© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ПЕТТИ ОДДЕЛ
ОДЛУКА
Жалба бр. 25239/13
Дједоне М ‘БАЛА М’БАЛА (Dieudonné M’BALA M’BALA)
проив Франција
[Извадоци]
Европскиот суд за човекови права (петти оддел), заседавајќи 20 октомври 2015 година во совет составен од:
Хосеп Касадевал (Josep Casadevall), претседател
Анџелика Нусбергер (Angelika Nußberger),
Боштјан М. Зупанчиќ (Boštjan M. Zupančič),
Винсент А. де Гаетано (Vincent A. de Gaetano),
Андре Поточки (André Potocki),
Хелена Јадерблом (Helena Jäderblom),
Сиофра О Лири (Síofra O’Leary), судии,
и од Милан Блашко (Milan Blaško), заменик секретар на оддел,
Со оглед на погоре наведената жалба поднесена на 10 април 2013 година,
Имајќи ги предвид забелешките доставени од страна на тужената Влада и оние доставени како одговор од страна на жалителот,
По расправата, ја донесе следната одлука:
ФАКТИ
1. Жалителот, г-дин Дједоне М’Бала М’Бала (Dieudonne M’Bala M’Bala), е француски државјанин роден во 1966 година и живее во Париз. Тој е застапуван пред Судот од страна на г-дин Ж..Вердие (J.Verdier), адвокат во Оријак (Aurillac).
2. Француската Влада ( „владата“) е застапувана од нејзиниот агент, г-дин Франсоа Алабрин (François Alabrune), Директор за правни работи при Министерство за надворешни работи.
А. Околностите на случајот
3. Жалителот е хуморист и се бави со својата професија под уметничкото име „Дједоне“ (Dieudonne). Тој е исто така вклучен во политиката; тој имено бил кандидат на европските избори во 2004 година („листа ЕвроПалестина“) и 2009 година ( „антиционистичка листа“).
4. На 26 декември 2008 година, во салата „Зенит“ во Париз тој имал изведба на шоуто насловено „Изигрував идиот (J’ai fait l’con)“.
5. На крајот на изведбата, тој го поканил Робер Форисо (Robert Faurisson) да му се придружи на сцената за да добие аплауз од публиката. Робер Форисон е повеќепати осуден во Франција, особено заради неговите негационистички или ревизионистички тези кои се состојат во негирање на постоењето на гасните комори во концентрационите логори, особено на 4 јули 2007 г. од страна на Апелациониот суд на Париз заради оспорување на злосторство против човештвото. Жалителот организирал нему да му биде доделена, од страна на актер облечен во карирани пижами на кои имало сошиена ѕвезда на Давид, „наградата за неподобност и за навредливост.“
6. Инцидентот бил констатиран од страна на безбедносните сили. Тие, исто така, укажале и на присуството на Жан-Мари Ле Пен, тогашниот претседател на Националниот фронт, кој присуствувал на шоуто во затскриена просторија.
7. На 29 декември 2008 година, јавниот обвинител од Првостепениот суд („TGI“)од Париз се обратил до генералната дирекција на судската полиција за прелиминарна истрага во врска со овие настани.
8. Истражителите нашле снимки од спорниот дел од шоуто на еден веб-сајт за споделување на видеа онлајн. Тие го транскрибирале кажаното како што следува:
„Дједоне: Вие знаете дека Зенит е секогаш за мене е многу важна етапа секоја година, па така кога сакам тука да настапувам секогаш ми е се потешко. Си кажав: сепак морам да најдам некаква идеја за тој Зенит, идеја за да им го начукам како што треба.
Секако, размислував, па да, и тоа ми се случува, и така, значи, се инспирирав малку од последната многу пофална критика на Бернард Х (не се дослушува - исвиркувања и извикувања во публиката), кој ја опиша таа вечер во Зенит, таа вечер, таа вечер, значи, во Зенит како најголемиот антисемитски митинг од последната светска војна, така да се разбира, тој ми остави малку простор за подобрување, затоа што си реков, морам да направам уште подобро овој пат, нели, па, така, ако сакате да учествувате во она што се нарекува колективно дело начукување, ви предлагам да му посакаме добредојде на лицето што ќе ги натера да се изјазат на завесите, нели, дали ова ве интересира? (Одобрување од публиката). Затоа лицето кое ќе се качи на сцена е скандал само по себе, веднаш ви кажувам [...] мислам дека тоа е најнеподобната личност во Франција (извици во салата, „Саркози“). Саркози, тој се приспособи, стана подобен, но знајте дека уште утре наутро, ќе остане од оваа вечер само мигот кога тој се качи на сцената, тоа дека тој бил претепан од страна на израелските окупаторски милиции, BETAR и JDL, мислеле дека е мртов и го оставиле крај патот, и човекот, колку да знаете, кој му го спасил животот, кој го одвел во болница, тој човек бил принуден да се правда за тоа во печатот. Овој тип, не го познавав до пред неколку години, и се уште многу малку го знам, но знам дека тоа е најнеподобниот човек и така си реков, ако сакате да направите нешто пеколно, нешто такво бидејќи се тука, печатот е тука, значи утре (негодување кај публиката). Слушајте го најдобриот начин да им се одговори, тоа е да го поздравиме меѓу нас човекот кој на почетокот се бавеше со поезија, а потоа ги разви тезите кои се негови. Ве молам да ги поздравите г-дин Роберт Форисо (Robert Faurisson) ... (аплауз) посилно, посилно, повеќе од срце, уште, уште, (влегува Форисон - прегратка со Дједоне). Епа сега, во секој случај, треба да знаете една работа, вашите аплаузи ќе одекнат, ќе видите, во медиумите уште утре наутро, до прилично далеку ... Роберт мислам дека ја заслужувате навистина оваа награда ... Па така вицот, вицот не би бил целосен, доколку Жаки (Jacky), ќе го замолам Жаки, мојот верен техничар, да му ја даде на Робер наградата за неподнобност и навредливост, Жаки, во својот светлосен костум. Фотографи пуштете се ...! (Влез на лице кое носи карирани пижами, со еврејска ѕвезда кој му врачува на г-дин Форисо предмет со три јаболка). Погледнете го овој скандал, уживајте, овации ... (извици во публиката: „Форисо е во право“ „Тој побeди“.
Роберт ФОрисо: Еден збор, а можеби и повеќе од еден збор, zumbele за почеток, на тебе Жаки, на Пјер Пане (Pierre Panet), на Сандра мислам. Слушај, ни велиш: „Изигрував идиот“. Сигурно ... Но, вечерва ти навистина изигруваш идиот.
Дједоне: Секако јас не се сомневам, ова е најголемата идиотштина што сум ја направил мислам. Но, животот е краток, животот е многу краток, треба да правиме глупости и да бидеме непослушни колку што е можно повеќе.
