© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ ВОНА против УНГАРИЈА
(Жалба бр. 35943/10)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
9 јули 2013 година
ПРАВОСИЛНА
09/12/2013
Оваа пресуда стана правосила согласно член 44, став 2 од Конвенцијата. Пресудата може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Вона против Унгарија,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Guido Raimondi, Претседател,
Peer Lorenzen,
Dragoljub Popović,
András Sajó,
Nebojša Vučinić,
Paulo Pinto de Albuquerque,
Helen Keller, судии,
и Stanley Naismith, Секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 11 јуни 2013 година,
Ја објавува следната пресуда, којашто беше усвоена на горенаведената дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 35943/10) против Република Унгарија поднесена согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на унгарски државјанин, г-н Габор Вона, („жалителот“), на 24 јуни 2010 година.
2. Жалителот го застапуваше г-н Т. Гауди-Наѓ, адвокат од Будимпешта. Унгарската Влада („Владата“) ја застапуваше г-н
З. Талоди, агент, Министерство за јавна администрација и правда.
3. Жалителот тврдеше по член 11 од Конвенцијата дека распуштањето на здружението Magyar Gárda Egyesület, чиј претседател бил тој, ја повредило неговата слобода на здружување.
4. На 14 март 2012 година жалбата беше комуницирана до Владата. Исто така беше одлучено истовремено да се донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1).
5. На 12 јуни 2012 година Претседателот на одделот му дозволи на Европскиот центар за права на Ромите [European Roma Rights Centre], да интервенира како трета страна во постапката, согласно член 36, став 2 од Конвенцијата и правило 44, став 3 од Правилата на Судот.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот е роден во 1978 година и живее во Будимпешта.
7. На 8 мај 2007 година Magyar Gárda Egyesület (здружението Унгарска гарда – „Здружението“) било основано од страна на десет членови на политичката партија Jobbik Magyarországért Mozgalom (Движење за подобра Унгарија [Јобик]), чија декларирана цел, помеѓу останатото, била зачувување на унгарската традиција и култура.
8. На 18 јули 2007 година, Здружението го основало Magyar Gárda Mozgalom (движење Унгарската гарда – „Движењето“). Извршниот орган на Здружението изјавил дека донесол одлука „да ја формира Унгарската гарда, прво да дејствува како движење, а покасно со обид тоа да се интегрира како дел од Здружението“. Било исто така одлучено дека „со цел да се интегрира Унгарската гарда во Здружението, статутот на Здружението треба да биде изменет...до 10 октомври 2007 година.“
Целта на Движењето била дефинира како „одбрана на физички, духовно и интелектуално незаштитената Унгарија“. Во задачите преземени од Движењето, наброени во основачкиот акт, спаѓале физичи и психолошки тренинг на неговите членови, учество во справување со кризи и обезбедување на јавна безбедност, како и иницирање на социјален дијалог за овие прашња преку јавни настани.
9. На 4 октомври 2007 година канцеларијата на Јавниот обвинител во Будимпешта доставила допис до Здружението повикувајќи го да прекине со своите незаконски активности. Во дописот било воочено дека Здружението вршело активности кои не биле во согласност со неговите цели дефинирани во неговиот статус. Посебно, било забележано дека на 25 август 2007 година Здружението организирало заклетва на педесет и шестмина „гардисти“ во замокот Буда. Потоа, Здружението спровело национална кампања насочена кон популаризација на задачите на Движењето кои не биле во согласност со целите на Здружението. Било воочено дека некои цели на Движењето не биле во согласност со карактерот на Здружението како здружение за зачувување на културата и традицијата.
На 9 ноември 2007 година жалителот, како претседател на Здружението, ја известил канцеларијата на Јавниот обвинител дека незаконските активности биле прекинати со бришење на спорниот дел од основачкиот акт на Движењето, и дека тој иницирал измена на статутот на Здружението. Затоа, на 7 декември 2007 собранието на Здружението одлучило да ја додаде следната одредба на член 2 од статутот: „(ѓ) Во согласност со неговото име, здружението Унгарска гарда има за цел вклучување во дијалог со општеството и одржување на јавни настани и собирање на граѓани за прашања кои влијаат врз нивната безбедност, како што се справување со кризи, национална одбрана и техники за спасување на живот“.
10. Наводно во остварување на тие цели, членови на Движењето облечени во униформа потоа одржувале собири и демонстрации низ Унгарија, вклучително и во села со бројно ромско население, и повикувале на одбрана на „етничките Унгарци“ од таканаречениот „цигански криминал“. Овие демонстрации и собири не биле забранети од надлежните органи.
Една од тие демонстрации, на која имало околу двестотини активисти, била организирана во Татарсентѓерѓ, село со околу 1,800 жители, на 9 декември 2007 година. Полицијата била присутна и не дозволила маршот да помине низ улица на која живееле ромски семејства.
11. Реагирајќи на овој настан, на 17 декември 2007 година канцеларијата на Главниот обвинител во Будимпешта поднела барање до суд за распуштање на Здружението. Барањето било засновано на наводна злоупотреба на правото на слобода на здружување од страна на Здружението и на фактот што тоа вршело активности со кои се повредувале правата на Ромите и со кои се создавал страв помеѓу нив преку говори и преку нивниот изглед, што значи, од страна на активисти кои носеле униформи, кои марширале како воена единица и со издавање на команди во воен стил.
Од канцеларијата на Главниот обвинител сметале дека Движењето претставува дел од Здружението, и дека неговото дејствување всушност било значителен дел од активностите на Здружението. Од канцеларијата тврделе дека Движењето не било „спонтана заедница“, затоа што сите негови членови биле регистрирани, и нагласиле дека тоа било формирано од претседателството на Здружението, дека пријавите за членство биле оценувани од Здружението и дека униформата на Движењето можела да се купи од Здружението.
12. Во постапката по барањето на обвинителот, Здружението тврдело дека немало организациона поврзаност со Движењето од таков вид да доведе до единство помеѓу нив, и затоа, Здружението тврдело дека тоа нема никаква одговорност за Движењето. Здружението исто така изјавило дека, во секој случај, активностите на Движењето не претставувале објективна опасност за никого. Според Здружението, субјективно чувство на страв не можело да доведе до никакво ограничување на основни права, вклучително и на слободата на здружување, а ако се погледнело објективно однесувањето на Движењето не било заплашувачко.
13. После одржување на четири рочишта Регионалниот суд во Будимпешта го прифатил барањето на канцеларијата на Главниот обвинител и донесол одлука за распуштање на Здружението согласно член 16, став 2 (г) oд Законот бр. II oд 1989 година за правото на слобода на здружување (види параграф 18 подолу).
Судот не ги прифатил аргументите за постоењето разлика помеѓу двата субјекти и заклучил дека постоел „однос на симбиоза“ помеѓу нив. Судот заклучил дека клучна активност на Здружението била основањето, дејствувањето, раководењето и финансирањето на Движењето, забележувајќи, помеѓу другото, дека Движењето добивало донации преку банкарската сметка на Здружението. Правното дејство на пресудата сепак било ограничено на распуштање само на Здружението, затоа што судот сметал дека Движењето нема правен субјективитет, и пресудата не се однесувала директно на него.
Што се однесува на собирот во Татарсентѓерѓ, Регионалниот суд одлучил:
„Суштинската цел на настанот беше всушност да се стави акцент на „циганскиот криминал“. Употребата на оваа генерализација, јасно заснована на расни и етнички основи, го повреди принципот на човековото достоинство... Понатаму, ова не е само еден изолиран настан ... Движењето ја заснова својата програма врз дискриминација на луѓето и ја изразува таа програма преку маршеви во неколку случаи; тоа претставува демонстрација на сила и заканување на другите преку изгледот на [учесниците на маршевите]. ... Судот е на мислење дека, од гледна точка на уставното право, да се има речиси како мисија предизвикување на страв, е неприфатливо како цел или улога.“
14. Судот воочил дека учесниците, кои биле униформирани, носеле амблеми слични на војниците на формациите на Стреласти крстови (одговорни за ширењето на терор во Унгарија 1944/45). Судот зазел став дека маршевите со учесници кои се така облечени објективно можеле да повредат „историски чувствителни прашања“.
Судот понатаму изјавил дека, и покрај декларираната цел на Здружението, неговите активности ги прекршувале унгарските закони за здруженија и создавале атмосфера на антиромски чувства. Според судот, вербалната и визуелна демонстрација на сила сама по себе доведувала до повреда на законот, со оглед на историското искуство, затоа, за распуштање на Здружението не било потребно тоа да изврши кривично дело: фактот што неговата програма содржела дискриминација претставувал загрозување на правата на другите во смисла на член 2, став 2 [од Законот бр. II oд 1989 година] (види параграф 18 подолу).
15. На 2 јули 2009 година Апелациониот суд во Будимпешта ја потврдил пресудата на Регионалниот суд. Судот исто така разгледал две слични демонстрации организирани од Движењето, во селото Фад на 21 јуни 2008 година и во селото Старбогард на непозната дата. Судот воочил дека во говорите на членови на движењето во текот на собирот во Фад имало бројни коментари насочени кон исклучување на Ромите. Што се донесува на собирот во Старобогард, Апелациониот суд забележал дека имало неколку антисемитски изјави.
Овој суд утврдил поблиска врска помеѓу двата субјекта, проширувајќи го опсегот на пресудата и врз Движењето. Судот одлучил дека Здружението всушност го имало Движењето како своја „единица“; и затоа, пресудата се однесувала и на двата субјекта. Со распуштањето на Здружението престанувала и организационата група на лица кои дејствувале во рамките на движења поврзани со Здружението.
Судот одлучил дека на изборот на локации за одржување на демонстрациите, што значи села со многубројно ромско население, не можело да се гледа како на социјален дијалог, туку како на екстремна форма на изразување во контекст на квазивоена демонстрација на сила која се состоела од кумулативен ефект на униформи во воен стил, единици, команди и поздрави. Апелациониот суд, иако ја потврдил суштината на аргументите на Регионалниот суд, тврдел дека населението во селата како „публика заробеник“ било подложено на овие екстремистички и исклучувачки ставови без да може да го избегне нивното слушање. Според судот, настаните организирани од Движењето претставувале ризик од насилство, генерирале конфликт, го кршеле јавниот ред и мир и го повредувале правото на слобода и безбедност на жителите на селата, и покрај фактот дека сите демонстрации, кои биле под силна полициска контрола, завршиле без акти на насилство.
Судот исто така ја анализирал слободата на изразување на жалителот. Судот потврдувајќи ги аргументите од првостепената пресуда и цитирајќи ја судската пракса на Судот, кажал дека оваа слобода не се однесува на говорот на омраза или на повикувањето на насилство.
16. На 15 декември 2009 година Врховниот суд ја потврдил пресудата на Апелациониот суд во Будимпешта. Судот се согласил со заклучокот на Апелациониот суд дека Движењето всушност било субјект во рамките на Здружението. Судот исто така се согласил со пониските судови во однос на неопходноста за распуштање на Здружението, посочувајќи дека собирите на Движењето предизвикале ситуации на конфликт чии учесници потенцијално можеле да употребат насилство.
Оваа одлука била доставена на 28 јануари 2010 година.
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО
17. Уставот, во верзијата во која важел во релевантниот период, ги содржел следните одредби
член 2
„(3) Активностите на општествени организации, владини органи или индивидуални граѓани не смеат да бидат насочени кон насилно преземање или вршење на јавна власт или кон исклучиво вршење на таа власт. Секој има право и обврска да се одбрани од такви активности на начини дозволени со закон.“
член 63
„(1) Во Република Унгарија секој има право, врз основа на правото на здружување, да основа организации чии цели не се забранети со закон и да членува во такви организации.
(2) Формирањето на вооружени организации со политички цели не е дозволено врз основа на правото на здружување.
(3) Двотретинско мнозинство на гласови од присутните пратеници е потребно за донесување на закон за правото на здружување и за финансирање и дејствување на политичките партии.“
18. Законот бр. II oд 1989 година за правото на слобода на здружување го предвидува следното:
член 2
„(1) Врз основа на правото на здружување, приватни лица, правни лица и нивни субјекти кои немаат правен субјективитет можат, во согласност со целите на нивните активности и намерата на нивните основачи, да основаат и да раководат со организации на граѓанското општество.
(2) Остварувањето на правото на здружување не смее да го повреди член 2, став 3 од Уставот, ниту пак смее да претставува кривично дело или повикување кон вршење на кривично дело, и не смее да ги загрозува правата и слободите на другите.“
член 3
„(1) Граѓанска организација е доброволно основана самоуправувачка организација формирана за остварување на цел декларирана во основачкиот акт, којашто има регистрирани членови и која ги организира активностите на своите членови за остварување на таа цел.
(2) Членови кои не се регистрирани може да учествуваат на настани од големи размери“.
член 4
„(1) ... граѓанска организација започнува да постои со нејзино регистрирање пред надлежен суд.“
член 5
„Заедница на приватни лица формирана врз основа на правото на здружување, чие дејствување не е редовно или којашто нема регистрирани членови или структура прецизирани со овој Закон, нема да претставува граѓанска организација.“
член 16
„(2) По барање на јавниот обвинител, судот:
(г) ќе донесе одлука за распуштање на граѓанска организација со чие дејствување се крши член 2, став 2; ...“
Правниот статус на здруженијата може накусо да се опише на следниот начин. Здружението чии активности не служат во јавен интерес не може да биде поддржувано од поединци преку донации кои се ослободени од оданочување и нема право да добива други донации или да се пријави за државни субвенции, затоа што тие привилегии се резервирани за организации од јавен интерес согласно одредбите на Законот бр. CXXVI oд 1996 и Законот бр. CLXXV oд 2011 година. Сепак, Законот бр.. LXXXI oд 1996 година предвидува дека приходот кој се стекнува од нелукративни активности на било кое здружение е ослободен од данок за компании и дека бизнис активностите на здружението се предмет на оданочување по повластена стапка. Покрај тоа, согласно Законот бр. CXVII oд 1995 година, правилата за повластени даночни стапки за приход се применуваат и за определени услуги кои ги обезбедуваат здруженијата и за определени исплати и придонеси за социјално осигурување кои тие ги исплаќаат. Понатаму, Законот бр.. IV oд 1959 година (Граѓанскиот законик) предвидува дека членовите на едно здружение не се одговорни за неговите долгови.
19. Законот бр. LXXVII oд 1993 година за правата на национални и етнички малцинства, во верзијата која важела во релевантниот период, предвидувал:
член 4
„(1) Република Унгарија ги забранува сите политики или секое однесување:
(a) кое е насочено кон или резултира со асимилација на малцинството со мнозинскиот народ, или негово исклучување или сегрегација;
(б) кое е насочено кон промена националниот или етничкиот состав во области населени со малцинства;
(в) со кое се врши прогонување или се загрозува животот или попречува остварувањето на правата на некое малцинство или на лицата кои припаѓаат на малцинство поради нивното припаѓање на малцинство; ...“
20. Законската уредба бр. 8 од 1976 година, со која се инкорпорира Меѓународниот пакт за граѓански и политички права усвоен од Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации на неговото XXI заседание на 16 декември 1966 година, го предвидува следното:
Член 20
„2. Секое заговарање на национална, расна или верска омраза кое претставува повикување на дискриминација, непријателство или насилство е забрането со закон.“
21. Законската уредба бр. 8 од 1969 година, со која се инкорпорира Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација усвоена во Њујорк на 21 декември 1965 година, го предвидува следното:
член 1
„1. Во оваа Конвенција, поимот „расна дискриминација“ ќе означува секаква разлика, исклучување, ограничување или давањето првенство засновано на раса, боја на кожа, предците, или национално или етничко потекло, коешто има за цел или последица укинување или компромитирање на признавањето, уживањето или остварувањето, на еднаква основа, на човековите права и основни слободи во политичката, економската, социјалната, културната и секоја друга област на јавниот живот.“
член 2
„1. Државите договорнички ја осудуваат расната дискриминација и се обврзуваат дека ќе ги употребат сите соодветни средства и без одлагање да остваруваат политика на елиминација на расната дискриминација во сите нејзини форми и промовирање на разбирање помеѓу сите раси, и, за таа цел; ...
(г) Секоја држава договорничка ќе забрани и ќе стави крај, со сите соодветни средства, вклучително и со закон ако е тоа наложено од околностите, на расната дискриминација од страна на било кои лица, група или организации; ...“
член 4
„Државите договорнички ја осудуваат секоја пропаганда и сите организации кои ... се обидуваат да оправдаат или промовираат расна омраза и дискриминација од било која форма, и се обврзуваат да ...
(a) да го прогласат за кривично дело казниво според закон секое ...поттикнување на расна дискриминација...како и давањето на било каква помош на расистички активности, вклучително и нивното финансирање;
(б) да ги прогласат за илегални и да ги забранат организациите, како и сите други организирани и други пропагандни активности, кои промовираат и поттикнуваат расна дискриминација, ќе го прогласат учеството во такви организации или активности за кривично дело казниво со закон;...“
22. Одлуката бр. 30/1992 (V. 26) AB донесена од Уставниот суд ги содржи следните пасуси:
„II. 3. Кривичните закони на сите демократски европски земји со континентални правни системи, како и оние на Англија и Велс, Канада и Нов Зеланд, кои имаат англосаксонски правен систем, забрануваат поттикнување на „расна“ основа. Демаркацијата на границата помеѓу поттинување, разгорување омраза и изразувањето на мислење останува предмет на жестоки дебати дури и на меѓународен план.
IV. 1. Потенцијалните негативни последици од поттинувањето на омраза, и од понижувачки изрази на презир кон определени групи во едно население се обемно документирани во аналите на човековото искуство. ...
Tрагичните историски искуства на нашиот век докажуваат дека ставовите кои заговараат расна, етничка, национална или верска инфериорност или супериорност и ширењето на идеи на омраза, презир и исклучување ги загрозуваат вредностите на човековата цивилизација.
И историјата и настаните од наше време докажуваат дека секоја изјава со која се изразува намера за предизвикување омраза кон конкретна група на луѓе може да ја доведе социјалната тензија до екстреми, да ја наруши социјалната хармонија и мир и во екстремни случаи може да доведе до насилни судири помеѓу определени групи во општеството.
Покрај историските и современите искуства кои ги докажуваат исклучително штетните последици од разгорувањето омраза, потребно е да се земат предвид заканите од секојдневието кои се последица на неограничено изразување на идеи и концепти кои може да предизвикаат омраза. Таквите изразувања ги спречуваат заедниците да живеат во заедница со други групи. Зајакнувањето на емоционалните и социјалните тензии во рамките на помали или поголеми заедници, може да ги уништи врските во општеството, да ги зајакне екстремистичките ставови и да доведе до пораст на предрасудите и нетолеранцијата. Сето тоа доведува до намалување на шанските за создавање на толерантно и мутликултурно општество кое го признава плурализмот, правото да се биде поинаков и еднаквото достоинство на сите луѓе, и во кое дискриминацијата не се смета за вредност.
2. Давањето на уставна заштита на разгорувањето омраза кон определени групи преку слободата на изразувањето и печатот би претставувало нерешлива контрадикција на вредносниот систем и политичката ориентација изразени во Уставот, што значи, владеењето на правото, еднаквоста на луѓето, еднаквото достоинство, забраната за дискриминација, слободата на религијата и совеста и заштитата на националните и етничките малцинства, признати со повеќе членови на Уставот. ...
Поттикнувањето на омраза е негација на горенаведените идеи, тоа е емоционална подготовка за употреба на насилство. Тоа е злоупотреба на слободата на изразувањето, затоа што е нетолерантна класификација на една група, карактеристична за диктаторски режими, а не за демократиски држави. Толерирањето на користењето на слободата на изразувањето и печатот на начин кој е забранет со член 269, став 1 од Кривичниот закони би било спротивно на критериумите кои произлегуваат од демократското владеење на правото. ...
Како резиме на својот став, Уставниот суд посочува дека ограничувањето на слободата на изразувањето и на печатот е неопходно и оправдано поради негативните историски искуства во врска со разгорувањето на омраза кон определени групи на луѓе, со заштитата на уставните вредности и обврската на Република Унгарија да ги исполни своите обврски согласно меѓународното право. ...“
23. Одлуката бр. 14/2000 (V. 12) AB донесена од Уставниот суд ги содржи следните пасуси:
„3. Слободата на изразување на своето мислење не е само субјективно право, туку исто така и гаранција за слободното изразување на различни ставови преку кои се формира јавното мислење. ...
Иако ова право може да се ограничи, тоа ужива посебна заштита поради неговата примарна улога, и затоа може да биде ограничено само во однос на неколку други права. Затоа, секундарни теоретски вредности како што е јавниот мир уживаат помала заштита отколку засегнатото право. ...
Како и правото на живот, правото на човеково достоинство ужива многи висока заштита во Уставот ... Уставот не е вредносно неутрален, туку има свои вредности. Изразувањето на мислења кои не се во согласност со уставните вредности не е заштитено со член 61 од Уставот. ...
Уставниот суд посочува дека, исто така и според Конвенцијата, слободата на изразувањето со себе носи „должности и одговорност“. Сите државни органи се обврзани да ги штитат вредностите на демократска држава во согласност со владеењето на правото и да го почитуваат достоинството на луѓето. Мора да бидат преземени мерки против однесување со кое се покажува сила, омраза и конфликт. Отфрлањето на употребата на сила или заканата за употреба на сила како начин на решавање на конфликти е дел од комплексниот концепт на демократијата.“
24. Одлуката бр. 18/2004 (V. 25) AB донесена од Уставниот суд го содржи следниот пасус:
„III. 2.1. ... Дури и во случај на екстремистички мислења, не содржината на мислењето, туку директните и предвидливите последици од неговото изразување се тоа што оправдува ограничување на слободното изразување и примена на правни мерки согласно граѓанскиот, или во определени случаи, кривичниот закон.“
25. Одлуката бр. 95/2008 (VII. 3) AB донесена од Уставниот суд ги содржи следните пасуси:
„III. 3.4. ... Целта на измената [на Кривичниот законик] е да се казни говорот и гестите на омраза дури и ако оштетената страна не може да се идентификува. Како последица на тоа со измената нема да се казни само однесување со кое се повредува честа и достоинството на определени лица, туку сите форми на говор на омраза, вклучително и расистички изјави кои содржат генерализации, што значи дека „засегнатите“ страни или странките кои се сметаат себеси за „засегнати“ не се принудени да учествуваат или да следат комуникација помеѓу лица кои искажуваат омраза или да се соочат со мисли на омраза во определени медиуми. ... Екстремистичките гласови не се замолчуваат во уставните демократии само поради нивната содржина. Во едно демократско општество таквиот генерализирачки, расистички говор не може да го промени фактот дека, од перспектива на државата, секој граѓанин е еднакво вреден и ги има истите основни права.
Каква што е во моментот, со измената исто така би се казнувал говор кој содржи само такви генерализации. Учеството во комуникацијата од страна на лица кои припаѓаат на групата којашто е нападната, што значи слушање или нивна изложеност на било каков начин на расистички изјави, не е законско обележје на кривичното дело дефинирано со измената.
Сепак, токму тие се случаите во кои изразувањето на мислење може да ја навреди не само чувствителноста или чувството на достоинство на определени лица, туку исто така и нивните уставни права. На пример, таков е случајот ако извршителот ги изрази неговите екстремистички политички убедувања на начин да лице кое припаѓа на оштетената група е принудено да слуша во состојба на застрашување, и не е во позиција да ги избегне [„публика заробеник“]. ... Во овој случај, правото на засегнатото лице да не слуша или да не биде запознаено со невкусно или навредливо мислење заслужува заштита. ...
Лицата припаѓаат не само на заедницата на државјани, туку и на потесната група или заедница. Едно лице може, по основ на неговата припадност на таква група, да биде изложено на повреда од таква тежина и интензитет да употребата на кривични санции може да биде оправдана заради исправување на повредата.“
III. Забелешки на меѓународни органи за мониторинг на човековите права
26. Завршните забелешки на Комитетот за човекови права на Организацијата на Обединетите нации во однос на Унгарија (усвоени во Женева, 11-29 октомври 2010 година) го содржат следниот пасус:
„18. Комитетот е загрижен за распространетите антиромски изјави на ... членови на расформираната Magyar Gárda. ... Понатаму, Комитетот е загрижен за рестриктивното толкување кое Уставниот суд му го даде на член 269 од Кривичниот законик на поттикнувањето на насилство, кое може да е некомпатибилно со обврските на државата договорничка од член 20.“
27. Извештајот на Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) за Унгарија (четврти мониторинг циклус), усвоен на 20 јуни 2008 година, ги содржи следните пасуси:
„61. ... Има загрижувачки пораст на расизмот и нетолеранцијата во јавниот дискурс во Унгарија. Посебно, создавањето и јакнењето на радикалната десничарска Унгарска гарда (Magyar Garda) ... постојано се споменува како причина за длабока загриженост. Од нејзиното формирање во август 2007 година и јавната заклетва на неколку стотини нови членови во октомври 2007 година, Унгарската гарда организираше бројни јавни собири низ целата земја, вклучително и со села со многубројно ромско население, и покрај навидум безопасниот основачки акт, една од главните пораки на групата е одбрана на етничките Унгарци од таканаречениот „цигански криминал“. Членовите на Унгарската гарда парадираат во координирани црни чизми и униформи во паравоен стил, со обележја и знамиња кои наликуваат на знамето на Партијата на стреластите крстови, организација која била отворено нацистичка и која кратко била на власт во Унгарија во текот на Втората светска војна, и во текот на чие владеење десетици илјади Евреи и Роми биле убиени или депортирани.
73. ... Групи како што е Унгарската гарда отворено искажуваат антисемитски ставови, ... изразувањето на антисемитски мислења е во пораст во Унгарија во моментот.“
28. Tретото мислење за Унгарија на Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства, усвоено на 18 март 2010 година, го содржи следниот пасус:
„75. Од нејзиното формирање во 2007 година, Унгарската гарда (Magyar Gárda), има организирано бројни јавни собири низ целата земја, вклучително и во село со многубројно ромско население, во текот на кои членови на Унгарската гарда парадираат во координирани, црни чизми и униформи во паравоен стил, со нацистички обележја и знамиња. ... Советодавниот комитет е загрижен од ова заканувачко однесување.“
IV. CПОРЕДБЕНО ПРАВО
29. Германскиот Сојузен уставен суд одлучил, во пресудата во случајот “Stoppt den Synagogenbau!” (BVerfGE, 111, 147 – Inhaltsbezogenes Versammlungsverbot) (23.06.2004), дека заради избегнување на опасност за јавниот ред, било возможно да се ограничи слободата на здружување ако се работело за Art und Weise, што значи, ако причини за загриженост давал начинот на организирање на собирот, а не неговата содржина. Затоа, било дозволиво да се ограничи „агресивното и провокативно однесување на учесниците со кое се заплашуваат граѓанките и преку кое демонстрантите создаваат атмосфера на насилна демонстрација и потенцијална подготвеност за насилство.“ Во однос на есктремно десничарскиот марш одржан на Денот на Холокаустот, судот одлучил понатаму дека „начинот [на организирање на собирот] може да довел до провокација којашто значително ги повредувала моралните чувства (sittliches Empfinden)”. Во однос на начинот на кој што собирот бил спроведен, Сојузниот уставен суд исто така му придал важност на провокативното однесување на протестантите. Судот додал дека истото важело „кога поворка, поради нејзината сѐвкупна природа (durch sein Gesamtgepräge) се идентификува со ритуали и симболи на нацистичката тиранија и заплашува други граѓани преку евоцирање на хоророт на претходниот тоталитарен и нечовечки режим“.
30. Во контекст на распуштањето на здружение, Сојузниот управен суд, во пресудата BVerwG 6 A 3.08 (05.08.2009), ја резимирал неговата судска пракса во врска со забранување на здруженија, на следниот начин:
16. Дали целите и активноста на едно здружение се казниви со кривичен закон или не, ќе зависи од намерите и однесувањето на неговите членови. Здружението како такво не може да биде кривично одговорно. Само физичките лица може да бидат казнети согласно кривичниот закон затоа што криминалитетот подразбира способност да се сноси кривична одговорност [Schuldzurechnungsfähigkeit], којашто ја имаат само физичките лица. Јасно е од член 3, став 5 од Законот за здруженија [VereinsG], дека е сепак законски возможно здружение да биде кривично одговорно затоа што здружението може да формира, преку неговите членови и органи кои го претставуваат, колективна волја којашто е одделна од поединечните членови и која развива своја сопствена намена [Zweckrichtung] и може да дејствува независно. Ако кривичниот закон е прекршен како последица на оваа намена или како последица на индивидуални акти на здружението, сите услови за примена на забрана [Verbotstatbestand] се исполнети. Одлучувачки фактор во овој контекст е дека однесувањето на членовите може да му биде припишано на здружението. Карактерот на здружението мора да биде детерминиран [prägen] од кривичните дела [Strafgesetzwidrigkeit] извршени од страна на неговите членови. Едно здружение може да се бори истворемено за различни цели; покрај легалната цел дефинирана во неговите правила, тоа може исто така да остварува криминални цели кои ги постигнува преку постапки на своите членови. ...
17. Забранувањето на некое здружение засновано на член 3, став 1, прва реченица, прва алинеја, од Законот за здруженија во врска со првата реченица од член 9, став 2 од Основниот закон, е де јуре независно од кривична осуда на член или функционер на здружението. Во надлежност на органот кој ја донесува одлуката за забрана и на управниот суд е да оценат дали имало прекршување на кривичниот закон [Gesetzeswidrigkeit]. Сепак, целта на забраната [Verbotstatbestand] не е да се наметне дополнителна санкција на поединци кои веќе ги прекршиле одредбите на кривичниот закон. Целта [на одредбата] е да се справи со конкретна закана за јавната безбедност и јавниот ред изразена во основање или продолжување со постоење на организација којашто планира или извршува кривични дела. Таквите организации претставуваат посебна закана за интересите [Rechtsgüter] заштитени со кривичниот закон. Движењето на самата организација и нејзините човечки и материјални ресурси овозможуваат и промовираат дела кои се казниви. Во исто време, чувството за одговорност на секој член е често намалено, индивидуалниот отпор кон извршување на кривични дела е ослабен, а се создава поттик за извршување на нови кривични дела (пресуда од 18 октомври 1988 година, op. cit., стр. 307 и стр. 23-24; Löwer, во: v. Münch/Kunig, GG, том 1, 5-то издание 2000, забелешка 39 и член 9).”
Германскиот Сојузен управен суд постојано има потврдувано одлуки за распуштање на здруженија кои поддржувале (нео)нацистички идеи. Во неговата пресуда Heimattreue Deutsche Jugend (BVerwG 6 A 4.09 (01.09.2010), во која членовите на здружението промовирале нацистички расистички студии и идеи, Сојузниот управен суд ја повторил релевантната судска пракса, кажувајќи дека за да ги исполни условите за забрана здружението мора да имало намера да ги оствари своите противуставни цели на милитантен или агресивен начин, услов кој не наложувал употреба на сила или определена повреда на законот. За да се утврди неуставна цел која оправдува забрана на здружението, доволно било програмата, сликите кои тоа ги користи и стилот да покажуваат суштинска поврзаност со нацизмот. Фактот што едно здружение се поврзува со Нацистичката партија (забранета во Германија), или се пропагира расна теорија којашто не е во согласност со уставната забрана за дискриминација бил доволен да се исполнат условите за забрана на здружението. Ако некое здружение се обидело да ги сокрие своите противуставни намери, условите за забраната би станале јасни едноставно преку општата слика која даваат индивидуалните изјави и однесување. Фактот дека тие елементи може да се чинат како подредени на различниот број на безопасни околности не кажува сам по себе ништо за нивното значење.
31. Врховниот суд на Соединетите Американски Држави го разгледал проблемот на заплашување во Вирџинија против Блек [Virginia v. Black], 538 U.S. 343 (2003). Еден закон на Вирџинија го предвидува како казниво дело „фактот било кое лице ..., со намера да заплаши некое лице или група ... , да изгори ... крст на имот на некој друг, на пат или друго јавно место,“ и прецизира дека „секое такво палење ... ќе биде prima facie доказ за намера за заплашување на лице или група.“
Врховниот суд одлучил дека палењето на крст во Соединетите Американски Држави било неделиво поврзано со историја на Ку Клукс Кланот. Кланот често користел палење на крстови како средство за заплашување и закана за неодложно насилство. Според судот, до денес, без оглед на тоа дали пораката била политичка или исто така требало и да заплаши некого, палењето на крст било „симбол на омраза“. Иако палењето на крст не морало нужно да дава порака на заплашување, често тој што го палел крстот имал намера примателите на пораката да се плашат за своите животи. Првиот амандман на Уставот на Соединетите Американски Држави дозволувал државите да забрануваат „вистински закани“ во кои спаѓале такви изјави во кои говорникот имал намера да пренесе сериозен изразување на намера да изврши акт на незаконито насилство кон конкретен поединец или група на поединци. Говорникот не морало и фактички да ја спроведе заканата. Според судот, забраната на вистински закани ги штитела поединците од страв од насилство и вознемирувањето кое се создавало поради тој страв, како и од можноста дека заканата за насилство ќе биде реализирана. Заплашувањето во онаа смисла на зборот која е забранета со уставот било вид на вистинска закана, каде говорникот ја насочувал заканата кон лице или група на лица со намера кај жртвата да создаде страв од телесна повреда или смрт. Првиот амандман дозволувал Вирџинија да забрани палење на крстови направено со намера на заплашување, затоа што палењето на крст било особено моќен начин на заплашување.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 11 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
32. Жалителот се жалеше дека распуштањето на Здружението со кое тој претседавал претставувало повреда на неговото право на слобода на здружување гарантирано со член 11 од Конвенцијата, кој гласи:
„1. Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни за националната безбедност, јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на злосторства, заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. Со овој член не се забранува наметнување законски ограничувања за припадниците на оружените сили, полицијата или државната администрација.“
Владата го оспори тој аргумент.
A. Допуштеност
33. Според Владата, жалбата требала да се прогласи за недопуштена затоа што била неспојлива ratione materiae со одредбите на Конвенцијата во светло на член 17, затоа што Здружението давало институционална рамка за изразување на расна омраза кон еврејските и ромските граѓани. Таа обрна внимание на фактот дека меѓународните тела за мониторинг на човековите права (како што се Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства и Европската комисија против расизам и нетолеранција, види параграфи 26 до 28 погоре) исто така искажале загриженост за заканувачките ефекти од униформата, обележјата и знамињата кои се користеле при демонстрации на Движењето.
34. Владата се повика на судската пракса на органите на Конвенцијата, вклучувајќи ја одлуката на Судот во Garaudy против Франција (24 јуни 2003 година, бр. 65831/01, ECHR 2003-IX (извадоци)). Таа посочи дека, кога жалителите се повикувале на правото на слобода на изразување за оправдување на објавувањето на текстови со кои се повредува духот на Европската конвенција за човекови права и суштинските вредности на демократијата, Европската комисија за човекови права го применувала член 17 од Конвенцијата, или директно или индиректно, при отфрлање на нивните аргументи и прогласување на жалбите за недопуштени (во тие примери спаѓале Glimmerveen и Hagenbeek против Холандија, бр. 8348/78 и 8406/78 (споени жалби), одлука на Комисијата од 11 октомври 1979 година, Одлуки и извештаи (ОИ) 18,стр. 187, и Pierre Marais против Франција, бр. 31159/96, одлука на Комисијата од 24 јуни 1996 година, ОИ 86,стр. 184). Според Владата, Судот потоа го потврдил тој пристап (Владата се повика на Lehideux и Isorni против Франција, 23 септември 1998 година, параграфи 47 и 53, Збирки на пресуди и одлуки 1998-VII). Понатаму, таа посочи дека, во случај кој се однесувал на член 11 (W.P. и други против Полска (одлука), бр. 42264/98, 2 септември 2004 година, Збирки 2004-VII), Судот забележал дека „генералната цел на член 17 е да спречи тоталитарни групи во свои интереси да ги злоупотребуваат принципите изразени со Конвенцијата.“ Судот имал слични заклучоци во случаите Norwood против Обединетото Кралство ((одлука), бр. 23131/03, 16 ноември 2004 година, Збирки 2004-XI), Witzsch против Германија ((одлука), бр. 7485/03, 13 декември 2005 година; Владата како спротивен случај го цитираше Vajnai против Унгарија (бр. 33629/06, параграф 25, ECHR 2008)).
35. Жалителот во својот одговор тврдеше дека активностите на Здружението не претставувале злоупотреба на правото на слобода на изразување и здружување, неговата цел била враќање на владеењето на правото преку заштита на граѓаните од криминалци. Здружението не било инволвирано во никаква активност насочена кон уништување на било кое од правата и слободите предвидени во Конвенцијата,
36. Судот на почетокот забележува дека, за разлика од случаите цитирани од Владата кои се однесуваат на правото на слобода на изразување, оваа жалба се однесува на правото на жалителот на слобода на здружување, и на прилично сериозно ограничување на тоа право, кое довело до престанок на правното постоење на Здружението. Затоа, оваа жалба требало да се разликува од оние на кои се повикала Владата. Во однос на тие случаи, Судот забележува дека, посебно во Garaudy и во Lehideux и Isorni (цитирани погоре), станувало збор за оправдување на политики слични на нацизмот. Затоа, утврдувањето на злоупотреба согласно член 17 било последица на фактот дека на член 10 се повикале групи со тоталитарни мотиви.
37. Во овој случај пак, Владата не тврдеше дека жалителот изразил презир кон жртвите на тоталитарниот режим (спореди со Witzsch (цитиран погоре)) или дека припаѓал на група со тоталитарни амбиции. Документите за случајот исто така не го поткрепуваат тој заклучок. Жалителот во релевантниот период бил претседател на регистрирано здружение. Тој се жали на распуштањето на тоа здружение заедно со распуштањето на движење кое, според домашните судови, претставувало субјект во рамките на здружението, пред сѐ поради демонстрација којашто не била прогласена за незаконска на домашно ниво и која не довела до ниту еден акт на насилство. Во овие околности, Судот не може да заклучи дека активностите на Здружението биле со намера да оправдуваат или да пропагираат идеологија на опресија која служи за каузата на „тоталитарни групи“.
38. Tие активности, чијашто компатибилност со член 11 од Конвенцијата ќе биде предмет на мериторно оценување (спореди со Féret против Белгија, бр. 15615/07, параграф 52, 16 јули 2009 година), prima facie не откриваат ниту еден акт насочен кон уништување на ниту едно од правата и слободите наведени во Конвенцијата (види Sidiropoulos и други против Грција, 10 јули 1998 година, параграф 29, Збирки 1998‑IV) или било каква prima facie намера на жалителот јавно да брани или шири пропаганда во поддршка на тоталитарни ставови (види Vajnai, цитиран погоре, параграфи 24 дo 26). Дури откако ќе биде завршена гореспоменатата оцена, Судот ќе биде во позиција да одлучи, со оглед на сите околности на случајот дали член 17 од Конвенцијата треба да биде применет (види Refah Partisi (the Welfare Party) и други против Турција [ГСC], бр. 41340/98, 41342/98, 41343/98 и 41344/98, параграф 96, ECHR 2003‑II).
39. Следува дека, за Судот, жалбата не претставува злоупотреба на правото на индивидуална жалба во смисла на член 17 од Конвенцијата. Затоа, таа не е неспојлива ratione materiae со одредбите на Конвенцијата во смисла на член 35, став 3 од Конвенцијата. Судот понатаму воочува дека жалбата не е недопуштена по ниту еден друг основ. Затоа мора да биде прогласена за допуштена.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
(a) Владата
40. Владата тврдеше дека Движењето немало одвоен правен статус, туку дека било единица на Здружението којашто била основана, организирана и финансирана од Здружението. Неговите членови постапувале во интерес и под раководство на Здружението и плаќале членарина на Здружението. Фактот што статутот на Здружението не ја прецизирал неговата внатрешна структура не можел да доведе до заклучок дека Движењето не било де јуре дел од Здружението. Сепак, дури и ако се претпоставело дека Движењето било посебен субјект де јуре, неговите де факто врски со Здружението го оправдувале заклучокот дека Здружението ја пречекорило својата слобода на изразување поради дејствувањето на Движењето. Затоа, Здружението со кое претседавал жалителот не било распуштено поради акти на одделен субјект, туку поради свои сопствени активности.
41. Понатаму, Владата беше на мислење дека имало мешање во слободата на здружување на жалителот, затоа што таа слобода не се однесувала на правото на здружување со цел да се шири расистичка пропаганда. Сепак, дури и ако имало мешање, тоа било предвидено со закон и служело за легитимните цели на заштита на јавната безбедност, спречување на нереди или криминал и заштита на правата и слободите на другите.
42. Понатаму, мешањето било неопходно во демократско општество, со оглед на расистичката и антисемитска содржина на демонстрациите кои ги одржало Движењето и неговите паравоени ритуали, кои биле застрашувачки и трауматизирачки, промовирале сегрегација, ја зголемувале социјалната тензија и провоцирале насилство. Што се однесува на пропорционалноста, распуштањето било соодветна санкција за пропагирањето на расна дискриминација и сегрегација. Распуштањето не било ниту најстрогата санкција која постоела, затоа што можеле да се употребат и кривични санкции, како крајно средство против лица кои биле одговорни за најсериозните изрази на расна омраза, со кои се поттикнуваат другите на насилство.
(б) Жалителот
43. На почетокот жалителот нагласи дека спротивно на наодите на домашните судови, спорните активности на Движењето не можеле да му се припишат на распуштеното Здружение. Тој негираше дека Движењето било интегрален дел на Здружението, затоа што двата субјекта функционирале одвоено и независно, иако соработувале. Тој исто така нагласи дека ниту еден од членовите на Здружението не учествувал во Движењето.
44. Жалителот го оспори аргументот на Владата дека распуштањето на Здружението служело за легитимна цел во интерес на националната или јавната безбедност, што значи, спречувањето на нереди и криминал и заштита на правата и слободите на другите во смисла на член 11, став 2 од Конвенцијата. Според него, судовите не утврдиле примери кога фактички дошло до нереди или било каква повреда на правата на другите. Тој нагласи дека домашните одлуки се повикувале само на хипотетичка опасност чие спречување не можело да се смета за легитимна цел согласно Конвенцијата.
45. Понатаму, жалителот тврдеше дека, дури и ако се претпостави дека мешањето во правата заштитени со член 11 од Конвенцијата било законито, распуштањето на здружението не било ниту неопходно ниту пропорционално на целите кои требало да се остварат. Тој воочи дека секое мешање од страна на државните органи во остварувањето на правото на слобода на здружување морало да биде сразмерно на сериозноста на спорното однесување, затоа, санкцијата изречена од домашните судови била премногу строга. Според судската пракса на Судот, распуштањето било резервирано само за ситуации во кои активностите на некое здружение сериозно ја загрозувале суштината на демократскиот систем, а ниту со активностите на Здружението, ниту со активностите на Движењето не бил баран или пак постигнат таков ефект. Во секој случај, релевантниот домашен закон не предвидувал никаква друга санкција покрај распуштањето во врска со наводно незаконити активности на едно здружение, факт кој сам по себе исклучувал било каква сразмерност.
46. Жалителот исто така посочи дека исклучоците дефинирани во член 11, став 2 требало да се толкуваат рестриктивно, само уверливи и императивни причини можеле да оправдаат ограничувања на слободата на здружување. Сепак, во овој случај, домашните судови не дале причини кои се доволни и релевантни за ограничувањето, затоа што тие не покажале како активностите на Здружението можеле да испровоцираат конфликти или да поддржуваат или промовираат насилство и уништување на демократијата. Всушност, активностите на Здружението биле само насочени кон придонесување кон дискусија за нерешени социјални проблеми како што се безбедноста на ранливи луѓе и искучително високата стапка на криминалитет.
47. Жалителот понатаму обрна внимание кон судската пракса на Судот во која се анализира член 11 од аспект на член 10. Во тој контекст, тој се согласи дека идеите кои биле искажани од Движењето може да биле навредливи или шокантни. Сепак, тие не претставувале поттикнување на омраза или нетолеранција, и затоа биле во согласност со принципите на плурализам и толеранција во едно демократско општество.
(в) Tретата страна
48. Европскиот центар за права на Ромите истакна дека слободите гарантирани со член 11 од Конвенцијата можеле да бидат ограничени со цел да се заштитат правата и слободите на малцински заедници. Повикувајќи се, помеѓу останатото, на релевантни одредби од Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација, центарот тврдеше дека организации кои се обидувале да оправдаат или промовираат расна омраза и дискриминација во било која форма не влегувале во опсегот на заштита обезбедена со член 11. Третата страна понатаму обврна внимание на фактот дека малцинствата, и особено Ромите, уживале посебна заштита согласно член 14 од Конвенцијата, и се повика на консензусот кој се создава помеѓу државите членки на Советот на Европа во насока на признавање на обврска за заштита на нивната безбедност.
2. Оцена на Судот
(a) Дали имало мешање во правата на жалителот
49. Судот воочува дека Здружението со кое претседавал жалителот било распуштено и дека таа мерка дејствувала и врз Движењето (види параграф 15 погоре). Затоа Судот смета дека имало мешање во правата на жалителот гарантирани со член 11 од Конвенцијата.
(б) Дали мешањето било оправдано
50. Таквото мешање ќе претставува повреда на член 11 освен ако било предвидено со закон, ако служело за остварување на една или повеќе легитимни цели во смисла на член 11, став 2 и ако било неопходно во демократско општество за остварување на тие цели.
(i) „Предвидено со закон“
51. Судот забележува дека Здружението, а последователно и Движењето, биле распуштени согласно член 16, став 2 (г) од Законот бр II oд 1989 година за правото на слобода на здружување (види параграф 18 погоре), вклучително и цитирањето на член 2, став 2 („загрозување на правата и слободите на другите“).
Судот понатаму ги воочува спротивставените аргументи во однос на тоа дали одлуките на домашните судови законито го вклучиле распуштањето на Движењето во одлуката за распуштање на Здружението.
Во тој поглед Судот воочува дека, во одговор на фактичките забелешки на обвинителните органи (види подетално во параграф 11 погоре), Апелациониот суд во Будимпешта и Врховниот суд одлучиле (види параграфи 15 и 16 погоре) дека Движењето треба да се смета, како прашање на толкување на домашниот закон за здруженија, како субјект кој дејствува во рамките на Здружението, а не независно. Тие судови забележале дека главна активност на Здружението било основањето, почнувањето со дејствување, раководењето и финансирањето на Движењето.
Судот не гледа ниту еден елемент во предметот или во поднесоците на странките поради кој ваквата примена на законот би била арбитрерна, со оглед на тоа дека домашните органи се во подобра позиција да дадат толкување на домашниот закон и да ги оценуваат доказите. Со оглед на фактот дека формирањето на Движењето било проект на Здружението, дека Движењето и Здружението имале иста сметка во банка, и дека униформата на Движењето можела да се купи од Здружението, Судот не смета дека ставот на домашните судови бил неразумен.
Затоа, Судот е убеден дека распуштањето на Здружението поради активностите на Движењето било „предвидено со закон“, со оглед на заклучоците на домашните судови за врската помеѓу нив.
(ii) Легитимна цел
52. Судот е на став дека може да се смета дека со спорната мерка се остваруваат целите на јавна безбедност, спречување на нереди и заштита на правата на другите, кои се легитимни цели во смисла на член 11, став 2 од Конвенцијата, и покрај наводот на жалителот дека домашните судови не покажале ниту еден реален пример на неред или повреда на правата на другите (види параграф 44 погоре).
Останува уште да се утврди дали обжалената мерка била неопходна во демократско општество.
(iii) Неопходна во демократско општество
(α) Општи принципи
53. Општите принципи изразени во судската пракса на Судот, во оваа област се резимирани во случајот Обединета комунистичка партија на Турција и други против Турција (30 јануари 1998 година, Збирки 1998-I) на следниот начин:
„42. Судот повторува дека и покрај неговата автономна задача и посебна област на примена, член 11 мора да се анализира во светло на член 10. Заштитата на мислења и заштитата на нивното изразување е една од целите на слободите на собирање и здружување гарантирани со член 11 (види, помеѓу останатите прецеденти, Young, Jamesи Webster против Обединетото Кралство пресуда од 13 август 1981 година, Серија А бр. 44, стр. 23, параграф 57, Vogt против Германија пресуда од 26 септември 1995 година, Серија A бр. 323, стр. 30, параграф 64).
43. Tоа уште повеќе важи во однос на политичките партии со оглед на нивната суштинска улога во гарантирање на плурализмот и правилното функционирање на демократијата (види параграф 25 погоре).
Како што Судот има кажувано многу пати, не може да има демократија без плурализам. Од таа причина слободата на изразувањето заштитена со член 10 важи, под условите од став 2 од истиот член, не само за „информации“ или “идеи“ кои се позитивно прифатени или кои се сметаат за ненавредливи или за кои постои индиферентност, туку исто така и за оние кои навредуваат, шокираат или вознемируваат (види, помеѓу многу други прецеденти, пресудата Vogt цитирана погоре, стр. 25, параграф 52). Фактот што нивните активности се дел од колективното користење на слободата на изразувањето само по себе им дава право на политичките партии да ја бараат заштитата од член 10 и член 11 од Конвенцијата. ...
45. Демократијата е без сомневање основна карактеристика на европскиот јавен поредок (види ја пресудата во Loizidou цитирана погоре, стр. 27, параграф 75). ...
Понатаму, член 8, член 9, член 10 и член 11 од Конвенцијата наложуваат дека мешањето во остварувањето на правата кои тие ги штитат мора да биде оценувано согласно критериумот за тоа што е ‘неопходно во едно демократско општество’. Затоа, единствениот вид на неопходност која може да оправда мешање во било кое од тие права е неопходност за која може да се тврди дека произлегува од ‘демократското општество’. Затоа демократијата се чини како единствениот политички модел замислен со Конвенцијата и оттука и единствениот којшто е во согласност со неа. ...
46. Оттука, исклучоците предвидени во член 11, кога се во прашање политичките партии, треба да се толкуваат рестриктивно, само убедливи и категорички причини може да оправдаат ограничување на слободата на здружување на тие партии. При утврдувањето дали постои неопходност во смисла на член 11, став 2, државите договорнички имаат само ограничен простор за слободна оцена [margin of appreciation], којшто оди заедно со строгиот европски надзор кој се врши и над законот и над одлуките со кои тој закон се применува, вклучувајќи ги и одлуките донесени од независни судови. Судот веќе има одлучено дека таквата оцена е неопходна во случај кој се однесува на пратеник во Парламент којшто бил осуден за навреда (види ја пресудата Castells цитирана погоре, стр. 22–23, параграф 42); таквата оцена е уште попотребна кога цела една политичка партија е распуштена, а на нејзините членови им е забрането да вршат секаква слична активност во иднина.
47. Кога Судот ја прави својата оцена, негова задача не е да го замени својот став со ставот на релевантните домашни органи, туку да ги оцени од аспект на член 11 одлуките донесени при вршење на нивната дискрециона оцена. Тоа не значи дека Судот мора да се ограничи само на проверка дали тужената држава ја користела својата дискрециона оцена разумно, внимателно и во добра вера, тој мора да го анализира мешањето кое е предмет на жалба во светло на случајот како целина и да утврди дали тоа било ‘пропорционално на легитимната цел која требало да ја оствари’ и дали причините истакнати од домашните органи за да го оправдаат мешањето се ‘релевантни и доволни’. При тоа, Судот мора да се увери дека националните органи примениле стандарди кои се во согласност со принципите изразени во член 11 и, уште повеќе, дека тие ги засновале нивните одлуки врз прифатлива оцена на релевантните факти (види, mutatis mutandis, пресудата во случајот Jersild против Данска од 23 септември 1994 година, Серија A бр. 298, стр. 26, параграф 31).”
54. Дополнителни релевантни принципи се содржани во пресудата Refah Partisi (Партија на благосостојба) и други (цитирана погоре):
“(γ) Можност за наметнување ограничувања, и ригорозен европски надзор
96. Слободите гарантирани со член 11, и со член 9 и член 10 од Конвенцијата, не можат на органите на една држава во којашто здружение, преку своите активности ги загрозува институциите на државата, да им го одземат правото да ги заштитат тие институции. Во врска со тоа, Судот посочува дека претходно има одлучено дека определен компромис помеѓу обврските за одбрана на демократското општесто и индивидуалните права е инхерентен во системот на Конвенцијата. За да дојде до компромис од таков вид секаква интервенција од страна на органите мора да биде во согласност со став 2 од член 11 – прашање кое Судот го анализира подолу. ...
98. Една политичка партија може да промовира промена на закон или на законските и уставни структури на државата под два услова; прво, средствата употребени за таа цел мора да бидат законски и демократски; второ, самата предложена промена мора да биде во согласност со фундаменталните демократски принципи. Нужно следи дека политичка партија чии лидери поттикнуваат насилство или која предлага политика со којашто не се почитува демократијата или којашто е насочена кон рушење на демократијата и кршење на правата и слободите признати во една демократија не може да бара заштита од Конвенцијата против санкции кои се изречени по тие основи (види Yazar и други против Турција, бр. 22723/93, 22724/93 и 22725/93, параграф 49, ECHR 2002-II, и, mutatis mutandis, следните пресуди: Станков и Обединетата македонска организација Илинден против Бугарија, бр. 29221/95 и 29225/95, параграф 97, ECHR 2001-IX, и Социјалистичка партија и други против Турција, пресуда од 25 мај 1998 година, Извештаи 1998-III, стр. 1256-57, параграфи 46-47).
99. Не може да биде исклучена можноста дека политичка партија, при повикување на правата заштитени со член 11, како и со член 9 и член 10 од Конвенцијата, може да се обиде од нив да изведе и право да извршува тоа што во пракса претставуваат активности кои имаат за цел уништување на правата или слободите предвидени со Конвенцијата и така да доведе до рушење на демократијата (види Комунистичка партија (KPD) против Германија, бр. 250/57, одлука на Комисијата од 20 јули 1957 година, Годишник 1, стр. 222). Со оглед на многу јасната врска помеѓу Конвенцијата и демократијата (види параграфи 86-89 погоре), никому не смее да му се дозволи да се повикува на одредбите од Конвенцијата со цел да ги ослабне или уништи идеалите и вредностите на демократското општество. Плурализмот и демократијата се засновани на компромис кој наложува различни отстапки од страна на поединци или групи на поединци, кои понекогаш мора да се согласат да ограничат некои од слободите кои тие ги уживаат за да се гарантира поголема стабилност на земјата како целина (види, mutatis mutandis, Petersen против Германија (одлука), бр. 39793/98, ECHR 2001-XII).
Во тој контекст, Судот смета дека не е неверојатно дека тоталитарни движења, организирани како политички партии, може да ја уништат демократијата, откако претходно просперирале под демократскиот режим, за што има примери во модерната европска историја. ...
(δ) Можност за припишување на актите и говорите на членовите врз политичката партија
101. Судот понатаму смета дека статутот и програмата на политичка партија не може да се земат како единствен критериум при утврдување на нејзините цели и намери. Политичкото искуство на државите договорнички покажува дека во минатото политичките партии со цели спротивни на фундаменталните принципи на демократијата не покажале такви цели во нивните официјални публикации сѐ додека не дошле на власт. Тоа е причината зошто Судот секогаш посочувал дека политичката програма на една партија може да крие поинакви цели и намери од оние кои ги прокламира. За да се провери дека тоа не е случај, содржината на програмата мора да се спореди со активностите на лидерите на партијата и позициите кои тие ги бранат. Земени заедно, тие активности и ставови може да бидат релевантни во постапка за распуштање на политичката партија, под услов тие земени како целина да откриваат такви цели и намери ...
(ε) Соодветен момент за распуштање
102. Понатаму, Судот смета дека на државата не може да ѝ се наложи да чека пред да интервенира, сѐ додека политичката партија не ја преземе власта и не започне да презема конкретни мерки за спроведување на политика којашто е некомпатибилна со Конвенцијата и демократијата, иако опасноста од таа политика за демократијата е доволно утврдена и неодложна. Судот прифаќа дека кога постоењето на таква опасност е утврдено од домашните судови, после детална анализа којашто била подложена на ригорозниот европски надзор, државата може ‘легитимно да го стопира извршувањето на таквата политика, којашто е некомпатибилна со одредбите на Конвенцијата, пред да се направи обид таа да се имплементира преку конкретни чекори кои може да го загрозат мирот и демократскиот режим на земјата’ (види ја пресудата на Судскиот совет, параграф 81).
103. Судот зазема став дека таквата моќ за превентивно интервенирање на државата е исто така во склад со позитивните обврски на државите договорнички од член 1 од Конвенцијата да ги гарантираат правата и слободите на лицата под нивна јурисдикција. Тие обврски се однесуваат не само на секое мешање кое може да биде последица на акти или пропуштања кои може да им се припишат на овластени лица на државата или кои настануваат во јавни институции, туку исто така и на мешање за кои се одговорни приватни лица во рамките на недржавни субјекти ...Држава договорничка може оправдано согласно своите позитивни обврски, на политичките партии, коишто се тела чија причина за постоење е заземање на власта и управување со работата на значителен дел од државниот апарат, да им наметне должност на почитување и заштита на правата и слободите гарантирани со Конвенцијата и обврска да не предлагаат политичка програма којашто е во спротивност со основните принципи на демократијата.
(ζ) Глобална оцена
104. Со оглед на горенаведените согледувања, глобалната оцена на Судот на прашањето дали распуштањето на една политичка партија поради ризик да бидат загрозени демократските принципи одговарало на ‘неодложна општествена потреба’ [‘pressing social need’] (види, на пример, Социјалистичка партија и други, цитиран погоре, стр. 1258, параграф 49) мора да се фокусира на следните прашања: (i) дали имало имало докази дека ризикот за демократијата, доколку било докажано дека постои, бил доволно неодложлив; (ii) дали постапките и говорите на лидерите и членовите на политичката партија за која станува збор може да ѝ се припишат на партијата како целина; и (iii) дали постапките и говорите кои може да ѝ се припишат на политичката партија создавале целина која дава јасна слика за општествениот модел кој партијата го замислила и за кој таа се залага, којашто слика е неспојлива со концептот ‘демократско општество’.
105. Со глобалната анализа на горенаведените прашања којашто Судот мора да ја спроведе мора исто така да се земе предвид историскиот контекст во кој дошло до распуштање на партијата во дадената земја за да се осигура правилното функционирање на ‘демократското општество’ (види, Petersen, цитиран погоре).“
55. Пресудата на Судот во Herri Batasuna и Batasuna против Шпанија (бр. 25803/04 и 25817/04, ECHR 2009) cодржи дополнителни релевантни пасуси:
„79. ... Нужно од тоа следи дека политичка партија чии лидери поттикнуваат насилство или предлагаат политика со која не се почитува демократијата или којашто е насочена кон рушење на демократијата и кршење на правата и слободите кои се признаени во една демократија не може да се повикува на заштитата од Конвенцијата против санкции кои ѝ се изречени од тие причини ...
81. ... Државата може ‘легитимно да го стопира извршувањето на таквата политика, којашто е некомпатибилна со одредбите на Конвенцијата, пред да се направи обид таа да се имплементира преку конкретни чекори кои може да го загрозат мирот и демократскиот режим на земјата’ (види Refah Partisi, цитиран погоре, параграф 102). ...
83. Глобалната оцена на Судот на прашањето дали распуштањето на политичка партија поради ризик да бидат загрозени демократските принципи одговарало на ‘неодложна општествена потреба’ [‘pressing social need’] (види, на пример, Социјалистичка партија и други, цитиран погоре, параграф 49) мора се фокусира на следните прашања: (i) дали имало имало докази дека ризикот за демократијата, доколку било докажано дека постои, бил доволно неодложлив; и (ii) дали постапките и говорите кои може да ѝ се припишаат на политичката партија создавале целина која дава јасна слика за општествениот модел кој партијата го замислила и за кој таа се залага, а којашто слика е неспојлива со концептот ‘демократско општество’...“
(β) Примена на горенаведените принципи во овој случај
56. Судот на почетокот посочува дека, иако правото да се основаат политички партии и да се работи на нивното започнување со дејствување влегува во рамките на заштитата на член 11 од Конвенцијата, исто како и правото да се основаат и да се дејствува преку општествени организации, овие два вида на субјекти се разликуваат еден од друг, помеѓу другото, врз основа на улогата која ја имаат во функционирањето на демократското општество, затоа што многу општествени организации придонесуваат кон тоа функционирање само индиректно.
Во неколку земји членки на Советот на Европа, политичките партии уживаат посебен правен статус со кој се олеснува нивното учество во политиката генерално и посебно на избори; тие исто така имаат посебни функции, признати со закон, во изборниот процес и во формирањето на јавните политики и јавното мислење.
Општествените организации вообичаено немаат такви законски привилегии, и во принцип, имаат помалку можности да влијаат врз носењето на политички одлуки. Многу од нив не учествуваат во јавниот политички живот, иако нема строга поделба на различните видови на здруженија во тој поглед, и нивната фактичка политичка релевантност може да се утврди само од случај до случај.
Социјалните движења може да играат важна улога во формирањето на политики, но во споредба со политичките партии законот на таквите организации обично им дава помалку можности за влијание врз политичкиот систем. Сепак, со оглед на фактичкото политичко влијание кое го имаат социјалните организации и движења, кога се оценува закана за демократијата, мора да се земе предвид нивното влијание.
57. Според Судот, државата исто така е овластена да презема превентивни мерки за да ја заштити демократијата од такви непартиски субјекти, ако доволно неодложно загрозување на правата на другите се заканува дека ќе ги поткопа фундаменталните вредности врз основа на кои демократското општество постои и функционира. Една од тие вредности е коегзистенцијата на членовите на општеството без расна сегрегација, без која не е замисливо демократското општество. Од државата не може да се бара да чека пред да интервенира, сѐ додека политичкото движење не преземе мерки за нарушување на демократијата или да прибегне кон насилство. Дури и ако таквото движење не направило обид да ја преземе власта и ризикот од неговата политика за демократијата не е неодложен, државата има право да дејствува превентивно ако се утврди дека таквото движење започнало да презема конкретни мерки во јавниот живот за имплементација на политика која е неспојлива со стандардите на Конвенцијата и со демократијата (види Refah Partisi (Партија на благосостојбата) и други, цитиран погоре, параграф 102).
58. При оцената на неопходноста и пропорционалноста на обжалената мерка, Судот воочува дека овој случај се однесува на распуштање на здружение и на движење, а не на политичка партија. Одговорноста која произлегува посебно од уставната улога и законските привилегии кои важат за политичките партии во многу земји членки на Советот на Европа може да важи во случај на општествени организации само во тој обем во кој тие фактички имаат степен на влијание кој може да се спореди со оној на политичките партии. Од друга страна, Судот е свесен дека престанокот на правното постоење на Здружението и Движењето било санкција од значителна тежина, затоа што со тоа на тие групи им биле одземени законските, финансиските и практични погодности кои се вообичаено гарантирани за регистрирани здруженија во повеќето правни системи (види параграф 18 погоре). Затоа, секоја таква мерка мора да биде поткрепена со релевантни и доволни причини, исто како и во случајот со распуштање на политичка партија, иако во случајот на здружение, со оглед на тоа дека здружението има поограничени можности за да врши влијание на национално ниво, легитимно е оправдувањето за превентивните рестриктивни мерки да биде послабо отколку во случај на политичка партија. Со оглед на разликата во важноста за демократијата помеѓу политичка партија и неполитичко здружение, само политичката партија заслужува најстрога оцена на потребата за ограничување на правото на здружување (спореди, per analogiam, со степенот на заштита кој е даден на политички говор и говор кој не се однесува на прашања од јавен интерес, во Lingens против Австрија, 8 јули 1986 година, параграф 42, Серија A бр. 103, и Tammer против Естонија, бр. 41205/98, параграф 62, ECHR 2001‑I). Оваа разлика мора да се применува со доволно флексибилност. Што се однесува на здруженија со политички цели и влијание, степенот на оцена ќе зависи од фактичката природа и функции на здружението со оглед на околностите на случајот.
59. Судот забележува дека Движењето на чие распуштање се жали жалителот било основано од Здружението со декларирана цел „заштита на физички, духовно и интелектуално незаштитената Унгарија“ (види параграф 8 погоре). Движењето потоа, помеѓу другото, организирало собири и демонстрации, а неговите членови носеле униформи и парадирале во формации во воен стил. Овие настани се одржувале во различни делови од земјата, и посебно во села со многубројно ромско население како што е Татарсентѓерѓ, исто така биле испратени и повици за одбрана на „етничките Унгарци“ од таканаречениот „цигански криминал“(види параграф 10 погоре). Како реакција на овој тек на настаните, Јавниот обвинител иницирал постапка против Движењето и Здружението, во која пред сѐ тврдел дека нивните активности претставувале расистичко заплашување на граѓаните од ромско потекло (види параграф 11 погоре).
60. Во судската постапка судовите ги оцениле врските помеѓу тужените и нашле убедливи докази тие не се засебни субјекти. Со оглед на аргументите разгледани во овој контекст, Судот не го смета овој заклучок за неразумен или арбитререн (види параграфи 11, 13, 15, 16 и 51 погоре).
61. Случајот резултирал во распуштање и на Здружението и на Движењето. Во суштина, домашните судови заклучиле дека иако не дошло до насилство како последица на активностите на тужените, тие биле одговорни затоа што создале антиромска атмосфера преку вербална и визуелна демонстрација на сила. Тоа претставувало повреда на релевантниот закон за здруженија, било спротивно на човековото достоинство и ги загрозувало правата на другите, значи на ромските граѓани. Во тој поглед судовите забележале дека централна тема на собирот во Татарсентѓерѓ била „циганскиот криминал“, што е расистички концепт. Судовите обратиле посебно внимание на фактот дека спорните собири инволвирале униформи во воен стил, команди, поздрави и формации како и обележја кои потсетувале на симболите на Стреластите крствои. По жалба, ова образложение било проширено па сега вклучувало и согледувања дека населението во селата кои биле таргетирани од страна на Движењето било „публика заробеник“, затоа што граѓаните не можеле да ги избегнат екстремистички мислења со кои се пропагира исклучување пренесени со активности на Движењето. Според судовите, тие активности создавале јавна закана за создавање на социјална тензија и генерирање на атмосфера на неодложно насилство (види параграфи 15 и 16 погоре).
62. Судот повторува дека пред сѐ е на домашните органи, посебно судовите, да го толкуваат и применуваат домашното право (види, помеѓу многу други прецеденти, Lehideux и Isorni, цитиран погоре, параграф 50). Задачата на Судот е само да ги оцени донесените одлуки од страна на органите во рамките на нивниот простор за слободна оцена [margin of appreciation]. При тоа, Судот мора да се увери дека тие ги засновале нивните одлуки врз прифатлива оцена на релевантните факти (види Incal против Турција, 9 јуни 1998 година, параграф 48, Извештаи 1998‑IV). Во околностите на овој случај, Судот не ги смета заклучоците на унгарските судови за неразумни или арбитрерни и се согласува со ставот на тие судови дека активностите и идеите изразени од страна на Движењето се засновале на споредба помеѓу ромското малцинство и унгарското мнозинство којашто е заснована на раса (види параграф 13 погоре).
63. Судот има претходно одлучено, во контекст на член 10, дека определени идеи или однесување не може да бидат исклучени од заштитата обезбедена со Конвенцијата само затоа што со нив може да се создаде чувство на нелагодност кај групи на граѓани или затоа што некои луѓе може да бидат од нив навредени (види Vajnai, цитиран погоре, параграф 57). Судот е на став дека слични согледувања мора да се применат и за слободата на здружување кога станува збор за здружение на лица со цел да се остварат идеи кои не се широко прифатени, или се дури и шокантни или вознемирувачки. Всушност, освен ако за конкретното здружение може основано да се смета дека е плодна почва за насилство или дека е инкарнација на негирањето на демократски принципи, радикални мерки за ограничување на такви фундаментални права како што е слободата на здружување, во име на заштита на демократијата, тешко може да се помират со духот на Конвенцијата, која е насочена кон гарантирање на изразувањето на политички мислења (дури и на тие мислења кои се тешко прифатливи за органите или за поголема група на граѓани и со кои се оспорува воспоставениот поредок) преку сите мирни и законски средства, вклучително здруженија и собири (види, mutatis mutandis, Güneri и други против Турција, бр. 42853/98, 43609/98 и 44291/98, параграф 76, 12 јули 2005 година).
64. Со оглед на тоа, мора да се утврди дали во овој конкретен случај постапките на Здружението и Движењето останале во рамките на законските и мирните активности. Во врска со тоа Судот не може да го занемари фактот дека нивните активисти одржале неколку собири, како што е настанот во Татарсентѓерѓ, на кој учествувале околу двестотини лица во село од приближно 1,800 жители. Точно е дека не дошло до насилство, иако не е возможно да се утврди од оваа перспектива дали било така заради присуство на полицијата или не. Активистите марширале во селото носејќи униформи во воен стил и со заканувачки обележја на рацете, во формации од воен стил, отпоздравувајќи и издавајќи определен вид на команди.
65. Според Судот, таквиот собир можел да пренесе порака до присутните дека неговите организатори имале намера и капацитет да прибегнат кон паравоена организација во остварување на нивните цели, кои и да се тие. Паравоената формација потсетувала на нацистичкото движење на Стреласти крстови, кое што било столб на режимот одговорен, помеѓу другото, за масовното истребување на Ромите во Унгарија. Со оглед на фактот дека имало утврдени организациони врски помеѓу Движењето чии активисти биле присутни и Здружението, Судот исто така смета дека застрашувачкиот ефект на собирите во Татарсентѓерѓ и на други места мора да бил зајакнат, и всушност бил мултиплициран со фактот дека собирите биле поддржани од регистрирано здружение кое било правно признато.
66. Судот смета дека демонстрацијата од страна на политички протагонисти на нивната способност и подготвеност да организираат паравоена единица оди надвор од употребата на мирни и законски средства за артикулација на политички мислења. Со оглед на историското искуство, како што е искуството на Унгарија во епохата во која на власт биле Стреластите крстови, фактот дека едно здружение прибегнува кон паравоени демонстрации со кои се изразува етничка поделба и со кои имплицитно се повикува на дејствија засновани на раса мора да имало застрашувачки ефект врз членовите на расно малцинство, особено кога се тие во нивните домови и како такви претставуваат заробена публика. Според Судот, тоа ги пречекорува лимитите на обемот на заштита обезбеден со Конвенцијата во прашања во врска со изразувањето (види Vajnai, loc. cit.) или собири и претставува застрашување, кое, според зборовите на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави во пресудата во Вирџинија против Блек (види параграф 31 погоре), е „вистинска закана“. Државата затоа има право да ги заштити членовите на таргетираните групи да живеат без заплашување. Ова е особено точно затоа што тие биле издвоени по расна основа и биле заплашувани поради нивната припадност на етничка група. Според Судот, парамилитарен марш е повеќе од просто изразување на вознемирувачко или навредливо мислење, затоа што пораката е придружена со физичко присуство на заканувачка група на организирани активисти. Кога изразувањето на ставови е придружено со некој облик на однесување, Судот смета дека степенот на заштита која вообичаено се дава на слободата на изразување може да биде намален со оглед на важни интереси на јавниот ред поврзани со тоа однесување. Ако однесувањето кое се поврзува со изразувањето на ставови е застрашувачко или заканувачко или се меша во слободното користење или уживање од страна на друго лице на било кое право или привилегија од Конвенцијата поради расата на тоа лице, таквите согледувања не може да се занемарат во контекст на член 10 и член 11.
67. Во овој случај со спорните активности било очигледно таргетирано ромското малцинство, кое било наводно одговорно за „циганскиот криминал“, и Судот не е убеден од аргументите на жалителот дека намерата на распуштените субјекти не била издвојување и заплашување на оваа ранлива група (види Horváth и Kiss против Унгарија, бр. 11146/11, параграф 102, 29 јануари 2013 година). Во врска со тоа Судот ја потврдува релевантноста на загриженоста искажана од повеќе меѓународни тела (види параграфи 26 и 28 погоре).
68. Како што Судот веќе посочи (види параграф 57 погоре), во такви околности од надлежните органи не можело да се бара да чекаат нови настани пред да интервенираат за да ја обезбедат заштитата на правата на другите, затоа што Движењето презело конкретни мерки во јавниот живот за имплементација на политика која е некомпатибилна со стандардите на Конвенцијата и демократијата.
69. Судот смета дека заплашувачкиот карактер на собирите за кои станува збор е примарното прашање, и покрај фактот дека самите собири не биле забранети од надлежните органи и немало ниту еден акт на насилство или кривично дело. Она што е важно е дека повеќекратното организирање на собирите (види параграф 15 погоре) можело да ги заплаши другите и затоа да влијае врз нивните права, особено со оглед на локацијата на маршевите. Во однос на распуштањето на Здружението, не е релевантно тоа што демонстрациите, земени сами по себе, не биле илегални, и Судот во овој случај не треба да одлучува до кој степен демонстрациите претставувале користење на правото на собирање предвидено со Конвенцијата. Само во светло на фактичкото спроведување на тие демонстрации стануваат очигледни вистинската природа и целите на здружението. Според Судот, организирањето на низа на собири наводно за да се ограничи „циганскиот криминал“ преку марширање во паравоен стил може да се смета за имплементација на политика на расна сегрегација. Всушност, застрашувачките маршеви може да се смета дека претставуваат првите чекори кон реализација на определена визија на „право и ред“ којашто во суштина е расистичка.
Судот би посочил во овој контекст дека ако правото на слобода на собирање повеќе пати се користи преку застрашувачки маршеви во кои учествуваат поголеми групи, државата е овластена да преземе мерки со кои се ограничува поврзаното право на здружување во онаа мерка во која е потребно за да се избегне ризикот за функционирањето на демократијата кој се создава со таквото застрашување од големи размери (види параграф 54 погоре). Координирано заплашување од големи размери, поврзано со застапување на расистички политики кои се некомпатибилни со основните вредности на демократијата, може да оправда мешање на државата во правото на здружување, дури и во рамките на ограничениот простор за слободна оцена [narrow margin of appreciation] кој е применлив во овој случај. Причината за тоа е поврзана со негативните последици кои таквото заплашување ги има врз политичката волја на народот. Иако случајното застапување на антидемократски идеи не е доволно за само по себе да биде силна причина за да оправда забранување на политичка партија (види параграф 53 погоре), и уште помалку во случајот на здружение кое не може да го користи специјалниот статус кој им е даден на политичките партии, околностите земени како целина, и посебно било какви координирани и планирани акции, може да претставуваат доволни и релевантни причини за таква мерка, особоено кога други потенцијални форми на изразување на идеи кои се шокантни, не се директно засегнати (види параграф 71 in fine подолу).
70. Со оглед на горните согледувања, Судот е убеден дека аргументите истакнати од домашните органи биле релевантни и доволни за да се покаже дека спорната мерка одговара на неодложна општествена потреба [pressing social need].
71. Судот е свесен дека распуштањето на Движењето и Здружението претставувало драстична мерка. Сепак, тој е убеден дека надлежните органи сепак ја избрале најнеагресивната, и всушност, и единствената разумна мерка за решавање на прашањето. Понатаму, треба да се воочи дека домашните органи претходно на Здружението му обрнале внимание на илегалниот карактер на активностите на Движењето, што резултирало само во формално почитување (види параграф 9 погоре), затоа што биле одржани нови собири во текот на постапката (види параграф 15 погоре) (спореди со S.H. и други против Австрија [ГСC], бр. 57813/00, параграф 84, ECHR 2011). Според Судот, заканата за правата на другите која собирите на Движењето ја претставувале можела практично да биде елиминирана само преку отстранување на организационата поддршка којашто Здружението му ја давало на Движењето. Доколку надлежните органи ги толерирале континуираните активности на Движењето и Здружението преку зачувување на нивното правно постоење во привилегираната форма на субјект според законот за здруженија, јавноста можела на тоа да гледа како на давање легитимитет на таа закана од страна на државата.Тоа би му овозможило на Здружението, користејќи ги прерогативите на правно регистриран субјект, да продолжи да го поддржува Движењето, и преку тоа државата индиректно би го олеснила организирањето на неговата кампања на собири. Понатаму, Судот воочува дека не била изречена ниту една друга санкција на Здружението или Движењето, или на нивните членови, кои не биле на никој начин спречени да ги продолжат своите политички активности во друга форма (види a fortiori, Refah Partisi (Партија на благосостојбата) и други, цитиран погоре, параграфи 133-34). Во овие околности, Судот заклучува дека мерката која е предмет на жалба не била несразмерна на легитимните цели кои со неа требало да се остварат.
72. Претходните согледувања се доволни за Судот да може да заклучи дека немало повреда на член 11 од Конвенцијата.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучува дека немало повреда на член 11 од Конвенцијата.
Изработена на англиски јазик, потоа доставена во писмена форма на 9 јули 2013 година, согласно правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Stanley NaismithGuido Raimondi
СекретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, издвоеното мислење на судијата Pinto de Albuquerque е приклучено кон оваа пресуда.
G.R.A.
S.H.N.
Издвоеното мислење не беше преведено, но се појавува на англиски јазик во верзијата на официјален јазик на пресудата која може да се најде во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy