Прв оддел
Одлука
ЗА ДОПУШТЕНОСТА
На жалбата бр. 25551/05
поднесена од Владимир Петрович КОРОЛЕВ
против Русија
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Европскиот суд за човекови права (прв оддел) заседавајќи на 1 јули 2010 година во совет составен од:
Кристос Розакис (Christos Rozakis), претседател,
Анатолу Ковлер (Anatoly Kovler),
Елизабет Стајнер (Elisabeth Steiner) ,
Дин Спилман (Dean Spielmann)
Свер Ерик Јебенс (Sverre Erik Jebens),
Џорџо Малинверни (Giorgio Malinverni),
Јорго Николау (George Nicolaou), судии,
и Сорен Нилсен (Søren Nielsen), секретар на одделот ,
Имајќи ја предвид горенаведената жалба вложена на 27 јули 2004 година
По расправата по истата, одлучи како што следува:
ФАКТИ
Жалителот, г-дин Владимир Петрович Королев (Vladimir Petrovitch Korolev) е руски државјанин роден во 1954 г. и живее во Оренбург (Руска федерација).
Околностите на случајот
Околностите на случајот, онака како што беа претставени од жалителот можат да се сумираат како што следува.
Подносителот на барањето го тужел раководителот на службата за пасоши и визи на регионалната дирекција за внатрешни работи кој не му дозволил пристап до документи кои се однесувале на доцнењето на издавањето на неговиот нов пасош.
На 25 септември 2001 година, окружниот суд Верх-Исетцки од Екатеринбург ја отфрлил тужбата на жалителот. На 13 ноември 2001 година, регионалниот суд од Свердловск ја поништил пресудата во втор степен и го вратил случајот на окружниот суд.
На 16 април 2002 година, окружниот суд ја прифатил тужбата на жалителот и му наредил на раководителот на службата за пасоши и визи да му овозможи на тужителот да ги консултира сите документи и информации поврзани со издавањето на неговиот пасош. Исто така, судот одлучил дека службата за пасоши и визи треба да му исплати на жалителот 22,50 руски рубљи (РУБ) за судски трошоци.
На 4 јули 2002 година, оваа пресуда била потврдена во втор степен и истата станала конечна.
Од предметот не е јасно дали и кога надлежната власт ја испочитувала пресудата во делот кој се однесува на пристапот на жалителот до своето досие. Сите наведени дејствија преземени од страна на жалителот согласно пресудата ја имале за единствена цел наплатата на износот од 22,50 РУБ доделени од страна на окружниот суд.
На 22 јули 2002 година овој суд издал наредба за извршување која експлицитно била ограничена на исплатата на оваа сума. На 28 јули 2003 година судскиот извршител ја покренал процедурата за извршување.
На 15 декември 2003 година, жалителот се обратил до окружниот суд со тужба за бавноста на судскиот извршител. На 22 декември 2003 година, судијата оценил дека оваа тужба не ги задоволува процедуралните правила и побарал од тужителот да се усогласи со овие правила до 5 јануари 2003 година, особено во однос на поткрепување на жалбените наводи за непостапување на судскиот извршител.
Жалителот го комплетирал досието на 31 декември 2003 година.
На 6 јануари 2004 година, судот оценил дека жалителот не се усогласил со споменатите правила и ја отфрлил тужбата без да ја оцени основаноста. На 10 февруари 2004 година регионалниот суд од Свердловск ја потврдил оваа одлука.
ЖАЛБИ
Жалителот наведува дека неисплаќањето од страна на властите на сумата доделена од националните судски инстанци ги повредило неговите права согласно член 6 од Конвенцијата и членот 1 од Протоколот бр. 1. Воедно, во однос на член 6, тој се жалел дека националните судови не се осврнале на неговата тужба во однос на неактивноста на судскиот извршител.
Исто така, во однос на член 6, тој тврдел, меѓу останатото, дека националните судови сториле различни повреди на внатрешните процедурални правила, конкретно во однос на роковите предвидени со националното право.
ЗАКОНОТ
Судот пред се треба да утврди дали жалбите на жалителот се прифатливи согласно член 35 од Конвенцијата, изменет со Протоколот бр. 14 (кој влезе во сила на 1 јуни 2010 г.).
Овој Протокол во однос на членот 35 воведе нов критериум за допуштеност чии релевантни делови се уредени на следниот начин:
„ 3. Судот нема да прифати никаква индивидуална жалба доставена врз основа на член 34, ако оцени:
(...)
б) дека подносителот не претрпел значителна штета, освен доколку почитувањето на човековите права дефинирани во Конвенцијата или нејзините протоколи бара разгледување на жалбата според основаноста и под услов да не се отфрли, заради оваа причина, ниту еден случај што не бил соодветно разгледан од страна на домашен суд.“
Членот 20 од Протоколот бр. 14 предвидува дека новата одредба ќе се применува за сите нерешени барања пред Судот, освен за оние кои биле прогласени за допуштени пред протоколот да влезе во сила. Во однос на околностите од тековниот случај, Судот цени дека е соодветно пред се да се утврди дали жалбите на жалителот се во согласност со новиот критериум за допуштеност.
На овој начин, Судот ќе има предвид дека целта на овој нов критериум, на долг рок, е да му овозможи да одлучува побрзо во случаите кои не заслужуваат да бидат испитувани во однос на основаноста и на тој начин да се концентрира на својата основна надлежност за обезбедување судска заштита на човековите права на европско ниво (Експликативен извештај на Протоколот број 14, ЦЕТС бр. 194 (во иднина “експликативен извештај“), ставови 39 и 77-79). Високите договорни страни јасно посакаа Судот да посвети повеќе време на прашањата кои оправдуваат оцена на основаноста, без разлика дали истото е од аспект на правниот интерес на индивидуалниот жалител или од поопшт аспект на правото на Конвенцијата и европскиот јавен ред кон кој истиот придонесува. (експликативен извештај, став 77). Не така одамна, Високите договорни страни го поканија Судот да овозможи целосна примена на новиот критериум за допуштеност како и да предвиди други можности за примена на принципот minimis non curat praetor (Акциски план усвоен за време на Конференцијата на високо ниво за иднината на Европскиот суд за човекови права, Интерлакен, 19 февруари 2010, став 9 ц).
A. Да се утврди дали жалителот претрпел значајна штета
Основниот елемент на овој нов критериум за допуштеност е прашањето да се утврди дали жалителот претрпел „значајна штета“. Не се оспорува дека овие термини се отворени за толкување и дека му овозможуваат на Судот одреден степен на флексибилност, покрај онаа која тој веќе ја има со постојните критериуми за допуштеност (експликативен извештај, ставови 78 и 80).
Мислење на Судот е дека овие термини како и голем број на други употребени во Конвенцијата не можат да бидат дефинирани на сеопфатен начин. Оттука, Високите договорни страни очекувале од Судот да воспостави објективни критериуми за спроведување на новото правило, преку постепениот развој на судската пракса (експликативен извештај, став 80).
Инспириран од општиот принцип споменат погоре на minimis non curat praetor, новиот критериум се заснова на идејата дека прекршувањето на одредено право, дури и од чисто правна гледна точка, мора да постигне одреден минимум на сериозност за да биде разгледан од меѓународен суд. Оценката за овој минимум по својата суштина е релативна и зависи од сите услови на случајот (vиди, mutatis mutandis, Соеринг (Soering) против Обединетото кралство, 7 јули 1989 г., став 100, серија A бр. 161). Сериозноста на една повреда треба да биде оценета имајќи ги предвид и субјективната перцепција на жалителот и објективниот предизвик на конкретниот случај.
Во конкретниот случај, Судот е фрапиран најпрво од малата, речиси незначителна сума на материјална загуба што го довела жалителот да побара случајот да биде разгледан од Судот. Поплаките поднесени од страна на жалителот се ограничени на неисплатата од страна на тужениот орган на износот еквивалентен на помалку од едно евро кој му го доделил националниот суд.
Судот е свесен дека влијанието на материјалната загуба не треба да се мери на апстрактен начин, дури скромна материјална штета може да биде значајна во однос на конкретната состојба на поединецот и економската состојба на земјата или регионот каде што тој живее. Сепак, целосно имајќи ги предвид различните економски услови, Судот смета дека незначителната сума која е во игра во овој случај без сомнение имала незначително влијание врз жалителот.
Во исто време, Судот е свесен дека материјалниот интерес не е единствениот елемент кој овозможува да се утврди дали жалителот претрпел значајна штета. Впрочем, повреда на конвенцијата може да се однесува на важно принципиелно прашање и на тој начин да предизвика значајна штета без притоа да повреди одреден материјален интерес. Можело да биде така и во конкретниот случај доколку жалителот се жалел, на пример, на неуспехот на властите да се го испочитуваат неговото легитимно право да го консултира своето досие во службата за пасоши и визи. Сепак, жалителот не го довел во прашање извршувањето на националната пресуда во овој дел, туку ги ограничил своите жалби на материјалната штета. Оттука, Судот не гледа никаква пречка за остварување на правото на пристап на жалителот на неговото досие, прашање кое претставуваше главен предмет во спорот на национално ниво.
Изгледа инсистирањето на жалителот да го добие исплаќањето на 22,50 РУБ од тужениот орган било поттикнато од неговата субјективна перцепција согласно која станува збор за важно принципиелно прашање. Иако релевантен, овој елемент не е доволен за Судот да заклучи дека жалителот претрпел значајна штета. Субјективното чувство на жалителот во однос на последиците од наводните повреди би требало да може да биде докажано на објективна основа. Судот не забележува никаков сличен доказ во конкретниот случај, бидејќи главното принципиелно прашање било веројатно решено во корист на жалителот.
Со оглед на горенаведеното, Судот заклучи дека жалителот не претрпел значајна штета поради наводните повреди на Конвенцијата.
Б. Да се увиди дали почитувањето на правата на човекот утврдени со конвенцијата и нејзините протоколи изискуваат испитување на основаноста на жалбата
Вториот елемент содржан во новиот критериум е предвиден како заштитна клаузула (експликативен извештај, став 81) која го обврзува Судот да ја испита жалбата дури и кога жалителот не претрпел никаква значајна штета во случаите кога почитувањето на човековите права утврдени со Конвенцијата и нејзините протоколи истото го бара. Судот констатира дека оваа формулација се заснова на втората реченица од членот 37 став 1 од Конвенцијата, каде исполнува слична функција во контекст на одлуката да се избрише жалба од листата на случаи на Судот. Истите формулации се употребуваат во член 38 став 1 во однос на пријателското решавање меѓу страните.
Судот нотира дека телата на Конвенцијата постојано ги толкувале овие одредби како одредби кои им го наметнуваат оценувањето на случајот дури и ако дошло до решение меѓу страните или ако постои друга причина која го оправдува бришењето од листата на случаи на Судот. Така, потребата за посеопфатна оцена била утврдена како неопходна во еден случај кој отворил прашања од општ карактер кои влијаеле на почитување на конвенцијата (Тајрер (Tyrer) против Обединето кралство бр. 5856/72, извештај на Комисијата од 14 декември 1976, став 2, серија Б 24).
Такви прашања од општ карактер се јавуваат, на пример, кога има потреба да се разјаснат обврските на државите во однос на Конвенцијата или да се поттикне една тужена држава да реши структурен недостаток кој има влијание и на други лица кои се во истата состојба како и жалителот. Така, судот честопати бил доведен, во согласност со членовите 37 и 38, да провери дали општиот проблем покренат со случајот бил решен или дали е во тек неговото решавање и дали слични правни прашања биле решени од страна на Судот во други случаи (да се види меѓу останатото и во Кан (Can) против Австрија, 30 септември 1985, ставови 15-18, серија A бр 96, и Леже (Léger) против Франција (бришење) [ГС], бр 19324/02, став 51, ЕСЧП 2009).
Разгледувајќи го случајот од овој агол, како што се бара со новиот член 35 став 3 б), наспроти обврските согласно членот 19 од Конвенцијата, судот не гледа задолжителна причина во однос на јавниот ред која би го оправдала испитувањето на основаноста. Пред сѐ, судот во неколку прилики се произнел за идентични прашања со она кое се поставува во конкретниот случај и во таа насока внимателно ги проверил обврските на државите согласно Конвенцијата (видете меѓу другото, Хорнсби ( Hornsby) против Грција 19 март 1997, Збирка на пресуди и одлуки, 1997‑II, Бурдов (Burdov) против Русија, бр. 59498/00, ЕСЧП 2002‑III, и Бурдов против Русија (бр 2), бр. 33509/04, ЕСЧП 2009-...). Потоа, како Судот, така и Комитетот на министри се осврнаа на структурниот проблем на неизвршување на националните правосудни одлуки во Руската федерација и за неопходноста на донесување општи мерки за спречување на нови слични повреди. (видете Бурдов (бр. 2), претходно цитиран, и Времените резолуции на Комитетот на министри CM/ResDH(2009)43 од 19 март 2009 и CM/ResDH(2009)158 од 3 декември 2009). Испитувањето на основаноста на конкретниот случај не би открило нов елемент по однос на ова прашање.
Судот заклучува дека почитувањето на човековите права утврдени со Конвенцијата и нејзините протоколи не бара испитување на основаноста на поднесената жалба.
Ц. Да се утврди дали случајот бил соодветно разгледан од национален суд
Членот 35 став 3 б) не дозволува отфрлање на жалба врз основа на новиот критериум за допуштеност, доколку случајот не бил соодветно разгледан од страна на национален суд. Опишана од страна на авторите како втора заштитна клаузула (експликативен извештај став 82), оваа одредба има за цел да гарантира дека целокупниот случај ќе биде предмет на судска ревизија било на национален план било на европски план, односно да се избегне негирањето на правдата. Оваа одредба исто така е во согласност со принципот на супсидијарност како што е предвиден особено во членот 13 од Конвенцијата, кој бара постоење на ефективен правен лек на национално ниво кој овозможува да се обжали одредена повреда.
Според мислењето на Судот, фактите од конкретниот случај разгледани во нивната целост не откриваат никакво негирање на правдата на национално ниво. Иницијалните жалби на жалителот против националните власти биле разгледани на две судски нивоа, а неговите жалби биле одобрени. Неговата следна жалба по однос на неактивноста на извршителот за надомест на износот кој му бил доделен од страна на судството била отфрлена од окружниот суд заради непочитување на националните процедурални правила. Жалителот не ги почитувал овие правила бидејќи повторно не го поднел своето барање како што било побарано од судијата. Оваа состојба не претставува негирање на правдата која би можела да се препише на властите.
Во однос на наводните повреди на националните процедурални правила од страна на двата суда, Конвенцијата не му доделува на жалителот право да се жали преку нова национална постапка штом за неговиот случај било одлучено во последен степен. (Трегубенко (Tregubenko) против Украина (одл.), бр. 61333/00, 21 октомври 2003, и Ситков (Sitkov) против Русија (одл.), бр. 55531/00, 9 ноември 2004). Фактот што овие жалби не биле подложни на натамошна судска ревизија во согласност во националното право не претставува, според мислењето на судот, пречка за примена на новиот критериум за допуштеност. Поинакво толкување би го спречил Судот да ја одбие секоја жалба, сепак незначителна, во врска со можна повреда припишана на националниот суд кој одлучувал во последен степен. Судот цени дека ваков пристап не би бил ниту соодветен ниту во согласност со целта и намерата на новата одредба.
Судот заклучува дека случајот на жалителот бил соодветно разгледан од страна на национален суд во смисла на членот 35 став 3 б).
В. Заклучок
Во контекст на горенаведеното, судот смета дека оваа жалба треба да се прогласи за недопуштена во согласност со член 35 став 3 б) од Конвенцијата, изменет со Протоколот бр. 14. Со оглед на овој заклучок нема потреба да се разгледа дали жалбата ги задоволува другите услови за допуштеност.
Од овие причини, Судот, едногласно,
Ја прогласува жалбата за недопуштена.
Сорен Нилсен Кристот Розакис
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy