© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТА СЕКЦИЈА
СЛУЧАЈОТ НА ИПСИЛОН против СЛОВЕНИЈА
(Жалба бр. 41107/10)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
28 мај 2015 г.
КОНЕЧНА ВЕРЗИЈА
28/08/2015
Оваа пресуда стана правосилна согласно членот 44 § 2 од Конвенцијата. Истата може да подлегне на уредувачка ревизија.
Во случајот на Ипсилон против Словенија
Европскиот суд за човекови права (Петтата секција), кој заседаваше како Судски совет составен од:
Марк Вилигер (Mark Villiger), претседател,
Ангелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Боштјан М. Зупанчич (Boštjan M. Zupančič),
Гана Јудкивска (GannaYudkivska),
Андре Потоцки (André Potocki),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Алеш Пејчал (Aleš Pejchal), судии,
и Клаудија Вестердајк (Claudia Westerdiek), секретар на Секцијата,
Откако го разгледа случајот на затворена седница на 31 март 2015 година,
Ја донесе следнава пресуда, којашто беше усвоена на истиот датум.
ПОСТАПКА
1. Случајот потекнуваше од жалба (бр. 41107/10) против Република Словенија поднесена до Судот согласно членот 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата“) од страна на словенечката државјанка г-ата Ипсилон („жалителката“), на 17 јули 2010 година. Претседателот на Секцијата го прифати барањето на жалителката да не се обелодени нејзиното име (правило 47 § 4 од Деловникот на Судот).
2. Жалителката беше застапувана од г-динот Ј. Ахлин, адвокат со пракса во Љубљана. Словенечката влада („Владата“) беше застапувана од нивниот агент, г-ата Б. Јовин Храстник, државен правобранител.
3. Жалителката тврдеше дека кривичните постапки за сексуален напад врз неа биле неразумно одлагани, истите не биле непристрасни и ја изложиле на неколку трауматски искуства кои имале последици по нејзиниот личен интегритет.
4. На 20 февруари 2012 г. Владата беше информирана за жалбата.
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
А. Општи информации
5. Жалителката е родена во Украина во 1987 г. и дошла во Словенија во 2000 г. со своите сестра и мајка, која се омажила за Словенец.
6. Меѓу јули и декември 2001 г., на 14-годишна возраст, таа наводно во повеќе прилики била сексуално злоставувана од семеен пријател Икс, на возраст од 55 години во тоа време, која заедно со својата сопруга честопати се грижеле за неа и ѝ помагале околу подготовките за избор на убавина.
7. Во јули 2002 г. жалителката ѝ кажала на мајка ѝ за наводното сексуално злоставување од страна на Икс, но не сакала за тоа да зборува со никој друг.
8. На 15 јули 2002 г. свештеник дал изјава пред мариборската полиција во која рекол дека мајката на жалителката му кажала дека била загрижена дека жалителката била силувана од страна на Икс.
Б. Полициската истрага
9. На 16 јули 2002 г. мајката на жалителката поднела кривична жалба против Икс во која таа тврдела дека Икс ја присилил жалителката да има сексуален однос со него во неколку прилики.
10. На 17 јули 2002 г. жалителката била испитана од мариборската полиција и таа опишала како Икс ја присилил на различни сексуални активности. Што се однесува до временската рамка на нападите, жалителката изјавила дека Икс за првпат се обидел да ја бакне пред јули 2001 г., кога таа почнала да се појавува на модни ревии како модел. Таа понатаму опишала низа случаи кога Икс сексуално ја нападнал. Во една прилика Икс легнал врз неа додека спиела во неговата куќа и се обидел да има сексуален однос со неа така што ѝ ги раширил нозете со едната рака, а другата рака ја ставил врз нејзината уста за да ја спречи да не вика, но бил прекинат од неговиот помал син којшто се качувал по скалите. Во друга прилика, додека биле на базен, ја фаќал неприкладно додека биле во вода. Во друга пак прилика Икс наводно ја однел жалителката во напуштена работилница во сопственост на неговото семејство и извел орален секс врз неа. Исто така според жалителката, Икс ја присилил на орален секс со него најмалку три пати, еднаш кај него дома, еднаш во гаражата на неговата фирма и третиот пат во неговото комбе, кое го паркирал во шумите во близина на градот. Последниот пат жалителката наводно се обидела да избега; но во непознатото опкружување морала да се врати назад во комбето. Жалителката изјавила дека Икс во неколку прилики се обидел да има сексуален однос со неа, но таа не била сигурна дали тој успеал да влезе во неа. Таа понатаму изјавила дека таа се обидела да се одбрани така што плачела и го туркала Икс, но безуспешно.
11. Жалителката исто така била прегледана од вешто лице-гинеколог кој утврдил дека нејзиниот химен бил недопрен. Исто така во текот на јули и август 2002 г. полицијата го испитала Икс, којшто отфрлил дека имал сексуално односи со жалителката, како и три други сведоци.
12. По серијата неуспешни обиди да добијат конкретни информации од полицијата што се однесува до напредокот на истрагата, мајката на жалителката се жалела кај Окружното државно обвинителство на Марибор.
13. На 27 јуни 2003 г. Државното обвинителство испратило писмо до мариборската полиција во кое барале веднаш да им ја достават кривичната жалба поднесена против Икс.
14. На 18 август 2003 г. полицијата испратила извештај до Државното обвинителство изјавувајќи дека жалителката не успеала да даде детален опис за нејзините тврдења и да ги посочи местата каде што наводните силувања се случиле. Полицијата забележала дека жалителката оставила впечаток дека била под голем психолошки стрес и страв од реакцијата на нејзината мајка. Тие заклучиле дека било невозможно да ги потврдат нејзините тврдења за силување, но исто така било подеднакво невозможно да се утврдат причините за нејзината сериозна ментална болка.
В. Судската истрага
15. На 28 август 2003 г. Државното обвинителство поднело барање за судска истрага на Икс врз основа на обвиненијата за сексуален напад на малолетничка помлада од 14 години. Во барањето се тврдело дека Икс ја присилил жалителката да има орален секс и дека имал сексуален однос со неа барем во три прилики и покрај нејзиното противење и обид да се спротивстави.
16. На 7 јануари 2005 г. Икс бил повикан да се појави пред истражен судија во Окружниот суд на Марибор. Тој одбил да даде усна изјава. На 10 март 2005 Икс, застапуван од адвокат ја поднел својата писмена изјава во која ги отфрлал обвиненијата. Тој исто така поднел медицински извештај во кој стоело дека неговата лева рака му била хендикепирана од раѓање.
17. На 26 мај 2005 г. истражен судија донел одлука за отворање на кривична истрага против Икс. Жалбата против ваквата одлука била одбиена од Советот за претпретресна постапка на Окружниот суд на Марибор.
18. На 17 октомври 2005 г. жалителката била испитана како сведок пред Окружниот суд на Љубљана, од кој било побарано да спроведе испитување бидејќи жалителката живеела во таа област. Испитувањето продолжило на 8 ноември 2005 година. Икс и неговиот адвокат не биле информирани за ова испитување. Жалителката сведочела со детали кога, каде и како се случиле наводните деликти. Таа најпрво го опишала нападот што се случил во куќата на Икс кога спиела таму, повторувајќи дека Икс бил прекинат од неговиот син. Според изјавата на жалителката вториот напад се случил кога наместо да ја одвезе жалителката дома, Икс се паркирал во шумата и почнал на сила да ја бакнува. Потоа Икс ја соблекол жалителката, ѝ ги раширил нозете со едната рака и ѝ ги држел зглобовите на рацете со другата и повторно се обидел да има сексуален однос со неа, но немало пенетрација. Жалителката потоа раскажала дека во друга прилика ја однел во напуштената семејна работилница и извел орален секс врз неа. Таа изјавила дека таа се обидела да се ослободи, но Икс повторно ја стегнал за зглобовите и ѝ удрил шамар. Повторно имал обид за вагинален однос, но не се случил. Икс ѝ наредил да не каже никому за нив, во спротивно ќе средел таа и нејзиното семејство да бидат депортирани од Словенија. Жалителката додала дека се сеќава на тие три случки убаво, и дека настаните се случиле баш како што ги опишала, но дека имало и низа други слични инциденти во периодот меѓу јули и декември 2001 г.
19. На 13 и 20 декември 2005 г. сопругата на Икс и друг сведок биле испитани од истражен судија од Окружниот суд на Марибор.
20. На 13 јануари 2006 г. Окружниот суд на Копер, на барање на Окружниот суд на Марибор го испитал сведокот Д., којшто потврдил дека жалителката ѝ кажала за наводното силување.
21. На 14 април 2006 г. истражниот судија го испитал сведокот Х. којашто била вработена во компанијата на Икс и неговата сопруга. Х. сведочела дека таа не забележала дека Икс се однесувал несоодветно кон жалителката во просториите на компанијата.
22. На 16 мај 2006 г. истражниот судија назначил вешто лице-гинеколог, Б. за да ја утврди веројатноста жалителката дека имала сексуален однос во периодот меѓу јули и декември 2001 г. Жалителката била кај него на преглед, но таа одбила клинички преглед. Таа на Б. меѓу другото му кажала дека и покрај обидите на Икс не се случила сексуална пенетрација. За време на прегледот вештото лице ѝ го покажал на жалителката ортопедскиот извештај во кој се велело дека Икс не можел да ја користи левата рака на начинот којшто таа го опишала, на што жалителката одговорила дека таа го видела Икс како крева работи со неа. Исто така Б. на жалителката ѝ го покажал полицискиот извештај во којшто се велело дека таа не можела да даде детален опис на сексуалните напади и конкретните локации и ја прашал зошто не се бранела од Икс на пример со гребење или касање. Жалителката одговорила дека ниту се бранела ниту можела да се брани. На 19 јуни 2006 г. вештото лице го подготвил својот извештај којшто се засновал на доказите дадени во досието, вклучително и гинеколошкиот извештај од 2002 г. којшто покажал дека хименот на жалителката бил недопрен во тој момент и го пренел разговорот со жалителката. Тој утврдил дека немало ништо што можело да укаже со сигурност дека жалителката имала сексуален однос со Икс во материјалното време. Исто така според неговото медицинското мислење, вештото лице коментирало дека имало одредени недоследности во описот на жалителката во однос на настаните во прашање. Од извештајот следи дека ниедна од наводните недоследности не била поврзана со некаково медицинско прашање.
23. На 20 јуни 2006 г. истражниот судија назначил вешто лице по клиничка психологија, Р. Таа, по консултацијата со жалителката, го поднела својот извештај на 4 јули 2006 г. и го заклучила следново:
„Од 2001 Ипсилон ги има сите симптоми на жртва на сексуално и други видови на злоставување (емоционални, бихевиористички и физички симптоми).
...
Покрај емоционалните последици, девојката покажува многу типични обрасци на однесување поврзани со злоставувањето што го искусила, како и некои физички симптоми (проблеми со спиење, кошмари, слом). Симптомите се посочени во извештајот...
Сериозноста на последиците – особено на физичките и сексуалните – тешко е да се оцени сега. Но, како и краткорочните, така и долгорочните последици можат да се предвидат. Нивниот вистински обем ќе стане очигледен во клучните фази од животот на девојката и во стресни ситуации.
...
Заради овие последици, коишто се крајно сериозни во нејзината психолошка сфера ... од крајно маргинална важност е дали за време на насилното однесување на сторителот детето-жртва доживеало дефлорација на хименот или не ...
Обрасците на сексуалното однесување можат соодветно да се проценат само од страна на стручно лице по клиничка психологија...“
24. На 15 септември 2006 г. Окружното обвинителство на Марибор го обвинило Икс за сексуален напад врз дете помладо од четиринаесет години согласно членот 183 §§ 1 и 2 од Кривичниот законик. Приговорот на Икс на обвинението бил одбиен од советот за претпретресна постапка на Окружниот суд на Марибор на 20 октомври 2006 г.
Г. Судскиот претрес
25. Окружниот суд на Марибор закажал рочиште за 27 јуни 2007 г. Меѓутоа рочиштето било одложено по барањето на Икс врз основа на документ кој покажувал дека бил на боледување неколку недели.
26. Рочиштето потоа било презакажано за 3 октомври 2007 г., но било одложено на барање на адвокатот на Икс. Следното рочиште требало да се одржи на 12 ноември 2007 г. Меѓутоа заради отсуство на член на поротата рочиштето било одложено. Последователно Икс го информирал судот дека ќе одел на службено патување од кои причини следното рочиштето било одложено за 16 јануари 2008 г.
27. На 16 јануари 2008 г. Икс не се појавил пред судот. На 17 јануари 2008 г. тој поднел потврда за боледување.
28. На 25 јануари 2008 г. адвокатот на Икс го информирал судот дека Икс го повлекол своето полномошно и дека од тој ден натаму ќе бил застапуван од друг адвокат, М. Меѓутоа, судот не добил ново полномошно со кое се Икс го овластувал М. да го застапува. Бидејќи Икс бил обвинет за кривично дело за кое задолжително морал да биде застапуван, на 28 јануари 2008 г. судот го назначил М. како адвокат на Икс назначен од судот.
29. На 14 март 2008 г. судот одржал расправа која била затворена за јавноста заради заштита на приватноста и јавниот морал. Судот го сослушал Икс. На расправата адвокатот на жалителката барал да се дисквалификува М. како адвокат на Икс врз основ дека во 2001 г. жалителката и нејзината мајка барале совет од него во врска со случајот. Исто така мајката на жалителката имала интимна врска со него. М. отфрлил дека тој некогаш се сретнал со жалителката или нејзината мајка и изјавил дека само знаел дека адвокатот во чија фирма работел во тоа време го застапувал во бракоразводна постапка сопругот на мајката на жалителката со кој биле разделени. Советот ја отфрлил претставката пресудувајќи дека немало законски основ за дисквалификација на адвокатот.
30. На 14 март 2008 г. Икс ја поднел својата одбрана на писмено, тврдејќи дека не можел да користи физичка сила врз жалителката со оглед дека левата рака му била сериозно хендикепирана од раѓање и дека му била 15 цм пократка од десната. Икс тврдел дека практично не можел да ја користи хендикепираната рака. Исто така, тој тврдел дека тој и неговото семејство ѝ помагале на жалителката и на нејзината сестра да се интегрираат во новото општество и да научат словенечки јазик додека нивната мајка била зафатена со приватни работи. Според Икс обвиненијата за сексуални напади биле поттикнати од мајката на жалителката која сакала да изнуди пари од него.
31. На 14 април 2008 г. судот го одржал второто рочиштето на случајот. Икс бил испитан од државниот обвинител главно околу употребата на неговата лева рака и во врска со ова признал дека иако најчесто возел автомобили со автоматски менувач сепак од време на време возел и помал автомобил со мануелен менувач. Меѓутоа, кога бил прашан дали некогаш возел камион, Икс одговорил дека тоа немало никаква врска со случајот, сепак признавајќи дека имал возачка дозвола за сите категории на моторни возила. Тогаш жалителката била повикана да сведочи, а судот го одобрил нејзиното барање Икс да не биде присутен во судницата. Додека ги опишувала случаите на сексуално злоставување од страна на Икс, жалителката постојано плачела и расправата била прекината на неколку минути заради тоа. Потоа бранителот на Икс М. ја испрашал жалителката, поставувајќи ѝ прашање колку била висока и тешка во материјалното време. Жалителката многу се вознемирила и го прашала М., зошто со оглед дека тој прв ја чул нејзината приказна, го поставувал тоа прашање и му бил бранител на Икс. М. прокоментирал дека ова било дел од тактиката. Заради стресот на жалителката расправата била одложена.
32. На 9 мај 2008 г. судот го одржал третото рочиште. Испрашувањето на жалителката продолжило во отсуство на Икс. Кога ја прашале како се чувствувала во однос на состојбата после фактот, таа плачела и рекла дека никој не ѝ помогнал и дека постапките со одолжувале неколку години во текот на кои таа одново ја преживувала траумата.
33. На 27 август 2008 г. жалителката поднела надзорна жалба согласно Законот за заштита на правото на расправа без непотребно одолжување (во понатамошниот текст „Законот од 2006 г.“) со цел да се забрза постапката.
34. На 26 септември 2008 г. судот го одржал четвртото рочиште затворено за јавноста на кое Икс лично ја прашал жалителката над сто прашања, почнувајќи со коментар во форма на прашање „Дали е точно дека ми кажа и ми покажа дека можеш да заплачеш кога ќе посакаш и дека сите ти веруваат“. Од записникот од расправата не се чини дека жалителката дала некаков одговор. Икс потоа ѝ поставил на жалителката серија прашања со цел да покаже дека тие се гледале главно на собири на нивните семејства или кога на жалителката ѝ требал превоз или друга помош, таа активно тоа го барала од него. Меѓу прашањата што Икс ги поставил биле следниве: „Дали е точно дека јас не те злоставував вечерта кога се случил инцидентот, како што изјави на 14 април“, „Дали е точно дека доколку јас сакав да ги задоволам своите сексуални потреби, ќе ти се имав јавено барем еднаш“, „Зошто ми се јави во септември и побара од мене да те префрлам до град доколку веќе те имав силувано пет пати пред тој датум“, „Зошто ми се јавуваше, бидејќи јас сигурно те немам барано“, или „Дали е вистина дека ти побара сами да се повозиме надвор од градот зошто сакаше да поразговараш со мене и да го прославиш твојот успех од изборот на убавина“. Жалителката инсистираше дека таа не му се јавувала на Икс, ниту иницирала излегувања со него, туку дека тој ја побарал неа. Икс исто така ја прашал жалителката дали таа му кажала дека кога ќе имала момче таа секогаш ќе била одозгора, затоа што сакала да биде главна.
35. Исто така Икс тврдел дека обвиненијата за силување биле измислени од мајката на жалителката. Затоа ѝ поставил на жалителката низа прашања за нејзината мајка, вклучително и за нејзиното познавање на словенечкиот јазик, нејзината работа и лични врски. Понатаму Икс ја соочил жалителката со лекарскиот извештај во кој било посочено дека неговата лева рака му била сериозно хендикепирана. Жалителката инсистирала дека таа го видела Икс како ја користел левата рака во секојдневниот живот, вклучително за да вози автомобил, ги кревал и носел своите деца и нивните училишни торби или кутии и шишиња. Во текот на испрашувањето Икс ја оспорил точноста и веродостојноста на одговорите на жалителката, опширно коментирајќи на околностите што таа ги опишала и несогласувајќи се со нејзината верзија на настаните. Тој продолжил со таквото однесување дури и откако главниот судија му објаснил дека ќе има шанса да ги даде своите коментари по испрашувањето на жалителката.
36. За време на вкрстеното испрашување Икс повторил низа од прашањата и конечно бил предупреден заради тоа од главниот судија. Исто така главниот судија забранил седум прашања за кои сметал дека немале врска со случајот.
37. Во три прилики судот наложил кратка пауза заради вознемиреноста и плачењето на жалителката. По една од тие паузи Икс ја прашал жалителката дали би се чувствувала подобро доколку сите заедно отиделе на вечера како што правеле порано, и можеби тогаш не би плачела толку многу.
38. Во еден момент жалителката побарала од судот да го прекине судењето затоа што прашањата биле премногу стресни за неа. Меѓутоа откако Икс изјавил дека следното рочиште не можело да се одржи пред 19 ноември 2008 г. кога ќе се врател од деловното патување жалителката рекла во плач да продолжи со испрашувањето затоа што сакала да заврши со тоа. На крај после четири часа на вкрстено испрашување на жалителката, главниот судија ја одложил расправата за 13 октомври 2008 г.
39. Сопругата на Икс, неговата баба, мајка на сопругата и вработен во неговата компанија биле испрашани на следната расправа, и сите тројца тврделе дека Икс многу малку можел да ја користи својата лева рака и секако не можел да крева никаков товар со неа.
40. На 24 ноември 2008 г. било одржано шестото рочиште. Икс ја испрашувал жалителката час и половина. Кога била испрашувана од адвокатот на Икс, М. жалителката повторно посочила дека таа веќе му ја кажала целата приказна пред извесно време. М. го отфрлил тоа изјавувајќи дека доколку бил информиран ќе ја советувал жалителката да отиде во болница или во полиција. Кога испрашувањето на жалителката завршило, била испрашана нејзината мајка, главно за нејзините приватни врски.
41. На крајот од расправата бранителот на Икс, М. потврдил дека тој се сретнал со мајката на жалителката во времето кога работел во адвокатска канцеларија заедно со адвокат што ја застапувал во некои судски постапки. Тој исто изјавил дека ќе го информирал судот во рок од три дена дали ќе побарал да биде дисквалификуван како застапник на Икс во постапката во прашање. На 25 ноември 2008 г. М. побарал од судот да го дисквалификува од случајот бидејќи лично бил засегнат од некои од изјавите дадени од мајката на жалителката.
42. На расправата одржана на 15 декември 2008 г. судот го отфрлил барањето на бранителот на Икс, М. утврдувајќи дека не постоеле законски причини за негова дисквалификација. Исто така и вештото лице – гинекологот Б. бил испрашан како сведок. Тој признал дека за да ги разјасни околностите тој се осврнал на одредени прашања во својот извештај што не биле дел од барањето на истражниот судија. Исто така повторил дека хименот на жалителката бил недопрен во материјалното време.
43. На 22 јануари 2009 г. судот го одржал осмото рочиште за случајот и го испрашал вештото лице по клиничка психологија Р., која повторно изјавила дека сексуално злоставување што се случило одамна не можело да се докаже со материјални докази, туку само можеле да се проценат психолошките последици. Таа понатаму повторила дека жалителката имала јасни симптоми на сексуално злоставување.
44. На 20 февруари 2009 г. судот го назначил Т., друго вешто лице – гинеколог, да даде сопствено мислење за тоа дали жалителката можела да биде сексуално злоставувана во материјалното време, врз основа на лекарскиот преглед (види параграф 11 горе). На 10 март 2009 г. вештото лице го поднел својот извештај изјавувајќи дека тие резултати не биле недоследни со описот на настаните во прашање даден од страна на жалителката.
45. На 16 март 2009 г. судот одржал расправа на која го назначила Н., вешто лице по ортопедија, да даде мислење за тоа дали Икс со хендикепираната лева рака можел да ги направи движењата посочени од жалителката.
46. На 5 мај 2009 г. вештото лице Н. го поднел својот извештај во кој тој утврдил дека левата рака на Икс му била тешко хендикепирана и дека од тие причини настаните не можеле да се случат на начинот опишан од жалителката.
47. На 8 јуни 2009 г. судот одржал расправа на која вештото лице Н. било испрашано. По прашањата поставени од адвокатот на жалителката, Н. објаснил дека тој своето мислење го засновал на документите од здравственото досие на Икс, рендген снимки што му ги донел Икс и преглед на Икс.
48. Рочиште било одржано на 9 јули 2009 г. Жалителката побарала вештото лице Н. да биде дополнително испрашано.
49. На 29 септември 2009 г. судот го одржал дванаесеттото и последно рочиште по случајот. На расправата жалителката и државниот обвинител го испрашувале вештото лице Н., кој меѓу другото изјавил дела Икс можел да ја користи левата рака само како помош на десната рака при вршењето на одредени задачи, но дека практично немал сила во неговата лева рака. Според мислењето на вештото лице Икс. не можел да ѝ ги рашири нозете на жалителката со својата лева рака, ниту пак да ѝ ги соблече панталоните како што тврдела таа. Откако бил прашан од обвинителот дали проценката ја засновал врз претпоставката дека жалителката ја употребила целата своја сила за да му се спротивстави на Икс, Н. изјавил: „Мојот заклучок не го засновав врз таа претпоставка, бидејќи не знаев дали таа му се спротивставила или дали таа доброволно му се препуштила.“ Откако бил прашан дали жалителката која тогаш имала 14 години можела да му се спротивстави на Икс кој наводно лежел врз неа, тој рекол дека мислел дека можела. Н. исто така сведочел дека иако Икс имал поголема од вообичаено сила во десната рака, тој не можел да ја нападне жалителката на начинот на кој тврдела таа.
50. По испрашувањето на Н., жалителката која побарала и добила друго ортопедско мислење надвор од судската постапка, во кое било посочено дека Икс можеби сè уште имал ограничена способност да ја користи својата лева рака, таа побарала друго вешто лице по ортопедија да биде назначено врз основ дека постоел сомнеж во врска со заклучоците на Н. Ова барање, како и барањето на жалителката Судот да ги повика како сведоци нејзината сестра и поранешниот сопруг на мајка ѝ кои наводно го виделе Икс како весла со обете раце, биле одбиено од судот како непотребни. Исто така барањето на обвинителот да се испраша жалителката уште еднаш било отфрлено.
51. На крајот од расправата судот ја дај својата пресуда со која Икс бил ослободен од сите обвиненија. Според оваа пресуда судот ја упатил жалителката да бара обесштетување, кое барање го поднела во текот на постапката, пред граѓанскиот суд.
52. На 15 декември 2009 г. жалителката поднела нова надзорна жалба согласно Законот од 2006 г. На 22 декември 2009 г. таа добила одговор од судот во кој ја информирал дека наведените основи од пресудата ѝ биле испратени на тој ден.
53. Во писмениот основ судот објаснил дека извештајот на вештото лице по ортопедија ја оспорило способноста на Икс да врши одредени дејствија како што било опишано од жалителката, за што ќе требал да ги користи и двете раце. Како што било објаснето од вештото лице, Икс. не можел дури и да ја движи левата шака во позиција што ќе му овозможела да ѝ ги соблече панталоните или да ѝ ги рашири нозете. Според судот фактот дека некои од наводите на жалителката биле побиени од вештото лице поттикнале сомнеж во целата нејзина верзија за тоа што се случило. Врз основа на начелото дека секој разумен сомнеж треба да оди во корист на обвинетиот (in dubio pro reo) судот го ослободил Икс. Што се однесува до извештајот на вештото лице по психологија Р., којашто утврдила дека жалителката претрпела сексуално злоставување, судот забележал дека не може да се игнорира пресудата во друга постапка поврзана со поранешниот сопруг на мајката на жалителката во која надлежниот суд прифатил дека тој се впуштил во сексуална активност пред жалителката и нејзината сестра и дека се однесувал недолично кон жалителката.
54. На 30 декември 2009 г. државниот обвинител поднела жалба, во која таа го критикувала судот поради тоа што не го зел фактот дека заради неговата возраст, род и телесна маса Икс бил многу посилен од жалителката и дека бил во позиција на моќ заради неговиот економски и социјален статус. Исто така таа посочила дека Икс управувал со возила со мануелен менувач за што било потребно да ги користи двете раце. Обвинителката понатаму аргументирала дека кривичното дело во прашање не барало нужно сексуалното дело да било извршено со примена на сила; било доволно жалителката да се спротивстави. Таа исто така нагласила дека постапките веќе траеле осум години, што само ја влошило траумата што ја претрпела жалителката.
55. Жалбата била отфрлена од страна на Вишиот суд на Марибор на 26 мај 2010 г. Тој утврдил дека пресудата на основниот суд била јасна и прецизна во давањето на аргументите во врска со сомнежот дека Икс ги извршил наводните кривични дела.
56. Жалителката последователно побарала од врховниот државен обвинител да поднесе барање за заштита на законитоста (вонреден правен лек). На 28 јули 2010 г. врховниот државен обвинител ја информирал жалителката дека гореспоменатото барање можело да разгледа само делови од закон, а не да ги проценува фактите, на кои жалителката упатила.
Д. Надоместок за одолжување на кривичната постапка
57. На 11 февруари 2011 г. жалителката и Владата постигнале вонсудски договор согласно Законот од 2006 г. за износ од 1.080 евра за сите материјални и нематеријални штети што ги претрпела жалителката како резултат на повредата на нејзиното право на судење без непотребно одлагање во кривичната постапка во прашање. Жалителката исто така добила и 129,60 евра за трошоците за постапката.
II. РЕЛЕВАНТНО ПРАВО И ПРАКСА
А. Релевантното домашно кривично право
58. Членот 183 §§ 1 и 2 од Кривичниот законик со којшто се регулира кривичното дело на сексуален напад врз лице помладо од 15 години, кој бил на сила во материјалното време гласи:
„(1) Лице коешто ќе стапи во сексуален однос или некаква друга сексуална активност со лице од спротивниот пол кое сè уште нема наполнето петнаесет години, и ако зрелоста на сторителот и на жртвата се очигледно несразмерни, ќе биде казниво со казна затвор од една до осум години.
(2) Лице коешто ќе го изврши горенаведеното дело врз лице кое сè уште нема десет години или против ранливо лице коешто сè уште нема петнаесет години или со примена на сила или закана по животот или здравјето, ќе биде казнето со три или повеќе години затвор.
...”
59. Членот 148 од Законот за кривична постапка, како што гласел во материјалното време предвидува полицијата, откако ќе ја заврши прелиминарната истрага за наводно кривично дело, да подготви кривична претставка врз основа на собраните информации и да ја достави во обвинителството. Меѓутоа дури и ако собраните информации не се чини дека обезбедуваат некаков основ за таква кривична претставка, полицијата треба да поднесе извештај за своите дејствија до обвинителот.
60. Што се однесува до заштитата на малолетни жртви на кривични дела од сексуална природа во судската истрага, Законот за кривична постапка вклучува низа одредби чија цел е да се заштитат малолетните жртви или сведоците во кривичните постапки. Во постапките поврзани со кривичните дела против сексуалниот интегритет, малолетниците мораат од започнувањето на кривичните постапки натаму да имаат адвокат што ќе ги штити нивните права. На малолетните жртви кои немаат адвокат им се доделува од страна на Судот што ја води постапката. Исто така, обвинетиот може да не е присутен за време на испрашувањето на сведоци помлади од 15 години коишто тврдат дека биле жртви на кривични дела против нивниот сексуален интегритет. Во врска со ова, членот 240 од Законот предвидува малолетниците, особено оние што биле предмет на кривичното дело, требаат да бидат испитани на начин што ќе ја земе во предвид нивната возраст за да се избегнат секакви штетни последици по нивната ментална состојба.
61. За да се обезбеди глатко течење на судската истрага страните и жртвата можат, согласно членот 191 од Законот за кривична постапка од 1994 година, да се жалат до претседателот на судот задолжен за истрагата во врска со сите оддолжувања или секакви неправилности. По разгледувањето на претставката, претседателот треба да ја информира жалителката за чекорите што ќе бидат преземени во врска со тоа.
62. Понатаму, во врска со рамката за закажување на кривично судење, член 286(2) од Законот за кривична постапка се предвидува судијата што претседава да го закаже првото рочиште во рок од два месеци по приемот на обвинителниот акт. Доколку не го стори тоа тој мора за тоа да го информира претседателот на судот за тоа, а тој пак мора да ги преземе неопходните чекори за закажување на рочиште.
63. Што се однесува до текот на расправата, членот 295 од Законот за кривична постапка предвидува дека публиката може да биде исклучена од расправата доколку тоа се побара, на пример заради заштита на лицето или семејниот живот на обвинетиот или жртвата. Според членот 299 од Законот, судијата што претседава ја води расправата, дава збор на странките согласно нивните права за обраќање и им поставува прашања на обвинетиот, сведоците и вештите лица. Исто така судијата што претседава има обврска да внимава случајот да биде во целост разјаснет, вистината да биде откриена и сите пречки што ја одолжуваат постапката да бидат елиминирани.
64. Обвинетиот може привремено да биде отстранет од судницата доколку сведокот одбие да сведочи во негово присуство. Изјавата на сведокот потоа му се чита и тој има право да му постави прашања. Сепак, согласно членот 334(2) од Законот за кривична постапка, судијата што претседава треба да забрани прашања што веќе биле поставени или што немаат никаква врска со случајот или доколку сами по себе сугерираат како треба да бидат одговорени.
Б. Релевантното домашно граѓанско право и пракса
1. Граѓанските постапки за надоместок
65. Членот 148 од Законот за облигациони односи со кој се регулира одговорноста на правните лица за штети нанесени од некое од нивните подредени тела, што исто така се однесува и на утврдување на судската одговорност за штети, предвидува дека правното лице е одговорно за штетата нанесена на трето лице од страна на некое од неговите подредени тела при извршувањето на неговите функции или во врска со тоа. За жалителот да добие надоместок за штетата нанесена од државата тој или таа треба да ги докаже сите четири елементи на одговорност на државата, односно незаконитоста на дејствијата на државата, постоењето на штета, причинско-последичната поврзаност и негрижа или грешка на државата.
66. Согласно членот 179 од Законот за облигациони односи, во кој е утврдена законската основа за доделување на надоместок за нематеријална штета, таквиот надоместок може да се додели во случај на повреда на правата на личноста на едно лице, како и за физичка болка, ментална болка претрпени заради намалување на животните активности, нагрдување, смрт на близок или страв, под услов околностите во случајот и особено времетраењето на болката и стравот предизвикан со тоа да оправдуваат истиот да се додели.
67. Според одлуката на Врховниот суд бр. II Ips 305/2009, доделувањето на надоместок за нематеријална штета е строго ограничено на категориите на штети утврдени во Законот за облигациони односи, придржувајќи се на принципот numerus clauses. Оттука Врховниот суд одлучи дека нематеријалната штета што произлегува од претерано времетраење на постапките не може да се класификува меѓу категориите на штета признати со Законот за облигациони односи, со оглед дека правото на судење во разумен рок не може да се толкува како лично право.
2. Заштита на правото на судско рочиште без непотребно одлагање (Законот од 2006 година)
68. Согласно членот 1 од Законот од 2006 година, на секоја страна во судските постапки – вклучително и жртвата на кривично дело – ѝ се гарантира правото за нејзините права да одлучи суд без непотребно одлагање.
В. Релевантното меѓународно право
69. Декларацијата за основните принципи на правдата за жртвите на кривично дело и злоупотреба на моќта усвоена со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации 40/34 од 29 ноември 1985 година предвидува дека жртвите на кривични дела треба да добијат надоместок и почитување на нивното достоинство (Прилог, член 4). Исто така, одговорот на судските и управните процеси на потребите на жртвите треба да биде поткрепено со, меѓу другото, преземање на мерки за намалување на вознемирувањето за жртвите, заштита на нивната приватноста, кога е неопходно, нивна заштитата, како и заштита на нивните семејства и на сведоците што сведочат во нивна корист од заплашување и одмазда (Прилог, Член 6 (г)).
70. Жртвите на кривични дела исто така уживаат заштита согласно законодавството на Европската унија. Во 2001 г. Рамковната одлука на Советот за положбата на жртвите во кривичните постапки (2001/220/JHA) била усвоена со гледиште да се воведат минимум стандарди за правата и заштитата на жртвите на кривични дела. Членот 2 од Рамковната одлука бара од земјите-членки да обезбедат жртвата да има реална и соодветна улога во својот кривично-правен систем и со нив да се постапува така што ќе се почитува достоинството што му следува на поединецот за време на постапките. Исто така членот 3 предвидува дека жртвите мораат да добијат можност да бидат сослушани за време на постапките и да изнесат докази; меѓутоа мора да се преземат соодветни мерки за да се обезбеди тие да бидат испитани од властите само онолку колку што е неопходно за потребите на кривичната постапка. Членот 5 бара земјите-членки да обезбедат низа мерки насочени кон заштита на безбедноста на жртвите и приватноста на кривичните постапки. Меѓу другото мора да се преземат мерки за да се обезбеди да се избегне контакт меѓу жртвите и сторителите на делото во судските простории, освен ако тоа не е потребно во интерес на кривичните постапки. Исто така земјите-членки морат да обезбедат дека онаму каде што е потребна заштита на жртвите – особено на оние најранливите – од последиците при презентирање на докази во отворен суд, тие може да имаат право да сведочат на начин што овозможува оваа цел да биде избегната со соодветни средства што се компатибилни на нивните основни правни принципи.
71. Исто така амбицијата на земјите-членки на ЕУ за зајакнување на правата на жртвите на кривични дела доведе до усвојување на Директивата на Европскиот Парламент и на Советот (2012/29/EU) на 25 октомври 2012 г. со која се утврдуваат минимумот стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на кривични дела која ја замени Рамковната одлука на Советот 2001/220/JHA. Директивата, којашто треба да се спроведе во рамките на националните закони на земјите-членки на ЕУ до 16 ноември 2015 г. го предвидува следново во релевантниот дел:
Воведна одредба 19
„Едно лице треба да се смета за жртва без разлика дали сторителот е идентификуван, фатен, обвинет или осуден и без разлика на блискиот однос меѓу нив...“
Член 20 – Право на заштита на жртвите за време на кривичната истрага
„Без да се наштети на правата на одбрана и во согласност со правилата за судска дискреција, земјите-членки треба да обезбедат за време на кривичната истрага:
(а) разговорите со жртвите да се спроведат без неоправдани одлагања по поднесувањето на пријава за кривично дело до надлежните власти;
(б) бројот на разговори со жртвите да се сведе на минимум, а разговорите да се вршат само доколку е строго неопходно за потребите на кривичната истрага;
...
(г) лекарските прегледи да се сведат на минимум и да се вршат само кога се строго неопходни за потребите на кривичните постапки.“
Член 22 – Индивидуална проценка на жртвите за да се идентификуваат специфичните потреби од заштита
„1. Земјите-членки треба да обезбедат жртвите да добијат навремена и индивидуална проценка во согласност со националните процедури, да се идентификуваат специфичните потреби од заштита и да се утврди дали и каква корист ќе имаат од посебни мерки во текот на кривичната постапка, согласно членовите 23 и 24, заради нивната особена ранливост од второстепена и повторена виктимизација и одмазда.
2. Индивидуалната проценка ќе ги земе во предвид пред сè :
(a) личните карактеристики на жртвата;
(б) видот и природата на кривичното дело; и
(в) околностите на кривичното дело.
3. Во контекст на индивидуалната проценка, посебно внимание треба да се посвети на жртвите кои претрпеле значителна штета заради сериозноста на кривичното дело; жртвите кои претрпеле кривично дело извршено заради пристрасен или дискриминирачки мотив кој особено може да биде поврзан со нивните лични карактеристики; жртвите чии односи и зависност од сторителот на делото ги прават особено ранливи. Во врска со ова, посебно внимание ќе им се посвети на жртвите на тероризам, организиран криминал, трговија со луѓе, родово засновано насилство, насилство во блиски односи, сексуално насилство, експлоатација и кривични дела од омраза и жртвите со попреченост.
...”
Член 23 – Правото на заштита на жртвите со посебни потреби од заштита за време на кривичните постапки
„1. Без да им се наштети на правата на одбрана и во согласност со правилата за судска дискреција земјите-членки ќе обезбедат жртвите со посебни потреби од заштита кои имаат корист од специјални мерки што се идентификувани како резултат на индивидуалната проценка предвидена во членот 22(1), да може да ги искористат мерките предвидени во ставовите 2 и 3 од овој член. Посебна мерка што е предвидена по индивидуалната проценка нема да се обезбеди доколку оперативни или практични ограничувања го оневозможуваат тоа или кога постои итна потреба да се направи разговор со жртвата и доколку не се стори тоа, може да ѝ се наштети на жртвата или на друго лице или може да му се наштети на текот на постапките.
2. Следниве мерки треба да бидат достапни за време на кривичните истраги за жртвите со посебни потреби од заштита идентификувана во согласност со членот 22(1):
...
(б) разговорите со жртвата се вршат од страна или со помош на стручни лица обучени за таа цел;
...
3. Следниве мерки треба да бидат достапни за време на судските постапки за жртви со посебни потреби од заштита идентификувани во согласност со членот 22(1):
(а) мерки со кои ќе се избегне визуелен контакт меѓу жртвите и сторителите на делото, вклучително и при изнесувањето на докази, преку соодветни мерки вклучително и користење на комуникациска технологија;
(б) мерки за да се обезбеди дека жртвата може да биде чуена во судницата без да биде присутна, особено преку примена на соодветна комуникациска технологија;
(в) мерки со кои ќе се избегне непотребното испрашување за приватниот живот на жртвата што нема врска со кривичното дело; и
(г) мерки кои дозволуваат рочиштето да се одржи без присуство на јавноста.“
72. На 5 мај 2011 г. Советот на Европа ја усвои Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство која стапи на сила на 1 август 2014 година. Конвенцијата била потпишана од Словенија на 8 септември 2011 година, но сè уште не е ратификувана. Конвенцијата го уредува следново, во релевантниот дел:
Член 49 – Општи обврски
„1. Страните ќе ги преземат неопходните законски или други мерки за да се обезбеди истрагите и судските постапки во врска со сите форми на насилство опфатени од Конвенцијата да се спроведат без непотребни одлагања при тоа земајќи ги во предвид правата на жртвите за време на сите фази од кривичните постапки.
2. Страните ќе ги преземат неопходните законски и други мерки во согласност со основните принципи на човековите права и со оглед на родовото разбирање на насилството, за да се обезбеди делотворна истрага и гонење на делата утврдени во согласност со Конвенцијата.
Членот 54 – Истраги и докази
„Страните ќе ги преземат неопходните законски или други мерки за да се обезбеди во сите граѓански или кривични постапки да бидат дозволени докази поврзани со сексуалното минато и однесување на жртвата само доколку истите се релевантни и неопходни.“
Член 56 – Мерки за заштита
„1. Страните ќе ги преземат неопходните законски и други мерки за заштита на правата и интересите на жртвите, вклучително и нивните посебни потреби како сведоци во сите фази од истрагите и судските постапки особено преку:
а. обезбедување на нивна заштита како и заштита за нивните семејства и сведоци од заплашување, одмазда и повторна виктимизација;
б. да се овозможи жртвите да се информирани, барем во случаи кога жртвите и семејствата може да се во опасност, кога сторителите бегаат или се привремено или дефинитивно ослободени;
в. нивно информирање согласно условите предвидени од интерното право за нивните права и услугите што им се на располагање и она што следи согласно нивната жалба, обвиненијата, општиот напредок на истрагата или постапките, и нивната улога во таа смисла како и исходот од нивниот случај;
г. да им се овозможи на жртвите, на начин доследен со процедуралните правила на интерниот закон да бидат сослушани, да се обезбедат докази и да се изнесат нивните гледишта, потреби и она што ги загрижува, директно или преку посредник и истите да бидат земени во предвид;
д. на жртвите да им се обезбедат соодветни услуги за поддршка со цел нивните права и интереси да бидат соодветно претставени и земени во предвид;
ѓ. да се обезбеди да можат да се преземат мерки за заштита на приватноста и имиџот на жртвата;
е. да се обезбеди секогаш кога е тоа можно да се избегнува контакт меѓу жртвите и сторителите во просториите на судот и кај органот на прогонот;
е. на жртвите да им се обезбедат независни и компетентни толкувачи кога тие се вклучени во постапките или кога изнесуваат докази;
ж. на жртвите да им се овозможи да сведочат согласно правилата предвидени со интерното право, во судницата без присуство или барем без да биде во просторијата наводниот сторител, имено преку употреба на соодветни комуникациски технологии кога истите се достапни.
2. На дете жртва и дете сведок на насилство врз жени и семејно насилство да им се обезбедат, кога е тоа соодветно, посебни мерки за заштита земајќи ги во предвид најдобрите интереси на детето.“
ПРАВОТО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОВИТЕ 3 И 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
73. Жалителката се жалеше во однос на членовите 3 и 8 од Конвенцијата дека кривичните постапки за сексуалниот напад извршен врз неа не биле во согласност со позитивната обврска на тужената држава да обезбеди делотворна заштита од сексуално злоставување, бидејќи истите биле неразумно одолжувани, не биле непристрасни и ја изложиле на неколку трауматски искуства заради повредата на нејзиниот личен интегритет. Исто така жалителката тврдеше дека немала на располагање делотворен правен лек во однос на нејзините жалби согласно барањата од член 13 од Конвенцијата.
74. Со оглед на природата и содржината на горенаведените жалби Судот смета дека наведени одолжувања и пристрасност на домашните судови потпаѓаат исклучиво под членот 3 од Конвенцијата (види P.M. v. Bulgaria, no. 49669/07, § 58, 24 January 2012), во кој се вели следново:
Член 3
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
75. Преостанатите жалби на жалителката во врска со тоа дека не ѝ биле обезбедени заштитни мерки во текот на кривичните постапки од друга страна покренуваат одредени прашања за опсегот на обврската на државата да ги заштити жртвите на кривични дела кога ќе се појават како сведоци во кривични постапки. Во посебните околности на овој случај Судот го зазема гледиштето дека овие прашања треба да бидат разгледани согласно членот 8 од Конвенцијата во кој се вели следново:
Член 8
„1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
2. Јавните власти не смеат да се мешаат во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање не е во согласност со закон и е неопходно во едно демократско општество во интерес на државната и јавната безбедност, или економската благосостојба на земјата, спречување на нереди или кривично дело, заштитата на здравјето или моралот, или заштита на правата и слободите на другите.“
...
Б. Основаност
1. Изјаснување на странките
(а) Жалителката
85. Жалителката тврдеше дека истрагата за сексуален напад врз неа и судските постапки што произлегле неразумно биле одолжувани и неефективни, а властите биле пристрасни во однос на неа заради нејзиното украинско потекло. Најпрво, таа тврдеше дека Полицијата во Марибор цела година ја чувале истрагата по нејзината жалба во мирување, а испратиле извештај до Мариборското окружно обвинителство дури откако Обвинителството тоа го побарало истото од нив. Исто така Окружниот суд на Марибор не спровел судење во согласност во временските ограничувања утврдени во домашното законодавство. Во врска со ова, жалителката исто така тврдеше дека не било нејзина обврска да се обидува да го забрза текот на судските постапки.
86. Второ, Окружниот суд на Марибор одбил да повика важни сведоци и да назначи нови вешти лица по ортопедија со цел да се разјасни дали поради хендикепот Икс реално не можел да изврши насилни акти како тие наведени од жалителката. Исто така судот не покажал непристрасност, главно потпирајќи се на ортопедскиот извештај којшто се засновал врз претпоставката дека жалителката била способна активно да се одбрани. Понатаму, тоа не било во согласност со одредени други докази кои покажувале дека можеби левата рака на Икс не му била во целост нефункционална.
87. Исто така, жалителката се жалеше дека државата не успеала да го заштити нејзиниот личен интегритет за време на постапките. Во врска со ова таа тврдеше дека вештото лице по гинекологија Б. го надминал опсегот на неговата должност и наместо да одговори на прашањето на истражниот судија во врска со веројатноста за сексуален однос, тргнал да открива дали кривичното дело било извршено, поставувајќи ѝ на жалителката низа прашања кои ја донеле во ситуација да мора да се брани од него (види параграф 22 горе).
88. Исто така иако жалителката била испрашана за време на истрагата, таа последователно морала да сведочи на четири рочишта пред Окружниот суд на Марибор, додека на обвинетиот му било дозволено лично да ја малтретира со бројни провокативни и повторувачки прашања и покрај фактот дека тој бил законски застапен и тие прашања можеле да бидат поставени од адвокатот. Овој распит предизвикал кај неа интензивно психолошко страдање, таа се почувствувала фрустрирана, понижена и беспомошна. Исто така обвинетиот бил застапуван од адвокат со кој претходно таа зборувала за настаните во прашање и затоа бил во позиција да ги искористи за нивните потреби или дури да ги злоупотреби добиените информации. Во врска со ова жалителката потпирајќи се на судската пракса на Судот, особено во случаите на Доорсон против Холандија (Doorson v. the Netherlands 26 March 1996, Reports of Judgments and Decisions 1996‑II), Ван Мехелен и други против Холандија (Van Mechelen and Others v. the Netherlands 23 April 1997, Reports of Judgments and Decisions 1997‑III) и С.Н. против Шведска (S.N. v. Sweden no. 34209/96, ECHR 2002‑V), тврдеше дека домашното законодавство не обезбедило рамнотежа меѓу правата на обвинетиот за одбрана согласно членот 6 од Конвенцијата и личниот интегритет и приватност на жртвите заштитени со членовите 3 и 6. Според жалителката, нејзината траума ѝ предизвикала сериозни постојани психолошки проблеми кои резултирале со автоимуни болести. Конечно жалителката се жалеше дека домашното законодавство не ѝ обезбедило делотворен правен лек во однос на нејзината жалба.
(б) Владата
89. Владата тврдеше дека истрагата за наводните сексуални напади врз жалителката и судењето што следело биле ефективни. Полицијата ги испитала жалителката и Икс, како и релевантните сведоци и според Владата немало доказ дека кривичната пријава немала да биде проследена до Обвинителството доколку тоа не интервенирало. Судската истрага била соодветно спроведена и по неа следело обвинение против Икс.
90. Владата тврдеше дека и судењето било спроведено на непристрасен начин. Што се однесува до извештајот од ортопедија кој наводно бил оспорен од други докази, тие посочиле дека извештајот се засновал на здравствена документација и клинички преглед на Икс, и не содржел контрадикторности или недостатоци кои можеле да поттикнат сомнеж во врска со неговата точност. Со оглед дека наводните дела на сексуално злоставување не биле посведочени од ниеден сведок, ниту пак биле поткрепени со резултати од гинеколошки прегледи, Окружниот суд на Марибор го ослободил Икс. Иако беше точно дека жалителката имала симптоми за сексуално злоставување, судот не можел да го отфрли фактот дека друга група на кривични постапки чекале против друго лице осомничено дека сексуално ја злоставувал жалителката, што не било земено во предвид при подготовката на мислењето на вештото лице по психологија. Второ, Владата тврдеше дека вештото лице по гинекологија не ја „испитало“ жалителката, туку разговарало со неа надвор од судското рочиште. Според мислењето на Владата, жалителката можела да побара вештото лице да биде казнето доколку сметала дека не си ја извршило својата работа на соодветен начин
91. Исто така што се однесува до адвокатот М., назначен од судот, Владата тврдеше дека со оглед дека Икс имал право задолжително да биде застапуван, Окружниот суд на Марибор ги следел законските одредби кои го уредуваат назначувањето по службена должност. Исто така во своето барање за дисквалификација на М., жалителката не успеала да изнесе никакви основи кои, согласно домашното право, би ја оправдале одлуката во нејзина корист; оттука судот немал обврска да ги сослуша странките во однос на тоа прашање. Владата додаде дека фактот дека М. некогаш работел за адвокатска фирма која го застапувала сопругот на мајката на жалителката во бракоразводна постапка, не водело до заклучок дека М. не требал да го брани Икс.
92. Исто така Владата тврдеше дека низа мерки биле усвоени како во текот на истрагата така и за време на судењето со цел да се спречи влошувањето на траумата на жалителката. За време на истрагата, жалителката била испитана во отсуство на Икс и неговиот адвокат. Оттука, судското рочиште претставувало првата шанса за обвинетиот да ѝ постави прашања, при што морало да се има на ум дека таа била единствениот сведок на наводните кривични дела на Икс. Во врска со ова Владата сметале дека случајот на жалителката оправдувал ограничување на правата на обвинетиот на одбрана во мерка во која ќе биде спречен вкрстено да ја испита. Тие посочија дека овој случај се разликувал од случаите на Доорсон, Ван Мехелен и други и С.Н. против Шведска, бидејќи безбедноста на жалителката не била во загрозена, ниту таа била малолетник. Меѓутоа, Владата нагласи дека Окружниот суд на Марибор ја исклучил јавноста од расправата и го отстранил Икс од судницата за време на сведочењето на жалителката. Откако жалителката сведочела, судот го гарантирал нејзиното барање обвинетиот вкрстено да ја испита на следното рочиште.
93. Во врска со ова Владата посочи дека на Икс не му било дозволено да ѝ постави на жалителката одредени прашања кои не биле поврзани со случајот или на некој друг начин биле забранети. Исто така судот во неколку прилики наредил да се направат паузи за време на вкрстеното испрашување на жалителката; Владата тврдеше дека жалителката можела да побара дополнителни паузи доколку сметала дека ѝ биле потребни. Исто така жалителката била застапувана од адвокат во текот на целата постапка.
94. Конечно, што се однесува до одолжувањето на постапките, Владата посочи дека за време на истражната фаза од постапките, жалителката можела да се жали на одолжувања до претседателот на надлежниот суд (види параграф 61 горе), но не постапила така. Меѓутоа Владата признала дека жалителката поднела две надзорни жалби согласно Законот од 2006 година (види параграфи 33 и 52 горе). Окружниот суд на Марибор соодветно одговорил горе во обете прилики; првиот пат било закажано рочиште во рок од еден месец, додека вториот пат на писмено биле подготвени основите за пресудата и доставени до жалителката после само неколку дена од поднесувањето на жалбата. Точно било дека судското рочиште било одлагано девет пати од различни причини; меѓутоа, само првиот пат рочиштето било одложено на подолго време заради болест на Икс. Владата понатаму тврдеше дека голем број на докази кои морале да се изнесат исто така придонесле за целокупното времетраење на судењето.
2. Оценка на Судот
...
(б) Заштита на личниот интегритет на жалителката во кривични постапки поврзани со сексуалната злоупотреба врз неа
101. Судот е повикан да испита дали во кривичната постапка во врска со наводниот сексуален напад врз жалителката, државата ѝ обезбедила доволна заштита на нејзиното право на почитување на приватниот живот, и особено на нејзиниот личен интегритет. Оттука, она што е во прашање не е дело на државата, туку наводен недостаток или несоодветност на мерките чија цел е заштита на правата на жртвата во кривичните постапки. Во врска со ова, Судот повторува дека иако суштинскиот предмет на членот 8 е да се заштити поединецот од своеволно мешање на јавните власти, не ја задолжува државата да се воздржи од такво мешање: дополнително на овој негативен потфат, може да има позитивни обврски инхерентни во однос на ефективноста по приватниот или семејниот живот. Овие обврски можат да вклучуваат и усвојување на мерки дизајнирани да обезбедат почитување на приватниот живот дури и во сферата на меѓусебните односи на поединците (види, X and Y v. the Netherlands, 26 March 1985, § 23, Series A no. 91).
102. Границата меѓу позитивните и негативните обврски согласно членот 8 не е соодветна за прецизна дефиниција; применливите принципи се, сепак, слични. Во обата контекста мора да се внимава да постои правична рамнотежа која треба да се постигне меѓу релевантните спротивставени интереси (види White v. Sweden, no. 42435/02, § 20, 19 September 2006).
103. Што се однесува до конфликтите меѓу интересите на одбраната и оние на сведоците во кривичните постапки, Судот веќе има одлучено во неколку прилики дека кривичните постапки треба да бидат организирани на таков начин на кој нема неоправдано да го загрозат животот, слободата или безбедноста на сведоците, и особено на жртвите што се повикани да сведочат или нивните интереси генерално потпаѓаат под опсегот на членот 8 од Конвенцијата. Оттука, интересите на одбраната треба да се избалансираат наспроти оние на сведоците или жртвите повикани да сведочат (види Доорсон, цитиран горе § 70). Имено, кривичните постапки за сексуални деликти честопати се сметаат за тешко искушение за жртвата, особено кога жртвите спротивно на својата волја се конфронтираат со обвинетиот. Овие одлики се дури и поистакнати во случаи кои вклучуваат малолетник. Затоа при такви постапки можат да се преземат одредени мерки за заштита на жртвата, под услов истите да бидат прилагодени со адекватно и ефективно остварување на своите права на одбрана (види S.N. v. Sweden, цитиран горе, § 47; и Aigner v. Austria, no. 28328/03, § 35, 10 May 2012).
104. Во случаите до сега пред Судот, прашањето за тоа дали домашните власти успеале да постигнат правична рамнотежа меѓу спротивставените интереси на одбраната, особено правото на обвинетиот да повика и вкрстено испраша сведоци утврдено во член 6 § 3 (г), и правата на жртвите согласно членот 8 било покренувано од обвинетиот. Од друга страна, во актуелниот случај Судот е повикан да го разгледа ова прашање од перспектива на наводна жртва. При осврнувањето на прашањето, Судот ќе ги земе во предвид критериумите што се воспоставени во релевантните меѓународни инструменти (види параграфи 69-72 горе). Во врска со ова Судот забележува дека Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство бара од договорните страни да ги земат во предвид потребните законски и други мерки за заштита на правата и интересите на жртвите. Таквите мерки меѓу другото вклучуваат заштита од заплашување и повторна виктимизација, овозможувајќи ѝ на жртвата да биде чуена и нејзините гледишта, потреби и грижи да бидат претставени и соодветно разгледани, и да им се овозможи, доколку е дозволено со домашниот закон, да сведочи во отсуство на наводниот сторител. Исто така, Директивата на ЕУ со која се воспоставуваат минимум стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на кривични дела предвидува, меѓу другото, дека разговорите со жртвите треба да се спроведат без неоправдано одолжување, а лекарските прегледи да бидат сведени на минимум.
105. Што се однесува до начинот на кој правата на жалителката биле заштитени во кривичните постапки во прашање, Судот забележува прво дека нејзиното сведочење на судското рочиште ги давало единствените директни докази во случајот. Понатаму, другите изнесени докази биле спротивставени, наспроти извештајот на психологот со кој се потврдува сексуална злоупотреба бил презентиран извештајот од ортопедија. Во овој контекст мора да се потврди дека интересите за правично судење барале на одбраната да ѝ се даде можност за вкрстено испитување на жалителката која до тогаш повеќе не била малолетна. Сепак треба да се утврди дали со начинот на кој жалителката била испрашувана се постигнала рамнотежа меѓу нејзиниот личен интегритет и правата на одбрана на Икс.
106. Во врска со ова Судот повторува дека по правило правата на обвинетиот согласно членот 6 §§ 1 и 3 (г) бараат тој да добие соодветна и вистинска можност да оспори и испраша сведок што сведочи против него, било кога тој ги дава своите изјави или во подоцнежна фаза (види Saïdi v. France, 20 September 1993, § 43, Series A no. 261‑C, и A.M. v. Italy, no. 37019/97, § 25, ECHR 1999-IX). Дополнително Судот мора да биде внимателен кога прави сопствена проценка на специфичниот правец во кој се движат прашањата, со оглед дека тоа е пред сè улогата на надлежните национални власти да одлучат за допуштеноста и релевантноста на доказите (види Schenk v. Switzerland, 12 July 1988, § 46, Series A no. 140, и Engel and Others v. the Netherlands, 8 June 1976, § 91, Series A no. 22). Во овој контекст Судот исто така одлучи дека правото на лицето да се одбрани не предвидува неограничено право да користи секакви аргументи во одбрана (види, mutatis mutandis, Brandstetter v. Austria, 28 August 1991, § 52, Series A no. 211). Оттука со оглед дека директното конфронтирање меѓу обвинетите обвинети за кривични деликти на сексуално насилство и нивните жртви вклучува ризик од понатамошна трауматизирање на жртвите, според мислењето на судот личното вкрстено испрашување од страна на обвинетиот треба да подложи на крајно внимателна проценка од националните судови, особено колку поинтимни се прашањата.
107. Испрашувањето на жалителката се одвивало во текот на четири судски рочишта (види параграфи 31, 32, 34-38 и 40 горе) во тек од неколку месеци, што е долг период кој според мислењето на Судот сам по себе ја зголемува загриженоста со оглед на отсуството на некаква очигледна причина за долгите интервали меѓу рочиштата. Понатаму, на две од овие рочишта, Икс, обвинетиот, кој инаку било застапуван од адвокат во текот на целата постапка, лично вкрстено ја испрашал жалителката. Покрај тоа што тврдел дека тој бил физички неспособен да ја нападне, Икс своето вкрстено испрашување го базирал врз премисата дека жалителката го сметала за лице од доверба и таа се трудела да биде со него, а не обратни, и дека нејзините обвиненија против него биле поттикнати од желбата на нејзината мајка да изнуди пари од него. Соодветно на тоа, повеќето прашања на Икс биле од крајно лична природа.
108. Судот забележува дека некои од прашањата поставени од Икс биле формулирани на начин со кој се сугерирале одговорите, а низа од нив биле поставени повеќе пати (види параграфи 34 и 36 горе). Икс исто така континуирано ја оспорувал точноста на одговорите на жалителката, наметнувајќи ја својата верзија на настаните. Точно дека на одбраната требало да ѝ се остави одреден простор да ја оспори верноста на исказот и кредибилитетот на жалителката и да открие одредени недоследности во нејзината изјава. Меѓутоа Судот смета дека вкрстеното испитување не треба да се користи како средство за заплашување или понижување на сведоците. Во врска со ова, Судот смета дека некои од прашањата и забелешките на Икс, кои сугерирале без никаква поткрепа со докази, дека жалителката можела да заплаче кога сака за да манипулира со луѓето, дека нејзината болка можела да се олесни ако вечера со него или дека таа му се доверила дека сака да доминира над мажите, не само што имале цел да ја дискредитираат жалителката, туку имале за цел и да го оцрнат нејзиниот карактер.
109. Судот смета дека најпрво и пред сè судијата претседавач имал одговорност да обезбеди почитувањето на личниот интегритет на жалителката да биде соодветно заштитен на судењето. Според своето мислење, чувствителноста на ситуацијата во која жалителката била директно испрашана, на долго и на широко од мажот што таа го обвинувала дека сексуално ја нападнал, барала од судијата да ја надгледува формата и содржината на прашањата и коментарите на Икс и ако имало потреба да интервенира. Навистина следи од снимката на рочиштето дека судијата што претседавал му забранил на Икс да постави некои прашања кои не биле релевантни за случајот. Меѓутоа, Судот го зазема гледиштето дека навредливите инсинуации на Икс за жалителката подеднакво ги надминале ограничувањата на она што можело да се толерира со цел да му се овозможи да постигне ефективна одбрана и била потребна слична реакција. Земајќи го во предвид инаку широкиот спектар на вкрстено испрашување што му било дозволено на Икс, според мислењето на Судот прекратувањето на неговите лични забелешки немало несоодветно да му го скрателе неговото право на одбрана. Сепак таквата интервенција ќе го ублажела она што очигледно било мачно искуство за жалителката (види параграфи 37 и 38 горе).
110. Понатаму, што се однесува до тврдењето дека адвокатот М. на Икс требал да биде дисквалификуван, со оглед дека го консултирала за сексуалните напади дури и пред да биде информирана полицијата за проблемот, не е задача на Судот да шпекулира дали, и ако е така, во кое својство жалителката и М. можеби се познавале пред судењето, со оглед дека тоа било задача на домашните власти. Меѓутоа, се чини дека согласно домашното право, можноста за претходна неформална консултација меѓу жалителката и М. не претставувало конфликт на интерес којшто можел да доведе до негова дисквалификација од постапката (види параграфи 29, 31 и 40-42 горе). Оттука, утврдувајќи дека не бил изведен никаков законски основ од страна на жалителката за дисквалификација на М., Окружниот суд на Марибор го отфрлил барањето.
111. Сепак под претпоставка дека тврдењата на жалителката биле вистините, Судот не може а да не земе во предвид дека негативниот психолошки ефект од вкрстеното испрашување од страна на М. значително ја зголемило вознемиреноста на жалителката споредено со онаа што може да ја искусила доколку таа била испитана од друг адвокат. Соодветно на тоа ова било нешто што не можело во целост да се отфрли при одлучувањето дали М. требал да биде дисквалификуван од постапките. Исто така од поопшта гледна точка Судот би додал дека секаква информација која М. можел да ја добие од жалителката во своето својство како адвокат, дури и без договор за исплата на хонорар, требало да се третира како кажано во доверба и не требало да се искористи во корист на лицето со спротивставени интереси по истото прашање. Оттука Судот утврди дека домашното право за дисквалификација на адвокат, или начинот на кој бил применет во актуелниот случај, не ги зел доволно во предвид интересите на жалителката.
112. Конечно, жалителката се жалела дека Б., вештото лице по гинекологија кое требало да утврди дали таа имала сексуален однос во материјалното време, ја терал да одговори на низа обвинувачки прашања неповрзани со неговата задача. Во врска со ова Судот смета најпрво дека личниот интегритет на жртвите на кривични дела во кривични постапки мораат, по самата природа на состојбата, да бидат пред сè заштитени од јавните власти кои ги спроведуваат постапките. Во врска со ова Судот смета дека од властите се бара да обезбедат и другите учесници во постапките кои се повикани да им помогнат во истрагата или процесот на одлучување да постапуваат со жртвите и другите сведоци на достоинствен начин и непотребно да не се вознемируваат. Што се однесува до актуелниот случај, се забележува дека, без разлика на статусот на Б. во постапките, Владата не оспорила дека државата можела да се смета за одговорна за неговото однесување. Судот не гледа причини да одлучи поинаку, забележувајќи дека вештото лице било назначено од истражниот судија кој го порачал оспореното испитување во рамките на своите судски овластувања.
113. Исто така, во врска со текот на испрашувањето на жалителката од страна на Б., Судот забележува дека тој ја соочил жалителката со наодите на полицијата и ортопедските извештаи и ја испрашал за тоа зошто таа не се бранела енергично (види параграф 22 горе), на тој начин осврнувајќи се на прашања кои навистина не биле поврзани со прашањето што требал да го провери. Според мислењето на Судот прашањата и забелешките на Б., како и правните наоди што ги дал во своето стручно мислење, го надминале опсегот на неговата задача, како и неговата медицинска стручност. Исто така се чини дека Б. не бил обучен да испрашува жртви на сексуално злоставување; оттука тешко е да се види каква цел имала неговата интервенција за прашања што биле под јурисдикција на обвинителните и судските власти. Она што е поважно, како што тврдеше жалителката, што таа била ставена во позиција да се брани, што според мислењето на Судот непотребно го зголемил стресот од кривичните постапки.
114. Судот е свесен за фактот дека домашните власти, и особено судијата кој го водел судењето во прашање имале деликатна задача да ги балансираат спротивставените интереси и да обезбедат делотворно остварување на правата на обвинетиот на правна помош и да ги испита сведоците кои сведочеле против него. Исто така е точно дека биле преземени низа мерки за да се спречи понатамошното трауматизирање на жалителката. Нејзиниот исказ пред истражниот судија бил земен во отсуство на обвинетиот и неговиот адвокат, јавноста била исклучена од судењето и обвинетиот бил отстранет од судницата кога таа сведочела (види параграфи 18, 29, 31 и 34 горе). Заради стресот на жалителката додека давала исказ и додека била вкрстено испрашувана, судското рочиште во неколку прилики било прекинато на неколку минути или одложено за друг датум (види параграфи 31, 37 и 38 горе). Понатаму судијата го опоменал обвинетиот да не ги повторува прашањата при вкрстеното испрашување и забранил низа од нив (види параграф 36 горе). Сепак според мислењето на Судот, претходниот однос на жалителката и обвинетиот и интимната природа на предметот, како и младоста на жалителката – таа била малолетник кога наводните сексуални напади се случиле – биле работи од посебно чувствителна природа кои барале соодветно чувствителен пристап на властите во водењето на кривичните постапки во прашање. Земајќи го во предвид кумулативниот ефект на факторите што се горе анализирани и кои негативно влијаеле врз личниот интегритет на жалителката (види параграфи 107-113 горе), Судот смета дека тие значително го надминале нивото на непријатноста што е својствена при изнесувањето на докази како жртва на сексуални напади, и соодветно на тоа не може да се оправда со барањата за правично судење.
115. Затоа Судот смета дека начинот на кој биле спроведени кривичните постапки во актуелниот случај не успеале да ѝ ја обезбедат на жалителката потребната заштита за да се постигне потребната рамнотежа меѓу нејзините права и интересите заштитени со членот 8 и правата на одбрана на Икс согласно членот 6 од Конвенцијата.
116. Следи дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
...
ОД ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ
1. Едногласно ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Едногласно одлучи дека имало повреда на членот 3 од Конвенцијата заради пропуст на властите на тужената држава да обезбедат брза истрага и судско гонење по жалбата на жалителката за сексуално злоставување;
3. Одлучи со шест гласа наспроти еден дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата во однос на пропустот на властите на тужената држава да го заштитат личниот интегритет на жалителката во кривичната постапка во врска со нејзиното сексуално злоставување;
...
Изготвена на англиски јазик, и доставена на писмено на 28 мај 2015 година, согласно правилото 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Клаудиа ВестердиекМарк Вилигер
Секретар Претседател
Во согласност со член 45 § 2 од Конвенцијата и правилото 74 § 2 од Деловникот за работа на Судот, издвоеното мислење на судијата Јудкивска е приложено кон оваа пресуда.
М.В.
К.В.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights ( ) or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante: publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy