Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПОРАНЕШЕН ВТОР ОДДЕЛ
СЛУЧАЈ И.И.(Y.Y.) против ТУРЦИЈА
(Жалба бр. 14793/08)
ПРЕСУДА
[Извадоци]
СТРАЗБУР
10 март 2015 г.
Оваа пресуда ќе стане конечна согласно условите дефинирани во член 44 став 2 од Конвенцијата. Може да биде предмет на редакциски измени.
Во случајот И.И. (Y.Y.) против Турција
Европскиот суд за човекови права (втор оддел), заседавајќи во совет составен од:
Гвидо Рајмонди (Guido Raimondi), претстедател
Исил Каракаш (Isil Karakaş),
Небојша Вучиниќ (Nebojša Vučinić),
Хелен Келер (Helen Keller),
Пол Леменс (Paul Lemmens),
Егидијус Курис (Egidijus Kūris),
Роберт Спано (Robert Spano), судии,
и Абел Кампос (Abel Campos), заменик-секретар на одделот,
Расправајќи на затворена седница 3 февруари 2015,
Ја донесе следнава пресуда, која беше усвоена на истиот датум:
ПОСТАПКА
1 Случајот произлегува од жалба (бр 14793/08) против Република Турција поднесена пред Судот од државјанин на таа држава И.И. (Y.Y.) на 6 март 2008 година според членот 34 од Конвенцијата за човековите права и основни слободи („Конвенцијата“). И.И. е транссексуалец, државјанин на таа држава кој, на денот на поднесувањето на жалбата, бил запишан како граѓанин од женски пол. Сепак, Судот ќе го користи машкиот род и ознаката „жалителот“ за него, согласно бараниот пол од страна на жалителот.
2 Жалителот беше застапуван од страна на г-дин. А. Бозлу (А.Bozlu), адвокат во Мерсин. Турската влада („владата“) беше застапувана од нејзиниот агент.
3 Жалителот се жали на повреда на правото на почитување на приватниот живот (член 8 од Конвенцијата), главно врз основа на тоа дека не му било дозволено да направи операција за промена на полот. Тој, исто така, се жали на отсуство на какво било испитување од страна на Касациониот суд на основаноста на неговиот случај и на необразложеноста на одлуките на тој суд (член 6 од Конвенцијата).
4 На 24 март 2010 година, жалбата била доставена до Владата. Претседателката на одделот која била на функција во времето на поднесокот, од друга страна, одлучила дека идентитетот на жалителот нема да биде откриен (член 47 § 3 од деловникот).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИТЕ НА СЛУЧАЈОТ
5 Жалителот е роден во 1981 година.
6 Жалителот е трансексуално лице кое е регистрирано во матичната книга како лице од женски пол. Според него, тој станал свесен уште на рана возраст дека се чувствува како припадник на машкиот пол, што било во спротивност со неговиот анатомски пол.
А. Почетна судска постапка со цел промена на полот
7 На 30 септември 2005 година, жалителот, засновајќи се на членот 40 од Граѓанскиот законик, се обратил до Првостепениот суд од Мерсин за да добие дозвола да направи операција за промена на полот. Во својот првичен поднесок, адвокатот на жалителот укажал дека неговиот клиент се сметал уште од рана возраст не како жена, туку како маж, и дека заради тоа тој следел психолошки третман уште од детството и, на возраст од 19-20 години, сакал да изврши самоубиство. Тој исто укажал дека сегашниот биолошки идентитет на неговиот клиент бил во конфликт со полот на кој тој сметал дека му припаѓа. Тој тврдел дека промената на полот била нужна за да му овозможи да постигне хармонија меѓу интимната перцепција за себеси и за неговите физички карактеристики. Тој појаснувал дека повеќе лекари што неговиот клиент имал можност да ги консултира уште од детството му препорачувале поромена на полот. Тој исто така појаснил дека неговиот клиент имал дваесет и четири години, дека го водел својот живот како маж, дека бил во врска четири години со жена и дека неговото семејство и социјален круг го прифатиле како маж. Тој додал дека неговиот клиент следел третман веќе една година во психијатрискиот оддел на Универзитетската болница Инону во подготовка на бараната операција за промена на полот. Конечно, тој барал тајност на постапката во однос на психолошката состојба на неговиот клиент.
8 На 16 декември 2005 година, Првостепениот суд го прифатил барањето за тајноста на постапката.
9 На 6 февруари 2006 година, тој ги сослушал роднините на жалителот. Мајката на жалителот изјавила дека нејзината ќерка, уште како дете, играла главно со момчиња, и дека, како тинејџер, таа и кажала дека се гледала себе си како момче и сакала да биде момче. Таа укажала дека тогаш се консултирала со психолози и дека тие оцениле дека нејзината ќерка ќе била посреќна доколку можела да го живее својот живот како маж, што, исто така, било и нејзино мислење. Постариот брат на засегнатиот, исто така, изјавил дека неговата сестра играла со момчиња кога била дете, дека почнала да се однесува како момче како тинејџер, дека имала девојки, дека била решена да го смени својот пол со хируршка операција, таа се обидела неколку пати да изврши самоубиство, дека сеуште била под терапија и дека, колку што тој знаел, докторите решиле да ја направат операцијата.
По ова рочиште, Првостепениот суд испратил барање за информации до лекарот раководител на болничкиот центар каде што жалителот бил лечен за да дознае дали тој бил трансексуалец, дали била потребна промена на полот за зачувување на неговото ментално здравје и дали тој бил во трајна неспособност за репродукција.
10 На 23 февруари 2006 година, медицинска комисија на Медицинскиот центар на Универзитетот Инону изготвил психијатриски извештај во кој заклучила дека жалителот бил трансексуалец. Таа сметаал освен тоа дека било добро, исто така, од психолошка гледна точка, тој да го живее својот живот со машки идентитет.
11 На 28 февруари 2006 година, медицинска комисија од одделението за гинекологија и акушерство од истиот центар изготвила извештај во кој заклучила дека И.И. бил со женски фенотип и трансексуалец.
12 На 7 април 2006 година, Првостепениот суд утврдил дека два лекарски извештаи од Медицинскиот факултет на Универзитетот Инону му биле доставени. Тој истакнал дека, во извештај од 23 февруари 2006 година, била поставена дијагноза за трансексуалност и дека било заклучено дека било добро, од психолошка гледна точка, засегнатото лице отсега да го живее својот живот со машки идентитет . Тој, исто така, истакнал дека,,во извештај од 28 февруари 2006 година, било заклучено дека И.И. бил со женски фенотип. Тој оценил меѓутоа дека овие извештаи не одговарале на поставените прашања, имено дали промената на полот била неопходна за зачувување на менталното здравје на подносителот на барањето и дали тој бил трајно неспособeн за репродукција. Така тој го повторил своето барање за информации.
13 На 20 април 2006 година, директорката на одделението за гинекологија и акушерство поврзана со одделението за хирургија при медицинскиот факултет на Универзитетот Инону го известил во писмена форма главниот лекар на медицинскиот центар дека жалителот бил прегледан по барање за преглед на одделението за пластична хирургија заради промена на полот. Таа укажала дека било утврдено, по прегледот, дека И.И. имал надворешни и внатрешни женски полови органи, и не бил трајно неспособен за репродукција.
14 На 21 април 2006 година медицинска комисија од психијатриското одделение на Медицинскиот факултет на Универзитетот Инону го известила во писмена форма лекарот раководител на медицинскиот центар дека жалителот бил прегледан на 20 април, 2006 година. По овој преглед, било заклучено дека било потребно, од психолошка гледна точка, тој оттогаш да може да го живее својот живот со машки идентитет.
15 На рочиштето од 5 мај 2006 пред Првостепениот суд, адвокатот на жалителот го оспорил извештајот од 20 април 2006 година врз основа на тоа дека тој не бил усвоен од страна на колегијален орган. Затоа Првостепениот суд побарал да се изготви нова експертиза за способноста за репродукција на жалителот. Медицинска комисија од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Чукурова (Çukurova) била задолжен за неговата изработка.
16 На 11 мај 2006 година, двајца лекари од одделението за гинекологија и акушерство на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Чукорова извршиле правна експертиза и заклучиле, откако го прегледале жалителот, дека тој бил способен за репродукција.
17 На 27 јуни 2006 година, Првостепениот суд, врз основа на наодите од различните експертизи, одбил да даде одобрение за промената на полот побарана од страна на жалителот со образложение дека тој не бил, трајно, неспособен за репродукција и дека оттука не одговарал на еден од условите од членот 40 од Граѓанскиот законик.
18 На 18 јули 2006 г., жалителот поднел жалба до Касациониот суд против оваа пресуда. Во поднесокот, адвокатот истакнал дека неговиот клиент се сметал уште од детството не како жена, туку како маж, и дека неговото убедување во овој поглед не било едноставен каприц, дека тој следел долга психолошка терапија, и дека на крајот на истата му била направена дијагноза дека е транссексуалец и дека требало, од психолошка гледна точка, тој да живее како маж. Тој, исто така, тврдел дека неговата способност за репродукција во никој случај не го спречувала неговиот клиент да се гледа себеси како маж и дека се работело всушност за фактичка состојба врзана за неговата природа, над која тој немал контрола. Тој исто така, истакнал дека, во Турција, како и во другите земји на светот, сите лица кои, како и жалителот, не успевале да ја усогласат својата биолошка со својата психолошка состојба не биле само лица кои се самци и лица кои не се способни за репродукција. Во оваа смисла, тој додал дека постоеле многу примери на луѓе кои имаат предиспозиција за транссексуализам коишто се ожениле и имале деца пред да прибегнат кон операцијата на полот. Тој тврдел дека не било праведно да земе во предвид способноста за репродуција на транссексуалното лице, дека тоа се сметало себеси како жена или маж. Тој тврдел, според тоа, дека судовите, одбивајќи да му дозволат на жалителот да прибегне кон операција за промена на полот врз основа на членот 40 од Граѓанскиот законик - кој не е, според него, прилагоден на општествена реалност - ги ограничиле правата и слободите на неговиот клиент. Тој, исто така, тврдел дека одбивањето на барањето на жалителот врз основа на способноста за репродукција не било во согласност со законите и го изразил мислење дека требало да се отстрани терминот „трајно неспособен за репродукција“ напишан во оваа одредба.
19 На 17 мај 2007 година, Касациониот суд, сметајќи дека првостепениот суд не направил грешка во својата оценка на доказните елементи, ја потврдил донесената пресуда.
20 На 18 јуни, 2007 година, адвокатот на жалителот поднел барање за исправка на оваа одлука. Во неговиот поднесок, тој тврдел дека ниту една од причините наведени во поддршка на жалбата на жалителот не била земена во предвид и дека никаква забелешка не била направена во врска со официјалните документи и извештаи кои биле приклучени кон предметот. Тој, исто така, се спротивставил на употреба на извештајот од 11 мај 2006 изготвен од страна на одделението за гинекологија и акушерство при Медицинскиот факултет на Универзитетот во Чукурова како основа за оспореното одбивање. Тој тврдел во врска со ова дека извештајот во прашање не бил експертиза, дека бил изготвен по преглед кој се состоел од површно испитување на гениталиите на неговиот клиент и оотука не бил доволен за да се утврди неговата способност за репродукција. Тој, исто така, тврдел дека, дури и под претпоставка дека разните медицински извештаи биле доволни за да се утврди способноста за репродукција на неговиот клиент, единствениот полов идентитет што засегнатиот бил во можност да го преземе како на физички така на психолошки план бил машкиот идентитет. Тој тврдел дека оваа околност, впрочем, била утврдена на 2 март 2005 година од страна на извештајот на здравствената комисија на Универзитетот Инону, каде што неговиот клиент следел, исто така, веќе долго психолошка терапија. Во оваа смисла, тој го критикувал неземањето во предвид на овие напори на неговиот клиент. Конечно, тој тврдел дека одбивањето на барањето со кое жалителот барал да добие дозвола за хируршка операција за промена на полот во согласност со неговата природа ги прекршило правата на жалителот .
21 На 18 октомври 2007 година, Касациониот суд го одбил барањето за исправка поднесено од страна на жалителот откако истакнал дека во случајов не станувало збор за ниту еден од основите за поништување согласно со членот 440 од законикот за парнична постапка.
Б. постапката пред домашните судови по доставувањето на жалбата до Владата
22 На 5 март 2013 година, жалителот, повикувајќи се на членот 40 од Граѓанскиот законик, одново се обратил до првостепениот суд од Мерсин со барање за овластување на операција за промена на полот. Во поднесокот за поведување постапка, адвокатот навел дека неговиот клиент се сметал, уште од рана возраст, не како жена, туку како маж, и дека затоа тој следел психолошка терапија уште од детството и дека било утврдено со лекарски извештаи дека било потребно, од психолошка гледна точка, тој отсега да го живее својот живот со машки идентитет. Тој исто укажал дека сегашниот биолошки идентитет на неговиот клиент бил во конфликт со полот на којшто тој сметал дека му припаѓал. Тој тврдел дека е нужна промена на полот за неговиот клиент да го зачува својот психолошки и физички интегритет. Тој исто така навел дека, на 27 март 2012 година, И.И. се подложил на мастектомија на двете дојки и користел разни хормони за зголемување на нивото на тестостерон. Тој укажал дека истиот работел со својот брат како молер-декоратер, и дека редовно одел во теретана и имал физички изглед на маж. Тој тврдел дека неговиот клиент, сега на возраст од 32 години, отсекогаш се сметал за маж, дека пријателите што ги сретнал по одредена возраст го знаеле само како маж и дека тој не го користел името што му било наведено во личната карта. Тој додал дека за неговиот физички изглед да одговара со неговата перцепција за себе си, неговиот клиент користел секакви методи со негативни последици. Во секојдневниот живот, особено кога морал да ги покаже своите лични документи на јавните институции, тој бил жртва на навредливи и понижувачки постапувања и се судирал со многу потешкотии заради разликата која постоела меѓу неговиот надворешен изглед и наведениот идентитет во неговите документи. Адвокатот на жалителот заклучил, барајќи на истиот да му се дозволи да започне со неопходните формалности за промена на идентитетот во матичните книги, неговото барање за промена на полот да биде прифатено, да му биде дадена дозвола за операција на промена на полот и постапката пред првостепениот суд да остане тајна.
23 На 11 април 2013 година, по анамнеза и преглед на жалителот, комисија составена од психијатри на Медицинскиот центар на Универзитетот Инону изготвила медицински извештај во кој се укажувало дека жалителот бил транссексуалец и дека зачувувањето на неговото ментално здравје зависело од неговата промена на полот. Во извештајот, исто така, се наведувало дека прашањето за тоа дали жалителот бил трајно лишен од способноста за репродукција требало да биде предмет на експертиза.
24 На 6 мај 2013 година, бил изготвен медицинско-судски извештај од страна на Комисијата за судска медицина на Медицинскиот центар на Универзитетот Инону. Овој извештај напоменувал дека, за време на прегледот на 11 април 2013 г. во одделението за судска медицина, жалителот изјавил дека сака да биде опериран заради промена на полот, дека тој, во минатото, веќе презел чекори во оваа насока но барањето му било одбиено од судот, и дека тогаш поднел жалба до Европскиот суд за човекови права и дека оттогаш пак ја отпочнал оваа постапка. Во извештајот, исто така, се споменувало дека, при медицинскиот преглед, жалителот бил со машки фенотип (збир на надворешните карактеристики), тој имал брада и мустаќи, неговите дојки му биле хируршки отстранети и дека продолжувал да зема постоперативна терапија, тој имал машки влакна на рацете и нозете, примал хормонска терапија, се срамел од бојата на својата лична карта и ја имал завиткано пред да ја стави во својот паричник, и, конечно, дека изјавил дека морал да ја направи таа промена.[1]
Во извештајот понатаму било наведено дека неговите крвни анализи покажале вкупна стапка на тестотерон повисока од 16 000 NGR / dl, стапка за која се претпоставувало дека била поврзана со хормонскиот третман кој го примал. Било оценето дека тој не бил трајно неспособен за репродукција.
Во извештајот се заклучувало следното:
„1. Тој е со транссексуална конституција,
2. промената на полот е неопходна за неговото ментално здравје,
3. не е трајно неспособен за репродукција (во својата женска природа) (...)“
25 На 21 мај 2013 година, првостепениот суд од Мерсин го одобрил барањето на жалителот и ја овластил бараната операција за хируршка промена на полот. Во своето образложение, првостепениот суд установил дека жалителот бил транссексуалец, дека зачувувањето на неговото ментално здравје барало промена на полот, дека јасно произлегувало од сослушувањето на сведоците на жалителот дека, во секој поглед, тој живеел како маж и дека страдал од својата ситуација, така што, со оглед на доказните елементи и на доставените извештаи, условите утврдени во членот 40 § 2 од Граѓанскиот законик биле исполнети и требало да се одговори позитивно на барањето. Пресудата е изречена како конечна.
(...)
ПРАВО
I. ЗА НАВОДНАТА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
26 Жалителот се жалел на повреда на право на почитување на неговиот приватен живот. Тој тврди дека на противречноста која постои помеѓу неговата перцепција за себе како маж и неговата физиолошка конституција била утврдена од страна на медицинските извештаи. Во образецот за жалба, тој додал дека, откако побарал дозвола да стави крај на оваа противречност, тој се судрил со одбивањето на домашните органи, кои својата одлука ја засновале на неговата способност за репродукција.
Жалителот исто така барал да му биде дозволено да се подложи на операција на полот. Тој ја критикувал во овој поглед содржината на членот 40 од Граѓанскиот законик и даденото толкување на истиот, кои обете не одговориле на потребите што спорната одредба би требало да да ги реши во онаа мера во која биолошкото барања што таа го поставува би можело да биде задоволено само со помош на хируршка интервенција. Меѓутоа неможноста да се има пристап до таква хируршка операција дефинитивно ги лишува, според жалителот, лицата од каква и да е можност за решавање на противречноста со која се судираат меѓу перцепцијата на нивниот полов идентитет и биолошката реалност.
Жалителот се повикува на членот 8 од Конвенцијата, кој предвидува:
„1. Секој има право на почитување на приватниот живот (...)
2. Нема да постои никаво мешање од страна на јавната власт при остварувањето на ова право, освен во согласност со законот и доколку е тоа неопходно во едно демократско општество за заштита на националната безбедност, јавната сигурност или економската благосостојба во земјата, за спречување на немири или извршување на кривично дело, за заштита на здравјето и моралот, или за заштита на правата и слободите на другите. “
27 Владата ги отфрла овие тврдења.
A. За допуштеноста
28 Во дополнителни забелешки датирани од 30 август 2013 година, Владата тврди дека, според нејзината анализа на добро утврдената судска пракса на Судот, жалителот мора да може да го докаже својот статус на жртва во текот на целата постапка. Таа се повикува во поткрепа на овој аргумент случајот Bоurdov c. Russie (бр. 59498/00, § 30, ЕСЧП 2002-III). Таа укажува на тоа дека, во овој случај, судот пресудил во корист на жалителот кој ги обвинил властите дека не му дале дозвола за промена на полот. Затоа, според неа, жалителот веќе нема статус на жртва во смисла на членот 34 од Конвенцијата.
29 Жалителот ги отфрла тврдењата на Владата. Повикувајќи се на пресудите Chevrol c. France (бр. 49636/99, § 43, ЕСЧП 2003III), Guerrera et Fusco c. Italie (бр 40601/98, §§ 51-53, 3 април 2003 година) и Timofeyev c. Russie (бр 58263/00, § 36, 23 октомври 2003 година), тој тврди дека одлука или мерка поволна за жалител во принцип не е доволно за да го лиши од статусот на жртва се додека националните власти не ја признале, експлицитно или во суштина, ниту целосно ја обештетиле наводната повреда. Во овој поглед, неговиот адвокат додава дека одбивањето на неговото барање го принудило неговиот клиент - и тоа, според него, како и сите лица кои сакаат да го сменат полот - да користи хормони надвор од било каква судска и лекарска контрола. Тој тврди дека неговиот клиент е жртва и дека домашните власти никогаш не го признале овој факт. Конечно, тој наведува дека жалителот е оној кој, по своја иницијатива, покренал нова постапка за да го добие случајот и дека домашните власти, самите, не преземале каков и да е активен чекор во оваа насока.
30 Судот потстетува дека националните власти се оние кои се должни да исправат каква и да е наводна повреда на Конвенцијата. Во овој поглед, прашањето дали жалителот може да тврди дека бил жртва на наводната повреда е важно во сите фази на постапката согласно Конвенцијата (видете Burdov, наведена погоре, § 30). За да се утврди дали жалител всушност може да тврди дека бил жртва на наводна повреда, треба да се земе во предвид не само официјалната положба во времето на поднесувањето на жалбата до Судот, туку исто така и сите околности на случајот во прашање, вклучувајќи каков и да е нов факт кој се случил пред датумот на испитувањето на случајот од страна на Судот (Tănase c. Moldova [ГС], бр. 7/08, § 105, ЕСЧП 2010).
31 Судот исто така потсетува дека, во поглед на овие размислувања, прашањето дали жалител има статус на жртва мора да се пресече во мигот кога тој го разгледува случајот, кога околностите го оправдуваат овој пристап (idem, § 106). Тој понатаму потсетува дека одлука или мерка во корист на жалителот не е доволна, во принцип, за да го лиши од својството на „жртва“ за целите на членот 34 од Конвенцијата, освен доколку националните власти ја признаат, експлицитно или во суштина, и потоа ја надоместат повредата на Конвенцијата (видете, на пример, Eckle c. Allemagne, 15 јули 1982, § 66, серија A бр. 51, Dalban c. Roumanie [ГС], бр. 28114/95, § 44, ЕСЧП 1999VI, Scordino c. Italie (бр. 1) [ГС], бр. 36813/97, §§ 179-180, ЕСЧП 2006V, и Gäfgen. Allemagne [ГС], бр. 22978/05, § 115, ЕСЧП 2010).
32 Само кога се исполнети овие два услови субсидијарната природа на заштитниот механизам на Конвенцијата ја исклучува можноста за испитување на жалбата (Eckle, цитирана погоре, §§ 69 и следните).
33 Во однос на „соодветната“ и „доволната“ отштета за надоместување на интерно ниво за повредата на право гарантирано со Конвенцијата, Судот генерално смета дека таа зависи од сите околности на случајот, земајќи ја особено во предвид природата на повредата на Конвенцијата која е во прашање (видете, на пример, Gäfgen, § 116).
34 Во конкретниот случај, Судот забележува дека жалителот се обратил до националните власти во 2005 година со прво барање за промена на полот и дека неговото барање за дозвола за операција на полот било одбиено по судска постапка која завршила во 2007 година (ставови 7-21 погоре). По доставувањето на оваа жалба до Владата, И.И. следел хормонска терапија и се подложил на мастектомија на двете дојки пред да поднесе второ барање за промена на полот пред првостепениот суд од Мерсин, во март 2013 г. (став 22 погоре). На 21 мај 2013 година, по нова судска постапка во текот на која бил подложен на дополнителни медицински испитувања, жалителот го добил случајот (видете став 25 погоре).
35 Секако, како што го посочува Владата, националните органи, по доставувањето на жалбата, донеле одлука во корист на жалителот доделувајќи му го овластувањето за бараната промена на полот. Сепак, Судот не може да игнорира дека спорната ситуација од која произлегува оваа жалба, односно неможноста за жалителот да пристапи до операцијата за промена на полот поради одбивањето на судовите, траела повеќе од пет години и седум месеци. Меѓутоа нема никаков сомнеж за Судот дека жалителот директно ги искусил последиците од одбивањето во неговиот приватен живот во текот на овој период (ставови 22 и 24 погоре). При читањето на образложението на првостепениот суд кој пресудил во полза на жалителот, Судот понатаму забележува дека тоа не содржи изречно признавање на повреда на правата заштитени со Конвенцијата. Овластувањето доделено на жалителот не може да се толкува исто и како признавање, во суштина, на повреда на неговото право на почитување на приватниот живот.
36 Оттука треба да се одбие приговорот на Владата за наводното губење на статусот на жртва на жалителот.
37 Констатирајќи, од друга страна, дека жалбениот навод на жалителот не е очигледно неоснован во смисла на член 35 § 3 а) од Конвенцијата и не е во спротивност со кој било друг основ на недопуштеност, Судот го прогласи за допуштен.
Б. За основаноста
1. Општи принципи
38 Судот потсетува дека веќе во неколку наврати нагласил дека поимот на „приватен живот" е широк поим, кој не е подложен на исцрпна дефиниција. Овој поим го опфаќа физичкиот и моралниот интегритет на лицето (X et Y c. Pays-Bas, 26 март, 1985, § 22, Серија А бр 91), но тој понекогаш вклучува аспекти на физичкиот и општествениот идентитет на поединецот (Mikulić c. Croatie, бр. 53176/99, § 53, ЕСЧП 2002I). Елементи како што се, на пример, половиот идентитет, името, сексуалната ориентација и сексуалниот живот спаѓаат во рамките на личната сфера заштитени со членот 8 од Конвенцијата (Dudgeon c. Royaume-Uni, 22 октомври 1981, § 41, серија A бр. 45, B. c. France, 25 март 1992, § 63, серија A бр. 232-C, Burghartz c. Suisse, 22 февруари 1994, § 24, серија A бр. 280B, Laskey, Jaggard et Brown c. Royaume-Uni, 19 февруари 1997, § 71, Recueil des arrêts et décisions 1997I, и Smith et Grady c. Royaume-Uni, бр. 33985/96 и 33986/96, 71, ЕСЧП 1999VI).
39 Оваа одредба го заштитува исто така правото на личен развој и правото на воспоставување и одржување односи со другите човечки суштества и со надворешниот свет (Schlumpf c. Suisse, бр. 29002/06, § 77, 8 јануари 2009). Во оваа смисла, Судот смета дека поимот на лична автономија одразува важен принцип кој е во основата на толкувањето на гаранциите на членот 8 (Pretty c. Royaume-Uni, бр. 2346/02, § 61, ЕСЧП 2002III).
40 Судот понатаму потсетува дека навел во многу прилики во својата судска пракса дека, со оглед на тоа дека достоинството и слободата на човекот се самата суштина на Конвенцијата, правото на личен развој и на физички и морален интегритет на транссексуалците е загарантирано (Christine Goodwin c. Royaume-Uni [ГС], бр. 28957/95, § 90, ЕСЧП 2002VI, Van Kück c. Allemagne, бр. 35968/97, § 69, ЕСЧП 2003VII, и Schlumpf, претходно наведена, § 101). Тој исто се произнел дека може да има сериозна повреда на приватниот живот кога домашното право не е во согласност со важен аспект на личниот идентитет (Christine Goodwin, претходно наведена, § 77).
41 Судот понатаму потсетува дека границата помеѓу позитивните обврски и негативни обврските на државата според член 8 не е погодна за прецизно дефинирање, но дека начелата кои се применуваат во случај на првите се споредливи со оние кои важат за вторите. За да се утврди дали една обврска - позитивна или негативна - постои, треба да се земе предвид вистинскиот баланс помеѓу општите интереси и интересите на поединецот; и во двата случаи, државата ужива одреден простор за слободна проценка (видете, на пример, B.c France, претходно наведена, § 44 и Hämäläinen c. Finlande [ГС], бр. 37359/09, § 67, ЕСЧП 2014).
42 Што се однесува до балансирање на конкурентните интереси, Судот ја нагласи особената важност на прашањата во врска со еден од најинтимните аспекти од приватниот живот, имено половата дефиниција на едно лице (Schlumpf, § 104). Во оваа смисла, Судот веќе испитал, во светло на сегашните услови за живот, повеќе случаи поврзани со проблеми со кои се соочуваат транссексуалци и тој го поддржал континуираното подобрување на мерките што се преземаат од страна на државите во согласност со членот 8 од Конвенцијата за заштита на овие луѓе и признавање на нивната ситуација (L. c. Lituanie, бр. 27527/03, § 56, ЕСЧП 2007-IV).
2. Примена на овие принципи во конкретниот случај
а. Воведни забелешки
43 Како вовед, Судот укажува дека во погоре споменатите случаи до него биле поднесени жалбени наводи од страна на транссексуални лица кои биле оперирани или биле подложени на некои хируршки интервенции за промена на полот, додека, во овој случај, на датумот на поднесувањето на жалбата, на жалителот, неопериран траснсексуалец, не му било доделено судско овластување за операција за промена на полот, врз основа на тоа дека тој не бил трајно неспособен за репродукција.
44 Овој случај така се однесува на еден аспект на проблемите со кои се соочуваат транссексуалните лица и кој е различен од оние што Судот имал прилика да ги испита досега. Така тој го поставува прашањето за барањата кои би можеле да им бидат наметнати на транссексуалците како предуслов на процесот на промена на полот, како и усогласеноста на истите со членот 8 од Конвенцијата. Критериумите и принципите развиени во погоре наведената судска пракса, кои биле формулирани во значително поинаков контекст од овој случај, не може оттука да бидат транспонирани како такви на овој случај. Сепак, тие може да го упатат Судот во неговата проценка на околностите на случајот.
б. За анализата на спорното прашање
i. Аргументи на страните
45 Жалителот тврди дека бил жртва на мешање во правото на почитување на приватниот живот.
46 Владата го оспори овој навод и тврди дека одбивањето да се дозволи операција на полот врз основа на тоа дека не биле исполнети условите предвидени со законот не може да се смета за мешање во правото на почитување на приватниот живот според член 8 од Конвенцијата. Исто така, според Владата, прашањето дали ефективното почитување на приватниот живот на транссексуалецот создава за државата позитивна обврска во оваа област треба да се реши со земање предвид на „соодветната рамнотежа меѓу општиот интерес и интересите на поединецот.“ Во оваа смисла, таа забележа дека, во пресудите Rees c. Royaume-Uni (17 октомври 1986, серија A бр 106) и Cossey c. Royaume-Uni (27 септември 1990, серија A бр. 184), Судот водел сметка, меѓу другото, за тоа дека „постоењето на соодветна рамнотежа не можело да ја принуди тужената држава да го измени својот постоечки систем од темел“ за да заклучи дека не постои таква обврска на товар на тужената држава.
ii. Оценка на Судот
47 Судот забележува дека жалителот се жали, главно, на првобитното одбивање од страна на националните судови, кога побарал да му се овозможи пристап до операција за промена на полот. Во оваа смисла, тој повторува дека принципот на личната автономија може да се разбере во смисла на правото на донесување одлуки за сопственото тело (Pretty, претходно наведена, § 66, и K.A. et A.D. c. Belgique, бр. 42758/98 и 45558/99, § 83, 17 февруари 2005). Додека членот 8 од Конвенцијата не може да се толкува како гарантирање на безусловно право на операција за промена на полот, Судот потсетува, меѓутоа, дека тој веќе констатирал дека е широко прифатено на меѓународно ниво дека транссексуализмот е медицинска состојба за која е потребен третман со цел да им помогне на засегнатите луѓе (Christine Goodwin, претходно наведена, § 81). Здравствените служби во повеќето држави договорнички ја признаваат оваа медицинска состојба и гарантираат или овластуваат третмани, вклучувајќи и неповратни хируршки операции за промена на полот (ставови 35-43 погоре).
48 Судот смета дека првичното одбивање на барањето на жалителот несомнено влијаело на неговото право на полов идентитет и на личен развој, фундаментален аспект на неговото право на почитување на неговиот приватен живот. Ова одбивање така претставува мешање во правото на засегнатиот на почитување на неговиот приватен живот според членот 8 § 1 од Конвенцијата.
в. За оправдувањето на мешањето во прашање
49 За да се одреди дали така констатираното мешање претставува повреда на членот 8, Судот мора да утврди дали тоа било оправдано во однос на ставот 2 на овој член, односно дали тоа било „пропишано со закон" и „неопходно, во едно демократско општество“ за постигнување на една или друга од „легитимните цели“ наведени во овој текст.
i. За правната основа на мешањето
50 Според востановената пракса на Судот, изразот „пропишано со закон" бара оспорената мерка да има основа во домашното право, но, исто така, се однесува на квалитетот на законот за кој станува збор, барајќи таа да биде достапна за засегнатото лице и предвидлива во однос на нејзините последици (видете, меѓу многу други, Amann c. Suisse [ГС], бр. 27798/95, § 50, ЕСЧП 2000II, Slivenko c. Lettonie [ГС], бр. 48321/99, § 100, ЕСЧП 2003X, и Fernández Martínez c. Espagne [ГС], бр. 56030/07, § 117, ЕСЧП 2014 (extraits)).
51 Во конкретниот случај, Судот најпрво забележува дека прашањето за постоењето на правна основа не е спорно помеѓу страните. Така, жалителот тврди дека мешањето на кое тој бил предмет било врз основа на членот 40 од Граѓанскиот законик. Владата, пак, тврди дека условите од членот 40 од Граѓанскиот законик се јасни и дека во овој случај првостепениот суд од Мерсин не направил правосудно толкување во врска со условите предвидени со законот. Врз основа на наодите на различните направени експертизи првостепениот суд од Мерсин, така, според Владата, го отфрлил барањето на жалителот врз основа на тоа дека сите услови предвидени со закон за промена на полот не биле задоволени заради тоа што жалителот не бил неспособен за репродукција.
52 Во врска со ова, Судот констатира дека одлуката на првостепениот суд од 27 јуни 2006 година, одбивајќи да му го даде на жалителот овластувањето за промена на полот што тој го барал, се засновала на членот 40 од Граѓанскиот законик. При читањето на таа одредба, Судот забележува дека турскиот закон им го признава на транссексуалните лица кои ги исполнуваат условите од законот не само правото да го променат полот, туку, исто така, да добијат законско признавање на нивниот нов пол со промена на нивниот граѓански статус (...) Членот 40 од Граѓанскиот законик, меѓутоа, ја условува оваа можност, меѓу другото, со трајната неспособност за репродукција, услов врз основа на кој барањето на жалителот било првично одбиено.
53 Според тоа, Судот смета дека мешањето имало правна основа во домашното право. И покрај заклучокот до кој дошол во врска со неопходноста на ова мешање (видете ставови 121-122 подолу), тој сепак не смета дека е неопходно да се произнесе за предвидливоста на оваа одредба во однос на нејзините последици.
ii. За легитимната цел на мешањето
α) Аргументи на странките
54 Жалителот тврди дека немало ниедна причина од јавен интерес против неговото барање за хируршка или медицинска интервенција за промена на полот. Во оваа смисла, тој тврди дека општите аргументи на владата (како што се спречување на банализацијата на таквите интервенции, неповратноста на истите, ексцесите на проституцијата, ставови 74-75 подолу ) за да се оправда јавниoт интерес кој раководел со мешањето во прашање не можат да се сметаат за консеквентни од научна, општествена и правна гледна точка.
55 Според владата, јасно е од судската пракса на Судот дека државите имаат право да ги контролираат активностите штетни за животот и безбедноста на другите (Pretty, претходно наведена, и Laskey, Jaggard et Brown, претходно наведена). Таа заклучува од пресудата Pretty дека колку поголема е штетата која може да биде нанесена толку повеќе тежина имаат размислувањата за здравјето и јавната безбедност наспроти конкурентниот принцип на личната автономија.
56 Во врска со ова, Владата тврди дека областа на хирушката операција за промена на полот се однесува на заштитата на јавниот интерес чија цел е спречување на тривијализацијата на операциите за промена на полот и на непотребните операции, но, исто така, и на заштита на интересите на поединецот кој сака да се подвргне на неповратна операција која претставува ризик за неговиот физички и морален интегритет. Според Владата, по хируршката интервенција транссексуалецот секако изгубил некои карактеристики од неговиот изворен пол, но тоа не значи дека ги стекнал сите својства на новиот пол. Покрај тоа, лицето ќе стане трајно неспособно за репродукција. Според Владата, исто така, мора да се земе во предвид можното жалење што отпосле може да се јави кај лицата кои прибегнале кон операција за промена на полот, со неповратни ефекти.
57 Што се однесува до ризикот од банализација на операциите за промена на полот, Владата вели дека таквата банализација би била опасна, како во однос на нивната неповратност, така и во однос на можното пренасочување на медицинските можности во овој поглед од страна на некои кругови (кругот на проституцијата, на пример).
β) Оценка на Судот
58 Судот повторува дека листата на причини кои можат да оправдаат мешање во правото на почитување на приватниот живот содржано во вториот став од член 8 е сеопфатна и дека дефиницијата на овие прочини е рестриктивна (S.A.S. c. France [ГС], бр. 43835/11, § 113, ЕСЧП 2014 (извадоци)). За биде компатибилно со Конвенцијата, мешањето во правото на почитување на приватниот живот на жалител треба да биде водено од цел што може да се поврза со една од причините набројани во таа одредба. Во овој поглед, праксата на Судот е тој да биде претежно концизен и јасен кога го испитува постоењето на легитимна цел, во рамките на значењето на вторите ставови на членовите 8 до 11 од Конвенцијата (ibidem).
59 Сепак, во овој случај, со оглед на тоа дека жалителот ја оспорува релевантноста на целите на кои се повикува владата (видете став 72 погоре), Судот смета дека е соодветно да се произнесе на подетален начин. Во овој поглед, Судот забележува дека владата тврди дека регулирањето на операциите за промена на полот спаѓа во рамките на полето на заштитата на јавниот интерес и има неколку цели: да се избегне банализацијата на овие операции и да се спречи прибегнувањето кон таквите операции да може да биде злоупотребено од страна на одредени кругови, како што е оној на проституцијата. Владата освен тоа се повикува на заштитата на интересите на засегнатиот поединец во однос на ризиците од овие операции за неговиот физички и морален интегритет.
60 Аргументите на владата што се однесува до ризикот за банализација на хируршките операции на полот како и аргументот во врска со можната злоупотреба на таквите интервенции од страна на некои кругови, не можат, со оглед на нивното формулирање, да го убедат Судот дека тие може да спаѓаат во категоријата на легитимните цели утврдени во вториот став од член 8.
61 Судот забележува меѓутоа дека Владата се повикува исто така на неповратноста на операциите за промена на полот и на ризиците од овој вид на интервенција за здравјето. Во овој поглед, тој нема причина да се сомнева дека, при донесувањето на спорното законодавство, тужената влада имала легитимна цел во рамките на значењето на вториот став од членот 8 и тој се сложува дека овој тип на операција може да биде предмет на регулирање и контрола од страна на државата во рамките на здравствената заштита.
62 И покрај тоа, Судот забележува, при читањето на коментарите на Владата, дека таа не се произнесува посебно во однос на барањето за неплодност / стерилност споменато во законот и врз основа на кое поднесокот на жалителот првично бил одбиен. Сепак, со оглед на своите заклучоци во однос на неопходноста од мешањето во прашање (видете ставови 121-122 подолу), Судот не смета дека е корисно да се произнесе попродлабочено за оваа точка.
iii. За неопходноста од мешање
α) Аргументите на жалителот
63 Жалителот наведува дека многу малку лица се обраќаат до судовите согласно членот 40 од Граѓанскиот законик за да побараат да можат да живеат во физичка и психолошка хармонија, и дека, од друга страна, многу лица се подвргнуваат на овие операции нелегално или во странство, бидејќи не ги исполнуваат условите утврдени со закон.
64 Од гледната точка на засегнатиот, третманите за прекинување на репродуктивната способност (стерилизација или хормонална терапија) се сметаат за банални во случајот на мажи или жени кои не сакаат да имаат деца. Тој спори дека таква можност не им е овозможена на транссексуалците и, следствено, на него самиот.
65 Жалителот исто така ја брани тезата дека членoт 40 од Граѓанскиот законик не би требало да се толкува како да е од таква природа за да ги попречи хормонските третмани и медицинските процедури за стерилизација на лицата кои сакаат да го сменат својот пол. Иако постојат во Турција, овој вид на третмани, сепак, не би му биле достапни. Тој тврди дека, со оглед на тоа дека мажите и жените кои не сакаат да имаат деца имаат пристап до овој вид обични и неповратни третмани, требало исто и тој самиот, како транссексуалец, да има пристап со нив. Тој тврди дека не би требало да мора да живее со контрадикција помеѓу неговиот физички изглед, онаков каков што е, и полот на кој тој се чувствува дека припаѓа. Тој смета дека, во светлината на научните и социјалните податоци (содржани во медицинските извештаи приклучени кон предметот), законот би требало да му обезбеди решение.
66 Што се однесува до ставот усвоен од страна на Судот во случајот Tavlı c. Turquie (бр. 11449/02, §§ 35-37, 9 ноември 2006), тој смета дека постоечкиот закон би требало да се толкува во светло на научната, биолошката и социјалната реалност.
67 Според жалителот, голем број на транссексуалци не се трајно неспособни за репродукција. Наспроти оваа ситуација, членот 40 од Граѓанскиот законик не одговорa според него „на никаква потреба“, бидејќи не содржи ниту една одредба заснована на конкретни потреби. На пример, тој не содржи никакво повикување на „пробен период“ или на „хормонска терапија“ или на друг третман. Членот 40 се однесувал само на „операција“ за промена на полот и на ниту една друга медицинска постапка. Според жалителот, така, постои вистински правен вакуум во оваа област. Информациите од областа на медицинските процедури, објавени од страна на фондот за социјално осигурување, не содржеле, ниту тие, одредби за ова прашање.
68 Жалителот, понатаму, наведува една статија од двајца универзитетски професори специјалисти за граѓанско право која се однесува на еодлука на граѓанските судови кои одбиле барање за дозвола за промена на полот врз основа на тоа дека лицето кое го поднело ова барање поседувало репродуктивни органи. Авторите забележале дека прашањето за усогласеноста со уставот на таквото одбивање не било испитано и дека судовите не разгледале ниту како ситуацијата требало да биде испитана во рамките на Европската конвенција за човекови права.[2]
69 Како заклучок, жалителот смета дека постапката за промена на полот за транссексуалците кои не се неспособни за репродуција, односно, според него, поголемиот дел од транссексуалците - е неприменлива заради тоа што членот 40 од Граѓанскиот законик не ги наведува третманите кои можат да се следат и другите законски одредби во оваа област. Според жалителот, оваа ситуација ги принудува трансексуалните лица да излезат надвор од правната рамка и да прибегнат кон лекови или операции кои и бегаат на систематската контрола на судијата и лекарот.
β) Аргументи на владата
70 Што се однесува до случаите на Christine Goodwin и Van Kück (претходно наведени) како и Grant c. Royaume-Uni (бр 32570/03, ЕСЧП 2006VII), Владата истакнува дека Судот веќе има испитано, во светло на сегашните услови за живот, неколку случаи поврзани со проблемите со кои се соочуваат транссексуалците и дека тој го поздравил постојаното подобрување на мерките што ги преземаат државите во согласност со членот 8 од Конвенцијата за да ги заштитат овие луѓе и да ја признаат нивната ситуација. Според анализата на владата, додека истовремено им доделил одреден простор за слободна проценка во оваа област, Судот одлучил дека, во рамките на позитивните обврски што членот 8 им ги наметнува, државите биле обврзани да го гарантираат признавањето на новиот полов идентитет на трансексуалците со извршена операција, вклучително и преку менувањето на нивниот граѓански статус, со последиците што од ова произлегуваат (таа ги споменува пресудите Christine Goodwin цитирана погоре, §§ 71-93, и Grant, цитирана погоре, §§ 39-44).
71 Владата тврди дека турскиот правен систем го исполнува овој услов: транссексуално лице со извршена операција, така, би можело да го искористи правото за исправка на граѓанскиот статус во матичната книга и, по оваа промена, тоа ќе можело да го живее својот живот во согласност со новиот официјален идентитет.
72 Сепак, според владата, во погоре споменатите случаи, до Судот имало поднесено жалбени наводи од страна на транссексуални лица кои имале направено операција за промена на полот, додека овој случај се однесувал на одбивањето од страна на домашните судови да му дозволат на жалителот да прибегне кон операција за промена на полот. Во оваа смисла, таа појаснува дека, од 1988 година, турскиот закон предвидува можност за промена на полот и целосно правно признавање на новиот полов идентитет на транссексуалните лица кои се подвргнале на операција.
73 Што се однесува до предусловите кои се бараат за промена на полот, владата упатува на членот 40 од Граѓанскиот законик. Според неа, домашното законодавство и неговите модалитети за имплементација не подразбираат дека жалителот треба да се подложи на претходни медицински процедури за стерилизација или на хормонална терапија за да може да пристапи до операција на полот. Во овој случај, поднесокот на жалителот бил разгледан од страна на првостепениот суд од Мерсин во рамките на барањата предвидени со законот.
74 Иако истовремено признава дека поимот на личната автономија е важен принцип кој се наоѓа во основата на толкувањето на гаранциите на членот 8, владата тврди дека Судот сеуште никогаш не се произнел дека овој член содржел право на самоопределување како такво (притоа се потпира на пресудите Schlumpf, Van Kück и Pretty, претходно цитирани). Според Владата, не може да се заклучи од членот 8 од Конвенцијата и од судската пракса на Судот во оваа област дека постои безусловно право на промена на полот со прибегнување кон хируршка операција, бидејќи тоа право, според неа, би предизвикало негирање на заштита што Конвенцијата има за цел да ја понуди.
75 Според владата, со оглед на тежината и неповратноста на операцијата за промена на полот, на несигурноста која останува што се однесува до неопходноста од една таква интервенција за третирање на проблемите со родовиот идентитет, на ризикот од банализација на таквите хируршки операции и опасностите врзани за таквата банализација, на државата мора да и биде доделен широк простор за слободна проценка за регулирање на промените на полот и за утврдување на условите кои треба да се исполнат пред секоја операција на полот.
76 Таа укажува дека првостепениот суд од Мерсин, за да утврди дали сите услови пропишани со закон за промена на полот биле исполнети или не, се потпрел на еден од условите кој требало да биде исполнет за добивање на одобрение за промена на полот, имено, трајната неспособност за репродукција, како и на знаењето и наодите од експертите.
77 Покрај тоа, со оглед на неизвесноста што останува во однос на длабоката природа на трансексуализмот и на исклучително комплексните ситуации кои од него произлегуваат, Владата цени дека оспорената законска одредба во овој случај обезбедува соодветни правни мерки во оваа област. Според нејзината анализа, самиот Суд забележал дека целата неизвесност не исчезнала во однос на длабоката природа на транссексуализмот и дека понекогаш се поставувало прашањето за дозволеноста на хируршка интервенција во такви случаи (таа се повикува на пресудата B. c. France, претходно наведена).
78 Владата е убедена дека никој не може да тврди дека таквата хируршка операција е неопходна за третманот на нарушувањата на родовиот идентитет. Таа продолжува тврдејќи дека извесноста на дијагнозата на тренссексуализмот игра улога од најголема важност и дека таквата дијагноза би требало да се направи многу внимателно за да се избегне секаква забуна со други слични ментални нарушувања. Таа тврди дека операцијата на полот би требало да се направи да биде нужна не само заради психолошки потреби, туку, исто така, и заради медицински потреби.
79 Понатаму, правните ситуации кои произлегуваат од транссексуализмот се покажале многу сложени. Тие се однесуваат особено на прашања од анатомска, биолошка, психичка и морална природа поврзани со трансексуализмот и со неговата дефиниција; на согласноста и на другите предуслови кои треба да се исполнат пред секоја операција; на условите под кои промената на половиот идентитет може да биде овластена; на меѓународни аспекти; на правните последици, било да се ретроактивни или не, од таквите промени; на можноста да се избере друго име; на доверливоста на документите и информациите во врска со промената; на влијанието врз семејството. За овие различни точки, консензусот меѓу земјите-членки на Советот на Европа сепак не е доволно широк за Судот да изрече детерминирачки наоди кои ќе го ограничат просторот за слободна проценка доделен на државите и, оттука, сеуште станува збор за област во која државите договорнички, заради слабото доближување на нивните ставови по ова прашање, уживаат широк простор за слободна проценка.
80 Со оглед на мошне сериозните ризици што ги содржат според неа хируршките операции за промена на полот, владата тврди дека условите што ги наметнува домашното право не можат да се критикуваат, ниту од правна гледна точка, ниту од медицинска гледна точка. Таа стравува дека спротивниот став може да доведе до операции што ќе се изведуваат без каква и да е претходна проверка на нивната медицинска нужност или без медицински гаранции за успех.
81 Во светло на сите погоре наведени елементи, Владата тврди дека одбивањето од страна на домашните судови да му овозможат на жалителот да се подложи на операција за промена на полот не може да се оквалификува како мешање во правото на почитување на приватниот живот на засегнатиот во рамките на значењето на членот 8 од Конвенцијата, и дека националните власти не го пречекориле просторот за слободна проценка кој треба да им биде признат во случај како што е овој. Оттука, немало, според неа, повреда на членот 8.
γ) Оценка на Судот
82 Според утврдената судска пракса, мешање се смета за „неопходно во едно демократско општество“ за да оствари легитимна цел ако тоа одговара на „императивна општествена потреба“ и ако е пропорционално со саканата легитимна цел. Во оваа смисла, потребно е причините изнесени од страна на националните власти за истото да го оправдаат да се „релевантни и доволни“ (видете, меѓу другите, Nada c. Suisse [ГС], бр 10593/08, § 88, ЕСЧП 2012, и Animal Defenders International c. Royaume-Uni [ГС], бр. 48876/08, § 105, ЕСЧП 2013 (извадоци)).
83 Иако националните власти се должни да проценат први дали се исполнети сите овие услови, Судот е должен да се прооизнесе во крајна инстанца за прашањето за неопходноста од мешање во однос на барањата од Конвенцијата. Во овој поглед, мора да им се признае одреден простор за слободна проценка на надлежните национални власти. Степенот на тој простор е променлив и зависи од одреден број на фактори, вклучувајќи ја природата на правото во прашање гарантирано со Конвенцијата и неговото значење за засегнатото лице, како и природата на мешањето и целта на истото. Овој простор е дотолку помал колку што правото во прашање е важно за да му се гарантира на поединецот ефективното уживање на основните човекови права или „интимните“ права на кои тој има право. Оттука, кога се работи за особено важен аспект од постоењето или идентитетот на поединецот, просторот за слободна проценка на државата е поограничен. Од друга страна, тој е поширок кога не постои консензус меѓу земјите-членки на Советот на Европа, било да се работи за релативната важност на интересот за кој станува збор или за најдобрите начини за истиотда се заштити (S. et Marper c. Royaume-Uni [ГС], бр. 30562/04 и 30566/04, §§ 101-102, ЕСЧП 2008, и Fernández Martínez, претходно наведена, § 125).
84 Во конкретниот случај, Судот забележува дека постапката пред националните судови ја засегала директно слободата за жалителот да ја дефинира својата полова припадност, слобода која претставува еден од најсуштинските елементи од правото на самоопределување (Ван Kück, цитирана погоре, § 73). Во овој поглед, тој потсетува дека во повеќе наврати се изјаснил постојано свесен за сериозноста на проблемите со кои се соочуваат транссексуалците и ја истакнал важноста на трајното испитување на нужноста за соодветни законски мерки (Christine Goodwin, претходно наведена, § 74).
85 Тој повторува во таа смисла дека е од суштинско значење Конвенцијата да се толкува и применува на начин кој ќе ги направи гаранциите не теоретски или илузорни, туку практични и ефективни. Кога Судот не би успеал да одржи динамичен и еволутивен пристап, ваквиот однос навистина би ризикувал да попречи секакво реформирање или подобрување (видете, меѓу други, Stafford c. Royaume-Uni [ГС], бр. 46295/99, § 68, ЕСЧП 2002IV).
86 Во контекст на конкретниот случај, Судот смета, значи, дека е соодветно да се води сметка за развојот на меѓународното и европското право, како и за правото и тековната пракса во различни земји-членки на Советот на Европа со цел да се оценат околностите на случајот, „ во светлината на актуелните услови за живот“ (за сличен пристап, видете, помеѓу другото, Tyrer c.. Royaume-Uni, 25 април 1978, § 31, серија A бр 26).
87 Во врска со ова, Судот забележува дека во многу европски земји постои можноста за транссексуалците да се подвргнат на третман за промена на полот, како и за законско признавање на нивниот нов полов идентитет. Судот понатаму забележува дека законската регулатива или практика во сила во многу земји кои ја признаваат промената на полот го условува, имплицитно или експлицитно, правното признавање на новиот пол можност со операција на полот и/или со неможноста за репродукција (...)
88 Во пресудата Christine Goodwin (цитирана погоре, § 85), Судот оценил дека, во согласност со принципот на супсидијарност, државите договорнички биле пред се оние кои требале да одлучуваат за мерките потребни за да се обезбеди почитување на правата гарантирани со Конвенцијата на секое лице под нивна надлежност и дека, за да ги решат во рамиките на своите домашни правни системи практичните проблеми што ги создавало правното признавање на половиот идентитет на оперираните трансексуалци, државите договорнички требало да уживаат широк простор за слободна проценка.
89 Тој оценува дека тоа е несомнено така и кога се работи за законските барања кои го регулираат пристапот до медицински или хируршки средства за транссексуалните лица кои сакаат да се подвргнат на телесни модификации поврзани со промена на полот.
90 Сепак, Судот потсетува дека веќe сметал дека требало да се придаде помалку значење на отсуството на елементи кои укажуваат на европски консензус за тоа како да се решат правните и практичните проблеми отколку на постоењето на јасни и неспорни елементи кои укажуваат на континуиран меѓународен тренд не само кон зголемено општествено прифаќање на транссексуалците, туку исто и кон правното признавање на новиот родов идентитет на оперираните трансексуалци (Christine Goodwin,цитирана погоре, § 85).
91 Судот повторува во овој поглед дека правото на трансексуалците целосно да го уживаат, како и нивните сограѓани, правото на личен развој и на физички и ментален интегритет не може да се смета како контроверзно прашање што бара време за да успееме да ги разбереме појасно проблемите во прашање (Christine Goodwin, цитирана погоре, § 90).
92 Во овој поглед, тој истакнува дека, во својот прилог на Препораката CM / Rec (2010) 5 за мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, Комитетот на министри на Советот Европа изјавил дека предусловите, вклучувајќи ги и физичките промени, за правното признавање на промена на полот, треба редовно да се реевалуираат со цел да се отстранат оние кои се претерани (...) Покрај тоа, Парламентарното собрание на Советот на Европа во својата Резолуција 1728 (2010) за дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, ги повика земјите-членки да се справат со дискриминацијата и кршењето на човековите права на трансрододовите лица и, особено, да ги обезбедат во нивното законодавство и пракса правата на овие лица на официјални документи кои го одразуваат избраниот родов идентитет, без претходна обврска да се подложат на стерилизација или на други медицински постапки како операција заради промена на полот и хормонална терапија (...)
93 Исто така, Судот забележува дека некои земји-членки неодамна ги измениле своите закони и практики во однос на пристапот до третмани за промена на полот и на правното признавање на истата укинувајќи го барањето за неплодност / стерилитет (...)
94 Во врска со ова, Судот смета дека е корисно да се напомене специфичноста на турскиот закон за ова прашање. Навистина, во повеќето земји кои наметнуваат како предуслов за легално признавање на новиот избран род хормонска терапија или оперција за промена на полот, плодноста / неплодноста се оценува по медицинскиот или хируршкиот процес за промена на полот (ставови 42-43 погоре). Меѓутоа, ако турскиот закон ја подредува промената на граѓанскиот статус на физичка трансформација добиена по операција за промена на полот „направена во согласност со целта спрецифицирана во судското овластување и со медицинските технологии“, неможноста за репродукција е услов што се покажал дека треба да биде задоволен по донесувањето на оспорената одлука на првостепениот суд од Мерсин, пред да започне процесот на промена на полот, условувајќи го така пристапот на жалителот до операцијата на полот.
95 Со оглед на елементите од предметот, вклучувајќи ги и сведочењата на блиските на жалителот пред националните судови (видете став 9 погоре), Судот забележува дека тој веќе многу години го води својот живот во општетството како маж. Се чинии, исто така, дека засегнатиот, следел психолошки третман уште од тинејџер, тој бил дијагностициран како транссексуалец од страна на комитет на експерти во областа на психологијата, кои, исто така, заклучиле дека за него било нужно да го продолжи својот живот со машки идентитет (ставови 7, 10 и 14 погоре). Во септември 2005 година, кога за прв пат поднел барање за добивање на судско овластување за да прибегне кон операција за промена на полот, жалителот веќе неколку години следел постапка за промена на полот: тој бил следен на психолошки план и уште одамна имал усвоено машко општествено однесување.
96 И покрај овие факти, домашните судови првично одбиле да му ја дадат потребната дозвола за физичката промена кон која тој се стремел. Во однос на ова, Судот повторува дека може да има сериозна повреда на правото на почитување на приватниот живот кога домашниот закон не е во согласност со важен аспект на личниот идентитет (Christine Goodwin, цитирана погоре, § 77).
97 Исто така тој потсетува дека веќе изјавил дека не може да се мисли дека има нешто непромислено во одлуката на едно лице да се подложи на операција за промена на полот, со оглед на бројните и болни интервенции што ги повлекува таквата постапка и на степенот на посветеност и убедување кој е потребен за да се промени родовата улога во општеството (Christine Goodwin, цитирана погоре, § 81, и Schlumpf, § 110).
98 Во овој случај, тој забележува дека домашните судови го оправдале нивното првично одбивање на барањето на жалителот со самиот факт дека тој не бил неспособен за репродукција. Меѓутоа, Судот не објаснува зошто неможноста за репродукција на лицето кое сака да се подложи на операција за промена на полот треба да се утврди дури и пред да отпочне физичкиот процес на промена на полот.
99 Судот забележува во овој поглед, со оглед на информациите обезбедени од страна на страните, дека домашното законодавство предвидува медицински процедури за доброволна стерилизација (видете ставови 23-24 погоре). Во своите забелешки од 25 октомври 2010 година, жалителот тврдел дека немал пристап, освен во случај да излезе од постоечката правна рамка, до овој тип на третмани (ставови 83 и 87 погоре). Тој додал дека ниту една законска одредба не предвидувала што требало да се направи или видот на третман на кој можел да се подвргне и дека оттука постоел правен вакуум во оваа област (ставови 85-87 погоре). Во дополнителни коментари од 23 октомври 2013 година, адвокатот тврдел дека неговиот клиент, подонесувањето на сегашната жалба пред Судот, користел хормонска терапија надвор од било каква судска и медицинска контрола (видете став 47 погоре).
100 Истовремено бранејќи ја соодветноста со законот на одбивањето од страна на домашните судови во однос на барањето на жалителот поради неговата способност за репродукција, Владата тврди дека, ниту оспорената законска регулатива, ниту пак нејзините модалитети на спроведување, не барале жалителот да се подложи на претходни медицински процедури за стерилизација или хормонална терапија (видете став 91 погоре). Меѓутоа Судот не гледа како, освен да се подвртгне на постапка за стерилизација, жалителот можел да го задоволи условот за трајна неспособност за репродукција со оглед на тоа што, на биолошки план, тој е способен за репродукција.
101 Сепак, Судот не смета дека е неопходно да се произнесе за прашањето за евентуалниот пристап на жалителот до медицински третмани кои ќе му овозможат да го исполни овој услов. Така, во секој случај, тој смета дека почитувањето на физичкиот интегритет на засегнатиот се спротивставува на тоа тој да треба да се подложи на овој вид на третман.
102 Покрај тоа, со оглед на околностите на овој случај и со оглед на формулацијата на жалбениот навод на жалителот, доволно е за Судот да утврди дека жалителот го оспорил, како пред домашните судови така и пред Судот, напоменувањето во законот на трајната неспособност за репродукција како предуслаов за овластувањето за промена на полот.
103 Судот смета дека оваа одредба не се чини воопшто потребна во светлината на аргументите предочени од Владата за да се оправда регулирањето на операциите за промена на полот (ставови 74 и 75). Оттука, дури и под претпоставка дека одбивањето на првичното барање на жалителот да прибегне кон операција на промена на полот да било врз основа на релевантна причина, Судот смета дека не може да се смета дека тоа имало доволна основа. Мешањето што од него резултирало во правото на жалителот на почитување на неговиот приватен живот, оттука не може да се смета за „неопходно“ во едно демократско општество.
Промената на ставот на првостепениот суд од Мерсин која, во мај 2013 г., му овозможила на жалителот да добие дозвола за операција за промена на полот игнорирајќи ги медицинските наоди дека жалителот не бил трајно неспособен за репродукција (ставови 24 и 25 погоре), со сигурност го поткрепува овој заклучок.
104 Според тоа, Судот смета дека, оневозможувајќи му го на жалителот, во текот на многу години, пристапот до таква операција, државата го повредила правото на засегнатиот на почитување на неговиот приватен живот. Оттука, тој заклучува дека имало повреда на членот 8 од Конвенцијата.
(...)
ПОРАДИ ОВИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО,
(...)
2. Одлучи дека има повреда на членот 8 од Конвенцијата;
(...)
Изработено на француски и доставено на писмено на 10 март 2015 г. согласно членот 77 §§ 2 и 3 од Деловникот на Судот.
Абел КампосГвидо Рајмонди
Заменик секретар на судот Претседател
Кон оваа пресуда прикачено е, согласно членот 45 став 2 од Конвенцијата и членот 74 став 2 од Деловникот, експозето на следните издвоени мислења:
– согласно мислење на судиите Келер и Спано;
– согласно мислење на судиите Леменс и Курис.
Г.Р.A.
А.К.
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2015.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2015.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2015
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
[1]. Во Турција, личните карти за жените се розови, а оние на мажите се
со сина боја.
[2]. Пресуда на првостепениот суд од Измир од 17 декември 2003 г. (E. 2002/979 et K. 2003/102) и пресуда на Касациониот суд од 18 јуни 2003 г. (E. 2003/7323 et K. 2003/906).
Full & Egal Universal Law Academy