© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ВЕЉО ВЕЛЕВ ПРОТИВ БУГАРИЈА
(Жалба бр. 16032/07)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
27 мај 2014 г.
Оваа пресуда ќе стане правосилна во околностите утврдени во членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Вељо Велев против Бугарија,
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Инета Зимеле (Ineta Ziemele), претседател,
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Леди Бјанку (Ledi Bianku),
Нона Цоцориа (Nona Tsotsoria),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Фарис Вахабиќ (Faris Vehabović), судии,
и Франсоаз Еленс-Пасос (Françoise Elens-Passos), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 6 мај 2014 г.,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнува од жалба (бр. 16032/07) против Република Бугарија поднесена до Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на бугарскиот државјанин, г-динот Вељо Велев („жалителот“), на 5 март 2007 година.
2. Жалителот беше застапуван од г-динот Е. Сјарова, адвокат со пракса во Стара Загора. Бугарската Влада („Владата“) беше застапувана од нивниот агент г-ѓата М. Коцева од Министерството за правда.
3. Жалителот тврдеше дека не му било дозволено да го продолжи своето образование во Затворот во Стара Загора со што бил повреден членот 2 од Протоколот 1 и со него било постапувано како со „рецидивист“ пред конечната осудителна пресуда во неговиот случај, со што бил повреден членот 6 § 2 од Конвенцијата.
4. На 14 декември 2010 г. Владата беше информирана за жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителот е роден во 1977 година и живее во Стара Загора. Во 2003 г. тој бил осуден за кривично дело проневера и служел казна затвор во затворот во Стара Загора од 11 февруари 2003 г. до 9 август 2004 г. На 1 октомври 2004 г. бил уапсен под сомнеж за незаконско поседување на огнено оружје. Меѓу 29 ноември 2004 г. и 20 април 2007 г. бил во притвор во Затворот во Стара Загора за каде што тврдеше дека бил притворен со затвореници „рецидивисти“ (види параграф 20 долу).
6. Со оглед дека никогаш не го завршил своето средно образование жалителот побарал да се запише во училиштето кое функционирало во рамките на Затворот Стара Загора. Во август 2005 г. тој поднел писмено барање до директорот на Затворот Стара Загора со барање да се запише во училиштето во учебната 2005/06 година. Не добил одговор до почетокот на учебната година на 15 септември 2005 г., па затоа повторно му пишал на директорот на 29 септември 2005 г. и до Министерството за образование и до Обвинителството (во Бугарија, обвинителот е органот надлежен за надзор на законското спроведување на притворот и на казната затвор). Жалителот добил писмо од обвинителот со датум од 6 октомври 2005 г. во кое се велело дека затворската управа ја разгледала можноста жалителот да посетува настава со оглед на неговата претходна казна. Обвинителот понатаму се ијаснил дека тврдењето на жалителот во врска со одбиениот пристап до образование не било потврдено. Жалителот исто така добил одговор со датум од 24 октомври 2005 г. од Министерството за образование. Во него се велело дека лицата лишени од слобода (лишени от свобода) имале право да продолжат со своето образование во затвор и не кажале ништо конкретно за притворениците.
7. Во меѓувреме на 19 октомври 2005 г. жалителот испратил друго барање до директорот на Затворот, Министерството за образование и апелациониот обвинител. На 26 октомври 2005 г. жалителот поднел ново барање до директорот на Затворот во кое повторно барал да се запише во затворското училиште во учебната година 2005/06. Упатувајќи на писмото од 24 октомври 2005 г. жалителот тврдел дека Министерството за образование го потврдило неговото право на пристап до образование во затвор. На 7 декември 2005 г. тој добил одговор потпишан од раководителот на Управата за извршување на казни при Министерството за правда во кое било одбиено неговото барање. Во писмото меѓу другото се велело:
„Беше утврдено дека [жалителот] сè уште не бил осуден. Откако ќе бил осуден тој требал да биде префрлен во затвор за рецидивисти.
Вклучувањето на рецидивистите во образовните и работните програми во еден затвор за не-рецидивисти ќе довело до повреда на условот за различните категории на затвореници да бидат држени разделени и да учествуваат разделено во затворските програми ...“
8. На 21 декември 2005 г. жалителот повторно се жалел на тоа дека бил одбиен да биде запишан на училиште тврдејќи дека во отсуство на втора затворска казна тој не можел да биде третиран како „рецидивист“. Во своето писмено барање тој се потпирал експлицитно на правото на образовани согласно гаранциите од членот 53 од Конвенцијата и членот 2 од протоколот бр. 1 од Конвенцијата, како и правилото 77 од Правилата на Обединетите нации за минимум стандарди во постапувањето со затворениците во кои меѓу другото било уредено дека „ќе се обезбеди понатамошно образование на сите затвореници кои можат да имаат корист од тоа“. Според мислењето на жалителот Законот за извршување на казни од 1969 г. (види параграфи 15-19 долу) им наметнувал обврска на властите да обезбедат пристап до образование за сите затвореници што биле притворени а за кои подеднакво постоела обврската како што постоела за осудениците. Одбивањето немало никаква легитимна цел и било спротивно на Законот за образование и Конвенцијата на Обединетите нации против дискриминација во образованието (објавена во Службен весник во 1963). За време на расправата тој посочил дека на други затвореници во ситуација како неговата им било дозволено да учат и дека затворските власти не покажале никаков законски основ за нивно одбивање. Директорот на Затворот признал дека претходно постоела пракса да се обезбеди пристап до училиште, но дека се прекинало со тоа заради загриженоста од можното влијание на „рецидивистите“ врз „не-рецидивистите“. На жалителот не му бил дозволен пристап бидејќи со него требало да се постапува како со „рецидивист“ во рамките на значењето од Законот за извршување на казни од 1969 г. (види параграф 20 долу) и затоа не можел да посетува настава бидејќи со тоа ќе бил во контакт со не-рецидивисти.
9. Во пресудата од 24 март 2006 г. Регионалниот суд на Стара Загора ја одобрил жалбата на жалителот и му наложил на Директорот да го вклучи во образовната програма на Затворот. Тој сметал дека одбивањето на директорот на Затворот се засновало на претпоставката дека жалителот бил „рецидивист“ и бидејќи Затворот Стара Загора бил затвор за „не-рецидивисти“ затворската управа била обврзана да го исклучи од програмите кои ги вклучувале другите затвореници, од кои повеќето биле не-рецидивисти.
Судот одлучил дека жалителот не можел да биде сметан за „рецидивист“ согласно дефиницијата во членот 158 од Законот за извршување на казни иако претходно имал затворска казна, бидејќи актуелните постапки против него и понатаму биле во тек, а тој не бил осуден и не му била изречена затворска казна по втор пат. Оттука правилото според кое „рецидивистите“ биле држени одвоено од „не-рецидивистите“ во затвор не можело да се применува.
10. Директорот на Затворот се жалел против пресудата. Тој тврдел дека согласно принципот за разделен третман на различните категории на затвореници, жалителот бил сместен во групата на оние притвореници кои во случај да бидат осудени би потпаднале под категоријата на „рецидивисти“. Исто така Затворот Стара Загора бил затвор за „не-рецидивисти“ и сместувањето на „рецидивисти“, вклучително и притвореници кои биле третирани како такви било само во исклучителни околности.
11. Пред да биде разгледана жалбата, на 9 август 2006 г. жалителот побарал од директорот да го запише во затворското училиште во новата учебна година која почнувала на 15 септември 2006 г. Бидејќи не добил никаков одговор на неговото барање, на 21 септември 2006 г. поднел слично барање до Управата за извршување на казни при Министерството за правда.
12. На 26 септември 2006 г. Врховниот управен суд усвоил конечна пресуда во однос на жалбата на жалителот за неговото исклучување од училиште. Пред Врховниот управен суд обвинителот (кој се појавува во сите постапки на Врховниот суд) бил на став дека одлуката на Регионалниот суд на Стара Загора била правилна и дека жалбата на директорот на Затворот требала да се отфрли. Обвинителот понатаму изразил став дека основите за касациската жалба биле нејасни и засновани на погрешно толкување на законот што се применувал, спротивно на точното толкување дадено од првостепениот суд во одлуката која била обжалена. Во својата одлука Врховниот суд забележал пред измените и дополнувањата во 2002 г., Законот за извршување на казни наметнувал обврска за задолжително образование на сите затвореници помлади од 40 години. Актуелната одредба предвидувала задолжително образование само за лицата помлади од 16 години; за оние на возраст од 16 години и постари постоела обврска за државата да обезбеди образование за затворениците кои сакале да се вклучат. Меѓутоа осудениците имале право согласно домашниот закон на пристап до образование само кога биле осудени на една или повеќе години казна затвор за да се обезбеди дека би ја имале можноста да ја завршат учебната година (види параграфи 15-19 долу). Врховниот суд заклучил дека:
„правото на образование (било задолжително или доброволно) било предвидено и регулирано во законодавството на Бугарија исклучиво за лицата лишени од слобода како резултат на конечната осудителна пресуда (лишаване от свобода), а не при лишување од слобода согласно изречена мерка притвор (задържане под стража)“.
Следело дека прашањето дали затворските власти незаконски го сметале жалителот за „рецидивист“ било нерелевантно.
13. Упатувајќи на таа пресуда, на 6 ноември 2006 г. Управата за извршување на казни одговорила на барањата на жалителот од 9 август и 21 септември 2006 г. информирајќи го дека немал да биде запишан во затворското училиште во учебната 2006/07 година.
14. Последователно, жалителот бил осуден и казнет со казна затвор за кривичното дело поврзано со огненото оружје. Тој на 20 април 2007 г. бил префрлен од Затворот Стара Загора во Затворот Пазарџик за да ја отслужи својата казна затвор. Владата го информирала Судот дека жалителот не поднел никакви барања да се вклучи во образовните активности додека бил во тој затвор. Меѓутоа во неговите забелешки до Судот жалителот изјавил дека тој не поднел барање бидејќи немало училиште во Затворот во Пазарџик. Исто така тој испрати до Судот документи кои посочуваат дека најмалку еден затвореник кој бил „рецидивист“ бил успешно вклучен во образовната програма во Затворот Стара Загора. Жалителот бил пуштен од Затворот во Пазарџик на 27 јули 2008 г.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
А. Пристап за затворениците до образование
15. Во текот на периодот во прашање пристапот на затворениците до образование било под надлежност на Законот за извршување на казни од 1969 г. (на сила до јуни 2009; „Законот од 1969 г.“); регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г.; Прописот бр. 2 од 19 април 1999 г. за статусот на притворениците (на сила до 2007 г., „Прописот“); Законот за државно образование од 1991 г. („Законот од 1991 г.“); и регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г.. Треба да се забележи дека пред 2002 г. статусот на притворениците бил регулиран со прописи издадени од министерот за правда. Во 2002 г. таквите правила биле инкорпорирани во Законот од 1969 г. Се чини дека Прописот и понатаму се применувал до 2006 г. кога регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г. биле дополнети со одредби со кои во повеќе детали се регулирал статусот на притворениците.
16. Пред 2002 г. образованието во затвор било задолжително за затвореници помлади од 40 години (член 39(1) од Законот од 1969 г.), но само кога имало казна затвор од една или повеќе години (член 47(1) од регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г.; ). Членот 39(1) од 1969 г. бил укинат во 2002 г., но одредбата во регулативата за спроведување и понатаму се применувала.
17. Овие релевантни одредби предвидувале три различни режими на пристап до образование. Најпрво затворениците на возраст од 14 до 18 години сместени во „воспитно-поправни установи“, а не во затвори, имале право да посетуваат настава. Образованието било задолжително за затвореници на возраст од 16 години или помлади (види член 39(3) од Законот од 1969 и членот 7(1) од Законот од 1991 г.). Постарите осуденици имале право да побараат да бидат вклучени во образовните програми, а затворската управа имала обврска да го обезбеди тоа (член 39(4) од Законот од 1969 и членот 75(1) од регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г.; ). Во времето на прием во затворската установа затворските власти биле обврзани да направат проценка на индивидуалните потреби на затвореникот во однос на образованието (член 66a(1)(3) од Законот од 1969 г.). Затворениците кои биле вклучени во образовните активности, а кои не работеле имале право времето што го поминале во училиште да им биде одземено од вкупната казна согласно истите правила што важеле за работните денови (член 103(4) од Законот од 1969 г.).
18. Членот 128 од Законот од 1969 г. уредувал дека во отсуство на други одредби, одредбите од Законот од 1969 г. кои се однесувале на осуденици се применувале и за притвореници. Слична одредба постоела и во регулативата за спроведување согласно Законот од 1969 г. (член 168).
19. Ново усвоениот Закон за извршување на казни и притвор од 2009 г. („Законот од 2009“) содржел слични одредби. Тој уредувал дека вклучувањето во образовните програми на осудениците помлади од 16 години било задолжително (член 162(1) од Законот од 2009 г.). Управата можела да обезбеди образовни програми за постари затвореници (член 162(2)). Вклучувањето на притворениците во образовните програми било „охрабрено“ (член 257(2)). Конечно, времето поминато на училиште требало да биде одземено од вкупната казна врз основа на истите правила што важеле за работните денови (членот 178(4)).
Б. Рецидивисти
20. Во релевантното време членот 158(1) од Законот од 1969 г. уредувал дека за таа цел поимот „рецидивисти“ се однесувал на:
„(а) лица кои биле осудени два или повеќе пати на казна затвор за кривични дела со умисла, а коишто не барале кумулативно казнување ..., доколку тие реално служеле казна затвор;
(б) лицата кои биле осудени за дело кое се квалификувало како опасен рецидивизам.“
Член 12 од Законот од 1969 г. барал „рецидивистите“ да ги служат своите казни во посебни институции. Членот 8a(3) предвидувал „казнено поправните активности во однос на различните категории на затвореници да бидат спроведени посебно“. „Рецидивистите“ во рамките на значењето на тој закон би можеле да бидат префрлени во други закони само во исклучителни случаи доколку биле реформирани и немало опасност негативно да влијаат врз други затвореници (член 12(2) од Законот од 1969 г.). Притворениците кои претходно биле казнети на казна затвор и не биле рехабилитирани биле сместени издвоено од другите притвореници (член 130б(1)(5) од Законот од 1969 г.). Законот од 2009 г. содржи слични одредби.
II. РЕЛЕВАНТНИ ДОКУМЕНТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА
А. Европските затворски правила
21. Европските затворски правила се препораки на Комитетот на министри до земјите членки на Советот на Европа во однос на минимумот стандарди што треба да се применат на затворите. Државите се охрабруваат да се водат од Правилата во своите законодавства и политики и да обезбедат дистрибуција на Правилата до нивните судски власти и до затворскиот персонал и затворениците.
1. Препорака бр. 87(3) од Европските затворски правила
22. Европските затворски правила од 1987 г. биле усвоени од Комитетот на министри на Советот на Европа на 12 февруари 1987 г. Тие ги содржат следниве одредби, меѓу другото, во врска со притворениците:
„11.1. При распоредувањето на затворениците во различни институции или режими, посебно внимание ќе се посвети на нивната судска и правна ситуација (притвореници или осуденици, сторители на кривични дела на кои им е првпат или повторници, со кратка или долга казна затвор), на нивните посебни потреби во однос на нивниот третман, на нивните здравствени потреби, на нивниот пол и возраст.
...
3. Во принцип, притворениците ќе бидат затворени посебно од осудените затвореници освен ако тие не се согласат да бидат сместени или вклучени во организирани активности во нивна корист заедно со осудениците.
...
91. Не спротивно на законските правила за заштита на индивидуалната слобода или пропишаната процедура која треба да се почитува за притворениците, овие затвореници, за кои се смета дека се невини сè додека не бидат прогласени за виновни, ќе бидат ... третирани без ограничувања освен оние неопходни за кривичната постапка и безбедноста на институцијата.
...
96. На притворените лица секогаш кога ќе е можно ќе им се понуди можност да работат но нема од нив да се бара да работат. Тие што ќе се одлучат да работат ќе бидат платени како и останатите затвореници. Доколку има можност за општо или стручно образование и обука притворениците ќе се охрабруваат да ги искористат таквите можности.“
2. Препорака бр. (89) 12 за образование во затвор
23. На 13 октомври 1989 г. Комитетот на министри усвои препорака за образование во затвор. Ова е кажано во Преамбулата:
„Сметајќи дека правото на образование е основно право;
Ценејќи го значењето на образованието за развојот на поединецот и на општеството;
Сфаќајќи дека голем дел од затворениците имале многу мало успешно искуство во образованието, па од тие причини имаат многу образовни потреби;
Сметајќи дека образованието во затворот помага во хуманизацијата на затворите и води кон подобрување на условите на затворање;
Сметајќи дека образованието во затворот е важен начин преку кој се олеснува враќањето на затвореникот во заедницата;
Признавајќи дека во практичното остварување на одредени права и мерки, во согласност со следниве препораки, може да се оправдаат разликите помеѓу осудените лица кои издржуваат казна затвор и притворените лица;
Имајќи ја предвид Препораката бр. R (87) 3 за Европските затворски правила и Препораката бр. R (81) 17 за политиките за образование на возрасните“.
Препораката продолжува меѓу другото вака:
„1. Сите затвореници треба да имаат пристап до образование, коешто се состои од предавања во училница, стручно оспособување, креативни и културни активности, физичко образование и спортови, општествено образование и обезбедување на библиотека;...
4. Сите коишто се вклучени во управувањето со затворските системи и раководењето со затворите треба да го олеснат и поддржуваат образованието што е можно повеќе; ...
6. Треба да се преземат напори за да се поттикнат затворениците да учествуваат во сите аспекти на образованието;...
17. Треба да се обезбедат неопходни средства, опрема и образовни кадри за затворениците да се стекнат со соодветно образование.“
3. Препорака R (2006) 2 од Европските затворски правила
24. На 11 јануари 2006 г. Комитетот на министри на Советот на Европа усвои нова верзија на Европските затворски правила, забележувајќи дека Правилата од 1987 г. „требале значително да бидат ревидирани и ажурирани за да ги отсликаат промените во казнената политика, праксата на изрекување на казни и севкупното управување со затворите во Европа“. Правилата од 2006 г. ги содржат следниве основни начела:
„Основни начела
1. Со сите лица лишени од слобода се постапува со почитување на нивните човекови права.
2. Лицата лишени од слобода ги задржуваат сите права кои не им се законито одземени со одлука со која се осудени или со која се задржуваат во притвор.
3. Ограничувањата за лицата лишени од слобода треба да бидат минимално неопходни и сразмерни на легитимната цел поради која се наметнати.
4. Затворските услови кои ги загрозуваат човековите права не можат да се оправдаат со недостаток на материјални средства.
5. Животот во затвор треба, што е можно повеќе, да наликува на позитивните аспекти на животот во заедницата.
6. Сите затвори треба да бидат уредени така што ќе овозможуваат реинтеграција во слободното општество на лицата кои биле лишени од слобода. ...
Опфат и примена
...
10.2 Во принцип, лицата кои се притворени со судска одлука или кои се лишени од слобода со осудителна пресуда треба да бидат сместени во затвори односно институции наменети за затвореници од овие две категории.
Упатување во затвор и сместување
...
18.8 При одлучувањето за сместување на затворениците во одреден затвор или одделение во затворот ќе се води сметка за потребата да се одвојат:
a. неосудените од осудените затвореници;
б. мажите од жените; и
в. помладите полнолетни затвореници од постарите затвореници.
18.9 Можни се отстапувања од барањата за посебно сместување во смисла на став 8, со цел да им се овозможи на затворениците да учествуваат во заедничките активности, при што таквите групи затвореници треба секогаш да се раздвојуваат во текот на ноќта, освен ако тие се согласат да бидат сместени заедно, а управата на затворот процени дека тоа е од најдобар интерес за сите засегнати затвореници.
...
Образование
28.1 Секој затвор треба да настојува на сите затвореници да им овозможи пристап до образовни програми, кои треба да бидат што е можно посеопфатни и да ги задоволуваат нивните индивидуални потреби, едновремено водејќи сметка за нивните афинитети.
28.2 Приоритет им се дава на затворениците кои се неписмени и на оние кои немаат основно или стручно образование.
28.3 Посебно внимание се посветува на образованието на младите затвореници и на затворениците со посебни потреби.
28.4 Образованието треба да има ист статус како и работата во затворскиот режим, а затворениците не смеат да бидат финансиски или на друг начин оштетени затоа што учествуваат во образованието.
28.5 Секоја установа треба да има библиотека, соодветно опремена со мноштво рекреативни и образовни средства, книги или други медиуми и која треба да биде на располагање на сите затвореници.
28.6 Кога е можно, затворската библиотека треба да се организира во соработка со библиотечните служби на заедницата.
28.7 Што е можно повеќе, образованието на затворениците треба:
a. да биде интегрирано во образовниот систем на државата така што по излегувањето од затвор тие ќе можат да го продолжат образованието или стручното оспособување без тешкотии; и
б. да се спроведува под покровителство на образовните институции надвор од затворот.
...
Притворени лица
Постапување со притворени лица
95.1 На режимот кој се применува спрема притворените лица нема да влијае веројатноста дека можат да бидат осудени за кривично дело во иднина.
95.2 Правилата од овој дел предвидуваат дополнителна заштита за притворените лица.
95.3 Во постапувањето со притворените лица, затворската управа се раководи од правилата што важат за сите затвореници и ќе им дозволи на притворените лица да учествуваат во разни активности предвидени со овие правила.
...
Примена на режимот за затвореници
101. Доколку притвореното лице бара да му биде дозволено за него да се примени режимот за затвореници, затворската управа ќе го одобри тоа барање во мера во која тоа е можно.“
ПРАВОТО
...
II. ОСНОВАНОСТ
А. Наводна повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 на Конвенцијата
26. Жалителот се жалеше дела не му бил дозволен пристап до училиштето во Затворот во Стара Загора со што бил повреден членот 13 од Конвенцијата и членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата. Судот сметаше дека оваа жалба требаше да биде разгледана согласно членот 2 од Протоколот 1, кој го уредува следново:
„Ниедно лице нема да биде лишено од правото на образование. При спроведувањето на сите функции кои ги има во однос на образованието и наставата, Државата ќе го почитува правото на родителите да обезбедат такво образовани и настава кои се во согласност со нивните сопствени религиозни и филозофски убедувања.“
1. Аргументи на странките
27. Жалителот тврдеше дека домашното законодавство не забранувало експлицитно притворениците да не се вклучени во образовната програма на затворот и затоа со него требало да се постапува на ист начин како со осудени затвореници и да му се дозволи пристап до образование. Поконкретно, според него, одредбите во врска со пристапот до образовните установи за осудениците требале да се применуваат на сите лица лишени од слобода. Според неговиот поднесок, домашните власти ги толкувале релевантните одредби погрешно и како резултат на тоа со него постапувале на дискриминирачки начин; ограничувајќи ги неговите права повеќе од потребното во однос на неговиот притвор; и автоматски и своеволно го лишиле од неговото право на образование.
28. Жалителот исто така приговарал на основата на која се потпирале властите и Владата во нивните забелешки, имено дека како лице за кое постои веројатност да биде осудено како „рецидивист“, било оправдано да биде исклучено од училиштето во интерес на „не-рецидивистите“ кои го посетувале. Тој посочил дека за време на периодот додека бил притворен во Стара Загора постоеле осуденици класифицирани како „рецидивисти“ кои го посетувале затворското училиште. Според неговото тврдење ова покажувало дека начелото на раздвојување на „рецидивистите“ од другите затвореници не било почитувано. Исто така жалителот сметал дека не било логично тој да биде исклучен од училиште по основ дека како притвореник постоела шанса да биде ослободен и да замине пред да ја заврши учебната година. Во однос на тоа тој поминал речиси две полни учебни години во притвор во Затворот во Стара Загора. Доколку затворската управа имала сомнеж во однос на времетраењето на неговиот притвор тие можеле да се распрашаат во обвинителството. Жалителот тврдеше дека до осудувањето тој имал право на презумпција на невиност и тој не требал да биде лишен од неговото право на образование во текот на тој период. Откако бил осуден, и префрлен во Затворот во Пазарџик, тој не можел да продолжи со своето образование бидејќи немало училиште во затворот.
29. Владата тврдеше дека, согласно судската пракса на Судот домашните власти биле тие што требале да ги регулираат и планираат образовните активности во нивната земја. Одлуката на затворските власти да го исклучат жалителот од затворското училиште била разумна заради потребата да се применат различни стандарди и услови во врска со различните категории на затвореници. Притворот на жалителот во Затворот Стара Загора, затвор од отворен тип предвиден пред сè за осуденици кои не се „рецидивисти“ бил исклучок и во тоа време не било јасно колку долго ќе останел таму. Најпрво, Владата тврдеше дека како притворено лице не било соодветно жалителот да посетува училиште со осудени лица. Исто така согласно одредбите од Законот за извршување на казни како што се применувал во тоа време, на притворениците не им било дозволено да се запишат во затворското училиште освен ако не било сигурно дека ќе останеле во затворот најмалку една учебна година. Второ како притвореник кој бил соочен со ризикот да биде казнет како „рецидивист“ по осудувањето, било соодветно правилата за затворениците „рецидивисти“ да се применувале за него (види параграф 20 горе). Доколку ова не било така, затворските власти немале да можат во целост да ги заштитат затворениците „не-рецидивисти“ од контакт со „рецидивистите“. Исто така олабавувањето на правилата што се применувале за „рецидивистите“ ќе го ослабел ефектот на одвраќање на затворската казна. Доколку жалителот последователно бил ослободен, тој веднаш ќе бил ослободен од затвор и неговото исклучување од затворското училиште ќе престанело да влијае на него. Конечно, Владата нагласила дека, после неговиот трансфер во затворот во градот Пазарџик, жалителот не поднел барање да биде вклучен во образовните активности таму.
2. Оценка на Судот
(а) Општи принципи
30. Судот започна со тоа што нагласи дека затворениците генерално продолжуваат да ги уживаат сите основни права и слободи гарантирани со Конвенцијата освен правото на слобода кога на законски начин изречената казна затвор изречно потпаѓа во опсегот на членот 5 од Конвенцијата. На пример, со затворениците не може лошо да се постапува, не може да се подложат за нечовечно или понижувачко казнување или услови спротивни на членот 3 од Конвенцијата; тие и понатаму ќе го уживаат правото на почитување на семејниот живот, правото на слобода на изразување, правото на практикување на нивната вероисповед, правото на делотворен пристап до адвокат или суд согласно членот 6, правото на преписка и правото на стапување во брак. Секакво ограничување на овие права бара тоа да биде оправдано, иако таквото оправдување може да се најде во однос на прашањата поврзани со безбедноста, особено спречувањето на кривично дело или неред, што неизбежно произлегува од околностите на затворањето (види Hirst v. the United Kingdom (no. 2) [GC], no. 74025/01, § 69, ECHR 2005‑IX, и случаите таму цитирани; види исто така Stummer v. Austria [GC], no. 37452/02, § 99, ECHR 2011). Во пресудата во случајот Хирст, цитирана горе, § 70, Судот се изјасни меѓу другото дека „нема ... сомнеж дека затвореникот ги губи своите права согласно Конвенцијата заради неговиот статус на лице лишено од слобода откако бил осуден“. Овој принцип се применува a fortiori во однос на лице, како што е жалителот за време на периодот во прашање, кое не било осудено и кое затоа мора да се смета за невино (види, на пример, Laduna v. Slovakia, no. 31827/02, §§ 64 and 67, ECHR 2011).
31. Што се однесува до правото на образование, иако членот 2 од Протоколот бр. 1 не може да се толкува како наметната обврска за земјата договорничка да воспостави или субвенционира образовни установи, секоја држава што ќе го прави тоа ќе има обврска да обезбеди ефективен пристап до нив. Поинаку кажано, пристапот до образовните институции кои постојат во дадено време е нераздвоен дел на правото што е утврдено со првата реченица од членот 2 од Протоколот бр. 1 (види Случај „во врска со одредени аспекти од законите за употребата на јазиците во образованието во Белгија“, пресуда од 23 јули 1968 г., Series A no. 6, §§ 3-4; Ponomaryovi v. Bulgaria, no. 5335/05, § 49, ECHR 2011; и Catan and Others v. the Republic of Moldova and Russia [GC], nos. 43370/04, 8252/05 and 18454/06, § 137, ECHR 2012 (извадоци)). Оваа одредба се применува за основно, средно и високо образование (види Leyla Şahin v. Turkey [GC], no. 44774/98, §§ 134 and 136, ECHR 2005-XI).
32. Судот меѓутоа препознава дека и покрај неговата важност, правото на образование не е апсолутно, и може да подложи на ограничувања. Под услов да нема повреда на суштината на правото, овие ограничувања се дозволени од импликацијата со оглед дека правото на пристап „по самата своја природа повикува на регулирање од страна на државата“. Со цел наметнатите ограничувања да не претставуваат кратење на правото во прашање до толкава мерка што ќе го попречи во самата негова суштина и ќе го лиши од неговата делотворност, Судот мора да се задоволи со тоа дека тие можат да се предвидат од засегнатите лица и да имаат легитимна цел. Меѓутоа за разлика од ставот во однос на членовите 8 и 11 од Конвенцијата нема обврска од исцрпна листа на „легитимни цели“ согласно членот 2 од Протоколот бр. 1. Исто така ограничувањето ќе биде компатибилно само со членот 2 од Протоколот бр. 1 доколку има разумен однос на сразмерност меѓу средствата што се ангажирани и целта која се сака да се оствари. Иако конечната одлука во врска со почитувањето на условите од Конвенцијата е во надлежност на Судот, државите договорнички уживаат одредена маргина на дискреција во оваа сфера, (види Catan, цитиран горе, § 140, и случаите цитирани во врска со тоа).
33. Точно е дека образованието е активност која е сложена да се организира и скапа за водење, додека ресурсите кои властите можат да ги издвојат за неа се неопходно ограничени. Точно е дека при одлучувањето како да се регулира пристапот до образование една држава мора да постигне рамнотежа меѓу од една страна образовните потреби на оние што се под нејзина јурисдикција и, од друга страна, нејзиниот ограничен капацитет да ги обезбеди. Меѓутоа, Судот не може да го занемари фактот дека за разлика од некои други јавни услуги, образованието претставува право кое има директна заштита согласно Конвенцијата. Исто така се работи за специфичен тип на јавна услуга, која не само што оди во директна полза на оние кои ја користат туку исто така служи и за пошироки општествени функции. Навистина, Судот веќе имаше можност да посочи дека „во едно демократско општество, правото на образование ... е незаменливо за унапредување на човековите права [и] игра ... суштинска улога...“ (види, mutatis mutandis, Ponomaryovi v. Bulgaria, no. 5335/05, § 55, ECHR 2011).
(б) Примена на овие принципи за фактите во актуелниот случај
34. Иако Судот е свесен за препораките на Комитетот на министри во однос на ефектот дека можностите за образование треба да бидат достапни за сите затвореници (види параграфи 21-24 горе), тој потсети дека членот 2 од Протоколот бр. 1 не наметнува обврска на земјите договорнички да организираат образовни програми за затворениците кога таквите можности не постојат (види Natoli v. Italy, no. 26161/95, одлука на Комисијата од 18 мај 1998 г., не е известено за истата и Epistatu v. Romania, no. 29343/10, § 63, 24 September 2013). Меѓутоа, жалбата на овој жалител се однесува на тоа што не му бил дозволен пристапот до веќе постоечка образовна установа, имено Затворското училиште на Затворот Стара Загора. Како што беше забележано горе правото на пристап во претходно постоечните установи потпаѓа во рамките на опсегот на членот 2 од Протоколот бр. 1. Секакво ограничување на ова право оттука морало да биде предвидливо со цел да се оствари легитимна цел и да биде сразмерно на таа цел (види параграф 32 горе). Иако членот 2 од Протоколот бр. 1 не наметнува позитивна обврска да обезбеди образование во затвор во сите околности, кога таквата можност е достапна не треба да подложи на своеволни и неразумни ограничувања.
35. Судот смета дека постои простор за сомнеж дали ограничувањето за жалителот било доволно предвидливо за целите на членот 2 од Протоколот бр. 1. Релевантната законодавна рамка предвидува дека осудениците на 16 годишна возраст или постари имаат право, на барање, да бидат вклучени во образовните програми и дека, во отсуство на јасни правила во спротивна насока, одредбите во врска со осудениците требале да се применуваат подеднакво и за притворениците. Единствената изречна одредба во врска со правата на притворениците на образование била во насока дека затворските власти требале „да охрабрат“ учество на притворениците во затворските образовни програми (види параграфи 15-19 горе).
36. Нејасната законска рамка се отсликува во фактот дека за време на домашните постапки и процедури пред овој суд различни причини биле дадени од страна на националните власти при одбивањето на барањето на жалителот да се запише на училиште. Неговото барање било одбиено од Управата за извршување на казни при Министерството за правда по основ дека „откако ќе бил осуден“ тој ќе бил префрлен во затвор за „рецидивисти“ и дека во меѓувреме ќе бил прекршен законскиот услов да се чуваат „рецидивистите“ и „не-рецидивистите“ раздвоено доколку би му било дозволено да се меша со „не-рецидивистите“ во затворското училиште (види параграф 7 горе). Последователно, директорот на затворот исто така го одбил неговото барање по сличен основ (види параграф 8 горе). Кога жалителот се жалел на одлуката на затворските власти да го исклучат од училиштето, Регионалниот суд на Стара Загора одлучил дека тој не можел да биде класифициран како „рецидивист“ и му наредил на директорот на Затворот да го прими во училиштето. По жалбата на директорот на затворот Врховниот управен суд ја поништил одлуката на Регионалниот суд врз основа на тоа дека жалителот немал право да биде вклучен во образовната програма на затворот бидејќи правото на образование било предвидено од релевантната законска рамка само за лица кои биле лишени од слобода како резултат на конечна осудителна пресуда, а не за оние кои биле во притвор (види параграф 12 горе).
37. Исто така за време на постапките пред Судот, Владата се потпираше на три различни основи за да се оправда исклучувањето на жалителот од училиштето. Најпрво, тие тврдеа дека како притворено лице не било соодветно жалителот да посетува училиште со осудени лица. Второ, тие тврдеа дека како притвореник кој служи неопределен период во притвор не било соодветно тој да посетува училиште кое било наменето за осудени затвореници кои служат казна затвор од 12 или повеќе месеци. Трето, тие тврдеа дека бидејќи жалителот ризикувал да биде осуден како „рецидивист“, ќе било во интерес на осудениците, „не-рецидивисти“ кои оделе на училиште, на жалителот да не му се дозволи да посетува настава.
38. За Судот вреди да се забележи дека Владата не ги поткрепила своите тврдења со никакви докази во однос на условите што важеле за Затворот Стара Загора. Потребата за заштита на жалителот со тоа што ќе се држи разделен од осудениците заради неговиот статус на притвореник не бил основот за кој се држеле затворските власти кога ги одбиле барањата на жалителот. Исто така било јасно од многуте барања на жалителот да му биде дозволено да посетува настава дека не му пречело да биде вклучен во оваа активност заедно со осудените затвореници. Во материјалите изнесени пред Судот нема никакви докази кои би покажале дека на притворениците би им било наштетено во едно контролирано и под надзор опкружување во рамките на училницата или дека притворениците биле разделени од осудениците или „рецидивистите“ во Затворот во Стара Загора и доколку било така дали ваквата сегрегација се применувала во сите аспекти од режимот во рамките на затворот.
39. Вториот основ на кој се потпираше Владата била неопределената природа на притворот и условот во националниот закон за затворениците да служат затворски казни од една или повеќе години пред да можат да се запишат на училиште. Меѓутоа Владата не објасни зошто ова било неопходен услов за прием во затворското училиште. Што се однесува конкретно на притворениците како што е жалителот Судот не смета дека фактот дека крајната должина на притворот не е сигурна на почетокот треба да се искористи како оправдување за нивно лишување од пристап до образовните програми, освен можеби во случаи кога е јасно од некоја причина дека притворот ќе биде со кратко времетраење. Исто така, Владата не му обезбеди на Судот никакви статистички податоци за достапноста на ресурси во училиштата за да се оправда на пример политиката за концентрирање на ограничените ресурси на оние затвореници кои служат најдолги казни.
40. Конечно што се однесува до последниот основ на кој се потпираше Владата, имено потребата да се држи жалителот разделен од другите затвореници заради ризикот да биде осуден како „рецидивист“, Судот не смета дека ова била легитимна причина во времето во прашање додека бил притвореник и имал право на пресумпција на невиност.
41. Судот затоа смета дека никој од основите на кои се потпираше Владата не бил убедлив, особено со оглед дека не биле поткрепени од некакви докази во врска со точните модалитети кои обезбедуваат пристап до образование во затворското училиште во Стара Загора. Од другата страна на балансот мора да се постави несомнениот интерес на жалителот да го заврши средното образование. Вредноста на обезбедување на образование во затвор, како за затвореникот како поединец и затворското опкружување така и за општеството како целина е призната од Комитетот на министри на Советот на Европа во неговите препораки за образованието во затвор и во Европските затворски правила (види параграфи 21-24 горе).
42. Во овој случај Владата не обезбеди ниту практични причини на пример заради недостаток на ресурси во училиштето, ниту јасно објаснување за правната основа за ограничувањето што му било наметнато на жалителот. Во вакви околности, врз основа на доказите пред него, Судот не смета дека одбивањето да се запише жалителот во Затворското училиште на Стара Загора било доволно предвидливо, ниту дека се водело од легитимна цел и било сразмерно на таа цел. Следи дека имало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 во овој случај.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучи дека имало повреда на членот 2 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата;
...
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 27 мај 2014 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Франсоаз Еленс-ПасосИнета Зиемеле
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2015.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy