© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот. За дополнителни информации погледнете ја целосната информација во врска со авторско право на крајот од овој документ.
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court. For further information see the full copyright indication at the end of this document.
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour. Pour plus de renseignements veuillez lire l’indication de copyright/droits d’auteur à la fin du présent document.
ЧЕТВРТА СЕКЦИЈА
ОДЛУКА
Жалби бр. 43759/10 и 43771/12
Стивен ВИЛКОКС (Steven WILLCOX) против Обединетото Кралство
и Скот ХАРФОРД (Scott HURFORD) против Обединетото Кралство
Европскиот суд за човекови права (Четвртата секција), кој заседаваше како Судски совет на 8 јануари 2013 г. составен од:
Инета Зимеле (Ineta Ziemele), претседател,
Давид Тор Бјоргвинсон (David Thór Björgvinsson),
Паиви Хирвела (Päivi Hirvelä),
Јоргос Николау (George Nicolaou),
Пол Махони (Paul Mahoney),
Криштоф Војтичек (Krzysztof Wojtyczek),
Фарис Вехабовиќ (Faris Vehabović), судии,
и Фатош Арачи (Fatoş Aracı), заменик секретар на Секцијата,
Откако ги разгледа горенаведените жалби поднесени на 2 август 2010 г. и 29 јуни 2012 г., одделно,
По расправата ја донесе следнава одлука:
ФАКТИ
1. Првиот жалител, г-динот Стивен Вилкокс е британски државјанин роден во 1964 г. и во моментов одлежува затворска казна во затворот на нејзиното височество Рај Хил. Вториот жалител, г-динот Скот Харфорд е британски државјанин роден во 1975 г. и во моментов одлежува затворска казна во затворот на нејзиното височество Рај Хил. Обајцата жалители беа претставувани пред Судот од страна на Стивенс Солиситорс (Stevens Solicitors), адвокатска фирма со седиште во Стафорд.
А. Околностите на случајот
2. Фактите на случајот, како што се изјаснија жалителите, можат да се резимираат на следниов начин.
1. Првиот жалител
(а) Апсење, осудување и трансфер
3. Во април 2003 г. првиот жалител бил уапсен и притворен во Тајланд, земја во која во тоа време живеел, под обвинение поврзано со дрога. Во ноември 2004 г. се изјаснил за виновен за дело поседување заради дистрибуција на 24 грама чист хероин и 1,4 грама чист МДМА во форма на таблети екстази. Обете биле дрога од прва категорија според законот на Тајланд (види параграф 36 долу). Количеството на дрога достигнало ниво на „непобитна пресумпција“ дека биле наменети за дистрибуција (види параграф 40 долу). Првиот жалител бил ослободен од обвинението за поседување заради дистрибуција на околу 760 грама чист хероин затоа што немало доволно докази за поседувањето. Тој бил осуден на доживотна казна затвор. Меѓутоа како олеснителна околност бил земен фактот дека се изјаснил за виновен заради што казната му била намалена за една третина. Изедначувајќи ја доживотната казна затвор со педесет години затвор, судот го осудил првиот жалител на триесет и три години и четири месеци казна затвор за горенаведеното обвинение.
4. Во јуни 2007 г. првиот жалител барал да биде префрлен во Обединетото Кралство за отслужување на остатокот од неговата казна согласно билатералниот договор за трансфер на затвореници меѓу Тајланд и Обединетото Кралство („Договор за трансфер на затвореници – види параграфи 49-56 долу). Барањето било одобрено од двете Влади.
5. Условите на трансферот биле изнесени во писмо упатено до првиот жалител од страна Службата за управување со националните престапници на Обединетото Кралство, во кое било објаснето дека Обединетото Кралство ќе ја спроведе изречената казна, што подложело на одредбите за условно и предвремено ослободување од релевантното законодавство на Обединетото Кралство. Во него исто така се велело дека после трансферот, првиот жалител не можел да ја оспорува пресудата или казната пред британските судови: правото за ревидирање и понатаму било под надлежност на земјата во која била изречена казната и секаков вид на оспорување требало да се направи пред трансферот. Првиот жалител се согласил на условите и потпишал согласност.
6. На 6 ноември 2007 г. првиот жалител бил префрлен во затвор во Англија откако ги одлежал минимумот од четири години во Тајланд. Налогот со кој било одобрено затворање во Обединетото Кралство бил издаден од Министерството за правда согласно Законот за репатриација на затвореници од 1984 г. („Законот од 1984 г.“ – види параграфи 57-62 долу).
7. Во јуни 2008 г. казната на првиот жалител била намалена со Тајландски кралски указ на дваесет и девет години и три месеци. Ова значело издавање на нов налог за неговото затворање издаден на 9 јуни 2008 г. од страна на Министерството за правда согласно Законот од 1984 г. Со налогот се одобрувало неговото затворање за период од 8.901 дена (нешто повеќе од 24 години). Актуелниот датум за предвремено ослободување на првиот жалител, на половина од одлежувањето на казната е 5 декември 2017 г.
(б) Судско разгледување на постапките
8. Првиот жалител побарал судско разгледување на налогот на Министерството за правда од 9 јуни 2008 г. за негово затворање. Тој тврдеше, најпрво дека „непобитната пресумпција“ согласно тајландското право дека поседувањето било за дистрибуција довело до флагрантно попречување на правдата и дека извршувањето на казната оттука било произволно согласно членот 5 од Конвенцијата. Второ, исто така согласно членот 5 тој тврдеше дека казната била произволна бидејќи последиците од трансферот значеле дека со изјаснувањето за виновен времето поминато во затвор било подолго од она што би било доколку се изјаснел дека не е виновен. Конечно, тој тврдеше дека продолжувањето на одлежувањето на казната затвор во Обединетото Кралство му ги повредувало правата согласно членот 3 од Конвенцијата, бидејќи самата казна била крајно несразмерна. Иако тој призна дека се согласил со условите од трансферот, тој тврдеше дека немал никаков избор освен да се согласи со трансферот под секакви услови заради ужасните услови во кои бил држен во тајландскиот затвор, така што неговата согласност не била дадена слободно.
9. На 1 јули 2009 г. Апелациониот суд (Divisional Court) донесол пресуда со која ја отфрлил неговата жалба. Судијата Узели забележал на самиот почеток дека било јасно дека оспорената пресумпција била непобитна. Тој понатаму забележал дека тајландскиот суд не дал никаков коментар за постојаното тврдење на првиот жалител дека дрогата била за лична употреба, бидејќи според тајландскиот закон тоа било нерелевантно.
10. Судијата ги разгледал одредбите на Договорот за трансфер на затвореници. Тој сметал дека нивното делување било такво што делот од казната изречена од земјата од која се врши трансферот кој не бил отслужен до трансферот морал да биде отслужен во земјата примател, и дека подложел на одредбите за предвремено ослободување на вторава. Во случајот на жалителот ова значело дека во Тајланд ќе бил ослободен после отслужување на две третини од казната, а во Обединетото Кралство ќе можел да ја искористи можноста да биде ослободен на половина отслужена казна. Тој исто така ќе имал корист и од сите кралски амнестии или помилувања што ги дава Тајланд.
(i) Пресумпцијата произлегува од количеството на дрога што ја поседувал жалителот
11. Разгледувајќи го оспорувањето на законитоста на продолжувањето на одлежувањето на затворската казна за првиот жалител заснована на судскиот процес во Тајланд, судијата Узели се согласил дека продолжувањето на одлежувањето на затворската казната по судење, што вклучувало флагрантна повреда на правдата би било незаконско, и дека согласноста на затвореникот за трансфер не можела да го смени тоа. Оттука било неопходно Обединетото Кралство да праша пред трансферот дали имало, како суштински така и формално, осудителна пресуда од надлежен суд. Судијата посочил дека примерите каде ова било проблем многу е веројатно да им биле очигледни и познати на дипломатските претставници на Обединетото Кралство во времето на судењето. Тој забележал дека последиците од Договорот за трансфер на затвореници, домашното законодавство и пристапот на овој суд биле дека колку понеправедно било судењето толку поверојатно било дека земјата примател би одбила соработка и затвореникот ќе морал да остане таму каде што бил, како што е во други случаи каде затвореникот не ги исполнувал условите за трансфер.
12. Осврнувајќи се на околностите на случајот на првиот жалител, судијата забележал дека тој добил дозвола да биде префрлен, што според неговите сопствени аргументи како што е анализирано горе, требало да биде одбиено по основ дека на судењето се случило флагрантно прекршување на правдата. Меѓутоа ова не го спречило да ја оспори законитоста на неговото продолжување на одлежување на затворската казна кога потпаднал под јурисдикција на Обединетото Кралство. Судијата објаснил дека ризикот од непочитувањето на Договорот за трансфер на затвореници бил намален со самиот висок праг кој морал да се помине пред да може да се побара ослободување и било веројатно дека за секое судење што ќе го преминел овој праг веќе биле запознаени британските власти што ќе резултирало со одбивање на барањето за трансфер. Тој продолжил:
„37. ... Навистина судот треба да биде мудар за да избегне спуштање на прагот. Тоа ќе важи само за оние случаи во кои реакцијата на судот е дека даден затвореник едноставно не можело да биде затворен во Обединетото Кралство за да продолжи со одлежување на затворска казна што произлегла од такво судење.
38. ... Доколку г-динот Вилкокс е во право дека неговото судење било флагрантна повреда на правдата, тој воопшто не требал да биде префрлен согласно ДТЗ [Договорот за трансфер на затвореници] и требал да биде оставен во затвор во Тајланд. Нема одредба според која нему повторно би му се судело во Обединетото Кралство. Г-динот Вилкокс можеби имал корист од она за што тој тврди дека е желба за будност на британските власти, но ако е така другите не мора. Неговите дејствија, доколку е во право, во нагласувањето на ограничувањата на можноста за трансферот согласно ДТЗ, и потоа неговите докази со кои се ставаат други во полоша ситуација на начини кои ги загрозуваат нивните животи само за да постигне сопствено ослободување, не можат да го заобиколат законот. Но може да охрабри внимателна примена.
13. Што се однесува до тоа дали имало флагрантна повреда на правдата во случајот на жалителот, судијата забележал дека согласно доказите имало разумен случај за спорење дека дрогата била само за лична употреба. Тој ја испитал природата и последиците од пресумпцијата и утврдил дека тоа било „многу важна непобитна пресумпција за вообичаено прашање во случаите со дрога“ што довело до битно поголеми казни. Меѓутоа, тој заклучил дека и покрај значителното намалување на пресумпцијата на невиност, постапките во Тајланд не можеле да се опишат како целосно прекршување или поништување на правото на правично судење. Тој забележал дека судењето било јавно пред двајца независни судии; дека првиот жалител бил присутен и законски застапуван; дека бил ослободен од некои многу тешки дела; дека судот ги сослушал доказите кои докажале дека тој ја поседувал дрогата иако фактот не бил оспорен; дека домашните постапки за казнување биле почитувани и било дозволено значително намалување заради признанието на вината; и дека добил разумен судија.
14. Упатувајќи на пресудата на Врховниот суд на Тајланд во врска со компатибилноста на „непобитната пресумпција“ со пресумпцијата на невиност (види параграфи 41-42 долу), судијата забележал дека објаснувањето на „непобитната пресумпција“ било дека тајландските судови ја одредувале казната според количеството што го поседувал. Тој нагласил дека Тајланд бил соочен со злото што го носи дрогата и дека судовите во Обединетото Кралство требало да постапуваат внимателно при усвојувањето на пресуда за начинот на кој држави кои не се потписнички на Конвенцијата се справуваат со големите проблеми во сопствените земји.
15. Отфрлајќи ја на жалбата од Членот 5 заснована на судскиот процес, судот заклучи:
„51. Потребно е целосно разгледување на судењето. Заклучувам дека едноставно тоа било судење, правично во рамките на ограничувањата наметнати од локалната законска регулатива во врска со една, но сепак важна, состојка. Тие ограничувања го разнишуваат правото но не го поништуваат или отфрлаат целосно, ниту пак според мене дури воопшто и се приближуваат до такво нешто...“
16. Судијата Дејвис се согласил дека жалбата требала да биде отфрлена. Во врска со „непобитната пресумпција“ тој рекол:
„91. ... Јас можам да прифатам, дека согласно стандардите на европското право, непобитна пресумпција на намерата за дистрибуирање може да е спорна. Но релевантните тајландски законски одредби биле тестирани во тајландскиот уставен суд и биле прогласени за уставни од тој суд и дека не биле некомпатибилни со пресумпцијата на невиност што се применува во Тајланд. Не мислам дека судовите во Обединетото Кралство треба да бидат итри во обид да најдат начин да ги наметнат сопствените гледања на проблемот. Исто така како што посочил тајландскиот уставен суд, практичната реалност е дека таквата пресумпција постои за да се има практична последица за кога ќе се осуди едно лице казната што ќе произлезе да е многу повисока. Тоа го отсликува пристапот на одвраќање на тајландското законодавство усвоен во обид да се справат со проблемот со дрогата во Тајланд.
92. Исто така г-динот Вилкокс несомнено во Тајланд добил нешто што соодветно може да се смета за адекватно судење. Тој бил правно застапуван; доказите биле примени и проценети; правосудно воспоставениот суд ја применил пресумпцијата на невиност; и всушност, со целосно образложена пресуда, судот, откако ги прифатил доказите, утврдил дела пресумпцијата не била докажана во однос на многу посериозното обвинение за кое бил обвинет, а за кое неговиот со-обвинет бил осуден. Г-динот Вилкокс како резултат на тоа бил осуден за многу помало обвинение по неговото признание, и бил осуден согласно процесот што се применува во такви случаи; а казната била во согласност со тајландското право...“
(ii) Последиците од признанието на вина
17. Првиот жалител исто така тврдел дека продолжувањето на одлежувањето на затворската казна во контекст на неговото признание на вината било произволно. Тој тврдел дека ќе добиел доживотна казна затвор доколку не се изјаснел за виновен и при трансферот минималниот рок би бил утврден од Високиот суд (види параграф 63 горе). Во утврдувањето на минимумот време, Високиот суд ќе го земел во предвид британскиот контекст и заради тоа ќе му определел многу пократок минимум рок отколку оној одреден во Тајланд. Судијата Узели утврдил:
„54. Нема ништо во овој аргумент. Доколку бил осуден на доживотна казна затвор, а не на смрт откако се изјаснел дека не е виновен, тој ќе требал да одлежи минимум 8 години во Тајланд пред да се разгледа можноста за негов трансфер наместо четирите кој всушност ги одлежал. По ослободувањето во Обединетото Кралство, тој ќе бил условно ослободен. Доживотната казна има за цел да има континуирано дејствие и по ослободувањето и да наметнува ризик од можно враќање во затвор кое во спротивно не би постоело. Таа во основа треба да се смета за построга казна. Разликата во исходот не е резултат на произволно делување од страна на тајландскиот суд, туку на примена на тајландското право во однос на неговото признание, а потоа и во контекст на казнената пракса на Обединетото Кралство при трансферот.“
18. Затоа заклучил дека не било произволно кога британските судови ја спроведувале казната после трансферот.
19. Судијата Дејвис додал:
„94. ... Во Тајланд, доживотна казна е – генерално гледано и со можноста за амнестија или помилувања – само тоа. Само затоа што во англиското право постои тарифен систем наводната произволност може да се појави како последица. Во секој случај во никој случај не е очигледно, дека тајландските власти ќе се согласеле со трансферот на г-динот Вилкокс како затвореник со доживотна казна затвор; во секој случај доказите покажаа дека Тајланд бара таков затвореник да одлежи барем 8 години во тајландски затвор пред воопшто да се разгледа можноста за негова репатриација. Доказите исто така покажаа дека, во пракса, согласно општите амнестии или помилувања кои често се даваат во Тајланд, доживотната казна затвор честопати се намалува на казна затвор на одредено време.“
(iii) „Големата несразмерност“ на казната
20. Конечно судијата Узели се осврнал на аргументот на првиот жалител дека казната што му била изречена била во голема мерка несразмерна што достигнала повреда на членот 3. Тој тврдел дека доколку првиот жалител бил осуден во Обединетото Кралство само за поседување на релевантното количество на хероин и екстази неговата казна немало да надмине максимален период од седум години (види параграф 46 долу) и ќе била значително пониска од тоа. Дури и ако првиот жалител бил осуден во Обединетото Кралство за поседување на такво количество на дрога со намера за дистрибуција, што одговарало на делото за кое бил осуден, казната немало да биде поголема од шест години со оглед на казните што се изрекувале во други слични случаи (иако за делото било пропишана максимална доживотна казна затвор). Тој продолжил:
„60. ...Мене не ми се чини дека има потреба да се разгледува дали казната затвор на одредено време е или можеби е во голема мерка несразмерна во однос на повредата на членот 3 едноставно само заради нејзината должина. Тоа е бидејќи секогаш постојат други фактори што влијаат на казната. Овде влегува и природата на делото, образложението за рамката за изрекувањето на казни како и конкретниот начин на кој е извршено делото и личните околности на сторителот на делото.“
21. Судијата забележал дека првиот жалител понудил докази кои, доколку биле прифатени, прикажувале дека условите во кои бил затворен биле многу тешки и понижувачки и можно е да биле повредени стандардите од членот 3. Тој продолжил:
„64. ...Успехот за г-динот Вилкокс може да се покаже како многу штетен за интересите на други затвореници кои чмаат во услови слични на опишаните не само во Тајланд. Тој не бил осуден заради невообичаено дело во Тајланд. ... [А] Висок функционер од Министерството за правда посведочил дека 33 затвореници биле префрлени од Тајланд од 1991 г. согласно ДТЗ, повеќето осудени за дела поврзани со наркотици со казни кои достигнувале до 50 години. Не треба да се мисли дека Тајланд ќе е индиферентен ако Обединетото Кралство ослободи некој од затвор после префрлањето во Обединетото Кралство, бидејќи казната што требал да ја одлежи се сметала дека била во голема мерка несразмерна. Тајланд не се согласил и нема да се согласи ако суд во Обединетото Кралство ги заменува казните изречени од судовите во Тајланд со сопствени казни. Тајланд одбил да склучи билатерален договор со Холандија додека таа не ја напуштила својата „конверзија на казни“. Довербата во Обединетото Кралство може да се стави под знак прашање со мојата пресуда во контекст на ДТЗ и во однос на она што владата на Обединетото Кралство го кажала во времето на трансферот; а трансферот на други затвореници оттука би можел да биде загрозен или попречен.“
22. Судијата понатаму забележал дека односот кон трансферот на другите држави со кои Обединетото Кралство имал склучено билатерални или мултилатерални договори за трансфер можел да биде погоден од начинот на кој Обединетото Кралство се справувал со префрлените затвореници. Затоа тој сметал дека доколку првиот жалител бил во право дека казната можела во толку голема мерка да биде несразмерна и да го претвори нејзиното понатамошно одлежување во Обединетото Кралство во повреда на членот 3, тогаш Обединетото Кралство би било обврзано да одбие да го прифати трансферот по таа основа за да избегне непочитување на Договорот за трансфер на затвореници. Би било потребно да се спроведе проценка на пропорционалноста пред трансферот, за да се одлучи дали да се дозволи барањето за трансфер. Судијата забележал:
„66. ...Би можело да значи помалку затвореници да бидат префрлени, без разлика колку и да протестираат дека се согласиле на трансферот според условите договорени во ДТЗ. Тоа исто така може да доведе и до одбранбени пресуди од страна на Обединетото Кралство за тоа кој би можел да биде префрлен во интерес на потврдување на договорената примена на ДТЗ. Исто така е малку веројатно дека затворениците би кажале нешто што би можело да го попречи нивниот трансфер сè додека не се вратат. Но ако не прават ништо и чекаат додека се вратат само ќе се одложи проблемот во однос на ДТЗ и ќе се поткопа довербата што е неопходна за негово делотворно и корисно функционирање. Г-динот Вилкокс, ако неговите аргументи се точни, тогаш ќе ја искористи желбата за правна јасност која би била неопходна за неговите аргументи и би била применета и за други во иднина. Затоа ова е битна дилема која настанала од самиот принцип на аргументот [на жалителот] ...“
23. Судијата нагласил дека Договорот за трансфер на затвореници како целина е дизајниран, при трансферот, да се спроведе казната изречена од судот од каде се врши трансферот и да не се спроведе ново судење и изрекување на казна, овој пат со примена на вредностите и судовите на државата примател. Тој сметал дека за Обединетото Кралство да ја разгледува казната после трансферот ќе значи да го стори она што е отфрлено во Договорот за трансфер на затвореници и да се толкува договорот дека содржи такво овластување ќе значи погрешно толкување на неговите услови. Тој продолжил:
„69. Решението за оваа дилема не може да се најде ни како готово решение во кратката необразложена реченица на ЕСЧП во случајот Дрозд и Јанушек (Drozd and Janousek [26 June 1992, § 110, Series A no. 240]), каде се бара државата примател да не соработува за трансфери. Тој нема потреба да се справува со проблемот што произлегува од тоа. Тој не морал да се соочи со проблемот дека врз основа на неговите аргументи овој жалител требал да остане во затвор и во многу полоши услови од оние што ги добил со трансферот. Ниту пак морал да се соочи со проблемот дека како последицата од неговиот успех во убедувањето на британската Влада нека нејзината соработка со Тајланд била на негова штета и на начин за кој сега вели дека не требало да биде така, други ќе треба да бидат оставени да чмаат во Тајланд и на други места после судења и со времетраење и во услови кои може да ги повредуваат истите принципи кои ги потврдуваат неговите аргументи во неговиот случај. Ако е точен аргументот на г-динот Вилкокс со кој бара прифаќање на предлогот дека тој и понатаму треба да е во затвор во Тајланд, и сега кога британската Влада е алармирана за сериозната повреда на човековите права во неговиот случај, други лица во слична позиција ќе треба да останат таму за нивните права да не бидат повредени од Обединетото Кралство. Примената на она за што ЕСЧП вели дека во овие околности би можело да се постигне е сосема спротивно на она што мислеле дека ќе се постигне во Дрозд и Јанушек. Тој немало потреба да се соочи со начинот на кој неговиот коментар за обврската да се одбие соработката би можела да бара од Обединетото Кралство да ја поткопа целта на неговите меѓународни договори како алтернатива, само со цел да се постигне некаква можна краткорочна разлика, додека земјите што го вршат трансферот ќе одбијат да продолжат да соработуваат согласно ДТЗ, на што ќе имаат право. ЕСЧП не може да има предвидено дека обврската да не се соработува треба да значи дека трансферите треба да бидат договорени по еден основ и потоа да им се даде делотворност по друг на начин кој ќе ја поткопа довербата на земјата барател. Овие многу реални проблеми едноставно не беа изнесени и затоа сосема разбирливо и не беа разгледани.“
24. Судијата заклучил дека всушност начинот на кој се постапувало со првиот жалител во Обединетото Кралство во однос на членот 3 не претставувало изрекување на казна туку трансфер на кој првиот жалител се согласил заради понатамошното одлежување на затворската казна од Тајланд во Обединетото Кралство. Оттука, судијата одлучил, целото наводно свирепо, нечовечно или понижувачко постапување, што било основата за тврдењето за повреда на членот 3, се засновало на барањето за трансфер, со неопходните последици дека одлежувањето на казната ќе продолжело. Тој продолжил:
"70. ...Не е релевантно да се запраша дали оваа реченица би била крајно несразмерна што се однесува до прекршувањето на членот 3. Г-динот Вилкокс можел да избере каде ќе ја одлежи казната, во Тајланд или во Обединетото Кралство. Тој избрал да ја одлежи таа казна во Обединетото Кралство заради бенефициите за кои знаел дека ќе ги добие и по тој основ се согласил на трансферот. Тој знаел дека тие бенефиции не вклучувале ревидирање на казната. Концептот на ‘голема несразмерност’ на казната не е замена за јазикот од членот 3 туку илустрација за тоа што може да опфати; главното постапување сепак треба да биде свирепо, нечовечно или понижувачко. Не можам да прифатам дека функционирањето на оваа хумана одредба од која жалителот имал корист преку неговиот сопствен информиран избор, може да се опише како постапување кое е свирепо, нечовечно или понижувачко или како такво што води во тој правец. Продолженото одлежување на казната по трансферот едноставно не значи прекршување на членот 3, без разлика колку е голема несразмерноста на казната во контекст на Обединетото Кралство или колку и да можела да е произволна казната.
25. Во овие околност Обединетото Кралство не било обврзано да провери пред трансферот дали казната изречена од страна на судот на земјата што го врши трансферот била толку сериозно несразмерна што би значела повреда на членот 3, ако била извршена.
26. Што се однесува до изјаснувањето на жалителот дека неговата согласност не била дадена слободно и дека требала да се отфрли судијата забележал дека за затворениците во странство што бараат трансфер секогаш ќе постои некоја околност на тешкотија која ќе влијае на нивната согласност; затоа и барале трансфер. Самиот факт дека правата од членот 3 биле прекршени во некоја земја од која се прави трансфер, не може да значи дека трансферот морало да биде одбиен по основ дека согласноста на затвореникот не можела да биде дадена делотворно. Доколку судот одлучел дека согласноста на жалителот била извитоперена од затворските услови, истото ќе важело и за други британски затвореници во Тајланд кои се држат во исти услови, заради што би можеле никогаш да не им се даде делотворна согласност. Тој заклучил:
„74. Ништо во јуриспруденцијата на ЕСЧП не бара меѓународни договори, кои стапиле на сила заради остварување на одредени бенефиции, а во корист на лицето во прашање, да бидат нарушени на ваков начин, а уште помалку да се карактеризираат како прекршување на членот 3...“
27. Конечно, судијата одлучил дека дури и ако продолженото одлежување на казната можело да значи повреда на членот 3 заради должината на казната, казната изречена за првиот жалител не била толку битно несразмерна на делото или толку произволна што нејзиното продолжено спроведување од страна на Обединетото Кралство би значело повреда на тој член. Иако според стандардите на Обединетото Кралство за казни, казната била строга, првиот жалител не ги сторил делата во Обединетото Кралство; тој ги сторил во Тајланд, каде имале сериозен проблем со дрогата и каде владата и законодавецот имале право да заземат став дека строгите казни биле оправдани и потребни. Во оваа смисла судијата забележал:
„77. ...Би било сосема погрешно да се игнорира фактот дека казната не била изречена од Обединетото Кралство во обида за справување со проблем со дрогата во Обединетото Кралство и со вредностите и стандардите на Обединетото Кралство. Била донесена од друга земја со сопствени вредности, пресуди и цели за справување со она што било препознаено на меѓународно ниво како зло, и за неговата важност за Тајланд, само Тајланд може да пресуди. Пресудата што се однесува до несразмерноста во санкционирањето што е толку строго што достигнува повреда на членот 3 кога се спроведува во Обединетото Кралство не може да ја игнорира димензијата и да одлучува како делото да било извршено или казната да била изречена во Обединетото Кралство. Големата несразмерност е поврзана со тежината на делото и околностите на сторителот на делото. Доколку несразмерноста е клучот на анализата, истата не може да се разгледува во вакуум, или како целиот свет да ги дели истите проблеми во иста мерка и да ги споделува истите гледишта за тоа како да се справи со нив. Сепак помалку ќе има смисла да се суди за степенот на несразмерност со тоа што ќе се претпостави дека казната била изречена во Обединетото Кралство, кога всушност не било така. Несразмерноста бара да се обрне внимание на ставот на земјата која го врши трансферот, во спротивно тоа ќе води кон погрешно гледиште за несразмерност. Проблемите и начинот на кој гледа на нив земјата каде што делото било сторено и каде што била изречена казната се од клучна важност.“
28. Судијата Дејвис забележал дека било важно да се има на ум дека согласно англиското право максималната казна за делото за кое бил осуден жалителот било доживотна казна затвор. Иако тој прифатил дека во Кралскиот суд на Англија жалителот не можел да очекува, после изјаснување за виновен па дури и ако признаел намера, да добие повеќе од околу четири или пет години казна затвор, тој сметал дека извршувањето на казната од страна на земјата договорничка при трансферот за потребите на членот 3 не можело да се изедначи на наводно изрекување на казна од страна на земјата договорничка. Тој се согласил со судијата Узели дека релевантното постапување од страна на властите на Обединетото Кралство за потребите на членот 3 била нивната согласност со трансферот на жалителот. Тој продолжил:
„96. Откако ќе се погледнат нештата на таков начин, како што според мене би требало, овој аргумент на г-динот Вилкокс паѓа во вода. Г-динот Вилкокс ќе потпадне под англиското право што се однесува до предвременото ослободување, што е во негова корист, рамнотежата на казната само заради тоа што ДТЗ го бара тоа... Доколку не и служи на рамнотежата, тогаш примената на условите од ДТЗ би биле прекршени, а ... политиката зад Договорот за репатриација на затворениците од 1984 г. би била осуетена и ДТЗ наскоро потоа би можел да стане неважечки на штета на други затвореници во Тајланд кои во иднина се надевале на репатриација...
97. Според мене, гледано во контекст, не може да се каже дека оваа казна што му е изречена на г-динот Вилкокс била таква што за да се спроведе би значело повреда на членот 3 од страна на Обединетото Кралство. Тајланд јасно одлучил да изрекува казни за одвраќање од злоупотреба на дрога; соодветно конституиран суд, после соодветен судски процес, усвоил казна за г-динот Вилкокс, кој е полнолетен, во согласност со тајландскиот закон, чија валидност била потврдена од Уставниот суд на Тајланд. Во добра мерка, тој има шанса – доста издвоено од секакви дипломатски иницијативи кои можеби се направени – да има корист од периодични амнестии или помилувања кои периодично се објавуваат во Тајланд и тој исто така има корист од одредбите за предвремено ослободување согласно англиското право.“
29. На 3 февруари 2010 г. Врховниот суд одбил да дозволи обжалување на пресудата на Апелациониот суд.
2. Вториот жалител
30. Вториот жалител бил уапсен во Тајланд на 19 март 2005 г. за преминување на камбоџиско-тајландската граница со 240 метамфетамиски пилули. Тој се изјаснил за виновен по кривичното обвинение за незаконски увоз на 240 метамфетамиски пилули и бил осуден на триесет години затвор. Последователно со кралска амнестија казната му била намалена на дваесет и шест години и осум месеци казна затвор.
31. Вториот жалител побарал да биде префрлен во Обединетото Кралство за да го одлежи остатокот од својата казна. Понатаму побарал неговата казна да му биде намалена при трансферот на максималната казна што се применувала во Обединетото Кралство за делото за кое тој бил осуден. Во времето кога било сторено делото од страна на вториот жалител метамферамините биле дрога од класа Б според законите на Обединетото Кралство. Доколку вториот жалител го сторел делото во Обединетото Кралство неговата казна би била максимум четиринаесет години казна затвор. На 18 јануари 2007 г. метамфетаминот бил преквалификуван во дрога од Класа А во Обединетото Кралство. Максималната казна затвор за дрога од Класа А била доживотна казна затвор (види параграф 44 долу).
32. На 24 јули 2009 г. Министерството за правда се согласило со барањето на вториот жалител да биде префрлен во Обединетото Кралство за да го одлежи остатокот од својата казна. Што се однесува на неговото барање за намалување на казната, Министерството образложило:
„Како што можеби знаете, во времето кога сте го сториле делото во Тајланд слично дело во Обединетото Кралство ќе претставувало дело на увоз на дрога од Класа ‘Б’. Како такво максималната казна за тоа дело би била 14 години затвор. Меѓутоа, согласно условите на Договорот за трансфер на затвореници меѓу Обединетото Кралство и Тајланд ние сме обврзани да ја спроведеме казната што ви е изречена од судовите во Тајланд. Нема барање во англиското право за прилагодување или намалување на казната изречена во странство кога таа казна ја надминува законската максимална казна кога таквото прилагодување не е предвидено со релевантниот меѓународен договор.“
33. На вториот жалител му била дадена шанса да го повлече своето барање за трансфер. Тој не го сторил тоа и откако обете држави и вториот жалител се согласиле со трансферот согласно Договорот за трансфер на затвореници, вториот жалител пристигнал во Англија на 11 ноември 2009 г. Неговиот актуелен датум за предвремено ослободување е август 2020 г.
34. Во февруари 2010 г. вториот жалител побарал условно помилување од државниот секретар согласно неговото кралско право на милост. На 27 април 2010 г. вториот жалител добил одговор во кој се велело, меѓу другото:
„Секретарот за правда заклучи дека тој не е овластен согласно меѓународниот договор со Тајланд да додели условно помилување. Ако го стори тоа ќе дојде до повреда на договорот, а исто така ќе биде и спротивно на политиката на Обединетото Кралство како што е изразено во истиот.“
35. Вториот жалител побарал дозвола да бара судска ревизија на оваа одлука тврдејќи дека државниот секретар погрешно ги протолкувал своите овластувања согласно кралското право на милост и дека не го обелоденил материјалот релевантен за оваа одлука. На 17 ноември 2011 г. барањето му било одбиено. Барањето на жалителот за потврдување на точка во законот од општа важност за Врховниот суд било одбиено на 2 март 2012 г..
Б. Релевантно право и пракса
1. Тајландското законодавство за дела поврзани со дрога
36. Член 15 од Законот за наркотици на Тајланд од 1979 г. содржи општа забрана за производство, внесување, изнесување, продажба или поседување на наркотици од Категорија 1 без дозвола од владата. Хероинот, метамфетаминот и екстази се наркотици од Категорија 1.
37. Членот 65 уредува дека казната за производство, внесување и изнесување на дрога од Категорија 1 носи доживотна казна затвор и парична казна. Смртната казна затвор се применува ако делото било извршено заради продажба.
38. Членот 67 се занимава со простото поседување на 3 или помалку грама на наркотици од Категорија 1: пропишаната казна затвор е меѓу една и десет години или парична казна.
39. Членот 66 се занимава со продажба и поседување заради продажба на наркотици од Категорија 1. Кога чистото количество е под 3 грама, казната затвор што треба да се изрече е во опсегот од четири до петнаесет години или парична казна. За меѓу 3 и 20 грама казната затвор мора да биде од четири години до доживотна казна затвор и парична казна. За над 20 грама, казната е доживотна казна затвор и парична казна или смрт.
40. Став 3 од членот 15 уредува дека производството, внесување, изнесување или поседувањето на 3 или повеќе грама на дрога од Категорија 1 ќе се смета за производство, внесување, изнесување или поседување заради продажба.
41. Во 2001 г. тајландскиот Уставен суд ја разгледал компатибилноста на оваа „непобитна пресумпција“ со уставната одредба дека едно лице обвинето за дело се смета за невино и за истото морало да се докаже дека е виновно. Во тоа време пресумпцијата важела за 20 грама чист, а не толку за 3 грама. Судот заклучил дека „непобитната пресумпција“ и уставната одредба биле компатибилни. Тој забележал дека целта на членот била:
„да се обезбеди ефикасно сузбивање и контрола на наркотиците и да се покаже усогласеност со Меѓународната конвенција за наркотици на која Тајланд била членка. Ова е заради тоа што во денешно време наркотиците се меѓународен проблем и претставуваат сериозен ризик по човечкото здравје и живот. Затоа, казните мора да бидат построги од вообичаено, а казнените мерки мораат да се апсолутни.“
42. Целта на законодавството била да се казнат оние што поседувале повеќе од 20 грама чиста дрога како нивните дела да имале за цел дистрибуција. Наркотиците од Категорија 1 претставувале опасност за општеството, а нивното производство и поседување не биле дозволени. Колку повеќе биле произведувани и поседувани толку поголем бил ризикот. Меѓутоа судот објаснил дека утврдувањето со закон на количеството на наркотици од Категорија 1 само служело како одредница која ќе доведела до казна. Законот утврдувал казни, покажувајќи ги чекорите со кои истите се зголемувале согласно засегнатите количества. Без разлика дали дрогата била поседувана заради користење или заради дистрибуција, различни казни ќе биле изречени во зависност од количеството што било поседувано согласно законот. За лице на кое му била изречена казна требало да се докаже дека го поседувало потребното количество.
2. Законодавството и праксата на Обединетото Кралство за дела поврзано со дрога
43. Членот 3(1) од Законот за злоупотреба на дрогата од 1971 г. („Законот од 1971 г.“) уредува дека внесувањето или изнесувањето на контролирана дрога е забрането. Согласно членот 50(3) од Законот за царина и акцизни стоки од 1979 г. („Законот од 1979 г.“), едно лице е виновно за дело ако внесува или ако е вмешано во внесување на стоки спротивно на некаква забрана.
44. Членот 50(40) и (5) и Листата 1 од Законот од 1979 г. уредува дека за дело на внесување на дрога од Класа А максималната казна е доживотна казна затвор и парична казна. За внесување на дрога од Класа Б максималната казна затвор е четиринаесет години казна затвор и парична казна.
45. Членот 5 од Законот од 1971 г. го дефинира како казниво дело ако едно лице поседува контролирана дрога, што подложи на ограничени исклучоци. Понатаму уредува дека едно лице кое поседува контролирана дрога, било да е законски или не, со намера да снабди некој друг врши дело кое повторно е предмет на ограничени исклучоци.
46. Членот 25 и Листата 4 од Законот од 1971 г. се занимаваат со казнувањето и казнените мерки за сторителите. За поседување на дрога од Класа А максималната казна затвор е седум години казна затвор и парична казна. За поседување на дрога од Класа А со намера за снабдување, максималната казна затвор е доживотна казна затвор и парична казна.
47. Хероин, екстази и метамфетамин се дроги од Класа А. До 18 јануари 2007, метамфетаминот беше дрога од Класа Б.
48. Последните насоки во врска со казните за сторителите на дела поврзани со дрога биле објавени од Советот за изрекување на казни во февруари 2012 г. Судовите за изрекување на казни во Обединетото Кралство се обврзани да ги следат насоките при изрекувањето на казна против секој после 27 февруари 2012 г., освен ако не е спротивно на интересите на правдата да се постапи така. Насоките бараат проценка на улогата на сторителот и ги зема во предвид тежината на дрогата за да се обезбеди соодветната појдовна точка и опсегот на казните.
3. Договор меѓу Обединетото Кралство и Тајланд за трансфер на прекршители и за соработка во извршувањето на казнени мерки, 1990 г.
49. Договорот за трансфер на затвореници меѓу Обединетото Кралство и Тајланд стапил на сила во февруари 1991 г. Во него се упатува на желбата на странките да ги унапредат напорите во спроведувањето на законот и делењето на правдата; да се соработува во извршувањето на казнените пресуди: и да се олесни успешната реинтеграција на сторителите на делата во општеството.
50. Членот 2 предвидува трансфер на осудени лица од земјата од која се префрлаат во земјата примател за да ги одлежат казните што им се изречени.
51. Членот 3 воспоставува опсег на примена на Договорот. Тој наметнува низа услови, вклучително дека делата за кои казната била изречена да бидат кривични дела во обете држави; сторителот да е државјанин на земјата примател; да отслужел одреден минимум рок; пресудата да е конечна и да нема постапки кои се во тек; и обете земји потписнички и затвореникот да се согласат со трансферот.
52. Членот 5 уредува дека земјата од каде се врши трансферот ќе ја задржи ексклузивната јурисдикција во однос на пресудите на своите судови, од нив изречените казни и во однос на секакви процедури за ревидирање, измена или укинување на тие пресуди и казни.
53. Членот 6(1) уредува дека продолженото одлежување на затворската казна после трансферот е под надлежност на законите и постапките на земјата примател, вклучително оние кои се надлежни за условите на лишувањето од слобода и оние што предвидуваат намалување на затворскиот рок со помилување, условен отпуст, ослободување или нешто слично.
54. Членот 6(2) стипулира дека согласно членот 6(3), земјата примател е обврзана од законската природа и времетраењето на казната како што е утврдено од страна на земјата од која се врши трансферот.
55. Членот 6(3) уредува дека никаква казна за лишување од слобода не може да се спроведе од страна на земјата примател на начин со кој ќе се продолжи периодот утврден со казната од страна на судот во земјата од која се врши трансферот. Тој стипулира дека извршувањето „колку што е можно“ ќе кореспондира на казната изречена од земјата од која се врши трансферот.
56. Членот 6(6) бара земјата примател да ја информира земјата од која се врши трансферот за секое одобрение на условен отпуст, за целосното одлежување на казната или за бегство.
4. Постапката за трансфер
57. Членот 1(1) од Законот за репатриација на затвореници од 1984 г. уредува дека согласно другите одредби од член 1 државниот секретар мора да издаде налог во кој се предвидува трансфер на затвореник во Обединетото Кралство при што, согласно договорот за трансфер на затвореници, засегнатите држави и затвореникот (ако е потребно) даваат согласност да трансферот.
58. Членот 1(2) му брани на државниот секретар да издаде налог кога тој смета дека е несоодветно да се организира трансферот.
59. Членот 1(4) уредува државниот секретар да не издава налог освен ако не е задоволен со тоа дека сите разумни чекори биле преземени за да се информира затвореникот на писмено на неговиот јазик:
„(а) за суштината, во делот што е релевантен за случајот на затвореникот, на меѓународните договори со кои се предлага негов трансфер.
(б) за последиците во однос на затвореникот од налогот што се предлага да биде издаден за него согласно овој акт.
(в) ..., за последиците во однос на затвореникот во врска со правото поврзано со неговата казна затвор согласно тој налог (вклучително и последиците од некаков закон или инструмент согласно кој тој би можел да биде ослободен порано од она што е предвидено во условите на налогот),
...
(г) за овластувањата на релевантниот министер согласно член 6 од овој акт [повлекување на налози];“
60. Согласно член 3(1) од Законот од 1984 г., последиците од налогот е да се одобри затвореник да се донесе во Обединетото Кралство и тој да го одлежи затворскиот рок во согласност со одредбите кои одговараат за примената на меѓународните договори согласно кои затвореникот бил префрлен.
61. Членот 3(3) уредува во утврдувањето кои одредби се соодветни, државниот секретар, до онаа мерка која му се чини дека е доследна на договорот за трансфер на затвореникот, да ја има на ум несоодветноста на одредбите содржани во налогот кои, меѓу другото:
(а) се еднакви на повеќе од максималните казни (доколку има такви) коишто можат да се изречат од страна на Обединетото Кралство каде затвореникот ќе треба да биде затворен за лице кое сторило дело кое одговара на тоа за кое затвореникот треба да биде затворен во земјата ... од која треба да се префрли; ...“
62. Членот 6 од Законот од 1984 г. го овластува државниот секретар да го отповика налогот и да издаде нов доколку во даден момент му се чини дека тоа е потребно за да се спроведе релевантниот договор за трансфер на затвореници или во случај да потпаѓа под членот 1(2) (види параграф 58 горе).
63. Согласно членот 273 од Законот за кривична правда од 2003 г. („Законот од 2003 г.“), со кој кога затвореник со доживотна казна затвор се префрла во Обединетото Кралство согласно налог издаден врз основа на Законот од 1984 г., државниот секретар мора да го упати неговиот случај до Високиот суд за тој да го утврди минималниот рок што треба да биде одлежан пред да има право да биде условно ослободен.
ЖАЛБИ
64. Обајцата жалители се жалеа во однос на членот 3 од Конвенцијата дека нивните казни биле значително несразмерни на стореното дело.
65. Обајцата жалители исто така се жалеа во однос на член 5 § 1 од Конвенцијата дека нивното продолжено одлежување на затворската казна во Обединето Кралство било произволно, бидејќи со тоа што се изјасниле за виновни тие всушност требале да одлежат подолга казна затвор отколку ако се изјасниле дека не се виновни.
66. Конечно првиот жалител тврдел дека како резултат на „непобитната пресумпција“ која се применувала со тајландскиот закон во овој случај, неговото судење било неправично, а продолженото одлежување на затворската казна со тоа било произволно и незаконско согласно членот 5 § 1.
ПРАВОТО
А. Спојување на случаите
67. Со оглед на нивната слична фактичка и правна позадина, Судот одлучи двете жалби да бидат споени согласно правилото 42 § 1 од Деловникот на Судот.
Б. Придржување на вториот жалител на членот 35 § 1
68. Судот забележува на самиот почеток дека вториот жалител бил префрлен во Обединетото Кралство на 11 ноември 2009 г. Тој не го оспорил налогот издаден од државниот секретар со кој било одобрено тој да продолжи да ја одлежува казната затвор во Обединетото Кралство. Наместо тоа тој барал судско ревидирање на подоцнежната одлука на државниот секретар од 27 април 2010 г. со која му било одбиено барањето за условно помилување. Тој поднел жалба до овој Суд во рок од шест месеци од одбивањето од 2 март 2012 г. на неговото барање за потврда на точка од закон од општа важност. Судот забележува дека се јавува проблем во случајот на вториот жалител во однос на тоа дали тој се придржувал на условите од членот 35 § 1 од Конвенцијата кој уредува:
„Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, врз основа на општо прифатените принципи од меѓународното право и во рок од 6 месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука.“
69. Меѓутоа не е неопходно за Судот да одлучува по ова прашање затоа што неговата желба во секој случај не е допуштена заради причините што се наведени долу.
В. Жалбите согласно членот 3 од Конвенцијата
70. Жалителите тврдеа дека нивните казни биле во голема мерка несразмерни и дека понатамошното извршување на казните од страна на Обединетото Кралство значело повреда на нивните права согласно член 3 од Конвенцијата кој уредува:
„Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.“
71. Жалителите тврдеа дека одлуката на Апелациониот суд дека само одлуката да се прифати трансфер можела да се разгледува согласно членот 3 била погрешна, и дека понатамошното спроведување можело подеднакво да предизвика повреда на тој член. Тие сметаа дека значително несразмерната казна можела да достигне повреда на членот 3, повикувајќи се на случајот Харкинс и Едвардс против Обединетото Кралство (Harkins and Edwards v. the United Kingdom, nos. 9146/07 and 32650/07, § 133, 17 January 2012). Немало дискреционо право во членот 3 и соодветно на тоа било соодветно утврдено дека споредните цели, иако легитимни па дури и достојни за пофалба, не влијаеле на апсолутната природа на членот 3. Фактот дека казната била изречена во Тајланд не бил релевантен за проценката дали имало повреда: откако за казната ќе се одлучело дека била во голема мерка несразмерна таа не можела да се сочува со разликата во друг контекст на изрекување казни. Таа се применувала во апсолутна смисла во контекст на префрлените затвореници.
72. Што се однесува до несразмерната природа на казните изречени во нивните случаи, тие посочија дека нивните казни биле четири до пет пати подолги од казните за кои имало веројатност дека би ги добиле доколку биле осудени за истите дела во Обединетото Кралство. Тие тврдеа дека нивното продолжување на одлежувањето на затворската казна повеќе не и служело служело на легитимна пенолошка цел, со оглед на времето што веќе го поминале во затвор.
73. Судот потсетува на самиот почеток дека малтретирањето мора да го лиши минимумот ниво на безбедност за да е опфатено со опсегот на членот 3. Проценката на овој минимум зависи од сите околности на случајот, како што се времетраењето на постапувањето, неговите физички или ментални последици и, во некои случаи, полот, возраста и здравствената состојба на жртвата (види, Léger v. France, no. 19324/02, § 89, 11 April 2006; and Kafkaris v. Cyprus [GC], no. 21906/04, § 95, ECHR 2008). Судот постојано нагласува дека страдањето и понижувањето во прашање мораат да го надминат неизбежниот елемент на страдање или понижување поврзано со дадена форма на законско постапување или казнување. Оттука кога едно лице е лишено од својата слобода државата мора да обезбеди тоа лице да е притворено во услови кои се компатибилни во однос на неговото човечко достоинство и начинот и методот на извршувањето на мерката да не го изложува на болка или маки што го надминуваат неизбежното ниво на страдање што произлегува од затворот (види Kafkaris, cited above, § 96; and Kudła v. Poland [GC], no. 30210/96, §§ 92 and 94, ECHR 2000‑XI).
74. Иако во принцип прашањата за соодветното изрекување на казни потпаѓа надвор од опсегот на Конвенцијата, Судот прифаќа дека во голема мерка несразмерната казна може да достигне малтретирање спротивно на членот 3 во моментот на нејзиното изрекување. Меѓутоа, големата несразмерност е строг тест и само во ретки и единствени прилики тестот ќе биде позитивен (види Харкинс и Едвардс, цитиран горе, § 133). Во случајот на Харкинс и Едвардс, кој вклучувал жалба на жалителите дека би биле изречени многу несразмерни казни од државата која барала нивна екстрадиција, Судот објаснил дека во случај на враќање ќе дошло до повреда доколку жалителот можел да докаже дека тој бил соочен со ризик да добие многу несразмерна казна во земјата примател. Меѓутоа, тој нагласил дека Конвенцијата не претставувала средство за да се бара од земјите потписнички да ги наметнуваат стандардите од Конвенцијата на други држави. Мора да се обрне соодветно внимание на фактот дека праксата во изрекувањето на казни во голема мерка варирала од една до друга држава и дека честопати имало легитимни и разумни разлики меѓу земјите што се однесува со должината на казните што биле изречени дури и за слични дела. Соодветно на тоа само во „крајни исклучоци“ жалителот ќе можел да покаже дека казната со која би бил соочен во земја која не е членка на Конвенцијата би била во голема мерка несразмерна и со тоа спротивна на членот 3 (во § 134 од пресудата на Судот).
75. Судот нагласува дека различни прашања произлегуваат од случаите во кои од една земја потписничка се бара да одбие екстрадиција во јурисдикција каде може да биде изречена крајно несразмерна казна; и во случаи кога таа иста држава е соочена со барање од затвореник за трансфер за да ја одлежи казната што му е изречена од странски суд за која може да се смета дека е многу несразмерна доколку била оценета во контекст на претходното барање за екстрадиција. Во првиот случај, во рамките на надлежностите на државата е да се спречи непримерната казна да биде изречена. Во вториот случај, казната била изречена и можеби ќе мора да биде одлежена во сурови и понижувачки услови, што подложи на ограничени одредби за рано ослободување. Кога ќе се разгледа степенот на понижување или страдање својствени за оспорените постапки, неопходно е да се земе во предвид степенот на понижување или страдање својствен во алтернативната можност. Според гледиштето на Судот би било парадоксално и анатема по неговата обврска ако правата од Конвенцијата не ги толкува и применува на начин што ќе ги прави гаранциите практични и делотворни, а не теоретски и илузорни (види, меѓу многуте други извори, Airey v. Ireland, 9 October 1979, § 26, Series A no. 32; и Hirsi Jamaa and Others v. Italy [GC], no. 27765/09, § 175, ECHR 2012), доколку заштитата што ја нуди членот 3 функционира во насока да ги спречи затворениците да бидат префрлени за да ја отслужат својата казна во почовечни услови.
76. Од ставовите за постапката следи дека кога се испитувало дали казната значела повреда на членот 3 во контекст продолжување на спроведувањето на затворската казна согласно договорот за трансфер на затвореници, фокусот мора да биде дали страдањето и понижувањето го надминувале тој неизбежен елемент на страдање или понижување поврзани со извршувањето на затворската казна изречена од странски суд. Во проценувањето на степенот на страдање или понижување неопходно е да се остави простор за проверка на праксите со казните усвоени од државите и легитимните и разумните разлики меѓу државите што се однесува до соодветното времетраење на казните. Судот исто така мора да го земе во предвид фактот дека дошло до трансфер во рамките на меѓународната соработка во делењето на правда, што во принцип е во интерес на засегнатите лица (види Drozd and Janousek v. France and Spain, 26 June 1992, § 110, Series A no. 240; and Veermaë v. Finland (dec.) no. 38704/03, 15 March 2005). Конкретно договорите за трансфер на затвореници се генерално наменети да служат на цели што се за пофалба, а се насочени кон елиминирање на негативните последици од отслужување на казната во средина која е непозната од социјален, културен и лингвистички аспект и помагаат за идна реинтеграција во општеството (види ги на пример целите на Договорот за трансфер на затвореници, параграф 49 горе). Оттука, кога мерка за меѓународна соработка е насочена кон промовирање и заштита на основните права на оние што се предмет на кривични санкции во странство, користа која ја ужива жалителот како резултат на спроведувањето на таа мерка е важен фактор во корист на наодот дека начинот и методот на одлежување на казната не го ставаат жалителот во опасност или на маки кои го надминуваат неизбежното ниво на страдање својствено за затвор.
77. Во актуелниов случај, Судот нагласува, најпрво дека нема никаква сугестија дека казните што се изречени против жалителот го надминувале опсегот на казните кои генерално се изрекуваат за други осудени во Тајланд за слични дела. Казните изречени против жалителите исто така потпаѓаат во рамките на дозволените максимални казни кои важат за еквивалентни осудителни пресуди во Англија согласно Законите од 1971 и 1979 година (види параграфи 44 и 46 горе).
78. Судот исто така нагласува дека казните на жалителите биле изречени од тајландските судови за дела поврзани со дрога извршени во Тајланд. Во оваа смисла Судот упатува на огромните разлики во граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните услови во различни земји низ светот. Како последица на овие битни разлики, државите ги изградиле сопствените системи на кривичната правда врз основа на принципите и пристапите кои честопати се подеднакво разновидни. Во принцип суверените држави одлучуваат кој е најдобриот начин да се справат со проблеми кои се јавуваат на нивните територии, под услов секако реакцијата да биде во опсегот на пристапите кои се сметаат за прифатливи за една демократска држава. Решенијата кои се применувале во една држава може да не одговараат на друга, и следи дека една казна не може да се смета за битно несразмерна само затоа што е построга отколку казна што би била изречена во друга држава. Не се оспорува дека Тајланд е соочен со сериозни проблеми со дрога и дека од овие причини делата поврзани со дрога строго се казнуваат. Судот се согласува со судијата од Апелациониот суд дека тајландската влада и законодавецот имале право да заземат став дека построги казни од оние што се применуваат во Обединетото Кралство биле легитимни и неопходни (види параграф 27 горе).
79. Дополнително е релевантно дека оспорените казни се извршуваат од страна на Обединетото Кралство согласно барањата на жалителите за нивен трансфер. Јасно е дека обајцата жалители изречно се согласиле со трансферот, откако добиле совет за последиците од постапката во смисла на времетраењето на казните коишто ќе треба да ги одлежат и нивната неможност да ги оспорат пресудите или казните што им биле изречени. Судот забележува дека, доколку барањата за трансфер биле одбиени од страна на Обединетото Кралство, обајцата жалители ќе останеле во тајландските затвори каде условите во затвор има голема веројатност дека би биле многу полоши од оние со кои сега се наоѓаат и сами по себе можеле да претставуваат повреда на членот 3. Ќе имале право на предвремено ослободување само откако ќе одлежеле две третини од своите казни, наместо половината која се применува согласно англиското право. Нивните трансфери јасно биле насочени кон промовирање и заштита на нивните основни права во најголема можна мерка во конкретниот контекст и ја постигнале таа цел.
80. Земајќи ги во предвид сите околности, не беше докажано на ниво што ќе беше задоволително за Судот дека секое страдање и понижување во извршувањето на казните на жалителите додека не добијат право за нивно предвремено ослободување согласно англиското право го надминало неизбежниот елемент на страдање или понижување поврзано со казните изречени од страна на тајландските судови и, особено, дека начинот и методот на извршување на мерката ги ставало во опасност или на маки кои го надминувале неизбежното ниво на страдање својствено за затвор. Соодветни на тоа жалбите на жалителот согласно членот 3 од Конвенцијата се евидентно погрешно засновани и мора да бидат одбиени согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4.
Г. Жалбите согласно членот 5 § 1 од Конвенцијата
81. Жалителите се жалеа дека нивното продолжување на одлежувањето на затворската казната било произволно со оглед дека ако не се изјасниле за виновни ќе добиеле помала казна затвор. Тие се повикаа на членот 5 § 1 од Конвенцијата којшто уредува:
„1. Секој човек има право на слобода и безбедност. Никој не смее да биде лишен од слобода, освен во следниве случаи и во согласност со постапка уредена со закон:
(а) ако одлежува казна затвор по пресуда на надлежниот суд; ...“
82. Првиот жалител исто така тврдеше дека „непобитната пресумпција“ била применета во неговиот случај со што неговото судење било флагрантно неправично, така што продолжувањето на одлежувањето на затворската казна во Обединетото Кралство било произволно.
1. Општи размислувања
83. Од изнесените детали за природата на жалбите на жалителите може да се види дека тие не ја оспоруваат усогласеноста на нивното продолжување за одлежување на затворската казна со домашното право, ниту дека го оспоруваат постоењето на причинско-последична врска меѓу нивните осудителни пресуди и лишувањето од слобода што овде е во прашање. Нивните жалби наместо тоа се фокусираат на наводната произволност во нивното продолжување на одлежувањето на казната.
84. Судот затоа ќе истражи дали лишувањето од слобода во нивниот случај било произволно, во рамките на значењето на членот 5 § 1 од Конвенцијата. Претходно е посочено дека произволноста може да се јави кога има елемент на недоверба или измама од страна на властите; кога налогот за лишување од слобода и одлежување на казната затвор вистински не се потврдени заради ограничувањата што се дозволени од страна на релевантната точка од членот 5 § 1; кога немало поврзаност меѓу основата за дозволеното лишување од слобода на кое се потпира и местото и условите на лишувањето од слобода; и кога немало никаков однос на сразмерност меѓу основот за лишување од слобода на кој се потпира и лишувањето од слобода во прашање (види Krajišnik v. the United Kingdom (dec.), no. 6017/77, § 53, 23 October 2012. Види исто така Saadi v. the United Kingdom [GC], no. 13229/03, § 69, ECHR 2008; и James, Wells and Lee v. the United Kingdom, nos. 25119/09, 57715/09 and 57877/09, §§ 192-195, 18 September 2012 (сè уште не е извршна) и упатувањата таму). Жалителите не тврдеа дека некој од овие елемент постојат во нивниот случај, а Судот не смета дека се присутни.
85. Затоа останува да се испита дали има некакви индикации на произволност во случаите на жалителите кои се јавуваат како резултат на последиците од нивните изјаснувања за виновни или, во случајот на првиот жалител, функционирањето на „непобитната пресумпција“ како што се применувала во Тајланд. Во оценувањето на прашањето на произволност Судот повторува дека Конвенцијата не може да се толкува во вакуум туку колку што е можно да се толкува усогласено со другите правила на меѓународното право чиј составен дел е (види Al‑Adsani v. the United Kingdom [GC], no. 35763/97, § 55, ECHR 2001‑XI; Csoszánszki v. Sweden (dec.), no. 22318/02, 27 June 2006; и Rantsev v. Cyprus and Russia, no. 25965/04, § 274, ECHR 2010 (извадоци)). Затоа во актуелниот случај мора да се земе во предвид општиот контекст на трансферите на затвореници и посебните услови на Договорот за трансфер на затвореници кои важат во актуелниот случај.
2. Последиците од признанието на вина
86. Жалителите тврдеа дека нивните признанија на вина морале да резултираат со значително намалување на казната. Но, иако во Тајланд нивните казни биле скратени од доживотна казна затвор на казна затвор на одредено време, последиците од ова намалување биле спротивни со нивниот трансфер во Обединетото Кралство. Ова било така бидејќи ако се изјасниле дека не се виновни и биле осудени на доживотна казна затвор нивниот случај ќе бил во надлежност на Високиот суд за да го утврди соодветниот минимум рок што би требале да го одлежат пред да се разгледа можноста за нивно условно ослободување (види параграф 63 горе). Во спроведувањето на оваа активност тој би ги зел во предвид локалните насоки за изрекување на казни, а казнените рокови што важеле за секој од нивните случаи ќе биле драматично пониски отколку казните утврдени од тајландските судови. Во такви услови доколку не се изјасниле за виновни, сега ќе имале можност веднаш да бидат ослободени.
87. Судот забележува дека во случајот на првиот жалител, доживотната казна не била единствената казна достапна на тајландските судови доколку бил осуден после изјаснувањето дека не е виновен. Тој бил осуден за поседување на 24 грама хероин со намера за продажба; двете можни пресуди за такво дело биле доживотна казна затвор или смртна казна (види параграф 39 горе). Со оглед што со неговото изјаснување за вина казната му била намалена од смртна казна на казна затвор на одредено време тој се здобил со значителна корист.
88. Судот понатаму забележува дека кралските амнестии се вообичаени во Тајланд и дека тие можат да ја намалат доживотната казна затвор на казна затвор на определено време (види параграф 19 горе). Треба да се забележи дека обајцата жалители веќе имале корист од намалувањето на казната како резултат на кралската амнестија (види параграфи 7 и 30 горе). Затоа не е утврдено дека доколку жалителите се изјасниле дека не се виновни тие и понатаму ќе одлежувале доживотна казна затвор во моментот на нивниот трансфер, така што одредувањето на минимумот рок од Високиот суд би било неопходно.
89. Понатаму, Апелациониот суд забележал во случајот на првиот жалител, дека доколку бил осуден на доживотна казна затвор ќе требал да одлежи минимум рок од осум години во Тајланд пред да има право на трансфер, наместо четирите што всушност ги одлежал (види параграфи 17 и 19 горе). Иако не била обезбедена таква информација за вториот жалител, веројатно е дека слични ограничувања ќе се применеле и за него. Доколку биле изречени доживотни казни затвор, жалителите тогаш би биле лишени од можноста за трансфер за дополнителни четири години, време што ќе било потрошено во затвор во посурови услови кои доминираат во тајландските затвори.
90. Судот исто така се согласува со забелешките на Апелациониот суд дека не е во ред да се споредува предвидениот рок на доживотната казна затвор со казнениот рок на определено време (види параграф 17 горе). Особено, доживотната казна затвор предвидува обврски и ограничувања кои одат подалеку од чистиот период поминат во затвор, како во форма на условите за условен отпуст така и ризикот да биде вратен во затвор во случај на повреда на тие услови. Овие ограничувања во принцип ја прават доживотната казна затвор построга казна.
91. Судот прифаќа дека можеби постои разлика во исходот по затворениците кои биле префрлени од државата во која биле осудени да ги лежат своите казни на друго место. Претходно било одлучено дека лишувањето од слобода не било произволно при што како резултат на интеракцијата на законот за изрекување казни на земјата од која се врши трансферот и правилата за предвремено ослободување во земјата примател, трансферот на затвореник резултирал со служење на подолг de facto затворски рок (види Veermaë, цитиран горе; Csoszánszki v. Sweden (dec.), no. 22318/02, 27 June 2006; Ciok v. Poland (dec.), no. 498/10, § 26, 23 October 2012; и Giza v. Poland (dec.), no 1997/11, § 23, 23 October 2012). Во актуелниот случај се чини веројатно дека доколку доживотната казна затвор била изречена против жалителите во Тајланд и доколку не била претворена во казни на определено време со кралска амнестија пред нивните трансфери жалителите ќе искористеле значително намален период на затвор после трансферот во Обединетото Кралство, бидејќи Високиот суд би определил релативно краток минимален рок (види параграф 17 горе). Меѓутоа, разликата во исходот не произлегува од произволната примена на различни правила за различни затвореници. Јасни правила, коишто се утврдени во важечкиот Договор за трансфер на затвореници и во Законите од 1984 и 2003 година, се применувале во случаите на трансфер на затвореници и истите биле применети и во случаите на жалителите. Многу различни исходи можат да се случат како резултат на интеракција меѓу правото на земјата од каде се врши трансферот и праксата на земјата примател на трансферот. Таквите разлики се својствени за секој договор за трансфер на затвореници кои во основа се базираат на принципот дека казната изречена од страна на државата од која се врши трансферот би била спроведена од земјата примател. Судот потврдува дека жалителите се согласиле да бидат префрлени знаејќи што ги очекувало во смисла на времето што ќе требале да го одлежат во затвор, несомнено за да искористат многу од бенефициите кои оделе напоредно со извршувањето на нивните казни во Обединетото Кралство, вклучително и понаклонети правила за предвремено ослободување и подобри услови во затворот.
92. Во овие околности продолжувањето на одлежувањето на затворската казна од страна на жалителите во Обединетото Кралство не може да се каже дека е произволно во рамките на значењето на Членот 5 § 1 (а) како резултат на последиците од нивните признанија на вината. Нивните жалби се евидентно погрешно засновани и затоа се недопуштени согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
3. „Непобитна пресумпција“
93. Иако првиот жалител се изјаснил за виновен, тој тврдел дека и покрај количеството во прашање дрогата била наменета за негова лична употреба. Како резултат на „непобитната пресумпција“ утврдена со тајландското право тој не можел да го оспори обвинението дека била наменета за дистрибуција.
Како последица тој тврдел дека неговото судење било флагрантно неправично и дека неговиот последователен притвор бил произволен во рамките на значењето на членот 5 § 1(а) од Конвенцијата.
94. Со оглед дека Конвенцијата не бара од земјите потписнички да ги наметнат своите стандарди врз трети земји, условот од членот 5 § 1 (а) дека ако едно лице законски се затвори после „осудителна пресуда на надлежен суд“ не значи дека Судот треба да ги подложи постапките од трети земји кои довеле до таа пресуда на сеопфатна проверка и да потврди дали целосно биле ускладени со условите од член 6 од Конвенцијата (види Stoichkov v. Bulgaria, no. 9808/02, § 51, 24 March 2005; и Дрозд и Јанушек, цитиран горе, § 110). За да се бара такво разгледување на начинот на кој суд кој не е обврзан од Конвенцијата ги применил принципите што се вградени во членот 6 ќе значи попречување на актуелниот тренд во насока на зајакнување на меѓународната соработка во областа на правосудството, што Судот веќе повтори дека е генерално во интерес на засегнатите лица (види Дрозд и Јанушек, цитиран горе, § 110).
95. Но, Судот исто така одлучил дека доколку пресудата е резултат на постапките коишто претставувале „флагрантно прекршување на правдата“ односно биле „евидентно спротивни на одредбите од членот 6 или принципите што се вградени таму“, лишувањето од слобода што следи нема да е оправдано согласно членот 5 § 1 (a) (види Stoichkov, cited above, § 51; и Othman (Abu Qatada) v. the United Kingdom, no. 8139/09, § 259, 17 January 2012). Судот посочи дека „флагрантното негирање на правдата“ е строг тест за неправичност. Тоа ги надминува нерегуларностите или отсуството на заштита во судските постапки што ќе можат да резултираат со повреда на членот 6 доколку се случуваат во рамките на самата држава потписничка. Она што е потребно е повреда на принципите на правично судење гарантирани со членот 6 којшто е толку битен што достигнува ниво на поништување или уништување на самата суштина на правото гарантирано со тој член (види Отман (Абу Катада), цитиран горе, § 260). Иако сè уште не се бара да се дефинира терминот со попрецизни термини, Судот сепак посочил дека одредени форми на неправичност можат да достигнат флагрантна повреда на правдата. Тие вклучуваат: осудување во отсуство без можност за последователно да се добие ново утврдување на основаноста на обвинението; судење кое е резиме по својата природа и спроведено со целосно непочитување на правата на одбраната; притвор без никаков пристап до независен и непристрасен суд за да се постигне законитоста на ревидираното лишување од слобода; и намерното и систематско одбивање на пристап до адвокат, особено за лице затворено во странска земја; и прифаќање на доказите стекнати со мачење (види Отман (Абу Катада), цитиран горе, § 259 и упатувањата во таа смисла; и § 267). Од горенаведените примери и од природата на самиот тест следи дека примерите кога имало флагрантна повреда на правдата ќе бидат очигледни и познати на дипломатските претставници на земјата примател пред да дојде до трансферот.
96. Прашањето во актуелниот случај е дали „непобитната пресумпција“ во тајландското право довела до повреда на членот 6 која била толку суштинска што достигнала поништување или уништување на самата суштина на правото на жалителот на правично судење. Во оваа насока, Судот забележува дека фактичките или правните пресумпции функционираат во секој правен систем и дека Конвенцијата не забранува такви пресумпции во принцип. Меѓутоа членот 6 § 2 не ги цени фактичките или правните пресумпции предвидени во кривичното право со индиферентност. Тој бара државата да ги ограничи во разумни граници кои ја земаат во предвид важноста на она што е во опасност и да се сочуваат правата на одбраната (Salabiaku v. France, 7 October 1988, § 28, Series A no. 141‑A).
97. Функционирањето на членот 15(3) од тајландскиот закон во прашање (види параграф 40 горе), одредба која ја поткрепува дефиницијата на одредено дело за кое осомничениот сторител на делото може да биде обвинет, суден и казнет, го попречил првиот жалител во аргументирањето дека количеството на дрога што го поседувал било само за лична употреба. Судот понатаму го забележува наодот на судијата во Високиот суд дека имало случај што можел разумно да се аргументира со доказите дека дрогата била за негова сопствена употреба на првиот жалител (види параграф 13 горе). Не може да се исклучи дека може да постојат околности во кои одредба за природата на членот 15(3) од тајландскиот закон би можела да го покрене прашањето согласно членот 6 § 2. Меѓутоа, како што објаснил тајландскиот Уставен суд во својата пресуда од 2001 г. целта на тајландскиот закон била да се казнат построго оние што поседувале повеќе од одредено количество на наркотици и планираната последица од примената на членот 15(3) од Законот била да се зголеми казната што можела да се изрече против обвинет кој поседувал толкаво количество на наркотици. Делото во основа произлегло од поседувањето на наркотици, а ова сепак морало да биде докажано од страна на обвинителството (види параграфи 41-42 горе). Во актуелниов случај првиот жалител имал корист од бројот на процедуралните гаранции во тајландските постапки. Нему му било судено јавно пред двајца независни судии; тој бил присутен во текот на целата постапка и бил законски претставуван; тој бил ослободен од некои од обвиненијата во согласност со пресумпцијата на невиност и покрај фактот дека поседувањето на хероин и екстази не било оспорено, докази биле изнесени со намера да покажат дека дрогата била најдена кај него; и тој бил осуден во согласност со важечкиот закон и добил значително намалување заради неговото признание на вината (види параграфи 13 и 16 горе). Во секој случај, материјален фактор е, кога се проценува влијанието на „непобитната пресумпција“ врз севкупната правичност на судењето, дека првиот жалител не ги известил британските власти, ниту за време на неговото судење ниту кога го поднел барањето за трансфер за флагрантната повреда на правдата во неговиот случај.
98. Судот заклучува дека иако правата на одбрана на жалителот биле ограничени од делувањето на „непобитната пресумпција“ во неговиот случај, не може да се каже дека самата суштина на неговото право на правично судење било уништено. Земајќи ги во предвид сите околности на случајот, Судот смета дека жалителот не успеал да покаже дека имало флагрантна повреда на правдата во неговиот случај. Продолжувањето на одлежувањето на казната од страна на жалителот не покажува никаква повреда на членот 5 § 1 (а). Соодветно на тоа неговата жалба е евидентно погрешно заснована и затоа е недопуштена согласно членот 35 §§ 3 (а) и 4 од Конвенцијата.
Од овие причини, Судот едногласно
Одлучи да ги спои жалбите;
Ги прогласува жалбите за недопуштени.
Фатош АрачиИнета Зиемеле
Секретар Претседател
© Совет на Европа/Европски суд за човекови права, 2013.
Службени јазици на Европскиот суд за човекови права се англискиот и францускиот. Овој превод е направен со поддршка на Специјалниот фонд за човекови права на Советот на Европа (/humanrightstrustfund). Тој не го обврзува Судот, ниту пак Судот презема некаква одговорност за квалитетот на истиот. Може да се преземе од HUDOC базата на судската пракса на Европскиот суд за човекови права () или од секоја друга база на податоци со која Судот го споделил. Може да се прават копии за некомерцијални цели под услов да се цитира полниот наслов на случајот, заедно со горенаведениот знак за авторско право и упатувањето на Специјалниот фонд за човекови права. Доколку се планира некој дел од овој превод да се користи за комерцијални цели, ве молиме обратете се на publishing@ .
© Council of Europe/European Court of Human Rights, 2013.
The official languages of the European Court of Human Rights are English and French. This translation was commissioned with the support of the Human Rights Trust Fund of the Council of Europe (/humanrightstrustfund). It does not bind the Court, nor does the Court take any responsibility for the quality thereof. It may be downloaded from the HUDOC case-law database of the European Court of Human Rights () or from any other database with which the Court has shared it. It may be reproduced for non-commercial purposes on condition that the full title of the case is cited, together with the above copyright indication and reference to the Human Rights Trust Fund. If it is intended to use any part of this translation for commercial purposes, please contact publishing@ .
© Conseil de l’Europe/Cour européenne des droits de l’homme, 2013.
Les langues officielles de la Cour européenne des droits de l’homme sont le français et l’anglais. La présente traduction a été effectuée avec le soutien du Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme du Conseil de l’Europe (/humanrightstrustfund). Elle ne lie pas la Cour, et celle-ci décline toute responsabilité quant à sa qualité. Elle peut être téléchargée à partir de HUDOC, la base de jurisprudence de la Cour européenne des droits de l’homme (), ou de toute autre base de données à laquelle HUDOC l’a communiquée. Elle peut être reproduite à des fins non commerciales, sous réserve que le titre de l’affaire soit cité en entier et s’accompagne de l’indication de copyright ci-dessus ainsi que de la référence au Fonds fiduciaire pour les droits de l’homme. Toute personne souhaitant se servir de tout ou partie de la présente traduction à des fins commerciales est invitée à le signaler à l’adresse suivante : publishing@ .
Full & Egal Universal Law Academy