© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Информативна белешка за судската пракса на Судот бр.128
март 2010
Demopoulos and Others v. Turkey - 46113/99
Решение 1.3.2010 [GC]
Член 35
Член 35-1
Исцрпување на домашните правни лекови
Делотворни домашни правни лекови
Пропуст да се бара обештетување од Комисијата за недвижен имот според Законот бр. 67/2005 во врска со лишување од имот во северен Кипар во 1974 година: недопуштено
Факти – Апликантите, кои се државјани на Кипар и по потекло се кипарски Грци, меѓу другото се пожалиле дека биле лишени од правото да го користат својот имот и/или од пристап до нивните домови во северен Кипар откако територијата во 1974 година потпаднала под контрола на „Турската Република Северен Кипар“ („ТРСК“). Турската влада ги оспорила нивните жалби, особено врз основа на неисцрпување на домашните правни лекови од страна апликантите, поточно, оние лекови предвидени со Законот бр. 67/2005.
Властите на „ТРСК“ го донесоа Законот бр. 67/2005 како одговор на пресудата на Судот во пилот – предметот Xenides-Arestis v. Turkey (бр. 46347/99, 22 декември 2005 година, Информативна белешка бр. 81), со која беше побарано од Турција да воведе правен лек со кој ќе се обезбеди вистински ефикасно обештетување за повреди на правото на сопственост во рамките на територијата. Со пресудата беше утврдено основање на тело познато како Комисија за недвижен имот (International Property Commission, IPC), која ќе има овластувања да наложи враќање или замена на имот или плаќање на надоместок. Од тужителите се бара да достават имотни листови или друг доказ за сопственост. Правото на жалба против одлуките на IPC се остварува преку Високиот управен суд на „ТРСК“. Во ноември 2009 година, бројот на предметите што биле поднесени пред IPC изнесуваше 433. Од нив 85 се завршени, во поголем дел преку пријателско спогодување. Во повеќе од 70 случаи е доделен надоместок. Враќање на имот е наложено во 4 случаи, а замена на имот е договорена во 2 случаи.
Право – Член 1 од Протоколот бр. 1: Апликантите тврдат дека од нив не било побарано да ги исцрпат правните лекови преку IPC бидејќи, како прво, тоа барање не треба да се однесува на нив и, како второ, правните лекови, во секој случај, не се ефикасни.
(а) – Применливост на барањето за исцрпување на правните лекови преку IPC во однос на апликантите – првото прашање е хронолошко: дали од апликантите било побарано да исцрпат правен лек кој е донесен откако тие ги поднеле своите апликации? Сметајќи дека било побарано, Судот утврди дека предметот на апликантите потпаѓа во рамките на исклучоците од правилото дека датумот на кој апликацијата е поднесена претставува референтна точка за утврдување дали се исцрпени домашните правни лекови, од причина што правните лекови донесени со Законот бр. 67/2005 се посебно воведени заради решавање по жалби во слични предмети, кои се во постапка на решавање пред Судот. Судот потоа го одби како невистинито тврдењето дека, со оглед дека Законот бр. 67/2005 бил воведен од страна на властите на „ТРСК“, тој не претставува дел од турското домашно право. Тој понатаму заклучи дека фактот што Европската Комисија за човекови права во меѓудржавен предмет утврдила управна пракса на постојани повреди на правата на сопственост на кипарски Грци во „ТРСК“, не ги ослободува апликантите од барањето да се исцрпат правните лекови: состојбата е подобрена (како со воведувањето на новиот закон, така и со поповолната политичка клима) и на владите треба да им биде оставена отворена можност да преземаат чекори за елиминирање на некоја управна пракса. Исто така, Судот го одби аргументот дека барањето за исцрпување на правните лекови би довело до легитимирање на незаконската окупација. Во очекување на разрешување на меѓународните димензии на состојбата, од огромно значење е лицата да продолжат секојдневно да добиваат заштита на своите права. Правото на индивидуална претставка во согласност со Конвенцијата не претставува замена за функционален судски систем и рамка за спроведување на кривичното и на граѓанското право. Јасно е дека соодветно домашно тело, со пристап до предметните имоти, регистарските книги и евиденцијата претставува посоодветен форум за одлучување по сложените прашања на сопственост на имот, процена и на финансиско обештетување. Дури апликантите и да не живеат под контрола на „ТРСК“, правилото на исцрпување на правните лекови важи во однос на нив доколку е достапен важечки правен лек. Тој заклучок во ниту еден случај не го става под сомневање ставот на меѓународната заедница во однос на основањето на „ТРСК“ или фактот дека Владата на Република Кипар останува исклучива легитимна влада. Исто така, тој не се сведува на индиректно легитимизирање на еден режим кој е незаконски според меѓународното право. Согласно тоа, правните лекови достапни во „ТРСК“, а особено постапката пред IPC, можат да се сметаат за „домашни правни лекови“ и не е утврдена никаква основа за изземање.
(б) Ефективност на предложениот правен лек – Ефективноста на правниот лек пред IPC е оспорувана по неколку основи, вклучувајќи ги и природата на обештетувањето што таа го нуди, наводното отсуство на независност и непристрасност, соодветноста на нивото на компензација и наводната непристапност и неефикасност.
(i) Природа на обештетувањето: Судот ја отфрли сугестијата дека IPC претставува измама или параван. Позицијата на меѓународното право и наодите на Судот се прифатени од страна на интерните власти на „ТРСК“, особено од страна на Уставниот суд на „ТРСК“, кој инсистирал на толкувањето на законодавството за да им се овозможи на сопствениците кои се кипарски Грци да го вратат имотот или да добијат надоместок. Покрај тоа, владата на Турција повеќе не ја оспорува својата одговорност според Конвенцијата за подрачја кои се под контрола на „ТРСК“, и всушност, го признава правото на кипарските Грци на правни лекови во однос на повреди на нивните права според член 1 од Протоколот бр. 1. Во секој случај, не постои основа да се заклучи дека соодветноста на правниот лек е загрозена поради отсуство на формални индикации за незаконитост или за повреда на правата.
Што се однесува до критиката за наводно прекумерно рестриктивниот пристап за враќање на имоти на сопственици кои се кипарски Грци, Судот повторува дека доколку не е можно restitutio in integrum, земјите-членки имаат алтернатива да платат надомест, дури и во случаи на очигледно незаконска и флагрантна експропријација. Никаква разлика во принципот не се јавува кога незаконитоста е на меѓународно ниво. Имот е материјална стока која може да се процени и да се надомести со пари. Исто така, за прифатлива форма на обештетување може да се смета замената на имоти. Околу триесет и пет години по настанот, би се ризикувало Судот да стане арбитрарен или непромислен ако се обиде да ѝ наметне обврска на тужената држава да изврши враќање на имот во сите случаи, или во сите случаи освен во оние каде не постои материјална можност, без притоа да ги земе предвид другите факти, особено позицијата на трети страни. Судот нема задача да им наметнува безусловни обврски на владите да преземат присилно иселување и повторно населување на потенцијално голем број мажи, жени и деца дури и ако целта е одбрана на правата на жртвите на повреди на Конвенцијата. Судот мора да им го остави изборот за примена на мерка за обештетување поради повреди на правата на сопственост на државите – потписнички на конвенцијата, кои се во најдобра позиција да ги оценат практичноста, приоритетите и спротивставените интереси на домашно ниво дури и во ситуација како онаа која се однесува на северен Кипар. Според тоа, не се јавува никаков проблем во однос на оспорената дискрециона природа на овластувањата за враќање на имотите според Законот бр. 67/2005.
(ii) Независност и непристрасност: IPC е составена од пет до седум членови, вклучувајќи и два независни меѓународни члена. Правилата што се применуваат за назначување, раскинување и за условите за вработување се слични на оние кои се применуваат за повисоките функции во правосудството на „ТРСК“. Лицата кои окупираат имот на кипарските Грци веднаш се исклучуваат од членство. Судот не е убеден дека незаконската природа на режимот во согласност со меѓународното право, постојаното присуство на турскиот воен персонал или овластувањата на претседателот на „ТРСК“ за именување влијаеле на субјективната или на објективната непристрасност или на независноста на членовите на IPC.
(iii) Нивоа на надоместок: Во однос на квантумот, Судот не е убеден во доказите кои му беа презентирани дека износите доделени според Законот бр. 67/2005 автоматски не го исполнуваат она што би можело да се смета за разумно обештетување.
(iv) Пристапност и ефикасност: Судот наведува дека иако од тужителите се бара да ја докажат својата сопственост или титулар надвор од секакво сомневање, на формулацијата на стандардите за презентирање докази во домашното право не смее да се гледа одвоено од нивната примена во практика и не е очигледно дека овој елемент води до тоа значителен број барања да бидат одбиени. Барањето тужителите да обезбедат имотен лист или доказ за сопственост, дури и да е макотрпно во некои случаи, се чини, е неопходно и неизбежно. Судот ја зеде предвид и буџетската одредба во Законот бр. 67/2005 за плаќање на обештетувањето и на гаранциите кои им се даваат на тужителите и на претставниците во однос на пристапот до и од северното подрачје. Сè на сè, Судот не смета дека процедурата пред IPC е прекумерно бавна, макотрпна или непристапна или дека жалбите на апликантите во однос на различни процедурални прашања се оправдани. Исто така, Судот не утврди постоење тврдења дека бил вршен прекумерен притисок врз тужителите за да се спогодат. Во секој случај, доколку некој од апликантите смета дека постои материјална неправда или процедурална неправилност, може да поднесе жалба до Високиот управен суд на „ТРСК“.
Согласно ова, Законот бр. 67/2005 овозможува пристапна и делотворна рамка за обештетување по жалби за пречки во однос на имотите во сопственост на кипарски Грци. Со оглед дека апликантите не го искористиле тој механизам, нивните жалби според член 1 од Протоколот бр. 1 морале да бидат отфрлени по основ на неисцрпени домашни правни лекови.
Заклучок: недопуштено (неисцрпување на домашните правни лекови).
Член 8: Законот бр. 67/2005, исто така, им овозможува на тужителите кои поседуваат имот да поднесат жалба до IPC за нематеријална штета, што е доволно широка категорија за да ги опфати аспектите на каква било загуба на правото на дом. Според тоа, жалбите според член 8 на апликантите кои поседуваат имот, исто така, потпаѓаат под неисцрпување на домашните правни лекови со оглед дека тие не поднеле такви жалби до IPC.
Заклучок: недопуштено (неисцрпување на домашните правни лекови).
Една апликантка е ослободена од барањето за исцрпување на домашните лекови бидејќи не поднела барање за имот и според тоа, нема реални изгледи да поднесе барање до IPC. Меѓутоа, врз основа на фактите, нејзината жалба дека ѝ е негиран пристапот до нејзиниот дом, очигледно, била неоснована бидејќи таа речиси целиот свој живот живее на друго место. Фактот дека таа во иднина може да наследи дел од титуларот на сопственост претставува хипотетички и шпекулативен елемент, а не конкретна врска. Според тоа, во моментов не постои никаква пречка во однос на нејзиното право на почитување на нејзиниот дом.
Заклучок: недопуштено (очигледно неосновано).
На овој линк може да се најдат Case-Law Information Notes
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2012
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
Full & Egal Universal Law Academy