© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ВТОР ОДДЕЛ
CЛУЧАЈ ЗОРИЦА ЈОВАНОВИЌ против СРБИЈА
(Жалба бр. 21794/08)
ПРЕСУДА
СТРАЗБУР
26 март 2013 година
ПРАВОСИЛНА
09/09/2013
Оваа пресуда стана правосилна согласно член 44, став 2 од Конвенцијата, но може да биде предмет на уреднички измени.
Во случајот Зорица Јовановиќ против Србија,
Европскиот суд за човекови права (Втор оддел), заседавајќи како Судски совет во состав:
Guido Raimondi, Претседател,
Danutė Jočienė,
Peer Lorenzen,
Dragoljub Popović,
Işıl Karakaş,
Nebojša Vučinić,
Paulo Pinto de Albuquerque, судии,
и Françoise Elens-Passos, Заменик секретар на оддел,
Откако расправаше на затворена седница на 5 мај 2013 година,
Ја донесува следната пресуда којашто беше усвоена на истата дата:
ПОСТАПКА
1. Случајот беше инициран со жалба (бр. 21794/08) против Србија поднесена пред Судот согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи („Конвенцијата“) од страна на српска државјанка, г-ѓа Зорица Јовановиќ („жалителката“), на 22 април 2008 година.
2. Жалителката, на која ѝ беше доделена правна помош, беше застапувана од г-ѓа Д. Говедарица, адвокат од Баточина. Српската Влада („Владата“) ја застапуваше нејзиниот агент, г-н С. Цариќ.
3. Жалителката се жалеше на континуираното пропуштање на српските органи да ѝ дадат било какви информации за она што навистина се случило со нејзиниот син, кој наводно починал додека бил во државна болница, или ѝ да било какво обештетување во тој поглед.
4. На 12 април 2011 година жалбата беше комуницирана до Владата. Судот исто така одлучи истовремено да донесе одлука за допуштеноста и основаноста на жалбата (член 29, став 1).
ФАКТИ
I. ОКОЛНОСТИ НА СЛУЧАЈОТ
5. Жалителката е родена во 1953 година и живее во Баточина.
6. Фактите на случајот, како што беа презентирани од странките, може да се резимираат на следниот начин.
A. Конкретни факти на случајот на жалителката
7. На 28 октомври 1983 година жалителката родила здраво машко бебе во Медицинскиот центар во Чуприја („МЦЧ“), кој е државна болница.
8. Од 28 до 30 октомври 1983 година, додека сѐуште била во МЦЧ, жалителката редовно го гледала својот син.
9. На 30 октомври 1983 година жалителката била известена од страна на лекарите дека и таа и нејзиниот син ќе бидат пуштени од болница следниот ден.
10. Вечерта на тој датум жалителката била со нејзиниот син до околу 23 часот, кога тој бил однесен во посебна просторија за новороденчиња. Тоа било стандардна процедура и синот на жалителката немал никакви здравствени проблеми дотогаш.
11. На 31 октомври 1983 година, околу 6.30 часот, дежурниот лекар ја информирал жалителката дека „нејзиното бебе починало“. Откако го чула тоа, жалителката веднаш истрчала низ ходникот кон просторијата во која нејзиниот син ја поминал ноќта. Сепак, таа била физички спречена во тоа од страна на двајца болничари. Една медицинска сестра дури се обидела да ѝ инјектира седатив, но жалителката успешно се одбранила. На крај, немајќи друга опција и во состојба на шок, жалителката се испишала од МЦЧ. На нејзините роднини потоа им било кажано дека аутопсијата на бебето ќе биде направена во Белград, што било причината зошто телото сѐуште не било предадено на родителите. Жалителката и нејзиното семејство не знаеле зошто аутопсијата требало да се спроведе во Белград, што очигледно било отстапување од вообичаената пракса на МЦЧ.
12. Почнувајќи од 2001 година, и особено од 2002, српските медиуми почнале опширно да известуваат за бројни случаи кои биле слични на случајот на жалителката (види, на пример, , веб страницата беше посетена на 29 јануари 2013 година).
13. На 24 октомври 2002 година жалителката доставила барање до МЦЧ, во кое ги барала сите релевантни информации во врска со смртта на нејзиниот син.
14. На 12 ноември 2002 година жалителката била известена од страна на МЦЧ дека нејзиниот син починал на 31 октомври 1983 година, во 7.15 часот, и дека неговата смрт била опишана како “exitus non sigmata”, што значи смрт која настанала од непознати причини. МЦЧ тврдел дека немало други информации затоа што во меѓувреме неговата архива била поплавена и многу документи биле уништени.
15. На 22 ноември 2002 година, во одговор на барање на жалителката, општината Чуприја ја информирала дека раѓањето на нејзиниот син било заведено во матичните книги, но не и неговата смрт.
16. На 10 јануари 2003 година сопругот на жалителката (татко на детето) поднел кривична пријава до општинската канцеларија на Јавниот обвинител во Чуприја против лекарскиот персонал во МЦЧ, кои жалителката ги сметала за одговорни за „киднапирањето на нејзиниот син“.
17. На 15 октомври 2003 година општинската канцеларија на Јавниот обвинител во Чуприја ја отфрлила кривичната пријава како неоснована, затоа што „имало докази дека синот [на жалителката] починал на 31 октомври 1983 година“. Не било дадено друго образложение и немало индикации дали била спроведена прелиминарна истрага.
18. Во март 2004 година општината Чуприја ја потврдила содржината на нејзиниот допис од 22 ноември 2002 година.
19. На 29 април 2004 година МЦЧ испратил до жалителката документи од неговата евиденција во поддршка на неговиот допис од 12 ноември 2002 година.
20. На 19 септември 2007 година општината Чуприја потврдила дека смртта на синот на жалителката не била формално заведена во матичната евиденција.
21. На 28 декември 2007 година општината Чуприја ѝ доставила на жалителката копии од изводот од матична книга на родени, во одговор на нејзино претходно барање, заедно со копија од барањето на МЦЧ за заведување на раѓањето во матична евиденција.
22. Телото на синот на жалителката не ѝ било никогаш предадено на жалителката или нејзиното семејство. Исто така никогаш не им бил даден извештај од аутопсијата ниту пак биле известени за тоа кога и каде тој бил наводно погребан.
23. Помеѓу 12 јуни 2009 година и 20 јули 2011 година Клиничкиот центар во Крагујевац редовно ја лекувал жалителката, помеѓу останатото, од различни симптоми поврзани со депресија која потекнува од 1991 и особено во 2001 година.
Б. Други релевантни факти
1. Воведување на нови процедури
24. На состанок организиран од Министерството за здравство на 17 јуни 2003 година во врска со закопување на новороденчиња кои починале во болница било одлучено, помеѓу другото, дека телата можеле да им бидат предадени на родителите само ако тие потпишеле специјален формулар предвиден за таа намена.
25. Во одговор на конкретно барање испратено на 17 октомври 2003 година од страна на Јавното претпријатие за погребални услуги (JKP Pogrebne usluge), сите јавни здравствени установи во Белград се согласиле исто така, помеѓу другото, дека ќе применуваат процедура во која ќе се потпишува специјална изјава (a) од родителите, или други членови на семејството, во која кажуваат дека тие биле информирани за смртта од страна на болницата и дека тие самите ќе го организираат побрегот, или (б) од страна на правен субјект, или негов застапник, дека тие ќе го организираат погребот затоа што другите одбиле или не биле во состојба да го сторат тоа. Во отсуство на такви изјави, јавното погребално претпријатие ќе одбивало да ги земе телата од болниците.
2. Извештај на анкетната комисија од 14 јули 2006 година (Izveštaj o radu anketnog odbora obrazovanog radi utvrđivanja istine o novorođenoj deci nestaloj iz porodilišta u više gradova Srbije)
26. Во 2005 година стотици родители кои биле во иста ситуација како и жалителката, имено, оние чии новороденчиња „исчезнале“ после нивната наводна смрт во болнички одделенија, особено во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век побарале обештетување од српскиот Парламент.
27. На 14 јули 2006 година Парламентот формално усвоил извештај подготвен од анкетна комисија формирана за таа цел. Во тој извештај се заклучувало, помеѓу другото, дека (a) имало сериозни недостатоци во законот кој се применувал во релевантниот период и во процедурите пред различни државни органи и здравствени органи; (б) ситуацијата ги оправдувала сомневањата или загриженоста на родителите во однос на тоа што навистина се случило со нивните деца; (в) сега никаква кривична постапка не би била ефективна со оглед на важечките одредби за застареност (види параграф 34 подолу); и (г) затоа биле потребни заднички напори на сите владини тела, како и промени во релевантниот закон за да им се обезбеди на родителите соодветно обештетување.
3. Изјави дадени од страна на Претседателот на Парламентот
28. На 16 април 2010 година локалните медиуми известиле дека Претседателот на српскиот Парламент изјавил дека требало да се формира работна група во Парламентот за да се подготви нон закон со кој треба да се обезбеди обештетување на родителите на „исчезнатите бебиња“.
4. Извештај на Народниот правобранител од 29 јули 2010 година (Izveštaj zaštitnika građana o slučajevima tzv. “nestalih beba” sa preporukama)
29. После опширна истрага по ова прашање, Народниот правобранител заклучил, помеѓу другото, дека (a) во релевантниот период, не постоеле кохерентни процедури и/или законски правила во однос на тоа што треба да се преземе во ситуации кога новородено бебе ќе почине во болница; (б) лекарското мислење кое преовладувало било дека родителите треба да бидат поштедени од душевната болка предизвикана од погребување на нивните новородени бебиња, што било причина зошто било возможно на определени двојки намерно да не им се даде прилика да го сторат тоа самите; (в) ако имало извештаи од аутопсија, тие обично биле нецелосни, неконклузивни и со многу сомнителна точност; (г) затоа не можело да се исклучи дека бебињата за кои станува збор биле навистина незаконито одземени од нивните семејства; (д) во поново време, одговорот на Владата помеѓу 2006 и 2010 година бил неадекватен; и (ѓ) затоа родителите и натаму имале право да ја дознаат вистината за вистинската судбина на нивните деца, што можело да се постигне само со донесување на lex specialis.
5. Извештај за работата на работната група поднесен до Парламентот на 28 декември 2010 година (Izveštaj o radu radne grupe za izradu predloga zakona radi stvaranja formalno-pravnih uslova za postupanje nadležnih organa po prijavama o nestanku novorođene dece iz porodilišta)
30. Во одговор на наодите и препораките од извештајот на анкетната комисија од 14 јули 2006 година (види параграфи 26 и 27 погоре), била формирана работна група од страна на Парламентот на 5 мај 2010 година (види параграф 28 погоре). Нејзина задача била да ја оцени ситуацијата и да предложи соодветни измени на законодавството.
31. На 28 декември 2010 година работната група го доставила својот извештај до Парламентот. После детална анализа на актуелното, веќе изменето законодавство, во извештајот се заклучило дека не биле потребни измени освен во однос на собирањето и употребата на здравствени податоци, но, дека новиот закон во врска со ова прашање веќе бил во фаза на подготовка (nacrt Zakona o evidencijama u oblasti zdravstva). Работната група посебно воочила, помеѓу другото, дека член 34 од Уставот овозможувал продолжување на рокот за застареност на кривичното гонење за кривични дела извршени во минатото или, всушност, да се воведат нови, потешки, кривични дела и/или построги казни кои се применуваат на кривични дела извршени во минатото (види параграф 32 подолу). Постоечкиот Кривичен законик веќе предвидувал неколку кривични дела кои биле релевантни за ова прашање, а Законот за здравствена заштита воспоставувал детална процедура со која се спречувало новородените деца незаконито да бидат одземени од болничките одделенија (види параграфи 35 и 41 подолу).
II. РЕЛЕВАНТНО ДОМАШНО ПРАВО И ПРАКСА
A. Устав на Република Србија (Ustav Republike Srbije; објавен во Службен весник на Република Србија – СВ РС – бр. 98/06)
32. Член 34 од Уставот гласи:
„Никој не може да биде прогласен за виновен за дело кое, пред да биде извршено, со закон или друг пропис заснован на закон не било предвидено како казниво дело, ниту пак може да му се изрече казна која не била предвидена за тоа дело.
Казните се одредуваат во согласност со прописот кој важел во времето кога делото било извршено, освен кога поновиот пропис е поповолен за сторителот. Кривичните дела и кривичните санкции се утврдуваат со закон.“
Б. Кривичен закон на Социјалистичка Република Србија од 1977 година (Krivični zakon Socijalističke Republike Srbije; објавен во Службен весник на Социјалистичка Република Србија бр. 26/77, 28/77, 43/77 и 20/79)
33. Член 116 предвидува, помеѓу другото, дека на секој кој незаконито ќе лиши од слобода или одземе малолетно дете од неговите или нејзините родители, може да му биде изречена казна затвор во траење од една до десет години.
В. Кривичен закон на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 1976 година (Krivični zakon Socijalističke Federativne Republike Jugoslavije; објавен во Службен весник на Социјалистичка Федеративна Република Југославија – СВ СФРЈ – бр. 44/76, 36/77, 34/84, 37/84, 74/87, 57/89, 3/90, 38/90, 45/90 и 54/90, и во Службен весник на Федерална Република Југославија бр. 35/92, 16/93, 31/93, 37/93, 24/94 и 61/01, и во СВ РС бр. 39/03)
34. Член 95 и член 96 предвидувале, помеѓу другото, дека кривичното гонење за кривичните дела дефинирани во член 116 од Кривичниот закон на Социјалистичка Република Србија застарувало кога ќе поминеле повеќе од дваесет години од извршувањето на кривичното дело.
Г. Кривичен законик на Република Србија од 2005 година (Krivični zakonik; објавен во СВ РС бр. 85/05, 88/05, 107/05, 72/09 и 111/09)
35. Со членовите 191, 192, 388 и 389, различни облици на грабнување на дете и трговија со луѓе, вклучително и заради посвојување се дефинирани како кривични дела.
Д. Закон за облигациони односи (Zakon o obligacionim odnosima; објавен во СВ СФРЈ бр. 29/78, 39/85, 45/89, 57/89 и 31/93)
36. Член 199 и член 200 предвидуваат, помеѓу другото, дека секој кој претрпел страв, физичка болка или пак душевна болка како последица на повреда на неговите или нејзините „права на личноста“(prava ličnosti) има право, во зависност од нивното траење и интензитет, да тужи за паричен надомест пред граѓанските судови и, покрај тоа, да побара друга форма на обештетување „која може“ да понуди адекватно непарично задоволување.
37. Член 376, став 1 и став 2 предвидува дека тужба заснована на горенаведените одредби може да се поднесе во рок од три години од денот на кој оштетената страна дознала за конкретната штета и открила кое е лицето кое е одговорно за штетата, но, дека таква тужба во секој случај може да биде поднесена во рок од најмногу пет години од самиот настан.
38. Член 377, став 1 понатаму предвидува дека штетата за која станува збор била предизвикана како последица на извршување на кривично дело, граѓанскиот рок на застареност може да биде продолжен за да одговара на соодветните кривични одредби за застареност.
Ѓ. Релевантна домашна судска пракса
39. На 4 јуни 1998 година Врховниот суд (Рев. 251/98) одлучил дека граѓанските рокови за застареност во врска со различни облици на неметаријална штета (види параграфи 36-38 погоре) нема да почнат да течат сѐ додека трае ситуацијата која е предмет на тужба (kada su pojedini vidovi neimovinske štete dobili oblik konačnog stanja).
40. На 21 април 2004 година Врховниот суд (Рев. 229/04) понатаму одлучил дека во „права на личноста“ во смисла на Законот за облигациони односи спаѓало, помеѓу другото, и правото на почитување на семејниот живот.
Е. Закон за здравствена заштита (Zakon o zdravstvenoj zaštiti; објавен во СВ РС бр. 107/05, 72/09, 88/10 и 99/10)
41. Членовите 219-223 од тој Закон предвидуваат, помеѓу другото, детали во однос на утврдувањето на времето и причината за смртта на новороденче кое починало додека било сѐуште во болница. Поконкретно, болницата го известува семејството колку што е можно побрзо и им дава пристап до телото. Се спроведува аутопсија и биолошки примерок се чува за евентуална потреба во иднина. Полицијата се известува ако не била утврдена причина за смртта, а релевантните општински органи се известуваат во секој случај.
ПРАВО
I. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
42. Жалителката се повика на член 4, член 5 и член 8 од Конвенцијата. Сепак, во суштина таа се жалеше на континуираното пропуштање од страна на државата да ѝ даде било какви информации за она што навистина се случило со нејзиниот син. Жалителката понатаму се сомневаше дека, тој можеби е сѐуште жив, затоа што бил незаконито даден на посвојување.
43. Судот, којшто е слободен да даде правна квалификација на фактите на случајот за кој одлучува (види Akdeniz против Турција, бр. 25165/94, параграф, 31 мај 2005 година), смета дека овој жалбен навод треба да се испита од аспект на член 8 од Конвенцијата, којшто во делот кој е релевантен, гласи:
„1. Секој има право на почитување на неговиот ... семеен живот ...
2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.“
A. Допуштеност
1. Компатибилност ratione temporis
(a) Аргументи на странките
44. Владата тврдеше дека фактите „на кои се тврди е засновано наводното мешање“ се однесувале на период пред 3 март 2004 година, кој е датум на кој Конвенцијата влегла во сила во однос на Србија. Поконкретно, детето наводно ѝ било одземено на жалителката на 31 октомври 1983 година, а кривичната пријава поднесена од страна на нејзиниот сопруг била отфрлена на 15 октомври 2003 година, а била поднесена десет месеци пред тоа. Владата, на крај, тврдеше дека дури и наводното пропуштање на тужената држава да ја поправи спорната ситуација од 3 март 2004 година па натака, не можело да ја доведе жалбата на жалителката во рамките на надлежноста на Судот ratione temporis.
45. Жалителката истакна дека повредата за која станува збор била од континуиран карактер и дека таа исто така усно се жалела пред различни органи во текот на годините.
(б) Оцена на Судот
46. Судот повторува дека неговата временска надлежност се однесува само на периодот по ратификација на Конвенцијата или нејзините протоколи од страна на тужената држава. Од датумот на ратификација па натака, актите и пропуштањата на државата мора да се во согласност со Конвенцијата и нејзините протоколи, што значи дека сите факти кои настанале после тоа влегуваат во надлежност на Судот дури и кога се само продолжение на веќе постоечка ситуација (види, на пример, Yağcı и Sargın против Турција, 8 јуни 1995 година, параграф 40, Серија A бр. 319‑A, и Almeida Garrett, Mascarenhas Falcão и други против Португалија, бр. 29813/96 и 30229/96, параграф 43, ECHR 2000-I).
47. Судот понатаму забележува дека исчезнувањата се многу специфичен феномен, чија карактеристика е контиунирана ситуација на неизвесност и отсуство на одговорност во која нема информации или дошло дури и до намерно сокривање и манипулирање со информациите за она што се случило. Оваа ситуација често трае долго, со што се пролонгира страдањето на родителите или роднините на жртвата. Затоа, не може да се каже исчезнувањето е, само „моментален“ акт или настан; дополнителниот карактеристичен елемент, подоцнежното пропуштање да се даде објаснување за тоа каде се наоѓа и што се случило со исчезнатото лице создава континуирана ситуација. Затоа, позитивната обврска може да продолжи да постои сѐ додека не се даде објаснување за судбината на тоа лице. Таков ќе биде случајот дури и кога, на крај, се утврди смрт на лице за кое нема докази дека е умрено (види, иако во контекст на член 2 и член 3, Varnava и други против Турција [ГСC], бр. 16064/90, 16065/90, 16066/90, 16068/90, 16069/90, 16070/90, 16071/90, 16072/90 и 16073/90, параграф 148, ECHR 2009).
48. Навраќајќи се на овој случај, Судот воочува дека синот на жалителката наводно починал или исчезнал на 31 октомври 1983 година, додека пак Конвенцијата влезе во сила во однос на Србија на 3 март 2004 година. Сепак, наводното пропуштање на тужената држава да ѝ даде на жалителката конечни и/или веродостојни информации за судбината на нејзиниот син продолжува до денес. Во тие околности, Судот смета дека жалбениот навод на жалителката се однесува на континуирана ситуација (види, mutatis mutandis, Varnava и други против Турција [ГСC], цитиран погоре, параграфи 130-50, и, во контекст на член 8, Kurić и други против Словенија [ГСC],бр. 26828/06, параграфи 238 и 240-42, ECHR 2012 (извадоци)).
49. Затоа, приговорот на Владата дека Судот нема временска надлежност за овој случај мора да биде одбиен. Судот затоа е надлежен да го испита жалбениот навод на жалителката во делот во кој тој се однесува на наводното пропуштање од страна на тужената држава да ги исполни своите процедурални обврски од Конвенцијата почнувајќи од 3 март 2004 година. Сепак, Судот може да земе предвид факти кои настанале пред ратификација во оној обем во кој може да се смета дека тие создале континуирана ситуација која трае и после таа дата или може да бидат од значење за разбирање на фактите кои настанале после тоа (види, mutatis mutandis, Kurić и други, цитиран погоре, параграф 240).
2. Рокот од шест месеци
(a) Аргументи на странките
50. Владата изјави дека жалбениот навод на жалителката бил поднесен надвор од рокот затоа што таа дознала за исходот на нејзиниот кривичен предмет повеќе од четири година пред да ја поднесе жалбата. Затоа жалителката требало да ја поднесе нејзината жалба до Судот во рок од шест месеци по влегувањето во сила на Конвенцијата во однос на Србија, имено, од 3 март 2004 година. Иако било точно дека биле објавени различни официјални извештаи после таа дата, Владата истакна дека жалителката не можела „разумно да очекува“ дека било кој од тие извештаи ќе ѝ овоможи да иницира постапка којашто може да доведе до „решавање на нејзиниот случај“. Затоа не било возможно никакво „повторно заживување“ на обврските на тужената држава кои произлегуваат од Конвенцијата.
51. Жалителката кажа дека извештајот на анкетната комисија од 14 јули 2006 година и извештајот на Народниот правобранител од 29 јули 2010 година ѝ дале надеж дека, на крај сепак, може да добие обештетување и дека таа ја изгубила таа надеж дури на 28 декември 2010 година кога работната група го презентирала својот извештај пред Парламентот.
(б) Оцена на Судот
52. Целта на рокот од шест месеци од член 35, став 1 е да се промовира правна сигурност, со гарантирање дека случаите кои отвораат прашања по Конвенцијата се решаваат во разумен рок и дека одлуките кои се веќе донесени нема да бидат предмет на негова оцена без временско ограничување. Со тој член се обележуваат временските граници на надзорот кој го врши Судот и тој им го сигналира и на поединците и на државните органи периодот после кој надзорот повеќе не е возможен (види, помеѓу други прецеденти, Walker против Обединетото Кралство (одлука), бр. 34979/97, ECHR 2000‑I).
53. По правило, рокот од шест месеци почнува да тече од датумот на правосилност на одлуката донесена во процесот на искористување на домашните правни лекови. Сепак, кога уште од самиот почеток е јасно дека на жалителот не му е достапен ефикасен правен лек, тој рок почнува да тече од датумот на актите или мерките кои се предмет на жалба, или од денот на дознавање за тој акт или неговите последици или за штетното влијание врз жалителот (види Dennis и други против Обединетото Кралство (одлука), бр. 76573/01, 2 јули 2002 година).
54. Сепак, Судот има кажано дека рокот од шест месеци не се применува како таков на континуирани ситуации (види, на пример, Agrotexim Hellas S.A. и други против Грција, бр. 14807/89, одлука на Комисијата од 12 февруари 1992 година, DR 72, стр. 148, Cone против Романија, бр. 35935/02, параграф 22, 24 јуни 2008 година); тоа е така затоа што, ако има ситуација на континуирана повреда, временскиот рок почнува да тече одново секој ден и само кога ситуацијата ќе престане да постои, крајниот рок од шест месеци ќе истече до крај.
55. Сепак, не се сите континуирани ситуации исти. Што се однесува на исчезнувањето, жалителите не можат до недоглед да чекаат пред да ја поднесат нивната жалба до Судот. Кога има состојба на незнаење и несигурност, и по дефиниција, пропуштање да се објасни што се случило, дури и само да изгледа дека има намерно сокривање и попречување од страна на државните органи, уште потешко е за роднините на исчезнатите да оценат што се случува, или што може да очекуваат дека ќе се случи. Треба да се направи простор за да се земат предвид несигурноста и конфузијата кои често го обележуваат периодот после исчезнувањето. Сепак, жалбите може да бидат ненавремени кога има преголемо или необјаснето одолговлекување од страна на жалителите откако тие дознале, или требале да дознаат, дека не била отворена истрага или дека истрагата застанала или станала неефикасна и, во секој од тие случаи, нема непосредни, реални изгледи дека ќе биде обезбедена ефикасна истрага во иднина. Кога се преземени иницијативи во врска со ситуација на исчезнување, жалителите можат разумно да чекаат на развој на настаните со кој може да се разрешат клучни фактички или правни прашања. Всушност, сѐ додека има некаков значаен контакт помеѓу семејствата и надлежните органи во врска со жалби и барања за информации, или некаква индикација, или реална можност, за напредок на истражните мерки, генерално нема да дојде до согледување на непотребно одолговлекување. Сепак, кога поминало подолго време, и имало значително одолговлекување и периоди на неактивност на истрагата, ќе дојде момент во кој роднините мора да сфатат дека немало или нема да биде обезбедена ефикасна истрага (види Varnava и други против Турција [ГСC], цитиран погоре, параграфи 162 и 165).
56. Навраќајќи се на овој случај, Судот воочува дека на 14 јули 2006 година српскиот Парламент официјално усвоил извештај на негова анектна комисија. Во извештајот, помеѓу другото, имало препорака дека е потребен здружен напор на сите владини тела, како и промени во релевантниот закон, кога е тоа потребно со цел на родителите да им се обезбеди адекватно обештетување (види параграф 27 (г) погоре). На 16 април 2010 година локалните медиуми известиле дека Претседателот на Парламентот изјавил дека требало наскоро да се формира работна група со цел да се подготви нов закон со цел да им се даде обештетување на родителите на „исчезнатите бебиња“ (види параграф 28 погоре). На крај, во неговиот извештај од 29 јули 2010 година, српскиот Народен правобранител сметал дека родителите и натаму имале право да ја дознаат вистината во врска со вистинската судбина на нивните деца, и предложил донесување на lex specialis во тој поглед (види параграф 29(ѓ), погоре).
57. Во такви, навистина многу специфични околности и покрај времето кое поминало вкупно земено, не може да се каже дека жалителката била неразумна во чекањето на исходот од настаните кои би можеле „да разрешат клучни фактички или правни прашања“ во врска со нејзиниот жалбен навод, барем не до презенатацијата на извештајот на работната група на 28 декември 2010 година кога станало очигледно дека нема да има обештетување (види параграфи 30 и 31 погоре). Со оглед на тоа што жалбата во овој случај беше поднесена на 22 април 2008 година, приговорот на Владата мора да биде отфрлен.
3. Искористување на домашни правни лекови
(a) Аргументи на странките
58. Владата истакна дека жалителката практично не направила никакви напори да ги искористи домашните правни лекови. Поконкретно, нејзиниот сопруг бил тој кој поднел кривична пријава, а таа, лично, не поднела граѓанска тужба согласно член 199 и член 200 од Законот за облигациони односи, како што е толкуван и применет во судската пракса на Врховниот суд опишана во параграфите 36-40 погоре. Владата понатаму достави три пресуди на Врховниот суд во кои на тужителите им бил доделен надомест за штета претрпена како последица на лекарски грешки и неправилно постапување на полицијата, и една одлука со која се укинува одлука на окружен суд донесена исто така во контекст на случај на неправилно постапување на полицијата (види Рев.бр. 1118/03, 807/05 и 51/07 oд 10 април 2003 година, 1 декември 2005 година и 13 март 2007, соодветно). Во секој случај, и во принцип, Владата сметаше дека е неразумно држава договорничка да биде должна да обезбеди ефективно обештетување на жалители во случаи во кои наводната повреда на нивните права настанала пред таа да ја ратификува Конвенцијата.
59. Жалителката тврдеше дека кривичната пријава поднесена од нејзиниот сопруг јасно содржела и нејзина пријава за истите настани затоа што целиот случај се однесувал на исчезнувањето на нивното дете. Точно било дека пријавата била поднесена во 2003 година, но жалителката не можела да добие било какви докази или да очекува било какво обештетување пред тоа. Едноставно кажано, „прашањето на исчезнати бебиња“ било табу тема сѐ до 2001 година, кога засегнатите родители почнале самите да се организираат, медиумите почнале опширно да известуваат за тоа прашање, па дури и Парламентот дебатирал за прашањето на своите пленарни седници. Според неа, исто така требало да се воочи дека, во меѓувреме, стапиле на сила роковите за застареност од граѓанскиот и кривичниот закон.
(б) Оцена на Судот
60. Судот повторува дека, според член 35, став 1 од Конвенцијата, тој може да разгледува жалба само откако сите домашни правни лекови биле искористени. Намената на член 35 е да им овозможи прилика на државите договорнички да ги спречат или исправат повредите кои се тврди дека тие ги направиле пред тие наводи да бидат поднесени до Судот (види, на пример, Mifsud против Франција (одлука) [ГСC], бр. 57220/00, параграф 15, ECHR 2002-VIII). Обврската да се искористат домашните правни лекови наложува жалителот да ги употреби правните лекови кои се ефикасни, доволни и достапни во врска со неговите жалбени наводи засновани на Конвенцијата. За да биде ефикасен, правниот лек мора да може директно да ја поправи состојбата која е предмет на жалба (види Ringeisen против Австрија, 16 јули 1971 година, параграф 89, Серија A бр. 13).
61. Во смисла на товарот на докажување, Владата која тврди дека не биле искористени правните лекови е таа која треба да го убеди Судот дека правниот лек бил ефикасен, дека бил достапен теоретски и во пракса во релевантниот период (види, помеѓу другото, Vernillo против Франција, 20 февруари 1991 година, параграф 27, Серија A бр. 198, и Dalia против Франција, 19 февруари 1998 година, параграф 38, Збирки на пресуди и одлуки 1998-I). Штом тој товар на докажување е исполнет, на жалителот е да докаже дека правниот лек кој го истакнала Владата всушност бил искористен, или од некоја причина бил неадекватен или неефикасен во конкретните околности на случајот, или дека имало специјални околности кои го ослободувале жалителот од таа обврска (види Dankevich против Украина,бр. 40679/98, параграф 107, 29 април 2003 година).
62. Шт се однесува на овој случај, Судот воочува дека сопругот на жалителката навистина поднел кривична пријава во негово и во име на жалителката затоа што инцидентот се однесувал на истиот настан кој бил подеднакво важен и за двајцата. Таа пријава била отфрлена од страна на канеларијата на Јавниот обвинител, без било каква индикација дали била спроведена прелиминарна истрага (види параграф 17 погоре). Понатаму, била каква кривична постапка не би била успешна затоа што кривичното гонење застарило до октомври 2003 година, најкасно, и затоа не би можела да обезбеди обештетување после тоа (види параграфи 27 (в) и 34 погоре).
63. Во врска со граѓанската тужба, Судот смета дека овој правен лек не би можел да ја поправи состојбата која е предмет на жалба. Во најдобар случај, граѓанските судови би можеле да утврдат повреда на „правата на личноста“ на жалителката и да доделат надомест за нематеријална штета. Тие исто така, би можеле да наредат други форми на обештетување кои „би можеле“ да обезбедат нематеријално задоволување. Сепак, ниту една од тие мерки не би можела ефикасно да одговори на основната жалба на жалителката, којашто била потребата за информации во врска со „она што навистина му се случило на нејзиниот син“. Владата не понуди докази кои го докажуваат спротивното. На крај, Судот воочува дека ниту Парламентот ниту Народниот правобранител не одговориле на ова прашање во нивните извештаи. Ако ништо друго, тие препорачувајќи донесување на lex specialis се чини дека всушност сугерираат дека ниту еден постоечки правен лек, вклучително и споменатата граѓанска тужба, не бил ефикасен (види параграфи 27 (г), 28 и 29 (ѓ), погоре).
64. Затоа приговорот на Владата за неискористување на домашните правни лекови мора да биде отфрлен.
4. Заклучок
65. Судот воочува дека жалбениот навод на жалителката не е очигледно неоснован во смисла на член 35, став 3 (a) oд Конвенцијата. Тој навод не е исто така недопуштен по било кој друг основ, и затоа мора да се прогласи за допуштен.
Б. Основаност
1. Аргументи на странките
66. Жалителката го повтори нејзиниот жалбен навод за континуираното пропуштање од страна на тужената држава да ѝ даде информации за она што навистина му се случило на нејзиниот син. Таа додаде дека ако нејзиниот син починал, како што тврдел МЦЧ, центарот требало да ја пријави неговата смрт до надлежните општински органи, да го покаже телото на родителите и да им го достави извештајот од аутопсијата.
67. Владата истакна дека Владата не можела да биде повикана на одговорност за повреда на правата на жалителката затоа што наводното исчезнување на нејзиниот син се случило во здравствена установа, а не во државен орган. Исто така немало докази дека детето на жалителката било навистина незаконски грабнато. Иако можеби имало определени процедурални пропусти на МЦЧ во 1983 година, жалителката не употребила било какви домашни правни лекови, и покрај тоа што тие лекови можеле да ѝ обезбедат обештетување за претрпената штета. Исто така ова прашање било повеќе пати анализирано на домашно ниво и домашната законска рамка и пракса биле изменети со цел да се понудат адекватни гаранции. Сепак, било какви измени на кривичниот закон, по дефиниција, не можеле да се применат во ситуацијата на жалителката, којашто се случила многу години претходно (види параграфи 24, 25 и 31 погоре).
2. Оцена на Судот
68. За родителот и детето заедничкото поминувањето на времето претставува фундаментален елемент на „семејниот живот“ во смисла на член 8 од Конвенцијата (види, помеѓу многу други прецеденти, Monory против Романија и Унгарија, бр. 71099/01, параграф 70, 5 април 2005 година).
69. Суштинската намена на член 8 е да го заштити поединецот од арбитрерно мешање на државните органи. Сепак, може да постојат дополнителни позитивни обврски кои се неделиви од оваа одредба и кои се однесуваат, помеѓу другото, на ефикасноста на било какви истражни постапки поврзани со семејниот живот на личноста (види, mutatis mutandis и во контекст на „приватен живот“, M.C. против Бугарија, бр. 39272/98, параграфи 152 и 153, ECHR 2003‑XII).
70. Во пресудата во Varnava (цитирана погоре) Големиот судски совет, иако во контекст на член 3, одлучил на следниот начин:
„200. Феноменот исчезнување им наметнува посебен товар на блиските на исчезнатите лице кои се држат во незнаење за судбината на нивните сакани и страдаат од болка поради неизвесноста ... Суштината на повредата не е дека имало сериозна повреда на човековите права на исчезнатото лице; таа повреда е во реакциите и ставот на надлежните органи штом тие дознале за таа ситуација ... Во други релевантни фактори спаѓаат ... степенот во кој членот на семејството сведочел на настаните за кои станува збор, инволвираноста на членот на семејството во обидите да се добијат информации за исчезнатото лице ... Утврдувањето на таква повреда не е ограничено само на случаи во кои тужената држава се смета за одговорна за исчезнувањето ...туку и ситуацијата во која пропуштањето на надлежните органи да одговорат на барањето на информации од страна на роднините или на пречките со кои тие се соочиле, оставајќи ги да го носат товарот на напорите за да откријат било какви факти, може да се смета дека открива флагрантно, континуирано и бесчувствително непочитување на обврската да дадат информации за тоа каде се наоѓа исчезнатото лице и што се случило со него.“
Судот смета дека овие согледувања генерално се применливи, mutatis mutandis, на многу специфичниот контекст на позитивните обврски од член 8 во овој случај.
71. Имајќи го тоа во обзир и свртувајќи се кон овој случај, Судот воочува дека телото на синот на жалителката не ѝ било никогаш предадено неа или на нејзиното семејство, и дека никогаш не била утврдена причината за смртта (види параграфи 22 и 14 погоре, и тоа по тој редослед). Понатаму, на жалителката никогаш не ѝ бил даден извештај од аутопсија ниту пак била информирана кога и каде нејзиниот син бил наводно погребан, а неговата смрт не била никогаш заведена во официјалната евиденција (види параграфи 22 и 15 погоре, и тоа по тој редослед). Исто така се чини дека кривичната пријава поднесена од нејзиниот сопруг била отфрлена без да биде соодветно разгледана (види параграф 17 погоре), a самата жалителка сѐуште нема веродостојни информации за тоа што му се случило на нејзиниот син.
72. Понатаму, Судот забележува дека и самите органи на тужената држава потврдиле, во повеќе наврати после ратификацијата на Конвенцијата од страна на Србија, дека (a) во осумдесеттите години на минатиот век имало сериозни недостатоци во законот кој тогаш важел и во процедурите пред повеќе државни органи и здравствени установи; (б) немало кохерентни законски правила за тоа што треба да се преземе во ситуација во која новороденче ќе почине во болница; (в) мислењето на лекарите кое во тоа време преовладувало било дека родителите треба да бидат поштедени од душевната болка предизвикана со тоа што мора да го погребаат нивното новородено бебе, што било причина поради која било возможно на определени двојки да им биде намерно одземена можноста тоа да го сторат самите; (д) оваа ситуација ги оправдувала сомнежите или грижата на родителите за тоа што навистина се случило со нивните деца, затоа не можело да се исклучи дека бебињата за кои станува збор биле навистина незаконито одземени од нивните семејства; (ѓ) преземените мерки од страна на тужената држава помеѓу 2006 и 2010 биле неадекватни; и (е) затоа родителите и натаму имаат право да ја дознаат вистината за она што навистина им се случило на нивните деца (види параграф 26-29 погоре).
73. На крај, и покрај неколку официјални иницијативи помеѓу 2003 и 2010 година кои навидум ветувале резултати преземени, во извештајот на работната група поднесен до српскиот Парламент на 28 декември 2010 година било заклучено дека не биле потребни измени на постоечкиот, веќе изменет закон, освен во однос на собирањето и употребата на здравствени податоци. Во овие околности, јасно е дека со тоа се подобрила ситуација само за во иднина, и практично не им се понудило ништо на тие родители, вклучувајќи ја и жалителката, кои го издржале тоа страдање во минатото (види параграф 30 и 31 погоре).
74. Согледувањата дадени погоре се доволни за да му овозможат на Судот да заклучи дека жалителката претрпела континуирана повреда на правото на почитување на нејзиниот семеен живот поради континуираното пропуштање од страна на тужената држава да ѝ даде веродостојни информации во врска со она што се случило со нејзиниот син.
75. Затоа имало повреда на член 8 од Конвенцијата.
II. НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕН 13 ВО ВРСКА СО ЧЛЕН 8 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
76. Жалителката исто така се жалеше, по член 13 од Конвенцијата, на континуираното пропуштање на тужената држава да ѝ обезбеди било какво обештетување за континуираната повреда на нејзиниот „семеен живот“.
77. Владата ја оспори основаноста на овој жалбен навод (види параграф 58 погоре).
78. Судот смета дека овој жалбен навод треба да биде разгледан по член 13 во врска со член 8 од Конвенцијата.
79. Член 13 гласи:
“Секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се повредени има право на ефикасен правен лек пред националните органи, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
80. Со оглед на тоа дека жалбениот навод на жалителката заснован на член 13 е практично ист како нејзиниот навод по член 8, и со оглед на неговиот заклучок во врска со тој член (види, посебно, параграф 73 погоре), Судот го прогласува жалбениот навод по член 13 за допуштен, но смета дека тој не треба да биде мериторно разгледуван.
III. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 41 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
81. Член 41 од Конвенцијата предвидува:
„Ако Судот оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи, и ако внатрешното право на заинтересираната Висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот и дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување.“
A. Штета
82. Жалителката побара 50,000 евра (ЕУР) за надомест на нематеријална штета.
83. Владата го оспори тоа барање.
84. Судот смета дека жалителката со сигурност претрпела определена нематеријална штета. Со оглед на карактерот на утврдената повреда во овој случај и правејќи ја својата проценка на правична основа, Судот ѝ доделува 10,000 евра по овој основ.
Б. Трошоци и издатоци
85. Жалителката исто така побара 2,750 евра за трошоци и издатоци од постапката пред Судот.
86. Владата го оспори тоа барање..
87. Според судската пракса на Судот, жалителот има право да му бидат надоместени трошоци и издатоци само во обем во кој било докажано дека тие биле навистина и со потреба направени и ако тие биле со разумен износ. Во овој случај, со оглед на документите со кои Судот располага како и горните критериуми, како и фактот дека на жалителката ѝ беа доделени 850 евра согласно системот на правна помош на Советот на Европа, Судот смета дека е разумно да ѝ додели износ од 1,800 евра за трошоците од постапката која се водеше пред него.
В. Затезна камата
88. Судот смета дека е соодветно затезната камата да биде заснована на најниската каматна стапка на Европската централна банка, на што треба да бидат додадени три процентни поени.
IV. ПРИМЕНА НА ЧЛЕН 46 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
89. Член 46 од Конвенцијата предвидува:
“1. Високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.
2. Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто врши надзор над нејзиното извршување.“
90. Со оглед на овие одредби, следува, помеѓу другото, дека пресуда во којашто Судот ќе утврди повреда ѝ наметнува на тужената држава правна обврска не само да исплати износ на пари кој евентуално бил доделен како правично задоволување, туку исто така да изберат, под надзор на Комитетот на министри, генерални и/или индвидуални мерки кои треба да се усвојат во домашниот правен поредок за да се стави крај на повредата која ја утврдил Судот, и да ги отстранат, колку што е тоа возможно, последиците од таа повреда (види Scozzari и Giunta против Италија [ГСC],бр. 39221/98 и 41963/98, параграф 249, ECHR 2000-VIII).
91. Во врска со тоа жалителката побара на тужената држава да ѝ биде наредено да го измени своето законодавство за да ги зголеми казните за релевантните кривични дела, да го продолжи рокот на застаренот и, потоа, да ја повтори кривичната постапка во нејзиниот случај.
92. Со оглед на тоа што беше кажано погоре, како и на големиот број на потенцијални жалители, тужената држава мора, во рок од една година од датумот на кој оваа пресуда ќе стане правосилна во согласност со член 44, став 2 од Конвенцијата, да преземе соодветни мерки, пожелно со донесување на lex specialis (види го извештајот на Народниот правобранител од 29 јули 2010 година во параграф 29 погоре), за да гарантира воведување на механизам чија цел ќе биде обезбедување на поединечно обештетување на сите родители кои се во иста ситуација, или ситуација која е во доволна мерка слична на ситуацијата во која е жалителката (види параграф 26 погоре). Тој механизам треба да биде под надзор на независно тело, со адекватни надлежности, кој би можел да обезбеди веродостојни одговори во врска со судбината на секое дете и да додели соодветен надомест кога тоа е соодветно.
93. Што се однесува на сите слични жалби кои се поднесени до него, Судот одлучува во споменатиот период да го одложи одлучувањето по тие жалби. Оваа одлука не влијае врз овластувањето на Судот во било кој момент да прогласи некој случај за недопуштен или да го избрише од листата на предмети во согласност со Конвенцијата.
ОД ТИЕ ПРИЧИНИ, СУДОТ ЕДНОГЛАСНО
1. Ја прогласува жалбата за допуштена;
2. Одлучува дека имало повреда на член 8 од Конвенцијата;
3. Одлучува дека не е потребно посебно да го разгледа жалбениот навод по член 13;
4. Одлучува
(a) дека тужената држава треба во рок од три месеци од датумот на која оваа пресуда ќе стане правосилна во согласност со член 44, став 2 од Конвенцијата, да ѝ ги плати на жалителката следните износи, кои треба да се конвертираат во српски динари по курс кој важи на денот на исплата:
(i) ЕУР 10,000 (десет илјади евра), плус секој данок кој може да биде пресметан на тој износ, за нематеријална штета;
(ii) ЕУР 1,800 (илјада и осумстотини евра), плус секој данок кој на тој износ може да ѝ биде пресметан на жалителката, за трошоци и издатоци;
(б) дека по истек на гореспоменатите три месеци до исплата, ќе се пресметува камата на горните износи по стапка која е еднаква на најниската каматна стапка на Европската централна банка во текот на односниот период плус три процентни поени;
5. Го одбива останатиот дел од барањето на жалителката за правично задоволување;
6. Одлучува дека тужената држава мора, во рок од една година од датумот на кој оваа пресуда ќе стане правосилна во согласност со член 44, став 2 од Конвенцијата, да преземе соодветни мерки за воведување на механизам чија цел ќе биде обезбедување на поединечно обештетување на сите родители кои се во иста ситуација, или ситуација која е во доволна мерка слична на ситуацијата во која е жалителката (види параграф 92 од пресудата);
7. Одлучува да го одложи, за една година од датумот на кој оваа пресуда ќе стане правосилна, одлучувањето по сите слични жалби кои се веќе поднесени пред Судот, без влијание врз овластувањето на Судот во било кој момент да прогласи некој случај за недопуштен или да го избрише од листата на предмети во согласност со Конвенцијата.
Изработена на англиски јазик, и доставена во писмена форма на 26 март 2013 година, врз основа на правило 77, став 2 и став 3 од Правилата на Судот.
Françoise Elens-PassosGuido Raimondi
Заменик секретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy