ПЕТТИ ОДДЕЛ
ОДЛУКА
ЗА ДОПУШТЕНОСТА
на жалбата бр. 13113/03
поднесена од Ели УЛД ДА
против Франција
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
Европскиот суд за човекови права (петти оддел), заседавајки на 17 март 2009 година во совет составен од:
Раит Маруст (Rait Maruste), претседател,
Жан Пол Коста (Jean-Paul Costa),
Карел Јунгвирт (Karel Jungwiert),
Ренате Јегер (Renate Jaeger),
Марк Вилигер (Mark Villiger),
Изабел Беро-Лефевре (Isabelle Berro-Lefèvre),
Здравка Калајџиева (Zdravka Kalaydjieva), судии,
и Клаудија Вестердик, секретар на одделот,
Имајќи ја предвид споменатата жалба поднесена на 22 април 2003 г.,
Имајќи ги предвид забелешките доставени од страна на тужената Влада и оние доставени како одговор од страна на жалителот,
По расправата, ја донесе следната одлука:
ФАКТИ:
Жалителот, г-дин Ели Улд Да (Ely Ould Dah) е мавритански државјанин, роден во 1962 г. Пред Судот е застапуван од адвокатот г-дин К. Вакет (C. Waquet), адвокат од Државниот Совет и на Касациониот суд.
A. Околностите на случајот
Фактите од случајот, онака како што беа претставени од страните, може да се резимираат како што следи.
Помеѓу ноември 1990 г. и март 1991 г., имало судири меѓу Мавританците со арапско-берберско потекло и други групи кои припаѓаат на етницитети од Супсахарска Африка. Војници од овие етнички групи, обвинети за заговор за државен удар, биле задржани како затвореници. Некои од нив биле жртви на тортура или варварски дела од страна на нивните чувари, меѓу кои и жалителот, разузнавачки офицер во седиштето на Нуакшот, во Мавританија, со ранг на полковник.
На 14 јуни 1993 г. донесен е Закон за амнестија во корист на членовите на вооружените и безбедносните сили, сторители на дела извршени помеѓу 1 јануари 1989 г. и 18 април 1992 г. година , а кои се однесуваат на настаните кои довеле до вооружени дејствија и акти на насилство. Поради овој закон, жалителот не бил испитуван за делата извршени врз затворениците.
Во август 1998 г. година, жалителот, тогаш капетан на мавртианската војска, пристинал во Франција на стаж во полициската школа за пешадија во Монпелје.
На 8 јуни 1999 г. година Меѓународната федерација на лигата на човековите права (МФЧП) и Лигата за човековите права (ЛЧП) поднеле тужба во граѓанска постапка против жалителот заради тортурите кои тој ги сторил во Мавританија во 1990 г. и 1991 г. година. Овие гонења се засновале врз Конвенција против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување усвоена од страна на Генералното собрание на Обединетите нации на 10 декември 1984 г. година, ратификувана од страна на Франција и влезена во сила на 26 јуни 1987 г. година.
На 1 јули 1999 година, жалителот бил приведен.
На 2 јули 1999 г. година била отворена истрага и жалителот бил ставен под истрага за тортура или варварски дела. Тој бил ставен во притвор до 28 септември 1999 г, по што бил ослободен под судски наѕор. Жалителот избегал на непознат датум. Налог за негово апсење бил издаден во април 2000 г. година.
На 25 мај 2001 г. година, истражниот судија донел решение за покренување обвинение за тортура и варварски дела и соучество. Тој се потпирал врз сведоштвата на девет поранешни војници и вдовицата на десетиот. Две од овие лица, пребегани во Франција се соочиле со жалителот за време на истрагата, додека останатите поднеле писмени сведоштва. Жалителот поднел жалба против ова решение.
Со пресуда од 8 ноември 2001 г. година, истражниот совет на Апелациониот суд во Монпелје ја прогласил жалбата на жалитетот за неприфатлива бидејќи била задоцнета. Жалителот се обратил до Касациониот суд.
На 6 март 2002 година, Касациониот суд ја укинал пресудата на истражниот совет и ги вратил страните пред Апелациониот суд на Ним.
Со пресуда од 8 јули 2002 година, истражниот совет на Алепациониот суд на Ним го потврдил решението на истражниот судија и наредил покренување на обвинение пред Судот за кривични дела на Гард. Судот сметал дека условот предвиден со членот 1 од Конвенцијата против тортура е исполнет, со оглед на тоа што посочените факти потпаѓале во рамките на „етничко чистење“ и во рамките на широка репресивна кампања спроведена од страна на тогашната мавританска влада, како и на тоа што жалителот признал дека дејствувал во својство на службено лице во смисла на одредбите од конвенцијата, во капацитет на разузнавачки службеник и член на комисијата за сослушување. Истражниот совет во таа насока сметал дека одредбите од членовите 689, 689-1 и 689-2 на Законот за кривична постапка, како и членот 7, алинеа 2 на Конвенцијата од 10 декември 1984 година утврдувале надлежност на француските судски власти да судат за овие факти, да го применат француското право врз нив и да не мораат да земат предвид закон за амнестија на странска држава чија примена би предизвикала повреда на меѓународните обврски на Франција и би оневозможила секаква важност на принципот на универзална надлежност. Сметајќи дека принципот на законитост не се спротиставува на тоа дадена повреда да биде уредена во меѓународен договор или меѓународна спогодба, којашто има посилна правна сила од законот, истражниот совет сметал дека иако „тортурите“ биле издигнати со новиот кривичен закон во „автономно кривично дело“ уредено и санкционирано со членот 222-1 и следните членови од Кривичниот закон, тие меѓутоа претставувале претходно отежителна околност на одредени противзаконски дела, и особено на кривичното дело на квалификувани насилства предвидени со членовите 303 и 309 од укинатиот Кривичен закон, дело кое се санкционира со казна од „5 до 10 години затвор“: судот оттука заклучил дека фактите кои му се товарат на жалителот и се составен дел од кривично дело, не биле застарени и дека единственото ограничување за нивното репресирање била примената само на казните кои се применувале во времето на фактите, освен во случај на постоење на поповолен кривичен закон.
Со пресуда од 23 октомври 2002 година, Касациониот суд ја отфрлил жалбата на жалителот сметајќи дека истражниот совет ја образложил својата одлука за сите точки покренати од страна на жалителот.
Бидејќи жалителот бил во бегство, барањето тој да се појави пред кривичниот суд му било доставено на обвинителството на 13 мај 2005 година.
На 30 јуни 2005 година, Кривичниот суд од Гард одржал рочиште, и двајцата адвокати на обвинетиот биле сослушани во отсуство на истиот.
На 1 јули 2005 година, Кривичниот суд донел две пресуди. Во првата го осудил жалителот на 10 години затвор поради тоа што, од една страна намерно подвргнал одредени лица на тортура и варварство и, од друга страна, подвргнал други затвореници на истиот третман, преку злоупотреба на својата службена положба или преку давање на инструкции на војниците кои ги извршиле ваквите дела. Кривичниот суд ги имал предвид конкретно членовите 303 и 309 од стариот Кривичен закон и 222-1 од Кривичниот закон, како и Конвенцијата од Њујорк од 10 декември 1984 година. Во втората пресуда, судот доделил надомест на штета на различните тужители.
Б. Релевантно право
1. Поранешниот кривичен закон
Член 303
„ Ќе бидат казнети како виновни за убиство, сите злосторници, без разлика на нивното нарекување, кои за да ги извршат своите кривични дела применуваат тортура или варварски дејствија.
Оние кои заради извршување на своите кривични дела применуваат тортура или вршат варварски дела ќе бидат казнети од пет до десет години затвор. “
Член 309
„Секој кој доброволно ќе изврши физички напад или насилства кои предизвикуваат болест или целосна неспособност за лична работа повеќе од осум дена ќе биде казнет со затвор од два месеци до две години и со парична казна од 500 Ф до 20 000 Ф или само со една од двете казни. (...) “
2. Членот 222-1 од новиот Кривичен закон (основен со законот бр. 92-684 од 22 јули 1992 година и влезен во сила на 1 март 1994 година)
Член 222-1
„Подвргнувањето на одредено лице на тортура или варварски дела се казнува со петнаесет години затвор“
Првите две алинеи од членот 132-23 кои се однесуваат на периодот на безбедност се применливи на кривичното дело предвидено со овој член .“
Циркуларот од 14 мај 1993 година, кој содржи коментари за новиот Кривичен закон и одредбите од законот од 16 декември 1992 година, го прецизира следното:
„ Изразот тортури и варварски дела ја задржува смислата која моментално му е дадена преку судската пракса кога овие дејствија се однесуваат на отежителни околности.“
Како кривичното делото утврдено со закон, така и поранешната отежителна околност на тортури и варварски дела, претполагаат постоење на материјален дел кој се состои од вршење на едно или повеќе дејствија од исклучителна сериозност кои ги надминуваат обичните насилства и ѝ предизвикуваат на жртвата силна болка и страдање, како и од морален дел кој се состои од желбата да се негира достоинството на лицето (обвинителен совет на Апелациониот суд на Лион, пресуда од 19 јануари 1996, толкуван во ревијата Далоз 1996 година стр. 258 и цитиран согласно членот 222-1 од Кривичниот закон, издание Литек).
Согласно судската пракса на Касациониот суд, новите обвниненија кои се однесуваат на тортурата и варварските дејствија обезбедуваат континуитетот со обвиненијата предвидени со поранешниот кривичен закон (Кривичен билтен. 11 мај 2005 година, Билтен број 146, правен лек бр. 05-81331 : точно го применува кривичниот закон, пресудата препратена на Касациониот суд во која се вели дека членот 222-3, алинеа 2 од новиот кривичен закон што го санкционира криминалното дело тортура или варварски дејства комбинирани со сексуален напад, го обезбедува континуитетот на обвинението предвидено со поранешниот член 333-1 од законот од 23 декември 1980 година кој го санкцинираше секој полов напад придружен со тортура или варварски дејствија).
Циркуларот од 14 мај меѓудругото прецизира дека одредбите од новиот Кривичен закон имаат многу поширока важност од оние на Конвенцијата од Њујорк од 1984 година против тортура која се однесува единствено на делата сторени од страна на официјално лице за одредени мотиви. Циркуларот посочува исто така дека новото обвинение овозможува да се пополнат значајни празнини во казнувањето, дозволувајќи да се земат предвид не само важноста на претрпената штета од страна на жртвата, туку и сериозноста на нападите без оглед на нивниот резултат: циркуларот нуди решение особено за проблемите кои се јавуваат поради невозможноста да се казни обидот за физички напад кој бил извршен за време на претходниот систем.
3. Закон за кривична постапка
Член 379-2
„На обвинетиот, неоправдано отсутен на отворањето на сослушувањето ќе му се суди во отсуство согласно одредбите од оваа глава. Истото ќе биде и во случајот кога отсутвото на обвинетиот е утврдено во текот на рочиштето и кога не е можно истото да се суспендира до неговото враќање. (...) “
член 379-5
“Можноста за апелација не постои за лицето осудено во отсуство“
Article 689
„ Сторителите или соучесниците на кривичните дела сторени надвор од територијата на Републиката можат да бидат гонети и судени од страна на француските судски власти кога, согласно одредбите од Книга I од Кривичниот закон или од друг правен акт, францускиот закон е применлив, или пак кога некоја меѓународна конвенција им дава надлежност на француските судови да судат за кривичното дело. “
Член 689-1
„Согласно меѓународните конвенции наведени подолу, може да биде кривично гонено и судено во од страна на француските судски инстанци, доколку се наоѓа на француска територија, секое лице кое, надвор од територијата на Републиката, починило некое од кривичните дела наведени во овие членови може, доколу се наоѓа на француска територија, да биде гонето и судено од страна на француските судски власти. Одредбите од овој член се применливи на обидот за извршување на некое од овие кривични дела, секој пат кога обидот е казнив“
Член 689-2
„ За примена на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување усвоена во Њујорк на 10 декември 1984 г., може да биде гонето и судено согласно условите предвидени со членот 689-1, секое лице виновно за тортури согласно членот 1 од Конвенцијата.“
4. Меѓународни акти кои ја забрануваат тортурата
a) Конвенциjата за заштита од тортура и други сурови, нечовечки или понижувачки казни или постапки усвоена и отворена за потпис, ратификација и пристапување од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации на 10 декември 1984 година и влезена во сила на 26 јуни 1987.
Член 1
„ 1. Во смислата на оваа Конвенција, терминот „тортура“ означува дело преку кое на некое лице намерно му се нанесуваат силна физичка или ментални страдања со цел да се добие од него или од некое трето лице информации или признанија, или со цел тоа да се казни за дело кое тоа или трето лице го сторило или постои сомнение дека го сторило, да се заплаши или да се изврши притисок врз тоа лице или да се заплаши или направи притисок на трето лице, или од било која друга причина врз основа на било каква дискриминација, кога таква болка или страдање е нанесено од страна на службено лице или од било кое друго лице кое постапува по службена должност или по сопствена иницијатива или со јасно искажана или премолчана согласност. Овој израз не се однесува на болката или страдањата кои се резултат исклучиво на легитимни санкции, кои се нераздвојни од овие санкции или се предизвикани од нив“ .
2. Овој член не е во спротивност со ниту еден меѓународен акт или национален закон кој содржи или би можел да содржи одредби за поширока примена.“
Член 2
„ 1. Секоја земја членка ќе преземе законодавни, административни, судски и други ефикасни мерки за да оневозможи да бидат сторени акти на тортура на целата територија под нејзина јурисдикција.“
2. Како оправдување за тортура не може да се наведе ниту една исклучителна околност без разлика за што станува збор, дали за војна или закана за војна, политичка нестабилност или за било која друга вонредна состојба.“
3. Наредбата на надредениот или на јавната власт не може да биде наведена за да се оправда тортурата.“
Член 4
„ 1. Секоја држава членка ќе се осигура дека сите акти на тортура се сметаат за кривични дела согласно нејзиното кривично право. Истото се однесува и на обидот да се изврши тортура или на секој акт извршен од страна на било кое лице кое претставува соучество или учество во актот на тортура.
2. Секоја држава членка одредува за овие дела соодветни кривични казни кои ја земаат предвид нивната сериозност.“
член 5
„ 1.Секоја држава членка ќе ги преземе неопходните мерки за да ја воспостави својата надлежност за кривичните дела уредени со членот 4 во следните случаи:
a) Кога кривичното дело било сторено на нејзината територија под јурисдикција на таа држава или на воздухоплови или бродови регистрирани во таа држава;
б) Кога наводниот сторител е државјанин на таа држава;
в) Кога жртвата е државјанин на таа држава и кога таа смета дека е потребно.
2. Секоја држава членка ќе ги преземе неопходните мерки за да воспостави своја надлежност за овие кривични дела во случаите кога наводниот сторител се наоѓа на територијата под нејзина јурисдикција и кога таа држава не го екстрадира согласно членот 8 до некоја од државите наведени во ставот 1 од овој член.
3. Оваа Конвенција не исклучува ниту една кривична надлежност која е во согласност со националните закони.“
Член 6
„ 1. Доколку смета дека условите тоа го оправдуваат, по разгледување на информациите со кои располага, секоја држава членка на чија територија се наоѓа лице за кое постои сомневање дека сторило некое кривично дело уредено со член 4, обезбедува негово притворање или ги презема сите неопходни правни мерки за да го обезбеди неговото присуство. Притворот и мерките треба да бидат во согласност со законодавството на оваа држава; можат да се применуваат единствено за времетраењето неопходно за кривично гонење или постапка на екстрадиција.
2. Државата веднаш започнува со прелиминарна истрага со цел да ги утврди фактите.
3. Секое притворено лице согласно ставот 1 од овој член може веднаш да комуницира со најблискиот надлежен претставник на државата чиј државјанин е тоа, или, доколку станува збор за лице без државјанство, со преставникот на државата каде вообичаено престојува.
4. Кога државата притворила одредено лице, согласно одредбите на овој член, таа за тоа апсење и за околностите кои го оправдуваат веднаш ги известува државите наведни во ставот 1 од членот 5. Државата што започнува со прелиминарната истрага наведена во ставот 2 од овој член за своите заклучоци навремено ќе ги информира споменатите држави и ќе наведе дали има намера да ја примени својата надлежност“.
Член 7
„ 1. Државата членка на чија територијата и под чија јурисдикција е откриен наводниот сторител на кривично дело уредено со член 4, доколку не го екстрадира ова лице, го предава случајот, согласно случаите од членот 5, на нејзините надлежни кривични органи.
2. Овие органи ги донесуваат одлуките на ист начин како за секоја сериозна повреда на обичајното право согласно националното законодавство. Во случаите наведени во ставот 2 од членот 5, правилата за докази кои се применуваат за гонења и осуди, никако не се помалку строги од оние кои се применуваат во случаите предвидени со ставот 1 од членот 5.
3. Секое лице гонето за било кое од кривичните дела наведени во членот 4 ужива право на правичен третман во сите фази на постапката.“
б) Други меѓународни правни акти
i. Универзална декларација за правата на човекот од 10 декември 1948
Член 5
„Никој нема да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.“
ii. Женевски конвенции од 12 август 1949 г.
Член 3 заеднички за четирите Конвенции
„ Во случај на вооружен конфликт кој нема меѓународен карактер и кој се случува на територијата на една од Високите договорни страни, секоја страна на конфликтот е обврзана да ги применува најмалку следниве одредби:
1) Со лицата кои не учествуваат директно во непријателствата, вклучувајќи ги и членовите на вооружените сили кои го предале оружјето и лицата кои се надвор од борбите заради болест, повреда, притвор или било која друга причина, ќе се постапува хумано во секој случај без никаква разлика заснована на раса, боја, религија или верување, пол, род или богатство или било кои слични критериуми.
За таа цел, се и ќе бидат забранети, во секое време и на секое место кон споменатите лица :
a) повредите во однос на животот и телесниот интегритет , особено убиства од секаков вид, осакатување, суров третман, тортура и измачувања ; (...)
в) повредите врз личното достоинство , особено понижувачко и деградирачко однесување ; (...) “
iii. Европска конвенција за заштита на човековите права и основните слободи од 4 ноември 1950 г.
член 3
„ Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. “
iv. Меѓународен пакт за граѓански и политички права од 16 декември 1966 г.
член 7
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Особено, забрането е да се подложи некое лице, без негова слободна согласност, на медицински или научен експеримент.“
Комитетот за правата на човекот на Обединетите нации изјави во 1994 г. во неговиот генерален коментар број 20 во однос на членот 7 од Меѓународниот пакт дека забележал дека одредени држави донеле амнестија за акти на тортура, прецизирајки дека „амнестијата во принцип е неспојива со должноста која ја имаат државите да ги испитуваат овој вид на акти; да ја гарантираат заштитата против таков вид на акти во својот правен систем и да внимаваат на тоа истите да не се повторат во иднина.Државите не смеат да ги лишат поединците од правото на ефикасен правен лек, вклучувајќи го и правото на надомест и рехабилитација на најкомплетен начин.“ (Compilation of General Comments and General Recommendations Adopted by Human Rights Treaty Bodies, Doc. O.N.U HRI/GEN/1/Rev.1, стр 30, 1994).
v. Американска конвенција за правата на човекот од 22 ноември 1969 г.
член 5
1. Секој има право на почитување на неговиот физички и психички интегритет и морал.
2. Никој не смее да биде подложен на тортура или на суров, нехуман или понижувачки третман. Секое лице лишено од слобода ќе биде третирано со почит на достоинството кое е неделиво од човековата личност.“
vi. Женевска конвенција од 8 јуни 1977 г., дополнителен протокол бр 2 за заштита на жртвите од воените немеѓународни конфликти
член 4
„ (...) 2. Без влијание на општиот карактер на одредбите кои претходеа, се и остануваат забранети во секое време и насекаде во однос на лицата наведени од ставот 1 :
a) повредите на животот, здравјето и физичката и менталната благосостојба на лицата, особено убиството, но и суровото постапување, како што е тортурата, осакатувања или секаква форма на телесни повреди ; (... ) “
vii. Африканска повелба за правата на човекот и народите од 27 јуни 1981
Член 5
„Секој има право на почитување на достоинството неделиво од човековата личност и кон признавање на неговата правна способност. Сите форми на експлоатација и деградација на човекот, особено ропството, трговијата со луѓе, физичката или морална тортура и суровото, нечовечко или понижувачко казнување и постапување се забранети.“
viii. Статут на Меѓународниот Кривичен суд
член 17 – Прашања на допуштеноста
„ 1. Имајќи го предвид став 10 од Преамбулата и одредбите од член 1, Судот одлучува дека одреден случај не може да биде допуштен, ако::
a) Случајот е под истрага или кривично гонење од државата која има надлежност над него, освен ако таа држава не сака или не е во состојба прописно да ја спроведе истрагата или кривичното гонење ;
б) Случајот е истражен во државата надлежна за него и таа одлучила да нема кривично гонење на даденото лице, освен ако таа одлука не произлегла од немањето волја или неспособноста соодветно да се спроведе кривичното гонење;
в) Лицето за кое станува збор веќе било судено за делото кое е предмет на тужбата, и не може да биде судено од страна на Судот во согласност со член 20, став 3.
д) Случајот не е доволно сериозен за натамошно постапување на Судот.
2. За да се утврди дали во одреден случај постои недостаток на волја за кривично гонење, Судот испитува, имајќи ги предвид начелата за гаранција за правично судење признати со меѓународното право, дали се работи за една или за повеќе од следниве околности :
a) Постапката била започната или ќе започне или некоја од државните одлуки е донесена за одреденото лице да се ослободи од кривичната одговорност за кривичните дела во надлежност на Судот согласно член 5;
б) Постапката претрпела неоправдано одложување кое, во дадените околности, е некомпатибилно со намерата да се изведе лицето пред правдата;
в) Постапката не била или не е водена независно и непристрасно туку на начин кој во дадените околности е некомпатибилен со намерата да се изведе лицето пред правдата.
3. За да се утврди неспособност на државата во конкретен случај, Судот ќе разгледа дали државата не е во можност, како последица на постапно или целосно распаѓање на својот национален правосуден систем или недостапноста на истиот, да дојде до обвинетиот, потребните докази и искази на сведоците и дали поради било кои други причини не е во можност да ја спроведе својата постапка.
5. Одлуки на меѓународните судови
Во пресуда од 14 февруари 2002 г. (Случај во врска со налогот за апсење од 11 април 200, Демократска Република Конго против Белгија), Меѓународниот суд на правдата утврди дека Конго не се осврнува на прашањето за барањето на Белгија за примена на универзалната надлежност и одлучи да го испита единствено прашањето за почитување на правото на имунитет кој министерот за надворешни работи на Конго го уживал во вршењето на своите должности. Прашањето за надлежноста на белгискиот судија и, оттука, за извршувањето на универзалната надлежност, беше начнато од одредени судии во издвоени мислења приложени кон пресудата (конкретно, во цитираната пресуда во однос на универзалната надлежност остварена автоматски од страна на Белгија).
Во случајот Обвинителот против Анто Фурунџија (Anto Furundzija) (пресуда од 10 декември 1998 (бр IT-95-17/1-T), Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) го утврди следното :
„ 153. (...) Поради важноста на вредностите кои ги заштитува, [принципот на забрана на тортура] стана императивна норма или jus cogens, што значи норма која се рангира во меѓународната хиерархија на повисок ранг од конвенционалното право па дури и од правилата на „обичното“ обичајно право. Најочигледна последица е дека државите не можат да отстапат од овој принцип преку меѓународни договори, локални или специјални обичаи па дури и преку општите обичајни правила кои ја немаат истата нормативна вредност.
154. Јасно, jus cogens природата на забраната на тортура ја одразува идејата дека истата е една од најфундаменталните норми на меѓународната заедница. Дополнително, оваа забрана треба да има ефект на одвраќање на начин што ќе ги потсетува сите членови на меѓународната заедница и индивидуите над кого тие имаат власт дека станува збор за абсолутна вредност што никој не смее да ја прекрши.
155. (...) Би било абсурдно да се каже, од една страна, со оглед на jus cogens природата на забраната на тортура, дека договорите или обичајните правила кои ја уредуваат тортурата се ништовни и неважечки ab initio, а да се остават државите, од друга страна, кои на пример преземаат национални мерки кои ја овозможуваат или толерираат тортурата или ги аменестираат мачителите. (...)
156. Покрај тоа, на индивидуално ниво, односно она на кривичната одговорност, се чини дека една од последиците на вредноста на jus cogens која и се признава на забраната на тортура од страна на меѓународната заедница е правото на секоја држава да испитува, да гони и да казнува или екстрадира поединци обвинети за тортура кои се наоѓаат на нејзината територија. (...) »
Слични тврдења можат да се најдат во пресудите Обвинител против Делачиќ ( Delacic) и други (16 ноември 1998, случај бр. МТ-96-21-T, § 454) и Обивинител против Кунарац (Kunarac) (22 февруари 2001, случај бр. МТ 96-23-T et МТ-96-23/1, § 466).
ЖАЛБИ
Повикувајќи се на членот 7 од Конвенцијата, жалителот се жалел дека бил гонет и осуден во Франција за дела сторени во Мавританија во 1990 г. и 1991 г., кога тој не можел да предвиди дека мавританскиот закон ќе биде отфрлен во корист на францускиот закон кој пак не ја сметал тортурата за автономно кривично дело во времето на стореното дело, како и дека одредбите од новиот кривичен закон во неговиот случај биле применети ретроактивно.
ПРАВО
Жалителот се жалел дека бил гонет и осуден од страна на француските судски власти. Тој се повикал на членот 7 од Конвенцијата согласно кој :
„ 1. Никој не може да биде осуден за дело или пропуст кој во моментот кога бил сторен не претставувал кривично дело согласно националното и меѓународното право. Воедно не се изрекува потешка казна од онаа што се применувала кога било сторено кривичното дело.
2. Овој член не е во спротивност со судењето и казнувањето на лицето виновно за дело, кое во моментот кога било сторено претставувало кривично дело согласно општите правни начела признати од страна на цивилизираните народи. “
A. Аргументи на страните
1. Владата
Владата првенствено смета дека предметната жалба претставува злоупотреба на правото во смисла на членот 17 од Конвенцијата, со оглед на тоа дека жалителот сторил дела спротивни на членот 3 од Конвенцијата, за време на настаните во Мавританија во 1990 г. и 1991 г., односно дела насочени кон уништување на правата и слободите признати со Конвенцијата.
Второ, Владата смета дека жалбата е очигледно неоснована. Владата најпрво наведува дека француски закон кој бил применет врз жалителот бил достапен и предвидлив. Во времето на настаните, правилата за универзална надлежност содржани во Конвенцијата против тортура од 10 ноември 1984 г. биле транспонирани во француското право, конкретно во членот 689-2 од Законот за кривична постапка воведен со закон од 30 декември 1985 г. Конвенцијата против тортура од 10 ноември 1984 г. е ратификувана уште во 1985 г. со закон, пред да влезе во сила на 26 јуни 1987 г. Дополнително, актите на тортура биле казниви со членот 303 од поранешниот Кривичен закон, како отежнувачки околности. Владата заклучува дека достапноста на законот не може да биде оспорена од страна на жалителот. Воедно, го отфрла неговиот аргумент согласно кој кривичниот закон бил напишан на, за него странски јазик, од причина што жалителот посетувал воена обука во Франција од многу високо ниво по положувањето на приемниот тест за француски јазик. Во однос на предвидливоста, Владата посочува дека жалителот бил помогнат од адвокат по свој избор и дека системот за надлежности кој се применува во француското судство произлегува од универзален меѓународен акт и оттука истиот е предвидлив. Оттука, Владата смета дека жалителот во својство на службеник-разузнувач и на раководител на камп каде биле тортурирани десетици мавритански војници со субсахарско потекло не можел сериозно да тврди дека не знаел дека сторените дела се казниви на меѓународно ниво и дека не може да се повика на мавританскиот закон за амнестија имајќи ја предвид забраната за тортура во сите околности предвидени со меѓународното право.
Владата смета дека кривичното дело на тортура постоело во француското право пред влегувањето во сила на новиот кривичен закон, во времето кога овие дела биле сторени. Од една страна, државите кои ја ратификувале Конвенцијата против тортура биле должни да ја воспостават својата надлежност во националното право за делата на тортура, иако овие дела немале никаква директна врска со државата. Франција го прилагодила своето законодавство и за оваа цел ги усвоила одредбите од членовите 689-1 и 689-2 од Законот за кривична постапка. Особено, Владата појаснува дека жалителот бил осуден, од една страна, во согласност со членовите 303 и 309 од Кривичниот закон применлив во моментот на настаните и, од друга страна, бил казнет со казна од десет години која претставува максимална казна за делата на тортура во времето на настаните. Таа појаснува дека иако тортурата не претставувала автономно кривично дело во моментот на настаните, била предвидена, имала кривична природа која повлекувала кривична казна.
Конечно, Владата потсетува дека исклучокот предвиден во ставот 2 од членот 7 имал за цел да го спречи доведувањето во прашање на законодавствата усвоени по Втората светска војна за казнување на воените злосторства и злосторствата против човештвото. Според неа, употребата на „општите принципи на правото признати од цивилизираните нации“, упатува на универзалните конвенции за човекови права. Од меѓународното право произлегува дека никаква дерогација не може да го оправда актот на тортура.
2. Жалител
Жалителот смета дека повикувањето на членот 17 од Конвенцијата е ирелевантно, бидејќи тој не се обидува да го поддржи правото на било кој да се вклучи во тортура. Неговата жалба има за цел да ги утврди условите под кои една држава може да се овласти да суди лице и дела кои ѝ се сосема туѓи, важно прашање кое не треба да биде избегнато преку членот 17. Тој потсетува дека со смената на режимот, Мавританија усвоила закон за амнестија со цел да ја овозможи реконструкцијата на земјата, закон од кој тој сака да бенефицира.
Во однос на предвидливоста на законот, неговиот случај е прв случај од ваков вид во Франција и надлежноста на француските судови која произлегува евентуално од Конвенцијата од Њујорк, не ја повлекувала примената на францускиот закон. Дотолку повеќе, таквиот пристап ќе го направи правното правило непредвидливо доколку сите земји би применувале сопствени правила.
Жалителот тврди дека меѓу останатото бил осуден за кривично дело кое не се сметало за автономно дело на датумот кога делото било гонето.
Конечно, тој смета дека исклучокот предвиден со ставот 2 од членот 7 нема врска со прашањето за примена на мавританскиот закон за амнестија, закон кој не цели кон непризнавање на осудата на актите на тортура туку кон национално помирување.
Б. Оценка на Судот
Судот прво потсетува дека членот 17 од Конвенцијата, иако се однесува на поединци, има за цел да оневозможи тие да можат да извлечат од Конвенцијата право кое ќе им овозможи да се вклучат во дејствија или да извршат дело насочено кон рушење на правата и слободите признати со Конвенцијата. Ако никој не може да се повика на одредбите од Конвенцијата за да се вклучи во дела насочени кон рушење на правата и слободите наведени погоре, оваа одредба, со негативен дострел, не може да биде протолкувана a contrario како одредба која лишува некое физичко лице од индивидуалните основни права загарантирани со членовите 5 и 6 од Конвенцијата. (Лаулес (Lawless) против Ирска, пресуда од 1ви јули 1961, серија A бр 3, § 7, стр. 45 ). Мислење на Судот е дека истото се однесува и на правата загарантирани со членот 7 од Конвенцијата.
Во конкретниот случај, жалителот не ја искористил Конвенцијата со цел да оправда или да изврши дела спротивни на одредбите од член 3. Тој се обратил до Судот со жалба дека бил лишен, според него, од гаранциите од членот 7 од Конвенцијата. Последователно, тој не можел да биде спречен да се повикува на истиот согласно одредбите од членот 17 од Конвенцијата.
Судот воедно забележува дека жалителот не ја оспорува надлежноста на француските судови, прашање кое, освен тоа, не произлегува од членот 7 од Конвенцијата, туку се жали дека тие го примениле француското, а не мавританското право, во услови спротивни од тие предвидени со членот 7.
Судот потсетува дека во својата пресуда Ашур (Achour) против Франција оценил дека „Високите договорни страни [се слободни] да одлучат за нивната кривична политика, во однос на која, во принцип , Судот не се произнесува“ и дека „изборот што го прави одредена земја на тој или оној кривичен систем ѝ бега генерално на европската контрола што Судот ја врши, под услов избраниот систем да не ги оспорува принципите на Конвенцијата“ (Ашур против Франција [ГС], бр 67335/01, и соодветно §§ 44 et 51, ЕСЧП 2006-IV).
Судот исто така потсетува дека гаранцијата наведена во членот 7, суштински елемент на владеењето на правото, зафаќа видно место во системот на заштита на Конвенцијата, како што го потврдува фактот што членот 15 не дозволува никакво отстапување во време на војна или друга јавна опасност. Како што тоа произлегува од неговиот предмет и цел, овој член треба да се толкува и применува на начин да се обезбеди ефективна заштита против произволните гонења, осуди и казни. (Корбели (Korbely)против Унгарија [ГС], бр 9174/02, § 69, ЕСЧП 2008-...)
Членот 7 од Конвенцијата го уредува, генерално, принципот на законитоста на кривичните дела и на казните (nullum crimen, nulla poena sine lege) и ја забранува особено ретроактивната примена на кривичното право кога се врши на штета на обвинетиот (Кокинакис (Kokkinakis) против Грција, пресуда од 25 мај 1993, серија A бр 260-A, стр. 22, § 52). Овој член особено го забранува проширувањето на опфатот на постоечките кривични дела на дела кои претходно не претставувале кривични дела, но тој исто така бара да не се применува кривичниот закон на екстензивен начин на штета на обвинтетиот, на пример по аналогија.
Следува дека законот треба јасно да ги дефинира кривичните дела и казните со кои тие се санкционираат. Овој услов е исполнет кога поединецот може да знае, тргнувајќи од текстот на релевантната одредба, како и од, доколку е потребно, толкувањето на истата од страна на судовите, кои дела и пропусти повлекуваат негова кривична одговорност. Терминот „право“ (« law ») употребен во членот 7 одговара на оној на „право“ содржан во други членови на Конвенцијата; ги вклучува правото како од законодавно потекло така и од судската пракса и повлекува квалитативни услови, меѓу другото оние на достапноста и предвидливоста (види Кантони (Cantoni) против Франција, 15 ноември 1996, § 29, Збирка на пресуди и одлуки 1996-V, претходно цитираните Ашур, §§ 41-42, и Корбели, § 70).
Задача на Судот е да се осигура дека, во моментот кога обвинетиот го сторил делото кое ги предизвикало гонењето и осудата, постоела правна одредба која го пропишувала делото како казниво и дека изречената казна не ги надминала границите утврдени со таа одредба. (Коем (Coëme) и други против Белгија, бр. 32492/96, 32547/96, 32548/96, 33209/96 и 33210/96, § 145, ЕСЧП 2000-VII, и претходно цитираната Ашур, § 43).
Покрај тоа, Судот потсетува дека согласно членот 7 став 1 од Конвенцијата, колку и да е јасно формулирана некоја кривична одредба, во кој и да е судски систем, постои неизбежно дел кој ќе треба да подложи на судско толкување и секогаш ќе треба да се разјаснуваат спорните точки и да се прилагодува на променливите околности. Всушност, во судската традиција на државите членки на Конвенцијата цврсто е утврдено дека судската пракса, како извор на правото, неизбежно придонесува кон прогресивниот развој на кривичното право. Не би можело да се толкува членот 7 од Конвенцијата како член кој го забранува постепеното појаснување на правилата на кривична одговорност преку судското толкување од случај до случај, под услов резултатот да биде конзистентен со суштината на кривичното дело и разумно предвидлив. (С..В. и Ц.Р. против Обединето Кралство, пресуди од 22 ноември 1995, и сериите A бр. 335‑Б, стр. 41-42, §§ 34-36, и серија A бр. 335-C, стр. 68-69, §§ 32-34, Стрелец, Кеслер и Кренц (Streletz, Kessler et Krenz) против Германија [ГС], бр. 34044/96, 35532/97 и 44801/98, § 50, ЕСЧП 2001-II, Јоргиќ (Jorgic) против Германија, бр.74613/01, § 101, 12 јули 2007, и претходно цитираниот Корбели, § 71). Очигледно, овој поим се применува во принцип на прогресивниот развој на судската пракса во рамките на една иста правна држава и во демократски режим, елементи кои претставуваат темели на Конвенцијата, како што тоа го тврди и нејзината преамбула, но овој поим меѓутоа ја чува сета своја вредност кога, како во случајот, имало усвојување на меѓународен договор за одбрана на човековите права со универзална вредност (видете ги, mutatis mutandis, претходно цитираните Стрелец, Кеслер, Кенц, § 82). Поинакво расудување би било биде спротивно на принципите врз кои е изграден целокупниот систем на заштита утврден со Конвенцијата (истата пресуда).
Во овој случај, судот забележува дека француските судски власти уживаат во одредени случаи универзална надлежност, кој принцип е воспоставен со членот 689-1 од Законот за кривична постапка. На тој начин, тие можат да му судат на сторителот на кривичното дело без разлика на неговото државјанството, на неговата жртва и на местото каде е сторено делото, под двоен услов тој да се наоѓа на француска територија и да се постапува согласно меѓународните конвенции.
Судот констатира дека овие два услови биле исполнети во конретниот случај. Од една страна военото лице на мавританската армија со мавританско државјансто било гонето во Франција и било уапсено додека се наоѓало на француска територија во 1999 г. и конечно било осудено во отсуство на 1 јули 2005 г. за дела на тортура и варварство во Мавританија во 1990 г. и 1991 г. Од друга страна, Судот забележува дека во времето на настаните конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувако казнување и постапување, усвоена од Генералното собрание на Обединетите Нации на 10 декември 1984 г. веќе била во сила, и тоа почнувајќи од 26 јуни 1987 г., вклучувајќи ја и Франција, која претходно ја транспонираше оваа конвенција во своето национално законодавство преку законот 85-1047 од 30 декември 1985 г. воведувајќи за оваа цел нов член 689-2 во Законот за кривична постапка.
Покрај тоа, забраната за тортура зазема фундаментално место во сите меѓународни инструмени за заштита на човековите права, особено во Универзалната Декларација за правата на човекот или во Африканската повелба за правата на човекот и народите која конкретно е наменета да се применува на континентот од каде потекнува жалителот. Членот 3 од Конвенцијата воедно ја забранува во апсолутна смисла тортурата или нечовечните и понижувачките постапувања и казнувања. Тој утврдува една од основните вредности на демократските општества и не поддржува никаква дерогација во однос на истата дури ни во случај на јавна опасност која се заканува на животот на нацијата. (Аксој (Aksoy) против Турција од 18 декември 1996, Збирка на пресуди и одлуки 1996-VI, стр. 2278, § 62, Асенов (Assenov) и други против Бугарија, пресуда од 28 окотмври 1998, Збирка 1998-VIII, стр. 3288, § 93, и Селмуни (Selmouni) против Франција [ГС], бр. 25803/94, § 95, ЕСЧП 1999-V).
Судот смета во согласност со судската пракса на МКСЈ дека забраната на тортура има вредност на императивна норма, односно jus cogens (Ал-Адсани ( Al-Adsani) против Обединетото Кралство, 21 ноември 2001, § 60, Збирка на пресуди и одлуки 2001-XI). Ако Судот признал дека државите можат да бараат имунитет во граѓански постапки за барање оштета за акти на тортура кои биле извршени надвор од земјата каде се одвива судењето (иста пресуда, § 66), конкретниот случај не се однесува на прашањето на имунитет на една држава во случај на граѓанска постапка покрената од страна на жртва на одредена тортура, туку се однесува на кривичната одговорност на поединец за извршени акти на тортура (види, a contrario, иста пресуда, § 61).
Според судот, императивната потреба за забрана на тортурата и можното кривично гонење на лицата кои го прекршуваат ова универзално правило, како и вршењето од страна на држава потписничка на универзалната надлежност предвидена со Конвенцијата против тортура, би загубиле секакво значење доколку требало да се задржи единствено судската надлежност на оваа држава без притоа да се признае применливоста на релевантното законодавство на истата држава. Без сомнение, отстранувањето на ова законодавство во корист на случајните одлуки или закони усвоени од страна на државата каде биле сторени кривичните дела, за да се заштитат сопствените граѓани или во најлош случај, под директно или индиректно влијание на сторителите на овие кривични дела, со цел да се ослободат од вина, би довело до парализизарање на секое спроведување на универзална надлежност и до негирање на целта на Конвенцијата од 10 декември 1984 г. Како и Комитетот за човекови права на Обединетите нации и на МКСЈ, Судот смета дека амнестијата е генерално неспојива со должноста која ја имаат државите да врши истраги за таквите дела.
Јасно е дека во овој случај, мавританскиот закон за аменестија бил усвоен не по завршувањето на судењето и осудата на жалителот, туку конкретно со цел да се спречи секакво кривично гонење на истиот. Секако, генерално гледано, не може да се исклучи можноста за судир меѓу, од една страна, потребата да се гонат сторените злосторства и од друга страна, волјата за помирување на социјалното тело на земјата. Во секој случај, досега во Мавританија не бил воспоставен ваков процес на помирување. Од друга страна, како што Судот веќе забележа, забраната на тортура зафаќа примарно место во сите меѓународни инструменти кои се однесуваат на заштитата на правата на човекот и претставува една од фундаменталните вредности на демократските општества. Оттука не би требало да се доведе во прашање обврската да се гонат таквите дела ослобудвајќи го од кривилна одговорност сторителот со усвојување на закон за амнестија кој би можел да се квалификува како злоупотребувачки според меѓународното право. Уште повеќе, Судот забележува дека меѓународното право не го исклучува судењето на едно лице амнестирано пред судењето во неговата држава од страна на друга држава, што произлегува на пример од членот 17 од Статутот на Меѓународниот кривичен суд кој не ја предвидуваа оваа ситуација во причините за недопуштеност на одреден случај.
Конечно, заедничкото толување на членовите 4 и 7 од Конвенцијата против тортура, кои од една страна ја предвидуваат обврската на државите да се осигураат дека делата на тортура се сметаат за кривични дела согласно нивните закондавства, и од друга страна, ја предвидуваат надлежноста на националните власти да ја донесат својата одлука во истите услови како за секоја сериозна повреда на општото право согласно нивното домашно право, дозволува да се заклучи, како што го направил Апелациониот суд од Ним, дека се работи за надлежноста не само на француските судски органи туку и на француското законодавство. Судот исто така забележува дека Комитетот против тортура на Обединетите Нации во неговите заклучоци и препораки од 3 април 2006 г. кои се однесуваат на Франција, јасно ја поздравил пресудата на кривичниот суд на Ним со кој жалителот бил осуден. Имајќи го предвид горенаведеното, Судот смета дека во конкретниот случај, мавританскиот закон за амнестија немал можност да ја спречи примената на францускиот закон од страна на француските судови по основ на универзална надлежност и дека одлуката, усвено од страна на француските судови, била основана.
Оттука, неопходно е да се испита прашањето за достапноста и предвидливост на францускиот закон применет врз жалителот.
По однос на ова прашање, Судот забележува дека во времето на делата кои му се товарат на жалителот, поконкретно пред влегувањето во сила на новиот Кривичен закон, кој влегол во сила на 1 март 1994 г., како тортурата така и актите на варварство биле уредени експлицитно со членот 303 од Кривичниот закон. Согласно истиот, тие претставуваат отежителна околност која повлекува или казна слична на онаа предвидена за лице виновно за убиство при вршење на криминал или казна од пет до десет години затвор кога лицето врши кривично дело. Членот 309 пак се однесувал на физичките напади кои предизвикуваат целосна неспособност за лична работа повеќе од осум дена.
Судот забележува дека жалителот бил осуден согласно членовите 303 и 309 од Кривичниот закон кои биле во сила во времето на настаните, одредби кои се експлицитно наведени во одлуката. Секако, жалителот смета дека овие законски текстови не можат да бидат основата на неговата осуда бидејќи тие не утврдуваат одвоени кривични дела, туку отежителни околности при вршењето криминал или кривично дело. Освен тоа, пресудата на Кривичниот суд експлицитно го наведува членот 222-1 од Кривичниот закон.
Судотм меѓутоа забележува дека актите на тортура и варварство биле, како што тоа го навел, експлицитно предвидени со Кривичниот закон кој се применувал во времето на настаните. Не можело да биде одредувачко, во конкретниот случај, тоа што тие не се сметале за одвоени кривични дела, туку за отежителни околности: за овие дела, во секој случај, можел да биде обвинет било кој сторител на криминал или кривично дело и тие се сметале, врз основа на посебен текст, за дополнителни и одвоени елементи на главното кривично дело, и повлекувале построга казна од онаа предвидена за главното кривично дело. Судот исто така утврди дека циркуларот од 14 мај 1993 г. кој го коментира новото кривично дело,експлицитно наведува дека изразот „тортура и акти на варварство“ го задржува значењето кое му е дадено од страна на судската пракса кога овие дела биле сметани за отежителна околност, што подоцна било впрочем потврдено во домашен судски случај кога Кривичниот суд дури пресудил дека новите кривични дела во врска со тортура и акти на варварство обезбедуваат континуитет на кривичните дела предвидени со поранешниот кривичен закон. Судот понатаму забележува дека разликата меѓу новото обвинение и поранешните одредби се објаснуваат пред сѐ со фактот дека новиот текст има поширок опсег од оној на Конвецијата од Њујорк бидејќи ова обвинение има тенденција да ги пополни празнините во областа на гонењата во ситуации кои се разликуваат од конкретниот случај.
Дополнително, казната изречена на жалителот не го надминала максимумот предвиден согласно одредбите од поранешниот член 303 од Кривичниот закон во сила во времето на настаните.
Што се однесува до одредбите од членот 222-1 од Кривичниот закон влезени во сила на 1 март 1994 г., според гледиштето на Судот, тие првенствено претставуваат еволуција на кривичниот закон која не претставува појава на ново кривично дело, туку правно усогласување во однос на однесувањата кои веќе беа експлицитно предвидени и казнети со поранешниот Кривичен закон. Јасно е дека најтешката казна во однос на членот 221-1 не била применета за жалителот од конкретниот случај. Оттука, не можело да има проблем на ретроактивност.
Имајќи го предвид горенаведоното, судот смета дека во моментот кога биле сторени, дејствијата на жалителот преставувале кривични дела дефинирани со доволно пристапност и предвидливост согласно француското право и меѓународното право, и дека жалителот разумно можел, по потреба и со правни совети, да го предвиди ризикот дека ќе биде гонет и осуден за акти на тортура кои ги сторил во периодот меѓу 1990 г. и 1991 г. (да се види конкретно претходно цитираниот Ашур § 54, претходно цитираниот Јоргиц, § 113, и претходно цитираниот Корбели, § 70).
Оттука, осудувањето на жалителот од страна на француските судови не е направено заради непочитување на членот 7 став 1 од Конвенцијата.
Во светлина на ова наоѓање, Судот нема да се осврне на прашањето дали ова осудување било оправдано врз основа на член 7 став 2 од Конвенцијата (претходно цитирани Стрелец, Кеслер и Кренц, , § 108).
Произлегува дека жалбата е неоснована и треба да биде отфрлена согласно член 35 став 3 и 4 од Конвенцијата.
Поради овие причини, Судот едногласно,
Ја прогласува жалбата за недопуштена.
Клаудија ВестердикРаит Маруст
СекретарПретседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2012.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2012.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2012.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@
Full & Egal Universal Law Academy