ЧЕТВРТ ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ ВЕРДУР ОЛАФСОН против ИСЛАНД
(Жалба бр. 20161/06)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
27 април 2010
КОНЕЧНА
27/07/2010
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012 [ou année suivante]. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Оваа пресуда станала конечна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Таа може да подложи на уредничка ревизија.
Во случајот Вердур Олафсон против Исланд,
Европскиот суд на човекови права (четврт оддел), кој заседаваше во рамките на Судскиот совет составен од:
Николас Браца (Nicolas Bratza), претстедател,
Џовани Бонело (Giovanni Bonello),
Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson),
Јан Шикута (Ján Šikuta),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Леди Бианку (Ledi Bianku),
Небојша Вучинчиќ (Nebojša Vučinić), судии,
и од Фато Арак (Fatoş Aracı), секретар на оддел,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 24 март 2009 г., 5 јануари 2010 г. и 30 март 2010 г.,
Ја донесе следната пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1. Случајот произлегува од жалбата (бр. 20161/06) против Република Ирска и чиј што државјанин, г-дин. Вердур Олафсон („жалител“), се обратил до Судот на 16 мај 2006 г. повикувајќи се на членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и фундаменталните слободи („Конвенцијата“).
2. Жалителот беше застапуван од г-дата Т. Чајлд (T. Child) и Е. Халфданарсон (E. Hálfdánarson), адвокати, едниот во Лондон, а другиот во Рејкјавик. Исландската влада („Владата“) беше застапаувана од страна на нејзината агентка, г-ѓа Бјорг Тораренсен (Björg Thorarensen).
3. Жалителот сметаше дека преку наметнатата со закон обврска за плаќање индустриска такса во корист на Федерацијата на исландските индустрии („ ФИИ“ или „Федерацијата“) е повредено неговото право на здружување изложено во членот 11 од Конвенцијата, на начин како што ова право го толкуваат членовите 9 и 10 од Конвенцијата. Жалителот, освен тоа, тврдеше дека овој данок го има како конкретна последица преголемото оданочување, со помош на специјален фискален режим, на една тесна група на даночни обврзници на начин кој е некомпатибилен со членот 1 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата. Конечно, жалителот тврдеше дека тој е жртва на дискриминација која е спротивна на членот 14 од Конвенцијата, заедно со членот 11 и членот 1 од Протоколот бр. 1 од Конвенцијата.
4. Преку одлука од 2 декември 2008 г., Судот ја прогласи жалбата за допуштена.
5. Расправата беше јавна и се одржа во Палатата на човековите права, во Стразбур, на 24 март 2009 г. (член 59 § 3 од правилникот).
Пред судот се појавија :
a) за Владата
Г-ѓа Бјорг Тораренсен (Björg Thorarensen), агентка,
Г-дин.Скарпедин Торисон (Skarphedinn Thorisson), Министер за Правда, совет,
Г-дин.Гунар Нарфи Гунарсон (Gunnar Narfi Gunnarsson), правен експерт при Министерството за Правда и Еклезијастички работи,
Г-ѓаЕлин Флигеринг (Elin Flygering), амбасадорка, постојана претставничка на Исланд при Советот на Европа, советници;
б) за жалителот
г-дин Т. Чајлд(T. Child), адвокат,совет,
Г-дин. Ајнар Халфданарсон (Einar Hálfdánarson), адвокат при Врховниот Суд,
Г-ѓа. К. Мареј(C. Murray), адвокат стажант,советници.
Судот ги слушна изјавите на г-ѓа. Бјорг Тораренсен, г-дин. Скарпедин Торисон, г-дин. Чајлд и г-дин. Ајнар Халфданарсон.
ФАКТИТЕ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
6. Жалителот, г-дин. Вердур Олафсон е исландски државјанин, роден во 1961 г., кој денес живее во Рејкјавик.
A. Спорната индустриска такса
7. Ѕидар-мајстор по професија, жалителот е член на Здружението на ѕидари-мајстори („ ЗЅM“). Законот бр. 134/1993 за индустриската такса („законот од 1993“) му наметнува да ѝ плати на ФИИ, чиј што тој не е член, како ни ЗЅМ, придонес наречен „индустриска такса“. Предвидената основица за оваа даночна давачка, чија стапка е 0,08 %, е целокупноста на индустриските активности кои се одвиваат на исландска територија, онака како што законот ги дефинира и ги наведува во анекс со нумерички кодови. Претпријатијата од приватниот сектор чија активност не фигурира меѓу оние кои се вака набројани не се обврзани да ја плаќаат индустриската такса. Таков е, на пример, случајот на индустриските месари, млекари и рибарници, за разлика од другите фирми од прехранбениот сектор или оној за пијалоци. Целосно јавните претпријатија или пак оние кои биле создадени со специјален закон не се засегнати (член 2). Приходот од индустриската такса ѝ е доделен на ФИИ и се користи за промоција и развој на индустријата во Исланд (член 3). Државниот трезор задржува 0,5 % за покривање на своите трошоци за собирање (член 1).
8. Повеќе од 10 000 лица (правни лица и независни работници) се подложени на индустриската такса. ФИИ има околу 1 100 и 1 200 члена (правни лица и независни работници).
9. Владата прикажала копија од извештаи адресирани од страна на ФИИ до министерот за Индустрија кои се однесуваат на приходите добиени од индустриската такса за годините 2000, 2003 и 2006.
10. Во својот извештај за 2003 г., од 4 јули 2004 г., ФИИ го назначила следното :
„Со оглед на тоа дека огромен дел од работите на Федерацијата се од корист за индустриските претпријатија, било да се тие нејзини членови или не, нејзиното сметководство не прецизира дали одреден оперативен расход се финансира од придонесите на нејзините членови, од приходите од нејзиниот капитал или од индустриската такса. Министерството за Индустрија не искажа никаква воздржаност по однос на оваа постапка и законот кој ја регулира индустриската такса не наметнува ниедна друга обврска.
Од друга страна, Федерацијата и Министерството за Индустрија се согласни дека треба да се дадат повеќе појаснувања во врска со искористувањето на индустриската такса, што е направено во овој извештај.“
11. Овој извештај содржел табела насловена „користење на приходите од индустриската такса во 2003 г. според сметководството на Федерацијата“, каде биле наведени „приходите и расходите според провереното сметководство на Федерацијата за 2003 г.“ Во засебна колона, табелата го појаснувала уделот на секоја буџетска точка и потточка финснсирана со помош на индустриската такса. Тука биле вклучени и точки насловени како „оперативни приходи“ и „оперативни расходи“. Имало и точка насловена „детална распределба на користењето на приходот од индустриската такса според сметководството“, со следните потточки: 1) „Плати и поврзани трошоци“, 2) „Состаноци и конференции“, 3) „Промотивни активности“, 4) „Публикации“, 5) „Подружници и специјални проекти“, и 6) „Општи и административни трошоци“.
Секоја од овие потточки од извештајот била придружена со објаснување каде биле наведени податоци за третманот на членовите за разлика од не-членовите. Така, потточката 1 појаснувала дека 2,5 лица -години од 20 биле посветени на работи од кои бенефицираат само членовите. Потточката 3 појаснувала дека саемите на ФИИ се отворени за секого и дека членовите на ова здружение имаат попуст во однос на членарината за учество. Потточката 5 појаснувала дека не-членовите исто така можат да бенефицираат од проектот за квалитетот на раководење, но за повисока цена отколку членовите.
12. Од оваа табела произлегува дека, во 2003 г., оперативните приходи на ФИИ изнесувале до 315 800 000 исландски круни (ИСК), од кои 197 359 000 ИСК доаѓале од наплаќањето на индустриската такса која ѝ се распределува на федерацијата од страна на државниот трезор, 84 973 000 ИСК од придонесите на членовите и 33 468 000 ИСК од други извори. Оваа иста година, оперативните трошоци изнесувале 289 654 000 ИСК, од кои 234 617 000 ИСК (односно 81 %) биле наменети на јавни проекти, а оваа последна сума била платена со сумата од 197 359 000 ИСК земена од индустриската такса и со сумата од 37 258 000 ИСК земена од придонесите и од други извори.
13. Владата објаснува дека, за ја изврши својата мисија и својата цел на промоција на исландската индустрија дефинирани во членот 3 од законот од 1993 г., ФИИ работи особено на развивањето и на одбраната на имиџот на индустријата, доделувајќи голем дел од приходите од индустриската такса за обука, формулирајќи мислења во име на индустријалците во врска со предлог закони и регулативи во врска со животната средина и им ја објаснува на јавните власти нужноста да се биде умерен во однос на јавните тендери и да се почитуваат јасни и транспарентни правила кои се однесуваат на тендерите.
14. Во времето на фактите, жалителот ги уплaтил следните износи по основ на индустриската такса: 23 023 ИСК (односно 255 евра (ЕУР)) за 2001 г. ; 20 639 ИСК (односно 229 ЕУР) за 2002 г. ; 12 567 ИСК (односно 139 ЕУР) за 2003 г. и 5 946 ИСК (односно 66 ЕУР) за 2004 г.
Б. Судски постапки против индустриската такса
15. На 8 ноември 2004 г., жалителот поднел тужба против исландската држава при окружниот суд од Рејкјавик, барајќи да биде ослободен од плаќањето на индустриската такса што ја должел за 2001 и 2004 г.
16. Со пресудата од 13 јули 2005 г., судот се произнел во корист на Државата и го отфрлил барањето на тужителот.
17. Жалителот поднел жалба пред Врховниот суд, аргументирајќи дека членот 3 од законот од 1993 г. ги обврзува сите лица и претпријатија кои се бават со одредени комерцијални активности да ѝ плаќаат придонеси на ФИИ, било да се тие нејзини членови или не. Тоа е она што јасно произлегувало, според него, од членот 14 од статусот на ФИИ, член кој ги регулира придонесите и којшто предвидува дека членовите на ФИИ кои ја плаќаат индустриската такса која потоа ѝ се префрла на федерацијата, можат да ја одземат таа сума од износот на нивната членарина. Така, со наметнувањето и наплаќањето на оваа давачка, членството во ФИИ на некој начин било претворено во задложително и за останатите обврзници, без притоа тие да можат да уживаат какво и да е право од ФИИ. Следствено на ова, индустриската такса можела да биде поистоветена со членарина за ФИИ. Жалителот тврдел дека е член на ЗЅМ, каде уплаќал придонеси и кое здружение, според него, подобро ги штитело неговите интереси, и дека тој не посакувал да стане член на ФИИ. Последнава наводно застапувала политики со кои тој не се согласувал и кои биле спротивни на неговите интереси. Задолжителното пристапување кон оваа организација би било спротивно на неговото право на слобода на здружување утврдено со членот 74 § 2 од Уставот и членот 11 од Конвенцијата. Жалителот тврдел, освен тоа, дека законот од 1993 г. прекумерно и неоправдано го оданочува и дека овој закон има како последица оданочување на ограничена група на луѓе „во корист на една друга ограничена група на луѓе или пак во име на ограничениот интерес на други“. На крајот, тој го употребил аргументот дека наметнувањето на индустриската такса може да се смета за дискриминација која е спротивна на членот 65 од Уставот, со оглед на тоа дека оданочувањето во случајот зависи од правната структура на претпријатието, и дека набројувањето на нумеричките кодови на активностите – од кои зависи даночната основица – е произволна по својата природа.
Државата ја оспорила тезата на жалителот според која индустриската такса е всушност исто што и членарина за ФИИ. Според неа, станувало збор за данок утврден со закон и којшто се наплаќа од страна на Државата во однос на одредена категорија на физички и правни лица, согласно применливите прописи од општото право и без ништо за возврат. Овој ист закон го предвидел распределувањето на приходите од индустриската такса на ФИИ, којашто пак требало да ги употреби за промоција и за развој на исландската индустрија. Оваа законска алокација на фискалните приходи на едно здружение не значи дека лицата кои ја платиле таксата имаат правна обврска да станат членови на истото. Индустриската такса имала за цел од неа да профитираат не само членовите на таа организација, туку и сите индустрии и целокупниот индустриски развој во Ирска, под контрола на Министерството за Индустрија. Државата тврдела дека за сите намалувања на членарината се одлучувало унилатерално од страна на ФИИ, независно од пресметувањето и собирањето на таксата. Државата исто одбивала да прифати дека Законот од 1993 г. прави дискриминација меѓу лицата кои се во ситуацијата на подносителот на жалбата и лицата кои се ослободени од плаќањето на овој данок. Ослободувањето на јавните претпријатија од оваа такса, според Државата, било разумно и објективно и сосем e природно тие да не бидат подложени на истиот режим како и приватните претпријатија. Државата исто аргументирала дека јавната поддршка на индустријата и индустрискиот развој понекогаш била изразена низ иницијативи што други не би можеле да ги лансираат. Конечно, бројот на јавни индустриски претпријатија драстично се намалил последниве неколку години. Државата исто така го отфрлила аргументот според кој набројувањето на нумеричките кодови на активности врз кои се базирало одначувањето било произволно.
18. Со пресуда од 20 декември 2005 г., Врховниот суд, со четири гласа против еден, ја отфрлил жалбата на подносителот и ја потврдил пресудата на окружниот суд :
„Како што тоа го посочи Окружниот суд во својата пресуда, Врховниот суд на 17 декември 1998 г. ја обзнани пресудата за случајот Гунар Петерсон (Gunnar Pétersson) против Република Ирска (бр. 166/1998), објавена на страница 4406 од збирката од таа година. Во овој случај, жалителот побара да биде ослободен од плаќањето придонеси за Фондот за индустриски заеми и од индустриската такса што ја немаше подмирено за годините 1995 и 1996. Аргументите кои тој ги употреби пред Касациониот суд беа во голема мера идентитчни со оние употребени од жалителот во тековниов случај. Врховниот суд смета, заедно со туженикот, дека оваа пресуда се смета за преседан во случајот за кој што тој е повикан да расправа, во случај да спорните прашања посочени од страна на жалителот во сегашниот поднесок веќе биле решени во претходната одлука.
Тезата на жалителот во случајот Гунар Петерсон, слично на онаа на жалителот во тековниот случај, беше дека со наметнувањето на обврската за задолжително плаќање на индустриската такса од којашто приходите потоа и се префрлааат на Федерацијата на исландските индустрии, тој бил присилен да стане член на истата. Во својата пресуда, Врховниот суд укажал дека, иако прераспределени на таа организиација, приходите од индустриската такса требало да бидат искористени за одредена цел (видете го членот 3 од законот од 1993) и, во таа смисла таа не можела да биде поистоветена со членарина за Федерацијата. Министерот за индустрија бил надлежен за контрола на користењето на тие суми. Врховниот суд оценил дека овој систем не вклучувал никакво задолжително зачленување во Федерацијата кое би претставувало непочитување на Уставот и на Европската конвенција. Тој додал дека, дури и Федерацијата да ги имала надминато границите утврдени со овој закон, жалителот сепак немало да биде ослободен од плаќањето на дадената такса. Земајќи го предвид ова, но и повикувајќи се на истите причини како оние изложени во обжалената пресуда, треба да се заклучи дека средствата употребени од жалителот во случајов недоволно ги поткрепуваат неговите заклучоци. Со оглед на тоа дека Федерацијата била обврзана со закон да ги намени приходите од индустриската такса за промоцијата на индустријата и индустрискиот развој во Исланд, оттука, во интерес на наметнатите активности, Врховниот суд не може да прифати дека законодавецот на овој начин ги пречекорил своите овластувања.
Жалителот смета дека ослободувањето од плаќањето на индустриската такса што го уживаат јавните претпријатија претставува повреда на принципот на еднаквост. Што се однесува до овој аргумент, треба да се забележи дека јавните претпријатија се разликуваат од приватните претпријатија по повеќе основи и дека, во повеќе области, нивната фискалност е подложена на различни режими, како што тоа може да се констатира општо во исландската фискална легислатива. Во својот поднесок, жалителот не бара да ја спореди својата ситуација со ситуацијата на оваа или онаа јавна установа. Никаква дискриминација не била утврдена меѓу него и лицата ослободени од плаќање на таксата со законот од 1993 г. Конечно, во поткрепа на неговите барања, тој наведува дека набројувањето на кодовите на активностите, врз кое се заснова режимот на оданочување воспоставен со членот 2 § 1 од законот од 1993 г., е произволно по својата природа. Е обврзана да ја плаќа таксата онаа индустрија, дефинирана подоле во текстов како вклучувајќи ги активностите кои се однесуваат на нумеричките кодови набројани во класификацијата на исландските комерцијални активности додадена во анекс на законот од 1993 г., изменет со законот бр. 81/1996. Во оваа дефиниција, индустријата не ја вклучува само производствената индустрија, туку исто и преработката и услугите, како и градежната индустрија. Овој текст така ги ограничува индустриските активности, разграничувајќи ги од останатите сектори на економијата, имено активностите од областа на земјоделството и на риболовот. Впрочем, оваа класификација била земена како одредница за основицата и на други такси освен на индустриската. Жалбата на подносителот, оттука, не може да биде прифатена врз основа на елементите на кои се повикува.“
19. Приложени се релевантните извадоци од мислењето на издвоениот член на Врховниот суд, судијата Олафур Боркур Орвалдосон (Ōlafur Börkur Þorvaldsson) :
„I
Првиот текст во оваа област беше законот бр. 48/1975 за индустриската такса. Според експликативните ноти на предлог законот, тој бил предложен по препорака на ФИИ, на Националната федерација на занаетчиите и на Сојузот на исландските кооперативи. Овие организации поднеле детално експозе веројатно дословно преземено од погоре наведените ноти. Во него ја имаше исто и следната забелешка: „ (...) може да се забележи дека индустриските претпријатија и независните работници од индустријата им наплаќаат, во корист на јавните власти, различни такси на нивните вработени и на потрошувачите. Ова собирање такси за кое тие се задолжени и одговорни се однесува на суми од милијарди круни секоја година, без притоа да бенефицираат од каква и да е надокнада за тоа. Оттука, се чини разумно дека Државата треба да се нафати да наплаќа, како надокнада за засегнатите страни, придонеси чиј износ претставува само многу мал дел од сумите што тие ги собираат за државата. Овој извор на приходи би сочинувал финансиска основица која би им овозможила на професионалните федерации на исландската индустрија да учествуваат поактивно во индустрискиот развој на иднината.“ Стариот закон исто така содржеше одредба која денес е на сила, и која предвидуваше дека Министерството за индустрија треба да изготвува секоја година извештај за користењето на приходите од оваа такса. По однос на оваа точка, експликативните ноти појаснуваа дека станува збор за „одредба која има за цел да гарантира дека јавните власти имаат разумен увид во тоа како индустриската такса е искористена“.
Законот бр. 48/1975 бил заменет со оној кој е сега на сила, осносно, законот бр. 134/1993. Според експликативните ноти на новиот текст, обврзниците на индустриската такса биле истите како и порано, но бил усвоен систем на упатување на нумеричките кодови кои соодвествуваат на класфикацијата на комерцијалните активности воспоставена од страна на Канцеларијата за статистика, со цел да „се отстрани секаков сомнеж во врска со лицата кои се обврзани да ја плаќаат таксата“. Било предвидено, освен тоа, дека приходите од тој данок ќе бидат целосно распределени на ФИИ, за разлика од претходниот закон кој го распределувал меѓу Сојузот на исландски кооперативи, Канцеларијата за продажба на индустријата за конзервирани производи, ФИИ и Националната федерација на занаетчиите. Паралелно, основицата на индустриската такса била изменета поради укинувањето на професионалната оппштинска такса, по однос на која истата оваа основица била претходно одредувана.
II
Согласно статутот, ФИИ обединува претпријатија, независни работници и здруженија на трговци и на мајстори-занаетчии кои сакаат да се залагаат за заедничките цели набројани во членот 2 од истиот статут. Оваа одредба ги изнесува во десет точки целта и улогата на ФИИ, односно промовирањето на исландската индустрија низ различни модалитети и поддршка за нејзините членови преку сите средства кои се тука изложени детално. Според подложените документи, здружението се ангажира исто и околу политички прашања, како на пример пристапување кон Европската Унија и фискалност во различни области. Согласно членот 8 од статутот, секој член на ФИИ, за време на состаноците на организацијата, се стекнува со право глас пропорционално на придонесите што ги уплатил. Членот 14 предвидува дека износот на придонесите не може да надмине 0,15 % од обртот на капитал од претходната година но дека управниот одбор на ФИИ може да одлучи да го намали овој износ. Оваа одредба потоа дообјаснува дека „ако членовите подлежат на плаќање на индустриската такса, и приходите од истата потоа се распределуваат на ФИИ, последнава тоа го забележува и уплатениот износ за таксата потоа им се одзема од членарината. Доколку тие веќе не подлежат на плаќањето индустриска такса, овој попуст автоматски се укинува. Правото на гласање на секој член се пресметува според котизациите што ги уплатил. Во рамките на ФИИ, Управниот одбор и директорот на одборот се оние кои се надлежни, како и во секое здружение од општо право, за управувањето и одлучувањето“.
Презентираните документи од ФИИ, кои го засегаат периодот на кој се однесуваат барањата на подносителот, не назначуваат јасно на кој начин приходот од индустриската такса бил употребен. Еден коментар во извештаите на ФИИ, во врска со користењето на фискалниот приход за годината 2002 и 2003, вели исто така дека оваа организација „не прави разлика во своето сметководство дали некој елемент од операциите на ФИИ е финансиран со сумите собрани од членарините, од приходите од капиталот или пак од индустриската такса“. Извештајот упатен до министерот за годината 2001 содржи сличен пасус, но извештајот за 2004 г. не бил додаден во досијето. Треба да се додаде дека, по однос на други точки, извештаите упатени од ФИИ до министерот се повторуваат од година во година. Вусшност, се чини дека може да се заклучи од документите кои го сочинуваат досието дека еден дел од приходот од таксата се распределува за трошоците поврзани со општото функционирање на ФИИ. Од друга страна, ништо не укажува дека Министерот за индустрија направил каква и да е забелешка за користењето на таа такса, и во едно писмо испратено до Здружението на мајсторите ѕидари на 15 февруари 2002 г. по жалбите добиени во врска со ова прашање, тој го вели следното: „како што е предвидено во одредбите на законот за индустриска такса, ФИИ, го има правото на одлучување за начинот на кој ќе се употреби приходот од овој данок и Министерот за индустрија на може да интервенира се додека правната рамка е испочитувана.“ Извештаите што ги подложила ФИИ за релевантните периоди за тековниот случај покажуваат дека овој систем им помогнал на членовите на ФИИ кои биле обврзани да ја плаќаат индустриската такса да добијат попуст во однос на нивните членарини во износ еднаков на оној на платената такса. Следните опсервации наведени во извештајот на ФИИ кој е упатен до Министерот за индустрија за 2003 г. можат да бидат дадени како пример : „ да укажеме на тоа дека на членовите обврзани да ја плаќаат индустриската такса, сумата што ја платиле за таа цел се одзема од износот што треба да го платат за членарина за ФИИ“. Би било неправедно претпријатијата членки кои ја плаќаат оваа такса да придонесуваат повеќе за активностите на ФИИ отколку другите претпријатија членки. Затоа, уплатениот придонес на претпријатијата членки на ФИИ, било да се тие подложни на плаќањето на индустриската такса или не, е ист. Од друга страна, другите претпријатија, кои не се членки на ФИИ, едноставно ја плаќаат таксата, придонесувајќи така за општата заштита на интересите на исландската индустрија.
III
Членот 74 од Уставот е оној кој ја регулира слободата на здружување (...) Правилата кои во него се изложени за таа област се подетални од оние директно изложени во членот 11 од Конвенцијата. (...) Членот 74 § 2 од Уставот вели : „никој не може да биде принуден на стане член на некоја организација. Сепак, членството во некое здружение може да стане обврзно со закон доколку тоа е неопходно за да му се овозможи на одредено здружение да изврши одредена мисија од јавен интерес или пак за заштита на правата на другите“.
Како што тоа беше веќе наведено, целта на индустриската такса, дефинирана со законот од 1993 г., е да ја промовира исландската индустрија. Законот експлицитно предвидува дека единствено единствено делот од приходот од овој данок којшто соодветствува на трошокот за неговото наплаќање може да биде задржан од страна на државниот трезор. Остатокот ѝ се префрла на ФИИ, којашто одлучува за начинот на којшто ќе го употреби. Исто така, се чини дека одреден непрецизиран дел од овој износ се распределува за општите активности на ФИИ, за што е надлежен управниот одбор. Од одредбите од законот од 1993 г. исто така не може да се заклучи дека Министерот за индустрија располага со потребните надлежности за да може се осигура дека дадените суми се искористени согласно модалитетите предвидени во овој закон. Така, министерот се задоволува со тоа што ги прима извештаите од ФИИ. Оттука, не би можело да се смета дека наведените одредби го гарантираат искористувањето на овие суми за целите предвидени со закон.
Во принцип, плаќањето членарина на некое здружение кое бара таа сума да му биде уплатена е една од првичните обврски на неговите членови. Жалителот е член на Здружението на мајсторите-ѕидари. Ниту тој, ниту пак тоа здружение не се членови на ФИИ. Жалителот не ги поддржува целите за кои се залага ФИИ во различни области и смета, како што е тоа назначено во оспорената пресуда, дека оваа организација дејствува спротивно на неговите интереси, па дури и спротивно на интересите на многу други индустријалци кои се обврзни да ја плаќаат индустриската такса и кои не се членови на ФИИ. Законот од 1993 г. го обврзува да го плаќа овој данок чијшто приход, како што тоа веќе било наведено, се распределува на слободно здружение кое има за цел да ги штити интересите на двигателите на исландската индустрија и интересите на своите членови, на начин на кој овие интереси се дефинирани во даден момент со одлука на директорот и на управниот одбор, без вистинска интервенција на јавните власти.
Со оглед на ова, како и со подготвителните работи за законот од 1993 г., и земајќи го предвид начинот на којшто овој данок ги поткрепува, неспорно, општите активности на ФИИ, треба да се смета дека со овој законски аранжман жалителот е обврзан да има незанемарлив уддел во општите активности на ФИИ без негова согласност. Претходно наведените одредби од членот 74 § 2 од Уставот кои го предвидуваат правото на секој да не стане член на некое здружение, треба да бидат протолкувани во смисла на тоа дека забрануваат аранжман како оној утврден со законот од 1993 г., освен во случај тој да ги исполнува условите наведени in fine во овој член. Меѓутоа ФИИ не е здружение кое се бави со видот на активности наведени во овие одредби. Заради ова, оправдано е жалителот да биде ослободен од плаќањето на индустриската такса за годините 2001 и 2004, како што тоа го бара во поднесокот, и да се осуди спротивната страна да ги плати судските трошоци на спротивната страна за постапките пред Окружниот и Врховниот суд.“
II. РЕЛЕВАНТНОТОДОМАШНО ПРАВО
20. Членот 74 §§ 1 и 2 од исландскиот Устав вели :
„Здруженијата, вклучувајќи ги политичките партии и синдикатите, можат да бидат основани без претходна авторизација, под услов нивната цел да е законска. Тие не можат да бидат расформирани само со административна одлука. Сепак, доколку се открие дека активностите на едно здружение имаат незаконска цел, тоа може да биде забрането со одлука за расформирање донесена по завршувањето на судската постапка која ќе се спроведе во најбрзиот можен рок.
Никој не може да биде присилен да стане член на некое здружение. Сепак, членството може да стане законски обврзно доколку тоа е нужно за извршување преку здружението на некоја задача од јавен интерес или пак за штитење на правата на другите.“
21. Еве ги релевантните одредби од законот бр. 134/1993 за индустриската такса :
Член 1
„ Се обврзани да платат индустриска такса, чија стапка е фиксирана на 0,08 %, сите исландски индустрии, како што е тоа дефинирано во членот 2 од законот. Основицата на оваа такса е обртот на капитал, онака како што го дефинира членот 11 од законот за данокот на додадена вредност, плус секој приход ослободен од данокот на додадена вредност согласно членот 12 од овој закон.
Пресметувањето и наплаќањето на индустриската такса се регулираат со одредбите од поглавијата VII до XIV на законот за данокот врз профитот, зависно од случајот.
Државниот трезор задржува 0,5 % од индустриската такса, онакако како што таа се собира согласно првиот став на овој член, со цел да се покријат трошоците за собирањето на данокот.
Индустриската такса може да биде одбиена од приходите остварени во оперативната година врз основа на кои се пресметува основицата на данокот.“
Член 2
„Секоја активност на која се однесуваат нумеричките кодови изложени во анексот на овој закон ќе се смета како „индустрија“.
Се ослободуваат од плаќање индустриска такса претпријатијата кои се целосна сосптвеност на државата или пак претпријатијата од чиј капитал државата поседува значаен дел согласно посебни закони, освен во случај кога овие закони содржат поинакви одредби.“
Член 3
„Приходот од индустриската такса се распределува на Федерацијата на исландските индустрии. Тој е наменет за промоцијата на индустријата и з индустрискиот развој во Исланд. Федерацијата секој година му подложува на Министерство за индустрија извештај за употребата на таксата.“ (...)
Член 7
„Канцеларијата на генералниот ревизор може да побара од инститиуциите, здруженијата, фондовите и други странки кои се финансирани или уживаат одредени гаранции од страна на државата, да му ги достават сите сметководствени книги, и тие се обврзани да му овозможат увид во сите барани документи. Ревизорот исто треба да има пристап до оригиналните документи и извештаи изготвени во исто време со фактурите адресирани до државата или пак до државните органи за работите или услугите кои ги плаќа, во целост или во голем дел, државниот трезор согласно законот или пак согласно договори за работа или спогодби врз основа на тарифи кои биле договорени со кое и да е физичко или правно лице. Ревизорот може од друга страна да ги разгледа тие документи, со цел да ја провери содржината на фактурите и платежната обврска која ја има државниот трезор. (...)
Во случај на спор кој се однесува на правото на Канцеларијата на генералниот ревизор да врши проверки согласно овој член, Канцеларијата на генералниот ревизор треба да се обрати до Окружниот суд.
III. РЕЛЕВАНТНОТО МЕЃУНАРОДНО ПРАВО И СУДСКА ПРАКСА
A. Ставот на Европскиот комитет за социјални права
22. Европскиот комитет за социјални права го разгледа во повеќе наврати прашањето на членарините и синдикалните придонеси во однос на членот 5 од Европската синдикална повелба, особено во следните документи:
Конфедерација на шведските претпријатија против Шведска, барање бр. 12/2002, одлука за основаноста донесена на 15 мај 2003
„39. Комитетот забележува најпрво дека таксите кои се наплаќаат од платите на работниците согласно колективниот договор меѓу СБВУ (SBWU) и Шведската федерација за градежништво, служат, според одредбите на овој договор, за континуирано мониторирање на платите. Комитетот смета дека една ваква задача може, во зависност од националните традиции, да се врши или од јавната администрација, или, пак, со експлицитна или имплицитна дозвола од законодавецот, од страна на професионалните или синдикалните организации. Доколку станува збор за вториов случај, сосем е легитимно да се предвиди надомест за ова.
40. Комитетот, оттука, смета дека наплаќањето на такса во корист на синдикална организација, која има за цел да го финансира вршењето од страна на оваа организација на постојан мониторинг на платите само по себе не може да се смета за неоправдано. Комитетот смета дека ова не може ниту да се смета за повреда на слободата за зачленување на работникот во некоја синдикална организација затоа што плаќањето на оваа такса не го повлекува автоматски зачленувањето во СБВУ (SBWU), и, освен тоа, работниците кои се членови на некој друг синдикат не ја плаќаат истата.
41. Меѓутоа, Комитетот смета дека постојат сомневања во врска со вистинската употреба на наплатената такса и дека, во околностите на конкретниот случај, доколку таа е употребена за финансирање на други активности освен за мониторирањето на платите, тогаш тоа би значело дека наплаќањето на оваа такса, врз основа на образложенијата наведени во ставот 39, било, барем делумно, извршено со повреда на членот 5.42. Во случајов, Комитеот не е во можност да ја провери намената на наплатената такса, и особено да провери во која мера висината на таксата е пропорционална со цената на извршената услуга и со придобивките што работниците ги добиваат со мониторирањето на платите. Тоа се пресудни фактори во одредувањето дали имало или не непочитување на членот 5 како што е тоа објаснето во ставовите 39 и 40. Комитетот, оттука, смета дека националните јурисдикции се надлежни да се произнесат по ова прашање согласно принципите што Комитетот ги утврдил и, доколку има потреба, законодавецот треба да им овозможи на судовите да ги извлечат последиците што се однесува на усогласеноста со Повелбата и на законитоста на оспорените одредби.
43. Комитетот ја задржува можноста да ја провери ситуацијата преку постапката на извештаи и, доколку има потреба, преку постапката на колективни рекламации (...)“.
Заклучоци 2002 за Романија, стр. 133
„Според извештајот, не е реткост синдикатите да бараат од работниците кои не се членови на едно претпријатие да платат одредена сума и „да пополнат барање за зачленување или писмено обврзување“ како надомест за преговарањето на колективниот договор. Дополнителните информации дадени од Владата на барање на Комитетот, укажуваат на тоа дека оваа пракса се потпира врз единствениот национален колективен договор 2001-2002 г., која вели дека наплатениот износ не може да биде помал од 0,3 % од платата и не смее да го надмине износот на синдикалните котизации. Комитетот забележува дека согласно законот бр. 130/1996 за колективните договори, колективните договори се применуваат на сите работници на претпријатието, независно од нивниот работен стаж или пак од тоа дали се синдикални членови или не. Во овие услови, фактот да им се бара одредена сума на работници кои не се членови на некој синдикат претставува синдикална сигурносна практика која е спротивна на правото за синдикална слобода.
Комитетот бара следниот извештај јасно да назначи дали, покрај уплаќањето на одредена сума на синдикатот, работниците кои не се членови на синдикат се должни, како што тоа го покажува извештајот, да побараат да станат членови. “
Заклучоци 2004 за Романија, стр. 484-485
„(...) Комитетот заклучи дека ситуацијата на Романија не е усогласена со членот 5 заради наметнатата обврска за работниците кои не се членови на синдикат да плаќаат одредена сума на синдикалната организација која го договорила колективниот договор кој се применува, иако ваквите договори се однесуваат согласно законот на сите работници било да се тие членови на синдикат или не (ситуацијата е опишана во Заклучоците 2002, стр. 136 и 137).
Комитетот одново ја разгледува ситуацијата врз основа на објаснувањата содржани во извештајот и согласно принципите кои ги развил во жалбата бр. 12/2002 (Конфедерација на шведските претпријатија против Шведска, одлука за основаноста од 15 мај 2003). Тој најпрвин забележува дека оваа сума се наплаќа како придонес за финансирањето на мисија која е од интерес за сите работници: утврдувањето на колективните договори. Тој потоа забележува дека единствениот национален колективен договор 2001-2002 г., врз кој се заснова оваа пракса, не предвидува уплаќањето на оваа сума да е задолжително ниту пак таа да биде наплатена за сметката на некој синдикат. Не е ниту предвидено, во текстот, автоматско зачленување во синдикат. Оттука Комитетот смета дека уплаќањето на таа сума само по себе не може да се смета како повреда на слободата на зачленување на работникот во некоја синдикална организација“.
Заклучоци XVIII-1, Унгарија, стр. 400
„Во својот претходен заклучок, Комитеот го постави прашањето дали законодавството забранува автоматско наплаќање на одредена сума од платата на сите работници, дури и на оние кои не се членови на синдикат. Извештајот назначува дека, според правилата за пресметување на синдикалните придонеси, придонесите ги плаќаат само лицата кои прифатиле да ги плаќаат истите, што значи дека тие треба да се членови на некој синдикат.
Уплаќањето на синдикалните котизации може да се направи на два начина. Вработените кои се членови на синдикат можат да ги уплатат своите котизации директно на сметката на синдикатите, или пак да му побараат на работодавецот да им ги одземе котизациите од платата, и работодавецот мора да се согласи со ова. Во 2002 г., Парламентот усвои, со поддршка на синдикатите, закон кој ги задолжува работодавците да ги одземаат од платата и да ги префрлаат синдикалните котизации. Претходно, стануваше збор за постапка за која беше неопходна согласноста на вработениот и на работодавецот. Комитетот смета дека постапката на одземање на синдикалните котизации од плататата не може да биде забранета или пак да биде направена задолжителна со помош на национално законодавство. Доколку оваа постапка се злоупотреби за други цели (како на пример за да се добијат информации за синдикалната припадност), треба да се предвидат санкции.“
Б. Нормите на Меѓународната организација на трудот.
23. Поглавието 5 од Збирката на одлуки и на принципи на Комитетот на синдикалната слобода на Управниот одбор на Меѓународната организација на трудот („Збирката на одлуки и на принципи; „МОТ“) содржи елементи за правото на вработените и на работодавците да основаат организации по свој избор и да стануваат нивни членови.
Во делот насловен “Единство и синдикален плурализам“, меѓу другото е нагласено дека ако работниците можат во принцип да имаат корист од тоа да се избегне умножувањето на бројот на конкурентните синдикални организации, единството на синдикалното движење не треба да биде наметнато со директна или индиректна интервенција од страна на Државата (Збирка на одлуки и на принципи , 2006, § 319). Постоењето на монопол кој би бил наметнат од законот е спротивно на принципот на слободен избор на организациите на работници и на работодавци (ibidem, § 320). Владата не би требала ни да ги поддржува ниту да ги попречува законските обиди на одреден синдикат за исстиснување некоја етаблирана организација. Работниците би требало да можат слободно да го изберат синдикатот кој, според нив, најдобро ќе ги брани нивните професионални интереси, без мешање од страна на властите (ibidem, § 322). Наметнувањето на обврската за сите работници од засегнатата категорија да уплаќаат котизации на единствениот национален синдикат, чие основање е дозволено по индустриска гранка и по регион, не е компатибилно со принципот според кој работниците би требало „да можат да изберат“ на која организација сакаат да станат членови. (ibidem, § 325).
24. Во делот насловен „Фаворизирање или дискриминирање во однос на одредени организации“, е нагласено и следново (референците на крајот на секој параграф, на Збирката на одлуки и на принципи овде се испуштени) :
„339. Со оглед на ограничените функции што на одредени категории на синдикати им беа признаени од законодавството, комитетот сметаше дека разликата што националното законодавство ја прави меѓу синдикатите може индиректно да влијае врз слободата на изборот на работниците за тоа во кои организации ќе се зачленат. Причините кои го натераа Комитетот да го усвои овој став се следните; општо гледано, можноста, што ја има Владата, да ѝ даде предност на одредена организација или пак да ѝ ја одземе за истата да ѝ ја даде на друга организација, на пример, ризикува, дури и да нема таква цел, да предизвика фаворизирање или обесправување на некој синдикат во однос на други и оттука да претставува чин на дискриминација. Поточно, со фаворизирање или обесправување на некоја организација во однос на други, одредена влада може да влијае директно или индиректно врз изборот на работниците што се однесува до организацијата на која тие сакаат да станат членови, бидејќи тие несомнено ќе сакаат да пристапат кон синдикатот кој најдобро може ги брани нивните интереси, иако, поради професионални, верски, политички или други причини, тие ќе претпочитале да се приклучат кон друга организација. Слободата на избор на засегнатите по однос на ова прашање претставува право кое е експлицитно утврдено со Конвенцијата бр. 87.
(...)
340. Со фаворизирање или обесправување на одредена организација во однос на други, одредена влада ќе може да влијае врз изборот на работниците што се однесува до организацијата во која тие сакаат да се зачленат. Освен тоа, влада, која, намерно, би се однесувала на тој начин би го повредила принципот воспоставен со Конвенцијата бр. 87, според кој јавните власти треба да се воздржат од секоја интервенција која по својата природа може да ги ограничи правата утврдени со помош на овој инструмент или пак да го попречат нивното законско остварување, и воедно, на поиндиректен начин, би го повредила принципот кој предвидува дека националното законодавство не смее да ги повредува ниту пак да биде спроведувано на начин да ги повредува гаранциите предвидени во Конвенцијата. Препорачливо е, доколку една Влада сака да даде одредени олеснувања на синдикални организации, овие организации, во таа смисла, да бидат третирани еднакво.
(...)
341. Во еден случај во кој постоеше барем тесна работна врска меѓу еден синдикат и работните и други надлежни органи, комитетот го нагласи значењето што ѝ го придава на резолуцијата од 1952 г. што се донесува на независноста на синдикалното движење и јасно побара од владата на престане со фаворизирање, или пак со обесправување на одреден синдикат, и да заземе неутрален став кога работи со организиациите на работодавците и на работниците со цел тие да бидат третирани еднакво.
(...)
342. На повеќе наврати, комитетот разгледа случаи во кои јавните власти, според одредени наводи, фаворизирале или пак, напротив, обесправувале една или повеќе синдикални организации :
1) (...)
2) нееднаква распределба на субвенциите меѓу синдикатите (...)
3) (...)
Дискриминации по пат на вакви или преку други постапки можат да го претставуваат најнеформалниот начин на влијание врз работниците во однос на нивното синдикално здружување. Во таа смисла тие тешко се докажуваат. И покрај тоа, секоја ваква дискриминација го загрозува правото на работниците гарантирано со членот 2 од Конвенцијата бр. 87 за создавање на здруженија по нивен избор и за слободно пристапување кон нив.“
25. Поглавието 8 од Збирката на одлуки и на принципи ги најавува следните принципи кои се поврзани со јавното финасирање и контрола на синдикатите (референците кои навраќќат на овој текст на крајот на секој параграф овде се испуштени) :
„466. Правото на работниците да основаат организации по нивен избор и правото на овие оганизации да изготвуваат нивни административни статути и правилници како и да го организираат нивното раковеодење и нивната активност претполага постоење на финансиска независност. Финансиската независност подразбира организациите на работниците да не се финансирани на начин кој ќе им овозможи на државните власти да имаат дискреционо право над нив.
(...)
467. Што се однесува пак до системите за финансирање на синдикалното движење кои ги прават синдикалните организации директна зависни од некоја државна институција, комитетот сметаше дека секоја форма на контрола од страна на државата е некомпатибилна со принципите на синдикалната слобода и би требало да биде укината затоа што овозможува мешање на властите во финансиското раководење на синдикатите.
(...)
470. Систем според кој работниците се обврзани да плаќаат котизација на некоја јавна организација, која, потоа, го обезбедува финансирањето на синдикалните организации може да претставува сериозна закана за независноста на овие организации.
(...)
473. Прашањата кои се поврзани со финансирањето на синдикалните организации и организациите на работодавци, што се однесува до нивниот сопствен буџет како и до буџетите на федерациите и на конфедерациите, би требало да бидат регулирани преку статутите на синдикатите, на самите федерации и конфедерации, и наметнувањето на плаќање котизации со Устав или со закон е спротивно на законот за синдикална слобода.“
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 11 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
26. Жалителот гледа во законската обврска за плаќање на индустриската такса на ФИИ повреда на неговото право за слобода на здружување утврдено во членот 11 од Конвенцијата, од кој овде се наведени релевантните делови:
„ 1. Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други, вклучувајќи го и правото да основа синдикати и да им се придружува на синдикатите за заштита на своите интереси.
2. Остварувањето на овие права може да биде ограничено само со законски мерки што во едно демократско општество се неопходни (...) за заштитата на здравјето или моралот или заштитата на правата и слободите на други. “
Жалителот смета дека тоа исто претставува повреда на членовите 9 (Слобода на мислење, совест и вера) и 10 (Слобода на изразување) од Конвенцијата.
27. Владата ја отфрла оваа теза.
28. Судот смета дека овој дел од жалбата е најсоодветно да биде разгледан во однос на членот 11 од Конвенцијата, во светлото на членовите 9 и 10.
A. За постоењето на ограничување на остварувањето на право гарантирано со членот 11
1. Теза на странките
a) Жалителот
29. Жалителот смета дека негативниот аспект на правото за слобода на здружување треба да се стави на исто рамниште со позитивниот аспект. Според него, секој друг заклучок би бил нелогичен и спротивен на принципот на слободата на здружување. Навистина, Судот со право би пресудил дека, спротивно на слободата на здружување видена од негативен аспект, обврската да се биде член на одреден синдикат и да се финансираат неговите активности, ја повредува „самата суштина на слободата на здружување онака како што таа е утврдена во членот 11“, (Јанг, Џејмс и Вебстер (Young, James and Webster) против Обединетото Кралство, 13 август 1981, § 55, серија A бр. 44, и Соренсен и Расмусен (Sörensen and Rasmussen) против Данска [ГС], бр. 52562/99 и 52620/99, § 54, ЕСЧП 2006‑I).
30. Жалителот ја отфрли тезата, застапувана од Владата, дека немало повреда на слободата на здружување во нејзиниот негативен аспект со оглед на тоа што во овој случај станувало збор не за членарина, туку за данок. Иако Владата признала дека таксата во принцип претставува задолжителен придонес што ѝ се плаќа на државата која потоа ја користи истата согласно она што таа го смета за општ интерес, Владата заборавила дека, далеку од тоа навистина да ги задоволи овие критериуми, Индустриската такса всушност претставува само придонес наменет за ФИИ што државата ја наплаќа во корист на оваа федерација. Оттука, ФИИ е онаа која всушност раководи со сумите кои на тој начин нејзе и се распределени, следејќи ги своите политики и убедувања, без притоа да треба да води сметка за убедувањата на жалителот и на другите лица кои се обврзани со закон да уплаќаат придонеси за нејзиното финансирање. Поради причините кои се изнесени во мислењето на издвоениот судија од Врховниот суд, жалителот бил принуден, преку обврзното плаќање на ваков придонес да стане член на ФИИ и/или да се здружи со други членови на оваа федерација. Иако индустриската такса била задолжителна и иако членовите на ФИИ кои ја платиле оваа такса добивале попуст на членарината во зависност од уплатената сума, ФИИ го задржала правото да одбие да му даде дозвола за членство на жалителот и на други лица во иста ситуација како него.
31. Жалителот исто смета дека оспорената обврска за плаќање на индустриската такса го ограничува неговото позитивно право на слобода на здружување. Членот 11 § 1 го штити правото на слобода на здружување со други, вклучувајќи го правото на создавање на ентитет или колективно здружение со цел да се заштитат заедничките интереси на членовите и правото да се придружи на ова здружение. Меѓутоа, плаќањето на индустриската такса би ги намалило ресурсите што жалителот и другите лица во негова ситуација би можеле инаку да ги вложат во обука и во финансирање на здруженија кои ги бранат неговите гледишта и интереси. Во најмала мера, на жалителот и на овие лица им е повредено позитивното право на слободата на доброволно здружување со други заради бранење на нивните заеднички интереси и мислења. Во таа смисла, жалителот се повикува на ставовите 339 до 342 од Збирката на одлуки и на принципи од Комитеот на синдикалната слобода на Управниот одбор на Меѓународната организација на трудот - МОТ (видете ги ставовите 23 и 24 подоле). Секоја дискриминација од видот на онаа спомената во овие ставови, вклучително и фавризирањето или обесправувањето на кое би била подложена некоја организација во однос на друга, би го попречила правото на секој да основа здруженија по свој избор и слободно да им се придружува.
32. Според жалителот, ФИИ, која е приватно здружение, се наоѓа очигледно во привилегирана положба во однос на други ентитети од истиот вид. Индустриската такса, во таа смисла, е данокот што се наплаќа за да се финансираат активностите на оваа федерација. Ниту ЗМЅ ниту кое и да е друго приватно здружение не бенефицираат од овој придонес.
33. Жалителот тврди дека заштитата на слободата на мислење и слободата на изразување наведени во членовите 9 и 10 претполага постоење на слобода на избор. Така, секој би требало да ја има можноста да избере дали да придонесува или не кон трошоците направени од други за промоција и одбрана на политички ставови и дали да се здружи или не со други лица чии гледишта не ги споделува или пак за некоја цел која не ја поддржува. Оттука, да се присили некое лице да плаќа придонеси за некое здружение чии политики, активности и гледишта не ги поддржува, и притоа да учествува во трошоците направени од таа организација со цел промовирање и одбрана на овие гледишта само по себе би претставувало повреда на правата кои членот 11 му ги гарантира на ова лице.
б) Владата
34. Владата го одрекува постоењето на какво и да е ограничување на правото на жалителот, онака како што е утврдено во членот 11 од Конвенцијата, било да се работи за неговото право да основа професионално здружение и да му се придружи или пак за неговото право да не му се придружи. Жалителот не е член на ФИИ и на ниту еден начин тој не бил присилен да стане член. Тој едноставно е едно од 10 000 лица кои се обврзани да ја плаќаат индустриската такса, во земја која има 300 000 жители. Оваа такса, освен тоа, има многу ниска стапка, која достигнува 0,08 % од обртот на капитал. Тој износ не претставува членарина туку задолжителен придонес со сосема јасна цел која е објаснета од стана на законодавецот во законот од 1993 г., односно промоцијата на индустријата и индустрискиот развој во Исланд. Слично на други такси, за наплаќањето на оваа давачка е задолжена државата. Согласно истиот овој закон, приходите од таксата ѝ се распределуваат на ФИИ, која потоа е обврзана да ги искористи почитувајќи ги зададените цели. Владата нагласува дека, иако ФИИ е невладина организација законот и доделил сосема прецизно задолжение, односно, да ја искористи индустриската такса во интерес на целокупната индустрија, што го вклучува значи и жалителот, независен работник.
35. Доколку ФИИ работи експлицитно во интерес на своите членови, во рамките на нејзините активности се преземени потребните мерки за водење на посебни сметководствени евиденции за начинот на кој приходот од индустриската такса се користи во служба на овие посебни интереси, од една страна, и во служба на општиот интерес на целиот индустриски сектор, од друга страна. Употребата од страна на ФИИ на приходот од овој данок е подложена на услови регулирани со закон и на ефикасна контрола од страна на јавноста. Така спроведената контрола е целосно согласна на барањата за транспарентност во однос на лица, кои како и жалителот, и ја плаќаат таксата на ФИИ без притоа да бидат нејзини членови или без да бидат врзани за оваа организација на понаков начин. Во таа смисла, овој случај се разликува од случајот Евалдсон (Evaldsson) и други против Шведска (бр. 75252/01, 13 февруари 2007). Попустот на членарината што ФИИ им го дава на членовите кои се обврзани да ја плаќаат индустриската такса нема никакво влијание врз ситуацијата на жалителот. Како невладина организација, ФИИ има целосно право да одлучува за режимот што ќе го применува за своите членарини и, притоа, членот 11 ја штити од секакво мешање на државата.
36. Владата нагласува дека наплаќањето на индустриската такса е случај кој се разликува од оние наведени од МОТ во делот од нејзината Збирка на одлуки и принципи насловен „Фаворизирање или дискриминирање одредени организации“ (став 24 подоле). Фискалните приходи кои ѝ се доделуваат на ФИИ не можат да се поистоветат со некаква државна субвенција која би била нееднакво распределена на ордедено професионално здружение, а не на други. Напротив, овие приходи имаат за цел да ги финансираат трошоците предизвикани од мисијата за промоција на индустријата и за индустрискиот развој во Исланд за која мисија официјално е задолжена ФИИ. Доколку ниту едно друго професионално здружение не прима дел од приходите од оваа даночна давачка, тоа би било затоа што ниту едно од нив не се бави со мисија од овој вид. Оттука, не станува збор за дискриминација меѓу ФИИ и традиционалните професионални здруженија, во значењето предвидено од Комитетот на МОТ.
37. За владата, постои фундаментална разлика меѓу ситуацијата во овој случај и онаа во претходно пресудените случаи од страна на Судот кои се однесуваат на негативните аспекти на слободата на здружување, имено случаите Јанг, Џејмс и Вебстер, претходно наведени, Сигурдур А. Сигурјинсон (Sigurður A. Sigurjónsson) против Исланд, 30 јуни 1993, серија A бр. 264, и Соренсен и Расмусен, претходно наведен. Така, спротивно на овие последно наведени случаи, одбивањето за плаќање на индустриската такса од страна на жалителот во случајот немало да доведе до загуба на неговото работно место или пак на неговите средства за живот и немало да има какви и да е последици на ова поле. Во таа смисла, станува збор не за членарина туку само за даночна давачка.
38. Владата тврди дека неплаќањето на индустриската такса немало никакви лични последици врз жалителот, било во однос на трудовото право било во однос на кривичното право, и дека тоа не го принудило да престане со својата дејност, како што тоа го предвидуваат специјалните правила кои се применуваат за наплаќањето на данокот за додадена вредност. Според владата, секој заостанат долг ќе довел до усвојување на мерки за наплаќање на долгот кои му припаѓаат на општото право и се применуваат вообичаено од фискалните власти, како што се повратот и запленувањето на сопственоста на лицето (закон бр. 90/1989 за извршните методи) и нивната присилна продажба на аукција (закон бр. 90/1991). Оттука, единствените последици за жалителот во ваков случај би биле финансиските притисоци како оние кои вообичаено се применуваат за фискални прашања. Во секој случај, стапката на наплатената такса по однос на активностите на жалителот е минимална (0,08 %), односно таа изнесува само 66 ЕУР за целата 2004 г. Волку ниска сума не можела да го преоптовари и, во таа смисал, овој случај се разликува од погоре наведениот случај Евалдсон и други.
39. Исто така, Владата ги отфрла заклучоците на жалителот по однос на членовите 9 и 10 од Конвенцијата. ФИИ немала никакви политички намери што се однесувале на функционирањето или на стратегијата на која и да е политичка партија. Таа никогаш не ја искажала својата поддршка ниту пак се поврзала со некоја политичка партија, на пример, финансирајќи некоја партија директно или индиректно. Оттука, Владата одречно ја отфрла тезата на жалителот дека ФИИ се бави со политички активности. Владата признава дека ФИИ, одвреме навреме, учествува во јавни дебати посветени на интересите на индустријата и на најдобрите начини да се воспостават соодветни оперативни услови за секторот. Меѓутоа, овие активности биле вршени независно од тоа која политичка партија била на власт во тој миг. Во таа смисла, ситиацијата на жалителот се разликува од онаа на жалителите во случаите Јанг, Џејмс и Вебстер и Соренсен и Рамиусен, каде постоеле јасно истакнати врски меѓу одредени политички партии и синдикатите кон кои овие лица биле присилени да пристапат.
40. Околностите на овој случај не можат да бидат споредени ниту со оние на случајот Шасању и други против Франција (Chassagnou et autres) ([ГС], бр. 25088/94, 28331/95 et 28443/95, ЕСЧП 1999‑III). Како најрепрезентативна организација од целокупниот индустриски сектор во Исланд, ФИИ, сериозно го промислила и изнела мислењето дека Европската Унија („ЕУ“) им служела на интересите на секторот и дека индустријалците на земјите членки од ЕУ имале подобри оперативни услови од оние во Исланд. Меѓутоа тоа мислење не претставувало заземање на некаков став или изразување на посебно политичко убедување што жалителот можел да смета дека бил присилен да го поддржи против неговата волја. ФИИ претставувала многу широка и хетерогена групација на претпријатија и на работодавци во голем број на индустриски сектори и нејзината цел била не да ги поддржува целите на една или повеќе политички партии ниту пак да се влучи во некаква политичка активност, туку да ги застапува интересите самата индустрија.
41. Од горенаведените елементи Владата заклучува дека фактите оспорени од жалителот не можат во ниту еден случај да се сметаат за некаков вид присила која ја повредила самата суштина на правата гарантирани од членот 11. Исто така, од судската пракса на Судот не произлегувало дека негативниот апсект на правото за слобода на здружување треба да биде ставен на исто рамниште со неговиот позитивен аспект.
42. Што се однесува до позитивната слобода на здружување на жалителот, обврската за плаќање на индустриската такса немала никакво влијание врз неговото право да пристапи кон синдикатот или здружението што ќе го избере. ЗМЅ, чиј член е жалителот, не е обврзано со колективните договори утврдени од страна на Конфедерацијата на исландските работодавци, во чиј сојуз спаѓа и ФИИ. Оттука, слободата за преговарање на жалителот не била загрозена. Без никакво мешање, ЗМЅ можела да се грижи за посебните интереси на своите членови и да ги обврза наметне, за таа цел, да плаќаат членарина. Наводите на жалителот според кои активностите на ФИИ се спротивни на неговите сопствени интереси или убедувања оттука не биле поткрепени. ЗМЅ и ФИИ обете биле здруженија на работодавци и жалителот, во таа смисла, не навел некои негови интереси кои би биле во сукоб со оние на ФИИ. Напротив, интересите на градежните претпријатија, како и оние на другите индустриски претпријатија, целосно соодветствувале со оние застапувани од ФИИ. Самиот жалител имал придобивки од активностите за промовирање на исландската индустрија организирани од ФИИ.
43. И покрај тоа што ФИИ учествувала во јавни дебати посветени на оперативните услови на исландските индустриски претпријатија, и на можноста за пристапување на Исланд кон Европската Унија, жалителот, како и ЗМЅ, имал целосна слобода да не се согласи со ставовите истакнати од таа организација.
44. Повикувајќи се на горенаведеното, Владата побарала од Судот да заклучи дека немало повреда на правата на жалителот утврдени со членот 11 од Конвенцијата.
2. Оценка на Судот
45. Судот потсетува дека правото да се основаат синдикати и да се пристапува кон нив е посебен аспект од слободата на здружување и дека поимот слобода подразбира одредена слобода на избор што се однесува до остварувањето на истата (Јанг, Џејмс и Вебстер, претходно наведен § 52). Оттука, може да се смета дека членот 11 од Конвенцијата еднакво го опфаќа негативното право на здружување, односно, правото да не се биде присилен да се стане член на некое здружение (Сигурдур А. Сигурјинсон, преходно цитиран, § 35). Иако присилувањето да се зачлени во одреден синдикат не секогаш е спротивно на Конвенцијата, даден облик на присила кој, во околностите на овој случај, задира во самата суштина на слободата на здружување гарантирана од членот 11 ќе претставува повреда на споменатата слобода. (Густафсон (Gustafsson) против Шведска, 25 април 1996, § 45, Збирка на пресуди и на одлуки 1996‑II, како и Јанг, Џејмс и Вебстер, § 55 ; Сигурдур А. Сигурјинсон, § 36, и Соренсен и Расмусен, § 54, претходно наведени).
46. Освен тоа, во тој контекст треба исто да се води сметка за тоа дека заштитата на личното мислење утврдена во членовите 9 и 10 претставува дел од целите на гаранцијата на слободата на здружување и дека една ваква заштита може да биде обезбедена на ефикасен начин само преку гарантирањето на едно позитивно право на здружување и на едно негативно право на здружување (Шасању и други, § 103; Јанг, Џејмс и Вебстер, § 57 ; Сигурдур А. Сигурјинсон, § 37, и Соренсен и Расмусен, § 54, претходно цитирани).
Во тој контекст, поимот на лична автономија одразува еден важен принцип кој го поддржува толкувањето на гаранциите на Конвенцијата. Овој поим треба да се смета за суштинска природна последица од слободата на избор на поединецот која е имплицитна во членот 11, како и како елемент кој го потврдува значењето што го има негативниот аспект на оваа одредба (Соренсен и Расмусен, ibidem).
47. Жалителот во случајов, работодавец од секторот градежништво и член на ЗМЅ, бил принуден согласно законот од 1993 г. да плати индустриска такса во корист на ФИИ, чијшто тој не е член и во чиј сојуз не спаѓа ЗМЅ. Првото прашање по однос на кое е потребно произнесување е дали, како што тоа го тврди жалителот и како што тоа го оспорува Владата, една ваква обврска може да се анализира како присилно пристапување кое ја повредува слободата на здружување на жалителот во нејзиниот негативен аспект, односно неговата слобода да не се „здружува“ во некоја професионална организација против својата волја, согласно толкувањето кое е прифатено од Судот во неговата судска пракса.
48. Судот констатира дека околностите на сегашниот случај се разликуваат од претходно разгледаните случаи по тоа што ниту жалителот ниту ЗМЅ, чијшто тој е член, не биле „присилени“ да се „придружат“ на ФИИ, односно да станат нејзини членови. Сепак, иако не вклучува некакво формално зачленување, обврската на која жалителот бил присилен има нешто заедничко со зачленувањето што е многу важно, а тоа е плаќањето придонес во корист на финансиските ресурси на ФИИ (Соренсен и Расмусен, претходно наведен, § 63). Оваа заедничка точка е дотолку поважна што членовите на ФИИ кои се обврзани да ја плаќаат индустриската такса имаат право износот на нивната членарина да биде намален соодветно на уплатениот износ за дадената такса.
49. Вистина е дека, за разлика од членарините кои се уплаќаат на некое здружение, индустриската такса ѝ се плаќа на ФИИ не директно туку индиректно, со посредство на јавниот трезор кој, откако ќе ги одземе трошоците за собирањето на таксата, ѝ го распределува приходот од таксата на ФИИ, којшто приход се пресметува посебно од членарината. Иако, во таа смисла, може да се смета дека оваа такса ги поседува својствата на даночна давачка со посебна намена, индустриската такса е единствена од овој вид со оглед на тоа што неа ја плаќа ограничена група на лица, пришто средствата од истата се даваат на користење на приватно здружение без некое позначајно мешање или контрола од страна на државата.
50. Подеднакво е вистина дека, како што нагласува Владата, годишните износи што жалителот морал да ги плати, пресметани врз основа на неговиот обрт на капитал и според законската фиксна стапка од 0,08 %, се релативно ниски и дека одбивањето од страна на жалителот да ја изврши својата законска обврска да ја плати даночната давачка ќе било казнето само со граѓански или административни санкции, меѓу кои наплаќањето на долгот по пат на заплена на неговите добра и нивна продажба на аукција. Во таа смисла, степенот на присила на кој жалителот бил подложен треба да се смета за многу помал отколку во некои други случаи поднесени пред судот каде поради одбивањето од страна на жалителот да пристапи кон одреден синдикат тој ја имал загубено својата работа или пак професионалната лиценца, односно средствата за живот (Јанг, Џејмс и Вебстер, § 55, и S Сигурдур А. Сигурјинсон, §§ 36-37, претходно цитирани). Од друга страна, Судот констатира дека, на ист начин, било оценето дека многу помали последици од одбивање на зачленување во даден синдикат претставувале повреда на самата суштина на слободата на избор и личната автономија кои се составен дел од слободата на здружување гарантирана со членот 11 од Конвенцијата (видете, на пример, Соренсен и Расмусен, претходно цитиран, § 61).
51. Во дадениов случај, жалителот бил принуден со закон да даде финансиска поддршка на приватна организација што тој самиот не ја избрал и која, освен тоа, бранела политики - меѓу другото, пристапувањето кон Европската Унија – што тој ги сметал како суштински спротивни на неговите гледишта и политилчки интереси. Во таа смисла, повредата на членот 11 што тој ја посочува треба да биде разгледана со помош на членовите 9 и 10, со оглед на тоа дека заштитата на личното мислење е една од целите на слободата на здружување гарантирана со членот 1 (Соренсен и Расмусен ; Сигурдур А. Сигурјинсон, § 37, и Јанг, Џејмс и Вебстер, § 57, претходно цитирани).
52. Судот, од друга страна, забележува дека, и покрај скромноста на износот на годишните придонеси за кои станува збор, гледано индивидуално, режимот на индуструската такса има значителни реперкусии поради својост системски, широк и континуиран карактер. Обврзувајќи не помалку од 10 000 ентитети да ја плаќаат оваа даночна давачка на ораганизација која содржи нешто повеќе од 1 100 члена и која на тој начин си обезбедува добар дел од своето финансирање (став 12 наведен погоре), овој режиме се состои во тоа да се наплаќаат на големо одредени парични износи и истите да бидат распределни на еден единствен примател, ФИИ. Ниту една друга организација, дури ни ЗМЅ, чијшто член е жалителот, не добива каков и да е дел од индустриската такса. За разлика од членовите на ФИИ, лицата кои, по примерот на жалителот, се зачленети во други организации немаат можност да ги одбијат износите уплатени за индустриската такса од нивните членарини за организациите во кои членуваат. Како што укажува Владата, приходот од оваа даночна дваачка секако се распределува за поддршка на промоцијата и за развојот на исландската индустрија во нејзината целина, меѓутоа нема сомнение дека ФИИ и нејзините членови се имаат поголеми привилегии одошто на пример ЗМЅ и неговите членови, меѓу кои и жалителот.
53. Во тој поглед, Судот води еднакво сметка за заклучоците кои од своја страна ги извлекол Европскиот комитет за социјални права што се однесува до членот 5 од Европската социјална повелба) и од Комитетот за синдикална слобода на Управниот одбор на МОТ (што се однесува до Конвенцијата бр. 87 за синдикалната слобода и заштитата на синдикалното право), од што произлегува дека обврската која ја имаат лицата кои не се членови на синдикат да му плаѓаат котизација на истиот и владините меркои кои провилегираат или обесправуваат даден синдикат можат, во одредени околности, да бидат спротивни со нивното право да основаат орагнизации по свој избор и да им се придружуваат (став 22-24 наведен погоре).
54. Накусо, Судот заклучува дека законската обврска за жалителот да ја плаќа индустриската такса ја повредила неговата слобода на избор што се однесува до заштитата на неговите професионални интереси како член на синдикат и ја повредила неговата слобода на здружување која е гарантирана со ставот 1 од членот 11.
Б. За оправданоста на повредата според ставот 2 од Конвенцијата 11
1. Тезите на странките
a) Жалителот
55. Иако признава дека обрската за плаќање на индустриската такса била „предвидена со закон“, жалителот смета дека, спротивно од она што го тврди Владата, повредата на неговото право на слобода на здружување немала легитимна цел.
56. Жалителот смета освен тоа дека наметнувањето на обврската за плаќање на индустриската такса за лица кои, како него, не се членови на ФИИ не може да се смета за неопходно во смисла на ставот број 2 од членот 11 од Конвенцијата, кој би требало да се толкува во согласност со членовите 9 и 10. Повредата на неговото (негативно) право на здружување, на слободата на совест и на слободата на изразување која произлегува од обврската што тој ја има да се придружи на ФИИ и/или да се здружи со други лица во рамките на таа организација со тоа што ѝ плаќа котизација на истата во ниту еден случај не може да се смета за оправдана. Плаќањето на овој придонес, меѓу другото, и овозможувало на ФИИ да ги финансира своите активности за поддршка и промоција на нејзините политички ставови, кои ставови биле спротивни со оние на жалителот и на ставовите на други лица кои се наоѓале во истата ситуација како него, односно биле принудени значително финансиски да придонесуваат за активностите на оваа организација плаќајќи ја задолжително оваа такса во корист на ФИИ, што за него и за други било спротивно на нивните интереси и на националните интереси. Исландските власти не можеле да докажат дека не постоел ниту еден друг начин за промовирање на интересите на исландската индустрија, онака како што ги застапува ФИИ, освен да се натераат жалителот и други лица да ја плаќаат таа такса и да придонесат на тој начин за подмирување на трошоците на ФИИ врзани за поддршката и промоцијата на ставови со кои тие самите не се согласуваат. Во тој поглед, жалителот се повикува на пресудата на Судот во случајот Евалдсон и други, претходно цитиран.
57. Жалителот, меѓудругото, нагласува дека ФИИ одлучува самата за користењето на приходите од таксата, без мешање на јавните власти. Како што тоа Владата го искажала во писмото од 15 февруари 2000 (цитирано во делот II од излагањето на издвоениот судија од Врховниот суд – видете став 19 погоре), оваа организација била единствената одговорна за искористувањето на сумите кои така ѝ биле распределени и Министерот за индустрија не можел да интеревенира.
58. Освен тоа, ФИИ несомнено се бавела и со политички активности, изјаснувајќи ја, на пример, својата поддршка за пристапувањето на Исланд кон Европската Унија.
59. Далеку од тоа да ја поткрепувал тезата на Владата, фактот дека државата, а не ФИИ била задолжена да ја наплаќа индустриската такса, напротив, ја поткрепувал само повеќе тезата на жалителот според која, иако таа такса била спроведена и наплаќана од страна на државата, приходот од истата потоа ѝ се распределува на ФИИ, која потоа го користи како што сака без контрола од јавните власти.
60. Спротивно на она што го кажала Владата, индустриската такса била наплаќана не во интерес на општеството, туку во интерес на приватно здружение, а тоа е ФИИ.
61. Владата се повикува на претходно цитираната пресуда Евалдсон и други, меѓутоа таа повеќе ја поткрепува тезата на жалителот. Иако, во тој случај, оспореното задолжително плаќање било наметнато согласно колективен договор, обврската која се оспорува во тековниот случај е наметната со закон. Оттука, ставот кој е усвоен од страна на Судот во претходниот случај дотолку повеќе би се наметнал во овој случај. Од друга страна, слично на ситуацијата во случајот Евалдсон, и овде би имало недостаток на информации и недоволна транспарентност што се однесува до активностите за контрола и користењето на фондовите од страна на ФИИ.
62. Освен тоа, исто како и во случајот Евалдсон, тековниот случај се однесува на уплатата извршена од страна на жалителот против неговата волја на одредени парични износи во корист на организација чиишто политички ставови тој не ги споделува. Меѓутоа, за разлика од жалителите во претходниот случај, жалителот, во тековниот случај, за својот придонес не добил ништо за возврат.
63. Следствено на ова, жалителот смета дека исландските власти не успеале да обезбедат „правична рамнотежа“ меѓу конкурентните интереси во игра.
б) Владата
64. Во случај да, и покрај аргументите изнесени погоре, Судот оцени дека имало мешање во слободата на здружување на жалителот гарантирана со ставот 1 од членот 11, Владата тврди дека ова мешање ги исполнувало условите изнесени во ставот 2 од истиот член. Индустриската такса била јасно предвидена со закон и ја застапувала легитимната цел за „заштита на правата и слободите на други“. Од друга страна, поради фактот што таа ја имала за цел промоцијата на еден од највиталните сектори на исландската економија, можело да се смета дека таа служела мошне важни јавни интереси.
65. Што се однесува пак до нужниот карактер на мешањето, Владата нагласува дека, за законодавецот, најдобриот начин да се поддржи промоцијата на исландската индустрија е да ѝ се додели оваа задача на ФИИ, под контрола од страна на јавните власти која ќе биде законски регулирана, распределувајќи ѝ го приходот од индустрисаката такса само на оваа организација, наместо истиот да се распредели меѓу многубројни помали ентитети. ФИИ е организација која обединува многу разновидни претпријатија, поединци и здруженија од сите индустриски гранки за да работат заедно со Владата во корист на исполнувањето на таа цел. Таа ги застапува интересите на сите видови индустрија, како во Исланд така и во странство, влијаејќи врз политиките на Владата, врз финансиските установи, врз органите на државата и врз други чинители на индустриските активности. Нејзината цел би била да им гарантира на исландските претпријатија професионална рамка која ќе им овозможи да бидат компетитивни на националните и странските пазари, без пречки и на профитабилен начин.
66. Земајќи ги предвид различните изнесени аргументи со цел да се покаже дека немало повреда на правото на слобода на здружување на жалителот (ставови 34-44 погоре), Владата тврди дека, во секој случај, индустриската такса не нанела несразмерна повреда на ова право. Оваа даночна давачка во ниту еден случај не го оштетила жалителот, туку претставувала само минимален дел (0,08 %) од неговиот обрт на капитал. Во тој поглед, овој случа се разликувал од случајот Евалдсон и други (претходно цитиран).
67. Со членот 3 од законот за индустриската такса, законодавецот ја имал задолжено извршната власт да провери дали фондовите се добро искористени во корист на општиот интерес, како што тоа го предвидува овој текст, и во корист на целокупниот индустриски сектор. Оваа контрола била вршена на сосем транспарентен начин што претставувало уште една разлика во однос на случајот Евалдсон и други (претходно наведен). Освен тоа, со оглед на тоа дека овие фондови ги претставувата државните приходи, канцеларијата на генералниот ревизор ги имал сите овластувања за да врши истраги во врска со операциите и сметководството на ФИИ.
68. Владата од друга страна тврди дека, во својата одлука објавена на 15 мај 2003 г. во случајот Конфедерација на шведските претпријатија против Шведска (Confédération des entreprises suédoises c. Suède), чиј предмет се однесувал на одреден придонес наплатен од платите на работниците и уплатен на синдикат во кој тие не биле членови, Европскиот комитет на социјалните права го протолкувал членот 5 од Европската социјална повелба на начин кој само би ја поддржал тезата на Владата во тековниот случај. Владата смета дека можат да се истакнат четири точки од особено значење за овој случај. Прво, плаќањето на одреден придонес може да биде наметнато со закон, како и со колективен договор. Штом тоа има за цел да им служи на значајни колективни интереси на сите работници од засегнатиот сектор. Второ, и мошне важно, плаќањето на придонес кој потоа бил распределен на посебно здружение не повлекувало автоматски задолжително членство во истата. Трето, така добиените износи требало да бидат употребени за целта која била наведена во прилог на нивното собирање. Четврто, износот на придонесот не требало да биде несразмерен во однос на услугите што ги нудело здружението. Сите услови поставени во одлуката Конфедерација на шведските претпријатија биле задоволени во овој случај.
69. Освен тоа, плаќањето на индустриската такса суштински се разликувало од случаите наведени во Збирка на одлуки и принципи на МОТ во рубриката „фаворизирање или дискриминирање во однос на одредени организации“. Приходот од оваа такса кој ѝ се распределува на ФИИ не може да се поистовети со некаква субвенција која се дели нееднакво меѓу професионалните здруженија. Овој приход има за единствена намена да ги финансира трошоците на ФИИ причинети од нејзината официјална задача да врши промоција на исландската индустрија и на индустрискиот развој. Ниту едно друго професионално здружение од индустрискиот сектор во Исланд не добивало приходи од овој вид бидејќи, како што тоа никој не би го оспорил, ниту едно друго здружение не било обврзано со слични законски обврски. Во таа смисла, немало ни најмала дискриминација меѓу ФИИ и традиционалните професионални здруженија, во смисла на нормите на МОТ.
70. Да се донесе пресуда според која оспорениот режим на индустриската такса е некомпатибилен со членот 11 би претставувало забележителен пресврт во однос на судската пракса која го толкува ефектот и дометот на оваа одредба. Една ваква одлука еднакво би имала тешки последици кои би ја загрозиле слободата на дејствување што договорните држави би требало да ја уживаат во однос на фискалните прашања како и нивната слобода да ги изберат средствата за остварување на политичките цели во области кои се толку важни како што се поддршката и охрабрувањето на развојот на одредени сектори од нивната економија.
2. Оценка на Судот
71. Судот ќе испита дали обврската за плаќање на индустриската такса ги исполнува условите наведени во првата реченица од членот 11 § 2.
72. Никој не оспорува дека првиот од овие услови, кој бара мерката да биде „предвидена со закон“, бил исполнет. Така, обврската за плаќање на индустриската такса има јасна поткрепа во членовите 1 и 3 од законот од 1993 г. Укажувајќи истовремено на тоа дека малцинството од Врховниот суд сметало дека оваа облигација е некомпатибилна со членот 74 § 2 од Уставот, Судот не гледа причина за преиспитување на заклучокот на мнозинството, кое заклучило дека оваа даночна давачка е во согласност со националното право. Толкувањето и спроведувањето на домашното право е пред сѐ во надлежност на националните власти, и особено на јурисдикциите (Јан и други (Jahn et autres) против Германија [ГС], бр. 46720/99, 72203/01 и 72552/01, § 86, ЕСЧП 2005‑VI ; Витек (Wittek) против Германија, бр. 37290/97, § 49, ЕСЧП 2002‑X ; Форер-Ниедентал (Forrer‑Niedenthal) против Германија, бр. 47316/99, § 39, 20 февруари 2003 г., и Поранешен крал на Грција и други против Грција [ГС], бр. 25701/94, § 82, ЕСЧП 2000‑XII). Судот е значи убеден дека повредата оспорена во овој случај била „предвидена со закон“.
73. Што се однесува до вториот услов, Судот смета, за разлика од жалителот, дека индустриската такса поддржува легитимна цел. Согласно членот 3 од законот од 1993 г., приходот од оваа даночна давачка би требало да се „намени за промоција на индустријата и на индустрискиот развој во Исланд“. За Судот, мерката за која станува збор ја поддржува легитимната цел на заштитата на „правата и слободите на други“.
74. Што се однесува пак до третиот услов, Судот потсетува дека тестотот за нужност во едно демократско општество бара од него да одреди дали спорното мешање соодветствувало на „клучна општествена потреба“, дали тоа било пропрционално на посакуваната легитимна цел и дали мотивите наведени од страна на националните власти за да ја оправдаат се релевантни и доволни (видете, на пример, Обединета комунистичка партија на Турција и други против Турција, 30 јануари 1998 г., § 47, Збирка 1998‑I).
75. Во полето на синдикалната слобода, со оглед на чувствителноста на социјалните и политичките прашања кои се вклучени во барањето вистинска рамнотежа меѓу интересите на работодавците и оние на вработените и со оглед на големите разлики меѓу националните системи во оваа област, договорните држави бенефицираат од една широка маржа за оценка што се однесува до начинот на кој се обезбедува слободата што ја уживаат синдикатите што се однесува до заштитата на професионалните интереси на нивните членови (Шведски синдикат на возачите на локомотиви против Шведска, 6 февруари 1976, § 39, серија A бр. 20 ; Густафсон, претходно цитиран, § 45 ; Скетини ( Schettini) и други против Италија (одл.), бр. 29529/95, 9 ноември 2000 ; Вилсон (Wilson), Националната Унија на Новинари и други против Обединетото Кралство, бр. 30668/96, 30671/96 и 30678/96, § 44, ЕСЧП 2002‑V, и Соренсен и Расмусен, претходно цитиран, § 58).
76. Меѓутоа, оваа надлежност за оценување не е неограничена: таа е удвоена со европска контрола што ја врши Судот, кој има за задача да донесе конечна пресуда за компатибилноста на дадена рестрикција со слободата на здружување што е заштитена со членот 11. Задачата на Судот кога ја врши оваа контрола не е да ги замени домашните надлежни јурисдикции, туку да ги провери согласно членот 11, водејќи сметка за сите елементи од досието, одлуките што јурисдикциите ги донеле согласно нивната надлежност за оценување. (Обединета комунистичка партија на Турција и други, претходно цитиран, § 47).
77. Што се однесува до самите околности на тековниот случај, Судот го зема предвид аргументот на Владата според кој исландскиот законодавец сметал дека најдобриот начин да ја оствари целта на промоција на исландската индустрија била да ѝ се довери оваа задача на ФИИ, под јавна контрола која ќе биде регулирана со закон и да ѝ се распредели приходот од индустриската такса само на таа организација, а не да се раздели меѓу многубројни мали ентитети. За Владата, ФИИ претставува широка организација која обединува многу различни претпријатија, поединци и здруженија од сите индустриски гранки, која работи за таа цел во соработка со Владата. Таа ги застапува интересите на сите видови индустрија, како во Исланд така во странство, влијаејќи врз владините политики, врз финансиските установи, врз државните органи и врз другите чинители во индустриските активности. Целта е да се обезбедат професионални рамки за исландските претпријатија со што ќе им се овозможи тие да бидат компетитивни на националните и странските пазари. Судот се согласува дека станува збор за релевантни согледби што се однесува до намената на критериумот за нужност кој произлегува од членот 11 § 2.
78. Што се однесува до прашањето кое се поставува потоа, она да се види дали мерата исто се оправдува со доволни мотиви, Судот забележува дека улогата и обврските на ФИИ во врска со користењето на приходот од индустриската такса се дефинирани на многу општ и нејасен начин со членот 2 од законот од 1993 г. : сумите треба да се наменат за „ промоцијата на индустријата и индустрискиот развој во Исланд“. Таков е исто случајот на обврската изнесена во овој ист член која ѝ наметнува на ФИИ „секоја година да му поднесува извештај за искористувањето [на приходот од таа даночна давачка] на Министерот за индустрија “. Ниту законот од 1993 г. ниту кој и да е друг текст, според сознанијата на Судот, не создава посебна облигација во однос на оние кои не се членови на ФИИ и кои ѝ платиле придонес на истата со тоа што ја платиле индустриската такса (видете, mutatis mutandis, за споредба, Евалдсон и други, претходно наведено, § 57).
79. Иако годишните извештаи доставени од страна на ФИИ на Министерот за индустрија даваат секако информации што се однесува до уделот на индустриската такса во приходите и расходите на оваа организација, за секој член и потчлен, Судот констатира дека, како што тоа го забележа издвоениот член на Врховниот суд, ФИИ „ не прави разлика во своето сметководство дали еден или друг елемент од операциите на ФИИ е финансиран од сумите собрани благодарејќи на членарините, на приходите од капиталот или на индустриската такса“ (видете став 19 погоре, во делот II).
80. Судот не е ниту убеден дека, во рамките на извештаите претставени од ФИИ, Министерот за индустрија врши детална и систематска контрола. Според забелешките упатени од министерот до ЗМЅ на 15 февруари 2002 (цитирани од издвоениот член на Врховниот суд во ставот 19 погоре, во делот II), „како што тоа јасно го одредуваат одредбите од законот за индустриската такса, ФИИ одлучува со целосно дискреционо право за намената на приходите од оваа такса и Министерот за индустрија не може да интеревенира се додека законската рамка е испочитувана“ .
81. Важниот елемент во случајов е недостатокот на транспарентност и одговороност во однос на оние кои не се членови и кои, како и жалителот, се принудени да ја поддржуваат финансиски ФИИ плаќајќи ја индустриската такса (видете, mutatis mutandis, Евалдсон и други, претходно цитиран, §§ 63-64).
82. Оттука, Судот утврдува не само дека релевантните правила од националното право непрецизно ги дефинираат улогата и одговорностите на ФИИ и не ја принудуваат истата на никаква посебна обврска, туку и дека постои недостаток на транспарентност и на одговорност во однос на оние кои не се членови, како што е и жалителот, што се однесува до намената на приходот од индустриската такса. Во такви услови, Судот смета дека не постојат соодветни гаранции против спорниот режим кој ѝ дава на ФИИ привилегиран статус во бранењето на посебните интереси на нејзините членови и го обесправува жалителот и не-членовите во однос на членовите.
83. Со оглед на досега наведените елементи, Судот оценува дека ограничувањето на слободата на здружување на жалителот кое произлегува од обврската финансиски да ја поддржува ФИИ на начин кој е спротивен на неговите сопствени гледишта не е доволно оправдана и не е „нужна“. И покрај просторот за слободна оценка на Државата туженик, исландските власти не обезбедиле соодветна рамнотежа меѓу, од една страна, слободата на здружување на жалителот и, од друга страна, јавниот интерес што го претставуваат промоцијата и развојот на исландската индустрија.
84. Значи имало повреда на членот 11 од Конвенцијата.
II. ЗА НАВЕДЕНИТЕ ПОВРЕДИ НА ЧЛЕНОТ 1 ОД ПРОТОКОЛОТ БР.1 И НА ЧЛЕНОТ 14 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
85. Повикувајќи се главно на аргументите, изложени погоре, што жалителот ги изнесува врз основа на членот 11 од Конвенцијата (согласно членовите 9 и 10), жалителот наведува исто така повреда на членот 1 од Протоколот бр. 1. Тој гледа во облигацијата за плаќање на индустриската такса лишување од неговата сопственост кое е спротивно на членот 1 од Протоколот бр. 1. Тој смета дека е непоимливо индустриската такса која ѝ се плаќа на ФИИ како даночна давачка да се смета за оправдана од аспект на јавниот интерес. Оние кои, како него, биле обврзани да ја плаќаат индустриската такса плаќале поголеми давачки од другите обврзници, без да има притоа некоја релевантна причина за тоа, како на пример облигацијата за користење на приходите од таа такса во нивна корист. Овој фискален режим кој се однесува на една тесна група во корист на друга група или во интерес на другите бил неоправдан. Поради причините изнесени во ставовите 56, 61 и 62, наведени погоре, во однос на членот 11, пресудата донесена од Судот во претходно цитираниот случај Eвалдсон и други го поткрепува ставот на жалителот.
86. Жалителот од друга страна наведува повреди на членот 14 во комбинација со одредбите на кои претходно се повикува. Различниот третман на којшто е подоложен тој и на којшто се подложени ентитетите кои не се обврзани да ја плаќаат индустриската такса, односно јавните установи, кои делумно или целосно се во сопственост на државата, како и одедени претпријатија од приватниот сектор, не би можел да се смета за оправдан заради каква и да е објективна и разумна причина. Привилегираниот третман што го уживала ФИИ во однос на други организации бил само уште еден доказ за дискриминаторскиот карактер на индустриската такса.
87. Владата одбива да го квалификува наметнувањето на обврската за плаќање на индустриската такса на како лишување од сопственост, иако признава дека има за задача да го контролира користењето на добрата на жалителот и тврди дека вториот став од членот 1 од Протоколот бр. 1 овозможува ваков режим. Оваа мерка ги поседувала сите својства на фискален режим, согласно толкувањето кое го дава исландското право, и оттаму требало таа да се смета како „данок“ во смисла на вториот став од членот 1 од Протоколот бр. 1. Оспорената повреда спаѓала во надлежност на широкиот простор за оценка која им се доделува на државите за вакви прашања. Индустриската такса била очигледно усогласена со законот и ги служела интересите не само на актерите од индустријата, туку му служела и на општиот интерес на општеството во неговата целина. Заради причините изложени во ставовите 66 и 67 наведени погоре што се однесува до жалбата заснована врз членот 11, Владата го повикува Судот да направи разлика меѓу тековниот случај и претходно цитираниот случај Eвалдсон и други.
88. Освен тоа, Владата го негира постоењето на каква и да е дискриминација меѓу индустриите кои се обврзани да ја плаќаат индустриската такса и оние кои не се. Правилата кои го регулираат наплаќањето на оваа даночна давачка се применувале на ист начин на сите ентитети во иста ситуација до жалителот.
89. Во светлото на на овие заклучоци наведени погоре и во однос на жалбата согласно членот 11, Судот не смета дека е нужно да се ревидира посебно жалбата согласно членот 1 од Протоколот бр. 1 ниту жалбата согласно членот 14 заедно со членот 1 од Протоколот бр. 1 и со членот 11.
III. ПРИМЕНАТА НА ЧЛЕНОТ 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
90. Според членот 41 од Конвенцијата,
„Доколку судот се произнесе дека имало повреда на Конвенцијата и на нејзините Протоколи, и доколку домашното право на Високата Договорна Страна дозволува само делумно обештетување, Судот, доколку е нужно, ќе ѝ даде на оштетената страна правичен надоместок“.
A. Трошоци и издатоци
91. Жалителот не бара да му биде исплатена оштета за материјална и морална штета туку бара да му бидат исплатени трошоците и издатоците, односно суми во износ од 3 920 773 ИСК и од 36 392,07 фунти стерлинг (ГБП), односно 22 000 ЕУР и 42 000 ЕУР, за услугите извршени од г-дин. Халфданарсон (Hálfdánarson) и г-дин Чајлд (Child), кои се претставени на следниов начин во барањата формулирани на 28 февруари 2008 г. и 20 март 2009 г. :
a) 1 494 000 ИСК (со ДДВ) за застапувањето од страна на г-дин. Еинар Халфданарсон пред националните судови;
б) 25 860 ГБП за правните совети на г-дин. Чајлд во рамките на домашната постапка и застапувањето на жалителот пред Судот до 28 февруари 2008 г.;
в) 314 985 ИСК за трошоци за превод ;
г) 281 925 ИСК за патни трошоци;
д) 35 863 ИСК за трошоци за фотокопирање и ретранскрибирање (34 363 ИСК и 1 500 ИСК) ;
ѓ) 1 494 000 ИСК за работата извршена од г-дин. Еинар Халфданарсон за целите на постапката пред Судот после 28 февруари 2008 ;
е) 300 000 ИСК за различни трошоци направени по 28 февруари 2008 г. ;
ж) 9 500 ГБП за други работи извршени од г-дин. Чајлд за намените на постапката пред Судот после 28 февруари 2008 г.;
з) 1 032,07 ГБП за направените трошоци од истиот (престој, пат и превид) по 28 февруари 2008 г.
92. Оценувајќи дека хонорарите наведени за двајцата адвокати се претерано високи како од аспект на пресметаните часови како и на наплатената сума по час, Владата се спротиставува на дадените барања во две точки a) и б), кои биле формулирани на 28 февруари 2008 г. Наведените трошоци во точката г) не биле нужно направени. Што се однесува пак до трошоците наведени во точките ѓ), е), ж) и з), чиешто обештетување било побарано на 20 март 2009 г., тие не биле придружени со детална листа ниту пак со некој друг поткрепувачки документ и, освен тоа, се чинеле претерано високи.
93. Судот ќе ги разгледа погоре наведените барања според критериумите кои произлегуваат од неговата судска пракса, односно според тоа дека трошоците и издатоците за коишто жалителот бара обештетување мора навистина да биле направени за да се спречи или поправи ситуацијата за која се цени дека претставува повреда на Конвенцијата, и дека тие треба да бидат нужни и разумни што се однесува до нивниот износ. Во сегашниов случај, Судот смета дека трошоците наведени во точките a) и б), како и во точките г) и д), мораат да бидат обештетени во целост. Трошоците наведени во точката г) за кои се чини дека не биле навистина направени, нема причина за нивно обештетување. Никаква сметко-потврда ниту документ за докажување не биле доставени во поткрепа на точките од ж) до з), односно што се однесува до трошоците кои биле напавени после 28 февруари 2008 г. сѐ до рочиштето одржано на 24 март 2009 г., и дополнителните трошоци не се чинат разумни што се однесува до нивниот износ. Судот, сепак, е подготвен да прифати дека одредени дополнителни трошоци и издатоци биле вистински и неопходни за целите на застапувањето на жалителот во текот на судењето пред истиот Суд. Со оглед на елементите со кои располага и критериумите наведени погоре, Судот смета дека е разумно на жалителот да му се досудат 15 000 ЕУР за услугите на г-дин Чајлд и 10 000 ЕУР за услугите на г-дин. Еинар Халфданарсон, како и 1 000 ЕУР и 3 000 ЕУР за трошоците на обата адвоката.
Б. Затезни камати
94. Судот смета дека е соодветно да се пресмета стапката на затезните камати во однос на стапката на граничниот кредит на Европската централна банка зголемена за три проценти.
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ, ЕДНОГЛАСНО,
1. Одлучи дека имало повреда на членот 11 од Конвенцијата;
2. Одлучи дека не треба да се разгледува посебно жалбата заснована врз членот 1 од Протоколот бр. 1 ниту пак жалбата заснована на членот 14 во комбинација си членот 1 од Протоколот бр. 1 или со членот 11;
3. Одлучи
a) дека тужената држава треба да му исплати на жалителот, во трите месеци од денот кога пресудата ќе стане конечна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата, 16 000 ЕУР (шеснаесет илјади евра), за трошоците и издатоците барани од г-дин. Чајлд и 13 000 ЕУР (тринаесет илјади евра) за оние барани од г-дин Еинар Халфданарсон, кои суми треба да се конвертираат во фунти стерлинг и во националната парична единица на државата туженик согласно стапката која е на сила на денот на исплатата, плус секоја даночна давачка која може да биде наплатена за овие суми;
б) дека, сметајќи од истекувањето на наведениот рок па сѐ до уплатата, на овие суми ќе се додаде обична каматната стапка еднаква на најниската стапка за позајмување на Европската централна банка која се применува во тој период, зголемена за три процентни поени;
4. Го отфрла барањето за правичен надоместок за остатокот.
Изработена на англиски, па потоа пренесена по писмен пат на 27 април 2010 г., согласно членот 77 §§ 2 и 3 од Деловникот.
Фато АракНикола Браца
Заменик судски секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy