© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр. 96
април 2007
Vilho Eskelinen and Others v. Finland - 63235/00
Judgment 19.4.2007 [GC]
Член 6
Граѓанска постапка
Член 6-1
Граѓански права и обврски
Спор во однос на правото на полициски персонал на посебен додаток: применлив член 6 (нов пристап во предметите во кои се вклучени државни службеници)
Факти: Првите апликанти работеле во окружната полиција, петмина како полицајци, а една апликантка како секретарка. Согласно колективниот договор од 1986 година тие имале право на посебен додаток за работа во оддалечена област. Кога во 1988 година им бил укинат додатокот, заради надоместување на разликата им биле дадени индивидуални додатоци на плата. Во 1990 година откако биле преместени во друга станица, која била на поголема оддалеченост од нивните домови, апликантите ги загубиле индивидуалните додатоци на плата. Меѓутоа, тие изјавиле дека Командата на провинциската полиција им ветила компензација. Во 1991 година Министерството за финансии го одбило барањето за одобрување месечен индивидуален додаток на плата на секој апликант во износ од 500 до 700 фински марки (84-118 евра). Апликантите подоцна поднеле барање за компензација, кое им било одбиено. Тие поднеле жалба, барајќи одржување усна расправа за да докажат, меѓу другото, дека им била ветена компензација. Нивната жалба била одбиена врз основа на тоа дека, во релевантното време, само Министерството за финансии (а не командата на провинциската полиција), можело да одобри компензација. Судот откри и дека во слични предмети не била доделена компензација. Апликантите повторно поднеле жалба, барајќи усна расправа и нагласувајќи дека додатоци им биле дадени и на други полицајци во слични околности. Во 2000 година Врховниот административен суд докажа дека апликантите немале законско право на индивидуални додатоци на плата и дека било непотребно да се одржи расправа, со оглед дека наводните ветувања дадени од командата на провинциската полиција немаат никакво влијание на предметот.
Во 2006 година Советот на Европскиот суд се одрекна од надлежноста во полза на Големиот совет.
Применливост на член 6(1) – Владата ја доведе во прашање применливоста на член 6 врз два основа. Прво, апликантите немаат „право“ на предметниот додаток на плата. Второ, во согласност со судската пракса на Судот споровите за државните службеници (како што се полицајци) и друг персонал кој работел во полициската администрација, во однос на нивните услови на извршување на службата, се исклучени од опфатот на член 6. Што се однесува до првата точка, Судот заклучи дека апликантите можеле врз аргументирани основи да го побараат правото и, според тоа, не постоела пречка за применливоста на член 6 во овој однос. Во однос на втората точка, Судот потсети дека, со цел отстранување на неизвесноста во претходната судска пракса во оваа област, во пресудата на Pellegrin v. France од 1999 година, тој вовел функционален критериум врз основа на природата на должностите и на одговорностите на вработениот. Судот пресуди дека единствените спорови исклучени од опсегот на член 6(1) биле оние што се однесуваат на јавните службеници чии должности претставуваат активности на јавната служба до степен до кој јавната служба дејствува како чувар на јавната власт одговорна за заштита на општите интереси на Државата или на другите јавни органи. Очигледен пример на такви активности се оружените сили и полицијата.
Меѓутоа, сегашниот предмет стави нагласок на тоа дека примената на функционалниот критериумм сама по себе може да доведе до несоодветни резултати. Во односното време, првите апликанти биле вработени во Министерството за внатрешни работи. Петмина од нив биле полицајци, што повлекувало директно учество во користење на овластувањата што им беа делегирани со јавното право и извршување должности со цел заштита на општите интереси на Државата. Функциите на секретарката биле чисто административни, без какви било надлежности за донесување одлуки или друго директно или индиректно користење јавни овластувања. Нејзините функции не се разликуваа од оние на која било друга секретарка вработена во јавна или во приватна компанија. При строга примена на пристапот „Pellegrin“ би изгледало дека втората апликантка би ги уживала гаранциите на член 6(1), додека, без сомнение, тоа не би бил случај со полицајците апликанти. Тоа би било така без оглед на фактот дека спорот бил идентичен за сите апликанти.
Откако го разгледа функционирањето на функционалниот критериум воведен во Pellegrin, Судот заклучи дека не ја поедноставил анализата на применливоста на член 6 во постапката во која еден државен службеник е страна, односно дека не внесол поголем степен на извесност во оваа област. Pellegrin, во однос на поранешната судска пракса, би требало да се разбере дека претставува прв чекор на оддалечување од претходниот принцип дека член 6 не се применува на државната служба. Тоа ја одразува основната премиса дека одредени државни службеници, поради нивните функции, се врзани со посебна врска на доверба и лојалност кон работодавецот. Од предметите што оттогаш се решавани, очигледно е дека во многу држави-потписнички на државни службеници им се дава пристап до суд, овозможувајќи им да поднесат барања за плата и надоместоци, дури и во однос на отпуштање или регрутирање, врз слична основа со вработените во приватниот сектор. Домашниот систем, во такви околности, не гледа никаков конфликт меѓу виталните интереси на Државата и правото на поединецот на заштита.
Според тоа, Судот реши да усвои нов пристап во оваа област, според кој, за да може тужената Држава да ја исклучи примената на член 6 врз основа на статусот на апликантот како државен службеник, мора да бидат исполнети два услова. Прво, Државата во своето национално право мора изречно да исклучила пристап до суд за предметната функција или категорија на персонал. Второ, исклучувањето мора да биде оправдано врз објективни основи во интерес на Државата. Самиот факт дека апликантот е во сектор или оддел кој учествува во користење овластувања дадени според јавното право, сам по себе не е решавачки. За да биде оправдано исклучувањето, не е доволно Државата да утврди дека државниот службеник за кој станува збор не учествувал во користење јавни овластувања или дека постои „посебна врска на доверба и лојалност“ меѓу државниот службеник и Државата како работодавец. Државата, исто така, треба да покаже дека предметот на спорот за кој станува збор е поврзан со користење државни овластувања или дека таа ја довела во прашање посебната врска. Според тоа, во принцип не може да има оправдување за исклучувањето од гаранциите на член 6 на обични спорови од работниот однос, како што се оние поврзани со плати, надоместоци или слични права, врз основа на односот од посебна природа меѓу определен државен службеник и предметната Држава. Всушност, би постоела презумпција дека се применува член 6. На тужената влада би било да покаже, прво, дека државната службеничка апликантката нема право на пристап до суд според националното право и второ, дека исклучувањето на правата според член 6 за државната службеничка било оправдано. Во предметот што се ревидира, не е оспорено дека сите апликанти имале пристап до суд според националното право.
Заклучок: Применлив член 6(1) (дванаесет спрема пет гласови).
Усогласеност со член 6 – Основано време: Периодот што треба да биде земен предвид за да се определи дали основаното временско барање било испочитувано почнало да тече дента кога апликантите ја поднеле својата апликација во Обласниот управен одбор во март 1993 година бидејќи не можеле да стигнат до Обласниот управен суд пред да добијат, на нивно барање за исправка, одлука против која би можеле да поднесат жалба. Постапката завршила со пресуда на Врховниот административен суд од април 2000 година и според тоа, траела повеќе од седум години. Во постапката пред Обласниот управен одбор имало одложување за кое Европскиот суд не најде доволно образложение.
Заклучок: повреда (четиринаесет наспрема три гласа).
Непостоење усна расправа: Во однос на жалбата на апликантите дека им била ускратена усна расправа, Судот забележа дека тие не биле спречени да побараат усна расправа, иако било до судовите да решат дали расправа е неопходна. Административните судови го разгледале барањето и ги дале причините зошто не го одобриле. Бидејќи на апликантите им биле дадени многу можности да го презентираат својот предмет во пишана форма и да коментираат за поднесоците на другата страна, барањата за праведност биле испочитувани и нема повреда на член 6 врз основа на непостоење усна расправа.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
Член 13 – Судот најде дека немало посебен правен начин со кој апликантите можеле да се пожалат за должината на предметната постапка, со цел да го забрзаат решавањето на нивниот спор. Според тоа, направена е повреда на член 13 во тоа што апликантите немале домашен правен лек со кој би можеле да го спроведат своето право на расправа во разумно време, како што е гарантирано со член 6.
Заклучок: повреда (петнаесет наспрема два гласа).
Член 1 од Протоколот 1 сам или во врска со член 14 – Апликантите се пожалиле дека националните власти и судови погрешно го примениле националното право кога го одбиле нивното барање. Судот потсети дека за едно барање да се смета за „вредно“ за да му се даде заштита од член 1 од Протоколот 1 тоа мора да има доволна основа во националното право, на пример, кога постои решена судска пракса на домашните судови што би ја потврдиле. Во предметот што се ревидира, од упатството за имплементирање следи дека апликантите немале легитимно очекување за примање индивидуален додаток на плата бидејќи, како последица на промена на станицата во која биле распоредени на должност, нивното право на додаток на плата престанало. Исто така, според домашното право не постоело право на надомест за трошоците за патување на работа. Во однос на член 14 од Конвенцијата, не може да постои простор за негова примена освен ако фактите што се во прашање не спаѓаат во опсегот на еден или на повеќе од членови.
Заклучок: нема повреда (едногласно).
Член 41 – 2.500 ЕУР за секој апликант во однос на нематеријална штета.
За дополнителни информации, видете Соопштение за печат бр. 243.
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy