© Совет на Европа/ Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот. За понатамошни информации видете ја целосната назнака за авторски права на крајот на овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
TРЕТ ОДДЕЛ
ОДЛУКА
Жалба бр. 65542/12
STICHTING MOTHERS OF SREBRENICA И ДРУГИ
против Холандија
Содржина
TРЕТ ОДДЕЛ
ОДЛУКА
Жалба бр. 65542/12 STICHTING MOTHERS OF SREBRENICA И ДРУГИ против Холандија
ФАКТИ
A. Позадина на случајот.....................6
1. Распадот на Социјалистичка Федеративн Републикa Југославија 6
2. Војната во Босна и Херцеговина........6
3. Масакрот во Сребреница...............7
4. Извештаи во врска со масакрот во Сребреница 9
(a) Извештајот на Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации 9
(б) Извештај на НИОД Институтот за воени студии и студии за холокауст и геноцид 10
(в) Француската анкетна комисија2
(г) Холандска парламентарна анкетна комисија2
(д) Извештај на Владата на Република Српска „Комисија за истрага на настаните во и околу Сребреница во периодот помеѓу 10-ти и 19-ти јули 1995 година“
5. Одлуки и пресуди во врска со масакрот во Сребреница3
(a) Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија
(б) Домот за човекови права на Босна и Херцеговина4
(в) Меѓународниот суд на правдата
Б. Постапка пред домашни органи
1. Иницирање на главната постапка6
2. Постапка по претходно прашање7
(a) Аргумент пред Регионалниот суд7
(б) Пресуда на Регионалниот суд8
(в) Aргумент пред Апелациониот суд....20
(г) Пресуда на Апелациониот суд........21
(д) Аргумент пред Врховниот суд4
i. Касациона жалба на жалителите4
α. Поднесоци 4
β. Објаснувачкиот меморандум 6
ii. Советодавното мислење6
(ѓ) Пресудата на Врховниот суд 6
3. Продолжување на главната постапка..30
В. Релевантно домашно право..............31
1. Устав на Кралството Холандија.............31
2. Закон кој содржи општи одредби за законодавството на Кралството 31
3. Законикот за граѓанска постапка.......31
4. Закон за (организација на) судството..31
5. Законот за извршители од 2001 година32
6. Релевантна домашна судска пракса....32
(a) Случајот Здружение на граѓани„Жени од Сребреница“ 32
(б) Случаите Мустафиќ и Нухановиќ...........33
ЖАЛБЕНИ НАВОДИ4
ПРАВО5
A. Парнична спосбност на жалителот Stichting Mothers of Srebrenica5
Б. Наводна повреда на член 6 од Конвенцијата6
1. Применливост на член 66
2. Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации7
(a) Аргументи на жалителите7
(б) Оцена на Судот....................40
i. Опсег на случајот пред Судот.......40
ii. Применливи принципи.............41
iii. Примена на принципите кои беа наброени погоре 43
α. Карактер на имунитетот кој го ужива Организацијата на Обединетите нации 43
β. Карактер на тужбените барања на жалителите8
γ. Отсуство на било каква алтернативна судска надлежност
δ. Поврзаност со тужбеното барање против холандската држава 50
ε. Заклучок..........................51
3. Одбивањето на Врховниот суд да побара претходна одлука од Судот на правдата на Европската унија 51
В. Наводна повреда на член 13 од Конвенцијата 52
Г. Одлука на Судот..........................53
Европскиот суд за човекови права (Трет оддел), заседавајќи на 11 јуни 2013 година како Судски совет во состав:
Josep Casadevall, Претседател,
Alvina Gyulumyan,
Corneliu Bîrsan,
Ján Šikuta,
Luis López Guerra,
Nona Tsotsoria,
Johannes Silvis, судии,
и Marialena Tsirli, Заменик секретар на оддел,
Имајќи ја предвид жалбата наведена погоре којашто беше поднесена до Европскиот суд за човекови права на 8 октомври 2012 година (примена од Секретаријатот на Судот на 11 октомври 2012 година),
Имајќи ја предвид одлуката да се даде приоритет на наведената жалба согласно правило 41 од Правилата на Судот,
Имајќи ја предвид одлуката да се одобри анонимност на две жалителки согласно правило 47, став 3 од Правилата на Судот,
Откако одржа расправа, одлучува на следниот начин:
ФАКТИ
1. Stichting Mothers of Srebrenica е фондација (stichting) заснована согласно холандското право. Таа била основана со цел да се поведе постапка во име на блиските на лицата убиени во и околу Сребреница, Босна и Херцеговина, во текот на настаните од јули 1995 година опишани подолу.
2. Другите жалители се блиски сродници на лицата кои биле убиени. Тие исто така тврдат дека и тие самите се жртви на повреди на нивни човекови права до кои дошло во текот на настаните од јули 1995 година. Листа на жалителите е наведена во анексот.
3. Жалителите ги застапуваа г-н A. Hagedorn, г-н M.R. Gerritsen и
г-н J. Staab, адвокати од Амстердам.
4. Фактите на случајот, како што беа презентирани од жалителите и кои произлегуваат од јавни документи, може да се резимираат на следниот начин.
A. Позадина на случајот
1. Распадот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија
5. Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) беше составена од шест републики, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Словенија. Словенија и Хрватска прогласија независност од СФРЈ на 25 јуни 1991 година откако претходно беа одржани референдуми. Затоа, Претседателството на СФРЈ ѝ наредило на ЈНА (Jugoslovenska Narodna Armija/Југословенска народна армија) да преземе акција за повторно да се воспостави контролата на сојузната влада.
6. Другите републики на СФРЈ ги следеа Словенија и Хрватска во прогласувањето на независност. На крај, само Србија и Црна Гора останаа како дел од државата наследничка на СФРЈ, Сојузна Република Југославија (СРЈ). Потоа следеа воени дејствија, воглавно по етничка линија, затоа што групи кои беа етнички малцинства во рамките на конкретни републики и чии припадници тешко можеа да се идентификуваат со независните држави во настанување бараа обединување на територијата на која живееа со територијата на републиките со кои тие сметаа дека се етнички поврзани.
7. Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации со неговата резолуција 743 (1992) од 21 февруари 1992 година, основа Заштитна единица на Организацијата на Обединетите нации [United Nations Protection Force] (UNPROFOR) што требаше да биде „привремена мерка за целосно решавање на југословенската криза“. Иако мандатот на УНПРОФОР на почетокот беше за дванаесет месеци, тој беше продолжен: УНПРОФОР (покасно преименуван во УНПФ, а името УНПРОФОР почна да се однесува само на операцијата во Босна и Херцеговина) продолжи со работа со крајот на декември 1995 година. Помеѓу државите кои учествуваа со воени единици беше и Холандија.
2. Војната во Босна и Херцеговина
8. Босна и Херецговина прогласи независност на 6 март 1992 година како Република Босна и Херцеговина. Потоа започна војната, а спротивставените групи воглавно беа дефинирани според веќе постоечките етнички поделби во земјата. Главните завојувани страни беа АРБХ (Armija Republike Bosne i Hercegovine, или Армија на Република Босна и Херцеговина составена воглавно од Бошњаци[1] и лојални на централните власти на Република Босна и Херцеговина), ХСО (Hrvatsko vijeće obrane, или Хрватски совет за одбрана, составен воглавно од Хрвати[2]) и ВРС (Vojska Republike Srpske/Војска Републике Српске, или Војска на Република Српска, исто така викана Војска на босанските Срби, составена воглавно од Срби[3]).
9. Се чини дека повеќе од 100,000 лица беа убиени и повеќе од два милиони лица беа раселени. Се проценува дека речиси 30,000 лица се исчезнати, а приближно една третина од нив сѐ уште се водат како такви[4].
10. Конфликтот заврши на 14 декември 1995 година кога Општиот рамковен договор за мир („Дејтонски мировен договор“), потпишан во Дејтон, Охајо, САД) влезе во сила. Една од последиците на Дејтонскиот мировен договор беше поделбата на Босна и Херцеговина на два ентитета, Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска.
3. Масакрот во Сребреница
11. Сребреница е општина во источна Босна. На југ е ограничена со реката Дрина која ја формира границата помеѓу Босна и Херцеговина и Србија. На север се приклучува кон општината Братунац. На запад се соседните општини Милиќи и Рогатица. Таа сега е дел од Република Српска.
12. Општината Сребреница се состои од повеќе гратчиња и села, помеѓу кои и градот Сребреница по кој општината го носи своето име. Пред почетокот на војната нејзиното население беше речиси целосно бошњачко и српско, а Бошњаци имаше повеќе од Срби и тоа во сооднос од повеќе од тројца Бошњаци на еден Србин.
13. Затоа што Сребреница претставуваше пречка за формирањето на Република Српска како континуиран територијален ентитет сѐ додека остануваше во рацете на централната власт на Република Босна и Херцеговина, општината беша нападната од ВРС веќе во текот на 1992 година.
14. Се чини дека централната власт на Република Босна и Херцеговина одбила да ја допушти евакуацијата на цивилното население на Сребреница, затоа што тоа би претставувало прифаќање на „етничко чистење“ и би го олеснило предавањето на територијата на ВРС.
15. На 16 април 1993 година Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации усвои, едногласно, резолуција (резолуција 819 (1993)) со која се бара „сите страни и други кои се засегнати да го третираат градот Сребреница во источна Босна и неговата околина како безбедносна зона која треба да биде слободна од било каков оружен напад или било какво непријателско дејствие.“
16. До јули 1995 година „безбедносната зона“ Сребреница беше енклава опкружена со територија под контрола на ВРС. Во неа имаше борци на АРБХ, повеќето од нив разоружани, и цивили. Цивилите беа неколку десетици илјади, воглавно Бошњаци, во кои тогаш веќе спаѓале, покрај локалните жители, лица раселени од други места во источна Босна. Исто така имаше присуство на УНПРОФОР во енклавата, вообичаено околу четиристотини припадници на мобилна противвоздухопловна пешадиска единица на Холандија, позната како Dutchbat (од “Dutch” – холандски и “battalion” - баталјон), под команда на полковник. Всушнот, сепак, Dutchbat веќе беше недоволно силна во тој момент, трупите се враќаа од отпуст откако беа спречени од ВРС повторно да се приклучат кон нивната единица.
17. На 10 јули 1995 година Дринските корпуси на ВРС ја нападнаа „безбедносната зона“ Сребреница со јаки оружени сили. Командантот на мобилниот противвоздухопловен баталјон на Холандија побара од неговите надредени во Организацијата на Обединетите нации поддршка од воздух. Сепак, не беа употребени одлучувачки воздухопловни сили. ВРС ја освои областа и ја презеде контролата и покрај присуството на Dutchbat.
18. На 12 јули 1995 година Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации, усвои, едногласно, резолуција (резолуција 1004 (1995)) со која се бара итно прекинување на офанзивата на ВРС и повлекување на силите на ВРС од безбедносната зона Сребреница како и почитување на безбедноста и враќање на слободата на движење на војниците на УНПРОФОР.
19. Во деновите кои следеа, мажи Бошњаци кои паднаа во раце на ВРС беа одделени од жените и децата и беа убиени. Други успеаја да се спасат од грабнување и се обидоа да побегнат од енклавата. Некои успеаа да се спасат, но, многумина беа фатени и убиени, или починаа по пат од раните, или беа убиени од нагазни мини. Сега е општо прифатено како факт дека повеќе од 7,000 и можеби и 8,000 бошњачки мажи и момчиња починаа во оваа операција од дејствија на ВРС и српска парамилитарна војска.
20. Настаните кои станаа познати како „масакрот во Сребреница“ се широко признати како злосторства кои се незапаметени во историјата на Европа од крајот на Втората Светска Војна.[5].
4. Извештаи во врска со масакрот во Сребреница
21. Беа објавени повеќе детални извештаи во врска со масакрот во Сребреница, од кои треба да се споменат следните.
(a) Извештај на Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации
22. На 30 ноември 1998 година Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации усвои резолуција (A/RES/53/35) во која, помеѓу другото, тоа побара од Генералниот секретар да поднесе обемен извештај, вклучувајќи и проценка, за настаните почнувајќи од воспоставувањето на безбедносната зона Сребреница на 16 април 1993 година согласно резолуцијата на Советот за безбедност 819 (1993) oд 16 април 1993 година, по што следеше воспоставување на други безбедносни зони, до утврдувањето на Дејтонскиот мировен договор од страна на Советот за безбедност на 15 декември 1995 година.
23. Извештајот на Генералниот секретар му беше доставен на Генералното собрание на 15 ноември 1999 година. Извештајот има 113 страници, без анексите.
24. Во извештајот се резимираат повеќе напори за постигнување мир (вклучувајќи ја „Контакт групата“ составена од претставници на Франција, Германија, Руската Федерација, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави) и носењето на одлуки во Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации, УНПР и УНПРОФОР, како и нападот и заземањето на Сребреница од страна на ВРС и масакрот кој потоа следуваше.
25. Следниот текст е извадок од завршниот дел на извештајот, насловен „Падот на Сребреница: анализа“:
„Д. Улога на Советот за безбедност и на државите членки
...
490. Заедницата на народи одлучи да одговори на војната во Босна и Херцеговина со ембарго на оружје, со хуманитарна помош и со распоредување на мировни сили. Мора јасно да се каже дека овие мерки беа слаба замена за поодлучна и посилна акција за спречување на хоророт кој почна да се случува. Ембаргото на оружје не постигна нешто повеќе од замрзнување на постоечката воена рамнотежа во поранешна Југославија. Со ембаргото Србите останаа во позиција на огромна воена доминација и ефективно ѝ го одзедоа на Република Босна и Херцеговина правото на самодобрана согласно Повелбата на Организацијата на Обединетите нации. Не беше нужно погрешно да се воведе ембарго на оружје, што и беше сторено додека Босна и Херцеговина не беше сѐ уште држава членка на Организацијата на Обединетите нации. Сепак, кога тоа се случи, откако стана држава членка, сигурно морало да има поврзана должност да се заштити Босна и Херцеговина од трагедијата којашто ѝ се случи,. Дури и кога српските напади врз прогласените „безбедносни зони“ продолжија во 1993 и 1994 година, а кои беа во голема мера следени со медиумски, и претпоставуваме, дипломатски и разузнавачки извештаи до соодветните влади, пристапот на членките на Советот за безбедност остана во голем обем постојан. Меѓународната заедница сѐ уште не можеше да најде политичка волја за да се спротивстави на заканата која ѝ пркосеше. ...“
и
„Е. Лекции за иднината
...
501. Целата меѓународна заедница мора да го прифати својот удел во одговорноста што го дозволи овој трагичен тек на настаните со своето континунирано одбивање да употреби сила во раните фази на војната. Удел во одговорноста имаат Советот за безбедност, Контакт групата како и Секретаријатот на Организацијата на Обединетите нации и мисиите на терен. Јасно, главната и директната одговорност е сепак кај архитектите и извршителите на обидот за геноцид во Босна. ...“
(б) Извештај на НИОД Институтот за воени студии и студии за холокауст и геноцид
26. Во ноември 1996 година холандската Влада го ангажира Државниот институт за воена документација (Rijksinstituut voor Oorlogsdocumentatie, „РИОД“) да „ги истражи настаните пред, во текот на и после падот на Сребреница“. Целта била материјалите кои на тој начин ќе бидат собрани да обезбедат „увид во причините и настаните кои доведоа до падот на Сребреница и драматичните настани кои потоа следеа“.
27. Извештајот беше презентиран на 10 април 2002 година од институцијата наследник на РИОД, НИОД Институтот за воени студии и студии за холокауст и геноцид (NIOD Instituut voor Oorlogs-, Holocaust- en Genocidestudies, кој настана со спојување на холандскиот Институт за воена документација (Nederlands Instituut voor Oorlogsdocumentatie) и Центарот за студии за холокауст и геноцид (Centrum voor Holocaust- en Genocide Studies). Во оригинал на холандски јазик извештајот е долг 3,172 страници без анексите. Постои и верзија на англиски јазик (насловена Сребреница: реконструкција, позадина, последици и анализи за падот на безбедносната зона [Srebrenica: Reconstruction, background, consequences and analyses of the fall of a ‘safe’ area]). Извештајот е предвиден да биде историски приказ, а не за да понуди политички заклучоци или ставови.
28. Извештајот ја опишува историјата на поранешна Југославија од Средниот век преку Втората Светска Војна сѐ до ерата на социјализмот, сѐ подетално, наведувајќи ги перспективите на различните етнички групи (поконкретно на Бошњаците, Хрватите и Србите). Извештајот понатаму продолжува со прогласувањата на незвисност на Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, меѓународните политични настани после почетокот на воените дејтвија, и носењето на политички одлуки кое доведоа до учество на Холандија во УНПРОФОР и одлуката да се распореди Dutchbat [холандскиот баталјон] во енклавата Сребреница. Настаните во самата безбедносна зона Сребреница после пристигнувањето на Dutchbat, вклучувајќи ги непријателските дејствија на АРБХ и ВРС, се детално опишани.
29. Во епилогот на извештајот се воочува дека оневозможувањето на ефикасна поддршка од воздух на Dutchbat во голема мера се должело на воздушниот напад спроведен во мај 1995 на складишта за муниција на ВРС во Пале, потоа на главниот град на босанските Срби, што вклучувало земање на персонал на УНПРОФОР како заложници и уништување на американски воен авион од страна на противвоздушната одбрана на ВРС во јуни 1995. Исто така имало и пропуст на владите кои располагале со разузнавачки информации да ги споделат тие информации со другите. Тоа во голема мера го објаснувало неочекуваниот тек на настаните. Раководството на Dutchbat се грижело да ја осигура благосостојбата на цивилите кои им биле доверени, а за што зависеле од ВРС, и затоа и биле ранливи на манипулација од страна на босанските Срби. На крај, распространетата перцепција на јавноста за операцијата на Dutchbat како национален неуспех го направила падот на Сребреница и настаните што следеле во политичко прашање.
30. Овие наоди ја поттикнаа Владата да преземе политичка одговорност. На 16 април 2002 година Владата ја објави својата оставка.
(в) Француската анкетна комисија
31. Со оглед на тоа што Франција имаше големо учество со трупи во УНПРОФОР и е постојана членка на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации, француското Национално собрание (Assemblée nationale) се одлучи за парламентарна анкетна комисија. Извештајот (Единаесетти Парламент согласно Уставот од 1958 – Onzième législature – бр. 3413) беше регистриран од претседателството на Националното собрание на 22 ноември 2001 година.
32. Во извештајот се опишуваат политичките и воени промени кои доведоа до создавање на „безбедносни зони“ во источна Босна и нападот на ВРС врз Сребреница.
33. Во извештајот е опишан е масакрот, но, извештајот не наведува лична одговорност на поединци, и тоа им го препушта на кривичните трибунали.
(г) Холандска парламентарна анкетна комисија
34. Оставката на Владата доведе до дебата во Долниот дом на Парламентот (Tweede Kamer der Staten-Generaal), кој одлучи да формира анкетна комисија (parlementaire enquête) со цел да се утврди индивидуална политичка, воена и официјална одговорност.
35. Извештајот (Долен дом на Парламентот, парламентарна година 2002–2003, 28 506, бр. 2–3) беше претставен на 27 јануари 2003 година. Тој има 463 страници, воглавно резимеа и извадоци од изјави дадени од учесници во различни процеси на носење на одлуки, и домашни и странски.
36. Извештајот открива дека одлуката да се учествува во меѓународната интервенција во поранешна Југославија била заснована делумно на хуманитарни причини и делумно на желбата, и на Владата и на Парламентот, Холандија да игра активна улога во промовирањето на меѓународниот мир и безбедност. Сепак, одлуката да се распореди лесно вооружен пешадиски баталјон во завојуваната „безбедносна зона“ била резултат на пусти желби, а не на практични согледувања.
37. Со тек на време самоодбраната добила поголема важност од исполнувањето на мандатот на УНПРОФОР и моќта на УНПРОФОР да застрашува со своето присуство била намалена. За тоа требало пред сѐ да се обвини Организацијата на Обединетите нации.
38. Вината била само на страната на босанските Срби за извршените кривични дела. Сепак, била утврдена вина и кај раководството на Dutchbat и холандската Влада, во извештајот се заклучува дека на крај не било веројатно дека Dutchbat можел да го спречи масакрот.
(д) Извештај на Владата на Република Српска „Комисија за истрага на настаните во и околу Сребреница во периодот помеѓу 10-ти и 19-ти јули 1995 година“
39. Со одлука на Владата на Република Српска на 15 декември 2003 година беше основана „Комисија за истрага на настаните во и околу Сребреница во периодот помеѓу 10-ти и 19-ти јули 1995 година“. Должност на Комисијата беше да се исполнат обврските на Република Српска, кои произлегуваат од одлуката на Домот за човекови права во Селимовиќ и други (види параграфи 47 и 48 подолу), да спроведе свои истраги за судбината на жртвите посочени во жалбите поднесени до Домот за човекови права.
40. Извештајот на Комисијата, којшто беше објавен на 11 јуни 2004 година година, има 45 страници без анекси. Во него се утврдува дека
„... помеѓу 10-ти и 19-ти јули 1995 година, неколку илјади Бошњаци биле убиени на начин кој претставува тешко кршење на меѓународното хуманитарно право и дека, извршителите, помеѓу другото, презеле мерки за да го сокријат кривичното дело преку преместување на телата; ...“
Покрај тоа, во него се утврдува одговорност на органите на Република Српска за случајот. Беше направена база на податоци на познатите жртви и беа откриени локациите на повеќе масовни гробници.
41. На 10 ноември 2004 година Владата на Република Српска даде изјава со која се извинува за извршените кривични дела.
5. Одлуки и пресуди во врска со масакрот во Сребреница
42. Објавени се повеќе важни одлуки и пресуди во врска со масакрот во Сребреница, пред сѐ од следните судски институции:
(a) Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија
43. Неколку поединци беа обвинети пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (ICTY) во врска со масакрот во Сребреница, помеѓу кои и генерал мајор Радислав Крстиќ кој набрзо после падот на Сребреница стана командант на Дринските корпуси на ВРС. На 2 август 2001 година Судскиот совет на ICTY донесе пресуда од двесте страници (IT-98-33-T) со која тој беше прогласен за виновен за геноцид, прогонувања и убиства и осуден на казна затвор од четириесет и шест години.
44. Пресудата на Судскиот совет дава детален опис на настаните околу падот на Сребреница под власт на ВРС и масакрот кој следуваше.
45. Генерал мајорот Крстиќ се жалеше против неговата осуда и казна. Тој не го оспори описот на настаните даден од Судскиот совет, туку се фокусираше на карактерот и степенот на неговата кривична одговорност. На крај Жалбениот совет утврди дека, во отсуство на геноцидна намера, генерал мајор Крстиќ не бил главен сторител на извршените кривични дела. Сепак, Жалбениот совет утврди дека тој е виновен за помагање и поддржување на геноцид и кривични дела против човештвото и ја намали неговата казна на триесет и пет години (пресуда од 19 април 2004, IT-98-33-A).
(б) Домот за човекови права на Босна и Херцеговина
46. Домот за човекови права на Босна и Херцеговина беше домашен суд за човекови права основан согласно Договорот за човекови права наведен во Анекс 6 од Дејтонскиот мировен договор. Судот имаше четиринаесет судии, кои беа наречени „членови“, шестмина од кои беа државјани на Босна и Херцеговина (двајца Бошњаци, двајца Хрвати, двајца Срби) останатите осум члена не беа ниту државјани на Босна и Херцеговина ниту на една од нејзините соседни држави. Домот постоеше до крајот на 2003 година.
47. На 7 март 2003 Домот за човекови права донесе одука за четириесет и девет жалби (одлуката Селимовиќ и други). Овие жалби беа избрани од околу 1,800 слични жалби поднесени пред Домот за човекови права, сите поврзани со настаните во Сребреница.
48. Домот за човекови права одлучи дека немал временска надлежност за да ги анализира настаните кои се случиле пред влегувањето во сила на Договорот за човекови права на 14 декември 1995 година. Сепак, утврдил повреди на член 3 и член 8 од Конвенцијата земени и поединечно и во врска со член 14 од Конвенцијата во однос на пропустот да се дадат информации на жалителите за нивните блиски кои се исчезнати и да се спроведе делотворна истрага. Домот за човекови права додаде дека „во контекст на случаите поврзани со Сребреница, овие повреди [беа] особено тешки затоа што овој настан доведе до најголемото и најужасното масовно егзекутирање на цивили во Европа во втората половина на дваесеттиот век. ....“. Домот ѝ нареди на Република Српска да ги открие сите релевантни информации со кои располага, да ги ослободи сите исчезнати заробеници кои се сѐ уште живи и да спроведе „целосна, делотоворна, темелна и детална истрага“. Покрај тоа, ѝ нареди на Република Српска да исплати вкупен износ од четири милиони конвертибилни марки (БАМ) на Фондацијата Сребреница-Поточари спомен обележје и гробишта.
(в) Меѓународниот суд на правдата
49. На 20 март 1993 година тогашната Република Босна и Херцеговина поведе постапка пред Меѓународниот суд на правдата [International Court of Justice] (ICJ) против тогашната Сојузна Република Југославија тврдејќи, во делот којшто е релевантен за случајот кој Судот сега го разгледува, дека има повреди на Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид. После влегувањето во сила на Дејтонскиот мировен договор, Босна и Херцеговина стана следбеник тужител на Република Босна и Херцеговина. Сојузна Република Југославија, после нејзиниот распад, беше заменета како тужена страна најпрво од Србија и Црна Гора и на крај од Србија, иако било каква одговорност за минатите настани утврдена од ICJ во релевантниот период ја подразбира државата Србија и Црна Гора.
50. ICJ донесе пресуда на 26 февруари 2007 година (Примена на Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид (Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора) [(Application of the Convention on the Prevention and Punishment of the Crime of Genocide (Bosnia and Herzegovina v. Serbia and Montenegro)], пресуда, I.C.J. збирка пресуди, стр. 43). Што се однесува на масакрот во Себреница, судот ги заснова своите наоди на наодите на ICTY во пресудата на Судскиот совет спомената погоре во случајот Крстиќ, на пресудата ICTY во случајот Благојевиќ (IT-02-60-T, пресуда на Судски совет, 17 јануари 2005), и на извештајот на Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации (види параграф 25 погоре).
51. ICJ одлучи, помеѓу другото, дека актите на геноцид биле извршени од припадници на ВРС во и околу Сребреница почнувајќи од околу 13 јули 1995 (loc. cit., параграфи 291 и 297). Сепак, одлуката да се извршат тие акти била донесена од поединечни членови на водството на ВРС, немало ништо што докажува дека тие биле планирани, или извршени од лица за кои тужената страна била одговорна, или пак дека биле извршени со знаење на тужената страна. Затоа масакрот не можел да се припише на одговорност на Србија и Црна Гора (loc. cit., параграфи 413-415; параграфи 423-424).
52. Сепак, судот одлучи, дека постоела обврска да се спречи геноцид, иако таа била обврска за која треба да бидат исполнети определени услови. Обврската за која станува збор била обврска во однос на постапките, а не во однос на резултатите, во смисла на тоа дека една држава немала обврска да успее, под било какво околности, во спречувањето на геноцид: обврската на државите договорнички била да се употребат сите средства со кои тие располагаат, за да спречат геноцид колку што е тоа возможно. Државата не сносела одговорност само затоа што посакуваниот резултат на бил остварен, сепак државата сносела одговорност ако очигледно пропуштила да ги преземе сите мерки кои се во нејзина моќ за да спречи геноцид, и кои можеле да придонесат во спречувањето на геноцидот.
53. Судот понатаму заклучил дека органите на СРЈ, и пред сѐ нејзиниот Претседател, г-н Слободан Милошевиќ, биле свесни за тензиите кои владееле во зоната Сребреница помеѓу различните етнички групи и оттука знаеле и за тоа дека има опасност да дојде до геноцид. Иако, неоспорно имала влијание врз ВРС како последица на „политички, воени и финансиски врски“ со неа (loc. cit., параграф 435), органите на СРЈ не го искористиле нивното влијание да изврштат притисок врз ВРС за да спречат да дојде до геноцид. Затоа имало меѓународна одговорност на Србија (loc. cit., параграф 438).
Б. Постапка пред домашни органи
1. Иницирање на главната постапка
54. На 4 јуни 2007 година жалителите поведоа постапка против холандската држава и Организацијата на Обединетите нации пред Регионалниот суд (rechtbank) во Хаг. Поканата со која инициран постапктата била документ од 203 страници во кој жалителите тврделе дека државата Холандија (одговорна за Dutchbat) и Организацијата на Обединетите нации (која ја имала севкупната одговорност за УНПРОФОР) и покрај претходни ветувања и покрај нивната свесност за неодложноста на нападот од страна на ВРС пропуштиле да постапат соодветно и ефикасно за да ја одбранат „безбедносната зона“ Сребреница и откако енклавата паднала под власт на ВРС, да ги заштитат лицата на таа територија кои не учествувале во воените дејствија. Тие затоа сноселе одговорност за злоупотребувањето на припадниците на цивилното население, силувањата и (во некои случаи) убиства на жени, масовните убиства на мажи, и геноцид. Жалителите ја засновале нивната позиција и врз холандското граѓанско право и врз меѓународното право.
55. Аргументот согласно граѓанското право бил, прво, дека Организацијата на Обединетите нации и државата Холандија склучиле договор со жителите на енклавата Сребреница (вклучително и со жалителите) да ги штитат во рамките на „безбедносната зона“ Сребреница во замена за разоружувањето на присутните сили на АРБХ, кој договор Организацијата на Обединетите нации и државата Холандија не го испочитувале, и второ, дека државата Холандија, со знаење на Организацијата на Обединетите нации им нанесле вондговорна штета (onrechtmatige daad) со испраќање на слабо вооружени, лошо обучени и несоодветно подготвени трупи во Босна и Херцеговина и пропуштајќи да им ја дадат потребната поддршка од воздух.
56. Аргументот согласно меѓународното право, во делот кој е релевантен за случајот кој сега е пред Судот, бил заснован на Нацрт членовите на Комисијата за меѓународно право за државна одговорност и нацрт членовите за одговорност на меѓународните организации, а жалителите го зазеле ставот дека дејствијата на Dutchbat можеле да им се припишат и на државата Холандија и на Организацијата на Обединетите нации.
57. Иако потврдувале дека поединците не биле субјекти на класичното меѓународно право, жалителите тврделе дека на жртвите им било признато право на обештетување директно со Основните принципи и насоки за правото на обештетување и репарација на жртвите на тешки повреди на меѓународното право за правата на човекот и сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации [Basic Principles and Guidelines on the Right to a Remedy and Reparation for Victims of Gross Violations of International Human Rights Law and Serious Violations of International Humanitarian Law], кои имале директно дејство во Холандија по основ на член 93 од Уставот на Кралството Холандија.
58. Предвидувајќи дека е веројатно дека Организацијата на Обединетите нации би можела да се повика на својот имунитет заснован на член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, жалителите тврделе дека имунитетот кој таа организација го уживала не можел да оди подалеку од она што е неопходно за таа да ги извршува своите задачи и дотолку повеќе дека пристапот до суд бил гарантиран, поконкретно, со член 6, став 1 од Конвенцијата.
59. Се чини дека Министерот за правда не ја искористил можноста предвидена со член 3а од Законот за извршители од 2001 година (Gerechtsdeurwaarderswet 2001, види подолу) да му изјави на извршителот дека доставата на покана би била спротивна на обврските на државата согласно меѓународното право.
2. Постапка по претходно прашање
(a) Аргумент пред Регионалниот суд
60. Претставници на Организацијата на Обединетите нации не се појавиле пред Регионалниот суд, затоа што од организацијата претходно му посочиле на Постојаниот претставник на Кралството Холандија во Њујорк дека нема тоа да го сторат
61. Холандската држава, која и самата е тужена страна, исто така побарала да интервенира во име на Организацијата на Обединетите нации, или во спротивно да се приклучи во постапката против Организацијата на Обединетите нации како тужена страна. Таа истакнала дека во светло на член 105, став 1 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации земен заедно со член II, став 2 од Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации, холандските судови немале надлежност во делот во кој постапката се однесува против Организацијата на Обединетите нации; на холандските судови било да го признаат имунитетот на Организацијата на Обединетите нации по службена должност, освен ако таа изречно не се откажела од него. Државата имала свој меѓународно-правен интерес да се повика на овој имунитет, што било одразено особено во член 3а од Законот за извршители од 2001 година.
62. Жалителите тврделе дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации бил укинат со, особено, член 6 од Конвенцијата и забраната за геноцид, која била правило јус когенс кое станало дел од договорното меѓународно право (во Конвенцјата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид).
63. Главната постапка била прекината до донесувањето на правосилна одлука по претходно прашање.
(б) Пресуда на Регионалниот суд
64. Регионалниот суд донел пресуда на 10 јули 2008 година, Landelijk Jurisprudentie Nummer (број под кој е заведена пресудата во домашниот суд, „LJN“) BD6795, превод на пресудата на англиски јазик заведен под LJN BD6796. Во делот во кој е релевантно за случајот пред овој Суд, Регионалниот суд одлучил дека пропуштањето на Министерот за правда да даде изјава предвидена со член 3а од Законот за извршители од 2001 не подразбирало признавање на надлежност на холандските судови од страна на холандската држава.
65. Напротив, државата имала свој интерес да го брани имунитетот на Организацијата на Обединетите нации од надлежност со оглед на нејзините обврски согласно член 105, став 1 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации. Потоа судот воочил дека Организацијата на Обединетите нации ја искажала својата желба нејзиниот имунитет да се почитува, како што и секогаш правела, и одлучил дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации бил признат со праксата на меѓународното право.
66. Ниту Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид ниту било кое друго правило на меѓународното право, без разлика дали е тоа дефинирано со договор, обичајно право или со праксата на државите, не ја обврзувале Холандија да ја спроведува забраната на геноцид преку своето граѓанско право, Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид предвидувала само дека државите треба да гарантираат дека геноцидот е казнив.
67. Повикувајќи се на судската пракса на овој Суд (Al-Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, ECHR 2001-XI), Регионалниот суд одлучил дека принципот на суверен имунитет на една држава не бил укинат поради забраната на тортура предвидена со член 3 од Конвенцијата. Со оглед на тоа дека забраната на тортура била исто толку јус когенс правило како и забраната на геноцид, можело да се заклучи дека согласно меѓународното право во моментот – имунитетот од граѓанска тужба пред домашен суд – без разлика дали е имунитет на суверена држава или на меѓународна организација – не бил укинат со јус когенс.
68. Од тоа следувало дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации не бил функционален, за да биде оценуван од страна на домашните судови, туку апсолутен.
69. Што се однесува на член 6 од Конвенцијата, Регионалниот суд посочил на одлуката на овој Суд во Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway ((dec.) [GC], nos. 71412/01 and 78166/01, 2 May 2007). Според Регионалниот суд, во таа одлука било одлучено дека државите кои учествуваат со свои воени еднници не можат да се земат на одговорност за дејствијата на нивните единици ставени на располагање на Организацијата на Обединетите нации за меѓународни мировни операции. Од тоа следувало дека член 6 не можел да се искористи во поддршка на исклучок од имунитетот на самата Организација на Обединетите нации од приватна тужба.
70. Регионалниот суд знаел дека Судот, во Waite and Kennedy v. Germany [GC], no. 26083/94, ECHR 1999-I, и во Beer and Regan v. Germany [GC], no. 28934/95, 18 February 1999, дал изјави кои сугерираат дека имунитетот на една меѓународна организација е во согласност со член 6 само ако самата организација понудила разумна алтернатива за заштита на правата од Конвенцијата. Сепак, основањето на Организацијата на Обединетите нации му претходело на влегувањето во сила на Конвенцијата. Понатаму, Организацијата на Обединетите нации била организација во која членството било речиси универзално, по што таа се разликувала од организации како што е Европската космичка агенција, организацијата за која станува збор во Waite and Kennedy и Beer and Regan, којашто била основана дури во 1980 и чие членство било ограничено на европските држави. Понатаму, самиот Суд ја потврдил посебната позиција на Организацијата на Обединетите нации во случајот Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway. Во секој случај, ако некоја држава треба да има надлежност над [дејствија на] Организацијата на Обединетите нации, тоа треба да биде државата на чија територија организацијата има седиште или на која настанале обжалените дејствија, во овој случај, во тие држави не спаѓа Холандија.
71. Регионалниот суд затоа одбил надлежност во однос на Организацијата на Обединетите нации без да смета дека е потребно да одлучи по барањето на холандската држава да се вмеша или да се приклучи кон постапката.
(в) Aргумент пред Апелациониот суд
72. Жалителите се жалеле до Апелациониот суд (gerechtshof) во Хаг. Нивните главни аргументи може да се резимираат на следниот начин.
73. Во делот кој е релевантен за случајот пред Судот, тие тврделе дека повикувањето на државата на апсолутниот имунитет на Организацијата на Обединетите нации одело заедно со нејзиниот аргумент дека само Организацијата на Обединетите нации сносела одговорност за не спречувањето на актите на геноцид направени во масакрот во Сребреница. Да се прифати тој аргумент би значело да не се даде пристап до суд на најблиските роднини на жртвите од масакрот, што било правно, човечки и морално погрешно. Регионалниот суд го занемарил карактерот на аргументот на државата, којшто не бил толку заснован на нејзината потреба да ги исполни своите обврски согласно меѓународното право колку на сопствениот интерес, којшто бил јасен (welbegrepen eigenbelang). Целта на меѓународната правна обврска не била да се овозможи на државата да ја избегне сопствената одговорност.
74. Организацијата на Обединетите нации била задолжена со член VIII, став 29 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации да воведе некаков вид на механизам за решавање на спорови од приватно-правен карактер на кои таа била страна, но во повеќе од шеесет години од нејзиното постоење таа не го сторила тоа. Затоа постоела итна потреба домашните судови на Холандија да прифатат надлежност.
75. Пресудата на Судот во Al-Adsani не била соодветен прецедент, затоа што имунитетот на една меѓународна организација се разликувал од имунитетот на една суверена држава. Понатаму, во Al-Adsani Судот бил длабоко поделен. Ставот на мнозинството на судии бил критикуван затоа што дозволувал суверениот имунитет да има поголема сила јус когенс правило, имено забраната на тортура. Затоа, било дотолку повеќе несоодветно да се дозволи функционален имунитет на меѓународна организација да има поголема правна сила од уште пофундаментално јус когенс правило, имено забраната на геноцид.
76. Во случаите Kadi и Al-Barakaat, и Генералниот адвокат пред Судот на правдата на Европските заедници и самиот Суд на правдата покажале подготвеност да преземат мерки и да обезбедат пристап до суд кога Организацијата на Обединетите нации тоа не го овозможувала (споени случаи C-402/05 P и C-415/05 P, Yassin Abdullah Kadi and Al Barakaat International Foundation v. Council of the European Union and Commission of the European Communities, пресуда од 3 септември 2008).
(г) Пресуда на Апелациониот суд
77. Апелациониот суд донел пресуда на 30 март 2010 година, заведена под број LJN BL8979. Тој суд дозволил државата да се приклучи кон постапката против Организацијата на Обединетите нации како тужена страна и ја потврдил пресудата на Регионалниот суд во останатиот дел.
78. Апелациониот суд не прифатил дека државата се обидувала да ја избегне својата одговорност во граѓанско право повикувајќи се на имунитетот на Организацијата на Обединетите нации. Со оглед на тоа што ова било претходно прашање во врска со надлежноста на домашните судови на Холандија во однос на Организацијата на Обединетите нации, судот не можел да ја предвиди одбраната којашто холандската држава би ја дала како тужена страна во идна мериторна постапка.
79. Повикувајќи се на член 2, став 2 од Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации, којашто треба да се толкува „во добра вера во согласност со вообичаеното значење кое треба да им се даде на термините во договорот во нивниот контекст и во светло на нејзиниот предмет и намена“ (член 31 од Виенската конвенција за договорно право) и исто така и во светло на член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, Апелациониот суд заклучил дека не можело да се даде никакво друго значење на таа одредба освен дека „најширок можен имунитет бил доделен на Организацијата на Обединетите нации, во смисла на тоа дека Организацијата на Обединетите нации не може да биде повикана пред ниту еден домашен суд на државите кои се договорни страни на таа Конвенција“. Не следувало од формулацијата на член 105 од Повелбата дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации бил само функционален, што било очигледно од членовите на Повелбата кои му претходат на член 105, дека Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации (вклучително и нејзиниот член II, став 2) била предвидена за да ги прецизира „привилегиите и имунитетот...неопходни за исполнување на целите на [Организацијата на Обединетите нации]“.
80. За разлика од Регионалниот суд, Апелациониот суд не бил убеден дека Судот отстапил од Waite and Kennedy и Beer and Regan во одлуката во Behrami v. France и Saramati v. France, Germany and Norway. Вториот случај не се однесувал ниту на Организацијата на Обединетите нации како можна странка ниту на пристап пред домашни судови во смисла на член 6 од Конвенцијата. Исто така тоа што Организацијата на Обединетите нации била основана пред влегувањето во сила на Конвенцијата не би сменило ништо, таквиот заклучок би бил некомпатибилен со фундаменталната природа на правата од Конвенцијата. Ниту пак можело да се претпостави дека член 103 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации бил предвиден само со намера да се укине обичајното меѓународно право или меѓународните договори, а уште помалку за да ја оштети заштитата на меѓународните стандарди за човекови права, а токму една од целите на Организацијата на Обединетите нации била да промовира почитување на човековите и основните права. Тоа значело дека критериумите според кои имунитетот од надлежност кој го уживала Организацијата на Обединетите нации требало да се цени биле критериумите предвидени од Судот во параграф 53 од пресудата во Beer and Regan.
81. Пресудата на Апелациониот суд продолжува на следниот начин:
„5.7. Што се однесува на прашањето дали имунитетот од налженост кој го ужива Организацијата на Обединетите нации во овој случај е сразмерен на целта која треба да се оствари, Апелациониот суд би го забележал следното. Организацијата на Обединетите нации има посебна позиција помеѓу меѓународните организации. Советот за безбедност може, на крајот на краиштата, по основ на член 42 од Повелбата, да преземе такви акции со воздушни, поморски или копнени сили какви што се потребни за одржување или враќање на меѓународниот мир и безбедност. Ниту една друга меѓународна организација нема толку далекусежни надлежности. Во врска со овие далекусежни надлежности, со кои Организацијата на Обединетите нации и трупите кои ѝ се ставени на располагање на Организацијата на Обединетите нации може да се вклучат во ситуации на конфликт што често ќе подразбира спротивставени интереси на повеќе страни, постои вистински ризик дека ако Организацијата на Обединетите нации има само делумен имунитет од судска надлежност, или пак да нема воопшто имунитет, Организацијата на Обединетите нации би можела да биде изложена на тужби од страните вклучени во конфликтот и да биде повикана пред домашните судови на земјата во која се одвива конфликтот. Токму со оглед на чувствителната природа на конфликтите во кои Организацијата на Обединетите нации може да биде вклучена, исто така треба да се земат предвид ситуации во кои Организацијата на Обединетите нации ќе биде повикана со цел целосно или делумно да се попречи мерка на Советот за безбедност. Исто така може да се замисли дека Организацијата на Обединетите нации може да биде повикана пред суд во земји чие судство не ги исполнува стандардите на член 6 пд Конвенцијата. Имунитетот од судска надлежност кој е доделен на Организацијата на Обединетите нации е затоа директно поврзан со општиот интерес во одржувањето на мирот и безбедноста во светот. Од таа причина од огромна важност е Организацијата на Обединетите нации да располага со што е можно посилен имунитет, и кој треба да биде предмет на што е можно помала дискусија. Со оглед на тоа, Апелациониот суд е на мислење дека само сериозни причини може да ја повлечат последицата дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации е непропорционален на целта која со него треба да се постигне.
...
5.9. Апелациониот суд најпрво воочува дека е наполно свесен за застрашувачките настани (vreselijke gebeurtenissen) на кои Mothers of Srebrenica и нивните блиски беа жртви и за страдањето на кое беа изложени. Државата на спореше дека бил извршен геноцид во Сребреница, всушност, тоа е општо познато. Сепак, тоа не е крајот на случајот. Како што беше воочено погоре, исто така постои значителен општ интерес Организацијата на Обединетите нации да не биде принудена да се појави пред домашен суд. Во ова подрачје на тензија има потреба за балансирање на два правни принципа, и двата екстремно важни, но, само еден од кои може да биде одлучувачки.
5.10. Апелациониот суд најпрво наоѓа дека [жалителите] потврдуваат дека самата Организација на Обединетите нации не извршила геноцид (...). Исто така не може да се заклучи од фактите презентирани од [жалителите] дека Организацијата на Обединетите нации свесно соработувала во извршувањето на геноцид. [Жалителите] во суштина ја обвинуваат Организацијата на Обединетите нации затоа што се однесувала небрежно (nalatig) во спречувањето на геноцид. Апелациониот суд е на мислење дека иако вината која на тој начин е ставена на Организацијата на Обединетите нации е сериозна, таа не е тешка (pregnant) до тој степен да го укине имунитетот само поради таа вина, или до степен да само од таа причина е неприфатливо Организацијата на Обединетите нации да се повика на својот имунитет. Во врска со тоа, Апелациониот суд смета дека е значајно што, како што веќе беше споменато, мировните операции на Организацијата на Обединетите нации генерално се вршат во делови од светот во кои е започнат оружен судир (brandhaard), и дека генерално би било можно без посебна тешкотија да се обвини brandhaard), не дека самата извршила кривични дела против човештвото, туку за тоа што не презела адекватни мерки против [таквите кривични дела] што може да доведе до злоупотреби. Затоа забелешката дека Организацијата на Обединетите нации не го спречила геноцидот во Сребреница и дека во врска со тоа била небрежна е недоволна за да се прекрши принципот на нејзин имунитет од судска надлежност. Исто така не е одлучувачко тоа што не се тврди во овој случај дека имало злоупотреба во горенаведената смисла. Ако Организацијата на Обединетите нации би можела успешно да се повика на својот имунитет само ако во дадениот случај може да се докаже злоупотреба, нејзиниот имунитет би бил неприфатливо засегнат (aangetast).
5.11. Следниот факт на кој [жалителите] се повикуваат е отсуството на процедурални опции придружени со адекватни заштитни механизми (een met voldoende waarborgen omklede rechtsgang). Tие посочија дкеа Организацијата на Обединетите нации не предвидела соодветни начини на решавање на спорови кои настануваат од договори или други спорови од приватно-правен карактер на кои Организацијата на Обединетите нации е странка, а што е предвидено со член VIII, став 29, прва реченица и согласно (a) oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации. Сите се сложуваат дека Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации навистина не го сторила тоа. Државата исто така не ги оспори успешно образложените аргументи [на жалителите] дека „Спогодбата за статусот на УНПРОФОР“ практично не им дава [на жалителите] било каква реална можност да ја тужат Организацијата на Обединетите нации. Сепак Апелациониот суд е на мислење дека не може да се утврди дека [жалителите] воопшто немаат пристап до суд за тоа што се случило во Сребреница. Најпрво, не беше јасно од фактите презентирани од [жалителите] зошто не било возможно жалителите да ги изведат сторителите на геноцидот, и можеби и тие кои може да се сметаат за одговорни за тие сторители, пред суд кој ги исполнува стандардите од член 6 од Конвенцијата. Во делот во кој [жалителите] не успеале да го направат тоа, затоа што одговорните лица не можат да бидат најдени, или затоа што има недоволни изгледи дека тие ќе ја надоместат штетата, Апелациониот суд забележал дека член 6 од Конвенцијата не гарантира дека секој кој сака да поднесе граѓанска тужба секогаш ќе може да најде (солвентен) должник.
5.12. Второ, [жалителите] имаат можност да ја повикаат пред суд државата, која ја обвинуваат на сличен начин како и Организацијата на Обединетите нации, пред суовите на Холандија. [Жалителите] всушност и ја искористија таа можност. Државата не може да се повика на никаков имунитет од надлежност, што значи дека холандските судови ќе мора да се искажат по однос на меритумот на тужбеното барање против државата во секој случај. Тоа не се променува ако во постапката, како што [жалителите] тврдат дека очекуваат – донекаде и со право – државата да истакне одбранбен аргумент дека нејзините дејствија во Сребреница треба да се припишат (исклучиво) на Организацијата на Обединетите нации. Дури и ако тој одбранбен аргумент (...) е истакнат, судовите во секој случај мора да ја разгледаат мериторноста на тужебните барања [на жалителите], и во тој обем [жалителите] имаат пристап до независен суд.
5.13. Произлегува од тоа што е наведено погоре дека не може да се каже за [жалителите] дека самата суштина на нивното право на пристап до суд е повредена ако се признае имунитетот од судска надлежност на Организацијата на Обединетите нации. Апелациониот суд во врска со тоа упатува на [Fayed v. the United Kingdom, 21 September 1994, Series A no. 294‑B], од која пресуда е очигледно дека Европскиот суд за човекови права е подготвен да прифати дури и прилично далекусежни ограничувања на пристапот до суд. Нема толку далекусежно ограничување во овој случај, со оглед на тоа дека [жалителите] можат да тужат најмалку две категории на страни за штетата која ја претрпеле Mothers of Srebrenica, и тоа сторителите на геноцидот и државата. Со оглед на тоа, Апелациониот суд не го смета фактот што Организацијата на Обединетите нации, по основ на член VIII, став 29, прва реченица и под (a) oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации, нема создадено алтернативен правен лек за тужби каква што е сегашната, колку и да е тоа жалосно, дека има доволно одлучувачка важност за да го наруши нејзиниот имунитет од судска надлежност.“
(д) Аргумент пред Врховниот суд
i. Касациона жалба на жалителите
82. Жалителите изјавиле касациона жалба (cassatie) до Врховниот суд (Hoge Raad). Во текот на постапката тие доставиле покана (dagvaarding) и објаснувачки меморандум (schriftelijke toelichting). Нивните аргументи, во делот во кој се релевантни за случајот пред Судот, може да се резимираат на следниот начин:
α. Поднесоци
83. Разликата која Апелациониот суд ја направил помеѓу постапката против холандската држава и против Организацијата на Обединетите нации била неоправдана, со оглед на меѓусебната поврзаност на двата случаја. Да се одлучи дека Организацијата на Обединетите нации имала имунитет во овој случај би ѝ овозможило на холандската држава да тврди дека нејзините постапки требале да се припишат на или дека биле легитимизирани од Организацијата на Обединетите нации, и на тој начин да избегне одговорност.
84. Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации согласно меѓународното право не бил толку обемен како што и било одлучено од Апелациониот суд. Во отсуство на било каква друга алтернативна процедура која е достапна на жалителите, Апелациониот суд на тој начин ја ставил Организацијата на Обединетите нации над законот. Неприфатливоста на таков заклучок произлегувала од, помеѓу другото, пресудите на овој Суд во случаите Waite and Kennedy и Beer and Regan.
85. Апелациониот суд ги засновал своите заклучоци на претпоставка дека жалителите барале само паричен надомест, кој може да биде исплатен од било која страна која е доволно солвентна. Всушност нивните тужбени барања не се однесувале само на пари: тие барале признавање на одговорност на Организацијата на Обединетите нации за тоа што не го спречила геноцидот во кој нивните блиски биле жртви. Судска декларација во таа насока можела да биде дадена само ако тужена страна е Организацијата на Обединетите нации, а не против Холандија или пак српските сторители како тужени.
86. Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации бил заснован на политички интерес. Еден суд заснован на закон, сепак, требало да го применува законот: со законот се формулирало правото на пристап до суд, кое што затоа било посилно од политички интерес. Тоа уште повеќе важело затоа што забраната на геноцид била јус когенс правило. Тие понатаму посочиле на бројот на судии кои гласале како мнозинство во пресудата Al-Adsani на овој Суд (девет гласа за, а осум против, што значи најмалото можно мнозинство на гласови) како доказ за промени кон признавање на тоа дека јус когенс – во тој случај забраната на тортура – можела да го отфрли имунитетот кој дотогаш бил признат во меѓународното право.
87. Одлучувајќи дека самата Организација на Обединетите нации не го извршила геноцидот, Апелациониот суд не ја увидел поентата, која била дека Организацијата на Обединетите нации не ја извршила својата должност да спречи геноцид. Понатаму, Dutchbat знаел за геноцидот соработувајќи со ВРС во депортирањето на цивилното население од безбедноста зона Сребреница и помагајќи во одделувањето на мажите од жените и децата и покрај индикациите дека нивните животи биле во опасност.
88. Немало никаква разлика во смисла на правото на пристап до суд, гарантирано со член 6 од Конвенцијата, тоа дали имало или немало солвентен должник или дали холандската држава можела да бара имунитет од граѓанска тужба пред сопствените судови или не.
89. На крај, Апелациониот суд не го разгледал прашањето дали Организацијата на Обединетите нации требала да се откаже од својот имунитет.
β. Објаснувачкиот меморандум
90. Жалителите го дополниле нивниот поднесок до судот со објаснувачки меморандум (schriftelijke toelichting), во кој тие опширно тврделе дека имунитетот на Организацијата на Обединетите нации отсекогаш бил предвиден да биде функционален, а не дипломатски. Тоа било одразено со формулацијата на член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации. Иако член II, став 2 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации го сугерирал спротивното, тој бил подреден на Повелбата по основ на член 103. Исто така, и понатаму било возможно – и понекогаш било морална, а не правна обврска – откажувањето од имунитет, како што е во случаите на сериозни повреди на човекови права. Тоа било уште повеќе точно со оглед на тоа што самата Организација на Обединетите нации не предвидела начини на решавање на спорови на кои таа може да биде страна, како што било наложено со член VIII, став 29 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации.
ii. Советодавното мислење
91. Државниот правобранител (procureur-generaal) доставил советодавно мислење (conclusie) до Врховниот суд.
92. Државниот правобранител правел разлика помеѓу имунитетот на државите, којшто бил заснован на нивната суверена еднаквост во меѓународното право, и имунитетот на меѓународните организации, којшто бил предвиден за да им овозможи да функционираат. Цитирајќи го случајот Waite and Kennedy, тој потврдил дека имунитетот на една меѓународна организација од домашна надлежност може да е потребно да биде укинат, ако не се достапни внатрешни механизми за решавање на спорови. Во овој случај, сепак, имало внатрешна алтернатива, предвидена со параграф 48 од Спогодбата за статусот на Заштитната единица на Организацијата на Обединетите нации [УНПРОФОР] во Босна и Херцеговина.
93. За останатото, Државниот правобранител искажал став дека Апелациониот суд ја засновал својата пресуда на точна проценка на инволвираните спротивставени интереси. Во делот во кој жалителите го тврделе спротивното, тие го засновале нивниот аргумент на извртување на текстот пресудата на Апелациониот суд.
(ѓ) Пресудата на Врховниот суд
94. Врховниот суд донесол пресуда на 13 април 2012 година, заведена под LJN BW1999. Во нејзиното образложение е содржано следното:
„Основа и опсег на имунитетот на Организацијата на Обединетите нации
4.2 Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации, којшто треба да се разликува од имунитетот на нејзините функционери и експерти кои спроведуваат мисии за неа, е заснован на член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации и член II, став 2, oд Конвенцијата [за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации]. Второспомената одредба, со која се елаборира член 105, став 1 [од Повелбата], правилно е толкувана од страна на Апелациониот суд – применувајќи го член 31 од Виенската конвенција за договорно право – дека ѝ доделува на Организацијата на Обединетите нации најопсежен имунитет од надлежност, во смисла на тоа дека организацијата не може да биде повикана пред домашен суд на земјите кои се договорни страни на Конвенцијата [за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации].
Основата и опсегот на овој имунитет, кој е предвиден за да го гарантира функционирањето на Организацијата на Обединетите нации потполно независно и кој само од оваа причина служи за легитимна цел, е затоа различен од имунитетот од надлежност кој им е обезбеден на странски држави. Како што е кажано во член 13а од Законот кој содржи општи одредби за законодавството на Кралството (Wet Algemene Bepalingen), вториот вид на имунитет е изведен од меѓународното право (par in parem non habet imperium), и се однесува само на дејствија на странска држава преземени од таа држава во извршување на нејзините владејачки должности (acta iure imperii).
Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации и пристапот до суд
4.2.1 Апелациониот суд....при применувањето на критериумите формулирани од Европскиот суд за човекови права во Beer and Regan v. Germany [GC], no. 28934/95, 8 February 1999, и Waite and Kennedy v. Germany [GC], no. 26083/94, ECHR 1999‑I, навлегол во прашањето дали повикувањето на имунитетот на Организацијата на Обединетите нации е компатибилно со правото на пристап до суд (предвидено со член 6 од Конвенцијата и член 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права). Државата повеќе не спори дека ова право – коешто не е апсолутно – е (исто така) правило на обичајното меѓународно прави.
...
4.3.3 Според параграф 67-69 [oд пресудата Waite and Kennedy] од посебна важност за наоѓањето на Судот дека почитувањето на имунитетот на меѓународна организација како што е ЕКА [Европска космичка агенција] не претставува повреда на член 6 од Конвенцијата е дека Конвенцијата за основање на Европска космичка агенција (ЕКА Конвенција) изречно предвидува алтернативна процедура за решавање на приватно-правни спорови, која тужителите можат да ја искористат. Се забележува дека параграф 67 споменува „меѓународни организации“ без понатамошно објаснување, но, дека – веќе во отсуство на било какво согледување поврзано со меѓусебната повраност на член 6 од Конвенцијата и член 193 и член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации – нема причина за да се претпостави дека при споменувањето на „меѓународни организации“ Судот сакал да упати и на Организацијата на Обединетите нации, барем не во делот кој се однесува на мерки преземени од оваа организација во рамките на Глава VII oд Повелбата на Организацијата на Обединетите нации (Дејствија во однос на закани кон мирот, повреди на мирот и акти на агресија).
4.3.4 (Советот за безбедност на) Организацијата на Обединетите нации има посебно место во меѓународната правна заедница, што беше исто така искажано во Behrami and Behrami v. France и Saramati v. France, Germany and Norway (dec.) [GC], no. 71412/01. Во оваа одлука, којшто се однесува на дејствија и пропуштања на Привремената администрација на Организацијата на Обединетите нации во Косово [United Nations Interim Admisistration Mission in Kosovo] UNMIK) и Војската на НАТО во Косово (КФОР), распоредени на Косово врз основа на резолуција на Советот за безбедност, Судот одлучува, помеѓу другото:
„146. Во овој случај се поставува прашање дали Судот има надлежност ratione personae да ги оценува дејствијата на тужените држави направени во име на ООН и, погенерално, во врска со односот помеѓу Конвенцијата и ООН кога дејствува согласно Глава VII oд Повелбата.
147. ... Поопшто, потсетуваме дека, како што е воочено во параграф 122 погоре, дека Конвенцијата треба да се толкува во светло на сите релевантни правила и принципи на меѓународното право кои важат за односите помеѓу нејзините договорни страни. Затоа Судот зел предвид две комплементарни одредби на Повелбата, член 25 и член 103 на начинот на кој нив ги толкува ICJ (види параграф 27 [од одлуката]).
148. Oд уште поголема важност е императивниот карактер на главната цел на OОН [Организацијата на Обединетите нации] и, последователно, на овластувањата кои му се дадени на СБ на ООН [Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации] согласно Глава VII за исполнување на таа цел. ... Одговорност на СБ на ООН во овој поглед е уникатна и се развиваше како дополнување на забраната, која е сега обичајно меѓународно право, на унилатерална употреба на сила (види параграфи 18-20 [oд одлуката, кои ја лоцираат појавата на забраната на унилатерална употреба на сила во времето на создавање на Организацијата на Обединетите нации]
149. Во овој случај, Глава VII му дозволувала на СБ на ООН да усвои принудни мерки како одговор на идентификувани конфликти кои се сметаат дека биле закана за мирот, имено Резолуција на СБ на ООН, 1244 со која се основаат УНМИК и КФОР..
Со оглед на тоа што операциите кои се утврдени со резолуции на СБ на ООН согласно Глава VII oд Повелбата на ООН се фундаментални за мисијата на ООН за обезбедување на меѓународниот мир и безбедност и затоа што за нивна ефикасност тие сметаат на поддршка од страна на земјите членки, Конвенцијата не може да се толкува на начин да се дозволи дејствијата и пропуштањата на договорните страни кои се предмет на резолуција на СБ на ООН и кои се случиле пред или во текот на такви мисии, да бидат предмет на оцена од страна Судот. Да се направи тоа би значело мешање во исполнувањето на клучната мисија на ООН во оваа област вклучително, како што тврдат и опеределени страни, со ефикасното спроведување на нејзините операции. Исто така тоа би било еднакво на наметнување на услови на имплементацијата на резолуција на СБ на ООН кои не биле предвидени со текстот на самата резолуција. ....
Во параграф 27, кој е споменат во овој цитат, Судот наоѓа, помеѓу другото, дека според ICJ, член 103 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации значи дека обврските кои членките на Организацијата на Обединетите нации ги имаат согласно Повелбата на Организацијата на Обединетите нации имаат предимство над обврските кои настануваат од било кој друг меѓународен договор, без разлика дали го потпишале пред или покасно од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации или во кои станува збор само за регионални мерки. И во параграф 149 Судот заклучува дека со оглед на важноста за меѓународниот мир и безбедност на операциите преземени по основ на резолуции на Советот а безбедност во рамките на Глава VII oд Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, Конвенцијата не може да се толкува во смисла на тоа да дејствијата и пропуштањата на државите договорнички кои се регулирани со резолуции на Советот за безбедност се предмет на оцена од страна на Судот.
4.3.5 Преодниот заклучок мора да биде дека Апелациониот суд погрешил со анализирањето со оглед на критериумите формулирани во Beer and Regan и Waite and Kennedy дали повикување на имунитет во име на Организацијата на Обединетите нации треба да биде укинат поради важноста на правото на пристап до суд споменато во член 6 од Конвенцијата.
4.3.6 Tој имунитет е апсолутен. Неговото одржување дотолку повеќе е помеѓу обврските на земјите членки на Организацијата на Обединетите нации, што, како што Судот воочи во Behrami, Behrami and Saramati, согласно член 103 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации имаат предимство над обврски преземени согласно други меѓународни договори.
4.3.7 Тоа, сепак, не дава одговор на прашањето, дали, како што [жалителите] тврдат повикувајќи се, особено, на спротивставените мислења приклучени кон пресудата во Al-Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, ECHR 2001‑XI, што се однесува на имунитет на државите, имунитетот на Организацијата на Обединетите нации треба да биде укинат поради важноста на правото на пристап до суд затоа што тужбените барања се засновани на критиката на инволвираност во – особено, преку не спречување – на геноцид и други сериозни повреди на фундаментални човекови права (тортура, убиства и силувања) ...
...
4.3.9 Мислењето на мнозинството на судии [кои заклучиле дека не било сѐ уште прифатено во меѓународното право дека државите немаат право на имунитет во однос на граѓански тужби за надомест на штета за наводна тортура извршена надвор од тертироријата на државата пред чии судови тие тужби се поднесени] било спротивно на, помеѓу другото, спротивставеното мислење на шестмина судии на Големиот судски совет на кое се повикуваат сега [жалителите] кое – во согласност со барем незанемарлив дел од домашната и странската литература на темата имунитет на државите – го содржи следното:
„3. Затоа, прифаќањето на јус когенс карактерот на забраната на тортура подразбира дека една држава кој наводно ја прекршува не може да се повика на хиерархиски пониски правила (во овој случај, оние кои се однесуваат на имунитет на државата) за да ги избегне последиците од незаконитоста на нејзините дејствија. Во околностите на овој случај, Кувајт не може валидно да се крие зад правилата на имунитет на државата за да избегне постапка за сериозен навод за тортура истакнат пред странска држава и судовите од таа држава (Обединетото Кралство) не можат да прифатат повикување на имунитет, или да се повикаат на него по службена должност, за да не му овомзможат на еден жалител судско оценување на случај на тортура. Поради поврзаноста на јус когенс правилото на забрана на тортура и правилата на државен имунитет, процедуралната пречка за државен имунитет е автоматски подигната, затоа што тие правила, се спротивни на хиерархски повисоко правило, не произведуваат правно дејство. Во иста насока, не е можно повикување на домашен закон кој е предвиден за да им даде домашно правно дејство на меѓународните правила за државен имунитет, како тоа да создава пречка за надлежност, туку мора да се толкува во согласност со и со оглед на императивните принципи на јус когенс.“
4.3.10 Уште поважно од фактот дека ова мислење, како што сега стојат работите, не го одразува мислењето на Судот, е одлуката на ICJ ... во Имунитет од надлежност на државата (Германија против Италија: Грција вмешувач [Jurisdictional Immunities of the State (Germany v. Italy: Greece Intervening}) [пресуда од 3 февруари 2012 година]. Tој случај се однесуваше на, помеѓу другото, прашањето дали италијанските судови требало да го почитуваат имунитетот на Германија во случаите кои тие ги разгледувале во кои се барал надомест на штета од Германија за штета настаната од повреди на меѓународното хуманитарно право од страна на германските трупи во Втората Светска Војна. ICJ одговори на тоа прашање потврдно.
...
4.3.14 Иако може да се направи разлика помеѓу имунитетот на Организацијата на Обединетите нации и државниот имунитет, таа разлика не оправдува заклучок во однос на меѓусебната поврзаност помеѓу имунитетот на организацијата и правото на пристап до суд, кој е поинаков од заклучокот на ICJ во однос на меѓусебната поврзаност помеѓу државниот имунитет и правото на пристап до суд. Тој имунитет ѝ припаѓа на Организацијата на Обединетите нации без оглед на сериозноста на забелешките врз кои [тужителите] ги засноваат нивните барања.
...
4.4.1 ... [За преостанатите жалбени наводи] – Врховниот суд не гледа потреба да побара претходна одлука [preliminary ruling] ... – тие не даваат причини за преиначување на одлуката на Апелациониот суд (kunnen niet tot cassatie leiden). Со оглед на член 81 од Законот за (организација на) судството (Wet op de rechterlijke organisatie), не е потребно понатамошно образложение, затоа што жалбениот навод не доведува до потреба да се одлучи по правни прашања кои се во интерес на правното единство или развојот на правото.“
3. Продолжување на главната постапка
95. После пресудата на Врховниот суд главната постапка продолжила само против државата. Жалителите тврдат дека државата истакнала дека дејствијата и пропуштањата „пред, во текот на и после падот на Сребреница“ требало во целост да бидат припишани на Организацијата на Обединетите нации и дека Холандија немала никаква одговорност за случајот.
96. Колку што Судот е информиран, таа постапка е сѐ уште во тек пред судот од прв степен.
В. Релевантно домашно право
1. Устав на Кралството Холандија
97. Одредбите на Уставот на Кралството Холандија (Grondwet voor het Koninkrijk der Nederlanden) кои се релевантни за случајот се следните:
член 93
„Одредбите од договори и резолуции на меѓународни институции кои може да се обврзувачки за сите по основ на нивната содржина, стануваат правно задолжителни откако ќе бидат објавени“
член 94
„Законите кои се во сила во Кралството нема да се применуваат ако таквата примена е во спротивност со одредби на меѓународни договори кои се обврзувачки за сите или со резолуции на меѓународни институции.“
2. Закон кој содржи општи одредби за законодавството на Кралството
98. Во делот кој е релевантен, Законот кој содржи општи одредби за законодавството на Кралството (Wet Algemene Bepalingen) го предвидува следното:
член 13a
„Надлежноста на судовите и извршноста на пресудите и извршните службени документи (authentieke akten) ќе бидат ограничени со исклучоците предвидени во меѓународното право.“
3. Законикот за граѓанска постапка
99. Во делот кој е релевантен, Законикот за граѓанска постапка (Wetboek van Burgerlijke Rechtsvordering) го предвидува следното:
член 7
„1. Ако во постапка (zaken) којашто мора да биде започната со покана (dagvaarding) холандскиот суд има надлежност во однос на еден од тужените, тогаш тој суд исто така ќе има надлежност и во однос на другите тужени кои се инволвирани во истата постапка (geding), под услов да постои таква меѓусебна поврзаност помеѓу тужбените барања против различните тужени страни да заради ефикасност [на постапката] оправдано е да се одлучува за сите нив заедно. ...“
4. Закон за (организација на) судството
100. Во делот во кој е релевантен за случајот пред Судот, Законот за (организација на) судството (Wet op de rechterlijke organisatie) го предвидува следното:
член 81
„Ако Врховниот суд смета дека жалбата не дава причини да ја преиначи пресудата против која таа жалба е изјавена и дека со жалбата не се бараат одговори на правни прашања кои се во интерес на единството или развојот на правото, тој може само тој заклучок да го даде како причина за својата одлука по таа жалба.“
5. Законот за извршители од 2001 година
101. Во делот кој е релевантен за случајот, Законот за извршители од 2001 (Gerechtsdeurwaarderswet 2001) го предвидува следното:
член 2
„1. Извршителот е јавен службеник кој има должности кои им се дадени на извршителите или резервирани за нив со закон или по основ на закон, исклучувајќи ги сите останати или не, зависно од случајот. Поконкретно, извршителот може да има должност за:
a. доставување на судски покани и други службени известувања (het doen van dagvaardingen en andere betekeningen) со кои се започнуваат судски постапки или кои се дел од размената на документи во судска постапка....“
член 3a
„1. Извршител кој ќе добие инструкција за службен акт, ако разумно треба да е свесен за можноста дека неговото извршување може да биде спротивно на обврските на државата согласно меѓународното право, ќе го информира Министерот [за правда] веднаш за таа инструкција на начинот кој е предвиден со правилници на министерството.
2. Министерот може да му изјави на извршителот дека службениот акт кој го примил, или кој треба да го добие, инструкција, или кој веќе го извршил, е спротивен на обврските на државата согласно меѓународното право.
...
5. Ако во моментот во кој извршителот прими таква декларација како декларацијата спомената во вториот став, службениот акт не е извршен, тогаш последицата од декларацијата ќе биде тоа што извршителот не може да го изврши службениот акт. Службен акт кој е извршен во спротивност на првата реченица е ништовен. ...“
6. Релевантна домашна судска пракса
(a) Случајот Здружение на граѓани „Жени од Сребреница“
102. Во август 2003 година организација која се вика Udruženje Građana “Žene Srebrenice” (Здружение на граѓани „Жени од Сребреница“), здружение со седиште во Тузла, Босна и Херцеговина, побара Регионалниот суд во Хаг да нареди прелиминарно сослушување на сведоци (voorlopig getuigenverhoor) со цел да поведат граѓанска постапка за штета против холандската држава.
103. На 27 ноември 2003 година Регионалниот суд донесол одлука (LJN AN8978) со која се одбива тоа барање. Судот сметал дека, во отсуство на релевантна воспоставена судска пракса, потребно било прво да се реши принципиелното прашање дали, и во кои случаи, државата можела да се земе на одговорност за дејствија на воени единици кои дејствуваат под команда и контрола на Организацијата на Обединетите нации како што бил Dutchbat. Таква одлука не можела правилно да биде донесена во постапка за прелиминарно сослушување на сведоци, таквата одлука наложувала постапка во која ќе се одлучува мериторно. Во секој случај, достапните документи, кои биле многу обемни и во кои спаѓале извештајот на НИОД Институтот за воени студии и студии за холокауст и геноцид и извештајот на холандската анкетна комисија, требало да бидат доволни здружението да ги процени своите шанси да успее со тужбата, дотолку повеќе што многу од сведоците кои здружението сакало да ги испраша веќе биле испрашани во текот на тие две истраги.
(б) Случаите Мустафиќ и Нухановиќ
104. Две граѓански постапки биле поведени пред холандските судови против холандската држава од страна на блиските роднини на мажи убиени во масакрот во Сребреница.
105. Тужителите во првиот случај (Мустафиќ против државата Холандија) се најблиските лица на електричар кој бил де факто вработен на Dutchbat но, кој немал статус каков што им се дава на лицата вработени директно од Организацијата на Обединетите нации. Тие тврдат дека на 13 јули 1995 година државата Холандија прекршила договор затоа што заменик командирот на Dutchbat одбил да му дозволи тој да остане со неговото семејство во базата во Поточари, како последица на што тој морал да ја напушти базата истиот ден, додека пак водството на Dutchbat требало да го заштити и да дозволи тој да остане внатре и да го евакуира заедно со Dutchbat. Во спротивно, тие тврдат дека им била предизвикана (вондоговорна) штета. И самиот тужител во вториот случај (Нухановиќ против државата Холандија) бил де факто вработен на Dutchbat, каде работел како преведувач, но исто така без статус на вработен на Организацијата на Обединетите нации, тој е син на еден маж убиен во масакрот и брат на уште еден. Тој тврди дека му била нанесена вондоговорна штета со тоа што заменик командирот на Dutchbat ги пуштил двајцата мажи надвор од базата попладнето на 13 јули 1995 година.
106. За овие два случаја се одлучувало паралелно, прво од страна на Регионалниот суд во Хаг, а потоа од страна на Апелациониот суд во Хаг.
107. Во прв степен, Регионалниот суд одлучил дека случаите за кои тужителите се жалеле биле одговорност само на Организацијата на Обединетите нации. Dutchbat бил под команда и контрола на Организацијата на Обединетите нации, настаните за кои тужителите се жалеле се случиле во Босна и Херцеговиа, суверена држава над која ниту Организацијата на Обединетите нации ниту Холандија немале надлежност.
108. Семејството Мустафиќ и г-н Нухановиќ се жалеле до Апелациониот суд во Хаг.
109. Апелациониот суд донесол две меѓупресуди на 5 јули 2011 година, заведени под LJN BR0132 (Мустафиќ) и LJN BR0133 (Нухановиќ), кои во деловите кои се релевантни се идентични. Судот наредил сослушување на сведоци за процедурално прашање кое не е релевантно за случајот пред Судот.
110. Во две во суштина идентични пресуди за суштината на тужбените барања донесени на 26 јуни 2012 година заведени под LJN BW9014 (Мустафиќ) и LJN BW9015 (Нухановиќ) соодветно, Апелациониот суд ги преиначил пресудите на Регионалниот суд и одлучил дека холандската држава била одговорна за вондоговорна штета шредизвикана на жалителите како последица на смртта на нивните блиски.
111. Државата изјавила две касациони жалби против овие пресуди пред Врховниот суд. Во неговото советодавно мислење до Врховниот суд, презентирано на 3 мај 2013, Државниот правобранител (advocaat-generaal) предлага Врховниот суд да ги одбие тие жалби (LJN BZ9228, CPG 12/03329).
ЖАЛБЕНИ НАВОДИ
112. Жалителите се жалеа по член 6 од Конвенцијата, прво, дека давањето на имунитет на Организацијата на Обединетите нации го повредило нивното право на пристап до суд, и, второ, дека Врховниот суд со кусо образложение го отфрлил нивното барање судот да побара претходна одлука од Судот на правдата на Европската Унија.
113. Tие се жалеа по член 13 од Конвенцијата дека давањето на имунитет на Организацијата на Обединетите нации би ѝ дозволило на холандската држава да ја избегне својата одговорност кон жалителите со префрлање на сета вина врз Организацијата на Обединетите нации на тој начин правејќи ги нивните тужбени барања беспредметни.
ПРАВО
A. Парнична способност на жалителот Stichting Mothers of Srebrenica
114. Во однос на тоа дали жалителите може да се сметаат за „жртви“ во смисла на член 34 од Конвенцијата, Судот има одлучено дека овој концепт мора да се толкува автономно и независно од домашните концепти како што се оние кои се однесуваат на интерес во поведување на постапка или способност да се поведе постапка. Според мислењето на Судот, мора да има доволно директна врска помеѓу жалителот и штетата кој тој или таа тврди дека ја претрпил/а како последица на наводна повреда на едно или повеќе права и слободи гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи (види, помеѓу други претходни одлуки, Association des amis de Saint-Raphaël et de Fréjus v. France (dec.), no. 45053/98, 29 February 2000, во однос на здружението жалител и Uitgeversmaatschappij De Telegraaf B.V. and Others v. the Netherlands (dec.), no. 39315/06, 18 May 2010, во однос на жалителите Nederlandse Vereniging van Journalisten (Netherlands Association of Journalists) и Nederlands Genootschap van Hoofdredacteuren (Холандско друштво на главни и одговорни уредници).
115. Судот всушност не прифатил процесна способност да се јават како жалители на невладините тела кои не се основани со ниту една друга цел освен за да остварат права на наводни жртви (види Smits, Kleyn, Mettler Toledo B.V. et al., Raymakers, Vereniging Landelijk Overleg Betuweroute and Van Helden v. the Netherlands (dec.), nos. 39032/97, 39343/98, 39651/98, 43147/98, 46664/99 and 61707/00, 3 May 2001, во однос на жалителот Vereniging Landelijk Overleg Betuweroute); и дури и на невладини организации чија цел е токму одбрана на човековите права (види Van Melle and Others v. the Netherlands (dec.), no. 19221/08, 29 September 2009, во однос на жалителотt Liga voor de Rechten van de Mens).
116. Првиот жалител, Stichting Mothers of Srebrenica, е фондација основана со изречна намена за промоција на интересите на блиските [на лица кои се жртви] во масакрот во Сребреница. Сепак, факт е дека првиот жалител сам не бил засегнат од наводите на кои се жали по член 6 и член 13 од Конвенцијата: не се одлучувало за „граѓанските права и обврски“ на фондацијата, ниту пак тврди дека биле повредени права на фондацијата од Конвенцијата (види Smits, Kleyn, Mettler Toledo B.V. et al., Raymakers, Vereniging Landelijk Overleg Betuweroute and Van Helden v. the Netherlands (dec.), цитирана погоре). Последователно, таа не може да тврди дека е „жртва“ на повреда на овие одредби во смисла на член 34 од Конвенцијата.
117. Следува дека во делот во кој жалбата е поднесена од првиот жалител, таа е некомпатибилна ratione personae со одредбите на Конвенцијата во смисла на член 35, став 3 (а) и мора да биде отфрлена во согласност со член 35, став 4.
Б. Наводна повреда на член 6 од Конвенцијата
118. Жалителите наведоа повреди на член 6 од Конвенцијата, кој, во делот кој е релевантен, го предвидува следното:
„При утврдувањето на неговите граѓански права и обврски...секој има право на правично судење...од....суд....“
1. Применливост на член 6
119. Член 6, став 1 се применува на спорови (contestations) кои се однесуваат на граѓански „права“ за кои може да се каже, барем на докажлив начин [on arguable grounds], дека се признати со домашното право, без разлика дали се заштитени со Конвенцијата или не (види, помеѓу многу други претходни пресуди, Cyprus v. Turkey [GC], no. 25781/94, § 233, ECHR 2001‑IV; Al-Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, § 46, ECHR 2001‑XI; Fogarty v. the United Kingdom [GC], no. 37112/97, § 24, ECHR 2001‑XI (extracts); Cudak v. Lithuania [GC], no. 15869/02, § 45, ECHR 2010; и Sabeh El Leil v. France [GC], no. 34869/05, § 40, 29 June 2011). Спорот мора да е вистински и сериозен, тој може да се однесува не само на фактичкото постоење на едно право туку исто така и на неговиот опсег и начин на остварување, и на крај, исходот од постапката мора да биде директно одлучувачки за правото за кое станува збор (види, помеѓу многу други претходни пресуди, Zander v. Sweden, 25 November 1993, § 22, Series A no. 279‑B; Markovic and Others v. Italy [GC], no. 1398/03, § 93, ECHR 2006‑XIV; и Micallef v. Malta [GC], no. 17056/06, § 74, ECHR 2009).
120. Судот прифаќа дека правото кое жалителите го истакнуваат, засновано на домашиот закон за договори и вондоговорна штета (параграф 55 погоре), било граѓанско право. Нема сомневање дека имало спор, дека тој бил доволно сериозен и дека исходот од постапката за која овде станува збор бил директно одлучувачки за конкретното право. Со оглед на третманот кој им е даден на тужбените барања на жалителите од домашните судови, и со оглед на пресудите донесени од Апелациониот суд во Хаг во случаите Мустафиќ и Нухановиќ (види параграф 110 погоре), Судот е дотолку повеќе подготвен да претпостави дека наводот на жалителите бил „докажлив“ [“arguable”] во смисла на домашното холандско право (види, mutatis mutandis, Al-Adsani, цитирана погоре, параграф 48). Накусо, член 6 е применлив.
2. Имунитетот на Организацијата на Обединетите нации
(a) Аргументи на жалителите
121. Жалителите се жалеа дека признавањето на имунитетот од домашна надлежност на Организацијата на Обединетите нации од страна на холандските судови го повредило нивното право на пристап до суд.
122. Член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации со самата негова формулација создал за Организацијата на Обединетите нации имунитет кој бил функционален по карактер, а не апсолутен. Тој имунитет бил оправдан и ограничен со потребата за организацијата да ги извршува своите задачи независно. Затоа, секогаш кога Организацијата на Обединетите нации ќе се повикала на својот имунитет, судовите морале да утврдат дали постоела функционална потреба за таков имунитет.
123. Имунитетот од судска надлежност на меѓународните организации бил различен од имунитетот кој го уживале државите. Додека имунитетот од надлежност на странска држава бил заснован на суверена еднаквост, согласно максимата „par in parem non habet imperium“, правото на пристап до суд со него не било изгаснато: сѐ уште имало можност да се поведе постапка против странската држава пред нејзините судови.
124. Член II, став 2 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации имала изречна одредба за откажување од имунитетот на Организацијата на Обединетите нации. Понатаму, ICJ, во параграф 61 од неговото Советодавно мислење за имунитетoт од правна постапка на Специјален известувач на Комисијата за човекови права [Advisory Opinion on a Difference Relating to Immunity from Legal Process of a Special Rapporteur of the Commission on Human Rights], појаснил дека имунитетот на функционер на Организацијата на Обединетите нации (во тој случај специјален известувач за човекови права) бил претпоставен, и морало да му се даде „најголема можна тежина“ од домашните судови, но сепак можел да биде укинат „поради најсериозни причини“.
125. Член VIII, став 29 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации наложувала Организацијата на Обединетите нации да преземе мерки за изнаоѓање на соодветни начини на решавање на спорови на кои таа е страна. Тоа покажувало дека била увидена потреба да се избегнат ситуации во кои имунитетот на Организацијата на Обединетите нации би довел до де факто негирање на правдата.
126. Важноста на достапноста на алтернативен судски лек исто така произлегувала од судската пракса на самиот Суд во случај на имунитет на меѓународна организација од домашна надлежност,особено во Waite and Kennedy v. Germany (цитиран погоре).
127. Што се однесува на конкретниот случај, во 1999 тогашниот Генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации потврдил дека дошло до погрешни одлуки и фундаментални грешки. Тој заклучил дека „целата меѓународна заедница“, вклучително и „Советот за безбедност, Контакт групата и други Влади кои придонесле кон одложување на употребата на сила во првите фази на војната, како и ... Секретаријатот на Организацијата на Обединетите нации и мисиите на теренот“ сноселе одговорност за тоа (Извештај на Генералниот секретар врз основа на резолуција на Генералното собраните 53/35, документ на ООН A/54/549, 15 ноември 1999 година, параграф 501).
128. Масакрот во Сребреница бил акт на геноцид, како што било одлучено и од ICTY (во случајот Крстиќ) и од ICJ (во Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора). Пресудата во Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора било особено важна затоа што со неа се формулирала обврска да се спречи геноцид. Државите требало за таа цел, да ги преземат сите мерки во нивна моќ, тие не можеле да ја избегнат нивната меѓународна одговорност тврдејќи, или дури докажувајќи, дека средствата со кои располагале во секој случај биле недоволни, со оглед на тоа што здружените напори на неколку држави можеби би биле доволни за да се спречи геноцид.
129. Сегашниот Генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации, во одговор на поканата за суд на жалителите во овој случај, изјавил дека преживеаните од масакрот во Сребреница имале „апсолутно право“ да бараат правда за „најужасните кривични дела извршени на европско тло по Втората Светска Војна“ и ја изразил својата поддршка за тоа барање. Исто така, во обраќање до Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации од 8 октомври 2009 година тогашниот Претседател на ICTY го критикувал тоа што меѓународната заедница не предвидела ефикасни правни лекови кои се достапни на жртвите на конфликтите кои се случиле во поранешна Југославија.
130. Врховниот суд погрешил со тоа што ја толкувал пресудата во Waite and Kennedy како да прави разлика помеѓу Организацијата на Обединетите нации и другите меѓународни организации. Самиот Суд [за човекови права] не направил таква разлика во Waite and Kennedy. Понатаму, во своите коментари за Нацрт членовите на Комисијата за меѓународно право за одговорноста на меѓународните организации самиот Секретаријат на Организацијата на Обединетите нации ја потврдил разликата помеѓу државите и меѓународните организации од една страна и помеѓу самите меѓународни организации од друга, но сепак јасно кажал дека ја сметал Организацијата на Обединетите нации за меѓународна организација во смисла на тие нацрт членови. Таква разлика исто така не била направена од страна на Институтот за меѓународно право, на пример во неговата Резолуција за правните последици за земјите членки од неисполнување на нивните обврски кон трети страни, ниту од страна на Здружението за меѓународно право, кое генерално го дефинира опсегот на својата работа дека се однесува на меѓународни организации „во вообичаена смисла“ без да ја разликува Организацијата на Обединетите нации.
131. Врховниот суд погрешил што од одлуката на Судот во Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway го извел заклучокот дека Организацијата на Обединетите нации уживала апсолутен имунитет од домашна надлежност. Одлуката на Судот била во целост неповрзана со имунитетот од домашна надлежност, Судот всушност одлучил дека немал надлежност ratione personae над Организацијата на Обединетите нации.
132. Последицата од пресудата на Врховниот суд била одземање на правото на жалителите на „пристап до суд“ во целост. Ним не им била достапна замена за домашните судови каде би можеле да ги истакнат нивните права против Организацијата на Обединетите нации. Судот имал најдено дека отсуството на таква алтернативна судска надлежност било некомпатибилно во принцип со член 6 од Конвенцијата, во пресуди во кои спаѓаат Waite and Kennedy, и (во врска со суверен имунитет на странски држави) Fogarty v. the United Kingdom [GC], no. 37112/97, ECHR 2001‑XI (extracts); Cudak v. Lithuania [GC], no. 15869/02, ECHR 2010; Sabeh El Leil v. France [GC], no. 34869/05, 29 June 2011; и Wallishauser v. Austria, no. 156/04, 17 July 2012.
133. Врховниот суд не го зел предвид член VIII, став 29 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации којшто наложувал Организацијата на Обединетите нации да воспостави некаков систем за решавање на спорови на кои таа била страна. Врховниот суд затоа извел заклучок кој бил „очигледно апсурден или неразумен“ во смисла на член 32 од Виенската конвенција за договорно право. Наместо тоа, домашните судови и самиот Суд требало да го имааат предвид специјалниот карактер на Европската конвенција за човекови права како договор за човекови права како и препораките на меѓународните тела како што се Комисијата за меѓународно право и Здружението за меѓународно право.
134. На крај, според нив Врховниот суд не ги балансирал инволвираните интереси. На каков интерес и да служел имунитетот на Организацијата на Обединетите нации од домашна надлежност, апсолутен имунитет не бил прифатлив ако не била достапна алтернативна форма за решавање на спорови. Соочени со тоа што Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации не се откажал од имунитетот на организацијата, холандските судови требало да заклучат дека сепак постоеле убедливи причини за да се разгледаат тужбените барања на жалителите.
(б) Оцена на Судот
i. Опсег на случајот пред Судот
135. Постапката која жалителите ја иницирале во Холандија не е првата постапка која е поведена во врска со масакрот во Сребреница. Жалбени наводи во врска со масакрот во Сребреница биле истакнати пред домашен судски орган во Босна и Херцеговина, Домот за човекови права против Република Српска, иако тоа тело немало временска надлежност да одлучува за самиот масакар, тоа можело да го потврди страдањето на блиските на жртвите после масакрот и да додели надомест на штета во тој поглед (види параграф 48 погоре).
136. Судот исто така воочува дека во Франција, Холандија и во Република Српска, имало домашни анкетни комисии кои ги истражиле настаните околу масакрот повеќе или помалку детално (види параграфи 26-40 погоре). Една од тие анкетни комисии доведе до оставка на холандската Влада (види параграф 30 погоре).
137. Сепак, припишувањето на одговорност за масакрот во Сребреница или неговите последици, дали е тоа на Организацијата на Обединетите нации, холандската држава или било кое друго правно или физичко лице не е прашање кое влегува во опсегот на оваа жалаба. Судот исто така не може да разгледува дали Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации имал морална или правна обврска да се откаже од имунитетот на Организацијата на Обединетите нации. Судот треба да одлучи само дали Холандија го повредила правото на жалителите на „пристап до суд“, гарантирано со член 6 од Конвенцијата, давајќи ѝ на Организацијата на Обединетите нации имунитет од домашна судска надлежност.
138. Судот повторува дека степенот на пристап кој со домашното законодавство е даден мора да биде доволен за да го осигура „правото на суд“ на поединецот, со оглед на принципот на владеење на правото во едно демократско општество (види Ashingdane v. the United Kingdom, 28 May 1985, § 57, Series A no. 93; Bellet v. France, 4 December 1995, § 36, Series A no. 333‑B; и F.E. v. France, 30 October 1998, § 46, Reports of Judgments and Decisions 1998‑VII). Неспорно е дека кога е даден имунитет од судска надлежност на било кое лице, јавно или приватно, правото на пристап до суд е засегнато (види Sabeh el Leil, цитиран погоре, параграф 50).
ii. Применливи принципи
139. Принципите кои се утврдени од Судот во неговата судска пракса се следните:
(a) Член 6, став 1 секому го гарантира правото секое тужбено барање кое се однесува на неговите граѓански права и обврски да го поднесе пред суд или трибунал. На овој начин членот го изразува „правото на суд“, а правото на пристап, што значи правото да се поведе постапка пред судовите за граѓански случаи, претставува само еден негов аспект (види Golder v. the United Kingdom, 21 February 1975, § 36, Series A no. 18; види исто така, помеѓу многу други претходни пресуди, Waite and Kennedy, цитиран погоре, параграф 50; и Beer and Regan, цитиран погоре, параграф 49).
(б) Правото на пристап до суд гарантирано со член 6, став 1 од Конвенцијата не е апсолутно, туку може да биде предмет на ограничувања, тие се имплицитно дозволени затоа што правото на пристап по самата своја природа бара регулирање од страна на државата. Во тој поглед, државите договорнички имаат определено поле на слободна оцена [margin of appreciation], иако крајната одлука во однос на почитувањето на условите од Конвенцијата е на Судот. Тој мора да биде убеден дека применетите ограничувања не го ограничуваат или редуцираат пристапот даден на поединецот на таков начин или до тој степен да самата суштина на правото е оштетена. Понатаму, ограничувањето нема да биде во согласност со член 6, став 1 ако со него не се остварува легитимна цел и ако нема разумен однос на пропорционалност помеѓу употребените средства и целта која треба да се оствари (види помеѓу многу други претходни пресуди, Waite and Kennedy, цитиран погоре, параграф 59).
(в) Давањето на привилигии и имунитет на меѓународните организации е суштински начин на обезбедување на правилното функционирање на таквите организации ослободено од унилатерално мешање од одделни влади. Имунитетот од надлежност кој вообичаено им е даден на меѓународните организации од страна на државите согласно основачките инструменти на организациите или дополнителни договори е долготрајна пракса востановена во интерес на доброто функционирање на тие организации. Важноста на оваа пракса е зајакната со тренд кон проширување и зајакнување на меѓународната соработка во сите домени на модерното општество. Со оглед на тоа, имунитетот од домашна надлежност даден на меѓународните организации има легитимна цел (види, особено, Waite and Kennedy, параграф 63).
(г) Кога државите основаат меѓународни организации со цел да остварат или да ја зајакнат нивната соработка во определени сфери на активност, и кога тие им даваат на овие организации определени надлежности и им даваат имунитет, може да има импликации во однос на заштитата на фундаменталните права. Сепак, би било неспојливо со намената и предметот на Конвенцијата, ако државите договорнички на тој начин би биле ослободени од нивната одговорност согласно Конвенцијата во однос на сферата на активност на која се однесува таквиот имунитет. Треба да се повтори дека Конвенцијата е предвидена да гарантира не теоретски или илузорни права, туку права кои се практични и ефикасни. Тоа е особено точно за правото на пристап до суд со оглед на важното место кое правото на правично судење го има во едно демократско општество (Waite and Kennedy, параграф 67). Не би било конзистентно со владеењето на правото во демократско општество или со основниот принцип на кој почива член 6, став 1 – имено дека граѓанските тужби мора да можат да бидат поднесени пред судија за по нив да се пресуди – ако државата би можела, без воздржување или без контрола од страна на телата за спроведување на Конвенцијата, да отстрани од надлежност на судовите цела низа на граѓански тужби или да додели имунитет од граѓанска одговорност на категории на лица (види Sabeh el Leil, цитиран погоре, параграф 50).
(д) Конвенцијата, вклучително и член 6, не може да се толкува во вакуум. Судот мора да го има предвид посебниот карактер на Конвенцијата како меѓународен договор за човекови права, и исто така мора да ги земе во обзир релевантните правила од меѓународното право (види, помеѓу други претходни пресуди и mutatis mutandis, Loizidou v. Turkey (merits), judgment of 18 December 1996, § 43, Reports 1996-VI; Al-Adsani, цитиран погоре, параграф 55; и Nada v. Switzerland [GC], no. 10593/08, § 169, ECHR 2012). Конвенцијата треба колку што е возможно да се толкува во склад со другите правила на меѓународното право, чиј дел е, вклучително и оние кои се однесуваат на давањето на имунитет на држава (Судот би додал, или на меѓународна организација) (види Loizidou, цитиран погоре, параграф 43; Fogarty, цитиран погоре, параграф 35; Cudak, цитиран погоре, параграф 56; и Sabeh el Leil, цитиран погоре, параграф 48).
(ѓ) Meрките преземени од страна на висока договорна страна со кои генерално се одразуваат признати правила на меѓународното јавно право за државен имунитет (Судот би додал или имунитет на меѓународни организации) не можат во принцип да се сметаат дека наметнуваат непропорционално ограничување на правото на пристап до суд гарантирано со член 6, став 1. Исто како што правото на пристап до суд е неделив дел од правичното судење гарантирано со тој член, така и некои ограничувања на пристапот мора да се сметаат за инхерентни. Пример се тие ограничувања кои се општо прифатени од заедницата на нации како дел од доктрината на имунитет од домашна надлежност, без разлика дали се однесува на имунитет на странска суверена држава или имунитет на меѓународна организација (види Fogarty, цитиран погоре, параграф 36; и Cudak, цитиран погоре, параграф 57).
(е) Кога создаваат меѓународни обврски, државите се претпоставува дека не дерогираат од нивните претходни обврски. Кога повеќе инструменти кои се чинат за контрадиткорни се истовремено применливи, меѓународната судска пракса и академските мислења настојуваат да ги толкуваат на таков начин да се координираат нивните последици и да се избегне било каква спротивставеност помеѓу нив. Две спротивставени обврски затоа мора да се усогласат колку што е тоа возможно за да создаваат последици кои се целосно во согласност со постоечкото право (види Nada v. Switzerland, цитиран погоре, параграф 170).
iii. Примена на принципите кои беа наброени погоре
140. Аргументот на жалителите се заснова на три столба. Првиот аргумент е карактерот на имунитетот од домашна надлежност кој го уживаат меѓународните организации, којшто, според жалителите, е функционален, и со тоа, е во спротивност со суверениот имунитет кој го уживаат странските држави, којшто е заснован на суверена еднаквост помеѓу самите држави. Вториот столб е карактерот на нивното тужбено барање, кој произлегува од актот на геноцид извршен во Сребреница кој е од повисок ред од било каков имунитет кој Организацијата на Обединетите нации може да го има. Третиот столб е отсуството на било каков алтернативен судски орган надлежен да одлучува по нивното барање против Организацијата на Обединетите нации. Судот ќе ги анализира сите три по ред.
α. Карактер на имунитетот кој го ужива Организацијата на Обединетите нации
141. Судот ги воочува различните сфаќања на имунитетот на Организацијата на Обединетите нации помеѓу праксата на државите и доктрината на меѓународното право. Така, во неговата пресуда од 15 септември 1969 година (Manderlier v. United Nations and Belgian State), Pasicrisie belge, 1969, II, страница 247, (1969) 69 International Law Reports 169, Апелациониот суд во Брисел дал образложение кое подразбира дека тој имунитет е апсолутен. Спротивно на тоа, во Askir v. Boutros-Ghali, 933 F.Supp. 368 (1996), Окружниот суд во Њујорк го сметал имунитетот на Организацијата на Обединетите нации на сличен начин како и ограничен имунитет на странска држава, практично заземајќи го ставот дека воените операции биле acta iure imperii. Секретаријатот на Организацијата на Обединетите нации за мировните мисии кои се земаат за „супсидијарни органи“ на Организацијата на Обединетите нации во однос на одговорност применува функционален критериум на „команда и контрола“, но останува на став дека организацијата ужива имунитет пред локалните судови (Извештај на Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации „Финансирање на Заштитната единица на Организацијата на Обединетите нации, Операцијата на Организацијата на Обединетите нации за враќање на довербата во Хрватска [УНКРО], Единицата на Организацијата на Обединетите нации за превентивно распоредување [УНПРЕДЕП] и седиштето на Мировните сили на Организацијата на Обединетите нации“ и „административни и буџетски аспекти на финансирањето на мировните операции на Организацијата на Обединетите нации“, UN Doc A/51/389, параграфи 7 и 17; „Одговорност на меѓународните организации: коментари и забелешки примени од меѓународни организации“, UN Doc A/CN.4/637/Add.1). Нацрт членовите на Комисијата за меѓународно право за одговорност на меѓународните организации се „без влијание“ врз Повелбата на Организацијата на Обединетите нации (Шеесет и трета седница на Комисијата за меѓународно право, UN Doc A/66/10, ќе се појави во Годишник на Комисијата за меѓународно право 2011, издание. II, Дел два; види нацрт член 67).
142. Академското мислење е дека меѓународните организации и натаму уживаат имунитет од домашна надлежност. Здружението за меѓународно право го опишува имунитетот на меѓународните организации од домашна надлежност како „одлучувачка бариера за преземање на мерки од страна на тужители кои не се држави“ (Здружение за меѓународно право, Извештај од Седумдесет и петтата конференција одржана во Берлин, 16-21 август 2004, страници 164 и следните и страница 209). Исто такво е мислењето и на Институтот за меѓународно право (Правните последици за земјите членки на меѓународни организации од неисполнување на нивните обврски кон трети страни, седница во Лисабон, Годишник на Институтот за меѓународно право 66-I, страница 251и следните). Здружението за меѓународно право смета, de lege ferenda, дека треба да се предвидат правни лекови за да им се овозможи на поединците да бараат обештетување oд меѓународни организации кога тоа не е сѐ уште сторено, а одат толку далеку да сугерираат дека можело за отсуството на директен пристап пред домашни судови да се предвиди улога за меѓународен орган за решавање на спорови (loc. cit., страница 228).
143. Судот од своја страна повторува дека не е негова задача да настојува автентично да го дефинира значењето на одредбите на Повелбата на ООН и други меѓународни инструменти. Сепак тој мора да испита дали има доволно основа во тие инструменти за прашањата кои се предмет на жалбата која е поднесена до него (види Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway, цитиран погоре, параграф 122).
144. Понатаму, како што беше споменато погоре (види параграф 139 (e)), Конвенцијата е дел од меѓународното право. Последователно на тоа тој мора да ја утврди одговорноста на државата во согласност и во хармонија со владејачките принципи на меѓународното право, иако мора да го има предвид посебниот карактер на Конвенцијата како меѓународен договор за човекови права. Така, иако Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година е со подоцнежен датум од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, Општата Конвенција за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации и од Конвенцијата и затоа не е директно применлива (види член 4 од Виенската ковенција), Судот мора да ги земе предвид нејзините одредби во делот во кој со нив се кодификува правото кое веќе постоело, и особено нејзиниот член 31, став 3 (в) (види Golder, цитиран погоре, параграф 29; како понови одлуки и mutatis mutandis, Al-Adsani, цитиран погоре, параграф 55; Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway, цитиран погоре, параграф 122; и Cudak, цитиран погоре, параграф 56).
145. Член 103 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации предвидува дека обврските на членките на Организацијата на Обединетите нации согласно Повелбата ќе имаат предимство во случај на судир со обврски од друг меѓународен договор. Судот имал прилика да ја искаже својата позиција во однос на последиците од таа одредба, и во однос на обврските кои настануваат од употребата на овластувањата на Советот за безбедност согласно Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, врз неговото толкување на Конвенцијата (види Al-Jedda v. the United Kingdom [GC], no. 27021/08, § 102, ECHR 2011):
„... Судот мора да ги има предвид целите поради кои била формирана Организацијата на Обединетите нации. Покрај целта на одржување на меѓународниот мир и безбедност, наведена во првиот потстав на член 1 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации, третиот потстав предвидува дека Организацијата на Обединетите нации била основана за да се постигне меѓународна соработка во ... промовирањето и охрабрувањето на почитувањето на човековите права и основни слободи. Член 24(2) oд Повелбата наложува Советот за безбедност при исполнувањето на неговите должности во однос на неговата примарна одговорност на одржување на меѓународниот мир и безбедност „да постапува во согласност со целите и принципите на Организацијата на Обединетите нации“. Со оглед на тоа, Судот смета дека во толкувањето на неговите резолуции, мора да постои претпоставка дека Советот за безбедност нема намера да наметне било каква обврска на земјите членки за да ги повреди фундаменталните принципи на човековите права. Во случај на било каква нејасност на термините на резолуција на Советот за безбедност, Судот затоа мора да одбере толкување кој е најмногу во хармонија со условите на Конвенцијата и со кое се избегнува било каков судир на обврски. Со оглед на важната улога на Организацијата на Обединетите нации во промовирањето и охрабрувањто на почитувањето на човековите права, треба да се очекува дека се користи јасен и експлицитен јазик кога Советот за безбедност има намера државите да преземе конкретни мерки, кои би биле во судир со нивните обврски согласно меѓународното право за човекови права.“
Како што произлегува во пресудата во случајот Nada, цитиран погоре, параграф 172, претпоставката која овде е искажана е соборлива.
146. Судот сега ќе се осврне на имунитетот кој е даден на Организацијата на Обединетите нации од страна на холандските судови.
147. Член 105 од Повелбата на Организацијата на Обединетите нации предвидува дека Организацијата на Обединетите нации „на територијата на секоја од земјите членки ќе ужива такви привилегии и имунитет кои се потребни за исполнување на нејзините цели“.
148. Член II, став 2 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации оди уште подалеку предвидувајќи дека Организацијата на Обединетите нации „ќе ужива имунитет од секаква форма на правна процедура освен и ако во конкретен случај таа изречно се откажала од својот имунитет.“
149. Претходните случаи пред Судот во кое се јавуваше прашањето за имунитет од домашна надлежност на меѓународни организации, досега, се однесувале на спорови помеѓу организацијата и нејзини вработени (види Waite and Kennedy и Beer and Regan споменати претходно, види исто така Lopez Cifuentes v. Spain (dec.), no. 18754/06, 7 July 2009).
150. Во повеќе други случаи од Судот било побарано да ги припише акти преземени од меѓународни организации на држави договорнички на Конвенцијата по основ на нивно членство во тие организации (Boivin v. France and 33 other States (dec.), no. 73250/01, ECHR 2008; Connolly v. 15 Member States of the Council of Europe (dec.), no. 73274/01, 9 December 2009; Gasparini v. Italy and Belgium (dec.), no. 10750/03, 12 May 2009; Beygo v. 46 Member States of the Council of Europe (dec.), no. 36099/06, 16 June 2009; Rambus Inc. v. Germany (dec.), no. 40382/04, 16 June 2009; и Lechouritou and Others v. Germany and 26 other Member States of the European Union (dec.), no. 37937/07, 3 April 2012) или по основ на нивната позиција како земја домаќин на таква организација или административно или судско тело кое е од неа формирано (види, особено Berić and Others v. Bosnia and Herzegovina (dec.), nos. 36357/04, 36360/04, 38346/04, 41705/04, 45190/04, 45578/04, 45579/04, 45580/04, 91/05, 97/05, 100/05, 101/05, 1121/05, 1123/05, 1125/05, 1129/05, 1132/05, 1133/05, 1169/05, 1172/05, 1175/05, 1177/05, 1180/05, 1185/05, 20793/05 and 25496/05, 16 October 2007; Galić v. the Netherlands (dec.), no. 22617/07, ECHR 2009; Blagojević v. the Netherlands, no. 49032/07, 9 June 2009; и Djokaba Lambi Longa v. the Netherlands (dec.), no. 33917/12, ECHR 2012).
151. Покрај тоа, од Судот било побарано да разгледа акти извршени од самите држави договорнички по основ на нивно членство во меѓународни организации. Во врска со тоа, Судот ја искажал претпоставката дека сѐ додека фундаменталните права се заштитени на начин кој може да се смета барем за еквивалентен на она што Конвенцијата го предвидува, дејствијата на државите преземени во согласност со правните обврски кои произлегуваат од нивното членство во Европската унија биле во согласност со условите на Конвенцијата (види Bosphorus Hava Yolları Turizm ve Ticaret Anonim Şirketi v. Ireland [GC], no. 45036/98, § 156, ECHR 2005‑VI; и Cooperatieve Producentenorganisatie van de Nederlandse Kokkelvisserij U.A. v. the Netherlands (dec.), no. 13645/05, ECHR 2009).
152. Овој случај се разликува од сите кои беа претходно споменати. Во неговата основа е спор помеѓу жалителите и Организацијата на Обединетите нации заснован на употреба на овластувањата на Советот за безбедност согласно Глава VII oд Повелбата на Организацијата на Обединетите нации.
153. Како и резолуциите на Советот за безбедност, Судот ќе ја толкува Повелбата на Организацијата на Обединетите нации и другите инструменти со кои се регулира функционирањето на Организацијата на Обединетите нации колку што е можно повеќе во хармонија со обврските на државите од меѓународното право за човекови права.
154. Судот наоѓа дека затоа што операциите кои се востановени со резолуции на Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите нации согласно Глава VII oд Повелбата на Организацијата на Обединетите нации се фундаментални за мисијата на Организацијата на Обединетите нации за обезбедување на меѓународниот мир и сигурност, Конвенцијата не може да се толкува на начин кој ќе ги подложи актите и пропуштањата на Советот за безбедност, под домашна надлежност без согласност на Организацијата на Обединетите нации. Да се подведат тие операции во опсег на домашна надлежност би значело да им се дозволи на поединечни држави, преку нивните судови, да се мешаат во исполнувањето на клучната мисија на Организацијата на Обединетите нации во ова поле вклучително и во ефикасното спроведување на нејзините операции (види mutatis mutandis, Behrami and Behrami v. France and Saramati v. France, Germany and Norway, цитиран погоре, параграф 149).
155. Понатаму, Судот не може, а да не го земе предвид советодавното мислење на ICJ за имунитет од правна постапка на Специјален известувач на Комисијата за човекови права, Советодавно мислење, I.C.J. Извештаи, 1999, стр.62 и следните (донесено на 29 април 1999 година), параграф 66 во кое ICJ одлучува на следниот начин:
„Конечно, Судот сака да нагласи дека прашањето за имунитет од правна постапка се разликува од прашањето за надомест на било каква штета претрпена како последица на акти извршени од Организацијата на Обединетите нации или нејзините службени лица кои постапуваат во нивно службено својство.
На Организацијата на Обединетите нации може да ѝ се наложи да сноси одговорност за штета настаната од такви акти. Сепак, како што е јасно од член VIII, став 29, oд Општата конвенција [за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации] сите такви барања против Организацијата на Обединетите нации нема да се разгледуваат од националните судови туку ќе бидат решени во согласност со соодветните начини на решавање кои Организацијата на Обединетите нации ќе ги обезбеди по основ на член 29. ...”
β. Карактер на тужбените барања на жалителите
156. Жалителите тврдат дека со оглед на тоа што нивното барање е засновано на акти на геноцид за кои тие сметаат дека се одговорни Организацијата на Обединетите нации (и Холандија), и затоа што забраната на геноцид е јус когенс правило, имунитетот кој ја штити Организацијата на Обединетите нации треба да биде отстранет.
157. Судот ја има потврдено забраната на геноцид како јус когенс правило во Jorgić v. Germany, no. 74613/01, § 68, ECHR 2007‑III. Во тој случај, Судот најде, врз основа на Конвенцијата за геноцид, дека Германија може да бара надлежност за да му суди на жалителот (loc. cit., параграфи 68-70).
158. Сепак, за разлика од Jorgić, овој случај не се однесува на кривична одговорност тука на имунитет од домашна судска надлежност за граѓански предмет. Меѓународното право не ја поддржува позицијата дека граѓанска тужба треба да го укине имунитетот од тужење од единствена причина што таа е заснована на навод за особено тешка повреда на норма на јус когенс во однос на суверената еднаквост на странски држави ова беше јасно кажано од ICJ во Имунитет од надлежност на државата (Германија против Италија: Грција вмешувач), пресуда од 3 февруари 2012 година, параграфи 81-97. Според мислењето на Судот, тоа исто така важи и за имунитетот кој го ужива Организацијата на Обединетите нации.
159. И покрај можноста за оценување на имунитет на службени лица на Организацијата на Обединетите нации при анализата, сугерирано во параграф 61 од Советодавното мислење на ICJ за имунитет од правна постапка на Специјален известувач на Комисијата за човекови права, Судот не гледа причина за да донесе поинаков заклучок во однос на имунитетот кој го ужива Организацијата на Обединетите нации во овој случај – уште помалку затоа што – за разлика од дејствијата кои се предмет на жалба во случајот Имунитет од надлежност – дејствијата кои ѝ се припишуваат на Организацијата на Обединетите нации во овој случај, како и да се ценети, на крај се засновани на резолуции на нејзиниот Совет за безбедност и затоа имале основа во меѓународното право.
160. Ниту изјавите за сегашниот Генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации (Извадоци од попладневниот брифинг, од Мари Окабе, Заменик портпарол на Генералниот секретар Бан Ки-Мун, ООН; Седиште, Њујорк, петок, 8 јуни 2007 година) и поранешниот Претседател на ICTY (Обраќање на Претседателот на ICTY пред Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, 8 октомври 2009 година), на кои се повикуваат жалителите, не можат да го наведат Судот да донесе поинаков заклучок. Иако и двете изјави се чини дека ги охрабруваат државите да обезбедат „правда“ за блиските на жртвите од масакрот во Сребреница, ниту една од нив не ја повикува Организацијата на Обединетите нации да прифати домашна судска надлежност на Холандија, со првата се повикува извршителите да бидат изведени пред суд и да се помогне во заздравувањето на Сребреница, а втората, повикува на воспоставување на комисија за барања поврзасни со тие настани или фонд за компензација.
γ. Отсуство на било каква алтернативна судска надлежност
161. Основните принципи и насоки за правото на обештетување и репарација на жртвите на тешки повреди на меѓународното право за правата на човекот и сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации (Резолуција A/RES/60/147, 16 декември 2005) го повторуваат „правото на правен лек на жртвите од повреди на меѓународното право за човекови права“ кое постои во повеќе меѓународни инструменти. При тоа, тие упатуваат, помеѓу другото, на член 13 oд Конвенцијата (цитиран во преамбулата). Тие принципи и насоки им се упатени на државите, од кои се бара да преземат соодветни мерки и да ги создадат потребните процедури. При тоа, сепак, тие истакнуваат право на пристап до суд предвидено согласно постоечкото меѓународно право (види, особено, параграфи VIII, „Пристап до суд“,и XII, „Недерогација“).
162. Единствениот меѓународен инструмент на кој поединците би можеле да засноваат право на правен лек против Организацијата на Обединетите нации во однос на дејствија и пропуштања на УНПРОФОР е Спогодбата за статусот на Заштитните единици на Организацијата на Обединетите нации во Босна и Херцеговина од 15 мај 1993 година, 1722 Серија на меѓународни договори на Организацијата на Обединетите нации (UNTS) 77, која во својот член 48 наложува да се воспостави комисија за барања за таа цел. Сепак, се чини дека тоа не било сторено.
163. Како што жалителите правилно посочуваат, во Waite and Kennedy (цитиран погоре, параграф 68) – како и во Beer and Regan (цитиран погоре, параграф 58) –при утврдувањето дали давањето на имунитет од домашна надлежност на меѓународна организација било дозволиво според Конвенцијата, Судот го сметал за „суштински фактор“ тоа дали на жалителите им биле достапни алтернативни средства за ефикасна заштита на нивните права од Конвенцијата. Во овој случај, нема сомневање дека таква алтернатива не постоела ниту според домашното холандско право, ниту според правото на Организацијата на Обединетите нации.
164. Сепак, не следува дека во отсуство на алтернативен правен лек, признавањето на имунитет ипсо факто претставува повреда на правото на пристап до суд. Во однос на суверениот имунитет на странски држави, ICJ изречно го негирал постоењето на такво правило (Имунитет од надлежност на државата (Германија против Италија: Грција вмешувач, параграф 101). Што се однесува на меѓународни организации, пресудите на овој Суд во Waite and Kennedy и Beer and Regan исто така не може да се толкуваат на таков апсолутен начин.
165. Факт е дека, до овој момент, Организацијата на Обединетите нации нема обезбедено „начини на решавање“ кои се соодветни за спорот за кој станува збор. Без оглед на тоа дали член VIII, параграф 29 oд Конвенцијата за привилегии и имунитет на Организацијата на Обединетите нации може да се толкува дека наложува да се воспостави тело за решавање на спорови, во овој случај, оваа состојба на работите не може да ѝ се припише на Холандија. Исто така член 6 од Конвенцијата не наложува Холандија да преземе мерки како што беше посочено погоре, овој случај фундаментално се разликува од претходните случаи во кои Судот требало да разгледува имунитет кој меѓународни организации го имаат од домашна надлежност, и карактерот на тужбените барања на жалителите не ја принудувале Холандија да обезбеди правен лек против Организацијата на Обединетите нации пред нејзините судови.
δ. Поврзаност со тужбеното барање против холандската држава
166. Жалителите се жалеа по член 13 од Конвенцијата дека државата Холандија сакала во целост да ја префрли одговорноста за тоа што не го спречила масакрот во Сребреница врз Организацијата на Обединетите нации, што, со оглед на тоа дека на Организацијата на Обединетите нации ѝ бил даден апсолутен имунитет, доведувало до обид на државата да ја избегне својата одговорност кон жалителите во целост. Судот смета дека е соодветно да го разгледа овој жалбен навод по член 6, став 1 од Конвенцијата, а не по член 13.
167. Судот во моментот не може да заклучи дека е утврдено дека тужбените барања на жалителите против холандската држава нужно.нема да успеат Апелациониот суд во Хаг барем се покажал како подготвен, во случаите Мустафиќ и Нухановиќ, да разгледа тужбени барања против државата кои произлегуваат од дејствија на холадската Влада и на самиот Dutchbat, во врска со смртта на лица во масакрот во Сребреница (види параграф 110 погоре). Судот понатаму воочува дека сѐ уште не е одлучено по касационите жалби поднесени од државата во двата случаи (види параграф 111 погоре).
168. Во секој случај, прашањето дали тужбените барања на жалителите ќе бидат успешни против било која тужена страна, зависи од утврдувањето на релевантните факти и примената на материјалното право од страна на домашните судови. Без влијание на било каква одлука која Врховниот суд може да ја донесе во случајот на жалителите и во случаите Мустафиќ и Нухановиќ, треба да се посочи дека член 6, став 1, не гарантира било каква конкретна содржина на (граѓанските) „права и обврски“ во материјалното право на државите договорнички: Судот не може со толкување на член 6, став 1, да создаде материјално право кое нема правна основа во засегнатата држава (види, на пример, Z and Others v. the United Kingdom [GC], no. 29392/95, § 98, ECHR 2001‑V; Roche v. the United Kingdom [GC], no. 32555/96, § 119, ECHR 2005‑X; and Boulois v. Luxembourg [GC], no. 37575/04, § 91, ECHR 2012).
ε. Заклучок
169. Горните наоди го наведуваат Судот да заклучи дека во овој случај давањето на имунитет на Организацијата на Обединетите нации служело на легитимна цел и не било непропорционално.
170. Следува дека овој дел од жалбата е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен во согласност со член 35, став 3 (a) и став 4 oд Конвенцијата.
3. Одбивањето на Врховниот суд да побара претходна одлука од Судот на правдата на Европската унија
171. Жалителите се жалеа на одбивањето на Врховниот суд, кое било кусо образложено, да побара претходна одлука од Судот на правдата на Европската унија. Тие тврдеа дека прашањето на меѓусебна поврзаност помеѓу имунитетот од судска надлежност даден на Организацијата на Обединетите нации и принципот на ефикасна судска заштита содржан во правото на Европската унија биле многу релевантни за нивниот случај и никогаш не биле претходно испитани од страна на Судот на правдата на Европската унија, и затоа Врховниот суд не требало толку површно да му пристапи на прашањето.
172. Судот повторува дека Конвенцијата не гарантира, како таква, било какво право домашен суд да достави случај до друг домашен или меѓународен орган заради донесување на претходна олдука (види, помеѓу други претходни одлуки Coëme and Others v. Belgium, nos. 32492/96, 32547/96, 32548/96, 33209/96 and 33210/96, § 114, ECHR 2000‑VII; Ullens de Schooten and Rezabek v. Belgium, nos. 3989/07 and 38353/07, § 57, 20 September 2011; и Ferreira Santos Pardal v. Portugal (dec.), no. 30123/10, 4 September 2012). Дури и кога е така, суд или трибунал против чии одлуки нема судски правен лек согласно домашното право е должен, ако одбие да побара претходна одлука од Судот на правдата на Европската унија, да ги посочи причините пораки кои смета дека поставеното прашање не е релевантно, или дека одредбата од правото на Заедниццата за која станува збор веќе била толкувана од Судот на правдата, или дека правилната примена на правото на заедницата е толку очигледна да не остава простор за било какво разумно сомневање (Ullens de Schooten and Rezabek, цитиран погоре, параграф 62).
173. Судот наоѓа дека во овој случај кусото образложение дадено од Врховниот суд било доволно. Со оглед на тоа дека веќе заклучил дека Организацијата на Обединетите нации имала имунитет од домашна судска надлежност согласно меѓународното право, Врховниот суд бил овластен да го смета барањето за претходна одлука до Судот на правдата на Европската унија за излишно.
174. Поопшто, иако член 6 наложува пресудите на трибуналите соодветно да ги посочат причините на кои се засновани, тој не оди до таму да наложува детален одговор на секој аргумент кој е истакнат, или отфрлањето на некој предлог да биде соодветно образложено. Понатаму, при одбивањето на жалба апелационен суд може, во принцип, само да се согласи со причините дадени во одлуката на понискиот суд (види, помеѓу други претходни одлуки, Kok v. the Netherlands (dec.), no. 43149/98, ECHR 2000-VI).
175. Следува дека овој жалбен навод е исто така очигледно неоснован и мора да биде отфрлен во согласност со член 35 став 3 (a) и став 4 од Конвенцијата.
В. Наводна повреда на член 13 од Конвенцијата
176. Жалителите се жалеа дека државата Холандија го злоупотребувала имунитетот кој ѝ е даден на Организацијата на Обединетите нации со префрланње на сета вина за неспречувањето на масакрот во Сребреница само врз Организацијата на Обединетите нации, на тој начин избегнувајќи ја својата одговорност кон жалителите. Тие се повикаа на член 13 од Конвенцијата, кој го предвидува следното:
„Секој чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на ефикасен правен лек пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.“
177. Со оглед на тоа дека веќе го разгледа овој жалбен навод по член 6, став 1 од Конвенцијата, Судот смета дека нема посебно прашање по член 13. Условите на тој член се во секој случај помалку строги отколку условите во член 6, став 1 , и тие се сумирани во него (види, помеѓу многу други претходни одлуки, Coëme and Others, цитиран погоре, параграф 117).
178. Следува дека овој дел од жалбата е очигледно неоснован и мора да биде отфрлен во согласност со член 35 став 3 (a) и став 4 од Конвенцијата.
Г. Одлука на Судот
Од овие причини, Судот едногласно
Ја прогласува жалбата за недопуштена.
Marialena TsirliJosep Casadevall
Заменик секретарПретседател
Анекс STICHTING MOTHERS OF SREBRENICA е фондација (stichting) со правен субјективитет согласно холандскиот закон основана во 2006 година.со седиште во Амстердам. Г-ѓа Мунира Субашиќ е државјанка на Босна и Херцеговина, родена во 1948 година и живее во Вогошча, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Зумра Шехомеровиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1951 година и живее во Вогошча, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Када Хотиќ Субашиќ е државјанка на Босна и Херцеговина, која е родена во 1945 година и живее во Вогошча, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Сабахета Фејзиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1956 година и живее во Вогошча, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Кадира Габелјиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1955 година и живее во Вогошча, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Рамиза Гурдиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1953 година и живее во Сарајево, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Мила Хасановиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1946 година и живее во Сарајево, Босна и Херцеговина. Г-ѓа Шухрета Мујиќ е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1951 година и живее во Сарајево, Босна и Херцеговина.Г-ѓа X е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1982 година и живее во Келн, Германија.Г-ѓа Y е државјанка на Босна и Херцеговина која е родена во 1952 година и живее во Сарајево, Босна и Херцеговина..
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права 2013.
Официјални јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е изработен со поддршка на Human Rights Trust Fund на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Преводот не е обврзувачки за Судот, ниту Судот презема било каква одговорност за неговиот квалитет. Преводот може да се префрли од HUDOC базата на податоци за судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од други бази на податоци со кои Судот го споделил. Може да биде репродуциран за некомерцијални цели под услов да се наведе потполниот наслов на предметот заедно со горната назнака за авторски права и споменувањето на Human Rights Trust Fund. Ако постои намера да се употреби некој дел од овој превод за комерцијални цели, Ве молиме контактирајте ги publishing@.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@.
[1]1. Бошњаците беа познати како „Муслимани“ или „Југословенски муслимани“ до војната од 1992-95. Терминот „Бошњаци“ (Bošnjaci) не треба да се меша со терминот „Босанци“ (Bosanci) кој вообичаено се користи за да означи граѓани на Босна и Херцеговина без оглед на нивното етничко потекло.
[2]. Хрватите се етничка група чии припадници може да се жители на Хрватска или на други поранешни републики на СФРЈ вклучувајќи ја Босна и Херцеговина. Изразот [на англиски јазик “Croat”] „Хрват“ вообичаено со користи (и како именка и како придавка) за припадници на етничка група, без оглед на нивното државјанство; тој израз [во англискиот јазик] не треба да се меша со „Хрват“ [во англискиот јазик “Croatian”], кој вообичаено се однесува на државјани на Хрватска.
[3]1. Срби се етничка група чии припадници може да се жители на Србија или на други поранешни републики на СФРЈ вклучувајќи ја Босна и Херцеговина. Изразот [на англиски јазик “Serb”] „Србин“ вообичаено се користи (и како именка и како придавка) за припадници на етничка група, без оглед на нивното државјанство; тој израз [во англискиот јазик] не треба да се меша со „Србин“ [во англискиот јазик “Serbian”], кој вообичаено се однесува на државјани на Србија Овој пристап се следи од Судот во оваа одлука освен кога се цитира документ којшто не потекнува од самиот Суд, а кога се задржува оригиналниот текст на тој документ.
[4]2. Види го соопштението за печат на Работната група на Организацијата на Обединетите нации за присилни или недоброволни исчезнувања од 21 јуни 2010 година за нејзината посета на Босна и Херцеговина.
[5] На пример, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Комитетот за исполнување на обврските и дадените ветувања од страна на државите членки на Советот на Европа (Комитет за мониторинг), документ 10200, 4 јуни 2004 (Исполнување на обврски и дадени ветувања од страна на Босна и Херцеговина):
„Масакрот во Сребреница, кој се случи во јуни 1995 година во безбедносна зона на ООН во и околу градот Сребреница е едно од најголемите злосторства направени после Втората Светска Војна: околу 7,000 момчиња и мажи Бошњаци беа егзекутирани од српските [Serbian [sic] сили, а нивните тела беа фрлани во масовни гробници.” (параграф 33)
Full & Egal Universal Law Academy