Роберт Форисо: Ви благодарам затоа што не сум навикнат на ваков прием, јас би требало да сум гангстер на историјата. Весникот Le Monde тоа го кажа, а Le Monde е секогаш во право (викање во публиката: „Жак Месрин“ (Jacques Mesrine)). Во право си, во секој случај, кога велиш дека сум бил предмет на специјален третман десетина пати. Од коишто еднаш кога бев скоро мртов и ти велам дека оној кој ме спаси без да го знае моето име, кога го прочита моето име, следниот ден, изјави пред полицијата дека жали што ми го спасил животот.
Дједоне: Тој беше претепан од страна на ционистичките милиции, кои се многу активни. [...] (Извици во публиката: „Копиле“).
Роберт Форисо: Можам да додадам ...
Дједоне: Да, да, нема проблем Роберт, музичарите се местат, ќе завршиме со zumbele во облик на слобода на изразување ...
Роберт Форисо: Можам да те компромитирам ...
Дједоне: Ух ... Да ... можеш ... Слобода на изразување
Роберт Форисо: Ние ќе ... Па ... Вие не знаете што велам ниту што тврдам. Некои од вас или повеќето од вас не знаат или знааат што медиумите се осмелуваат да кажат за мене, сите глупости што може да им се придадат на ревизионистите. Знаете дека во Франција има посебен закон кој ќе им овозможи на нашиот пријател да се најде пред 17-тиот судски совет за кратко време, како што јас сум бил таму толку пати што не можам ни да кажам колку. Можам само да ви го кажам, тоа е дека немам право ... Тоа е законот, како што тоа го кажа толку добро.
Немам право да ви кажам што е, всушност, ревизионизмот, што овие луѓе го нарекуваат негационизам (аплауз во салата), но можам да ви кажам ... Да, конечно, ако сакаат да ме викаат ревизионист, јас нив ги нарекувам афирмационисти и ќе го напишете зборот како што сакате (аплаузи) Ете ... слушнете ме добро ... еве веќе 34 години, од 1974 до 1998 година, ме третираат во мојата земја како Палестинец. Ме третираат како Палестинец и не можам да се спречам да се борам за истата кауза со нив (извици и аплауз од публиката). Јас немам политичко мислење, но сметам дека е трогателно она што го рече на крајот за Палестина (викање во публиката: „Да живее Палестина“).
Дједоне: Ја повторувам нашата безрезервна поддршка за Палестина, ќе ги замолам музичарите да ги заземат своите места затоа што за жал треба да прекинеме. Во секој случај, вашето присуство овде, нашето ракување, е веќе само по себе скандал и знајте дека утре ќе биде лансирана дебатата и сите ќе имате можност според мене да ја следите. Слобода на изразување, ви благодарам на сите, ви благодарам за вашата солидарност, моја почит, ви симнувам капа. Слобода на изразување. Ви благодарам, ви благодарам за вашата солидарност. Моја почит, ви симнувам капа. Слобода на изразување.“.
9. Иследниците направиле сослушување на Ж.С. тонски и светлосен инженер на претставата. Тој укажал дека се качувал на сцена за време на секоја изведба, како дел од еден скеч со кој жалителот сакал да реагира против предлогот на Никола Саркози, тогашниот претседател на Републиката, да се збратими секое дете од петто одделение (CM2) со дете починато во депортација. Тој истакнал дека во тој миг од претставата, влегувал на сцената во костим на риги со жолта ѕвезда, изјавувајќи дека не сака да го носи тој костим, сметајќи дека тоа е глупаво; жалителот му одговорил „тоа е законот, (...) член на театарот мора да носи костим на депортиран Евреин, тоа е задолжително. Не заборавај дека Евреите страдале“; Ж.С. одговорил дека „Евреите страдале како и останатите“ а жалителот му укажал дека „тие страдале многу повеќе.“ Последниов потоа објаснил дека Ж.С. бил избран да го носи овој костим бидејќи бил „најслабиот“ и побарал од него да каже на публиката „не заборавјте“ пред да замине од сцената.
10. Ж.С. исто така, објаснил дека тој самиот го направил костимот со пижами купени од „BHV“ (Bazar de l’Hôtel de Ville) велејќи дека жали што овој костим постеќава на костим на депортирано лице и наведувајќи дека оваа сличност се должела на недоволноста на избор во оваа продавница. Тој додал дека жалителот сакал и најавил „изненадување“ за изведбата во Зенит од 26 декември 2008 година. Тој укажал на тоа дека не бил изненаден од изборот да се појави на сцената Роберт Форисо, со оглед на „навиките на Дједоне во последните две години во неговите јавни настапи (учество на митингот Црвено Бело Сино, присуство до Жан-Мари Ле Пен на вечерта од првиот круг од претседателските избори и кумство на неговата ќерка од страна на г-дин Ле Пен).“ Тој истакнал дека било предвидено да го носи својот костим на депортиран за да му врачи награда на Роберт Форисо и дека истиот требало да каже нешто „од Селин“ и да каже дека сака да го препарираат на железничката станица Сен-Лазар по неговата смрт. Тој, конечно, кажал дека жали заради оваа сцена, и дека не го ценел тоа што жалителот барал публиката да навива за гостинот ниту, пак, она што тој го изјавил.
11. Истражителите откриле на интернет снимка на изведба на претставата на жалителот од 1-ви јануари 2009 година, во која тој зборувал со со Ж.С. за спорната сцена. Тој објаснувал имено:
„Тоа што им го начукав, (...) тоа е медиумска бомба што јас самиот рачно ја изработив (...).
За материјалот, требаше да најдам нешто помоќно од Ле Пен ... Па да, не можеш да направиш финта двапати со истиот лик. Јас не сум од партијата Национален фронт, ме боли мене за тоа, добро, типот е симпатичен, тогаш добро се забавуваме, но ... и така, не беше лесно да се најде некој крајно понеподобен од Ле Пен, тоа е веќе речиси крајно неподобно... Јас ги поминав сите корпи за отпадоци на шоу-бизнисот, ми требаа два месеца за да најдам, тој беше тука, сам среде листовите од салата. Дијамант, избраникот.“
12. На 27 јануари 2009 година, жалителот бил сослушан од страна на истражителите. Тој објаснил дека сакал неговиот настап во Зенит да остане гравиран во сеќавањата, по пат на асоцирање на неговиот имиџ на „медиумски париј“ со симбол на крајна неподобност. Тој појаснил дека знаел за „сомнителната“ репутација на Робер Форисон, но дека првично не знаел која била причината за истата. Тој додал дека единствената идеја која му била пренесена од засегнатиот била оспорувањето на депортацијата на црните робови на островот Горе (Gorée). Тој тврдел дека открил последователно, на интернет, помеѓу неговата средба со Робер Форисо и негово доаѓање на сцена, дека тој, исто така, го оспорувал постоењето на гасните комори. Тој потврдил дека било предвидено дека засеганатиот ќе зборува за неговата желба да биде препариран на железничката станица Сен-Лазар (Saint-Lazare) и дека ќе цитирал реплика од Селин. Тој изјавил дека сепак му оставил простор за слобода на изразување и дека не слушнал ништо шокантно од негова страна, и дека единствено жали што неговиот говор не бил доволно смешен. Тој појаснил дека сакал да му ја врачи наградата за крајна неподобност од страна на Ж.С. во костим на депортиран Евреин, сметајќи дека сликата е провокативна. Роберт Форисо не бил информиран за тоа однапред. Во однос на свеќникот со три јаболка кој му бил врачен на последниов, жалителот укажал дека тоа било најдемодираното и најбесмисленото нешто тој го нашол. Конечно, тој објаснил дека имал чувство дека припаѓа на суб-популација, со оглед на недостатокот на интерес на јавноста за оспорувањето на трговијата со црни робови од страна на Роберт Форисо.
13. На 27 март 2009 година, јавниот обвинител го повикал жалителот пред Основниот суд („TGI“") од Париз за јавна навреда на лице или група на лица поради нивното потекло или нивната припадност или неприпадност на една етничка група, нација, раса или религија, на начин предвиден во членот 23 од законот за слобода на печатот од 29 јули 1881 година. Тој во случајов бил обвинет дека, преку гестови или зборови на сцената од тетатарот Зенит, упоребил навредливи изрази, презирни термини или жестоки навреди, во овој случај кажувајќи ги следниве зборови:
„Знаете дека Зенит е секогаш за мене е многу важна етапа секоја година, па така кога сакам тука да настапувам секогаш ми е се потешко. Си кажав: сепак морам да најдам некаква идеја за тој Зенит, идеја за да им го начукам како што треба.
Секако, размислував, па да, и тоа ми се случува, и така, значи, се инспирирав малку од последната многу пофална критика на Бернард Х (не се дослушува - исвиркувања и извикувања во публиката), кој ја опиша таа вечер во Зенит, таа вечер, таа вечер, значи, во Зенит како најголемиот антисемитски митинг од последната светска војна.
Така да се разбира, тој ми остави малку простор за подобрување, затоа што си реков, морам да направам уште подобро овој пат, нели? “
Цитатот појаснуваше дека овие зборови требало да бидат прочитани во контекст на скечот кој се состоел од:
„- качување на сцената актер облечен како депортиран Евреин, носејќи костим кој потсетува на оној на депортираните (пижами и жолта ѕвезда - на која пишувало Евреин - зашиена на градите)
- врачување на Робер Форисон, поборник на негационизмот, чии теории се состојат во оспорување на постоењето на гасните комори и реалноста на холокаустот,
- „на наградата за неподобност и навредливост“, која била преточена во свеќник со три гранки, на кои имало три јаболка “.
14. Здружението СОС Расизам - Не го пипај другар ми (SOS Racisme-Touche pas à mon pote), Движењето за борба против расизмот и за пријателство помеѓу народите/Mouvement contre le racisme et pour l’amitié entre les peuples (MRAP), Меѓународната лига против расизам и антисемитизам /Ligue internationale contre le racisme et l’antisémitisme (LICRA), Лигата за одбрана на правата на човекот и граѓанинот/Ligue pour la défense des droits de l’homme et du citoyen (LDH), Здружението Обвинувам /J’accuse! ... Меѓународна акција за правда /Action internationale pour la justice (AIPJ), Унијата на еврејски студенти од Франција /Union des étudiants juifs de France (UEJF), здруженијаta Loge Hatikva B’Nai B’Rith, B’Nai B’Rith David Ben Gourion, Tsedek, Националното биро за будност против антисемитизмот/ Вureau national de vigilance contre l’antisémitisme (BNVCA), Да делуваме заедно за Републиката во Републиката /Agir ensemble pour la République dans la République, B’Nai B’Rith Deborah Sam Hoffenberg и HCCDA, како и физичките лица Ж.Б. и Г. П., вложиле приватни тужби во постапката.
15. На 27 октомври 2009 година, Првостепениот суд од Париз го прогласил жалителот за виновен за делата за кои бил гонет и го осудил на парична казна од 10.000 евра (ЕУР), како и на тоа да плати едно евро отштета на секој од осумте тужители во постапката чии приватни тужби биле прогласени за допуштени. Како дополнителна казна, судот, исто така, наредил објавување, на трошок на жалителот и во рамките на износ од 3 000 евра, на судско сопштение во весниците Le Monde и Le Parisien-Aujourd’hui en France со следнава содржина:
„Со пресуда од 27 октомври 2009 година на Кривичниот суд на Париз (17-ти совет/совет на печатот), Дједоне М’Бала М’Бала бил прогласен за виновен за кривично дело навреда на лице или група на лица поради нивната припадност или неприпадност на етничка група, нација, раса или религија, во овој случај на лица со еврејско потекло или религија, заради јавно изречените зборови во салата Зенит на 26 декември 2008 година, за кои бил гонет од страна на обвинителството, бил осуден на парична казна и да ги обештети различните здруженија кои се борат против расизмот и кои поднеле приватни тужби во постапката“(sic).
16. Судиите ја образложиле нивната одлука како што следува:
„Во инкриминираните изјави, Дједоне М’Бала М’Бала го вели следново објаснувајќи и на својата публика која му била намерата. Истакнувајќи дека претходната претстава која ја имал во иста сала била опишана - од страна на некој чие име не може да се чуе заради извиците на негодување од страна на публиката, но кого обвинетиот го идентификувал како Бернар-Хенри Леви - како „најголем анти-семитски митинг од последната светска војна“тој укажува дека одлучил дека требало да „направи уште подобро "“ одошто во таа прилика, пришто секој разбира дека ова е антифраза и дека неговата амбиција е да успее да направи уште полошо. Дједоне М’Бала М’Бала понатаму вели дека неговата крајна цел е да "им го начука како што треба “; овој колоритен израз упатува - сосема јасно, иако се чини дека била специјално измислен од страна на обвинетиот - на регистарот на скатологијата и на содомијата.
То истовремено не прецизира кој би требало да биде жртвата на ова„начукување“ според зборовите што ги користи неколку секунди подоцна, но тој изјавува пред публиката дека негова цел се „медиумите“, на чиј „задник“ било наменето наведеното „начукување“.
Од она што следува произлегува, меѓутоа, дека тој цели кон една друга група.
Дједоне М’Бала М’Бала така и ја открива на својата публика идејата што му паднала на ум и која требало да му овозможи да ја постигне целта да направи уште полошо од претходната година, останувајќи притоа во истиот регистар, кој тогаш му бил припишан, оној на екстремниот антисемитизам. Тој најавува дека ја поканил „најнеподобната личност во Франција“, што тој ја претставува како жртва на „израелските окупаторски милиции“ (тој ќе каже подоцна „ционистичките милиции“) и, во криптирана форма, како човек „кој ги развил [...] тезите кои се негови.“ Тогаш тој го поканува Робер Форисо и ја охрабрува публиката истиот да го поздрави со овации, пред да му ја врачи наградата „за неподобност и навредливост“.
Притоа, тој единствено може да се повикува на она со коешто овој поранешен униврезитетски професор станал широко познат, односно, негирањето на реалноста на еврејскиот геноцид извршен од страна на нацистичкиот режим.
Дједоне М’Бала М’Бала изјавил, во овој поглед, за време на истрагата наредена од страна на јавното обвинителство, и потоа на расправата, дека тој не знаел дека Робер Форисо бил во Франција еден од главните поборници на негационистичките тези и дека особено бил осуден за кривично дело според членот 24 б од законот за слобода на печатот. Тој тврдел, напротив, дека го знаел оној што избрал да го покани само заради тоа што го имал оспорено тоа дека куќата наречена на робовите, која се наоѓа на островот Горе, во Сенегал, навистина била местото од каде жртвите на трговијата со црни робови се товареле во бродовите. Овие тврдења се, меѓутоа, ослободени од каквов и да е кредибилитет, со оглед на општопознатоста како на негационизмот на Робер Форисо така и на целта изнесена од страна на обвинетиот.
Така, Дједоне М’Бала М’ Бала не може сериозно да тврди дека имал амбиција да направи полошо во однос на антисемитизмот - како што тоа и го кажува на публиката во својот инкриминиран говор - и, поопшто, да се препушти на најекстремната провокација - со барањето и наоѓањето на „некој кој е уште понеподобен од Ле Пен“, , доколку ги преземе зборовите што тој ги користи на 1-ви јануари 2009 година при коментирањето на својот настап во салата Зенит, (...), но дека за таа цел, тој поканил некој кој само хипотетички ја порекнал, не реалноста на трговијата на западњачката трговија со црни робови, како што тој тоа го сугерира несоодветно, туку автентичноста на една од симболичките локации на оваа трговја.
Покрај тоа, самото насловување на наградата што тој намерава да му ја врачи на Робер Форисо упатува на позитивни вредности, во очите на обвинетиот - кој се претставува како жртва, исто така, неподобна, на моќниците и на приврзаниците на општоприфатените идеи-, како и на јавноста која токму го ставила во оваа позиција .
Конечно, ако една изрежирана сцена не претставува сама по себе носител на навреда, со оглед на тоа дека овој начин на објавување во јавност не е предвиден во гореспоменатиот член 23, сепак мора да се напомене дека обвинетиот избрал, за да му ја врачи наградата за „неподобност и навредливост“ на Робер Форисо , лице облечено во пижами на риги на кои имало сошиена жолта ѕвезда на која пишувало „Евреин“- пришто оваа ѕвезда јасно претставува, што се однесува до неа, носител на писмен исказ изложен во јавност, во смисла на значењето на овој текст - и, како материјализација на оваа награда, симбол кој исто така бил изложен на погледот на јавноста, имено, свеќник со три гранки, на врвот на кој имало три јаболка.
Дједоне M’Бала М’Бала признал, пред истражителите, дека изборот на костимот на депортирано лице веќе користен од страна на истиот актер во неговата претстава, бил направен поради тоа што претставувал „најефикасна“ провокација, а дека свеќникот било она што го нашол како „најдемодирано“ и „најглупаво “. Сепак, тој ги изменил овие изјави на сослушувањето, тврдејќи дека костимот бил користен заради комодитет и за да се избегне да се бара друг, а свеќникот го нашле во некоја гардероба.
Професионален изведувач, (...), обвинетиот не може, во секој случај, корисно да тврди дека овие околности биле препуштени на случајот и дека биле предодредени од чисто материјални случајности. Двојниот избор на свеќникот, од една страна, предмет кој, кога има седум гранки, е симбол на еврејската религија и е тука деградиран преку неговото редуцирање на три гранки и замената на свеќите со јаболка, и на костим кој потсетува на оној кој им бил наметнат на депортираните Евреи во нацистичките концентрациони логори, костим дополнително квалификуван како„светлосен костим“, од друга страна, ја дава целата смисла, за гледачите присутни на овој јавен настан, на амбицијата јасно искажана во инкриминираниот говор, онака како што бил изречен, да се достигне врвот на антисемитизмот .
Оттука, се работи за лицата од еврејско потекло или еврејска вера на коишто обвинетиот има намера „да им го начука“ во „задникот“, со тоа што бара од публиката да поздрави со овации лице единствено познато на јавноста заради неговите ревизионистички тези, претставувајќи го како херој на позитивни вредности и доделувајќи му го признанието, во форма на дегенериран симбол на таа заедница, од страна на лик кој ги излага на подбив еврејските жртви на истите злосторства што ги оспорува лицето кое е така почестено.
Инкриминираните искази се, под овие услови и како што со право тоа го тврделе јавното обвинителство и граѓанските странки во постапката, истовремено навредливи и презирни во однос на лицата од еврејско потекло или од еврејска вера.
Залудно е тоа што обвинетиот најпрвин се изјаснил дека овие зборови содржеле импутирање на конкретен факт, штом оној што тој го изнесува, дека „сака да организира анти-семитски митинг“, што, впрочем, претставува релевантна анализа на сопствените зборови, се однесува на него - со оглед на тоа што се работи за факт што тој самиот си го импутира на себе си, а тој е обвинет а не граѓанска странка во постапката - а не на лицата од еврејско потекло или вера, на кои не им e припишано какво и да е одредено однесување.
Исто така Дједоне M’Бала M’Бала погрешно ја користи провокацијата како оправдание, кога тој не воопшто не докажува дека некоја позната личност се изјаснила за еден од неговите претходни настапи како за анти-семитски митинг, настап што тој го имал две години претходно, ниту пак дека таков вредносен суд, под претпоставка тој навистина да бил изречен, имал својство на провокација во смисла на значењето на член 33, став 2, од Законот од 29 јули 1881 година за слободата на печатот, односно дека бил од таков вид што би ја објаснил или оправдал сегашната навреда, која, меѓутоа, е насочена тоа токму кон лицата од еврејско потекло или вера.
Дједоне M’Бала M’Бала, исто така, не може да се крие зад хумористична намера. Карикатурата и сатирата, дури и намерно провокативни или вулгарни, несомнено се дел, во едно демократско општество, од слободата на изразување и творење и од слободната комуникација на идеи и мислења. Згора на тоа, судот не е задолжен - тој не суди за квалитетот на дадена изведба, иако тој забележува дека од емитуваната видео-снимка воопшто не произлегува дека изречените зборови предизвикале луда смеа кај кој и да е гледач - да утврди дали инкриминираните зброви имале намера или не да останат во регистарот на хумористичкото шоу на крајот на кое биле изречени. Треба да се повтори, сепак, дека правото на хумор има свои граници, и особено почитувањето на достоинството на човековата личност.
Во овој случај, најавувајќи ја својата желба да го постигне врвот на антисемитската провокација и оддавајќи јавно признание, за таа цел; на лице кое е познато во јавноста заради своите ревизионистички тези, пришто нему му бил врачен од страна на карикатуризиран депортиран Евреин предмет кој се исмевал со амблемот на еврјската религија, обвинетиот, во голема мера, ги надминал дозволените граници на правото на хумор.
На крајот, мора да се напомене дека, спротивно на она што се предлага во различни периоди од спорната секвенца, кога се спомнуваат „израелските окупациски милиции“, „сионстичките милиции“ и „непоколебливата поддршка на Палестина“,инкриминираните искази не спаѓаат во рамките на слободно заземање политички став во врска со конфликтот меѓу Палестинците и Државата Израел, со оглед на тоа дека оспорената навреда се однесува кон целокупноста на лицата од еврејско потекло или еврејска вера, која навреда е насочена против нив само поради нивното потекло или вера, и без оглед на нивните евентуални политички избори.“
17. Жалителот и, дополнително, јавното обвинителство, како и седум граѓански странки, поднеле жалба.
18. Со пресуда од 17 март 2011 година, Апелациониот суд од Париз ја потврдил пресудата за вината и досудената казна на жалителот, менувајќи го само текстот на судското соопштение. Судиите ја образложиле својата одлука како што следува:
„Со тоа што се повикува, и притоа не го оспорува тоа, на писателот Бернар-Анри Леви, кој, вели тој, го обвинил во минатото дека го организирал во Зенит „најголемиот анти-семитски митинг од последната светска војна“, Дједоне M’Бала M’Бала си задава цел да„направи уште подобро овој пат“.
Илустрирајќи ги на два пати своите зборови со движења, лизгајќи ја својата десна рака долж левата рака се до под рамото, Дједоне M’Бала M’Бала и објаснува на публиката дека се работи за тоа „да им го начука“ сликовит израз кој очигледно ја евоцира содомијата:„ако се лизга, тоа е пофлексибилно, попријатно од шлаканица“ тој изјавил пред судот.
Залудно обвинетиот тврди во своите заклучоци дека неговата порака не била наменета „на група на лица, односно, во случајов на еврејската заедница, туку на некои од нејзините претставници со кои има несогласувања, вклучувајќи го и колумнистот на неделникот LE POINT“, со оглед на тоа дека понатамошните негови зборови и сценската режија во негова организација ја покажуваат неговата волја пораката да се однесува на целата еврејска заедница.
Тој така го најавува качувањето на сцена на лице „што ќе ги направи се испентерат на завесите“, „скандал сам по себе“, „најнеподобната личност во Франција“, додавајќи дека засегнатиот бил „истепан од страна на BETAR и LDJ“, „ционистичките милиции“ и дека ги развил „тезите кои се негови“.
Тогаш на сцената влегува Робер Форисо, општо познат по своите ревизионистички теории заради кои честопати бил осудуван и за когошто Дједоне M’Бала M’Бала бара аплауз од публиката, пришто вечерта го губи својот карактер на шоу и започнува да се здобива со карактеристики на митинг.
Со тоа што си ја задава целта да „направи уште подобро“ во областа на антисемитизмот, обвинетиот не може сериозно да тврди, како што го правел на суд, дека знаел за својот гостин само преку неговите трудови кои ја оспорувале реалноста на улогата на островот Горе во Сенегал во времето на трговијата со црни робови.
Давајќи им го на воведните зборови сето нивното значење и дострел, Дједоне M’Бала M’Бала потоа му ја врачува, на Робер Форисо, „наградата за неодобност и навредливост“ од страна на лик облечен во пижами, опишани како„светлосен костим“, кој очигледно потсеќа на алиштата на депортираните, пришто жолтата ѕвезда го носи зборот „Ереин“ сошиен на облеката со што се отстранува каква и да е двосмисленост во врска со целта и целната заедница.
Ако има потреба за тоа, доделувањето на наградата, свеќник со три гранки со три јаболка на врвот кој претставува карикатура на еврејската религија, ја комплетира сликата.
„Начукувањето“ што и е најавено на публиката и кое има за отворена цел да се направи „уште подобро“ во областа на антисемитизмот така се здобива со своето целосно значење: намерно да се навреди споменот на еден народ потсмевајќи се, со помош на зборот, со жолтата ѕвезда - подлога на зборот „Евреин“ - и на амблемот на светилникот кој е врачен од страна на „депортиран Евреин“ на специјалист на негационистичките тези, кои ги оспоруваат депортацијата и истребувањето на Евреите од страна на нацистите за време на Втората светска војна, што претставува, како што тоа судот веќе го истакна, начин на изразување кој истовремено е навредлив и презирен во однос на сите лица од еврејско потекло или еврејска вера, што ја карактеризира инкриминираната навреда
И ако Дједоне M’Бала M’Бала се повикува на своето право на слобода на изразување и, на некој начин, на имунитетот што треба да го ужива уметничкото творештво со хумористична вокација, треба да се укаже дека овие права, од суштинско значење во едно демократско општество, не се без граници, особено кога се работи за почитување на достоинството на човечката личност, што е случај тука, и во случај кога сценската изведба го отстапува своето место на настан кој веќе не поседува својства на претстава.“
19. Жалителот и три приватни тужители во постапката поднеле касациона жалба.
20. Со пресуда од 16 октомври 2012 година, Касациониот суд го прогласил за недопуштен правниот лек на тужителите и го отфрлил оној на жалителот. Тој забележал дека Апелациониот суд претходно утврдил дека исмевањето со депортацијата и истребувањето на Евреите од страна на нацистите за време на Втората светска војна, со посредство на зборот, на жолтата ѕвезда како подлога на зборот „Евреин“, и на амблемот на свеќникот врачен од страна на „депортиран Еврен“ на специјалист на негационистичките тези, претставувало, во однос на сите лица од еврејско потекло или еврејска вера, начин на изразување ,истовремено, навредлив и презирен, кој ја карактеризирал инкриминираната навреда. Наведувајќи дека пониските судови се оние кои се должни да ги утврдат сите надворешни околности кои им придаваат навредлив или клеветнички дострел на дадени искази, дури ако тие сами по себе не го поседуваат ова својство, и кои го разоткриваат нивнто вистинско значење, Касациониот суд оценил дека Апелациониот суд законски ја оправдал својата одлука.
(...)
ЖАЛБЕНИ НАВОДИ
23. Повикувајќи се на членовите 7 и 10 од Конвенцијата, жалителот се жали дека бил осуден за јавна навреда на лицата од еврејско потекло или еврејска вера. Тој наведува дека организирал за време на неговата претстава, сценска изведба и дека ниту тој, ниту лицето што го поканил на сцената не изрекле зборови кои имале својство на навреда или клевета. Тој додава дека, за прв пат, француските судови сметале дека навредата не произлегувала од некоја од основите предвидени со членот 23 од Законот од 29 јули 1881 година, туку од даден контекст кој имал за носител сценска изведба со навредлив карактер. Тој смета дека ова ограничување на неговата слобода на изразување не било ниту предвидливо ниту нужно.
ПРАВО
НАВОДНА ПОВРЕДА НА ЧЛЕНОТ 10 ОД КОНВЕНЦИЈАТА
24. Жалителот тврди дека неговата осуда ги прекршила членовите 7 и 10 од Конвенцијата.
25.Надлежен за правната квалификација на фактите, Судот смета дека случајот треба да се испита само во однос на членот 10 од Конвенцијата, чии одредби гласат:
„1. Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на мислење и слободата на примање и пренесување на информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа на претпријатијата за
радиодифузија, телевизиски пренос и кината.
2. Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата
или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството.#
A. Аргументи на страните
1. Владата
26. Владата го оспори аргументот на жалителот. Првенствено, таа бара од Судот да ја испита жалбата како неоснована согласно член 17 од Конвенцијата. Таа, така, смета дека зборовите и делата на жалителот јасно откриле расистичка цел која се состоела во, како што тоа го забележал Апелациониот суд од Париз, волјата „намерно да се навреди сеќавањето“ на еврејскиот народ. Според тоа, Владата смета дека жалителот се обидува да го пренасочи членот 10 од неговата вокација со користење на слободата на изразување за цели спротивни на основните вредности на Конвенцијата, како што се правдата и мирот.
27.Едновремено, Владата смета дека одредбите од членот 10 не биле прекршени во овој случај, со оглед на тоа дека мешањето било предвидено со закон, насочено кон легитимна цел и неопходно во едно демократско општество. Особено во однос на предвидливоста на осудата, таа потсетува дека, според една одамнешна судска пракса на Касациониот суд (Crim. 23 ноември 1907 година), судовите се должни да ги утврдат сите околности на надворешни факти кои им доделуваат навредлив дострел на пишаните или печатените дела кои сами по себе немаат такво својство и кои можат на јавноста да и го откријат нивното вистинско значење. Таа смета дека во овој случај, Апелациониот суд ја окарактеризирал навредата утврдувајќи го навредливиот дострел на зборовите на комичарот поради сценската режија во чии рамки тие биле изречени, особено изборот да му се врачи на негационист награда која се состои од свеќник, од страна на лице облечено во облека слична на онаа на депортираните лица, кое лице носело жолта ѕвезда. Во оваа смисла, таа потсетува дека жалителот бил свесен дека ги крши правилата, бидејќи признал дека овој скеч бил „најголемата идиотштина“ што ја имал направено. Владата појаснува дека жалителот веќе бил осуден за расна навреда, пришто пленарнот состав на Касациониот суд оценил, во пресуда од 16 февруари 2007 година, дека неговата изјава дека „Евреите, тоа е секта, измама. Тоа е една од посериозните, бидејќи тоа е првата“ не спаѓала во рамките на слободна критика на религијата која е дел од дебата од општ интерес, туку претставувала навреда против група на лица заради нивното потекло, чие казнување е неопходно ограничување на слободата на изразување во едно демократско општество.
2. Жалителот
28. Жалителот го оспорува вложениот приговор за недопуштеност врз основа на членот 17 од Конвенцијата, сметајќи дека, ниту во еден случај, тој не ширел негационистички или ревизионистички тези. Тој смета дека само го претставил и го оставил да зборува „ носителот на овие тези“, кој според него не кажал ништо кое заслужувало осуда и кој, впрочем, не бил гонет. Тој објаснува дека многу малку знаел за Робер Форисо и покрај неговиот статус на „најамблематичниот претставник“ на негационизмот, што покажува според него дека тој не бил следбеник на ова движење. Тој го опишува како фарса „признанието“ на доделувањето на бесмислена награда на засегнатиот од страна на депортиран Евреин, односно од страна на некој кој во неговите очи воопшто не постоел. Тој појаснува дека целта била да ја нагласи исклученоста на Робер Форисо и да покаже дека границите на слободата на изразување се, за печатот и за политичката класа, екстремно ограничени затоа што во ниту еден случај не можат да се допре „апсолутната сакрализација на еврејското мачеништво.“
29. Понатаму, жалителот смета дека мешањето во неговото право на слобода на изразување не било предвидливо, со оглед на тоа што, според него, сценска режија не можела да претставува навреда во случај на непостоење на посебна одредба во однос на ова во правните акти. Тој исто така нагласува дека домашните судови ги занемариле надворешните елементи во одос на неговите изјави кои ќе овозможеле да се утврди дека неговиот скеч не требало да се чита на прво ниво: тој потсетува дека сакал да покаже дека во Франција, секаква алузја на холокаустот што не оди во насока на наметнатото почитување се гледа како агресија, додека оспорувањето на други геноциди се толерира. Тој објаснува дека доделувањето на наградата на еден негационист од страна на депортиран Евреин имало за цел да ја потенцира апсурдноста на проектот да се збратими ученик со дете кое умрело во депортација. Тој додава дека костимот што го носел Ж.С. немал за цел да покаже непочитување туку да создаде комичен ефект, со тоа што зборот Евреи кој бил зашиен на ѕвездата, кој според него не бил видлив за јавноста, не претставувал во ниту еден случај навреда. Тој појаснува дека предметот кој бил доделен како награда не бил свеќник, туку спој на три криви гранки на чиј врв имало јаболка, и ја оквалификувал како неоснована направената споредба со Менората која се користи како симбол во еврејската религија. Конечно, тој наведува во забелешките дадени како одговор дека Робер Форисо бил одговор на провокација, откако првично објаснил во својата жалба дека сакал да одговори на критиките на неговото претходно шоу упатени од страна на Бернар-Анри Леви, што тој ги сметал за претерани.
Б.Оценка на Судот
1.Општите принципи
30. Судот уште на почетокот забележува дека тој нема задача да се произнесе за составните елементи на делото јавна навреда на лице или група на лица поради потеклото или припадноста или неприпадноста на етнчка група, нација, раса или религија утврдени со францускиот закон. Националните органи се оние кои се првенствено задолжени, особено судовите, за толкување и применување на домашното право (видете, меѓу многу други, Lehideux et Isorni c. France, 23 септември 1998, § 50, Recueil des arrêts et décisions 1998‑VII) Единствената задача на Судот е да ги разгледа согласно член 10 одлуките на надлежните национални судови во согласност со нивнoто дискреционо право. Притоа, тој мора да се увери дека националните власти се засновале на прифатлива оценка на релевантните факти (Incal c. Turquie, 9 јуни 1998, § 48, Recueil 1998‑IV, и Molnar c. Roumanie (одл.), бр. 16637/06, § 21, 23 октомври 2012).
31. Што се однесува до слободата на изразување, Судот потсетува дека неговата судска пракса го востановила еминентниот и суштинскиот карактер на истата во едно демократско општество (видее Handyside c. Royaume-Uni, 7 декември 1976, § 49, серија A бр. 24, и Lingens c. Autriche, 8 јули 1986, § 41, серија A бр. 103). Заштитата што ја нуди членот 10, се однесува исто така на сатирата, која е форма на уметничко изразување и општествен коментар која, со за неа својственото претерување и изобличување на реалноста, по својата природа, има за цел да провоцира и размрда. Токму заради тоа треба да се испитува со посебно внимание какво и да е мешање во правото на уметник да се изрази преку ова средство (Vereinigung Bildender Künstler c. Autriche, бр. 68354/01, § 33, 25 јануари 2007).
32. Меѓутоа, судската пракса на Судот, исто така, ги дефинирала границите на слободата на изразување. Особено, Судот оценил дека „членот 17, во онаа мера во која се однесува на групи или поединци, има за цел нив да ги оневозможи да изведат од Конвенцијата право кое им дозволува да се вршат активност или да сторат дело со цел уништување на правата и слободите признати со Конвенцијата; дека никој, оттука, не треба да може да се повика на одредбите од Конвенцијата за вршење дела со цел уништување на наведените права и слободи (...) “(Lawless c. Irlande, 1-ви јули 1961, § 7, серија A бр. 3).
33. Поради тоа, Судот смета дека членот 17 им ја одзема заштита што ја нуди членот 10 на „зборови кои се насочени против основните вредности на Конвенцијата“ (видете Lehideux et Isorni претходно наведена, §§ 47 et 53). Во случајот Garaudy, кој се однесува особено на осудата за негирање на злосторствата против човештвото на авторот на книга која систематски ги оспорува злосторствата против човештвото извршени од страна на нацистите против Еврејската заедница, Судот утврдил некомпатибилност rationae materiae со одредбите од Конвенцијата на жалбениот навод што жалителот го поднел врз основа на членот 10. Тој го засновал овој заклучок на констатацијата дека најголемиот дел од содржината и општиот тон на книгата на жалителот, а со тоа и нејзината „цел“, имале нагласен ревизионистички карактер и со тоа биле спротивни на основните вредности на Конвенцијата како што се правдата и мирот; потоа тој од оваа констатација извел дека жалителот се обидел да го скршне членот 10 од својата вокација користејќи го своето право на слобода на изразување за цели спротивни на духот и словото на Конвенцијата (Garaudy c. France (одл.), бр. 65831/01, ЕСЧП 2003‑IX (извадоци) ; видете исто така, Witzsch c. Allemagne (одл.), бр. 7485/03, 13 декември 2005). Претходно, Европската комисија за човекови права беше дошла до истиот заклучок во однос на осудата на авторот на публикација кој, под маската на техничка демонстрација, имал за цел, всушност, да го оспори користењето на гасните комори за масовно човечко истребување (Marais c. France, бр. 31159/96, одлука на Комисијата од 24 јуни 1996, D.R. 86, стр. 194). Други одлуки на Судот, особено во случаите Norwood с. Royaume-Uni (бр. 23131/03, ЕСЧП 2004‑XI) и Ivanov c. Russie (бр. 35222/04, 20 февруари 2007), се однесувале на користењето на слободата на изразување во, соодветно, исламофобни и антисемитски цели.
2.Примената на погоренаведените принципи во конкретниот случај
34. Во конкретниот случај, Судот забележува дека домашните судови го осудиле жалителот за расистичка навреда. Тие утврдиле дека тој јавно оддал признание на лице познато за своите негационистички тези и му врачил, од страна на актер кој претставувал карикатура на депортиран Евреин, предмет кој се исмевал со симбол на еврејската религија, откако, во вовед, ја најавил својата желба да „направи уште подобро“ отколку во претходната претстава, која наводно била опишана како „најголемиот анти-семитски митинг од последната светска војна.“ Судиите сметале дека оваа фаза, претставена од страна на жалителот како „начукување“, термин кој според Апелациониот суд ја евоцира содомијата, била наменета на лицата од еврејско потекло или еврејска религија како целина.
35. Судот смета дека оваа констатација на домашните судови се заоснова на оценка на фактите со која тој се согласува. Особено, тој нема никаков сомнеж што се однесува до силно анти-семитската содржина на оспорениот дел од претставата на жалителот. Тој забележува дека последниов му оддал признание на лице познато и осудено во Франција заради неговите негационистички тези, поканувајќи ја публиката да го поздрави со аплауз од „срце“ и доделувајќи му ја „наградата за неподобност и навредливост“. Тој забележува, како и кривичниот суд, дека овие ставови и термини имаат несомнено позитивно својство за жалителот.
36.Судот забележа дека последниов, далеку од тоа да го изрази своето несогласување со говорот на гостинот, тврди дека тој не изразил никаков ревизионистички став за време на сцената. Судот не може да го прифати овој аргумент. Тој смета напротив дека тоа што ги карактеризира како „афирмационисти“ оние кои го обвинуваат дека е негационист, сочинувало во однос на Робер Форисон јасен поттик да се изедначат „јасно утврдени историски факти“ (Lehideux et Isorni, претходно наведена, §§ 47) и теза чие изразување е забрането во францускиот закон и за која членот 17 ја одзема заштитата што ја нуди членот 10 (idem). Судот исто така забележува дека поканата упатена кон публиката да го пишува зборот како што сака била јасно насочена, со помош на игра на зборови, кон тоа да ја поттикне публиката да ги смета приврзаниците на оваа историска вистина како да се водат од „ционистички“ мотивации, што упатува на аргументација која може да се најде во негационстичките тези, со тоа што терминот исто така упатува на тематика која редовно се повторува кај жалителот кај кого антиционизмот е еден од неговите клучни политички ангажани (став 3). Судот истакнува дека последнов истакнал, во текот на истрагата, дека било договорено изјавите на Робер Форисо да имаат различна содржина (видете став 12 погоре). Меѓутоа, тој забележува дека планираниот цитат на извадокот од делото на Луј-Фердинанд Селин (ставови 10 и 12 погоре), во контекстот на сецнската режија опишана погоре, не бил од таков вид за да го ублажи навредливиот карактер на овој дел од претставата за лицата од еврејско потекло или еврејска вера. Судот понатаму забележува дека назначувањето на костимот на депортиран Евреин што го носел Ж.С. со изразот „светлосен костим“, сведочело a minima за отворено искажаното непочитување од страна на жалителот во однос на жртвите од холокаустот, придонесувајќи така за навредливата димензија на целата сцена.
37.Судот потсетува дека, според член 10 од Конвенцијата, потребно е да се испитаат спорнте искази во светло на околностите и на севкупниот контекст на случајот (видете, меѓу многу други, Lingens, претходно наведена § 40, и Morice c. France [ГС], бр. 29369/10, § 162, 23 април 2015). Во овој поглед, тој не се согласува ниту со аргументот на жалителот дека домашните судови погрешно го протолкувале „скечот“ буквално, без да ги бараат надворешните елементи кои укажуваат на спротивното толкување. Тој забележува дека засегнатиот е хуморист кој го истакнал својот силен политички ингажман, со своето кандидирање на неколку избори (став 3). Тој, исто така, забележува дека во времето на фактите, жалителот веќе бил осуден за навреда на расна основа (види став 27 погоре). Поради тоа, тој смета дека контекстуалните елементи, не повеќе од зборовите изречени на сцената, не се од таков вид за да посведочат за некаква волја на хумористот да ги обезвредни тезите на неговиот гостин или да го осуди антисемитизмот. Тој напротив забележува дека, актерот кој ја играл улогата на депортираниот Евреин самиот рекол дека не бил изненаден од одлуката да се покани на сцената Робер Форисо, со оглед на ставот што жалителот го изразувал во последните две години преку неговите настапи во јавност, вклучувајќи го и неговото зближување со тогашниот претседател на партијата Национален Фронт (видете став 10 погоре). Заради тоа, Судот забележува дека реакциите на публиката покажуваат дека анти-семитскиот и ревизионистичкиот дострел на сцената бил воочен од страна на гледачите (или барем од некои од нив) на истиот начин како и од националните судиите, пришто реченицата „Форисо е во право“била извикана (став 8 погоре).
38. Конечно, и особено, Судот констатира дека жалителот не дал објаснување во своите коментари во одговор на Владата за неговата желба, што ја искажал во воведот на спорната сцена и која била истакната од страна на домашните судии, да ја надмине својата претходна претстава која била опишана од страна на еден од набљудувачите како „најголемиот анти-семитски митинг од последната светска војна.“ Тој забележува дека оваа индикација нужно ја насочила перцепцијата на публиката за понатамошниот тек на претставата, со тоа што тој можел да се протолкува само со земање предвид на желбата изразена од страна на нејзиниот автор да „направи уште подобро“ во однос на антисемитизмот. Тој уште истакнува дека, пред домашните судови, жалителот само алудирал на овој вовед повикувајќи се на оправданието на провокација за да ја оправда расистичката навреда за која тој бил обвинет. Во жалбата, тој одново го употребил овој аргумент укажувајќи дека одговорил на „провокацијата“ на наведениот набљудувач, со тоа што ги презел зборовите од неговата критика, за кои тој сметал дека биле претерани и го поканил Робер Форисо на сцената.
39.Така, Судот смета, како и Апелациониот суд, дека во текот на спорниот извадок од претставата, настанот го изгубил својот карактер на забавна претстава и се претворил во митинг. Жалителот не може да тврди, во конкретните околности на случајот и во светлината на севкупниот контекст на случајот, дека дејствувал во својство на уметник кој имал право да се искаже преку сатирата, хуморот и провокацијата. Така, под закрила на хумористична претстава, тој поканил еден од најпознатите француски негационисти, осуден една година претходно за оспорување на злосторства против човештвото, за да му оддаде признание и да му даде збор. Покрај тоа, како дел од една навредливо гротескна сценска изведба, тој го вклучил настапот и на еден статист кој ја играл улогата на Ереин депортиран во концентрационите логори, задолжен да му ј врачи наградата на Робер Форисо. Во ова вреднување на негационизмот преку централното место што било дадено на настапот на Робер Форисо и во понижувачката положба во која биле ставени еврејските жртви на депортациите наспроти оној кој го негира нивното истребување, Судот гледа изразување на омраза и антисемитизам, како и преиспитување на холокаустот. Тој не може да прифати дека изразувањето на една идеологија која е спротивна на основните вредности на Конвенцијата, како што е искажано во нејзината преамбула, имено, правдата и мирот, да се поистовети со претстава, макар и сатирична или провокативна, која би потпаѓала под заштитата на членот 10 од Конвенцијата.
40. Освен тоа, Судот нагласува дека иако членот 17 од Конвенцијата, во принцип, досега се применувал во врска со експлицитни и директни зборови, кои не барале никакво толкување, тој е убеден дека изразениот став на омраза и антисемитизам, затскриен зад маската на уметничка продукција, е исто толку опасен како и фронтален и груб напад (видете исто така, mutatis mutandis, Marais, претходо наведена, за користењето на наводно техничка демонстрација). Според тоа, тој не ја заслужува заштитата на членот 10 од Конвенцијата.
41. Како резултат на тоа, со оглед на тоа дека фактите во прашање, како според нивната содржина така и според општиот тон, а со тоа и според нивната цел, имаат изразен негационистички и анти-семитски карактер, Судот смета дека жалителот се обидува да го скршне членот 10 од неговата вокација користејќи го своето право на слобода на изразување за цели спротивни на текстот и на духот на Конвенцијата и кои, доколку би биле прифатени, би придонеле за уништувањето на правата и слободите гарантирани со Конвенцијата (видете, mutatis mutandis, одлуките Marais, Garaudy, и Witzsch, наведени погоре).
42. Според тоа, Судот смета дека според член 17 од Конвенцијата, жалителот не може да ја ужива заштитата на членот 10. Од ова следи дека жалбата треба да биде одбиена како некомпатибилна ratione materiae со одредбите од Конвенцијата, во согласност со членот 35 §§ 3 а) и 4.
Од овие причини, Судот, со мнозинство гласови,
Ја прогласи жалбата за недопуштена.
Изготвено на француски јазик и потоа доставено на писмено на 10 ноември 2015 г.
Милан БлашкоХосеп Касадевал,
Заменик секретар на судотПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2016.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2016.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2016.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe ()). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy