© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 165
јули 2013 година
Vinter и други против Обединетото Кралство [ГСC] - 66069/09, 130/10 и 3896/10
Пресуда 9.7.2013 [ГСC]
Член 3
Понижувачко постапување
Нечовечко постапување
Казна доживотен затвор со можност за отпуст само во случај на смртно заболување или тежок инвалидитет: повреда
Факти – Во Англија и Велс кривичното дело убиство било казниво со задолжителна казна доживотен затвор. Пред влегувањето во сила на Законот за кривична правда од 2003 година надлежниот Министер бил овластен да утврдува временски периоди за затворениците кои издржуваат казна доживотен затвор во кои се посочува минималниот дел од казната кој мора да биде издржан пред затвореникот да исполни услови за условен отпуст. Од влегувањето во сила на тој Закон, таа надлежност ја врши само судијата од првостепениот суд. Затворениците чии казнени периоди [tariff] биле утврдени од надлежниот Министер согласно претходната практика можеле да побараат судска оцена на таа одлука од Високиот суд.
На сите тројца жалителите им биле издадени „наредби за издржување на целата казна доживотен затвор“ откако биле осудени за убиство. Таквата наредба значела дека кривичните дела кои ги извршиле се сметале за толку тешки да тие морале да останат во затвор доживотно освен ако Министерот ја искористел својата дискрециона надлежност да нареди отпуст од хумани причини ако е убеден дека постојат исклучителни околности, во пракса – смртно заболуваење или тежок инвалидитет. Наредбата за издржување на целата казна затвор во случајот на првиот жалител била издадена од судијата на првостепениот суд согласно Законот од 2003 година и потврдена од Апелациониот суд затоа што г-н Vinter веќе бил претходно осуден за убиство. Наредбите за издржување на целата казна доживотен затвор на вториот и третиот жалител биле донесени од Министерот согласно практиката која претходно се применувала, но, биле потврдени во постапка за судска оцена пред Високиот суд иницирана согласно Законот од 2003 година со одлуки кои потоа биле потврдени по жалба. Во случајот на вториот жалител, г-н Bamber, било воочено дека убиствата биле со умисла и имало повеќе жртви; овие фактори, заедно со сексуалното задоволување, исто така постоеле и во случајот на третиот жалител, г-н Moore.
Во нивните жалби до Европскиот суд, жалителите се жалеле дека изрекувањето на наредбите за издржување на целата казна доживотен затвор значело дека нивните казни практично не можеле да бидат намалени, спротивно на член 3 од Конвенцијата.
Со пресуда од 17 јануари 2012 година (види Информативна белешка бр. 148), Судски совет на Судот одлучил, со четири гласа за и три против, дека немало повреда на член 3 од Конвенцијата затоа што казните на жалителите не претставувале нечовечко или понижувачко постапување. Поконкретно, жалителите не докажале дека нивното понатомошно држење во затвор не служело за остварување на од пенолошки аспект легитимна цел. Судскиот совет исто го нагласил фактот дека наредбите за издржување на целата казна доживотен затвор кои им биле изречени на жалителите или биле неодамна изречени од судија на првостепен суд (во случајот на
г-н Vinter) или неодамна оценети од Високиот суд (во случајот на г-н Bamber и г-н Moore).
Право – Член 3: Големиот судски совет се согласил и го поддржал заклучокот на Судскиот совет дека казна која е очигледно несразмерна би го повредила член 3 од Конвенцијата иако тој критериум би бил исполнет само во ретки и исклучителни случаи. Во овој случај, жалителите не тврделе дека наредбите за издржување на целата казна доживотен затвор кои им биле изречени биле очигледно несразмерни, наместо тоа, тие тврделе дека отсуството на вграден процедурален услов за преоценување на тие наредби претставувало злоупотреба, не само, како што заклучил Судскио совет, кога повеќе немало од пенолошки аспект легитимни причини за оправдување на нивното понатамошно држење во затвор, туку од самиот момент кога таквите наредби биле издадени.
Судот повторил дека на државите договорнички мора да им биде дозволен простор за слободна оцена [a margin of appreciation] кога одлучуваат за соодветното траење на затворските казни за конкретни кривични дела и морале да бидат слободни да изрекуваат казни доживотен затвор за возрасни сторители за особено тешки кривични дела. Сепак, изрекувањето на казна доживотен затвор којашто не може да биде намалена на возрасен сторител би можело да доведе до прашање под член 3. При одлучувањето дали казната доживотен затвор во даден случај би можело да се смета дека не може да биде намалена, Судот би настојувал да утврди дали можело да се каже дека затвореникот има изгледи за отпуст. Кога националното право предвидувало можност за преоценување на казната доживотен затвор заради нејзино ублажување, намалување или условен отпуст на затвореникот, тоа би било доволно за да биде почитуван член 3.
Имало повеќе причини зошто, за казната доживотен затвор да остане компатибилна со член 3, морало да има и изгледи за условен отпуст и можност за преоценување на казната. Прво, се знаело дека затвореник не можел да биде лишен од слобода освен ако има од пенолошки аспект легитимни причини за тоа. Рамнотежата помеѓу причините за лишување од слобода не била нужно статична и можела да се промени во текот на издржувањето на казната. Само со преоценување на казната во соодветен момент од нејзиното издржување овие фактори или промени можеле правилно да се проценат. Второ, ставањето во затвор без никакви изгледи за отпуст или преоценување на казната носело ризик дека затвореникот не може никогаш да се искупи за кривичното дело, без разлика на тоа што и да прави во затвор и колку да бил исклучителен неговиот напредок кон рехабилитација. Трето, би било некомпатибилно со човековото достоинство државата присилно да му ја одземе слободата на поединецот без барем да му даде шанса некој ден тој да ја врати својата слобода. Понатаму, сега имало јасна поддршка во европското и меѓународното право за принципот дека на сите затвореници, вклучително и на оние кои издржуваат казна доживотен затвор, треба да им биде понудена можност за рехабилитација и изгледи за отпуст ако рехабилитацијата е успешна.
Затоа, член 3 требало да се толкува дека наложува казните доживотен затвор да може да бидат намалени, во смисла на тоа да постои преоценување со кое им се овозможува на домашните органи да одлучат дали било какви промени во животот на затвореникот се толку значајни и дека бил постигнат таков напредок кон рехабилитација во текот на издржувањето на казната, да неговото понатамошно држење во затвор повеќе не може да се оправда со од пенолошки аспект легитимни причини. Иако не била задача на Судот да ја пропише формата (административна или судска) на тоа преоценување или да утврди кога тоа треба да се преземе, документите од споредбеното и меѓународното право доставени до него покажувале очигледна поддршка за воведување на механизам за гарантирање на преоценување на казната не покасно од дваесет и пет години од изрекувањето на казната доживотен затвор, со понатамошно преоценување на периодични интервали после тоа. Казната доживотен затвор не би ги исполнила стандардите на член 3 кога домашниот закон на предвидувал можност за такво преоценување. На крај, иако потребната постапка за преоценување била иден настан кој нужно следувал после изрекувањето на казната, затвореникот кој издржувал казна доживотен затвор не требало да биде принуден да чека да поминат неопределен број на години од неговата казна пред да може да истакне жалбен навод дека правните услови на неговата казна не ги исполнувале критериумите на член 3. Затворениците кои издржуваат казна доживотен затвор имале право да знаат, од почетокот на издржување на нивната казна, што мора да направат за да бидат земени предвид за отпуст и под кои услови, вклучително и кога ќе има постапка за преоценување на казната и кога таа може да биде побарана. Затоа, кога домашното право не предвидувало било каков механизам или можност за преоценување на казна доживотен затвор, некомпатибилноста со член 3 настанала веќе во моментот кога била изречена казната доживотен затвор, а не покасно во текот на издржување на казната.
Владата тврдела пред Судот дека целта на Законот од 2003 година била процесот на носење на одлуки во врска со казни доживотен затвор да биде тргнат од рацете на управата, и тоа било причината за укинување на постапката за преоценување на казната од страна на надлежниот Министер која постоела претходно. Сепак, Судот сметал дека би било поконзистентно со законодавната цел да се предвиди дека преоценувањето после 25 години ќе биде вршено од страна на суд, отколу тоа да биде во целост елиминирано.
Судот исто така заклучил дека актуелниот закон во врска со изгледите за отпуст на затворениците кои издржуваат казна доживотен затвор во Англија и Велс бил нејасен. Иако член 30 од Законот од 1997 му давал на релевантниот Министер овластување да пушти на слобода било кој затвореник, вклучително и затвореник кому му е изречена наредба за издржување на целата казна доживотен затвор, Наредбата за затворска служба предвидувала дека отпуст можел да биде нареден само ако затвореникот бил смртно болен или со физички инвалидитет. Тоа биле многу рестриктивни услови и според Судот, отпустот од хумани причини од тој вид не би одговарал на она што се подразбира под „изгледи за отпуст“ во пресудата во случајот Kafkaris.
Затоа, со оглед на овој контраст помеѓу широката формулација на член 30 и исцрпно наброените услови од Наредбата за затворска служба, како и непостоењето на механизам за преоценување на наредбите за издржување на целата казна доживотен затвор, Судот не бил убеден дека, можело да се смета дека казните доживотен затвор кои им биле изречени на жалителите можеле да бидат намалени во смисла на член 3. Затоа условите од таа одредба не биле исполнети за ниту еден од тројцата жалители.
Сепак, Судот нагласил дека утврдувањето на повреда во случаите на жалителите не требало да се сфати дека им дава изгледи за неодложно да бидат отпуштени од затвор. Дали тие би биле пуштени на слобода или не, би зависело, на пример, од тоа дали сѐуште имало од пенолошки аспект легитимни причини тие и натаму да останат во затвор и дали тие требало да останат во затвор затоа што биле општествено опасни. Овие прашања не биле предмет на одлучување во овој случај, ниту пак биле истакнати такви аргументи пред Судот.
Заклучок: повреда (шеснаесет гласа за, и еден против).
Член 41: утврдувањето на повреда претставувало доволно правично задоволување за било каква нематеријална штета претрпена од првиот жалител. Останатите жалители немале поднесено барање во тој поглед.
(Види исто така Kafkaris протв Кипар [ГСC], 21906/04, 12 февруари 2008 година, Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 105; Iorgov против Бугарија (бр. 2), 36295/02, 2 септември 2010 година, Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 133; Schuchter против Италија (одлука), 68476/10, 11 октомври 2011 година, Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 145; и Harkins и Edwards против Обединетото Кралство, 9146/07 и 32650/07, 17 јануари 2012 година, Информативна белешка на судската пракса на Судот бр. 148)
© Совет на Европа / Европски суд за човекови права
Ова резиме изготвено од страна на Секретаријатот не го обврзува Судот.
Кликнете овде за Информативните белешки за судската пракса
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy