ПРВ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ
ВИКЕНТИЈЕВИЌ ПРОТИВ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
(Жалба бр.50179/07)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
4 февруари 2014
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите предвидени во член 44 став 2 од Конвенцијата. Истата може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот Викентијевиќ против Република Македонија,
Европскиот суд за човекови права (Прв оддел), заседавајќи во судски совет во состав:
Isabelle Berro-Lefèvre, претседател,
Elisabeth Steiner,
Khanlar Hajiyev,
Mirjana Lazarova Trajkovska,
Julia Laffranque,
Erik Møse,
Linos-Alexandre Sicilianos, судии,
и Søren Nielsen, секретар на Оддел,
Расправајќи на затворена седница на 12 ноември 2013 и 14 јануари 2014 година,
Ја донесе следната пресуда која беше усвоена на истиот ден:
ПОСТАПКА
Случајот беше поведен со жалба (бр.50179/07) против Република Македонија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на македонски државјанин, г-дин Александар Викентијевиќ („жалителот“) на 8 ноември 2007 година.
Жалителот беше застапуван од г-ѓа Ф. Михајловска, адвокат од Скопје. Македонската Влада („Владата“) беше застапувана од нејзиниот агент г-дин К.Богданов. Жалителот се жалеше дека вонредното поништување на конечното решение за денационализација донесено во негова корист, ги прекршило неговите права на сопственост.
На 5 мај 2011 година жалбата беше доставена до Владата. Исто така, беше одлучено за дозволеноста и основаноста на жалбата да биде донесена одлука во исто време (член 29 став 1).
ФАКТИ
ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
Жалителот е роден 1941 година и живее во Скопје.
Позадина на случајот
На 27 септември 1945 година В.Д.М, покоен дедо на жалителот, заедно со други лица, А.Ј., T.K. и Л.Л, членови на Извршниот одбор на друштвото Т. ("Друштвото"), биле осудени за кривични дела против народот и државата, бидејќи го ставиле друштвото Т. на располагање на непријателските сили (за време на Втората светска војна). Сите тие биле осудени на условна казна затвор со принудна работа. Судот, исто така наредил целосна конфискација на имотот на друштвото.
На 9 јануари 1946 година, тогашниот Народен Окружен суд во Скопје, го конфискувал недвижниот имот на друштвото (вклучувајќи ги и работничките станови) и разните предмети од подвижниот имот, кои детално биле наведени во решението ("налогот за конфискација"). Вкупната површина на одземените згради била 3.496 квадратни метри. Некои 60.549 квадратни метри земјиште, исто така, биле предмет на конфискацијата. Конфискуваниот имот требало да и биде префрлен на Државата. Налогот за конфискација се однесувал на В.Д.М., А.Ј., T.K. и Л.Л., како "осудени акционери", кои имале фактичка сопственост на друштвото.
Б. Релевантни дејствија кои и претходат на постапката за денационализација
На 29 декември 1995 година друштвото одлучило да се преструктуира согласно Законот за преструктуирање на дел од претпријатијата кои во своето работење искажуваат загуби (“Акт за преструктуирање на друштвото (при загуби во работењето)”)
Врз основа на таа одлука и по барање на жалителот, кој барал имотот да биде задржан за враќање, на 18 октомври 1996 година друштвото склучило договор (“договорот од 1996 година”) со Државата, претставувана од Агенцијата за приватизација, на која и пренело право на одредени поединечно именувани згради (кои не ги вклучувале станбените станови) чија вкупна површина изнесувала 1.240 квадратни метри. Исто така, и пренело во сопственост на Државата приоритетни акции, чија вредност изнесувала 2.158.831 германски марки (ДЕМ) (“акциите”).
Понатаму, на 28 декември 1999 година, Основниот суд во Скопје (“првостепениот суд”), на барање на жалителот, ја преиначил пресудата од 1945 година, во поглед на неговиот покоен дедо, во делот на конфискацијата на имотот на друштвото. Оваа пресуда станала правосилна на 31 јануари 2000 година.
Со пресуда од 6 јули 2000 година, која станала правосилна на 10 јули 2000 година, првостепениот суд го прогласил жалителот за наследник на правото на денационализација на имотот на неговиот покоен дедо (В.Д.М.). Повикувајќи се на пресудата од 1945 година, актот за конфискација и пресудата од декември 1999 година (види точка 6, 7 и 10 погоре), наследното решение се однесувало и на правото на жалителот да бара “враќање на имотот и исплата на надомест” за недвижниот и подвижниот имот на друштвото.
В. Постапка за денационализација
На 14 август 2000 година жалителот повел постапка за денационализација. И двете страни не доставија копија од барањето за денационализација.
На 13 септември 2000 година, Министерството за финансии, застапувано од страна на двајца службеници, изготвило извештај за изведениот увид на лице место од 12 септември 2000 година. Согласно тој извештај, кој бил напишан на компјутер, В.Д.М., А.Ј., Т.К. и Л.Л. биле акционери во друштвото. Земјиштето било во сопственост на друштвото. Во 1959 година, земјиштето било поделено во две парцели, кои вклучувале згради со вкупна површина од 3.377 квадратни метри. Уписот во новиот Катастар на недвижности укажал дека вкупната површина на зградите изградени на земјиштето била 34.617 квадратни метри. Во извештајот, понатаму, било наведено дека само некои од зградите наведени во актот за конфискација, вклучувајќи ги и станбените станови, се уште се наоѓаат на земјиштето.
На 15 септември 2000 година, Комисијата за денационализација при Министерството за финансии го прифатила барањето за денационализација на жалителот и одлучила: 1) да му ги врати во сопственост зградите наведени во договорот од 1996 година (види точка 9 погоре) и станбените станови и зградите во непосредна близина (694 квадратни метри), заедно со земјиштето под нив, како и земјиштето опишано како двор, вкупна површина од 60.549 метри квадратни; 2) да ги префрли во негова сопственост приоритетните акции утврдени во договорот од 1996 година како надомест за подвижниот имот на друштвото и 3) да ги префрли во негова сопственост државните акции во друштвото П. како компензација (еквивалент на околу 51.400 E(евра) за земјиштето под) за други објекти (1.561 квадратни метри). Како што е наведено во решението, Комисијата за денационализација, помогната од стручно лице, спровела увид на лице место и утврдила дека вкупната површина на сите конфискувани згради во времето на конфискацијата била 3.496 квадратни метри.
Во решението за денационализација било наведено дека барањето за денационализација на жалителот, заедно со списите на предметот било доставено до Јавниот правобранител (види точка 48 подолу), кој во одговор навел дека “не бил законски обврзан да се изјасни по барањето”. Видно од дописот од 21 март 2003 година од Министерството за финансии, кој го има во списите на предметот, решението за денационализација било доставено до Јавниот правобранител. Бидејќи не била поднесена никаква жалба, решението за денационализација станало правосилно на 13 октомври 2000 година.
На 13 февруари 2001 година Комисијата за денационализација извршила исправка на решението за денационализација во точката 3, наведувајќи дека жалителот ќе добие државни акции во друштвото Ж.Л. (“одлуката за исправка”).
Во периодот од 21 февруари до 27 март 2001 година, државните власти 1) му го префрлиле на жалителот правото на сопственост на приоритетните акции во друштвото (кои претставувале 7,84% од основната главнина на друштвото), и зградите наведени во договорот од 1996 година (врз основа на два посебни договори склучени меѓу Агенцијата за приватизација и жалителот) и 2) го регистрирале како сопственик на зградите и на земјиштето. Според извадок од катастарот од 25 октомври 2006 година, жалителот бил сопственик на 62,755 квадратни метри. Жалителот бил запишан во акционерската книга на друштвото, како и во Централниот депозитар за хартии од вредност, како акционер во друштвото Т. и друштвото И.Г. (наводно наместо друштвото Ж.Л.) Агенцијата за приватизација побарала од друштвото Т. да му овозможи на жалителот фактичко владение врз недвижниот имот.
На 29 ноември 2003 година, експертска комисија на Министерството за финансии извршила увид на лице место и утврдила дека земјиштето не може да му биде вратено на жалителот, бидејќи истото им користи на постоечките згради (имот на друштвото и станбените станови).
На 8 декември 2003 година, жалителот побарал од Министерството за финансии извршување на решението за денационализација и побарал друштвото да му ги пренесе “земјиштето и зградите” во негово фактичко владение. На 15 јануари 2004 година повторно се обратил со барање за извршување. На 22 април 2004 година Народниот правобранител исто така побарал од Министерството за финансии извршување на решението за денационализација и пренос на земјиштето и зградите во фактичко владение на жалителот.
На 21 јануари 2004 година Комисијата за координација при Министерството за финансии, откако кај неа дошле група граѓани кои живееле во становите лоцирани на конкретното земјиште, утврдила дека постојат “определени нерегуларности” во постапката за денационализација, и побарала од Второстепената комисија при Владата (“Комисијата”) да го прегледа решението за денационализација согласно Законот за управна постапка. На 22 октомври 2004 година Комисијата не нашла основ за да го укине решението за денационализација по право на надзор. Исто така, навела дека Комисијата за координација треба да ги достави списите по предметот до Комисијата за денационализација, која има овластување да го поништи решението за денационализација на сопствено барање кога за тоа се исполнети законските услови.
Г. Постапки со кои вонредно било поништено решението за денационализација од 15 септември 2000 година
На 1 декември 2004 година Јавниот правобранител, согласно членот 267 став 1 точки 3 и 5 од Законот за општа управна постапка, побарал од Комисијата да го огласи за ништовно решението за денационализација. Тој навел дека на жалителот му бил вратен целиот имот на друштвото, и покрај фактот дека, како што било наведено во актот за конфискација од 1946 година, друштвото било во заедничка сопственост на повеќе лица. Понатаму, зградите кои му биле вратени на жалителот биле различни по опис и површина од тие кои биле конфискувани во 1946 година. Сегашната вредност на земјиштето далеку ја надминала онаа во времето на конфискацијата. Дотолку повеќе што, во меѓувреме, земјиштето се развило и биле изградени згради во вкупна површина од 34.064 квадратни метри. Најпосле, тој додал дека приоритетните акции кои биле пренесени во сопственост на жалителот, врз основа на договорот од 1996 година, претставувале повеќе од половина од вредноста на целиот движен имот на друштвото.
На 26 април 2006 година Комисијата го прифатила барањето, ги поништила решението за денационализација и исправката на одлуката, и го вратила предметот на повторно одлучување. Таа им наложила на катастарот и Централниот депозитар за хартии од вредност да ги променат своите регистри согласно одлуката. Таа утврдила дека Јавниот правобранител, иако имало очигледен пропуст, не поднел жалба на оспореното решение во редовната постапка, и “покрај наводните незаконитости”. Упатувајќи на актот за конфискација од 1946 година, Комисијата утврдила:
“... В.Д.М., А.Ј., Т.К. и Л.Л. биле поранешни сопственици на конфискуваниот имот на [друштвото].
...не е спорно дека [жалителот] е наследник само на В.Д.М., односно на идеална четвртина од конфискуваниот имот...
Ова е доволно (за да се заклучи) дека првостепената комисија го повредила Законот за денационализација на штета на државата поради што [решението за денационализација] е ништовно.
Видно од записникот за увид на лице место од 13 септември 2000 година (види точка 13 погоре) изготвен само два дена пред донесувањето на решението за денационализација, одземениот имот воопшто не бил идентичен со имотот кој се наоѓа на лице место, особено зградите одземени во 1946 година, со вкупна површина од 3.496 м2 кои по својата градежна суштина претставувале помошни објекти, додека сегашните згради се со вкупна површина од 34.617 м2 и по својата градежна суштина претставуваат модерни објекти од цврста градба. Понатаму, одземените згради повеќе не постојат, туку на нивно место постојат сосема различни згради со десет пати поголема површина. Ова било потврдено во записникот од 29 ноември 2003 година (види точка 18 погоре).
Понатаму земјиштето (60.549 м2) не можело да биде предмет на денационализација и не можело да биде вратено согласно член 28 од Законот за денационализација, бидејќи на истото биле изградени објекти (34.617 м2) во сопственост на друштвото Т. Истото претставува градежно изградено земјиште со целосна инфраструктура кое е во функција на постојните објекти
И на крај секако првостепениот орган погрешно ги применил и одредбите од член 33, 34, 35 и 36 од Законот за денационализација кога [на жалителот] му го дал во сопственост целиот пакет на резервирани приоритетни акции за сите четворица поранешни сопственици т.е. нивни наследници, наместо само 1/4 идеален дел. Како резултат на ова, Државата претрпела штета. Според ова [решението за денационализација] не може да се изврши согласно член 267 став 1 точка 3 од Законот за управна постапка...”
На 22 јуни 2006 година жалителот поднел тужба со која повел управен спор пред Врховниот суд, во која тврдел дека решението за денационализација и исправката на одлуката, веќе биле извршени. Тие биле донесени во постапки во кои Јавниот правобранител не поднел жалба, иако имал такво право. Поништувањето на решението било засновано на наводни грешки во фактичката состојба, кои сами по себе не биле основа за вонредниот правен лек употребен во неговиот предмет. Понатаму, Јавниот правобранител немал право да се вмешува во постапките со намера да ги штити интересите на трети лица. Жалителот навел дека Комисијата, со поништувањето релевантните решенија после пет години откако биле донесени, го прекршил принципот на правна сигурност и неотповикливост на конечните одлуки. И на крај, тој се жалел дека експертскиот извештај од 13 септември 2000 година, на кој се повикува Комисијата во оспореното решение, бил без печат; не бил изготвен на образец кој бил во употреба во тоа време; и дека Комисијата за денационализација не го цитирала во решението за денационализација од 15 септември 2000 година. Тоа само по себе покренало сомневања за валидноста на тој документ.
На 16 март 2007 година, Врховниот суд ја одбил тужбата на жалителот. Тој утврдил дека членот 267 став 1 точка 3 од Законот за управна постапка се однесува и на фактичката и на правната неможност за извршување. Решението за денационализација и исправката на одлуката биле спротивни на членот 13, 21 став 1 точка 1, 28 став 2, 33 и 36 од Законот за денационализација (види точки 31-38 подолу), па според тоа биле правно неизвршливи. Судот понатаму утврдил:
“ ... Согласно [пресудата од 1945 година], конфискацијата се однесувала на осудените акционери Т.К., А.Ј. и Л.Л., кои биле (покрај В.Д.М.) сопственици на [друштвото Т.]. Имајќи го во предвид членот 13 од Законот за денационализација, [жалителот] се јавил како наследник на имотот на неговиот правен претходник В.Д.М. Според тоа, тој можел да го наследи само делот на В.Д.М., а не целиот имот на [друштвото].
Имајќи го во предвид записникот од рочиштето од 13 септември 2000 година... судот утврдил дека постои повреда на членот 21 од Законот за денационализација, бидејќи не било утврдено дали вредноста на конфискуваниот имот за зголемила.
... имало повреда на членот 28 став 1 точка 2 од Законот за денационализација бидејќи земјиштето кое било градежно изградено (60.549 м2), како што било утврдено од страна на комисијата на 29 ноември 2003 година, му било вратено [врз основа на решение за денационализација] во сопственост на жалителот.
Врз основа на списите во предметот без никаков сомнеж било утврдено дека имотот кој бил предмет на денационализација, претходно бил во сопственост на четири лица, кои биле акционери. Според тоа, имало повреда на членовите 33 и 36 од Законот за денационализација, бидејки целиот пакет на резервирани приоритетни акции од сите четворица поранешни сопственици бил пренесен во исклучива сопственост [на жалителот].
... Во конкретниот случај, судот уште еднаш потврдил дека имало повреда на императивните одредби од Законот за денационализација, кои го прават извршувањето на решението за денационализација правно невозможно, како што е наведено во членот 267 став 1 точка 3 од Законот за управна постапка.
Судот ги испита и наводите [на жалителот] дека има повреда на основните принципи за конечност на решенијата во управна постапка, како и дека во оспореното решение не е наведена ниту една причина која би можела да се подведе под одредбите на член 267 (од законот за управна постапка), меѓутоа истите ги оцени како неосновани. Законот за управна постапка го предвидува вонредниот правен лек – огласување на решение за ништовно (член 267). [Комисијата] е надлежна да одлучува и во [оспореното] решение јасно е наведено дека се донесува согласно со член 267 став 1 точка 3 од Законот за управна постапка. Дотолку повеќе што, решението содржи соодветно образложение.“
Пресудата му била доставена на жалителот на 11 мај 2007 година.
На 3 јули 2007 година Јавниот обвинител на нашол основа за поведување на постапка по барање за заштита на законитоста против пресудата на Врховниот суд.
Д. Продолжување на постапката за денационализација
Врз основа на барањето на Комисијата за денационализација, на 26 мај 2008 година, експертска комисија при Министерството за финансии извршила увид на лице место и утврдила дека со план на градот од мај 2008 година, на конкретното земјиште било планирано да се градат згради за колективно домување. Понатаму утврдила дека еден дел од земјиштето каде биле планирани патишта, паркинзи и зеленило не може да биде предмет на реално враќање. Околу 42.600 квадратни метри од земјиштето, делот на кој било планирано да се градат згради за колективно домување, може да биде предмет на реално враќање.
На 7 декември 2010 година Комисијата за денационализација ја прекинала постапката и го упатила жалителот, во рок од 15 дена од доставувањето на решението, да поведе посебна парнична постапка, со цел, како претходно прашање, да се утврди висината на акционерскиот дел на неговиот правен претходник В.Д.М., во вкупниот имот на друштвото. Во образложението, истакнала дека на 9 мај 2008 година жалителот поднел писмен доказ дека Т.К., А.Ј. и Л.Л. не биле акционери во друштвото. Исто така навел дека во периодот помеѓу 7 мај 2003 година до 15 мај 2008 година, биле доставени уште пет други барања за денационализација на имотот на друштвото. Барателите, во своите барања доставиле документи кои укажувале дека нивните претходници биле акционери, кои го делеле целиот имот на друштвото.
Владата истакна дека повеќето од барањата за денационализација поврзани со конкретниот имот, поднесени од страна на трети лица биле отфрлени.
На 22 декември 2010 година жалителот повел парнична постапка против Т.К., А.Ј., и Л.Л., чие живеалиште било непознато, во која барал од првостепениот суд да го прогласи неговиот правен претходник В.Д.М., за единствен акционер на друштвото. Оваа постапка е се уште во тек пред првостепениот суд.
РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ЗАКОНОДАВСТВО
Закон за денационализација, пречистен текст, („Службен весник на Република Македонија„ бр.43/2000)
Членот 13 од Законот за денационализација им дава право на сопствениците и нивните наследници, признати согласно прописите за наследување, да поднесат барање за денационализација.
Во постапката за денационализација Јавниот правобранител се грижи за имотните права и интереси на Државата (член 17). Според член 20 став 1, недвижноста може да му биде вратена во сопственост само на барателот.
Според член 21 став 1 точка 1 од Законот, недвижноста чија вредност, по одземањето е зголемена, може да му биде вратена на барателот доколку тој ја плати разликата помеѓу првичната и зголемената вредност на недвижноста.
Според член 28 став 2 од Законот, градежно земјиште се враќа во сопственост кога не е реализирана целта заради која било одземено градежното земјиште, како и кога била реализирана целта заради која било одземено, а тоа при поднесување на барањето за денационализација претставува градежно неизградено земјиште.
Според член 29, во постапката за денационализација може да бидат вратени во сопственост станбените згради и станови.
Агенцијата за приватизација ќе му ги предаде во сопственост на барателот акциите од одземениот имот од трансформираното друштво кои биле резервирани и пренесени врз основа на договор (член 33).
Членот 36 предвидува дека вредноста на имотот опишан во член 33, не го вклучува имотот кој друштвото го стекнало по конфискацијата, ниту пак градежното земјиште на кое биле изградени објекти.
Членот 37 предвидува дека за имотот кој не може да биде предмет на реално враќање, ќе биде исплатен надоместок.
На решението за денационализација може да се поднесе жалба до Владата (член 59). На одлуката на Владата по таа жалба, може да се поведе управен спор пред Врховниот суд (член 60).
Според член 63 став 2, третите лица можат да ги остварат своите права спрема барателите кои успеале во постапката и на кои им бил вратен имотот или им бил исплатен надоместок врз основа на Законот за денационализација, со тужба пред надлежен суд во рок од 5 години од денот кога решението станало конечно.
Членот 70 им дава право на законските носители на станарското право кои го изгубиле истото согласно член 29 од Законот, да бараат од Државата да им обезбеди друг вид на домување (на користење или за купување) согласно Законот за продажба на општествени станови (“Закон за социјални домување (продажба)”). Се додека не стекнат владение на новите станови тие имаат право да продолжат да ги користат становите на кои имале законско станарско право најмногу до една година од моментот кога станот е вратен во сопственост на барателот во постапка за денационализација.
Закон за општа управна постапка од 1986
Според член 12 од Законот за управна постапка од 1986 година, кој бил во сила во конкретното време, решението со кое лицето се стекнува со права или обврски, против кои не може повеќе да се изјави жалба или да се поведе управен спор (конечно решение), може да биде поништено, укинато или изменето само во случаи определени со закон.
Членот 267 став 1 од Законот предвидува дека решението може да се огласи за ништовно во следиве случаи: 1) ако било донесено во управната постапка и покрај фактот дека станува збор за работа која е од судска надлежност; 2) ако со своето извршување би можело да предизвика некое дело казниво според кривичниот закон; 3) ако извршувањето на решението воопшто не е можно; 4) ако решението било донесено без претходно барање на странката и 5) ако содржи неправилност која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност.
Според член 268 ставови 1 и 2, решението може во секое време да се огласи за ништовно по службена должност или пo предлог од странката или од јавниот обвинител. Решението може да се огласи за ништовно во целост или делумно.
Закон за Јавното Правобранителство (Службен весник бр.47/1997)
Членот 2 од Законот за Јавно правобранителство, кој бил во сила во тоа време, предвидувал дека Јавниот правобранител ги штити правата и интересите на Државата. Според член 5, Јавниот правобранител ја претставува Државата и нејзините органи пред домашните и меѓународните судови и органи во имотно правните спорови.
Согласно член 10, државните органи имаат обврска да го известат Јавниот правобранител за секој имотно-правен спор со домашни или странски физички и правни лица.
Според член 16, Владата го именува Јавниот правобранител и неговите/нејзините заменици.
ПРАВО НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 1 ОД ПРОТОКОЛОТ 1 ОД КОНВЕНЦИЈАТА Жалителот се жалеше според Член 1 на Протокот 1 на Конвенцијата, дека Државата со поништување на решението за денационализација и одлуката за исправка, шест години по нивното донесување, бил лишен од неговата сопственост по однос на недвижниот имот и акциите утврдени во тие одлуки. Поништувањето на конечното решение и одлуката за исправка било спротивно на начелата на владеење на правото и правната сигурност. Членот 1 од Протоколот 1 на Конвенцијата гласи:
“Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога станува збор за јавен интерес, според условите предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право.
Меѓутоа претходните одредби во никој случај нема да го нарушат правото на државата да донесе закони за кои смета дека се неопходни заради контрола на употребата на сопственоста во согласност со општиот интерес или заради обезбедување на плаќање на даноци или други придонеси и казни.”
A. Допуштеност Владата не вложи приговор во однос на допуштеноста на жалбата.
Судот констатира дека овие жалби не се неосновани во рамките на значењето на член 35 § 3 (a) од Конвенцијата. Тој понатаму констатира дека истите не се недопуштени по било кој друг основ. Според тоа, тие мора да бидат прогласени за допуштени.
Б. Основаност
1. Поднесоци на странките
(a) Жалителот
Жалителот ја оспори законитоста на записникот за увид на лице место од 13 Септември 2000 година (види точка 13 погоре) наведувајќи дека е составен и споен кон списите на предметот по донесување на решението за денационализација. Во врска со наведеното, доставил писмена изјава од 25 Мај 2004 година во која службено лице во Министерството за финансии, кое било одговорно во тоа време, опишало како се составувале таквите видови на записници, имено дека од страна на стручно лице на рака се пополнувал претходно подготвен образец. Понатаму, доставил документи кои потврдуваат дека во Февруари 2005 година од страна на Државата поднесен е предлог за поведување на стечајна постапка и врз друштвото е отворена стечајна постапка.
Јавниот правобранител, како застапник на Државата, учествувал во постапката за денационализација, но не дал изјава по однос на неговото барање за денационализација, ниту пак се жалел на решението за денационализација ниту пак повел управен спор пред Врховниот суд. Меѓутоа, пет години подоцна, побарал поништување на конечното решение за денационализација и покрај тоа што фактите на случајот не биле променети.
Жалителот спореше дека зградите кои му биле вратени не биле исти со оние национализирани во 1946 година. Објектите утврдени во решението за национализација биле исти со оние утврдени во договорот до 1996 година (види точка 9 погоре) и му биле вратени со решението за денационализација. Тој исто така спореше дека земјиштето предмет на постапката е изградено градежно земјиште. Записникот од 2008 година (види точка 27 погоре) покажал дека поголемиот дел од земјиштето може да се врати. Согласно позитивните документи на градот за планирање, на наведената област биле планирани згради за колективно домување. Врз основа на решението за денационализација, се стекнал со право на станбените станови кои биле конфискувани во 1946 година и предвидени за реконструкција согласно договорот од 1996 година. Во тие станови, кои биле од многу лош квалитет, живееле седумнаесет семејства. Бидејќи тие станови не биле социјални станови, Државата немала обврска да понуди друг стан за лицата кои биле погодени со денационализацијата. Во секој случај, законските носители на станарското право имале право да бараат согласно член 70 од Законот за денационализација да им биде обезбеден стан од страна на Државата. Жалителот исто така го оспори и наоѓањето на домашните власти дека тој требал да добие една четвртина од акциите во друштвото. Во врска со ова тој достави дека неговиот претходник бил единствен сопственик на друштвото и дека останатите три лица наведени во налогот за конфискација не биле сопственици ниту акционери во друштвото. Во секој случај, овие лица или нивните наследници имале можност да ги остваруваат своите права врз недвижноста согласно член 63 од Законот за денационализација (види точка 41 погоре). Такви лица не истакнале било какви права против него, било во постапката за денационализација или пак во граѓанската постапка.
За крај, жалителот појасни дека решението за денационализација било ставено вон сила врз основа на вонреден правен лек, кој може да се користи без временско ограничување. Самиот тој факт бил спротивен на начелото на правна сигурност. Таквиот правен лек можел да се користи само под исклучителни околности на сериозни повреди на правото, што не е во конкретниот случај. Грешките направени во фактите и правото не можат да бидат основа за огласување на конечно решение за ништовно. Дотолку повеќе што, финансиските интереси на Државата, доколку се загрозени, не биле предмет на јавен интерес и не можат да го оправдаат ваквото нарушување на неговата сопственост.
(б) Владата
Владата прифати дека конечното решение за денационализација донесено во корист на жалителот претставува “сопственост” во рамките на значењето на Членот 1 на Протоколот 1 и дека поништувањето на решението претставува лишување од неговата сопственост. Меѓутоа, покажа дека таквото вмешување било законско; било во јавен интерес; и било пропорционално. Во врска со ова наведе дека било спроведено согласно членот 267 и 268 од Законот за општата управна постапка (види точки 44 и 45 погоре). Јавниот правобранител како странка во постапката, барал огласување за ништовно на решението за денационализација за кое постоела неможност да се изврши, поради грешките утврдени од страна на Комисијата и Врховниот суд. Решението за денационализација од 2000 година, кое било донесено во одреден политички момент и во исклучително кратка постапка во која не биле застапувани интересите на Државата, занемарило или оставило неутврдени одредени релевантни факти, особено: уделот во недвижноста на поранешните сопственици наведени во одлуката од 1945 година; недвижноста која би можела да биде предмет на денационализација, имајќи го предвид фактот дека одлуката од 1999 година се однесувала само на еден поранешен акционер; дека недвижноста во меѓувреме била развиена со државни средства; и дека на лице место постоеле станови во општествена сопственост (мислејќи на “работничките” станови) во кои биле сместени триесет и три семејства. Во врска со ова достави писма кои Комисијата за денационализација ги пратила на 10 Јули 2008 година до дваесет и три лица, барајќи информации во врска со нивното станарско право. Таквите ситуации го оневозможиле извршувањето на решението за денационализација.
Поништувањето на решението било насочено кон заштита на сопственичките права и финансиски интереси на Државата. Дотолку повеќе што, не биле почитувани ниту интересите на трети лица, ниту оние на друштвото кое дејствувало и го развивало местото многу години наназад. Врховниот суд ги забележал “проблемите” во решението за денационализација и дал напатствија на Комисијата за денационализација да ги има предвид, при повторното постапување, интересите на трети лица, чиј гарант е Државата. Поради многуте нејасни прашања во врска со недвижноста, Комисијата за денационализација ја прекинала постапка и го насочила жалителот да го утврди, во посебна граѓанска постапка, делот кој неговиот претходник го имал во основната главнина на друштвото. На крај, Владата наведе дека не постоеле други расположливи средства за заштита на јавниот интерес, кој бил загрозен со решението за денационализација.
2. Оценка на Судот
(a) Општи начела
Судот нагласува дека постоењето на побарување потврдено со правосилна и извршна одлука или одлука во управна постапка му дава на носителот “законско очекување” дека неговото барање ќе биде извршено и претставува “сопственост” на носителот во рамките на значењето на Членот 1 на Протоколот 1. Поништување на таква пресуда или одлука претставува нарушување со неговото или нејзиното мирно уживање во сопственоста. Нарушувањето на мирното уживање на сопственоста мора да биде законско (види Iatridis v. Greece [GC], бр. 31107/96, § 58, ECHR 1999-II) и мора да воспостави фер рамнотежа помеѓу барањата на општите интереси на заедницата и барањето за заштита на основните права на поединецот. Особено, мора да постои разумна поврзаност на пропорционалност меѓу употребените средства и целта која треба да се реализира со било каква мерка на одземање на сопственоста од поединецот (види Lenskaya v. Russia, бр. 28730/03, § 45, 29 јануари 2009 година). Предусловот на “фер рамнотежа” нема да биде повреден каде што заинтересираното лице има индивидуален и значителен товар (види Moskal v. Poland, бр. 10373/05, §§ 49-52, 15 септември 2009 година).
(б) Примена на конкретниот случај
Во конкретниот случај, Судот забележува дека решението за денационализација на Комисијата за денационализација од 15 Септември 2000 година му го дава на жалителот правото на сопственост на недвижниот имот опишан во истото, како и правото на приоритетни акции во друштвото кои биле претходно пренесени на Државата, врз основа на договорот од 1996 година. Исто така, тој се здобил и со сопственост на акции во поранешна сопственост на Државата во друштвото И.Г. како компензација за земјиштето кои очигледно било невозможно да му се врати. Врз основа на решението за денационализација, жалителот бил запишан во Катастарот на недвижности како сопственик на земјиштето и објектите. Исто така, во Централниот депозитар тој бил запишани и како акционер во друштвото Т. и друштвото И.Г. (види точка 17 погоре). Владата прифати дека решението за денационализација претставува “сопственост” во рамките на значењето на Членот 1 на Протоколот 1. Судот не гледа причина за да утврди поинаку. Самиот факт дека неговите сопственички права подоцна биле одземени не претставува пречка да бидат “сопственост” во рамките на значењето на Членот 1 на Протоколот 1 (види Beyeler v. Italy [GC], бр. 33202/96, § 105, ECHR 2000‑I).
Понатаму, Судот смета, а што го призна и Владата, дека поништувањето на решението за денационализација, кое станало конечно, претставува нарушување на неговата сопственост.
Затоа мора да утврди дали нарушувањето за кое се жали било законско и дали било пропорционално на законската цел која требала да се оствари.
(i) Законитост на нарушувањето
По однос на законитоста на мерката за која се жали, Судот наоѓа дека вонредните постапки кои резултирале со поништување на решението за денационализација биле иницирани согласно член 268 од Законот за општата управна постапка (види точка 45 погоре), од страна на Јавниот правобранител, кој бил странка во постапката за денационализација (види точки 21 и 23 погоре). Вмешувањето на Јавниот правобранител може да се смета дека е преземено во рамките на неговите права и должности да ги штити сопственичките права и интереси на Државата (види член 32 и 46 погоре). Поништувањето на решението се засновало на член 267 став 1 точка 3 од Законот за општата управна постапка (види точка 44 погоре), кој предвидува дека конечно решение донесено во управна постапка може да се огласи за ништовно доколку не е можно неговото извршување. И Комисијата и Врховниот суд се повикале на оваа одредба во нивните одлуки (види точки 22 и 24 погоре). Според толкувањето на Врховниот суд, неможноста за извршување може да биде и фактичка и правна неможност. Затоа не постои сомневање, како што утврдил Врховниот суд во својата одлука од 16 Март 2007 година (види точка 24 погоре) дека мерката на која се жали жалителот била заснована на позитивните законски одредби.
Вистина е дека жалителот тврдел дека (види точка 56 погоре) домашното законодавство изречно не предвидува дека грешките во фактите и законот можат да претставуваат правна основа за вонредно поништување на конечно решение за денационализација. Во врска со ова, Судот нагласува дека постоењето на правната основа во домашниот закон не го задоволува само по себе начелото на законитост. Покрај тоа, правната основа мора да има одреден квалитет, имено мора да биде компатибилна со владеењето на правото и мора да обезбеди гаранции против самоволно постапување (види N.K.M. v. Hungary, бр. 66529/11, § 47, 14 мај 2013 година).
Судот забележува дека грешките цитирани од страна на Комисијата и Врховниот суд се однесуваат на следното: 1) жалителот се стекнал со сопственост на целиот недвижен имот и приоритетните акции во друштвото и покрај фактот дека друштвото било во заедничка сопственост на четири физички лица, еден од кој бил правен претходник на жалителот; 2) објектите кои биле вратени на жалителот биле поголеми од оние кои биле одземени и по однос на нивната големина и по однос на нивната вредност; и 3) имало градба на земјиштето која му била вратена врз основа на решението за денационализација. Комисијата и Врховниот суд утврдиле дека решението на Комисијата за денационализација имала такви грешки како резултат на кои постоела правна неможност за извршување на решението за денационализација. Понатаму Врховниот суд утврдил дека таквите грешки претставуваат повреда на задолжителните одредби од Законот за денационализација (види точка 24 погоре). Имајќи ја предвид информацијата пред него како и тоа дека има ограничена моќ да се справува со наводите грешки во фактите или правото сторени од страна на домашните судови (види García Ruiz v. Spain [GC], бр. 30544/96, § 28, ECHR 1999‑I и Kopp v. Switzerland, 25 март 1998 година, § 59, Извештаи за пресуди и одлуки 1998‑II), Судот најде дека не може да го замени своето гледиште за она на домашните судови, кое во отсуство на било какви аргументи кои го тврдат спротивното, не претставува неразумно или очигледно самоволно постапување.
Во такви околности, Судот смета дека одлуките на Комисијата и Врховниот суд со датум од 26 Април 2006 година, односно од 16 Март 2007 година, можат да се прифатат како обезбедување на соодветна правна основа за примена на мерката во прашање, имајќи го притоа предвид степенот на автономност и дискреционо право дадени на домашните власти во врска со толкувањето и применувањето на домашното право.
Од тие причини, Судот заклучува дека нарушувањето на сопственичките права на жалителот било можно врз основа на закон, согласно Членот 1 на Протоколот 1 на Конвенцијата.
(ii) Легитимна цел
Судот нагласува дека домашните власти, поради нивното директно познавање на општеството и неговите потреби, во суштина се во подобра позиција од меѓународниот суд за да ценат “што е во јавен интерес”. Согласно системот на заштита воспоставен со Конвенцијата, останува на домашните власти да ја направат првичната процена за постоењето на проблемот од јавен интерес во врска со гарантирање на мерки за лишување од сопственост. Тука, како и во други области на кои се применуваат заштитните мерки на Конвенцијата, националните власти уживаат одредена граница на почитување. Судот ќе ја почитува одлуката на домашните власти по однос на тоа што е “во јавен интерес” освен ако таквата одлука е очигледно без разумна основа (види Vistiņš and Perepjolkins v. Latvia [GC], бр. 71243/01, § 98, 25 октомври 2012 година).
Судот прифаќа дека целта на вмешувањето било да се исправат грешките на Комисијата за денационализација, кои резултирале со тоа жалителот да биде лишен од сопственичките права, со кои се здобил наводно противправно. Таквите грешки, како што ги наведува Владата, влијаеле на сопственичките права и финансиските интереси на Државата, како и интересите на трети лица, односно на друштвото и оние кои живееле во становите, кои биле вратени на жалителот (види точки 20 и 57 погоре). Како што е утврдено од страна на Комисијата и Врховниот суд, таквите грешки негативно влијаеле и врз сопственичките интереси на А.Ј., Т.К и Л.Л. или на нивните наследници (види точки 22 и 24 погоре).
Поради наведеното Судот констатира дека вмешувањето било насочено кон законска цел, односно да гарантира дека јавниот џеб нема да ги надоместува неоснованите барателите. Поинаку, ќе биде спротивно на доктрината на неосновано збогатување (види mutatis mutandis, Moskal, цитирано погоре точки 63 и 73). Во секој случај, Судот најде дека заштита на правата и интересите на трети лица е законски основ кој може да оправда поништувањето на конечна и правосилна одлука (види Protsenko v. Russia, бр. 13151/04, § 33, 31 јули 2008 година).
(iii) Пропорционалност
Останува да се утврди дали вмешувањето утврдено од страна на Судот ги задоволува критериумот на пропорционалност согласно Членот 1 на Протоколот 1. Односно, Судот мора да оцени дали правото за иницирање и спроведување на вонредно преиспитување од страна на властите било со цел да се воспостави фер рамнотежа, колку е можно, помеѓу интересите на жалителот и потребата да се обезбеди правилна примена на правото, имајќи го предвид фактот дека поништувањето на решението за денационализација било засновано на наоѓања дека имало основни грешки во постапките пред Комисијата за денационализација (ibid., § 29 и mutatis mutandis, Radchikov v. Russia, бр. 65582/01, § 43, 24 мај 2007 година).
По разгледување на предметот и поднесоците на странките, Судот е на мислење дека властите го почитувале овој критериум во конкретниот случај. Во врска со ова Судот прифати дека постапката за вонредно преиспитување била спроведена согласно условите на домашното право и постапка (види точка 63 и 66 погоре) и дека жалителот имал ефективна можност да ја спори постапката за која се жали (види точка 23 погоре). Понатаму, [Судот] смета дека околностите наведени од страна на Комисијата и Врховниот суд (види точки 22 и 24 погоре) по својата природа и важност биле такви да го оправдаат поништувањето на конечното решение за денационализација. Домашните власти, вклучувајќи го и Врховниот суд како највисока судска власт во Државата, го искористиле своето право на контрола со цел да се исправат одредени фундаментални грешки направени од страна на Комисијата за денационализација, која била прва и единствена инстанца во редовната постапка за денационализација која ја оценувала основаноста на барањето на жалителот. Ваквите грешки ги насочиле властите да заклучат дека решението за денационализација било правно неизвршливо и во спротивност со императивните законски одредби на Законот за денационализација. Со ваквото постапување тие претставија причина од релевантен и убедлив карактер кои го оправдуваат вонредното поништување на конечното решение за денационализација.
Судот утврди дека недостатоците забележани од страна на телата за контрола можеле да бидат отстранети доколку Јавниот правобранител интервенирал пред Комисијата за денационализација и ги искористил расположливите правни лекови во редовната постапка за денационализација. Причините за неговата неактивност остануваат нејасни. Меѓутоа, Судот е на мислење дека “очигледниот пропуст” на Јавниот правобранител во редовната постапка за денационализација (види точка 22 погоре) во конкретниот случај не може да се толкува како забрана за оспорување, чија цел е отстранување на фундаментални грешки. Да се смета поинаку би било спротивно на начелото на правична распределба на правдата. Имајќи ги предвид посебните околности на случајот, Судот не е убеден дека грешките на Комисијата за денационализација можат да бидат неутрализирани или исправени со било кои други средства, освен оние тука применети.
Понатаму Судот смета дека последиците од поништувањето на решението за денационализација не се од ирелевантно значење во конкретниот случај. Во врска со ова, забележува дека врз основа на грешките утврдени погоре, случајот е пред Комисијата за денационализација за свежо испитување и од 2007 година постапката за денационализација е се уште пред Комисијата за денационализација. Тие биле прекинати во декември 2010 година кога жалителот бил упатен да иницира посебна граѓанска постапка со цел да се утврди делот на неговиот претходник во главнината на друштвото (види точка 28 погоре). Поради тоа, жалителот може да добие сопственост на дел од сопственоста откако ќе продолжи постапката за денационализација.
Сепак, бидејќи Судот не ја потценува сложеноста на околностите на конкретниот случај, прашањето за пропорционалност и понатаму бара жалителот да не биде ставен во ситуација на несигурност за неразумен временски период. Во врска со ова Судот грижливо забележува дека новата постапка за денационализација е се уште во тек од 2007 година и дека, во моментот, е нејасно кога ќе заврши. Во врска со ова, потсетува дека има ефективен правен лек пред Врховниот суд кој жалителот може да користи поради траењето на постапката на повторената постапка за денационализација (види Adži-Spirkoska and Others v. the former Yugoslav Republic of Macedonia (одлука), бр. 38914/05 и 17879/05, 3 Ноември 2011). Таму каде што непостапување од страна на домашните власти може во иднина да влијае на одлуката на Судот, во конкретната ситуација не смета дека поради незавршената постапка е ставен непропорционален товар врз жалителот.
Горенаведените размислувања влијаеја Судот да одлуки дека вонредното поништување на решението не претставува во конкретниот случај неправично нарушување на сопственичките права на жалителот гарантирани со Членот 1 на Протоколот 1.
Според тоа немало повреда на таа одредба од Конвенцијата.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за недопуштена;
2. Утврдува дека немало повреда на член 1 од Протоколот 1 од Конвенцијата.
Изготвено на англиски и доставено на писмено на 6 февруари 2014 година, согласно член 77 ставови 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Søren NielsenIsabelle Berro-Lefèvre
СекретарПретседател
Full & Egal Universal Law Academy