© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2014. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ГОЛЕМ СУДСКИ СОВЕТ
CЛУЧАЈ VISTIŅŠ И PEREPJOLKINS против ЛАТВИЈА
(Жалба бр. 71243/01)
ПРЕСУДА
(Правично задоволување )
СТРАЗБУР
25 март 2014 година
Оваа пресуда е правосилна, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Vistiņš и Perepjolkins против Латвија,
Европскиот суд за човекови права, заседавајќи како Голем судски совет во состав:
Dean Spielmann, Претседател,,
Nicolas Bratza,
Françoise Tulkens,
Nina Vajić,
Lech Garlicki,
Peer Lorenzen,
Karel Jungwiert,
Elisabeth Steiner,
Ján Šikuta,
András Sajó,
Nona Tsotsoria,
Işıl Karakaş,
Kristina Pardalos,
Angelika Nußberger,
Julia Laffranque,
Linos-Alexandre Sicilianos,
André Potocki, судии,
и Michael O’Boyle, Заменик секретар,
Откако расправаше на затворена седница на 5 март 2014 година,
Ја донесува следната пресуда, којашто беше усвоена на истата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 71243/01) поднесена до Судот против Република Латвија согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на двајца латвиски државјани, г-н Jānis Vistiņšи г-н Genādijs Perepjolkins („жалителите“), на 5 јуни 2001 година.
2. Во пресуда донесена на 25 октомври 2012 („главната пресуда“), (Големиот судски совет на) Судот одлучи дека, со експропријацијата на земјиште кое им припаѓало на жалителите, и затоа што утврдениот надомест за тоа земјиште бил несразмерно низок, тужената држава го пречекорила просторoт за слободна оцена [margin of appreciation] кој ѝ е дозволен, на тој начин нарушувајќи ја правичната рамнотежа која треба да се воспостави помеѓу заштитата на сопственоста и потребите на општиот интерес. Затоа, имало повреда на член 1 од Протокол бр. 1 (види Vistiņš и Perepjolkins против Латвија [ГСC], бр. 71243/01, параграфи 130-131, и точка 2 од оперативниот дел, 25 октомври 2012 година).
3. Согласно член 41 од Конвенцијата жалителите побараа надомест во висина на целосната вредност на конкретното земјиште во моментот на експропријација и надоместот за испуштена корист за закупот кој не можеле да го наплатуваат за тоа земјиште. Тие исто така побараа надомест на трошоците кои ги имале во постапката пред Судот.
4. Затоа што немаше услови за донесување на одлука по прашањето за примена на член 41 од Конвенцијата, Судот го одложи донесувањето на таа одлука и ги повика Владата и жалителите, во рок од три месеци од датумот на известување за главната пресуда, да достават писмени опсервации за тоа прашање и, посебно, да го известат Судот за евентуален договор кој тие би го постигнале ((ibid., параграф 140, и точка 4 oд оперативниот дел на пресудата).
5. Откако не успеаја да постигнат договор, жалителите и Владата доставија писмени опсервации. Владата покасно достави и дополнителни опсервации за барањето на жалителите за правично задоволување.
ФАКТИУтврдување на катастарска вредност на недвижноста во 1997 година
6. Во времето кога било одземено земјиштето на жалителите, катастарската вредност на недвижности во рамките на помал или поголем град се утврдувала во согласност со прописот бр. 94 од 12 април 1994 година кој се однесува на проценување на вредност на земјиште во урбано подрачје (Noteikumi “Par pilsētu zemes vērtēšanu”), кој бил во сила до 12 јуни 1998 година. Во делот во кој е релевантна за овој случај, преамбулата на тој пропис ги содржела следните дефиниции:
„... Катастарска вредност на земјишна парцела – урбанистичка и економска вредност на земјишна парцела изразена парично
...
Модел вредност на земјишна парцела [zemes paraugvērtība] – максимална вредност на метар квадратен на урбано земјиште кое се наоѓа во определена вредносна зона [vērtību zona] заради негова експлоатација за конкретна цел.
Фактички модел вредност на земјишна парцела [zemes faktiskā paraugvērtība] – максимална вредност на метар квадратен урбано земјиште кое се наоѓа во определена територија на една вредносна зона [vērtību zona] заради негова експлоатација за конкретна цел.
...
Вредносна зона – дел од урбаното подрачје кој одговара на постојана низа на податоци со кои се карактеризира вредноста на недвижности.
...“
7. Член 5 стипулирал дека прописот не бил применлив за утврдување на пазарната вредност на урбано земјиште. Заради процена на вредноста, урбаната подрачје требало да се подели на вредносни зони засновано на генералниот урбанистички план. Главниот град, Рига, требало да се подели на седум или повеќе зони (член 7). Согласно член 8, главните критериуми за поделба на зони биле следните:
.„..
(1) позицијата на земјиштето во однос на центарот на градот;
(2) степенот на развиеност на јавната инфраструктура и на социјалните служби;
(3) атрактивноста на локацијата;
(4) eколошките услови и последиците кои произлегуваат од негативни фактори;
(5) локалните геолошки услови“
8. Член 24 од прописот предвидувал методологија за пресметување на модел вредноста (paraugvērtība) на една земјишна парцела. За градови како што е Рига, модел вредноста не морала да биде посебно пресметана затоа што одговарала на скала во анексот бр. 2 на тој пропис. За да се утврди фактичка модел вредност (faktiskā paraugvērtība), потребно било да се пресмета разликата помеѓу модел вредноста на зоната за која станува збор и на зоната која што е до неа, да се помножи со разликата од следната зона, потоа резултатот да се подели со ширината на зоната за која станува збор, и, на крајот, да се додаде соодветната вредност од фиксната скала (член 25). Фактичката модел вредност потоа требало да биде прилагодена за да се земат предвид било какви објекти кои се изградени на тоа земјиште (член 26).
9. Фактичката модел вредност морала да биде помножена со површината на земјишната парцела за да биде добиена нејзината катастарска вредност. Потоа таа можела да биде прилагодена до 20% за да се земат предвид определени позитивни или негативни фактори (член 30 и член 34). За пресметување на катастарска вредност на земјишта одговорна била Државната агенција за недвижности (Valsts Zemes dienests).
Б. Законска камата
10. Релевантните одредби на Граѓанскиот законик (Civillikums) гласеле:
Член 1757
„Кога со договорот се предвидува исплата на камата, стапката на таа камата ќе биде утврдена, а во спротивност ќе се претпостави дека молкумно страните се согласиле на законската каматна стапка (член 1765).“
Член 1765
(верзија којашто важела пред 1 март 2006 година)
„Каматната стапка ќе биде јасно утврдена во актот или договорот. Ако таа стапка не е утврдена, каматната стапка ќе изнесува шест проценти на годишни ниво. Камата може да се пресметува само на капиталот. Сепак, ако каматата не биде исплатена во дозволениот рок за една година или повеќе, од тој момент па натаму, по барање на доверителот, законска камата ќе се пресметува и на доспеаната камата“.
Член 1765
(верзија во сила после 1 март 2006 година, изменета со закон од 23 мај 2013 година)
“Каматната стапка ќе биде јасно утврдена во актот или договорот. Ако таа стапка не е утврдена, како и во случаи во кои законската камата е наложена со закон, каматната стапка ќе биде шест проценти на годишно ниво.
Каматната стапка за ненавремена исплата на паричен долг предвидена со договор како услов за достава или купување на добро или услуга, ќе биде осум проценти [„седум проценти“ пред 26 јуни 2013 година] повисока од стапка (член 1765, трет параграф) годишно, а што се однесува на потрошувачки договори чија договорна страна е потрошувачот, референтна каматна стапка ќе биде шест проценти на годишно ниво.
Референтната каматна стапка ќе биде четири проценти. Таа стапка ќе се менува на 1 јануари и на 1 јули секоја година согласно процентот кој одговара на порастот или падот на најновата стапка за рефинансирање утврдена од страна на Банката на Латвија пред првиот ден на полугодието за кое станува збор. Веднаш после 1 јануари и 1 јули секоја година, Банката на Латвија ќе објави во [Службен весник] информации за важечката каматна стапка во следното полугодие.
Каматна стапка може да се пресметува само на капиталот. Сепак, ако каматата не биде исплатена во дозволениот рок за една година или повеќе, од тој момент па натаму, по барање на доверителот, законска камата ќе се пресметува и на доспеаната камата.“
Член 1763
„Каматната стапка нема повеќе да расте кога:
(1) износот на камата која не е исплатена го достигне износот на основицата; ..“
В. Стапка на инфлација
11. Согласно калкулаторот на стапки на инфлација на латвискиот Централен завод за статистика (Centrālā Statistikas pārvalde), стапката на инфлација помеѓу 25 ноември 1997 година (година во која релевантниот закон за експропријација влезе во сила; види ја главната пресуда; параграф 23 и 54) и 25 октомври 2012 година (дата на донесување на главната пресуда) била 94.3%.
ПРАВО
12. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Материјална штета
1. Аргументи на странките
(a) Жалителите
13. Жалителите на почетокот посочија дека, во главната пресуда на Судот, не било доведено во прашање дали стекнувањето на конкретното земјиште е во согласност со условите на латвиското право ниту пак валидноста на нивното право на сопственост врз тоа земјиште. Напротив, Судот изречно кажал дека совесноста во стекнувањето на земјиштето никогаш не била оспорена и дека надлежните латвиски органи формално го признале нивното право на сопственост со запишување на земјиштето на нивно име и со плаќањето на закупнина (види ја главната пресуда, параграф 120). Понатаму, никогаш не било утврдено дека тие ги остварувале своите сопственички права спротивно на законот или дека го оштетиле јавниот интерес. Затоа жалителите немале никаква одговорност за штетата која ја претрпеле поради експропријацијата на нивните земјишни парцели.
14. Повикувајќи се на пресудите во Guiso-Gallisay против Италија ((правично задоволување) [ГСC], бр. 58858/00, параграф 105, 22 декември 2009 година) и Medici и други против Италија (правично задоволување), бр. 70508/01, параграф 13, 4 декември 2012 година), жалителите забележаа дека надоместот треба да одговара на целосната вредност на земјиштето во моментот кога било одземено, намалена за било каков надомест доделен на домашно ниво, а потоа ажурирана за да се компензираат ефектите од инфлацијата, плус камата. Во врска со тоа, тие нагласија дека катастарската вредност на земјишна парцела, утврдена од Државната агенција за недвижности и под влијание на, помеѓу останатото, политички согледувања, не одговарала на нејзината вистинска пазарна вредност, која би била утврдена пред сè согласно механизмите на слободниот пазар. На пример, жалителите доставија вештачење изработено од фирмата SIA I., која е овластена за проценување на недвижности, кое покажува дека на 20 декември 2012 година вкупната катастарска вредност на конкретното земјиште во овој случај била 723,118 латвиски лати (ЛВЛ), додека пак вкупната пазарна вредност изнесувала 7,609,000 ЛВЛ. Оттука, катастарската вредност била приближно 10% од пазарната вредност на земјиштето. Што се однесува на вештачењата доставени од Владата (види параграфи 23-28 подолу), жалителите коментираа дека тие не биле многу веродостојни и не ја објаснувале прецизно методологијата која била употребена.
15. Понатаму, жалителите истакнаа дека ниту еден од гореспоменатите износи не биле засегнати од таканаречената инфраструктура изградена на земјиштетето. Единствената инфраструктура која постоела во моментот на ескпропријација биле „парчиња бетон“ заради поставување контејнери, чија вредност била 5.28 по метар квадратен.
16. Всушност, единствената вредност во однос на земјиштето која постоела во моментот на одземање била катастарската вредност утврдена од Државната агенција за недвижности (Valsts Zemes dienests). Таа вредност се употребувала за пресметување на данок на недвижности, за утврдување на висина на закупнина и за утврдување на надомест за користење на земјиштето по основ на службеност. Во овој случај, латвиските судови исто така ја употребиле катастарската вредност како референтна вредност за пресметување на закупнините кои не им биле исплатени на жалителите. (види ја главната пресуда, параграфи 25-27) и таа вредност Судот требало да ја користи како основа за надоместот кој би го доделил согласно член 41 од Конвенцијата.
17. Жалителите сметаа дека при утврдување на надоместот кој им следувал потребно било да се земат предвид износите кои им биле доделени на други лица во ситуација слична со нивната. Тие доставија копија од договор за купопродажба како и извадок од земјишните книги за да докажат дека на 31 јули 2002 година градот Рига купил од г-ѓа Д, земјишна парцела од 10,590 метри квадратни во Кунѕињсала, во близина на парцелите кои му припаѓале на вториот жалител. Катастарската вредност на тоа земјиште во моментот на продажба била 515,981 ЛВЛ; цената на која се согласиле страните на договорот била 309,588.60 ЛВЛ, т.е. 29.23 ЛВЛ за метар квадратен, што претставува 60% од катастарската вредност во тоа време.
18. Жалителите изјавија дека катастарската вредност на земјиштето кое ним им припаѓало во моментот на експропријација, изнесувала 564,140 ЛВЛ (802,698.90 евра (EУР)) за земјиштето на првиот жалител, и 3,126,480 ЛВЛ ( 4,448,580.26 ЕУР) за земјиштето на вториот жалител. Затоа тоа се износите кои во основа тие ги истакнаа пред Судот.
19. Жалителите понатаму забележаа дека, според судската пракса на Судот, законската камата морала да се додаде на секој доделен надомест (6% на годишно ниво согласно латвискиот Граѓански законик), заедно со прилагодување за да се компензира за ефектите од инфлација. Сепак, наместо тоа жалителите преферирале да бараат надомест за испуштена добивка како последица на тоа што не можеле да наплаќаат закупнина петнаесет години (од 1997 до 2012 година). Затоа што закупнината изнесувала 3% годишно од катастарската вредност на земјиштето, тие по тој основ побараа, 253,863 ЛВЛ или 361,214.51 ЕУР (првиот жалител) и 1,406,916 ЛВЛ или 2,001,861.12 ЕУР (вториот жалител).
20. Така, жалителите вкупно бараа исплата на 1,163,913.41 ЕУР (првиот жалител) и 6,450,441.38 ЕУР (вториот жалител).
(б) Владата
21. Владата потврди дека износот на надоместот треба да одговара на вредноста на недвижноста во моментот кога било одземено сопственичкото право. Сепак, таа тврдеше дека, иако катастарската вредност на конкретното земјиште била употребена како основа за пресметка на неисплатена закупнина, таа не била соодветна и не требало да се употреби во смисол на член 41 од Конвенцијата. Во врска со тоа, Владата појасни дека во 1997 катастарската вредност била целосно неврзана со фактичката пазарна вредност на земјиштето. Според неа, првите неколку година откако Латвија станала независна држава, пазарот на недвижности (кој не постоел во време на социјализмот, кога сите недвижности ѝ припаѓале на државата) само што почнал да се развива. Затоа, во тој период на транзиција, поделбата на урбаните области на зони, модел вредноста и катастарската вредност која на него се заснова биле засновани на теоретски претпоставки и зависиле од бројноста на населението во конкретниот град и од близината на земјиштето до центарот на градот (види параграфи 6-9 погоре). Затоа што автономното пристаниште на Рига било релативно блиску до центарот на главниот град, неговата територија била во зоната „АБ“, којашто била зона со втора највисока вредност. Во таа зона модел вредностите се движеле од 24.24 ЛВЛ до 87.60 ЛВЛ за метар квадратен.
22. На 1 јануари 1998 година, откако дошло до конкретната експропријација, влегол во сила новиот закон за „пресметување данок на недвижности“. За разлика од претходниот систем, овој закон предвидувал дека во иднина катастарската вредност мора да се утврдува врз основа на информации од пазарот на недвижности. Новите зони и новите катастарски вредности засновани на тие информации не се применувале сè до 2003 година. Тогаш новата катастарска вредност на земјиштето кое им припаѓало на жалителите било 3.90 ЛВЛ за метар квадратен, и останало на тоа ниво до 2007 година.
23. Поради таа причина, Владата тврдеше дека катастарската вредност на земјиштето во 1997 не била релевантна за пресметување на материјална штета која ја претрпеле жалителите и дека наместо тоа, треба да се употреби неговата пазарна вредност во моментот на експропријација. Сепак, во моментот на експропријација таа вредност не била позната, нејзиното пресметување тогаш би било бесмислено затоа што земјиштето не не било предмет на пазарни трансакции. Со цел да се исправи тој пропуст, Владата достави вештачења изработени во јануари 2013 година од страна на три фирми овластени за проценување на недвижности, во кои има ретроактивно пресметување која била пазарната вредност на конкретното земјиште на 25 ноември 1997 година (дата на влегување во сила на релевантниот закон за експропријација; види главна пресуда, параграфи 23 и 54).
24. Првиот наод, изработен на 22 јануари 2013 година од фирмата SIA B.K.G., ја дава следната проценка:
„Од нас беше побарано да утврдиме која била пазарната вредност на имот, земјишна парцела во Рига, во Кунѕињсала, под број 0100 096 0236 [одземена од Jānis Vistiņš] ... на 25 ноември 1997 година. Проценката беше направена врз основа на латвискиот Стандард за проценка на недвижности (Latvijas Īpašuma vērtēšanas standarti, LVS-401) и во согласност со законските услови ... во врска со експропријација на недвижен имот во јавен интерес, на законот кој важел во моментот на одземање.
После нашите пресметки и анализи, ние донесовме заклучок дека на 25 ноември 1997 година, пазарната вредност на конкретното земјиште може да се процени на 338,484 лати ...
‘Пазарната вредност’ е сума на пари, пресметана во моментот на вршење на проценка, за чие исплаќање имотот може да биде пренесен од еден сопственик на друг врз основа на комерцијална трансакција помеѓу согласен купувач и согласен продавач после соодветно огласување, понатаму, се претпоставува дека секоја страна постапува свесно ... и без присила. ...“
25. Вториот наод, подготвен на истиот датум од истата фирма, се однесува на земјишни парцели одземени од вториот жалител (г-н Genādijs Perepjolkins). Неговото образложение беше идентично со образложението во првиот наод. Според овој документ, вкупната пазарна вредност на земјишните парцели кои му припаѓале на вториот жалител изнесувала, на 25 ноември 1997 година, 1,250,593 ЛВЛ.
26. Третиот наод бил изготвен на 22 јануари 2013 година од страна на друга фирма за проценка на недвижности, SIA V. Наодот исто така се повикува на стандардот LVS-401 и употребувајќи ја истата дефиниција на „пазарна вредност“, во тој наод се дадени следните износи: 338,500 ЛВЛ за земјишната парцела на првиот жалител, и 1,250,500 ЛВЛ за сите парцели на вториот жалител. Сепак, тој наод не застанува тука и во него исто така се утврдува пазарната вредност на сите гореспоменати недвижности “без да се земат предвид посебните околности, имено судски пресуди со кои се утврдува износ на закупнина“. Пресметана на тој начин, вредноста на земјиштето одземено од првиот жалител изнесувала 100,700 ЛВЛ, а вкупната вредност на четирите парцели на вториот жалител изнесувала 281,300 ЛВЛ.
27. Четвртиот наод, подготвен од трета фирма, SIA E., е со датум 23 јануари 2013 година. Како и сите наоди споменати погоре, наодот упатува на стандардот LVS-401 и на истата дефиниција на „пазарна вредност“. Во овој наод се даваат следните износи: 338,000 ЛВЛ за парцелата на првиот жалител, и 1,250,000 ЛВЛ за сите четири парцели на вториот жалител.
28. Владата исто така достави петти наод изработен од истата фирма SIA E. во 1999 година. За разлика од претходните четири наоди, со него не се утврдува пазарната вредност на 25 ноември 1997 година, туку „економски заснована просечна катастарска вредност“ за сите парцели во периметар на автономното комерцијално пристаниште на Рига на 12 септември 1999 година. Владата објасни дека при оваа проценка на била земена предвид оддалеченоста на земјиштето од центарот на градот ( и затоа била погрешна), и била заснована на споредба со други слични пристаништа во областа и нивниот профит. Според тој наод, „економски заснованата просечна катастарска вредност“ за овој локалитет била 6.62 ЛВЛ за метар квадратен, додека пак „економски заснованата практична просечна катастарска вредност“ била 18,79 ЛВЛ за метар квадратен.
29. Владата се повика на заклучокот на Судот во главната пресуда дека „надлежните латвиски органи со право одлучиле да не им ја надоместат на жалителите целата пазарна вредност на одземениот имот и дека многу пониски износи може да ги задоволат критериумите од член 1 од Протокол бр. 1“ (види главна пресуда, параграф 118). Владата понатаму забележа дека жалителите го стекнале земјиштето како подарок, дека тие не инвестирале ништо на тој имот, дека не платиле никаков данок за недвижности, и дека после еспропријацијата тие можеле да добијат исплата на многу високи износи на заостанати закупнини (ibid., параграфи 25-27). Понатаму, жалителите добиле определен надомест, иако Судот заклучил дека тој не бил доволен (ibid., параграфи 22 и 24). Според Владата, директниот и индиректниот профит кој го стекнале од конкретното земјиште на штета на даночните обврзници (што значи, износите кои им биле вратени како неисплатени закупнини, неисплатени даноци и надоместот кој веќе им бил исплатен) изнесувал 72,475.26 ЛВЛ за првиот жалител и 455,320.71 ЛВЛ за вториот. Со оглед на општата економска состојба на тужената држава во моментот на експропријација (на пример, помеѓу 1993 и 1996 година, просечната бруто месечна плата во Латвија била само 142 евра), износот на профитот бил енормен. Владата побара Судот да го земе тоа предвид и значително да ги намали износите кои треба да им се исплатат на жалителите.
30. Со оглед на претходните согледувања, Владата беше на став дека Судот треба да му додели 27,607 ЛВЛ ( 39,281 ЕУР) на првиот жалител и 80,522 ЛВЛ (114,572 ЕУР) на вториот, за штетата која ја претрпеле поради експропријацијата на нивното земјиште. Владата не објасни како дошла до тие износи или која формула за пресметување ја употребиле, сепак, таа нагласи дека пазарната вредност врз која биле засновани проценките ја земала предвид стапката на капитализација од 5%.
31. На крај, Владата тврдеше дека со оглед на моменталната судска пракса на Судот, немало правна основа врз која жалителите би можеле дополнително да бараат надомест за испуштена добивка. Во врска со тоа, Владата сметаше дека решението применето од Судот во случајот Guiso-Gallisay цитиран погоре не можело да се примени во овој случај, затоа што конкретната експропријација била законита, и не се работело за индиректна екпропријација спротивна на начелото на законитост.
2. Оцена на Судот
32. Судот на почетокот воочува дека во параграф 118 од главната пресуда го кажа следното:
„Судот смета дека надлежните латвиски органи со право одлучиле да не им ја надоместат на жалителите целата пазарна вредност на одземениот имот и дека многу пониски износи може да ги задоволат критериумите од член 1 од Протокол бр. 1 од три причини: прво, затоа што фактичката пазарна вредност на земјиштето не може да биде објективно утврдена, посебно заради ексклузивното право на купување воведено во полза на државата и локалните органи со Законот за пристаништа...; второ, затоа што конкретното земјиште било предмет на законска службеност во полза на пристаништето ...; и на крај, затоа што жалителите не инвестирале во земјиштето и не платиле никаков данок на недвижности, постапката за повторно пресметување на данок која покасно била поведена против нив од страна на Градскиот совет на Рига не била успешна.“
33. Судот понатаму забележува дека жалителите побараа надомест за испуштена добивка која наводно била предизвикана затоа што тие повеќе не можеле да наплатуваат закупнина за конкретното земјиште откако тоа била одземено. Судот повторува дека пресуда во која Судот утврдува повреда на тужената држава ѝ наметнува правна обврска да стави крај на таа повреда и да ги исправи последиците од таа повреда на таков начин да колку што е можно повеќе се врати ситуацијата која постоела пред таа повреда (види Iatridis против Грција (правично задоволување) [ГСC], бр. 31107/96, параграф 32, ECHR 2000‑XI). Со други зборови, надоместот на материјална штета мора да резултира во најблиска можна ситуација со ситуацијата која постоела ако не дојдело до конкретната повреда. Како што Судот претходно одлучи во врска со тоа, не може да се изедначи законска експропријација со индиректна ескпропријација спротивна на начелото на законитост (види Guiso-Gallisay, цитиран погоре, параграф 95). Во овој случај Судот го остави отворено прашањето за формалната законитост на спорната ескпропријација, заклучувајќи го следното (види ја главната пресуда, параграф 105):
„Судот сепак и натаму се сомнева дали спорната експропријацја може да се смета дека била спроведена ‘во согласност со условите предвидени со закон’, земајќи го предвид особено исклучокот применет врз жалителите и на процедуралните заштитни механизми кои оделе или не оделе заедно со неа. Судот сепак не смета дека е потребно да одлучи по тоа прашање, затоа што спорната експропријација го крши член 1 од Протокол бр. 1 од други причини ...“
34. Во секој случај, Судот во главната пресуда не ја прогласи експропријацијата за спротивна на начелото на законитост, затоа што утврдувањето на повреда беше засновано само на неоправдана несразмерност помеѓу официјалната катастарска вредност на земјиштето и надоместот кој им бил доделен на жалителите (ibid., параграфи 119 и 130). Во тие околности, „најблиската можна ситуација на таа која би постоела доколку не дојдело до повреда“ е сведена на исплата на соодветен надомест кој требало да биде исплатен во моментот на експропријација. За разлика од тоа, нема основа врз која жалителите може да бараат надомест за испуштена добивка (lucrum cessans) за периодот после експропријација. Тој дел од нивното барање треба да биде одбиен.
35. Судот сега мора ја утврди сумата која треба да им се додели на жалителите врз основа на претрпената материјална штета (damnum emergens). Во врска со тоа, Судот смета дека критериумите наведени во Guiso-Gallisay (цитиран погоре, параграфи 104-105), не може да бидат пренесени на овој случај затоа што тие се применуваат на експропријација која е незаконита per se. Во овој случај, Судот повторува дека причината за утврдување на повреда беше екстремната несразмерност помеѓу официјалната катастарска вредност на земјиштето и надоместот доделен на жалителите, а не инхерентна незаконитост на одземањето на земјиштето.
36. Во тие околности, Судот смета дека надоместот утврден во овој случај не мора да биде одраз на идејата за целосна елиминација на последиците од спорното мешање, ниту пак на целата вредност на конкретниот имот. При утврдување на износот кој е соодветен за надомест, Судот мора да ги земе предвид критериумите поставени во неговата судска пракса која се однесува на член 1 од Протокол бр. 1 и според кои, без исплата на износ кој е во разумен однос со вредноста на имотот, неговото одземање вообичаено претставува несразмерно мешање кое не може да се смета за оправдано согласно тој член. Судот затоа смета дека е соодветно да утврди износи кои, колку што е можно повеќе се „во разумен сооднос“ со пазарната вредност на земјишните парцели, што значи износи кои самиот Суд би ги сметал за прифатливи од аспект на член 1 од Протокол бр. 1 ако тужената држава им дала соодветен надомест на жалителите. За таа цел, Судот мора да направи општа проценка на последиците од спорната експропријација, пресметувајќи го износот на надоместот според вредноста на земјиштето во моментот кога жалителите ги изгубиле сопственичките права врз тоа земјиште (види главна пресуда, параграф 111). На крај, со оглед на конкретните околности на овој случај, Судот мора да ги земе предвид принципите на правичност при пресметка на релевантните износи (види, mutatis mutandis, Поранешниот Крал на Грција и други против Грција [ГСC] (правично задоволување), бр. 25701/94, параграфи 78-79, 28 ноември 2002 година), истовремено земајќи ги во обзир заклучоците од параграф 118 од главната пресуда.
37. Судот забележува дека, пред експропријацијата, земјишните парцели биле предмет на три последователни проценки: во 1994, во 1996 и 1997 година. Првата проценка, спроведена кога земјиштето било стекнато како подарок, никогаш не била користена во текот на постапките за експропријација и определување на надоместок. Што се однесува на третата проценка, со неа биле утврдени износи за кои Судот заклучил дека се недоволни во смисла на член 1 од Протокол бр. 1 (види главна пресуда, параграфи 115-117 и 130-131). На тој начин останува уште втората проценка, направена во 1996 година од страна на Центарот за проценка на недвижности на Државната агенција за недвижности врз основа на катастарската вредност на конкретните земјишни парцели (ibid., параграф 116). Според појаснувањата на Владата, кои не беа оспорени од жалителите, катастарската вредност на невиджности во тоа време се пресметувала исклучиво врз основа на урбанистички критериуми и не ја одразувала фактичката пазарна вредност (види исто така релевантен домашен закон во параграфи 6-9 погоре). Затоа, Судот не смета дека таа е соодветна да се употреби како основа за пресметува на материјална штета.
38. Судот воочува дека странките доставија повеќе вешти наоди изготвени после одземањето на конкретните земјишни парцели. Имајќи ги предвид критериумите на правичност, како што наложува член 41 од Конвенцијата, Судот смета дека „економски заснованата практична просечна катастарска вредност“ на земјиште во периметарот на автономното комерцијално пристаниште во Рига, утврдена од фирмата на вешти лица SIA E. во 1999 година, би била најсоодветната основа за пресметување на износите кои треба да им се доделат на жалителите (види параграф 28 погоре). Прво, предноста на таа вредност е што била проценета само две години после спорната експропријација. Второ, иако „фактичката пазарна вредност на земјиштето не можела објективно да се утврди, особено поради ексклузивното право на купување воведено во полза на државата и локалните органи со Законот за пристаништа“ (види главна пресуда, параграф 118), гореспоменатата вредност всушност зема предвид економски фактори како што е профитот на пристаништата во даден регион. Затоа, економски заснованата практична просечна катастарска вредност за Судот е 18.79 ЛВЛ за метар квадратен.
39. Со оглед на сите релевантни околности на случајот и, посебно, на оние кои се наведени во параграф 118 на главната пресуда, Судот смета дека е правично да ја намали гореспомената бројка за 75%. Затоа бројката која треба да се земе како основа за пресметува на надомест на материјална штета е 4.69 ЛВЛ за метар квадратен. Земјиштето кое порано му припаѓало на првиот жалител, кое било со површина од 17,998 квадратни метри, треба да биде проценето на 84,410.62 ЛВЛ. Што се однесува на четирите земјишни парцели одземени од вториот жалител и со вкупна површина од 47,740 метри квадратни, тие треба да бидат проценети на 223,900.60 ЛВЛ (види главна пресуда, параграф 11).
40. Соодветно е сега од гореспоменатите износи да се одземат износите кои веќе им се исплатени на жалителите како надомест на домашно ниво, имено, 548.26 ЛВЛ и 8,616.87 ЛВЛ соодветно (ibid., параграф 24). На тој начин за првиот жалител останува износот 83,862.36 ЛВЛ (119,378.18 ЕУР) и 215,283.73 ЛВЛ (306,461.90 ЕУР) за вториот жалител.
41. Судот смета дека сега мора да ги прилагоди тие износи за да се отстранат последиците од инфлацијата (види Scordino против Италија (бр. 1) [ГСC], бр. 36813/97, параграф 258, ECHR 2006‑V). Судот воочува дека стапката на инфлација била 94.3% во периодот од 25 ноември 1997 година до 25 октомври 2012 година (види параграф 11 погоре). Со примена на тој процент, споменатите износи се зголемуваат на 231,951.63 ЕУР (за првиот жалител) и 595,455.47 ЕУР (за вториот жалител).
42. Законската камата во истиот тој период треба да биде исто така пресметана (ibid.). Судот воочува дека, според член 1763 и член 1765 на латвискиот Граѓански законик, законската камата е генерално 6% годишно, но таа престанува да расте штом износот на каматата е еднаков на износот на основицата (види параграф 10 погоре). Периодот помеѓу споменатите дати е четиринаесет години и единаесет месеци, период кој треба да биде заокружен на петнаесет години. Затоа, за петнаесетгодишниот период, на првиот жалител треба да му се исплати камата во износ од 107,440.35 ЕУР и 275,815.65 ЕУР на вториот. Конечните износи кои треба да им се доделат на жалителите оттука се 339,391.98 ЕУР за првиот жалител и 871,271.12 ЕУР за вториот жалител.
43. На крај, Судот не гледа било каква причина од тие износи да ја намали закупнината исплатена на жалителите на домашно ниво или неплатен данок на недвижности, како што сугерираше Владата. Како што Судот воочи во главната пресуда, барањето за неисплатени закупнини произлегувало од посебен правен основ неврзан за надоместот за експропријација. Што се однесува на данокот на недвижности, самите латвиски судови заклучиле дека жалителите биле лично ослободени од плаќање затоа што данокот бил веќе исплатен од јавното претпријатие одговорно за управување со пристаништето (види главна пресуда, параграфи 37-38 и 128).
44. Со оглед на тоа што беше претходно наведено, Судот смета дека е основано да му додели на првиот жалител 339,391.98 ЕУР и 871,271.12 ЕУР на вториот жалител за материјална штета.
Б. Нематеријална штета
45. И двајцата жалители побараа 10,000 евра за нематеријална штета предизвикана со анксиозноста и фрустрациите кои ги чувствувале после одземањето на нивните имоти. Во врска со тоа, тие посочија дека биле потребни многу време и вложувања за нивно учество не само во постапката за експропријација, туку исто така и во постапката за исплата на заостаната закупнина.
46. Владата негираше дека на жалителите им била предизвикана нематеријална штета. Прво, таа тврдеше дека овој случај, во кој се работело за законита експропријација, не можел да се спореди со случаите Guiso-Gallisay и Medici цитирани погоре. Второ, таа го оспори постоењето на причинско-последична врска помеѓу повредата на член 1 од Протокол бр. 1 утврдена од страна на Судот и домашните постапки иницирани од жалителите, кои постапки, дотолку повеќе, не биле секогаш во полза на жалителите. Трето, Владата беше на став дека дејствијата преземени вообичаено од странка на судска постапки, сами по себе, не предизвикувале до „психичко страдање“ кое може да доведе од надомест согласно член 41 од Конвенцијата.
47. Судот се согласува со Владата дека беспомошноста и фрустрацијата која ја чувствува сопственик кому му бил незаконито одземен имот (види Guiso-Gallisay, цитиран погоре, параграф 110) не може да се споредат со чувствата на поранешен сопственик кој само не е задоволен со износот на надоместот доделен од страна на државата. Сепак, Судот потврдува дека жалителите претрпеле определен степен на нематеријална штета поради утврдената повреда, за кој доделувањето на надомест по тој основ, може да се смета за оправдано. Одлучувајќи на правична основа, како што наложува член 41 од Конвенцијата, Судот одлучува да им додели на двајцата жалители по 3,000 ЕУР по овој основ.
В. Трошоци и издатоци
48. Во постапката за мериторно одлучување пред Големиот судски совет, жалителите побараа надомест на трошоците и издатоците кои тие ги проценија на 4,980 eвра за секој посебно. Тие не посочија за која постапка биле направени тие трошоци, ниту пак доставија документи за поткрепа на нивното барање.
49. Владата сметаше дека ова барање не е доволно поткрепено со докази и дека не ги исполнувало основните критериуми поставени во правило 60, став 2 од Правилата на Судот. Сепак, Владата призна дека жалителите мора да имале определени трошоци и не приговори на доделување на износ по тој основ, кој не би надминал 1,500 евра за секој жалител поединечно.
50. Судот повторува дека за да има право на надомест на трошоци и издатоци согласно член 41 од Конвенцијата, оштетената страна мора навистина и целесообразно да ги направила тие трошоци. Конкретно, правило 60, став 2 кажува дека мора во секое барање за надомест детално да се опишат и набројат видот и висината на трошоци и да се поднесат релевантни придружни документи согласно член 41 од Конвенцијата, во спротивно на што Судот може целосно или делумно да го одбие барањето. Понатаму, трошоците и издатоците може да бидат надоместени само во онаа мера во која тие се поврзани со најдената повреда (види, помеѓу многу други прецеденти, Andrejeva против Латвија [ГСC], бр. 55707/00, параграф 115, ECHR 2009).
51. Во овој случај, Судот заклучува дека барањето на жалителите во постапката пред Големиот судски совет за надомест на трошоци и издатоци очигледно не ги задоволува тие услови, затоа што бараните износи не беа поткрепени со било какви документи и не беше можно да се утврди прецизниот карактер на дадените услуги или дали тие биле објективно неопходни во постапката пред Судот. Сепак, Судот прифаќа дека, со оглед на сложеноста на предметот, жалителите мора да имале определени трошоци, посебно во постапката пред Големиот судски совет, Во тие околности, одлучувајќи на правична основа согласно член 41, одлучува да им додели на секој од нив по 1,500 евра за сите трошоци и издатоци, заедно со секој данок кој може да биде пресметан (ibid., параграф 116).
Г. Затезна камата
52. Судот смета дека е соодветно затезната камата да се заснова на најниската каматна стапка на Европската централна банка, на што треба да се додадат три процентни поени.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Одлучува, со дванаесет гласа за и пет против,
(a) дека тужената држава треба ги плати, во рок од три месеци, следните износи:
(i) 339,391.98 ЕУР (триста триесет и девет илјади, триста деведесет и едно евро и деведесет и осум центи) на првиот жалител, плус секој данок кој може да биде пресметан, во однос на материјална штета;
(ii) 871,271.12 ЕУР (осумстотини седумдесет и една илјада, двесте седумдесет и едно евро и дванаесет центи) на вториот жалител плус секој данок кој може да биде пресметан, за материјална штета;
(iii) 3,000 ЕУР (три илјади евра) на секој жалител посебно, плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ, за нематеријална штета;
(iv) 1,500 ЕУР (илјада и петстотини евра) на секој жалител посебно, плус секој данок кој може ним да им биде пресметан за тој износ, за трошоци и издатоци;
(б) дека по истекот на споменатиот рок од три месеци до исплата ќе се пресметува камта на горните износи по стапка која е еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка, во текот на односниот период плус три процентни поени;
Го одбива, едногласно, останатиот дел од барањето на жалителите за правично задоволување.
Изработена на англиски и француски јазик, доставена во писмена форма на 25 март 2014 година, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Michael O’BoyleDean Spielmann
Заменик секретарПретседател
Во согласност со член 45, став 2 од Конвенцијата и правило 74, став 2 од Правилата на Судот, следните издвоени мислења се приклучени кон оваа пресуда:
- спротивставено мислење на судиијата Garlicki;
- спротивставено мислење на судијата Lorenzen, кон кое се приклучија судиите Bratza, Tsotsoria и Pardalos.
D.S.
M.O’B.
Издвоените мислења не беа преведени но, се појавуваат на англиски јазик и француски јазик во верзиите на официјален јазик на пресудата кои може да се најдат во датабазата на судска пракса на Судот HUDOC.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2014.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2014.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2014.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy