. Тогаш таа изјавила дека нејзиниот заклучок дека вториот жалител бил жртва на трговијата со луѓе во времето на неговото апсење бил „зајакнат“. Во тој поглед, таа истакнала дека исказите што децата потенцијални жртви на трговијата со луѓе им ги даваат на различни стручни работници, во различни контексти, ретко кога се сосема доследни еден на друг (видете го пасусот 37 погоре).
178. Отфрлајќи ја неговата жалба, Апелацискиот суд бил уверен дека критиката на процесот којшто кулминирал со казнување на вториот жалител го игнорирала фактот што тој самиот дал исказ во кој укажува дека бил „прокриумчарен“ во Обединетото Кралство. Затоа, Апелацискиот суд сметал дека не постоеле докази пред Кралскиот суд, пред ЦПС или пред одбраната коишто би укажале на тоа дека тој бил доведен во Обединетото Кралство преку трговија со луѓе (видете ги пасусите 47-48 погоре).
179. Со сета должна почит кон Апелацискиот суд, ваквата констатација тешко може да се помири со сопственото упатство што го издала ЦПС во февруари 2009 година, каде што се посочува дека тргуваните деца може да се колебаат да ги обелоденат околностите на нивната експлоатација, како последица на што самото обвинителство требало да биде претпазливо и за таква можност (видете го пасусот 73 погоре). Слични насоки биле дадени и од Апелацискиот суд во случајот R. v. O., каде Апелацискиот суд јасно изјавил дека обвинителите мора да бидат свесни за протоколите, а адвокатите на одбраната мора да спроведат истражни работи доколку постои веродостоен материјал кој покажува дека нивниот клиент може да бил жртва на трговијата со луѓе (видете ги пасусите 77-78 погоре). Исто така, ова тешко може да се помири и со констатацијата и на НСПЦЦ НЦТАИЛ и на Надлежниот орган дека вториот жалител всушност бил доведен во Обединетото Кралство за трговија со луѓе (видете ги пасусите 32, 33 и 37 погоре).
180. Во овој поглед, Судот веќе беше уверен дека од мигот кога вториот жалител бил пронајден, одредени аспекти на неговиот исказ требало да послужат како причина за загриженост дека тој може да бил жртва на трговијата со луѓе (видете го пасусот 174 погоре). Ваквата загриженост требало уште повеќе да се засили кога станало очигледно дека тој всушност е малолетник (видете го пасусот 175 погоре). Од овој миг понатаму, Државата имала позитивна обврска да преземе оперативни мерки да го заштити. Наместо тоа, било допуштено да се продолжи со спроведување на кривичната постапка, при што вториот жалител ја признал вината по совет од својот правен застапник. Иако последователно тој бил признаен и од НСПЦЦ НЦТАИЛ и од Надлежниот орган како жртва на трговијата со луѓе, ЦПС не се согласила со таквата процена, без да даде соодветни причини за својата одлука коишто би навлегле во суштината на елементите потребни за утврдување на трговијата со луѓе, а и Апелацискиот суд, потпирајќи се на истите причини, констатирал дека одлуката за кривично гонење не претставувала злоупотреба на процесот.
181. Во светло на претходно кажаното, Судот смета дека за Државата не може да се каже дека ја исполнила својата должност согласно член 4 од Конвенцијата да преземе оперативни мерки да го заштити вториот жалител, ниту на самиот почеток, како потенцијална жртва на трговијата со луѓе, ниту отпосле, како лице признаено од Надлежниот орган дека е жртва на трговијата со луѓе.
182. Според тоа, Судот констатира дека дошло до повреда на член 4 од Конвенцијата.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 6 § 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
183. Жалителите навеле во своите жалбени наводи дека, како последица на повредата од страна на Државата на нејзината позитивна обврска согласно членот 4, на нив им било ускратено правично судење во смисла на член 6 од Конвенцијата.
184. Член 6 § 1 од Конвенцијата, во делот што е релевантен, предвидува:
„При одредувањето на ... секое кривично обвинение против него, секој има право на правично ... судење ... од страна на ... судот...“.Допуштеност
185. Судот забележува дека жалбените наводи на жалителите за член 6 не се ниту очигледно неосновани ниту пак недопустливи на ниту една од основите наведени во член 35 на Конвенцијата. Затоа, мора да се прогласат за допуштени.ОснованостПоднесоци на странките
(a) Првиот жалител
186. Првиот жалител аргументираше дека неговото признавање на вината не го укинува само по себе неговото право на правично судење. Според неговиот став, не е издржано да се укажува дека правото на жртвата на трговијата со луѓе на правично судење може да се одрече со едноставно признавање на вината. Ова се чини дека било признаено и од ЦПС, којашто во ажурираното упатство предупредува на преуранети признанија на вина во случаите на можна трговија со луѓе.
187. Врз основа на фактите во случајот, првиот жалител аргументираше дека бил лишен од правично судење бидејќи полицијата не успеала да спроведе истрага којашто би го имала капацитетот да ги обезбеди доказите кои би го ослободиле од вината, и покрај тоа што постоело основано сомнение дека бил тргуван, и дека процената на ЦПС за случајот била темелно грешна затоа што своето прво преиспитување го спровела пред Надлежниот орган да ја заврши својата процена, по што на таа процена ѝ придавала многу мала тежина, а пак низ целиот процес ги игнорирала показателите за трговија со луѓе коишто биле присутни. Во светло на овие пропусти, без проблем може да се каже дека првиот жалител требал да поднесе барање за повлекување на признанието на вина или пак да поведе постапка за злоупотреба на процесот.
(б) Вториот жалител
188. Вториот жалител аргументираше дека ја признал вината врз основа на лошиот правен совет од неговите првични адвокати. Никогаш не бил посоветуван дека може да бил жртва на трговијата со луѓе и ниту неговите адвокати ниту ЦПС не презеле никакви чекори за да го истражат неговиот случај, дури ни во светло на наодите на НСПЦЦ НЦТАИЛ и на Надлежниот орган. Бидејќи бил дете, неговиот случај требало автоматски да се упати кон НМУ, како реакција за згрижување на дете. Но, воопшто не бил започнат процес за негово упатување, како последица на што не може да се каже дека се одрекол од своето право на правично судење. Иако постоеле обемни објективни докази кои укажувале на тоа дека тој може да бил жртва на трговијата со луѓе, ова нешто не го признал ниту еден државен актер пред датумот на неговото кривично осудување.
(в) Владата
189. Владата аргументираше дека првиот жалител се одрекол од своето право да спори дека не требало да биде кривично гонет поради комбинацијата од (i) неговиот пропуст да изнесе аргумент дека не требало кривично да го гонат, или преку злоупотреба на процесот или преку барање за судско преиспитување, не заборавајќи при тоа дека тој бил посоветуван за таквата можност; (ii) неговото признание на вината; и (iii) неговата последователна одлука да не ја искористи можноста, којашто изречно му била понудена од домашните судови, да аргументира дека треба да му се дозволи да го повлече своето признание на вината за да може да предизвика разгледување на секое прашање што произлегува од неговото идентификување од страна на Надлежниот орган како жртва на трговијата со луѓе.
190. Покрај тоа, Владата аргументираше дека процесот во целина бил правичен. Првиот жалител ја имал и придобивката од вложување две посебни жалби, при што секоја била разгледана од страна на Лордот главен судија [Lord Chief Justice] на денот. Неговите аргументи биле темелно разгледани, вклучително и аргументите за злоупотреба на процесот и за соодветноста на неговите правни застапници. Но, Апелацискиот суд останал уверен дека тој дури и да повел постапка за злоупотреба на процесот до судот под него, постапката на би завршила со успех. Затоа неговото судење било целосно правични согласно член 6 § 1 од Конвенцијата.
191. Владата исто така аргументираше дека вториот жалител, поради неговото признание на вината, се одрекол од правото да се одреди неговата вина или невиност од страна на домашните судови.
192. Во секој случај, Владата изложила дека нему му било доделено бесплатно и независно правно советување заедно со преведувач, и дека му бил доделен значителен временски период, помеѓу неговото апсење на 21 април 2009 година и неговото признание на вината на почетокот на јули 2009 година, кога можел да размислува за својата положба. Но, во оваа фаза, деталниот исказ што го дал на своите адвокати бил фактички некомпатибилен со трговијата со луѓе или принудната работа. Па сепак, во жалбата вложена до Лордот главен судија, му било допуштено да аргументира дека неговото изјаснување за вина не било правично разгледано, и да внесе значително количество материјал врз основа на новиот фактички исказ.Процена на Судот
193. При одредувањето дали дошло до повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата, Судот мора да одговори на следните прашања: пред сè, дали пропустот да се процени дали жалителите биле жртви на трговијата со луѓе пред да бидат обвинети и осудени за кривични дела поврзани со дрога, предизвикува разгледување на прашања согласно членот 6 § 1 од Конвенцијата; второ, дали жалителите се одрекле од своите права согласно тој член со тоа што ја признале вината; и конечно, дали постапката во целина била правична?
(a) Дали пропустот да се спроведе истрага за тоа дали жалителите биле жртви на трговијата со луѓе пред да бидат обвинети и осудени за кривични дела поврзани со дрога предизвикува разгледување на прашања согласно член 6?
194. Судот во неколку наврати ја подвлече важноста на истражната фаза за подготвување на кривичната постапка, бидејќи доказите што ќе се прибават во оваа фаза ја одредуваат рамката во која кривичното дело ќе се разгледува на судењето (видете Salduz v. Turkey [GC], no. 36391/02, § 54, ECHR 2008, Dvorski v. Croatia [GC], no. 25703/11, § 108, ECHR 2015). Судот исто така препозна дека обвинетиот често пати се наоѓа во исклучително ранлива положба во оваа фаза од постапката, чијшто ефект се засилува со фактот што законодавството за кривичната постапка станува сè повеќе сложено, претежно во поглед на правилата со кои се уредува собирањето и употребата на доказите. Во повеќето случаи, оваа особена ранливост може правилно да се надомести со помош на адвокат (видете Salduz, наведено погоре, § 54). Правичноста на постапката подразбира обвинетиот да може да добие широк опсег на услуги коишто се конкретно поврзани со правната помош. Во тој поглед, бранителот мора да биде способен да ги обезбеди, без ограничување, темелните аспекти на одбраната на лицето: дискутирање за случајот, организирање на одбраната, собирање докази во полза на обвинетиот, подготовка за распитот, поддршка на обвинетиот кога е вознемирен, и проверка на условите на притворот (видете Dvorski, наведено погоре, § 108).
195. Иако жртвите на трговијата со луѓе не се имуни на кривичното гонење, статусот на лицето како жртва на трговијата со луѓе може да влијае врз тоа дали ќе постојат доволно докази за негово гонење, и дали ќе биде во јавен интерес да се постапи така (видете пасус 160 погоре). Од тие причините, доказите во однос на статусот на обвинетиот како жртва на трговијата со луѓе се „темелниот аспект“ на одбраната која бранителот треба да ги обезбеди без ограничување.
196. Во овие случаи, точно е дека застапниците на жалителите и самите можеле да ги упатат жалителите кон НМУ. И двајцата жалители биле правно застапувани уште од самиот почеток, факт кој Судот начелно зема дека е многу важен како заштита против секоја неправичност во постапката. Вториот жалител бил покриен од јавен буџет (видете го пасусот 25 погоре), и иако пред Судот не постојат докази за тоа, најверојатно – барем на почетокот – и на првиот жалител му била доделена правна помош. Дури и да е така, и во двата случаи застапниците на жалителите се чини дека целосно ја игнорирале можноста жалителите да биле жртви на трговијата со луѓе. Во случајот на првиот жалите, на можноста тој да бил жртва на трговијата со луѓе укажале и социјалните служби и „Правдата за бегалци и мигранти“ (видете го пасусот 8 погоре); но, дури и откако ја добил Конечната одлука на Надлежниот орган, неговиот адвокат сметал дека е „претеран“ предлогот да го смени своето изјаснување за вина, бидејќи според неговиот став, првиот жалител не бил тргуван (видете го пасусот 16 погоре). Иако и адвокатот на вториот жалител се чини дека бил алармиран за можноста тој да бил тргуван (видете го пасусот 25 погоре), ова се чини дека не резултирало со никакво дејствие од страна на адвокатот.
197. Па сепак, иако адвокатите на одбраната несомнено требале да бидат претпазливи за показателите за трговија со луѓе, нивниот пропуст да ги препознаат показателите или да постапуваат согласно таквите показатели не може самиот по себе да ја апсолвира Државата и нејзините органи од нивните задолженија. Како што веќе беше забележано, најмалку еден од жалителите бил јавно финансиран и Судот остана уверен, макар и во контекст на членот 6 § 3 од Конвенцијата, дека од надлежните држави органи се бара да интервенираат во случај на очигледен пропуст од страна на бранителите доделени преку правна помош да обезбедат ефективно застапување (видете Daud v. Portugal, 21 април 1998, § 38, Reports of Judgments и Decisions 1998‑II). Иако ниту еден од жалителите на се повикал на тој член, јасно е според оваа линија на правната наука и пракса, дека Државата не може да се крие зад недостатоците на бранителите од правната помош, кога таквите недостатоци соодветствуваат на „очигледен пропуст да се обезбеди ефективно застапување“.
198. Во овие случаи, не е неопходно да се одреди дали погоре споменатите недостатоци на правните застапници на жалителите го постигнале овој висок праг. Во контекст на член 4 од Конвенцијата, Државата е таа која има позитивна обврска и да ја заштити жртва на трговијата со луѓе и да спроведе истрага за ситуациите на потенцијална трговија со луѓе, и таа позитивна обврска се активира со постоењето на околностите од коишто произлегува основано сомнение дека лицето било тргувано, а не од вложувањето жалба од страна на или во името на потенцијалната жртва (видете ги пасусите 151 и 154 погоре). Државата не може, значи, да се потпира на пропустите на правниот застапник или, навистина, на пропустите на самиот обвинет – особено на малолетниот обвинет – да ѝ кажат на полицијата или на својот правен застапник дека бил жртва на трговијата со луѓе. Како што се вели и во самото упатство на ЦПС од 2009 година, децата жртви на трговијата со луѓе се особено ранлива група која може и да не биде свесна дека била тргувани, или која може да биде премногу исплашена за да ја обелодени оваа информација на надлежните органи (видете го пасусот 73 погоре). Како последица на тоа, од децата не може да се бара да се самоидентификуваат ниту пак треба да се казнат доколку пропуштат да го направат тоа.
199. Судот веќе констатира дека пропустот на надлежните органи да спроведат навремена процена за тоа дали жалителите всушност биле тргувани е еднакво на повреда на нивните позитивни обврски согласно член 4 од Конвенцијата (видете ги пасусите 173 и 182 погоре). Во контекст на член 6 од Конвенцијата, Судот смета дека недостатокот на таквата процена ги спречила жалителите да не можат да обезбедат докази коишто би можеле да сочинат темелен аспект на нивната одбрана.
(b) Дали жалителите се откажале од своите права согласно член 6 од Конвенцијата?
200. Вистина е дека ниту словото ниту духот на член 6 од Конвенцијата не го спречува лицето да се откаже, по своја сопствена слободна волја, било изречно или премолчано, од правото на гарантирано правично судење. Но, таквото одрекување, за да биде ефективно за потребите на Конвенцијата, мора да може да се утврди недвосмислено; не смее да биде спротивно на ниту еден важен јавен интерес; и мора да биде проследено со минимум гаранции сразмерни по нивното значење (видете Poitrimol v. France, 23 November 1993, § 31, Series A no. 277-A; Hermi v. Italy [GC], no. 18114/02, § 73, ECHR 2006‑XII; Sejdovic v. Italy [GC], no. 56581/00, § 86, ECHR 2006‑II; и Dvorski, наведено погоре, § 100). Освен тоа, одрекувањето не смее да има недостаток поради ограничување (видете Deweer v. Belgium, 27 February 1980, §§ 52-54, Series A no. 35). Во контекст на судски спогодби, Судот остана уверен дека со неоспорување на кривичното обвинение, жалителот може да се одрече од своето право кривичниот случај против него да се испита за основаност. Но, одлуката да се прифати судската спогодба треба да биде проследена со следниве услови: (а) спогодбата мора да се прифати при целосна свесност за фактите на случајот и за правните последици и на вистинска доброволна основа; и (б) содржината на спогодбата и правичноста на начинот на кој спогодбата се постигнала помеѓу странките мора да подлежи на достаточно судско преиспитување (Natsvlishvili и Togonidze v. Georgia, no. 9043/05, § 92, ECHR 2014 (извадоци)).
201. Во овие случаи, признанијата на вината од страна на жалителите несомнено биле „недвосмислени“, а бидејќи биле правно застапени речиси сигурно биле запознаени дека, во случај да ја признаат вината, нема да се врши испитување на основаноста на нивните случаи. Но, во отсуство на каква и да е процена за тоа дали биле тргувани или не, и доколку да, дали тој факт би можел да има некакво влијание врз нивната кривичната одговорност, тие признанија на вина не биле дадени „при целосна свесност за фактите“. Понатаму, со оглед на тоа што трговијата со луѓе претставува закана по човечкото достоинство и темелните слободи на нејзините жртви, и не е споива со едно демократско општество и вредностите изложени во Конвенцијата (видете Rantsev, наведено погоре, § 282), во отсуство на каква било процена, секое одрекување на правата од страна на жалителите би било спротивно на важните јавни интереси во сузбивањето на трговијата со луѓе и заштитата на нејзините жртви.
202. Вистина е дека по приемот на Конечната одлука, судечкиот судија на првиот жалител му дал можност да поднесе барање за повлекување на признанието (видете го пасусот 15 погоре), и дека првиот жалите одлучил да не го стори тоа. Одлуката била донесена по совет од правниот застапник кој му рекол дека дури и да биде успешно таквото барање, ЦПС нема да го повлече кривичното гонење. Му било кажано и дека се слаби изгледите за успешно судско преиспитување на одлуката за кривично (видете го пасусот 17 погоре). Според ставот на Судот, за првиот жалител, со оглед на тоа што бил малолетник којшто бил уапсен и кривично гонет од страна на странски кривично-правен систем, којшто веќе ја признал вината за кривично дело во околности кои не одговараат на одрекување на правата од член 6, не може да се каже дека последователно се одрекол од тие права со тоа што одлучил да не го достави барањето, а врз основа на робустен совет даден од правниот застапник.
203. Судот, затоа, не смета дека жалителите се откажале од своите права согласно член 6 § 1 од Конвенцијата.
(в) Дали правичноста на постапката во целина била прејудицирана
204. Како што Судот констатира во поголем број наврати, почитувањето на барањата за правично судење мора да се испита во секој случај поединечно, имајќи го во предвид развојот на постапката во целина, а не врз основа на изолирани согледувања од еден конкретен аспект или од еден конкретен инцидент, иако не смее да се отфрли ни можноста некој одреден фактор да стане толку одлучен што да им овозможи процена на правично судење во претходна фаза во постапката (видете, на пример, Beuze v. Belgium [GC], no. 71409/10, § 121, 9 ноември 2018).
205. Во тој поглед, Судот забележа дека иако жалителите ја признале вината за кривичните дела за кои биле обвинети, ЦПС сепак ја преиспитал својата одлука за кривично гонење откако Надлежниот орган ги признал за жртви на трговијата со луѓе. Освен тоа, и на двајцата жалители отпосле им била дадена дозвола да вложат жалби вон рок и случајот на првиот жалител бил вратен во Апелацискиот суд од страна на ЦЦРЦ заради дополнително разгледување.
206. Но, како што Судот веќе забележа во однос на двајцата жалители, причините што ги дала ЦПС за несогласување со Надлежниот орган биле целосно несоодветни. Што се однесува до причините што биле дадени, тие не биле доследни со дефиницијата на трговијата со луѓе што се содржи во Протоколот од Палермо и Конвенцијата против трговијата со луѓе (видете ги пасусите 169, 171 и 176-180 погоре).
207. Згора на тоа, и во двата наврати Апелацискиот суд првенствено се занимавал со тоа дали дошло до погрешна примена на обвинителската дискреција во доволна мера да одлуката за кривичното гонење да претставува злоупотреба на процесот, па при одбивањето на жалбите на жалителите, се потпирал на истите причини коишто биле изнесени и од ЦПС, а за кои Судот веќе констатира дека не се доследни со дефиницијата за трговија со луѓе од меѓународното право (видете ги пасусите 169, 171 и 176-180 погоре). Иако жалителите се повикале и на член 4 од Конвенцијата, судот не ги разгледал нивните случаи преку призмата на позитивните обврски на Државата согласно тој член. Напротив, судот се ограничил на релативно тесното преиспитување; при отфрлањето на жалбите и на двајцата жалители, Апелацискиот суд јасно нагласил дека на обвинетиот му се дава една прилика да даде инструкции на своите правни советници и дека само „во најисклучителни случаи“ судот би зел во предвид дека е соодветно да му се дозволи на обвинетиот да изнесе нови инструкции за фактите за потребите на вложување жалба против осудителна пресуда (видете го пасусот 50 погоре). Според ставот на Судот, таквиот приод би имал ефект на казнување на жртвите на трговијата со луѓе затоа што првични не се идентификувале себеси како такви, и ќе им дозволи на надлежните органи да се потпираат на своите сопствени пропусти во исполнувањето на своите должности согласно член 4 од Конвенцијата да преземат оперативни мерки за нивна заштита. Поради тоа, Судот не смета дека жалбената постапка ги исправила недостатоците во постапката којашто довела до обвинување на жалителите и нивно крајно осудување.
208. Претходно наведените согледувања се доволни за да му овозможат на Судот да заклучи дека, во поглед и на двајцата жалители, постапките во целина не може да се сметаат за „правични“.
209. Според тоа, Судот констатира дека дошло до повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата.НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 14 ПРИ ЗАЕДНИЧКО ЧИТАЊЕ СО ЧЛЕНОТ 6 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
210. Вториот жалител исто така навел во своите жалбени наводи дека дошло и до повреда на член 14 при заедничко читање со член 6 од Конвенцијата. Во тој поглед, тој тврдеше дека како жртва на трговијата со луѓе заради производство на нелегални дроги, тој бил третиран поинаку од жртвите на трговијата со луѓе кои биле експлоатирани за други криминални цели.
211. Но, овој жалбен навод не бил искажан ниту изречно ниту во суштина пред домашните судови, па според тоа, не може да се каже дека биле исцрпени домашните правни лекови.
212. Овој жалбен навод, затоа, мора да се прогласи за недопуштен, согласно член 35 §§ 1 и 4 од Конвенцијата.ПРИМЕНА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
213. Членот 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот констатира дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините Протоколи, и ако домашното право на засегнатата Висока договорна страна овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот, доколку е потребно, ѝ досудува правично обештетување на оштетената страна.“Обесштетување
214. Првиот жалител бара обесштетување за нематеријална штета во вид на загуба на слободата, душевна болка и вознемирување.
215. Вториот жалител побарува износ од 75.000 евра (ЕУР) на име нематеријална штета, особено за вознемирување и практични прашања поврзани со стекнување на кривична историја и продолжената неизвесност во поглед на неговиот статус како дете жртва на трговијата со луѓе.
216. Во поглед и на двајцата жалители, Владата аргументираше дека констатацијата на повредата на член 4 и/или 6 од Конвенцијата треба да претставува достаточно правично задоволување во случаите.
217. Судот забележа уште на самиот почеток дека првиот жалител не го квантифицирал своето побарување за нематеријална штета. Иако членот 41 самиот по себе на им наметнува на жалителите или на нивните претставници пред Судот никакви процесни барања, врз основа на Судскиот деловник и Практичното упатство за побарување правично задоволување (издадено од Претседателот на Судот во согласност со Правилото 32 од Судскиот деловник на 28 март 2007 година), кај Судот преовладува праксата жалителите да изречат „побарување“ за правично задоволување во фазата на комуникација од постапката. Сепак, Судот применува извесен степен на флексибилност во поглед на нематеријалните штети и во пракса се согласи да ги испитува барањата за кои жалителите не ги кванитифицирале износите, „оставајќи ги на дискреција на Судот“ (видете Nagmetov v. Russia [GC], no. 35589/08, § 72, 30 март 2017 и таму наведените случаи). Затоа, Судот смета дека може да додели награда во поглед на обесштетување на нематеријалните штети и покрај тоа што првиот жалител не го квантифицирал своето побарување.
218. Во поглед и на двајцата жалители, Судот се повикува на констатацијата дека дошло до повреда на членот 4 и 6 од Конвенцијата поради пропустот на одговорната Држава да ги исполни своите позитивни обврски согласно член 4 за да преземе оперативни мерки да ги заштити жртвите на трговијата со луѓе. Судот не се сомнева дека жалителите претрпеле вознемирување поради кривичната постапка и се соочиле со одредени пречки поради нивните кривични досиеја. Сепак, Судот мора да има во предвид и дека погоре споменатите повреди се во суштина процесни по својата природа, поради што Судот не мораше да ја разгледува основаноста на одлуките кривично да се гонат жалителите. Затоа, Судот смета дека е соодветно на секој од жалителите да им додели износ од 25.000 ЕУР на име обесштетување за нематеријална штета,Трошоци и издатоци
219. Првиот жалител побарал 39.660,62 британски фунти (ГБП) на име трошоци и издатоци настанати пред Судот, бројка која ги вклучува и хонорарите за четири бранители и еден правен советник.
220. Вториот жалител побарал 19.810,00 ГБП за трошоци и издатоци настанати пред Судот.
221. Владата аргументираше дека бројот на часови што ги побарува правниот советник на првиот жалител е прекумерен, како и професионалните трошоци на бранителите.
222. Според судска пракса на Судот, жалителот има право на надомест на трошоците и издатоците само доколку се покаже дека истите биле навистина и нужно направени и се разумни во својата висина. Во овој случај, имајќи ги предвид документите што ги поседува и погорните критериуми, Судот смета дека е разумно да додели, за постапката пред него, по 20.000 ЕУР на секој жалител зголемено за износот на сите даноци што може да им се наплатат.Затезна камата
223. Судот смета дека е соодветно затезната каматна стапка да се заснова на маргиналната кредитна стапка на Европската централна банка, зголемена за три процентни поени.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ Одлучува, едногласно, да ги спои жалбите;Ја прогласува, едногласно, жалбата на жалителите во однос на членовите 4 и 6 § 1 од Конвенцијата за допуштена, а остатокот од жалбата за недопуштена;Одлучува, едногласно, дека дошло до повреда на член 4 од Конвенцијата;Одлучува, едногласно, дека дошло до повреда на член 6 § 1 од Конвенцијата;Одлучува,
(a) со 5 наспроти 2 гласа, дека одговорната Држава треба да им плати, во рок од три месеци од датумот на кој оваа пресуда влегува во сила, согласно член 44 § 2 од Конвенцијата, 25.000 ЕУР (дваесет и пет илјади евра) на секој од жалителите, зголемено за износот на даноците што може да им се наплатат, а на име обесштетување за нематеријални штети, во противвредност на валутата на одговорната Држава по важечкиот девизен курс на денот на порамнувањето;
(б) едногласно, дека одговорната Држава треба да им плати, во рок
од три месеци од датумот на кој оваа пресуда влегува во сила, согласно член 44 § 2 од Конвенцијата, 20.000 ЕУР (дваесет илјади евра) на секој од жалителите, зголемено за износот на даноците што може да им се наплатат, а на име трошоци и издатоци;
(в) едногласно, дека по истекот на погоре споменатиот рок од три
месеци до исплатата ќе се наплати проста камата на погорните износи по стапка еднаква на маргиналната кредитна стапка на Европската централна банка за време на периодот на задоцнување, зголемено за три процентни поени.Го одбива, едногласно, остатокот од барањето на жалителите за правично задоволување.
Изготвено на англиски јазик, и доставено написмено на 16 февруари 2021 година, согласно правилото 77 §§ 2 од Деловникот на Судот
Andrea Tamietti Yonko Grozev
Секретар Претседател
Превод на ХУДОК документите на македонски јазик може да се најде овде: https://hudoc.echr.coe.int/eng#{%22languageisocode%22:[%22MAC%22]}
Други документи за ЕКЧП достапни на македонски јазик може да се најдат овде: https://www.echr.coe.int/Pages/home.aspx?p=languagedocs&c
Full & Egal Universal Law Academy